2. Април (20. Март)
СТРАДАЊЕТО НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ ЈОВАН, СЕРГИЈ, ПАТРИКИЈ
и останатите преподобни убиени од арапите во обителта на Свети Сава
Во времето на пресветиот патријарх Илија, кога Светиот град беше под агарјанска власт, а во Цариград царуваа Константин и Ирина, во Палестина настанаа борби помеѓу агарјанските племиња. Тие борби нанесуваа огромни штети низ цела Палестина. Војувајќи меѓу себе, варварите ги пустошеа не само селата, туку и градовите, како што се Елефтеропол, Аскалон, Газа, Скаритија и др. Напаѓале неочекувано и, иако не ги убиваа сите луѓе, туку само оние што им се противеа, сепак им ги одземаа имотите на сите, и ги пљачкаа. Беа во заседи покрај сите друмови, ги фаќаа минувачите, ги тепаа, ги злоставуваа, и им земаа сѐ што имаа со себе. Единственото нивно милосрдие беше тоа што понекогаш пуштаа некој жив од злоставуваните. Тогаш и во светиот град Ерусалим владееше голем страв. Во него се собраа луѓето од околните градови и села, ги чуваа градските бедеми и се подготвуваа да се спротивстават на разбојничките варварски банди.
Во тоа време беше сосема разорена и упостошена и познатата обител на свети Харитон, која не се обнови никогаш повеќе. Тогаш многу настрада и лаврата на преподобниот Сава Осветениот. Во неа се подвизуваа свети отци од разни места, и под игуменство на преподобниот Василиј, Му угодуваа на Бога со својот подвижнички живот. Во тие тешки времиња на разбојнички напади, тие останаа во својата обител. Иако можеа да ја напуштат лаврата и да се засолнат во Ерусалим, сепак, тие не сакаа да го напуштат светото место во кое што од почетокот го беа зеле врз себе јаремот Христов. Еднаш умрени за светот, ним не им беше важно дали ќе ги снајде смртта, зашто целата надеж ја полагаа во Христа. Тие велеа:
- Ако сака, нашиот Господ е моќен лесно да нѐ избави од варварските раце. Ако според праведната промисла негова Му е по волја да бидеме убиени од варварите, тогаш Господ нека го допушти тоа мачеништво како најкорисна работа за нас. Поради страв од варварите нема да се враќаме од пустинското безмолвие во светската врева, за да не бидеме кукавици во очите на сите, и да станеме луѓе кои што не ја држат заповедта на нашиот Господ, Кој вели: „Не бојте се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“ (Мт. 10, 28).
Така тешејќи се, и храбрејќи се меѓу себе, и доверувајќи му ги на Бога и телата и душите свои, тие продолжија да живеат во лаврата. Имаше и една оправдана и побожна причина што ги задржуваше да не го напуштат манастирот:
Околните жители беа непријатели на ова свето место, и сакаа лаврата на свети Сава да ја видат разрушена, и без монаси. Кога браќата би ја напуштиле, за кратко време, овие непријатели веднаш би дошле, и би ја запалиле црквата и ќелиите, и целата обител би ја срамниле со земјата. Затоа светите Отци живееја во манастирот без да излегуваат, во слава на Христа Господа, Кој на тоа место бил прославен некогаш, а и сега во деновите нивни. Така живееја во лаврата овие свети Отци, по молитвите на преподобниот отец Сава, сѐ додека Севишниот заштитник ги чуваше неповредени од варварите. Варварските војски многу пати минуваа покрај лаврата, понекогаш и навраќаа, но никогаш не правеа зулуми, туку само бараа храна. Вистина е дека војниците непријателски беа росположени спрема монасите, но Бог не им дозволуваше да им наштетат.
