29. Април   (16. Април)  

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АГАПИЈА, ХИОНИЈА ни ИРИНА

Кога царот Диоклецијан престојуваше во италијанскиот град Аквилеја, му се јавија од Рим дека сите римски темници се преполни со христијани кои не се одрекуваат од Христа, иако ги подложуваат на најразновидни маки; дека учител им е Хрисогон и тие го слушаат и не отстапуваат од неговото учење. Тогаш Диоклецијан нареди да бидат убиени сите христијани, а Хрисогон да го доведат кај него на измачување. Кога исповедникот Христов го водеа врзан од Рим за Аквилеја кај царот Диоклецијан, од далеку го следеше неговата ученичка света Анастасија. Доведен пред царот, маченикот Христов беше измачуван од него. Бидејќи не сакаше да ѝ се покори на царската наредба, беше осуден на смрт. Главата му беше отсечена далеку од градот, во едно пусто место. Неговото чесно тело беше фрлено на морскиот брег да го изедат ѕверовите. Недалеку од тоа место живееше еден стар и свет свештеник по име Зоил. А пак во близина на овој свештеник живееја три родени сестри: Агапија, Хионија и Ирина. Свештеникот Зоил имаше видение од Бога, во кое му беше откриено каде се наоѓа непогребаното тело на Хрисогон. Старецот побрза, ги најде телото и главата на маченикот, ги стави во сандак, и тајно ги чуваше во својот дом.

По триесет дена на свештеникот Зоил му се јави свети Хрисогон и му рече:

- Знај, дека во текот на девет дена, трите девојки Христови кои што живеат во твоја близина, маченички ќе пострадаат. Ти, пак, кажи ѝ на слугинката Божја Анастасија нека биде околу нив, и нека ги бодри додека не се овенчаат со мачеништвото. А ти ќе примиш слатки плодови за својот труд. Наскоро ќе се ослободиш од овој свет, со радост ќе преминеш кај Христа, и ќе се упокоиш со светиите.

Истото видение го имаше и света Анастасија. Поткрената од Духот Божји, таа отиде кај свештеникот Зоил, кој не го познаваше и го праша каде се девојките за кои му е јавено во видението. Тој ѝ ја покажа нивната куќа. Таа отиде кај нив, љубезно ги поздрави и ја помина ноќта со нив, искажувајќи им спасоносни зборови, полни со божествена љубов, и на тој начин ги бодреше јуначки да истраат за Христа и својата крв да ја пролијат за Него. Потоа повторно отиде во домот на свештеникот Зоил. Таму ги виде моштите на својот учител Хрисогон, и долго плачеше над нив, молејќи го да се моли за неа. Потоа повторно се врати во градот Аквилеја на својата вообичаена работа: со својот имот да им служи на затворениците Христови во темниците.

И се случи како што свети Хрисогон му рече на свештеникот Зоил во видението: овој свет свештеник во текот на девет дена се пресели кај Господа, а светите девојки Агапија, Хионија и Ирина беа фатени од незнабошците и одведени кај царот Диоклецијан на измачување. Кога ги виде, царот им рече:

- Какво безумие ве натера да ја следите ништовната и излишна заблуда, да го газите правиот закон и да ги презирате боговите? Гледам дека сте од добар род, млади и убави, и од милосрдие ќе ве поштедам. Ве советувам, одречете се од вашиот Христос и принесете им жртви на боговите, па јас ќе ви дадам високородни момчиња од моите палати, достојни на вашата убавина, да имате славни мажи и заради нив да бидете почитувани. Најстарата сестра Агапија му одговори:

- Царе, ти треба да се грижиш за државните работи, за народите, за војските, а не да Го понижуваш и да хулиш на Богот на животот, чија помош ти е потребна и чија што добрина е толку долготрпелива кон тебе.

На тоа Диоклецијан ѝ рече:

- Таа полудела! Дајте ја другата!

Тогаш пристапи света Хионија и рече:

- Мојата сестра не полудела, туку сосем правилно го изобличи твојот неправеден предлог.

Царот ја отфрли и неа и нареди да ја доведат света Ирина и ѝ рече:

- Бидејќи твоите сестри полудеа, ти, како најмлада, наведни ја својата глава пред боговите, за и твоите сестри да го сторат истото.

