30. Март  (17. Март)

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АЛЕКСИЈ,

човекот Божји

Во времето на благочестивите цареви Аркадиј и Хонориј во Рим живееше еден висок царски достоинственик, по име Ефтимијан. Тој беше многу угледен и богат човек и имаше три илјади слуги кои што носеа златни појаси и свилени облеки. Немаше деца, а беше побожен и добар човек. Многу внимателно ги исполнуваше заповедите Божји, постеше, и секојдневно во својот дом поставуваше трпеза за сиромашните, вдовиците, странците и болните. Јадеше еднаш дневно, во три часот попладне, со непознатите монаси. Кога ќе се случеше некој ден да има помалку гладни на трпезата која што се поставуваше три пати во денот, тој паѓаше на земјата пред Бога, и велеше:

- Не сум достоен да одам по земјата на мојот Господ.

Неговата сопруга се викаше Аглаида. Таа беше жена со голема вера, полна со страв Божји, милостива и дарежлива спрема сите. Бидејќи немаа деца, Аглаида постојано Му се молеше на Бога, говорејќи:

Господи, сети се на мене недостојната слугинка Твоја, и удостој ме да се наречам мајка. Дај ни син, за да имаме утеха во животот во староста наша.

И по милоста своја, се сети Боги на неа,и имдаруваше пород. Аглаида зачна и роди син. Се израдува мажот нејзин, и го крстија детето, и му го дадоа името Алексиј. А кога имаше шест години, го дадоа да се школува. Тој набрзо ги изучи граматиката, реториката и црковните книги. Го изучи добро и целото Свето Писмо, и стана мудро момче. Тогаш во душата своја донесе одлука да се откаже од житејските краткотрајни богатства, за да ги наследи вечните. Започна да го умртвува своето тело, тајно носејќи врз себе остар кострет.

Кога стана полнолетен и зрел за брак, Евтимијан ѝ рече на својата сопруга:

- Да го ожениме нашиот син.

Аглаида се израдува и му предложи на својот сопруг:

- Бог нека го потврди и исполни твојот збор. Сакам да го видам Алексиј оженет, и внуци од него да дочекам! Ќе се весели душата моја и тогаш ќе можам уште повеќе да им помагам на бедните и неволните.

Родителите го верија Алексиј за девојка од царски род, и ги венчаа во црквата на свети Бонифациј. Свадбата беше многу весела и свечена, и траеше до доцна во ноќта. Кога останаа сами, Алексиј го извади својот златен прстен и скапоцениот појас, ги завитка во порфир и ѝ ги даде на невестата, говорејќи:

- Чувај го ова, и Бог нека биде меѓу мене и тебе, додека благодатта Негова не уреди нешто ново во нас. Го рече тоа, ја остави својата невеста, па отиде во својата соба, ја соблече од себе скапоцената облека, облече стара, зеде малку злато и скапоцени камења, и кришум излезе од својата палата. Се упати кон морското пристаниште, се качи на еден кораб кој одеше кон Лаодикија и патуваше, молејќи се на Бога: „Боже, спаси ме од суетниот живот на овој свет, и удостој ме во денот на Твојот суд да застанам од десната страна со оние кои што Ти угодиле“.

Кога стигна во Лаодикија се упати кон градот Едеса, каде се чувал неракотворниот лик на нашиот Господ Исус Христос, што самиот Господ пред своето доброволно страдање му го испрати на едескиот кнез Авгар. Кога го виде ликот Христов, блажениот Алексиј многу се израдува, ги распродаде сите скапоцености што ги повесе од дома, го раздаде златото на просјаците, се облече во просјачка рита, се постави меѓу просјаците и просеше милостиња. Живееше во папертата на црквата „Пресвета Богородица“ постојано постејќи, и секоја недела се причестуваше со Светите Тајни Христови. Сѐ што ќе му дадеа како милостиња, тој го раздаваше на другите изнемоштени просјаци. Со наведната глава, тој со умот беше горе, живеејќи во богомислие. Со големо воздржание толку го исуши своето тело, што свена убавината на неговото лице, видот му се замагли, очите му пропаднаа, и стана само кожа и коска.

По заминувањето на свети Алексиј од дома во онаа свадбена ноќ, неговите родители го бараа насекаде, но не го најдоа. Горко плачеа по него и нивната радост се претвори во тага. Тогаш неговата мајка влезе во собата, ги затвори порзорците, распростре кострет, ја посипа главата со пепел, падна ничкум, и лелекајќи се молеше и говореше:

- Нема да станам одовде, ниту ќе излезам од овој затвор, сѐ додека не дознаам што се случи со мојот син единец.

А неговата невеста стоеше покрај неа и низ солзи говореше:

- Ниту јас нема ди си заминам одовде, туку стрпливо ќе чекам додека не слушнам нешто за мојот младоженец, каде се наоѓа и каков живот одбрал за себе.

