5. Април  (23. Март)

 

ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК НИКОН

Во градот Неапол во Италија, имаше еден човек по име Никон кој беше римски офицер. Беше убав, весел и храбар, по вера незнабожец, роден од татко незнабожец, но мајка христијанка.

Мајката христијанка секојдневно го запознаваше со верата Христова, му раскажуваше за силата на крстот Христов, и му зборуваше:

- Сине, ако ти се случи да западнеш во некоја опасност, како што тоа често се случува во борбите, ти осени се со крсниот знак, и ќе се избавиш од рацете на непријателите и ништо лошо нема да ти се случи.

Еднаш Никон со својата чета стапи во борба со надмоќниот противник. Во таа борба, неговата чета беше опколена и се наоѓаше на работ на целосно изгинување. Гледајќи дека му загинаа многу војници, а и самиот е во смртна опасност, Никон се сети на мајчиниот совет, погледна во небото, се прекрсти, и од длабочините на срцето повика:

- Христе, Боже семоќен, покажи ми ја силата на Твојот крст, за отсега и јас да бидам слуга Твој и да Те обожавам заедно со мојата мајка!

Штом го рече тоа, тој се исполни со необична сила, јурна кон непријателот, и го победи. Никој не можеше да му се спротивстави бидејќи во него дејствуваше силата на крстот Христов.

Никон го прослави Бога, говорејќи: „Голем е Богот христиjански! Со својот крсен знак ги победува непријателите“.

Неговите војници му се восхитуваа и велеа:

- Никогаш ниту сме виделе, ниту пак сме слушнале некој да се бори толку храбро, како што го видовме Никона сега.

Восфалувајќи Го Бога, Никон се врати дома и ѝ раскажа на својата мајка што направи Господ Христос со него во борбата со силата на светиот Крст. Многу радосна од неговото кажување неговата мајка рече:

- Му благодарам на пресветото име Твое, Господи, Кој сакаш да се спасат сите луѓе и да ја спознаат вистината! Сега, Господи, услиши ја молитвата на слугинката Твоја, и удостој го мојот син на бањата на препородот, што ни е дарувана за отпуштање на гревовите, и научи го да ја твори волјата Твоја, та угодувајќи Ти, да ги добие од Тебе ветените богатства.

Никон ја запраша својата мајка:

- Како човек може да стане вистински христијанин?

А мајката му одговори:

- Треба да постиш четириесет дена, и христијанскиот свештеник да те поучува во христијанската вера. Потоа треба да се одречеш од сатаната и сите дела негови, и со вера во Христа Бога да примиш свето крштение. Така ќе станеш вистински христијанин и слуга Христов.

Тогаш Никон рече:

- Жив ми Господ, подобро е да бидам слуга Негов, отколку елински идолопоклоник и офицер. Повеќе нема да се поклонувам на камења, туку на единствениот Бог, Кој ги створил и небото, и земјата, и морето, и сѐ што е во нив.

Потоа ѝ се поклони до земја на својата мајка, и ѝ рече:

- Мајко моја, моли се за мене Бог да ми даде добар ангел водач и чувар, за да најдам слуга Божји, кој ќе ме удостои на свето крштение и ќе ме научи да ја творам волјата Христова. Моли се за мене, мајко моја!

Откако го рече тоа, брзаше да излезе од дома. Мајката го фати за раката, и го молеше да се врати кај неа кога ќе го прими светото крштение, за да ја погреба бидејќи е веќе стара. Потоа се помоли за него, му даде доволно злато и мајчин благослов, и го испрати да бара христијански свештеник. Во тие тешки времиња, кога христијаните беа многу прогонувани, свештениците и учителите се криеја по пустините и горите и воопшто не беше лесно да се најде некој од нив, и да се добие свето крштение.

Никон отиде на морското пристаниште, се качи на еден кораб и отплови во Цариград. По неговото заминување војниците долго го бараа низ Неапол поради неговото јунаштво, градските старешини ја прашуваа и неговата мајка за него, но таа одговараше:

- Не знам, замина некаде.

