27. Април (14. Април)
СТРАДАЊЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ МАРТИН ИСПОВЕДНИК
По смртта на Римскиот папа Теодор (642-649 г.) едногласно за папа беше избран блажениот Мартин на 5 јули во 649-та година. Во тоа време на Исток царуваше Констанс II, внук на царот Ираклиј. Тогаш грчките цареви владееја и со Рим, и имаа свои намесници во западните краеви. Во тоа време на Исток јакнеше монотелитската ерес, која што учела дека во Христа Господа пости само една волја. Оваа ерес произлезе од поранешната Евтихиева ерес, која учеше дека во Христа постои само една природа, наспроти православното вероисповедување, според кое, во нашиот овоплотен Господ Бог постојат две природи, две волји и две дејства, својствени на Божествената и човечката природа, но во едното лице Христово, зашто Христос Бог не се дели на две лица туку се распознава во двете природи, соединети непомешано. Оваа ерес започна од александрискиот патријарх Кир и цариградскиот патријарх Сергиј (610-639 г.); со нив се согласи и царот Ираклиј, дедото на царот Констанс II. По Сергиј во Цариград патријарх беше Пир, исто така еретик монотелит, а по него патријархот Павле, припадник на истата ерес. По наговарање на патријархот Павле царот Констанс II напиша книга наречена Типос, односно Образец, полна со монотелитски ереси и ја распрати на сите страни со наредба сите така да веруваат.
Многу од правоверните, кои не се покорија на царската наредба, поднесоа прогонства, рани и смрт. Меѓу нив беше и преподобниот Максим Исповедник (види под 21 јануари), и светиот римски папа Мартин. Штом стана папа, царот му ја испрати својата еретичка книшка Типос, со цел да го придобие за неговата вера, тој да ја усвои и соборно да ја утврди. Блажениот Мартин го отфрли тоа зловерие, говорејќи:
- Дури и целиот свет да го прифати ова спротивно учење на првоверието, јас нема да го прифатам, ниту ќе отстапам од евангелското и апостолското учење и од преданијата на светите Отци, па макар да бидам предаден на смрт.
Свети Мартин му испрати писмо на цариградскиот патријарх Павле (641-654 г.), со молба и совети да не прави раздор во Црквата, и да го советува царот да престане со умувања кои се спротивни на Црквата. Но, патријархот Павле не само што не го послуша блажениот Мартин, туку и неговите пратеници ги изнавреди, ги претепа, и ги испрати на заточение во далечни покраини.
Тогаш пресветиот папа, по совет на светиот хрисополски ава Максим (кај Цариград), кој во тоа време беше во Рим, свика помесен Собор во Рим во 649-та година, составен од сто и пет епископи. На соборот беше осудена и анатемисана заблудата на Кир, Сергиј, Пир и Павле, заедно со царевата книга Типос. И свети Мартин со послание ги извести за тоа сите верни во вселената, утврдувајќи ги во правоверието, разголувајќи ја погубноста на ересите и наредувајќи им будно да се чуваат од неа.
Царот Констанс II многу се разјари кога слушна за тоа и во Рим го испрати својот намесник, војводата Олимпиј, за да го фати папата Мартин. Олимпиј пристигна во Рим за време на заседавањето на Соборот. Но, кога ги виде многуте епископи и градот полн со народ, тој не се осмели да го фати папата јавно, туку му нареди на еден војник да го убие во црквата. Но, кога војникот влезе во црквата со сокриениот меч, и му се приближи на папата за да го прободе, наеднаш ослепе. Кога Олимп виде дека самиот Господ го чува својот служител, го остави папата, отиде во Сицилија кај Сарацените и таму умре.
А пак царот, наговорен од патријархот Павле, испрати друг намесник во Рим, војводата Теодор Калиопа, да го фати Мартин, откако лажно ќе го обвини дека е во дослух со Сарацените, дека неправилно ја држи верата предадена од Отците, и дека хули на Пречистата Богомајка. Штом допатува во Рим, царскиот намесник јавно ги изнесе овие обвинувања против папата. Блажениот невин страдалник се бранеше од безочните клевети, изјавувајќи:
- Никогаш не сум имал ништо со Сарацените, освен што сум праќал милостиња на православните браќа кои живеат во немаштија и беда; а кој не ја исповеда и не ѝ се поклонува на Пречистата Богомајка нека биде проклет и во овој и во оној век; а пак светата вера предадена од светите Апостоли и богоносни Отци не ја држиме неправилно ние, туку оние што умуваат спротивно на нас.
