28. Април (15. Април)
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ АРИСТАРХ, ПУД и ТРОФИМ
Свети Аристарх, кој е споменат во Делата Апостолски (19, 29), и кај светиот апостол Павле (Кол. 4, 10; Филим. 23), беше епископ во Апамија Сириска. Тој се слави и на 4 јануари, заедно со сите свети Седумдесет Апостоли, и на 27 септември со апостолите Марко и Зинон. Свети Пуд, кого го спомнува свети апостол Павле (2 Тим. 4, 21), беше угледен римски граѓанин. Домот на Пуд најпрвин беше прибежиште на врховните апостоли Петар и Павле, а потоа преобратен во црква, наречена „Пастирска“. Се зборува дека во неа чинодејствувал самиот свети Петар. Свети Трофим, кого го споменуваат Делата Апостолски (20, 4) и свети апостол Павле (2 Тм. 4, 20), беше од Азија, од Ефес (Д. А. 21,29), и го следеше апостол Павле на неговиот евангелски пат. За веме на Нероновите гонења, кога апостол Павле беше посечен, беа посечени и овие тројца славни апостоли. Нивниот заеднички спомен се празнува и на 4 јануари, заедно со светите Седумдесетмина.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ЛЕОНИД
епископ Атински
Свети Леонид беше епископ на градот Атина во првите векови. Се упокои во мир.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК САВА ГОТСКИ
На Божјата Црква во Готската земја, на Божјата Црква во Кападокија, и на сите христијани на вселенските Цркви кои живеат меѓу сите народи во светот: милоста, мирот и љубовта во Бога Отецот и нашиот Господ Исус Христос нека ви се умножат!
Така започнува посланието на Готската црква до Кападокијската црква, во кое се опишува она што следува. Зборовите на светиот апостол Петар: „Кај секој народ, оној кој се бои од Него и постапува правично, мил Му е (Д.А. 10, 35), сега се исполнија токму врз светиот Сава, кој е маченик за Бога, нашиот Спасител Исус Христос. Гот по раѓање и живеејќи во Готската земја среде лош и развратен народ, тој толку ги подражаваше светите луѓе и со нив целосно ги исполнуваше Христовите доблести, така што заблеска во светот како ѕвезда. Уште од младоста го засака законот Господов, и почувствува дека целокупната добродетел всушност е со познанието на Синот Божји да се стигне до совршен човек. Знаејќи дека на оние што Го љубат Бога сѐ им оди добро (Рим. 8, 28), тој јуначки војуваше против врагот, се издигна над овој суетен свет, и имаше мир и љубов со сите, така што се удостои на високо звање и стекна вечна награда. Бидејќи светиот маченик се упокои во Господа, ние одлучивме за негов спомен и за корист на благочестивите луѓе да ги опишеме неговите преславни дела.
Сава беше правоверен, побожен, послушен во секое праведно дело, кроток, прост во говорот, но не и во разумот, мирољубив, вистонољубив, замолчувач на идолопоклониците, смирен, без ниту малку гордост, покорен на сите, молчалив, не дрзок на збор, подготвен за секое добро дело. Пееше во црквата и многу се грижеше за неа. Го презираше имотот и богатењето; беше задоволен со најнеопходното; трезвен, воздржлив во сѐ, не се дружеше со жените; секој ден беше ревносен во молитвите и чесноста, туѓ на таштината. Сите ги поттикнуваше на богоугоден живот. Самиот го исполнуваше она што ѝ припаѓа на должноста и добродетелта, а го избегнуваше она што е спротивно на добрите дела; беше полн со вера која љубов раѓа и никогаш не престануваше слободно да зборува за Господа. И пред да се овенча со мачеништвото за верата, тој многу пати се истакна како силен застапник на вистинското благочестие. Кога готските кнезови и судии започнаа да ги прогонуваат христијаните и да ги присилуваат да јадат од идолските жртви, па им подметнуваа и нежртвено месо како жртвено, свети Сава не сакаше да вкуси ни од едното ни од другото, присетувајќи се на зборовите на светиот апостол: „Ако некој ви рече: тоа е идолска жртва, немојте да јадете“ (1Кор. 10, 28). Тој излезе меѓу народот и на сите им сведочеше, говорејќи:
- Оној што јаде од ова месо, не може да биде христијанин.
