7. Април  (25. Март)

 

БЛАГОВЕШТЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

СИНАКСАР НА БЛАГОВЕШТЕНИЕ

Кога Пресветата Дева наврши единаесет години од престојувањето и служењето при Ерусалимскиот храм, и четиринаесет години од своето раѓање, односно кога стапи во петнаесеттата година од својот живот, свештениците ѝ соопштија дека според законот Таа повеќе не може да остане при храмот, туку треба да се вери и да стапи во брак. Но, на големо изненадување на сите свештеници, Пресветата Дева им одговори дека Му се посветила на Бога, и дека сака да остане девојка до смртта. Тогаш, по промисла Божја првосвештеникот Захариј, таткото на свети Јован Крстител, во договор со останатите свештеници, собра дванаесет безжени мажи од племето Давидово, за на еден од нив да му ја доверат Дева Марија да се грижи за неа и да го чува нејзиното девство. И беше свршена за стариот Јосиф од Назарет, кој ѝ беше сродник. Во домот Јосифов, Пресветата Дева продолжи да живее исто како и во храмот Соломонов, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во молитви, во богоразмислување, во пост и рачна работа. Речиси никогаш не излегуваше од дома, ниту пак се интересираше за земските работи и случувања. Многу малку зборуваше, и тоа никогаш без посебна потреба. Најчесто општела дома, со двете ќерки Јосифови.

Кога се наврши времето проречено од пророкот Данил, и кога Бог благоволи да го исполни своето ветување дадено на паднатиот Адам и пророците, се јави великиот Архангел Гаврил во одајата на Пресвета Богородица, и тоа, како што пишуваат некои свети писатели, токму во моментот кога Таа ја држела отворена книгата на пророкот Исаија, и размислувала за неговото големо пророштво: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ (Ис. 7, 14). Ѝ се јави Гаврил во Архангелска светлост и ѝ рече: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе; благословена си ти меѓу жените.“ И останатото по ред како што е напишано во Евангелието на божествениот Лука (Лк. 1, 26-38). Со оваа архангелска благовест, и со слегувањето на Светиот Дух на Пречистата Дева, отпочнува спасението на луѓето и обновувањето на сета твар. Историјата на Новиот Завет ја отворил Архангел Гаврил со зборовите: „Радувај се благодатна!“, означувајќи со тоа дека Новиот Завет ќе значи радост за луѓето и за сите створени твари. Оттука и Благовештението се смета за голем и многу радосен празник.

СЛОВО НА БЛАГОВЕШТЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Кога се навршија годините и се наближи времето за избавувањето на човечкиот род, кога требаше да се случи вочовечувањето на Бога, на секој начин требало да се најде така чиста, беспрекорна и света девојка, која би била достојна да го овоплоти бесплотниот Бог, и да ѝ послужи на тајната на нашето спасение. И се најде таква девојка: почиста од секоја чистота, побеспрекорна од секое духовно створение, посвета од секоја светиња - Пречистата и Преблагословена Дева Марија, фиданка од бесплодниот корен на светите и праведни богородители Јоаким и Ана, плод на родителските молитви и постови, ќерка царска и првосвештеничка. И тоа, онаа што требаше да стане одуховен храм Божји, се најде во свето место, во Соломоновиот храм. Се најде во внатрешноста на храмот, во Светињата над светињите, онаа, која требаше да Го роди најсветото од сите светии - Словото. Зашто таму погледна Господ од висините на царството Свое, погледна на смирението на слугинката Своја, и ја избра Неа, однапред избраната од сите родови, ја избра за мајка на предвечното Слово Свое, за чие воплотување на таинствен начин од Неа, ја беше известил пред Архангеловата благовест, како што ни го тврдат тоа веродостојни кажувања на светиите.

Живеејќи во храмот дванаесет години, Дева го минуваше времето не само во богоразмислување, непрестајна молитва и рачна работа, туку и во читање на Божествените Книги, поучувајќи се во законот Божји и дење и ноќе. За Неа свети Епифаниј и свети Амвросиј пишуваат дека била многу бистра, ги сакала поуките, и ревносно го читала Светото Писмо. А црковниот историчар Георгиј Кедрин пишува дека уште за време на животот на своите родители, Таа добро ги изучила еврејските книги. Читајќи го често пророштвото на Исаија: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син, и ќе му го даде името Емануил“ (Ис. 7, 14), што значи со нас е Бог, светата Дева пламтеше од љубов, не само спрема очекуваниот Месија, туку и спрема девојката што ќе зачне и ќе Го роди Месијата. Размислуваше дека е голема чест да се стане родителка на Синот Божји Емануил, и дека е неискажлива тајна, девојка да биде мајка. Знаејќи, пак, од пророштвата дека се наближило времето за доаѓањето на Месијата, зашто палката на владеење веќе беше земена од Јуда и се завршуваа седмиците Даниилови, Дева сметаше дека таа девојка веќе се родила во светот. Му се молеше на Бога да ја удостои да ја види таа девојка, и ако е можно да ѝ биде последна слугинка нејзина. Во една прилика, кога Дева Марија по својот обичај стоеше на полноќна молитва и многу срдечно Му се молеше на Бога за тоа, одненадеж блесна силна светлина од небото, ја осветли, и од таа светлина слушна глас кој Ѝ говореше: „Ти ќе го родиш Синот Мој“.