Еднаш, еден варварски полк тргна да ја опљачка и разори лаврата, но во близина на Витлеем се судри со војската на ерусалимските граѓани, и во таа борба варварите беа победени и избркани, и едвај некој од нив успеа да се извлече жив. Во друга прилика, од главниот логор на варварската војска војниците тргнаа со иста зла намера, но, недалеку од лаврата, во едно село најдоа многу сокриено вино, се опија и се испотепаа меѓу себе, така што имаше многу ранети и мртви. Така не им се оствари и таа намера, и војската се разотиде.
Беше волја Божја слугите Негови да бидат искушани како некогаш праведниот Јов, та како злато прекалено во топилница, да станат достојни за Бога. Бог допушти варварските раце да се допрат до нив, зашто им беше приготвил маченички венци. Преподобните отци и сега седеа во своите ќелии без страв, минувајќи ја светата Четириесетница во пропишаните подвижнички подвизи. Во тоа време, поттикнати од ѓаволот, околу шеесет арапски варвари се договорија да ја нападнат лаврата, надевајќи се дека ќе најдат богатство кај монасите. Во петтата недела на Светата Четириесетница, на тринаесетти март, во осум часот претпладне, тие ја нападнаа лаврата. Монасите го насетија нивното доаѓање и брзо побегнаа од ќелиите во манастирот и црквата. Варварите се втурнаа кон манастирот, како да влегуваат в битка. Некои од отците, сакајќи да ја скротат нивната јарост, кротко излегоа пред нив и со благи зборови ги советуваа, велејќи им:
- Луѓе, зошто дојдовте кај нас како да одите во војна против непријатели кои ви сториле нешто? Ние сме мирни спрема сите; никому не сме сториле ништолошо. Ние го оставивме светот и живееме во оваа пустина, за да можеме во тишина да ги оплакуваме нашите гревови, и да Му угодиме на Бога. Ние не само што никому не сторивме ништо лошо, туку се трудиме и добро да ви правиме. Многумина Од вашите што доаѓаа овде, ние ги гостевме и им дававме храна за по пат. Затоа не треба да ни враќате со зло за добрините што ги сторивме. Еве, и сега ќе ви дадеме храна и ќе ве угостиме.
А варварите гневно викаа:
- Ние не дојдовме овде поради храна, туку за злато и сребро. Дајте ни злато и сребро, и ќе ве поштедиме. Во спротивно сите ќе ве убиеме.
На тоа отците им одговорија:
- Луѓе, верувајте дека ние сме сиромашни и толку оскудни во сѐ, што ниту леб немаме доволно, а за злато и сребро и во сон не сме помислиле, зашто го користиме само тоа што ни е најнеопходно за живот.
Варварите многу се разлутија и исфрлија многу стрели врз монасите. Така убија тринаесет свети отци, а други тешко ранија. Тогаш полетаа кон ќелиите, ги искршија вратите со камења, и ги изнесоа и оние малку монашки работи. Потоа ги запалија ќелиите, и истото сакаа да го сторат и со црквата, но, по Божја промисла здогледаа некои луѓе, па мислејќи дека доаѓа војска од Ерусалим да ги заштити монасите, веднаш побегнаа со опљачканите монашки работи. А ава Тома, извлекувајќи ги стрелите од телата на ранетите брака, им ги миеше раните и ги превиваше, зашто беше искусен лекар. Тогаш можеа да се видат многу лути рани, кај некои на градите, кај други на рамењата, кај трети на лицето и челото, а на четврти главите им беа разбиени од камењата и им течеше многу крв. Призорот беше трогнувачки и страшен.
