30. Април (17. Април)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК
СИМЕОН, ЕПИСКОПОТ ПЕРСИЈСКИ,
и останатите 1150 маченици со него
Кога се намножија христијаните во Персија и имаа свои цркви, епископи, свештеници и ѓакони, против нив се кренаа магепсниците кои одамна беа учители, водачи и заштитници на незнабожната персиска вера. Од завист, заедно со нив се кренаа и евреите, постојаните христијански непријатели, и се договорија да го наговорат царот Сапор да покрене гонење против христијаните. Кај царот најпрвин беше наклеветен светиот Симеон, епископот на градот Селевкија - Ктезифон, дека божем е непријател на Персиското Царство, а пријател на грчкиот цар кого го известува за сѐ што се случува во Персија. Царот Сапор најпрвин им наложи огромен данок на христијаните и за собирачи на данокот ги одреди најсвирепите луѓе, со цел побездушно да ги злоставуваат христијаните. Потоа отворено започна да ги убива свештениците и служителите Божји, да ги пљачка црковните ризници и да ги руши црквите. Потоа издаде наредба да се лиши од слобода и да се доведе кај него свети Симеон, како непријател на Персиското Царство и неговото зловерие.
Свети Симеон беше доведен кај царот со двајца свештеници Авделај и Ананиј, и тројцата оковани во вериги. Тие не само што не се исплашија од јароста на царот, туку дури и не му се поклонија. Тоа уште повеќе го разјари царот и тој го праша светителот:
- Зошто не ми се поклони како што правеше порано?
Светителот одговори:
- Порано не сум бил приведуван кај тебе на ваков начин, и ти се поклонував, оддавајќи ѝ почит на твојата царственост. Но, сега, бидејќи сум приведен за да се одречам од мојот Бог и да се откажам од мојата вера, тебе, како непријател на мојот Бог, нема да ти се поклонувам.
Тогаш царот започна да го наговара да му се поклони на сонцето, ветувајќи му за тоа многу подароци и одликувања. Ако пак не му се поклони на сонцето, се фалеше дека потполно ќе го истреби христијанството од своето царство. Но, кога виде дека светителот јуначки се држи, и не попушта ниту пред ласкањата ниту пред заканите, нареди да го фрлат во темница. На излегување од царската палата, тој го здогледата старецот евнук Устазан, кој му беше воспитувач на царот Сапор кога тој беше дете, уживаше голем углед и го заземаше првото место во царскиот двор. Кога го здогледа Божјиот архијереј свети Симеон, Устазан стана и му се поклони. А свети Симеон ја сврте главата од него, и со подигнат глас, налутено го прекори како престапник, зашто најпрвин беше христијанин, па потоа од страв од царот му се поклони на сонцето. Тоа силно го потресе Устазан и тој започна да плаче и да рида; ја соблече од себе скапоцената облека и се облече во црна искината, и седејќи покрај капијата на царската палата лелекаше, говорејќи си на себе:
- Тешко мене бедниот! Како ќе излезам пред мојот Бог кога се одреков? Ете, Симеон ја сврте главата од мене поради моето отпадништво. Како тогаш ќе погледне во мене Творецот мој!
Кога дозна за тоа, царот Сапор веднаш го повика кај себе и го праша која е причината што е така расплакан и кој толку го ожалостил во царската палата. Устазан одговори:
- Никогаш ништо непријатно ниту жалосно не ми се случи во твојот царски дом. Но, јас би сакал да ги земам врз себе сите непријатности, жалости и неволји на овој свет, само не ова, поради кое што сега патам и плачам. О, јас толку стар, требало одамна да умрам! А ете, сѐ уште сум жив, сѐ уште го гледам сонцето на кое му се поклонив како на бог. Ох, што не умрев пред да отстапам од Бога Творецот на сите твари и ја испочитував тварта повеќе од Творецот. Но, тоа не го сторив со искрено срце. За лицемерно да ти угодам тебе, јас направив две работи, поради кои заслужувам смрт: отстапив од мојот Бог Христос, и те изневерив тебе во староста своја. Повеќе нема да го гневам мојот Господ, Царот бессмртен ради царот смртен; ниту ќе ги преклонам колената свои пред сонцето, творбата Божја, туку отсега вечно ќе му се клањам единствено на Бога Творецот.
Царот Сапор многу се зачуди на така неочекуваната промена кај Устазан, и уште повеќе се разбесни на христијаните, сметајќи дека тие го прелестиле и промениле со некои магии. Жалејќи го старецот, царот како татко го молеше да не им нанесува таква навреда на боговите, и на себе срам, а на царскиот дом жалост. Го наговараше час со ласкање час со закани, а Устазан велеше:
- Доволно безумие извршила мојата старост; повеќе нема да го правам тоа: повеќе нема да ја почитувам тварта од Творецот.
Царот долго го наговараше Устазан. Но, кога виде дека е одлучен и непоколеблив, донесе одлука да биде обезглавен. Воден на смрт, блажениот Устазан го повика кај себе својот верен пријател евнух, и го замоли да отиде кај царот и да му ја достави следната негова молба:
- Царе, вака вели Устазан: сети се на мојата усрдна служба уште од младоста, најпрвин на твојот татко а потоа и на тебе. За ова не се потребни сведоци, ти самиот добро го знаеш тоа. А за сето тоа, молам само за една услуга од тебе: Извести ги сите поради што умирам. Нареди му на гласникот громогласно да им објави на сите кнезови, велможи, и на целиот народ, дека Устазан умира само затоа што е христијанин и не сака да се одрече од својот Бог.
Кога оваа молба му беше доставена на царот Сапор, тој веднаш излезе да го пресретне Устазан. Тој се надеваше дека христијаните многу ќе се исплашат кога ќе слушнат дека царот не го поштедил ниту својот воспитувач, стариот угледен и сакан Устазан, туку за неговата вера во Христа без милост го предава на смрт.
Но, Устазан поинаку размислуваше за тоа: Христијаните кои тој со своето отстапништво ги исплашил и ожалостил, кога ќе слушнат дека тој се обратил и маченичка смрт поднел за Христа, ќе се израдуваат и јуначки ќе се поткрепат за слично мачеништво. И така на светиот маченик му беше отсечена главата, додека гласникот објавуваше дека Устазан ја даде својата глава за Христа, а не за нешто друго.
Кога дозна за таквиот крај на Устазан, светиот епископ Симеон со свештениците и останатите христијани во темницата многу се израдуваа и Го славеа Бога, Кој го обрати Устазан од заблудата и го овенча со маченичкиот венец.
После тоа свети Симеон по втор пат беше изведен пред царот и со голема храброст многу зборуваше пред него за верата христијанска, и не сакаше да му се поклони ниту на сонцето, ниту на царот. Гневен, царот нареди сите христијани во темницата да бидат обезглавени, и тоа на Велики Петок. И беа изведени сто на број. Меѓу нив имаше многу свештници, ѓакони и други клирици. И царот донесе пресуда: Сите маченици да бидат обезглавени пред очите на свети Симеон, а тој да биде последен.
И кога сите врзани ги водеа во смрт, врховниот маг громогласно говореше:
- Кој од вас сака заедно со царот да му се поклони на сонцето, ќе остане жив и веднаш ќе биде пуштен на слобода.
Ниту еден не се одзва, ниту му одговори, зашто никој од нив не сакаше да го избере времениот живот, туку секој сакаше од срце да умре за Животодавецот Христос. А светиот епископ ги крепеше бестрашно да одат во смрт, искажувајќи им многу божествени зборови од Светото Писмо и тешејќи ги со надежта за вечниот живот во Царството Небесно. И сите беа обезглавени. Најпосле и пастирот на словесното стадо, свети Симеон, ја преклони својата глава под мечот и премина кај Господа. Заедно со него беа посечени и двајцата свештеници кои беа фатени заедно со него, Авделај и Ананиј, и двајцата веќе остарени. Пред да биде обезглавен, свештеникот Ананиј затрепери од страв. А царскиот службеник Фусик, кој беше потаен христијанин започна да го храбри Ананиј, говорејќи:
- Не плаши се, старче! Затвори ги очите и биди храбар за веднаш да ја видиш божествената светлина.
Штом го изрече тоа, веднаш беше препознат како христијанин и наклеветен кај царот. Пред царот тој храбро изјави дека е христијанин и дека се одрекува од персиското безбожие. Бесен од гнев, царот нареди да го усмртат со најлута смрт. Му отворија дупка на вратот, му го извлекоа јазикот низ вратот, и му го отсекоа. Потоа му ја одраа кожата од целото тело, и така го усмртија светителот. Во истиот ден ја фатија и неговата ќерка Аскитреа и по долго мачење ја убија ради Христа.
Наредната година, повторно на Велики Петок, за Христа беше убиен и омилениот царев евнух Азат и со него илјада други верници. Така, за Христа заедно пострадаа илјада сто и педесет маченици, во 341 или 344-та година. А историчарите Созомен и Никифор пишуваат дека во тоа време на Велики Петок и на Воскресение биле убиени безброј христијани, оти кога излезе наредбата од незнабожниот цар Сапор сите христијани да бидат истребени од неговото царство, христијаните од двата пола, стари и млади, самите ревносно ги напуштаа своите домови, им се предаваа на властите и со радост умираа за својот Господ.
