26. Април (13. Април)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АРТЕМОН,
презвитерот Лаодикијски
За време на царувањето на Диоклецијан владееше големо гонење против христијаните. Во сите градови и краеви на Римското Царство беа испратени мачители да им принесуваат жртви на идолите и да ги присилуваат христијаните да им се поклонуваат, а непокорните да ги мачат и убиваат. За Лаодикијската област беше одреден војводата Патрикиј. Кога слушна дека војводата се приближува кон Лаодикија, лаодикијскиот епископ Сисиниј го поведе со себе свештеникот Артемон и некои христијани, отиде ноќе во идолиштето на Артемида, и ги искрши и изгоре сите идоли. Потоа отиде во својата христијанска црква која беше оддалечена од градот пет стадии, и таму извршуваше богослужение и ги утврдуваше верните во верата, зборувајќи им:
- Деца мои, слушаме дека во градот доаѓа антихристот кој ќе ги убива христијаните. Немојте да дозволите нешто да ве раздели од љубовта Христова. Ни оган, ни меч, ни ѕверови, нити било која најстрашна смрт!
Кога стигна во градот, војводата Патрикиј првин принесе жртва во идолиштето Аполоново. Во тој ден приреди театар и ја соопшти царската наредба. Откако помина пет дена во лов и театри, тој влезе во идолиштето на Артемида со желба да принесе нечиста жртва, но, не ги најде идолите, па праша каде се. Му одговорија дека епископот Сисиниј со својот свештеник Артемон и останатите христијани го разбил кипот на Артемида и киповите на останатите богови. На неговото прашање каде се епископот и христијаните, му одговорија дека се во својата црква. Војводата веднаш го оседла коњот и со вооружена војска отиде во христијанската црква. Но, кога приближи до црквата го фати силна треска, та падна од коњот и војниците на носилка го однесоа во најблиската куќа. Кога падна ноќ и војниците седеа околу болниот војвода очекувајќи ја неговата смрт, тој им рече:
- Христијаните ме проколнаа, и нивниот Бог ме мачи.
На тоа домашните му рекоа:
- Моќните богови и светлата богиња Артемида ќе ти дадат здравје.
Но, бидејќи болеста се влоши и животот на војводата беше во опасност, тој им рече на војниците:
- Појдете во христијанската црква и кажете му на епископот Сисиниј: Вака вели војводата Патрикиј: Велик е Богот христијански, помоли Му се за мене, епископе, да оздравам од оваа тешка болест, па ќе изработам твој лик од злато и ќе го поставам сред градот.
Војниците отидоа и му ја соопштија пораката од војводата на епископот. Тој им одговори:
- Златото твое не ми е потребно, но ако веруваш во нашиот Господ Исус Христос, ќе се избавиш од својата болест.
На тоа војводата му испрати ваква порака на епископот:
- Верувам во твојот Бог, само да оздравам.
Тогаш епископот се помоли за војводата и тој веднаш стана здрав.
По неколку дена војводата тргна во Кесарија Палестинска. На три стадии од Лаодикија го сретна свештеникот свети Артемон како се враќа од лов, зашто тој со зборот Христов ловеше диви ѕверови. По него одеа два елена и шест диви магариња што ги водеше кај епископот, зашто тој имаше прекрасна градина и сакаше во неа да држи диви ѕверови. Војводата го праша Божјиот слуга Артемон:
- Како ги улови овие ѕверови?
Тој му одговори:
- Ги уловив со зборот на мојот Христос.
Војводата рече:
- Старче, мене ми се чини дека ти си христијанин.
Светителот му одговори:
- Христијанин сум уште од младоста.
Тогаш војводата им нареди на двајца војници да го оковаат Артемона во двојни вериги, и да го поведат со нив до Кесарија Палестинска. А кога го оковаа, светителот се сврте кон ѕверовите, и им рече:
- Појдете кај епископот Сисиниј. И тие појдоа и застанаа пред вратата на црковната ограда. Епископот го праша вратарот:
- Од каде дојдоа овие ѕверови?
