16. Април  (3. Април)

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИКИТА ИСПОВЕДНИК

Преподобниот Никита е роден во Витинија, во градот Кесарија, од благочестиви родители. Татко му се викаше Филарет. Неговата мајка се престави во Господа во осмиот ден од неговото раѓање. Лишен од својата сопруга, Филарет се замонаши а Никита остана кај својата баба, мајката на неговиот татко. Кога порасна и ги заврши сите науки, Никита се предаде во служба на Бога. Најпрвин времето го минуваше во читање на божествените книги. Потоа отиде кај еден доблесен маж, отшелникот Стефан. Веќе доволно упатен во духовните работи, тој го отпрати во манастирот Мидикијски, подигнат од тогашниот игумен, преподобниот Никифор. Игуменот го прими Никита со љубов, провидувајќи ја во него благодатта Божја, и го замонаши. Во манастирот блажениот Никита толку се оддаде на монашките подвизи, смирението и послушанието, што ги надмина сите тамошни монаси. Во седмата година од својот живот во манастирот, игуменот го посоветува да го прими јеромонашкиот чин, а патријархот Тарасиј го ракоположи за јеромонах. Штом стана јеромонах, преподобниот Никифор, изнемоштен од староста, му ги предаде сите манастирски работи иако тој не сакаше. Блажениот Никита добро управуваше со манастирот, будно го раководеше словесното стадо и го умножуваше со примерот на својот доблесен живот. За неколку години братството се намножи на сто членови. Меѓу нив беше и блажениот Атанасиј, чесен и навистина прекрасен маж. Неговите доблести не можат накратко да се искажат, бидејќи му се восхитуваа и самите ангели. Кога тој заради Бога го презре светот и тајно побегна во манастир, неговиот татко разбеснет дојде во тој манастир, го најде својот сакан син, ја соблече од него манастирската послушничка риза, го облече во светла скапоцена облека, и силум го одведе дома. А момчето му говореше на таткото:

- Оче, мислиш ли дека со оваа скапоцена облека ќе ме одвратиш од мојата намера? Го намразив целиот свет, оти „каква е ползата за човекот, ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости. Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?“ (Матеј 16, 26).

Тогаш неговиот татко го затвори во една одаја и на сите можни начини се трудеше да му ја врати љубовта кон светот. Но, кога виде дека не му успева, зашто момчето и својата скапоцена облека ја искина на парчиња, безмилосно го претепа, така што телото му се покри со тешки рани кои почнаа да гнојат. Таткото мораше да повика лекари кои дел од раните излечија, а дел оперираа. А момчето велеше:

- И на парчиња да ме исече мојот татко, нема да ме раздели од љубовта Божја, ниту ќе ме одврати од мојата намера.

Трогнат од ваквите зборови, таткото пролеваше многу солзи, па еднаш му рече на Атанасиј:

- Чедо мое, оди по добриот пат што си го избрал! Христос нека ти биде помошник, и нека те избавува од ѓаволските замки.

Атанасиј отиде во својот поранешен манастир, се замонаши и толку се смири, така што во него не можеше да се види ништо световно.

Таквиот доблесен маж, кој многу години помина во монашките трудови, ја привлече кај себе љубовта на нашиот преподобен отец Никита и славата на неговиот рамноангелски живот. Атанасиј им стана мил собеседник и сожител на двајцата преподобни отци Никифор и Никита. По извесно време тие го измолија да биде манастирски економ. И блажениот Атанасиј и преподобниот Никита во манастирот беа како една душа и еден разум во двете тела, и сите браќа со збор и пример ги упатуваа во секоја добродетел и во совршеното угодување на Бога: засадуваа љубов во нив, ги поучуваа на смирение, беа будни чувари на чистотата на нивните души и тела, ги крепеа слабите и малодушните, ги зацврстуваа оние што цврсто стојат и со најразлични совети и казни ги подигаа оние што паѓаа. Кога еден од нив ќе се покажеше како суров казнувач, другиот се јавуваше како најкроток и најмилостив советодавец. Браќата подеднакво ги сакаа, и нивниот збор го примаа како да доаѓа од Божјата уста. Но, не поживееја заедно до крај, зашто по неколку години преподобниот Атанасиј се престави кај Господа, на 26 октомври. Неговите последни зборови изречени кон браќата беа: „По моето преставување ќе дознаете дали сум нашол милост во Бога“.

