17. Април (4. Април)
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОСИФ ПЕСНОПИСЕЦОТ"
Свети Јосиф е роден во Сицилија од благочестивите и доблесни родители Плотин и Агатија. Заради нивниот богоугоден живот Бог им даде пород потребен на целата света Црква, кој кога порасна стана прекрасен песнописец и ја украси Црквата составувајќи канони. Како дете Јосиф беше добро отшколуван и добро воспитан. Неговото однесување покажуваше знаци дека тој ќе се развие во човек совршен во доблестите, зашто беше кроток, смирен, тивок, ги одбегнуваше детските игри и ги сакаше чесноста и воздржанието. Се хранеше само со леб и вода, и тоа само навечер, и беше многу успешен во изучувањето на Светото Писмо.
Во тоа време Сицилија беше нападната од варварите и неговите родители мораа да ја напуштат својата татковина и да побегнат во друга земја. Заедно со Јосиф, тие најпрвин дојдоа во Пелопонез. По некое време Јосиф ги остави родителите ради Христа, и отиде во Солун. Таму стапи во манастир и се замонаши. Како монах беше ревносен во сите доблести и стана совршен човек и искусен монах. Постела му беше земјата покриена со кожа, облеката му беше искината, чесноста огромна, храната многу оскудна, стоењето сеноќно, метанијата секојдневни, молитвата постојано во устата, работата во рацете, читањето на Светото Писмо усрдно. Се исполни со мудрост и духовно знаење и меѓу браќата беше како ангел Божји, блескајќи со чистотата и светоста на својот живот. Невозможно е подетално да се раскажат неговите добри дела и многуте подвизи.
Служејќи Му на Бога поусрдно од другите, тој беше приморан од игуменот да го прими свештеничкиот чин. Беше ракоположен за јеромонах од епископот солунски и се предаде на уште поголеми подвизи и трудови. Често служеше света Литургија и со солзи се молеше за себе и за целиот свет. Преподобниот Григориј Декаполит! го посети тој манастир, и со душа и срце го засака преподобниот Јосиф и му стана пријател и сожител. Кога преподобниот Григориј тргна за Цариград за да ги крепи православните во борбите против еретиците, го замоли игуменот да му го даде Јосиф за помошник, зашто не сакаше да се раздели од него. Иако и игуменот сакаше да го има покрај себе, сепак му дозволи на Јосиф да појде.
Кога стигнаа во Цариград, тие престојуваа во црквата на светите маченици Сергиј и Вакха. Се измачуваа себе со суров живот, огледувајќи се еден на друг. Тоа особено го правеше светиот Јосиф, подражавајќи го постариот подвижник, великиот отец Григориј. Имајќи го него за пример, тој секој ден се повеќе и повеќе ги усовршуваше доблестите во своето срце. Обајцата ревносно се трудеа, поучувајќи ги благочестивите христијани да се чуваат од еретичкиот отров и да не се сомневаат во догматите на православната вера.
Во тоа време, злочестивиот цар Лав Ерменин ја обнови проколнатата иконоборна ерес, и воспостави страшно гонење против Црквата. Тој ги исфрлаше светите икони од храмовите Божји и бесрамно ги газеше со нозете. Ги исфрлаше од престолите православните пастири, ги прогонуваше, и на нивно место поставуваше еретици, а некои од нив ги мачеше и убиваше. Тогаш свети Григориј и свети Јосиф, облечени во оклопот на верата, одеа низ престолнината и ги поучуваа верните да се чуваат од соблазните на лукавите еретици. Нивните поуки бев како утрински роси што ѓи оживува цвеќињата и тревите, зашто тие ги оживуваа малодушните и сомнежливите срца, кои беа свенале како даб од жештиничи ни еретичките учења. Потоа мноштво монаси го молеа преподобниот Григориј да го испрати во Рим блажениот Јосиф, кико речит и силен човек, кој може да издржи толку далечен пат, со цел тогашниот православен папа Лав 3 и сите тамошни православни христијани да ги извести за гонењето на светата Црква во Цвриград, и да бара нивна помош против убиствените еретички догмати, за да се затворат нивните богохулни усти. Тогаш преподобниот Григориј вика го советуваше блажениот Јосиф:
- Чедо, сега е време да ја покажеш својата сесрдни љубов кон Бога и ревноста кон светата вера. Треба ди одиш во Рим и да ги известиш тамошниот поглавар на Црквата и сите што ја држат правата вера на Запад, дека звероимениот злочестив цар на Исток воспостави жестоко гонење против светата Црква, откако ја исплука и згази иконата Христова и ја лиши Црквата од убавината, протерувајќи ги невините добри пастири, а во стадото Христово уфрли лажни пастири, наемници и грабливи волци, кои ги разграбуваат овците. Соопшти им како свирепиот цар Лав Ерменин со огромна јарост секојдневно ја бранува Црквата Христова, И проголтува многу души со своето еретичко учење, Извести ги, запознај ги, и измоли ги да го кренат мечот на словото Божјо и да истапат против оние што не гонат.