Тогаш по наредба Божја еден од елените проговори со човечки глас и рече:
- Кај тебе нѐ испрати слугата Божји, Артемон, кого злочестивиот војвода го фати и окован го одведе во Кесарија.
Епископот се запрепасти кога слушна како еленот зборува, и длабоко воздивнувајќи за Артемона го повика ѓаконот Филеј, и му рече:
- Се случи ново чудо! Еленот проговори со човечки глас, и ми рече дека лошиот војвода го фатил слугата Божји, Артемон. Те молам земи просфори и заедно со еден служител појди во Кесарија и распрашај се дали е вистина тоа што го вели еленот.
Ѓаконот зеде просфори и служители и откако се помоли на Бога, појде. Во Кесарија го најде светиот Артемон во темница, и го праша:
- Слуго на вишниот Бог, и пастиру на словесните овци, како нѐ остави нас и падна во рацете на мачителот? Ние не знаевме за тоа, но едно диво животно проговори со човечки глас и го извести епископот. Затоа тој ме испрати да видам дали е вистина тоа што го рече еленот, зашто тој многу тагува по тебе.
Свети Артемон на тоа рече:
- Слуго Господов, Филеј, извести го мојот владика дека по патот бев фатен ради Христа. Нека се помоли за мене, за да можам да ја победам злобната намера на мачителот и да се удостојам да станам заедничар со Христа Бога.
Откако се целиваа, тие се разделија. Ѓаконот се врати кај епископот и му ја достави пораката од Артемон. Тогаш епископот со солзи се помоли на Бога, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, Ти си го избавил Даниил од устите лавовски, си ги спасил Трите момчиња од Навуходоносоровата вжештена печка, сега Ти и слугата Твој Артемон избави го од непријателот Патрикиј, дај му победа над маките на коишто ќе го стави тој, и вброј го во ликот на светите маченици.
Еден ден, приредувајќи театри во градот Кесарија, војводата Патрикиј нареди да го изведат пред него светиот Артемон, и го праша:
- Кажи ни, старче, како се викаш?
Тој одговори:
- Се викам Артемон, роб сум на мојот Бог Христос.
Војводата го праша:
- Ти ли го разби кипот на великата богиња?
Светителот одговори:
- Јас.
Војводата го праша?
- Кажи ми, старче, како ја совлада нејзината сила, и не го поштеди нејзиниот лик, ниту се уплаши од одмаздата нејзина, туку таа како кротка ти дозволи да живееш?
Свети Артемон одговори:
- Молејќи се на мојот Бог, јас и тебе ќе те совладам и твоето насилие ќе го победам, а камоли мртвиот и нем идол!
Војводата му рече:
- Кога слушнав дека се викаш Артемон, јас се понадевав дека си слуга на богињата Артемида. Знам дека таа те остави во живот, затоа што го носиш нејзиното име.
Светителот одговори:
- Нечеснику, безбожнику, помрачен со умот, син на ѓаволот, ако сакаш да знаеш од каде ми е тоа име, тогаш знај дека ми е дар од Бога додека сѐ уште бев во утробата на мојата мајка.
Војводата рече:
- Почитувај ја својата старост, поштеди ги своите седи коси, та принеси му жртва на великиот бог Ескулап, кој се наоѓа во овој град.
Светителот одговори:
- Шеснаесет години бев чтец и читав книги во црквата на мојот Бог. Дваесет и осум години бев ѓакон и го читав Светото Евангелие. Триесет и три години сум презвитер, учејќи ги луѓето и упатувајќи ги на патот на спасението со Христовата помош. А, ти, сега бараш од мене да бидам сличен на тебе и да му принесам жртва на ѓаволот, кој се наоѓа во мртвиот идол. Сепак би сакал да го видам твојот бог и неговата сила.
На тоа војводата рече:
Голема слава и сила има великиот бог Ескулап. Оној што нема да принесе кадење со молитва пред вратите на неговиот храм, не може да влезе внатре.
А пак во неговиот храм жреците специјално негуваа огромни змии и еднаш во годината им принесуваа слатки.
