29. Март  (16. Март)

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ АРИСТОВУЛ,

епископот Британски

Светиот апостол Христов, Аристовул, еден од седумдесеттемина е роден на островот Кипар. Тој беше брат на свети апостол Варнава. По Вознесението Господово насекаде го следеше учителот на вселената свети апостол Павле, и заедно со него, проповедајќи го Евангелието помина разни земји. Свети Павле го спомнува во своето Послание до Римјаните, пишувајќи: „Поздравете ги верните од домот Аристовулов“ (Рм. 16, 10). Бидејќи Аристовул бил со Павле кога тој го пишувал Посланието до Римјаните, затоа и ги поздравува неговите роднини од свое име и од името на Аристовул. А кога свети Павле назначуваше многу епископи и ги испраќаше во разни градови и земји да го проповедаат словото на Вистината, тогаш и Аристовул го постави за епископ и го испрати во Британија кај незнабожните и диви луѓе. Таму, трудејќи се за Евангелието Христово, тој многу пострада од тие свирепи луѓе, оти понекогаш немилосрдно го тепаа, понекогаш го влечеа по улиците и го исмеваа. Од нив поднесе многу пакости и злоставувања додека не ги просвети со благодатта Христова, ги поучи со верата Негова, ги крсти, ја уреди Црквата, и посвети презвитери и ѓакони. Најпосле, тој таму го заврши својот живот во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК САВИН ЕГИПЌАНИНОТ

Светиот маченик Савин е роден во градот Хермопол во Египет. Како угледен човек, тој беше старешина на својот град. Во времето на Диоклецијановото гонење, цел Египет се вознемири и многу христијани беа мачени и убивани. Тогаш свети Савин го остави својот дом, имотот и ближните, и со многу други христијани отиде во едно зафрлено село. Таму се затвори во едно колиба и времето го поминуваше во пост и молитва. Како старешина на градот, идолопоклониците многу го бараа за да го стават на маки, но не можеа да го пронајдат. Но, еднаш го поткажа еден просјак на кој што блажениот Савин му имаше сторено големи добрини, та дури и го хранел. Овој бедник отиде кај идолопоклониците и им рече:

- Што ќе ми дадете ако ви кажам каде се наоѓа Савин?

Тие му дадоа два златника, и тој ги одведе во селото и им ја покажа неговата колиба. Тогаш ја опколија колибата и затропаа на вратата. Во неа имаше уште шест христијани. Мислејќи дека им доаѓа некој од браката христијани, тие ја отворија вратата и идолопоклониците веднаш се втурнаа внатре, ги фатија сите и ги врзаа. Свети Савин го врзаа со две многу тешки вериги и го одведоа кај судијата Аријан. Измачуван на безбожничкиот суд, и долго присилуван да им принесе жртва на идолите, тој не се одрече од Христа. Поради тоа беше жестоко мачен, со железни нокти струган, со оган горен, и најпосле фрлен во реката Нил, каде го заврши својот маченички подвиг во 287 година, и отиде кај Подвигоположникот Христос. Исто така и оние шест христијани што беа фатени заедно со него, беа мачени, во маки го завршија својот живот, и иста слава добија од Господа на небото.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ХРИСТОДУЛ ПАТМОСКИ

Како што Бог го створил светот од ништо, и ги создал сонцето и останатите ѕвезди да го осветлуваат видливиот свет, така Он постојано ги осветлува нашите души, давајќи ни и други светилници - Светителите Свои, кои како светила го просветлуваат нашиот внатрешен човек. Зашто колку повеќе ѓаволот наоѓа средства и начини за да ги тера луѓето кон злото, Бог уште повеќе ни дава живи Светители Свои кои ја победуваат лагата и злото на ѓаволот. Таков од Бога даден светилник беше и преподобниот отец Христодул, вистинскиот слуга Христов.

Преподобен Христодул е роден во едно село во Витиниската област, во близина на славната Никејска митрополија, каде беше одржан Првиот Вселенски Собор против еретикот Ариј (325 год.).

