19. Април  (6. Април)

УПОКОЕНИЕТО НА СВЕТИОТ РАМНОАПОСТОЛЕН МАКЕДОНСКИ УЧИТЕЛ И ПРОСВЕТИТЕЛ МЕТОДИЈ

Свети Методиј е роден брат на рамноапостолниот Кирил. Во раната младост беше војсководач и десет години управуваше со една славјанска област.

Штом го почувствува Божјиот призив, тој се откажа од високата служба и стапи во манастир на планината Олимп, во Мала Азија. По некое време при него дојде и Константин.

Кнезовите на Моравија и Панонија, Ростислав Светополк и Коцел, побараа од Византискиот император Михаил 3ти проповедници за Христовото учење на славјански јазик. Во нивните земји христијанството беше распространето одамна, но проповедниците биле Германци, служеле и проповедале на латински, и Христовото слово и Божјото Евангелие народот не можеше да ги разбере.

За ваквото дело императорот Михаил и патријархот Фотиј ги одредија Константин Философ и брат му Методија. Но, пред тоа, двајцата браќа ја напишаа богодадената славјанска азбука - глаголицата, го преведоа на славјански јазик Новиот Завет и неопходните богослужбени книги и заминаа за Моравија.

За време на својата апостолска дејност во Панонија, Методиј беше ракоположен од папата Адријан и стана архиепископ на Панонија и Моравија.

Тој многу пострада од германските свештеници. Беше клеветен на разни начини: пред месниот кнез дека отворено зборува за неговиот нечист живот; пред римскиот папа дека сака да ја отцепи Панонија и Моравија од неговата диоцеза; пред цариградскиот патријарх дека многу се зближил со папата.

Веќе остарен, тој требаше насекаде да се јавува лично и да ги изобличува клеветниците. На крајот неговите клеветници успеаја, и тој беше затворен две ипол години. Потоа беше пуштен со строга наредба од папата Јован 8ми.

По сите страдања, за кои што Му благодареше на Бога, Методиј со двајца свои ученици  свештеници започна да преведува  книги, кои што со својот брат не успеаја да ги довршат. Заедно со своите ученици го преведе целиот Стар Завет без Макавеевите книги, Номоканонот (правила на светите Отци) и светоотечките книги (Патерик). Свети Методиј започна со преводот во месец март, а го заврши на 26 октомври. Завршувајќи го прево дот, тој Му оддаде достојна пофалба и слава на Бога, и на свети Димитриј Солунски Мироточив, во денот во кој што го заврши својот труд. Кога  наближи времето да се одмори од страдањата и да добие награда за многуте трудови, го запрашаа:

- Чесни оче, кој ќе биде твојот наследник?

Покажувајќи кон Горазд, светителот рече:

- Ете го мажот од вашата земја, правоверен и добар познавач на латинските книги. Ако има Божја волја за тоа и љубов од ваша страна, тој нека биде мојот наследник.

Преку Светлата седмица свети Методиј дојде во црквата, но од слабост не можеше да служи, туку само се помоли за императорот, за славјанските кнезови, за клириците и за народот, и рече:

- Гледајте ме, деца, до третиот ден.

На третиот ден, на осамнување, блажениот се упокои во Господа на свештенички раце, со зборовите:

- Во Твоите раце, Господи, го предавам својот дух!

Тоа се случи на 6 април, во 885 година.

Се отслужи опело на латински, грчки и славјански јазик, и неговото тело го положија во соборниот храм во Велеград. За погребението се собра многуброен народ и сите со солзи го испраќаа својот добар учител и пастир, кој на сите им стана се.

Свети и чесни оче! Спомнувај не во своите молитви и нас, кои те призиваме, и избавувај ги од секакви напасти своите ученици, кои го распространуваат Христовото учење и ги изобличуваат ересите, за, откако достојно ќе го исполниме својот подвиг во својот живот, да можеме да застанеме заедно со тебе и твоето стадо од десната страна на Христа, нашиот Бог, и од Него да добиеме вечен живот. Зашто Нему Му доликува слава и чест во вечни векови, амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЕВТИХИЈ, патријархот Цариградски

Во селото наречено Божествено, во Фригија, е роден свети Евтихиј. Подоцна тој го огради своето село со камени зидови и надвор од него изгради голема црква во име на Светите Четириесет Маченици. Изгради и конаци во кои сместу доблесни луѓе, кои во монашкиот чин водеа ангелски живот. Со неговиот труд селото постепено се претвори во град. Таткото на свети Евтихиј, Александар, беше офицер а неговата мајка Синесија беше ќерка на чесниот и доблесен свештеник Исихиј, кој служел во црквата на градот Августопол. Додека Синесија го носеше во утробата благословениот плод, една ноќ ја осветли неискажлива светлина. Тоа беше знак дека таа ќе роди духовно светило што ќе биде просветител на многумина. Господ го осветли слугата Свој, како некогаш пророкот Еремија, уште пред да излезе од утробата на неговата мајка. Евтихиј беше крстен од неговиот дедо Исихиј,и тој го поучуваше во книгите. Уште додека беше дете, кај Евтихиј се забележуваа знаци на неговиот иден чин.

Кај неговиот дедо имаше многу деца, негови врсници, кои се школуваа исто како и Евтихиј. Еднаш, додека Евтихиј си играше со своите дугарчиња, забавата им се состоеше во тоа што секој го пишуваше своето име на зидот, покрај името на чинот, кој по претпоставка ќе го добие во животот. Кога дојде ред на Евтихиј, тој напиша: „Евтихиј, патријарх! - Тоа беше како некое пророчко претскажување од Бога за него“.

На дванаесетгодишна возраст родителите го испратија Евтихија во Цариград на повисоко образование. Таму тој покажуваше одличен успех и многумина надминуваше. При тоа увиде дека световната мудрост не доаѓа одозгора, според зборовите на светиот апостол Јаков: „Tоа не е мудрост која доаѓа одозгора, туку земна, душевна, бесовска“(Јак. 3, 15), и на своите јубители не им носи никаков духовен плод. „А мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, непристрасна и нелицемерна, полна со милост и добри плодови,“ (Јак. 3, 17) од кои се наситуваат нејзините њубители. Благоразумното момче ревносно ја бараше мудроста што доаѓа одозгора, и откако ја најде, одлучи да не му служи на светот, туку да Му служи на Бога како монах.

Како полнолетен и зрел човек, по Божја промисла беше спречен од монашењето поради тоа што митрополитот Манасијски i некои угледни луѓе со многу молби го натераа блажениот Евтихиј и без замонашување да прифати да биде епископ Лазихијски. Тој се покори на волјата на митрополитот како на волјата на самиот Господ, и тој го одведе во црквата „Пресвета Богородица“ наречена „Урбикиева“, бидејќи ја беше изградил војводата Урбикиј, и таму во крштелницата беше пострижан за црковен клирик. При постригот се случи неговата отсечена коса да падне во светата вода што се наоѓаше во крштелницата, и присутните со восхит велеа дека светиот купел, кој го роди со духовното раѓање, односно крштение, му стана кум при пострижувањето за клирик, примајќи ги во себе светите коси. Потоа беше произведен за ѓакон, а во својата триесетта година беше ракоположен за презвитер. Пред хиротонијата за епископ, по промисла Божја, за епископ Лазихијски беше посветено друго лице, а свети Евтихиј ја оствари својата поранешна намера, отиде во еден од амасиските манастири и се замонаши.