Кога беше убиен свети Азат евнухот, царот зажали за него оти многу го сакаше и го запре убивањето на христијаните. Само им порача на своите магепсници да ги измачуваат христијанските водачи и учители, епископите и свештениците а да го штедат останатиот христијански народ. А ние, почитувајќи го споменот на поброените и неизброените свети маченици, Го славиме подвигоположникот и венцедавец Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АКАКИЈ II,
епископот Мелитински
Овој Божји угодник се роди во ерменскиот град Мелитина од благочестиви и богобојазливи родители, кои со пост и молитва го измолија од Бога, оти немаа деца. Родителите најпрвин го отшколуваа, па потоа го одведоа кај епископот мелитински и го предадоа да Му служи на Бога, зашто така беа ветиле кога го измолија од Бога. Тогаш во Мелитина епископ беше блажениот Отриј. Тој учествуваше на Вториот Вселенски Собор, и со светиот Григориј Богослов и останатите ревнители и заштитници на правоверието мудро се бореше за верата против ереста на духоборецот Македониј. На таквиот боговдаховен човек, му беше предадено блаженото момче Акакиј. Провидувајќи ја благодатта Божја во момчето, свети Отриј го направи клирик. Акакиј напредуваше во доблестите, усрдно извршувајќи сѐ поголем број црковни задачи и со својот богоугоден живот одеше во усовршување и светост. Така, тој им беше пример и поука на другите. Кај преподобниот Акакиј се поучувал и преподобниот Евтимиј Велики кога бил дете. Но, не само на децата туку и на старите свети Акакиј им беше учител и со зборови и со својот доблесен живот, кога беше произведен за епископ и му беше поверена грижата околу спасувањето на човечките души. Како избран сасуд на Светиот Дух, во свое време, како достоен, тој беше удостоен на архијерејското достоинство. Кога свети Отриј го напушти овој живот, на неговото место едногласно беше избран блажениот Акакиј и по прописите ставен на архијерејскиот престол, како запалена свеќа на златен свеќник, осветлувајќи го целиот свет.
Како архијереј блажениот Акакиј толку Му угоди на Бога и беше толку свет што беше удостоен на дарот на чудотворството. Од многуте негови чудеса ќе споменеме само неколку.
Една година настапи голема суша, која се закануваше со глад. Заедно со загрижениот народ светителот Божји отиде во црквата на светиот маченик Евстатиј, која се наоѓаше надвор од градот, за да го умоли страдалникот Христов да се придружи на нивната молитва и заеднички да измолат дожд од Бога. Свети Акакиј нареди надвор од црквата на отворено да се постави светиот престол и тој започна да служи света Литургија, кревајќи ги кон небото своите расплакани очи. Тој не го раствори со вода виното во светата чаша според прописот, туку го впери умот кон Бога и Го молеше самиот Бог со дождлива вода да ја раствори чашата и да ја напои сувата земја. Неговата молитва беше толку силна и моќна пред Господа, така што веднаш падна силен дожд, кој не само што ја раствори чашата туку ја напои и земјата. Народот со радост Му благодареше на Бога и таа година по молитвите на угодникот Божји беше многу родна.
Во мелитинската област имаше една река која често ги поплавуваше населбите. Еднаш толку надојде што започна да ги руши и големите куќи. Тогаш светителот Христов Акакиј отиде кај реката, сотвори молитва на Бога, стави камен недалеку од брегот, и ѝ запрети на реката да не се разлева преку границата што тој ја одреди. И веднаш водата се повлече во своето корито, и течеше високо од земјата, но не се разлеваше подалеку од каменот со кој светителот како со ѕид ја затвори реката во нејзините граници.
На осумнаесет стадии од Мелитина се наоѓаше незнабожечката населба Маисина. Тоа беше прекрасно место. Пространа рамница помеѓу два рида пресечена од бистрата и чиста река Азур. Наоколу имаше езера, а на едно прекрасно место идолиште оградено со градина и до градината езеро со чија што вода се наводнуваше градината. Таму се собираа незнабошците и ги принесуваа своите нечисти жртви. Сакајќи тоа место да го исчисти и освети за славење на вистинскиот Бог, ревнителот Христов свети Акакиј вложи многу труд, оти идолопоклониците многу се спротивставуваа. А кога светителот започна да ѕида црква таму во име на Пресвета Богородица, злите идолослужители започнаа ноќе да го рушат тоа што христијаните дење го зидаа. Но, свети Акакиј со молитва ги победи непријателските сили, зашто со помошта Божја го разруши идолиштето и го доврши храмот. Потоа го освети храмот и создаде населба од свети ангели, на местото кое порано беше живеалиште на демоните. Покрај храмот на Пресвета Богородица изгради и обител за монасите. Така, таму каде што порано се принесуваа крвави нечисти жртви на ѓаволот, сега се принесуваше бескрвна чиста жртва на Бога и секојдневни славословија и молитви. Со благодатта на Пречистата Богомајка и по молитвите на чудотворецот Акакиј се случуваа чудеса поради кои незнабошците го напуштаа своето безбожие и се обраќаа кон Господа Христа.
Ќе споменеме едно преславно чудо кое се случи таму. Сводот во црквата не беше направен како што треба. Еднаш, додека светителот Божји служеше света Литургија, сводот започна да паѓа и народот побегна од црквата, а светителот викна:
- Господ е заштитник на животот мој, од кого да се плашам?
И во тој миг сводот го запре својот пад и остана да виси во воздухот, по молитвите на светителот, сѐ додека тој не ја заврши светата служба и не излезе заедно со клирот. Штом излезе, сводот падна со силен тресок, но не повреди никого.
Во еден храм во местото Самурија, добриот пастир Акакиј му проповедаше на своето стадо. Но, бидејќи имаше многу ластовички кои силно цвркотеа, народот не можеше добро да ја слушне проповедта од богоглаголивата уста на архијерејот. Тогаш светителот им се обрати на ластовичките, и во името на Творецот им нареди да замолкнат. Потоа долетуваше по некоја, но не цвркотеше и веднаш одлетуваше од таму.
Куќата во која што живееше чудотворецот пред епископството се наоѓаше на крајот од градот. Кога стана епископ, тој ја претвори во болница и сиропиталиште. Често ги посетуваше болните и бедните, им носеше понуди и самиот се грижеше за нив. А кога еднаш за време на летната горештина дојде кај болните и ги праша што им е потребно, тие му рекоа дека имаат сѐ, но дека многу им досадуваат мувите. Светителот Му се помоли на Бога, и со својата молитва ги избрка од таму сите муви и нареди никогаш повеќе да не доаѓаат таму. И сѐ до смртта на Божјиот угодник во таа куќа не се појави ниту една мува. Такви чудеса правеше овој прекрасен човек со благодатта Божја.
Еднаш, на жабите кои силно крекаа од езерото, преподобниот им нареди да замолкнат, и им наложи да молчат. Но, по извесно време се сожали на нив и ги разреши од молчењето, под услов тивко да крекаат.
А пак, во едно безводно место, светиот од сувиот камен изведе извор на жива вода и ги напои жедните. Овој исклучителен чудотворец го восхити светот и со многу други чудеса.
Свети Акакиј учествуваше на Третиот Вселенски Собор и заедно со останатите свети Отци го осуди и го предаде на анатема безбожниот цариградски патријарх Несториј, кој хулеше на Пречистата Дева Богородица. Беше сакан и славен од сите свети Отци, и многу почитуван од благочестивиот цар. Многу години ја пасеше Црквата Христова, направи многу чудеса и се пресели кај Господа, во 435-та година. Беше погребан покрај светиот маченик Полиевкт, со кого сега во хорот на светиите го слави Отецот и Синот и Светиот Дух, единствениот Бог, од целокупните твари Славениот за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АДРИЈАН
Незнабошците го фрлија во темница светиот Адријан, и долго време го држеа во неа. Еднаш додека им принесуваа жртви на своите лажни богови, тие го изведоа свети Адријан од темницата, го приведоа до жртвеникот и го присилуваа да принесе темјан како жртва на демоните. Но, храбриот маченик Христов не само што не го стори тоа, туку пристапи до жртвеникот, ги исфрли жртвите од него, го изгаси огнот и го собори жртвеникот. Тоа го разгневи кнезот и ги разјари присутните идолопоклоници, и тие немилосрдно се нафрлија врз него. Едни го тепаа со стапови, други му ги искршија вилиците со камења, а трети му ја разбија главата. Најпосле вжештија една огромна печка и во неа го фрлија светиот маченик. Така блажениот Адријан го заврши својот маченички подвиг, и овенчан отиде на небото. Свети Адријан пострада во 281 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ АГАПИТ,
папата Римски
Нашиот свет отец Агапит се обработи себе си со секоја добродетел и секој подвиг. Затоа беше удостоен на архијерејското достоиство и стана римски папа. Готскиот крал Тевдат, кој во тоа време владееше со Италија, го испрати свети Агапит во Цариград кај царот Јустинијан, за да го одврати од походот против Готите. По пат, кога дојде во Елада, тој најде еден човек кој пател од двократна болест: бил нем од раѓање, и хром, и едвај се влечел по земјата. Светителот го фати за рацете и му ги исправи и оздраве нозете. Потоа му стави во устата честица од Светата Причест и тој проговори.
Кога дојде во Цариград, свети Агапит направи друго чудо кај Златните Порти: на слепецот кој седеше крај Портите му ги допре очите со раката и тој веднаш прогледа.
