27. Март  (14. Март)

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ БЕНЕДИКТ

Благословен со името и благодатта Божја, свети Бенедикт уште од детството беше стар со умот, надминувајќи ја својата возраст со своето однесување како зрел човек. Во цветот на својата младост, кога можеше да се насладува на овој живот, тој ја отфрлаше секоја телесна желба. Се роди во Нурсиската област во Италија, во 480 година од богати и знаменити родители. Тие го дадоа на школување во Рим, за да ја изучи световната философија. Гледајќи како многу ученици водат расипнички живот и живеат развратно, тој не се задржа долго во училиштето. Околу 496 година, презирајќи ја световната философија, неучениот мудрец го напушти училиштето за да ја сочува внатрешната целомудреност. Тој го остави и огромното богатство на своите родители, кои веќе беа заминале од овој свет.

Чезнеејќи за монашки живот, со него појде една чесна старица, неговата поранешна дадилка, зашто многу го сакаше. Кога стигна во местото наречено Афила, во близина на гората Симбрунил, со љубов го задржаа едни негови познаници, и тој остана да живее при црквата на свети Петар. Побожните луѓе многу го почитуваа. Во една прилика неговата дадилка зеде од комшивката еден сад да се послужи на кратко и го стави на масата, па отиде некаде. Но садот некако падна и се скрши. Кога старицата се врати и виде дека садот е скршен, многу плачеше поради тоа што беше туѓ. Кога ја виде како плаче, блаженото момче ги зеде двата дела од скршениот сад, и насамо падна на земјата пред Бога, и по еден час, станувајќи од молитва го најде садот цел без никаква трага од кршењето. Го зеде и ѝ го однесе на својата дадилка.

За ова чудо слушнаа тамошните жители. Го зедоа тој сад и го обесија на ѕидот од црквата крај вратата, на видно место во слава Божја, и за пофалба на богоугодниот Бенедикт. Не можејќи да ја поднесе славата, тој тајно замина во пустината. Кога излезе од Рим, по Божја промисла, го сретна еден инок по име Роман, кој доаѓал од блискиот манастир, со кој управувал игуменот Теодот. Тие седнаа и започнаа душекорисен разговор. Блажениот Бенедикт му ја откри желбата на своето срце и Роман го замонаши во пустината. Во една провалија најдоа една тешко пристапна пештера, и тој се смести тука, а Роман му носеше храна од манастирот. Три години тој не кажа никому за Бенедикт, но крадеше од ручекот по малку леб и му го носеше во одредените денови. Бидејќи пристапот до пештерата беше тежок, Роман му го спушташе лебот со едно долго јаже, на кое приврзуваше едно ѕвоно за светителот да слушне кога му го спушта лебот. Но, ѓаволот сакаше да му попречи на братољубивото служење на Роман и со глад да го примора Бенедикт на малодушност. Еден ден, кога Роман по својот обичај го спушташе лебот од карпата, се скрши ѕвоното, но сепак, Роман не престана да му служи на својот брат сѐ додека беше Божјата волја. Недалеку од местото каде што се подвизуваше преподобен Бенедикт се подвизувала и неговата сестра Схоластика, која исто така се беше замонашила.

Откако изминаа три години, на еден свештеник кој беше подготвил најразлични јадења за Воскресение, му се јави Господ во видение и му рече:

- Ете, ти си подготвил многу јадења за себе, а мојот слуга Бенедикт гладува во онаа пештера од љубов кон Мене.

Презвитерот веднаш стана, зеде од храната и тргна да го бара Божјиот човек. По долго одење низ планиските долови и провалии го пронајде, го целиваше во Господа, па седнаа двајцата и со духовен разговор ги нахранија своите души. Потоа презвитерот го замоли светиот, велејќи:

- Оче, да каснеме малку зашто денес е Воскресение.

А Божјиот човек му рече:

- За мене денес е Воскресение затоа што се удостоив да те видам тебе.

Преподобниот не знаеше дека навистина е Воскресение, затоа што живееше далеку од светот и никој не знаеше за него освен инокот Роман. На тоа презвитерот рече:

- Оче, денес навистина е Воскресение Господово, и не треба да постиш. Мене Бог ме испрати кај тебе за обајцата да се наситиме со неговите дарови.

Потоа му заблагодарија на Бога, јадеа двајцата, и презвитерот си замина славејќи го Бога што се удостои да го види слугата Божји.

