4. Април (22. Март)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ВАСИЛИЈ,
презвитерот Анкирски
Презвитерот при црквата на градот Анкира, свети Василиј, ревносно ги поучуваше луѓето во христијанската вистина и постојано проповедаше: „Претстои тешко време и разни кнезови на адските војски ќе ги ловат и погубуваат душите. Јас на сите им го покажувам патот на спасението и ги изобличувам безбожниците. Затоа, сите кои го љубиме Бога, да бегаме од гадните ѓаволски заведувачи и да ја зачуваме чистотата на нашите души“.
Светителот секојдневно го правеше тоа, обиколувајќи го целиот град, и советувајќи ги сите да ја чуваат својата вера, за да се избават од вечните маки. Свети Василиј беше презвитер за време на цариградскиот патријарх Евдоксиј, кој беше аријанец, и на аријанскиот собор во Цариград му го одзеде правото да свештенодејствува, поради неговата побожност.
Но, потоа, соборот од двесте и триесет епископи во Палестина му нареди слободно да чинодејствува. И тој, држејќи се до правата вера, и живеејќи богоугоден живот, го објавуваше беспрекорното слово на верата, и многумина одвраќаше од заблудите. Поради тоа, во тие времиња, кога секоја благочестива душа беше гонета, тој беше наклеветен кај царот Констанциј, дека го бунтува народот. Измачуван за вистината, многумина научи да веруваат православно, зашто постојано беше цврст во верата и преданието и никако не се оддалечи од побожното вероисповедување.
Кога на престолот стапи Јулијан Отстапникот, на негова заповед, луѓето во Галатиската област цела година и три месеци беа присилувани да им се поклонуваат на идолите. Тогаш свети Василиј му се молеше на Бога, говорејќи:
- Спасителу на светот, Христе Боже, Светлино незгаслива, Ризницо на вечните блага, Ти со волјата на Отецот ја прогонуваш темнината, и со Духот Негов уредуваш сѐ. Погледни со своето свето и страшно око, и развеј ги одвратните заблуди на противниците на Твојата света волја, уништи го нивниот план да не биде пречка за душата која во Тебе, Богот свој отсекогаш пребива!
Кога слушнаа како свети Василиј јавно се моли, идолопоклониците многу се разгневија, а еден од нив по име Макариј му пријде, и го праша:
- Зошто одиш по целиот град, го збунуваш народот, и го газиш законот што го издаде царот?
Светителот му одговори:
Заробенику на ѓаволот, не го газам јас вашиот закон, туку Оној Кој живее на небесата го уништува со својата невидлива сила, и вие ќе наследите вечна смрт.
Многу разјарени, идолопоклониците го одведоа кај војводата, говорејќи:
- Овој човек го смутува градот, а сега станал толку дрзок, та проповедајќи бунтовни работи, тој нема да престане да руши жртвеници и да го напаѓа царот.
Војводата го праша:
- Кој си ти, што имаш таква смелост?
Свети Василиј му одговори:
- Јас сум христијанин.
Сатурнин му рече:
Кога си христијанин, зошто не го правиш тоа што му доликува на христијанинот, туку го смутуваш градот, и насекаде го грдиш царот и неговите закони?
Светиот му одговори:
- Не го грдам вашиот цар, туку го познавам Вишниот Цар - Бога, Кој живее на небесата, на Кого достојните поклоници, нашите татковци, му се поклонуваат со чисто срце. Он е моќен за кратко време да го уништи вашето беззаконие што вие неразумно го озаконивте.
Сатурнин го праша:
- Зарем не сметаш дека е праведен законот што го издаде нашиот цар?
Светителот одговори:
- Како може да биде праведен закон според кој на демонскиот олтар се става човечко тело, и се пролева крв околу него, колејќи деца како жртва на демоните?
На тоа Сатурнин рече:
- Престани да лажеш брборко, и покори му се на царот!
