18. Април (5. Април)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АГАТОПОД и ТЕОДУЛ
За време на царувањето на безбожните Римски цареви Диоклецијан и Максимилијан, во Солун живееја двајца богоугодни црковни службеници: ѓаконот Агатопод и Чтецот Теодул.
И двајцата беа македонци по потекло. Агатопод беше стар, украсен со целомудрие, а Теодул млад и убав со чеден и беспрекорен живот, син на чесни родители христијани. Теодул имаше тројца родени браќа: Капидон, Митродор и Филосторгиј, кои беа многу побожни.
Пред својот маченички подвиг, блажениот Теодул доби од Бога залог за својот иден маченички венец. Една ноќ во сонот му се стори како некое чесно лице му стави нешто во раката; тој се тргна во сонот, и во својата рака најде многу убав прстен, изработен од
непознат материјал, и врз него печат со Светиот Крст, што беше знак за страдањето на Господа Христа, Кој за нас пострада на крст. Со тој прстен светото момче исцелуваше најразлични болести по луѓето. Доволно беше тој да го стави прстенот врз болниот, и тој веднаш оздравуваше. Поради тоа многу незнабошци се обраќаа кон Христа. Потоа безбожните цареви воспоставија гонење против христијаните и на сите страни испратија наредби луѓето да им се поклонуваат на идолите. Таква наредба стигна и во Солун. Пред народот беа изложени разни орудија за мачење на оние што нема да се поклонат. Тогаш многу од верните побегнаа и се сокрија кој каде што можеше, некои храбро се соочуваа со маките, а оние најслабодушните, плашејќи се од смртта, им се поклонија на идолите и јадеа од идолските жртви, зашто повеќе го сакаа овој, отколку бессмртниот живот. На ваквите им се радуваше ѓаволот, но биваше победен и посрамен од великодушните и срчни војници Христови, како и од двајцата маченици Агатопод и Теодул. Во тие времиња на страшно гонење тие не побегнаа, ниту се сокрија, туку останаа во домот Божји, дење и ноќе молејќи Му се на Бога за светата Црква која се наоѓа во неволја. Тие очекуваа да бидат фатени и мачени. Кога војниците дознаа за нив, ги фатија и ги фрлија во темница.
Тогаш во Солун царски намесник беше Фаустин. Еден ден тој седна на судискиот стол и нареди да ги доведат на суд исповедниците Христови Агатопод и Теодул. А тие како повикани на гозба, одеа со радост држејќи се за рака и храбро извикуваа: „Ние сме христијани“. Така излегоа пред мачителот, а тој, сакајќи прво со ласкање да го придобие младиот Теодул, нареди да се тргнат сите, а Агатопод да го одведат на друго место. Го повика Теодол кај себе и пријателски му рече:
- Вразуми се момче, те молам! Отфрли ја таа нова христијанска лага и пристапи им на древните закони, за да не го изгубиш животот.
А свети Теодул со насмевка на лицето му одговори:
- Јас одамна ги отфрлив сите заблуди но многу се плашам ти да не допаднеш во вечната смрт оти си ја засакал суетата.
Намесникот не се налути, туку на сите можни начини го примамуваше ветувајќи му подароци и почести, само ако им се поклони на идолите. Во близина стоеше јупитеровиот жрец Ксенос, кој му рече на светиот:
- Ако поклоните и почестите не можат да те натераат да принесеш жртва, тогаш маките ќе те научат да им се покоруваш на царските наредби.
Маченикот му одговори:
- Вашите закани воопшто не ме плашат и нема да ме натераат да и се поклонам на вашата волја.
Фаустин повторно започна да го наговара, велејќи му:
- Зарем не е подобар чесниот живот од лутата смрт?
Свети Теодул му одговори:
- Навистина јас токму тоа го увидов. Дека животот е подобар од смртта, и затоа јас одлучив да го презрам овој краткотраен живот и да станам учесник во бесмртниот и во вечните богатства небесни. Ајде мачи ме, та мојата душа весело да поита кон бесконечниот живот.
Намесникот го праша:
- Те молам, кажи ми кој е посредникот на таа огромна добрина, та ти од љубов кон него ги презираш и мачењето и смртта?
Свети Теодул одговори:
- Бог, Кој створи сè, и неговиот Син Исус Христос со чиј што крст од пелени сум означен и нема да се одречам од него до крајот на животот. Од телото мое ќе се разделам, отколку од Христовиот знак, зашто сум слуга Христов.
Восхитен од ваквата смелост и јунаштво на младиот Теодул, намесникот Фаустин нареди да го однесат на друго место, па го повика кај себе светиот Агатапот и му рече:
- Поклони им се на нашите богови, зашто Теодул, кој порано беше во заблуда, вети дека ќе им се поклони и ќе им принесе жртви заедно со нас. Свети Агатопот го прозре неговото лукавство и проговори:
- Според зборовите на Теодул и јас со радост ќе му принесам жртва на вистинскиот Бог, и на неговиот Син Исус Христос, зашто Теодул вети дека на тој Бог ќе Му принесе благопријатна жртва.
На тоа Фаустин рече:
- Јас не ги познавам тие што ти ги именуваш, но Теодул веќе вети да им принесе жртва на дванаесетте богови кои ја држат вселената.
Свети Агатопот одмавна со главата и рече:
- Зарем ги нарекуваш богови оние што мајстори ги направиле од минлива градба според човечкиот лик? Зарем се богови оние што луѓето ги направија со своите раце, па донесоа луди закони да им служат како на нешто подобро и повисоко од себе? Зарем се богови оние што не можат да се спротивстават, ниту да се заштитат од оние што сакаат да ги разбијат? Зарем се богови оние што со очи не гледаат, со нозе не одат, ниту пак имаат чувства? Зарем се богови оние за кои елините веруваат дека некогаш имале животинска душа и раскажуваат за нивните најодвратни блудни дела, а сега мајсторите ги продаваат нивните кипови за неколку парички? И, зарем жртвата која Му доликува на семоќниот Бог да им ја принесам на недостојните и нечисти богови ваши?