А пак неговиот татко, силно нажален ги испрати на сите страни своите слуги, да му го бараат синот. Некои од нив дојдоа и во Едеса и го видоа оној што го бараа, но не го препознаа, туку му дадоа милостиња како на просјак. Свети Алексиј ги препозна и му заблагодари на Бога што го удостои да прими милостиња од домашните слуги свои. Слугите се вратија и му кажаа на својот господин дека насекаде го барале неговите син, но не успеале да го најдат.

Свети Алексиј проживеа седумнаесет години во црквата „Света Богородица“ во Едеса, и му стана мил на Бога. Потоа за него му беше откриено на прислужникот на црквата, зашто тој ја виде иконата на Пресвета Богородица во видение. Богомајката му рече:

- Воведи го во мојата црква човекот Божји, достоен на Небесното Царство, зашто молитвата негова како мирисно кадење излегува пред лицето Божјо. Како на царска глава круната, така на него почива Духот Свети.

По тоа видение прислужникот го побара таквиот човек, но не го најде. Затоа се обрати кон Богородичната икона, молејќи ја Владичицата да му го покаже човекот Божји. И повторно во видение, Пресвета Богородица му рече дека човекот Божји е оној просјак што седи крај вратата на црковната паперта. Тогаш прислужникот го побара и го внесе да живее во црквата. Многумина дознаа за неговото свето житие, и започнаа да го почитуваат.

Одбегнувајќи ја славата и почитта, свети Алексиј замина од градот Едеса, и никој не знаеше каде. Се качи на еден кораб кој пловеше за Киликија и си велеше во себе:

- Ќе отидам во Киликија каде никој не ме познава, и ќе останам во храмот на свети апостол Павле.

Додека патуваше, по промисла Божја настана бура која многу денови го носеше коработ и тој доплови во Рим, не по желба на патниците.

Кога излезе од коработ, свети Алексиј си рече во себе:

- Нема да бидам терет за никого, туку ќе отидам во својот дом како непознат.

Кога наближи до дома го сретна својот татко како напладне се враќа од царската палата, придружуван од многу слуги.

Алексиј му се поклони до земја, говорејќи:

- Слуго Божји, смилувај се на мене бедниот, и дозволи ми да живеам во еден агол од дворот твој, за да можам да се хранам од трошките што паѓаат од трпезата твоја, та ако имаш некој твој во туѓина, нека ти се врати жив и здрав.

Кога слушна дека просјакот зборува за туѓина, Евтимијан веднаш се сети на својот син Алексиј и заплака. Се сожали на просјакот и му дозволи да живее во неговиот двор. На своите слуги им рече:

- Кој од вас ќе му служи на овој просјак, и ако му угоди, ќе биде слободен и ќе добие наследство од мојот дом. Веднаш да му се направи куќичка на просјакот покрај капијата на мојата палата, за да можам да го гледам кога заминувам и доаѓам. Да му се дава храна од трпезата моја, и никој да не го нажали.

Така свети Алексиј започна да живее во мала куќичка покрај капијата на татковата палата. Евтимијан секојдневно му испраќаше храна од својата трпеза, но тој ја раздаваше на други просјаци, а самиот јадеше колку да не умре од глад. Ноќите ги минуваше во молитва без сон, и секоја недела се причествуваше со Божествените Тајни во црквата. Чудесно беше трпението на овој човек Божји. Слугите постојано му чинеа пакости и го злоставуваа: едни го шамараа, други го влечеа за косата, трети го тепаа, четврти му истураа помија врз главата, а некои на разни начини го исмеваа. Непобедливиот страдалник го поднесуваше сето тоа со молчење, зашто знаеше дека го прават поттикнати од ѓаволот. Вооружен со молитвата против самиот ѓавол, тој со трпение го победуваше неговото лукавство.

Причина за неговото чудесно трпение беше и тоа што кон неговата куќичка гледаше прозорецот од палатата во која што живееше неговата невеста, која како втора Рута не сакаше да си замине од неговиот дом, туку седеше со свекрвата и плачеше. Многу пати свети Алексиј ја слушаше својата жена како кука по него, исто како и неговата мајка, и тоа многу го жалостеше и му го параше срцето, но љубовта кон Бога ја победуваше телесната љубов кон невестата и родителите, и светителот со радост ја поднесуваше неподносливата тага.

Така Алексиј помина во родителскиот дом седумнаесет години, и никој не го препозна, туку сите го сметаа за просјак и странец, него, - синот и наследник, и господар на домот. А кога на Господа Му беше по волја да го земе кај Себе од така мачниот живот, Он му го откри денот и часот на неговото заминување. Тогаш свети Алексиј измоли хартија, мастило и перо од слугата што му прислужуваше, го опиша целото свое житие и некои тајни познати само на родителите, по кои тие би го познале. Го опиша и тоа што ѝ го рече на својата невеста кога ѝ ги предаде прстенот и појасот завиткани во порфира. Најпосле го додаде и ова:

- Ве молам, родители мои мили, и чесна невесто моја, немој да ми се лутите што ви зададов огромна тага и жалост, и ве напуштив. И мене ми се кинеше срцето поради вашите страдања, и многу пати му се молев на Бога за вас, да ви подари трпение и да ве удостои на царството Свое. Се надевам дека ќе ја исполни мојата молба, зашто јас од љубов кон Него се покажав толку немилосрден кон вашата болка и толку суров кон себе. Секој треба повеќе да го слуша Творецот и Спасителот свој, отколку родителите. Верувам дека ќе примите голема радост на небесата.

