15. Април (2. Април)
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТИТ ЧУДОТВОРЕЦОТ
Светиот блажен отец Тит од млади години го засака Христа и го намрази суетниот свет. Поради тоа го остави светот, отиде во манастир и го прими ангелскиот образ. Не жалејќи се себе, тој ради Господа го минуваше тесниот и претажен пат на монашкиот живот. Толку се предаде на смерноста и послушноста, што со овие доблести ги надмина не само браќата, туку и сите луѓе. Потоа стана игумен и пастир на словесните овци Христови. Кон сите имаше толку голема љубов, кроткост и сомилост, така што во тоа време немаше сличен на него. Ја сочува чистотата на душата и телото уште од младоста, и изгледаше како ангел Господов. Поради тоа го доби дарот на чудотворството. Во времето на иконоборната ерес беше како жив и непоколеблив столб на Црквата Христова. Кога се пресели кај Господа, зад себе остави голем број на свои ученици и соподвижници, како жив образ на своите доблести и подвижничкиот живот. Се упокои мирно во деветтиот век.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АМФИЈАН И ЕДЕСИЈ
Светите маченици Амфијан и Едесиј беа родени браќа од градот Патара во Ликија. Потекнуваа од знаменити но незнабожни родители. Родителите ги испратија во Вирит? заради изучување на светските науки. Таму деновите на својата младост ги минуваа живеејќи чесно, кротко и целомудрено. И сите се восхитуваа на нивниот беспрекорен живот. Ги отфрлија навиките својствени за младите, и по својата мудрост и чистота на живот беа слични на чесните старци. Затоа не беа лишени од Божјата благодат. Во нивните срца заблеска светлината на познанието на вистината. Тие ја увидоа лагата на незнабоштвото и ја назреа вистината на христијанството. Сакаа да дознаат сè за вистинскиот Бог Исус Христос и да станат Негови слуги. Кога се вратија од Вирит, својот татко го затекнаа како старешина на градот Патара, и предан на незнабоштвото. Тие не можеа повеќе да живеат со незнабожни родители и роднини, и затоа тајно побегнаа од своите, оставајќи ги ради Христа, и домот, и родителите, и имотот, и сите сласти на овој живот. Водени од Духот Божји, тие дојдоа во Кесарија Палестинска. Таму го најдоа богоугодниот христијански презвитер свети Памфил, кој потоа пострада за Христа (16 февруари). Нему му се поверија да ги научи на духовната философија. Тој ги поучи во светата вера, ги запозна со сите христијански тајни, па ги просвети со светото крштение. И тие живееја во подвизи со својот учител свети Памфил, поучувајќи се во законот Божји и дење и ноќе.
Во тоа време царот Максимијан, пламен незнабожец и мразител на вистинскиот Бог, започна луто да ја гони Црквата Христова. Тогаш настана голем немир на Исток. Христијаните беа убивани на сите страни. Поради тоа тие ги напуштаа своите домови и се криеја, а многумина од нив доброволно се предаваа во рацете на незнабошците, и примаа маченички подвиг за љубовта Христова. Меѓу нив беше и свети Амфијан. Ова храбро момче имаше дваесет години, а со својот разум беше како столетник. Кога и во Кесарија по царска наредба кнезовите ги повикуваа граѓаните, секој по име, да им принесе жртви на идолите, храбриот Амфијан тајно излезе од скривницата, отиде во идолскиот храм во кој беше кнезот Урбан, му пријде без страв, го фати за десната рака во која тој ја држеше жртвата, и му викна силно како со некоја божествена власт, да се откаже од служењето и жртвопринесувањето на мртви идоли, и да го познае вистинскиот Бог.
Овој смел подвиг на Амфијан многу верни утврди во верата, а неверните, особено кнезот, многу ги разгневи и разбесни. Војниците веднаш го зграпчија и безмилосно го тепаа, па го фрлија на земјата и го газеа со нозете. Потоа го ставија во окови и го фрлија во темница.
Утредента свети Амфијан беше изведен на суд. Кнезот го посоветува да им принесе жртви на идолите, но војникот Христов се покажа несовладив и непобедлив. Го обесија на едно дрво и со остри железни направи му го истругаа телото до коските. Го тепаа, и целиот во рани никој не можеше да го препознае. Но, тој и во маките не престана да го исповеда името на Исуса Христа, како да страдаше некое друго тело. Потоа, со памук наквасен со елеј му ги завиткаа нозете, и го запалија. Горејќи така, страдалникот се топеше како восок. Но, ниту ова мачење не можеше да го победи. Тој со уште поголема смелост громогласно Го славеше Христа и ги изобличуваше незнабошците. Потоа повторно го фрлија во темница. На третиот ден, иако светиот страдалник беше едвај жив, мачителите повторно го ставија на маки, но тој остана цврст и непоколебив во исповедањето на верата. Тогаш кнезот нареди да го фрлат во морето. Веднаш му врзаа камен околу вратот. Но, штом го фрлија во водата, таа веднаш се разбранува, земјата се затресе, градот се расколеба, и сите се преплашија, а морските бранови го изнесоа телото на маченикот пред градската капија.
Така пострада светиот маченик Амфијан, во петок на втори април, во 306-та година.
Потоа беа фатени и останатите христијани, а меѓу нив и Едесиј, братот на свети Амфијан. Некои од нив веднаш беа измачувани и така усмртени, а некои испратени во рудниците за бакар во Палестина. Меѓу овие беше и свети Едесиј. По некое време тој беше одведен во Александрија во Египет. Еднаш Едесиј во Александрија го виде кнезот Јероклеа како на плоштадот свирепо им суди на христијаните, и христијанските монахињи, целомудрените девојки и чесни жени, и ги раздава на најбесрамните развратници за потсмев. Преполни со ревност, свети Едесиј пред сите полета кон кнезот, го удри по лицето и го собори на земјата, карајќи го за неправедното судење. И веднаш беше фатен од присутните, тешко мачен, и фрлен во морето како и неговиот брат, светиот Амфијан.
Така свети Едесиј, заедно со свети Амфијан, доби венец на победата од нашиот Спасител Христос, Кому слава со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин.
Пострадаа околу 306-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПОЛИКАРП
Свети Поликарп го изобличи кнезот во Александрија и го нарече ненаситен пес, затоа што пролева невина христијанска крв. Поради тоа беше подложен на страшни маки, и најпосле му ја отсекоа главата со меч. Пострада во времето на царот Максимијан.
СПОМЕН НА СВЕТАТА ДЕВА МАЧЕНИЦА ТЕОДОСИЈА (ТЕОДОРА)
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ГРИГОРИЈ
Григориј беше родум од краевите на Витинија во Мала Азија, а кога порасна се подвизуваше покрај Никомидискиот залив. Најпрвин живееше во манастирското општожитие и се научи на монашките послушанија и доблести. Помина низ многу ѓаволски искушенија и многу клевети, и доби од Бога дар на прозорливост и чудотворство. Мирно се упокои во Господа, во 1240-та година.