Свети Василиј одговори:
- Досега му се покорував на небесниот Цар, и никогаш нема да отстапам од светата вера во Него!
Сатурнин праша:
- За каков Небесен Цар ми зборуваш, кому му се покоруваш?
Светителот одговори:
- За Оној, Кој седи на небесата и гледа сѐ. А царот што ти го фалиш е земен и веднаш како човек ќе падне, и во рацете на великиот Цар ќе упадне.
Сатурнин се разлути, и нареди да го стругаат светителот со железни гребени. Висејќи, тој среде маките Му се молеше на Бога, говорејќи:
- Ти благодарам Боже, што ме удостои да поднесувам маки за Тебе, и да го најдам патот на животот.
Додека го стругаа светителот, војводата му рече:
- Василиј, бидејќи искуси силни болки, сега поклони му се на царот.
Светиот му одговори:
- О, безумен и туѓ на надежта христијанска! Веќе ти реков дека јас му се покорувам само на вистинскиот Цар, мојот Бог, и нема да отстапам од Него.
Потоа го одведоа во темница. Таму тој сретна еден човек по име Феликс, кој го праша:
- Василиј, зарем не ти е подобро да им се поклониш на боговите и да станеш пријател на царот? Ќе страдаш уште ако не го сториш тоа.
Светителот му одговори:
- Бегај од мене несреќнику, ти не ги познаваш вистинските ветувања на вечниот небесен Цар Христос, ниту пак си достоен да ги дознаеш.
Војводата му напиша писмо на царот Јулијан, во кое го известува за презвитерот Василиј. Царот веднаш испрати во Анкира двајца некогашни христијани отстапници по име Елпидиј и Пигасиј. На пат за Анкира, тие најдоа еден идолски жрец по име Асклипиј во Никомидија, и го поведоа со себе. И овие тројца допатуваа во Анкира. Утредента Пигасиј отиде во темницата кај светителот и поздравувајќи го, му рече:
- Радувај се Василиј.
Светиот му одговори:
- Нема радост за тебе престапнику, нема спасение за оној што некогаш пиел од Христовиот извор, а сега е полн со смрдлива кал, зашто се храни со идолски жртви. Некогаш си бил прическик на Божествените Тајни, а сега си првак на демонската трпеза.
Како ја уништи својата надеж и се лиши од душевните богатства несреќнику ?
Откако го рече тоа, свети Василиј Му се помоли на Бога, говорејќи:
- Слава Тебе Боже! Тебе Те знаат слугите Твои! Ти ги водиш кон светлината тие што сакаат да Те видат Тебе, Богот свој! Ги прославуваш оние што се надеваат на Тебе, и ги посрамуваш противниците Твои! Благоволи, вишни Боже, да не ме уловат оние што не ја сакаат правдата, и да не се пофалат дека ме совладале.
Пигасиј остана збунет од зборовите на свети Василиј, па отиде и му раскажа на војводата. Тој веднаш нареди да го доведат кај него. Додека го слушаше како бестрашно му се обраќа на војводата, Елпидиј рече:
- Овој беззаконик полудел. Ако сега мачењето успее да го вразуми ќе ја најде својата душа, ако не, ќе треба да се испрати кај самиот цар на мачење.
Разјарен, војводата нареди да го обесат светителот, и безмилосно да го стругаат неговото тело, па го оковаа во тешки окови и повторно го фрлија во темницата.
По неколку дена, патувајќи по источните области, царот Јулијан дојде и во Анкира. Го сретнаа ѓаволските слуги, носејќи го идолот Хеката. Кога влезе во палатата, ги повика идолските жреци и ги дарува со злато. Утредента за време на свеченоста Елпидиј го потсети царот за Василиј, и тој веднаш нареди да го доведат. Кога дојде, на прашањето од царот како се вика, му рече дека се вика христијанин, а дека луѓето го нарекуваат Василиј, и дека ќе добие бесмртна награда во денот на Судот Христов, ако го сочува беспрекорно името Негово.
