14. Април (1. Април - стар стил)
ЖИТИЕ НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА МАРИЈА ЕГИПЕТСКА
Добро е да се чува царската тајна, и пофално е да се разгласуваат Божјите дела, - така му рече ангелот Рафаил на Товит, кога на чудесен начин прогледаа неговите слепи очи (Товит 12, 7).
Опасно и убиствено е да не се чува царска тајна, но да се премолчуваат славните дела Божји е голема штета за душата. Затоа се плашам она што е божествено да го закопам во молчење, - вели писателот на житието на преподобна Марија Египетска, свети Софрониј, патријархот Ерусалимски. Ќе го сторам тоа ако не ја објавам светата повест што дојде до мене. Ќе се исполнат врз мене заканите од Евангелието упатени кон мрзеливиот слуга, кој доби талант од Господа, но го закопа во земјата. Но, нека никој не се сомнева во она што го пишувам, и нека не мисли дека се осмелувам да пишувам невистина. Сочувај ме, Боже, да зборувам лаги за светителите. Но, ако има и такви читатели, на кои ќе им биде тешко да веруваат во чудесното дело на оваа повест, Господ нека биде милостив и спрема нив, бидејќи тие, имајќи ја во предвид немоќта на човечката природа, сметаат дека се невозможни чудесните работи кои што се зборуваат за луѓето. Но, да започнеме со повеста што се случи во нашиот род.
Во еден палестински манастир имаше еден старец украсен со праведност и благоразумност, кој уште од младоста беше добро упатен во монашките подвизи. Се викаше Зосим. Тој ги помина сите подвизи на подвижничкиот живот и го одржа секое правило предадено од совршените монаси. Го правеше тоа, и никогаш не пренабрегна да се поучува од Божествените зборови. Никогаш не престана да Го слави Бога, и да се поучува во Бога. Од рано детство дојден, во манастирот беше до својата 55-та година, и добро се подвизуваше. Но, тогаш го вознемирија помисли како да е веќе совршен во сè, и не му е потребна никаква поука од другите. Тој си мислеше во себе: Постои ли на земјата монах, кој би ми бил од корист и би ми укажал на некој подвиг што не сум го извршил?
Додека така си мислеше, му се јави Ангел, и му рече:
-О,Зосиме! Добро се подвизуваше, помина добар подвижнички живот, но меѓу луѓето нема ниту еден совршен. Постои поголем подвиг од оној што ти си го поминал, но ти не го знаеш. За да дознаеш колку други патишта има до спасението, излези од својата земја како што тоа го направи знаменитиот патријарх Авраам, и појди во манастирот што се наоѓа крај реката Јордан.
Старецот веднаш постапи по советот на Ангелот. Излезе од манастирот во кој монахуваше од рано детство, дојде на Јордан, и се најде во манастирот што му беше укажан од Бога. Затропа на манастирската капија, и монахот вратар му отвори, а тој му се претстави. Монахот го извести игуменот, тој го прими, и кога виде пред себе монах кој направи вообичаен поклон и молитва, го праша:
- Од каде си, брате? Зошто си дошол кај нас, бедните старци?
Зосим му одговори:
- Од каде доаѓам, не е потребно да се зборува. Дојдов заради духовна корист, оче! За вас слушнав големи и пофални работи што можат душата да ја спријателат со Бога.
На тоа игуменот му рече:
- Брате, Бог, Кој единствено ги исцелува слабостите на душите, нека нè научи на својата Божествена волја, и нека нè упати да правиме сè што е корисно. Човек не може да му користи на човека, ако секој не внимава на себе и со буден дух не го прави она што е корисно, имајќи го Бога за свој соработник. Но, бидејќи љубовта Христова те натера да не видиш нас, бедните старци, остани кај нас ако си дошол заради тоа. И Добриот Пастир, Кој душата Своја ја дал за нашето искупување, сите ќе нè нахрани со благодатта на Светиот Дух.
Зосим му се поклони на игуменот, измоли молитви и благослов, и велејќи ваминг, остана во тој манастир. Таму виде старци кои блескаа со добри дела и богоразмислување, гореа со духот, и Му служеа на Господа. Во нив молитвата беше непрестајна, стоењето сеноќно, работата во рацете а псалмите во устите. Немаше празни зборови во нив, а за стекнување на земни приходи и житејски грижи немаше ни помисла. Сите имаа една непрекината грижа: како да го умртват своето тело. Се хранеа само со леб и вода, Секој земаше од нив според мерката на љубовта Божја во себе.
Кога го виде тоа, Зосим извлече огромна духовна корист за себе, предавајќи му се на подвигот. Кога наближиваше Великиот Пост, манастирската капија беше постојано затворена. Се отвораше само кога некој од монасите мораше да оди надвор од манастирот по некоја работа.
Местото беше пусто, не само непосетувано од никој, туку и непознато за мирјаните. Во манастирот имаше ваков обичај, поради кој Бог го доведе Зосим таму:
Во првата недела од Великиот Пост, презвитер служеше света Литургија и сите се причестуваа со пречистите Тело и Крв Христови; потоа јадеа малку и повторно се собираа во црквата, усрдно се молеа, правеа многу поклони, се целиваа еден со друг, и секој се поклонуваше пред игуменот, просејќи од него благослов и молитви за престојниот подвиг. Потоа се отвораше манастирската капија и сите заедно одеа во пустината, пеејќи го целиот дваесет и шести псалм: „Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се плашам? Господ е заштитник на мојот живот, од кого да стравувам?“ - Во манастирот остануваа еден или двајца браќа, не за да го чуваат домашниот имот, зашто немаше што да се украде, туку за да не остане црквата без богослужба. Потоа ја преминуваа реката Јордан. Секој носеше со себе храна според своите телесни потреби. Оние што не носеа ништо се хранеа со зелје што расте во пустината. Кога ќе ја преминеа Јордан се разделуваа еден од друг и не знаеја кој како пости и како се подвизува. Ако еден случајно здогледаше друг, веднаш се криеше на спротивната страна. Секој го минуваше времето во непрестајна молитва и земаше многу малку храна во одредено време. На Цветници се враќаа во манастирот, имајќи ја секој својата совест за сведок на својот труд, и меѓу себе не се прашуваа кој како се подвизувал.