Со каква радост се исполни тогаш Пресветата Дева и каква благодарност Му изнесуваше на Бога, Творецот свој, невозможно е да се искаже. Така погледна Господ на смирението на слугинката Своја. Зашто Таа Која сакаше од љубов кон Бога да ѝ служи на онаа што ќе Го роди Месијата, самата се удостои да стане Негова Мајка и Госпоѓа на секое створение. Ова откривање ѝ се случи во дванаесеттата година, две години пред нејзиното свршување. Таа никому не кажа за Тајната, сѐ до Вознесението Христово. Од денот на тоа откривање, Дева беше убедена дека во нејзината девствена утроба ќе се случи таинственото зачнување и очекуваше да се исполни таа Тајна.

Кога наврши единаесет години од пребивањето во храмот и четиринаесет години од своето раѓање, правосвештениците ѝ соопштија дека според законот, исто како и нејзините врснички, Таа не може повеќе да остане во храмот, туку треба да стапи во брак. Но, Дева Марија им одговори дека нејзините родители од пелени ја посветиле на Бога, дека не може да се сврши со смртен човек, и дека ништо не може да ја присили на брак, Неа, девојката на бесмртниот Бог.

Оваа новост ги изненади првосвештениците и тие се советуваа меѓу себе како да постапат, зашто не можеа повеќе да ја задржат во храмот, ниту пак смееја девојката Божја да ја верат за маж. Беа во недоумица како да ја згрижат безмажната девојка, а со нешто да не го разгневат Бога. Тие знаеја дека е голем грев да приморуваат на брак девојка која Му ветила на Бога вечно девство, но исто така, дека е грев и полнолетна девојка да се држи во Светињата на светињите.

За тоа свети Григориј Ниски вели:

- Додека девојката беше мала, свештениците ја чуваа во храмот Господен како некогаш Самуил. Но, кога стана полнолетна, тие се советуваа меѓу себе што да прават понатаму со неа, за да не го разгневат Бога.

А црковниот историчар Никифор за тоа вели:

- Кога Света Дева порасна, свештениците се собраа да се договорат како да ја згрижат, за да не му погрешат на нејзиното свето тело, затоа што сметаа дека ќе ја осквернат светињата ако ја омажат и потчинат на брачниот закон, Онаа, која се посветила на Бога. И, тие велеа дека законот не дозволува, ниту пак е достојно за светиња, девојка во тие години да престојува во Светињата над светињите. Затоа тие му пристапија на ковчегот на заветот, усрдно се помолија на Бога и, како што вели Јероним, добија одговор од Бога да побараат достоен човек кому ќе му ја доверат Марија Дева под вид на сопружништво, за чување на девството. А пак начинот како би пронашле таков човек, беше укажан од Господа: „Да се соберат безжени мажи од домот и племето Давидово, да ги положат своите жезли во олтарот, па чиј жезол ќе процвета преку ноќта, нему да му се повери Дева. Тогаш празникот на осветувањето на храмот Ерусалимски, востановен од Макавејците започнуваше на дваесет и петти ноември, а одданието му било на трети декември. Тогаш кај храмот се насобра многу народ од околните градови, а дојдоа и луѓе од племето Давидово, сродници и роднини на Дева Марија. Правосвештеникот Захариј одбра безжени мажи од племето Давидово, меѓу кои беше и свети Јосиф, човек праведен и стар, ги собра нивните жезли и ги положи во олтарот да преноќат, говорејќи: „Господи, покажи ни го достојниот човек за кого треба да се вери Дева“.

Кога осамна, свештениците заедно со оние дванаесет мажи влегоа во храмот и видоа дека процветал жезолот на Јосиф. Тогаш слета гулаб од небото и застана врз тој жезол. Сите сфатија дека Бог сака Дева Марија да биде чувана од праведниот Јосиф. Некои мислат дека Таа одлучно ја одбивала веридбата, плашејќи се за своето девство и поради тоа била многу тажна. Затоа од Бога имала посебно откровение и совет: да не се двоуми да оди кај Јосиф, сродникот и вереник нејзин, човек праведен, богоугоден и свет, не за телесен брачен живот, туку за чување на нејзиното девство. Откако беше објавена веридбата, свети Јосиф ја зеде Пречистата Дева од рацете на првосвештеникот Захариј и ја одведе во својот дом, на чист и непорочен живот. И свети Јосиф стана нејзин привиден маж, целомудрен чувар и служител на нејзиниот девствен живот, исполнет со голема светост.