На тоа Јулијан му рече:
- Не биди заблуден, зашто и мене ми се познати вашите тајни. Ти веруваш во оној што умре со срамна смрт, за време на Понтиј Пилат.
Светиот му одговори:
Јас не сум во заблуда, царе, туку ти, зашто си отстапник и си се лишил себе од царството небесно. Јас верувам во мојот Христос, од Кого ти си се одрекол, и Кој ти го дал ова земно царство. Но, наскоро тоа ќе ти биде одземено, за да видиш каков Бог си разгневил.
Јулијан рече:
- Лудуваш безумнику, нема да биде како што сакаш ти.
Светителот му одговори:
- Зарем не се сеќаваш на наградата Христова приготвена за неговите слуги? Зар не се срамиш од олтарот во кој си се спасил од смрт како осумгодишно дете, кога те барале да те убијат, а тебе те сокри светото место? Ти не го сочува законот, кој често со својата уста го проповедаше, додека беше клирик. Затоа ни Христос, Великиот Цар, нема да те спомне во Своето вечно царство и телото твое нема да биде погребано кога ќе ја исфрлиш својата душа во тешки маки.
Тогаш Јулијан рече:
- Безбожнику, јас сакав да те пуштам, но, бидејќи постојано повторуваш безумни зборови и го отфрлаш мојот совет, па дури и ме срамотиш со многу навреди, сега моето величество наредува секој ден да се дерат седум каиши кожа од телото твое.
И му нареди царот на командантот штитоносец Фрументин, секој ден да го измачува свети Василиј дерејќи му ја кожата на делови. Фрументин ревносно го правеше тоа, а светителот јуначки ги трпеше страшните маки заради Христа. За неколку дена речиси целата кожа му беше одрана, и каиши кожа му висеа од рамената. Тогаш, страдалникот му рече на командантот:
- Сега сакам да појдам кај царот, и да разговарам со него.
Командантот се израдува на овие зборови и веднаш отиде да го извести царот, мислејќи дека Василиј сака да му се покори. Кога го изведоа пред царот, светителот праша:
- Каде се жреците и пророците твои? Те известија ли зошто дојдов кај тебе?
Јулијан одговори:
- Сметам дека како паметен и мудар човек сакаш да им принесеш жртви на идолите.
Светителот му рече:
- Царе, знај дека тие што ти ги нарекуваш богови се ништо. Идолите се глуви и слепи, и ги влечат кон адот оние што веруваат во нив.
Откако го рече тоа, тој повлече еден каиш од својата кожа то висеше, и му го фрли во лицето на царот, велејќи му:
- Земи, Јулијане, и јади ако таквата храна ти е вкусна. За мене живот е Христос, и да се умре за него е добивка. Он е мој помошник, во Него верувам, и заради Него го трпам тоа.
Ваквата смела постапка на свети Василиј веднаш се разгласи насекаде, и христијаните го величаа светителот, што така бестрашно го посрами мачителот.
Командантот Фрументин, кој го доведе свети Василиј пред царот, многу се засрами и исплаши, па веднаш го дофати Василиј и го тргна од пред лицето на царот. Потоа, целиот бесен, нареди да го мачат многу пострашно од порано. Тогаш не само целата кожа, туку и месото му отпадна од коските и му се гледаше внатрешноста. А светиот маченик Василиј се молеше на Бога, говорејќи:
- Благословен си Господи Боже наш, надеж на христијаните! Благ и жалостив, милостив и долготрпелив, погледни од високиот престол на славата Твоја, дај ми верно да го довршам својот подвиг и удостој ме на бесмртното и вечно царство Твое!
Кога падна мрак, командантот нареди да го фрлат светителот во темница. Јулијан, од срам, рано утредента тајно замина од Анкира и отпатува во Антиохија. Гледајќи колку му е лут царот, командантот уште повеќе се разбесни на Василиј, го изведе од темницата, и го праша:
- Ти, најбезумен човеку, ќе им принесеш ли жртви на боговите како што нареди царот, или сакаш во маки да загинеш?