Навикнат на послушност уште од мал, блажениот Јосиф смирено ја наведна главата, испроси татковски благослов и молитви за пат, се качи на еден кораб и отплови. Но, Божјата промисла имаше поинаква волја. Бог, Кој уредува се за корист, понекогаш употребува средства што ни изгледаат жестоки и непријателски и со нивна помош извршува прекрасни и славни дела во слава на светото име Свое. Така и заминувањето на Јосиф во Рим беше попречено на следниот начин:
Кога дознаа истомислениците на царот Лав Ерменин дека многумина ја напуштаат престолнината бегајќи од иконоборците, тие по патиштата тајно правеа разбојнички заседи, ги фаќаа бегалците и ги предаваа во рацете на иконоборците. Тие го фатија и преподобниот Јосиф и го одведоа на Крит. Иконоборците го оковаа во тешки ланци и го фрлија во темница. Во темницата имаше многу затвореници кои страдаа за верата. Преподобниот деноноќно ги тешеше со боговдахновени зборови, а самиот се радуваше во Господа за своите окови и им велеше на другите:
- Има ли нешто порадосно од оковите во кои сме оковани за љубовта Христова и заради светите икони Негови. Треба да Му благодариме на Бога за маките што ќе ни ги нанесат овде, имајќи го светлиот пример на светиот Павле, кој оковите ги сметаше за златни гердани и украси и им се радуваше. Дури и самиот Христос пострада за нас, оставајќи ни пример да одиме по Неговите стапки: „Он грев не изврши, ниту пак во устата Негова се најде измама; кога на Него хулеа, Он не им одвраќаше со хули; кога страдаше не заплашуваше, туку се потпираше на Оној, Кој праведно суди“ (1Петар 2, 22-23); навистина, има болки од страдањето на телото, но никој не може да се нарече носител на јаремот Христов ако не оди по Неговите стапки, поднесувајќи ги страдањата што ги претрпе за нас, Он, семокниот Бог, Кој можел и на друг начин да го спаси човекот. Но, Он благоволил од трудот и страдањата да се роди онаа сила на доблестите, со која би се отвориле небесните врати, многу одамна затворени. И не ни покажа друг пат кон спасението, освен патот затрупан со трудови и неволји. Зошто тогаш да се вознемируваме, кога знаеме дека нашето здравје се наоѓа во страдањата за светата икона на Спасителот и неговата Пречиста Мајка. Ние ќе добиеме благодат и благовремена помош од Бога.
Така преподобниот Јосиф ги тешеше своите созатвореници. Во темницата доведоа и еден православен епископ, кој не можеше да ги поднесе маките и веќе започна да се согласува со иконоборната ерес, за да се спаси. Какви ли не зборови му изговори преподобниот Јосиф и со многу солзи го молеше да не се колеба и да не се плаши да умре за иконата Христова како за самиот Христос. И неговите боговдахновени зборови не останаа залудни, зашто тие толку го зацврстија епископот што и во најстрашните маки не се одрече од својата вера, туку претрпе до крај. Изведен на измачување, тој воопшто не се исплаши, туку сам ја соблече облеката, сакајќи и илјада пати да поднесе смрт за Христа Бога воплотениот, и на иконите изобразуваниот. Гол беше обесен на мачилиштето и целиот беше изрешетан со стрели, па најпосле удрен со голем камен по главата. Така, тој го предаде својот дух на Господа.
Блажениот Јосиф многу се израдува на неговото непоколебливо јунаштво и Му благодареше на Христа за маченичкиот крај на епископот. Така свети Јосиф ги избавуваше душите од гибелта, а самиот Бог го чуваше од смртта за со својот долг живот да им биде од корист на другите.
