31. Март  (18. Март)

 

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ КИРИЛ,

архиепископот Ерусалимски

Свети Кирил се роди во 315 година во Ерусалим од благочестиви родители, во времето на царот Константин Велики. Воспитан во Православието, тој се замонаши и во 343 година беше посветен за свештеник од ерусалимскиот архиепископ Максим. А кога блажениот архиепископ го напушти овој свет, свети Кирил го наследи на ерусалимскиот престол во 348 година. Се истакна како најревносен заштитник на апостолските догмати, побивајќи ги аријанската, македониевата и манесова ерес. Поради тоа го мразеле еретичките архиереи, меѓу кои бил и архиепископот на Кесарија Палестинска, Акакиј, од кого подоцна беше прогонет.

Во времето на пресветиот архиепископ Кирил имаше чудно јавување на небото. На Педесетница се појави крст посветол од сонцето, кој се протегаше над Ерусалим и Елеонската Гора. Тоа јавување траеше неколку часа. За таа чудесна појава, видена од сите жители на Ерусалим, свети Кирил му пишуваше на царот Констанциј, советувајќи го да премине во Православието, зашто тој беше скренал од правиот пат на верата и залутал во аријанското зловерие, и ги злоставуваше православните.

Споменатиот Акакиј, имајќи подршка од царот како негов познаник, се крена против свети Кирил од две причини: прво, поради тоа што свети Кирил го изобличуваше за ереста, и второ, затоа што свети Кирил не сакаше да му се потчини. Во тоа време градот Ерусалим беше опустошен и омаловажен од безбожните римски цареви, па и престолот на ерусалимската архиепископија беше многу потценет и ставен под власта на митрополитот на Кесарија Палестинска. Пресветиот Кирил не сакаше да му се потчини на Акакиј затоа што е еретик, кој како таков беше исфрлен од престолот на Сардикискиот помесен собор на светите Отци (343 г.). Сега Акакиј се држел до митрополитскиот престол не врз основа на црковните канони, туку врз основа на царската сила. Свети Кирил го изобличуваше поради тоа што седеше на престолот насилнички, а не пастирски. Одвојувајќи се од Кесариската митрополија, свети Кирил сосем умешно тврдеше дека Ерусалимскиот престол е прв и постар од Кесарискиот, бидејќи Ерусалимската Црква е мајка на сите Цркви. Освен тоа Сардикискиот собор на кој е исфрлен Акакиј, старешинството му го предал на Ерусалимскиот ерхиепископ, блажениот Максим, претходникот на свети Кирил.

Исполнет со злобна јарост, Акакиј изнесе ваква клевета против светиот Кирил:

Една година настана суша и глад во Ерусалим; во својата неволја од глад, сите жители се собраа кај блажениот Кирил, молејќи го да ги прехрани. Милостивиот пастир потроши сѐ што имаше, но, бидејќи гладта продолжи и тој повеќе немаше со што да ги храни, започна да ги продава златните и сребрени црковни работи и од тие пари купуваше жито и му го делеше на народот. Тогаш се пронесе глас дека божем некоја жена комичарка била видена во градот како јавно оди облечена во црковна света облека и по свој обичај игра; прашана од каде ѝ е таа облека, таа одговорила: „Ја купив од пазарот, од тој и тој трговец“. Прашан, трговецот рече дека архиепископот му дава облека за продавање. Дали е точно тоа или не, не постојат податоци, но гласот за тоа дојде до митрополитот Акакиј. Тој се повика на тоа како оправдана причина да свика собор на кој го исфрли свети Кирил затоа што ги продава светињите на срам и потсмев. Помогнат од моќните еретици, еретикот го исфрли православниот. Неканонскиот архиереј го истера од престолот канонскиот свети Кирил и насилно го протера од Ерусалим (357 г.).

Прогонет, свети Кирил отиде во Антиохија, а оттаму во Тарс кај блажениот епископ Силван и живееше кај него. Кога виде дека тој во некои догмати на верата греши по малку, го поправи и го упати во правоверието. Дознавајќи дека свети Кирил се наоѓа кај епископот Силван, Акакиј му напиша писмо известувајќи го за симинувањето на Кирил и бараше од него да го избрка и да не му дозволи да чинодејствува. Но, Силван не го послуша Акакиј зашто знаеше дека свети Кирил е невино прогонет поради злоба и завист, и дека тој е побожен, свет и мудар човек, до чие учење цврсто држат сите православни.