Таков беше уставот на тој манастир. Тогаш и Зосим по обичајот на манастирот ја премина реката Јордан со малку храна. Го извршуваше своето молитвено правило, патувајќи низ пустината. Многу малку спиеше; обично ноќе седнуваше на земјата да одмори малку, па стануваше и продолжуваше понатаму. Сакаше да отиде среде пустината, надевајќи се дека таму ќе најде некој од отците и ќе добие духовни поуки. По дваесет дена застана, се сврте на исток, и започна да го чита шестиот час, зашто тој, за време на своето патување го извршувал своето молитвено правило и често застанувал, пеел, правел метанија и поклони. И, додека стоеше и пееше, од својата десна страна здогледа сенка од човечко тело. Отпрвин се уплаши, мислејќи дека е демонско привидение, и затрепери. Но, откако се прекрсти, го тргна стравот од себе. Кога заврши со молитвата и погледна на Југ, виде како некој оди гол и црн, изгорен од сонцето, со коса бела како снег, и кратка до вратот. Кога го виде тоа, Зосим потрча многу радосен, зашто одамна не беше видел човечко суштество, ниту пак некое животно. А кога онаа прилика го здогледа Зосима како доаѓа, започна да бега. Тогаш Зосим потрча, и како да заборави на својата старост и измореност од патот, трчаше брзо. Беше побрз од бегалецот и кога му се приближи започна со солзи да вика по него:
- Зошто бегаш од мене, грешниот старец, слуго на вистинскиот Бог, заради Кого живееш во оваа пустина? Причекај ме мене недостојниот и немоќниот! Причекај, заради надежта за награда на трудовите твои. Застани, и дај ми твоја молитва и благослов ради Бога, Кој не се гнаси од никого.
Додека Зосим го зборуваше тоа низ солзи, пред него се појави еден сув поток и бегалецот претрча на другата страна. Уморен, Зосим не можеше повеќе да трча, и остана да плаче и рида уште посилно. Тогаш бегалецот од онаа страна проговори:
- Ава Зосиме, прости ми, ради Господа, не можам да излезам пред тебе, зашто сум жена, и сум гола. Но, ако сакаш да ми го дадеш својот благослов и молитва, фрли ми ја твојата наметка да се покријам, за да излезам пред тебе.
Зосим го спопадна страв и трепет зашто слушна како жена го повика по име, жена која никогаш не го видела ниту слушнала за него, и си рече во себе:
- Ако оваа жена не е прозорлива, не би ми го знаела името.
И веднаш ја соблече од себе својата наметка, и ја дофрли, и таа се покри, излезе пред него, и му рече:
- Ава Зосиме, зошто посака да видиш грешна жена? Што сакаш да слушнеш од мене, на што да се поучиш, па толкав труд си зел врз себе?
А тој се фрли на земјата, просејќи благослов од неа. Но, и таа се фрли на земјата, и така распослани ничкум, се молеа еден на друг за благослов. Од обајцата се слушаше само едно:
- Благослови! Благослови!
Бидејќи помина доста време, жената му рече на Зосим:
- Ава Зосиме, ти треба да благословиш, и да принесеш молитва, оти си презвитер и многу години служиш на светиот олтар, принесувајќи Му на Господа дарови од Божествените Тајни. Овие зборови уште повеќе го запрепастија и уплашија Зосима, и тој, гушејќи се во солзи и липајќи, испрекинато говореше:
- О, мајко духовна! Ти си се доближила до Бога и потполно си го умртвила телото свое. Тоа го покажува дарот Божји што го имаш, зашто ме викаш по име и знаеш дека сум презвитер, иако никогаш не си ме видела. Затоа, ти мене благослови ме заради Господа, и со твојата совршена молитва помоли се за мене бедниот! Тогаш таа попушти и рече: - Благословен е Бог, Кој сака спасение за човечките души! И, откако Зосим рече „амин“, двајцата станаа од земјата. Тогаш таа го праша старецот:
- Човеку Божји, поради што си дошол кај мене грешната? Поради што посака да видиш жена која нема никакви добродетели? Те упатила благодатта на Светиот Дух да му направиш услуга на моето тело кога ќе затреба. Но, кажи ми, оче, како живеат христијаните во светот сега, како царевите, како светите цркви?
Зосим и одговори:
- По вашите свети молитви, Бог подарил цврст мир. Но, слушни ја молбата на недостојниот старец, и заради Господа, помоли се за целиот свет и за мене грешниот, за да не биде безплодно ова мое патување по пустината.
На тоа, таа му одговори:
- Ава Зосиме, ти имаш свештенички чин, и тебе повеќе ти доликува да се молиш за мене, и за сè, зашто за тоа и си ракоположен, Но, бидејќи сме должни да твориме послушание, јас ќе постапам според твојата наредба.
Откако го рече тоа, таа се сврте кон Исток, ги подигна очите и рацете кон небото, и започна да се моли тивко, и нејзините зборови не се слушаа. Зосим стоеше во трепет, - како што подоцна самиот раскажуваше, - гледајќи во земјата и молчејќи. Го повикуваше Бога за сведок, кога кажуваше: „Таа долго се молеше, и кога јас ги подигнав очите и погледнав во неа, ја здогледав како стои во воздухот, еден аршин над земјата, и се моли“.
Зосим се преплаши кога го виде тоа, се фрли на земјата, и капејќи се во солзи, повторуваше:
- Господи помилуј!
И додека така спрострен лежеше на земјата, го вознемири мисла да не е ова некое привидение и дух, кој се преправа дека се моли. Тогаш таа се сврте кон старецот, го подигна, и му рече:
- Ава Зосиме, зошто те вознемируваат помисли, и ти говорат дека јас сум привидение и дух, и дека се преправам дека се молам? Те молам, блажени оче, биди сигурен дека јас сум жена грешница, но оградена со светото крштение; не сум привидение, ниту дух, туку земја, прав и пепел, и навистина тело кое никогаш не помислило ништо духовно.
Го рече тоа, и ги осени со крстниот знак своето чело, очи, усни и гради, велејќи вака:
- Ава Зосиме, Бог нека нè избави од лукавиот, и од замките негови, зашто е тешка неговата војна против нас.