Потоа, по многу трудови и болежливост, на 4 мај отиде кај Господа и преподобниот Никифор, основачот на Мидискиот манастир и негов прв игумен. Лишен од својот духовен отец, преподобниот Никита остана како сираче, и многу тагуваше и за двајцата. Својата тага ја разблажуваше со несомнените известувања за нив, дека тие добиле благодат и блажен живот во Господа Христа, Кому Му угодија, усрдно служејќи Му уште од младоста.

По преставувањето на блажениот отец Никифор сите браќа го молеа преподобниот Никита да им биде игумен. По долго молење и приморан од многу други отци, тој го прими игуменскиот чин и доби благослов од неговата светост, патријархот Цариградски Никифор, кој го наследи светиот Тарасиј!. Додавајќи труд врз труд, со Божја помош управуваше со манастирот и се грижеше за поверените души. А Бог, прославувајќи го Својот угодник, му даде благодат да исцелува болни и да истерува демони.

Едно момче, кое беше немо од раѓање, тој го осени со крсниот знак и тоа проговори.

Еден брат кој беше полудел, тој го исцели помазувајќи го со свет елеј.

А пак еден од новодојдените во манастирот го обзеде демон, и тој со молитвата го избави од демонот, така што демонот го претвори во змија.

И многу други ослободи од зли духови, и многу болести исцелуваше на чудесен начин со благодатта Христова што живееше во него.

Живеејќи така богоугодно, свети Никита веќе беше остарен и настапи времето за неговото храбро исповедање на верата и страдањата што ги претрпе пред крајот на својот живот, поради почитувањето на светите икони. Во тоа време иконоборната ерес се уште не престануваше, иако беше проколната на Седмиот Вселенски Собор од светите Отци, и подржувана од царевите, таа се обновуваше. Нејзиниот почеток беше од грчките цареви. Најпрвин, таа зајакна и зеде замав како тешка болест од царот Лав Исавријанецот. Зашто тој прв издаде наредба против светите икони и со својата царска власт многу народ привлече кон своето неправилно умување. Тој го протера правоверниот патријарх свети Герман, и на патријаршискиот престол го доведе својот истомисленик, еретикот Анастасиј. По смртта на тој злочестив цар зацарува неговиот син Константин Копроним, уште поголем гонител на Црквата Божја. Тој не само што ги отфрлаше светите икони, туку забрани и светите угодници Божји да се нарекуваат свети, и ги потценуваше нивните мошти. Кратко речено, тој само надворешно се претставуваше како христијанин, а одвнатре беше неверен Евреин. Бедникот дури се дрзна да хули и на Пречистата и од секое створение повозвишена Мајка Божја, заштитата и прибежиштето на целиот свет, и да го отфрла Нејзиното свето име и Нејзината света икона. Со тоа нареди да не смее да се спомнува нејзиното посредување пред Бога, и за уште повеќе да ја понижи, тој покажуваше ќесе полно златници и ги прашуваше присутните:

- Има ли голема вредност ова ќесе?

Присутните му одговараа:

- Има, доколку во него се наоѓа вистинско злато.

Тогаш Копроним го истураше златото од ќесето и повторно прашуваше:

- А сега, има ли вредност ова ќесе?

А тие му одговараа:

- Нема, бидејќи е празно.

Тој одговори:

- Така е и со Марија. Додека во својата утроба Го носела Христос била достојна за почитување, но, штом Го родила, таа е лишана од тоа, и со ништо не се разликува од останатите жени.