Началниците кои беа со намесникот се исплашија да не се утврдат во верата и останатите христијани кои беа доведени на суд од ваквите зборови на Агатопод. Затоа веднаш наредија Агатопод и Теодул да бидат одведени во темница. Многу народ одеше по нив додека ги водеа и на разни начини им досадуваа. Некои од нив, трогнати од младоста на Теодул го советуваа да се откаже од својата намера; други, гледајќи ги чесните седи коси на Агатопод, еднодушно му довикнуваа:
- Зарем и ти, старче, имаш детска памет и не сфаќаш што е корисно за твојот живот?
Но, светите одеа по патот молчејќи.
Во темницата тивко се помолија на Бога. Ним им се придружија и останатите затвореници. На полноќ беа поткрепени со божествено видение, па станаа и со радост Го призиваа Спасителот Исус Христос. Ги измија рацете и лицето со чиста вода, па клекнаа и како со една уста му изнесоа еднодушна молитва на Бога, говорејќи:
„Боже, Творецу на сè, Ти си го створил овој видлив свет; Ти си го уредил небото, та сонцето сјае дење а месечината ноќе. Ти си ѝ дал сила на земјата да произведува животни а морето да раѓа риби, и птиците да го населуваат воздухот. Родот наш, кој беззаконствува и од заповедите Твои отстапи, и во пијанство и разврат западна, Ти не си сакал целосно да пропадне, ниту му дозволи на ѓаволот разумната твар сосема да ја заслепи и во тартарот да ја одвлече. Затоа Ти ги предаде на заборавот гревовите човечки, и обземен со милосрдие кон луѓето им го испрати Единородниот Син Твој, та земајќи на себе човечка природа, ја измеша својата бесмртност со нашата мртвост. И Логосот Твој, Кој е насекаде со Тебе и со Кој се постана, ги врати повторно на правиот пат оние што залутале во неправда. Зашто ти си со Синот и Синот со Тебе, и заедно со Светиот Дух, промислувајќи за вселената со Твоите преславни чудеса си ги привел кон светата вера безбожните. Сине Божји, Ти со Отецот и Духот Свети со збор си го воскреснал четиридневниот Лазар, победувајќи ги природните закони и смртта. Ти му ги отвори очите на слепиот човек од раѓање, помазувајќи му ги очите со кал. Ти за миг ја излечи крвотечивата жена, која се допре до облеката Твоја; Ти раслабениот го оздраве и му нареди да го понесе својот одар. Затоа и сега, о Боже, милостиво погледни на нашето другарство и поткрепи не со вишна сила, за со Твојата помош да можеме јуначки да ги поднесеме мачењата од страна на безбожниците и да прејдеме во Царството Небесно!
Откако така се помолија, нивните созатвореници, убијци и прељубодејци, го отфрлија стравот од телесната смрт и веднаш припаднаа пред нозете на светите, молејќи ги за простување на гревовите свои и за избавување на душата од смртта. А насобраниот народ околу темницата ја искрши капијата, влезе внатре, и со голема наслада и восхит ги слушаше зборовите што излегуваа од устите на слугите Божји.
Ревносниот слуга на ѓаволот, главниот солунски судија Евсихиј, веднаш отрча кај царскиот намесник и го извести дека многу народ ќе го напушти служењето на боговите ако веднаш не бидат погубени оние двајца христијани во темницата. Намесникот веднаш испрати војници да ги доведат момчето и старецот. Слугите Христови беа доведени пред неправедниот судија, и тој погледна во свети Теодул и го праша:
- Зарем не знаеш дека треба да ја послушаш наредбата на царевите кои владеат со вселената?
- Свети Теодул одговори:
- Навистина е праведно и побожно да се послуша и да се исполни тоа што го наредува Господарот на небото и земјата, а наредбите од земните цареви треба да се слушаат ако се праведни и ако не се спротивни на небесниот Творец.
Намесникот Фаустин го праша:
- Кажи ми, кој го створил небото?
Свети Теодул одговори: - Бог Седржителот и Божјиот Син Исус Христос кој е Логос Очев.
- Фаустин праша:
- Оној ли што Евреите многу го мачеа и распнаа?
Маченикот одговори:
- Да! Оној што Евреите Го распнаа. Он доброволно благоволи да пострада за нас. Потоа воскресна од мртвите со силата на Своето Божество и тие Го видоа како се искачува на небото како победник над смртта, од каде повторно ќе дојде да ги изобличи и осуди неверните.
Фаустин го праша:
- Зошто не сакаш да им принесеш жртва на нашите богови?
Светиот одговори:
- Зарем не е подобро да Му се принесува жртва на Оној од Кого се створени градителите на идолите, отколку на самите изработени идоли? Навистина Творецот е подобар од творбата.
Намесникот Фаустин нареди да го соблечат момчето за да го мачат, а гласникот викаше:
- Принеси им жртва на боговите, па ќе бидеш ослободен. Маченикот му рече:
- Можеш да ја соблечеш облеката од моето тело, но мојата вера во Бога никогаш нема да ми ја одземеш.
Додека светителот така слободно зборуваше, намесникот нареди пред неговите очи да им принесат жртва на идолите отпаднатите христијани, кои поради мачењата им се поклонија на идолите. Додека свети Теодул го гледаше тоа, срцето му се кинеше од болка за отпаднатите христијани и му велеше на намесникот:
- Сте ги победиле слабите, но, срчните војници Христови никако не можете да ги победите. Знај дека се мали маките што си ги подготвил за мене и се достојни за потсмев. Измисли пострашни, за да видиш колкава е нашата вера и љубовта кон Бога.
Намесникот му нареди на свети Теодул да му донесе христијански книги, а тој му одговори:
- Кога би знаел дека ќе ја отфрлиш идолодемонијата и ќе се обратиш кон вистинската вера, би ти донел пророчки апостолски книги. Но, знам дека си лажливец и затоа во твоите раце нема да го дадам дарот Божји.
На тоа Фаустин му рече:
- Ќе те исечам на парчиња и ќе те фрлам на ѕверовите ако не ме послушаш.
Светителот му одговори:
- Еве, моето тело е подготвено за маки. Но, знај дека јас нема да им дадам свети книги на безбожниците за потсмев.
Сакајќи да го исплаши маченикот, намесникот нареди да го поведат на обезглавување, мислејќи дека кога ќе се соочи со смртта ќе се исплаши и ќе му се покори. Кога го виде мечот, свети Теодул воскликна кон Бога:
- Ти благодарам Господи, еве јас доаѓам кај Тебе умирајќи сесрдно за Тебе.