Во пресрет на Цветници, за време на сеноќното бдение, кај преподобните отци стигна веста дека оние исти варвари се подготвуваат повторно да ја нападнат лаврата. Блажените отци се преплашија, но не побегнаа туку подготвувајќи се за смрт и надевајќи се во Господа, тие го очекуваа својот крај. Кога се приближи денот на страдањето Господово, дојде денот и за страдањето на преподобните отци. Рано наутро, на дваесетти март, на Велики Четврток, варварите по втор пат нападнаа и со голема сила бездушно ги убиваа преподобните отци на разни начини: едни убија со стрели, на други им ги отсекоа главите со ножеви, трети пресекоа на половина, на четврти им ги исекоа рацете и нозете, некои ги затрупаа со камења. Тие што останаа ги внесоа во црквата за таму да ги мачат, сѐ додека не им ги покажат црковните ризници и манастирскиот имот. Ја беа опколиле обителта, и насекаде беа поставиле стража, за да не им побегне ниту еден монах. Блажениот Јован, старешина на гостоприемницата, млад по години, го фатија како бега низ гората и безмилосно го мачеа, му ги пресекоа жилите на рацете и нозете, и го влечеа за нозете, по камењата од врвот на гората дури до црквата, и од острите камења му отпадна целата кожа на грбот, А црковниот ризничар, преподобен Сергиј, кога ги виде маките на преподобните отци и, плашејќи сѐ додека го мачат да не каже каде ги сокрил црковните скапоцености, се извлече кришум, и побегна од манастирот. Но, кога веќе беше далеку го фатија варварските стражари, и силум го вратија во манастирот. Тој започна да им се спротивставува, и тие му ја отсекоа главата. Потоа, неколку други отци, кои се сокрија во една пештера во близина на манастирот, беа откриени, и веднаш еден страшен арапин со својот меч застана пред влезот на пештерата и со страшен глас им нареди да излезат. Додека сите трепереа од страв, преподобен Патрикиј со шепот им рече:
- Не плашете се браќа. Јас ќе излезам, а вие седете овде и молчете. Тој излезе пред арапинот подготвен да ја положи душата за своите пријатели, а арапинот со закани го прашуваше дали внатре има други монаси. Преподобниот го уверуваше дека нема, и тој го одведе во црквата.
Кога ги собраа сите свети отци во црквата, варварите им рекоа:
- Откупете се себе си заедно со црквата за четири илјади златници. Ако не го сторите тоа, сите ќе ве обезглавиме и црквата ќе ви ја запалиме.
Светите отци кротко одговорија:
- Луѓе, ние немаме ниту еден златник, ниту пак некогаш сме имале. Ако сакате, земете сѐ што има врз нас и сѐ што гледате, само поштедете ги нашите животи.
Јаросните варвари ги извадија своите мечеви и започнаа да се закануваат над главите на монасите. Потоа го побараа нивниот старешина, а тие одговорија дека тој отишол по работа во Светиот Град. Во обителта имаше пештера на преподобниот Сава. Варварите ги одведоа светите Отци во таа пештера, пред нејзиниот влез запалија оган, и створија голем чад, за да ги натераат отците да ги откријат своите црковни ризници и старешини.
Потоа ги одведоа на испитување и им се закануваа со разни маки, за да им ги покажат ризниците, но не добија никаков одговор од нив, туку само ги слушаа нивните молитви кон Бога, зашто еден викаше: „Господи прими го духот мој во мир!“ А друг велеше: „Сети се на мене Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое“.
Повторно ги затворија во истата пештера и ги измачуваа со многу чад, така што умреа осумнаесет преподобни отци, меѓу кои беа и блажените Јован и Патрикиј. А имињата на останатите кои беа задушени со чад, заклани со меч, и со разни други маки убиени, ги знае единствено Бог, Кој ги запишал во книгата на животот. Оние кои не се задушија во чадот, свирепите и бездушни варвари страшно ги мачеа. Откако многу ги измачија сите и не успееја да дознаат ништо од нив, варварите собраа сѐ што најдоа во црквата, и заминаа.
Тогаш во манастирот полека започнаа да се собираат браќата што едвај останаа живи. Тие ги собраа и ги внесоа во црквата телата на убиените преподобни отци. Ноќта на спасоносното страдање Христово тие ја поминаа во неутешно липање, и потоа чесно ги погребаа. А ранетите и полумртвите браќа ги лекуваа со блажениот Тома, лекарот кој остана жив, и подоцна беше игумен на таканаречената Стара Лавра.
