1. Април  (19. Март)

 

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ХРИСАНТ И ДАРИЈА

и останатите со нив

Знаменитиот велможа од кнежевски род, Полемиј, со својот син Хрисант, од Александрија отиде во Рим. Таму чесно го примија велможите, а царот го постави за сенатор. Сакајќи неговиот син единец да ги изучи сите науки, го испрати во училиште. Хрисант ги изучи сите светски науки и до неговите раце дојдоа Евангелието и Делата Апостолски. Ги прочита внимателно, се вдлабочи во нив, и си рече: „Хрисант, ти прочита многу незнабожечки книги сѐ додека не ја најде светлината на вистината. Сега, кога ја најде, држи се единствено до неа, зашто не е мудро од светлината повторно да се вратиш во темнината. Ако ги отфрлиш плодовите на твојот труд околу учењето, тогаш залудно си се мачел. Бог наредува: „Барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори“ (Лк. 11, 9). Внимавај да не ти биде одземено богатството што си го нашол“.

Зборувајќи си така самиот на себе, Хрисант си побара учител за Светото Писмо.

Размислувајќи за тоа секој ден и, барајќи слуги Христови, најде еден кој што му кажа дека знае еден христијанин по име Кардофор, кој има големи познавања од Светото Писмо и поради гонењето живее во гората, во една пештера непозната за никој. Кога го слушна тоа, блаженото момче многу се израдува и го замоли човекот да му го покаже местото каде се наоѓа тој човек Божји. Кога се запозна со блажениот Карпофор, кој беше свештеник, Хрисант често одеше кај него, го слушаше словото Божјо, и кога целосно се упати во тајните на Светото Писмо, тој го крсти. Хрисант толку зајакна во светата вера, така што наредниот ден од своето крштение, започна јавно да му проповеда на народот за Синот Божји, Христос. Кога го слушнаа тоа, неговите роднини му рекоа на неговиот татко:

- Ти ќе бидеш виновен што твојот син зборува против боговите, и вели дека некој Исус Христос е вистински Бог. Ако дојде тоа до ушите на царот, тогаш нема да ни биде простено ниту тебе ниту нам, зашто оние што хулат на боговите се противат на царските закони.

Полемиј веднаш го затвори својот син во една мрачна и смрдлива визба, и го измачуваше со глад. Блажениот Хрисант го гледаше тој затвор како вежбање во постот и испосничкото молитвено тихување, и тешкотиите на христијанскиот живот.

Кога дознаа за тоа домашните, му предложија на Полемиј:

- Ако сакаш твојот син да го одвратиш од христијанските мисли, тогаш дај му да живее во раскош и задоволства и ожени го со некоја убава и паметна девојка. Темницата, оковите и гладот, христијаните ги сметаат за слава и гордост, а не за мака.

Тогаш Полемиј нареди да се подготви раскошна палата, го изведе синот од мрачниот затвор, го облече во златоткајна облека, и го воведе во неа. Потоа, меѓу своите робинки ги избра најубавите девојки, ги облече раскошно, и ги затвори во таа палата со синот, со заповед на сите можни начини да се потрудат да го наведат Хрисант на телесна љубов и да го одвратат од Христа. Во палатата се приредуваа гозби со најубави јадења, и девојките се веселеа пред свети Хрисант но, среде сите соблазни тој остана недопирлив и постојано се молеше:

- Помогни ми, Спасителу мој, зошто Те знам Тебе единствениот и вистински Бог, што ги спасуваш оние што веруваат во Тебе и им даваш непобедлива сила.

Откако така Му се помоли на Бога, сите девојки заспаа во длабок сон и не можеа да ги разбудат сѐ додека не ги изнесоа од палатата. А кога повторно влегоа внатре, веднаш заспаа. Тоа се повторуваше секој ден.

Тогаш го известија за тоа неговиот татко, а тој започна да кука за својот син, како да умрел. Некои негови пријатели му говореа дека тој ги магепсува девојките со магии, па му предложија да го ожени со образована и паметна девојка, и така да го одврати од христијанството. Полемиј запраша каде би можеле да најдат таква паметна девојка, а тие го посоветуваа дека меѓу девојките што ѝ служат на богињата Минерва има една девојка по има Дарија, која се школува. Таа била многу паметна и убава, и веќе ја изучила целата реторика и многу други науки. Му рекоа да поита и да ја испроси за својот син, за да не го претекне некој.