Потоа овчари го пронајдоа преподобниот и многумина дознаа за него и започнаа да доаѓаат и да му носат храна, а тој им возвраќаше хранејќи ги со духовна храна.

Еден ден, ѓаволот преобразен во црна птица, започна да лета околу неговата глава, и да сакаше, преподобниот можеше да ја фати птицата, но тој не му обраќаше внимание на тоа, туку се прекрсти и птицата исчезна.

Потоа, под дејство на ѓаволот, светиот беше нападнат од телесна желба како никогаш порано. Демонот на блудот наслика пред неговите духовни очи една жена, која светиот како млад ја имаше видено во светот, та распален со телесна страст за малку не падна во униние. Го поткрепи благодатта Божја, па здогледувајќи во близина трње и коприви, се соблече и започна да се тркала по нив, трпејќи страшни болки сѐ додека целото тело не му се обли со крв. Така се избави од нечистите помисли и демонот на блудот никогаш повеќе не се осмели да го вознемири. Тоа преподобниот им го раскажа подоцна на своите ученици заради нивна духовна корист.

Гласот за преподобен Бенедикт се пронесе на сите страни. Во тоа време умре игуменот на еден манастир од тој крај, па и против негова волја преподобниот беше поставен за игумен на неговото место.

Како игумен, тој добро управуваше со манастирот и цврсто го држеше уставот на подвижничкиот живот, не допуштајќи на никого да живее според својата волја. Оние што не се согласуваа со него се договорија да му стават смртоносен отров во виното, и за време на ручекот ја ставија чашата пред него. Светителот ја пружи раката, ја прекрсти чашата, и таа се распрсна како да беше удрена со камен. Човекот Божји сфати што се случува, ги повика браќата, и со насмевка им рече:

- Милостивиот Бог нека се смилува на вас, деца, за ова што ми го приредивте. Зарем не ви реков на почетокот дека моите обичаи нема да се согласуваат со вашите? Затоа побарајте си отец според вашите обичаи, а јас повеќе не можам да останам со вас.

Светителот повторно се врати во својата прва пештера, и живееше сам пред очите на севидливиот Бог. Но, Господ, Кој сѐ уредува премудро, и сакајќи и други да упати на покајание, направи така, та гласот за неговиот рамноангелски живот се пронесе насекаде и кај него започнаа да итаат луѓе од сите страни: едни, за да се удостојат на неговите молитви и благослов; други, за духовни поуки, трети, со желба да живеат покрај него. Тогаш многумина го оставија светот, си направија мали ќелии крај неговата пештера и живееја од трудот на рацете свои. За неколку години браќата толку се намножија, што не можеа да се сместат во таа пустинска долина. Затоа светителот ги раздели на дванаесет манастири, и на почетокот одреди во секој од манастирите да живеат по дванаесет монаси. За игумени ги постави најискусните свои ученици, а почетниците ги задржа кај себе за да ги упати во монашкиот живот.

Кај преподобниот доаѓаа и познати римски граѓани и му ги доверуваа своите синови за духовно да ги воспита, и да ги подготви за служење на Бога. Меѓу нив беше и Евтихиј, угледен човек од високо потекло; тој го доведе својот млад син Мавр кај светиот, и го посвети на Бога. Исто така и патрицијот Тертулиј го принесе на Бога својот син Плакида уште како мало дете, предавајќи го во рацете на преподобниот Бенедикт. Мавр му служеше на светиот и му помагаше во работата, а преподобниот се грижеше за малиот Плакида, хранејќи го повеќе со духовна отколку со телесна храна.

Во еден од манастирите на преподобниот имаше еден мрзелив брат. Тој многу сакаше да излегува од црквата за време на богослужбата. Кога дозна за тоа, преподобниот Бенедикт го повика кај себе, и откако долго го советуваше го отпушти. Но, тој ни тогаш не се поправи. Потоа во тој манастир дојде преподобниот отец, и додека стоеше во црквата за време на богослужбата погледна кон тој брат. Тогаш го виде ѓаволот покрај него во вид на црно момче, како го фатил за крајот од облеката и го влече надвор од црквата. Преподобниот им рече на оние што стоеја во негова близина:

- Гледате ли кој го влече оној брат надвор од црквата?

Тие му одговорија:

- Не, оче.