Светителот рече:
- Ајде да појдеме во храмот на Ескулап. Ако не ми дозволи да влезам внатре, јас ќе му принесам кадење.
А кога војводата и народот заедно со светителот се приближија до храмот, змиите или подобро речени нечистите духови што беа во него, започнаа страшно да пиштат и да прават метеж, така што храмот се нишаше како дрво на ветрот. Војводата и народот побегнаа од страв, а војводата му рече на светителот:
- Виде ли колку е голема силата на Ескулап. Никому не му дозволува да влезе кај него без кадење.
Светителот му рече:
- Нареди му на твојот жрец да го отвори храмот, и јас ќе влезам внатре.
Војводата му нареди. А жрецот по име Виталиј му рече на војводата:
- Ја молам твојата пресветла власт, јас не можам да го отворам храмот без кадење и молење, оти многу се заканува богот Ескулап.
И зеде кадило, го принесе по својот идолопоклонички обичај, го симна катанецот од вратата и веднаш побегна од таму. А војводата, стоејќи далеку од вратата на храмот, му довикна на светителот:
- Старче, ако можеш да влезеш, влези!
Светителот застана до вратата, се прекрсти, смело влезе, и сите змии ги прикова за земјата, така што не можеа да се помрднат. Потоа Му се помоли на вистинскиот Бог, говорејќи:
- Господи, Боже мој, Ти со Својот слуга Даниил си го уништил вавилонскиот Вил и си ја убил змијата. И сега, преку мене грешниот, Ти, со својата божествена сила убиј ги овие змии, за да се прослави светото име Твое!
Потоа им запрети на змиите да не наштетат никому, и им нареди да одат по него. Излезе со нив надвор, а народот и војводата се преплашија од змиите и започнаа да бегаат. Светителот повика по нив:
- Зошто бегате? Не плашете се! Застанете! Ќе видите дека овие змии со силата на мојот вистински Бог ќе бидат усмртени пред вашите очи!
И дувна кон змиите, ги усмрти сите, и тие се распаднаа пред неговите нозе, како убиени од гром. Тогаш свети Артемон му рече на војводата:
- Гледаш ли, Патрикиј, како со силата на нашиот Господ Исус Христос беа усмртени боговите кои вие ги почитувате? Војводата и целиот народ беа преплашени, а жрецот Виталиј силно извика: - Голем е богот христијански, и огромна е силата на овој човек, кој со здивот од устата своја, ги усмрти овие змии! Тој падна пред нозете на светителот, говорејќи: - Слуго на вишниот Бог, нема да се одделам од тебе! Осени ме со силата на твојот Бог, за да станам овца на твоето стадо. Досега бев во заблуда, оти се надевав во идолите и во овие змии, а сега Го познав вистинскиот Бог. А безбожниот војвода, слеп со очите на душата, иако го виде ваквото чудо, сепак не сакаше да се обрати кон вистината. Ова чудо не го припишуваше на силата Божја, туку на маѓепсништвото на Артемон. Посрамен и разрајен поради смртта на змиите, тој нареди повторно да го изведат светиот маченик пред него на суд, па јаросно викна кон него:
- Во името на великата богиња Артемида и блескавиот Аполон, ќе те исечам на парчиња ако не ми кажеш со која сила ги уби оние огромни змии!
Маченикот му одговори:
- Со силата Христова и со помош на светиот Архангел Рафаил, испратениот од Бога за тоа, ги убив вашите змии.
Војводата го праша:
- Може ли да има таква сила Оној што беше распнат од еврејскиот народ?
Светителот одговори:
- О, стара помрачена злобна змијо, наследнику на тартарот! Слушна, и повторно чуј: Вашите змии умреа од силата на мојот Бог!
Тоа го разбесни војводата, и тој вжешти една огромна тава, ја стави врз голиот маченик, па додаде и вжештени железни шилци и нареди да го бодат. При тоа нареди со железни орудија да му сечат делови од телото. И му говореше на светиот:
- Гледаш ли, непокорен старче, како твоето тело гине во маки?