Откако го напиша тоа, тој сѐ до часот на своето претставување, времето го помина во молитва.

Еден ден, кога пресветиот папа Инокентиј служеше света литургија во соборната црква на светите Апостоли, а беше присутен и царот Хонориј, пред крајот на литургијата од олтарот се огласи чуден глас, кој рече:

- Дојдете кај мене сите што сте уморни и обременети и јас ќе ви дадам спокој.

Кога го слушнаа тоа присутните се запрепастија, паднаа ничкум на земјата, и повикаа:

- Господи помилуј!

Потоа по втор пат се слушна:

- Побарајте го човекот Божји, кој наскоро ќе се ослободи од телото. Тој нека се помоли за доброто на градот.

Сите се вдадоа во барање на таквиот човек, но не можеа да го најдат. Затоа, во четвртокот навечер се собраа сите во црквата на светите Апостоли, и извршија сеноќно бдение, молејќи го Христа Бога да им го покаже Својот угодник. Кога осамна, човекот Божји свети Алексиј, се раздели од телото свое и отиде кај Господа. Тогаш се јави глас од олтарот на црквата како првиот пат, и рече:

- Човекот Божји барајте го во домот на Евтимијан.

Тогаш царот се обрати кон Евтимијан и му рече:

- Каква благодат си имал во својот дом, а нам ништо не ни кажа за тоа.

Евтимијан му одговори:

- Верувајте ми, јас не знам ништо за тоа.

И го повика својот најстар слуга и го праша:

- Знаеш ли ти некој од останатите мои луѓе да има некоја доблест и да Му угодува на Бога?

Овој одговори:

- Не знам, зашто на сите им се туѓи добродетелите и не живеат богоугодно.

Тогаш и царот и папата се упатија кон домот на Евтимијан, за да го побараат човекот Божји. Евтимијан побрза пред нив, намести во својата палата престоли за царот и папата, и излезе да ги пречека со свеќи и кадилници. Сопругата на Евтимијан, која тагуваше во својата соба, кога го слушна метежот запраша:

- Што се случило?

А кога дозна дека дошле, и поради што дошле царот и патријархот, многу се зачуди.

Додека царот, папата и кнезовите седеа и настана тишина, слугата кој што му прислужуваше на светиот Алексиј, му рече на Евтимијан:

- Господине мој, не е ли човек Божји оној просјак што ми го довери мене? Гледам големи и прекрасни дела негови; пости секој ден, ретко некогаш навечер зема леб и вода, а ноќите ги минува во молитва без сон. Но, и некои наши момци му чинат пакости, му удираат шлаканици, го влечат за косата, го полеваат со помија, а тој сето тоа со радост и кроткост го поднесува.

Кога го слушна тоа, Евтимијан поита кон просјаковата куќичка, му викна трипати низ прозорчето, но не доби одговор. Тогаш влезе внатре и го најде човекот Божји како благолепно лежи мртов. Лицето му беше покриено, а во десната рака држеше свиткана хартија. Кога му го откри лицето, тоа сјаеше од благодат, како лице на ангел. Сакаше да ја земе хартијата од неговата рака за да види што пишува, но не можеше да ја извлече, зашто раката цврсто ја држеше. Тогаш веднаш се врати кај царот и папата и им рече:

- Го најдов оној што го бараме, но веќе е мртов и држи хартија во раката, но не ми ја дава.

Тогаш царот и патријархот наредија да се изработи скапоцен одар и го изнесоа од одајата светото тело на човекот Божји, и чесно го положија. Потоа царот и патријархот ги преклонија колената, ги целиваа светите мошти и му се обратија со солзи како на жив:

- Те молиме, слуго Христов, дај ни ја оваа хартија, да видиме што стои напишано во неа, за да дознаеме кој си.

Тогаш раката ја отпушти хартијата и тие ја зедоа и му ја дадоа на библиотекарот на Големата Црква. Кога настана потполна тишина, библиотекарот со силен глас започна да чита. И кога дојде до местото каде што се зборува за родителите, невестата и за прстенот и појасот што Алексиј ѝ ги беше дал на невестата, Евтимијан сфати дека тоа е неговиот син Алексиј, падна врз неговите гради прегрнувајќи го и бакнувајќи го, и низ солзи започна да вика:

- О, чедо мое премило, зошто ни го приреди ова? Зошто толку нѐ нажали? Тешко мене, чедо мое! Ти толку години помина во својот дом и си ги гледал родителските страдања. Ти не ни се откри, за да нѐ утешиш во староста од тагата што нѐ притискаше по тебе. О, тешко мене, сине мој, утехо на душата моја! Што да правам сега? Дали да ја оплакувам твојата смрт, или да ликувам што те најдов?