Полемиј го прифати овој совет, ги замоли своите роднини да отидат кај девојката и да ѝ понудат да се омажи за неговиот син. Девојката се согласи и свечено беше доведена во домот на Полемиј. Необично убава и раскошно облечена, ја воведоа во собата кај Хрисант. Таму, насамо, таа му зборуваше најразлични мили зборови но, со помош на Светиот Дух, тој започна да ѝ зборува на девојката:

- О, чудна девојко, како што се трудиш за краткотрајниот живот, уште повеќе треба да се погрижиш да најдеш љубов во бесмртниот Цар - Синот Божји! А тоа нема да биде тешко ако посакаш. Ако својата душа заедно со телото ја сочуваш чиста и непорочна, и ако го украсиш своето срце со доблести како што сега си го украсила телото со скапоцени накити, тогаш ангелите ќе ти станат другари, апостолите пријатели, мачениците ближни, и тие ќе издејствуваат самиот Христос да ти стане младоженец, Кој ќе ти приготви вечна палата на небото неспоредливо поубава и посветла од земната. Ќе ти дадат вечна рајска радост, цветот на твојата младост ќе го обесмрти, и во книгата на вечниот живот ќе те запише.

Дарија беше трогната од ваквите зборови и рече:

- Мене не ме доведе овде никаква телесна желба, туку љубовта на твоите родители кон тебе и нивните солзи. Јас треба да те вратам кон служењето на боговите наши.

Свети Хрисант ѝ одговори:

- Ако имаш докази со кои би ме убедила дека вашето служење на боговите е праведно и оправдано, тогаш ќе те послушам и ќе го променам својот ум.

Дарија му рече:

- Ништо не е покорисно и попотребно за луѓето од почитувањето на боговите и умолувањето со жртви, да ни бидат чувари.

Светителот одговори:

- Како можат да бидат чувари оние богови, кои што самите имаат потреба други да ги чуваат, и за кои ноќе приврзуваат пси, за да не ги украдат? Ги зацврстуваат со железо за да не паднат и да не се разбијат.

На тоа, Дарија рече:

- Кога простиот народ би можел да ги почитува боговите без вајани ликови, тогаш не би имало потреба да се вајаат од злато, сребро, бакар, и да се прават од мермер и дрво, за луѓето да ги замислуваат и почитуваат и да се плашат од нив.

На тоа светителот рече:

- Дали тие се достојни за почитување? Не може да се нарече бог оној што нема потполна светост, потполна праведност и божествена слава. На пример, каква светост и праведност има вашиот српоносец Кронос, кој своите сопствени деца ги проголтувал, како што имаат запишано за тоа неговите служители? Или, што е достојно за пофалба во самиот Јупитер, кој колку денови проживеа, толку беззаконија, прељуби и убиства изврши? Тој бил гонител на својот татко, погубувач на своите деца, прељубодеец со туѓите жени, маж на својата сестра, тиранин на царството, пронаоѓач на магиите, посредник на смртта! Тој е подложен на толку беззаконија и гадости што е невозмоно да се слушаат, зашто неговите дела беа срамни и одвратни. Веруваш ли дека таков одвратен човек е бог? А дека бил таков, сведочат вашите книгописци, кои напишаа дека од безумни луѓе беа нарекувани богови царевите кои беа храбри во битките и во свое време изгинаа. Ајде, кажи ми, каква доблест имал вашиот Јупитер кој сѐ до смртта беше непријател на секоја чистота и чесност? Тој со крадењето на момчето Ганимид го оскверни самиот воздух, а со силувањето на своите сестри ја извалка земјата. А во вашиот Меркур, какво божество наоѓаш во него? Неговата глава изгледа како крилесто чудовиште. Тој со магии пронаоѓаше злато во земјата, а со баење и магеснички стап ги скротуваше змиите. Тоа го правеше со помош на демоните, на кои што секој ден им принесуваше на жртва вепар или петел. А каква е светоста на Херкулес, кој ги убиваше своите соседи и сам се фрли во оган и изгоре бедникот? Што добро наоѓаш во Аполон, или во тајните на Бахусовите жртви, во пијанките и невоздржанието? Да ја споменеме уште и царицата Јунона, сестрата и жена Јупитерова, и безумната Палада, и бесрамната Венера, кои се караа меѓу себе, љубоморна една на друга околу тоа која е поубава, и повикуваа овчар да им пресуди за тоа. Никој од овие таканаречени богови и богињи немаа божество, ниту светост и праведност. А за останатите помали богови не треба ни да зборуваме. Кој од нив треба да се смета за Бог, кога не се богови Кронос, Јупитер и Венера, од кои, според мислењето на безумните луѓе нема поголеми богови? И кога, како што видовме, вашите богови се толку бедни и ништовни, тогаш колку победни од нив се оние што ги почитуваат како богови?