Не земајќи ги во обзир оправданите причини на папата, царскиот намесник го обвинуваше за сѐ, па најпосле го обвини и дека божем неправилно дошол на папскиот престол. Една ноќ, војници тајно го фатија папата (во 653 година), го врзаа, го одведоа на пристаништето, го качија на брод и го испратија на далечните острови наречени Циклади. Таму, на островот Наксос, светителот остана во заточение цела година, мачен со глад и сеопшто оскудување. Богољубивите жители на тој остров го сожалуваа и му носеа понуди, но стражарите им ги земаа и ги злоставуваа, говорејќи:
- Оној што го сака и го сожалува овој е непријател на татковината, зашто тој е еретик, противник Божји, и разорувач на грчкоримското царство. Многу пакости му чинеа стражарите на светителот, го исмејуваа и го злоставуваа бесрамно. Многу изнемоштен и од тоа, и од болестите, тој со благодарност трпеше сѐ заради Бога. Потоа беше одведен во Цариград.
Наесен, еден ден рано наутро бродот стигна во Цариград. Светителот беше тешко болен и разни бездушни луѓе испраќани од царските палати и патријаршијата, доаѓаа и го навредуваа и понижуваа чесниот архијереј Божји. Светителот го поднесуваше тоа од утрото до вечерта. На зајдисонце дојде еден нотариј со многу војска, го стави болниот светител на носила, и го однесе во дворецот наречен Пандиарија. Таму го затворија во мрачна и тесна ќелија под силна стража, за никој од градот да не дознае за него. Светителот помина во таа темница деведесет и три дена, немајќи со кого да проговори ниту збор.
Потоа го однесоа болниот светител во домот на сакеларијот, каде се беа собрале сенаторите. И кога на носила го внесоа во салата, најстариот сенатор викна по него, наредувајќи му да стане. Оние што го носеа рекоа дека не може да стои, оти е тешко болен. Но, сенаторите налутено му наредуваа на светителот да стои пред нив. И светителот, придружуван од слугите застана. Тогаш доведоа лажни и потплатени сведоци кои ги изнесоа против него лажните гореспоменати обвинувања, и други измислици; и сведочеа заколнувајќи се во Светото Евангелие. А кога блажениот Мартин, кој не знаеше грчки, сакаше преку преведувач да се брани, тие не му дозволија ни да проговори, а преведувачот бесрамно го изгрдија. Тогаш светиот папа им рече:
- Ќе ми сторите големо добро ако побрзо ме убиете.
Потоа светителот беше поставен на истакнато место во театарот, каде што целиот народ го гледаше. А царот го набљудуваше од една околна куќа. Тогаш дојде царскиот сакелариј и со презир му рече на светителот:
- Ете, ти си го оставил Бог, и Бог те оставил тебе!
И му нареди на народот да го проколне блажениот Мартин. Народот силно викаше:
- Анатема на папата Мартин!
А оние што знаеја дека папата е невин, со тажни лица и насолзени очи го напуштаа театарот. Потоа сакеларијот му рече на старешината на судот:
- Земи го овој, па исечи го на парчиња, зашто не заслужува да живее.
И џелатите веднаш го зграбија светителот, го соблекоа, му ставија тешки вериги околу вратот, го оковаа, и така го влечеа низ градот. Пред него носеа меч со кој требаше да биде посечен. Многумина му се потсмеваа, го навредуваа, го злоставуваа и викаа:
- Каде е неговиот Бог? Каде е учењето на верата негова?
Други пак плачеа и ридаа, гледајќи какво бесчестие се врши, и на какви маки се става толку голем светител Божји. А преподобниот Мартин поднесуваше двократни страдања: едни од болеста, тешките окови и немилосрдните раце на џелатите, а други - душевни, затоа што е гол и срцето му се кинеше од срам. Кога го довлекоа во судиштето го фрлија во темница меѓу злосторници и разбојници, влечејќи го окован по скалите, од што светителот се здоби со многу рани и многу крвареше. По некое време го пренесоа во друга темница која се викала Диомидова. Таму од болеста и големиот јануарски мраз, тој беше на умирање. Но, жената на чуварот на темницата тајно дојде кај светиот, го однесе од таму, му ги преви раните и го стави во својата постела. Така светителот лежеше како мртов, сѐ до вечерта. Доцна во ноќта старешината на царските евнуси Григориј го испрати својот економ кај светителот со понуда, и со ваква порака:
- Не малаксувај во тага! Се надеваме во Бога дека нема да умреш.
