23. Април (10. Април)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТЕРЕНТИЈ, АФРИКАН, МАКСИМ, ПОМПИЈ, ЗИНОН, АЛЕКСАНДАР, ТЕОДОР и останатите 33 со нив
Безбожниот римски цар Декиј, кој сакал сите да ги обрати кон својата погубна идолопоклоничка вера, испратил указ до сите области на своето царство, христијаните да бидат принудувани на идолослужење. Да бидат терани да јадат од жртвите принесени на идолите, а непослушните да бидат судени. Кога управителот на Африка, Фортунијан, го доби указот, го собра целиот народ, седна на судискиот стол и изјави:
- Принесете им жртви на идолите, инаку ќе бидете жестоко мачени и ќе загинете со страшна смрт.
Со тие зборови управителот им ги покажа орудијата за мачење и мнозина се уплашија кога ги видоа и се одрекоа од Христовата вера. Но, дел од верните, четириесет на број, цврсто решија да умрат за Христа и си велеа еден на друг:
- Ќе бидеме цврсти, браќа, и нема да се одречеме од нашиот Бог Христос, за и Он да не се одрече од нас пред својот Отец небесен. Да паметиме што рекол Господ: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“ (Матеј 10, 28).
Додека Христовите слуги се бодреа меѓу себе со такви зборови, Фортунијан им рече:
- Се чудам, како вие, луѓе во зрела возраст и разум, сте стигнале до такво безумие, та за единствен Бог и Цар Го признавате Оној, Кого што јудеите Го распнале како злосторник.
Свети Терентиј му одговори:
- Ако ти, управителу, Ја оставиш идолската заблуда и ја разбереш силата на Христа Распнатиот, ќе Му се поклониш и ќе Му служиш; зашто Он е Син Божји, благ, милосрден и милостив; по благоволението на Бога, Својот Отец, Он слезе на земјата, Го соедини своето божество со човечката природа и доброволно беше распнат заради нашето спасение.
Управителот рече:
- Принесете им жртва на боговите, инаку ќе ги изгорам вашите тела и ќе ве погубам.
Свети Терентиј му возврати:
- Мислиш ли дека ќе не уплашиш? Ние не сме толку слаби за да го оставиме бесмртниот живот и Подателот негов, па да им се поклониме на идолите. Побрзај да го извршиш тоа што си го наумил, зашто ние засекогаш ќе останеме Христови слуги.
Тогаш управителот гневно нареди да ги соблечат и да ги одведат во идолскиот храм. А идолите беа украсени со злато, сребро и скапоцености. Управителот влезе во храмот и им рече на светиите:
- Принесете му жртва на моќниот бог Херкулес, зашто е голема неговата сила.
Свети Терентиј му рече:
- Се лажеш. „Твоите богови се камења и дрвја, бакар и железо, украсени со злато, дело на раце човечки, за да ги прелажуваат луѓето и да ги одвраќаат од вечниот живот; очи имаат но не гледаат; уши имаат но не слушаат; ниту пак, во устата нивна има здив; слични на нив ќе бидат оние кои ги прават, и секој кој на нив се надева“(Пс. 134, 18). Кажете, зарем вашите богови можат да си помогнат на себе или да ги казнат оние што ќе ги навредат? Кога не можат да си помогнат самите на себе, тогаш како нам ќе ни помогнат?
Кога го слушна тоа, управителот нареди да ги затворат Терентиј, Африкан, Максим и Помпеј во внатрешниот дел на темницата и строго да ги чуваат, па рече:
- Утре ќе ги изведам на испрашување.
А пак на блажените Зинон, Александар, Теодор и останатите, сите триесет и шест на број, откако заповедаше да ги доведат во судот близу до идолскиот храм, им рече:
- Од првото препирање со вас немаше успех и полза. Затоа сега послушајте ме и принесете му жртва на великиот бог Херкулес.
Светиите возвратија:
- Ние многупати до сега кажавме дека сме христијани; уште од првите прашања ти сфати дека никогаш нема да можеш да не убедиш да им се поклониме на нечистите идоли.