Кога го слушна и виде тоа, старецот падна пред нејзините нозе, и низ солзи говореше:
- Те заколнувам во името на нашиот Господ Исус Христос, вистинскиот Бог, роден од Дева, заради Кого одиш гола, и заради Кого така си го умртвила своето тело, немој да го сокриеш од мене своето житие, туку раскажи ми сè, за да се обелоденат големите дела Божји. Кажи ми, ради Господа, не за пофалба, туку за мене грешниот и недостоен да ме известиш за себе. Верувам во мојот Бог, во Кого живееш, дека ме упатил во оваа пустина за да ги обелодени делата твои. А пак, ние, не сме во состојба да се противиме на одлуките Божји. Зашто, ако не Му било угодно на Христа Бога да се дознае за тебе и за твоите подвизи, Он немаше да те покаже пред мене, ниту ќе ме поткрепеше на толкав пат мене, зашто јас никогаш ниту сум сакал, ниту пак сум можел да излезам од својата ќелија.
Таа го подигна и рече:
- Оче, се срамам да ти раскажувам за делата мои. Но, бидејќи го виде моето голо тело, јас ќе ги разголам и делата свои за да дознаеш со колкав срам е исполнета душата моја. Ќе ти раскажам за себе, не за пофалба, како што рече ти самиот. Немам со што да се пофалам, зашто бев избран сад на ѓаволот. Ако почнам да зборувам за себе, ти ќе побегнеш од мене како од змија, зашто нема да можеш да ги поднесеш гадостите што сум ги сторила. Но, сепак нема да премолчам ништо. Но, те молам немој да престанеш да се молиш за мене, за да најдам милост во денот на Судот.
А старецот, желен да го дознае нејзиното житие, непрестајно плачеше оти не можеше да ги запре солзите.
Таа започна да зборува:
- Оче, јас сум родена во Египет. На дванаесет години се одреков од љубовта на моите родители и отидов во Александрија.
Откако ја изгубив невиноста се оддадов на невоздржание и ненаситен блуд. Се срамам и да помислам на тоа, а камоли да зборувам. Сепак, ќе ти го раскажам најнеопходното за да ја дознаеш невоздржливоста на моето тело:
Поминав полни седумнаесет години во разврат, не поради некаква заработка или дарови, зашто не сакав да ги примам ниту од оние што настојуваа. Тоа го смислив за да привлечам што поголем број на посетители и да ги задоволам своите телесни желби. Но, немој да мислиш дека сум била богата, па затоа не сум наплаќала. Не, јас живеев во беда и многу пати гладна предев волна. Незгасливиот блуден пожар гореше во мене, и јас постојано лежев во калта на блудот. Еднаш, за време на жетвата видов дека многу мажи од Либија и Египет одат кон морското пристаниште. Тогаш прашав некого: „Каде брзаат овие луѓе?“ И добив одговор: „Во Ерусалим. По неколку дена е празникот Крстовден. Одат за да се поклонат на Чесниот и Животворен Крст“. Јас прашав дали би ме повелеи мене со нив? Момчето ми одговори:
- Ако имаш пари и храна, никој нема да те спречи.
На тоа, јас му реков:
- Брате, јас немам ниту пари ниту храна, но сепак ќе појдам и тие ќе ме храват, а јас ќе им го дадам своето тело под наем. Сакам да патувам со нив, за да имам поголем број на љубители спремни за моите желби. Ти реков, оче, не терај ме да ти го раскажувам мојот срам, зашто ме обзема ужас. Господ знае дека со моите зборови го гнасам и самиот воздух.
А Зосим, квасејќи ја земјата со солзи, ѝ одговори: зборувај заради Господа, зборувај мајко моја, не прекинувај ја оваа за мене корисна повест!
Таа продолжи да раскажува: :
- Кога ги слушна моите бесрамни и гадни зборови, момчето се насмеа, и си отиде. Јас поитав кон пристаништето и здогледав група од десет млади момчиња. Тие ми се сторија погодни за мојата похота, а многумина од нив веќе беа на бродот. И јас, по својот обичај, бесрамно застанав меѓу нив, и им реков:
- Поведете ме и мене каде што одите вие! Нема да ви бидам непријатна! Додадов уште неколку одвратни зборови на кои што сите започнаа да се смеат, и штом ја видоа мојата бесрамност, ме примија на бродот. А како да ти зборувам што се случуваше на бродот, за време на пловидбата, човеку Божји? Кој јазик би ги искажал и кој слух би ги поднел моите зли дела сторени тогаш? Проклетата јас ги присилував на грев и оние што не сакаа. Бев учителка на изразливи и неизразливи нечистотии за какви не постои пример. Верувај ми, оче, се чудам, како морето го поднесе она мое блудничење. Како земјата не ја отвори својата уста и не ме фрли во пеколот? Та јас толку души вовлеков во мрежата на смртта? Но, сметам дека Бог барал мое покајание, не сакајќи ја смртта на грешникот, туку стрпливо чекајќи обраќање.
Така допатував во Ерусалим. Деновите пред празникот ги поминав во уште поголеми гадости. Мене не ми беа доволни момчињата од бродот, па многу други граѓани и туѓинци наведував на грев. А кога дојде празникот Крстовден, јас и тогаш ловев млади души.
На самиот празник, рано наутро, видов како сите итаат кон црквата. Појдов и јас. Со другите и јас влегов во притворот на црквата. А кога настана моментот воздвижение на Чесниот Крст Господен, се погрижив и јас да влезам во црквата. Едвај се приближив до вратата од многубројниот народ. Но, кога стапнав на прагот, ме задржа некоја невидлива сила и не ми дозволуваше да влезам внатре, додека сите други непречено влегуваа. И така, јас останав сама во притворот. Мислејќи дека тоа ми се случило од женска немоќ, јас повторно се приклучив кон оние што доаѓаа и се присилував да влезам, но залудно. Штом ќе ја ставев својата грешна нога на прагот, веднаш некоја невидлива сила ме спречуваше, и јас се враќав назад во притворот. Се обидував три - четири пати, но не успеав. Уморна и посрамена, јас се повлеков и застанав во еден агол на притворот црковен. Кога едвај се прибрав, се запрашав:
- Што е тоа што не ми дава да го видам животворното дрво на Крстот Господен?
Тогаш до очите на моето срце допре светлината на спасоносното сознание: светла заповед Господова, која што ги просветлува духовните очи, ми покажа дека тињата на делата мои не ми дозволува да влезам во црквата. Јас започнав да плачам, да лелекам, да се удирам во градите, и да воздивнувам од дното на срцето.
