21. Април  (8. Април)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ ИРОДИОН, АГАВ, РУФ, АСИНКРИТ, ФЛЕГОНТ и ЕРМИЈ

Свети апостол Иродион, роднина по тело на свети апостол Павле, беше од киликијскиот град Тарс. Тој беше сопатник и сотрудник на светите апостоли Петар и Павле и од нив беше поставен за епископ на градот Патара. Во чинот на епископ свети Иродион го распространуваше христијанското учење среде елинските јазичници. Откако обрати кон Христа многумина од нив, Јудеите од завист кон Божјиот слуга се договорија со идолослужителите елини, го фатија светителот и го подложија на најразлични мачења. При тоа, едни немилосрдно го тепаа, други фрлаа камења по него, трети го удираа со прачки по главата. Еден од мачителите толку силно го удри светиот со нож, така што тој падна како мртов; мачителите помислија дека умрел и го оставија. Но, по Божјата благодат светиот апостол остана жив и после тоа многу се потруди во Рим, проповедајќи го словото Божјо заедно со светиот првоврховен апостол Петар. Кога апостол Павле го испраќа посланието до Римјаните од Коринт, во тоа послание го спомнува и Иродиона, кој тогаш беше во Рим заедно со апостол Петар. Тој вели: „Поздравете го мојот сродник Иродион“ (Рим. 16, 11). А кога свети апостол Петар беше распнат, тогаш и Иродион, како што сведочи Метафраст, заедно со Олимп и многу други верници бил посечен со меч.

Апостол Агав беше исполнет со пророчки дар. За него се спомнува во книгата „Дела на светите Апостоли, Тука се вели дека кога од Ерусалим пророците се собрале во Антиохија „еден од нив, по име Агав, прорече преку Духот дека по целата вселена ќе настане голем глад; и таков и настана во времето на кесарот Клавдиј“. Во Кесарија, свети Агав му ги претскажал на апостол Павле страдањата што ќе го постигнат во Ерусалим како што се вели во книгата „Дела на светите Апостоли“: „И кога дојде при нас, го зеде Павловиот појас, си ги врза рацете и нозете и рече: тоа го вели Духот Свети; така ќе го врзат Јудејците во Ерусалим оној маж, чиј е овој појас, и ќе го предадат во раце јазичнички“ (Д. А. 21, 11).

Свети апостол Агав проповедаше за Христа во различни земји и мнозина од јазичниците обрати во верата Христова.

Свети апостол Руф, кого што апостол Павле го спомнува во посланието до Римјаните со овие зборови: „Поздравете го избраниот во Господа Руфа“(Рим. 16, 13), беше епископ на градот Тива, во Грција.

Свети апостол Асинкрит, споменуван во истото послание на апостол Павле до Римјаните (16, 14), бил епископ во малоазиската област Гирканија.

Светите апостоли Фрегонт и Ермиј", спомнати во истото послание биле епископи: првиот во тракискиот град Маратон, а вториот во Далмација.

Сите овие апостоли од седумдесетте, се подвизуваа многу, благовестувајќи го Христовото Евангелие по целата земја, и приведоа кон Христа многу јазичници. Во различно време, речиси сите беа подложени на различни маки, како од страна на јудеите, така и од страна на елините, и откако примија маченички венци, со слава отидоа при Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЦЕЛЕСТИН папата Римски

Овој преподобен беше епископ на градот Рим за време на царот Теодосиј Младиот. Се одликуваше со многу совршен живот и слово, поради што се удостои да биде избран за епископ на Рим, откако почина папата Зосим и по него блажениот Бонифациј, приемникот на Инокентиј Велики. Се бореше за апостолските и отечки преданија, и секогаш зборуваше и постапуваше согласно со нив. За време на Третиот Вселенски Собор во 431 година заедно со свети Кирил Александриски се бореше против еретикот Несториј. Направи и многу други достојни за памет словесни дела, и мирно се упокои. Се пресели во бесконечниот блажен живот во 432 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАВСИЛИП

