24. Април   (11. Април)

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АНТИП

Во времето на светите Апостоли, кога зацарува Домицијан, настана големо гонење против христијаните. По целото царство царот распрати наредби до сите кнезови и велможи, христијаните без приговор да го примат многубожечкото безумно зловерие и да се поклонуваат на идолите. Тогаш многу христијани храбро го исповедаа словото Божјо, и за Спасителот Христос пострадаа огромен број маченици насекаде. Тогаш во заточение на островот Патмос беше испратен и црковниот столб на верата, темелот на христијанската вистина, проповедникот на предвечното Божество на Единородниот Син Божји, најпрекрасниот апостол - свети Јован Богослов. Таму, во откровение му се јави Господ „сред седумте светилници“ (Откровение 1, 13) и му нареди да им пишува на седумте ангели, односно на епископите на седум азиски цркви, соколејќи ги на соборно мачеништво. Во таа прилика устата Господова го спомна и светителот Антип, велејќи: „Антип, верниот сведок мој, беше убиен кај вас, каде е престолот на сатаната“ (Откровение 2, 13), зашто свети Антип беше епископ на Пергамската црква.

Од овие зборови во Откровението Јованово јасно се гледа дека Антип бил верен сведок Христов, и дека меѓу жителите на Пергам живее сатаната. Овде, среде нив, свети Антип беше како светлина среде темнината, како ружа среде трње, како злато среде калта. Или подобро речено како злато среде оган, според зборовите од Светото Писмо: „Како злато прекалено во топилница“ (Премудрост Соломонова 3, 6). Таму не се почитуваа ниту природните закони, ниту пак правилно се сфаќаа работите. Секој се однесувал по свое, и според својата моќ вршел насилство над другите. Секој се сметал себеси за храбар, добар и праведен ако злоставувал или одземал живот на некој христијанин. Овие неверници многу ги вознемируваа и злоставуваа христијаните. Блажениот Антип беше непоколеблив во верата и постојан во доблесното живеење. Тој не се смутуваше ни најмалку. Јуначки им се спротивставуваше на непријателите не плашејќи се од ништо, како својата човечка природа да ја беше претворил во ангелска. Иако му претеше опасност, тој често излегуваше меѓу народот и со светлината на чистата и права вера ја отстрануваше темнината на идолопоклоничката заблуда. Поради тоа демоните кои многубошците ги сметаа за богови, бегаа од Пергам и им се јавуваа на своите жреци, говорејќи: „Ниту ги јадеме вашите жртви, ниту уживаме во мирисот и жртвеното кадење, зашто не прогонува христијанискиот кнез Антип“.

Многу незнабошци се разгневија на светиот Антип, го фатија и го одвлекоа на местото каде што обично ги принесуваа своите погани жртви. Тука војводата го праша светителот:

- Ти ли си Антип кој не ги почитува царските наредби и други поучува да не им се покоруваат? Ти ли го попречуваш жртвопринесувањето на боговите, и не им дозволуваш на боговите да се насладуваат од жртвите или мирисот? Сите наши богови го напуштија нашиот град и заминаа, плашејќи се дека некоја голема несреќа ќе го снајде градот, бидејќи боговите повеќе нема да сакаат да ги чуваат. Е, доста зло ни нанесуваше со своите христијански магии! Покај се, и покори им се на нашите закони, та боговите кои владеат со овој прекрасен град да останат да се грижат за нас и да нѐ чуваат. Ако не го сториш тоа, според римскиот закон ќе бидеш подложен на заслужени маки.

Свети Антип одговори:

- Војводо, јас сум христијанин и нема да им се покорам на безумните и безбожни наредби на царот. Боговите на кои вие им се поклонувате, и за кои велите дека се господари на вселената, самите тврдат дека ги прогонува смртен човек. Оние што вие ги сметате за свои заштитници и одмаздувачи бараат помош од вас. Од тоа лесно можете да ја видите вашата заблуда. Кога не се во состојба да се одмаздат за своето страдање и признаваат дека се победени од еден човек, како тогаш можат да го избават од некоја беда целиот човечки род или некој град? Размислувајќи за тоа, должни сте да отстапите од својата погубна заблуда и да поверувате во Христос, Кој слезе од небото да го спаси човечкиот род, и при крајот на светот навистина пак ќе дојде да им суди на сите и на секој ќе му даде според делата негови.

Бидејќи свети Антип одговори така благоразумно, војводата започна да му зборува вака:

- Вие им се покорувате на новите закони и правила што сте ги измислиле и го отфрлате старото богопочитување, што ние го примивме од нашите претци. Не е добро да се отстапи од обичаите на нашите прадедовци. И ти треба да го промениш своето верување, и да не следиш човек кој неодамна се појавил и со своите магии го смутил човечкиот живот, и бил распнат за време на Понтискиот Пилат. Покори им се на царските наредби за да поживееш безбедно со нас, зашто постојано ќе ти бидеме на помош и ќе те сакаме како синови. Ти си стар и заслужуваш да те почитуваме и сакаме како татко.