Неговите родители Теодор и Ана беа угледни и благочестиви луѓе. Животот го минуваа според заповедите Божји и кај нив доаѓаа многу неволни и ожалостени, заради утеха и помош. Кога се роди, тие го крстија и му го дадоа името Јован. Гледајќи дека детето е добро, смирено и надарено со мудрост од Бога, родителите го дадоа да се описмени. Младиот Јован брзо научи да чита и постојано го читаше Светото Писмо. Читајќи, тој ги засака небесните богатства и реши да стане монах. Но, родителите го принудија на веридба со една девојка за да го наследи имотот што го поседуваа.

Сакајќи го девството повеќе од бракот, младиот Јован тајно го напушти родителскиот дом и со еден подвижник отиде на Витиниската Гора на Олимп, каде што имаше мноштво манастири и монаси. Таму најде еден честит и доблесен старец, кој му стана учител и раководител во подвизите. Старецот го замонаши и му го даде името Христодул. Тогаш преподобниот продолжи да живее во уште построги подвизи на постот, молитвата и сеноќното бдение. Потчинувајќи го телото на духот, тој минуваше и по неколку дена без да стави храна во устата.

По три години заеднички живот, старецот се упокои во Господа, а Христодул, плашејќи се неговите родители да не го вратат дома, го напушти Олимп и отиде во Ерусалим. Таму, на дваесет и пет годишна возраст се поклони на Светите Места и отиде во еден тамошен пустински манастир. По некое време, во овие пустински краишта на Палестина стигнаа диви сараценски орди, кои ги опљачкаа сите манастири, а монасите ги убија или ги одведоа во ропство. Само неколку монаси успеаја да се спасат. Меѓу нив беше и блажениот Христодул. Бегајќи од сарацените, преподобниот доплови до градот Милет на Јонскиот брег на Мала Азија. Таму отиде во блиската гора викана Латрос, во која се подвизуваа многу ревносни подвижници. Во таа гора, тој ги продолжи своите богоугодни подвизи, а посебно беше голем во воздржанието. За некој да не помисли дека тој одбегнува да јаде сирење и јајца како што тоа го правеа познатите еретици манихејци, тој на големите празници јадеше по малку од нив. Гледајќи ги неговите доблести, духовна мудрост и просветленост, се собраа монасите на Латрос и го замолија да им биде игумен. Преподобниот одлучно одбиваше, но тие отидоа кај патријархот Козма Први (1075-1081 г.) и го измолија тој да го убеди преподобниот Христодул да го прими старешинството над нив. Тогаш светиот патријарх Козма го постави преподобниот за архимандрит на целата гора Латрос, поради што беше наречен Латринос. Под негово раководство браќата духовно напредуваа и еднаш неделно сите заедно се собираа на заедничка света литургија. Меѓу нив владееше љубов и добрина, а врв на сѐ беше смиреноумието.

Меѓутоа непријателските искушенија ни овде не го оставија на мира слугата Христов. И тука стигнаа агарјанските орди и го натераа да го напушти тоа место. За напуштањето на својата игуменска должност подоцна се правдаше самиот, говорејќи:

- Човечката слабост којашто секогаш се обраќа кон човекољубивиот Бог и единствено на Него се надева, направи да отидам далеку пред овие страшни непријатели.