Во домот на Јосиф, Пресветата Дева продолжи да живее исто како и во храмот Соломонов, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во молитви, во богоразмислување, пост, рачна работа, и за неа домот Јосифов беше молитвен храм од којшто не излегуваше, Постојано седеше внатре и многу ретко зборуваше со некого, освен со двете ќерки Јосифови. За тоа, Георгиј Кедрин вели вака:

- Во домот на својот маж Марија живеела со двете Јосифови ќерки, постејќи и не излегувајќи меѓу луѓето. Но, и со нив разговарала само кога имала потреба, и тоа многу кратко.

Според сведоштвото на светиот Евод, во четвртиот месец на нејзиното такво живеење, настапи часот на воплотувањето на Бога Словото, час посакуван од памтивека, час во кој започна нашето спасение. Испрати Бог еден од најпрвите небесни духови, Архангел Гаврил, со тајната од века сокриена, и на ангелите непозната, да Ѝ благовести на Пречистата Дева за необичното зачнување на Синот Божји, кое ја надминува човечката природа и секој ум. За тоа светиот благовесник Лука пишува вака:

„Во шестиот месец го испрати Бог ангелот Гаврил, (1, 26). Тоа беше шестиот месец од зачнувањето на светиот Јован Преттеча. Истиот ангел, кој на Захариј му го благовестил Јовановото зачнување, бил испратен да Ѝ благовести на Пречистата Дева за зачнувањето Христово. Тоа се случи во шестиот месец, за шестмесечниот Преттеча да може да заигра од радост во утробата на својата мајка, при доаѓањето на Мајката Господова. „Беше испратен во градот Галилејски по име Назарет...“ (Лк. 1. 26).

Галилеја беше незнабожечка земја, иако делумно населена со Евреи, зашто мнозинството во неа биле незнабошци. Таа земја била презрена од Евреите како населба од грешни неверни и туѓи луѓе, поради што тие со прекорување говореле: „Зарем Христос ќе дојде од Галилеја? Испитај и ќе видиш дека пророк не се јавува од Галилеја“ (Јн. 7, 41, 52). Така беше презрен и Галилејскиот град Назарет; за нив тој бил мал и последен, та меѓу нив се зборувало: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ (Јн. 1, 46).

Да погледнеме каде Бог посака да има мајка за себе. Тоа не беше Јудеја, ниту светиот голем град Ерусалим, туку грешната Галилеја и малиот град Назарет. И тоа, за да ни покаже дека дошол на земјата заради грешниците, зашто рече: „Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание“ (Мк. 2, 17), и од неверните незнабошци да направам за себе верна црква. Уште и за да ни покаже дека Он милостиво гледа на смирените, отфрлените и понижените, а не на гордите и познатите. Бог разгледуваше од висините на Својата слава каде посебно се наоѓа населбата на грешниците. Виде дека во Јудеја Ерусалимците се сметаат себе за праведни пред луѓето (Лк. 16, 15), а виде и дека Галилејците се презрени и понижени од сите, и дека се поголеми грешници од сите.

Затоа ја одмина Јудеја, која важеше за света, и дојде во грешната Галилеја; го одмина и великиот угледен и славен град Ерусалим, и отиде во малиот неугледен град Назарет, одбирајќи го за себе најпоследното место во овој свет, и смирувајќи се себе си до обличје на слуга и грешник. Назарет беше мал град, но се удостои на толку голема благодат на каква што не се удостои ниту еден од останатите големи израилски градови, коишто се вознесуваа до небесата. Во малиот Назарет се наоѓаше Дева Марија, повозвишена од сите свети ангели, чија утроба е попространа од небесата. Таму се испраќа Гаврил, таму осенува Духот Свети, таму се воплотува Бог Словото. Каде е смирението, таму сјае Божјата слава. Гордите градови се непријатели на Христа, а смирените се Негови пријатели. Неславниот Назарет Го зачна нашиот Господ Христос, а славниот Ерусалим Го распна. Малиот Витлеем Го роди, а великиот Ерусалим на смрт Го осуди. Бог се населува меѓу смирените, а гордите Го прогонуваат. Кај презрената земја и бедниот Назарет, и во него кај смирената Дева, беше испратен Ангелот од Бога.

За тоа свети Андреј Критски вели вака: „На еден од врховните ангели Бог Му наредува да ја соопшти тајната. И тоа го прави, како што ми изгледа, на ваков начин: Чуј, Гаврил, оди во Галилејскиот град Назарет во кој живее Дева Марија, свршена за човек чие што име е Јосиф. Оди, убавината на девството да го прими Семоќниот како мирисна ружа од земјата на трњето. Оди во Назарет, за да се исполни пророштвото кое вели дека ќе се нарече Назареец“.