Шест години помина свети Јосиф во темницата. Кога царот го снајде зла смрт, зашто на утрената на Божиќ тој беше убиен од своите војници во црквата, преподобниот Јосиф на чудесен начин беше известен во темницата за смртта на царот и ослободен со јавувањето на светиот Никола. Таа ноќ во очи на Божиќ, свети Јосиф стоеше на молитва, пеејки Божиќни песни и молејќи се; рано во зори, светлина ја озари тамницата и пред него застана светлолик маж облечен во архијерејска облека, со седа коса и светло лице, кој му рече:
- Јас дојдов кај тебе од Мир Ликијски; испратен сум од Бога бргу да ти донесам радосна вест. Непријателот што ја вознемируваше Црквата е лишен од царството и животот и е повикан на суд Божји; сега треба да се вратиш во Цариград, за со благодатта на Светиот Дух Кој живее во тебе да ги зацврстуваш верните. Откако го рече тоа, му даде една хартија на која беше напишано: „Побрзај жалостиви, поитај ни на помош како милостив, зашто ти можеш ако сакаш“. И му рече: „Земи ја оваа хартија и изеди ја“. Јосиф ја зеде, ја прочита, ја проголта со радост, и рече:
- Колку се слатки овие зборови за грлото мое.
Тогаш свети Никола му нареди да ги отпее овие зборови. Свети Јосиф ги пееше со радост и веднаш виде како веригите сами се раскинаа и паднаа од неговиот врат, од рацете и од нозете. И слушна како светителот што му се јави вели:
- Стани и следи ме!
Тој стана, излезе од темницата низ вратата што сама се отвори, а стражарите ништо не забележаа. Почувствува како некоја невидлива сила го носи по воздухот и за кратко време се најде пред Цариград на големиот друм кој води кон градот.
Во градот не го затекна меѓу живите својот мил отец свети Григориј Декаполит, зашто веќе беше отишол кај Господа а го виде само неговиот ученик Јован. Многу плачеше што не се удостои повторно да го види отец Григориј и живееше покрај неговиот гроб заедно со отец Јован. По кратко време и преподобниот Јован отиде кај Господа, и беше погребан покрај светиот Григориј.
Потоа преподобен Јосиф се пресели на друго место во близина на Цариград. Местото беше зафрлено и безмолвно во близина на црквата на светиот Јован Златоуст. Откако се насели тука, тој подигна црква во име на Христовиот светител свети Никола и таму ги пренесе моштите на светите Григориј и Јован. Тука создаде и манастир и насобра браќа. Кај него постојано доаѓаа многу луѓе, духовници и мирјани, да ги слушаат неговите боговдахновени поуки, оти благодатта на Светиот Дух како река течеше од неговата уста преку слаткоречивите проповеди. Додека беше во Солун, тој доби честица од моштите на свети Вартоломеј, што му ја поклони еден добродетелен човек, негов познаник. Штом ја донесе оваа честица од светите мошти во својата обител, он подигна посебна црква во име на светиот апостол Вартоломеј, и во неа ја положи таа света честица. И често се удостојуваше во сон да го гледа светиот апостол Вартоломеј, и сакаше за неговиот празник да состави пофална песна, но не се осмелуваше, бидејќи не знаеше дали тоа негово дело ќе му се допадне на светиот апостол или не. Затоа тој усрдно ги молеше и Бога и светиот апостол да го известат за тоа, и Бог да му подари небесна мудрост, за да може добро да ги напише песните. Се молеше четириесет дена, и во предвечерието на празникот на светиот Вартоломеј го виде апостолот облечен во бели ризи. Тој се појави во олтарот и го повика кај себе. А кога блажениот Јосиф пријде, светиот апостол го зеде светото Евангелие од светиот престол, го стави на градите и рече: „Нека те благослови десницата на семоќниот Бог, и од твојот јазик нека потечат реки од небесна мудрост. Срцето твое нека биде пристаниште на Светиот Дух, и твоите песни нека ја насладуваат вселената“. Откако го рече тоа, светиот апостол Вартоломеј стана невидлив, а преподобниот Јосиф се исполни со неискажлива радост, и чувствувајќи во себе благодат на мудроста со целото срце Му оддаде благодарност на Бога и на светиот апостол. Од тој час започна да пишува црковни песни и песни на канони. Со нив го украси празникот на светиот апостол Вартоломеј и на многу други свети отци. Но, со особено многу канони изрази молитвено почитување кон Пресветата Богомајка. Исто така го украси и празникот на светителот Никола. Ја исполни светата Црква со прекрасни песни и од тука го доби називот Песнописец.