Управителот рече:
- Штом не сакате доброволно да се потчините, сега силум ќе ја исполните заповедта на непобедливите цареви. И заповедаше беспоштедно да ги тепаат со бодликави прачки и суви жили. Светите маченици ги кренаа рацете кон небото и во еден глас повикаа:
- Погледни кон нас, Господи Боже наш, помогни ни нам, Твоите слуги, и избави не од врагот.
Кога го слушна тоа, управителот заповеда да ги тепаат уште посилно, така што слугите многу пати се менуваа, а прачките и жилите се трошеа. Тогаш тој нареди да ги тепаат со стапови, макар што веќе им се гледаше внатрешноста, а лицата им беа толку светли и радосни, што сите се чудеа на непобедливото трпение и храброста на светиите. По бичувањето управителот им рече:
- Принесете им жртви на боговите и ќе ве пуштам.
Светите молчеа, а тој во својот гнев заповеда да вжештат железни стапови, да им ги горат плеќите, раните да им ги полеваат со оцет и сол, и да ги тријат со груби партали. Тогаш светите Христови маченици погледнаа кон небото, говорејќи:
- Господи Боже наш, Ти си ги спасил од огнената печка трите момчиња Ананиј, Азариј и Мисаил, не дозволувајќи пламенот ни најмалку да ги повреди, Ти си го избавил од устата на лавовите Даниил; Ти си го спасил Мојсеј од рацете фараонови; Ти си ја заштитил света Текла! од огнот и ѕверовите; Ти на своите возубени им даваш совршен триумф над непријателите; Ти си го воздигнал од мртвите Великиот Пастир на овците, Синот Твој, нашиот Господ Исус Христос; и ни правиш најразлични благодејствија; Ти си ја створил светлината и си го распрострел небото како кожа; Ти го знаеш бројот на ѕвездите, и на сите нив им даваш имиња; Ти си ја испратил вистината по сите краеви на земјата; слушни не сега и нас, кои Ти се молиме, и избави нè од нашите неволји, зашто твојата слава е за навек, амин.
Се уште не беа завршиле со молитвата, а намесникот повторно се разбесни и нареди да ги стругаат со железни нокти. И крв како потоци потече од нивните ребра. Но и покрај страшните маки, тие ни најмалку не попуштија зашто Бог ги крепеше. Намесникот ги праша:
- Ве вразумија ли маките? Спремни ли сте да отстапите од своето безумие или се уште останувате во своето нечестие?
Светиите не му возвратија, а тој јаросно рече:
- Вам ви зборувам нечестивци!
Тогаш светиите со вперен поглед кон небото рекоа:
- Семоќен Боже! Ти некогаш си излил оган врз градот Содом заради неговото беззаконие. Сега заради твојата вистина разруши го овој нечестив храм на нечестивите богови!
Откако го рекоа тоа се прекрстија, дувнаа во правец на идолиштето, и веднаш идолите што беа во него паднаа со голем тресок и се искршија. Тогаш светите маченици му рекоа на намесникот:
- Гледаш ли какви се твоите богови? Каде е сега нивната сила? Можеа ли да се заштитат?
По кратко време и храмот падна и се сруши до темел. Тогаш намесникот страшно гневен од разрушувањето на храмот и идолите, заповедаше да им ги отсечат главите на светите маченици. Тие се израдуваа, Го прославија Бога и со радост тргнаа кон местото каде што требаше да се изврши пресудата. Таму ги приклонија колената, ги наведнаа своите глави под мечот заради Христа и беа убиени. Верниците ги зедоа нивните тела и ги погребаа на свето место.
Откако ги убија тие свети маченици, управителот заповеда да ги доведат кај него светите Терентиј, Африкан, Максим и Помпеј, и им рече:
- Принесете им жртва на боговите, инаку ќе загинете со страшна смрт и никој не ќе може да ве избави од моите раце.