Тој манастир го подигнале светите Мелетиј, Ураниј и Селевкиј". Мелетиј и Селевкиј биле епископи секој во свое време, и откако се упокоиле во Господа од своите гробови им даваат чудесни исцеленија на болните. За великиот Селевкиј се зборува дека за време на животот бил чудотворец. Така еднаш, кога таа покраина ја зафатил голем глад, и сите доаѓале кај светиот Селевкиј за храна, неговата житница се испразнила. Тогаш човекот што го делел житото му ги предал клучевите на светителот. Тој ги зел и цела ноќ Му се молел на Бога, со Својата семоќна рака да испрати храна за гладните. Утредента житницата била преполна со пченица и секој земал од неа колку што сака, а житницата останувала полна. Бог ја умножувал по молитвите на светиот Селевкиј. А пак свети Ураниј бил епископ во Грузија, и таму бил погребан. И од неговиот гроб болните се исцелуваат од секакви болести.

Ете, од толку големи луѓе беше изграден манастирот во кој се замонаши свети Евтихиј. Примајќи го ангелскиот образ на себе, тој беше поставен за архимандрит на сите манастири во амасијската митрополија, и им беше одличен водач на монасите.

Во тоа време царуваше Јустинијан Велики?, и сите архијереји беа повикани на Петтиот Вселенски Собор“. Тогаш митрополитот Амасијски беше болен, и затоа како свој претставник го испрати преподобниот архимандрит Евтихиј. Кога се подготвуваше за пат, блажениот имаше вакво видение: Од небесниот свод прст од раката Божја беше пружен над високата планина што се наоѓаше над манастирот, каде што се наоѓаше и храмот на светиот маченик Талалеј, и дојде глас од небото, кој му говореше:

- Таму ќе бидеш епископ!

Кога се разбуди, тој се чудеше што би требало да значи неговото видение. А видението всушност ја означуваше високата чест на патријаршискиот престол, на кој што наскоро требаше да стапи тој по благоволение Божјо.

Кога допатува во Цариград, Евтихиј го затекна пресветиот патријарх Мина! на заминување од овој живот. Кога го виде, пресветиот Мина за него пророчки му рече на својот клир, дека тој ќе биде патријарх по него. И му нареди да отседне во патријаршијата. Пресветиот мило разговараше со него, насладувајќи се од неговите боговдахновени зборови. Потоа го испрати кај царот. Кога дојде кај царот, блажениот Евтихиј затекна некои еретици кај него. Тие започнаа да се препираат со него за догматите на верата, но не можеа да се спротивстават на неговата мудрост. Препирањето се водеше околу тоа, дали по својата смрт еретиците можат да бидат анатемисани. Едни велеа дека не треба да се анатемисуваат оние што по смртта се обелоденети како еретици, а свети Евтихиј го застапуваше мислењето дека еретиците и по нивната смрт треба да бидат анатемисувани, повикувајќи се на Светото Писмо, кога ерусалимскиот цар Јосија ги извади коските на идолопоклониците умрени пред многу години, и ги изгоре врз жртвеникот. (3 Цар. 13, 1-8; 4Цар. 23, 16). И рече:

- Така треба да се казнуваат и еретиците по нивната смрт.

И од тој час царот многу го засака преподобниот Евтихиј, и сите започнаа да го почитуваат и фалат.

Стариот патријарх Мина се разболе пред Соборот, и отиде кај Господа. Тогаш многу духовни луѓе со помош на поклони и посредници го бараа патријаршискиот престол од царот. Но, царот, чие што срце се наоѓаше во раката Божја, мислеше на блажениот Евтихиј. И му нареди на својот доглавник, знаменитиот човек Петар, да го чува амасијскиот архимандрит, за тој, одбегнувајќи ја славата, кришум да не побегне од Цариград. Тогаш светителот имаше и друго видение:

Видов, - раскажуваше тој -, еден голем и многу осветлен дом и во него скапоцена постела, и една чесна жена на име Софија, која ме повика внатре и ми ги покажа своите накити; на покривот од тој дом јас здогледав како едно момче стои на снегот. Се викаше Сотерик. Момчето беше во опасност да падне од кровот, а јас му притрчав и го спасив од падот.

Ова видение го имаше ноќта пред својот избор за патријарх, и тоа се исполни веднаш. Чесната жена Софија, која што ја виде блажениот ја означувала соборната црква во Цариград - Света Софија, а нејзиниот накит - црковните работи; а пак момчето Сотерик кое беше во опасност го означувало догматското вероисповедување кое било во опасност да падне во ерес, и му била потребна помош.

Освен тоа за преподобниот Евтихиј му беше откриено од Бога и на царот. За тоа тој со заклетва му кажуваше на својот Сенат и на клирот на великата црква:

- Бев на молитва во црквата на светиот Петар во Атира, и задремав. Тогаш го видов врховниот апостол како го посочува Евтихиј со раката, и ми вели:

- Овој нека биде поставен за епископ.

Кога го слушнаа тоа, сите едногласно повикаа:

- Достоен! Достоен! Достоен!

И така, со Божјо благоволение и откровение, свети Евтихиј беше поставен на патријаршискиот цариградски престол во својата четириесетта година.

Во почетокот на неговото патријархување се собраа светите Отци во Цариград, и се одржа Петтиот Вселенски Собор. На Соборот беа присутни: римскиот папа Вигилиј, александрискиот патријарх Аполинариј, антиохискиот патријарх Домн, кои заедно со патријархот на Новиот Рим Евтихиј, и со останатите свети Отци го утврдија благочестието, и ги предадоа на анатема еретиците. Додека свети Евтихиј мудро управуваше со Црквата Христова, ѓаволот преку своите слуги, еретиците, се крена против него. Тајно заведен од еретиците, царот Јустинијан по неколку години им се приклучи, и ја сееше афтартодокетската ерес, која учеше дека Господ Исус Христос, и пред смртта и воскресението имал негнилежно тело, без чувство за глад, жед, умор и болка. Ширејќи го ова еретичко учење, царот ја смутуваше Црквата, и ги тераше сите така да веруваат и исповедаат. Пресветиот патријарх Евтихиј одлучно се крена против таа ерес, и велеше дека таквото учење не е православно, туку еретичко. При тоа се повикуваше на Светото Писмо и на светите Отци, докажувајќи дека Господ Исус Христос, имал тело по се исто со нашето гнилежно тело, освен по гревот, и подложно на страдања. Раѓајќи се од Пресветата Дева, Христос во пелени беше повиен, со млеко хранет, беше обрезан и преку целото време на својот живот на земјата имаше потреба од храна и питие. Како може да биде негнилежно и неподложно на страдања телото кое претрпе распнување, и прободување со копје? Да, тоа било негнилежно, но само во смисла што било слободно од гревовната гнилост, и не се распадна во гробот.

Но, царот, не само што не сакаше да го послуша православното учење на патријархот, туку и на сите можни начини се трудеше да го натера да го потпише неговото еретичко учење.

Патријархот не се согласи да го потпише таквото царско зловерие и тогаш царот многу се налути. Поттикнуван од еретиците, а посебно од епарсите Етериј и Адеја, царот Јустинијан свика беззаконски собор на своите истомислени епископи. Тоа се случи во дванаесеттата година од патријархувањето на Евтихиј. На тоа збориште со помош на лажни сведоци еретиците изнесоа лажни клевети против невиниот светител, му судеа, го ибркаа од престолот добриот пастир, светиот човек, правоверниот архијереј Евтихиј, и на негово место избраа лажен пастир, некој си Јован Схоластик, нечестивец и човекоугодник. И на дваесет и втори јануари, на денот на светиот апостол Тимотеј, војниците дивјачки го изведоа свети Евтихиј од црквата. Епархот Етериј дојде со вооружена војска, и рикајќи како лут ѕвер нареди присилно да го извлечат светителот и тој самиот му ја соблече архијерејската облека и го испрати во прогонство во амасијската покраина. Но, подоцна Етериј го снајде казната Божја зашто по смртта на царот Јустинијан, тој и неговиот истомисленик Адеј беа лишени и од чинот, и од богатството, и од животот. Во ист ден, на трети октомври, и на двајцата им беа отсечени главите со секири, бидејќи праведници беа осудени на смрт поради своите зли дела.