Тогаш тој се помоли на Бога да им ги отвори духовните очи, и наредниот ден некои од нив видоа како мал црнец го води надвор од црквата оној брат, и му рекоа на светиот што видоа. По отпустот, заради спасение на овој брат, светителот си дозволи малку суровост кон него, зашто го поучи добро не само со зборови туку и со стап, и така го тргна од него ѓаволот, кој како самиот да доби ќотек, повторно не се врати кај тој монах.

Еден манастир што се наоѓаше високо во планината немал вода во близина. Монасите морале да слегуваат во длабоките долови и со голема мака да изнесуваат вода во манастирот. Поради тоа, црноризците дојдоа кај преподобниот со молба да го премести манастирот на место кај што во близина има вода. Преподобниот им нареди малку да се стрпат. Преку ноќта со малиот Плакида отиде кај тој манастир, ги преклони колената, се помоли, и веднаш изби извор на вода кој ги задоволуваше сите потреби на манастирот, и како мал поток течеше низ долината.

Во друг манастир додека еден брат копаше со мотика во градината која се наоѓаше на брегот од реката, железото излезе од дршката и падна во водата. Братот долго се трудеше да го извади, но не можеше. Во тоа време дојде преподобниот и кога виде што се случува, ја фати дршката од мотиката, ја спушти во водата и железото само се крена од дното и се навлече на дрвото. Преподобниот му ја даде мотиката на братот, и му рече:

- Труди се, и не тагувај.

Еден ден светителот седеше во својата ќелија. Малиот Плакида зеде стомна и отиде да наполни вода. Додека полнеше падна во реката и водата го однесе. Преподобниот го виде тоа со своите душевни очи, го повика ученикот Мавр, и му рече:

- Трчај, трчај брзо, зашто Плакида падна во реката и водата веќе го однесе далеку!

Мавр отрча, и кога го здогледа Плакида започна да трча по водата како по суво, и го извади на брегот. Кога му раскажа на старецот што се случи, тој тоа го препишуваше на ревносното послушание на Мавр, а не на себе. А Плакида рече:

- Над својата глава јас ја здогледав твојата мантија и видов, како ти, оче, ме дофати за косата и ме извади на суво, а Мавр го видов на брегот.

Додека преподобниот беше прославуван од Бога со голема благодат на чудотворства и сите доаѓаа кај него, некој презвитер по име Флоренциј, поттикнат од ѓаволот, падна во завист и меѓу народот започна да го грди и осудува преподобниот, но не успеа да ја одврати љубовта од него, зашто никој не им веруваше на неговите зборови, ниту пак го слушаше. Тогаш, тој бедник намисли да го отруе светителот. Направи просфора со смртоносен отров и му ја испрати како подарок. Но, проѕорливиот маж, иако виде дека просфората е полна со отров, ја прими со благодарност. Во времето кога тој ручал еден гавран по свој обичај долетувал од блиската шума и од рацете на светиот добивал леб. И тој ден гавранот дојде, а преподобниот ја зеде отровната просфора од Флоренциј, ја стави пред гавранот, и му рече:

- Во името на Исус Христос, Синот Божји, земи го овој леб и однеси го во пусто место кај што нема да го најде никој.

Гавранот ја исполни наредбата на отецот, па повторно се врати и од раката на светителот ја доби својата вообичаена храна. Кога виде дека не му успеа тоа, Флоренциј реши со сатанско лукавство да ги убие душите на учениците на свети Бенедикт.

Знаејќи дека учениците секој ден работат во градината, Флоренциј најми седум убави девојки и ги испрати таму да играат и да пеат целосно разголени, за да ги поттикнат на грев. Преподобниот се загрижи за душите на своите ученици и одлучи со помладите од нив да замине оттаму.

Кога дозна за заминувањето на светителот, Флоренциј многу се израдува. Но, Господ Бог му испрати ненедејна смрт на лошиот презвитер. Додека седел на својот чардак и се веселел, се срушил чардакот и го затрупал злобникот. Не пострадал никој од неговото семејство, освен него.

Дознаа во манастирот за тоа и блажениот ученик Марв му порача на светителот да се врати, зашто злото заминало. Преподобниот многу плачеше поради смртта на Флоренциј, а многу му се налути на Марв зашто се радуваше на неговата смрт, и му наложи покајание за тоа. Тој не сакаше да се врати таму, туку се пресели на друго место. Иако го промени местото, не го промени врагот. ѓаволот и таму го напаѓаше многу.