Светиите му одговорија:
- Ние сме христијани, и во Христа ја полагаме целата наша надеж; а на бесовите нема да им се поклониме и нема да им служиме на твоите богови и не се плашиме од твоите маки; ние веруваме во нашиот Бог и ти ќе бидеш победен од нас, како што ѓаволот е победен од Христос, Кој ќе ни даде сила да ги победиме твоите зли намери.
Управителот нареди повторно да ги одведат во темницата откако ќе ги оковаат во тешки окови, и да не пуштаат никого кај нив за некој да не им донесе храна. Кога светиите во вакви маки Му се молеа на Бога, на полноќ во темницата огреа светлина, се јави ангел Господен и им рече:
- Слуги на вишниот Бог, станете и поткрепете ги телата свои.
Кога го рече тоа, ангелот ги допре нивните окови, Тие веднаш паднаа и пред нив се појави трпеза полна со најразлични јадења. Ангелот рече: „Одморете се, и изедете ја храната што ви ја испрати Христос“. Благословувајќи го Христа Бога, светиите се поткрепија со храната и Му благодареа на својот Владика. Стражарите забележаа светлина во темницата, влегоа внатре и кога ги видоа светите маченици радосни и весели, веднаш го известија управителот.
Утредента тој ги доведе мачениците во судот и им рече:
- Ве вразумија ли маките? Спремни ли сте да отстапите од вашето безумие? Дојдете при боговите и поклонете им се!
Свети Терентиј одговори:
- Безумието наше е со нас и со сите кои Го љубат Бога, „зашто она што е безумно за Бога, помудро е од луѓето“, а човечката мудрост е безумие пред Бога (Кор. 1, 25. 20). Ние би биле луди и безумни, кога би Го оставиле Бога и би им се поклониле на бесовите, како што правиш ти.
Разгневен од нивните зборови, управителот нареди да ги обесат и да ги стругаат со железни куки. Додека ги мачеа, светиите се молеа на Бога велејќи:
- Исусе Христе, Сине Божји, Кој живееш во веки, светлино христијанска, надеж наша, биди со нас и помагај ни, и немој да не посрамиш зашто страдаме за светото име Твое.
Молејќи се така, тие не ги чувствуваа маките, зашто Христос им ги олеснуваше страдањата.
Потоа управителот заповедаше повторно да ги фрлат во темницата, ги собра сите маѓепсници што маѓепсуваат зверови и змии, и им нареди преку заколнување да соберат најстрашни и најотровни аспиди и змии и да ги пуштат во темницата при мачениците. Но, влечугите ползеа низ нозете на светите маченици без да се допрат до нив, и да им наштетат; а светиите Го воспеваа и славеа Бога. Така поминаа три дена и три ноќи. На четвртата ноќ управителот испрати да видат дали змиите ги усмртиле мачениците. Кога приближија до вратите од темницата, пратениците слушнаа како светите затвореници пеат и Го славословуваат Бога. За подобро да разберат што се случува внатре, тие се качија на покривот, го отворија и видоа како светиите седат, а ангел Божји не им дозволува на змиите да се доближат до нив. Кога го видоа тоа, пратениците се стаписаа и веднаш му соопштија на управителот.
Рано наутро управителот нареди заколнувачите да ги тргнат од темницата змиите, аспидите и ехидните, а мачениците да ги доведат на суд. Кога заколнувачите отидоа во темницата и започнаа да ги кажуваат своите вообичаени заколнувања, змиите не ги послушаа, туку со голема јарост се нафрлија на нив и ги искасаа до смрт, и нив, и сите што беа таму со нив. Потоа ги доведоа светиите во судот, а кога управителот ги виде неповредени многу се разјари и ги осуди на посекување со меч. Тогаш страдалниците, исполнети со неопислива радост, весели тргнаа кон смртта, пеејќи:
- Ти нè избави, Господи, од оние што не навредуваа, и ги посрами оние што нè понижуваа.