Прогонет во амасијскиот крај во својот прв манастир, светителот Христов Евтихиј, го минуваше времето во молитви и правеше многу чудеса со благодатта Христова, исцелувајќи ги болестите човечки. Од тие чудеса ќе спомнеме неколку.

Во градот Амасија имаше еден човек по име Андрогин, кој заедно со својата сопруга тагуваше многу, зашто децата им се раѓаа мртви. Тие со солзи дојдоа кај светителот Божји да се помоли за нив, за да видат жив плод на своето сопружништво. Светителот ги помаза со свет елеј од кандилото пред животворниот Крст и од кандилото што стои пред иконата на Пресвета Богородица, и ѝ рече на жената која беше во блажена состојба:

- На детето што го носиш во својата утроба дадете му го името Петар, и тоа ќе биде живо. А писателот на ова житие, презвитерот Евстатиј, кој беше присутен таму, рече:

- А ако се роди женско дете, тогаш кое име да му го дадат? На тоа светителот пророчки одговори дека ќе се роди машко дете, и дека треба да му го дадат името Петар. И кога жената се породи и роди машко дете, му го дадоа името Петар, и тоа остана живо и порасна. Потоа им се роди и втор син и тие на раце го донесоа кај архијерејот Божји да им каже кое име да му го дадат. А тој им рече:

- Дајте му го името Јован, зашто Господ ја услиша вашата молитва во црквата на светиот Јован. Двете деца пораснаа и беа наследници на своите родители. Еден селски свештеник го доведе кај угодникот Божји својот етиринаесетгодишен син Нунехиј, кој беше глув и нем. Светитеот го помаза со свет елеј и веднаш му го отвори слухот и му го врза јазикот и тој започна да слуша и да зборува.

Еден црковен клирик Кирил имаше петгодишно синче кое исто така беше немо, и беше како полумртво, зашто не можеше ниту да умре ниту да живее. Светителот Божји со својата молитва потполно го оздраве, му го разреши јазикот и тоа започна да зборува.

Еднаш кај светителот донесоа едно четиригодишно детенце од градот Зела. Тоа беше многу слабо, со многу мало тело, само кожа и коски. Не можело да јаде, туку само по малку цицало мајчино млеко. И него светителот го помаза со свет елеј и го исцели.

Исто така и друго детенце, синче на еден амасијски занаетчија, ненадејно се разболе и беше на умирање. Но, угодникот Божји со својата молитва и со помазувањето со свет елеј го грабна од челуста на смртта.

Една селанка со своето седумгодишно синче беше тргнала во градот по некоја работа. Со неа имаше и други селани. По патот, на детето ненадејно му се одзедоа нозете под дејство на лукавиот, и тоа започна да се тркала по земјата зашто не можеше да оди. Го однеоа на раце во манастирот кај блажениот патријарх Евтихиј, и тој со својот вообичаен лек, молитвата и светиот елеј, го оздраве и тоа започна да оди.

Во близина на градот Амасија имаше женски манастир наречен Флавија. Од тој манастир кај светителот доведоа една млада девојка која не можела да се причести со Божествените Тајни, зашто за време на причестувањето ја обземал страв и трепет и таа викала и бегала од Светите Тајни. А кога некогаш со сила ќе ѝ ставеле во устата од Пресветите Тајни, веднаш ги повраќала како неподнослива горчина, зашто имало зол дух во неа. Архијерејот Божји усрдно се помоли за неа, и го избрка злиот дух од неа. Така исцелена, девојката мирно прими Света Причест од рацете на архијерејот.

Едно момче, уметник за мозаици, ги украсуваше храмовите со мозаици. Во куќата на амасијскиот граѓанин Хрисафиј, која тој ја претвори во црква, уметникот го симна од зидовите стариот мозаик и започна да прави нов од свети икони. Кога го отстрануваше стариот мозаик од еден зид на кој беше изобразена бесрамната Венера, демонот кој беше при таа слика го удри во раката со страшна болест, црн пришт, и целата рака му отече и загнои. Раната беше неизлечива и сите зборуваа дска треба да се отсече, за да не се прошири. Во таквите болки, момчето со лелекање отиде кај угодникот Божји Евтихиј, и тој се помоли на Бога, му ја помаза раката со свет елеј, потполно го исцели, и во третиот ден го пушти здрав. Тогаш момчето со својата исцелена рака, на местото на бесрамната Венера во мозаик го изобрази ликот на својот бесплатен лекар, пресветиот патријарх Евтихиј.

Светителот ја исцели раката и на друго момче, за која што лекарите му предлагале да ја отсечат.

Еднаш кај светителот донесоа едно лудо бесомачно момче, кое секојдневно страшно се мачело. Кога блажениот со молитва го осени со крстниот знак и му го помаза челото со свет елеј, демонската сила како прободена со огнено копје започна страшно да вика, исфрлајќи пена и чкртајќи со забите. Тоа беше знак дека момчето го мачат, не еден, туку многу демони. Момчето се вкочани, лежеше како мртво и многу се мачеше повеќе денови. Свети Евтихиј се чудеше зошто ова момче толку долго не го остава бесомачното мачење. Презвитерот Евстатиј, писателот на ова житие, по наредба на светителот го распраша момчето кое е, од каде е и како го снашла болеста. Тогаш момчето започна да зборува за себе:

- Јас бев монах во манастирот на светиот Јован во Акропол. Потоа го фрлив монашкиот чин и заминав во светот. Во светот познав жена и извршив многу гревови. И затоа сега, казнет од Бога страдам вака. А вие, ако можете помогнете ми.

Свети Евтихиј се помоли и го советуваше повторно да се врати во манастирот на својот монашки живот. Кога момчето вети, веднаш се избави од бесомачноста по молитвите на архијерејот Божји.

Преподобниот Евтихиј исцели и еден губав човек, но претходно му постави услов никогаш да не пие вино.

Друг човек, во парница на суд со свој ближен се заколнал лажно, и веднаш го снашла Божјата казна: го изгубил видот. Цела година не видел бело видело. Тогаш воден од други, со покајание дојде кај чудотворецот, го исповедаше својот грев и по милоста Божја и богопријатните молитви на светителот Христов, се врати во својот дом, гледајќи повторно.

И безброј многу мажи, жени и деца, болни од најразлични болести, кои доаѓаа кај светителот бргу се исцелуваа со молитвите негови.

За време на персијските напади од многу опустошени и опљачкани краишта и градови, луѓето дојдоа во Амасија. Тогаш настана голем глад, и угодникот Божји Евтихиј направи така што во неговиот манастир немаше оскудица за храна. Многу луѓе доаѓаа во манастирот и кога манастирскиот економ му соопшти на светителот дека им снемало и жито и брашно, тој Му се помоли на Бога. Потоа ги тешеше браќата, велејќи им:

- Надевајте се во Бога, и верувајте дека тоа што го давате на неволните Бог двократно ќе ви го возврати. Јас со вера се надевам во милосрдието Божјо, дека, како што во деновите на Илија не снема брашно кај вдовицата во Сарепта Сидонска, така и ние нема да оскудеваме, туку сите ќе бидеме сити и ќе Го славиме нашиот Бог.