Кога замина од своето првобитно место, блажениот дојде во Кампаниската област, во околината на градот Касин (околу 529 г.) и таму, на една висока планина најде идолски храм. Го сруши храмот, ги разби идолите, подигна црква во име на свети Јован Крстител, изгради манастир и собра многу браќа. Но, и во овие краишта имаше многу идолопоклоници, па тој, апостолски силен на збор и дело, ги обраќаше кон Христа. Не можејќи да го поднесат неговото присуство, демоните многу го напаѓаа, а благословениот Бенедикт ги истеруваше со својата молитва и крстниот знак.

Додека браќата го ѕидаа манастирот, светителот се молеше во својата ќелија и го виде ѓаволот како минува, па го праша:

- Каде одиш?

Одговори ѓаволот:

- Одам кај монасите кои што ѕидаат.

Светителот веднаш ги посоветува браќата добро да внимаваат на себе, зашто им доаѓа ѓаволот. Во тоа време, ненадејно падна еден ѕид и уби еден млад монах. Браќата плачејќи отидоа кај светителот, а тој им нареди да го донесат момчето, Тие не можеа да го донесат на раце, зашто му беа сокршени коските и затоа го ставија во една вреќа и така го однесоа. Светителот им нареди да го положат на рогозината на која обично тој се молел, и им нареди сите да излезат надвор. Тогаш, тој сесрдно се помоли на Бога и го воскресна мртвиот, како човек кој се разбудил од сон.

Во својата обител преподобниот напиша свои монашки правила, кои имаа големо значење за монаштвото на запад, го озакони и ова правилно предание: „Браќата кои по некоја работа одат на пат да не јадат и пијат додека не се вратат во манастирот“. Тоа правило строго се почитувало. Но, се случи еднаш некои од браќата испратени по работа цел ден да пешачат, па изгладнети свратија во куќата на една добродетелна жена и тука јадеа и пиеја. Се вратија доцна и отидоа кај отецот за благослов. А тој ги праша;

- Каде јадевте?

Тие одговорија:

- Никаде не сме јаделе, оче.

Светителот им рече:

- Зошто лажете? Зарем не јадевте кај онаа побожна девица? Зарем не јадевте тоа и тоа? Не испивте ли толку и толку чаши?

Кога го слушнаа тоа, тие се запрепастија од проѕорливоста на отецот и молеа за прошка.

Преподобниот изобличи еден брат кој тајно јадел. Воопшто, неговите проѕорливи очи гледаа многу други дела што кришум се вршат, па секој се плашеше да прави или да зборува нешто лошо, зашто знаеја дека насекаде со нив е духот на нивниот отец, и тој ги изобличува оние кои грешат.

Готскиот цар Тотел кој тогаш се наоѓал во Кампаниската област, слушнал за проѕорливоста на преподобниот Бенедикт и сакаше да го посети. Но, не отиде веднаш, туку испрати еден свој достоинственик по име Рига облечен во царска облека, за да се увери во проѕорливоста на преподобниот. И, кога пристигна Рига облечен во царска облека, придружуван од многу велможи и војници, светителот од далеку му довикна:

- Чедо, симни ја од тебе таа царска облека, зашто не е твоја туку на оној што те испрати кај мене.

Рига се исплаши од неговите зборови, му се поклони на светителот и веднаш се врати назад. Тогаш царот Тотел отиде и му се поклони на проѕорливиот старец, а светителот го изобличи и го искара поради насилството и многуте негови зли дела и му го изрече следното пророштво:

- Со допуштање Божјо ќе го заземеш Рим, ќе го преминеш морето, но во десеттата година од своето царување ќе умреш.

Ова пророштво на преподобниот во свое време се исполни.

Покрај пророчкиот дар, нашиот преподобен отец Бенедикт имаше од Бога сила против демоните. Епископот Констанциј имаше еден клирик кого го мачеше ѓаволот. Тој го праќаше по разни места кај гробовите на мачениците, но како недостоен светите маченици не сакаа да го исцелат. Кога го доведоа кај човекот Божји, Бенедикт, по неговите молитви тој веднаш доби исцеление. На тој клирик, светиот му даде ваква заповед:

- Немој да јадеш месо, ниту пак да се осмелиш да примиш свештенички чин.

Исцелениот клирик долго ги држеше овие две заповеди, но по многу години, гледајќи дека на местата на некои починати свештеници доаѓаат луѓе пониски од него, го прими свештеничкиот чин. Тогаш, со допуштање Божјо го нападна ѓаволот, и откако немилосрдно го измачи, го уби.