Потоа зацарува Теофил, и повторно иконоборната бура удри врз Црквата. И повторно многумина беа гонети и мачени. Тогаш нашиот преподобен отец Јосиф Песнописецот храбро и отворено ја изобличуваше ереста. Поради тоа беше прогонет во Херсон, каде во окови и страдања остана се до смртта на Теофил. А кога на престолот стапи царицата Теодора со синот Михаил, преподобниот беше повикан во Цариград. Царицата Теодора со пресветиот патријарх Методиј воспостави слава на Православието. Кога по преставувањето на свети Методиј патријарх стана свети Игнатиј, тој го постави преподобниот Јосиф за сасудочувар на големата црква Божја во Цариград. Со својот доблесен живот и мудрите и душекорисни поуки, со чија што помош многумина упатуваше по патот на спасението, тој му беше многу омилен на пресветиот патријарх, како и на духовништвото и мирјаните.
По неколку години свети Јосиф повторно доживеа прогонство од страна на братот на царицата, Варда, првиот доглавник на царот. И тоа, затоа што тој го изобличи Варда, кој без никаква причина ја избрка својата законска жена, ја зеде за жена својата роднина и на тој начин ги наруши црковните закони, не плашејќи се од Бога и не срамејќи се од луѓето. Како што некогаш свети Јован Преттеча го изобличуваше Ирод, така сега преподобниот Јосиф јавно го изобличуваше Варда. Затоа тој го гонеше и злоставуваше исто како и пресветиот патријарх Игнатиј. Зашто и патријархот доживеа прогонство и многу неволји од беззакониот Варда, кој потоа загина од царските слуги. По него и царот Михаил беше убиен од своите луѓе. Тогаш зацарува Василиј Македонецот", и беа вратени во Цариград и свети Игнатиј и преподобниот Јосиф. Игнатиј се врати на својот престол, а Јосиф на својата должност како сасудочувар. И свети Јосиф беше сакан и многу ценет не само од пресветиот Игнатиј, туку и од патријархот Фотиј“, кој дојде после него. Неговата светост, пресветиот Фотиј, му го повери целокупното црковно уредување на преподобниот Јосиф, и го нарекуваше човек Божји, ангел во тело, и отец над отците. Тој го постави за духовник на своето свештенство, за свештенството нему да му ја открива својата совест и да ги исповеда своите гревови. Преподобниот Јосиф беше прозорлив, и прозираше и во сокриените гревови, но не ги укоруваше грешните, туку со благи совети ги доведуваше до умиление и тие ги исповедаа и тајните гревови свои. Преподобниот беше силен во боговдахновените зборови и лесно можеше да ги обраќа грешниците кон покајание. Така помина многу години и навлезе во длабока старост. Изнемоште со телото од многуте испоснички подвизи, од прогонствата заради правдата, од оковите и темниците, од пишувањето на песни и канони, од грижите за спасението на човечките души. Кога се наближи до своето заминување, тој се разболе кон крајот на Светата Четиресетница и во сон беше известен од Бога за своето скорешно преставување. На Велики Петок, тој на пресветиот патријарх Фотиј му испрати список на сите поверени црковни работи и се подготвуваше за заминување, молејќи Му се на Бога:
- Господи, Боже мој, Ти благодарам што во сите денови на животот ме чуваше под крилото Твое! Сега сочувај го до крај духот мој, и дај ми неповреден да поминам покрај кнезот на темнината и воздушните страшилишта, за да не се зарадува врагот мој поради незнаењата мои, и поради согрешенијата што ги извршив во животот. Чувај го стадото свое, Логосе Очев! До крај штити го светот и се што си создал со десницата Своја! Биди им помошник на возљубените синови на Црквата Твоја! Дарувај И на Невестата твоја вечен мир и тишина. Царското свештенство просветувај го со даровите Твои. Гордиот Велијар покори го под нозете на заштитниците на православната вера! Сите душепогубни ереси одбиј ги од Црквата! А на душата моја дај и мирно да се раздели од ова тело, иако не сум од бројот на светите угодници Твои, во кои поживеа Духот Свети, зашто знам дека сум грешен пред Тебе. Но, Ти, неизмервата Благост, немој да гледаш на моите гревови, туку удостој ме во уделот на синовите Твои!
Откако така Му се помоли на Бога, и се причести со Божествените Тајни, им даде благослов на сите присутни, ги крена рацете кон небото и со светло и радосно лице ја предаде својата света душа на Бога, на Велики Петок, во 883-та година.