Кога го слушна тоа, преподобниот Мартин длабоко воздивна, зашто тие зборови не му беа пријатни, оти сакаше да умре во своето страдање за правоверието.
Утредента царот го посети болниот патријарх Павле, кој беше на умирање и му раскажа сѐ за папата Мартин, а Павле воздивна тешко, ја сврте главата, и рече:
- Тешко мене, и тоа на моја осуда!
Царот го праша зошто зборува така, а патријархот одговори:
- Зарем е мала мака, господару, папата толку да страда?
И го преколнуваше царот повеќе да не го мачи папата.
Осум дена по смртта на патријархот Павле, царот го испрати својот нотариј Демостен заедно со други угледни луѓе кај светиот Мартин во Диомидовата темница. Тие му рекоа на светителот:
- Нашиот цар рече: Ете, во каква слава си бил, а во какво бесчестие си паднал! Но, за тоа самиот си виновен.
Светиот папа не им одговори ништо, туку ги крена очите кон Бога, и рече:
- Пофалба и благодарност за сѐ на единствениот бесмртен Цар!
И го распрашуваа светителот за поранешиот патријарх Пир, дали тој доброволно бил во Рим и се одрекол од монотелитската вера, и како го примил поранешниот папа Теодор. Свети Мартин им раскажа сѐ за Пир, како доброволно дошол во Рим и писмено се одрекол од лажната вера, макар што потоа пак се вратил во своето зловерие, и како папата Теодор го примил чесно како епископ. На крајот светителот им рече:
- Еве, јас сум во вашите раце. Правете со мене што сакате, бидејќи Бог ви дозволи. Но, со сигурност знајте дека и на парчиња да ме исечете, јас нема да имам никакво општење со цариградската црква, сѐ додека е во зловерието. Обидете се на дело и ќе видите каква е благодатта Божја во слугите Божји.
Кога го слушнаа тоа, пратениците се вратија кај царот, восхитувајќи се на великодушноста и бестрашноста на светителот.
Светителот помина осумдесет и пет дена во Диомидовата темница, и кај него дојде нотаријот Саголив и му рече:
- Наредено ми е да те одведам во твојот дом, а потоа ќе бидеш испратен некаде.
Светителот го праша:
- Каде ќе бидам испратен?
Но, тој не сакаше да му каже. Преподобниот му рече:
- Оставете ме овде, сѐ додека не ме испратите некаде.
И нотаријот си замина. А на зајдисонце блажениот Мартин им рече на своите созатвореници:
- Ајде, браќа, да си дадеме последен целив зашто сега ќе дојде оној што ќе ме одведе одовде.
И откако со солзи се целиваа, светителот со радосно лице им рече:
- Не плачете, туку радувајте се со мене, зашто одам на заточение за правоверието.
Тогаш повторно дојде нотаријот Саголив и го одведе светителот. Сите затвореници неутешно плачеа поради разделбата со него. Светителот беше испратен на заточение во Херсон, каде што мачен со глад, И оскудување во сѐ, по две години отиде кај Господа во 665-та година. Неговото свето тело беше погребано надвор од градот во црквата на Пресвета Богородица Влахерна. Неговиот гроб беше славен, оти им даваше исцеленија на сите болни по светите молитви негови, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух слава за навек, амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АНТОНИЈ, ЈОВАН и ЕВСТАТИЈ
Овие свети маченици беа од литванскиот град Вилна. Најпрвин беа незнабожци и поклоници на огнот, исто како и останатите жители на таа земја. Антониј и Јован беа родени браќа. Кога во Литва дојде некој свештеник по име Нестор, Антониј и Јован со целата своја душа ја засакаа христијанската вера. Нестор ги крсти, и на постариот му го даде името Јован а на помладиот Антониј. По крштевањето, браќата живееја живот кој што им доликува на христијаните. А беа на служба во дворот на литванскиот кнез Олгерд во Вилна. Ја криеја од него својата христијанска вера, но не можеа да ја сокријат, оти со својот живот и обичаи се разликуваа од другите. Тие не сакаа да ја стрижат косата и брадата како што тоа го правеа незнабожците, не јадеа месо во посните денови, ниту пак правеа нешто што е спротивно на христијанството. Кога кнезот ги праша зошто не ги почитуваат древните литвански обичаи, тие смело изјавија дека се христијани. Тогаш кнезот започна да ги присилува да се откажат од христијанството и да јадат од месото на трпезата. Но, тие не сакаа да вкусат од него, зашто денот беше посен. Тогаш кнезот нареди да ги затворат во темница. Тие со радост се упатија кон темницата и Му благодареа на Бога што се удостоија да страдаат за светото име Негово.