Воден со благодатта Христова, слугата Божји Никон допатува до островот Хиос. Таму се качи на една висока планина, помина осум дена во молитва за Бог да му покаже каде може да најде слуга Божји кој ќе го крсти, и ќе го поучи во светите тајни на верата. Потоа во видение му се јави ангел во вид на епископ, му даде жезол кој на врвот имаше крст, и му нареди да оди на морскиот брег. Никон отиде и најде кораб што го чека. Истиот ангел им се беше јавил на морнарите, со наредба да го причекаат Никона кој ќе дојде кај нив од гората, носејќи жезол со крст на врвот. Никон се качи на коработ и стигна до една гора викана Ганос. Во таа гора се наоѓаше епископот Кизички, Теодосиј, кој со мноштво монаси се криеше тука од незнабошците за време на гонењето. Овде епископот им беше на монасите како ава и игумен. Нему му беше откриено од Бога за Никона, и тој со монасите излезе на пристаништето. Го пречека, го одведе во својата пештера, го огласи, го крсти во името на Света Троица, и го причести со пречистите Тајни Христови.

Откако прими свето крштение, блажениот Никон живееше во тој пештерски манастир поучувајќи се од божествените книги, и угледувајќи се на монашкиот живот. Потоа, поради својата кроткост беше замонашен. Додека го гледаа неговото смирение кроткост, пост, воздржание, сеноќно стоење и псалмопоенија без сон, некои од браќата зборуваа дека личи на ангел Божји. Целиот негов живот беше без пороци, така што му се восхитуваа сите браќа, а со нив и епископот Теодосиј.

Откако помина три години во таа гора, епископот имаше божествено откровение: Во сон ангел Господов му рече:

- Пред да заминеш од овој живот, на твое место за епископ постави го Никона, кого што го крсти и замонаши, повери му го своето стадо и нареди му со останатите да се пресели во Сицилија, за да не загинат овде од варварите, кои ќе нападнат наскоро.

По тоа видение светиот епископ Теодосиј го ракоположи блажениот Никон за ѓакон, потоа за презвитер, и го хиротониса за епископ. Доверувајќи му сто и дваесет монаси, свети Теодосиј се упокои во Господа, а свети Никон чесно го погреба.

Потоа светителот со монасите отиде на островот Лезвос каде два дена отседна во градот Митилена, и оттаму отплови до островот Наксос. Оттаму со Божја помош за дваесет и два дена стигна во Неапол во Италија. Доаѓајќи во својот роден крај, свети Никон ја затекна жива својата блажена мајка. Кога го здогледа, таа со солзи радосници го прегрнуваше, и поклонувајќи се до земја говореше:

- Му благодарам на пресветото име Твое, Господи, што ми го доведе синот во ангелски чин и во епископско достоинство. Сега, Господи мој, услиши ме мене слугинката Твоја, и прими ја душата моја во рацете Твои!

Кога заврши со молитвата, блажената жена веднаш во мир го предаде духот свој на Господа. Сите што го видоа тоа Го прославија Бога, и ја погребаа чесно.

Кога се расчу по градот дека дошол Никон, го посетија некои војници од неговата чета и го прашаа:

- Те молиме кажи ни од каде ти дојде онаа сила и храброст во борбата, дали од магии или од друго дејство? Поучи нѐ и ние да бидеме такви.

Светиот им одговори:

- Верувајте ми, браќа, во борбата ме стори храбар помошта на чесниот крст Христов. Кога се наоружав со крстот, никој не можеше да ми се спротивстави, зашто силата Божја што дејствува преку крстот, ги победува сите непријатели.

Тогаш војниците паднаа пред неговите нозе и го молеа да ги направи ученици на царството небесно. И, тие војници, девет на број, ги оставија своите домови и семејства и тргнаа со свети Никон.

Преподобен Никон заедно со нив и останатите свои ученици отплови во Сицилија. Таму се истоварија крај една многу висока гора Тавроменија, од каде по долго патување стигнаа до реката Асинос. Покрај неа најдоа една стара пространа бања од камења во едно пусто место наречено Хигија, и се населија тука. Местото беше безмолвно и прекрасно, а земјата добра за обработување. Веднаш си направија градина, засадија овошки, и живееја тука. Преподобниот ги крсти оние девет другари, поранешни војници, и ги замонаши.

По многу изминати години, кнезот на Сицилија, Квинтијан, беше известен дека покрај реката Асинос живеат некои луѓе што го почитуваат небесниот Бог, а учител им е епископот Никон. Кнезот многу се разбесни кога слушна за тоа и веднаш испрати чета војници да ги фатат сите, и да ги доведат кај него. Кога стигнаа војниците и го побараа светиот Никон, тој им одговори:

- Добро ни дојдовте, деца мои! Господ Христос преку вас ме повикува мене и моето.