О, колку погана уста и колку безбожен јазик! Каква хула изговара за Мајката на Творецот, која е попречесна од сите Небесни Сили, и посвета од сите Светии! Зарем царицата, откако ќе го роди царскиот син не е достојна на царското почитување? Дали мајката на царот се почитува само додека во својата утроба го носи царот? О, не, па таа секогаш се почитува! О, колку беден хулител, кој по ништо не се разликува од богоомразените хулители Евреите! И не само што тој беше таков богохулник, туку се трудеше со ласкање и грозни закани, и останатите да ги наведе на такво безбожно богохулство. Оние што не се согласуваа ги ставаше на разни маки. Верните и вистински слуги Христови со меч ги сечеше, во море ги фрлаше, на страшна смрт ги предаваше. Затоа и самиот тој со страшна смрт ја исфрли својата бедна душа. Додека издивнуваше горко викаше:

- Жив сум предаден на незгасливиот оган!

И оној, кој порано хулеше на Пречистата Мајка Божја, сега заповедаше со славословија и песни да ја слават, но сосем отуѓен од Божјото милосрдие, не најде олеснување. По него се зацари неговиот син Лав 5, исто така еретик и икотоборец, сличен иа својот татко. Но и тој набрзо умре. По него на престолот дојде неговата жена Ирина, со својот малолетен син Константин. Таа и го врати мирот на свстата Црква и го свика Седмиот Вселенски Собор за да биде анатемисана иконоборната ерес (747 г.). И целата Црква Христова се израдува со воспоставувањето на својата првобитна красота, иконите, и гледајќи ги на престолите православните цареви и архијереји.

По Ирина, еден по друг царуваа правоверните цареви Никифор и Михаил. Потоа зацарува Лав 5, наречен Ермении. Тој тргна по стапките на злочестивиот цар Лав Исавријанец и започна да ги гони православните и светите, обновувајќи ја проклетата иковоборна ерес. Тој си бараше за себе помошници, едномислени учители па злото и најде малкумина меѓу велможите, од кои двајца беа многу зли: Јован Спекта и Евтихијан. Меѓу свештениците го најде Јован Граматик, тој нов Тертул (сп. Д. А. 24, 1), кој беше избраа сад на ѓаволот, и некој си Антониј Силеа; а меѓу монасите ги најде Леонтиј и Зосим. По извесно време овој Зосим беше фатен во срамно дело, му беше отсечен носот и умре на срамен начин, оставајќи лош глас за себе. Со нив царот работеше на безбожието и слушајки ги нивните совети ја заоструваше борбата што ја поведе против Црквата. Потоа ги свика во својата палата сите архијереји и целото цариградско духовништво, а го повика и свјатјејшиот патријарх Никифор, сакајќи пред него и пред целиот сенат, тие да водат спор со гореспоменатите еретици, неговите истомисленици. На почетокот самиот им се обрати на правоверните, и самиот правејќи се правоверен. Извлекувајќи од пазувите икона на распетието Христово, лицемерно и се поклони на иконата и им рече на светите отци:

- Јас по ништо не се разликувам од вас, зашто ги почитувам светите икони, како што и самите гледате. Но, станаа некои што учат поинаку и говорат дека правиот пат е оној до кого тие држат. Затоа да ги повикаме пред вас, па водете спор за да дојдеме до правилно сфаќање за иконите. Ако тие ве победат со своите аргументи и јавно ја докажат својата вистина, тогаш вие немојте да им се противите на добрите работи. Ако пак ги победите вие, и ја обелодените нивната заблуда, тие нека престанат да го шират погубното учење, и како порано нека се држат до правоверието. Јас ќе го слушам вашиот спор и ќе пресудам, оти, штом сум повикан да решавам за мали работи, уште повеќе морам да се грижам за управувањето со Црквата.