Додека беше во Цариград, по наредба на царот се одржа Помесен Собор, на кој беше симнат патријархот Антим, кој неканонски беше стапил на престолот, и беше избран благочестивиот и свет презвитер Мина. Тогаш беше анатемисана и ереста на монофизитите Евтихиј и Север. На овој Собор учествуваше и свети Агапит. После тоа поживеа уште некое време и се претстави во Господа, во 536-та година, и беше погребан во Цариград.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
АВДЕЛАЈ, АНАНИЈ, УСТАЗАН, ФУСИК, АЗАТ, АСКИТРЕЈ и останатите со нив
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ САВАТИЈ СОЛОВЕЦКИ
Во времето на благочестивиот велик кнез Владимирски, Московски, и на цела Русија, Василиј Василевич, на великиот тверски кнез Борис Александрович, и на великиот рјазански кнез Теодор Ојегович, кога на престолот на руската Митрополија беше Фотиј, во Белоезерско-Кириловскиот манастир се подвизуваше еден старец по име Саватиј, служејќи Му на Бога дење и ноќе заедно со другите монаси. Преподобниот Саватиј го умртвуваше своето тело со глад, жед, бденија, молитви и најразлични трудови од тажниот монашки живот, послушен на игуменот и браќата, и сите манастирски послушанија ги поднесуваше ревносно. Поради тоа сите го сакаа и почитуваа. На браќата им стана пример за добродетелниот и трудољубив живот и неговото име беше славно меѓу монасите. Не можејќи да ја поднесе славата од луѓето, тој започна да размислува како да замине оттаму и да побара место каде што никој не го познава. Еднаш слушна дека во Новгородскиот крај постои езеро со назив Ладог, на кое се наоѓа островот Валаам, а на островот манастир на Преображението Господово, во кој монасите живеат возвишен подвижнички живот, трудејќи се деноноќно во богоугодување, и издржувајќи се од трудот на своите раце. Тогаш преподобниот започна да го моли игуменот да му даде благослов да отиде во тој манастир. Игуменот го благослови и го пушти. Тој отиде на островот Валаам, и со љубов беше примен во манастирот. Подржувајќи ги тамошните монаси во тешките подвизи, преподобниот Саватиј ги удвојуваше своите трудови, и за неговото добродетелно живеење се пронесе глас насекаде. И таму, исто како и во Кириловскиот манастир, сите браќа започнаа да го почитуваат и да го фалат. Тоа тешко му паѓаше на преподобниот Саватиј, и го обзеде силна тага. Затоа намисли да го бара безмолвието, осаменото молитвено тихование.
Кога слушна дека во Северното Море постои пустиот и ненаселен Соловецки остров, кој е оддалечен од крајбрежјето два дена пловење, преподобниот многу се израдува и го обзеде силна желба да отиде таму и да му се предаде на безмолвието. Затоа го замоли настојателот да го отпушти. Но, настојателот и браќата многу го сакаа преподобниот поради неговите добродетели и го почитуваа како слуга Божји кој им е испратен од Бога. Тие не сакаа да се лишат од таквиот сожител, бидејќи со својот живот тој им беше пример за добродетелниот живот, и многу усрдно го молеа да не ги напушта. Преподобниот поживеа со нив некое време, а потоа, откако се помоли на Бога, кришум замина од манастирот, и воден од Бога се упати кон Соловецкиот Остров. Дојде до морето и ги прашуваше тамошните жители за Соловецкиот Остров. Тие му кажаа дека островот е далеку, дека патот по морето е тежок и страшен, и дека им треба два дена пловење, и тоа кога морето е мирно. Од нивните кажувања преподобниот дозна дека тоа место е добро за монашки пустински и безмолвен живот. Дозна дека островот е голем, дека неговата обиколка е околу сто километри, дека има питка вода, езеро со риби, планини, долини, шуми и сѐ останато потребно за човечкиот живот; луѓето не го населиле, бидејќи патувањето до него е тешко; многу пати се обидувале да се населат таму, но, уплашени од морето го напуштале островот.
Откако го дозна тоа од приморските жители, преподобниот Саватиј гореше со духот да живее на тоа место. Кога ги разбраа намерите на блажениот, тие го прашаа:
- О, старче, како ќе живееш таму, и со што ќе се храниш кога си ништ и стар? Како ќе живееш на толкава одалеченост од луѓето, кога не можеш сам да се згрижиш?
Преподобниот им одговори:
- Деца, јас го имам Господа, Кој природата на староста ја прави млада, како што и младото го одгледува до потребната старост. Знае Он и сиромашните да ги збогати, и на ништите да им го даде потребното, и гладните да ги насити со малку храна, како што некогаш во пустината насити пет илјади души со пет лебови.
Слушајќи како старецот книжевно им зборува, некои од приморците се чудеа на неговиот ум, а некои неразумни му се потсмеваа. Меѓутоа преподобниот, оставајќи ја целата своја грижа на Господа, се упати кон реката Виги. Таму го најде инокот Герман, кој живееше крај капелата. Помина кај него неколку дена и од него ги слушна истите зборови што веќе ги беше чул од приморските жители за Соловецкиот Остров. Тогаш двајцата се договорија да отидат да живеат таму. Подготвија еден мал брод, малку храна и алат, се помолија на Бога, и со силна вера и надеж во Него седнаа во бротчето и тргнаа. Морето беше тивко, и тие непречено стигнаа до саканиот остров и Му благодареа на Бога, Кој ги однесе на тоа пусто место. Потоа здогледаа едно прекрасно место покрај езерото. Тоа место го избраа за свое живеалиште, забија крст и направија ќелии. Тука започнаа да живеат во Господа и со трудот од рацете свои и со пот на лицата си набавуваа испосничка храна за себе. Работеа без престан, Го славеа Бога, постојано се молеа, Давидови псалми пееја, и со умот кон Бога се приближуваа.
По некое време гореспоменатите приморски жители започнаа да им завидуваат на преподобните старци поради нивното населување на островот, сметајќи дека тоа место им припаѓа ним. Наскоро потоа, на совет од своите другари, еден рибар со своето семејство дојде на островот и се насели во близина на ќелиите на богоугодните старци. Тој започна да живее ловејќи риби по езерата заедно со своите, а блажените отци живееја во безмолвие, внимавајќи на своето спасение и трудејќи се во своите подвизи.
Еден неделен ден рано наутро, по завршувањето на своето утринско правило, преподобниот Саватиј ја зеде кадилницата и излезе да го прекади светиот крст што го поставија на почетокот. Тогаш до ушите му допре глас од некакво тепање и силно офкање на тепаното лице. Преподобниот се уплаши од повикот за помош, и мислејќи дека е некакво привидение, се прекрсти и се врати во ќелијата. Му раскажа за тоа на блажениот Герман и тој излезе надвор и го слушна лелекањето. Тргна по гласот и најде една жена како плаче. Таа низ солзи му раскажа што се случило. Одејќи кон езерото кај својот маж, - му раскажуваше таа -, ме сретнаа две светли момчиња и силно ме истепаа со стапови, говорејќи: „Заминете од ова место зашто Бог го одреди за живеалиште на монасите“. Откако ме натепаа, тие станаа невидливи.
Блажениот Герман се врати кај преподобниот старец Саватиј и му раскажа што слушна од жената, па и двајцата Го прославија Бога. А оној рибар, веднаш со своето семејство го напушти островот и се врати во своето село. Оттогаш никој не се осмели да се досели на островот; само рибари доаѓаа понекогаш за риболов.
По неколку години блажениот Герман отиде на реката Онега, а преподобниот Саватиј остана сам на островот. Каков беше неговиот живот, постот, духовните подвизи, знае единствено сезнајниот Господ, гледајќи го од небото угодникот Свој, и светите ангели Негови, кои го посетуваа слугата Божји, кој во тело го подржуваше Бестелесното. Според местото на кое што живееше преподобниот, за неговото житие можеме да заклучиме дека среде морето, на островот оддалечен од луѓето, и многу ретко посетуван од некого, што би можел друго да прави преподобниот освен да живее во Бога, непрестано да мисли за Него, молитвено да разговара со Него, целиот свој ум да го вдлабочи во Него, подигнувајќи ги кон Него расплаканите очи, дење и ноќе воздивнувајќи од дното на срцето, сакајќи да се разреши од телото и да отиде кај Господа.
Кога блажениот старец Саватиј однапред дозна за своето заминување кај Господа, започна да размислува како да се удостои да се причести со Божествените Тајни. Се помоли на Бога за тоа, седна во еден мал чамец, го смири морето со своите молитви, и отплови кон морскиот брег. По дводневна пловидба стигна на брегот и се упати кон капелата на реката Вига, каде што тогаш игуменот Натанаил беше во посета на тамошните христијани. По патот, по промисла Божја, го сретна истиот игумен Натанаил кој со Божествените Тајни одеше кон некое оддалечено село да причести некој болен. По вообичаените метанија тие се прашуваа меѓу себе, и кога дознаа кои се, се израдуваа еден на друг. Преподобниот Саватиј се радуваше затоа што го најде тоа што го бараше, а игуменот Натанаил беше радосен што се удостои да ги види чесната седост и светото лице на преподобниот Саватиј, за чиј што доблесен живот многу беше слушал. Блажениот Саватиј му рече на Натанаил:
- Ја молам твојата светиња, оче, гревовите што ги имам за исповедување да ги земеш од мене, со власта што ти е дадена од Бога да разрешуваш, и да ме удостоиш да се причестам со Светите Тајни на пречистото Тело и Крвта на мојот Господ Христос, бидејќи веќе многу години сакам мојата душа да ја нахранам со таа Божествена храна. Ти нахрани ме сега, свети оче, бидејќи мојот Бог Христос ми го објави твоето богољубие, за да ме исчистиш од согрешенијата кои со збор, дело и помисли ги извршив од младоста, па сѐ до денешниот ден.