И се случи според верата и зборовите на светителот. Иако лебот непрестано се раздаваше, тој не се намалуваше, туку напротив се зголемуваше. Така во деновите на гладот се прехранија и странците, и дојденците, и домашните.

Угодникот Божји Евтихиј не беше лишен и од пророчкиот дар. Три години пред смртта на царот Јустинијан, во Амасија сврати внукот на царот, Јустин, кој тогаш имал придворен чин, и патувал некаде по царска работа. Блажениот Евтихиј го повика насамо, и му рече:

- Чуј, господине управнику на дворецот. Иако сум грешен, јас сум слуга и свештеник на мојот Бог, Кој ме извести дека по смртта на твојот стрико, ти ќе станеш цар. Внимавај, извршувај ги многубројните задачи и гледај да бидеш достоен за извршувањето на волјата Господова.

Јустин Му благодареше на Бога и просеше молитвена помош од светиот пророк.

Подоцна, блажениот однапред со писмо го извести војводата Тибериј, кој се наоѓал во Сирија, дека тој ќе биде цар по Јустин. Во писмото му напишал: „Сега Бог ти дал делумно да управуваш со народот, но по кратко време ќе ти биде поверено целото царство“, Така и се случи.

Кога се упокои царот Јустинијан, и неговиот внук Јустин стана цар, умре и гореспоменатиот патријарх Јован Схоластик. Тогаш свјатјејшиот патријарх Евтихиј беше вратен од прогонството и народот го дочека со неопислива радост. Огромна маса од луѓе го чекаше и на море, и на копно, и сите воскликнуваа:

- Благословен е кој доаѓа во името Господово!

Го прими својот престол во недела на трети октомври, денот во кој неговите споменати непријатели, епарсите Етериј и Адеј, според пресудата на новиот цар беа казнети со смрт. Останатите денови од својот живот свети Евтихиј ги помина во мир. Ја украсуваше Црквата со православното учење и твореше многу чудеса. Поморот што ненадејно наиде тој го отстрани со молитвата. Се разболе на Воскресение и благочестивиот цар Тибериј дојде да го посети. Тогаш светителот му прорече дека по него ќе умре и тој. Така и се случи. Свјатејшиот Евтихиј боледуваше за време на Светлата седмица, и во Томина недела го повика својот клир, им даде благослов и последен целив на сите, и наредната ноќ заспа во сонот на привремената смрт во Господа, а неговата света душа отиде во вечниот незалезен ден, меѓу светите ерарси. Тоа се случи во 582 година. Се упокои во својата седумдесетта година. Свечено беше погребан во црквата на светите Апостоли, под олтарските скалила каде се наоѓаа моштите на светите апостоли Тимотеј, Андреј и Лука".

Благочестивиот цар Тибериј поживеа само четири месеци и осум дена по преставувањето на пресветиот патријарх Евтихиј и се упокои мирно, како што прорече светителот. За сето тоа ние го славиме Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, амин.

Историчарот Никифор пишува дека и царот Јустинијан, угледувајќи се на царот Константин Велики, кој оставил завет свети Атанасиј да биде вратен на својот престол, постапил исто така: Пред својата смрт, тој на својот внук и наследник Јустин му оставил завет, пресветиот патријарх Евтихиј да го врати од заточението на цариградскиот патријаршиски престол.

Исто така и царот Јустинијан пред смртта се одрече од афтартодокетската ерес и се упокои во верата. Затоа Црквата го спомнува со благочестивите цареви, и го празнува неговиот спомен на четиринаесетти ноември поради многубројните негови добри дела, неговата ревност кон Бога и неговото покајание.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА ПЛАТОНИДА

Преподобна Платонида најпрвин беше ѓаконица. Таа чезнееше за подвизите на осаменичкиот живот и затоа го остави светот и се повлече во Низибиската пустина, каде што основа манастир за девојки. Со својот побожен и подвижнички живот, таа им служеше на манастирските сестри и им беше пример за углед. „Носена ширум небото, Платонида засветли ширум земјата“.

Манастирот на света Платонида се одликуваше со исклучително строг устав: сестрите јадеа само еднаш дневно; слободното време од молитвата го минуваа во разни задолженија, посебно ракоделија; во петок, како ден посветен на страдањата Господови и Неговата крсна смрт за човечкиот род, во манастирот не се работеше ништо, и сестрите целиот ден го посветуваа само на молитви и богомислие; тој ден, од утро до мрак, сестрите го минуваа во храмот, каде во меѓувреме слушаа читање и толкување на Светото Писмо.

Преподобна Платонида ги поучуваше сите не само со зборови туку и со делата свои, Му угоди на Бога со својот доблесен живот и отиде кај Господа во 308 година, да се радува вечно во небесните живеалишта.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СТО И ДВАЕСЕТ МАЧЕНИЦИ кои пострадале во Персија

Кога персијскиот цар Сапор ја опљачка Византиската земја, во ропство одведе сто и дваесет христијани. Откако залудно ги присилуваше да се одречат од Христа и да му се поклонат на огнот, тој ги фрли во оган и живи ги изгоре. Меѓу овие маченици имаше и девет девици, кои беа посветени на Бога. Сите пострадаа чесно, помеѓу 344-та и 347 година, и се преселија во дворовите на царот Христос.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН И БОГОНОСЕН ОТЕЦ ГРИГОРИЈ СИНАИТ

Нашиот богоносен отец Григориј се роди во Асија во 1255та година во местенцето Кукула, во близина на Смирна, од богати и добродетелни родители. Кога порасна се здоби со прекрасно образование како во световните науки, така и во вистините на Светото Писмо. Тоа беше за време на царувањето на стариот Андроник Палеолог. Во тоа време Турците веќе продираа во Асија, и ги пљачкаа населбите меѓу кои и родното место на Григориј. Тогаш заедно со другите христијани и Григориј заедно со неговите родители беше одведен во ропство во Лаодикија. Таму варварите им дозволија да ја посетуваат црквата на лаодикиските христијани. Трогнати од тешката положба на своите браќа, Лаодикијците ги замолија Турците да ги ослободат робовите, нудејќи им паричен откуп. Турците го примија откупот и христијанските робови беа ослободени. Тогаш Григориј отиде на Кипар, и таму за кратко време го сврте вниманието врз себе, и заради своите прекрасни особини сите го засакаа и почитуваа, оти беше благолик и убавината на неговата душа ја надминуваше неговата надворешна убавина.