Браќата веднаш започнаа да се молат, Бог да ги поткрепи за подвиг. Но, беа присилени од војниците да тргнат веднаш, а свети Никон по патот ги храбреше говорејќи:

- Бидете храбри, браќа мои, бидете бестрашни пред мачителот! Ете, нам ни се отвораат небесните врати. Јуначки да стоиме за верата Христова пред бесниот мачител! Слободно да зборуваме пред него! Да го слушнеме гласот на Добриот Пастир, Кој говори; „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; но бојте се повеќе од Оној, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот“ (Мт. 10, 28).

Кога беа изведени пред кнезот на суд, тој бесно ги погледна и праша:

- Зарем така застранивте заведени од магионичарот Никон, та не ги почитувате бесмртните богови и не се покорувате на нивните закони?

А светите како со една уста одговорија:

- Ние сме христијани и никогаш нема да ја напуштиме верата наша. Целата надеж ја полагаме во Господа Бога, Кој ги створил небото, земјата и морето, и сѐ што е во нив. Боговите твои се неми и глуви, дело на рацете човечки и се слични на оние што се надеваат на нив.

Кога ја виде непоколебливата вера на светите, кнезот помисли: „Ако набрзо не ги убијам, тие многумина ќе заведат во својата заблуда“. И нареди да ги соблечат и немилосрдно да ги тепаат со воловски жили. Потоа издаде наредба, сите освен свети Никон да ги одведат во онаа бања каде што живееја, и таму да ги обезглават. Кога светите маченици ги наведнаа главите под мечот, рекоа:

- Господи, во рацете Твои ги предаваме душите наши, зашто заради Тебе нѐ убиваат.

И беа заклани преподобните ученици на светиот Никон, односно на самиот Христос, нив сто деведесет и девет на број. По наредба на мачителот нивните тела беа запалени.

Мачителот го фрли преподобниот Никон окован во темница и смислуваше најлута смрт за него. Но, таа ноќ, на светителот му се јави ангел Господов во темницата, и му рече:  

- Биди јунак во Бога, Никоне, војнику Христов, зашто нашиот Бог Христос ја прими жртвата на твоите сто деведесет и деветте ученици како прекрасен мирис, и тие влегоа во дворовите во кои живее Небесниот Женик. Кога ангелот го изговори тоа, свети Никон здогледа пред себе пресветла девица: таа блескаше посилно од сонцето, нејзиниот фустан беше од злато и сафири, а во рацете имаше лав, бел како снег. Таа девица стоеше во полето крај реката Псимит, на источната страна. А пак на запад стоеја двајца, чии што глави допираа до небото. Во рацете имаа огнени копја и разговараа со девицата, говорејќи:

„ Денес сме испратени од небесниот Цар во борба против Квинтијан. Еве, го чекаме, а тој не излегува.

Тогаш пресветлата девица им довикна, говорејќи;

- Вчера, Квинтијан уби сто деведесет и девет слуги Христови, и сега тој ист мачител размислува како да го погуби нивниот учител Никон. Но, набргу ќе дојде на местото каде што го чекате.

Откако го рече тоа, таа го пушти лавот од своите раце, говорејќи:

- Еве ви го и него; тој ќе ви помогне против мачителот.

Кога се разбуди, преподобниот епископ Никон многу се израдува, и славејќи Го Бога му го раскажа своето видение на момчето Херомен кое му служеше и кое подоцна го опиша неговото житие и страдање. Раскажувајќи, светителот прорече дека Квинтијан наскоро ќе умре со ужасна смрт.

Утредента кнезот Квинтијан нареди да го изведат свети Никон на суд пред него, и го праша:

- Кој си, и од каде си? И, со магиите на која вера ти опседна толку луѓе, та тие заминаа во смрт?

Свети Никон му одговори:

- Кој сум и од која вера ти кажав и јас и многуте светии, кои ти ги уби вчера заслепен од своето безбожие. Сега повторно ти  потврдувам дека сум цврст и постојан христијанин, надеж ми е Бог - Творецот на небото и земјата, Кој ќе те предаде на неподносливи маки поради бездушното насилништво и богохулното безбожие.

На овие зборови мачителот рикна како лав, и нареди гол да го врзат светителот за рацете и нозете на четири колци, и така растегнат, под него да запалат оган. Така мачен, светителот пееше и говореше:

- Ти си тврдина моја, Господи, и прибежиште мое! Ти ме избавуваш од лутите врагови мои!

Тогаш слугите му рекоа на мачителот дека огнот не се допира до него.