Светиот маченик Павсилип пострада за време на царот Адријан, кога со Евтропијската област управуваше префектот Прециј. Најпрвин светителот беше одведен кај царот, и кога се објави за христијанин беше претепан со железни прачки. Потоа го предадоа да му суди префектот Прециј, кој долго го убедуваше да им принесе жртва на идолите, и откако не успеа, заповеда да го оковаат и да го посечат со меч. Додека светиот маченик го водеа на смрт, тој ги раскина веригите и им побегна на стражарите. Додека го бараа, тој се молеше на Господа да го прими неговиот дух. И се исполнија молитвите на светителот: додека бегаше тој се упокои. Тогаш дојдоа христијаните и со почести, со псалми и со свештени песнопоенија, торжествено го погребаа неговото свето тело.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИФОНТ епископот Новгородски

Блажениот Нифонт стана монах во светиот Печерски манастир во времето на игуменот Тимотеј и многу ревносно го подражаваше животот на великите преподобни Отци, трудејќи се богоугодно во молитвите, бдеењето, постот и сите останати доблести. А кога блажениот епископ Новгородски, Јован, по дваесет и пет годишно управување со епархијата, од немоќ доброволно го отстапи престолот и се повлече во манастир на молитвено испосничко тихување, тогаш блажениот Нифон, кој со зраците на многуте свои доблести блескаше надалеку, по Божја волја беше избран на Новгородскиот епископски престол и беше посветен за епископ во Киево од страна на митрополитот Михаил 2ри.

Откако стапи на престолот, како свеќата на свеќникот, свети Нифонт уште повеќе заблеска со својата огромна ревност околу благоустојството на Православната Црква. Тој многу се грижеше за умножувањето на славата Божја и беше многу ревносен околу времениот и вечниот живот на своите духовни овци. Работејќи на умножувањето на славата Божја, тој среде Новгород започна да зида камена црква во чест на Пресвета Богородица и со Божја помош набргу ја заврши. Новгородската соборна црква „Света Софија“ ја украси со иконопис и нејзиниот кров го покри со олово. Чувајќи го верно времениот живот на своите верници, тој особено ја упразнуваше следнава доблест. Кога и да се појавеше некаква расправија меѓу православните, тој на сите можни начини се трудеше да ги помири. Така еднаш, кога дозна дека граѓаните на Киево и Чернигов тргнале кон Новгород за да завојуваат со нив, со Божја помош тој ги смири". Преподобниот уште повеќе се грижеше на својата паства да ѝ го осигура вечниот живот. Поради тоа, тој со својата сила им налагаше на православните да не се оддалечуваат од заповедите Господови и црковните преданија, и кога ги нарушуваа остро ги изобличуваше и јавно им претскажуваше дека ќе пропаднат поради своите гревови, настојувајќи благовремено и во невреме, укорувајќи, претејќи и советувајќи со огромно трпение, како што наредува апостолот (2 Тм. 4, 2).

Оваа ревност на добриот пастир посебно ја обелодени следниов случај. Бидејќи новгородците го протераа својот кнез Всеволода Мстиславич, тие на кнежевскиот престол го повикаа Свјатослав Оњгович, кој се ожени спротивно на црковните канони. Тогаш блажениот архијереј Нифонт не само што не сакаше да го венча, тука и на целиот свој клир му забрани да присуствува на тоа противзаконско венчавање, што го извршија свештеници кои беа дојдени со новиот кнез. Преподобниот Нифонт храбро го изобличуваше кнезот поради нарушувањето на законот, угледувајќи се на псалмопевецот кој рекол: „Зборував за сведоштвата Твои пред царевите, и не се срамев“ (Пс. 118, 46).