На островот Кипар Григориј се сретна со еден добродетелен монах кој живееше во безмолвие, се спријатели со него, му се придружи во осамеништвото и набрзо од него го прими монашкиот ангелски образ. Побожно самуваше и тихуваше со овој монах, и наскоро стана искусен во монашкиот живот, хранејќи се со неговите духовни поуки. Но, тој чезнееше за поголеми подвизи и затоа отиде на гората Синај и таму прими голем ангелски образ. За кратко време Григориј ги восхити и запрепасти тамошните подвижници со својот речиси бестелесен ангелски живот: неговиот пост, бдение, сеноќното стоење, непрестајните псалмопоенија и молитвите, го надминуваа секој опис. Се чинеше како тој да води спор со природата, сакајќи своето вештествено тело да го претвори во невештествено. Поради тоа, восхитувајќи се на неговите подвизи, тамошните подвижници обично го нарекуваа бестелесен. А за коренот на сите добродетели: неговата послушност и длабокото смирение, јас се колебам и да пишувам, вели светиот цариградски патријарх Калист, составувачот на животописот на божествениот Григориј. Но, бидејќи да се премолчи вистината значи да се огрешиш во неа, јас сум должен да го раскажам она што го слушнав од неговиот предан ученик Герасим. Според зборовите на блажениот Герасим, божествениот Григориј го извршувал секое послушание од настојателот со целото свое срце, без никакво одложување, секогаш замислувајќи дека неговата работа ја надгледува самиот Бог. Меѓутоа, и покрај сите свои послушанија, тој никогаш не ги пропушташе своите вообичаени молитвословија. Обично тој правеше вака: навечер, откако ќе добиеше благослов од настојателот влегуваше во својата ќелија, ја заклучуваше вратата и неговите коленопреклонувања, псалмопоенија, и устременоста на целиот ум кон Бога, продолжуваа до клепалото за утринска богослужба. Прв стоеше пред црковната врата, и штом ќе влезеше во црквата, никогаш не излегуваше од неа пред завршувањето на богослужбата. Неговата храна се состоеше од малку леб и вода, колку да се одржи во живот. Најпрвин му беше одредено послушание во кујната. Повеќе од три години се трудеше во ова тешко послушание. Кој би бил во состојба достојно да го пофали ова негово необично смирение? Тој секогаш сметаше дека им служи на ангелите а не на луѓето, и местото на своето послушание го сметаше за Божјо светилиште и олтар. Треба да спомнеме дека преподобниот беше многу надарен и како краснописец. Покрај сите телесни задачи, тој не ја напушташе и умствената работа. Со читањето на Светото Писмо и другите побожни книги, тој се занимаваше повеќе од сите тамошни отци и со знаењата ги надминуваше сите. Покрај сето тоа, имаше обичај да се искачува на светиот врв на Синај, И таму да извршува побожно поклонување на местото на древните и славни големи чудеса. За да му попречи во неговиот пат кон совршенството, ѓаволот успеал да створи смут меѓу неговите соподвижници и да предизвика завист во нив. Како ученик на кроткиот и смирен Исус, блажениот Григориј ја забележа таа погубна страст кај нив и тајно го напушти манастирот, земајќи го со себе достојниот на секоја чест Герасим. Герасим беше родум од островот Еврип и роднина на тамошниот кнез. Но, ги презре славата и сјајот на светот, се повлече на Синајската Гора, го запозна божествениот Григориј, и восхитувајќи се на неговите необични подвизи, стана еден од неговите ученици. Со Божја помош се издигна на највисокиот степен на делувањето и созерцанијата, та по свети Григориј, на многумина им стана образец на подвижнички живот.

Заминувајќи од Синај, тие дојдоа во Ерусалим на поклонение на животворниот Гроб. Ги посетија сите тамошни свети места и се упатија кон Крит. Таму се искрцаа во пристаништето наречено „Добра Лука“. По многу напори, на Крит најдоа една пештера и се населија во неа. Тука свети Григориј ги зголеми своите подвизи и поради безмерното воздржание лицето му пожолте, целосно ослабе и едвај се движеше. Меѓутоа овој блажен трудбеник во Бога имаше пламена желба да најде духовен старец кој би го упатил во она што се уште не беше го достигнал на патот кон духовното совршенство. И Господ бргу ја исполни желбата на Својот верен слуга. Со особено откровение божествениот Григориј беше известен за старецот Арсениј, отшелник, опитен во делувањето и созерцанието. Покренат со Духот Божји, самиот Арсениј дојде во ќелијата на свети Григориј. Прозорливиот старец Арсениј, како од некоја божествена книга поведе разговор со него за чувањето на умот, за трезвеноста и вниманието, за умната молитва, за очистувањето на умот со извршувањето на заповедите Господови, за тоа како умот може да стане светозарен, и за многу други работи.

По таквиот разговор, старецот го праша:

- Ати, чедо Григориј, какви врсти на делувања употребуваш?

Блажениот Григориј му раскажа се за себе, уште од најраната младост. На тоа божествениот Арсениј му рече:

- Чедо, тоа што ти ми го раскажа, богоносните отци го нарекуваат делување, а не созерцание - видение.

Кога го слушна тоа, блажениот Григориј падна пред неговите нозе и усрдно го молеше, дури и во името Божјо го заколнуваше, да го научи на умно делување и да му го објасни созерцанието. Божествениот Арсениј, не сакајќи да го сокрива талантот што му е даден од Бога, за кратко време го научи на се што самиот обилно беше добил од Божествената благодат. При тоа, тој на Григориј му откри и колку се разноврсни и неизбројни замките на врагот против нашето спасение, односно му раскажа се што им се случува на оние што се трудат во подвизите на доблестите од страна на демоните и од завидливите луѓе, кои лукавиот ги употребува како орудие за својата злоба.

Штом ги доби овие драгоцени поуки од божествениот Арсениј, свети Григориј замина за Света Гора. Сакајќи да се види со сите светогорски отци и да се удостои на нивните свети молитви и благослов, тој ги посети сите тамошни манастири, скитови, ќелии, пустини и непроодни места. При тоа виде подвижници украсени само со дејствителни доблести, и кога ги прашуваше дали ја практикуваат умната молитва, трезвеноста и чувањето на умот, тие му одговараа дека не знаат што е тоа умна молитва и чување на умот. Тој отиде во скитот Магула близу Филотиевскиот манастир и таму најде тројца монаси: Исаија, Корнилиј и Макариј, кои практикуваа не само делување туку и созерцание. Тука подигна ќелија за себе и за своите ученици; но својата ќелија ја постави на извесно растојание од ќелијата на своите ученици, за со помош на умната молитва да може потполно да се задлабочува во Бога и постојано да биде зафатен со Него. Така, собирајќи ги во себе сите чувства, соединувајќи го умот со духот и приковувајќи го на крстот Христов, тој често повторуваше:

- Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот!

Се молеше со умиление и скрушено срце, со воздишки од дното на душата, и ја оросуваше земјата со топли солзи, кои како потоци течеа од неговите очи. Господ не го презре таквото негово молење, и под дејство на Светиот Дух, тој, осветлен од божествената благодат виде дека неговиот дом е исполнет со светлина. Преполн со неискажлива радост и веселие, и лиејќи потоци од солзи, го проголтуваше божествената љубов. Врз него навистина се исполнија светоотечките зборови: делото е пат кон созерцанието. И бидејќи преподобниот беше над телото и светот, тој целиот се слеа со божествената љубов. Оттогаш таа светлина не престана да го осветлува. На моето прашање за созерцанието, вели животописецот, овој славен отец одговори:

- Оној што се издигнува кон Бога, со благодатта на Светиот Дух јасно ја гледа целата твар како во огледало „со тело ли не знам; без тело ли не знам“ (2Кор. 12, 2); гледа се додека не наиде на некоја препрека во текот на созерцанието, која ќе го примора да се врати во самиот себе.

Еднаш го видов блажениот отец Григориј како излегува од својата ќелија со радосно лице, и јас со својата простодушност го прашав која е причината за тоа. Тој како чедољубив татко ми одговори:

- Душата која се прилепила до Бога и ја проголтува љубовта кон Него, излегува над создаденото, живее над видливите работи, и исполнувајќи се со богочезнивост никако не може да се сокрие. А и Господ и ветил говорејќи: „Отецот твој Кој гледа тајно, ќе те награди јавно“(Мат. 6, 6); зашто тогаш срцето скока и се весели, целиот ум е пријатно возбуден, лицето е весело и радосно, според зборовите на мудриот: „Кога е весело срцето, лицето цвета“ (Изр. Сол. 15, 13).

Потоа повторно го запрашав:

- Божествени оче! Објасни ми, заради љубовта кон вистината, што е душата и како ја созерцаваат светителите?