Евтимијан липаше неутешно, кубејќи ја својата седа коса.

А неговата сопруга Аглаида, кога го слушна липањето на својот маж и кога дозна дека оној просјак е нејзиниот син Алексиј, ја отвори вратата на својот доброволен затвор и полета кон него, кубејќи ја својата расплетена коса. Раскинувајќи ја својата облека, таа го проколнуваше народот што ѝ го попречуваше патот викајќи:

- Дајте ми пат, дајте да го видам своето мило чедо, да го прегрнам својот единец!

И, притрчувајќи падна врз челото на својот син, го прегрнуваше и бакнуваше, говорејќи:

- Тешко мене, господине мој, тешко мене чедо мое слатко! Што си направил синко мој? Зошто толку јад им зададе на нашите души? Тешко мене, светлино на моите очи! Како не те препознав кога толку години си живеел со нас? Како не си се сожалил, слушајќи ги нашите постојани лелекања за тебе, и не си се јавил?

Исто така и неговата невеста, која триесет и четири години помина без својот младоженец носејќи црнина, падна врз светите мошти и лиеше солзи врз светото тело на својот најмил.

Потоа царот и папата наредија одарот со чесното тело на човекот Божји да се постави среде градот, за да можат сите да го видат и да се допрат до него. Тие му зборуваа на народот:

- Ете, го најдовме оној што го бараше верата ваша.

И се слеа целиот Рим, и сите се допираа до светителот, целивајќи ги неговите свети мошти, и сите што беа болни веднаш се исцелуваа: слепи прогледаа, лепрозни се очистија, ѓаволи се истераа, и сите добиваа исцеление од целебните мошти на угодникот Божји.

Царот и патријархот, гледајќи ги таквите чудеса, сами го кренаа одарот и го однесоа во црквата, за да се осветат од допирот на светото тело. Родителите и невестата одеа по одарот, плачејќи. Но, имаше толку многу народ што се туркаше за да се допре до телото на светителот, што беше невозможно да се носи одарот. Затоа, царот нареди меѓу народот да се фрлаат златни и сребрени пари, за луѓето да се одбијат од одарот и да ослободат пат до црквата. Но, никој не им обрати внимание на златото и среброто, зашто секој сакаше да го види човекот Божји, да се допре до него, и да го целива.

Тогаш папата го посоветува народот, ветувајќи му дека нема веднаш да бидат погребани светите мошти, туку ќе се почека додека сите не се допрат до нив. И, едвај се ослободи малку пат и светите мошти беа донесени до Големата Црква. Една недела ги оставија непогребани, за секој да може да се допре до нив, Во текот на таа недела, родителите и невестата остана покрај чесните мошти плачејќи. Царот нареди да се изработи ковчег од мермер и смарагди, и да се украси со злато. Го положија во него човекот Божји и веднаш од светите мошти истече благомирисно миро и го исполни ковчегот. Сите се помазуваа со тоа миро за исцеление, и на светиот Алексиј, човекот Божји, му приредија чесен погреб, славејќи го Бога.

Свети Алексиј се претстави на 17-ти март во 411 година, за време на царувањето на Хонориј во Рим, а на Теодосиј Младиот во Цариград, додека над сите царува нашиот Господ Исус Христос, со Отецот и Светиот Дух, Кому слава за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРИН

Светиот маченик Марин е роден од христијански родители. Тој беше војник. Гледајќи како идолопоклониците им принесуваат жртви не само на луѓето туку и на животните, го зафати пламена божествена ревност. И кога на еден празник незнабошците им принесуваа жртви на мртвите идоли, тој јурна, го собори жртвеникот, ги расфрла жртвите што беа на него, и ги изгази со нозете, објавувајќи дека е христијанин. Идолопоклонците веднаш го ставија на маки: најпрвин го тепаа со дебели мотки, па со камења му ги искршија забите и вилиците и го обесија за косата. Потоа го оковаа и го предадоа на кнезот. Тој го стави на многу маки и најпосле нареди да му ја отсечат главата со меч. И така блажениот Марин прими венец на мачеништво во третиот век. Еден сенатор по име Астериј, облечен во скапоцена бела облека, го набљудуваше страдањето на светиот Марин. Тој толку се воодушеви од верата во Христа која толку храброст им дава на своите следбеници, што сам го зеде телото на маченикот на своите плеќи, го однесе и чесно го погреба. Кога го видоа тоа незнабошците, го убија како христијанин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАКАРИЈ КОЉАЗИНСКИ

Преподобниот Макариј Кољазински води потекло од благороден род на Тверските болјари Кожини. Се родил во селото Грибково, на десетина километри од градот Кашино. Сега таа населба се вика Кожино. Неговиот татко Василиј, кој се прослави со воените подвизи при великиот кнез Василиј Василевич Темниот и мајка му Ирина се одликуваа со побожност и своите деца ги воспитуваа во добри обичаи. Пред своето замонашување Макариј се викаше Матеј. Во неговата седма година родителите го дадоа на школување. Тој лесно учеше, и читајќи ги Божествените книги ги одбегнуваше детските игри. Кога потпорасна започна да размислува како да го напушти световниот живот, имајќи ги на ум зборовите на Спасителот: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене“. (Мт. 19, 21). Неговите родители не сакаа тој да се замонаши, иако гледаа дека тоа е негова искрена желба. Тие му зборуваа дека може да се спаси и во светот, па тој како послушен син не сакаше да ги лути, и затоа им рече:

- Нека биде волјата Господова, јас нема да се противам на вашата желба.