Еден високороден човек Теопров, угледен граѓанин на градот Касин, кој со богомудрите поуки на преподобен Бенедикт од идолопоклонството беше обратен кон Бога, поради својот доблесен живот уживаше голема љубов кај својот духовен отец и учител. Еднаш, кога тој влезе во неговата ќелија, го затекна како плаче и лелека. Долго стоеше збунет, зашто го беше затекнал во молитвено време. Преподобниот имал обичај да плаче за време на молитвата, но во оваа прилика бил тажен, кукал и липал. Уплашен, Теопров најпосле го праша зошто плаче. Светителот, едвај воздржувајќи ги солзите, му рече:

- Го гледаш ли манастирот што со Божја помош го изградив? Ете, сето тоа, според судот на семоќниот Бог ќе им биде предадено на незнабошците да го разрушат и опљачкаат. Јас едвај го измолив Бога да ми ги даде душите на браќата што живеат во манастирот.

Ова пророштво на преподобниот се исполни по неговото претставување. Една ноќ, додека браќата одмораа, лонгобардите го нападнаа манастирот, но, не успеаја да фатат ниту еден од браќата. По молитвите на преподобниот Бенедикт сите побегнаа и се спасија од варварските раце. Тогаш лонгобардите го опљачкаа и го срушија манастирот.

Еден побожен човек му испрати на преподобниот две стомни со вино. Слугата ја сокри едната стомна некаде по патот, а другата му ја однесе на отецот. Отпуштајќи го слугата, проѕорливиот старец му рече:

- Внимавај, синко, немој да пиеш од стомната што ја сокри туку истури ја, и ќе видиш што има во неа.

Посрамен од овој укор, слугата се поклони пред светиот и си замина. Кога стигна до сокриената стомна, тој, за да ги провери зборовите на старецот, го истури виното и тогаш заедно со него испадна една змија. Многу исплашен, слугата се каеше поради гревот што го стори.

Недалеку од обителта на преподобниот имаше едно село, кое што порано им служеше на демоните со своето идолопоклоничко безбожие. Но, со доаѓањето на свети Бенедикт во тој крај, и со неговата грижа и залагање, целото село се обрати кон Христа Бога. Во тоа село имаше и манастир на чисти девици, монахињи. Преподобниот имаше обичај ним да им испраќа искусни браќа за да ги поучуваат во словото Божјо. Во една прилика, еден од браќата кој беше испратен кај монахињите поради тоа, откако заврши со поуката и сакаше да си замине, монахињите го замолија да ги прими убрусите. Тој ги зеде и ги стави во пазувите. Кога дојде кај преподобниот, тој луто го погледна и гневно го праша:

- Брате, зошто дозволи беззаконието да влезе во твоите пазуви?

Монахот се преплаши, и од страв заборави на убрусите во своите пазуви, па не сфати за што го прашува отецот. Светителот му повтори:

- Зарем не бев таму, покрај тебе, кога ти од сестрите ги прими убрусите и ги стави во пазувите?

Кога го слушна тоа, братот падна пред нозете на светителот и го молеше да му го прости гревот.

Еден ден, според својот обичај, преподобниот доцна навечер јадеше на трпезата, а еден млад монах, син на некој богат властелин, стоеше крај трпезата со свеќа и му светеше. Во својот горд ум, монахот започна да си мисли:

- Кој е овој пред кого стојам, држејќи му ја свеќата како роб? Зошто му служам на овој мршав старец?

Додека тој така размислуваше, старецот татковски го прекори, велејќи:

- Чедо, осени го своето срце со крстниот знак зашто во тебе се појавуваат горди помисли. Внимавај на себе!

И повика друг послушник, и му нареди да ја земе свеќата од неговите раце. А монахот излезе од ќелијата, седна, и започна да плаче. Прашан од еден брат зошто старецот го отпушти, тој им кажа за своите горди помисли. Сите се восхитуваа на проѕорливоста на светителот така што пред него не можеа да се сокријат ниту мислите на срцето.