А страдалникот ги крена очите кон небото и рече:
- Господи Исусе Христе, не дозволувај нечистиот војвода да ме исмее мене, слугата Твој, зашто знаеш дека заради Тебе страдам. Дај ми трпение до крај, та врагот мој потполно да биде посрамен. Услиши ја, Боже, молитвата на слугата Твој, и чуј го молењето мое, Господи Саваоте! Ти си ги створил небото и земјата, и сите убавини под небото, Ти си Господ на сите, и не постои таков што би можел да Ти се спротивстави. Во милоста Твоја, спаси ме, Господи! Ти си го осветил незлобивиот Твој слуга Авел, невино закланиот; Ти си го оправдал и во висините си го вознел угодникот Твој Енох; Ти си го сочувал Ное во ковчегот; Ти, ради благослов си го воздигнал светителот Мелхиседек; Ти, ради жртвата си го прославил Авраам; Ти си ги умножил децата на Јакова; Ти си го извлекол Лот од содомскиот оган; Ти, поради трпението си го возвеличал Јов; со Твојата помош Јосиф ги победи телесните страсти; со Тебе слугата Твој Мојсеј се издигна над непријателите; и сите од Тебе спасени, Те величаат Тебе, прославениот Бог. И јас, Господи, слугата Твој, Ге молам, помилуј ме, по милоста Твоја, И помогни ми со силата Гвоја!
Додека светителот така се молеше, оној елен што проговори со човечки глас, дојде во Кесарија, се проби низ народот, падна на колена пред светиот маченик и ги лижеше неговите чесни нозе. Потоа застана пред војводата, и по наредба Божја за изобличување и посрамување на безбожниците, проговори со човечки глас и рече:
- О, најзлобен војводо, сфати дека сѐ е возможно за Бога. Он може и на животните да им подари човечки говор, за да ја покаже Својата божествена сила. Знај, дека слугата Божји Артемон наскоро ќе се ослободи, а тебе ќе те зграбат две небесни птици и ќе те фрлат во врела смола, затоа што си Го исповедал Бога и си верувал во Него, па потоа си се одрекол од Него, и сега бездушно го мачиш праведниот човек.
А расипаниот војвода, изобличен од дивите животни, и сметајќи го тоа за магепсништво, се разгневи многу и им нареди на војниците да го убијат еленот. Еден војник фрли копје по него, но еленот скокна и копјете се зари во градите на трпезарот на војводата, и тој веднаш издивна. Тоа многу го нажали војводата, и тој го прекина судењето и нареди маченикот повторно да го фрлат во темница.
Утредента војводата нареди да се подготви голем казан со врела смола, па во него да го фрлат маченикот. Кога слугите подготвија сѐ, војводата седна на коњот и одјава, за со свои очи да го види казанот. Кога се приближи на тоа место, слетаа два ангела од небото во вид на орли, го зграпчија од коњот и го фрлија во врелата смола, и тој изгоре така што ни коска не остана од него. Кога го видоа тоа, војниците и народот се преплашија и се разбегаа. Само светителот остана кај казанот, славејќи го Бога. Тој ги преклони колената, се помоли на Бога и на тоа место изведе извор вода. Тогаш дојде идолскиот жрец Виталиј и многу други со него, и светиот маченик ги огласи и крсти. Таа ноќ дојде глас од небото, кој на маченикот му рече:
- Излези од овој град, и оди во Азија, во приморското место Вула. Таму ќе ги најдеш Александар и неговата мајка Пиронија. Со нив многумина ќе ослободуваш од демоните и од разните болести. И многумина, просветени од тебе, ќе го прослават Бога.
Кога осамна, кај свети Артемон се собраа сите новопросветени. Тој го зеде лебот на Божествените Тајни, го искрши на честици, ја благослови светата Чаша, и им даде говорејќи: „Овој леб е Тело Христово, и оваа Чаша е Крв Христова, пролиена за вашите души. Затоа чувајте се, деца, ниту еден од вас да не отпадне од љубовта Христова! Непоколебливо стојте во верата! А мене ми е наредено да одам во Азија.