А тој милно и со кроток глас ми одговори:

- Мило мое духовно чедо! „Не барај го она што е над тебе, и не испитувај го она што е посилно од тебе“ (Сирах. 3, 21), зашто се уште си млад, односно несовршен, и не можеш да ги сфатиш предметите што ги надминуваат твоите сили, како што и храната за возрасните не е корисна за малите деца.

А јас клекнав пред неговите нозе, цврсто се фатив за нив, и уште поупорно го молев да ми ја објасни таа толку важна работа. Најпосле тој кратко ми рече:

- Кој не може да го види воскресението на својата душа, не може точно да дознае што е умна душа.

Меѓутоа, јас, обраќајќи му се со стравопочитување, повторно прашав:

- Откриј ми, оче, дали ти си ја достигнал висината на тоа излегување, односно дали си дознал што е тоа умна душа?

Божествениот човек со голема смиреност ми одговори:

- Да.

Јас продолжив:

- Заради љубовта Господова, научи ме и мене на тоа, зашто тоа може да ѝ донесе голема духовна корист на мојата душа.

Тогаш тој го изложи следното:

- Кога душата ја употребува целата своја усрдност и се подвизува со помош на дејствителните доблести со должно расудување, тогаш таа ги победува сите страсти и ги потчинува на себе. А кога ќе се искоренат страстите, ја опкружуваат природните доблести и ја следат како што сенката го следи телото; и не само што ја следат, туку ја учат и поучуваат во она што е над природата, ја учат како некое искачување по духовна лествица. А кога умот со благодатта Христова ќе се искачи кај она што е над природата, тогаш тој, просветуван со блесокот на Светиот Дух, се протега кон јасно видение; тогаш, подигнувајќи се над самиот себе, според мерката на благодатта што му е дадена од Бога, многу јасно и чисто гледа суштински работи, и тоа, во никој случај не онака како што за тоа умуваат световните мудрејци, кои јурат само по сенката на работите, а не се грижат како треба да го следаат суштественото делување на природата. Ете, и Светото Писмо вели: „И нивното неразумно срце се помрачи; нарекувајќи се себе мудри, тие обезумија“ (Рим. 1, 21-22). Потоа душата, откако ќе прими обручење и благодат на Светиот Дух, по мноштво виденија што таа ги гледа, малку по малку го остава претходното и преминува кон високото и божественото, како што вели апостол Павле: „Заборавајќи го она што е зад мене, се стремам кон она што е пред мене“ (Фил. 3, 13). На тој начин таа навистина го отфрла стравот, и со љубовта се прилепува кон Женикот Христос, гледа дека нејзините природни помисли потполно замолчуваат и, како што велат светите Отци, остануваат назад. Штом ќе постигне безоблична и неискажлива красота, сега душата, осветлувана со светлото блескање и благодатта на Светиот Дух, разговара само со Бога. А просветувајќи се со таа безгранична светлина и стремејќи се единствено кон Бога, таа, после своите чудесни и нови промени, веќе воопшто не го чувствува своето скрушено, земно и вештествено тело, зашто излегува чиста и светла без никакви примеси од вештественото пристрастие, - излегува како потполно умно суштество, каков што бил и нашиот родоначалник Адам до гревопадот. Најпрвин тој бил покриен со благодатта на безграничната светлина, па потоа, поради горкиот престап бил лишен од таа блескава слава“, На сето тоа, оваа божествена глава го додаде и следното: „Човекот кој со трудољубиво упразнување на умната молитва достигнал толку прекрасна висина и јасно го видел своето сопствено устројство, до кое што дошол со благодатта Христова, веќе го видел и воскресението на својата душа, пред очекуваното општо воскресение, та душата, исчистена на таков начин, може да говори со божествениот Павле: или со тело, или без тело, не знам (2 Кор. 12, 2). Заедно со тоа, таа е во недоумица, и е запрепастена од сето тоа, и восхитувајќи се извикува: „О каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога! Колку се неиспитливи Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта!“ (Рим. 11, 33).

А што да речам за учениците на овој преподобен отец? Јас не наоѓам доволно сили во себе, за достојно да ги објавам сите нивни подвизи и нивниот ангелски живот. Само кратко ќе кажам: Според наставникот делумно може да се суди и за учениците негови.

Негов прв ученик беше свети Герасим. Тој беше од Еврип и ги користеше поуките на свјатјејшиот патријарх Исидор. Може да се каже дека овој нов Герасим беше одблесок на оној стариот, јорданскиот свети Герасим. Како што јорданскиот одеше по апостолскиот пат и дивата Јорданска Пустина ја претвори во многунаселена земја, населувајќи ја со земни ангели, така и овој, исполнувајќи се со божествената благодат и просветен од Бога, заминува во Елада, и на Балканот, и сите тие места апостолски ги помина, наситувајќи ги таму сите гладни и жедни за словото Божјо со преслаткото учење за добродетелите. Слично на Герасим Јордански, и тој не пропушти, овде, во оваа пустина, да основа (13 и 14 век) многу прибежишта на побожноста и чистотата, и на нивните жители да им предаде правила со висок морал, потребни за достигнување на првобитната човекова чистота. Подвизувајќи се така, тој уште тука на земјата се удостои да ја гледа славата однапред приготвена за угодниците Божји, и отиде кај Господа да се насладува со таа слава за навек.

Вториот ученик на преподобниот беше Герасимовиот земјак сонародник Јосиф. Тој немаше високо образование, но беше богат со вистинската мудрост што ја дарува Светиот Дух. Слично на Галилејските рибари кои ги победија царевите и царствата, и ги посрамија мудреците на овој свет, тој ги сотираше латинските мудрувачи. Неговата праведничка ревност за Православието на православните христијани им послужи како цврст бедем против латинските клевети. За сите негови трудови и подвизи во корист на Црквата, за неговото јуначко носење на својот крст, и за неговите тајни и Јавни доблести, составувачот на овој животопис не беше во состојба да ни раскаже подетално. Затоа и нам ни останува само со стравопочитување да Му се восхитуваме на Бога, чудесниот во светителите Свои, и да ги величаме Неговите угодници.