Потоа беше свикан Соборот во Селевкија (359 г.) на кој присуствуваа 150 епископи. Тогаш Акакиј настојуваше соборот да не отпочне со работа, сѐ додека не биде избркан свети Кирил како одлачен. Бидејќи мнозинството од епископите не се согласи со тоа, Акакиј го напушти соборот и отпатува во Цариград кај Евдоксиј, аријанскиот патријарх, и кај царот Констанциј. Пред нив ги клеветеше епископите собрани во Селевкија, нарекувајќи го тој Помесен собор збориште на опасни луѓе, кои се собрале на штета на Црквата. Посебно беше гневен против свети Кирил, и раскажуваше дека тој ја продал онаа скапоцена златоткајна риза што блажениот Константин Велики му ја подарил на архиепископот Ерусалимски Макариј, да ја носи при вршењето на тајната Крштение, и дека таа риза била видена кај една комичарка која играла пред народот. Рагневен, царот го осуди свети Кирил на заточение (360 г.).

Кога умре царот Констанциј, престолот го зазеде законопрестапникот Јулијан. На почетокот тој се преправаше како побожен и добар, ги поништи сите одлуки на Констанциј и ги врати од заточение сите православни епископи. Тогаш и свети Кирил се врати од заточение и повторно го зазеде својот престол. Но, кога ја зацврсти својата власт, Јулијан јавно се одрече од Христос и им даде голема слобода на Евреите. Тој им дозволи да го обноват Соломоновиот храм во Ерусалим, при што им помагаше со народниот данок. Кога беше отпочнато тоа богохулно дело, свети Кирил пророчки им зборуваше на своите, дека ќе се исполнат Христовите зборови: „Ни камен на камен нема да остане; сѐ ќе биде урнато“ (Лк. 21, 6). Тој Му се молеше на Бога да не им дозволи на непријателите да го завршат започнатото дело.

Господ ги слушна молитвите на Својот слуга и неговите пророчки зборови се исполнија. Една ноќ настана силен земјотрес, кој сруши сѐ што беше соѕидано, дури и старите камења што се држеа на земјата. А кога осамна, со собра многу народ таму, восхитувајќи му се на тоа чудо. Кога Евреите сакаа повторно да започнат да градат, ненадејно падна оган од небото и им го изгоре целиот алат. Сите Евреи се исплашија, а наредната ноќ врз еврејската облека се појавија исцртани крстови кои никако не можеа да се избришат.

По тоа свети Кирил повторно беше прогонет, а неговиот престол го држеше неговиот заменик Киријак, кој во еврејството се викаше Јуда. Тој е истиот Евреин што ѝ покажа на царица Елена каде беше сокриен Чесниот Крст. На светото крштение, тој го доби името Киријак. По прогонството на свети Кирил тој кратко време беше на ерусалимскиот престол, зашто пострада за Христа од Јулијан Отстапникот, како што пишува за него под дваесет и осми октомври.

Кога умре беззакониот Јулијан, свети Кирил повторно се врати на својот престол. Но, по неколку години, кога аријанците повторно зајакнаа за време на царувањето на Валент (364-378 г.), свети Кирил по трет пат беше прогонет за верата (367 г.), зашто многу им се спротивставуваше на еретиците, борејќи се за неа.

А кога со зла смрт загина злиот цар Валент (378 г.), и по него на царскиот престол дојде Теодосиј Велики, свети Кирил чесно беше вратен на својот престол, и остана осум години непрекинато. Зеде учество на Вториот Вселенски Собор во Цариград во 381 година, заедно со останатите православни отци на Црквата. Мудро ја пасеше Црквата Христова и остави корисни книги. Се упокои во Господа околу 387 година. Најпознати меѓу неговите книги се 23 „Катихези“ (Најави, Поуки за верата), во кои, тој ги толкува светите догмати и светите тајни на Православната Црква.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МОНАХОТ АНИН, ЧУДОТВОРЕЦОТ

Преподобниот Анин беше родум од Халкидон. Потекнува од благоверни родители; беше мал по раст како древниот Закхеј, но голем сад на Светиот Дух. Уште од мал беше кроток и молчалив и без никаков учител се стремеше кон добри дела.