Откако поминаа една година во темницата, притиснат од тешкотиите и плашејќи се од маките, Јован падна со духот, и му испрати молба на кнезот да го ослободи, ветувајќи дека ќе стори сѐ што ќе му нареди кнезот. Кнезот многу се израдува на тоа, И нареди да ги пуштат и двајцата, и ги врати на нивната поранешна служба. Наизглед Јован се прилагодуваше кон незнабожците: ги држеше нивните обичаи, ја исполнуваше волјата на кнезот, но во своето срце тајно се молеше на Христа Бога, Кого од страв од мачења не смееше јавно да Го исповеда. А пак, Антониј, ни најмалку не го промени своето христијанско однесување, туку јавно го правеше она што секој христијанин треба да го прави, и го укоруваше Јована што е малодушен и плашлив. Тој го советуваше сериозно да се покае и без да се плаши од маките, повторно јавно да Го исповеда Христа. А незнабошците, гледајќи како постариот брат Јован му се покорува на кнезот во сѐ, не му обраќаа внимание на Антониј.
Еден ден, кога браќата седеа со кнезот на трпезата, Јован јадеше месо иако беше посен ден, а блажениот Антониј не сакаше да вкуси, објавувајќи дека е христијанин. Тогаш кнезот нареди повторно да го затворат Антониј во темницата. А Јована го караа сите. Христијаните не го сакаа како отпадник, а незнабошците го укоруваа како непостојан, бидејќи ниту остана во древната прататковска вера, ниту пак ја одржа христијанската вера во која што премина. Но, тогаш Јован си дојде на себе, и со солзи започна да се кае поради својот пад. Отиде кај споменатиот свештеник Нестор, и го замоли да посредува за него кај својот брат да му го опрости гревот, и да го прими во својата заедница. Но, Антониј одговори:
- Јас не можам да имам никаква врска со него, додека тој најпрвин јавно не го исповеда Христа и христијанската вера. Кога ќе го стори тоа, тогаш сѐ ќе ни биде заедничко.
Искрено каејќи се, Јован со љубов ги прими зборовите на својот брат, и чекаше погодно време за јавно да ја исповеда својата христијанска вера. Еден ден, додека кнезот се капеше а Јован му служеше, тој најде погоден момент и храбро изјави пред кнезот дека е христијанин. Кнезот пак, бидејќи беше сам во бањата, не се осмели ништо да му стори, ниту го искажа својот гнев. Потоа, кога кнезот беше со многумина, Јован громогласно објави дека е христијанин. И веднаш беше врзан и од сите присутни немилосрдно шамаран и долго тепан со стапови, па фрлен во темница.
Свети Антониј беше многу радосен кога го виде тоа. Тие живееја во темницата, славејќи го Бога. Таму свештеникот Нестор ги причести со животворните Тајни Христови, а по неколку години светиот маченик Антониј беше осуден на срамна смрт како злосторник: да биде обесен на дрво. Кога му ја соопштија пресудата, тој цела ноќ Го фалеше Бога и се молеше, го бодреше својот брат бестрашно да страда за Христа, го советуваше да се чува од повторен пад, и претскажувајќи му пророчки, рече:
- Брате, по мојата смрт и ти ќе завршиш на ист начин и ќе преминеш кај Христа.
А кога осамна, и двајцата се причестија со божествените и живототворни Тело и Крв Христови и напладне свети Антониј беше изведен и обесен на еден даб, на 14 јануари. Така, непобедливиот војник Христов ја предаде својата света и непорочна душа во рацете на својот Бог Христос, Кого Го возљуби.
А светиот маченик Јован беше оставен во темницата зашто незнабожците се надеваа дека ќе го прелестат и ќе го одвратат од христијанската вера. Но, кога видоа дека е непоколеблив и храбар, и дека во темницата го проповеда Христа, го осудија на иста смрт како и неговиот брат. Го обесија на истиот даб во истата 1374 година, на 24 април. Така и овој страдалник, завршувајќи го маченичкиот подвиг отиде кај подвигоположникот Христос, за Кого јуначки се бореше. Нивните свети тела христијаните чесно ги погребаа на истото место.