Свети Василиј му одговори:
- Безумен безбожнику, зарем заборави колку каиши кожа одра од моето тело вчера? Сите што го гледаа тоа беа трогнати од маките на кои што ме подложи ти, бездушнику, и плачеа. И сега, со благодатта на мојот Христос, еве ме, повторно стојам пред тебе здрав. Свиреп бездушнику исполнет со ѓаволот, извести го царот за силата на Христа Бога, Кого тој го остави и душата своја ја погуби. Тој не сака да се сети како Христос Бог го избави од убиство, кога светите ереи го сокрија во божествениот олтар на Светата Црква, чии добродетели тој ги заборави, и, побегнувајќи од неа се отфрли самиот себе. Јас се надевам дека мојот Христос наскоро ќе му даде според неговата заслуга и ќе загине бедниот отстапник во насилството свое.
На тоа командантот рече:
- Лудуваш безумнику, непобедливиот Јулијан се сожали на тебе да празнуваш со нас, но ти не сакаше да се вразумиш. Затоа ќе те ставам на такви маки што набрзо ќе го напуштиш овој живот.
Откако го рече тоа, командантот нареди да се вжештаат железни бодила, и со нив да ги прободат стомакот и градниот кош на маченикот. Така мачен, свети Василиј падна на земјата, громогласно молејќи се на Бога:
- Христе, светлино моја! Надеж моја, тивко пристаниште мое! Ти благодарам, Господи, што во мене го сочува неосквернето името Твое, ликувајќи да го довршам моето страдање, и да го наследам вечниот покој, заради ветувањето дадено на отците мои од Тебе, Великиот Архиереј, нашиот Господ Исус Христос! Прими ја мојата душа во мир, зашто си многу милосрден Ти, кој вечно живееш и постоиш. Амин!
Кога заврши со молитвата, и веќе целиот испрободен со вжештените бодила, тој заспа како во сладок сон, предавајќи го духот свој во рацете Божји. Свети Василиј го заврши животот во такво маченичко исповедување, на 28 јануари во 363 година. Набрзо потоа беше убиен Јулијан Отстапникот, и христијаните му оддадоа јавна почит на многустрадалното тело на светиот маченик Василиј. Тој ден беше одреден за празнување на неговиот спомен. Неговото храбро страдање нека ги укрепи сите христијани во верата на нашиот Господ Христос, чија слава е вечна и царството бесконечно, амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ДРОСИДА,
ќерката на царот Трајан и петте монахињи со неа
Кога царуваше Трајан, тој не само што секој ден убиваше христијани кои го исповедаа Христа, туку проклетникот ги фрлаше нивните чесни мошти во нечисти места. Во тоа време имаше пет монахињи кои се подвизуваа во една испосница и ги држеа заповедите Божји. Покрај останатите добродетели, неизоставна работа им беше и да ги собираат чесните тела на светите маченици, да ги премачкуваат со мириси, да ги завиткуваат во плаштаници, и да ги погребуваат во својата испосница.
Кога дозна за тоа ќерката на Трајан, Дросида, тајно отиде кај овие монахињи ноќе, носејќи со себе скапоцени покривки, и ги замоли заедно да појдат за да ги соберат моштите на некој маченик.
Вереникот на Дросида, Адријан, кој беше царски советник, им нареди на војниците да ги чуваат телата на убиените христијани, и да дознаат кој ги краде нивните тела. Стражарејќи, војниците ги фатија петте монахињи заедно со царската ќерка Дросида, и ги изведоа пред царот. Кога ја здогледа својата ќерка, царот се запрепасти и нареди добро да ја чуваат, со надеж дека ќе се покае. Потоа нареди да се вжешти една печка и да ги фрлат во неа петте монахињи. Во исто време, во печката фрлија и доста бакар да се растопи, и да се измеша со нивните тела, за да се добие смеса од која ќе се прават бакарни троножци за народната бања што ја градеше тој, и што требало свечено да се отвори на аполоновиот празник.