Така преподобните отци од обителта на преподобниот Сава загинаа маченички, во 796 година. По заминувањето од лаврата, варварите без меч, поразени од Бога, испопаѓаа мртви по пустините и полињата, да ги разнесат ѕверовите и кучињата. Нивните бедни души отидоа во пеколот, додека душите на убиените преподобни отци се најдоа во рацете Божји и се удостоија на маченичка слава од Христа Бога, нашиот Спасител, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ФОТИНА САМАРЈАНКАТА
и оние со неа
Во времето на царот Нерон, во 66-та година, започна големо гонење на христијаните. Откако од Нерон пострадаа првоврховните апостоли Петар и Павле, гонителите со голема ревност започнаа да трагаат по учениците на овие апостоли и да ги убиваат. Тогаш света Фотина со својот син Јосиј се наоѓаше во градот Картагена во Африка, и многу смело го проповедаше Евангелието Христово. А нејзиниот постар син Виктор тогаш беше во војна со арапите, кои беа завојувале против Римјаните. Тогаш тој покажа голема храброст и однесе победа над арапите поради што царот го назначи за врховен војсководец. Но, не знаејќи дека Виктор е христијанин, царот го испрати во Аталија, со наредба да ги гони христијаните.
Кога слушна за тоа, кнезот Севастијан му рече на Виктор:
- Војводо, јас знам дека си христијанин, исто како и твојата мајка и брат ти, зашто тие го следеа погубениот апостол Петар.
Виктор одговори:
- Јас ќе ја исполнувам волјата на небесниот и бесмртен Цар Христос, а за наредбата на земниот цар Нерон, според која треба да ги гонам христијаните, не сакам ни да слушнам.
На тоа кнезот му рече:
- Брате, како твој вистински пријател, јас те советувам што е корисно за тебе. Ако се нафатиш да им судиш и да ги мачиш христијаните, ќе му угодиш на царот и ќе го добиеш нивниот имот. Кажи ѝ на твојата мајка и на братот твој да се одречат од својата отечка вера, за да не те снајде опасност поради нив. А потајно биди христијанин колку што сакаш.
Тогаш Виктор му одговори:
Да не даде Бог да го сторам тоа што ме советуваш. Јас сум проповедник на Божеството Христово, исто како што се и тие.
На тоа кнезот му рече:
- Јас те советував, па ти размисли како ќе постапиш. Во истиот миг кнезот ослепе и со страшни болки во очите падна на земјата, не пуштајќи глас. Тогаш присутните го легнаа на постела. Тој остана во постелата три дена без да проговори, а на четвртиот ден со силен глас започна да вика дека христијанскиот Бог е единствен Бог. Виктор дојде кај него и го праша:
Од каде ваква брза промена кај тебе?
Тој одговори:
- Христос ме вика, преслатки Викторе!
Тогаш Виктор го упати во вистинската вера, и кнезот беше крстен. Кога излегуваше од светиот купел, веднаш му се отворија очите и тој Го прослави Бога. Многу елини, кои што го видоа тоа чудо се уплашија и со нив да не се случи нешто слично, па отидоа кај Виктор и се крстија.
Тоа дојде до ушите на Нерон, и тој многу се разлути и испрати војници да ги фатат сите христијани и да ги доведат кај него. Тогаш на сите им се јави Господ, говорејќи:
- Дојдете кај Мене сите кои сте уморни, и Јас ќе ве одморам. Не плашете се, Јас сум со вас, а Нерон, заедно со своите соработници ќе биде победен.
Му се Јави Господ и на Виктор и му рече:
- Од денес ќе се викаш Фотин, зашто многумина си просветлил и привел кон Мене. Окрепи го Севастијан на мачеништво; блажен е оној којшто се бори до крај.