Слугите кои што ги одведоа на местото на егзекуцијата, го исполнија тоа што им беше заповедано, и Христовите исповедници се здобија со маченички венец. Благоговејни мажи ги прибраа нивните свети тела, и чесно ги погребаа недалеку од градот, во слава на нашиот Спасител Исус Христос, Кој живее и царува во вечни векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈАКОВ И АЗАС
Овие свети маченици пострадаа за Христа во 332 година, во времето на персијскиот цар Сапор 1ви (325-379 г.). Презвитерот Јаков беше од местото Фарната, а ѓаконот Азас од Витниора. Изведени пред врховниот маѓепсник Ахосхарган, тие смело ја исповедаа верата во Христа. Затоа во устата им излеваа оцет помешан со жолчка; потоа ги тепаа, па ги обесија голи на отворено место и ги оставија цела ноќ на мразот. Кога ги симнаа, ги присилуваа да им се поклонат на сонцето и на огнот, но тие одбија. Тогаш кнезот нареди да им ги отсечат главите. Така овие блажени венценосци се искачија на небото.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ШЕСТ ИЛЈАДИ МАЧЕНИЦИ во Грузија
Во Давидо-Гареџијската пустина во Грузија имаше дванаесет манастири во кои со векови се подвизуваа многу монаси. Во 1615 година Грузија беше нападната од шахот Абас 1ви. Тој ја опустоши целата земја и уби безброј христијани. Еднаш, одејќи на лов, во очи на Воскресение, тој во планината виде многубројни светилки. Тоа беа монасите од сите дванаесет манастири, во литија околу црквата Воскресение Христово, со свеќи во рацете. Кога шахот дозна дека тоа се монаси, зачудено се запраша:
- Зарем се уште цела Грузија не е предадена на меч?
И им нареди на војниците веднаш да отидат и да ги убијат сите монаси. Во тоа време ангел Божји му се јави на игуменот Арсениј и му ја објави блиската смрт. Арсениј им го соопшти тоа на браќата и сите се причестија со пречистите Тајни и се приготвија за смрт. Тогаш дојдоа напаѓачите, и најпрвин го исекоа на парчиња игуменот, кој прв излезе пред нив, а потоа останатите. Сите пострадаа чесно и добија несвенливи венци, во 1615-та година. Така заврши историјата на овие знаменити манастири кои повеќе од илјада години служеа како огниште на духовната просвета за Грузијците. Денес постојат само уште два: манастирот „Свети Давид“ и манастирот „Свети Јован Преттеча“. Грузискиот цар Арчил ги собра сите маченички мошти и чесно ги погреба. Тие мошти и до денес испуштаат целебно миро и исцелуваат болни.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ГРИГОРИЈ 5ти, патријархот Цариградски
Христовиот свештеномаченик и вселенски патријарх Григориј е роден во 1745-та година во Димицана на Пелопонез, од побожните родители Јован Ангелопулос и Асимина. На крштевањето тој го доби името Георгиј. Кога заврши основно училиште во своето родно место, младиот Георгиј најпрвин отиде во Атина, а потоа во Смирна. Тогаш имаше околу дваесет години. Остана малку кај своите роднини во Смирна посетувајќи училиште, и потоа одлучи да се замонаши и стапи во еден манастир на островот Строфадон, каде наскоро беше замонашен со името Григориј. Од овој манастир отиде на островот Патмос за изучување на богословските науки, во тамошната богословска школа наречена Патмијада.
Уште додека престојуваше во Смирна го запозна митрополитот Смирнски Прокопиј. Кога заврши со школувањето на Патмос, овој митрополит го повика во Смирна и го ракоположи најпрвин за ѓакон а потоа и за презвитер. А кога наскоро митрополитот Смирнски беше избран за патријарх Цариградски, на неговото место блажениот Григориј беше хиротонисан за митрополит Смирнски во 1785-та година. Како митрополит на градот Смирна, тој полни дваесет години татковски се грижеше за богоповерената паства и нејзиното спасение. Во тоа време беше избран и за член на Светиот Синод во Цариград. Во 1797 година по оставката на патријархот Герасим 3ти (1794-1797 г.), Григориј едногласно беше избран за патријарх Цариградски и го наследи епископскиот престол на великите отци и пастири на светата Црква Христова во Константиновиот град. Како патријарх и глава на поробениот христијански народ, свети Григориј пред се се грижеше да го проповеда и сведочи Евангелието на Спасителот и да го зачува почитувањето и држењето на заповедите Божји и каноните црковни. Живееше многу скромно и подвижнички строго.