Тогаш со него заминаа и некои од неговите монаси. Отидоа на Егејскиот остров викан Ко, и тука, на имотот на својот познаник, монахот Арсениј, преподобниот основа манастир што го посвети на Пресветата Богомајка. Во тоа му помогнаа и околните селани. Тие му подарија на манастирот свои имоти, а царот Никифор Вотанијат (1078-1081 г.) му обезбеди царска повелба. Сакајќи тишина и самотија, преподобниот реши да го напушти и ова место, па отиде на еден пуст остров во Егејското Море, наречен Патмос. Овде го тераше големата љубов што ја негуваше спрема светиот апостол и евангелист Јован Богослов, кој некогаш живеел на Патмос. За да го добие овој остров, на кој тогаш не живееше никој, блажениот Христодул отиде кај царот и му ја изнесе својата молба. Царот Алексиј Први Комнен (1081-1018 г.) го прими преподобниот со љубов и почит, и го замоли да стане игумен на монасите и манастирите во Келија и Загора во денешна Бугарија, за таму да поправи некои недостатоци и нереди. Тогаш светителот напиша монашки устав и правила во кои зборуваше за двократната монашка борба, односно за борбата со гревот во нас самите, и за борбата со демоните. Потоа ги поучуваше монасите на совршено сиромаштво и избегнување да ги посетуваат градовите. Тој велеше:

- Како што рибата кога ја напушта водата умира, така и монахот кој често го напушта својот манастир си нанесува голема штета.

Во своите правила тој учеше за почитувањето на светите икони и за останатите догмати на Православната вера што треба да ги држат сите, и за многу други корисни работи. Така составените монашки правила преподобниот му ги предаде на царот. Во меѓувреме, самиот забележа дека монасите од тие манастири не сакаат да живеат по правилата на монашкиот живот, и затоа не се согласи да биде нивен старешина. Притоа повторно го замоли царот да му го подари споменатиот остров Патмос. Царот се согласи, му го додели заедно со уште две мали островчиња, и му вети дека тој ќе го снабдува манастирот со жито. Во таа прилика на преподобниот му подари една голема икона на светиот апостол Јован Богослов, а за возврат преподобниот го предаде во надлежност на царот сиот имот на островот Ко, што порано го поседуваше со браката.

Со царската повелба во раце, преподобниот доплови на островот Патмос. Првото нешто што го стори на островот беше рушењето на преостанатиот кип на богињата Артемида. Потоа пронајде една мала црквичка, посветена на светиот апостол Јован Богослов, ја обнови и прошири зашто беше мала за сите браќа. Потоа отпочна со градба на поголем манастир, ограден со ѕидови околу таа црквичка. Изградбата одеше бавно и тешко затоа што местото беше планинско и пусто, и некои од браќата започнаа да негодуваат и да се договараат тајно да го напуштат островот. Некои од нив навистина го сторија тоа. Со својата љубов и мудрост, а потоа и со сопствениот труд и физичка работа, преподобниот успеа да ги задржи браќата и градбата на манастирот да се продолжи и да заврши. Во таа изградба учествуваше и самиот блажен Христодул; со сопствените раце полагаше камења во темелите и ѕидовите на градбата.

Кога беше изграден манастирот сите браќа го славеа Бога, а народот оддалеку започна да доаѓа кај преподобниот барајќи и духовна и телесна помош, и утеха од него. Така еднаш, кога целиот крај гладуваше, гладните од сите страни поитаа кај преподобниот молејќи го да им помогне и да ги избави од смртта. Светителот му нареди на економот да се постави трпеза за сите што доаѓаат. Економот се противеше и му укажуваше на немаштијата и неплодноста на земјата, но верниот слуга Божји го укори економот за маловерието во силната и богата Десница Божја, Кој може и за најмалото сторено добро да возврати стократно. И навистина, штом преподобниот му ја изговори таа поука на економот, на чудесен начин трпезата се исполни со јадења и сите гладни се наситија. Оттогаш економот повеќе не му противречеше на преподобниот.

Откако на Патмос помина пет години во мир, спокојство и духовно делување, преподобниот повторно се соочи со старите неволји и искушенија. Во тоа време западниот освојувач Роберт Гвискар го беше нападнал западниот дел на царството, та царот Алексеј морал со војската да му излезе во пресрет. Агарјаните го искористија отсуството на царот, и од брегот на Мала Азија со бродови дојдоа на островот Патмос. Тогаш преподобен Христодул заедно со браќата беше принуден да побегне на островот Евија, близу Атика. Во овие неволји, тој ги тешеше своите браќа монаси мирно да ги поднесат сите беди и да имаат вера и доверба во премудрите судови Божји. Но, еден од монасите не го послуша, се одвои од братството, си купи една градина и започна да ја обработува. По кратко време го нападна лут демон и многу го мачеше. Кога слушна за ваквото страдање на својот претходен ученик, преподобниот го понесе со себе Светото Евангелие и отиде кај него. Започна да му чита молитви и зборови на Светиот Дух од Евангелието, и од тоа, по благодатта Божја, бесомачниот брат бргу оздраве и веднаш се врати здрав во братството.