А пак епископот Кесариски, кога слушна сѐ за светиот маченик Артемон, дојде кај него со верните, го целиваше и го огради местото на кое што страдаше тој, и подоцна изгради црква. Некои од оние што ги крсти светиот маченик, епископот ги ракоположи за свештеници, а некои пак за ѓакони, додека Виталиј го постави за епископ на палестинските краеви.
Светиот маченик Артемон се прости со епископот и народот, и тргна за Азија. По патот го зеде ангел и го однесе во местото Вила. Таму тој со силата Божја направи многу чудеса и многумина просвети и приведе кон Бога. Потоа повторно беше фатен од незнабошците и посечен со меч во 304-та година. Така отиде во вечните живеалишта да го прими венецот на славата од Христа Бога, Кому со Отецот и Светиот Дух слава и поклонение низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КРИСКЕНТ
Свети Крискент беше од Мира Ликијска. Потекнуваше од славен и познат род. Во поодминати години и веќе стар, гледајќи како многу идолопоклоници им принесуваат жртви на неразумните животни, понесен од ревност, тој отиде меѓу нив и ги советуваше да ја отфрлат својата заблуда и да се обратат кон Богот во Кој веруваат христијаните, Кој е Творец на секоја душа и Промислител за секој живот.
Игемонот го нарече светителот зол дух и несреќник, затоа што сака доброволно да страда. Светителот му одговори дека страдањето за Христа е извор на среќа и блаженство. Прашан од игемонот како се вика и од каде е, светителот на сите прашања даде еден одговор:
- Христијанин сум.
Игуменот го советуваше да им принесе жртви на идолите, говорејќи му:
- Поклони се само со телото, а со душата клањај Му се на твојот Бог!
Но, тој го одби тоа најодлучно, и пред сите го исповедаше Христа Бога. Уште рече:
- Телото го прави тоа што го сака душата, зашто душата го движи телото и владее со него.
Поради тоа светителот најпрвин беше врзан и тепан. Потоа запалија оган и го фрлија во него. Но, огнот не му изгоре ниту влакно од главата. Потоа, благодарејќи Му на Бога, тој ја предаде својата душа во рацете Божји и доби маченички венец.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ТОМАИДА
Светата маченица Томаида е родена во Александрија од благочестиви родители, кои добро ја отшколуваа и воспитаа. Во нејзината петнаесетта година родителите ја омажија за едно христијанско момче. Томаида живееше чесно во домот на својот сопруг, украсена со целомудреност, кроткост, незлобивост и останатите добродетели. Заедно со нив живееше и таткото на нејзиниот сопруг, нејзиниот свекор. Под дејство на сатаната, тој, ранет од нејзината убавина, бараше начин како да ја обесчести. Но, не наоѓајќи згодна прилика за тоа, тој секој ден божем милувајќи ја, ја прегрнуваше и бакнуваше. А невестата, како целомудрена, не ја виде негова лукавата намера и мислеше дека тој тоа го прави од родителска љубов и се срамеше од него како од татко. Сопругот на Томаида беше рибар. Една ноќ дојдоа други рибари и го одведоа да ловат риби. Тогаш неговиот татко ја нападна Томаида, присилувајќи ја на грев. А таа, запрепастена од таквото неочекувано зло, започна да се брани од бесрамниот старец, велејќи му:
- Што правиш, оче? Прекрсти го своето лице и тргни се од мене, зашто тоа е ѓаволско дело.
Но, старецот не попушташе, а целомудрената Томаида исполнета со страв Божји, јуначки се бранеше и го молеше својот свекор да се откаже од таквото беззаконие. Тој упорно се нафрлаше врз неа. А пак над постелата висеше еден меч. Старецот го зеде мечот и започна да ја заплашува својата снаа, говорејќи ѝ:
- Ако не ме послушаш, со овој меч ќе ти ја отсечам главата.
А снаата му одговори:
- Макар и на парчиња да ме исечеш, јас нема да се согласам на беззаконо дело.
Тогаш разбеснетиот старец ја закла блажената Томаида и ја расече на две половини. Така таа ја предаде својата душа во рацете Божји, и доби славен венец на мачеништвото за својата чистота и целомудреност.