Света Ирина му одговори:

- Нека ги наведнат своите глави пред идолите оние што Го гневат вистинскиот Бог, полудени во своето безумие. Има ли нешто победно и побезумно од тоа да се поклонуваш на предмети изработени од човечки раце? Ти најпрвин се пазариш со мајсторот за колку пари ќе ти ги изработи идолите, кои или стојат или седат, и од каков материјал: дали од дрво, камен, бакар..., па ако не ги изработи убаво ги отфрлаш. Ако пак се добро изработени му ја плаќаш договорената цена на мајсторот. Потоа ја наведнуваш својата глава пред купениот предмет, нарекувајќи го Бог на своите идоли, а би требало да го наречеш купен роб.

На тоа Диоклецијан рече:

- На ваквите зборови треба да се одговори со мачење.

И нареди светите девојки да ги фрлат во темница. А, света Анастасија, по својот обичај, веднаш ги посети светите девојки, и ги тешеше во надежта на неотстапната помош Христова и славна победа над непријателот.

По некое време царот тргна за Македонија, поради некои државни работи. Со него ги поведоа сите христијански затвореници од аквилејската темница, меѓу кои беа и трите свети девојки: Агапија, Хионија и Ирина. Света Анастасија одеше по нив. Кога стигнаа во Македонија, царот му ги предаде христијаните на војводата Дулкициј на измачување, за да ги примора на жртвопринесување. Бидејќи е невозможно да се опишат страдањата на многубројните свети маченици кои тогаш пострадаа на разни начини, овде ќе ги изложиме само маченичките подвизи на овие три свети девојки.

Кога овие невести Христови беа изведени пред војводата Дулкициј, тој се распали со мрачна страст кога ја виде нивната убавина, па ги предаде на стражарот кој им ветуваше слобода и подароци ако се согласат со нечистата похота на војводата. Но, светите девојки повеќе сакаа илјада пати да умрат отколку еднаш да бидат осквернети. Откако никако не можеа да ги убедат, војводата одлучи сам да отиде кај нив во куќата во која беа држани. Така, една ноќ, додека светите девојки стоеја на молитва принесувајќи Му на Бога сеноќно славословие и пеејќи псалми, тој сакаше да влезе кај нив. Но, штом стапна на прагот, полуде. Тоа предсобје беше кујна полна со садови, па тој се нафрли на нив и започна да ги прегрнува и да ги бакнува, мислејќи дека се девојките, и така целиот се извалка и поцрне. Кога излезе целиот исцрнет, слугите се преплашија гледајќи го црни како ѓавол, па ги фрлија фенерите и побегнаа. Не знаејќи зошто слугите побегнаа од него, тој многу се разбесни. Започна да се разденува. Но, каде и да појдеше тој, од него како од некое плашило бегаа и слугите и стражарите и војниците. Тогаш Дулкициј се упати кон царската палата со намера да му се пожали на царот, бидејќи неговите војници не го слушаат и му се потсмеваат. Кога дојде до палатата настана громогласна смеа и урнебес: едни бегаа од него, други му удираа шлаканици не дозволувајќи му да влезе на капијата, зашто никој не го препозна и мислеа дека е некој лудак. Тој пак не можеше да знае дека е извалкан и црн зашто со него владееше бесот. Дури сметаше дека му се чисти и рацете и лицето и облеката. Слугите едвај сфатија дека нивниот господин полудел, па потрчаа по него и го одведоа во неговиот двор, велејќи му:

- Погледни каков си!

Кога го видоа неговите домашни започнаа да кукаат над него како над бесомачен и луд. Тој пак се чудеше зошто плачат и бегаат од него. Едвај најпосле му се отворија поганите очи, и се виде себеси каков е, и сфати дека е исмеан од ѓаволот. Веднаш се разбесни на светите девојки, мислејќи дека тие му направиле некои магии, и започна да размислува како да им се освети.

Откако се изми и преоблече, седна на судискиот стол, ги изведе светите девојки пред себе, и нареди да ги соблечат за да ги види нивните голи тела. Но, кога слугите започнаа да ги соблекуваат, со Божјата сила облеката им се прилепи за телата како кожа и сите се восхитуваа на тоа чудо. Слугите многу се мачеа, но не успеаја да ги соблечат, а пак војводата ненадејно задрема и заспа во длабок сон, така што не можеа да го разбудат. Тој спиеше како мртов. Така го однесоа во неговиот дом, но штом влезе внатре, веднаш се разбуди.