На света Фотина ѝ беше откриено од Бога сѐ што ќе се случи со неа. Затоа, таа со многу христијани дојде во Рим и започна да го проповеда Христа. Во исто време војниците го доведоа нејзиниот син Фотин и кнезот Севастијан. А света Фотина претходно излезе пред Нерон заедно со помалиот син Јосиј и христијаните. Гледајќи ги, Нерон ги праша:
- Зошто дојдовте кај нас?
Светителката му одговори:
- Да те поучам во верата Христова.
Тогаш војводите му соопштија на царот дека се доведени кнезот Севастијан и војводата Виктор, кои се одрекле од боговите. Царот нареди да влезат. Кога застанаа пред него, тој ги праша:
- Што е тоа што го слушам за вас?
Светите му одговорија:
- Тоа што си го слушнал, царе, е вистина.
А царот, гледајќи ги крвнички, рече:
- Одречете се од Христа или ќе ве усмртам со лута смрт!
Светителите ги кренаа очите кон небото, и одговорија:
- Христе, немој да дозволиш да отстапиме од верата и љубовта Твоја!
Потоа царот ги праша светиите:
- Како се викате?
Света Фотина одговори:
- Јас се викам Фотина, зашто така ме нарекол мојот Бог Исус Христос; втората моја сестра се вика Анатолија, третата Фота, четвртата Фотида, петтата Параскева и шестата Киријакија. А моите синови се Виктор, кому мојот Господ му го промени името во Фотин, а другиот е Јосиј.
Тогаш Нерон праша:
- И сите вие сте согласни да пострадате и умрете за Назареецот?
Светите одговорија:
- Сите со радост ќе умреме за Него.
Тогаш царот нареди со чекани да им ги сокршат зглобовите на прстите од рацете. Но светите не чувствуваа никаква болка, ниту пак коските им се повредија.
Известен за тоа, царот се збуни и нареди да им ги отсечат рацете. Слугите седум пати ги удираа нивните раце со сабјите, но не можеа да им ги отсечат, туку паднаа на земјата како мртви. Гледајќи дека ги чува благодатта Божја, света Фотина говореше со зборовите Давидови: „Господ е мој помошник, нема да се плашам: што може да ми направи човек?“ (Пс. 117, 6).
Царот беше во недоумица, и започна да размислува како да ги победи. Реши мажите да ги стави во најмрачна темница, а света Фотина со сестрите ги одведе во златното одделение на неговата палата, и изнесе пред нив многу скапоцености: златни фустани, накити, појаси... Потоа нареди и неговата ќерка Домнина да дојде кај нив, и да разговара со нив. Кога ја здогледа, света Фотина рече:
- Радувај се невесто Христова.
А Домнина ѝ одговори:
- Радувај се и ти госпоѓо моја Фотина, факелу Христов! Кога го слушна името Христово од нејзината уста, света Фотина се израдува и ја прегрна. Потоа ја поучи заедно со стоте нејзини дворјанки, и сите ги крсти. На Домнина ѝ го промени името и ја нарече Антуса, а нејзината прва дворјанка Стефанида. Потоа, света Антуса нареди сите скапоцености да се раздадат на сиромашните.
Кога дозна за тоа, царот многу се разгневи и нареди седум дена да се загрева огромна печка и во неа да биде фрлени света Фотина, и сите мажи и жени со неа. Тоа беше сторено и светите останаа во печката три дена. Мислејќи дека изгореле, мачителот нареди да ја отворат печката, и остатоците од коските да ги фрлат во реката. Но, кога ја отворија печката, тие ги најдоа мачениците здрави и неповредени, како Го слават Бога. Се запрепастија бидејќи огнот воопшто не ги беше допрел.
Кога слушнаа за тоа необично чудо, жителите на Рим се восхитија и Го славеа Бога. Тогаш безумниот цар нареди да им се даде смртоносен отров на светите маченици, и беше повикан магесничарот Лампадиј да го приготви отровот. Света Фотина прва зеде отров, и му рече на магесничарот:
- Не треба да земаме отров од твоите раце, зашто си нечист но, за да ја познаете силата Христова, јас прва ќе се напијам во името на мојот Исус, а по мене ќе се напијат сите.