Веднаш од сите страни се собраа многу монаси и мирјани. Сите плачеа нарекувајќи го отец, воспитувач, добротвор, утешител, учител и водач на своето спасение. Го погребаа чесно и неговиот спровод до гробот беше славен. Но, уште почесно и пославно беше спроведена неговата света душа кај бесмртните духови во небесните дворови. Тоа со свои очи се удостои да го види еден негов драг пријател, праведен и богоугоден човек, кој живееше недалеку. Во времето кога неговата богољубива душа се разделуваше од телото и одеше кон небото, тој човек слушна глас од небото, кој му рече:
- Излези од куќата и види прекрасни таинства Божји.
Тој излезе, погледна нагоре, и го виде отворен небесниот свод, а од таму наидуваа ликови на светии. Напред одеше ликот на Апостолите, па ликот на Мачениците, на Пророците и на светите Архијереји. Човекот го гледаше тоа со запрепастување, и се чудеше што би требало да значи. И повторно слушна глас:
- Гледај и пишувај, зашто ќе дознаеш што значи се што гледаш.
Тогаш здогледа четири момчиња, посветли од другите, и меѓу нив одеше девојка со неискажлива светост и слава: Тоа беше пречистата и преблагославена Дева Марија, Мајката на нашиот Бог Христос. Одејќи, Таа им наредуваше на хоровите Светци да ја дочекаат светата душа која во песните ги опејуваше нивните дела и празниците и ги подражаваше со животот. Сите тие со неискажлива радост и љубов очекуваа некое чесно лице водено кон небото. Човекот се прашуваше: „Кој е тој што на толку голема чест го удостојуваат ликовите на небесните жители?“ И слушна глас на ангели, кои ја водеа светата душа и воскликнуваа:
- Овој е Јосиф Песнописецот, гордоста на целата Црква, кој, удостоен на благодатта на Светиот Дух, го подражаваше животот на апостолите и мачениците, и ги опиша делата нивни. Затоа сега прима чест и пофалба од тие светители. Така душата на преподобниот Јосиф Песнописецот беше свечено внесена во небото.
Човекот што го виде тоа, беше пресреќен од таквото преславно видение. Но, беше тажен што не се удостои и понатаму да го набљудува тоа славење, како таа благославена душа влезе во внатрешноста на небесата, и како и се престави и поклони на пресветлата светлост Бога, едниот во Троица.
За таквото спроведување на преподобниот Јосиф кон небото имаше уште едно откровение. Во Цариград имаше црква на светиот маченик Теодор, наречен Фанерот, односно Објавувач, затоа што на оние што му се обраќале со молитва им ги објавувал работите кои им се украдени, прикриени или уништени.
Така на еден човек му побегна робот што многу му беше потребен. Човекот дојде во црквата на светиот Теодор Фареот, и држеше молепствие, молејќи го маченикот Христов да му покаже каде е неговиот роб. Во црквата помина три дена и три ноќи, и беше многу тажен оти ништо не дозна, па сакаше да си тргне. Тогаш се служеше утрена и во црквата се читаше душекорисна поука. За време на читањето човекот задрема и го виде светиот Теодор како му вели:
- Зошто тагуваш човеку? Јосиф Песнописецот се раздели од телото и ние бевме покрај него. Ноќеска тој се престави и сите на кои што тој им испеа песни и канони ја пратевме неговата душа кон небото, и ја изведовме пред лицето Божјо. Тоа е причината што задоцнив да ти се јавам. Еве, сега сум овде на твојата молба. Оди на тоа и тоа место, и таму ќе го најдеш робот што го бараш.
И двете виденија ни потврдуваат каква слава доби од Бога преподобниот Јосиф за своите трудови, и какви почести доживеа од Божјите светци во небесните населби, каде сега, стоејќи пред престолот Божји пее ангелски песни, славејќи Го и фалејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, за навек. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ФЕРВУТА
Персијскиот епископ свети Симеон, пострада за Господа Христа од царот Сапор. По него останаа неговите две сестри. Едната беше девојка по име Фервута а другата беше вдовица. Тие имаа и една робинка со нив. Света Фервута беше млада и неописливо убава. Персијската царица дозна за нејзината убавина и нареди да ја доведат кај неа. Слугите појдоа и ги доведоа светата девојка, нејзината сестра и нивната робинка. Тоа се случи една година по погубувањето на светиот епископ Симеон. Кога царицата ја виде убавината на Фервута, И рече:
- Девојко, со убавината што ја имаш, ти треба да бидеш господарка.
На тоа светата и одговори:
- Јас го имам Христос за младоженец, заради Кого пострада мојот брат, и не можам да помислам на никој друг.