Плачејќи ги подигнав очите и на зидот од притворот ја здогледав иконата на Пресвета Богородица, и со целиот дух започнав да и се молам, говорејќи:
- Владичице Дево, што си Го родила Бога Логосот, знам дека јас, нечистата и гадна блудница, не сум достојна ни да погледнам во твојата чесна икона, во иконата на Пречистата Приснодева Марија, на која и телото и душата и се чисти и неосквернети. Праведно е твојата девствена чистота да ме мрази мене блудната. Но, сум слушнала дека Бог, Кој ти си Го родила, станал човек, за да ги повика на покајание грешниците. Помогни ми мене осамената, зашто нема кој да ми помогне. Дозволи ми да влезам во црквата, И не лишувај ме да го видам Чесното Дрво, на кое беше распнат од тебе родениот Бог, Кој крвта Своја ја даде за моето искупување. Заповедај, о, Владарко, и мене да ми се отвори вратата за поклонение на Божествениот Крст. Биди ми сведок пред Синот твој, дека никогаш повеќе нема да го осквернам моето тело со блуд, туку штом ќе го видам светото Крстно Дрво на твојот Син, Јас ќе се одречам од светот и веднаш ќе појдам онаму каде што Ти ќе ме упатиш, како посредница на моето спасение.
Откако го реков тоа и добив известување, јас, исполнета со вера и надеж во милосрдието Богородично, тргнав со оние што влегуваа во црквата. Сега никој не ме задржа на прагот, но ме обзеде страв и ужас, и целата треперев и се тресев. Кога дојдов до вратата која дотогаш беше затворена за мене, јас непречено влегов во црквата, и се удостоив да го видам чесното дрво на Крстот. И видов тајни Божји, и како Господ е готов да ги прими оние што се кајат. Јас паднав на земјата, се поклонив на Чесниот Крст, го целивав со страв, и излегов брзајќи кон мојата Заштитница. Кога дојдов пред нејзината света икона, паднав на колена, и реков:
- О, секогаш блажена, Богородице Дево, ти го покажуваш над мене своето преблаго човекољубие. Ти не се гнасиш од моите недостојни молитви, зашто видов слава што јас, блудницата, не бев достојна да ја видам. Му благодарам на Бога, Кој ради Тебе го прима покајанието на грешникот. Што би можела да размислувам и да кажам јас грешната? Време е, Владичице, да го исполнам ветувањето што ти го дадов како на моја посредница: упати ме каде што сакаш, и отсега биди ми учителка на спасението, и води ме по патот кон покајанието.
Тогаш слушнав глас, кој од далеку ми довикна:
- Ако ја преминеш реката Јордан, ќе најдеш мир!
Уверена дека тој глас е упатен кон мене, јас со солзи залелекав кон иконата на Богородица:
- Владичице Богородице, не оставај ме!
Потоа излегов од црковниот притвор и започнав да одам многу брзо. Додека брзав, ме виде некој и ми даде три парички, велејќи ми:
- Прими го ова, мајко.
Јас ги зедов, и за нив купив три леба. И го прашав продавачот кој пат води кон Јордан. Тој ми покажа, и јас тргнав, итајќи и плачејќи. На зајдисонце стигнав до црквата на светиот Јован Крстител кај Јордан. Се помолив и се поклонив во црквата, И веднаш слегов на Јордан и со светата вода ги измив рацете и лицето. Повторно се вратив во црквата и се причестив со пречистите Тајни Христови. Потоа изедов половина од едниот леб, се напив вода од Јордан, и легнав на земјата да преноќам. Кога заруди зора, најдов еден мал чамец и преминав од другата страна на Јордан и повторно се помолив на мојата патеводителка, Пресвета Богородица, да ме упати каде да одам. И дојдов во оваа пустина. Оттогаш до денес живеам овде, чекајќи Го Бога, Кој ме спасува од малодушноста и бурите, зашто Нему Му се обраќам.
Тогаш Зосим ја праша:
- Колку години си овде, госпоѓо моја?
Таа одговори:
- Изминаа четириесет и седум години, откако излегов од Светиот Град.
Зосим ја праша?
- Со што се хранеше, госпоѓо моја?
Таа одговори:
- Кога ја преминав Јордан имав само два леба и половина. Тие постепено се исушија и се скаменија: јас неколку години јадев по малку од нив, додека не ги изедов.
Тогаш Зосим праша:
- Како си поминала толку време? Беше ли во опасности? Те смутуваше ли некоја непријателска сила?
Таа одговори:
- Ава Зосиме, ми постави прашања на кои се плашам да одговорам. Ако започнам да ги набројувам опасностите што ги поднесов, и помислите што ме смутуваа, се плашам повторно да не ме зафатат.
На тоа Зосим рече:
- Госпоѓо моја, немој да пропушташ ништо, оти токму тоа те молев, подетално да ми раскажеш се.
Таа му одговори:
- Верувај ми, ава Зосиме, седумнаесет години поминав во оваа пустина, борејќи се со моите безумни желби, како со лути зверови. Кога ќе започнев да јадам, сакав месо и риба, со коишто се хранев во Египет. Го сакав и мојот омилен пијалок, виното, зашто пиев многу вино кога бев во светот. А пак овде, немав ниту вода, горев од жед и патев. Понекогаш ме напаѓаше желба за развратни песни, и ме тераше да пеам демонски песни на кои бев навикната. Тогаш започнував да плачам и да се удирам во градите, сеќавајќи се на заветот што го дадов доаѓајќи во оваа пустина, а со мислите се пренесував пред иконата на Пресвета Богородица, и плачев пред Неа, молејќи Ја, да ги оттргне од мене мислите што ја смутуваа мојата бедна душа. По долго плачење и удирање во градите ме осветлуваше светлина од сите страни, и во моето суштество завладеваше спокојство. Што да кажам за моите блудни помисли? Прости ми Аво: се палеше оган во моето страстно срце, и ме зафаќаше цела, но, тогаш, јас се фрлав на земјата, ја залевав со солзи, замислувајќи како стојам пред мојата Посредница, и Таа го осудува мојот престап и ми укажува на грозни маки. Не се подигав од земјата ни ден ни ноќ, се додека не ме осветлеше онаа слатка светлина, и ми ги избркаше помислите. Ги вперував очите во мојата Посредница, молејќи ја постојано да ми биде на помош во пустината. И навистина, Таа ми беше помошница и во покајанието сотрудница. Така поминав седумнаесет години, поднесувајќи безброј маки. Оттогаш, па се до денес, мојата помошница Богородица ме раководи во сè.
Тогаш Зосим ја праша:
- Зарем повеќе немаше потреба од храна и облека?