И сите го испија отровот, но тој не им наштети. Магесничарот се запрепасти, и ѝ рече на света Фотина:
- Имам и друг отров, многу посилен од оној што го испивте. Ако и тој не ви наштети, тогаш и јас ќе верувам во вашиот Бог.
И кога сите го испија тој отров, и воопшто не им наштети, магесничарот ги фрли во огнот своите книги, поверува во Христа, се крсти и го доби името Теоклит.
Кога дозна за тоа, царот нареди веднаш да го издвојат Теоклит, да го однесат надвор од градот и да му ја отсечат главата. Така, тој пострада пред другите и доби бесмртен венец од Господа.
Царот нареди на останатите свети маченици да им ги пресечат вените. Додека слугите го правеа тоа, тие се потсмеваа на неговите богови. Тогаш тој нареди да се растопи олово со сулфур и да им се става во ушите на сите. Но, и тоа не им наштети, а тие го славеа Бога! Тогаш Нерон, многу зачуден, нареди да ги обесат сите, да им ги стругаат телата и да ги горат, па им даваше да пијат пелин помешан со најостар оцет, но ништо не можеше да им наштети. Уште побесен поради тоа, овој тиранин нареди да им ги ископаат очите на сите светители, па да ги фрлат во мрачна темница, полна со змии и скорпии. Но, змиите и скорпиите умреа, смрадот се претвори во мирис, а темнината во светлина. Тогаш на светите им се јави Христос, и им рече:
- Мир на вас!
Ја фати света Фотина за рака, и ѝ рече:
- Јас сум постојано со вас! Не плашете се, туку радувајте се!
И додека Господ им зборуваше, од очите им испадна нешто како крлушт, и тие прогледаа. Го видоа Господа и Му се поклонија. Господ ги благослови, и им рече:
- Бидете храбри и јаки!
И си отиде од нив.
Безбожниот Нерон ги остави светите маченици во таа темница три години во тешки маки да го завршат својот живот. По три години испрати да му доведат од темницата еден негов дворјанин, затворен таму од него, и кога се вратија, војниците му рекоа дека ослепените Галилејци повторно гледаат и се здрави, а темницата блеска и мириса прекрасно. Па додадоа дека таа се претворила во дом Божји, во кој доаѓаат елини, ја слушаат проповедта на мачениците за Христа, веруваат во Него, и се крштеваат.
Кога го слушна тоа, царот се запрепасти и испрати да ги доведат, па им рече:
- Зарем не издадовме царска заповед, според која не треба да го проповедате Христа во овој град?
А светите маченици му одговорија:
Прави со нас што сакаш, но ние нема да престанеме да го проповедаме Христа, вистинскиот Бог и Творец на сѐ.
Разјарен, Нерон нареди да ги распнат со главите надолу, и три дена да ги тепаат со жили. Откако беше сторено тоа, нареди да останат на крстовите уште четири дена, а кога на петтиот ден дојдоа да видат дали сеуште се живи, сите ослепеа. Тогаш ангел Господов слезе од небото, ги симна светителите од крстовите, ги поздрави, и ги остави здрави. Света Фотина се сожали на ослепените мачители, се помоли на Бога, и тие веднаш прогледаа. Тогаш поверуваа во Христа и се крстија.
