28. Март  (15. Март)

 

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

АГАПИЈ, АЛЕКСАНДАР, ПЛИСИЈ, ДИОНИСИЈ, ТИМОЛАЈ, РОМИЛ, АЛЕКСАНДАР И ДИОНИСИЈ

Овие свети многустрадални маченици пострадаа во времето на царот Диоклецијан. Агапиј беше од градот Тимолај од Понт Евсински, двајцата по име Дионисиј од Триполи Финикиски, Ромил беше ипоѓакон на диосполската црква во Палестина, Публиј и двајцата со име Александар беа од Египет. Тие пострадаа во Кесарија Палестинска од царскиот намесник Урбан, зашто насекаде беше објавена безбожната царска заповед - сите христијани да им се поклонуваат на идолите и да им принесуваат жртви. За време на еден идолопоклонски празник, во градот Кесарија беше приредена голема свеченост. Затоа и од околните села се насобра многу незнабожечки народ. Тогаш прв беше мачен свети Тимотеј (види 19 август), и по многуте маки беше запален; потоа светите маченици Агапиј и Текла беа фрлени на ѕверовите (види 19 август). Гледајќи го овој крвав призор, шесте храбри христијански момчиња: Публиј, Тимолај, Ромил, двајцата Александри и еден Дионисиј, ревносни за Христа, сами си ги врзаа рацете наопаку како знак дека бестрашно сакаат да страдаат за Него, и излегоа среде гледалиштето пред Урбан, громогласно изјавувајќи:

- И ние сме христијани!

Намесникот, гледајќи дека се млади, не сакаше веднаш да ги погуби, туку ласкаво ги наговараше да им се поклонат на идолите и потоа нареди да ги фрлат во темница.

По неколку дена кон овие Христови затвореници беше приклучен и свети Агапиј, угледен човек меѓу христијаните, зашто и порано тој веќе беше поднел маки заради исповедањето на името Христово.

Сега, тој заедно со својот слуга Дионисиј Египќанинот, беше фатен и фрлен во темницата кај шесте момчиња. Долго време овие осум исповедници Христови останаа во темницата, многу пати испрашувани и на разни маки ставани, но тие јуначки претрпеа сѐ, и од Христа не се одрекоа. Најпосле беа осудени на обезглавување. И сите тие, на петнаесетти март во 303-та година, ги положија своите глави за главата на Црквата - Христос, на Кого ги предадоа своите свети души и од Него добија победнички венци во Црквата на небото.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕРЕЈ АЛЕКСАНДАР

За време на прогонувањето на христијаните од страна на царот Аврелијан, царскиот намесник на Памфилиската област, Антонин, дојде во градот Сид. Тука го уапси градскиот презвитер Александар, и кога го изведе на суд, најпрвин го праша кој е и што е. Александар му одговори дека е свештеник по чин, пастир на стадото Христово. Намесникот го праша:

- А каде е тоа стадо Христово?

Светителот одговори:

- Сите луѓе во светот ги создаде Бог; оние што веруваат во Него се овци негови, а сите отпаднати од својот Создател кои им робуваат на предмети и мртви идоли како вие, на Страшниот суд Божји ќе ги постави на левата страна со козите.

На тоа намесникот му рече:

-Ќе те ставам на маки поради две работи: за да ми ги покажеш оние кои веруваат во Христа, и на боговите наши да им принесеш жртви.

Намесниот повторно го праша светиот Александар:

- Кој е Христос?

Светителот одговори:

- Христос е Спасител на светот, светлина и живот за оние што се надеваат во Него.

Намесникот праша:

- Како може да биде Спасител Оној, Кој беше распнат на крст и горко умре?

Александар одговори:

- Всушност, тоа е чудесното, што Он доброволно со телото поднесе крст и смрт, а со Божеството го разори адот и ги одврза затворените во него умртвувајќи ја смртта, и воскресна од гробот. Па не само што самиот стана од мртвите, туку воскресна и други мртовци. Зашто станаа многу тела на светии кои беа умреле: и излегувајќи од гробовите по воскресението Негово, влегоа во светиот град Ерусалим (Мт. 27, 52-53); и целиот човечки род со себе го оживеа и го воскресна.

На тоа намесникот рече:

- Зборуваш глупости, безумнику! Како можел да им помогне на другите, кога не успеал да си помогне на себе кога го мачеле Евреите?

Светителот одговори:

- Ти си безумник, зашто ти се слепи очите на душата, па не можеш да погледнеш кон тајната на нашето спасение, извршено од Господа Христа.

Тогаш намесникот нареди Александар да го стават на маки: најпрвин го тепаа со воловски жили, го ставија во казан со врела смола и зејтин, и најпосле го фрлија во огнена печка. Но, по сите тие маки, со благодатта Христова, тој остана неповреден. А кога од безбожниците беше фрлен во вжештената печка, во пламенот се гледаа две момчиња кои ликуваа со светиот маченик. Тоа беа ангели Божји кои го разладуваа пламенот на маченикот. Луѓето се чудеа, зашто видоа како еден беше фрлен во печката, а внатре тие гледаа тројца.

Намесникот и оние со него овие преславни чудеса ги припишуваа на магии, зашто не веруваа во семоќната сила на нашиот Бог Христос. Само еден од слугите на мачителот поверува, падна ничкум поклонувајќи му се оддалеку на светиот маченик и молејќи се да биде примен од Христа. Намесникот веднаш го обезглави овој слуга. А светиот Александар, кој неповреден излезе од печката, нареди да го обесат и со железни нокти да го стругаат сѐ додека целото тело не му се претвори во една единствена рана. Зачудени, гледачите во ужас се прашуваа:

- Како може овој да поднесе толку многу маки?