Советувајќи ги така луѓето, тој ги чуваше да не паднат во замките на ѓаволот. Заради тоа незнабошците решија да го избркаат свети Сава од неговото село, но потоа решија пак да го повикаат.
Кога повторно настана гонење против христијаните, еден готски кнез дојде во селото каде што живееше благочестивиот Сава и ги праша селаните дали во нивното село има христијани. Тие со заклетва го уверуваа дека нема ниту еден. Тогаш Сава застана пред кнезот и народот и рече:
- Никој да не се заколнува за мене, зашто јас сум христијанин.
Кнезот ги праша селаните:
- Има ли имот овој христијанин?
Тие му одговорија:
- Нема ништо друго освен облеката врз себе.
Кога го виде беден и сиромашен кнезот го пушти со мир, говорејќи:
-Тој не може да биде ниту од корист ниту за штета.
По некое време незнабошците започнаа да ги гонат христијаните. Бидејќи се приближуваше Воскресение, блажениот Сава реши да оди кај христијанскиот свештеник Гутика, за заедно со него да го празнува светото Воскресение Христово. По патот му се јави еден висок човек со светол изглед и му рече:
- Врати се во своето село кај свештеникот Сансал.
Сава одговори:
- Тој не е дома. Поради гонењата побегнал во Грција.
Свети Сава не знаеше дека свештеникот Сансала веќе се беше вратил заради празникот Воскресение. И блажениот Сава го продолжи својот пат кон свештеникот Гутика. Денот беше ведар, но одеднаш се наоблачи и падна толку голем снег, што Сава не можеше да го продолжи својот пат. Гледајќи го во тоа Божјиот прст, тој се врати благодарејќи Му на Бога. Во селото го затекна блажениот Сансал, на што многу се израдува и му раскажа што му се случи по патот. Тие заедно го отпразнуваа Христовото Воскресение.
За тоа слушнаа незнабошците, па во третата ноќ, предводени од синот на кнезот Ротест Атарид, ненадејно го нападнаа домот на свештеникот Сансала, ги фатија двајцата светии и ги врзаа. Сансал го фрлија на една кола, а Сава гол го влечеа по трњето и тепајќи го немилосрдно со бичеви и стапови ги дотераа во својот град. Нивната бездушност ја обелодени верата и трпението на праведниот човек. Кога осамна, блажениот Сава вака им се фалеше со својот Господ на гонителите:
- Зарем не ме влечевте гол и бос по трњето? Погледнете ме сега. Немам ниту една рана, ниту пак трага од вашето тепање!
А тие, кога го видоа тоа, многу се зачудија. Потоа зедоа една греда, му ги врзаа рацете за неа, а пак за друга нозете, па го фрлија на земјата и го растегнаа, и цел ден до доцна во ноќта го тепаа и исмеваа. А кога мачителите заспаа, дојдоа некои жени и го одврзаа светителот од гредите. Кога осамна, Атарид нареди да му ги врзат рацете за дрвото. Исто постапија и со свештеникот Сансал. По кратко време Атарид испрати незнабошци со идоложртвено месо кај свештеникот и кај Сава, кои им рекоа:
- Великиот Атарид ви порачува: Јадете од ова месо за да ги избавите своите души од смртта.
Свештеникот Сансал им одговори:
- Нема да вкусиме, зашто не ни доликува да јадеме од овие демонски нечистотии, туку го молиме Атарид да нѐ распне или со некоја друга смрт да нѐ усмрти.
А блажениот Сава ги праша:
- Кој го испрати ова?
Тие одговорија:
- Господарот Атарид.
На тоа светителот рече:
- Еден е Господар - Бог, Кој е на небесата. Ова месо е погано и погубно како и самиот Атарид кој ни го испратил.