Кога имаше петнаесет години остана без своите родители. Тогаш се одрече од светот, стапи во еден манастир и се замонаши. Потоа, желен за целосно безмолвие, тој отиде длабоко во пустината, каде реката Еуфрат ги раздвојува Сирија и Персија, Таму пронајде еден монах по име Мајума, кој во пештерата живеел подвижнички живот, се насели кај него и го подражаваше во постењето и сеноќната молитва. Тие постеа така што преку целата света Четириесетница сѐ до Воскресение не јадеа ништо, но лицата им беа светли како постојано да се гостат на царска трпеза. Како ученик, блажениот Анин толку напредна што го надмина и старецот. Освен светата Четириесетница, тој многу пати поминуваше по четириесет дена без храна, молејќи се и дење и ноќе. Старецот се восхитуваше на таквиот негов подвиг. Во нивна близина немаше вода, и затоа Анин му носеше на старецот во една стомна од реката Еуфрат. Не сакаше да носи вода во голема стомна за да оди повеќе пати. Еднаш, додека одеше по патот ангел му налеа вода во стомната, и тој се врати и му ја даде на старецот. Старецот се зачуди, како тој се вратил толку брзо и сфати каква благодат Божја има во неговиот ученик. Тогаш посака да го има него за свој учител и старец, но не можеше да го убеди. Затоа, не сакајќи да му служи таков угодник Божји, тој си замина оттаму, отиде во еден манастир на Еуфрат и им раскажа на браќата за светиот Анин. Од тој час, свети Анин стана познат и кај него започнаа да доаѓаат монаси.

По заминувањето на старецот Мајума, светиот Анин остана во таа пештера, велејќи си во себе: Си ме упатил да дојдам овде, затоа ќе останам до својата смрт. Многупати одеше во внатрешната пустина и во неа поминуваше по дваесет, а понекогаш и по триесет дена, и повторно се враќаше во својата пештера. Ги умртви страстите, го потчини телото на духот, а Бог ги потчини дивите ѕверови да му служат нему. По него постојано одеа два лава, а на едниот од нив тој му беше излечил рана на ногата.

Преподобен Анин им беше бесплатен лекар не само на ѕверовите туку и на луѓето, зашто Бог му даде благодат да ги исцелува болестите, и гласот за него се пронесе насекаде. Сите што доаѓаа кај него, тој ги исцелуваше и ги отпушташе здрави. Тогаш престана да оди во пустината и седеше во ќелијата поради луѓето што му доаѓаа, зашто Бог го даде како извор на исцеленија во тој крај.

Бидејќи немаше вода во близина, а беше потребна за многубројните посетители, тој ископа мал бунар за собирање на дождовница, Еднаш, за време на голема горештина, кај него дојдоа жедни луѓе. Свети Анин му нареди на еден од своите шест ученици да зафати вода од бунарот, но ученикот му рече дека во него нема ниту капка вода. Тогаш преподобниот тивко му рече: „Се надевам во името Господово, дека ќе најдеш вода во бунарот за да ги напоиме жедните гости“. Ученикот отиде и го најде бунарот полн со вода. Зачуден, тој се радуваше и го славеше Бога. Му однесе вода на отецот, и му кажа за чудото што станало по молитвите негови. Тоа чудо се случи во седумнаесеттата година од подвижнишвото на преподобниот Анин. Откако се потроши таа вода, а дожд немаше, преподобниот Анин не сакаше да бара ново чудо од Бога и започна сам да носи вода од Еуфрат. И така, секоја ноќ до самнување, тој носеше вода славејќи го Бога. Еден ден кај него дојдоа некои браќа од манастирот да го посетат. Тие беа жедни од патувањето. Преподобниот веднаш ги зеде стомните, и отиде по вода на далечната река, но веднаш се врати. Кога го видоа, браќата помислија дека не му е добро, и притрчаа да му помогнат. Но, кога видоа дека стомните се полни, се восхитија зашто ангел Господов му ги беше наполнил, исто како и првиот пат кај старецот Мајума. Сите го прославија Бога, а смиреноумниот светител рече:

- Простете ми браќа, јас сум грешен човек. Оваа вода ни ја даруваше Бог поради вашата жед, а не заради мене.

Епископот на градот Неокесарија, Патрикиј, многу го сакал и почитувал свети Анин поради неговиот свет живот и чудесата што ги правел со благодата Божја, па го ракоположи за презвитер. И кога епископот слушна дека преподобниот се мачи носејќи вода од Еуфрат за своите посетители, му поклони едно магаре. Но, по неколку дена кај преподобниот дојде еден сиромав човек кој не можел да го врати долгот на заемодавецот. Тој го молеше светиот да се смилува и да му помогне да го исплати долгот. Немајќи што да му даде, преподобниот му рече:

- Брате, земи го ова магаре, продај го и врати го својот долг.