Зашто од него останаа само голи коски. Потоа, по втор пат го фрлија во силниот оган, но ништо не му наштети. Со железна кука му ја извлекуваа утробата и го фрлија на ѕверовите да го изедат, но тие не го допреа. Го ставаа светиот страдалник Христов и на други маки, но по сите нив, тој остана непобедлив и несовладлив, така што сите беа запрепастени гледајќи ги таквите негови страдања, и се восхитуваа. Најпосле, со наредба на мачителот му ја отсекоа главата. Но, штом намесникот ја изрече пресудата, го фати зол дух и тој побесне мачен од своите богови - ѓаволи, на кои што им служеше. Рикајќи страшно, тој беше одведен од слугите во неговиот дом, но по патот ја испушти својата зла душа.

Светиот свештеномаченик Александар се насели во царството небесно со Господа Христа и светите ангели Негови, а царскиот намесник Антонин беше фрлен во вечни маки кај сатаната и слугите на темнината. Угледни христијани на Евстатија го зедоа многустрадалното тело на маченикот, и чесно го погребаа, славејќи Го Христа Бога.

Пострада помеѓу 270 и 275 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НИКАНДАР

Во времето на царот Диоклецијан во Египет живееше свети Никандар, богугоден човек, лекар по занимање. Негова работа беше да ги посетува затворените за Христа по темниците. Да им ги лекува раните давајќи им ја потребната храна, и да ги погребува нивните свети тела.

Еднаш тој виде тела на свети маченици расфрлани по полето на кучињата и ѕверовите, но не смееше да им пријде дење, за да не го уапсат. Како слаб човек, тој се плашеше од лутите маки додека не биде повикан и поткрепен од Бога. А кога падна ноќ, тој отиде во полето и ги пренесе светите тела на своите плеќи до едно зафрлено место. Таму ги завитка во чисти плаштаници и ги закопа во земјата. Но, го здогледа еден идолопоклоник, па отиде и го наклевети кај кнезот. Така свети Никандар беше фатен и долго и страшно измачуван, но од Христос не се одрече. Маките од кои што порано се плашеше, сега, крепен одозгора, јуначки и радосно ги трпеше за својот Господ. Гледајќи дека е постојан во верата како непоколеблив столб, мачителот нареди жив да го одерат, а потоа да му ја отсечат главата.

И така, светиот маченик, соблекувајќи го стариот земен човек се облече во нов небесен човек. Отиде на небесата кај својот Господ Христос, Кој по привремените страдања царува вечно, славејќи ја Пресвета Троица со хоровите од свети Маченици.

Свети Никандар пострада чесно во 302-та година.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК МАНУИЛ КРИТЈАНИН

Светиот маченик Мануил беше од Сфакија што се наоѓа на островот Крит. Уште како млад, Турците го заробија во една побуна во Сфакија. Гледајќи во Мануил честито и трудољубиво момче, тие насилно го потурчија и по својот обичај го обрезаа. Но, побожниот Мануил најде начин и успеа да побегне оттаму, и отиде на островот Микон. Таму го исповедаше својот грев пред свештеникот, беше миропомазан и така повторно стана христијанин. Потоа се ожени и во бракот имаше пет деца. Меѓутоа, еднаш еден пакосен човек му кажа на еден ага дека претходно Мануил бил муслиман, па се вратил во христијанската вера, и тој ага започна да му се заканува: или повторно да ја прими муслиманската вера, или ќе го претепа до смрт. Окрепен со божествена сила, Мануил не се исплаши, туку мирно му одговори:

- Христијанин сум се родил, христијанин сум, и христијанин сакам да умрам!

На тоа агата страшно се разбесни и го подложи на жестоки маки. Го мачеа многу денови. Потоа агата го предаде на пашата. И тој бараша од него да се врати во турската вера, но блажениот маченик му го повтори истиот одговор.

Тогаш пашата нареди да му ја отсечат главата. Мануил ги крена рацете и очите кон небото и извика:

- Ти благодарам, Боже!

Потоа клекна, со радост ја наведна својата глава пред џелатот, очекувајќи ја смртта. Џелатот започна да удира по вратот на маченикот, но никако не можеше да му ја отсече главата. Тогаш го дофати, го собори на земјата и го закла како овца, него, вистинската овца Христова.

Утредента пашата слушна дека христијаните се радуваат за јуначката и блажена смрт на маченикот Мануил, и им нареди на војниците да врзе тежок камен за неговото тело и да го фрлат во морето. Турците го сторија тоа со радост, а душата на светиот маченик отиде на небото пред Господа, и од Него доби несвенлив венец на мачеништво. Сега на небото, со останатите свети маченици непрестајно го слави Отецот и Синот и Светиот Дух, еден во Троица Бога, Кому Му доликува слава, чест и поклонение низ сите векови. Амин".

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИКАНДОР ГОРОДЕНСКИ

Кон крајот на шеснаесеттиот век, тој основал манастир во Новгородската Губернија во Боровицкиот округ, крај Городното Езеро. Во него бил прв настојател, давајќи им возвишен пример на браќата со своето подвижништво. Преподобниот Никандор се претставил во 1603 година. Неговите свети мошти почиваат во Никандровската Пустина.