А кој ќе се нарече Назареец? Оној Кого потоа Натанаил ќе Го нарече Син Божји и Цар Израилев. Се испраќа Гаврил, кој обично е весник на божествените Тајни, како што се гледа тоа од книгите на пророкот Даниил (Дан. 8, 16). Оди во Галилејскиот град Назарет, Му говори Бог на Гаврил, и кога ќе дојдеш таму објави Ѝ ја на Дева радосната благовест, која што некогаш ја упропасти Ева. Но, внимавај да не ја смутиш, зашто ова е знак на радост, а не на жалост, вест за утеха, а не за смутување. Зашто, која радост може да биде поголема од оваа; човечката природа да може да стане учесник во Божјата природа, и да се соедини со Бога во едно лице. И што може да биде почудно од ова: да се види како Бог толку се понизил, да Го носи утроба на жена. Навистина необична работа. Бог, на Кого небото му е престол, а земјата подножје, Кого не можат да Го сместат небесата, Кој со Отецот има еден престол на вечноста, се сместува во утробата на Дева. Има ли нешто подостојно за восхит од тоа, во обличје на човек да се види Бог, Кој не се одвоил од Своето Божество, и да се гледа човечката природа така соединета со својот Творец, што Бог станува целосен човек?

Добивајќи ја Божјата наредба која ги надминува неговите сили, Гаврил беше во недоумица помеѓу запрепастеноста и радоста. Но, извршувајќи ја Божјата наредба, тој одлета кај Дева и доаѓајќи во Назарет, застана пред домот. Размислувајќи и двоумејќи се, тој вака расудуваше во себе, вели свети Андреј:

„Како да го започнам тоа што Бог ми нареди да го извршам? Дали наеднаш да влезам во одајата? Но, ќе ја збунам душата на Дева. Или да влезам полека? Но, кога Дева ќе го насети моето доаѓање ќе се обиде да се сокрие. Или да затропам на вратата? Но зошто, кога тоа не им е својствено на ангелите, и кога тоа што е затворено не може да го спречи нивното влегување. Или да ја повикам Дева по име? Но, ќе се уплаши. Еве, што ќе направам: По волјата на Оној Кој ме прати, ќе влезам кротко. Но, како ќе почнам да зборувам со Девата? Дали првин да Ѝ ја објавам радоста или да Ѝ речам дека во неа ќе биде Господ? Или да Ѝ објавам дека на Неа ќе слегне Светиот Дух и сила на Севишниот ќе ја осени? Најпрвин ќе Ѝ ја објавам радоста, потоа ќе Ѝ ја кажам чудесната тајна, ќе Ѝ пристапам и ќе ја поздравам. Тоа ќе биде погоден увод за разговор. Тоа нема да ја уплаши ни малку, туку напротив, ќе ја смири нејзината душа. Ова е дело на радост, време за веселба, царство на спокојството, совет на спасението, почеток на утехата“.

Така си зборуваше во себе Архангел Гаврил.

Погледни со каква стравопочит Архангелот пристапува кон Богодевицата! О, со колкав страв и почитување тој се подготвува да Ѝ пријде на Господарката на целиот свет! И како се подготвува да Ѝ зборува зборови за благовеста, полни со радост! Но, треба да се восхитуваме и на тоа што не ја најде надвор од домот и одајата нејзина, ниту обземена со световни грижи, туку во молитва и читање на Светите Книги. Како што ни покажува иконата Благовештение: пред неа лежи отворена книга, знак дека таа непрестајно се занимавала со богомислие и читање. А постои и побожна претпоставка на Богомислените луѓе дека во времето кога Ѝ се јавил Небесниот Благовесник, Пресвета Дева размислувала за зборовите на светиот пророк Исаија: „Ете, девојка ќе зачне...“ (Ис. 7, 14). Размислувала за тоа кога и како ќе се случи тоа необично зачнување и раѓање за девствената природа. А, бидејќи со откровение од Бога била известена дека избраната девојка ќе биде самата Таа, и дека ќе Го роди саканиот Месија, Дева гореше со серафимска љубов кон Бога Творецот свој, и ја молеше Неговата добрина што побрзо да го исполни своето божествено ветување и пророштвото на Исаија. И со копнеж си зборуваше во себе: „Кога ќе пристигне тоа очекувано време Создателот мој да се всели во мене со желба да добие тело од мене? Кога ќе се случи тоа благословено блаженство, да станам мајка на мојот Бог? А додека тоа не се случи, солзите ќе ми бидат леб и дење и ноќе“. Очекувањето на тие мили настани и краткото време Ѝ изгледаше многу долго!