Но, пресветиот патријарх Никифор и сите архијереји со него не се согласуваа со тоа. Тие не сакаа ни да ги видат тие злоумни еретици, изјавувајќи:

- Таа ерес е веќе разгледана и анатемисана на Седмиот Вселенски Собор од страна на светите отци. Нема потреба повторно да се разгледува и да се обновува тоа што веќе потполно е отфрлено од страна на Црквата. 

Кога видоа дека царот им е наклонет на еретиците, светите отци храбро му се спротивставија. Свети Емилијан епископот Кизички, рече:

- Царе, ако прашањето поради кое што си нè повикал е црковно прашање, тогаш треба да го разгледуваме во светата црква, а не во царската палата.

Царот одговори:

- Но, и јас сум син на Црквата и како посредник и помирувач ќе ги сослушам двете страни, за да дознаам на чија страна е вистината.

На тоа епископот синатски свети Михаил, одговори:

- Ако си посредник и помирувач, зошто неправилно постапуваш? Ти собираш црковни противници и ги држиш во својата палата, храбрејќи ги бестрашно да ги учат сите да ги држат злочестивите догмати. А правоверните, заплашени со твоите ужасни закани, не смеат ниту по ќошовите да го проповедаат правоверието. Тоа не е знак на посредување и смирување, туку на гонење и насилство.

Царот рече:

- Но, јас сум едномисленик со вас. Откако дознав дека прашањето за почитувањето на иконите предизвикува двоумење, моја должност е да не преминам преку тоа, туку точно да ја дознаам вистината. А која е причината што не сакате да разговарате со вашите противници? Очигледно сте незнајници, и немате докази од Светото Писмо со кои би можеле да го браните своето гледиште.

На тоа епископот никомидиски свети Теофилакт, одговори:

- Царе, сведок е Христос, чија света икона ја имаш пред очите, дека имаме безбројни сведоштва од нашата православна вера, што го потврдуваат побожното почитување на светите икони. Но, нас никој не не слуша, и не можеме да успееме борејќи се со моќната рака која ни се заканува.

Потоа епископот никејски свети Петар, му рече на царот:

- Како можеш да предлагаш да водиме спор со оние кои ти ги помагаш, и заедно со кои, самиот ти војуваш против нас? Знаеш ли дека нас и манихејците, кога ти би ги довел овде и би ги подржал, би нè надговориле имајќи ја твојата подршка?

Потоа свети Евтимиј, епископот сардијски, со најголема смелост рече:

- Чуј, царе! Откако нашиот Господ Христос слезе на земјата пред осумстотини и неколку години, Он насекаде по црквите се изобразува на иконите, и Неговата икона побожно се почитува. А кој е толку арогантен да се дрзне да го оспори или разори преданието кое толку векови постои во црквите од светите Апостоли, Маченици, и боговдахновени Отци, па дошло дури и до нас? Апостолот ни наредува: „Браќа, стојте и држете ги преданијата, што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание“ (2 Солун. 2, 15). И понатаму: „Но, ако ви се јави и ангел од небото да ви благовести нешто друго од она што ви го благовестивме ние, нека биде анатема!“ (Галат. 1, 8). Затоа против оние што ја измислија иконоборната ерес беше свикан Вселенски Собор за време на царувањето на благочестивите Ирина и Константин, и самиот Син Божји, со прстот Свој го потврди тој Собор. Затоа, кој ќе се дрзне нешто да разори или поништи од тој Собор нека биде проклет!

Иако во срцето на царот пламтеше гнев додека го слушаше ова, тој стрпливо го слушаше говорникот, глумејќи кроткост. Тогаш смело истапи црковниот учител свети Теодор, игуменот на Студијскиот манастир, и со голема ревност рече:

- Царе, немој да го разоруваш мудро востановениот црковен поредок! Свети апостол Павле вели: „Бог постави во Црквата едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители“ (Ефес. 4, 11-12). Апостолот не рекол: и цареви. На тебе, царе, ти е поверено да управуваш со световните работи, градските дела и воената сила. Ти грижи се за тоа, а црковните работи остави ги на пастирите и учителите, како што учи апостолот. Ако не, знај дека ние нема да послушаме учење спротивно на нашата православна вера, па макар да го донел ангел од небото, а камоли да те послушаме тебе, земниот трошен човек!