Натанаил одговори:
- Бог нека ти прости, брате!
По кратко молчење ги подигна рацете кон небото, и многу восхитен низ солзи рече:
- О, преподобни, да ги имав јас твоите гревови за очистување наместо немарноста моја!
Свети Саватиј му рече на Натанаил:
- Бидејќи се приближи крајот на мојот живот, ја молам твојата светост без одложување да ме удостоиш со Божествената Причест.
Игуменот му одговори:
- Оче Саватиј, оди сега во капелата, па таму почекај ме, а јас ќе отидам кај болниот, и брзо ќе се вратам. Утре, рано наутро ќе дојдам кај тебе.
На тоа свети Саватиј му рече:
- Не одложувај до утре, оче, бидејќи не знаеме дали во овој момент ќе вдишиме воздух; тогаш како би можеле да знаеме што ќе се случи после?
Светителот го зборуваше тоа, претскажувајќи го своето брзо заминување кај Бога. Натанаил не смееше повеќе да му противречи на преподобниот, гледајќи дека е Божји угодник. И му ја исполни желбата, го причести со Божествените Тајни Христови. Му даде љубезен целив во Христа, и му рече:
- Те молам, слуго Божји, да ме причекаш кај капелата на Вига. Светителот му вети дека ќе го чека. Игуменот отиде кај болниот, а преподобниот кај споменатата капела. Во капелата Му принесе благодарност на Бога за Светата Причест и за сета Негова милост. После долгата молитва тој влезе во ќелијата што се наоѓаше до капелата, се затвори во неа, и се подготвуваше да ја предаде својата душа во рацете Божји. Во тоа време еден трговец од Велики Новогород по име Јован, наиде со својот брод и застана кај капелата. Потоа влезе во неа и се поклони на светите икони. А кога влезе во ќелијата го најде преподобниот Саватиј, и зеде благослов од него. Потоа светителот го поучи од Светото Писмо и го упати на добри дела. Така поучен, трговецот му нудеше на светиот дел од својот имот, оти беше многу богат. Но преподобниот не сакаше да прими ништо и му рече:
- Ако сакаш да даваш милостиња, околу тебе има многу луѓе што имаат потреба од неа, а мене не ми е потребно ништо.
Потоа го поучуваше Јована за љубовта спрема сиротите, за милосрдието и за останатите добродетели. Но, Јован беше многу тажен, оти старецот не зеде ништо од понуденото. Сакајќи да го утеши, преподобниот му рече:
- Јоване, чедо, одмори се овде до утре и ќе ја видиш благодатта Божја, па лесно ќе си заминеш по својот пат.
Но, Јован сакаше веднаш да замине. Тогаш морето го зафати силна бура, па Јован се преплаши и остана да преноќева. Кога осамна се упати кон ќелијата за да земе благослов од преподобниот Саватиј пред да тргне на пат. Тропна на вратата со молитва, но не доби одговор. Кога затропа по втор и по трет пат, вратата се отвори, тој влезе и го виде светиот старец како седи во мандија и кукулач, и до него кадилница. Јован му рече:
- Слуго Божји, прости ми што се осмелив да влезам кај тебе, зашто имам љубов и вера спрема твојата светост. Го молам твоето преподобие, дај ми благослов за пат, за со твоите свети молитви мирно да патувам.
Но, Јован не доби одговор зашто чесната и света душа на преподобниот Саватиј веќе беше отишла кај Господа и се чувствуваше прекрасен мирис во ќелијата. Кога виде дека преподобниот не му одговара ништо, Јован помисли дека заспал, па му пријде и го допре со раката. Дури тогаш забележа дека преподобниот се упокоил, па истовремено се уплаши и разнежи, и топли солзи му ги облија образите.
Тогаш наиде и игуменот Натанаил, враќајќи се откај болниот и кога виде дека преподобниот се претставил, заплака и чесно го целиваше. Потоа игуменот и трговецот си раскажаа еден на друг за преподобниот: игуменот како вчера се удостои да го причести угодникот Божји со Божествените Тајни; а трговецот како се удостои да се насладува од душекорисните поуки негови. Со погребни молитви и песни, тие чесно го погребаа неговото свето тело, предавајќи го правот на правта.
Преподобен Саватиј се упокои на 27 септември во 1435-та година. Во тој ден се слави неговиот спомен во слава на Бога Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому чест и поклонение низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
ЗОСИМ,
соловецкиот игумен
Една година по претставувањето на преподобниот Саватиј, на Бога Му беше угодно да го прослави местото на Соловецкиот Остров, каде што се подвизуваше овој свет човек, подигнувајќи славни и големи манастири. За тоа дело Господ избра човек сличен на пустинољубивиот Саватиј, - нашиот преподобен отец Зосим, за кого станува збор овде.
Преподобниот Зосим беше од селото Толвуја, кај езерото Онега. Неговите родители Гаврил и Варвара, живееја побожно и го воспитуваа своето чедо во христијанските добродетели и го учеа на книга. Зосим беше тивко, смерно, кротко и срамежливо момче, и ги одбегнуваше младешките обичаи. Растејќи и телесно и духовно, тој се трудеше од светите книги да извлече бисери од знаења. Кога го постигна тоа, го распознаваше богоугодното и го познаваше богатството на добрината Божја.
Целомудреното момче ги засака душевната и телесната чистота и одлучи да не стапува во брак. Ја донесе таа одлука, не затоа што се гнасеше од бракот, туку за да ја избегне таа препрека на богоугодувањето. За тоа тој се повикуваше на апостолот: „Неженетиот се грижи за Господовите работи - како да Му угоди на Господа; а женетиот се грижи за световни работи - како да ѝ угоди на жената“ ( Кор. 7, 32-33). Така, за да Му угодува единствено на Бога, тој се одрече од угодувањето на своето тело. Кога родителите започнаа да го присилуваат да се ожени, тој го напушти својот дом, се одрече од светот, се замонаши и како пустиник се насели во едно осамено место, недалеку од својот дом. Тука започна да се подвизува во молитви и постови, служејќи Му на Господа. Но, сакаше да има и свој наставник, и сметаше дека ако остане во близина на своите, тоа ќе му пречи во монашките подвизи. Затоа сакаше да оди во некое пусто место, и усрдно се молеше на Бога да му покаже место за манастир.
Тогаш, по промисла Божја преподобниот Зосим го сретна доблесниот монах, оној исти Герман што порано со преподобниот Саватиј живееше некое време на Соловецкиот Остров. Монахот Герман му раскажа сѐ за преподобниот Саватиј и го извести за Соловецкиот Остров. Преподобниот Зосим многу се израдува и посака да биде жител на тој остров и наследник на блажениот Саватиј, и го молеше Германа да го одведе таму.
Во тоа време се упокоија родителите на преподобниот Зосим. Откако ги погреба нивните тела и го раздаде нивниот имот на сиромасите, блажениот Зосим веднаш се упати кон Соловецкиот Остров. Кога стигнаа на островот, на местото каде што обично останувале морепловците наместија еден шатор, извршија сеноќно бдение во него, молејќи се на Христа Бога и Пресвета Богородица да им испратат помош од небото за нивното населување на овој остров.
Кога осамна, преподобниот Зосим излезе од шаторот и здогледа светлосен зрак кој го осветлуваше и него и целото место. Преподобниот се ужасна од необичната светлина и кога го сврте погледот кон исток, во воздухот здогледа огромна прекрасна црква. Ненавикнат на такви откровенија, тој не смееше долго да гледа во таа појава и веднаш се стрча кон шаторот. Кога го виде изменет во лицето, Герман сфати дека тој имал некое необично видение и го праша:
- Зошто така си се изменил во лицето? Од што се уплаши? Да не виде нешто ново и необично?
Тогаш преподобниот Зосим му раскажа што виде и, размислувајќи за тоа видение Герман се сети на оддалеченоста на луѓето од овој остров при ава Саватиј, и за неговото пророштво за монашката обител на островот, па му рече на Зосима:
- Не плаши се, возљубени, туку внимавај на себе, зашто мислам дека Господ преку тебе сака овде да се собере мноштво монаси.
И Герман му го раскажа настанот со жената на рибарот, која што ја претепаа двете светли момчиња и ѝ рекоа:
- Вам не ви е местото овде. Одете си оттука зашто Бог го подготвил ова место за населување на монаси.
Слугата Божји многу се израдува кога го слушна тоа и уште повеќе ја зацврсти својата намера да изгради манастир на тоа место. Тогаш и двајцата се помолија на Бога да им биде соработник и започнаа со градбата. Изградија ќелии, го заградија дворот, истовремено подвизувајќи се и телесно и духовно и се хранеа обработувајќи ја земјата со пот на своите лица. А Бог ги крепеше слугите Божји во сите нивни дела.