Го рече тоа, ја наведна својата глава под мечот, но не го обезглавија.
Кога намесникот дозна дека свети Теодул сакал да биде убиен, нареди веднаш да го донесат. Во меѓувреме тој го измачуваше свети Агатопод, прашувајќи го:
- Што е тоа што те врзува за Теодул? Да не сте роднини?
Свети Агатопод одговори:
- Не сме роднини, но сме соединети со духот.
На тоа намесникот рече:
- Гледам дека и двајцата итате кон иста мака.
Свети Агатопод одговори:
- Ако преку иста мака заминеме од овој живот, и на иста награда ќе се удостоиме во нашиот Бог.
Фаустин рече:
- Зарем ти како старец не се срамиш да се занесуваш како момче и доброволно да се предаваш на очигледни маки?
Свети Агатопод одговори:
- Не се занесувам, ниту губам надеж во мојот Христос, туку се грижам да покажам ревност кон мојот Бог, и го фалам Теодул што во својата младост цврсто стои за верата во единствениот вистински Бог.
Тогаш намесникот Фаустин го погледна Теодула и му рече:
- Момче, не дозволувај да те заведат зборовите на овој старец. Тој е веќе стар и не е чудно што ја посакува смртта, но ти си млад. Зошто сакаш да се лишиш од овој сладок живот?
Свети Теодул одговори:
- Немој да мислиш дека сум послаб од старецот и дека не можам да поднесам исти маки. Подготвен сум подеднакво да пострадам за мојот Творец.
Мачителот им нареди на војниците да ги врзат и пак да ги одведат во темницата. А тие го славеа Бога. Им дојдоа познаници и почнаа да плачат, а свети Теодул ги праша:
- Зошто сте се собрале и зошто плачете?
Тие одговорија:
- Плачеме поради вашите неволји.
А тој со насмевка им рече:
- Зошто не плачете за своите неволји, туку плачете за нас, кои итаме кон подобро?
Тогаш дојде еден суров војник испратен од намесникот, ги окова и двајцата светители во железни вериги, ги одведе во една многу мрачна ќелија и ги заклучи. Ноќта, додека Му се молеа на Бога, и двајцата имаа исто видение за крајот што ги очекува. Видението беше вакво:
И двајцата се наоѓале на еден брод полн со луѓе. Бродот бил во голема опасност од морските бранови, и тие виделе како некои од луѓето се дават а некои пливаат. Додека пак себе си се виделе спасени од кормиларот и облечени во светла облека, како од една висока гора се искачуваат на небото.
Кога се разбудија и сфатија дека имале исто видение, разбраа дека и двајцата имаат иста благодат од Господа Христа и поткрепени со надеж паднаа ничкум на земјата говорејќи:
- Кој би очекувал таква добрина, каква што Ти, о Боже, ни даруваш заради вочовечувањето на Синот Твој, нашиот Господ Исус Христос? Кој може да биде толку нечовечен, та обдарен со таквите Твои добра, да не ја стави верата пред ништовните сласти. Кој е толку брз добротвор како Синот Твој, Кој во својата благодат не известува преку откровенија, покажувајќи ни венци пред да го извршиме подвигот, и не крепи во него.
Тие до самнување Му благодареа на Бога и Му принесуваа молитви. Кога осамна, стражарите им јавија дека дошле војници да ги водат кај царскиот намесник. Тие се прекрстија и излегоа онака оковани, и војниците ги одведоа. Таму се собраа многу нивни познаници кои плачеа за нив, зашто знаеја дека ќе бидат убиени. А свети Теодул весело им се обрати:
- Ако плачете од љубов кон нас, тогаш радувајте се, зашто ние се бориме за верата во вистинскиот Бог. Ако пак плачете од ѓаволка завист, тогаш плачете за себе а не за нас, зашто сте залутале од правиот пат.
По трет пат изведени на суд пред намесникот, тие на сите прашања вака одговараа:
- Христијани сме и сакаме да пострадаме за името Христово.
Тогаш намесникот со тажен израз на лицето им ја изрече смртната пресуда: Теодул и Агатопод да бидат потопени во морето, оти не сакаа да им принесат жртви на боговите.
Војниците ги одведоа кај морето, им ги врзаа рацете наопаку, и им обесија по еден тежок камен околу вратот. Се собраа многу нивни другари, соседи и познаници, И едни ги оплакуваа а други ги величаа како храбри војници Христови. А намесникот, жалејќи ги кај нив го испрати угледниот човек Фулвиј, со предлог само да им принесат жртви на боговите, па веднаш ќе бидат ослободени. Но тие не престануваа да го призиваат Исуса Христа и да ги отфрлаат одвратните богови. По долго советување и наговарање безбожниците видоа дека слугите Христови остануваат непоколебливи, па му пристапија првин на свети Агатопод и го фрлија во морето. А тој погледна во небото и силно извика:
- Еве, со второ крштение се измиваме од сите наши гревови и чисти заминуваме кај Христа Исуса.
По него го фрлија и свети Теодул.
Така светите маченици го завршија својот подвиг и добија венци од десницата на Севишниот. Морето веднаш ги исфрли на брегот нивните тела кои беа многу светли. Христијаните ги зедоа, ги разрешија од оковите и камењата и чесно ги погребаа. Наскоро им се јави свети Теодул светол како ангел, во бела облека, и нареди целиот негов имот да се раздели на сиромашните.
Овие свети маченици пострадаа на 5 април, во 303-та година, во слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, еден во Троица Бога, прославуваниот за навек. Амин.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАРКО ТРАЧЕСКИ
Ава Серапион велеше:
- Кога живеев во Египетската пустина, еднаш јас отидов кај великиот старец, отецот Јован. Добив благослов од него, па седнав да се одморам и задремав. Во сонот видов двајца отшелници кои беа дошле и добиле благослов од старецот.
Тие рекоа:
- Еве го ава Серапион, да земеме благослов од него.
На тоа ава Јован им рече:
- Тој пред малку пристигна од пустината и многу е уморен. Оставете го да се одмори.