Не помина долго време од тој настан, и светителот им прорече на браќата дека наскоро ќе отиде кај Господа, но дека агарјаните нема да останат да живеат на Патмос, зашто возљубениот Христов ученик Јован нема да го напушти стадото свое, туку ќе ги врати во својата обител. Затоа ги замоли браќата кога ќе се враќаат на Патмос да го понесат со себе и неговото тело, и да го погребат во храмот на манастирот „Свети Јован Богослов“, Ова претскажување на преподобниот наскоро се исполни, и тој ја предаде својата душа во рацете Господови, на шеснаесетти март во 1093 година.

Веднаш потоа браќата се вратија на својот остров Патмос, како што претскажа преподобниот. Кога дознаа жителите на тоа место дека монасите сакаат да го однесат со себе и светото тело на преподобниот, се спротивставија велејќи дека нема да дозволат некој да ги лиши од тоа духовно богатство, што сите го почитуваат и преку чии што мошти многумина добиваат исцеленија. Но, се исполни зборот на преподобниот. Монасите успеаја да побегнат ноќе и носејќи го телото негово, стигнаа на островот Патмос. Тука многу свечено го положија во храмот. Од тоа време па сѐ до денес, светите мошти на преподобен Христодул почиваат во манастирот на светиот апостол и евангелист Јован Богослов. Од нив се случуваат многу исцеленија и тие претставуваат голема заштита на манастирот и на жителите на островот Патмос. Овде ќе спомнеме некои од чудесата што се случија.

Во една прилика на Патмос дојде еден латин, кој патуваше со брод за Ерусалим и сврати во манастирот за да се поклони на моштите на преподобниот. Кога им пристапи на светите мошти и ги целиваше, тој се дрзна со забите да откине еден прст од десната рака на светиот. Во истиот час, по морето се крена таква бура што тој никако не можеше да отплови, сѐ додека не се покаја и не го врати одгризениот прст од светите мошти.

Во друга прилика, морски пирати ги фатија манастирските овци и ги изедоа. Потоа дојдоа во манастирот и со покајание го признаа својот грев, а монасите според угледот на светиот, им простија. Но подоцна, тие повторно дојдоа и го сторија истото. Тогаш ги снајде Божјата казна, така што наидоа римски бродови и сите ги заробија.

Еднаш преподобниот го заштити својот манастир со монасите од гневот на еден силеџија, кој беше собирач на данок на островот Самос, па беше дошол и на Патмос, но силата на преподобниот го истера оттаму.

Многу други чудеса направи преподобниот Христодул, и до денес прави, во слава на нашиот Бог и за спасение на верните. А неговиот манастир „Свети Јован Богослов“ и неговиот остров Патмос и до денес се живеалиште на светите и ревносни подвижници Христови.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТРОФИМ И ТАЛ

Во Кариската област, во градот Лаодикија имаше двајца презвитери, Трофим и Тал, кои беа родени браќа. Родум беа од градот Стратоник од истата област. Тие беа луѓе со цврста вера, ревносни за Христа и проповедници на словото Божјо. Постојано им се спротивставуваа на идолопоклониците и го изобличуваа нивното богохулно служење на демоните. Разјарени поради тоа, незнабошците ги фатија и ги ставија во окови.