Сиромавиот го зеде магарето и си замина радосен, а светителот повторно започна сам да носи вода од реката. Кога дозна за тоа, епископот му испрати друго магаре, со ваква порака:

- Ова магаре не ти го подарувам, туку ти го давам да ти носи вода, а кога ќе ми затреба пак ќе си го земам.

Но, по некое време дојде друг сиромав, просејќи милостина. И, бидејќи немаше ништо друго, преподобниот му го даде магарето. Потоа епископот дојде да го посети, и кога виде дека го нема магарето, нареди да се ископа длабок бунар, и го наполнија со вода што ја донесоа со многу магариња. Тогаш епископот ги зеде своите магариња и си отиде. Кога ќе се испразнел бунарот, тој повторно ги испраќал своите магариња за да го наполнат, и пак ги враќал назад.

Во Апамиската краина имаше еден столпник по име Пиониј, кој водеше ангелски живот. Некои расипани луѓе од околината, дојдоа ноќе во неговиот манастир со надеж дека таму ќе најдат големо богатство. Го срушија ѕидот, влегоа внатре, ги испревртеа сите одаи, но не најдоа ништо. На заминување, еден од нив фрли камен по светиот столпник, силно го удри по главата и му ја разби. Кога си заминаа злосторниците, столпникот размислуваше да оди и да ги тужи кај судијата. А преподобниот Анин ја прозре намерата на столпникот, го повика лавот што му служеше, му даде храна, и му рече:

- Добро најади се, зашто ќе одиш на далечен пат!

Потоа зеде хартија и напиша вакво писмо:

- Преподобен оче, познато ми е дека си пострадал од зли луѓе, па сега имаш намера да се симнеш од столбот за да им се осветиш. Те молам, откажи се од таквата намера за да не се лишиш од вечната награда за трпение во Небесното Царство.

Свети Анин го врза ова писмо за вратот на лавот, и како на човек му рече да му го однесе на столпникот, и никого да не напаѓа по патот. Лавот одјури. Кога стигна до манастирот, започна да гребе со ноктите по капијата. Вратарот ѕирна низ прозорчето, и кога го здогледа лавот, отрча кај столпникот и го извести дека огромен ѕвер стои пред капијата. Откако се помоли, столпникот му нареди на вратарот да отвори, и лавот влезе и го фрли писмото пред столпникот. Тој го прочита и се восхити од проѕорливоста на преподобниот Анин, и од тоа како Бог потчинил ѕверови да му служат на угодникот Негов. Тогаш се откажа од својата намера, препуштајќи му сѐ на Бога.

Една благочестива жена појде кај свети Анин да го замоли да ја исцели. На патот ја сретна еден варварин со копје во рацете. Тој сакаше да ја ограби, но кај неа не најде ништо освен леб. Тогаш посака да ја силува, и ја нападна. Не можејќи да се одбрани, жената го повика на помош името на свети Анин, викајќи:

- Свети Анине, помогни ми!

Во тој час, овој свиреп и нескротлив варварин се скроти и затрепери, зашто се уплаши. Сакаше да побегне, но не можеше да го извлече копјето што претходно го зари во земјата, па уште повеќе се разјари. Тогаш жената се извлече од неговите раце, побегна, дојде кај свети Анин и му раскажа што и се случи. Откако светителот ја исцели од нејзината болест, таа си замина. Кај него дојде и оној варварин, каејќи се за своите зли дела. Свети Анин го исцели, го поучи во светата вера и го крсти. По некое време го облече во ангелскиот образ. Тој стана богоугоден монах, а неговото копје се вкорени во земјата и со Божјата сила израсна во голем даб.

Овој голем угодник Божји правеше многу други чудеса. Раслабени исцелуваше, ѓаволи истеруваше, безброј болни лекуваше.

Преподобниот прорече и многу работи што требало да се случат во иднина: ги претскажа нападите на варварите, ја предвиде смртта на многу свои браќа, и секого посебно го повикуваше кај себе и му говореше:

- Чедо погрижи се за својата душа, зашто твоето време се наближува.

Откако поживеа сто и десет години и му се приближи крајот, преподобен Анин однапред го дозна денот на своето претставување, па го повика своето духовно стадо, зашто имаше многу браќа, и им искажа многу поуки. Најпосле со рака им го посочи најдоблесниот меѓу нив, презвитерот Вероникијан, и им рече:

- По мене, тој нека ви биде игумен!

Боледуваше седум дена и пред самата смрт се исплаши и сакаше да стане од одарот, па ја приклони главата, велејќи:

- Мир на вас, господа мои!

По кратко молчење повторно рече:

- Кои сте вие, господа мои?