Таа одговори:
- Откако ги изедов оние лебови, јас седумнаесет години се хранев со зелје од оваа пустина. Облеката што ја имав врз себе се распадна, и зиме многу патев од мразот, а лете од горештината. Се борев со многу неволји и неизмерни искушенија. А од тогаш до денес разновидна сила Божја ја сочува мојата грешна душа, и моето ништавно тело. Зашто, размислувајќи само од какви зла ме избави Господ, јас стекнав непотрошлива храна: надеж за моето спасение. И јас се хранам и покривам со зборот Божји, кој држи се: „зашто човекот не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата Божја“ (Матеј 4, 4). „Оние што немаат засолниште (заштита) во камења се облекоа (се притискаат до карпи), оти ја соблекоа од себе облеката на гревот“ (спор. Јов 24, 8).
А кога слушна како таа се повикува на Мојсеј, на пророците и на псалмите, Зосим ја праша:
- Госпоѓо, каде ги научи псалмите и другите книги?
А таа се насмевна и одговори:
- Верувај ми, оче, дека откако ја преминав реката Јордан, јас не видов друг човек, освен твоето лице денес. Не видов и никаков ѕвер, а книги никогаш не сум учела, ниту сум слушнала друг да чита или да пее, туку зборот Божји, жив и дејствителен, го учи човекот. Ете, со ова ја завршувам повеста за себе. А сега те заколнувам во Воплотениот Бог Логос, да се молиш за мене блудницата.
Кога таа заврши со своето кажување, старецот поита да и се поклони, и со солзи повика:
- Благословен е Бог, Кој твори огромни, страшни, славни, прекрасни и неискажливи работи, што немаат број! Благословен е Бог, Кој ми покажа што им дарува на оние, кои Му се плашат! Навистина не ги оставаш оние што Тебе те бараат, Господи!
Таа не му дозволи на старецот да и се поклони, и му рече:
- Оче, те заколнувам во Исус Христос, Богот и Спасител наш, ништо од ова што го слушна за мене да не кажеш некому, се додека Бог не ме земе од земјата. Сега оди си со мир, а догодина повторно ќе ме видиш, по благодатта Божја која нè чува, Но, исполни ми една молба заради Господа: Идната година во Постот не преминувај ја реката Јордан, како што тоа е пропис на вашиот манастир.
Кога го слушна тоа, Зосим се восхитуваше како таа го знае и поредокот на неговиот манастир. И не зборуваше ништо друго освен „Слава Му на Господа, Кој им дава огромни нешта на оние што Го љубат!“
А таа му рече:
- Аво, како што ти велам, остани во манастирот, оти и да сакаш, нема да можеш да излезеш. А на Велики Четврток, за време на Тајната Вечера Христова, земи животворно Тело и Крв Христова на нашиот Бог во свет сад, па дојди на онаа страна од Јордан, близу онаа населба, и причекај ме. Јас ќе дојдам да ме причестиш со Животворните Дарови, зашто не сум се причестила откако се причестив во црквата на светиот Преттеча, пред да ја преминам Јордан. Сега со целото свое срце сакам да се причестам, па те молам, немој да ја презреш мојата молба, туку по секоја цена донеси ми од Божествените Тајни да се причестам во времето кога Господ Своите ученици ги направи причасници на Божествената Вечера. А на игуменот на манастирот во којшто живееш, Јован, кажи му:
- Внимавај на себе и на своето стадо зашто таму се прават некои работи што треба да ги исправи. Сакам да му го кажеш тоа не сега, туку кога Господ ќе нареди.
Го рече тоа, испроси од старецот молитва за себе, и се повлече во внатрешноста на пустината. Зосим се поклони до земјата, и го целиваше местото каде што стоеја нејзините стапала, славејќи го Бога. Во манастирот се врати на Цветници, и цела година молчеше за она што го виде, и во себе Му се молеше на Бога повторно да му го покаже она посакувано лице. Тагуваше кога ќе помислеше колку е долга годината и сакаше да помине како еден ден. Кога се приближи првата недела на Светиот Пост, сите браќа се подготвија по манастирскиот обичај, и пеејќи тргнаа кон пустината.
Но, Зосим беше болен и мораше да остане во манастирот. Тој се сети на зборовите од преподобната, дека и да сака нема да може да излезе од манастирот. Но, по неколку дена оздраве. Кога браќата се вратија од пустината и наближуваше Велики Четврток, Зосим стави од Светата Причест во една мала чаша, зеде суви сливи и малку расквасена леќа, и доцна навечер отиде на договореното место. Седна на брегот и ја чекаше преподобната. Иако светителката не се појави долго време, Зосим неуморно гледаше кон пустината, очекувајќи да го здогледа тоа што од се срце го сакаше. Тогаш си рече во себе: „Можеби мојата недостојност ја спречи да дојде, или пак веќе дошла но се вратила, бидејќи не ме нашла“. Така размислувајќи старецот заплака и Му се молеше на Бога:
- Господи, не лишувај ме повторно да го видам лицето што ме удостои да го видам лани, за да не отидам празен, носејќи ги своите гревови за своја осуда.
И повторно започна да размислува во себе: „И да дојде, таа нема чамец. Како ќе ја премине реката за да дојде кај мене недостојниот? Тешко мене ако бидам лишен од такво добро!“
Додека Зосим така размислуваше, преподобната се појави од другата страна на реката, и тој пресреќен стана, но повторно се загрижи како ќе ја премине реката. Тогаш виде како таа ја осени реката со крстниот знак и тргна по водата кон него. Тој сакаше да и се поклони, но таа му забрани да зборува, говорејќи:
- Што правиш аво,ти - свештеник, па уште носиш и Божествени Тајни!
И тој ја послуша, а таа, кога ја премина реката, му рече на старецот:
- Благослови, оче!
Тој со трепет и одговори:
- Навистина Бог е вистинит, ветувајќи дека ќе ги уподоби на Себе оние што се очистуваат себе си според своите сили. Слава Тебе Христе Боже наш, што преку оваа слугинка Своја ми покажа колку сум далеку од вистинското совршенство.
Таа го замоли да ги прочита „Символот на верата“ и „Господовата молитва“. Потоа се причести со Животворните Тајни Христови, и по обичај го целиваше старецот. Ги крена рацете кон небото, воздивна, заплака и повика:
- Сега отпушти ја со мир слугинката Своја, Господи, зашто очите мои го видоа спасението Твое!
