3. Април (21. Март)
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈАКОВ,
епископот и исповедникот
Овој светител уште од младоста го засака подвижнички живот и се замонаши. Се очистуваше себе си со пост, молитва и бдение, и се трудеше околу изучувањето на светите книги. На тој начин тој успеа да го очисти својот ум и срцето свое. Потоа беше удостоен на епископски чин. Во времето на Копроним , иконоборците го присилуваа да се одрече од молитвеното почитување на светите икони, но тој не сакаше. Затоа од нив претрпе големи беди, гонења, заточенија и неискажни маки, глад, жед и многу други зла, што тие нечестивци ги измислија. Во таквите маки и страдања, тој ја предаде својата блажена душа во рацете на Бога, заради Кого до смрт се подвизуваше, и од Кого го доби царството небесно за да се радува вечно. Живееше и пострада во осмиот век.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ КИРИЛ,
епископот Катански
Овој светител е родум од Антиохија. Бил ученик на свети апостол Петар. И кога со првоврховниот апостол дојде на запад, тој го постави за епископ во градот Катана во Сицилија. Добро и богољубиво управуваше со стадото Христово, приведувајќи ги неверните кон верата Христова. Правеше многу чудеса од кои ќе спомнеме едно:
Во Катана имало еден извор чија што вода имала горчлив вкус. Со својата молитва, светителот Божји, Кирил, ја направи водата погодна за пиење. Кога го виде тоа чудо, идолскиот врховен жрец поверува во Христа, а заедно со него и многу други.
Свети Кирил доживеа длабока старост и се упокои мирно во сон на праведник. Свечен му беше погребот во градот Катана. Неговите чесни мошти им даваа исцеление на сите, кои со вера пристапуваа.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ТОМА I,
патријархот Цариградски
Поради своите преголеми добродетели и совршениот разум и побожност, светиот отец Тома беше поставен за ѓакон на Големата Црква во Цариград, од страна на големиот чудотворец, патријархот Јован Постник, и поставен за сакелариј на патријаршијата од истиот патријарх, во времето на царот Маврикиј.
По претставувањето на пресветиот Јован, патријархувал блажениот Киријак, а по неговата смрт во времето на царот Фока, за патријарх Цариградски бил избран свети Тома. Тој добро управуваше со Црквата, будно пасејќи го разумното стадо Христово. Во негово време се случи еден необичен настан:
Еднаш додека се носела литија со крстови, крстовите започнале да се колебаат сами од себе, да се удираат еден со друг, и да се кршат. Гласот за тоа се разнесе насекаде, и патријархот го повика светиот Теодор Сикеот, познатиот проѕорливец и чудотворец, молејќи го да им објасни што сѐ претскажува со тоа. Свети Теодор потврди дека тоа чудо навистина се случило, но што претскажува одби да каже, изјавувајќи дека таа тајна не му е позната. По долгото молење на патријархот Тома, светиот старец објасни дека тоа значи оти за црквата и за ромејското царство ќе настапат големи беди, поради внатрешни политички раздори. Однадвор ќе навалат лути варвари, а внатре, христијаните ќе се поделат, ќе се гонат едни со други, ќе се тепаат, ќе убиваат, и многу храмови ќе опустат и ќе се разорат поради тоа. Навистина, за кратко време тоа се случи.
Патријархот многу се исплаши од тоа, и го молеше преподобниот да се моли на Бога да му ја земе душата, пред да настапи тоа време. Преподобниот Теодор се задржа кратко време во Цариград кај црквата на свети Стефан, а патријархот се разболе, и го извести преподобниот дека е болен, па го молеше да измоли од Бога побрз крај за него. Светителот го одби тоа. Тогаш блажениот патријарх повторно испрати кај него сесрдна молба и преподобниот и против своја волја постапи според желбата на пресветиот патријарх Тома, се помоли на Бога за негов побрз крај, и му напиша:
- Заповедаш ли да дојдам кај тебе, или да се видиме пред Бога?
А свети Тома преку пратеникот му одговори:
- Оче, не прекинувај го своето молчание. Доволно ми е тоа што си го рекол дека ќе се видиме пред Бога.
И, пресветиот патријарх Тома, во истиот ден, приквечер, се раздели од телото и се пресели кај Господа во 610-та година.