Во тоа време состојбата во турската држава беше тешка. Христијанскиот народ се уште страдаше под тешкиот агарјански јарем. Посебно тешка беше тиранијата на злите јаничари. Поради нив многу христијански народи во разни краишта креваа востанија против Турците. Едно такво востание изби по наговарање на французите во 1798 година на островите во Јонското Море. За тоа востание Али-паша го извести султанот, а султанот подготви огромна војска за да ги казни бунтовниците. Тогаш светиот патријарх Григориј посредуваше кај султанот самата Црква да ги среди тамошните немири, и успеа да добие одобрение од него. Испратен за тоа од патријархот, протосинѓелот Јоаникиј успеа да ги смири христијаните во Арта, и на тој начин беше отстранета опасноста од страшен колеж на невините христијани. Но тогаш некој од архијерејите од Цариград кои не беа задоволни од Григориј како патријарх, оти ги тераше да одат во своите епархии а не да седат во Цариград далеку од својата паства, го наклеветија патријархот кај Турците дека не е способен да ги држи христијаните во послушност на султанот. Поради тоа великиот везир го принуди Григориј да поднесе оставка и го протера од Цариград во Халкидон, а од таму во Света Гора, во 1798 година.
Кога дојде во Света Гора, светиот патријарх остана во манастирот Иверон, од каде што посетуваше и други манастири и скитови. На Атон помина пет години проповедајќи го словото Божјо, и давајќи им пример на монашкиот доблесен живот на сите. Тој решаваше и разни спорови меѓу монасите или манастирите.
Наместо Григориј за патријарх во Цариград по втор пат беше доведен Неофит 7ми, кој порано беше патријарх но беше симнат. Меѓутоа и тој остана кратко време и на негово место дојде Калиник 4ти (1801-1806 г.). Не поминаа многу години, а патријархот Калиник поднесе оставка. Тогаш Светиот Синод повторно го повика блажениот Григориј на патријаршискиот престол и тој се врати во Цариград, на 18 октомври во 1806 година. Народот го дочека својот пастир со огромна љубов, и тој ја продолжи својата порано започната пастирска и народољубива дејност. Настојуваше црковниот ред и поредок да ги одржи на ниво, и за таа цел често го свикуваше Светиот Синод и упатуваше окружни посланија. Тој не дозволуваше да се хиротонисуваат титуларни архијереји, односно епископи кои што немаат своја паства. Се грижеше и за печатот што го беше основал, и настојуваше да се печатат делата на светите Отци.
Наскоро потоа избувна војна помеѓу Русија и Турција во 1807 година, и по наговарања на Русија беше кренато востание на Грците во Тесалија и околу Олимп. Тогаш султанот побара од патријархот да ги натера востаниците да се разидат по своите домови, за да не бидат тешко казнети. Патријархот му напиша писмо на водачот на востанието, свештеникот Ефтимиј Влахаваст, и го советуваше да престане со востанието и тој го послуша. Меѓутоа, наредната 1808 година, кога избувна буна меѓу самите Турци во Цариград, и беше симнат султанот Селим Мустафа, а доведен султанот Махмут, патријархот Григориј повторно беше принуден да потпише своја оставка, зашто времињата беа тешки. Тогаш тој се повлече во манастирот Преображение Господово на островот Принг. За патријарх беше поставен оној претходен Калиник 4ти, но по десет месеци на негово место дојде Еремија 4ти (1809-1813 г.), кој што го протера светиот Григориј од островот Прига во Света Гора. Светителот со задоволство повторно појде во манастирот Иверон каде помина полни девет години, живеејќи во својот веќе на сите познат подвижнички живот. Во тоа време кај него доаѓаа грчките национални водачи, кои се подготвуваа за кревање на големо востание против Турците. Тие беа основале и една тајна организација под име „Хетерија“, со која беа запознати и српскиот водач Караѓорѓе и Милош Обреновиќ, и други истакнати луѓе во Грција, Русија и Романија. Но, свети Григориј одби да пристапи на една таква организација и ги советуваше водачите да внимаваат да не им се нанесе некое поголемо зло на христијаните поради тоа. Тој сакаше слобода за христијаните, но добро знаеше дека Турците ги казнуваат неуспешните христијански востанија со колеж на невиниот народ.