Царицата не ја распрашуваше повеќе, туку и нареди со сестра си и робинката да остане да живее во царскиот двор. Но, утредента царицата ненадејно се разболе. Дојдоа персиските жреци и гатачи да ја посетат и да видат од што боледува. Тогаш ја забележаа убавицата Фервута и еден од жреците, занесен од нејзината убавина, штом излезе од палатата и испрати ваква порака:
- Ако се согласиш да ми бидеш жена, јас ќе те измолам од царицата и ти ќе бидеш господарка над многу имоти и богатства.
Светителката му возврати:
- Јас сум христијанка и не можам да се омажам за незнабожец. Жрецот се засрами и разгневи, па отиде кај царот Сапор и му рече:
- Болеста на царицата не е обична. Нејзе и е даден некаков отров. Во нејзината палата се наоѓаат две сестри христијанки чиј што брат, епископот христијански Симеон, беше погубен по твоја наредба. Сигурно тие поради одмазда за својот брат и дале отров на царицата.
Царот нареди веднаш да ги доведат на иследување. Беа доведени и трите, и по наредба на царот пред нив излезе кнезот на жреците Маиптис, со двајца други кнезови од сенатот, за да ги испрашуваат. Кога ја здогледаа неописливата убавина на света Фервута, тие, ранети во срцата, еден од друг ги сокриваа своите нечисти помисли за неа. Тогаш рекоа:
- Бидејќи сте ја отруле царицата, заслужувате смрт.
Света Фервута им одговори:
- Зошто сатаната стави помисла во вашите срца која што е далеку од вистината? Поради што сакате да не посрамите нас невините? Ако сте жедни за нашата крв, кој ви брани да ја пиете? Ако сакате да не заколете, па вие секој ден ги сквернавите своите раце со тоа. А ние, заради нашиот Бог би умреле како христијанки и не се одрекуваме од Него зашто Он е нашиот живот. Нам ни е наредено само на Бога да Му се поклонуваме и единствено Нему да Му служиме, па ние така и постапуваме. Во нашите книги стои запишано и ова: „Гатач и маѓепсник да не живее туку да умре од рацете на своите луѓе“ (2Мој. 22, 18; 3Мој. 20, 6); тогаш како ние можеме да му дадеме отров на некого, кога таквото дело е огромно зло, и се казнува со смрт?
Додека светата го зборуваше тоа, тие ја слушаа со огромно задоволство, и ѝ се восхитуваа и на убавината и на мудроста. Тие не можеа да ѝ одговорат ништо, туку секој си мислеше во себе: „Јас ќе измолам од царот да ги ослободи и трите, па оваа девојка ќе ја земам за жена“. Најпосле Маиптис проговори:
- Иако не ви е дозволено да се занимавате со магии за да не го нарушите вашиот закон, како што ни рече ти, сепак сте го сториле тоа, огорчени од смртта на вашиот брат.
Света Фервута му одговори:
- А какво зло претрпе од вас нашиот брат, па ние, посакувајќи смрт за вас да го изгубиме својот живот во Бога? Иако го убивте, тој сепак е жив и се радува со Христос во Неговото небесно царство, во споредба со кое вашето царство е ништовно. Потоа кнезовите наредија и трите да ги одведат во темница.
Рано наутро, кнезот на жреците и гатачите Маиптис, тајно ѝ испрати порака на света Фервута:
- Еве, готов сум да го умолам царот, и да Ти го поклонам животот и на тебе, и на тие со тебе, само согласи се да ми бидеш жена.
А светата девојка му испрати ваков јуначки одговор:
- Замолкни поган песу, непријателу Божји и на секоја правда! Да не си се осмелил повеќе да ми испраќаш такви гадни пораки, зашто не може да ги поднесе мојата душа! Никогаш нема да се случи тоа што го сакаш ти, зашто сум Му верна на мојот Исус Христос. Јас ја чувам својата девственост, а се трудам да ги одржам и верата и вистината Негова. Единствено Он е без грев и е моќен да ме избави од вашите безбожни раце и вашите гадни планови. Не се плашам од смртта, зашто ќе ме одведе кај мојот мил брат, и таму ќе најдам утеха во својата тага.