Блажениот животописец на свети Григориј не моли да го сослушаме и за третиот ученик на овој светител, за чудесниот ава Николај. Тој беше родум од Атина и веќе остарен кога тогашниот грчки цар Михаил Палеолог (1258-1282 г.) се занесе со лажното умување на Римската Црква. Откако отстапи од чистотата на Православието, царот се трудеше и сите свои поданици да ги повлече со себе во тој амбис. Но, кога божествениот Николај започна бестрашно да го проповеда словото Божјо и да го учи народот да го чува Православието и да не ги прифаќа гнилите латински догмати, Палеолог испрати кај него латински мудрувачи да го убедат да го прими западното зловерие. Овие сурови нечовечни пратеници наидоа на отпор од блажениот Николај, па затоа го врзаа, го оковаа, му ја избричија брадата, безмилосно го тепаа и го влечеа по улиците. Страдалникот Христов поднесе прогонства, одземање на имотот, фрлање во темница, но и таа бура бргу помина. Кога по смртта на царот Палеолог се врати мирот во Црквата Христова, тогашниот патријарх Јосиф се трудеше на сите можни начини да го ракоположи божествениот Николај за архијереј. Но, смиреномудриот го сакаше безмолвието, и се повлече на Света Гора. Тогашниот прот на Света Гора го постави блажениот Николај за еклесиарх во чесниот Карејски храм. Но по кратко време Николај се сретна со чудесниот Григориј, и штом ја слушна неговата слатка беседа со усрдие стана негов ученик. И, како во времето на Господ Исус Христос, и сега, оние што се стремеа кон поголеми доблести веднаш ги оставаа дотогашните грижи и тргнуваа по божествениот Григориј, зашто тој беше достигнал крајна побожност и потполно просветлена душа и тие целосно му се потчинуваа. Така постапи и овој почитуван Николај, иако беше веќе стар. Под мудрото и божествено раководство на свети Григориј, тој брзо стана опитен во секоја доблест, а со смирението ги надмина и сите браќа. Животописецот на свети Григориј зборува и за достојниот за восхит ученик Марко. Негова татковина беше Клазомена; кога порасна се замонаши во манастирот Исак, во Солун, а по кратко време дојде во Света Гора Атонска и се потчини на светиот Григориј. Ја стекна умната молитва и стана ризница и чувар на сите доблести. Посебно се одликуваше со смирение и послушност спрема целото братство, па како роб им служеше и на гостите. Затоа сите му се восхитуваа и го сакаа. Дури и во длабока старост божествениот Марко со голема радост и усрдност ги исполнуваше сите послушанија. На пример, додека беше готвач, никогаш не покажа дека му е тешко. Затоа Бог го награди со длабок душевен мир и спокојство на срцето и го исполни со неискажлива радост; неговиот пример им служеше за надградување на многумина. Додека ги гледаа неговите подвизи и ги слушаа негови благодатни зборови, сите добиваа обилна душевна корист. Заедно со оние што се надградуваа со неговиот ангелски живот бев и јас, и тоа повеќе од другите, зашто бев негов сожител речиси до неговата смрт. Двајцата бевме како една душа а две тела и не знаевме што е мое а што негово. Често се случуваше кога некој ќе го спомне Калист веднаш да го додаде и Марко. Светите отци во скитот на нашето едномислие гледаа како пример за пофалба, иако некогаш по ѓаволска завист се случуваше да избие некакво недоразбирање.

Божествениот отец Григориј благослови таквото едномислие меѓу нас да остане до крајот на нашиот живот и поткренуван со благодатта на Светиот Дух, додаде дека ќе се удостоиме на Царството Небесно ако останеме во тој единствен дух. Таквото наше пријателство продолжи цели дваесет години. Пред својата смрт Марко се разболе и беше приморан да премине од скитот во лаврата, и таму остана до својот крај. Но, просторната раздвоеност никогаш не го наруши нашето духовно единство. Блажениот Марко го достигна највисокиот степен на совршенството, и затоа е невозможно да се раскаже се за неговите доблести. Тоа што го раскажав, го раскажав без негова волја зашто тој ми нареди да не зборувам за неговите доблести. Но, бидејќи пофалбата за светителите се однесува на Бога, јас за душевна корист и надградба на другите сметав дека е праведно да не ги премолчам неговите подвизи.

Ќе споменам, вели блажениот патријарх, уште еден ученик на светиот Григориј, кој е достоен за пофалба. Тоа е ученикот Јаков. Под раководството на блажениот Григориј тој достигна таква висина на доблестите што се удостои на архијерејско достоинство и беше поставен за епископ во епархијата Сервион.

Нема да го премолчам и чудесниот Арон. Тој го изгуби видот и свети Григориј многу го сожалуваше поради тоа. Му објаснуваше на Арон дека слепилото на телесните очи не само што ги очистува душевните очи, туку и им дарува вечна светлина на оние што со благодарност го поднесуваат и цврсто се надеваат во Бога за сè. Кога со помошта на благодатта Божја ги очистуваме своите срца по пат на пламена и постојана молитва, тогаш се просветлуваат нашиот ум и разум кои се како две очи во душата. А кога ќе се просветат и отворат очите на нашата душа, човекот постанува духовен во Бога, и гледа природно - како што гледал Адам пред својот престап. Свети Григориј му го објаснуваше на Арон и падот на нашиот прародител и неговото враќање во првобитното совршенство. Слушајќи ги овие поуки Арон со скрушено срце Му се молеше на Бога вака:

„Господи, Боже мој! Ти си го подигнал паднатиот, со еден збор си го оздравел раслабениот, си ги отворил очите на слепиот. Сега со Своето неискажливо милосрдие подигни ме и мене, и не презирај ја бедната душа моја, не дозволувај да падне во провалијата на очајанието, туку како милостив отвори ги очите на моето срце, и всели го во него стравот Твој! Дај ми да ги разберам заповедите Твои, и да ја творам волјата Твоја!“

Ваквата смирена молитва на слепиот не беше залудна. Тој беше услишан од Бога, и очите на неговата душа така се просветија што телесниот вид повеќе не му беше потребен. Немаше потреба ни за водач по патот. Освен тоа, тој го гледаше делувањето на другите дури и на големо растојание од него. Еднаш, тој заедно со гореспоменатиот Јаков патуваше кај еден монах. Сe уште далеку од ќелијата на тој монах, Арон, просветен одозгора, му рече на Јаков:

- Монахот кај кого што одиме во своите раце држи Свето Четвороевангелие и го чита тоа и тоа зачало.

Кога дојдоа во ќелијата на монахот, тие видоа дека е точно тоа што Арон го рече по патот. Тоа е само мал дел од многуте такви примери за него.

Невозможно е да не се споменат и другите ученици на преподобниот: Мојсеј, Лонгин, Корнилиј, Исаија и Климент. Под мудрото раководство на свети Григориј, сите се украсија со делување и созерцание, а потоа самите стекнаа многу ученици, и мирно се упокоија во Господа.

Корисно би било да раскажеме нешто од она што Бог Му го беше подарил на чудесниот Климент. Климент беше родум од Македонија, и беше пастир во својата татковина. Една ноќ, се удостои на особена посета од небото. Здогледа необична светлина, која го осветлуваше неговото стадо и целите пасишта. Климент многу се исплаши, и се двоумеше за значењето на видението. Тој најпрвин помисли дека светлината е од изгрејсонцето, зашто пред малку беше задремал на својот стап. Додека размислуваше, таа светлина постепено отиде на небото и зад себе остави темнина и ноќ. Набрзо потоа Климент отиде на Света Гора и во скитот Морфина се потчини на еден прост но побожен и доблесен монах. Поучувањето на Климент кај тој монах се состоело само од молитвата: „Господи помилуј!“ По кратко време Климент повторно бил удостоен на божествена светлина. Тој му раскажа на старецот за своето видение и го замоли за негово објаснување. Но, неговиот старец самиот немајќи искуство во духовните работи, тргна со него за да го праша божествениот Григориј за тоа, Климент му раскажа на свети Григориј сè за себе, и го молеше да го вброи во неговата дружина. Преподобниот го прими со радост и го поучи во сè што може да му послужи на вечното спасесние. За Климентовата душа, која со текот на времето стана богоподобна, духовните виденија веќе не беа несфатливи. Тој кажуваше за себе дека кога божествениот Григориј го испраќал во свештената лавра, во времето кога отците пееле „Честњејшују...“, гледал како од небото слегува светол облак над лаврата и ја покрива. А кога завршувало пеењето на „Честњејшују“, тој облак пред неговите очи, заминувал со светлоста на небото. Поуките на божествениот Григориј биле корисни не само за неговите ученици туку и за секој што доаѓал кај него. Затоа речиси секој се сметал себеси за несреќен ако не биде кај свети Григориј, и не ги слушне неговите поуки. Неговото слово беше благодатно и секогаш раѓаше благотворен плод во срцата на слушателите. Како што во времето на поучувањата на великиот Петар во Корнилијевиот дом Духот Свети слезе врз неговите слушатели, така се случуваше и со оние што ги учеше божествениот Григориј. Тоа ми го раскажуваа оние што ја искусиле силата на неговото учење. Тие велеа:

„Токму во времето кога свети Григориј ги изложуваше своите расудувања за чистотата на душата и за тоа на кој начин човекот станува Бог по благодат, во нашите души се будеше божествен стремеж кон доблестите и необјаснива љубов кон Бога“.