Кога го симнаа од мачилиштето, кнезот нареди да го врзат за опашите на бесни коњи, за да го растргнат. Но штом го врзаа, светителот ги прекрсти коњите и тие стоеја како вкопани не подместувајќи се, иако слугите силно ги тепаа.

Разлутен на коњите, мачителот нареди да им ги пресечат тетивите на нозете. А коњите, по наредба Божја, како некогаш Валаамовата магарица, проговорија со човечки глас:

- Богот наш створи сѐ што сакаше на небото и на земјата; сега нѐ убиваат заради светиот Никон.

Тогаш кнезот нареди да го оковаат маченикот во железни окови, и од висока карпа да го фрлат во длабока провалија. Но, и тогаш тој остана неповреден, зашто ангел Божји го извади од провалијата и тој застана пред мачителот жив и здрав. Кога го виде, кнезот се запрепасти и му рече:

- О, колку многу се грижат нашите богови за тебе, Никоне! Ете, ја виде нивната добрина. Затоа сега принеси им жртви и биди им пријател.

Светителот одговори:

- Анатема на тебе, и на боговите твои, и на оние што се надеваат на нив!

Кинезот нареди да го удираат светителот со камења по лицето, и со клешти да му го искорнат јазикот. Потоа да го одведат на местото каде што порано живеел со своите ученици, и таму да му ја отсечат главата. Така светиот свештеномаченик Никон беше обезглавен крај реката Асинос, во времето на царот Декиј. Телото на светителот беше оставено во полето, да го изедат птиците и ѕверовите.

А пак кнезот Квинтијан во денот кога го осуди свети Никон на обезглавување, појде во градот Панорма да го приграби за себе имотот на светата маченичка Агатија (види под 5 февруари), која кратко време пред тоа маченички беше усмртена. Кога ја минуваше реката Псимит, неговите коњи ненадејно побеснеа.

Едни му го изгризаа лицето и потполно го унаказија, а други го изгазија со нозете и го фрлија во реката. Така се удави бедникот, завршувајќи го својот зол живот, според пророштвото на светиот Никон.

Чесното тело на светиот маченик лежеше непогребано на местото на обезглавувањето. Но, едно овчарче со бесен дух се сопна и падна врз мртвото тело на Христовиот маченик, и во истиот миг се исцели, зашто силата на светителот го избрка духот, кој излезе од овчарчето, викајќи:

- Тешко мене! Тешко мене! Каде ќе побегнам од лицето на Никон.

Исцеленото овчарче им го раскажа ова чудо на луѓето. Кога дозна за тоа епископот на градот Месина, воден од овчарчето, со својот клир отиде кај многустрадалното тело на светиот преподобномаченик Никон и го зеде. Ги најде и телата на светите ученици негови, ни најмалку неповредени од огнот, и сите ги погреба чесно, славејќи Го нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славен за навек. Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИКОН ПЕЧЕРСКИ

Преподобен Никон се подвизуваше кај искусниот и трудољубив првоначалник на руското монаштво, свети Антониј. Ревносно минувајќи ги степените на монашките доблести, тој во сѐ го подражаваше својот наставник и учител, и стана достоен свети Антониј да го постави за водач и раководител на монасите во духовното лозје на испосничкото подвизување. Лицата коишто доаѓаа кај преподобниот Антониј со желба да примат рамноанглски образ, тој ги поучуваше во доблестите, а на преподобниот Никон му налагаше да ги замонашува, бидејќи тој беше ереј и искусен црноризец. Овие двајца подвижници делуваа во духовното лозје како Мојсеј и Арон, творејќи плодови на покајание достојни за пренос во небесната земја. Преподобен Антониј донесе закон од Света Гора Атонска, како Мојсеј од Синајската Гора, а преподобен Никон, по наредба на Антониј, како Арон беше почестен со чинот на свештенството. Сѐ што работеше беше со послушание. И неволји поднесуваше и Му благодареше на Бога за сѐ. Тој се удостои на голема духовна радост кога го замонаши нашиот преподобен отец Теодосиј, кој наскоро се истакна како голем наставник на монашкиот живот во Русија. Се израдува со духот и кога го замонаши знаменитиот болјарин, блажениот Варлаам, и управникот на кнезовиот имот и негов љубимец, блажениот Ефрем, евнухот. Поради овие замонашувања, тој доживеа многу маки, од кнезот Изјаслав. Кога дозна за постригот на Ефрем, тој многу се разгневи кон преподобните, и нареди веднаш да му го доведат оној што го замонашил.