Слушајќи ги внимателно Хрисантовите зборови, Дарија рече:

Ако се ништовни кажувањата и басните на поетите, да се обратиме кон философите кои учат да се избира доблеста, а да се отфрла секој порок. Тие на разни начини го опишуваат поредокот на светот, и ги толкуваат имињата на боговите. Белат дека Кронос е време кое проголтува сѐ, Јупитер го нарекуваат сонце, Јуна - воздух, Венера - оган, Нептун - море, Церера - земја, и со останатите божествени имиња ги нарекуваат останатите работи.

На тоа свети Хрисант рече:

- Тие велат дека постојат слики на оние работи што не можат постојано да постојат, туку со текот на времето одминуваат; а земјата постои постојано исто како и морето, и огнот, и воздухот, и сите ги гледаат. Но, јас не знам, ниту пак разбирам, зошто вие озаконивте да се оддава богодолично почитување на тие исти стихии, кога човечките раце прават од нив човеколики идоли. Зошто не им се поклонувате на земјата, воздухот и морето? Зарем постои цар, кој би наредил луѓето него да го презираат, а да се поклонуваат на неговиот извајан лик, на неговата слика? Таков цар не постои, и треба да се признае вистината дека вие со помош на тие идолски ликови не изобразувате стихијни богови, туку смртни луѓе.

На тоа Дарија одговори:

- Твоите причини го убедувааат мојот разум. Вајаните ликови ги почитуваат прости луѓе, а ние ги обожаваме самите оригинали.

Свети Хрисант рече:

- Да наведеме некои стихии што ги обожаваат идолопоклониците. На пример, тие ја обожаваат земјата. Тогаш треба достојно да ја почитуваат како своја богиња, а не да ја бесчестат. Да не ја ораат, копаат, раскопуваат, туку да ја остават на мира. А земјоделецот постапува со неа како да не ја смета за богиња. Не ѝ оддава никакво почитување. И тогаш, чии ниви раѓаат: дали на оние кои не ораат и копаат, туку ја почитуваат како богиња, или на оние кои ораат и копаат? Ако навистина земјата е богиња како што велите вие, тогаш таа треба вам да ви ги дава сите плодови без вашиот труд, ни орана, ни копана, ни сеана. Ако морето е Бог, тогаш плови по него без весла, па нека те однесе каде што сакаш. Не чекај ни риби од својот труд, туку поклони му се на морето како на бог, измоли ги од нив со молитва. Така треба да гледаш и на останатите стихии, зашто тие не ги знаат своите поклоници, бидејќи немаат душа и разум, туку според заповедите Божји им служат на човечките потреби. Според заповедта на својот Творец, земјата се напојува со дожд, и загревана со сончевите зраци произведува семиња и донесува плодови. Затоа треба да се обожава само Бог Творецот, Кој го створил сето тоа, го уредил и ни го дал за живот. И учениците во училиштата не ги почитуваат книгите, туку учителите свои. И болниот, излекуван, не му благодари на лекот, тука на лекарот.

Слушајќи го, Дарија поверува во единствениот вистински Бог, нашиот Господ Исус Христос, и тие се договорија да живеат во бракот како брат и сестра, во страв Божји, чувајќи ја својата девственост. Откако се ожени, свети Хрисант доби слобода од својот татко. Тој му го даде целиот свој имот, и по кратко време умре. Сега, потполно слободен, свети Хрисант ја крсти блажена Дарија и таа наскоро го изучи целото Свето Писмо и стана совршена слугинка и невеста Христова.

Хрисант и Дарија не се грижеа само за своето спасение, туку и за спасението на другите. Многу луѓе обраќаа кон Христа, се одвоија во посебни домови уредени како манастири, и Хрисант имаше крај себе девствени момчиња, а Дарија девствени девојки.