Додека Дева така размислуваше и во срцето свое со пламена љубов Му се молеше на Господ Саваот, небесниот Благовесник, Архангел Гаврил, одненадеж, влегувајќи кротко, застана пред неа. За тоа, свети Андреј Критски пишува:

Потоа Архангелот влезе во домот, пристапи до одајата во која живееше Дева, полека пријде до вратата и кога стапи внатре, со кроток глас изговори кон неа: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе“ (Лк. 1, 28), Кој е пред тебе; сега е со тебе, и малку подоцна ќе се роди од тебе; Он, Кој е пред секоја вечност, сега е под времето. О, неизмерно човекољубие! О, неизразливо милосрдие! Не е доволно да се посведочи радоста, туку да се објави и Творецот на радоста Кој во Дева пребива. Зашто рече: „Господ е со тебе!“ Очигледно го покажува присуството на Царот, Кој од неа прими тело на таков начин, што ни најмалку не отстапи од Својата божествена слава.

„Радувај се благодатна! Господ е со тебе! Радувај се навистина благословена! Радувај се Дево највозвишена! Радувај се прекрасен храму на небесната слава! Радувај се осветена палото на Царот! Радувај се дворецу, во кој Христос зеде врз себе човечка природа како невеста, и ја присоедини! Благословена си Ти меѓу жените! “ (Лк. 1, 28). Тебе Исаија со пророчките очи те здогледа оддалеку, и те нарече пророчица и дева, и книга таинствено запечатена. Навистина си благословена Ти, Која Језекил те означи како затворена врата низ која само Бог помина. Навистина си благословена Ти, Која Даниил како гора те виде, и Авакум те прозва гора сеновита. И тебе, гората Божја, гора висока, гора во која Бог благоволи да живее, твојот прародител и цар те опева пророчки. Благословена си ти меѓу жените, која гледачот на божествените тајни Захариј те виде како прекрасен златен светилник, украсен со седум кандила, односно со седум дарови на Светиот Дух. Навистина си благословена Ти, Која како рај ја имаш во себе едемската градина - Христос, Кој според својата неискажана семоќност, произлегувајќи од утробата твоја, како река жива вода ќе го напои со своите евангелски води лицето на целата земја.

Кога го слушна ваквиот поздрав на Ангелот, Пресвета Дева се вознемири од зборовите негови и размислуваше што значи тој поздрав“ (Лк. 1, 29). Се збуни, но не се исплаши многу. Немаше потреба да се плаши од појавата на Ангелот, зашто во Светињата над светињите била навикната на другарување со ангелите. Според сведоштвото на свети Герман, таа секојдневно добивала храна од ангелски раце. Девата се збуни и зачуди затоа што никогаш досега Ангелот не Ѝ беше дошол во толку голема небесна слава, со толку радосно лице и со толку радосен поздрав. Ја збуни и зачуди новината на поздравот, што неа, девојката, ја става меѓу жените, говорејќи: „Благословена си ти меѓу жените“. Се збуни како целомудрена, благоразумна, паметна, и си мислеше во себе каков би можел да биде овој поздрав? Што ќе ми каже Ангелот понатаму? Можеби повторно ќе ме врати во храмот Господен? Или ми донел некоја необична храна од небото? Или ќе ми јави нешто ново од Бога и ќе ја расветли мојата недоумица, како девојка ќе зачне и ќе роди син? Што значи овој поздрав?

И Ангелот Ѝ рече:

- Не плаши се Марија! Не сомневај се во пророштвото на Исаија за девојката: ти си таа девојка, зашто си нашла милост во Бога, бессемено да Го зачнеш Емануил, и да Го родиш неискажано, како Он тоа единствено го знае. Си нашла благодат во Бога со помош на премногубројните твои доблести, посебно со помош на твоето длабоко смирение, зашто Бог на смирените им ја дава својата благодат според зборовите Свои: „На кого ќе погледнам ако не на смирениот и кроткиот“. Со помош на твојата девствена чистота, зашто по природа Пречистиот Бог бара да се роди од пречиста и целомудрена девојка; и со помош на твојата пламена љубов кон Бога, зашто Он вели: „Јас ги љубам оние што Мене ме љубат и оние што ме бараат ќе најдат милост“. И, бидејќи ти си Го засакала и си Го барала со целото свое срце, си нашла милост во Него и ќе родиш Син, но не обичен син, туку обожен, Синот на севишниот, Бог од Бога, родениот пред вековите од Отецот без мајка, и Кој на крајот од вековите ќе произлезе од тебе, девствената мајка, без татко. Неговото име е чудно и неискажливо; ти ќе му го дадеш името Исус, што значи Спасител, зашто Он ќе го спаси светот и ќе зацарува неспоредливо пославно од праотецот Давид и останатите цареви од домот Јаковов. И царството Негово нема да биде привремено туку вечно, и нема да има крај.