Една година настапи глад во Кампаниската област. Во обителта на преподобниот настапи оскудица за леб, зашто им останаа само пет лебови коишто за многубројните браќа не беа доволни ниту за еден оброк. Браќата се сневеселија не знаејќи каде да најдат храна за време на гладот. А светителот им рече:

- Зошто тагувате, маловерни? Зарем не се надевате во Бога Кој не ги остава оние што Му служат? Зарем не се сеќавате на зборовите на Спасителот во Евангелието: „Најнапред барајте го царството небесно, а останатото ќе ви се придаде; вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да побарате“. (Мт. 6, 33. 32). Затоа не паѓајте со духот! Денес оскудувате, а утре ќе имате во изобилие сѐ што ви е потребно. Утредента, по Божја промисла, пред вратите на манастирот се најдоа двесте модии брашно во вреќи. Никој не можеше да дознае од каде, и кој им донесе толку многу брашно. Сите увидоа дека Бог на невидлив начин им испрати храна по молитвите на нивниот отец.

Некој богољубив маж го молел преподобниот да нареди да се изгради манастир на неговиот имот, што се наоѓал во близина на градот Тераканија. Преподобниот испрати свои ученици ѕидари, и им нареди да го исчистат местото и да подготват сѐ што е потребно за ѕидање, па додаде:

- А јас сам ќе дојдам во тој ден - и покажа на кое место треба да се гради.

Тие отидоа, подготвија сѐ, и го очекуваа отецот. Кога дојде договорениот ден, преподобниот им се јави на ѕидарите кои сеуште спиеја и им го покажа местото каде што треба да се гради. Кога се разбудија, браќата си кажаа еден на друг за своето видение во сонот. Се чудеа како тоа сите да имаат исто видение и го очекуваа отецот. Но, тој не дојде ниту следниот ден. Тогаш тие се загрижија и отидоа кај него тажни, па го прашаа:

- Преподобен оче, ние го очекувавме твоето доаѓање како што ни вети. Зошто не дојде?

Светителот одогвори:

- Зошто велите дека не сум дошол?

А тие тврдеа, говорејќи:

- Не, оче, ти не дојде.

Тогаш светителот им рече:

- Заборавивте ли дека ви се јавив додека спиевте и со раката ви ги покажав сите места каде, и што да ѕидате? Одете и ѕидајте како што ви покажав во сонот.

Тогаш, тие му се поклонија на светителот, се вратија и постапија според наредбата.

Во тој крај, две високородни девојки му ветија на Христа дека ќе го чуваат своето девство и живееја подвижнички во својот дом. Но јазикот не им беше зауздан. Тие многу ги осудуваа другите, оговараа и укоруваа. Кога дозна за тоа, преподобниот им испрати ваква порака:

- Поправете го својот јазик. Ако не го сторите тоа ќе ве одлачам од Светата Причест.

Но, тие не отстапија од своето безумие и по кратко време и двете умреа во чисто девство. Беа погребани во црквата заедно. Кога се служеше света литургија и ѓаконот произнесуваше ектенија за огласените дека не можат да се причестат туку да излезат надвор, некои ги гледаа овие две девојки како излегуваат од својот гроб и ја напуштаат црквата, зашто не може да бидат внатре за време на светата литургија. Тоа се случувало на секоја литургија. Кога му соопштија на свети Бенедикт за тоа, тој се сожали на нив, зеде просфора и ја испрати во таа црква, да се принесе како света жртва за душите на двете девојки. Откако беше принесена света жртва, повеќе никој не ги виде да излегуваат од црквата и веруваа дека добиле простување од Бога заради светата жртва и молитвите на преподобниот.

Некој млад монах од обителта на свети Бенедикт прекумерно ги сакал своите родители по тело, и често без благослов од отецот одел во нивниот дом. А кога еднаш по свој обичај тајно излезе од манастирот и влезе во домот на родителите, веднаш падна и умре. Кога дознаа за тоа монасите, го зедоа неговото тело и го погребаа по прописите. Утредента неговото тело беше исфрлено од гробот. Повторно го погребаа. Но следниот ден повторно го најдоа исфрлено. Тогаш неговите родители со солзи го молеа светителот да се смилува на нивниот син и да ѝ нареди на земјата да не го исфрла повеќе. Гледајќи го страдањето на нивните срца преподобниот зеде мала честица од Пречистите Тајни и нареди чесно да ја стават на градите на мртвиот, па да го погребаат. Кога беше сторено тоа, земјата повторно не го исфрли неговото тело.

Преподобниот беше многу милостив, жалостив и дарежлив спрема сите, и сѐ што Бог ќе му испратеше нему, тој со љубов го раздаваше на сиромашните и неволните. Еден ден, еден сиромав пријател се најде во голема неволја од својот заемодавец на кого му должел дванаесет златника. Тој со солзи дојде кај светителот молејќи го да му позајми, за да се оддолжи. Преподобниот во тоа време немал ништо во својот манастир, па му рече на човекот:

- Прости ми брате, сега немаме онолку колку што бараш, затоа дојди по два дена.