За неколку години се зголеми братството на Хрисант и сестринството на Дарија. Но, неочекувано во градот изби метеж и побуна, зашто многу народ се собра кај епархот Церелин, обвинувајќи ги светите слуги Христови, Хрисант и Дарија. Сите луѓе викаа:

- Ги изгубивме своите сакани поради Хрисант и Дарија!

Епархот веднаш нареди да ги фатат, и многу да ги мачат, ако не им принесат жртви на боговите. Епархот го предаде светиот Хрисант на некој трибун Клавдиј, а тој им рече на своите војници:

- Водете го надвор од градот во идолиштето на Јупитер, па ако таму не сака да му се поклони на непобедливиот Херкулес, мачете го на разни начини, сѐ додека не се покори.

Војниците го фатија светителот, го врзаа со сурови жили, и го затегнуваа така што жилите му се впија во коските. Но, ненадејно тие сами се разврзаа за миг. Војниците долго се мачеа, но не можеа да ги заврзат, па разбесните го фрлија во темницата, го оковаа во окови, му се потсмеваа и го пцуеја. Но, и тие окови веднаш сами паднаа. Тогаш, тие започнаа да излеваат моч врз него, велејќи:

- Сега нема да ти помогнат твоите магии и волшепства.

Но, смрадот ненадејно се претвори во прекрасен мирис, па тие одраа теле и во неговата сурова кожа гол го замотаа маченикот, и го ставија на сонцето. Иако беше многу жешко, свети Хрисант остана неповреден. Потоа повторно го оковаа во железни окови, го фрлија во темницата, но оковите повторно се искинаа, и блесна светлина како да гореа многу свеќи.

Војниците го известија својот трибун Клавдиј за сѐ што се случува. Тој дојде, ја виде светлината, и нареди да го изведат светиот маченик пред него, па го праша:

- Каква магиска сила има во тебе, та чиниш вакви работи? Јас сум скротил многу магепсници, но во нив немаше таква сила. Гледам дека си угледен и мудар човек, и не барам ништо од тебе, туку само да го напуштиш дрското христијанско учење, поради коешто се ствара метеж меѓу римскиот народ. Стори го тоа што е достојно за твоето потекло: принеси им должни жртви на семоќните богови.

Свети Хрисант му одговори:

- Кога би имало во тебе и најмала искра на мудрост, лесно би дознал дека ме крепи Божјата сила, и кога очите твои би гледале правилно, ти би видел дека твоите богови се слепи, глуви и нечувствителни.

Тогаш трибунот Клавдиј нареди да го врзат маченикот за дрво, и да го тепаат со железни стапови. Но, стапот во рацете на мачителите беше тврд и тежок, а врз телото на светителот лесен. Кога трибунот го виде тоа, го одврза маченикот од дрвото, го облече во неговото одело, и им се обрати на војниците:

- И мене и вам ни се познати магесничките вештини, но сега гледам дека овде се работи за самата сила Божја, зашто и суровите жили сами се одврзаа, и оковите се искинаа, и суровата телешка кожа цел ден не се исуши на сонцето... Очигледно е дека во него дејствува сила Божја и не ни преостанува ништо друго, освен да припаднеме пред нозете на овој Божји човек и да измолиме од него простување за сите зла и насилства што му ги сторивме. Ајде да го измолиме да нѐ помири со својот семоќен Бог, Кој такви чудеса твори и слугите Свои ги прави толку силни и непобедливи во борбите, како што и сами гледаме. Овој многустрадален слуга Негов, како што нѐ победи нас, така може да ги победи и нашите кнезови и цареви, и да ги посрами со непобедливата сила на небесниот Бог, Кој е во него.

Го рече тоа Клавдиј и со своите војници падна пред нозете на свети Хрисант, говорејќи:

- Навистина познавме дека твојот Бог е вистинскиот Бог. Затоа те молиме и нас да нѐ сториш слуги Негови.

Свети Хрисант му одговори:

- Ако сакате да Му пристапите на мојот Бог, тогаш пристапете Му со срце, а не со нозе. Зашто Бог му станува близок на секој, кој со срце и вера Го бара.

Откако многу им зборуваше за вистинскиот Бог, поучувајќи ги долго, трибунот Клавдиј поверува, а со неговата жена Иларија и неговите два сина Јасон и Мавр, и сите негови роднини и пријатели. Сите заедно примија свето крштение и минуваа денови и ноќи во поуките на Хрисант, од срце слушајќи ги зборовите за Господа Христа, и сите сакаа да страдаат за Него.

