22. Април  (9.Април)

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВПСИХИЈ

Светиот маченик Евпсихиј е син на познати родители. Роден е и воспитан во Кесарија Кападокијска. Својата младост ја помина непорочно во христијанско целомудрие со разум на старец. За време на царувањето на богопротивниот Јулијан Отстапник, стапи во законски брак, но, уште за време на брачното славење, тој ја пројави својата голема ревност и љубов кон Христа. Во градот Кесарија имаше идолски храм на нечестивиот идол наречен Тихи, што значи фортуна или среќа. Тоа идолиште беше многу почитувано, и кога царот Јулијан доаѓаше во Кесарија, секојдневно принесуваше нечисти жртви во него. Се случи брачната веселба на Евпсихиј да се совпадне со нечестивиот идолски празник. Тој ги виде елините како одат кон идолиштето за да принесат жртви, и се исполни со голема ревност во Господа. Повика со себе многу христијани, отиде, ги разби идолите а идолскиот храм го разруши до темел. Елините веднаш го известија царот Јулијан, а Евпсихиј веќе знаеше какви страдања го очекуваат. Тој го раздаде својот имот на бедните, и се подготви за маченичкиот подвиг со пост и молитва. Кога слушна дска храмот на неговите богови е разрушен, Јулијан страшно се разјари, разгневен не само на Евпсихиј, но и на целиот град. Тој издаде заповед веднаш да бидат фатени сите видни граѓани. Некои од нив осуди на смрт, а други испрати на заточение откако првин ги лиши од нивните имоти. Тој ги одзеде имотите и на сите Кесариски цркви и заповедаше духовниците да ги запишат на воена служба и присилно да ги одведат во полковите. На самиот град му го одзеде почесното име Кесарија, добиено при царувањето на Клавдиј, и нареди да се нарекува со претходното свое име Маза, па го избриша од списокот на угледните градови и го прогласи за село. А пак на тамошните жители, верни христијани, им наложи огромен данок, со најстрога заповед, разрушеното идолиште неодложно да биде обновено. И Јулијан се заколна дека нема да престане да го држи градот во немилост и нема да ги остави живи галилејците, (така тој ги нарекуваше христијаните), ако не го обноват разрушениот храм на елинските богови. Таа закана сигурно ќе се исполнеше ако наскоро не загинеше овој безбожен цар.

Јулијан заповедаше да го измачуваат Евпсихиј, принудувајќи го да им принесе жртви на идолите. Светиот маченик беше окован во вериги, често го изведуваа на истезавање и го принудуваа на идолослужење. Му ветуваа дека ќе му простат за дрзнувањето да го разруши храмот, само ако им се поклони на идолите. Но, Христовиот војник не отстапуваше и храбро го исповедаше името Христово. Го закачија на бесилка и со железни гребени го стругаа дури до внатрешноста, но среде маките му се јавија ангели и го поткрепија. На крајот, после долги и тешки истезавања, му ја отсекоа главата со меч, и за чудо, од раната наместо крв потече млеко и вода. Верните го зедоа неговото свето тело И чесно го погребаа.

Во тоа време Јулијан беше тргнал во војна со Персијците, минуваше низ Кападокија и наближуваше кон Кесарија. Голема опасност му се закануваше на градот, зашто беззакониот мачител веќе јавно ја искажа својата намера да го разруши градот до темел. Тогаш свети Василиј Велики, оддавајќи му чест на Јулијан како на цар, излезе да го пречека и за благослов му даде три леба од јачмен, со какви што се хранеше самиот тој.

Царот им заповедаше на војниците да ги земат лебовите, а на свети Василиј му даде грст сено со зборовите:

- Ти ми даде јачменик, животинска храна, затоа од нас земи сено.

Свети Василиј Велики му возврати:

- Царе, ние ти го принесовме она со кое што се храниме, а ти ни даде животинска храна, која ти, со твојата власт не можеш да ја претвориш во леб, како храна за човекот.