По извесно време блажениот Герман требаше да отпатува на другата страна од морето. Таму се задржа неколку дена. И кога сакаше да отпатува не успеа, зашто настапи есента, падна снег, и санти пловеа по морето. Така блажениот Герман остана на брегот цела зима, а преподобниот сам на островот. На почетокот Зосим многу тагуваше за старецот Герман, но потоа целата надеж ја положи во Бога, говорејќи со Давида: „Кон Тебе сум приврзан уште од зачнувањето мое; Од утробата на мајката моја Ти си мој Бог. Не отстапувај од мене! За Тебе се држам од раѓањето мое; Ти си мој покровител од мајчината утроба“(Псалми 21, 11-12; 70, 6). И започна уште поусрдно да се подвизува, додавајќи труд врз труд и непрестајно молејќи се. Бесовите не можеа да го гледаат таквиот доблесен живот на преподобниот и започнаа да го напаѓаат на разни начини: Го доведуваа до униние, му доаѓаа како страшила и привиденија, ствараа силна врева за да го заплашат и расколебаат; некогаш се претвораа во диви ѕверови и змии и се нафрлаа врз него како да сакаат да го растргнат и проголтаат. Но, бестрашниот војник Христов им се спротивставуваше со крсниот знак и молитвата, и им се потсмеваше говорејќи:
- О, немоќна вражја сило! Ако сте добиле од Бога власт над мене, тогаш со мене правете што сакате; ако пак не сте, тогаш зошто залудно се трудите? И пееше од Давидовите псалмови стихови: „Ме опседнаа, ме обиколија, но со името Господово јас ги победив. Нека се крене Бог, и да се распрснат непријателите Негови“(Пс. 117, 11; 67, 2). И светиот му додаваше усрдна молитва на Бога со умиление зборејќи:
- Боже вечен, Цару беспочетен, Творецу и Господару на секое создание! Ти си цар над царевите и Господар над Господарите; Ти си Спасител на душите и избавител на верните во Тебе. Ти си надеж на оние што се трудат и на оние што се над морската шир; Ти си наставник на слугите Свои; Ти си љубител на секое добро; Ти си утешител на оние што плачат; Ти си радост на светите; Ти си живот вечен и светлост незалезна и извор на светињи; Ти си слава на Бога Отецот; Полнота на Светиот Дух; Ти седиш од десната страна на Отецот и владееш вечно, - затоа јас, слугата Твој, те молам, смирено припаѓајќи кон Тебе: услиши го молењето мое, пресвети Царе, преблаги Господи, и не свртувај го лицето Твое од молитвата моја, туку избави ме од устите на погубните змии, кои сакаат да ме проголтаат; сочувај ме од заседите ѓаволски, та чуван со војските на светите Ангели Твои, да ме избавиш од челустите негови и да добијам спасение во Тебе, мојот Господ, во Кого верувам, во Кого се надевам, и Кого го славам за навек со Отецот и Светиот Дух.
Така молејќи се, преподобниот Зосим ги отфрлаше од себе демонските напади; и од неговите молитви и крсниот знак демоните бегаа како прав од ветрот; а тој, фалејќи го и славејќи го Бога живееше без да му наштетат тие. Во тоа време се случи и следното искушение: Бидејќи зимата беше студена и долга, преподобниот започна да се сомнева дека храната нема да му биде доволна до летото. Всушност, невидливите непријатели му уфрлаа немир во душата, за да го уплашат со глад и предвремена смрт. Размислувајќи за тоа, преподобниот се сети на зборовите изречени од самиот Господ во Светото Евангелие: „Не грижете се што ќе јадете; не грижете се за утре. Туку најнапред барајте го царството Божјо и правдата Негова и сѐ ова ќе ви се придодаде; зашто Отецот ваш небесен знае што ви е потребно“. (Мт. 6, 25. 34. 33. 32). Затоа, препуштајќи Му ја целата своја грижа на Бог, Кој промислува за сѐ, преподобниот се тешеше себе си со зборовите на псалмопевецот: „Пренеси ја на Господа грижата своја, и Он ќе те поткрепи“(Пс. 54, 23). Така тешејќи се, преподобниот го отфрлаше од себе немирот што му го уфрлаше во срцето врагот на нашето спасение.
И навистина, Бог не го остави Својот угодник кој се надеваше во Него: кај него испрати двајца мажи со кошници полни со леб, брашно и зејтин. Давајќи му ја кошницата тие му рекоа:
- Оче, земи и јади. А ние ќе дојдеме кај тебе кога Бог ќе ни нареди.
Тие го рекоа тоа и веднаш си заминаа, така што преподобниот не стигна да ги праша ни од каде дојдоа. Блажениот Зосим долго време ги очекуваше овие двајца мажи. Кога виде дека ги нема, му стана јасно дека тоа било Божја посета. Од срце Му заблагодари на Господа за неговото милостиво промислување за него и за неискажаниот дар.
Кога помина зимата дојде старецот Герман, водејќи со себе еден мирјанин по име Марко, по занимање рибар. Заедно со него Герман донесе многу храна и мрежи за ловење риби. По некое време Марко прими монашки чин. Наскоро потоа многу мирјани, желни за спасение започнаа да доаѓаат кај подвижниците, ѕидајќи ќелии за себе, и хранејќи се со трудот на рацете свои. Набрзо потоа преподобниот Зосим подигна мала црква во име на нашиот Господ Исус Христос, во спомен на богодоличното Преображение Негово; и тоа на она место каде што преподобниот виде црква во воздухот осветлена со неопислива светлина. Потоа до црквата изгради и мала трпезарија и така на островот основа монашко општожитие.
Потоа испрати еден од браќата кај архиепископот Јона во Новгород да бара благослов од него за осветување на храмот и за игумен за новооснованиот манастир. Архиепископот набрзо им го испрати јеромонахот Павле за игумен и им даде благослов. Со голема радост беа осветени и црквата и манастирот во слава Божја. Така отпочна чесната и славна Соловецка обител.
Меѓутоа, не можејќи да ги поднесе пустинските трудови, наскоро игуменот Павле се врати во Новгород. По него игумен беше Теодосиј, но и тој ја напушти пустината. Тогаш браќата се договорија со преподобниот Зосим, да не зема игумен од другите манастири, туку да избере игумен од својата средина. Потоа браќата го натераа преподобниот Зосим да им биде старешина, па некои од браќата отпатуваа во Новгород и го замолија архиепископот да го повика кај себе нивниот отец и да го ракоположи за свештеник и игумен, иако тој не сакаше. Архиепископот ја исполни молбата на браќата. Го повика преподобниот кај себе, го убеди да ги прими свештеничкиот и игуменскиот чин, го поучи, и со чест го отпушти. Многу Новгородски граѓани го помогнаа манастирот додека тој беше отсутен. Кога се врати во својата обител како игумен, од страна на браќата беше дочекан со чест и голема радост.
Кога преподобниот Зосим ја служеше првата света Литургија во манастирот, со него се случи божествено чудо кое сите го видоа: Неговото лице со благодатта на Светиот Дух заблеска како лице на ангел и црквата се исполни со прекрасен мирис. Тоа беше знак дека како достоен ги примил и свештеничкиот и игуменскиот чин. Браќата многу се израдуваа и го прославија Бога. Тогаш во црквата беа присутни и некои трговци. Преподобниот им даде нафора, но тие од невнимание ја изгубија. Брат Макариј, минувајќи по патот ја здогледа нафората на земјата и покрај неа куче, кое сакаше да ја дофати со устата, но оган го гореше. Братот ја зеде нафората, ја однесе кај преподобниот, раскажа што виде и сите што слушнаа останаа восхитени.
Бидејќи од ден во ден бројот на браќата се зголемуваше и не можеа сите да се сместат во црквата на молитва, преподобниот изгради голема црква, подигна многу нови ќелии, и го прошири манастирот.
По неколку години преподобниот се сети на блажениот Саватиј, кој многу се подвизувал на тој остров, и му беше жал што неговите чесни мошти почиваат на друго место кај реката Вига, каде што се претстави. Се посоветува со браќата за да ги пренесат моштите на блажениот Саватиј на островот. Во меѓувреме му пристигна писмо од обителта на Пресвета Богородица, на Белото Езеро, кое го донесе еден монах од манастирот на преподобниот Кирил. Писмото гласеше вака:
„Благодат и мир од Бога Отецот и нашиот Господ Исус Христос до возљубениот во Христа духовен настојател, богољубивиот игумен Зосим, со своето братство во Христа. Од оние што доаѓаат од вашиот крај слушавме дека Соловецкиот Остров поради морските патнички тешкотии никогаш не бил населен. Сега по промисла Божја и со посредството на Пречиста Богородица е населен со монаси. Слушнавме дека со вашата грижа во Бога, на островот е изграден манастир во чест на Преображението Христово и дека во него се подвизуваат многу браќа; слушнавме дека кај вас по молитвите на Пречистата Богомајка сѐ е добро уредено, само ви недостига едно богатство - моштите на преподобниот Саватиј, кој пред вас се подвизувал на тој остров и бил како древните отци подвижници. На некои од браќата на нашиот манастир кои биле во Новгород, еден богољубив човек, по име Јован, им раскажал дека кога поради трговија пловел по морето и бил на реката Вига, се удостоил да го види жив преподобниот Саватиј, и од него да слушне духовни поуки. А кога тој се претставил кај Господа, неговото чесно тело го погребале тој и игуменот Натанаил. Јован им го раскажал на нашите браќа и чудото што се случило на морето, кога Бог по молитвите на преподобниот Саватиј ги спасил него и неговиот брат Теодор. И како што слушнавме, и многу други знаци и чудеса се случуваат на гробот на преподобниот Саватиј. Ние сме сведоци дека преподобниот Саватиј Му угоди на Бога, зашто овој блажен отец доста години поживеа со нас во обителта на Пречиста Богородица во Кириловиот манастир. Затоа сега ѝ пишувам на вашата светост, давајќи ви духовен совет: Немојте да се лишите од таквиот дар, туку со молитвено стравопочитување пренесете ги кај вас чесните мошти на преподобниот и блажен Саватиј, за да бидат положени таму каде што тој се подвизувал многу години. Бидете здрави во Христа Исуса на вечен живот, и како богољубиви молете се за нас, по молитвите на преподобниот Саватиј Господ да нѐ избави од сите зла.