Тогаш тие рекоа:
- Ете, тој толку време се труди во оваа пустина, а не отиде кај отец Марко кој живее во Траческата Гора во Етиопија. Нему не му е рамен ниту еден од пустинските подвижници. Тој има сто и триесет години и веќе деведесет и пет години се подвизува во пустината и нема видено човек. Но, некои светители што се наоѓаат во светлината на вечниот живот скоро беа кај него, и му ветија дека ќе го земат кај себе.
Тогаш јас се разбудив и не видов никого покрај старецот, па му раскажав што видов. На тоа тој ми рече:
- Тоа е видение од Бога! Но, каде ли се наоѓа гората Траческа?
А јас му реков:
- Моли се за мене, оче.
Тој се помоли, а јас се поздравив со него и тргнав кон Александрија. Патот до Александрија е деведесет дена а јас го поминав за пет, патувајќи и дење и ноќе низ суровата пустина. Кога стигнав запрашав еден трговец дали е далеку гората Траческа. Тој ми одговори:
- Многу е далеку, оче. До границата со Етиопија се патува дваесет дена а гората за која прашуваш е уште подалеку, Ако одиш по море ќе стигнеш брзо, но по суво ќе ти требаат триесет дена. Јас наполнив една чутурка со вода, зедов малку урми и тргнав со надеж во Бога. Дваесет дена патував низ пустината и не видов ниту ѕвер, ниту птица, зашто во неа нема никакво растение, ниту пак нешто за јадење. Таму не паѓа ниту дожд ниту роса. Потоа ми снема вода во чутурката, ми завршија и урмите и од страшна истоштеност јас не можев да го продолжам патот, ниту пак да се вратам назад, оти едноставно бев мртов. Тогаш ми се јавија оние двајца отшелници, и ми рекоа:
- Стани и појди со нас!
Јас станав, а едниот од нив, гледајќи во земјата ми рече:
- Сакаш ли да се разладиш?
Му одговорив:
- Како сакаш ти, оче!
Тогаш ми покажа некакво коренче во земјата и ми рече:
- Земи, касни од оние коренчиња и патувај со силата Господова!
Јас каснав и веднаш се разладив. Душата ми се разведри и силата ми се поврати. Тие ми го покажаа патот што води кон светиот Марко, и ме оставија. Патувајќи, јас наближив до една висока планина која како да допираше до небото. Целата беше гол крш и камења. Кога дојдов до неа, крај неа здогледав море. Започнав да се качувам и се качував седум дена.
Во седмата ноќ видов ангел Божји како слегува кај светиот Марко и му вели:
- Блазе си ти ава Марко, ќе ти биде добро. Еве, ти го доведовме отец Серапион кој посака да ја види душата твоја, зашто ти не посака да видиш никој друг од родот човечки.
Јас се исплашив и се движев кон тоа видение додека не стигнав до пештерата во која што живееше свети Марко. А кога приближив до вратата од пештерата го слушнав светителот како го пее осумдесет и деветиот псалм Давидов: „Пред очите Твои илјада години се како вчерашен ден што поминал, и колку една стража преку ноќта, Ги однесуваш како сон, како трева што зеленее наутро: наутро ќе процути и ќе зазелени, а навечер паѓа и се исушува“ (Пс. 89, 4-6).
Потоа од преизобилна духовна радост во себе, тој започна да си зборува на себе:
- Блажена е твојата душа Марко, оти не се раководиш според нечистотиите на овој свет, ниту умот твој беше заробен со нечисти помисли. Блажено е телото твое, зашто не се заплетка во желби и страсти. Блажени се очите твои, оти ѓаволот не успеа да ги соблазни со гледање во туѓа убавина. Блажени се ушите твои, оти не слушнаа женски глас во суетниот свет,... зашто и душата твоја и телото твое се исполнија со духовниот живот и се осветија со сладоста на светите ангели. И повторно започна да И зборува на душата своја: „Благословувај Го душо моја Господа, и се што е во мене да го благословува светото име Негово! Благословувај Го душо моја Господа, и не заборавај ги сите Негови добрини“ (Пс.102, 1-2). Зошто тагуваш, душо? Не плаши се, нема да бидеш задржана во темниците на адот; демоните никако не ќе можат да те наклеветат, зашто во тебе нема порок гревовен; ангели Господови стојат околу оние што се бојат од Господа, и Господ ќе ги избави. Блажен е слугата што ја извршил волјата на својот Господ.
Откако изговори и многу други работи од Светото Писмо како утеха за својата душа, преподобен Марко излезе и, плачејќи од радост милозливо ми рече:
- Колку труд вложи мојот духовен син Серапион, за да дојде да го види моето живеалиште.
Ме благослови, ме прегрна, ме целиваше и ми рече:
- Деведесет и пет години изминаа и јас не видов човек, а сега го гледам твоето лице кое толку сакав да го видам. Затоа мојот Господ Исус Христос нека те награди кога ќе им суди на тајните човечки!
Преподобен Марко ми го рече тоа и ми нареди да седнам. Јас започнав да го распрашувам за неговиот славен живот, а тој ми раскажуваше, говорејќи:
- Како што веќе реков, деведесет и пет години живеам во оваа пештера и не видов ниту човек, ниту ѕвер, ниту птици, ниту јадев човечки леб, ниту пак се облеков. Во првите триесет години многу се мачев и страдав од глад, жед и голотија, а посебно од ѓаволските напади. Во тие години, принуден од гладот јадев земја и измачуван од жедта пиев морска вода. Демоните илјадници пати се заколнуваа меѓу себе дека ќе ме потопат во морето. Тие ме фаќаа и ме влечеа до подножјето на оваа планина, но јас станував и повторно се искачував на врвот. Тие пак ме влечеа, се додека не станав само коска и кожа. Додека ме тепаа и влечеа, тие викаа: „Оди си од нашата земја. Од постанокот на светот ниту еден човек не дошол овде, па како ти се осмелуваш сега?“ По триесет години најжестоки страдања, после толку гладување, и после толку борби со демоните, врз мене се изли благодатта Божја и милосрдието Божјо. И по промисла Божја се измени природата на моето тело, и по целото тело ми израснаа влакна. Ми се носи доволно храна и ми доаѓаат ангели Господови. Го видов Царството Небесно и живеалиштето на светите души, и ветеното блаженство приготвено за оние што прават добро. Го видов рајот Божји и дрвото на познанието од кое јадеа нашите прародители. Во рајот ги видов и Енох и Илија и нема нешто што молев од Господа а да не ми беше покажано од Него.