Погледнувајќи го гневно светителот, кнезот праша:

- Ти ли го замонаши болјаринот и евнух, без моја наредба?

Преподобниот Никон храбро му одговори:

- Со благодатта Божја јас ги замонашив по наредба на небесниот Цар Исус Христос, Кој ги повикал на таков подвиг.

Кнезот уште повеќе се разјари и рече:

- Или посоветувај ги да се вратат во својот дом, или тебе и сите околу тебе, ќе ве испратам на заточение и ќе наредам вашата пештера да се уништи. Блажениот Никон одоговори:

- Господару, прави со мене што сакаш! Мене не ми доликува да одвраќам војници од небесниот Цар.

Свети Антониј сакаше да заминат на друго место поради гневот на кнезот, но еден од неговите службеници ѝ го соопшти тоа на кнегињата. Таа го потсети кнезот на гневот Божји што ја достигна нејзината татковина Полска, затоа што нејзиниот татко Болеслав Храбриот ги протера црноризците кои што го беа замонашиле Мојсеј Угрин. Кнезот се исплаши од гневот Божји, и го отпушти блажениот Никон да се врати во пештерата.

Свети Никон водеше многу суров живот во пештерата, победувајќи ги злите духови со пост и молитва, и беше еднаков со преподобните отци Антониј и Теодосиј, та тројцата како три светилника сјаеја во мракот и ја растеруваа демонската темнина.

Кога се умножи братството во пештерата, блажениот Никон сакаше да се повлече во самотија и да безмолствува молитвено тихувајќи. Откако се посоветува со преподобниот Антониј, тој поразговара со Бугаринот светогорец, црноризец од манастирот на Св. Мина, и отпатува со него. Кога стигнаа кај морето, тие се разделија. Бугаринот се упати кон Цариград, најде еден остров среде морето и се насели во него. Помина таму многу години поднесувајќи и горештини, и мраз, и глад, и најразлични неволји, и се упокои во мир. Тој остров и до денес се нарекува Бугаринов остров. А пак, великиот Никон отиде на Тмутараканскиот Остров, се насели во едно ненаселено место молитвено тихувајќи, и ревносно служејќи Му на Бога. Неговата слава се рашири на сите страни, и многумина започнаа да доаѓаат кај него со восхит. Потоа, раководени од Бога, некои од нив сакаа ха ја наследат монашката простодушност и го молеа преподобниот да ги замонаши. Тој ги поучуваше и замонашуваше, и таму изгради црква на Пресвета Богородица. Така, со благодатта Божја, а по молитвите на преподобниот Никон, тоа место процвета и во него никна славен манастир, наполно сличен на Печерскиот.

По смртта на кнезот на Тмутараканскиот Остров, Ростислав Владимирович, преподобниот беше измолен од тамошните жители да појде кај черниговскиот кнез Свјатослав Јарославич, и да го замоли на тмутарканскиот престол да им го испрати својот син Глеб. Штом дојде во градот Чернигов, и ја заврши поверената работа, преподобниот се упати кон Киев, и дојде во Печерскиот манастир кај блажениот игумен Теодосиј. Кога се видоа, тие паднаа на земјата и се поклонија еден на друг. Потоа станаа, се прегрнаа и долго плачеа, бидејќи одамна не се беа виделе. По тоа преподобен Тедосиј го молеше блажениот Никон да не го напушта додека двајцата се во телото. Блаженот Никон му вети, говорејќи:

- Ќе појдам само да го средам својот манастир, па веднаш, ако Бог сака, ќе се вратам назад.

Тој така и постапи. Штом дојде на Тмутараканскиот Остров заедно со кнезот Глеб Свјатославич, и овој седна на престолот, преподобниот постапи според своето ветување: го среди својот манастир, се врати кај преподобниот Теодосиј, и целосно му се предаде. А преподобен Теодосиј многу го сакаше и го сметаше за свој отец. Додека самиот ги поучуваше браќата, тој често таа задача му ја даваше и на блажениот Никон, оти беше многу начитан. Многу пати кога блажениот Никон ги повезувал и укоричувал книгите, зашто бил спретен во таа работа, преподобен Теодосиј ќе седнел покрај него и му ги приготвувал потребните конци.