Царот го исмеа Дулкициј за овој настан и нареди војводата Сисиниј да им суди на сестрите. Тој првин ја изведе на суд света Ирина и ја праша:

- Ќе ѝ се покориш ли на царската наредба?

Светата одговори:

- Не. Јас сум христијанка, слугинка на семоќниот Бог.

Војводата нареди да ја затворат во темница. Потоа ги повика света Агапија и Хионија, и им рече:

- Вашата најмала сестра, заведена и поучена од вас да ги презира божествените закони, ќе го гледа вашето мачење за да се исплаши и да нѐ послуша. Ако сакате да не ве мачиме, и вие принесете им жртви на боговите.

Света Агапија му одговори:

- Нашата вера е непобедлива.

Тогаш војводата ја праша света Хионија:

- А ти, што велиш?

Хионија одговори:

- Нашата вера е непроменлива.

Војводата ги праша:

- Имате ли кај вас христијански книги?

Светите одговорија:

- Има книги, во тие се сокриени во нашиот ум; оттаму не можат да ги земат непријателите Христови.

Војводата ги праша:

- Кој ве советува доброволно да се туркате во маки?

Девојките одговорија:

- Овие привремени маки се корисни зашто од нив ќе се роди вечна слава.

Војводата рече:

- Извршете ја царската наредба - принесете им жртви на боговите.

А светите девојки одговорија:

- Ние на Бога Му принесуваме пофални жртви. Затоа не надевај се дека ќе нѐ одвратиш од нашиот Господ Исус Христос, туку прави што ти наредил твојот земен цар, како што и ние правиме што ни е наредено од нашиот небесен Цар.

Тогаш војводата Сисиниј изрече ваква смртна пресуда:

- Наредувам Агапија и Хионија да се спалат живи, затоа што не го послушаа судот, и не ја извршија царската наредба.

Светите девојки многу се израдуваа и воскликнаа:

- Ти благодариме, Господи Исусе Христе, што нѐ удостои да бидеме исповедници на пресветото име Твое. Господи, прими ги нашите души во рацете Твои.

И ги фрлија во оган, во кој со молитва ги предадоа душите во рацете на својот Господ. А силниот оган не само што не се допре до нивните свети тела, туку ни до нивната облека, како доказ на неверниците, дека тие не умреа од силата на огнот, туку дека со молитвата измолија за себе блажена смрт од Бога. Нивните неповредени тела ги украдоа слугите на света Анастасија ноќе, и ги однесоа во нејзиниот дом. Света Анастасија ги помаза со мириси и чесно ги положи во нов гроб, со радост и молитви кон Бога, и неа да ја удостои на таа благодат.

Наредниот ден војводата Сисиниј ја изведе на суд света Ирина и ѝ рече:

- Принеси им жртва на боговите, за да не ја најдеш смртта во огнот, како твоите сестри.

Светата му одговори:

- Нема да им принесам жртва, туку итам да им се придружам на моите сестри, за заедно со нив да излезам пред лицето Божјо.

Војводата ѝ рече:

- Вразуми се, за да не паднеш во уште пострашни маки од твоите сестри.

Светата му одговори:

- Спремна сум на секакви маки, зашто сакам да умрам за вистината, и со смртта да се здобијам со живот.

Војводата ѝ рече:

- Ќе наредам гола да те одведат во блудилиштето и таму да те срамотат до усмртување.

Светата одговори:

- Повеќе сакам телото да ми пострада од осквернување, отколку душата да ја осквернам со идолопоклонството, зашто неволната нечистотија на која не се согласува душата, не претставува грев пред Бога. Зарем се осквернија светите на кои мачителите насилно им ставаа идоложртвена крв во устата?

На тоа војводата рече:

- Зарем не се осквернија вкусувајќи од нашите жртви?

Светата одговори:

- Не само што не се осквернија, туку и венци добија, бидејќи рацете им беа врзани, устите силум отворени и крв жртвена им беше истурана во нив. Доброволното насладување со тоа би било грев и би заслужувало казна, но кога се прави насилно му носи венец на оној, над кого што се врши насилството. Така и вие, што и да му сторите на моето тело кое јас сум го предала на мојот Христос, се надевам дека нема да бидам посрамена пред бесмртниот Женик, туку ќе добијам награда од Него, оти ради Него сум поднела маки и насилство. Затоа не ми е грижа што и да сторите со моето тело. А мојот Бог е моќен да не ви дозволи да го сторите тоа што сте го намислиле.