А Марија му рече на Ангелот: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?“ (Лк. 1, 34). Тоа не значи дека Пресветата Дева не им верувала на зборовите на Ангелот, зашто таа, исполнета со благодат Божја, точно знаела дека ќе Го роди Благовестениот, зашто тоа го беше дознала од самиот Бог во храмот. Но, таа не знаела на кој начин ќе роди, оти е девојка која не познала маж. Затоа и го прашала Ангелот: „Како ќе биде тоа?“

Размислувајќи за тоа, свети Григориј Ниски вели, како таа да му зборува на Ангелот:

- Кажи ми го начинот на раѓање, о Ангелу! И моето срце ќе го најдеш подготвено за Божјата намера. Јас сакам таков плод, но без повреда на девството.

А свети Амвросиј за тоа вели вака:

- Таа му упати добро прашање на Ангелот: „Како ќе се случи тоа?“ Дева Марија порано читала дека девојка ќе зачне, но не прочитала на кој начин ќе се случи тоа зачнување. Таа го читала пророштвото: „Ете девојка ќе зачне“ (Ис. 7, 14). Но, како ќе зачне, тоа сега Ангелот во благовеста Ѝ го објавува. Ангелот Ѝ го кажува начинот на зачнувањето; тоа нема да биде на природен и човечки начин, туку на натприроден, зашто каде Бог сака, таму се победува природниот поредок; зачнувањето ќе биде под дејство на Светиот Дух: „Духот Свети ќе дојде на Тебе и сила на Севишниот ќе те осени“ (Лк. 1, 35). Од Него ќе зачнеш во утробата; Он ќе изврши во тебе недомисливо зачнување. Зашто Оној, Кој од мртва кал го создаде живиот Адам, зар не може од жива девојка да произведе живо дете? Кога на Бога Му било лесно од Адамовите коски да створи жена, зар нема да Му биде лесно во утробата на девојка да створи човек? Духот Свети Кој чини сѐ, ќе го стори тоа во тебе, о Пресвета Дево, во твојата пречиста утроба бессемено ќе се устрои од телото твое, тело на бестелесниот Бог Словото. Зашто преку Тебе, врата со чистота запечатена и со девственост чувана, Господ ќе пројде како што сончевиот зрак минува низ стаклото и кристалот, осветлувајќи Те и просветлувајќи Те со својата божествена слава, за да станеш вистинска Мајка Божја, раѓајќи Го совршениот Бог и совршениот човек, и при породувањето останувајќи чедна девојка, како што си била и пред тоа. Тоа ќе го стори во Тебе силата на Севишниот со доаѓањето на Светиот Дух. А дека тоа е вистина, сигурен доказ е тоа што твојата тетка Елисавета, иако неротка од младоста, а сега веќе стара, зачна син, оти така сака Бог, Кој и невозможното го прави возможно. Да, меѓу луѓето е невозможно да зачне и да роди безмажна чедна девојка како и остарена жена неротка. Но, за семоќниот Творец е возможно сѐ што рече: и неротка старица зачна, и Ти како девојка ќе зачнеш.

Слушајќи ја таквата благовест од Ангелот, Пречистата се покори на волјата на својот Господ и со најдлабоко смирение од своето богољубиво срце одговори: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои“ (Лк. 1, 38). И веднаш во нејзината света утроба, под дејство на Светиот Дух се изврши зачнувањето на неискажан начин без телесна наслада, но не и без духовна. Зашто тогаш особено се топеше срцето на Дева Марија од божествена љубов и со пламен на серафимска љубов гореше нејзиниот дух и целиот ум нејзин, како надвор од себе се вдлабочуваше во Бога и се насладуваше со љубовта Негова на неизразлив начин; и во тоа нејзино духовно насладување, слатко богољубие и умно боговидение, се зачна Синот Божји, и Словото стана тело, и се всели во нас со вочовечување.

Откако ја изврши благовеста и со побожност, стравопочитување и поклонување Му оддаде должна почит на овоплотениот Бог во Дева, како и на самата овоплотителка Дева, тој си отиде од неа, да застане пред престолот на Господ Саваот, славејќи ја тајната на Божјото вочовечување со сите небесни Сили во неискажана радост за навек, амин.