Потоа го прашав блажениот Марко:
- Оче, кажи ми како дојде овде?
Светителот започна:
- Роден сум во Атина и таму изучував философија. Но, кога ми умреа родителите си реков во себе: „И јас мора да умрам како што умреа моите родители и затоа доброволно ќе го напуштам светот“. Веднаш ја симнав облеката од себе, седнав на една даска во морето, и носен од брановите, јас по Божја промисла дојдов во оваа планина.
Додека разговаравме, вели Серапион, осамна и јас видов дека целото негово тело е обраснато со влакна како кај ѕвер и затреперив од страв. Кај него не се забележуваше убавина на човечко суштество и по ништо не се гледаше дека е човек, освен по гласот и по зборовите што излегуваа од неговата уста. Кога виде дека се исплашив, тој ми рече:
- Не плаши се од изгледот на моето тело. Телото е гнилежно земено од гнилежна земја.
И ме праша:
- Дали светот го почитува законот Христов како порано?
Јас му одговорив:
- Со благодатта Христова сега е почитуван повеќе отколку порано.
Тој повторно ме праша:
- Дали се уште постои идолослужењето и гонењето на христијаните?
Јас му одговорив:
- Со помош на твоите свети молитви, оче, престана гонењето и повеќе нема идолослужење.
Кога го слушна тоа, старецот многу се израдува. Потоа ме праша:
- Дали сега во светот има христијани кои кога би и рекле на планината: „Дигни се одовде и фрли се во морето“, тоа и ќе се случи?
Во тој миг се крена планината како море, а свети Марко ѝ мавна со раката велејќи ѝ:
- Што ти се случи, горо? Јас не ти реков тебе да се поместиш, туку разговарам со братот, а ти застани!
Штом го рече тоа, гората застана. А Јас, кога го видов тоа, паднав ничкум од страв. Тој ме фати за раката, ме подигна и ме праша:
- Зарем до сега не си видел такви чудеса?
Јас му одговорив:
Не сум, оче.
А тој, воздивнувајќи заплака горко и рече:
- Тешко на земјата, зашто христијаните во неа се христијани само по име а не по дела.
И повторно рече:
- Нека е благословен Бог, Кој ме доведе во ова свето место, за да не умрам во својата татковина и да не бидам погребан во земја осквернета со многу гревови.
Тој ден го минавме во псалмопоенија и духовен разговор и приквечер тој ме праша:
- Брате Серапионе, нели е време по молитвата со љубов и благодарност на Бога да седнеме на трпезата и да се поткрепиме?
Јас не му одговорив ништо. А тој ги крена рацете кон небото и започна да го изговара дваесет и вториот псалм: „Господ е пастир мој и ништо нема да ми недостасува...“ И кога заврши со псалмот се сврте кон пештерата и викна:
- Брате, постави ја трпезата!
Тогаш, обраќајќи се кон мене рече:
- Ајде да каснеме од тоа што ни го испратил Бог.
Јас се зачудив и ужас ме снајде, зашто преку денот не видов ништо и никого во пештерата освен светиот Марко. А тој му зборуваше на некој невидлив и му наредуваше да постави трпеза. И кога влеговме во пештерата здогледав трпеза и два стола, а на трпезата два меки и бели како снег лебови, две печени риби, чисто зелје, маслинки, урми, прекрасно овошје, сол, и стомна полна со вода послатка од мед.
Свети Марко ми рече:
- Благослови, чедо Серапионе!
А јас реков:
- Прости ми, оче.
Светителот рече:
- Господи, благослови!
И на трпезата видов како испружена рака од небото со крстниот знак ја благословува трпезата.
Откако јадевме, свети Марко рече:
- Брате, земи го ова одовде.
И веднаш невидлива рака ја зеде трпезата. А јас се восхитував на невидливиот слуга, зашто бестелесен ангел Господов по наредба Божја му служеше на ангелот во тело, преподобниот Марко. А пак, јас, никогаш порано не сум јадел посладок леб и риба, ниту сум пиел толку слатка вода како на оваа трпеза. Тогаш светителот ми рече:
- Брате Серапионе, гледаш ли колку добра им испраќа Бог на слугите Свои. Досега Бог секој ден ни испраќаше по еден леб и една риба, а денес заради тебе, Он ја удвои трпезата. Овде во првите триесет години јас не најдов ниту една тревка со која би се хранел. Во таа голема неволја јас јадев земја и пиев морска вода. Одев гол и бос, ми отпаднаа прстите на нозете од силниот мраз зиме, и од горештината лете; телото едноставно ми изгоре од сонцето и јас ничкум лежев на земјата како мртов. Демоните војуваа со мене како да сум напуштен од Бога. Со помош Божја, јас сето тоа го трпев заради божествената љубов Негова. Кога навршија триесет години од моето страдање, по Божја наредба ми израснаа коса и влакна, и тие како облека ми го покрија целото тело. Од тогаш до денес демоните не смеат да ми се доближат, гладот и жедта немаат власт над мене, мразот и жештината не ме мачат. Како врв на сето тоа, јас никогаш не се разболев. Денес завршува мојот живот и Бог те испрати ваму, за со своите свети раце да го погребеш моето ништовно тело.
По некое време светителот повторно ми рече:
- Брате Серапионе, оваа ноќ, поради моето заминување немој да спиеш.
И застанавме двајцата на молитва, пеејќи Давидови псалми. Потоа светиот ми рече:
- Брате Серапионе, по моето заминување положи го моето тело во оваа пештера, влезот созидај го со камења и не останувај овде туку врати се во своето место.
Јас му се поклонив и со солзи започнав да молам простување од него:
- Оче, умоли го Бога да ме земе заедно со тебе.
А светиот ми одговори:
- Немој да плачеш во денот на моето веселие. Ти треба да се вратиш во своето место, а Господ, Кој те прати овде нека ти подари спасение поради трудот и богоугодништвото твое! Но, знај дека нема да се вратиш по истиот пат, по кој што дојде. Ќе се вратиш на необичен начин.
По кратко молчење преподобниот Марко рече:
- Брате, овој е најголемиот ден во мојот живот. Денес мојата душа се разрешува од телесните страдања и заминува да се упокои во небесната обител.