Родителите се израдуваа на ваквата одлука на нивниот син, и го оженија со една девојка по име Елена, од благородното семејство Јахонтови. Иако стапи во брак, Матеј не престана да мисли како да се оддалечи до светот. Водејќи чист и побожен брачен живот, тој се договори со својата жена, оној што ќе го надживее другиот да го прими монаштвото.

Една година по неговата женидба, умреа неговите родители, адве години по нив и неговата сопруга Елена. Сега Матеј не сакаше ништо друго, освен да ја исполни својата дамнешна намера - да го остави светот, и да се замонаши. Сега ништо не го спречуваше во тоа. Веднаш, според заповедта Христова, го раздаде својот имот на сиромашните, отиде во блискиот Клобуковски манастир, и се замонаши со името Макариј. Тој ги помина сите манастирски послушанија со огнена ревност, потчинувајќи се со најголемо смирение и кроткост на само на игуменот, туку и на најмладите браќа. Постојано го посетуваше Божјиот храм и неуморно се трудеше во разните манастирски работи, читајќи ги Житијата на Светиите и други Божествени книги, така што неговите подвизи предизвикуваа восхит кај браќата во манастирот.

По многу проживеани години во Клобуковскиот манастир, Макариј започна да размислува за осаменички живот. Тој му ја откри својата мисла на игуменот и побара благослов од него. Гледајќи ја искрената желба на Макариј, игуменот го поучи и го благослови. Макариј пронајде едно место погодно за неговата намера во близина на Кашино, на дваесетина километри од реката Волга, во густата шума помеѓу две езера. Тука си направи ќелија и започна да се подвизува во пост, молитва и бдение. Никој не му пречеше во неговиот подвиг, дивите ѕверови не го напаѓаа, и тој ја делеше со нив својата сиромашна храна.

Но, наскоро кај него започнаа да се собираат други подвижници; најпрвин дојдоа седум старци од Клобуковскиот манастир. Се собраа и многу монаси од други места и околу него никнаа нови ќелии и се создаде пустинско братство. На ова ново братство му беше потребен храм Божји, заради заедничка молитва и примање на Светите Тајни. Со благослов на Тверскиот епископ, преподобен Макариј со своите соподвижници изгради дрвена црква во името на Пресвета Троица. Браќата многу се намножија и се јави потреба да имаат свештеник и игумен. Смирениот Макариј не сакаше да ја прифати таа одговорност туку ја предлагаше на другите, иако самиот раководеше со подвижничкиот живот на новата обител. Тој заведе строг поредок во манастирското општожитие со така строг устав, така што биле сменети двајца игумени поради неговото нарушување. Најпосле браќата го измолија, тој да го прими свештеникиот чин и власта на игумен. По долго одбивање, тој се согласи и беше поставен за игумен од страна на Тверскиот епископ. Како игумен, тој водеше најпрост начин на живот и со своите трудови им даваше пример на сите.

Сопственикот на околното земјиште, некој си Иван Кољага, од самиот почеток не беше наклонет кон свети Макариј. И кога тој стана игумен, неговата нељубов се претвори во злоба и отворено непријателство. Тој се плашел неговиот имот да не биде присвоен од обителта, па реши да го тргне Макариј, а ако е потребно и да го убие. Но, по промисла Божја, неговата намера не само што не се оствари, туку се претвори во корист за обителта и во слава на преподобниот Макариј. Наеднаш целото негово семејство умре, а самиот Кољага тешко се разболе. Во таквата несреќа, тој увиде дека тоа е Божја казна за неговиот тежок грев (злобната помисла кон свети Макариј), се покаја и нареди да го однесат кај преподобниот. Крај неговите нозе тој молеше за прошка, а светителот му рече: „Бог нека ти прости чедо!“ И го поучи за минливоста на земните богатства. Кратката поука така подејствува врз Кољага, што тој одлучи да го остави светот, да се замонаши и целата своја земја да ја подари на манастирот.

Гласот за строгоста на монашкиот живот во манастирот на Макариј се рашири надалеку. Кај него започнаа да доаѓаат многу мирјани и монаси, желни за спасение. Еднаш кај него дојдоа две млади момчиња од болјарски род, кои тој одамна ги познаваше.

Примајќи ги во својата ќелија како обични патници, тој започна да ги прашува каде тргнале и поради што. Патниците му рекоа дека сакаат да го остават светот и да се населат во некоја пустина. Тие му рекоа:

- Знаејќи те од детството, и сеќавајќи се на твојата претходна љубов и поуки од Божественото Писмо, и сега, слушајќи за твојот строг монашки живот, ние дојдовме кај тебе да те молиме да нѐ примиш на послушание кај себе.