Сето тоа беше сторено, троножците направени, бањата загреана, и војниците објавија, говорејќи:
- Пријатели на милостивите богови, дојдете на отворањето на народната бања!
И веднаш се собраа сите. Првиот што пристапи до вратите на бањата се струполи на земјата и издивна. Така настрадаа сите останати што се приближија, и никој не можеше да влезе.
Кога дозна за тоа, царот ги собра служителите на своите богови, и ги праша:
- Кажете ми, да не направиле христијаните некои магии, та никој не може да влезе во бањата?
А тие одговорија:
- Не, царе, но оние бакарни троножци во кои што има од моштите на оние монахињи, тие прават чудо. Нареди да се направат други троножци, и поморот ќе престане.
Откако беше сторено тоа, вереникот на Дросида, Адријан, му рече на царот:
- Царе, нареди од тие троножци да се направат голи статуи со изглед на оние монахињи, за на тој начин да ги посрамиме. И тие статуи да се постават во народната бања.
Царот нареди, и тоа веднаш беше сторено. И кога ги поставија ваквите статуи во облик на монахињите во бањата, царот виде во сон пет чисти овчички кои пасат на една полјанка; а виде и еден страшен пастир кој ги пасеше. Тој пастир му рече на царот:
- Најбезбожен цару, оние монахињи, чии голи статуи си ги поставил во бањата за да ги посрамиш, добриот пастир Христос кога ги зеде од тебе, ги насели во ова прекрасно место од рајот, во кое ќе дојде и твојата ќерка Дросида, чистата овчичка Божја.
Кога се рабуди, царот се налути што овие свети жени и по смртта ги нарушуваат неговите планови. Тогаш за инает, и за да им се освети, тој нареди да се изработат две огромни печки, една на едниот, а друга на другиот крај на градот, да се вжештат и да горат и дење и ноќе. Нареди и на двете да се испише неговата царска заповед:
- Дуѓе Галилејци, коишто го обожавате Распнатиот, ќе се спасите од маките и страдањата, ако секој од вас доборволно сам се фрли во една од овие печки.
Кога ја слушна оваа заповед, неговата ќерка Дросида ги крена очите кон небото и рече:
- Господару, Господи Исусе Христе, Сине Божји, ако е твојата света волја да се спасам и да се избавам од безумната вера на мојот татко Трајан, помогни ми да отидам на небото кај петте монахињи, кои ме упатија во стравот Твој. Заспиј ги во длабок сон моите чувари, за да можам да побегнам.
Откако така се помоли, ја соблече од себе царската облека, тивко излезе од палатата, па отиде, застана до вжештената печка, и рече:
- Како ќе отидам кај Господа кога не сум крстена? Но, Цару над царевите, Господи Исусе Христе, еве, јас го оставив царството заради љубовта Твоја, за да станам вратарка на царството Твое. Затоа Ти, кој заради нас си се крстил, крсти ме и мене со Духот Твој Свет!
Кога го рече тоа, извади миро што го носеше со себе, се помаза, па во еден базен со куќичка се крсти себе си, говорејќи:
- Се крштева слугинката Божја Дросида, во името на Отецот, Синот и Светиот Дух.
Се чуваше себе седум дена, и јадеше храна што ѝ ја даваше ангел Господов. А некои христијани ја пронајдоа и дознаа од неа сѐ што таа им раскажа за себе. Во осмиот ден, молејќи се на Бога да ја упати што треба да прави, таа отиде кај Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБЕН НОВОМАЧЕНИК ЕВТИМИЈ
Христовиот новомаченик Евтимиј е роден во градот Димицани на Пелопонез, од побожните родители Панагиот и Марија. Тие имаа четири деца, три сина и една ќерка, сите родени пред него. Кога требаше да се роди тој, неговата мајка никако не можеше да се породи, па во молитвите го призва свети Елефтериј (чие име значи ослободител), му вети дека на детето ќе му го даде името Елефтериј, и веднаш се породи.