Во текот на тие два дена, светителот се молеше на Бога да му помогне на должниот човек. Кога тој дојде на третиот ден просејќи го ветениот откуп, наеднаш по молитвите на преподобниот, врз садот полн со овошје се најдоа тринаесет златника. Жалостивиот отец ги зеде сите и му ги даде на човекот, говорејќи му:

- Оди чедо, врати го заемот, а едниот златник задржи го за домашните потреби.

Еднаш човекот Божји отиде со браќата да работи во градината. А еден земјоделец плачејќи дојде во манастирот, носејќи го на раце својот мал син веќе мртов, и го бараше отец Бенедикт. Му рекоа дека отишол на имотот и дека ќе се врати подоцна. Тогаш човекот го остави својот мртов син пред манастирските врати, потрча кај преподобниот, го сретна на патот, и со солзи почна да лелека пред него:

- Дај ми го мојот син, оче, дај ми го синот!

Човекот Божји зачудено го праша:

- Јас ли ти го зедов синот? Човекот одговори:

-Мојот син умре, но ти воскресни го! Кога го слушна тоа, преподобниот им рече на браќата: - Да бегаме браќа, зашто воскреснувањето на мртовци не е наша работа, туку на светите Апостоли.

А човекот, од преголема тага се колнеше говорејќи:

- Нема да си заминам одовде, сѐ додека не го воскреснеш мојот син!

Тогаш преподобниот пристапи до мртвото момче, ги преклони колената заедно со браќата, и започна да се моли на Господа:

- Господи, не гледај на моите гревови, туку на верата на овој човек, и врати му ја душата на ова тело!

Светителот сѐ уште не беше завршил со молитвата, а детето почна да мрда и оживе. Сите го славеа Бога за ова преславно чудо.

Многу други вохитувачки чудеса направи овој чудотворен отец. За нив опширно пишува свети Григориј Двоеслов, папата Римски.

Преподобен Бенедикт имаше родена сестра која се викаше Схоластика. Неа родителите ја посветија на Бога уште од пелени. Таа целиот свој живот го помина во девство и подвижништво и Му угоди на Бога. Схоластика имаше обичај еднаш во годината да го посетува својот брат. Тој ја примаше, но не во манастирот, туку на еден имот во близина. Таму разговараше со неа за душекорисни работи, а кога во последната година од својот живот блажена Схоластика дојде кај својот брат, преподобниот помина цел ден со неа во свети разговори и боговдахновени поуки, дури доцна во ноќта, Тогаш светата девица му рече на преподобниот:

- Те молам, брате мој, целата ноќ да ја поминеме во разговор за небесната радост и вечниот живот.

Блажениот ѝ одговори:

- Што зборуваш сестро? Јас не можам целата ноќ да ја поминам надвор од својата ќелија.

Кога виде дека не сака да ја исполни нејзината молба, светата девојка ги склопи рацете, ги стави на масата, ја спушти главата на нив и тајно во своето срце со солзи започна да Му се моли на Бога. И штом ја крена главата, започна да паѓа силен дожд, така што чесниот човек Божји Бенедикт и браќата кои беа дошле со него не можеа да се вратат назад. Толку голема сила имаше пред Бога молитвата на оваа света девојка. Светителот знаеше за нејзината молитва, па ѝ рече:

- Сестро, зошто ми го стори тоа?

Светата одговори:

- Брате, јас те молев, а ти не ме послуша.

И така, против своја волја, преподобниот остана со својата сестра цела ноќ во разговор за вечниот живот. Кога осамна, тие се простија еден со друг и заминаа.

По три дена, додека стоеше на молитва, преподобниот ги крена очите кон небото и ја виде душата на својата сестра како во облик на гулабица опкружена со огромна светлина, лета кон небото и таму со слава ја дочекуваат во Небесното Царство. Му заблагодари на Бога и им рече на браќата дека неговата сестра се претставила. Потоа го донесоа нејзиното свето тело во манастирот, и тој како скапоцено богатство го положи во гробот што го беше приготвил за себе.