Кога светителот го рече тоа, еден од слугите на Атарид се разгневи и фрли копје по него и силно го удри во градите, така што сите мислеа дека веднаш ќе умре. Но, чуван со Божјата промисла, маченикот не се здоби со рана нити почувствува болка, и му рече на оној што го удри:
- Ти сметаш дека со своето копје си ме ранил, но јас тој удар го почувствував како да си ме удрил со кадела од волна.
Кога дозна за тоа, Атарид веднаш нареди да го погубат светиот маченик Сава. Нечистивите војници го оставија свештеникот Сансал врзан, па го фатија Сава и го поведоа кај реката Мусија, за таму да го потопат. Светиот маченик, сакајќи го својот ближен како себе си, ги праша војниците:
- Што згреши свештеникот, та не го поведовте со мене на смрт?
Тие му одговорија:
- Не е твое да го знаеш тоа.
А тој, исполнет со радоста на Светиот Дух извика:
- Благословен си, Боже, и прославено е името на Синот Твој за навек, амин. Атарид самиот се предаде на смрт и вечна погибел, а мене ме испрати во животот вечен. Таква беше волјата Твоја, Господи Боже наш!
И така, воден на смрт, светителот не престануваше да Го фали и да Му благодари на Бога, сметајќи дека сегашните страдања не се ништо во споредба со славата што ќе ни се јави (Рм. 8, 18). А војниците си зборуваа меѓу себе:
- Зошто не го пуштиме овој невин човек?
Но, свети Сава им одговори:
- Зошто зборувате глупости и не го извршите она што ви е наредено? Јас го гледам тоа што вие не можете да го видите: Еве, стојат свети ангели кои се дојдени со слава да ја земат мојата душа.
Така дојдоа до реката. Војниците му врзаа камен околу вратот и го фрлија во водата. Така свети Сава го заврши својот подвиг, сочувувајќи ја светата вера чиста до крај. Поживеа триесет и осум години а се овенча со мачеништвото на 15 април во 372 година.
Потоа убијците го извлекоа телото на маченикот од водата и го оставија на брегот непогребано. Но, ниту ѕверовите ниту птиците не се допреа до него, туку побожни браќа го сокрија. Подоцна скитскиот војсководец Саран, слуга на вистинскиот Бог, испрати верни луѓе кои, на совет од свештенството чесното тело на маченикот го пренесоа од варварската земја во Кападокија. Празнувајќи го споменот на светиот маченик во денот кога се овенча, објавувајте го тоа и на останатите браќа, за, радувајќи се духовно во секоја соборна и апостолска Црква, да Го прославуваме Господа, Кој избра за Себе слуги Свои. Поздравете ги сите светии; ве поздравуваат браќата кои заедно со нас поднесоа гонења. А на Оној, Кој со својата благодат и човекољубие може да не пренесе во небесното царство, слава, чест и поклонение, со единородниот Син Негов и Пресветиот Дух за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СУХИЈ и останатите со него
Ги обрати кон Христа светиот апостол Тадеј во првиот век. Тие пострадаа за Христа од аланскиот војсководец Борама.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТЕОДОР н ПАВСОЛИПИЈ
Презвитерот Теодор и Павсолипиј беа посечени со меч за верата во Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АНАСТАСИЈА И ВАСИЛИСА
Овие благочестиви Римјанки, апостолски ученички, во времето на царот Нерон (54-68 г.) ги собираа посечените тела на светите апостоли и останатите маченици и чесно ги погребуваа.
Поради тоа беа обвинети кај Нерон, и тој ги фрли во темница. Кога од нив бараа да се одречат од Христовата вера, тие одлучно одбија. Тогаш ги подложија на разни маки. Најпрвин ги тепаа, потоа им ги отсекоа дојките, рацете, нозете, јазиците, па ги стругаа со железни гребени, им ги гореа раните со свеќи, и најпосле им ги отсекоа главите. Така овие блажени маченици, крунисани со венците на мачеништвото, се искачија на небесата.