Па се обрати кон старецот:
- Прости ми ава Зосиме, те молам исполни ми уште една желба: сега појди во својот манастир чуван со мирот Божји, а следната година повторно дојди кај потокот, каде што прв пат разговаравме. Те молам дојди заради Господа, и повторно ќе ме видиш како што сака Бог.
На тоа старецот и рече:
- Би сакал, ако е возможно, да одам по тебе и да го гледам твоето чесно лице. Но, те молам, исполни ми една молба. Земи малку од храната што ја донесов.
И и понуди од тоа што го беше донел во корпата. Таа дофати со прстите три зрна од леќата, ги стави во устата, и рече:
- Доволно е ова за духовната благодат што ја чува неосквернета природата на душата.
И повторно му се обрати на старецот:
- Оче мој, моли Го Господа за мене, моли, секогаш спомнувајќи ме мене бедницата!
Тој се поклони пред нејзините нозе и ја молеше да Му се моли на Бога за Црквата, за царевите и за него. Со солзи го измоли тоа од неа, и ја остави да оди, а тој липаше и ридаше. Таа ја осени реката Јордан со крсниот знак, и повторно ја премина како по суво. Старецот се врати назад, истовремено обземен и со радост и со страв. Тој се укоруваше себе си што не го дозна името на преподобната, но се утеши со надежта дека ќе го дознае следната година.
По една година, Зосим повторно се упати кон пустината. По долго патување, тој забележа некакви знаци што му покажуваа дека местото што го бара е тука некаде во близина. Се свртуваше лево десно барајќи ја со очите светителката. Кога виде дека таа не се појавува, му навреа солзи и започна да Му се моли на Бога:
- Господи, покажи ми го Твоето неукрадливо богатство, што си го сокрил во оваа пустина! Покажи ми го ангелот во тело, со кој не е достоен да се спореди целиот свет,
Така молејќи се стигна до потокот, застана крај него и на источната страна ја виде преподобната како лежи мртва, со прекрстени раце на градите и со лице свртено кон Исток. Старецот и притрча, и со своите солзи започна да ги мие нејзините нозе, зашто не се осмелуваше да допре друг дел од нејзиното тело. По долго плачење, ги изговори потребните псалми и изврши опело. Потоа се праша себе си:
- Дали да го погребам телото на преподобната? Дали ќе и биде пријатно тоа?
Додека така се прашуваше самиот, над нејзината глава го здогледа напишано следното:
„Ава Зосиме, на ова место погребај го телото на смерната Марија. Правот предај го на правта! Моли го Господа за мене. Се преставив на први април, во ноќта на спасоносното страдање Христово, по причестувањето со Божествените Тајни".
Кога го прочита овој натпис, старецот се запраша кој го напишал тоа. Зашто, како што му имаше речено, таа не знаела да пишува. Но, многу се израдува што го дозна нејзиното име. Дозна И дека во истата ноќ, кога се причести стигнала кај потокот, до кој, тој мораше да патува дваесет дена, И веднаш отишла кај Бога. Славејќи го Бога и со солзи квасејќи ја земјата и телото на преподобната, старецот си рече во себе:
- Старче Зосиме, време е да го исполниш тоа што ти е наредено. Но, како ќе го ископаш гробот, кога немаш ништо во рацете?
Тогаш недалеку здогледа една мала мотика, ја зеде и започна да копа со неа. Земјата беше сува и старецот се препотуваше копајќи, но, не можеше ништо да стори. Воздивна длабоко и наеднаш крај преподобна Марија здогледа еден огромен лав, како и ги лиже нозете. Тоа многу го исплаши, посебно кога се сети дека таа му спомна оти никогаш не видела ѕверови. Се прекрсти и поверува дека покојната со својата сила ќе го сочува неповреден. Лавот започна кротко да му се доближува, умилкувајќи се. Тогаш Зосим му рече:
- Лаву, јас не сум во состојба, па затоа ти ископај го гробот со своите шепи, за да го предадеме на земјата телото на преподобната.
Лавот веднаш започна да копа, и ископа дупка доволна за да се смести телото на блажената. Старецот повторно ги зали со солзи нејзините нозе, и многу ја молеше да се моли за сите. Го погреба нејзиното тело со онаа искината наметка што и ја дофрли кога прв пат ја сретна, и си заминаа и двајцата. Лавот како кротка овца се изгуби во пустината, а Зосим се врати во својот манастир, благословувајќи Го и славејќи Го Христа Бога.
Тој на монасите им раскажа се за преподобна Марија. Сите се восхитуваа слушајќи ги големите дела Божји и со страв, вера и љубов, започнаа да го празнуваат денот на преставувањето на преподобната Марија. Игуменот Јован, според зборовите на преподобната, ги најде оние, на кои што им беше потребно поправање, И со помошта Божја ги поправи.
Зосим го помина својот живот богоугодно и околу својата стотта години се упокои во својот манастир и отиде во вечниот живот кај Господа".
Монасите од манастирот ја чуваа повеста за преподобната Марија, и си ја раскажуваа едни на други за општа полза на сите слушатели, но не ја ставија на хартија. А јас, вели свети Софрониј, ја запишав повеста за неа. Ако пак, некој друг подобро го запишал житието на преподобна Марија, се уште не сум дознал за тоа. Но, јас според своите сили го запишав ова житие, држејќи се до вистинската повест. А Бог, Кој прекрасни чудеса твори, и стократно им возвраќа на оние што Му пристапуваат со вера, нека ги награди оние што со корист ја читаат и слушаат повеста, И оној што се потрудил да ја запише. Нека ги удостои на благиот дел на оваа блажена Марија, со сите кои од памтивека Му угодиле со богомислие и трудови. Да Му оддадеме пофалба на Господа, вечниот Цар, да не удостои и нас, и ние да најдеме милост во денот на Судот во Христа Исуса, Кому Му доликува секоја слава, чест и поклонение со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАКАРИЈ ИСПОВЕДНИК
Светиот отец Макариј е родум од Цариград. Како дете остана сираче и го одгледа неговиот вујко. Тој го школуваше. Како надарен и многу вреден, за кратко време ја изучи мудроста на Светото Писмо, ја спозна ништовноста и минливоста на овоземните работи, и неминливоста и вечноста на небесното.
Затоа го напушти Цариград, отиде во манастирот Пелекит и се замонаши со името Макариј, бидејќи се викаше Христофор. Таму ги помина сите манастирски послушанија и стекна многу добродетели, а посебно смирението. Затоа браќата го избраа за игумен. Тој беше преголем чудотворец и преку него Бог исцелуваше неизлечиви болести. Еднаш за време на суша, по неговите молитви Бог и даде дожд на земјата.