Сакајќи да ги стави на проба, преподобниот им рече:

- Јас сум грешен човек и затоа се населив во пустината да Му се молам на Бога за своите гревови. А вие, вратете се кај своите родители за да не тагуваат.

Но, момчињата беа одлучни и со солзи го молеа да ги прими во заедницата. Кога виде дека се искрени, преподобниот ги прими и по потребното искушеништво ги замонаши.

Очевидец и сведок на подвижничкиот живот на свети Макариј и строгоста на неговиот манастирски општожитиен устав бил знаменитиот подвижник на монаштвото на тоа време, свети Јосиф Волоколамски. Имајќи намера да основа нов манастир според правилата на строгото општожитие, преподобен Јосиф тргна на пат од Пафнутиево Боровскиот манастир за да ги посети северните руски манастири, да го види монашкиот живот во нив, и да ги проучи манастирските устави и поредоци. Тогаш, тој сврати и во Коњазинскиот манастир, го виде преподобниот Макариј, разговараше со него и во своето „Сказанију о свјатих отцах“ го остави следното кажување:

- Јас го видов, - вели преподобниот Јосиф - и блажениот старец, игуменот Макариј, основачот на Коњазинскиот манастир. Тој ми го велеше ова: Кога дојдов на ова место, со мене дојдоа и седум старци од Клобуковскиот манастир. Тие беа толку совршени во добродетелите, што сите браќа доаѓаа кај нив заради поука и духовна корист, и просветувајќи се, се поучуваа. Сѐ во манастирот се работело според уставот, согласно со отечките и општожитијни преданија, така што многу се восхитувал великиот старец Митрофан Биватњцев. Тогаш тој беше дошол од Света Гора каде што поминал девет години. Старецот им зборуваше на браќата: Бадијала сум се мачел да одам дури на Света Гора, кога овде го имаме Коњазинскиот манастир; зашто е возможно да се спасат и оние што живеат во него; во него се се работи исто како во општожитијата на Света Гора.

Уште за време на животот на преподобниот Макариј, од Колазинскиот манастир, кој се одликуваше со така побожен живот, излегоа неколку основачи на нови манастири. Тие се: Ефрем Перјекомски, кој го основал Перјекомски Николаевскиот Манастир во Новгородската област на езерото Иљмен; и преподобниот Пајсиј Углички, роднина на преподобниот Макариј, кој го основал Покровскиот манастир, близу градот Углич, на левиот брег на реката Волга.

Побожниот живот на свети Макариј беше славен пред луѓето и по волја на Бога. Неговата молитва беше чудотворна. Според моќта на оваа молитва Бог на многумина им даруваше утеха во неволјите и исцеленија од болестите. Во Кашинскиот округ имаше, а и сега постои, селото Кесово или Кесова Гора. Таму живееше некој Захариј, кој долго боледувал и беше фатен. Тој многу имал слушано за моќта на Макариевата молитва пред Бога, па започна да ги моли своите блиски да го одведат кај него. Кога дојде кај него, горко плачеше и молеше:

- Преподобен оче Макариј, помогни ми мене фатениот!

Преподобниот одговори:

- Брате, тебе те донеле овде за да ја испробаат мојата немоќ. Како молиш помош од грешник, кој едвај стекнал многу малку за своето поправање!

Но, фатениот продолжи:

- Знам, слуго Божји, знам дека твојата молитва за мене грешниот, нема да биде залудна пред Бога!

Кога ја виде искрената и длабока вера на болниот, Макариј рече:

- Чедо, Бог не ја сака смртта на грешникот, туку да се обрати кон спасение, и Он знае на кој начин ќе го доведе до спасение преку покајание. Тебе Бог те посетил и, ако се покаеш и ги оставиш претходните навики, Он ќе ти испрати исцеление. Но, ако не се покаеш, ќе пострадаш уште повеќе.

Тогаш болниот низ солзи ги исповедаше своите гревови од младоста. Преподобниот се помоли, му даде благослов, и заедно со благословот му го поврати здравјето. Потоа тој стана свештеник во своето село, и целиот живот не ги заборави поуките на преподобниот Макариј.

По извесно време кај преподобниот доведоа едно момче од болјарски род, по име Василиј Рјасин, кое патело од лудило. Гледајќи ги маките на болниот и тагата на родителите, светителот беше трогнат и започна да служи молебен за негово здравје. Кога по молитвата го осени болниот со крстниот знак, тој веднаш се исцели и израдуван од милоста Божја повеќе не сакаше да се врати во родителскиот дом, туку одлучи да остане во манастирот и да прими монашки постриг од преподобниот Макариј.

Еднаш крадци ги фатија манастирските волови кои што браќата ги користеа за полските работи. Кога крадците сакаа да го потераат својот плен, ненадејно беа ослепени и долго лутаа, низ околината на манастирот. Преподобниот Макариј ги здогледа, и како да не знае што се случува, ги праша зошто се овде и од каде им се воловите. Злосторниците признаа за својата зла намера и го молеа да им прости. Преподобниот им го прости гревот, им го врати видот, и им се закани во иднина да не помислуваат на слични зли дела.