Кога блажениот Зосим гласно им го прочита ова писмо на своите браќа, сите се израдуваа и како со една уста рекоа: „Ова не е од луѓе, туку од самиот Бог!“ И веднаш тргнаа кон спротивниот брег. Кога дојдоа до капелата на брегот на реката Вига, го раскопаа гробот на преподобниот Саватиј и воздухот се исполни со прекрасен мирис. А кога го отворија ковчегот го здогледаа угодникот Божји целосен, зашто гниењето не се беше допрело ни до телото ни до облеката на светителот. Восхитени, браќата Го прославија Бога и ги пренесоа чесните мошти на бродот. Кога се вратија на островот ги положија зад олтарот на црквата Успение на Пресвета Богородица, во капелата подготвена за тоа. Сите болни, кои со вера доаѓаа на гробот на преподобниот Саватиј се исцелуваа по неговите молитви, а блажениот Зосим секоја ноќ доаѓаше на гробот, се молеше, и правеше многубројни поклони сѐ до утринското богослужение.
Гореспоменатиот трговец Јован, кој учествувал во погребението на преподобниот Саватиј, со својот брат Теодор имаше голема вера и љубов спрема светителот што ги спаси од смрт во морето. Тие изработија икона на преподобниот Саватиј и му ја предадоа на игуменот Зосим, заедно со многу подароци потребни на манастирот. Игуменот Зосим ја целиваше иконата и ја постави над моштите, па обраќајќи и се како на самиот отец Саватиј и рече:
- Слуго Божји, иако го заврши овој временски живот со телото, со духот не отстапувај од нас! Раководи нѐ кон Христа, учи нѐ да одиме по патот на заповедите Господови, да го носиме својот крст, и да го следиме нашиот Господ. Имајќи слобода пред Господа Христа и Пречистата Мајка Негова, биди молитвеник и посредник за нас недостојните жители на оваа света обител, чиј старешина си ти. Биди ни помошник и застапник пред Бога, та живеејќи на ова место, по твоите молитви да бидеме чувани од демоните и лошите луѓе, славејќи ја Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух.
Ѓаволот не можеше да гледа како со благодатта Божја цвета Соловецката обител, па поттикна лоши луѓе да ѝ прават штети на светата обител и да им нанесуваат зло на браќата. Тогаш, поттикнати од ѓаволот, на Соловецкиот Остров започнаа да доаѓаат многу болјарски слуги и жители на Корелската земја, и да ловат риби по езерата. При тоа, тие им забрануваа на монасите да ловат за манастирските потреби, велејќи дека тие се господари на островот. Со многу погрдни и лоши зборови го навредуваа преподобниот Зосим и сите монаси, им приредуваа многу непријатности и се фалеа дека ќе го разорат манастирот и ќе ги избркаат оттаму. Поради тоа преподобниот Зосим беше принуден да појде во Новгород кај архиепископот Теофил, да го моли за помош и заштита. Поведе со себе некои од своите ученици и кога стигна му се поклони и му ја изложи својата молба за манастирот кој пати од лоши луѓе. Архиепископот му рече:
- Чесен оче, со Божја помош јас секогаш сум спремен да му помогнам на твојот манастир; но најпрвин треба да побараш помош од болјарите и велможите кои управуваат со нашиот град.
Преподобниот отиде кај болјарите посетувајќи ги нивните домови и ги замоли да го заштитат манастирот и сите му ветуваа помош. Тогаш преподобниот отиде кај една вдовица по име Марта, бидејќи нејзините слуги и селани му правеа многу зло на манастирот. Кога ѝ јавија дека дошол преподобниот, таа им нареди на слугите со навреди да го избркаат од нејзиниот дом. Смерниот слуга Божји трпеливо ги поднесе навредите, а на своите ученици им рече:
- Еве, се наближуваат деновите кога жителите на овој дом повеќе нема да одат по овој двор. Ќе се затворат вратите на овој дом и повеќе нема да се отворат. Овој двор ќе остане пуст. Во свое време се исполни тоа што го прорече преподобниот.
Архиепископот ги повика кај себе болјарите и ги извести за сите неправди и непријатности што нивните слуги и селани ги причинуваат на манастирот на преподобниот Зосим. Болјарите едногласно решија да му помогнат на преподобниот и целиот остров го поклонија на неговиот манастир. Таа своја одлука ја потврдија со повелба на која ставија осум печати: првиот на архиепископот, вториот на градоначалникот....Покрај тоа тие го обдарија преподобниот со многу работи потребни за манастирот, и ветија дека и понатаму ќе помагаат. Кога слушна за тоа споменатата болјарка Марта и дозна за доблесниот живот на блажениот Зосим, сфати дека тој е вистински слуга Божји, се покаја што го навреди, и испрати свој човек да го замоли да дојде кај неа на ручек. Штом влезе во нејзиниот дом, таа заедно со нејзините синови и керќи зеде благослов од него и го седна на почесно место. Додека сите јадеа и пиеја веселејќи се, преподобниот по својот обичај седеше смерно и јадеше малку. Кога ги погледна присутните болјари на трпезата тој се зачуди, оти виде страшен призор, па ја наведна главата и никому не рече ништо. Кога повторно погледна, го виде истото, и повторно ја наведна главата. И кога по трет пат го виде истиот призор: всушност ги виде без глави шестмината главни болјари кои седеа заедно со него на трпезата, се чудеше како тоа луѓето седат и се гоштеваат а немаат глави. Но веднаш разбра што значи тоа видение, ја наведна главата, воздивна и заплака, и повеќе не вкуси ништо, иако многу му нудеа. По ручекот болјарката Марта го замоли да ѝ прости за навредите што му ги нанесе и на неговиот манастир му го подари имотот кај реката Сума, па го отпушти со мир.
Кога преподобниот излезе од нејзиниот дом, неговиот омилен ученик Данил упорно го прашуваше зошто за време на ручекот трипати ги погледнал болјарите и заплакал. Преподобниот му одговори:
-Чедо, ти многу упорно молиш, како што пророкот Елисеј го молел пророкот Илија; затоа нема да ги сокријам од тебе неискажаните судови Божји, кои ќе се исполнат во свое време. Но, ти чувај ја оваа тајна додека не се исполни Божјата одлука. Ги видов шестмината болјари како седат на трпезата без глави. Тие луѓе наскоро ќе бидат обезглавени. Но, ти чедо, внимавај да не кажеш никому за ова што го слушна од мене.
Преподобниот се врати во својот манастирсо таписка повелба, и со многу подароци од богољубивите новгородски жители.
По некое време преподобниот слушне дека великиот московски кнез Јован Василевич со огромна војска дошол во Новгород, и со смрт казнил некои болјари, за да ги заплаши останатите. Тогаш беа обезглавени и оние шест болјари, што преподобниот ги виде на трпезата без глави. А пак болјарката Марта, по наредба на великиот кнез, со своите деца беше испратена на заточение во Нижи Новгород, а нејзиниот имот беше разграбен. И така нејзиниот дом навистина остана пуст, како што прорече преподобниот кога со навреди беше избркан од таму.
Преподобниот поживеа доста години на земјата, и ја усоврши секоја доблест. Кога се наближи времето на неговиот блажен крај, тој си подготви гроб за себе, и плачеше над него постојано мислејќи на смртта, и се подготвуваше за неа. Кога го насети своето заминување кај Господа, изнемоштен и болежлив од староста и многуте подвизи, тој ги повика браката кај себе и им рече:
- Еве, чеда, јас заминувам од овој временски живот и вас ве доверувам на милостивиот Бог и Пречистата Богородица. Кажете ми, кој сакате да ви биде игумен по мене?
Сите браќа силно заплакаа и како со една уста рекоа:
- Оче, и пастиру наш, сите би сакале да умреме заедно со тебе, но тоа не е во наша власт. Нашиот Бог Христос, Кој те извести за твоето заминување, може преку тебе да ни даде наставник. Но, нека нѐ чуваат твоите молитви и твојот благослов нека биде со нас, зашто ти си наш отец во Господа. Како што во овој живот се грижеше за нас ништовните, така и по твоето заминување кај Господа, те молиме не оставај нѐ сироти.
Браќата плачеа и ридаа а преподобниот им рече:
- Чеда, ви реков дека ве предавам во рацете на Господа и на Пречистата Богородица. А игумен нека ви биде Арсениј, зашто е најдостоен и најспособен да управува со манастирот и со браќата.
Откако го рече тоа, преподобниот му го предаде игуменството на Арсениј и му рече:
- Ете, брате, во Господа те поставувам за градител и раководител на оваа света обител и на сите браќа, собрани овде од љубов кон Бога. Будно внимавај, ништо да не се изостави од манастирските прописи составени врз основа на апостолското учење и преданијата на светите Отци. А Господ нека ги исправи вашите чекори кон исполнување на заповедите Негови, по молитвите на Пречистата Владичица наша Богородица Дева и сите Светии, како и по молитвите на преподобниот Саватиј. Нашиот Господ Исус Христос нека ве закрили од сите ѓаволски замки, и нека ве утврди во својата Божествена љубов. А пак јас, иако се разделувам од вас со телото, сепак со духот ќе останам постојано со вас. Знајте дека, ако најдам благодат пред Бога, по моето заминување оваа обител ќе се зголеми, ова место ќе се наполни со духовно изобилие и нема да оскудевате за ништо.
Преподобниот ги поучи браќата, ги целиваше, ги благослови, ги крена рацете кон небото, и се помоли за обителта, за своето духовно стадо и за себе. Потоа ги прекрсти браќата и им рече:
- Мир на вас!