За тоа дозна царот Нумеријан, кој во тоа време царуваше во Рим, и веднаш нареди на Клавдиј да му врзат камен околу вратот, и да го фрлат во морето, а сите негови војници, и синовите негови, да бидат заклани со меч.

На местото каде што беа обезглавени мачениците Христови, имаше една стара гробница. Христијаните ја исчистија, преку нокта ги зедоа телата на светите маченици, и ги положија во неа. Таму често доаѓаше жената на Клавдиј, Иларија, и се молеше на Бога крај маченичките мошти на своите два сина.

Еднаш ја фатија неверните и ја одвлекоа на измачување. Таа ги молеше говорејќи:

- Дозволете ми да ја завршам својата молитва, а потоа водете ме каде што сакате.

Тие ѝ дозволија. Таа ги преклони колената на земјата, ги крена очите кон небото и рече:

- Господи Исусе Христе, јас Те исповедам со целото свое срце, и сега Те молам, испрати ме кај моите синови, кои што ги повика на маченички подвиг за Тебе!

Молејќи се така, таа ја предаде својата душа во рацете Божји. А кога неверниците видоа дека ненадејно издивна, си заминаа. Робинките го зедоа телото на својата госпоѓа, и чесно ја погребаа покрај онаа стара гробница, во која лежеа светите маченици.

Царот нареди светите Хрисант и Дарија да ги подложат на разни маки. Хрисант го оковаа во железни вериги и го фрлија во една длабока, страшна и смрдлива темница, низ која минуваше целиот градски измет. Дарија беше одведена во дом за блудници. Но, Бог им помагаше и на двајцата, покажувајќи ја преку нив својата семоќност. Светлина ја осветлуваше темницата на Хрисант и смрадот се претвори во прекрасен мирис. А пак, кај света Дарија во блудилиштето дотрча еден лав, којшто побегна од кафезот свој, и ја чуваше. Не знаејќи за тоа, граѓаните испратија едно бесрамно момче да ја оскверни. И кога тоа влезе во одајата кај неа, лавот веднаш го дофати и започна да го гази со нозете. Притоа гледаше во света Дарија како разумен слуга, чекајќи наредба од неа што да прави со бесрамникот. А света Дарија му рече:

- Те заколнувам во Синот Божји, пушти го, за од мене да слушне за живиот Бог.

Лавот излезе надвор, а светителката му рече на младото момче: „Ете, свирепиот лав, штом го слушна името Христово се скроти. И ѕверот како разумен човек го знае вистинскиот Бог, се плаши од Него, и Го почитува. А ти, беднику, иако си човек и имаш разум, не се плашиш од Бога и живееш во зло. Се фалиш со она, од кое што треба да се срамиш, и каеш.

Момчето падна на колена пред неа, и рече:

- Дозволи ми, слугинко Христова, здрав да излезам одовде и јас ќе проповедам дека Христос, на Кого ти Му служиш, е единствен вистински Бог, и дека не постои друг бог освен Него.

Света Дарија му нареди на лавот да го пушти момчето да си замине. А момчето одеше низ градот, силно викајќи:

- Римјани, знајте дека Дарија е богиња!

Тогаш некои театарски борци, одважни и силни луѓе, дотрчаа до блудилиштето, сакајќи да го извлечат лавот отттаму. Но, лавот, крепен од Бога, ги фати сите по ред, ги нареди пред нозете на света Дарија, и не им дозволуваше да се помрднат. Светителката им рече:

- Ако поверувате во Христа, ќе можете да излезете одовде а, ако не, тогаш вашите богови нека ве избават од смртта.

Тие едногласно повикаа:

- Кој не верува дека Исус Христос е вистинскиот жив Бог, жив да не излезе одовде!

Додека тие викаа така, светителката му нареди на лавот да ги пушти да си заминат. Откако излегоа силно започнаа да викаат:

- Луѓе Римјани, верувајте дека нема друг Бог освен Христос, Кого Дарија Го проповеда!

Кога дозна за тоа, епархот Церелин нареди пред вратата на блудилиштето да се запали силен оган за да ја спалат Дарија заедно со лавот. Кога го зодгледа огнот, лавот се уплаши, и започна силно да рика. Светителката му рече:

- Не плаши се, нема да бидеш спален, никој нема да те убие, туку во свое време ќе умреш од природна смрт. Затоа не плаши се, туку излези и оди во пустината. Оној на Кого ти во мене Му оддаде почит, ќе те штити.