Свети Григориј ги потикнуваше да се упразнуваат во умната молитва и чувањето на умот, како пустиниците, така и оние во општожитието, и тоа сите.

А ѓаволот не можеше да остане рамнодушен на ваквите подвизи на светиот Григориј. Тој поттикна против него надриучени монаси, кои од завист презедоа одлучни мерки да го протераат од Света Гора. Од незнаење со нив се согласија и некои простаци и неопитни во духовните тајни. Ваквите завидливци и духовни незнајковци викаа по божествениот Григориј: „Немој да не учиш на патот кој ние не го знаеме!“ - подразбирајќи ги под тоа умната молитва и чувањето на умот.

Преподобниот молчеше извесно време, а потоа зеде со себе еден од своите ученици и еден подвижник на име Исаија, кој многу беше пострадал од царот Михаил Палеолог поради своето несогласување со лажното учење на псевдопатријархот Јован Век, и се јави во протатот, заради претрес на своето учење. Протот го прими со убов и не најде никаква замерка во неговото учење, туку му замери што учи без негова дозвола. Но, знаејќи ги необичните подвизи на свети Григориј и вистинската возвишеност на неговото учење, тој прејде преку се, и се спријатели со него. Разговарајќи со Григориј и Исаија, тој говореше:

- Денес разговарам со апостолските поглавари Петар и Павле.

Кога отците кои не му беа наклонети на свети Григориј, видоа како тој со љубов беше примен од протот на Света Гора, и ги слушнаа неговите пофалби за својот божествен учител, се уверија во вистинитоста на неговото учење и оттогаш сите го сметаа свети Григориј за општ учител. Бројот на посетителите кај него многу се зголеми, и тој беше лишен од неговото омилено безмолвие, па затоа започна да ги менува местата на својот престој и понекогаш одеше и во најзафрлените и непроодни пустини. Но, ваквиот светилник никаде не можеше да се сокрие. Секаде го пронаоѓаа оние што беа желни да го слушнат неговото божествено учење од медоточивата уста негова. Ценејќи го трудот на тие што му доаѓаа, тој и во најпустите места градеше ќелии за да ги смести.

Во тоа време Агарјаните веќе ѝ претеа на Света Гора да ја ограбат и опустошат. Свети Григориј веќе имаше искуство од тешкото робување под овие варвари, и не сакајќи да се лиши од скапоценото безмолвие, сакаше повторно да оди на Синај, но дозна дека и таму нема да го најде саканиот мир зашто безбожните Сарацени како огнена лава веќе го беа поплавиле целиот Исток и тој реши да побара друго погодно место за созерцателен живот. Помина некое време во Солун, па отпатува во Митилина, па оттаму преку Цариград стигна во Созопол. Најде погодно место во една пустина и се насели таму. Но, и тука започна да го гони зависта на тамошните пустиници и да му се заканува по животот. Тој повторно се врати во Цариград, а од таму отиде на Света Гора. Во тие странствувања на светиот Григориј, јас со уште еден негов ученик, бевме негови неотстапни следбеници. За време на своето живеење во Созополската Пустина блажениот учител напиша 150 глави за трезвеноста, полни со дејствителност и созерцанија.

Светиот отец го примија во Лаврата со искрена радост и неговото доаѓање го сметаа за свое духовно славење. Со благослов на најстарите браќа од Лаврата, светителот изгради неколку ќелии за себе и своите ученици во близина, и таму разговараше со единствениот Бог. А кога по допуштање Божјо агарјаните повторно започнаа да ѝ се закануваат на Света Гора, преподобниот, не можејќи да безмолствува надвор од Лаврата, влезе внатре во неа. Поради своето созерцание, тој чезнееше за својата осаменост, ѝ затоа зеде со себе еден ученик и тајно ја напушти Лаврата, и отпатува во Адријанопол. Оттаму се оддалечи во една гора наречена „Недоверлива“. Тука тој најде навистина погодно место за својот живот; но таа гора беше речиси полна со разбојници кои многу го вознемируваа. Но, тој не се плашеше од нив зашто знаеше дека грабачите на земните работи не се опасни за оној што е речиси гол. Тука светителот слушна за побожноста на бугарскиот цар Александар. Со надеж во Бога, тој ги испрати кај него своите ученици да го молат за помош и заштита од разбојниците. Почитувајќи ги добродетелните, царот му помогна и направи повеќе отколку што молеше преподобниот. Богољубивиот цар подигна позната обител на таа гора и царски ја уреди. Исто така царот му испрати на светителот и доволно пари за издржавање на манастирот; поклони доста имот и едно езеро за риболов, а испрати и многу волови, овци и марви. Светителот овде го заврши остатокот од својот земен живот, продолжувајќи да се грижи за благата на душите на сите. Тој гореше од желба целата вселена да ја збогати со знаењето за излегувањето во висините на делувањето и созерцанијата, и тежнееше во сите да запали пламена убов кон тоа излегување. Тој го сееше своето божествено учење не само на Балканот туку и понатаму преку своите ученици. Дури и дивите разбојници и убијците тој ги претвораше во кротки и разумни овци, и ги водеше во стадото на Предвечниот Пастир и Просветител на нашите души. Такви се подвизите и животот на чудесната и блажена душа на свети Григориј. Овој трудбеник за Бога ја предаде својата блажена душа во рацете Божји во 1346 година, и се искачи на небесата, за таму постојано да се насладува со саканиот Господ Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух, слава чест и поклонение низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГРИГОРИЈ ВИЗАНТИСКИ

Преподобен Григориј беше родум од Визант, Цариград, и се подвизуваше во Света Гора крај Великата Лавра во тринаесеттиот век. Беше учител на божествениот учител Григориј Палама, големиот Атонски подвижник, борецот за исихазмот и подоцнежен митрополит Солунски (1296-1359 г.). Поради рамноангелскиот живот, ангел му носеше храна. Се упокои мирно во првата половина на четиринаесеттиот век.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕРЕМИЈА И АРХИЛИЈ

Овие свети маченици пострадаа за Господа Христа во треттиот век.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ГЕНАДИЈ

Преподобномаченикот Христов, Генадиј, се подвизуваше во манастирот Дионисијат во Света Гора. На совет од својот игумен, тој беше сопатник на новомачениците Бонифациј и Евдоким во Цариград, кои појдоа таму на страдање. Таму тој беше фатен од Турците и затворен во темница. Беше мачен на разни начини и залудно присилуван да се одрече од Христа. На крајот го прими венецот на мачеништвото со отсекување на главата во Цариград, на 6 април во 1818-та година. Дел од неговите мошти се чуваат во неговиот гореспоменат манастир.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЈЦА МАЧЕНИЦИ во Аскалон

Овие свети маченици во Аскалон беа закопани до градите во земјата, и така го завршија својот живот за Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПЕТ НОВОМАЧЕНИЦИ ГЕОРГИЈ, МАНУИЛ,ТЕОДОР, ГЕОРГИЈ и МИХАИЛ

Четворицата од овие новомаченици беа од островот Самотрак, а Михаил беше од островот Кипар. Со насилство и измама беа исламизирани во младоста и сега тие се каеја. За исповедањето на својата вера во Христа Бога беа погубени од Турците. Пострадаа на вториот ден од Томина недела, на 6 април во 1835 година, во приморското село Макра во Тракија, наспроти островот Самотрак. Михаил беше исечен на парчиња, Георгиј и Теодор беа обесени, а Мануил и Георгиј помладиот беа убиени со куки и куршуми.