Така светата невеста Христова, Фервута, го избрка пратеникот и многу го посрами и самиот кнез на жреците и гатачите, Маиптис. Таа постапи така и со другите двајца кнезови, кои беа ранети од нејзината убавина. И тие тајно беа испратиле свои пратеници кај неа, предлагајќи и брак, но таа ги избрка посрамени. Потоа и тројцата си признаа еден на друг за својата желба кон Фервута и за срамот што го доживеаја, и се договорија да ја подложат на смрт. Тогаш пред царот лажно ги обвинија трите христијанки дека се гатачки и дека како такви заслужуваат смрт. Царот веднаш им нареди да му се поклонат на сонцето, за да им го подари животот.
И светите маченички повторно беа изведени на суд пред тројцата кнезови. Кога слушнаа за царската наредба, тие одговорија:
- Ние Му се поклонуваме само на Творецот на небото и на земјата, а не на сонцето создадено од Бога. Вашите закани никогаш нема да не разделат од љубовта на нашиот Господ Исус Христос.
Кога светителките го рекоа тоа, Маиптис и двајцата кнезови громогласно повикаа:
- Веднаш да се погубат овие жени. Тие ѝ дадоа отров на царицата и таа легна тешко болна.
Царот веднаш им изрече смртна пресуда на светите маченици, и им рече на персијските жреци да решат на кој начин ќе ги погубат. Безбожните жреци на болната царица како лек и го препорачаа ова:
Фервута, нејзината сестра и нивната робинка, како христијанки да бидат престругани со тестер, па три половини од нивните тела да се ставаат на една страна, а три на друга и царицата да се пренесе меѓу нив. Додека ги водеа на смрт, Маиптис ѝ испрати порака на Фервута: „Ако ме послушаш нема да бидеш погубена ниту ти, ниту оние со тебе“. А светата девојка му довикна со громогласен и налутен глас:
- Зошто, нечист песу, го зборуваш тоа што не можам да го слушам? Јас одлучно сакам да умрам за мојот Бог Христос, за во Него да добијам живот вечен. Никогаш нема да го засакам овој привремен живот, за да не умрам со вечна смрт.
Безбожниците ги изведоа светите маченици надвор од градот, за секоја од нив забија по два колци во земјата, и им ги врзаа главите за едниот а нозете за другиот колец, при што силно ги растегнаа, и потоа со тестер ги престругаа на две половини. Така светите невести Христови ги предадоа своите чесни души во рацете на својот бесмртен Младоженец. Потоа мачителите поставија шест големи дрвја покрај патот, три од едната страна а три од другата, и на нив ги обесија преструганите тела на светите маченици. И тие висеа на дрвјата како плодови обагрени со крв. Страшен и тажен призор! Потоа ја пренесоа царицата низ тој пат, помеѓу телата што висеа, и по неа помина многу народ. На крајот чесните тела на светите маченици ги фрлија во една јама.
Така, на 4 април во 343-та година, светата маченица Фервута заедно со својата сестра и нивната робинка пострада за Господа, Кому слава и царство, чест и поклонение низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЗОСИМ
Преподобниот отец Зосим беше монах во Јорданската обител во времето на царот Теодосиј Младиот (408-450 г.). Се подвизуваше уште од младоста и достигна висок степен на добродетелите. По укажување Божјо, тој ја пронајде, ја причести, и ја погреба света Марија Египетска, која што се слави на први април. Кога имаше близу сто години преподобниот Зосим се упокои во Господа, во 523-та година. За него видете поопширно во житието на преподобната Марија Египетска.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК НИКИТА
Преподобниот Никита е роден во Албанија. Не се знае ништо за неговите родители и за неговото занимање додека бил во светот. Се знае само дека се подвизувал на Света Гора, најпрвин во Рускиот манастир на светиот великомаченик Пантелејмон, па по некое време се оддалечил на безмолвие во скитот на света Ана. Минувајќи безмолвен и испоснички живот тука, тој толку се усоврши што срцето му беше преполно со љубов спрема нашиот Искупител. Од љубов кон Него и заради скапоцената крв што Он ја проли на крстот за гревовите на човечкиот род, Никита сакаше да ја пролие својата крв со мачеништво.