Тогаш царот многу се разгневи и од него излегоа и бесот и јароста што ги прикриваше со божемната кроткост додека ги слушаше зборовите на светите отци и со бесчестење и карање ги избрка од палатата сите отци. Тогаш неправедно го исфрли од престолот праведниот пастир, пресветиот патријарх Никифор. Така постапи и со останатите архијереји, и сите ги испрати на заточение по разни места. Тоа го стори и со преподобниот Теодор Студит, а на патријаршискиот престол донесе еден свој советник, мирјанинот Теодор Каситар, еретик по вера, а развратник по живот. Исто така и на другите архијерејски престоли изнамести свои зловерни псевдоепископи, и ги исфрли светите икони од светите цркви. И повторно настапи такво гонење против православните поради почитувањето на светите икони, какво што беше во времето на царот Лав Исавријанецот, и неговиот син Копроним. Зловерниот цар Лав Ерменин, со својот истомисленик, псевдопатријархот Теодот, свика беззаконо збориште во Цариград, на кое, самите проклети, ги проколнаа правоверните, божествени и благословени свети отци. А оние што не се согласуваа на тоа нивно неправедно збориште, тие ги измачуваа и убиваа.

По завршувањето на овој нечист собор, царот ги повика игумените на истакнатите манастири, меѓу кои беше и божествениот отец Никита. Царот се обиде со ласкање да ги придобие за своето зловерие, и кога увиде дека се непоколебливи, ги фрли во разни темници, секого посебно, и размислуваше што да превземе понатаму. Преподобниот Никита долго време беше во една смрдлива темница и секој ден кај него доаѓаа расипани и бесрамни луѓе, кои не беа достојни ни да се наречат луѓе. Тие со гадни и лоши зборови го опсипуваа светителот, и многу го навредуваа, На тоа ги учеа еретиците, меѓу кои најлош беше еден по име Николај. Со своето безумие тој премногу јадови му задаваше на преподобниот старец се додека не му се јави неговиот покоен татко, и му рече:

- Отстапи од слугата Божји!

Од тогаш Николај престана да го измачува светителот, па и на другите им го бранеше тоа.

По многу поминати денови во темницата, царот нареди преподобниот да го одведат на заточение во источните краеви, во градот Масалеон. Тоа беше сторено за време на остра зима, и старецот претрпе многу маки од мразот, зашто облеката му беше искината. Згора на тоа и неговиот спроводник беше многу свиреп и немилосрден, и го мачеше старецот терајќи го да оди брзо, за да стигнат побргу. Царот постапи така и со останатите чесни игумени, и сите ги испрати во прогонство. Кога увиде дека нема ништо да постигне со тоа, туку ќе ги направи уште поревносни во држењето на правите догмати, тој ја промени својата одлука. И само што преподобниот Никита помина пет дена во заточение во градот Масалеон, царот нареди тој и останатите игумени бргу да се вратат во Цариград. При враќањето, светителот мораше да оди уште побргу отколку при одењето, та едвај остана жив.

Доведени во Цариград, царот нареди да ги затворат во една ограда додека не смисли како да ги придобие. Откако помина зимата и Великиот Пост и пресветлиот празник Воскресение, тој ги предаде на гореспоменатиот Граматик, реторот на ѓаволските усти, тој да ги мачи како сака. Граматик ги затвори по разни темници секој поодделно, и многу ги измачуваше. Темниците им беа тесни, мрачни, смрдливи и исполнети со секој јад; во нив немаше никаква постела ниту пак одмор. Низ едно мало прозорче како на кучиња им даваа по малку престоен и нечист леб, и по малку матна и смрдлива вода, колку да не умрат од глад и жед. Мачителот Јован мислеше дека со таквото мачење ќе ги совлада светите отци, и за уште поголема жалост на преподобниот Никита, тој злобник го фати неговиот млад ученик Теоктист, го фрли во една грозна темница, и го мачеше со глад и жед.