Лавот ја наведна главата, излезе, и се упати кон пустината, а сите што се спасија од неговата челуст се крстија.

Кога го известија царот Нумеријан за тоа, тој нареди епархот да ги усмрти Хрисант и Дарија со лута смрт. Свети Хрисант гол беше обесен за дрво, и сакаа со запалени свеќи да го горат неговото тело, но веднаш дрвото се скрши, оковите паднаа од него, и свеќите се угасија. А на секој што сакаше да се допре до света Дарија, рацете му се здрвуваа и жилите му се кинеа, та врескаше од болка.

Кога епархот го виде тоа, се уплаши и поита да го извести царот, а тој го препишуваше тоа на магиските вештини, а не на силата Божја, и нареди да ги изведат Хрисант и Дарија надвор од градот, да ископаат длабока јама покрај патот Саларија, двајцата да ги фрлат во неа, и живи да ги затрупаат со камења и земја. Доведени таму, светите маченици Хрисант и Дарија со пеење и молитва влегоа во таа јама, и заедно примија маченичка смрт и погребение, живи затрупани со земја и камења.

Како што во овој живот имаа заедничко житие во духовниот брак, така заеднички и завршија. Бог ги прими како жива и пријатна жртва. Тоа се случи во 283-та година.

На тоа место се случуваа многу чуда и исцеленија. И многу христијани се собираа таму во една блиска пештера, радосно празнувајќи го денот на нивната смрт, и се причестуваа со Божествените Тајни. За тоа дозна мачителот, и нареди веднаш да се соѕида влезот на таа пештера, и да се затрупа со земја. Тоа беше сторено. Така, во заѕиданата пештера маченички загинаа многу христијани. Меѓу нив беше презвитерот Диодор, ѓаконот Маријан, и многу клирици со огромен број христијани. Пострадаа во Рим, во 283 и 284-та година.

По наредба на Неговата Светост папата Римски Стефан, ние, браќата Уарин и Арменија, опишавме сѐ што се случило, и го распространивме во сите градови, за да знаат сите како светите маченици Хрисант и Дарија добија маченички венци во Небесното Царство од нашиот Господ Исус Христос, Кому слава и сила, сега и секогаш и низ сите векови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАНХАРИЈ

За време на царувањето на Диоклецијан и Максимијан од 284 до 305 година, целиот свет беше полн со идолопоклонички заблуди, и секој христијанин, кој што Го исповедаше Христа беше лишуван не само од имотот туку и од животот, откако претходно ќе го ставеа на многу страшни маки. Во тоа време живееше и маченикот Христов, Панхариј, кој е родум од Вилапата во Германија, од родители христијани. Беше висок и убав. Кога дојде во Рим, тој се спријатели со Диоклецијан и стана прв член на Сенатот. Поради љубовта на царот кон него, тој, на негов срам, се одрече од верата Христова, и стана едномисленик со царот. Царот му даваше многу богатство годишно, за да му е достапно секое уживање и удобност.

Кога оваа вест стигна до неговите блажени мајка и сестра, тие му напишаа писмо. Во писмото најпрвин го советуваа да се сети на стравот Божји, потоа да се сети на Страшниот суд Божји, на кој, оној што го исповедал Господ Христос ќе добие вечна награда, вечно блаженство, коешто нему му беше многу добро познато. Од друга страна, оние што ќе се одречат од Божеството Христово ќе бидат осудени на вечни маки, што исто така му беше многу добро познато. Зашто Спасителот има речено: Кој ќе ме признае мене пред луѓето, и Јас ќе го признам него пред мојот Отец Небесен“ (Мт. 10, 32-33). Освен тоа, го потсетија и на овие Господови зборови: „Каква е ползата за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Каков откуп ќе даде човек за својата душа?“ (Мк. 8, 36-37).

Откако го прочита тоа писмо, Панхариј стана свесен за злото во кое што западнал, и започна да тагува и да кука. Се фрли на земјата зборувајќи:

- Господи, Седржителу, смилувај се на мене! Смилувај се, Господи, и немој да ме отфрлиш мене, слугата Твој, туку смилувај се на мене!