По некое време кај преподобниот дојде ѓаконот Серванд, игумен на манастирот во Кампаниската област подигнат од патрицијот Либериј, маж полн со небесна благодат. Откако ги нахранија душите со разговори за набесното царство, преподобниот се качи на спратот од својата ќелија за да преноќева, а приземјето му го отстапи на блажениот гостин, ѓаконот Серванд. Откако одмори малку, пред полноќ, преподобниот стана на молитва. Стоејќи крај прозорецот и молејќи се, одеднаш здогледа голема небесна светлина, и му се чинеше дека ја гледа целата вселена. Тој виде како ангели во огнен круг ја носат душата на преподобен Герман, епископот Капуански. Сакајќи и неговиот гостин да биде учесник и сведок на тоа страшно видение, го повика два - три пати по име. Гостинот се уплаши од вака необичниот позив, веднаш стана, но не го виде целото видение, туку мал дел од онаа неискажлива светлина. Останатото му го раскажа преподобниот.

Светиот веднаш испрати во градот Касино кај својот љубен ученик Теопров, со молба бргу да се распраша во градот Капуа за светиот епископ Герман. Овој веднаш го извести дека епископот се претставил, и му го кажа времето кога се случило тоа. Светиот виде дека свети Герман се претставил онаа ноќ, во оној час, кога виде како ангели во огнен круг ја носат неговата душа кон небото.

Потоа дојде време и самиот преподобен Бенедикт да се оддели од телото и да отиде кај Господа. Шест дена порано, тој дозна за својот крај, па нареди да се отвори гробот што го беше подготвил за себе. Се разболе и лежеше, поучувајќи ги браќата за кои беше напишал и правила за монашиот живот. Во денот на неговото претставување нареди да го однесат во црквата на свети Јован Крстител што тој ја подигна на местото на разореното Аполоново идолиште. Таму се причести со Божествените Тајни, ги крена рацете кон својот Бог и со молитва се раздели од телото, во 547 година. Отиде кај Господа во пресветлите небесни населби што ги виде додека сеуште беше во телото.

Во времето на неговото претставување, двајца монаси, едниот на пат, а другиот во манастирот, молејќи се имаа исто видение: патот од земјата до небото бил послан со скапоцени ткаенини и по страните осветлен со многубројни свеќи; на врвот од тој пат стоел човек со неопислива убавина и светлина. Тој им рекол дека патот е подготвен за Бенедикт, омилениот на Бога, и дека во овој час ќе отиде на небото.

Ова исто видение го видоа тие два брата, иако беа далеку еден од друг; кога дојдоа на погребението на својот свет отец, тие им раскажаа на браќата што видоа. Се собраа монаси од сите манастири и многуброен народ од целата област. Со многу солзи, чесно го опеаја преподобниот отец и неговото свето тело го погребаа во црквата на свети Јован Крстител, што тој ја изгради, славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух, еден во Троица Бога, славен од целокупната твар за навек, амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕВСХИМОН ИСПОВЕДНИК,

епископот Лампсакиски

Овој преподобен отец живеел во времето на иконоборната ерес. Уште од мал бил добро воспитан, а кога израсна во зрел човек стана храм на Светиот Дух. Откако се замонаши доби свештенички чин и се исполни со благодатта на Духот. Ранет со божествена ревност тој ги посрамуваше еретичките свештеници правејќи необични чудеса. Така воскресна и врати во живот едно мало доенче. Беше страшен дури и за ѕверовите, и штом ќе им наредеше, тие повеќе не доаѓаа да му ја пустошат градината.

Фрлен во темница од иконоборците како заштитник на светите икони, тој со своето учење го убеди чуварот на темницата молитвено да ги почитува светите икони. Во него беше чудесно и тоа што тој и во темницата се грижеше за сиромашните и им помагаше колку што можеше. Се упокои во мир, и по смртта не престана да прави чуда, зашто исцелуваше најразлични болни кои со вера му пристапуваа.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ТЕОГНОСТ,

митрополитот Киевски

Беше приемник на свети Петар Киевски. Многу страдал во монголската орда на Џанибек, зашто беше наклеветен кај монголскиот цар од свои луѓе, руси, дека не му плаќа никаков данок на царот за својот чин. Кога го повика царот и го праша за тоа, тој му рече:

- Нашиот Бог Христос ја искупил Црквата Своја од незнабошците со чесната крв Своја. За што сега јас да им плаќам данок на незнабошците?

Најпосле некако успеал да се ослободи и да се врати дома. Управувал со Црквата 25 години. Се упокоил во Господа во 1353 година.