Кога видоа дека светите отци претпочитаат да умрат отколку да отстапат од своето правоверие, злочестивите еретици измислија ваква замка за нив: Не бараме ништо друго од вас, освен само еднаш да се причестите заедно со патријархот Теодот, па веднаш ќе ве пуштиме да се вратите во вашите манастири.

Пуштени од своите темници, отците дојдоа кај преподобниот отец Никита и го советуваа и тој да се согласи на општење со Теодот и да биде пуштен. Но, свети Никита никако не се согласи под таквиот услов да излезе од темницата, во која беше заради Христа. Но, отците настојуваа говорејќи:

- Ние не можеме да излеземе а вие да останете овде. Од нас се бараат ситници; само да се причестиме со Теодот, а својата вера ќе ја задржиме. Да бидеме разборити за време на оваа неволја: да се разрешиме себе за мала работа, за да не изгубиме се.

Тие долго настојуваа, и свети Никита без своја волја појде со нив и отидоа кај псевдопатријархот Теодот. А тој, за полесно да ги придобие за општење со него, ги одведе во едно молитвено место, многу украсено со икони. Го стори тоа за отците да го сметаат за правоверен патријарх кога ќе ги видат светите икони. Таму Теодот отслужи Литургија и тие примија причест од неговите раце, зашто од неговата уста слушнаа вакви зборови:

- Кој не ги почитува иконите Христови, нека биде анатема!

Го рече тоа, не дека навистина ја почитуваше иконата Христова, туку преправајќи се, за да ги придобие за општење со нив.

Потоа секој си отиде во својот манастир. Но, преподобниот Никита тагуваше во душата што му се придружи на псевдопатријархот Теодот. И малото скршнување од правиот пат светителот го сметаше за потполна заблуда. Затоа реши да побегне во друг крај, и таму да се кае за својот грев. Отиде на островот Проконис, и размислувајќи за својот грев, дојде до ваков заклучок: таму каде што е сторен гревот, треба да се случи и покајанието. Затоа повторно се врати во Цариград и јавно ги учеше луѓето да се држат до правите догмати одредени од светите отци на Седмиот Вселенски Собор.

Кога дозна за тоа, царот го повика светителот кај себе и му рече:

- Зошто не си отишол во својот манастир како што сторија останатите игумени? Зошто единствено ти не и се покоруваш на нашата наредба? Зошто не ја почитуваш нашата власт? Или појди во својот манастир или ќе те подложам на маки!

Светителот со кроток глас му одговори:

- Царе, јас не сакам ниту во својот манастир да појдам, ниту својата вера да ја оставам, туку останувам и ќе останам во моето вероисповедување, во кое што стојат и моите свети отци и православни епископи. Поради тоа ти ги испрати во прогонство и невини ги фрли во темници. И тие поднесуваат огромни маки бранејќи ја Православната Црква, во која стоиме и се фалиме со надеж за слава Божја. Што се однесува до мене, јас го сторив тоа што не требаше да го сторам, не поради тоа што се плашев од смртта, туку се покорив од послушание, и сега жалам и се кајам. Знај добро, дека отсега немам никакво општење со вас, туку стојам во преданието на светите отци, кое што го примив на почетокот. А ти прави со мене што сакаш, само немој да се надеваш дека нешто друго ќе слушнеш од мене.