Тој покажа огромна ревност залагајќи се да ја одврати Руската црква од престап. Тоа се случи при следните околности. Кога се упокои киевскиот митрополит Михаил 2ри, кој го посвети свети Нифонт за епископ, великиот киевски кнез Изјаслав Мстиславич на негово место го избра Климент Философот, кој тогаш беше црноризец и беше примил схима. Тој не сакаше да го испрати Климента во Цариград за да биде ракоположен за епископ, туку свика собор на руските епископи. На тој собор дојдоа овие епископи: Онуфриј Черниговски, Теодор Бјелогородски, Ефтимиј Перејаславски, Дамјан Јурјевски, Теодор Владимирски, свети Нифонт Новгородски, Мануил Смоленски, Јоаким Туровски и Козма Полоцки. На тој собор новгородскиот епископ свети Нифонт никако не се согласуваше самите руски епископи да си посветат митрополит, без благослов на вселенскиот патријарх цариградски. Тој бестрашно и цврсто изјавуваше дека тоа е спротивно на преданието на светата Православна Црква, која руските синови ги просвети со светото крштение од цариградскиот престол, и на тој начин не направи синови Божји, синови на Истокот кој не посети одозгора. А и првиот киевски митрополит Михаил беше поставен од Цариград, и од тогаш стана цврсто правило митрополитот Киевски да се поставува со благослов на вселенскиот патријарх цариградски.

Зборувајќи го тоа, овој исповедник храбро ги караше руските синови со своето противење да не отпаднат од посинувањето од Истокот, а заедно со тоа и од Бога, зашто, тврдеше тој, гневот Божји доаѓа врз синовите на непокорноста (Еф. 5, 6). Мислењето на преподобниот Нифон го прифаќаа пет епископи: Козма Полоцки, Јоаким Туровски, Мануил Смоленски, Евтимиј Перејаславски и Теодор Бјелогородски. Меѓутоа, царот од гордост не сакаше да се откаже од својата намера и не го послуша блажениот Нифон, туку направи како што беше намислил, подржаван од останатите епископи. Така, по наредба на кнезот, од страна на епископите кои му угодуваа, Климент беше посветен за епископ со моштите од главата на светиот Климент, папата римски, наместо благословот потребен од живиот цариградски патријарх. Тоа беше сторено по совет од черниговскиот епископ Онуфриј. Така, Климент незаконски седна на архијерејскиот престол на киевската митрополија. Тој од блажениот Нифонт започна да бара да служи божествена Литургија заедно со него. Но, светиот ревнител на православието му говореше:

- Бидејќи не доби благослов од вселенскиот патријарх цариградски, јас, како порано, така и сега, не го одобрувам твоето посветување и од таа причина не ми е допуштено да служам со тебе.

Налутен на блажениот Нифонт поради тоа, Климент му подговараше на кнезот Изјаслав и на своите истомисленици да го испратат преподобниот на заточение. Тогаш кнезот Изјаслав не го пушти блажениот да се врати на својот престол во Новгород, туку го задржа во Печерскиот манастир како во место на заточение. Меѓутоа, блажениот отиде таму со огромна радост, и Му благодареше на Бога што го удостои да му се врати на своето безмолвно житие со светите.

А кога христољубивиот кнез Георгиј Мономахович го победи Изјаслав Мстиславич и стана кнез во Киево, тој со огромна чест го врати блажениот Нифонт на епископскиот престол во Новгород. Светителот беше примен со огромна радост од страна на граѓаните на Новгород, кои дотогаш беа отфрлени како овци без пастир. Во тоа време вселенскиот патријарх цариградски беше слушнал за блажениот Нифонт како јуначки се борел за отечките преданија, и му испрати послание во кое го фалеше за големината на неговиот ум и јунаштвото, и го вбројуваше меѓу древните свети отци, кои јуначки се бореа за Православието. Кога го прочита благословот од патријархот, блажениот со уште поголема ревност се трудеше за Православието. Затоа и не беше лишен од достојната награда за своите трудови од началникот на пастирите Господ Исус, како што за тоа ни покажува неговиот блажен крај. Еве ја повеста за тоа:

По извесно време од своето враќање на епископскиот престол во Новгород, блажениот Нифонт слушна дека вселенскиот патријарх го испратил митрополитот Константин од Цариград во Русија, за да го симне неправилно посветениот Климент и да го заземе неговиот престол. Кога дозна за тоа, преподобниот многу се израдува од две причини: прво, затоа што ќе има можност да прими благослов од митрополитот; и второ, ќе може да се поклони на Пресвета Богородица и на преподобните отци во Печерскиот манастир. Со таа цел, тој отпатува во Киево и тука го очекуваше доаѓањето на митрополитот Константин, кој веќе беше тргнал од Цариград. Живееше тој во светиот Печерски манастир, имајќи огромна љубов спрема Пресвета Богородица и спрема преподобните отци. Но наскоро таму го снајде тешка болест, која го забрза неговиот крај. Тогаш, тој на браќата им раскажа прекрасно видение, кое што го имал три дена пред да се разболи.