Во тоа време, кога царуваа Диоклецијан и Максимијан, во Кариската област дојде царскиот намесник Асклипиодот и се задржа во градот Босфор, недалеку од градот Лаодикија. Тогаш Лаодикискиот судија со градските советници му испрати извештај на царскиот намесник за двајцата уапсени презвитери, барајќи упатство што да прават со нив. Одговорот гласеше да ги убијат со камења.

Ги изведоа светите маченици Трофим и Тал на местото на погубувањето, и ги поставија за да ги каменуваат. Тогаш им пристигна Божја помош, и кога напаѓачите фрлаа камења по нив, камењата се враќаа назад врз нив. Тоа траеше неколку часа, па восхитени од оваа необична појава, мачителите ги пуштија браќата на слобода.

Светите браќа повторно ја проповедоа верата Христова и бестрашно го изобличуваа елинското неверие. По некое време градоначалниците ги фатија, ги одведоа кај намесникот во Босфор, и му рекоа:

- Овие двајца ги каменувавме по твоја наредба, но камењата не ги допреа. Затоа ги доведовме пред твојата власт.

Намесникот нареди да ги обесат светите за едно дрво, и безмилосно да им ги стругаат телата со железни нокти. Така стругани, тие силно викаа:

- Христијани сме и не се поклонуваме на идоли.

По таквото мачење, намесникот ги осуди на распнување, велејќи:

- Да се распнат како што беше распнат магоничарот во кого што веруваат!

Водени надвор од градот, тие одеа со радост, благодарејќи му на Христа Бога што ги удостојува да страдаат на ист начин како Него. По нив одеше многу народ кој што сакаше да биде сведок на нивното страдање. Кога стигнаа, ги приковаа со железни клинци за крстовите и ги распнаа.

Додека висеа, тие го поучуваа народот во светата вера и настана голем метеж. Народот негодуваше што така невини луѓе се предадени на страшна смрт, а други пак говореа:

- Ти благодариме Христе Боже што силата Исусова ја покажа во наше време!

А една Еврејка им се поклонуваше на светите викајќи:

- Блазе си ѝ на мајката што ги родила!

А таму стоеше нивната мајка и со јуначко срце го наблудуваше страдањето на своите синови. Многумина од присутните ја собираа крвта што капеше од нивните тела, заради исцеление на душевните и телесните болести. Откако се помолија на Бога, мачениците Христови Трофин и Тал ги предадоа своите души во рацете на Господа, на 16-ти март во 300-та година.

Верните подготвија чисти плаштаници и мириси за погребение на нивните чесни тела. Тогаш дотрча стражарот на темницата и им се поклонуваше на мачениците, викајќи кон народот дека ги видел и двајцата свети маченици како одат на небото заедно со три ангели.

Народот отиде пред дворот на намесникот, и го молеше да ги симнат телата на мачениците од крстовите и да ги погребаат.

Намесникот најпрвин се разлути и им нареди на војниците да ги тепаат оние што креваат врева, но, по кратко време дозволи да ги земат телата на умрените.

Кога ги симнаа од крстовите и ги положија во нов ковчег, помеѓу христијаните настана расправија каде да ги погребаат. Сите цела ноќ останаа крај телата на светите со свеќи и пеење на духовни песни. Кога осамна, дојде жената на царскиот намесник со прекрасни мириси во рацете, ги изли врз телата на светите маченици, го покри ковчегот со скапоцена покривка, и пред сите рече:

- Изминатата ноќ јас во сон ги видов овие двајца со ангели. Нив Бог ги испрати да му се осветат на мојот маж, затоа што невини ги уби.

И многу плачеше осудувајќи го насилството и свирепоста на својот маж.

Потоа мајката на светите маченици со двајца угледни луѓе, Зосим и Артемин, а со нив и граѓани и соседи на светите маченици од градот Стратоник, го однесоа ковчегот и чесно ги погребаа во близина на градот Стратоник.