Кон крајот на 1818 година тогашниот патријарх Кирил 6ти, кој дојде по патријархот Еремија, поднесе оставка и по трет пат за патријарх беше избран свети Григориј. Кога дојде од Света Гора и го прими тронот, од кој овој пат ќе појде на голготско страдање за својот Господ и за верата христијанска, свети Григориј се трудеше својата паства да ја води по евангелски пат. Тој го основа таканаречениот „Кивот на милоста“, односно собирање пари од богатите и раздавање на сиромашните. Тој редовно го правеше тоа за Божик и Воскресение, а и кога имаше потреба. Така дојде и Воскресение во 1821 година, кога светиот патријарх маченички пострада.
Тоа се случи вака:
Во февруари избувна востание во Молдавија, на чие чело стоеше грчкиот водач Александар Ипсилантис. А се подготвуваше и востание на Грците на Пелопонез, кое што избувна во март. Патријархот и неговиот преведувач Константин Мурузис веднаш беа повикани кај великиот везир и прашани дали знаат нешто за тоа, на што тие одговорија дека не знаат ништо. Наскоро потоа, во почетокот на март, беше фатен и затворен Ефескиот митрополит Дионисиј, а во третата недела на Великиот Пост беа затворени и синодалните архијереји Атанасиј Никомидиски и Григориј Деркон. Тогаш патријархот протестираше кај Високата Порта, но наместо одговор доби вест дека е затворен и митрополитот Анхијалски Евгениј Каравијас. Тогаш великиот везир побара од патријархот да ја земе врз себе одговорноста за чувањето на седуммина срби, кои српскиот кнез Милош Обреновиќ ги беше испратил како претставници во Цариград. Патријархот се согласи и побара србите да дојдат да живеат кај него во патријаршијата. Потоа Турската Порта го принуди патријархот да го одлачи од Црквата востаничкиот водач во Молдавија, Ипсилантис, и тоа беше прочитано од амвонот во црквата. Од патријархот уште се бараше и да ги предаде видните водачи и да даде список на сите христијански семејства во Цариград, но тој одлучно одби да го стори тоа. Од многу страни го советуваа патријархот да побегне од Цариград. Тоа посебно го правеше рускиот амбасадор, пратеник во Цариград кој му нудеше и сигурен пат за бегство. Патријархот го одби тоа, говорејќи:
- Немојте да ме поттикнувате да бегам. Каде ќе го оставам своето стадо, низ кое што ќе помине ножот јаничарски? Сакате ли да побегнам со некој брод, или да се сокријам кај некој странски пратеник, па таму да слушнам како џелатите го касапат мојот народ? Не, јас сум патријарх за да го спасувам мојот народ, а не да го турнам во рацете на јаничарите. Мојата смрт ќе донесе поголема корист отколку мојот живот... Не сакам потоа луѓето да покажуваат со прст кон мене и да говорат: „Еве го патријархот убиец!“ Одам таму каде што ме вика судбината на мојот народ и себлагиот Бог, Кој е сведок на сите човечки дела.
Така светиот патријарх мирно одеше на страдање. На Велики Понеделник турците го убија неговиот преведувач Мурузис и други христијани. Во тие дни светиот патријарх јавно и без страв се молеше за нивните души на светите литургии. На Велика Сабота навечер, по дводневниот строг пост, тој со архијерејите зеде да јаде малку компот од сливи, и им постави вакво прашање:
- Која смрт е подобра: отсекување на главата или бесење?