ПОВЕСТ ЗА ЧУДОТО НА БЛАГОВЕШТЕНСКАТА ИКОНА

ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ВЕЛИКОБЛАГОДАТНА“

на островот Тинос во Грција

Прекрасната благовештенска икона на Пресветата Богомајка, која денес се чува на островот Тинос во Грција, потекнува уште од времето пред арапското ропство, кое што било одамна пред турското ропство. Не се знае кога и како оваа светиња се нашла на Тинос, но народното предание ја врзува за светиот апостол и евангелист Лука. За време на една катастрофа што го снашла островот Тинос, иконата била затрупана под земјата и таму останала околу 800 години. А била пронајдена вака:

Еден месец пред избувнувањето на востанието во Грција против Турците во 1821 година, Пресвета Богородица му се јави во сон на еден благочестив градинар, осумдесетгодишниот старец Михаил Полизоис, доселеник на Тинос од островот Андрос. Таа во сонот му рече дека во блиската нива на Антониј Доксар, северно од градот Свети Никола се наоѓа нејзина благословена икона затрупана под земјата. Кога се разбуди, овој богобојазлив човек му го раскажа своето видение на парохискиот свештеник, а тој пак на архиерејот на островот, по име Гаврил. Веста за тоа видение се рашири по целиот град, и сите луѓе решија да помогнат да се пронајде светата Икона. И покрај упорното барање и копање, луѓето не најдоа ништо поради што помислија дека тоа не бил вистински сон, туку само фантазија на градинарот Михаил. Така, таа работа наскоро беше предадена на заборавот.

Но, во следната, 1822 година, во првата недела од месец јули, се случи второ чудесно јавување. Недалеку од градот, на највисокиот врв на островот Тинос наречен Кехровуна, се наоѓаше еден женски манастир од десеттиот век. Во тој манастир меѓу осумдесетте монахињи живееше и преподобна Пелагија, која беше дојдена во манастирот во својата седумнаесетта година, и живееше сама во една ќелија. Таа ноќ спроти недела, Пелагија почувствува во сонот дека малиот простор во нејзината ќелија ненадејно се исполнува со светлина. Од таа светлина ѝ се јави Пресвета Богородица и ѝ заповеда да појде во градот и да му каже на манастирскиот старател Стамател Кагадис да го откопаат домот на Пресветата, кој се наоѓал затрупан на земјиштето на Антониј Доксар, во близина на споменатиот град Свети Никола. Потоа на тоа место да изгради голем храм посветен на Неа. Уплашена, утредента Пелагија не кажа никому за своето видение, па ни на својата игуманија, туку само се молеше на Бога. Таа помина седум дена во молчење, постојано молејќи се на Богомајката да ѝ каже што треба да прави. Ноќта пред следната недела, таа го имаше истото видение и ја доби истата заповед од Пресветата. Пелагија повторно помина една седмица во недоумица не знаејќи како да постапи, и не се довери никому. Во третата недела на истиот месец, по трет пат се повтори истото видение, и тогаш, Мајката Божја ја укори Пелагија за непослушноста. Таа ѝ се закани дека ќе умре ако не ја послуша. Исто така ѝ рече дека и оној човек, и целиот остров ќе ги снајде зло, ако не ја послушаат. На прашањето од Пелагија како тој човек ќе може да подигне толку голем и убав храм, Богомајката одговори: „Јас ќе се погрижам за сѐ“. Пелагија ја запраша: „А која си ти госпоѓо моја?“ И го доби овој одговор: „Благовестувај земјо, радост голема!“

По тоа мајката Божја исчезна. Веќе беше зазорило, па Пелагија стана и најпрвин појде во црквата. По завршувањето на светата литургија таа ѝ раскажа сѐ на игуманијата на манастирот Меланија, и таа ја посоветува да ја изврши заповедта на Мајката Божја.

Утредента Пелагија отиде кај оној човек Стамателос и му го раскажа своето видение, а тој ја посоветува сето тоа да му го каже и на епископот. Епископот Тиноски, Гаврил, кој беше родум од Крит, беше духовен и добродетелен човек. Кога го слушна кажувањето на Пелагија, тој заплака од радост и ѝ рече: „Блажена си ти старице, и блазе си ти што Мајката Божја три пати те посетила во ќелијата!“

Преосветениот архиереј му го раскажа истото и на Стамателос, и тој се присети и на она поранешно видение на градинарот Михаил, па реши по секоја цена да се направи сѐ што е потребно, за да се пронајде храмот и иконата на Пресветата Богомајка. Затоа наредниот ден, тој со биење на црковните камбани го повика целиот народ од градот да дојде во митрополитскиот храм на Светите Архангели. За среќа во тоа време на Тинос немаше ниту еден турчин. Кога се собра народот, владиката им го раскажа видението на монахиња Пеланија и ги повика сите да помогнат при копањето. Домаќинот на нивата дозволи, та во почетокот на септември 1928 година отпочна прекопувањето на нивата. По едномесечно копање се појавија ѕидови на еден древен храм. Народот продолжи со прекопувањето, но иконата не можеа да ја најдат. Тоа многу ги обесхрабри, ја изгубија верата и прекинаа со копањето.

