6. Април  (24. Март)

 

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АРТЕМОН,

епископот на Селевкија Писидиска

Блажениот Артемон е роден и воспитан во градот Селевкија Писидиска. Водеше чесен живот во деновите кога светите Апостоли ја просветуваа вселената со Евангелието Христово. Кога свети апостол Павле дојде во тој град проповедајќи го словото Божјо, го најде Артемона, кој како светилник блескаше со добри дела меѓу другите граѓани, и уште повеќе го утврди во верата Христова. Го постави за пастир и учител на луѓето, хиротонисувајќи го за прв епископ на градот Селевкија Писидиска. Тој мудро управуваше со повереното стадо, и на сите им беше пристаниште на спасението; се грижеше за сирачињата, за вдовиците, за неволните, а беше и чудотворен лекар на душите и телата човечки. Мудро и богоугодно ги поживеа сите денови од својот живот, и во длабока старост отиде кај Господа.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈАКОВ ИСПОВЕДНИКОТ

Kога злочестивиот ромејски цар Лав Ерменин ја обнови иконоборната ерес проколната од светите отци на Седмиот Вселенски Собор, тој многумина уби поради почитувањето на светите икони. Тогаш пострада и преподобниот Јаков Исповедник. За тоа сведочи и пишува свети Теодор Студит, зашто блажениот Јаков беше еден од неговите браќа. Кога преподобен Теодор беше прогонет за светите икони, многу негови ученици беа подложени на маки. Тогаш и блажениот Јаков беше мачен на разни начини. Кога беше убиен злиот цар Лав Ерменин, свети Јаков, како и останатите исповедници Христови, беше пуштен од темницата. Тој се врати во својот Студитски манастир во Цариград, но, по неколку дена се претстави во Господа, и чесно беше погребан.

Блажениот Ипатиј, кој беше игумен наместо прогонетиот отец Теодор, за претставувањето на свети Јаков со писмо го извести преподобниот Теодор, кој при враќањето од заточение се беше задржал во Крискентовата обител. На тоа, преподобен Теодор му возвраќа, пишувајќи:

„Чедо, со болка во срцето и духовна тага го примивме твоето известување за упокојувањето на исповедникот Христов, Јаков, нашиот возљубен брат. Чувствуваме болка во срцето како за син, И тоа за таков син, кого јас поради гревовите свои, не сум достоен да го наречам син. Но, се радувам за вечниот живот што му е подготвен од Господа. Се радуваме не само ние, туку и целата Црква со нас. Што мислиш, каков човек беше тој? Зарем не е исповедник? Зарем не е маченик? Зарем не е светител? Од најрани години тој покорно и послушно живееше во подвижничкиот живот, јуначки се бореше против духовните немири, многу малку јадеше и додека беше жив, спиеше толку малку, на што се восхитуваа сите што го гледаа тоа. Сакаше постојано да биде во богомислие и се вдлабочуваше во него сѐ до восхитување на умот. Кога си доаѓаше на себе, се побудуваше на божествена љубов. Немој некој да помисли дека зборувам лага, Бог ми е сведок, а и неговиот старешина Јован, кој ми го кажуваше за него она што јас самиот понекогаш не го знаев. А сето тоа беше како некој едноставен начин на подвижничко обучување. А пак во своето исповедништво, каков призор претставуваше тој за ангелите и за луѓето. О, силно и драго срце! Тој стапи во подвиг како страшен војник Христов. Слугите на мачителот му ја кинеа кожата, крвта му ја пролија, телото му го здробија, но, тој, ни глас не пушти, туку принесуваше совршено мачеништво за Христос, Синот Божји и Бог наш. Оти, да се страда за светата Икона Негова, навистина е страдање за Него самиот. Нека слушнат и нека се зарадуваат кротките, нека се израдуваат маченикољупците и нека ликуват! Нека се посрами ѓаволот, и нека се распрсне војската на иконоборците! Зашто тие, не само светиот Јаков, туку и многу други наши убија во маки. А свети Јаков, телото свое покриено со лути рани и раслабено од неподносливите болки, го повери на лекарската грижа, и како секој ден да умира, со благодарност и смирение го водеше својот живот кон крајот. Ми пишуваш дека тој го претскажал своето претставување. Тоа се случи заради маченичките подвизи негови. Ми велиш дека на погребението присуствувале и највидните луѓе и многу народ. И тоа е по Божја промисла. На човек со непознато потекло нема да се собере толку народ, ако тоа не е Божја промисла. Тој отиде на небото, им се придружи на своите сострадалници, и се зголеми бројот на светите Исповедници и Маченици. Заради тоа се радува небесата и се весели духот Јаковов, преку чии што молитви ќе се спасиме, браќа. Тој примил награда што ја заслужил со трудот свој. А оние што се собраа на неговиот чесен погреб навистина се маченикољупци. Целивајте се еден со друг со свет целив, зашто ова треба да им го прочитате на своите браќа. Ве поздравува господинот архиепископ, патријархот Никифор, и протопрезвитерот, и економот, и останатите браќа .