Тогаш војводата ја предаде на војниците да ја водат во блудилиште, и сите да постапуваат со неа како што сакаат, сѐ додека не умре. Додека ја водеа, по патот ги достигнаа двајца војници со необичен изглед, како испратени од војводата, и им рекоа на војниците:

- Војводата нѐ испрати да ја водите оваа девојка онаму каде што ние ќе ви кажеме.

И ги одведоа надвор од градот, се искачија на еден многу висок брег и им рекоа на војниците:

- Одете, кажете му на Сисиниј дека девојката сте ја извеле на брегот како што ви наредил.

Војниците отидоа кај војводата а двајцата светли војници станаа невидливи зашто беа ангели Божји. А света Ирина стоеше на брегот благодарејќи Му на Христа Бога, Кој ја извлече од рацете на блудникот.

Кога дозна за тоа, војводата се разгневи што неговата наредба не е извршена, па јавна еден коњ и одјури кон оној рид, но не можеше да се искачи зашто местото стана непристапно за него. Тој цел ден јаваше околу него многу бесен, зашто ја гледаше света Ирина, но не можеше да ѝ пристапи. Некои од неговите војници со своите стрели ја застрелаа светителката и таа громогласно му довикна на војводата:

- Беднику, ти си за потсмев зашто со војска си тргнал кон мене немоќната, како во војна. Но, ете, чиста и неосквернета од вас, јас заминувам кај мојот Господ Христос, Кој ќе ме однесе кај моите сестри.

Откако го рече тоа и Му благодареше на Бога, таа падна на земјата и го предаде својот дух на Господа. Тоа се случи на Велики Петок, во 304-та година. А кога падна ноќта, света Анастасија ги испрати своите слуги да го донесат чесното тело на светата маченица Ирина. Таа го помаза со мириси и го положи покрај телата на нејзините сестри.

Така својот подвиг на страдањето го завршија трите родени сестри, светите маченици Агапија, Хионија и Ирина, и во ликот на светите девојки маченици застанаа пред престолот на Пресветата Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, единствениот Бог, Кому слава за навек. Амин.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК МИХАИЛ ВУРЛИОТ

Михаил беше од селото Вурла во Мала Азија, ткајач по занимање во градот Смирна, млад и многу убав. Во својата осумнаесетта година прелажан од еден турчин кафанџија, тој се одрече од христијанската вера во првата сабота на светиот Велик Пост, и стапи да работи кај тој кафанџија. На празникот Воскресение Христово, додека Михаил гледаше како сите христијани радосно и весело го празнуваат Воскресението и го пеат тропарот Христос Воскресе, си дојде на себе и увиде колку страшен грев сторил, се покаја, ја остави работата во кафаната, им се придружи на христијаните, па и самиот започна да пее со нив „Христос Воскресе“. Турците започнаа да го караат, велејќи му дека не му доликува на еден муслиман да го пее и зборува она што им е својствено само на христијаните. А тој им одговори:

- Утре ќе видите кој сум бил и што ќе станам.

Утредента Михаил отиде кај судијата и му рече:

- Еден човек беше прелаган. Даде злато а во замена доби бакарна пара. Во ред ли е да ја врати назад бакарната пара и да си го земе своето злато, зашто размената ја направи излажан и во незнаење?

Судијата му одговори:

- Да, законски е.

На тоа Михаил рече:

- Тогаш земи ја бакарната пара што ми ја даде за златото, односно твојата вера, а јас ќе си го земам назад моето злато, односно христијанската вера, верата на моите родители.

И така пред судијата и пред сите што беа со него, блажениот Михаил бестрашно исповедаше дека Христос е семоќен Бог и судија на сите. Зачудени на ваквата смелост, сите присутни се зафатија со ласкања и ветувања на огромни подароци да го натераат да остане во муслиманската вера, осудувајќи го Христа и христијанството, а фалејќи го Мухамед како голем пророк. Но, бидејќи блажениот исповедник остана цврст и непоколеблив во својата вера во Христа, тие го фрлија во темница до следното иследување.