Таква беше смиреноста и нивната меѓусебна љубов. Но, кога потоа овој блажен безмолвник ја виде кавгата меѓу руските кнезови во кои Свјатослав го протера од Киев својот брат Изјаслав и го зазеде престолот, многу се натажи. Не можејќи да го поднесе метежот предизвикан од тие настани, тој, за да го сочува духовниот спокој, намисли повторно да се врати на својот остров. Преподобен Теодосиј го молеше да остане, но блажениот Никон, измолувајќи простување, отпатува со двајца црноризци, и таму помина неколку години во својот вообичаен подвиг.

По претставувањето на преподобниот Теодосиј, додека игумен беше блажениот Стефан, поттикнат од братољубието, преподобен Никон повторно дојде да го посети преподобниот Теодосиј. Бидејќи не го затекна жив, одлучи останатото време од својот живот да го помине во неговиот манастир. Често одеше на неговиот гроб и лееше солзи жалосници од тага што се разделил од својот сакан брат, но и солзи радосници од благодарност кон Бога затоа што во Русија како светилник засветли со својот рамноангелски живот, оној на кого што тој со своите раце му го даде светиот ангелски монашки образ. По блажениот Стефан, свети Никон како најстар беше поставен за игумен како рамен по живот на преподобните отци Теодосиј и Антониј. Браќата со љубов му се покоруваа и го слушаа, гледајќи ги во неговиот лик нивните ликови. Многу пати ѓаволот се обидуваше да му напакости, но никогаш не успеа во тоа, туку бегаше посрамен.

Овој блажен игумен му стана образец на чудесните доблести на своето стадо. Тој толку Му угоди на Бога, што за време на неговото игуменство прекрасно ја украси со икони светата од Бога создадена црква Печерска. Кај овоземните молитви на овој блажен градител се приклучија и неговите пријатели Теодосиј и Антониј со своите небесни молитви, и испратија кај него иконописци од Цариград, давајќи им злато како плата. Блажениот Никон им ги покажа на иконописците ликовите на своите сакани пријатели Антониј и Теодосиј преминати пред десет години, и тие веднаш ги препознаа во нив луѓето што им се јавија во Цариград. Покрај тоа тие раскажаа и други прекрасни чудеса: кога сакале да се вратат, им се јавила во видение светата Печерска црква и иконата на Пресвета Богородица, која им се заканила да не се враќаат. И кога пловеа со чамец низ реката, тие на чудесен начин допловија до гората. Кога ја украсија црквата, повторно се случија чудеса. Иконата на Пресвета Богородица во олтарот, на чудесен начин се претвори во мозаик, блесна како сонце, и гулаб излета од нејзината уста, како што за тоа опширно пишува во кажувањата за Печерската црква во Патерикот. Сето тоа се случи по небесните молитви на преподобните отци Антониј и Теодосиј, и на тогаш сеуште земните молитви на блажениот игумен Никон.

Откако со најразлични подвизи на својот рамноангелски живот прекрасно ја украси целата света Печерска обител, по долготрајните трудови, преподобниот Никон се упокои во Господа во 1088 година, за време на владеењето на великиот киевски кнез Всеволода Јарославич. Неговото тело беше положено во истата света обител Печерска, во пештерата, каде со чудотворната нераспадливост на моштите свои, тој ја посведочи својата светост, со која и по смртта чудотворно ја украсува својата света обител. Се пресели со духот во небесната обител, за таму, со своите пријатели, преподобните отци Теодосиј и Антониј, да се насладува на неискажаното гледање на славата Божја, лице во лице. И таму, тие како три светилника стојат пред престолот на Трисолнечното Божество, осветлувани со вечна слава и како отци се молат за нас чедата свои, и ние да се удостоиме да станеме наследници на нивната благодат и слава, како пријатни на Господа, Кому слава чест и поклонение, сега и секогаш, и низ вечни векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ФИЛИТ И ЛИДИЈА

Oвие свети маченици пострадаа во 125 година, во времето на царот Адријан. Сите беа христијани и секојдневно Му служеа на вистинскиот Бог. Свети Филит беше царски сенатор. Тој, неговата жена Лидија, и двете нивни деца, Теопрециј и Македон, беа изведени пред царот Адријан како христијани. Бидејќи не можеше да се спротивстави на мудроста на свети Филит, царот ги испрати во Славонија, кај војводата Амфилохиј. Тој веднаш нареди да ги обесат сите на дрво и телата да им ги стругаат со дрвени ножеви. Тогаш поверува во Христа командантот на стражата на темницата Кронид, кој заедно со светите маченици беше фрлен во темницата. Таа ноќ, кога светите маченици се молеа и пееја свештени песни, им се јавија ангели небесни, ги утешија и ги окрепија за подвигот на мачеништвото.