На роденденот на царот Диоклецијан во Лаодикија допатува царскиот намесник и приреди голема гозба. Тогаш неочекувано го стигна Божјата казна за невино пролеаната крв на мачениците. Одеднаш тој падна на земјата и се тресеше како бесомачен, треперејќи целиот. Сите се преплашија од таа глетка, а тој викаше:

- Каде е богот Зевс? Каде е Херкулес? Каде се останатите богови да ми помогнат? Залудно им се клањав зашто Бог заедно со неговите слуги Трофим и Тал ме предава на вечен оган.

Зборувајќи така, тој силно рикаше и со забите го кинеше своето тело, сѐ додека во страшни маки не ја испушти својата бедна и погана душа. Со горко липање отиде кај своите нечистиви богови во адот, да се мачи вечно. Светите маченици Трофим и Тал со радост преминаа кај својот Бог Христос, вечно да царуваат стоејќи пред престолот на Отецот и Синот и Светиот Дух, кому слава за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАПА

Светиот Папа беше родум од Ликаонскиот град Лоранда (во Мала Азија), и живееше во времето на царот Максимијан (285-305 г.). Гледајќи како целиот свет е загрозен од идолопоклонството, тој излезе пред тамошниот кнез Магна и бестрашно го изобличи исповедајќи го Христа Бога. Поради тоа беше измачуван. Неговото страдање отпочна во неговиот град Лоранда, продолжи во Диокесарија и заврши во Селевкија Исавриска. Светиот Папа го мачеа на разни начини. Го фрлаа на земјата и го тепаа со мотки; го тепаа по лицето; потоа го обесија за една висока греда и го стругаа со железни нокти; го облекоа во железни чизми и го приковаа со клинци, па го натераа така да изоди долг пат; најпосле го врзаа за едно суво неродно дрво кое веднаш разлиста, расцвета и донесе род, и светиот маченик тука ја предаде својата душа во рацете Божји, добивајќи венец на мачеништво. Имајќи ги неговите свети мошти, Ликаонија се радува и весели.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР,

папата Римски

За исповедањето на Господа Христа бил изгорен во печка, по наредба на царот Андријан, на 3-ти март во 119 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК РОМАН

Пострадал за верата во Христа заклан со меч.

СПОМЕН НА ДЕСЕТТЕ СВЕТИ МАЧЕНИЦИ

Пострадале во Финикија заклани со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈУЛИЈАН АНАЗАРВСКИ

Овој свет маченик беше од градот Аназарв во Киликија (Сирија). Неговиот татко беше незнабожец, а мајка му христијанка. Таа го поучи во христијанската вера и мудроста на Светото Писмо. Во својата осумнаесетта година, тој беше фатен како христијанин и изведен пред началникот Маркијан. Бидејќи не сакаше да се одрече од својата вера, беше фрлен во темница. Осилен со советите од својата мајка, тој остана цврст во верата Христова поради што беше ставен во една вреќа со песок и со отровни змии, и фрлен во морските длабочини. Така се здоби со венецот на мачеништвото. Пострада за време на царувањето на Максимијан (285-305 г.), во Антиохија Сириска. Од неговите свети мошти се случуваа безброј чудеса во времето на свети Јован Златоуст, кој му одржа посмртна беседа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ЈОВАН РУФИАНСКИ

Се упокоил во мир.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ СЕРАПИОН,

архиепископот Новгородски

Архиепископот Новгородски Серапион е роден во близина на Москва; уште од младоста чезнеел за монашки живот. По желба на своите родители, тој се ожени и прими свештенички чин. Неговата жена умре по една година, а тој го раздаде целиот свој имот на сиромасите и стапи во Дубенско - Успенскиот манастир во Владимировската губернија, каде се замонаши. Поради возвишеноста на својот добродетелен живот, тој беше избран за игумен на таа обител. Многу се трудеше околу неа и затоа таа беше наречена според неговото име. Во 1506 година беше избран за архиепископ Новгородски. Се претстави на 16-ти март во 1516 година, однапред известен за својата смрт. По една година од неговата смрт, неговите мошти беа најдени нетлени. Уште за време на животот свети Серапион беше удостоен на дарот на проѕорливоста.