Повторно ги крена очите кон небото и рече:
- Човекољубив Господи, удостој ме да застанам од Твојата десна страна, кога ќе дојдеш во слава да им судиш на живите и на мртвите, и на секого да му дадеш според делата негови.
Го изговори тоа, легна на одарот и ја предаде својата света душа во рацете на својот Господ, Кому во светост и правда Му служеше од младоста.
Нашиот преподобен отец Зосим се престави на 17 април, во 1478 година. Браќата многу плачеа и ридаа по него. Го отпеаја неговото чесно тело и го положија во гробот што тој со своите раце го ископа зад олтарот на црквата Преображение Господово. Потоа подигнаа капела над неговите мошти, поставија свети икони и свеќници, и браќата доаѓаа и се молеа таму. На гробот на преподобниот се случуваа многу чудеса. Се случуваат и сега на оние кои со вера пристапуваат. Преподобниот го исполни своето ветување дека со духот неотстапно ќе биде со своите ученици. Понекогаш им се јавуваше во видлив облик и на копно и по море, помагајќи им на оние што се во неволја. Многупати се јавувал за време на бура. Спасувал бродови од бродолом, избавувал морепловци од давење, ги стишувал бурите. Понекогаш е гледан и во црквата како стои меѓу браќата и се моли. Во деветтиот ден од своето преставување, преподобниот му се јави на инокот Давид и му раскажа како со милоста Божја ги избегнал воздушните духови и нивните заседи и бил вброен во ликот на светите.
Потоа, на својот гроб преподобниот му се јави на старецот Тарасиј. Една недела по утрената, тој му се јави и на својот ученик Герасим, одејќи од гробницата на преподобниот Саватиј кон својата гробница, при што се сврте кон Герасим и му рече:
- Подвизувај се, чедо, за да примиш награда за својот труд.
На истиот Герасим му се јави и по втор пат за време на божествената Литургија на Велики Четврток, стоејќи во соборната црква. Кога браќата започнаа да се причестуваат, преподобниот Зосим му рече на Герасим:
- Оди и ти, и причести се.
И преподобниот стоеше крај Светите Тајни сѐ додека не се причестија сите, а потоа стана невидлив.
Еднаш кога свештеномонахот Доситеј за време на повечерието стоеше во црковниот притвор и се молеше за еден бесомачен брат, преподобниот му се јави и му рече:
- Исцелението нема да му биде од корист на братот за кого што се молиш. За него е корисно уште некое време да остане во тоа страдање.
Старецот Теодул во една прилика се лизна, падна на земјата и се повреди така што лежеше болен и не можеше да го исполнува своето вообичано молитвено правило. Еднаш, доцна навечер, преподобниот Зосим тропна на вратата од неговата ќелија, влезе внатре и го исцели.
Од овие и многу слични јавувања на преподобниот станува јасно дека тој не отстапува од своето место, и не ги остава своите чеда кои се подвизуваат, туку веднаш му помага на оној што со вера му се обраќа.
Соловецкиот монах Митрофан им раскажуваше на браќата за себе:
„Додека бев во светот, како трговец јас често пловев по морето. Еднаш настана страшна бура и триесет дена брановите го превртуваа бродот и сите преплашени и очајни се молевме на Бога и на Пресвета Богородица. Потоа патниците се сетија на преподобниот Зосим, Соловецкиот чудотворец, и го повикаа на помош. Наскоро го здогледавме преподобниот како седи на кормилото и со својата мантија ги удира брановите и ги одвраќа од бродот. Така гледан од своите патници, преподобниот управуваше со бродот и дење и ноќе, заштитувајќи ги од потопување. Кога стигнавме на брегот, необичниот кормилар стана невидлив.
Монахот Елисеј се разболе за време на пловидбата по морето и многу сакаше да прими схима, но на дофат на брегот умре.
Преподобниот Зосим, кого покојниот Елисеј за време на својата болест го беше видел и замолил да се помоли за него, го поврати Елисеј и тој беше жив сѐ додека не прими схима и не се причести со Светите Тајни. Потоа монахот легна и заспа во Господа.
Еден мирјанин по име Никола многу го измачуваа бесови. Го доведоа на гробот на преподобниот Зосим, тој му се јави, го ослободи од ѓаволското насилство и здрав го испрати дома.
Еден земјоделец по име Гораин, сосем ослепе. Кога дојде на гробот на преподобниот Зосим доби исцеление и прогледа. Но, поради своето маловерие, овој земјоделец по втор пат ослепе. И кога со покајание отиде на гробот на преподобниот и се помоли со солзи, преподобниот повторно му подари исцеление на очите.
И многу други болни исцели преподобниот, бидејќи никогаш не ја откажува својата помош на оние кои со вера го призиваат неговото свето име.
Преподобниот Зосим многупати се јавуваше заедно со преподобниот Саватиј. Двајцата чудотворци се видувани заедно од многумина. Така еднаш, кога братот Јосиф се наоѓаше на островот Кузова, оддалечен околу триесет километри од Соловецкиот Остров, и преку ноќта се искачи на гората за молитва, кога погледна кон Соловецкиот манастир, среде манастирот здогледа два огнени столба кои се издигнуваа од земјата до небото и силно блескаа. Кога им го раскажа тоа видение на браќата, тие рекоа дека тоа всушност се основачите и старешини на Соловецкиот манастир, преподобните Саватиј и Зосим, зашто навистина се духовни столбови кои се просветлиле со светлината на благодатта Божја.
Двајца брака, Саватиј и Терепонт, по завршувањето на Великиот Пост по некоја манастирска работа беа испратени во Вирма, каде во пристаништето се наоѓал манастирски дом со намирници. Пловејќи, тие се приближија до островот Шужмуј оддалечен околу шеесет километри од Соловецкиот Остров и Саватиј здогледа два црвени столба на крајот од островот, не многу големи. Кога стигнаа таму најдоа една мала колиба и во неа двајца мажи, голи и гладни, со изгниени нозе и едвај живи. Во почетокот на зимата, тие двајца пловеле по морето но нивниот брод се разбил и тие се искрцале на островот и тука презимувале, бидејќи немало кој да ги земе. Кога овие јадници ги здогледаа монасите, прашаа:
- Господа, кои сте вие? Дали соловецките старци ве испратија кај нас?
Саватиј и Терепонт ги прашаа:
- За какви соловецки старци зборувате?
Болните одговорија:
- Кај нас доаѓаа двајца чесни старци од кои едниот се вика Зосим а другиот Саватиј. Кога и да дојдеа, нашите болки се смируваа и ние не чувствувавме ниту глад ниту студ. Пред да дојдете вие, тие беа со нас и ни рекоа: „Не тагувајте, наскоро ќе испратиме по вас“.
Кога го слушнаа тоа, монасите се восхитија, па ги поткрепија болните со храна и ги поведоа со себе во манастирот.
Една бесомачна жена по име Марија беше донесена во Соловецкиот манастир од страна на нејзиниот сопруг. Преподобните отци Зосим и Саватиј ѝ се јавија заедно и со својата појава ја исцелија, бркајќи го бесот од неа.
Исто така светите отци воскреснаа од мртвите една млада жена, ќерка на Еремија, кој некогаш бил слуга на преподобниот Зосим. Оваа жена, наговорена од бесовите самата се закла и лежеше како мртва. Нејзините родители горко плачеа и ги повикуваа на помош преподобните отци Зосим и Саватиј. Наредната ноќ, преподобните ѝ се јавија во сонот, ѝ дадоа некаква маст и ѝ рекоа:
- Премачкај ги своите рани, оти поради солзите на твоите родители кои повикуваат кон нас, ние дојдовме да те исцелиме.
Таа, чинејќи и сѐ како во сон, ги премачка своите рани, се разбуди и по три дена потполно оздраве.
Еден разбојник по име Василиј, откако се покаја дојде во Соловецкиот манастир и прими монашки чин. Но, по некое време, влечен од ѓаволот кон претходниот начин на живот, тој намисли да побегне од манастирот. Подготви еден чамец, украде некои манастирски книги, одежди и садови, се смести во чамецот и преку ноќта побегна. Пловејќи така, стигна до Анзерскиот Остров оддалечен околу петнаесет километри од Соловецкиот остров. Тука го совлада длабок сон, и тој застана на брегот, и заспа на земјата. Во сонот му се јавија двајцата преподобни, и преподобниот Зосим го погледна гневно и му рече: - Беднику, ти мене ме крадеш! Јас ѕидам а ти рушиш! И Василиј во сонот го молеше преподобниот да му прости. Тогаш тој му рече: - Ќе добиеш прошка, но ќе останеш три дена на ова место. Кога се разбуди, Василиј не виде никој околу себе, ниту пак го најде чамецот, па седна и плачеше додека не поминаа три дена. Потоа поминаа трговци, го зедоа и го однесоа во манастирот. Тука тој се каеше со солзи. Го исповедаше својот грев пред браќата, и им раскажа за јавувањето на преподобните.
Во тоа време манастриските рибари ловеа риби на реката Умба, петстотини километри оддалечена од Соловецкиот Остров. Старешина им беше старецот Фотиј. Нему му се јавија во сон двајцата преподобни, и свети Зосим му рече:
- Еве, ви довезовме чамец за риболов, зашто дознавме дека ви е потребен. Само внимавајте да не изгубите некои од работите што се во него и сите доставете ги во манастирот.
Кога се разбуди, Фотиј им го раскажа своето видение на другите рибари. Рибарите навистина го најдоа чамецот таму и во него многу манастирски работи. Тие работи ги однесоа во манастирот и раскажаа за јавувањето на преподобните.