Утредента, светите маченици повторно беа изведени пред Амфилохиј, и тој им рече:

- За вас се подготвени многу маки и казни!

И нареди, та ги фрлија во казан во кој вриеше зејтин помешан со сулфур, и тогаш се случи чудо. Казанот во истиот момен се олади. Поразен од таквото чудо, војводата Амфилохиј поверува во Христа, и откако рече:

- Господи Исусе Христе помогни ми! - самиот се фрли во казанот и до него дојде Божествен глас, кој говореше:

- Твојата молитва е слушната, ајде кај мене!

Кога дозна за тоа царот Адријан, многу гневен дојде од Рим во Славонија. Нареди седум дена да се загрева казан полн со зејтин, па во него да се фрлат сите шест маченици. Но, кога мачениците беа фрлени во казанот, по благодатта Божја останаа неповредени.

Посрамен од ова чудо, царот Адријан се врати во Рим. А светите маченици, благодарејќи Му на Бога ги предадоа своите души на Господа и од Него примија маченички венци.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДОМЕТИЈ

Светиот маченик Дометијан беше од Фригија. Пострада за Господа Христа посечен со меч за време на царувањето на Јулијан Отстапник (361-363 г.).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАСИЛИЈ МАНГАЗЕЈСКИ

Беше син на ситен јарославски трговец. Служеше како калфа кај еден трговец во градот Магнезија, во северен Сибир. Трудољубив и чесен, Василиј се одликуваше со исклучителна побожност; сакаше да ја посетува црквата, сесрдно се молеше дома, помагаше според своите можности, ги посетуваше болните. Неговиот газда беше лаком и суров човек, и светиот маченик многу патеше од него. Еднаш за време на Воскресната утрена, дуќанот на овој трговец беше ограбен. Трговецот го наклевети свети Василиј дека тој го сторил тоа, го подложи на мачење, и најпосле го уби со врзоп клучеви, и телото на светиот страдалник го фрли во едно бариште. Тоа се случи на 23 март во 1600 -та година. По педесет години, светото тело на свети Василиј се појави на површината на бариштето, и од него започнаа да се случуваат знаци и чудеса. Во 1670 година светите мошти на свети Василиј беа пренесени во Тројицко Труханскиот манастир, и таму беа положени во богат ковчег. Тука и понатаму се случуваа многу чудеса.

Свети Василиј многу се слави во целиот Сибир.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАХОМИЈ НЕРЕХТСКИ

Пахомиј Нерехтски имаше свештенички чин. Тој уште од мал беше ревносен за книгата и црковните богослужби. Се одрече од светот и се замонаши во Рождествено Владимирскиот манастир, и послушно минуваше разни манастирски послушанија. Потоа стана игумен. Но, желен за самотен пустински живот, тој кришум го напушти манастирот и отиде во Нерехтските краеви на Костромската губернија. Набргу потоа, со благослов на светиот Алексиј, тој основа манастир со црква посветена на Пресвета Троица. Им беше пример на браќата во светото трудољубие. Се подвизуваше многу години, учејќи ги посетителите на обителта на неговите доблести и исцелувајќи ги од болестите. Преподобен Пахомиј се упокои на 23-ти март во 1384 година. Неговите свети мошти почиваат во црквата при неговиот манастир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЛУКА

Преподобниот новомаченик Лука беше родум од Адријанополис (Едрене) од парохијата на храмот „Свети Никола“. Татко му се викаше Атанасиј, а мајка му Домница. Во својата шеста година тој остана сираче без татко, и неговата мајка го испрати кај еден трговец загореец, за да работи кај него. Овој трговец патуваше и во Русија, а потоа се насели во Цариград. Кога имаше тринаесет години, еден ден Лука се степа со едно турско дете и го натепа. Турците се нафрлија врз него, а тој преплашен повика:

- Пуштете ме, па ќе се потурчам.

Турците веднаш го скротија својот гнев и еден богат Турчин го зеде кај себе и го приведе во исламот.

Но, штом му помина стравот, Лука си дојде на себе, и започна горко да се кае поради тоа што се одрекол од христијанската вера, Тој му порача на својот трговец да се потруди да го избави од куќата на тој Турчин. Трговецот го кажа тоа во Руската амбасада, и замоли за помош. Еден руски офицер му рече на трговецот дека ќе биде најдобро ако детето само побегне од куќата, и дојде во Руската амбасада. Така и се случи. Младиот Лука беше примен од браќата по вера Руси, кои му дадоа христијанска облека и го испратија во Смирна. Тој појде од Смирна во Тир, каде доби болест на очите. Сфаќајќи го тоа како Божја опомена, Лука веднаш отиде кај еден духовник и го исповедаше своето одрекување од верата. Духовникот го утеши и го посоветува дека е најдобро да отиде во Света Гора. Лука со радост го прифати тоа.