На тоа архијерејите молчеа. А, тој рече:
- Ни јас не знам. Се уште не сум го пробал ниту едното ниту другото.
Светителот го зборуваше тоа затоа што тој ден Турците беа обесиле двајца клирици, протосинѓели, и патријаршискиот двор веќе беше полн со вооружени јаничари. Ноќта пред Воскресение, свјатјејшиот ја помина на молитва за себе и за своето стадо. Во одреденото време отиде во патријаршискиот храм и ја отслужи својата последна пасхална Литургија на земјата, спомнувајќи ги сите убиени и заклани христијани од страна на Турците. За време на Литургијата јаничарите ја беа опколиле и патријаршијата и самата црква. По завршувањето на светата Литургија, патријархот се повлече во патријаршијата. Тогаш некој тајно му рече дека Грците на Пелопонез навистина кренале востание, и го запраша:
- А што ќе се случи сега?
На тоа светителот одговори:
- И сега и секогаш нека биде волјата Господова.
Истиот ден на Воскресение, околу десет часот наутро, на патријархот му јавија дека стигнал великиот преведувач Ставрикис Аристархис и турскиот секретар на министерството за надворешни работи, и дека го бараат. Со нив беа дошле и јаничарските старешини на коњи. Преведувачот го повика патријархот и синодалните епископи во синодската сала, И пред нив го прочита султановиот ферман со кој патријархот Григориј се симнува од престолот како божем недостоен, како неблагодарен и неверен на Високата Порта. Така симнат, патријархот веднаш го уапсија јаничарите и го одведоа во темницата Бостанџибаша. За тоа време во патријаршијата беше спроведен избор на новиот патријарх. А пак во темницата злите јаничари го мачеа свештеномаченикот Григориј, настојувајќи на секој начин да го натераат да ја прими муслиманската вера. Светителот непоколебливо одбиваше со овие зборови:
- Залудно се трудите. Христијанскиот патријарх умира како христијанин.
По неколкучасовно мачење во темницата, патријархот врзан го одведоа кај Фанарското пристаниште, каде го очекуваше огромна маса од Турци и Евреи кои ликуваа и урлаа по него. Мислејќи дека ќе му ја отсечат главата, патријархот ги крена очите кон небото, се прекрсти, и клекна на земјата пружајќи го вратот на џелатите. Но џелатите го зграбија од таму, и го повлекоа кон влезот на патријаршијата, која имаше тројна врата, за таму да го обесат. Додека беше направена бесилката измина речиси цел час, и за тоа време Турците и Евреите го навредуваа свештеномаченикот. А тој молчеше и се молеше. Најпосле Турците го обесија на средната врата на патријаршијата, која од тогаш па се до денес стои затворена. Бесната агарјанска и еврејска толпа му се потсмеваше, го плукаше, и светото тело на свештеномаченикот Христов го подложуваше на секаков потсмев. Тоа траеше цели три дена. Турците не ја услишаа молбата на новиот патријарх Евгениј (1821-1822 г.), кој бараше дозвола да го симнат телото на патријархот и да го погребаат. Истиот ден на Пасха, Турците убија уште неколку христијански епископи.
По три дена, Евреи и Отомани го откупија речиси без пари телото на патријархот и го влечеа по улиците и нечистите места, додека на крајот не го зедоа џелатите и го фрлија во Кератиевиот Залив (Златен рог), недалеку од Фанар. Но, на 16 март, навечер, по Божја волја, водата го исфрли телото на светителот, и тоа во близина на еден руски брод. Тука се затекна и капетанот на грчкиот брод Склавос, родум од островот Кефалонија, кој во истата ноќ тајно го однесе телото на патријархот во градот Едеса, каде што свечено беше погребан. По желба на рускиот цар, телото на светителот беше погребано со највисоки царски почести.
Светите мошти на свештеномаченикот Григориј останаа во Едеса до 1871 година, кога свечено беа пренесени и положени во митрополитскиот храм во Атина. Сто години по неговата маченичка смрт, Светиот Синод на Грчката црква, во присуство на Александрискиот патријарх Фотиј, го внесе светиот свештеномаченик Григориј во црковниот календар, и го одреди 10 април како ден на неговиот свет спомен. По неговите молитви нека Господ нѝ помилува и спаси сите нас и сите православни. Амин".