Со строгото манастирско општожитие и светоста на својот живот, преподобниот успеа материјално да го осигура издржувањето на манастирот. Тој го подари целиот татков имот на манастирот. Освен споменатиот земјопоседник Иван Кољага, имаше и други кои своите имоти ги даваа на манастирот и приложуваа предмети и пари. Славата на Макариевиот подвиг поттикнуваше многу богати луѓе да поклонуваат земја на манастирот. Но, преподобниот Макариј многу повеќе се грижеше за душевното спасение и постапуваше според Евангелските зборови:

„Најпрвин барајте го Царството на Бога и Неговата правда, и сѐ друго ќе ви се придаде“ (Мт. 6, 33). Иако достигна длабока старост, светиот продолжи да се предава на бдение и молитва, и неговите нозе како цврсти столбови стоеја на молитва и дење и ноќе. Во Март 1483 година тој тешко се разболе и почувствува дека му се ближи крајот, па ги повика браќата кај себе и рече:

- Возљубени отци и чеда јас, како и сите земнородни, заминувам на патот на моите отци, а вас ве предавам на Господ Бог, Кој ќе ве раководи и ќе ви даде вечно наследство. Трудете се за своето спасение на секој начин. Постојано работете и бидете во бдение и непрестајна молитва; чувајте ја чистота на душата и телото; не враќајте зло за зло или навреда за навреда. Браќа, знајте дека, ако добијам слобода пред Господа, мојата обител нема да оскудева туку ќе се прошири.

Откако ги благослови и прегрна сите браќа, преподобниот се причести и рече:

- Слава на Бога за сѐ. Амин.

И го предаде својот Дух на Господа во 81 година од својот живот, на 17 март 1483 година. Исплакан од браќата, преподобен Макариј беше погребан близу дрвената црква, што тој ја подигна. На неговиот гроб беше направена дрвена капела и украсена со свети икони.

Подвизите на преподобниот створија почитувачи на неговиот манастир и по неговата блажена смрт. Прилози стигнуваа постојано. Во 1521 година трговецот Михаил Воронков Дмитровски изрази желба на местото на старата дрвена црква да изгради камена. Со благослов на епископот Тверски и Кашински Нил, а при игуменот на Кољазинскиот манастир Јоасаф, се отпочна со работа. При раскопувањето на земјиштето наоѓаа коски на порано погребани браќа, но на местото каде беше погребан преподобниот основач на манастирот, најдоа цел ковчег. Од него започна да се шири благопријатен мирис. Работниците веднаш го известија игуменот Јоасаф, и тој со умиление и солзи започна да го целива откопаниот ковчег, не сомневајќи се дека во него се моштите на преподобниот Макариј. Веднаш се собраа сите браќа и многуброен народ, ги пренесоа моштите покрај старата црква и отслужија парастос над нив. Потоа го отворија ковчегот и од него се разли уште посилен мирис и телото на преподобниот кое триесет и осум години лежело во земјата, беше негнилежно, па дури и ризите и седата коса на старецот беа светли. Тоа се случи на 25-ти мај во 1521 година. Народот со умиление го прославуваше Господа и многу болни и немоќни кои со вера пристапуваа кон новопронајдените мошти, добиваа исцеление.

Израдувани од ваквата благодат, игуменот и браќата поитаа и за тоа го известија Дмитровскиот кнез Јуриј Иванович. Испратениот јеромонах усно му соопшти сѐ на кнезот. Игуменот Јоасаф се погрижи да се запишат најважните чудеса што се случиле од моштите заедно со имињата на исцелените, и тие записници му ги испрати на кнезот. Јуриј Иванович веднаш отпатува во Москва и за сѐ што се случило во Кољазин го извести својот брат, великиот кнез Василиј Иванович и митрополитот Данил. Потоа многу од исцелените лично дојдоа и посведочија за вистинитоста на своето исцеление. Архимандритот на Московскиот манастир Чудов, Јона, дојде во Кољазинскиот манастир, се убеди во негнилежноста на светите мошти на преподобниот Макариј и за нивната чудотворна сила, и за тоа посведочи во Москва, пред великиот кнез и митрополитот. Тогаш тие во Москва свикаа собор од епископи, архимандрити, игумени и други духовни лица. На соборот беа изложени сите околности околу наоѓањето на моштите на преподобниот Макариј. Беше разгледан неговиот свет живот и чудеса како за време на неговиот живот, така и по смртта од неговите мошти. Соборот донесе одлука преподобен Макариј Кољазински да биде вброен во ликот на Светиите и му одреди денови на празнување: седумнаесетти март - денот на неговата смрт, и дваесет и шести мај - денот на наоѓањето на неговите мошти.

Нетлените мошти на преподобниот Макариј беа пренесени во старата дрвена црква, а потоа ставени во нов дабов кивот и свечено изложени на десната страна во новата камена црква, подигната од трговецот Воронков.