Кога дојде на Света Гора, Лука најпрвин стапи во Големата Лавра, потоа во манастирот Ивирон, и најпосле во манастирот Ставроникита, каде прими монашки постриг. Но, го нападнаа најразлични искушенија и беше принуден да промени неколку манастири. Сезнајниот Бог, Кој однапред го предвидуваше крајот на искушенијата, допушти да му дојдат тие ѓаволски искушенија. Преку нив Лука дојде до заклучок дека тоа е поради неговиот голем пад, и дека е најдобро да пострада за Христа, за со својата крв да го испере од себе срамниот печат на исламската нечистотија. Тие свои помисли тој му ги повери на еден старец, но старецот го одвраќаше од тоа. Тогаш Лука отиде кај отецот Висарион во скитот Света Ана, и повторно му ја раскажа својата историја и сите сегашни искушенија, како и својата желба да пострада. Висарион го одвраќаше бидејќи е сеуште млад, па може да се случи Турците да не сакаат да го убијат, но Лука не попушташе во својата богоугодна намера. Тогаш Висарион се договори со еден старец по име Ананиј, и му одреди правило и секојдневни подвизи, преку кои треба да се подготвува за мачеништвото во текот на педесет дни.

Кога преподобен Лука помина триесет и два дена во подвизи и метанија, тука наиде еден брод што пловеше за Смирна. Измолувајќи благослов од отците, и примајќи од својот духовник велика ангелска схима, блажениот тргна на пат, заедно со отец Висарион, на 10-ти март во 1802 година. По неколку дена стигнаа на островот Митилина (Лезвос). Благословениот Лука се поздрави со морнарите, и заедно со отецот се упати кон црквата во блиското село. Таму ги исповедаше и последните свои хулни помисли со кои ѓаволот го одвраќаше од мачеништвото, се причести со светите Тајни Христови, и тргна кон градот Кастро. Таму храбро излезе пред судијата, и му рече дека Турците го прелагале и го обрезале уште како дете, но дека тој бргу ја сфатил целата лага и заблуда на муслиманската вера и нивниот лажен пророк, па се одрекол од сето тоа и се вратил кај Христос - единствениот вистински Бог. Потоа изјави:

- Христијанин сум, и како христијанин сакам да умрам!

Турскиот судија и останатите Агарјани со него, се обидуваа со ласкање да го разубедат и да го одвратат од страдањето, но сѐ беше залудно. Потоа Турците го поведоа маченикот во Назировиот дом. По патот го сретнаа митрополитот Митилински, и Лука ја преклони главата пред него, и му рече:

- Помоли се за мене грешниот!

Тоа многу ги разлути Турците, и тие започнаа да го тепаат маченикот. А митрополитот Митилински и покрај стравот од Турците, нареди во сите цркви да се молат за слугата Божји, Лука. Откако остана непоколеблив во верата, тој беше фрлен во темница и му беа дадени три дена за размислување. Преку некои луѓе тој успеа да измоли епископот да му праќа Света Причест секој ден. Но, тоа набргу го открија Турците, и човекот по име Евстратиј, што го правеше тоа, го избркаа од темницата. Тогаш светиот маченик најде утеха и поддршка во Пресветата Богомајка, која постојано ја призиваше во молитвите.

Изминаа тие три дена, и маченикот повторно беше изведен пред Назир-ага, кој повторно го убедуваше и му се закануваше со бесење. Но, маченикот остана непоколеблив, и тој му изрече пресуда да биде усмртен со бесење. Пресудата беше спроведена на дело во недела, на 23 март во 1802 година. Неговото тело висеше обесено три дена и три ноќи. Потоа Турците го симнаа му врзаа камен околу вратот, и го фрлија во морските длабочини. Морето го исфрли на брегот телото на маченикот, и христијаните го зедоа и чесно го погребаа. За сето тоа беше известен и неговиот следбеник Висарион. Тој многу се израдува, и радосната вест им ја однесе на отците во Света Гора. Од моштите и молитвите на светиот новомаченик Христов, Лука, се случија неколку чудесни исцеленија во слава на нашиот Бог. Амин!