Па додаде:

- Нека биде волјата на мојот Господ! Еве, по наредба Господова и јас доаѓам со вас.

Сите присутни паднаа ничкум, а богољубивиот презвитер Вероникијан, наименуваниот игумен, го праша преподобниот:

- Господине мој, со каква надеж се трудеше во сите денови од својот живот? Кажи ни што беше тоа што го виде сега?

Светителот одговори:

- Го видов отворен Горниот Ерусалим, и од него излезе светол облак со тројца светлоносни мажи, кои дојдоа кај мене и ми рекоа: „Анине, Господ те вика! Стани, и појди со нас!“ А јас ги прашав: „Кои сте вие господа мои?“ Тие ми одговорија: „Ние сме Мојсеј, Арон и Ор“.

Кога го слушнаа тоа, браќата уште повеќе се запрепастија, а тој им рече:

- Браќа, молете се за мене, за да не се посрамам кога ќе бидам изведен пред страшниот Судија.

Потоа рече:

- Господи, прими го мојот дух!

Свети Анин се претстави на осумнаесетти март. Го погребаа чесно, славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух, единствениот Бог, славен од сите за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТРОФИМ И ЕВКАРПИОН

Во времето на царот Максимијан во Никомидија пламна гонењето против христијаните во 298 година. Тогаш започнаа да ги фаќаат христијаните и да ги фрлаат во темници. Потоа многу ги испрашуваа и измачуваа. Оние што остануваа до крај во верата Христова, ги предаваа на смрт. Токму во тоа време живееја и Христовите маченици Трофим и Евкарпион. Тие најпрвин беа храбри офицери во царската војска. Како такви, беа крајни непријатели на Христа и христијаните; ги фаќаа христијаните и ги фрлаа во темници, зашто насилникот им ја беше дал целата власт над нив. Ги казнуваа и убиваа оние што ќе посакаа, и ги спасуваа пак оние што ќе посакаа.

Но еднаш, кога беа тргнале да фатат накои христијани, видоа како огнен облак се спушти од небото над нив, и слушнаа глас кој им рече:

- Зошто се трудите да ги заплашите моите слуги? Не залажувајте се, зашто никој не може да ги совлада оние што веруваат во мене. Ете, и вие ќе им се придружите на моите слуги и ќе го добиете царството небесно.

Кога го слушнаа овој глас, тие што порано беа бесни и диви спрема христијаните, сега паднаа на земјата и не беа во состојба очите да ги отворат, ниту пак да ја поднесат силината на оној небесен глас, туку лежеа на земјата и говореа:

- Навистина е голем Богот Кој денес ни се јави, и ќе бидеме блажени и ние, ако станеме Негови слуги.

Додека зборуваа така со страв и трепет, се раздвои оној огнен облак и едниот дел застана на едната, а другиот на другата страна од нив. И повторно дојде глас, кој им говореше:

- Станете! Бидејќи се каете поради вашата заблуда, ви се простуваат сите ваши гревови!

Кога станаа, тие здогледаа еден прекрасен човек облечен во бело, кој седеше среде облакот, а околу него стоеја многумина. Поразени од ова видение, тие како со една уста повикаа:

- Господи, прими нѐ и нас!

Нашите гревови се многубројни и неизмерни, зашто Те презиравме Тебе, вистинскиот Бог, и ги понижувавме христијаните кои веруваат во Тебе.

Откако го рекоа тоа, облакот повторно се состави и се искачи на небото. Тие многу плачеа поради својата претходна заблуда и бездушност, и го молеа Бога да им прости. Штом се вратија назад, сите христијани што ги најдоа во темниците ги прегрнуваа и поздравуваа како браќа, без страв. Потоа им ги симнаа оковите и им рекоа да си одат во своите домови.

Кога дозна за тоа, кнезот многу се разбесни и нареди да ги доведат кај него. Кога ги праша што е причината за ваквата ненадејна промена кај нив, тие подробно му раскажаа за видението што го имаа. Кнезот нареди веднаш да ги обесат на едно дрво и со гребени да ги стругаат нивните тела. Светите јуначки ги поднесуваа маките, се молеа, се радуваа и му благодареа на Бога. Кога ги виде радосни, кнезот уште повеќе се разјари и нареди да ги фрлат во вжештена печка среде градот. Тоа беше сторено. Така блажените маченици ги предадоа своите души во рацете Божји, и примија несвенливи венци на мачеништво, околу 300-та година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДЕСЕТ ИЛЈАДИ МАЧЕНИЦИ

Овие свети маченици беа заклани со меч заради својата вера во Христа.