По кратко време жената на Стамателос, која се викаше Ирина, и неговата сестра Катарина, легнаа на смртна постела, и во исто време пристигна вест дека на едниот крај од островот се појавила чума. Стамателос се исплаши многу, бидејќи се сети на оние закани што Пресветата ѝ ги изрече на Пелагија, и веднаш појде да го моли владиката да продолжат со копањето. И самиот епископ имаше таква мисла, и веднаш издаде наредба да се продолжи со работа. Наскоро беше откопан стариот храм и еден пресушен извор крај него. На Стамателос му се брзаше да се отпочне со ѕидањето на храмот, затоа што Пресвета Богородица веднаш на чудесен начин ја исцели неговата жена, и тој веруваше дека само така ќе престане заразата на островот. За ѕидањето на храмот неговата исцелена жена го даде целиот свој мираз што го имаше, во вредност од десет илјади талири. На први јануари 1823 година, епископот заедно со народот дојде да изврши осветување на темелите на новиот храм, кој беше основан врз темелите на стариот. Но, по промисла Божја, сите беа заборавиле да донесат вода за водоосветувањето. Кога видоа дека нема вода, неколкумина потрчаа кон градот, а едно дете дотрча до владиката, и му рече:

- Вода не е потребна, зашто оној порано пресушен извор сега е полн со вода.

Така се изврши осветувањето и овој извор и до денес постои покрај храмот на Мајката Божја на Тинос, и од него Божјиот народ зема света вода и ја носи во своите домови.

Градбата на храмот продолжи, и за еден месец тој беше завршен. Во текот на градбата беа пронајдени и други остатоци од стариот храм и негови садови, но не и светата икона. На празникот „Свети Три Светители“, на 30-ти јануари околу пладне, еден работник од селото Фалатада по име Мануел Мацас, викан Спанос, копајќи помеѓу изворот и притворот на црквата наиде на една штичка. Разгледувајќи ја, тој заклучи дека тоа е дел од некоја икона. Продолжи да копа и наскоро најде и втор дел од таа икона, која сигурно при ова копање била разбиена. Бргу ја измија на изворот и врз неа ги здогледаа ликовите на Пресвета Богородица и на Светиот Архангел Гаврил, зашто тоа беше икона на Светото Благовештение. Радоста на целиот народ беше неопишлива. Таа се зголеми уште повеќе кога стигна веста дека заразата на островот престанала, што беше прв знак и прво чудо на оваа чудотворна Икона на Мајката Божја, потоа наречена Великоблагодатна. Таткото на едно дете кое беше заразено со оваа страшна болест, веднаш зеде малку од земјата која беше на Иконата, го помаза детето со неа, и утредента тоа беше потполно здраво. Така постапија и многу други болни, и веднаш оздравеа.

Откако целиот народ ја целиваше пронајдената Икона, епископот ја зеде, ја состави, добро ја залепи со восок и ја постави во новоизградениот храм на Пресветата Богомајка за сенародно молење и поклонение. Три дена по нејзиното пронаоѓање, на празникот Сретение, беше отслужена првата света Литургија во новиот храм. По светата литургија беше извршена литија на светата и чудотворна Икона по целиот град, со учество на целиот народ и клирот. Ова пронаоѓање на чудотворната икона кај православните христијани ја зголеми надежта за потполно ослободување од многувековното турско ропство кое веќе беше отпочнало.

Чудотворната Благовештенска икона на нашата Пресвета Владичица Богородица од тогаш почива во нејзиниот велелепен храм, наречен Евангелистрија, непрекинато чинејќи им многубројни чуда на сите кои со вера ѝ пристапуваат. Посебно многу чудесни исцеленија се случуваат пред оваа света Икона секоја година на празникот „Успение на Мајката Божја“ и на „Благовештение“. Тогаш на островот Тинос се собираат безброј многу верници од цела Грција, кои со големи бродови доаѓаат да се помолат на светата Великоблагодатна Икона на Мајката Божја. Многубројните чудеса што ги чини Пресвета Богородица преку оваа своја икона се запишани во посебни книги, кои се чуваат во храмот „Евангелистрија“ ва Тинос.

Оваа света Икона беше украдена од еден среброљубец, на 15 декември во 1824 година. Но, набрзо тој беше откриен и казнет од сенародниот гнев, а чудотворната Икона свечено беше вратена во светиот храм на Богомајката, каде што почива и денес.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ ПЕЛАГИЈА, ТЕОДОСИЈА И ДУЛА

Овие три свети жени пострадаа за Господа Христа. По затворањето во темница и поднесените маки, Пелагија и Теодосија заедно беа посечени со меч. А света Дула која што беше слугинка, пострада сама и го заврши својот живот во градот Никомидија. Трите бели ружи, полиени со крвта маченичка, Бог ги пресади во небесната градина Своја.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СЕНУФИЈ ЗНАМЕНОСЕЦОТ