Кога виде дека преподобниот Никита е непоколеблив во своето убедување, царот го предаде на управителот на царскиот двор Захариј Манган, да го чува под стража додека не размисли што да прави со него. А добриот и благочестив човек Захариј не само што не му наштети на старецот, туку му укажа големо почитување. Потоа царот го испрати преподобниот на заточение на еден мал остров наречен „Света Маченица Гликерија“, зашто таму почиваа нејзините свети мошти и беше подигната голема црква во нејзино име, и манастир кој еретичките власти го беа предале на еден евнух по име Антим. Тој беше многу лош човек, маѓепсник, осквернувач на светињите, мајстор за зло, зол, лукав, горд, немилосрден, и поради тоа тамошните жители го нарекуваа Кајафа. Тогаш на таквите им се даваше да управуваат со манастирите, за да го прават тоа што го сакаат световните власти. Кај овој Антим царот го испрати светиот Никита. Со овластување од царот, тој многу го злоставуваше светителот. Го затвори Божјиот угодник во една тесна самица, и постојано го мачеше не давајќи му ни да погледне низ неа, а клучот го држеше кај себе. Од еретичките првенци на овој Антим му беше ветено големо одликување, ако го принуди Никита на едноверие со нив. Тоа беше вистинската причина што овој бедник го злоставуваше светителот на исклучителен начин, надевајќи се дека така тој ќе се согласи со ереста. Но, преподобниот таквото злоставување го поднесуваше со љубов заради верата. А Бог, со својата чудесна благодат која дејствуваше во преподобниот, покажуваше дека тој е праведен, свет и чудотворен помошник на луѓето што се во неволја. Така, споменатиот Захариј беше испратен од царот во Тракија, поради некоја државна работа. Но, по патот беше фатен од варварите и одведен во ропство. За тоа дозна синадскиот епископ свети Михаил, кој исто така лежеше во темница за правоверието. Тој го извести за тоа преподобниот Никита и му порача: „Нашиот заеднички пријател Захариј, окован е одведен во варварската земја. Затоа те молам, умоли Го Бога за него, зашто ти можеш да Го умолиш“.

Штом ја прими таквата вест, свети Никита многу се натажи, и цел ден не вкуси ништо. Добивајќи свеќа од братот Филип кој му служеше, тој ја запали, и ноќта ја помина во молитва за заробениот Захариј, молејќи го благиот Господ да го ослободи од варварските раце. И му беше откриено од Бога дека Захариј наскоро ќе биде слободен. А кога утредента дојде Филип, и го затекна отец Никита весел и радосен, му рече:

- Синоќа те оставив многу тажен, оче, а сега те гледам радосен. Кажи ми, која е причината за таквата промена?

Светителот му одговори:

- Се радувам заради нашиот пријател Захариј, зашто наскоро ќе го видиме овде.

Така и се случи. По кратко време беше склучен мир помеѓу царот и варварите и беа разменети заробениците. Но, царот не испрати замена за Захариј, зашто беше дознал дека ги почитува догматите од Седмиот Вселенски Собор и ги подржува православните. Затоа го остави во варварските раце, да загине таму. И кога многу заробеници беа пуштени, варварскиот кнез го праша Захариј кој остана:

- Сакаш ли да си одиш дома?

Тој одговори:

- Сакам, но царот не испратил замена за мене.

Кнезот му одговори:

- Јас те ослободувам, оди си.

А Захариј, штом ја виде таквата неочекувана милост од варварскиот кнез, веднаш сфати дека тоа го уреди самиот Бог, по молитвите на светите отци за него, зашто некогаш им беше сторил некое добро. Тој се осмели да му рече на кнезот:

- Штом реши да ме пуштиш на слобода, подари му слобода и на мојот другар, кој исто така падна во ропство заедно со мене.

Кнезот му одговори:

- Добро, земи го и одете си дома со мир.

Така ослободен, Захариј со својот другар допатува на островот Гликерија кај преподобниот Никита, и му благодареше за светите молитви, поради кои Бог го избави од варварското ропство.

Свети Никита направи и друго преславно чудо: со својата усрдна молитва кон Бога, од сигурна смрт избави тројца браќа, кои беа зафатени од морската бура.