Тогаш пештерата се исполни со светлина посилна Од сончевата, гората замириса со прекрасен мирис, а тој ме фати за раката и започна да зборува:
- Остани, пештеро, во која што живеев со моето тело служејќи Му на Бога во мојот привремен живот; и повторно до сеопштото воскресение ќе престојува во тебе моето мртво тело. А Ти, Господи, раздели ја душата моја од телото, зашто заради Тебе претрпев и глад, и жед, и секаква неволја. Самиот Ти, Господи, облечи ме во облека на слава во страшниот ден на Твоето доаѓање. Одморете се, очи мои, зашто не задремавте во ноќните молитви! Одморете се, нозе мои, преморени сте од сеноќното стоење! Заминувам од привремениот живот и сакам спасение за сите на земјата: Спасувајте се испосници, кои заради Бога се наоѓате по пештерите и горите! Спасувајте се Христови затвореници, заточеници заради правда, кои немате друга утеха освен едниот Бог! Спасувајте се лаври, кои и дење и ноќе Му служите на Бога! Спасувајте се свети цркви, вие сте очистување за грешниците! Спасувајте се свештеници Господови, посредници на луѓето пред Бога! Спасувајте се христољубци кои примате странци како самиот Христос! Спасувајте се милостиви, достојни за помилување! Спасувајте се богати, кои се богатите во Господа со богоугодни добри дела и сте дарежливи! Спасувајте се вие кои ради Господа сте осиромашиле! Спасувајте се благоверни цареви и кнезови, што судите праведно според правдата и милосрдието! Спасувајте се смиреноумни посници и трудољубиви подвижници! Спасувајте се сите што се сакате во Христа! Биди спасена цела земјо, и сите кои живеат во тебе со мир и љубовта Христова!
По таквите зборови преподобниот Марко се сврте кон мене и ме прегрна, говорејќи:
- Спасувај се и ти, брате Серапионе! Господ Христос нека те награди според твојот труд во денот на доаѓањето Свое! Те заколнувам во нашиот Господ Исус Христос, немој да земеш ништо од моето смирено тело, дури ни влакно; не ме покривај со никаква риза туку косата и влакната со кои ме облече Бог нека ми бидат за погребение. И ти немој да останеш овде!
Додека светителот го изговораше тоа а јас липав, дојде глас од небото, кој говореше:
- Донесете ми го избраниот сад од пустината! Донесете ми го совршениот христијанин и верниот слуга! Оди Марко, оди да се одмориш во светлината на радоста и духовниот живот!
Светителот ми рече:
- Да ги преклониме колената, брате!
Ги преклонивме колената и јас слушнав ангелски глас, кој му говореше на преподобниот:
- Испружи ги рацете свои!
Штом го слушнав овој глас, јас ведаш станав и ја видов душата на светителот веќе разрешена од телото. Ангели ја покриваа со светли бели ризи и ја носеа на небото. Го видов и патот низ воздухот кон небото, и како се отвори небесниот свод. Видов и војски демонски како подготвени стојат на патот и слушнав ангелски глас, кој им рече:
- Бегајте, синови на темнината, од лицето на светлината на правдата!
Таа света душа беше задржана во воздухот околу еден час, и на светите ангели им дојде глас од небото:
- Земете го, и донесете го овде оној што ги посрами демоните!
Душата на преподобниот се приближи до отвореното небо, и јас видов раце испружени од небото како ја прифаќаат непорочната душа.
Веќе беше полноќ а јас го подготвив и положив телото на светителот и целата ноќ ја поминав во молитва. Кога се раздени, јас со солзи радосници го извршив пропишаното опело над телото, го целивав и го положив во пештерата.
Тогаш го созидав влезот со камења и по долга молитва се симнав од гората, молејќи се на Бога, и призивајќи го светителот да ми биде на помош при минувањето на таа страшна и непроодна пустина. По зајдисонце јас седнав да се одморам. Тогаш оние двајца отшелници што ми се јавуваа порано, застанаа пред мене и ми рекоа:
- Брате, ти денес го погреба телото на блажениот отец, кој навистина вреди повеќе од целиот свет. Сега стани и патувај преку ноќта додека е ладно.
Јас станав, тргнав и патував со нив се до зори. Кога заруди зора тие ми рекоа:
- Брате Серапионе, оди си со мир во своето место, и моли се на Господа Бога!
Не одминав многу од нив и пред себе го здогледав манастирот на великиот старец, отец Јован. Восхитен, јас громогласно го прославив Бога, и се сетив на зборовите што ми ги рече преподобниот Марко, дека нема да се вратам по истиот пат. Тогаш ми стана јасно дека по молитвите на светиот, сум бил носен на невидлив начин. И ја прославив милоста на нашиот преблаг Бог, што ја покажа кон мене недостојниот на молитвите и молбите на преподобниот отец Марко, верниот слуга Свој.
Кога го слушна мојот глас, ава Јован брзо ми излезе во пресрет и ми рече:
- Ни се врати, ава Серапионе, во мир со Бога!
И појдовме во црквата, и јас се им раскажав на старецот и на учениците негови, и тие Го прославија Бога. Тогаш старецот ми рече:
- Брате, преподобен Марко навистина беше совршен христијанин, додека ние сме христијани само по име а по дела сме далеку од вистинскиот христијанин. Но човекољубивиот Бог, Кој го удостои својот угодник свети Марко во вечните дворови на Небесното Царство, нека со крилјата на Својата добрина не закрилува и нас и целата Своја света соборна и апостолка Црква од замките на ѓаволот, и секогаш нека биде со нас, за да бидеме следбеници на Неговите свети угодници, преподобните отци наши, и така во денот на Страшниот суд да добиеме милост со великиот ава Марко, по молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица и на сите светии, кои Му угодиле на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава со Отецот и со Пресветиот, Благ и Животворен Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
Свети Марко се упокои околу 400-та година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПУПЛИЈ
Преподобниот Пуплиј се подвизуваше како монах во Египет за време на царувањето на Јулијан Отстапник. Кога овој безбожен цар се крена против Персија, го испрати ѓаволот во правец на исток како извидник, за да му донесе вести оттаму. Откако тргна кон исток, ѓаволот дојде до местото каде што живееше монахот Пуплиј. Застана тука и остана неподвижен десет дена,и не можеше да се помрдне од местото. Тоа се случи зашто кога преподобниот Пуплиј почувствува дека ѓаволот минува низ неговиот крај, застана на молитва, и со кренати раце кон небото се молеше и дење и ноќе, се додека тој не се врати назад кај Јулијан. Тогаш Јулијан го праша:
- Зошто се задржа толку долго?