Јулијан гневно одговори:

- Знај, дека ќе те хранам со тоа сено кога ќе се вратам од Персија. Ќе го разрушам овој град до темел, ќе го разорам местото со плуг и ќе го направам поле, да раѓа жито а не луѓе. Зашто знам дека народот по твој совет се дрзнал да го разруши храмот на Фортуна.

Царот го рече тоа и си го продолжи патот. Но, наскоро загина. Беше убиен од светиот маченик Меркуриј, како што ни раскажува за тоа житието на свети Василиј Велики.

По смртта на Јулијан, царот на Кесарија изгради прекрасна црква над гробот на светиот маченик Евпсихиј, и од неговите свети мошти извираа целебни потоци за слава на нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух прославуваниот за навек. Амин.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ВАДИМ АРХИМАНДРИТОТ

За време на страдањето на светите Четириесет Севастиски Маченици, по наредба на царот Сапор беше фатен и светиот архимандрит Вадим со седум свои ученици и фрлен во темница.

Овој светител беше од градот Витлапат, во Персија. Произлегуваше од многу богат род, но реши да стане монах и целото свое богатство го раздаде на бедните, изгради манастир надвор од градот, и заживеа добродетелно во него, грижејќи се да Му угоди на Бога во се, и да ја извршува Неговата света волја. Беше човек исполнет со благодат и вистина, избран сад Божји. Овој преподобен отец, воден од божествена и совршена мудрост, се искачи на гората Господова и живееше на светото место Негово, доби благослов од Бога, својот Спасител, и го виде лицето на Бога Јаковов. Во тие времиња, тој за Персија беше како квасецот за тестото. И тоа оној квасец на мачеништвото и цврстото исповедање на Христа, со кој слабите се зацврстуваа во верата. Навистина тој беше камен на верата, подобен на древните христијани исклучителен Божји свештеник, кој мнозина упатуваше кон патот на спасението, кој донесе храбра и непоколеблива одлука да пострада маченички за Христа, и кој ја покажа својата голема ревност за Бога. Чист од секаква скверност, никакво зло дело немаше место во него: далеку од користоњубието, страстите беа згаснале во него и не можеа да му наштетат. Тој и беше туѓ на секоја желба за придобивка и неспособен да се соблазни од злато. Гордоста се смири пред него. Високоумието тој го изгази како прав; сиромаштвото и кроткоста преовладеаја со него. Се прилепи правдата до него, и вистината заблеска во него; го прегрна љубовта, и мирот го бакна и му се израдува. Во неговото срце постоеше хармонија и едномислие, и тој маж беше исполнет со секакви праведни плодови, зашто многу доблести живееја во него. И од неговите духовни плодови сите се насладуваа и се наситуваа.

Преподобниот Вадим заедно со своите ученици помина четири месеци окован во темница. Секој ден жестоко беше тепан, но поднесуваше трпеливо, крепен со надежта и искрената вера во Бога.

Во тоа време имаше некој си Нирсан, началник на градот Арија во областа Витгерми. Тој беше христијанин и кога царот го присилуваше да му се поклови на сонцето, тој не сакаше да се одрече од светата Христова вера, и затоа го оковаа во вериги. Потоа, ослабен со духот, се исплаши од маките што го очекуваа, и не остана до крај во Христовото исповедување, но го засака овој краткотраен живот и суетните царски почести, се лиши од божествениот живот и вечната слава. Но, не успеа да ужива во задоволствата на овој свет: обидувајќи се да го избегне мачеништвото западна во маки и барајќи земна слава доби бесчестие, зашто го претпочиташе времениот и гнилежниот цар пред небесниот и вечниот, и беше дал ветување да исполнува сè што ќе му заповеда царот Сапор. Кога слушна за таквото негово решение, царот многу се израдува, и кога се сети на Вадим, веднаш заповеда да го ослободат од оковите и да го доведат пред него, откако на присутните велможи им рече:

- Ако Нирсан со сопствените раце го убие Вадим, ќе биде ослободен од оковите и ќе го добие целиот Вадимов имот.