Така гласи писмото на свети Теодор Студит, од кое јасно се гледа животот и страдањето на исповедникот Христов, Јаков, со чии што молитви нека Господ нѐ удостои и нас на уделот на светите Свои за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АРТЕМОН,

презвитерот Лаодикиски

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЗАХАРИЈ

Преподобен Захариј е син на Карион Мисирецот, кој како дете отиде со својот татко во Скит и се замонаши. Достигна толку големо смирение и доблести, што стана живеалиште на благодатта на Сесветиот Дух, така што и дење и ноќе срцето му гореше од благодат. Иако беше помлад од многу отци и старци во Скитот, многу велики отци и старци сакале да се поучат од него, знаејќи дека врз него почива Светиот Дух. Така еднаш, свети Макариј го праша:

- Кажи ми, во што се состои работата на монахот?

Захариј одговори:

- Зар мене ме прашуваш, оче?

На тоа, ава Макариј му рече:

- Да, чедо Захариј, некој во душата ме поттикнува да те прашам за тоа.

Захариј одговори:

- По мое мислење, оче, работата на монахот е да се присилува себе си на сите заповеди Божји.

Во една прилика, ава Мојсеј го праша Захариј:

- Кажи ми, што да правам?

Кога го слушна тоа, Захариј се фрли пред нозете на ава Мојсеј, говорејќи:

- Ти мене ме прашуваш, оче?

Старецот му одговори:

- Верувај ми чедо, го видов Светиот Дух како слегна врз тебе, и тоа ме принуди да те прашам.

Тогаш свети Захариј ја симна својата монашка капа, ја фрли под нозете, и откако ја изгази, рече:

- Ако човек не се согази себе си вака, не може да биде монах!

Неговиот татко, ава Карион, велеше:

- Јас поднесов многу трудови и подвизи, повеќе од мојот син Захариј но, не ја достигнав духовната мера што ја достигна тој, поради неговото смирение и молчење.

Кога преподобен Захариј беше на умирање, споменатиот ава Мојсеј го праша:

- Што гледаш?

Захариј му одговори:

- Оче, зарем не е подобро човек да молчи?

На тоа старецот му рече:

- Да, чедо, подобро е, затоа молчи.

А на неговиот смртен час, ава Исидор, кој седеше покрај него, погледнувајќи во небото рече:

- Радувај се, чедо мое Захариј, зашто ти се отворија вратите на царството небесно.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕМОНАЧЕНИК ПАРТЕНИЈ III-ти,

патријархот Цариградски

Блажениот свештеномаченик Партениј е роден во Митилена од побожни родители. Тие добро го одгледаа и школуваа. Кога стана полнолетен го дадоа да изучи високи науки и философија. Партениј стана еден од најучените и најмудрите луѓе на своето време. Многу побожен и со добар карактер, тој не се интересираше за светот, туку времето го минуваше во изучување на Светото Писмо и секојдневно посетување на црковните богослужби. Затоа беше произведен за чтец, потоа за ипоѓакон, па ѓакон и ереј. Многу учен и украсен со секоја добродетел, тој беше избран за епископ Хиоски. Повереното Христово стадо го пасеше богоугодно.

По многу години, во 1656 година, од страна на Светиот Синод беше избран за патријарх Цариградски. Како патријарх беше наклеветен дека работи против турската држава. Везирот го изведе на суд, го истезаваше, му ветуваше многу големи почести и дарови, му велеше дека ќе стане еден од првите великодостоинственици во турското царство, само ако се потурчи. Во спротивно ќе биде предаден на смрт. На тоа, блажениот патријарх му рече:

- Јас не сум предавник на царството, и ни најмалку не сум виновен за она што ме обвинувате. Страдам на правдина, а вие добро го знаете тоа ако сакате да ја признаете вистината. А што се однесува до вашиот предлог да ја напуштам својата вера за да ја одбегнам смртта, јас по никоја цена нема да се согласам да се одречам од мојот пресладок Господ Исус Христос. Спремен сум безброј пати да ја поднесам смртта за светото име Негово; тоа за мене претставува радост и веселие. А за вашите почести, дарови и функции, не сакам ни да слушнам.