При откривањето на моштите на преподобен Макариј, од страна на монасите се запишани четиринаесет чуда. Ќе наведеме некои од нив:

Во манастирското сиротилиште живееше еден беден човек, по име Јован. Неговите нозе се беа исушиле како дрво и беа згрчени. Полни дваесет години тој лазел, потпирајќи се на рацете на мали штаки. Еднаш, тој здогледа како свештениците служат молебен крај кивотот на преподобниот, со мака доползи до нив, и ги замоли да се помолат на Господа и на неговиот угодник за него. Тие го попрскаа со света вода, го отворија кивотот и сакаа да го подигнат страдалникот да ги целива светите мошти, но тогаш неговите нозе се исправија и тој самиот стана, на запрепастување на сите. Од тогаш беше потполно здрав.

Ѓаконот на Кољазинскиот манастир Андреј долго време страдал од страшни болки во коските. Кога го донеле кај моштите на преподобниот, тој со вера ги целивал и во тој час добил исцеление.

И други лица се исцелија од разни болести: две манастирски момчиња се исцелија од лудило; еден скитник, богомолец, на кого трите прста од десната рака му беа згрчени и прираснати за дланката се исправија и оздравеа, кога тој со молитва го допре кивотот на чудотворецот; една жена беше цела отечена, а друга беше глува. И двете се исцелија со сесрдните молитви на угодникот Божји; некое момче Григориј кое десет години лежело неподвижно зашто било фатено, беше донесено на одар и положено пред кивотот на преподобниот. Малку по малку тоа започна да ги чувствува нозете и рацете, па смогна сили, стана од одарот и се помоли пред светите мошти. Тогаш сите го прославија Бога и неговиот угодник.

Еднаш во манастирот дојде еден човек по име Лаврентиј, и раскажа дека две години страдал од болест во нозете. А кога ветил дека ќе се замонаши во Кољазинскиот манастир, веднаш се исцелил. На пат кон манастирот го нападнале разбојници, и целиот во рани, тој се вратил во Москва. Но, таму ослепел, и во недоумица и очај се сетил на своето ветување дека ќе се замонаши во обителта на преподобниот Макариј, и веднаш прогледал. Сега тој беше дојден во манастирот за да го исполни своето ветување.

Болјаринот Јован дојде во Кољазинскиот манастир. При враќањето, игуменот го благослови богомолецот со една икона на преподобниот Макариј. Дома болјаринот многу раскажуваше за чудесата на преподобниот. Меѓу неговите луѓе имаше еден фатен човек по име Теодор, кој шест години лежел неподвижен. Неговиот побожен господар ја донесе кај него иконата на преподобниот и нареди да се отслужи молебен со водосвет. Кога го попрскаа болниот со света вода, тој стана здрав од постелата, на восхитување и утеха на сите.

Некој бесомачен човек по име Онуфриј, со мака бил довезен од Новгород. Тој никако не сакал да се доближи до кивотот на чудотворецот, и започнал да изговара хулни зборови така што неговите блиски сакаа да го вратат назад. Некои се осмелија дури и да го прекоруваат преподобниот дека не е во состојба да го исцели болниот. Најпосле, тие со сила го одвлекоа до чудотворниот кивот и штом се допре до него, тој силно вресна и падна на земјата, исфрлајќи пена од устата. Присутните помислија дека веќе умира и го попрскаа со света вода. Но, страдалникот ненадејно се освести и потполно свесен се распрашуваше каде се наоѓа. Кога доби одговор, тој побожно ги целиваше моштите на преподобниот, му благодареше на Бога, го даруваше манастирот, и здрав се врати дома.

Претсмртните зборови на преподобниот Макариј се оправдаа: неговата обител не оскудуваше, туку се ширеше; ја посетуваа московските цареви и богато ја даруваа. Така, во 1533 година беше посетена од царот Иван Василевич Грозниот, и тој ѝ подари многу земја. Во 1599 година во Кољазинската обител дошол царот Борис Годунов со сопругата и децата да се помоли и да измоли благослов од угодникот Божји, за претстојниот брак на принцезата Ксенија со данскиот принц Јован. Посетителите како дар му донеле великолепен сребрен кивот на преподобниот, во кој, во нивно присуство беа преместени моштите на богоугодникот.

Како тогаш, така и подоцна, а и во најново време, манастирот постојано напредува. Во него се обновувале, се доградувале стари храмови и конаци и се граделе нови. Богомолци од сите страни го посетуваат манастирот. Посебно многу народ се слева во деновите на Свети Макариј: на 17-ти март и на 26-ти мај. На 26-ти мај кивотот со светите мошти на преподобниот Макариј се носи околу главниот манастирски храм Пресвета Троица, во кој тие се наоѓаат и сега, и почиваат во отворениот позлатен сребрен кивот.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТЕОСТИРИКТ ИСПОВЕДНИКОТ

Се претставил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ПАВЛЕ

Поради молитвеното почитување на светите икони бил изгорен во оган на Кипар, околу 777-та година.