Кога детото порасна и одеше во основно училиште, неговите двајца постари браќа заедно со татко му отидоа во градот Јаш во Молдавија (денешна Романија), поради трговија. По основното училиште Елефтериј со својот трет брат Јован отиде во Патријаршиската школа во Цариград, а потоа и двајцата отидоа во градот Јаш кај својот татко и браќата. По две години, на Елефтериј му дојде мисла да оди на Света Гора и да се замонаши. Тој тргна на пат и се задржа во Букурешт, најпрвин кај францускиот, а потоа кај рускиот конзул. Опкружен од светски луѓе и светска слава тука, тој заборави на Света Гора и демонот на развратот го наведе на тешки телесни гревови и падови, а потоа и на одрекување од верата. Тука тој се здружи и со турските дипломатски претставници во Букурешт, меѓу кои имаше и еден потурчен отпадник од христијанската вера, и тргна на пат за Цариград. На тој пат, Елефтериј пред Турците се одрече од Христос, и го доби турското име Ресит.
Но, иако тој го напушти Христос, благодатта Спасова сосем не го напушти него. Трпејќи болки по обрезанието, тој се сети на својата татковска вера и започна да размислува за преслаткиот Исус, па солзи како потоци започнаа да се слеваат по неговото лице, како некогаш солзите на апостол Петар.
На пат за Цариград, тие свратија во Адријанопол каде Елефтериј се обиде тајно да добие облека во една црква, но не успеа. Тоа многу го измачуваше, па и Турците ја забележаа тагата на неговото лице, и се обидуваа да го развеселат. Кога стигнаа во Цариград, Раис Ефендија, кој како да го беше посинил Елефтериј, го затвори во својата куќа и не му дозволуваше да излегува. Тажното момче ја излеваше својата тага во молитвите кон Пресвета Богородица. Застапничката на сите христијани, молејќи ја да му помогне. Најпосле одлучи јавно да исповеда дека е христијанин, решен и смрт да прими за Христа.
Едно утро, по сеноќното молење и плачење, Елефтериј успеа да побегне низ подотворената врата, и со трчање дојде во Патријаршијата. Но, бидејќи тука не успеа да добие христијанска облека, отрча во Руската амбасада и таму се сокри од Турците. Православните браќа веднаш со радост го примија, и по два дена со брод го испратија за Света Гора. Со него појде и еден богољубец по име Јован, родум од Пелопонез. На Света Гора го сретна светиот патријарх Григориј V- ти, кој во тоа време живееше во Великата Лавра. Откако се исповедаше кај него, тој го испрати кај духовникот Мелетиј. Тој му наложи епитимија по која беше помазан со свето миро и повторно стана христијанин и сонаследник Христов. Потоа Елефтериј отиде во скитот „Света Ана“, кај тогашниот познат отец Василиј, кој беше повратил и други отпадници од верата, и од нив беше направил нови маченици Христови. Кај него помина дваесет дена и измоли благослов да оди во Цариград, за да пострада за Христа. Василиј му рече да оди, но да не ги предизвикува Турците туку да чека тие сами да го препознаат. Елефтериј дојде во Цариград и срекаваше многу познати Турци, но, според недознајната промисла Божја, тие не го препознаа. Колебајќи се дали да го послуша својот старец, тој сепак се врати на Света Гора, по совет на еден монах на име Панкратиј Лавриот.