Еден од дворјаните го здогледа Панхариј како плаче и зборува, и му соопшти на царот. Царот го повика и му рече:

- Најмил Панхариј, да не си можеби Назареец, кажи ми!

Светителот одговори:

- Да, Назареец сум, царе, и христијанин.

Тогаш царот му рече:

- Панхариј, заради љубовта моја, одречи се од тоа име! Инаку, знај дека многу ќе те измачувам додека не те погубам.

Светителот му одговори:

- Царе, поради тоа што досега бев твој истомисленик, јас се плашам и треперам да не падне оган од небото, и да не ме изгори.

Од сега јас никогаш повеќе нема да се одречам од Христа, макар телото мое во текот на многу години да го ставаш на маки, како што велиш.

Тогаш мачителот нареди да го соблечат светителот, и да го тепаат со жили. Потоа го свика целиот Сенат, и рече:

- Знаете ли дека Панхариј, сакеларијот и скриминариј на царството, паднал во верата на Галилеецот? Кажете ми што да правам со него?

Големците му одговорија:

- Царе, нареди гол да го соблечат и да го тепаат среде гледалиштето. Потоа испрати го во Никомидија кај тамошниот кнез, да го стави на најразлични маки, и да го усмрти.

Кога го доведоа светителот во Никомидија, и го изведоа пред кнезот, прашан, тој одговори:

- Ете, од царската наредба гледаш дека сум христијанин. Затоа, направи го тоа што ти е наредено. Кнезот го праша:

- Како се викаш?

Маченикот одговори:

- Се викам Панхариј, а христијанин сум уште од моите предци. Но царот ме прелага и јас станав негов истомисленик. Поради тоа, со Божја помош, посоветуван од мојата мајка и сестра, јас итам кон мојот Христос, и се трудам да умрам за името Негово, за да го избришам страшното одрекување што го сторив.

На тоа кнезот му рече:

- Остави го тоа и постапи според царската наредба, за да не ја изгубиш својата слава на земјата, ти, кој си толку убав човек.

Светителот одговори:

- Загубата за која што зборуваш е минлива, и им носи вечен живот на оние што трпат од љубов спрема Христа.

Кога кнезот виде дека маченикот останува непоколеблив во својата вера, го осуди на смрт. Откако Христовиот јунак се помоли на Бога, му ја отсекоа главата. Така блажениот Панхариј доби венец на мачеништво. Пострада во Никомидија во 302-та година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КЛАВДИЈ, ТРИБУН, ИЛАРИЈА, МАВР И ЈАСОН

По наредба на царот, трибунот Клавдиј ги измачувал светите Хрисант и Дарија. Но, гледајќи ја силата Божја, тој се обратил кон Христа заедно со целото свое семејство. Затоа сите беа убиени.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДИОДОР и МАРИЈАН

Светите маченици, презвитерот Диодор и ѓаконот Маријан, пострадаа за Христа заѕидани во една пештера.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ ТОРНАРАС

Овој јунак Христов се дружел со Турците и често водел разговори со нив. Еден ден, злобни Турци започнаа да го наговараат да се потурчи. Но, Димитриј не сакаше ни да слушне. Тогаш Турците отидоа кај кадијата и го обвинија дека божем ја напаѓал нивната вера. Судијата донесе одлука немилосрдно да го тепаат и мачат, сѐ додека не се потурчи. Бездушно тепан и мачен, блажениот маченик остана напоколеблив. Тогаш судијата нареди да го обезглават. Така свети Димитриј доби венец на мачеништво.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА ВАСА ПЕЧЕРСКА или ПСКОВСКА

Света Васа е сопруга на првопечерскиот неимар свети Јона; се упокоила како монахиња околу 1473 година, и била погребана во Псково - Печерскиот манастир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИНОКЕНТИЈ

Светиот Инокентиј е основач на Спасо-Преображенскиот манастир. Тој е син на болјаринот Охлебин. Заедно со својот учител свети Нил Сорски, патувал по светите места на Истокот. Бил во Цариград и на Света Гора. По враќањето оттаму се населил на седумдесет врсти од Вологда. Таму го основал споменатиот општожителен манастир. Се упокоил на 19 март 1521 година. Светите мошти на преподобниот Инокентиј почиваат во манастирската црква.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК НИКОЛА КАРАМАН

Христовиот новомаченик Николај е родум од Смирна. Пострадал од Турците во својот роден град, на 21 март. Неговиот спомен се врши и на 6 декември.