Така свети Никита, и самиот во неволји како заробеник, на чудесен начин избавуваше други од опасности. Во тоа темничко злопатење, преподобниот помина шест години, се до смртта на богопротивниот цар Лав Ерменин, кого неговите војници ненадејно го убија. По него зацарува Михаил Валвос, кој ги ослободи сите православни страдалници. Тогаш беше пуштен и преподобниот отец Никита, непоколебливиот исповедник на Православието, непобедливиот војник Христов. Тој не се врати во својот манастир, туку се повлече во едно осамено место во близина на Цариград. Малку време поживеа таму, и со целебната благодат на многумина им направи чудесни добра, па се приближи до својот крај. Напатен, измачен, изнемоштен од тешкото и долго заточеништво, тој се разболе и откако во сабота се причести со Божествените Тајни, во недела на 3 април, во 824-та година се пресели кај Господа.

За неговото свето заспивање веднаш се пронесе гласот во Цариград и неговата околина. За кратко време кај него се слеа многу народ од сите страни. Дојдоа и мажи и жени, и духовници и мирјани, браќата од Мидикијскиот манастир и од останатите манастири. Дојдоа и двајца епископи: свети Теофил Ефески и свети Јосиф Солунски. Го положија светото тело на чесниот отец во ковчег, го качија на кораб и го однесоа во Мидикијскиот манастир. На пристаништето ги дочека блажениот Павле, епископот Плусаитски, со мноштво монаси и мирјани. Тој го зеде на своите рамења и го носеше во манастирот. На тој спровод се случија многу чудеса. Многу болни беа исцелени, и нечисти духови истерани. Една жена, која долго време боледувала од крвотечение, само што се допре до светите мошти на преподобниот Никита, веднаш беше исцелена. Со пеење на погребни песни го положија преподобниот во гробот на неговиот духовен отец, светиот Никифор, на левата страна од папертата. И по неговото погребение од неговиот гроб се случуваа многу чудеса. Им се даваа исцеленија на сите кои со вера доаѓаа, во слава на нашиот Бог Христос, прославениот во светиите Свои, Кому заедно со Отецот и Светиот Дух, слава и поклонение од сите, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ИЛИРИОС

Овој преподобен отец се подвизуваше на гората Мирсиона, и се упокои во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ПАВЛЕ НЕВОЛНИКОТ

Светиот новомаченик Павле е русин по раѓање. Во младоста бил заробен од Татарите и продаден на Турците во Цариград. Од Турците го откупи некој христијанин и потоа потполно

го ослободи. Павле се ожени со една русинка и живееше побожен живот. Но, еднаш, зафатен од болеста епилепсија, тој, воден од роднините во храмот на Мајката Божја, повика кон Турците минувачи дека е Турчин. Доведен пред везирот кога веќе си беше дошол на себе, тој не сакаше да ја предаде верата Христова и да се потурчи. Затоа беше фрлен во темница и мачен. Најпосле беше погубен со меч на цариградскиот хиподром на Велики Петок, на 3 март во 1683-та година.

Неговиот живот и страдањето ги опиша Јован Кариофилис.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕЛПИДИФОР, ДИЈ, ВИТОНИЈ И ГАЛИК

Овие светии пострадаа за Христа на разни начини. Свети Елпидифор бил посечен со меч. Свети Диј го заврши животот ударен со тула по главата. Свети Галик беше фрлен на зверовите, и тие го растргнаа. Така овие свети маченици по различни патишта на страдањата стигнаа кај Христа и добија подеднакви венци од Него.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК УЛПИЈАН

Светиот маченик Улпијан беше младо момче од градот Тир. Беше мачен за Христа од началникот Урбан, мачителот на светиот Амфијан (2 април). Најпосле, врзан во вреќа заедно со едно куче и една змија, беше фрлен во морето. Пострада и се прослави во 306-та година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НЕКТАРИЈ БЈЕЖЕЦКИ

Преподобниот Нектариј Бјежецки е основач на Воведенскиот манастир; се упокои во 1492 година. Неговите свети мошти почиваат во храмот на неговиот манастир.