Таквата желба, која што како искра долго тлеела во неговото срце, најпосле се разгоре во пламен. Со таков божествен оган во неговото срце, тој ја напушти Света Гора и отиде во градот Серез. Се задржа во Серескиот манастир каде се подготвуваше за маченичкиот подвиг. Потоа отиде кај управникот на градот, бестрашно му изјави дека Христос е вистинскиот Бог, па го изгрди Мухамед и го проколна како лажливец. Слушајќи хула за својот пророк, управникот веднаш нареди да повикаат неколку најугледни граѓани, за да му судат. Штом се собраа нечистивците, свети Никита беше изведен на суд, И прашан како се дрзнал да похули на нивниот голем пророк Мухамед. Но, светиот бесрамно го повтори своето вероисповедување, проколнувајќи ја нивната муслиманска вера. Тие со многу ласкања и ветување на богатства и почести го убедуваа да се одрече од Христа, но тој остана цврст во својата вера. Тогаш муслиманите го подложија на маки. Му ставија на главата железен обрач со штрафови, и го стегаа; му забија остри игли под ноктите на рацете. Потоа го обесија со главата надолу и запалија оган под него. Но, војникот Христов целиот свој ум го впери во небото и со очите свои го гледаше Христос, Кој го крепеше. Така, тој трпеливо ги поднесуваше сите маки, како да страда некое туѓо тело.
По ваквото луто мачење преподобномаченикот го фрлија во мрачна темница, и во текот на неколку денови го мачеа на ист начин, додека најпосле не го удавија. Тоа се случи на четврти април на Велика Сабота во 1808 година.
Три дена потоа благочестивите христијани ги откупија чесните мошти на преподобномаченикот Никита и чесно ги погребаа кај црквата на свети Никола.
Господ, прославениот во светиите Свои, го прослави и овој страдалник со чудеса како и останатите угодници Свои, кој од љубов кон Него ја проли својата крв. По молитвите на светиот преподобномаченик Никита, Христе Боже наш, управувај ги и нашите животи во слава на светото име Твое, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТЕОН митрополитот Солунски
Македонскиот богоносен отец Теон живееше во шеснаесетиот век. Најпрвин се подвизуваше во светогорскиот манастир Пантократор. Потоа, засакувајќи го безмолвието, молитвеното испосничко тихување, тој на подвижничкото паприште му се придружи на светиот Јаков Иверски, кој во тоа време се подвизувал во Иверскиот скит на светиот Преттеча. Кога божествениот Јаков тргна да го проповеда словото Божјо во светот, со него појде и Теон и не се одделуваше од него, се до неговиот маченички крај. По многустрадалниот крај на својот старец, Теон стана пастир во манастирот „Света Анастасија“ близу Солун. Богомудро управуваше со стадото Божјо за спасението на многумина. Мирно се упокои во 1545-та година. Неговите свети мошти и денес почиваат целосни и негнилежни во споменатиот манастир „Света Анастасија“.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ НОВОМАЧЕНИК НИКИТА СЕРСКИ
Свети Никита Серски е македонец по потекло. Роден е во Албанија, а долго време се подвизуваше на Света Гора, најпрвин во рускиот манастир „Свети Пантелејмон“ а потоа и во скитот посветен на света Ана. Овде тој толку се усоврши, што срцето му беше исполнето со љубов кон Исуса Христа. Заради Неговата скапоцена крв пролеана на Крстот за спасението на луѓето, свети Никита реши и самиот да ја пролее својата крв, за да го прими венецот на мачеништвото. Ја напушти Света Гора и замина за Серез. Прво се подготви во тамошниот манастир, а потоа отиде кај турскиот управник на градот, пред кого смело изјави дека е христијанин и дека верата во Христос е вистинската вера. Управникот, иако се налути, првин се обиде да го разубеди и за таа цел повика неколку угледни муслимани. Тие се обидоа да го убедат свети Никита да се откаже од Христа, но кога видоа дека тоа им е залудно, управникот нареди да го измачуваат. Му ја стегаа главата во метален обрач, а под ноктите му бодеа шпици. Кога ни тогаш не попушти го фрлија во темница а потоа го обесија. Тоа се случи во 1808 година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГЕОРГИЈ МАЛЕИН
Преподобниот Георгиј, наречен Молчалив, уште од мал го засака Христа и тргна по монашкиот подвижнички пат. Помина многу духовни подвизи и најпосле се оддалечи во гората наречена Малеа. Таму собра мноштво монаси и ги раководеше богомудро и спасоносно. Секому му даде правило и канон како да го искористува времето на својот живот. Ја претскажа својата смрт, и мирно се упокои во Господа (најверојатно во 4 век).
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЗОСИМ ВОРБОЗОМСКИ
Преподобниот Зосим беше ученик на светиот Корнилиј Комењски. Тој е основач на Благовештенскиот манастир на островот на Ворбозонското Езеро во Новгородската губернија. Богомудро управуваше со својот манастир, се упокои во 1550-та година. Неговите свети мошти почиваат во храмот на неговата обител.