По два дена маченикот повторно беше изведен пред судијата. Но, тој повторно исповедаше дека Христос е вистинскиот Бог. Затоа беше осуден на смрт. Воден кон губилиштето маченикот беше многу весел и радосен и од сите христијани што ќе ги сретнеше по патот бараше прошка. На губилиштето радосно ја наведна својата глава под мечот, и беше обезглавен. Така од Христа Господа доби венец на мачеништвото. Неговото чесно тело лежеше три дена, и беше бело како снег. Потоа беше фрлено во морето, но морето го исфрли на брегот. Го најдоа христијани, па заедно со неговата чесна глава побожно ги однесоа во храмот на света Фотина и таму ги погребаа. По молитвите на светиот маченик Михаил да се удостоиме и ние на Царството Небесно. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛЕОНИД

и со него светите маченици:

ХАРИЕСА, НИКИЈА, ГАЛИНА, КАЛИДА

НУНЕХИЈА, ВАСИЛИСА и ТЕОДОРА

Свети Леонид и овие свети маченици беа од Пелопонез во Грција. Беа фатени во Тризинија кај Коринт и изведени на суд пред судијата Венуст. Судијата го присилуваше светиот Леонид да се одрече од Христа, но тој не сакаше. Затоа нареди да го врзат и да го тепаат. Потоа го осуди на смрт заедно со седумте свети жени, сите да бидат фрлени во морето. Кога беа фрлени, морето не ги прими, и тие одеа по водата како по суво и Му пееја на Господа. Кога незнабошците го видоа тоа се качија на еден брод и тргнаа по нив. Ги стигнаа, им врзаа тешки камења околу вратовите, ги фрлија повторно во морето, и така ги потопија.

Овие свети маченици пострадаа на Велика Сабота во 251 година и од Господа добија победнички венци.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ИРИНА

Света Ирина пострада во воскресните денови, кога пострада и свети Леонид заедно со седумте свети маченици. Таа заедно со останатите христијани пееше и Го славеше Бога во селската црква. Пред судијата храбро ја исповедаше својата вера во Христа, и затоа беше фрлена во темница. А кога ја извадија од темницата, најпрвин и го отсекоа јазикот, потоа ѝ ги извадија забите, па најпосле ѝ ја отсекоа главата. Така блажената маченица Ирина отиде на небото со венецот на победата.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА

КНЕГИЊА ТЕОДОРА

Претходно се викаше Анастасија. Беше сопруга на Нижегородскиот кнез Андреј Константинович. Кога остана вдовица, таа стапи во Зачатиевско Нижегородскиот манастир и се замонаши. Преподобна Теодора се оддаде на строг пост, носеше власеница, деновите ги минуваше во манастирските послушанија, а ноќите во солзни молитви. Беше многу сострадална и милосрдна. Со примерот на својот свет живот таа во манастирот привлече многу побожни девојки и вдовици. Преподобната се упокои во својата четириесет и седма година. Нејзините свети мошти почиваат во соборната црква на нејзиниот манастир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ХРИСТОФОР

Светиот новомаченик Христофор беше од Адријанопол и најпрвин се викаше Христодул. По занимање беше кројач. Во младоста беше прелаган од некој потурчен отпадник Ерменин, та ја прими муслиманската вера и насилно беше обрезан. Кога си дојде на себе, тој се покаја и отиде на Света Гора каде во својата деветнаесетта година се замонаши во манастирот Дионисијат. Во манастирот се подготвуваше четири години во крајно послушание, смирение и умиление. И тогаш доби благослов од игуменот Стефан да оди во Адријанопол и да пострада за Христа на истото место каде што се одрече од Него. Кога дојде таму, тој храбро излезе пред судијата и го исповедаше името Христово, и јавно плукаше на муслиманството. Затоа беше осуден од Турците и погубен со меч, пеејќи со радост: Христос Воскресна, бидејќи беше погубен околу Воскресение, во Светол Вторник, на 16 април во 1818-та година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОСИФ

Овој свет преподобномаченик беше родум од Сирија и се подвизуваше во манастирот Дионисијат во Света Гора. Се занимаваше со иконопис. По совет на својот игумен Стефан, тој го следеше Евдоким кој одеше меѓу Турците со намера со сопствената крв да го испере своето поранешно одрекување од Христа. Јосиф го обвинија пред Турците. Фатен од Турците, и со разни маки присилуван да се одрече од Христа и да го прими исламот, свети Јосиф остана непоколеблив во верата. Затоа беше погубен во Адријанопол (или Цариград) во 1819 година, и го прими венецот на мачеништвото.