Откако стана знаменит и познат, кај него започна да се слева мноштво христијани. Едни му доаѓаа за да се очистат од душевните страсти со неговите поуки, други да се исцелат од телесните болести, а трети да добијат и телесно и душевно здравје. Гласот за големиот чудотворец дојде до тамошниот патријарх цариградски, свети Тарасиј, и тој го повика преподобен Макариј во Цариград, за да го исцели патрицијот Павле, кој боледувал од смртоносна болест и немало надеж да преживее. Преподобниот појде и го исцели. Подоцна од слична болест се разболе и жената на патрицијот Павле, и лекарите не можеа да и помогнат. Преподобниот ја исцели и неа.Потоа патријархот Тарасиј го ракоположи за свештеник, посебно поради тоа што преподобниот беше послушен спрема патријарховиот позив. Тој ја мразеше непослушноста а го сакаше послушанието, кое човекот го води во живот. Кога се врати во манастирот како свештеник, преподобниот уште повеќе започна да се смирува.
Потоа, поттикнат од ѓаволот, царот тиранин Лав Ерменин, во 813 година започна да ги спалува светите икони во Цариград. Тогаш овој иконоборен цар го прогони во заточение пресветиот патријарх Никофор и слично постапи и со многу епископи и архимандрити. Некои немилосрдно претепа, некои испрати во заточение, а некои во темница. На разни маки го стави и чудесниот Макариј и го фрли во темница. Блажениот остана во темницата се додека не беше убиен свирепиот Лав. Кога во 820-та година зацарува Михаил Травлос, светителот беше изведен од темницата. Но, и тој беше иконоборец и најпрвин со ласкање се обиде да го придобие светителот да се одрече од почитувањето на светите икони, а потоа и со други средства. Најпосле започна да му прети. Кога виде дека тоа ни најмалку не влијае врз светителот, го протера на малиот остров Афусија, и таму го фрли во темница. Светителот јуначки ги поднесе сите маки во прогонството, благодарејќи Му на Бога. Помина долго време во заточение, многу борби поднесе, многу чудеса направи, и отиде кај Господа, околу 830-та година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ПРОКОПИЈ ЧЕХОТ
Роден е во Хотиш, Чешка, од знаменити родители. Стана свештеник и отиде да живее во планината, по примерот на источните пустиници. Случајно го најде Херцег Улриј, и му помогна да го основа манастирот „Свети Јован Преттеча“ крај реката Сазава. Овој свет човек се упокои во 1053-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ МЕЛИТОН
Светиот отец Мелитон е знаменит пастир на Црквата од вториот век. Беше епископ во Сардама во Мала Азија. Располагаше со огромна ученост и се трудеше во еден кодекс да ги собере сите книги од Светото Писмо. Со својата кроткост и благочестие се трудеше повторно да внесе мир во Лаодикиската Црква, околу спорот за празнувањето на Пасхата. Освен тоа го бранеше христијанството пред незнабожците и напиша Апологија (Одбрана) на христијаните до царот Марко Аврелиј (161-180 г.). Околу 170-та година свети Мелитон отпатува во Рим и на царот Марко Аврелиј му поднесе писмена одбрана на верата и Црквата христијанска. Овој учен, благочестив и ревносен маж, мирно се упокои во Господа околу 180-та година. Многу е фален од светите апостолски отци Поликарп и Иполит Римски, а исто така и од црковните писатели Тертулујан и Евсевиј.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕВТИМИЈ СУЗДАЛСКИ
Преподобен Евтимиј се роди од побожни родители во Нижи Новгород. Кога потпорасна родителите го дадоа да го изучува Светото Писмо. Заедно со своите врсници, блаженото момче ги изучуваше Божјите Книги со огромна ревност. Потполно се отуѓи од детските игри. Склон кон молчењето и послушен во се на своите родители, тој често ги посетуваше храмовите Божји, каде сакаше да стои во некој повлечен агол, за никој да не го вознемирува со разговор, за да може со целосно внимание да го слуша црковното пеење и читање. Еднаш дојде во светиот храм и ги слушна евангелските 3борови: „Кој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека врви по мене“ (Лука 9, 23-25). Кога ги слушна овие зборови, блажениот Евтимиј реши да се откаже од богатствата на овој свет и отиде во Печерскиот манастир „Вознесение Господово“. Тука го прими монашкиот постриг од манастирскиот настојател Дионисиј.
Откако стапи во манастир, Евтимиј се оддаде на големи подвизи. При постојаното пеење на Давидовите псалми, тој денот обично го минуваше во трудови и сесрдно извршување на разни манастирски работи, а ноќе одеше во пештерата и со солзи Му принесуваше сеноќни молитви на Бога. Блажениот ги вршеше овие подвизи потчинувајќи му се во се на својот наставник, преподобниот Дионисиј. Подоцна во животот достигна до таков степен на подвижништво, што понекогаш целата ноќ ја минуваше во молитва без сон, и често се подвргнуваше на таквиот подвиг. При тоа беше толку воздржлив во храната што земаше само колку да не умре од глад. Пиеше само вода, и тоа само кога беше премногу жеден. Потоа неговиот наставник го одреди на послушание во пекарата. Тука тој уште повеќе ги зголеми своите подвизи, носејќи вода и сечејќи дрва. Потоа, му беше наредено да служи во самата пекара. Работејќи таму, преподобниот постојано ги имаше на ум вечните маки во незгасливиот оган, и често, гледајќи го огнот си велеше на себе:
- Трпи Евтимиј, та со помош на овој оган да го избегнеш вечниот.
Гледајќи ги таквите подвизи и трпение на преподобниот Евтимиј, сите во него гледаа ангел Божји, кој живее меѓу нив.
Во тоа време со Суздалското и Нижегородското кнежевство владееше великиот кнез Борис Константинович. Тој со молба се обрати до настојателот на Печерската обител, преподобниот Дионисиј, да му го испрати блажениот Евтимиј во Суздал, како градител на манастирот што беше намислил да го изгради. Блажениот Дионисиј со радост му вети на великиот кнез дека ќе ја исполни неговата молба. По кратко време, преподобниот Ефтимиј со благослов од својот наставник тргна на пат. Кога се приближи до градот Гороховац, на десетина километри од него подигна црква во име на свети Василиј Велики, и до неа општожитијна пустина. Потоа отпатува во Суздал кај великиот кнез Борис Константинович. Кнезот многу се израдува на неговото доаѓање и по разговорот со него, заедно се упатија кај суздалскиот епископ Јован. Великиот кнез му ја изложи својата намера на епископот и му раскажа за животот на блажениот Дионисиј, кој е удостоен од Господа на пророчки дар и му даде благослов да гради манастир. Му кажа и за преподобниот Евтимиј и кнезот го замоли епископот да појде со него за да побараат место за манастирот. Најдоа едно место во близина на градот, кај реката Каменица, на чиј брег лежи и градот Суздал. Им се допадна тоа место и тие се помолија и Му благодареа на Бога.