СПОМЕН НА СВЕТАТА ПРОРОЧИЦА ОЛДА
Живеела за време на јудејскиот цар Јосиј во Ерусалим. На царот Јосиј, кој ја беше пронашол книгата на Законот Божји, му прорекла дека Господ ќе го помилува заради неговата побожност, та нема да дочека да ја види казната Божја над Израилот, проречена од Мојсеј (4, 22; 1-20). Се упокоила во мир.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ДИМА
Блажениот Дима беше од Едренската област. По занимање беше рибар, вработен во Смирна. Работеше на едно риболовиште во близината на Смирна и неговиот газда Турчин го наклевети дека божем со заклетва ветил дека ќе се потурчи. За својата клевета Турчинот најде и лажни сведоци. Тие го одведоа Дима пред судијата. Самиот судија започна да го присилува да се одрече од Христа како што се заколнал, а на тоа Дима одговори:
- Тие не ја зборуваат вистината. Јас ниту сум се заколнал, ниту имам намера да се потурчам. Христијанин сум, верувам во Христа, исповедам дека Он е вистинскиот Бог, и подготвен сум да ја пролијам својата крв од љубов кон Него.
Тогаш судијата нареди душмаски да го тепаат со мотки, па го ставија на други страшни маки, и потоа го фрлија во темница. Таму му ги ставија нозете во тешки клади, го оковаа во дебели синџири и страшно го мачеа. Но, храбриот Христов војник сето тоа храбро го поднесе, како некој друг да страдаше за него.
Судијата уште три пати го изведе блажениот Дима на суд. Тој се трудеше со разни ласкања, ветувања, дарови, закани и заплашувања да го натера маченикот да се одрече од верата Христова. Бидејќи не успеа во тоа, тој изрече смртна пресуда: Дима да биде обезглавен.
И така блажениот беше погубен и вброен во редот на светите маченици. Христијаните го откупија неговото свето тело и чесно го погребаа во црквата на светиот великомаченик Георгиј.
Многу чудеса се случуваа на гробот на светиот новомаченик Дима. Така, на еден сиромашен терзија ужасно го заболе показалецот на десната рака. Тој петнаесет дена се превиткуваше од болки и од грижа што не може да работи и да го прехранува семејството. Тогаш отиде на гробот на светиот маченик Дима, му се помоли, со болниот прст го допре гробот, и веднаш оздраве. А неговата жена, веќе три години слепа со двете очи, поттикната од исцелението на својот сопруг, појде со неколку жени на гробот на светиот Дима, искрено му се помоли, и прогледа.
Еден човек по име Јован, со години патеше од силна главоболка. Тој со молитва го повика светиот новомаченик Дима, и главоболката исчезна. После тоа поживеа триесет и пет години, и главата никогаш повеќе не го заболе. И многу други болни се исцелуваа од разни болести на гробот на светиот Дима, призивајќи го со вера.
По неколку години го откопаа гробот на светиот маченик и ги најдоа неговите мошти целосни, а од нив се ширеше неискажлив прекрасен мирис. Јеромонахот Матеј од Хиос беше присутен на тој свештен чин. Во истиот ден навечер, тој се врати кај своите пријатели и тие почувствуваа дека од него се шири некој необичен и прекрасен мирис. На нивното прашање тој им одговори дека тој мирис останал врз него од светите мошти на светиот маченик Дима, при откопувањето во кое учествувал и тој, во црквата на светиот великомаченик Георгиј во Смирна. Отец Матеј го заврши своето кажување со овие зборови:
- Од силниот благопријатен мирис остана малку и врз мене, и вие тоа го почувствувавте.
Така Господ ги прославува оние што Него Го прославуваат. По милоста Божја и со молитвите на светиот маченик Дима да се удостоиме и ние на Царството Небесно. Амин.