Нејзиниот убиец веднаш го достигна Божјата казна: На место ослепе оној што беше слеп со душата и, фрлајќи го мечот, ја бараше вратата за да побегне од куќата, но не можеше да ја најде. Додека така се мачеше допирајќи ги ѕидовите и барајќи ја вратата, наиде друга група на рибари и го повика неговиот син на риболов. Тој им одговори:
- Мојот син отиде на риболов, а вие покажете ми ја вратата зашто не можам да ја најдам. Тие ја отворија вратата и го здогледаа старецот со крвави раце, и мртвата жена расечена на две половини, како лежи целата во крв.
Запрепастени, рибарите прашаа:
- Што е ова? Кој, и зошто го изврши ова убиство?
Старецот им го исповедаше својот грев и ги молеше да го предадат на властите, за да биде казнет. Во тоа време и нејзиниот сопруг се врати од риболов. Кога виде што се случило, тој многу се нажали и посрами. Плачеше за својата сопруга, а се срамеше од својот татко, кој не се исплаши ниту од Бога, ниту пак се посрами од своите седи коси, туку изврши такво зло. Старецот беше предаден на судот и осуден на смрт со обезглавување.
Кај убиената Томаида се насобра многу народ од Александрија. Сите се чудеа на таквото необично и страшно дело, и го величаа целомудрието на убиената. Во тоа време во Александрија беше и преподобниот отец Данил од Скитот. Тој му предложи на својот ученик:
- Чедо, ајде да ги видиме моштите на светата невеста.
Откако отидоа и ги видоа моштите, тие отпатуваа во манастирот наречен Октодекат односно Осумдесетти. Монасите го пречекаа отецот со љубов, и тој им раскажа за мачеништвото на света Томаида, и рече:
- Донесете ги овде нејзините чесни мошти, оти нејзиното тело не треба да биде погребано со световните луѓе, туку со светите отци.
Некои од браќата започнаа да негодуваат затоа што наредува женско тело да биде погребано со светите отци. На тоа преподобниот им одговори:
- Девицата, која што вие не сакате да ја донесат овде е и моја и ваша мајка, зашто умре заради целомудрието.
Тогаш монасите отидоа, го донесоа телото на светата Томаида, и чесно го погребаа во манастирската гробница со светите отци.
После тоа преподобниот Данил со својот ученик си отиде во својот Скит. Потоа се случи еден од браќата да биде нападнат од демон на блудот. Тој отиде кај преподобниот Данил и му исповедаше дека многу го мачи похота. Преподобниот му рече:
- Појди во манастирот Октодекат, влези во гробницата на светите отци, И помоли се вака:
- Боже, по молитвите на маченица Томаида, помогни ми и избави ме од блудната напаст! Надевај се во Бога и ќе се ослободиш од ѓаволското искушение.
Братот направи така и блудната напаст престана. Тој се врати во Скитот, и падна пред нозете на преподобниот Данил, говорејќи:
По молитвите на светата маченица Томаида, и твоите, оче, Бог ме ослободи од блудната напаст.
А старецот го праша:
- Како се случи тоа?
Братот одговори:
- Извршив само дванаесет молитви, се помазав со елејот од кандилото што се наоѓа на гробот на светата маченица Томаида, па ја спуштив главата на нејзиниот гроб, и заспав. Тогаш ми се јави светла девица, светата маченица Томаида, и ми рече:
- Оче, оче, прими го овој благослов, и оди си со мир во својата ќелија!
И јас, земајќи благослов, се разбудив и се почувствував потполно ослободен од телесните страсти. Но, не знам каков беше тој благослов што ми го даде светителката во сонот, само се почувствував ослободен.
На тоа преподобниот му рече:
- Таква слобода пред Бога имаат оние што се борат за целомудрието.
Оттогаш повеќе никаква телесна страст не го вознемируваше тој брат, и тој Го славеше Бога, а ја прославуваше и светата маченица Томаида, која го ослободи од страстите.