А ѓаволот му одговори:
- Иако долго се задржав, не успеав ништо да дознаам. Десет дена чекав монахот Пуплиј да престане со своите молитви, за непречено да го поминам местото каде што живее тој, но беше залудно. И ете, се вратив назад.
Тогаш нечестивиот Јулијан бесно му рече на ѓаволот:
- Кога ќе се вратам од војната, ќе му се осветам на тој монах.
Но Јулијан не успеа да ја исполни својата зла намера, зашто наскоро потоа беше убиен со невидливата сила Божја. А еден од војсководците на Јулијан веднаш го продаде целиот свој имот, ги раздаде парите на сиромасите, се одрече од светот, дојде кај преподобниот Пуплиј, го прими монаштвото и се подвизуваше со него како одличен монах. Преподобниот Пуплиј се подвизуваше долго време потоа, и откако целосно Му угоди на Бога со својот доблесен живот, се престави и отиде во вечните рајски населби.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПЛАТОН ИСПОВЕДНИКОТ, игуменот на манастирот Сакудион
Преподобниот Платон беше син на знаменитите и побожни родители Сергиј и Ефимија. Родителите го воспитуваа во побожност уште од мал. Но, не успеаја до крај да го довршат воспитувањето на своето синче, бидејќи се упокоија и преминаа во вечниот живот.
Откако остана сираче, Платон го одгледаа неговите роднини. Тој постигна огромен успех во науките, а заедно со нив и во христијанските добродетели. Кога стана полнолетен, Платон го остави домот на своите роднини и со својот труд започна да заработува за својот живот. Беше толку трудољубив и воздржлив, така што набргу стекна голем имот. Но, неговото срце не тежнееше кон богатствата на овој свет. Затоа го раздаде својот имот на сиромашните, ги пушти робовите на слобода и отиде на гората Олимп, каде се замонаши во еден од тамошните манастири.
Преподобниот Платон водеше многу строг живот во манастирот. При тоа слободното време го користеше за препишување на книги и составување на корисни зборници од списите на црковните отци. По смртта на настојателот Теоктист, преподобен Платон едногласно беше избран за игумен во 770-та година. Тогаш тој имаше триесет и пет години. Како игумен, тој се подвизуваше со уште поголема ревност, давајќи им пример на браќата за вистинскиот христијански живот.
Во тоа време цариградски патријарх беше свети Тарасиј. Кога слушна за подвизите на преподобниот Платон, патријархот му го предложи никомидискиот митрополитски престол. Но, тој, желен за осаменички живот, го одби тоа и се повлече во едно осамено место наречено Сакудион, каде подоцна основа манастир.
Во тоа време, по повод иконоборната ерес, царицата Ирина заедно со пресветиот патријарх Тарасиј го свика Седмиот Вселенски Собор во 787 година во Никеја, на кој беше осудено безбожното учење на еретиците иконоборци, и воспоставено и потврдено побожно почитување на светите икони. На соборот присуствуваа над триста свети отци, меѓу кои беше и преподобниот Платон. Како начитан човек и познавач на Светото Писмо, преподобниот Платон беше многу корисен за соборот, зашто јуначки го бранеше учењето на Православието и смело го изобличуваше учењето на еретиците.
По завршувањето на Соборот, тој се повлече во местото на своите подвизи Сакудион. Тоа место беше не само прекрасно туку и многу погодно за осаменички подвизи. Местото Сакудиот од сите страни беше опкружено со прекрасни високи дрвја; единствен пристап до него беше една мала, едвај видлива патека низ густата шума. Заедно со преподобниот Платон тука се подвизуваше и неговиот внук Теодор. Наскоро тие овде подигнаа црква во име на светиот Јован Богослов.
Меѓутоа гласот за подвизите на светиот Платон се повеќе се ширеше и кај него започнаа да доаѓаат многу луѓе, барајќи поуки и раководство во христијанскиот живот. Кога се намножија неговите ученици, преподобниот подигна манастир на тоа место во 782 година, и во него самиот ја извршуваше должноста на настојател. Со својот подвижнички живот, тој на сите браќа им беше добар пример за подражавање. Особено усрдно се угледуваше на него неговиот внук, блажениот Теодор, кој деновите и ноќите ги минуваше во непрекинати подвизи на молитва и богомислие.
Набтудувајќи го животот на Теодор, кој беше исполнет со огромни доблести, преподобниот Платон многу се радуваше за него. Реши блажениот Теодор да го одликува со свештенички чин, и затоа со него замина за Византија, кај светиот патријарх Тарасиј. Светиот го ракоположи Теодор за презвитер, иако тоа беше против волјата на Теодор. Блажениот се сметаше себе си за недостоен за таквиот чин и велеше дека тој чин е над неговата моќ, но, не сакајќи да се спротивстави на волјата на својот духовен отец и волјата на патријархот, тој се покори и го прими свештеничкиот чин. Кога се врати во својот манастир како свештеник, преподобниот продолжи да се подвизува со уште поголема ревност.
По неколку години, истоштен од многуте подвизи и староста, одлучи да го тргне бремето од манастирското старешинство, сакајќи игуменската власт по него да ја прими блажениот Теодор. Често зборувал за тоа со преподобниот Теодор, молејќи го да го ослободи од тешкото бреме. Но, тој секогаш одбивал да го прими старешинството над манастирот, бидејќи сметал дека е подобро да се живее под старешинство, отколку самиот да биде старешина. Сметал дека за спасението на душата полесно и покорисно е да се добива поуки, отколку самиот да раководиш со некој друг. Гледајќи дека е тешко да се совлада смирението на блажениот Теодор, преподобниот Платон легна во својата постела како да е болен, ги повика сите браќа, и им рече дека му се наближува смртта, па ги праша:
- Кој сакате да ви биде настојател по мене? Според вас кој е најспособен за тоа?