Кога слушна за тоа, многу разбеснет, Нерон нареди да ѝ ја одерат кожата на света Фотина. Додека го правеа тоа, таа пееше: „Господи, Ти си ме испитал и ме знаеш“ (Пс. 133, 1). Откако жива ја одраа, ја фрлија во еден сув бунар. А на светите Севастијан, Фотин и Јосиј им ги отсекоа срамните делови, и ги затворија во една стара бања. Тогаш Нерон ги изведе пред себе петте сестри на света Фотина, и нареди најпрвин да им ги отсечат дојките, а потоа живи да ги одерат. Кога џелатите сакаа да ја врзат света Фотида пред да започнат да ја дерат, таа не им дозволи, туку јуначки стоеше и го трпеше тоа страшно измачување. Царот беше восхитен од нејзиното јунаштво, тоа уште повеќе го разлути, и тој, ѕвероподобниот, за неа измисли уште пострашни маки. Нареди во неговата бавча да ги свиткаат врвовите на две дрвја и за нив да ја врзат света Фотида, па да ги пуштат врвовите да се вратат во првобитната положба. Кога го направија тоа, света Фотина беше раскината на две половини, и така ја предаде својата блажена душа во рацете Божји, и доби несвенлив венец на мачеништво.
Потоа царот нареди да им ги отсечат главите на светите маченици, а само света Фотина да ја извадат од бунарот и да ја фрлат во темница. Таа беше многу тажна што остана сама, и многу Му се молеше на Бога. Бог ѝ се јави, ја осени три пати со чесниот Крст и, исполнувајќи ја со радост ја оздраве. Подоцна, откако многу денови го славеше и благословуваше Бога, таа ја предаде својата душа во рацете Негови.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АНАТОЛИЈА, ФОТА, ФОТИДА, ПАРАСКЕВА И КИРИЈАКИЈА
Сите се родени сестри на светата маченица Фотина Самарјанката.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ВИКТОР И ЈОСИЈ,
синовите на света Фотина
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КНЕЗ СЕВАСТИЈАН
СПОМЕН НА СЕДУМТЕ СВЕТИ МАЧЕНИЧКИ
АЛЕКСАНДРА, КЛАВДИЈА, ЕФРАСИЈА, МАТРОНА, ЈУЛИЈАНИЈА, ЕФИМИЈА и ТЕОДОРА
Овие свети жени пострадаа во 290 година за време на големото гонење на христијаните од страна на царот Максимијан.
Тогаш на разни маки се подложувани и убивани сите кои што го исповедале Христа. Ова гонење го зафати и градот Аминсос во Кападокија и тамошниот кнез на нечовечен начин ги испоуби сите христијани. Тогаш овие седум девојки храбро излегоа пред кнезот и исповедаа дека Христос е вистинскиот Бог, а кнезот го нарекоа нечовечен и ѕвероподобен непријател на вистината.
Затоа најпрвин ги тепаа со мотки, потоа со мечеви им ги отсекоа градите, па ги обесија и толку ги стругаа нивните тела, што им се гледаше внатрешноста. Најпосле ги фрлија во вжештена печка, каде овие блажени девојки ги предадоа своите души во рацете Божји и добија од Него несвенливи венци на мачеништво.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК МИРОН КРИТЈАНИНОТ
Славниот маченик Христов, Мирон, беше син на побожни и родни родители од Мега Кастра на Крит. Уште како мал имаше кроток карактер и беше љубител на девственоста и целомудрието. Со еден збор, тој беше многу млад, но стар по мудрост. Притоа беше и многу убаво и мило момче. Го изучи кројачкиот занает и беше одличен и многу уреден работник. Неговите соседи агарјани многу сакаа да се дружат и да разговараат со него, со потајна желба да го наговорат да се одрече од Христовата вера и да се потурчи. Но, тој ги одбегнуваше и мирно си ја работеше својата работа. Еден ден, тие наговорија едно турско дете да го обвини дека божем Мирон го присилил на срамен грев.
Кога беше изнесена ваквата клевета против невиното момче, Турците со огромен бес го фатија Мирона, го одведоа кај судијата, викајќи и лажно сведочејќи дека силувал турско дете. Прашан за тоа, светиот Мирон рече дека никогаш ни на памет не му паднало такво нешто. Тогаш клеветниците се нафрлија врз него како навистина да го сторил тоа, и бараа да се потурчи, за да се покае за својот грев, зашто во спротивно - ќе биде погубен. Судијата се согласи со нив, и му рече на момчето:
- Или потурчи се, или ќе умреш.