Потоа на тоа место се собра многу народ, болјари, кнезови, дворјани, духовништво, монаштво, и мажи и жени од секоја возраст. Со така многуброен собир епископот Јован го благослови местото за манастир. Потоа беше отслужена служба за основање на храмот и тој беше посветен на Преображението на нашиот Господ Исус Христос, па се отпочна со зидањето. Преподобниот Евтимиј измоли благослов од епископот и со свои раце постави три камења, и кај северните двери, во близина на жртвеникот си подготви гроб за себе, каде подоцна беше положено неговото чесно тело.
Храмот беше завршен и осветен во 1352-та година. Епископот Јован го произведе блажениот Евтимиј во архимандрит и му го довери духовното стадо под негово раководство. Кнезот му даде многу злато и сребро за градбата на манастирот. Оттогаш преподобниот Евтимиј со солзи на скрушеност се оддаваше на големи подвизи. Дење сесрдно се трудеше околу градбата на обителта, а ноќе постојано Му принесуваше усрдни молитви на Бога. Така го изгради манастирот и во него ќелии за идните браќа. Покрај веќе изградениот храм изгради и втор во име на преподобниот отец Јован Лествичник, и до него дозида трпезарија од камен, каде монасите преку зимата би можеле да се собираат на молитва и земање храна. Кога околу преподобниот се насобраа околу триста браќа, и тие не можеа да се соберат во трпезаријата, тој нареди да се изгради нов храм во чест на свети Никола Мирликијски Чудотворец, наречен „болнички“, и заедно со него да се изгради голема трпезарија од дрво, за во неа да се собираат браќата што не можат да се сместат во камената. Потоа беа изградени и други потребни згради и простории.
Така со трудот и молитвите на преподобниот Евтимиј, и во соработка со благодатта Божја беше изградена обител која потполно им одговараше на сите манастирски потреби. Преподобниот цврсто и богоугодно го водеше духовното стадо коешто му беше доверено и воведе правило: сите монаси без роптање да пребиваат во послушание, целомудрие, сиромаштво и меѓусебна искрена љубов; и никој од нив да нема ништо свое, туку се да им биде заедничко. Кога ќе дознаеше дека некој од браќата има некаква сопственост, веднаш му налагаше епитимија. Тој не им дозволуваше на браќата да разговараат во црквата. Од нив бараше да молчат за време на трпезата, и потоа да се разидуваат по своите ќелии, без меѓусебни разговори. Не дозволуваше посетување на туѓите ќелии, освен при крајна потреба. Негово општо правило беше никој од монасите во никој случај да нема свое мудрување, туку секој да биде спремен да го изврши секое послушание. И сите браќа му се покоруваа како на Божји ангел.
За духовни разговори преподобниот одеше во обителта на преподобниот Сергеј Радонешки Чудотворец, бидејќи беа современици. По нивните разговори тие се благословуваа еден со друг, и тој повторно се враќаше во својот манастир.
Блажениот Евтимиј го проживеа целиот свој живот во такви подвизи. Никогаш не го изневери своето молитвено правило, и соединувајќи го постот со милостињата, примајќи патници и давајќи им храна, тој на своите претходни подвизи додаваше нови. На необлечените им беше облека, на тажните утеха... и толку го сакаше сиромаштвото што изгледаше крајно бедно, оти постојано носеше една иста облека, сошиена од груба овчја кожа, та зиме мрзнеше а лете страдаше од горештината.
Достигна длабока старост, и почувствува дека му се ближи крајот. Затоа ги повика сите браќа кај себе. Гледајќи го така слаб, тие тагуваа од помислата на разделбата со него, и говореа:
- Оче, ти не оставаш сироти и без тебе нашата обител ќе биде пуста.
Преподобниот ги тешеше, велејќи;
- Не тагувајте поради разделбата со мене, и знајте дека ако стекнам слобода за молитва пред Господа, и моето дело Му биде угодно, тогаш нашата обител не само што нема да опусте, туку по мојата смрт ќе се намножи, ако и вие имате љубов меѓу себе,
Преподобниот им изговори многу утехи на браќата, а пред своето заминување кај Господа сите монаси се простија со него, го целиваа и просеа последен благослов. Преподобниот ги благослови сите како чедољубив татко, им прости и самиот испроси од нив простување за себе. Кога настапи часот за разделување на неговата душа од телото, тој се причести со Светите Тајни и својата света душа ја предаде на Господа, на 1 април во 1405-та година. Управуваше со манастирот педесет и две години а кога се престави имаше околу деведесет. Неговото свето тело монасите го погребаа во гореспоменатиот гроб, што самиот си го приготви при зидањето на првиот манастирски храм. Блажениот Евтимиј и до денес чини многу чудеса и им дава исцеленија на оние што со вера му пристапуваат на неговиот чесен гроб. Сто години по неговото упокојување, на 7 јуни во 1507 година, кога се копаше на темелите на изгорениот Преображенски храм во 1491 година, неговите свети мошти беа пронајдени целосни и негнилежни. Неговото лице беше светло, а неговите ризи изгледаа како да му беа облечени вчера.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН АХАЗ
Се упокоил во мир.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АВРАМИЈ БУГАРСКИ
Oвој свет маченик е родум од Камск во Бугарија, околу Казан. Беше од мухамеданската вера. Се занимаваше со трговија и на сиромашните им раздаваше милостиња. Бог му се смилува поради тоа, и тој се обрати во христијанската вера. Поради исповедањето и проповедањето на Господа Христа, неговите соплеменици го убија на 1-ви април во 1229-та година, по повеќедневно настојување да го вратат во мухамеданството. Подоцна руски трговци ги пренесоа неговите свети мошти во Успенскиот манастир во градот Владимир, каде почиваат и денес.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ГЕРОНТИЈ И ВАСИЛИДА
Пострадале за Христа, заклани со меч.