Преподобниот знаеше дека браќата за свој настојател ќе го побараат Геодор, и така и се случи. Сите еднодушно одговорија:
- По тебе, Теодор нека ни биде игумен.
Тогаш преподобниот му ја предаде својата власт на блажениот Теодор, бидејќи тој не можеше да се спротивстави и, примајќи го старешинството, двократно ги зголеми своите подвизи, станувајќи им пример на сите.
Во тоа време синот на благочестивата царица Ирина, Константин, откако стана полнолетен ја отстрани својата мајка од престолот, и ја превзеде власта во своите раце. Тоа се случи во 790-та година, кога Константин имаше дваесет години. Млад и расипан, Константин се оддаде на најразлични гревови. Ја избрка својата сопруга Марија и присилно ја замонаши, па зеде друга жена по име Теодотија, роднина на неговиот татко. Пресветиот патријарх Тарасиј не ја одобри таквата незаконска постапка на царот, и не сакаше да го благослови неговиот брак. Но, презвитерот Јосиф, економот на цариградската црква, ги наруши божествените закони. Тој не го послуша патријархот и се согласи да ја изврши светата тајна брак над царот.
Блажениот Теодор и преподобниот Платон многу тагуваа поради тоа, и ревносни за законот Божји, упатија послание до сите монаси, со кое ги известија за царското беззаконие и на сите им препорачуваа дека го сметаат царот за одлачен од Црквата Христова, како разорувач на законот Божји. Бесен од гнев поради тоа, царот нареди преподобниот Теодор по жестоките мачења да биде испратен на заточение во Солун, а Платон да биде фрлен во темница. По смртта на нечестивиот цар тие беа ослободени.
Но, поради постојаните упади на Агарјаните кои пустошеле и земале во свои раце разни области на Византиското Царство, свети Теодор го напушти Сакудион заедно со браќата и отиде во Цариград, каде што ја прими управата на знаменитиот Студијски манастир. Тогаш преподобен Платон дојде кај блажениот Теодор, и остана да се подвизува во неговиот манастир. При тоа толку се смируваше себе си, што доброволно стави ланци на своите нозе, предавајќи се на пост и молитва.
Наскоро потоа на византискиот престол незаконски стапи царот Никифор. Тој го врати во Црквата гореспоменатиот презвитер Јосиф, кој беше одлачен од патријархот Тарасиј. Кога свети Теодор заедно со браќата го изобличи царот поради тоа што постапил спротивно на црковните правила, царот многу се разлути и сите браќа од Студијската обител заедно со блажениот старец Платон ги испрати на заточение на еден остров во близина на Цариград. Тоа се случи во 807 година.
Преподобен Платон помина четири години во заточение. Во Цариград се врати во длабока старост и повторно се насели во Студијската обител. Се подвизуваше уште три години и отиде кај Господа на Лазарева сабота, во 814-та година, во седумдесет и деветтата година од својот живот, за заедно со останатите светители да застане пред престолот Господен и вечно да Го прославува Господа на небесата. Амин.
СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА ТЕОДОРА СОЛУНСКА
Преподобна Теодора се роди на островот Егина од побожните христијански родители Антониј и Хрисанта. Овие благочестиви сопрузи живееја во времето на царот Михаил Рангав, кога иконоборната ерес ја вознемируваше Црквата. Благочестивите сопрузи не се соблазнуваа од иконоборното учење, туку како светилници светеа во своето правоверие.
Кога порасна, Теодора стапи во брак, и наскоро доби ќерка. Поради непријателските напади младите сопрузи мораа да се преселат во Солун. Кога нејзината ќерка стана полнолетна, Теодора ја посвети во служба на Бога во еден солунски манастир. По смртта на својот сопруг и самата стапи во истиот манастир и го прими монашкиот чин.
Во манастирот таа водеше строг подвижнички живот и крепена со Божјата благодат толку Му угоди на Бога, што правеше чудеса не само за време на животот туку и по својата смрт. По нејзиното преставување, во 879 година се упокои и игуманијата на нејзината обител и кога го полагаа нејзиното тело во близина на гробот на преподобната Теодора, се случи големо чудо: Преподобната Теодора како жива се помести заедно со својот сандак, отстапувајќи ѝ место на својата игуманија, И покажувајќи го своето смирение дури и по смртта. Кога го видоа ова чудо сите се запрепастија и силно повикаа:
- Господи помилуј!
Од светите мошти на преподобната Теодора, кои до денес почиваат во нејзиниот манастир во Солун, истекуваше миомирисно миро, од кое се случуваа многу чудеса: бесови се истеруваа, слепите вид добиваа, и многу болни се исцелуваа во слава на нашиот Господ Исус Христос.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕРМОС
За својата вера во Христа пострада изгорен во оган.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КИРИЈА И ДУЛА
Госпоѓата Кирија и робинката Дула пострадаа за Христа посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПОМПИЈ
Со меч беше посечен за Господа Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПЕТ ДЕВОЈКИ МАЧЕНИЦИ
Овие свети маченици беа од островот Лезвос; пострадаа за Христа посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАКСИМ И ТЕРЕНТИЈ
Пострадаа за Господа посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЗИНОН
Светиот маченик Зинон пострада за својата вера во Христа откако беше премачкан со смола, па фрлен во оган, и во огнот прободен со копје.
СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕНОДОВНИ ОД ЦИ ТЕОНА, СИМЕОН И ФЕРВИН
Овие преподобни отци се подвичуваа во четвртиот век, и мирно се упокоија во Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ГЕОРГИЈ
Светиот новомаченик Георгиј е роден во Новиот Ефес. Беше оженет и родител на повеќе деца. Во 1790-та година во пијана состојба се одрече од христијанската вера и стана муслиман. Посрамен од тоа, тој се одрече од мухамеданството и тајно побегна од Ефес на островот Самос. Турците ги наклеветија ефеските христијани дека го убиле поради одрекувањето од верата, во подоцна Георгиј беше пронајден и насилно доведен од Турците во Ефес. Тој не сакаше да се изјасни како муслиман, И не се одрече од својата христијанска вера. Затоа беше мачен и затворен. Беше погубен со меч како христијанин, на петти април, во 1801 година во Ефес. Христијаните го погребаа неговото тело во гробот на светиот новомаченик Полидор.