По претставувањето на свети Тома, престолот го зазеде Сергеј, ѓакон на Големата Црква. Тој во почетокот беше православен, но подоцна се изопачи и стана водач на монотелитската ерес, која безбожно учи дека во Господа Христа постои само една волја. И на црквата нападнаа беди, раздвојувања, разорувања и страдања, и еретиците ги гонеа православните. Згора на тоа, по допуштање Божјо поради множењето на ересите, персијците го нападнаа ромејското царство пустошејќи, палејќи и пљачкајќи. Тогаш персијците го зазедоа и Ерусалим и Светото Дрво - Чесниот Крст, како плен го однесоа во Персија. Се случуваа многу стравотии претскажани со она необично случување на литијата, и пророчкото објаснување на свети Теодор Сикеот, а кое светиот патријарх Тома не сакаше да го види со свои очи, туку попрво сакаше да умре. И желбата му се исполни. Свети Тома ја пасеше Црквата Христова три години и два месеци, многу борејќи се за Православието против еретиците, побожно почитувајќи го нашиот Бог Христос, на Кого со Отецот и Светиот Дух, слава за навек, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ СЕРАПИОН,
епископот Тмуитски
Свети Серапион најпрвин се подвизувал во Египетската Пустина заедно со свети Антониј Велики и свети Атанасиј Велики, а потоа бил настојател на една монашка населба. Оттаму бил поставен на катедрата на епископот Тмуитски во Долен Египет. Бил во големо пријателство со свети Антониј Велики. Тоа се гледа од тоа што великиот Ава му ги доверувал своите благодатни виденија, и заминувајќи од овој свет, за благослов му оставил едно монашко расо. Друго расо оставил на свети Атанасиј, како што за тоа вели свети Атанасиј во житието на свети Антониј. Свети Серапион беше голем пријател и со свети Атанасиј. Свети Атанасиј нему му упати неколку многу важни писма како на свој брат и сослужител во Господа, и како соисповедник во верата Православна. Тој со писмо го извести и за смртта на еретикот Ариј, откако дозна за тоа од александрискиот презвитер Макариј, кој тогаш бил во Цариград. Исто така, кога подоцна свети Серапион му пишувал на свети Атанасиј за појавата на Духоборната ерес, Атанасиј му упатил три писма во кои му го изложува православното верување за Бога Духот Свет и ја побива ереста на духоборците. Свети Серапион учествувал и на помесниот Сардикиски собор во 343 година, како заштитник на вистината Христова и бранител на свети Атанасиј. Во 356-та година свети Атанасиј го упатил Серапион со уште четири египетски епископи и тројца презвитери во Цариград, кај царот Констанциј (337 - 361 г.), за тие да ги развејат пред царот сите аријански клевети против него, како што за тоа вели историчарот Созомен во својата Црковна Историја (кн. 4 гл. 9, 6), притоа нарекувајќи го Серапион боговдахновен маж, кој се карактеризира со прекрасен живот и способност за говорништво. По Тоа, во времето на владеењето на истиот цар Констанциј, свети Серапион беше протеран за верата и така се удостои и на исповеднички венец. Се упокоил околу 365 година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СЕРАПИОН ПРЕЗВИТЕРОТ
За овој преподобен Серапион, кој беше втор свети Антониј Велики, и настојател на таканаречениот Арсинојски манастир во Нитриската Пустина, пишува историчарот Созомен во својата Црковна Историја (кн. 6, гл. 28). Во неа, тој вели дека Серапион се вбројувал во најпознатите монашки отци во Египет во времето на Антониј Велики. А во „Историјата на египетските монаси“ (гл. 18), и во „Лавсаикот“ на Паладиј (гл. 67), за него пишува: „Во Арсеноитскиот крај го видовме презвитерот по име Серапион, настојател на многу манастири и игумен на големо братство, кое што броело до десет илјади души. Братството извршувало голема економија; за време на жетвата сите му ги носеле на ава Серапион плодовите што ги добивале наместо плата за жетвата; секој по сто и шеесет оки жито. И сето тоа, тој го употребувал за помагање на сиромашните, така што никој во околијата не оскудевал. Дури испраќал жито и за сиротите во Александрија. Преподобен Серапион се упокоил во втората половина на четвртиот век. Свети Серапион говорел: „Не мисли дека болеста е тешка; тежок е гревот. Болеста нѐ проследува само до гробот, а гревот го следи грешникот и по гробот“.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СЕРАПИОН СИНДОНИТ
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ФИЛИМОН И ДОМНИН
Учениците Христови Филимон и Домнин беа родум од Рим. За време на гонењето на христијаните во Италија, тие патуваа таму, го проповедаа Христа, многумина обратија во верата Христова, и ги крстија. Поради тоа беа фатени од идолопоклониците и изведени пред началникот на Италија. И покрај сите ласкања и ветувања од негова страна, тие не попуштија во верата, туку напротив, уште повеќе Го призиваа Христа и Го исповедаа како Бог. Затоа голи беа положени на земјата и немилосрдно тепани. Потоа беа затворени во темница, и најпосле изведени и погубени со меч.