Потоа и други вознемирувани од таквите страсти прибегнуваа кон гробот на светата маченица Томаида, и по нејзините свети молитви добиваа олеснување и ослободување од телесните страсти, и Го славеа Христа Бога, прославениот во оваа светителка, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и поклонение за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕЛЕВТЕРИЈ ПЕРСИЈАНЕЦОТ
Овој свет маченик заедно со светиот маченик Зоил Римјанинот самиот отиде кај управникот на својот град и го изобличи за неговата нечестива вера. Тој го фати и започна да го мачи на едно тркало со разни мечеви и други орудија. Страшно мачен и теран да ја прими незнабожната вера, свети Елевтериј не попушти, туку храбро ги поднесе сите маки. Најпосле беше посечен со меч за својот Господ. По него беше посечен и светиот маченик Зоил Римјанинот.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЗОИЛ РИМЈАНИН
Свети Зоил пострада за Христа заедно со светиот маченик Елевтериј Персиецот, на чие што страдање и трпение се восхитуваше, а потоа и самиот со него го делеше.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОДОСИЈ
Овој свет маченик беше посечен со меч за Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ ПЕЛОПОНЕСКИ
Светиот новомаченик Димитриј беше родум од селото Лигудист во покраината Аркадија на Пелопонез. Татко му се викаше Илија а мајка му умре уште додека беше мал. Неговата маќеа не постапуваше добро со децата, па Димитриј со својот постар брат ја напушти куќата и отиде во Гриполис. Стапи во служба кај некои ѕидари, па мачен од нив отиде да служи во една турска куќа. Тука мухамеданците постепено го обратија во својата вера, го обрезаа и го нарекоа Мехмед. По него тргна и неговиот постар брат и го стори истото. Кога слушна за пропаста на своите деца, нивниот беден татко Илија тргна да ги бара своите синови, но не ги најде и се врати назад.
Димитриј дозна дека нивниот татко ги барал и започна да го гризе совеста. По долго размислување, тој го напушти агата и отиде во Смирна. Оттаму отиде во манастирот на светиот Преттеча во Кидонија, каде што се исповедаше кај тамошниот игумен и тој го испрати на островот Хиос кај светиот Макариј Коринтски. Во младиот Димитриј уште тогаш се беше родила желбата да пострада за Христа, и тоа токму на местото каде што се беше одрекол. Затоа, под раководството на својот духовен отец Никифор, тој се оддаде на најстроги подвизи и духовни трудови, особено на пост и молитва. По долго одлагање и подготовка, најпосле доби благослов од духовникот и отпатува во Триполис. Во Аргос се исповедаше кај свештеникот Антониј Сакелариј, па потоа се појави пред својот ага во Триполис и јавно исповедаше дека е христијанин и дека сака да пострада за Христа. Неговиот поранешен господар го предаде на турскиот намесник а тој започна да му се заканува и отпочна луто да го мачи. И покрај сѐ, Димитриј само изговараше:
- Христијанин се родив, христијанин сум и како христијанин сакам да умрам. Распнатиот Христос е вистинскиот Бог! Се поклонувам на Отецот и Синот и Светиот Дух, единосуштната и неразделна Троица!
Не можејќи да го придобијат за себе, Турците го препраќаа од намесникот до судијата, од судијата до управителот на градот и пред сите маченикот го повторуваше истото:
- Христијанин сум и како христијанин сакам да умрам! Се поклонувам на Распнатиот Исус Христос, Вистинскиот Бог!
Страшните мачења од страна на Турците не успеаја да ја променат неговата вера. Најпосле турскиот игемон нареди да му ја отсечат главата со меч. И така светиот маченик Димитриј се здоби со венецот на мачеништвото од својот Господ Христос. Пострада во вторникот по Томина недела, на 13 април во 1803-та година. Неговите свети мошти ги спасија побожните христијани и ги пренесоа во храмот на светиот Никола наречен Варсон, а неговата света глава ја зеде и сочува споменатиот свештеник Антониј Сакелариј во Аргос. Од моштите на светиот новомаченик Димитриј се случуваа многу чудесни исцеленија, во слава на Христа Бога и за спасение на многумина. Амин.