Нирсан се согласи да ја исполни царската волја, и го доведоа свети Вадим пред него. Тој го зеде мечот и се подготви да го убие Христовиот маченик, но го обзеде страв, се скамени, и не можеше да се помрдне. Тогаш Христовиот раб го погледна и рече:

- Дотаму ли стигна твојата злоба, Нирсане? Та, ти не само што се одрече од својот Бог,туку започна да ги убиваш и неговите слуги? Тешко тебе, несрекнику! Што ќе правиш кога ќе застанеш пред Страшниот Суд да Му дадеш одговор на вечниот Бог? Јас сум готов да умрам за мојот Христос, но не би сакал да ја примам смртта од твоите раце.

Нирсан не се засрами од тие зборови, но не беше во состојба да ја исполни царската заповед и стоеше исплашен. Најпосле со лице тврдо како камен и жестоко срце како железо, го удри маченикот по вратот. Но, бидејќи рацете му трепереа, не можеше да го убие светителот веднаш, па дури по многу удари едвај ја отсече неговата глава.

Така мачен, свети Вадим ја предаде својата света душа во рацете Божји. А присутните незнабошци се восхитуваа на неговото трпение, зашто примајќи многукратни удари од мечот, тој стоеше неподвижно како камен столб. Сите му се потсмеваа на убиецот како на страшливец и го презираа.

Но, наскоро Нирсан ја доби достојната казна за своите дела: од многуте најразлични душевни притисоци, тој падна во очајание, и самиот се прободе со меч. Така самиот од себе ја прими казната за убиството на праведникот.

Свети Вадим прими маченичка смрт за Исуса Христа во осмиот ден од месец април. Благоговејни христијани тајно го зедоа неговото тело кое беше исфрлено надвор од градот, и чесно го погребаа.

Неговите седум ученици останаа во темницата четири години, се до смртта на царот Сапор.

Кога беа ослободени им дозволија да ја исповедаат христијанската вера, по благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДИСАН, МАРИАВ АВДЕИС и останатите со нив

Персијскиот цар Сапор го нападна византиското царство (325-379 г.), го зазеде местото Визатин, ги уби таму сите војници, старци, жени и деца, како и епископот Илиодор, презвитерите Дисан и Маријав, а останатите клирици ги остави живи. Пред својата смрт епископот Илиодор го посвети за епископ презвитерот Дисан. Еднаш додека епископот Дисан служеше во црквата полна со народ, врховниот маѓепсник Адефар отиде кај царот Сапор и ги обвини епископот Дисан и христијаните дека хулат на царот и неговата вера. По наредба на царот беа доведени епископот И четиристотини христијани со него. Царот ги присилуваше да му се поклонат на сонцето но тие одбија, и затоа сите беа заклани со меч. Само петмина од нив се уплашија, ја примија царевата одвратна вера, и така несреќниците ги погубија своите души, заради овој привремен живот. Меѓу убиените со меч, еден човек по име Авдиес остана жив, оти не беше смртно погоден. Потоа тој храбро започна да го проповеда Евангелието Божјо. Но, за време на една проповед, еден незнабожец јурна кон него со мечот и го уби. Така и тој со радост пострада и им се придружи на останатите претходно убиени маченици, бидејќи тагуваше и жалеше што не пострадал како нив.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ НОВОМАЧЕНИЦИ РАФАИЛ И НИКОЛА

Светиот свештеномаченик, архимандритот Рафаил, беше родум од островот Итака (во Јонското море), а свети Никола (е: македонец родум од Солун и беше ѓакон. Двајцата пострадаа за Христовата вера во местото Терма, на островот Лезвос (Митилина), на 9 април во 1463 година. Многу подоцна беа откриени нивните свети мошти и на местото на Нивното мачеништво беше изграден прекрасен храм, каде ги положија нивните свети мошти.