Потоа светиот патријарх го ставија на многу страшни маки, со надеж дека така ќе го присилат да се одрече од Христос. Но, маченикот Христов храбро го поднесуваше тоа, се радуваше што Господ го удостоил да страда за светото име Негово, и го молеше да му даде трпение до крај. Гледајќи дека светителот е цврст и непоколеблив во верата Христова, мачителот го однесе на Пармакалија врзан и под голема стража, и го обеси таму на Лазарева сабота.

Така преблажениот патријарх Партениј прими венец на мачеништво. Неговото свето тело висеше на бесилката три дена, и секоја ноќ небесна светлина ја осветлуваше неговата света глава. Потоа го фрлија во морето. Но, христијаните го пронајдоа, го зедоа кришум, и го погребаа на островот во близина на градот, славејќи го Христа Бога на Кого слава чест и поклонение со беспочетниот Отец негов и пресветиот благ и животворен Дух Негов, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОСУМ МАЧЕНИЦИ

Овие свети маченици пострадаа за Господа заклани со меч.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАРТИН ТИВЕЈСКИ

Се упокоил во Господа во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ СТЕФАН И ПЕТАР

Светите маченици Стефан и Петар биле мухамеданци од градот Казан. Тие го примиле христијанството, но поради тоа многу пропатиле од своите претходни едноверци муслимани, и најпосле биле убиени од нивна страна, во 1552 година.

СПОМЕН НА ЧУДОТО ВО ПЕЧЕРСКИОТ МАНАСТИР

Двајца угледни граѓани на градот Киев, Јован и Сергиј, беа пријатели. Тие дојдоа во Печерската црква и на чудотворната икона „Пресвета Богородица“, видоа светлина посилна од сонцето, и се побратимија пред неа. Но, по многу години Јован се разболе и пред смртта му го повери својот петгодишен син Захариј на својот побратим Сергиј, велејќи му да се грижи за него. Му остави доста сребро и злато како на свој брат, за да му го даде кога ќе порасне. Потоа го раздаде својот имот на неволните, и по кратко време се претстави. Кога Захариј наполни петнаесет години, го побара од Сергиј златото и среброто. Но, тој, соблазнет од ѓаволот, намисли да го присвои тоа богатство, па му рече на момчето:

- Твојот татко целиот свој имот го даде на Бога; затоа ти од Него барај сребро и злато. Он ти е должник, Он нека се смилува на тебе. Јас не му должам ниту еден златник на твојот татко. Тоа ти го приреди твојот безумен татко, зашто својот имот го раздаде како милостина, а тебе не ти остави ништо.

Кога го слушна тоа, Захариј започна да плаче поради својата немаштија. Тој повторно му се обрати со молба на Сергиј, говорејќи:

- Дај ми го барем половината од моето наследство.

Потоа бараше барем десеттина, но кога виде дека Сергиј упорно одрекува дека нешто примил од починатиот Јован, му рече:

- Штом не си примил ништо од мојот татко заколни се во Печерската црква пред онаа иста чудотворна икона на Пресвета Богородица, пред која што си се побратимил со мојот покоен татко.

Сергиј се согласи. Но, кога се заколна и сакаше да пријде за да ја целива иконата, невидлива сила го држеше и не му дозволуваше да ѝ пријде. Во тој момент започна бесомачно да вика:

- Свети отци Антониј и Теодосиј, не давајте да ме погуби овој немилостив ангел! Молете се на Пресвета Богородица да ги тргне од мене многуте демони, на кои сум предаден. Нека ги земат и златото и среброто, ене, запечатени се во мојата одаја.

Сите се преплашија од тоа, и оттогаш не му дозволуваа на никого да се колне пред иконата на Пресвета Богородица. Кога испратија луѓе во домот на Сергиј по запечатениот сад и го отворија, ја најдоа онаа сума двократно повеќе. Таа се беше удвоила по промисла Божја. Кога го прими богатството, Захариј го даде на манастирот, а самиот се замонаши тука, и го заврши својот живот во светиот Печерски манастир. Од она злато и сребро беше подигната црква на свети Јован Претеча, во спомен на Јован болјарот и неговиот син Захариј, а во слава на Христа Бога и Пречистата Дева Богородица, амин.