Еден човек по име Теодор, кој живееше на брегот на морето околу реката Сума, го раскажуваше следното:
- Ми се случи да пловам заедно со својот роб. Ненадејно се крена силна бура по морето и ние го спуштивме сидрото и застанавме. Бевме во голема опасност, и Му се молевме на Бога, повикувајќи ги на помош преподобните Зосим и Саватиј. Јас пак, влегов внатре, задремав и видов двајца светлолики старци како стојат на бродот и му велат на кормиларот:
- Сврти го бродот со клунот спрема ветрот!
И веднаш се разбудив и поитав кон луѓето што ја исфрлаа водата од бродот. Еден од нив, многу уморен задрема, но наеднаш скокна и ми рече:
- Во овој момент јас видов двајца старци кои разговараат меѓу себе. Едниот му рече на другиот: „Брате, ти погрижи се за овој брод, а јас брзам во Соловецкиот манастир на Божја служба“.
Ние многу се израдувавме кога го слушнавме тоа, и навистина бурата набргу престана и ние го продолживме патот, благодарејќи Му на Бога и на Неговите свети угодници.
Старецот Филимон ни го раскажа следното:
Кога живеев осамен во пустината, понекогаш под дејство на ѓаволот ми наидуваше големо униние и потиштеност. Причината за тоа беше што еден брат остави кај мене пари на чување. По некое време тие пари изчезнаа. Оној брат многу се натажи а и мене голема тага ме држеше неколку дена. Еднаш, по своето молитвено правило, јас седнав и кога малку задремав во мојата ќелија влегоа двајца старци. Јас ги прашав:
- Зошто влеговте без молитва?
А тие ми одговорија:
- Ние се помоливме, зарем не слушна?
Тогаш јас им реков:
- Седнете, господа мои.
Потоа ги прашав:
- Кои сте вие? Од нашиот манастир ли сте? Јас не ве познавам.
Едниот од нив ми одговори:
- Јас се викам Зосим, а овој до мене е Саватиј. Брате, немој да тагуваш за изгубените пари. Тие набргу ќе се најдат.
Ми кажаа уште многу душекорисни работи и станаа невидливи.
Кога се разбудив, јас не видов никого, но тагата исчезна и јас почувствував радост во душата. Потоа парите беа пронајдени на истото место каде што беа оставени. Радосни, ние Му благодаревме на Бога и на преподобните отци Зосим и Саватиј.
Овие и многу други чудеса направија овие преподобни отци, старешините на Соловецката обител. Споменатите овде нека ни бидат од корист за нашите души и за прославување на угодникот Божји, а во слава и пофалба на нашиот Господ Исус Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
МАКАРИЈ НОТАРАС,
епископот Коринтски
Коринт е град кој се наоѓа на самиот почеток на Пелопонез, во близина на морскиот канал, ископан од персискиот цар Ксеркс. Во тој град светиот првоврховен апостол Павле, учителот на народите, го проповедаше Евангелието и на коринтските христијани им напиша две свои божествени посланија. Во Коринт се роди и овој блажен Макариј, новиот подвижник и светител Божји. Потекнува од прочуеното византиско семејство Нотараси, од кое што потекнува и нашиот преподобен отец Герасим Нови, чудотворецот Кефалониски.
Неговите родители се викаа Георгиј и Анастасија и беа угледни граѓани на градот Коринт. По многуте машки и женски деца, во 1731 година им се роди и благословениот Михаил. Така го нарече на светото крштение тогашниот коринтски епископ Партениј. Родителите го дадоа на школување и тој покажа голем успех. Но, неговата душа уште од детството го водеше кон црковните богослужби и подвижничкиот монашки живот. Затоа и против волјата на својот татко, кој сакаше да го постави за управител на некои пелопонезки села, тој тајно отиде во манастирот Мега Спилеон (Голема Тврдина) во внатрешноста на Пелопонез. Со настојување на татка си, Михаил беше вратен назад, каде наскоро стана народен учител. Поради неговата добрина и добродетелниот живот го засакаа и коринтскиот народ и клирот и монаштвото. Во 1764-та година се упокои коринтскиот епископ Партениј и сите за свој пастир и вистински учител го побараа преподобниот Михаил. Ги подготвија потребните писма и потписи и го испратија во Цариград кај тогашниот вселенски патријарх Самуил и Светиот Синод, со молба да го ракоположат за архипастир на нивниот град. Патријархот и Синодот се согласија со тоа, и откако Михаил ги помина сите свештени чинови по ред, беше хиротонисан за епископ Коринтски.
Кога се врати во својата епархија, архијерејот Христов веднаш започна да ги обработува запуштените ниви Господови. Најпрвин се зафати да го доведе во ред свештенството. Забрани секакво мешање на свештениците во политичките работи, оти и тоа зло беше започнало да се шири меѓу тамошните свештеници. Исто така се трудеше и светите канони од светите Апостоли и Отци секој да ги остварува точно и беспрекорно. Затоа ракоположи нови свештеници и на секого му даваше катихизис, за од него да го учат народот во верата православна. Им даваше и по еден купел за правилно и според православното предание да ги крштеваат децата а не само да ги полеваат со вода.
Во 1768 година избувна руско - турската војна и руските бродови стигнаа и до Коринт. Поради несреќите и неволјите кои во оваа војна настанаа и на Пелопонез, свети Макариј беше принуден да оди на островот Закинтос во Јонското Море, од каде што отиде во Кефалонија за да се поклони на светите мошти на својот сродник, преподобниот Герасим. Потоа премина на островот Идра и се задржа во манастирот Пресвета Богородица. Кога заврши војната помеѓу Русите и Турците, турските власти преку Синодот во Цариград им забранија на сите архијереи кои беа пристапиле под заштита на руската војска да се вратат во своите епархии. Оваа одлука беше применета и над свети Макариј, иако тој не беше вмешан во војната туку цело време живееше по места каде што владееја турците. Поради таа одлука, тој ја напушти Идра и својот Коринт и отиде во Света Гора. По пат сврати на островот Хиос во Егејското Море, каде остана кратко време, па го продолжи патот за Света Гора.
На Света Гора преподобниот затекна спорови околу коливото и околу спомнувањето на умрените. Всушност кај многумина беше застапен обичајот коливо и парастос за мртвите да прават во неделниот ден, додека другите опитни монаси и подвижници, повикувајќи се на светите канони и древната практика на Црквата, не го одобруваа тоа. Со тоа мислење се согласуваше и свети Макариј и затоа одбиваше да присуствува на парастосите вршени во неделниот воскресен ден, и советуваше коливата за умрените да се прават во саботниот ден. Поради тоа му се закануваа со прогонство оние, кои што пред него ги протераа од Атон преподобните отци кои мислеа така. Овие отци беа наречени Коливади.
Од Света Гора преподобниот најпрвин дојде на островот Хиос а оттаму отиде на Патмос. Таму најде некои од овие протерани отци, и со нив остана една година. Тука ги учеше учениците во училиштето наречено Патмијада. Оттаму отиде во својот роден крај, па потоа во Смирна, каде се запозна со побожниот христијанин Јован Маврогордат. Бидејќи веќе долго време собираше дела на светите Отци и Подвижници, Макариј му предложи на богатиот Јован заедно да ги издадат светоотечките подвижнички дела во една печатена книга под името Филокалија - Добротољубие, што наскоро и се исполни.
Откако помина некое време во Смирна, преподобниот се врати на Хиос. Таму најде едно осамено место во близина на црквата Свети Петар, го откупи, и се насели заедно со својот ученик Јаков. Во тоа осамено и спокојно место свети Макариј се оддаде на уште поголеми духовни подвизи, подвизите на постот и молитвеното бдеење, кои навистина само на Бога му беа познати. На своите подвижнички трудови преподобниот им го придодаде и трудот на составувањето и пишувањето на душекорисни книги за поучување на христијаните, меѓу кои што се и книгите: „Лимонар“, „За честото причестување со Светите Тајни“, и други корисни книги. Повремено тој одеше во парохиската црква и го поучуваше народот, проповедајќи го Евангелието Христово. Им даваше и многу милостиња на оние што имаа потреба. Најголемо дело и подвиг на преподобниот Макариј беше тоа што тој подготвуваше за мачеништво ради Христа многу христијански момчиња кои претходно од разни причини се беа одрекле од христијанската вера и го беа примиле исламот. Тие се исповедаа кај него и добиваа духовен поттик и поуки, како да се подготват за страдањата ради Христа.
Во таквите подвизи дојде и крајот на овоземниот живот на блажениот Макариј. Пред самата смрт го нападна тешка болест, која што му го одзеде едниот дел од телото и тој не можеше ниту да се движи ниту да пишува. Тој ја прими таа болест со благодарност кон Бога и со голема кроткост. Во своето смирение велеше дека е казнет така затоа што не се покајал и лееше топли солзи. Тогаш со него беа и преподобните отци Нил и Никифор, неговите дотогашни соподвижници. Тој во мир го предаде својот дух во рацете на Господа, на 17 април во 1805-та година. Така, јерархот беше вброен во јерарсите, подвижникот во подвижниците, маченикот меѓу мачениците. Неговото свето тело беше погребано крај црквата во нивната испосница. По смртта на светиот Макариј, Бог даде по неговите свети молитви да се случат неколку чудесни исцеленија на неговиот гроб, како што стои напишано во неговото опширно житие. По неговите молитви нека Господ нѐ помилува и спаси. Амин.