Елефтериј помина извесно време на Света Гора, одејќи од манастир во манастир, од скит во скит, и секаде го исповедаше својот поранешен пад и својата силна желба да пострада за Господ Христос. Најпосле дојде во манастирот Ивирон, каде еден монах по име Акакиј го охрабри да појде доброволно да пострада. Во Иверионскиот скит на Светиот Претеча, Елевтериј беше замонашен и го доби името Евтимиј. Тој се дружеше со монахот Акакиј, но според едно видение очекуваше за мачеништво да им се придружи и трет човек. Тоа ќе биде светиот новомаченик Игнатиј, исто така монах Иверонски.
Евтимиј ги зголемуваше своите подвизи, подготвувајќи се за страдање, сѐ додека не доби благослов од отецот дека може да појде. Тогаш, неговиот роднина по тело, монахот Онуфриј, го фати за рака и го одведе пред Чудотворната Икона на Мајката Божја Портаитиса, и рече:
- Владичице, во Твоите раце го предавам брат Ефтимиј; осили го во оваа борба со невидливите и видливите непријатели, и престави го пред Твојот Син и Бог, како угодна и совршена жртва. Потоа го испратија сите отци, и тој тргна на пат, на 19 февруари во 1814 година, заедно со монахот Григориј. На 2 март стигнаа во Калипол каде што Евтимиј здогледа некои Турци, познаници на Раис Ефендија, и посака уште тука да пострада, но Гиргориј не му дозволи. Во четвртокот од шестата недела на Великиот Пост, односно на 19 март, стигнаа во Цариград, и на Лазарева Сабота и на Цветници присуствуваше на света Литургија, и се причести со Светите Тајни Христови. Потоа блажениот се облече во турска облека, се прости со Григориј и останатите, и со крст и цветови во рацете, отиде право пред везирот Русут - паша. Кога застана пред него, храбро му одговори:
- Јас бев и останувам христијанин. Еве го Крстот, како христијански знак. Оваа облека ти ми ја даде, но, за да се увериш дека сум христијанин, еве, го газам овој ваш фес, и го проколнувам вашиот пророк антихрист. Го фрли фесот на земјата и го изгази со нозете. Запрепастен, везирот најпрвин помисли дека е пијан, а потоа нареди да го фрлат во темница. Потоа повторно беше изведен пред него, и тој му ветуваше дарови и почести, ако ја прими Мухамедовата вера. Кога маченикот непоколебливо го исповедаше Христос како единствен Бог, везирот му се закани со страшни маки, но, свети Евтимиј не се плашеше од ништо. Повторно беше фрлен во темницата, и повторно убедуван и мачен, но никакво убедување и мачење не успеваше да го преобрати. Напротив, неговото храбро исповедање на Христа и порекнување на Мухамед уште повеќе го разјаруваше везирот, и тој нареди да му ја отсечат главата. Кога џелатите сакаа да му ги врзат рацете за да го поведат кон губилиштето, светиот маченик им одговори дека дошол доброволно да пострада за Христа, и затоа не е потребно да го врзуваат.
По патот маченикот се радуваше носејќи го во рацете крстот, и молејќи се на Господа. Кога стигнаа, сам ја наведна главата под ножот и џелатите го обезглавија. Пострада на Цветници околу пладне, на 22 март, во 1814 година. По три дена, на Благовештение, неговиот придружник Григориј го откупи телото на светиот маченик Христов Ефтимиј, го пренесе на островот Проти (во Мраморното Море), го погреба во храмот Преображение и се врати во Света Гора, носејќи со себе дел од косата и од облеката на светиот маченик. Од таа облека, од молитвите и од телото на светиот новомаченик Евтимиј, се случија многу чудесни исцеленија, кои според кажувањето и пишувањето на очевидци ги опиша монахот Онуфриј Ивиритис, кој го запиша страдањето и на останатите двајца Иверски новомаченици Игнатиј и Акакиј. По нивните свети молитви нека Господ нѐ помилува и спаси и нас. Амин!
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ КАЛИНИКА И ВАСИЛИСА
Пострадале за Господа во Рим, посичени со меч околу 252 година.