По овие свети маченици пострада и блажениот Евстатиј. Тој беше млад по години, но многумина надминуваше со својата храброст; беше убав на лице, но уште поубав во душата и разумот. Познавајќи Го вистинскиот Бог и засакувајќи Го Христа, тој се одрече од незнабожното безбожие и отиде кај споменатиот свештеник Нестор. Тој го поучи во светата вера и го крсти. Оттогаш водеше богоугоден христијански живот во пост и молитви, упразнувајќи ја секоја добродетел. И тој беше на служба кај кнезот Олгерд. Еден ден, додека ја работеше својата работа, кнезот забележа дека на Евстатиј му е порасната косата. А кај незнабожците било обичај на свој начин да ги стрижат косата и брадата. Блаженото момче Евстатиј, откако ја отфрли нивната безбожна и глупава вера и го прими светото крштение, не ја острижа својата коса. Кога го виде тоа, кнезот го праша:
- Христијанин ли си?
И кога момчето отворено му изјави дека е христијанин, кнезот побесне од гнев. Сакајќи да го одврати од христијанската вера, најпрвин го тераше да јаде месо. Но, тој одлучно одби, зашто беше Божиќниот пост и петок.
Разјарен до лудило, кнезот нареди првин да го тепаат со железни стапови. А тој, бездушно тепан, јуначки трпеше и ниту солза не пушти, туку Му благодареше на Бога што го удостои да страда за светото име Негово. Тоа уште повеќе го разјари кнезот и тој нареди да му истураат студена вода во устата, а беше многу студено. Од силниот студ на маченикот му помодре телото, но ни тоа не го натера да му се потчини на кнезот, и да јаде месо во посен ден. Тогаш кнезот го стави на најсвирепи маки. Нареди да му ги искршат и здробат коските на нозете, од колената до стапалата; му ја симнаа косата од главата заедно со кожата и му ги отсекоа носот и ушите. Во таквите маки светителот помина три дена, но како да не чувствуваше болка, тој не беше возбуден, ниту пак покажуваше некаков знак на страдање, туку љубезно разговараше со некои христијани кои плачеа за неговото страдање и им велеше:
- Браќа, не плачете што моето тело се распаѓа во рани, зашто јас се надевам дека од Христа Бога ќе добијам вечна награда на небесата.
Кога кнезот виде дека ништо не помага, го осуди маченикот на смрт, и нареди да го обесат на оној ист даб, на кој во таа година беа обесени светите маченици Антониј и Јован. Слугите го дофатија светото момче кое едвај беше живо, и го поведоа на смрт, иако со искршени нозе, сепак крепен со помошта Божја, Евстатиј одеше како потполно здрав, и со радост стигна до дабот каде што го обесија.
Така страдалникот Христов ја предаде својата света душа во рацете Божји, на 13 декември. Неговото чесно тело беше оставено да виси за да го разнесат зверовите и птиците. Но, не му се приближи ниту ѕвер, ниту птица, зашто Бог го чуваше. По три дена христијаните го погребаа чесно крај телата на светите маченици Антониј и Јован.
Необично е тоа што по смртта на светите маченици, никој од осудените не беше обесен на тој даб, иако беше даб на кој дотогаш биле бесени сите осудени. А по извесно време, бидејќи христијаните се намножија и светата вера напредуваше, се собраа христијани, отидоа кај кнезот и го замолија да им го отстапи местото каде што светите маченици пострадаа за Христа. По промисла Божја кнезот им го даде тоа место. Христијаните тогаш го отсекоа оној даб и подигнаа црква во име на Пресвета Троица, а на местото каде беше дабот го наместија светиот престол. Потоа ги внесоа во црквата моштите на светите маченици Христови: Антониј, Јован и Евстатиј, во слава на Бога славениот во Светата Троица, Кому Му доликува секоја слава, чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
Незнабожните имиња на светите маченици Антониј, Јован и Евстатиј беа: Круглец, Кумец и Нежило.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АРДАЛИОН АКТЕРОТ
Светиот маченик Ардалион најпрвин беше актер комичар. Заради развеселување на народот, тој со задоволство играше улога на маченик за верата, исмејувајќи ги христијаните на сите можни начини. Но, кога настана гонењето на христијаните во времето на Максимијан (286-305 г.), неговиот дух потполно се промени. За време на една комична претстава каде што требало да глуми противење на христијанскиот маченик на царските наредби околу принесувањето жртви на идолите, тој пред народот громогласно изјави дека е христијанин, и дека не се шегува. Поради тоа Ардалион беше суден и мачен, наговаран и одвраќан. Но, тој остана непоколеблив и пострада за Христа. Умре врзан за вжештена железна леса. Така ја одигра вистинската и чесна улога на христијански маченик. Ете, такви се чудесните патишта на промислата Божја за спасението на човекот.