На тоа свети Антип одговори:

- Ти можеш и да ги заглушиш моите уши од зборување, но јас нема да бидам толку безумен и неразумен, та во староста и на работ од гробот да ја променам својата вера и заради овој беден живот да отстапам од своето цврсто вероисповедување. Немој да го прелестуваш мојот ум. Тој постојано се наоѓа во читање на Светото Писмо. На почетокот немаше ниту еден ваш бог, туку се појавија подоцна и никакво добро не направија, ниту пак ни донесоа некаква корист. Самите тие беа гадни и расипани луѓе, и станаа виновници за лошиот живот на другите страстољубиви луѓе. Ако треба да се чуваат древните лоши обичаи и прописи, тогаш треба да го подражаваме и братоубиецот Каин. Зошто не ги следите оние кои сакале да се искачат на небото и кои не се посрамиле да грешат со своите сестри поради што и се случи потопот, истребувајќи го нивниот род? Затоа што престанаа да одат по правиот и благочестив пат. Ако, пак, вие посакате заради нивната древност да ги подражавате нивните безаконија, тогаш ќе бидете казнети, не со вода, туку со вечниот оган, и ќе ве јаде црвот кој не умира. Тоа ќе ве снајде ако не се покаете.

Тогаш светиот маж го дофатија безбожни луѓе и го одвлекоа пред храмот на Артемида, каде што стоеше излиен вол од бронза. Го вжештија волот и во него го фрлија слугата Божји. А свети Антип се прекрсти, и се молеше на Бога во огнениот вол, говорејќи:

- Боже, Ти ни ја објави од векови сокриената тајна на нашиот Господ Исус Христос и со Него ни ги откри несфатливите таинства на предвечниот Твој совет. Ти благодарам за сите Твои добра зашто ги спасуваш сите што се надеваат на Тебе. Во овој час, удостој ме да бидам вброен меѓу светите маченици кои пострадаа за светото име Твое. Прими го мојот дух и дај ми да најдам благодат во Тебе и во единородниот Син Твој! И не само мене, туку и оние по мене опсипај ги со милоста Своја, за сите да го слават Твоето свето име за навек. Амин.

Свети Антип долго се молеше така мачен во вжештениот вол. Потоа, творејќи молитва за целиот свет, го предаде духот во рацете Божји, како да заспа во сладок сон, и отиде на небото, украсен со славниот венец на мачеништвото, во 92 година. Неговите свети мошти ги зедоа благочестиви луѓе и чесно ги погребаа во истиот град Пергам. Од нив потече миро, исцелувајќи ја секоја човечка болест, во слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славен за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПРОКЕС И МАРТИНИЈАН

Овие свети маченици најпрвин беа незнабошци и надзорници на Мамертинската темница во Рим. Во таа темница беа затворени светите апостоли Петар и Павле поради проповедањето на христијанството. Гледајќи ги чудесата што ги чинеа апостолите во темницата, Прокес и Мартиријан поверуваа во Христа. А кога апостол Петар по молитвата нацрта крст на Тарпејската карпа и изведе вода од неа, се крстија и сите затвореници во темницата. Беа четириесет и седум на број. Откако поверуваа во Христа и се крстија, Прокес и Мартиријан ги пуштија светите апостоли од темницата. Апостолите излегоа од Рим, но по пат, одејќи кон Рим, на Петар Му се јави Господ. Петар го праша: „Каде одиш, Господи?“ А Господ му одговори дека оди во Рим за повторно да биде распнат. Посрамени, апостолите се вратија во Рим, каде беа фатени и убиени.

Меѓутоа, на началникот по име Павлин му беше доставено дека Прокес и Мартиријан станале христијани. Павлин ги повика кај себе и започна да ги советува да го напуштат христијанството. Но, кога тие одбија и похулија на идолите, Павлин нареди да ги тепаат по устите. Потоа многу упорно ги наговараа да се одречат од Христа, но тие останаа цврсти во својата вера. Затоа ги обесија за дрво, па жестоко ги стругаа со железни орудија и ги гореа со оган. Светите маченици јуначки ги поднесоа тие страдања. При тоа ги тешеше и бодреше една римјанка по име Луцина.

Казната Божја наскоро го стигна безбожниот мачител Павлин. Кога издаде наредба да ги мачат овие двајца свети христијани, тој го изгуби левото око, и мачен од зол дух по три дена умре. Синот на Павлин настојуваше кај градоначалникот на Рим, веднаш да бидат посечени Прокес и Мартиријан. Тоа беше сторено, Нивните чесни тела ги погреба споменатата Луцина

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА ТРИФЕНА

Беше од Кизик. Се упокои во мир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ФАРМУТИЈ

По наредба на ангел Божји, преподобен Фармутиј го хранеше светиот Јован Бунарец, за време на неговото десетгодишно подвизување во бунарот (види 29 март). Мирно се упокои во Господа. Живееше во четвртиот век.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈАКОВ ГАЛИЧКИ

Беше благородник и ученик на светиот Сергиј Радонежски. Недалеку од Галич, во Костромската губернија основа манастир и беше игумен. Од Бога доби дар на прозорливост. Се упокои во 1442 година. Од неговите свети мошти се случуваат многу чудеса.

СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ ЕФТИМИЈ И ХАРИТОН СЈАНЖЕМСКИ

Овие преподобни отци основаа манастир крај реката Сјанжема, недалеку од Вологда. Живееја вистински подвижнички живот, служејќи им за пример на останатите браќа. По многу богоугодни трудови игуменот на обителта свети Евтимиј се претстави околу 1465-та година, поставувајќи го за свој наследник преподобниот Харитон. Преподобниот Харитон управуваше со манастирот над четириесет години и се упокои во 1509-та година. Нивните свети мошти почиваат во нивниот манастир, во црквата „Вознесение Господово“.