Христовиот маченик бестрашно му одговори:
- Јас никогаш нема да се одречам од својата вера и името Христово. Напротив, спремен сум да поднесам безброј маки за љубовта Христова. Христијанин сум се родил, и христијанин сакам да умрам.
Кога го слушна тоа, судијата нареди да го тепаат, и потоа го фрли во темница. Кога повторно го изведоа пред судијата, истите сведоци повторно ја потврдија истата лага. Тогаш судијата започна да му ветува на маченикот големи почести и дарови, ако го послуша и се потурчи. А ако не го послуша ќе го предаде на најстрашна и најсрамна смрт. Меѓутоа, маченикот Христов остана непоколеблив и јавно изјави:
- Верата своја не ја менувам, туку сакам да умрам како христијанин.
Тогаш судијата му изрече смртна пресуда.
Воден кон губилиштето надвор од градот Кастра, маченикот по патот ги поздравуваше сите што ќе ги сретнеше и им говореше:
- Простете ми, браќа! И, Бог нека ви прости вам!
Позади него одеше неговиот татко, кој плачеше и лелекаше по него. Кога стигнаа на губилиштето, маченикот замоли да му дозволат да поразговара со својот татко. Тогаш му пријде, падна пред неговите нозе, ја бакна неговата рака, зеде благослов од него, и го утеши велејќи му дека не жали поради својата смрт, зашто умира лажно наклеветен и неправедно осуден. Потоа се врати кај џелатите, и тие го обесија.
Така, блажениот Мирон го прими бесмртниот венец на мачеништвото. Пострада на Крит, во 1793 година. Следната ноќ, додека сѐ уште висеше на бесилката, стражарите Турци со свои очи видоа како божествена светлина дојде од небото над телото на маченикот, и раскажаа наоколу. Кога го слушнаа тоа, христијаните го прославија Бога, Кој ги прославува светителите Свои. Со човекољубието и благодатта Божја, а по молитвите на светиот новомаченик Мирон, да се удостоиме и ние на царството небесно. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕФРОСИН СИНОЗЕРСКИ
Свети Ефросин е родум од Корењскиот крај. Младоста ја поминал во Валаамскиот манастир. Откако станал полнолетен, го примил монаштвото во Тихвинскиот Успенски манастир на Новгородската епархија. Во 1600 година се насели на брегот на Синичкото Езеро, како отшелник. Славата за неговите подвизи набрзо привлече кај него многу љубители на пустиножителството и тој основа манастир на брегот на езерото. Преподобниот беше маченички убиен од Полјаците во 1612 година, при пљачкањето на манастирот. Во 1653 година неговите свети мошти се пренесени во Благовештенската црква, подигната од него.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК РОДИОН
За Господа Христа бил посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕМАНУИЛ
Пострадал за Господа посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АКИЛА
Епархот Акила пострада заклан со меч за својата вера во Христа.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИКИТА ИСПОВЕДНИКОТ,
епископот Аполонијадски
Нашиот богоносен отец Никита Исповедникот живееше во времето на иконоборната ерес. Беше епископ на градот Иполонијада во Витинија (Мала Азија). Свети Никита не беше само побожен туку и ги сакаше луѓето и правеше многу милостиви дела. Исто така, тој го знаеше и Светото Писмо, и беше мудар и речит. Присилуван од иконоборците да се одрече од почитувањето на светите икони на Господа Христа, на Пресветата Богомајка и на сите ангели и Светители, тој не се согласи со тоа, и затоа беше мачен и протеран. Во прогонството се разболе од тешките мачења и ја предаде својата света душа во рацете на Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛОЛИОН
Пострадал за верата во Христа, тепан до смрт.