Тој им раскажа:

„Кога по утринската богослужба се вратив во својата ќелија, почувствував неопходност малку да се одморам. Набрзо ме зафати лесен сон; задремав и се најдов во оваа света печерска црква, на местото на пресветиот Никола и многу се молев со солзи кон Пресвета Богородица, молејќи ја да ми го покаже прекрасниот градител, преподобниот Теодосиј, кој и по смртта се грижи за умножувањето на добродетелите во својата обител. Меѓутоа во црквата се собраа браќата и еден од присутните ме праша:

- Сакаш ли да го видиш нашиот преподобен отец Теодосиј?

Јас му одговорив:

- Да, сакам! Ако можеш, покажи ми го.

Тој ме фати за раката, ме одведе во олтарот, и таму ми го покажа светиот Теодосиј. А јас потрчав кон светителот, му паднав пред нозете и му се поклонив до земјата. Тој ме подигна, ме благослови, и ми рече:

- Добро ни дојде, брате и сине Нифонте. Отсега постојано ќе бидеш со нас.

Свети Теодосиј држеше во раката свиток. Јас го побарав свитокот и тој ми го даде. Развиткувајќи го, јас го прочитав. Започнуваше со зборовите: „Еве ме мене и децата што ми ги даде Бог“ (Ис. 8, 18). Кога заврши видението, јас веднаш си дојдов на себе, и сега знам дека оваа болест за мене беше посета од Бога.

Преподобниот боледуваше тринаесет дена и заспа со мир во Господа, на дваесетти април, во саботата од Светлата седмица. Неговото тело со чест беше положено во пештерата на преподобниот Теодосиј, а со духот стои заедно со славниот преподобен отец Теодосиј пред престолот на Владиката Христос, каде постојано се насладува на небесните убавини. Нека се помолат тие и за нас, чедата свои. А пак на Бога, славениот во неразделната Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, Му доликува секоја слава чест и поклонение, сега и секогаш и во бескрајните векови. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОВАН

Блажениот маченик Јован пострада на островот Ко во Егејското Море на следниот начин:

Не знам поради што, - вели опишувачот на ова страдање-, некои агарјани со маѓии го залудеа Јована, па како таков го потурчија. Но, по неколку дена тој си дојде на себе; и кога ја дозна причината за своето обрезување и на својата глава го виде белиот турски турбан, многу се натажи, па го фрли турбанот и повторно се облече во христијанска облека. Тогаш Јован започна со солзи и воздишки да се кае пред Бога поради својот несакан пад. Аагарјаните, кога видоа дека Јован се покаја и повторно стана христијанин, бесно се нафрлија врз него, немилосрдно го претепаа и го фрлија во темница.

По неколку дена го изведоа Јована од темницата и на разни начини се обидуваа да го вратат во нивната муслиманска вера. Но светиот мачник им рече:

- Јас верувам во мојот Господ Исус Христос и со целата своја душа го исповедам за вистински Бог. Он ќе дојде да му суди на целиот свет, и на живите и на мртвите. А пак вашата вера ја презирам, и спремен сум да поднесам измачувања за мојот Христос.

Кога ја видоа непоколебливоста на Јована, агарјаните бесно го зграпчија и го одведоа кај судијата. Пред него го обвинуваа дека бил турчин па се покајал. Судијата веднаш нареди немилосрдно да го тепаат. А кога виде дека ништо не помага, тој изрече смртна пресуда: Јован да биде изгорен во оган. И запалија силен оган и го спалија Јована. Така храбриот Јован стана чиста беспрекорна жртва за Христа. Маченички го заврши својот живот и со радост се удостои на Царството Небесно. По неговите свети молитви да  се избавиме и ние од сегашните непријатели на нашето спасение и да се удостоиме да застанеме од десната страна на Христа, во неостарливото блаженство. Амин.