8. Април  (26. Март)

 

СОБОР НА СВЕТИОТ АРХАНГЕЛ ГАВРИЛ

Уште од дамнина, од Ерусалимските типици и устави на големите обители на свети Сава Осветениот, Црквата примила првиот ден по Благовештението на Пресвета Дева Богородица да се празнува собор на светиот Архангел Гаврил, благовесникот на радоста. Потребно е на достоен начин да му се оддаде почит на оној, кој ѝ послужи на тајната на нашето спасение, донесувајќи Ѝ на Пресветата Дева вест за воплотувањето на Бога Словото, во пречистата утроба нејзина. Како што од сите граѓани на еден град му се укажува голема почит на пратеникот на земниот цар, кој му носи некоја милостива царска вест на градот, дотолку повеќе со посебен празник треба да му се оддаде почит на пратеникот на небесниот Цар, на прекрасниот ангелски кнез, кој на целиот човечки род му ја донесе семилостивата вест за вечното спасение. Колку е знаменит овој пратеник, за своето достоинство самиот му укажал на свети Захариј, говорејќи: „Јас сум Гаврил кој стои пред Бога...“ (Лк. 19), односно стојам поблиску до престолот Божји од останатите ангели. И како што во земното царство најблискиот достоинственик на царот има поголем углед од останатите, така и во Небесното Царство: светите ангели кои стојат во близина на Бога и одблиску ги посматраат Божјите таинства, блескаат со поголема слава и углед од останатите ангели, кои што се во пониските чинови.

Светото Писмо вели дека постојат седум ангели на највисокиот чин, врховни кнезови ангелски, кои постојано стојат најблиску до Бога и до непристапната слава Божја. Во книгата на светиот Товит пишува дека сопатникот на младиот Товија објавува дека тој е еден од седуммината ангели кои што стојат пред Бога (Тов. 12, 15). И свети Јован Богослов во своето „Откровение“ спомнува седум врховни ангели, говорејќи: „Благодат вам и мир од Оној, Кој е, и Кој бил, и Кој иде, и од седумте духови кои се пред Неговиот престол“ (Откр. 1, 4). Значи, од тие седум ангели еден е свети Гаврил, според бројот втор по ред, зашто свети Михаил е прв. А пак по имиња, тие вака се набројуваат: Михаил, Гаврил, Рафаил, Урил, Селатил, Јегудил и Варахил.

Некој може да запраша: Зошто Бог не го испрати кај Пресветата Дева првиот по број, ангелот Михаил, туку вториот, Гаврил? Треба да знаеме: сите седум врховни ангели по достоинство се едкакви меѓу себе, и само по набројувањето започнуваат со Михаил, и секој од нив има своја посебна служба: Михаил е победник на противниците; Гаврил е весник на тајните Божји; Рафаил е лекар на човечките слабости; Урил е просветител на помрачените, зашто тој е сјајот на божествениот оган; Селатил е молитвеник, зашто тој постојано Му се моли на Бога за луѓето и ги поттикнува луѓето на молитва; Јегудил е славител на Бога, зашто тој, што и да прават луѓето ги утврдува во слава Божја и измолува награда за нив; Варахил е давател на Божјиот благослов и наш посредник на Божјите доброчинства.

Значи, Михаил не бил испратен за благовеста оти тоа не е негова служба; неговата служба е: да држи меч, да удира на непријателите, и да ги прогонува. Беше испратен Гаврил, зашто неговата служба е да ги јавува тајните Божји, како што на светиот пророк Даниил му го објави ослободувањето на Божјите луѓе од Вавилон и времето на доаѓањето на Месијата, и на светиот Захариј - раѓањето на светиот Претеча од мајка неротка. А се вели дека тој и светиот пророк Мојсеј го упатувал во пустината при пишувањето на Книгите на постанокот. Постои и побожно мислење дека тој им благовестувал на светите праведници Јоаким и Ана за зачнувањето на Пресвета Богородица, и дека на Пречистата Дева од зачнувањето до раѓањето Ѝ бил ангел хранител, и дека Ѝ носел храна во Светињата над светињите. Тој Ѝ ја донесе и благата вест за зачнувањето на Синот Божји. Гаврил бил испратен и за да може да се препознае благовештението според неговото име. Зашто името Гаврил значи крепост Божја или Бог и човек. И со самото свое име Благовесникот потврдува дека крепкиот Бог Господ во утробата на Дева ќе стане совршен човек, односно совршениот Бог ќе стане совршен човек. И тоа совршен, целосен човек, не во телесна смисла туку во смисла на крепоста и разумот. Зашто останатите деца, зачнувајќи се во мајчината утроба немаат ниту разум ниту крепост. А, зачнувајќи се во утробата на Пресветата Дева, детето од самото свое зачнување беше совршен човек со неискажан разум и со непобедлива крепост. Зашто пророкот рече: „И легнав со пророчицата, и таа зачна и роди син. И ми рече Господ; дај му име: брз на плен и итар на грабеж; зашто пред да се научи детето да изговара: тате, мамо, - богатството на Дамаск и пленот Самарјански ќе бидат однесени од асирскиот цар“ (Ис. 8, 3-4), односно дете, кое сѐ уште не проговорило, а веќе има голема сила и снага да ги победува своите непријатели. А тоа е она што со своето име го пресликувал Гаврил: Бог - човек, силниот Бог, Кој се зачнал со неговото благовештение, и со слегувањето на Светиот Дух во нетлената утроба на Дева.

За тоа свети Прокл, патријархот цариградски, вели вака: Чудесно е самото име на ангелот кој Ѝ благовестувал на Дева Марија, зашто се вика Гаврил. Благовестувал, и со своето име го пресликувал Оној Кој требало да дојде на свет. Зашто Гаврил значи Бог и човек. Овој весник Божји е многу знаменит и по своето име и по својата служба. А најзнаменит е по тоа што тајната отсекогаш сокриена и на ангелите непозната, Бог првин нему му ја откри, и тој Ѝ ја донесе на Дева. И колку што е тајната на вочовечувањето на Бога поголема од другите тајни, преку него откриени на светите пророци порано, толку нему угледот му станал поголем меѓу останатите ангели од моментот на Благовештението, зашто го почитувале како најприсен набљудувач на најнепознатите тајни Божји.  

Свети Дионисиј Ареопагит за овие седум врховни ангели вели дека тие постојано неотстапно стојат пред Бога како најблиски, додека сите останати се испраќаат на разни служби. Зашто свети апостол Павле вели: „Нели тие сите се службени духови, определени да им служат на оние, кои ќе го наследат спасението?“ (Евр. 1, 14). И која тајна Божја е поголема од недоумивото, несфатливото, и неискажаното воплотување Христово? Затоа, поради таквата голема тајна требало да се испрати голем Ангел, најблизок набљудувач на тајните Божји - светиот Гаврил, кој неотстапно стои пред престолот Божји.

Светите отци мислат дека на свети Гаврил му принадлежи првиот и највисок чин на небесните Сили, односно чинот серафимски, оти серафимите стојат најблиску до Бога. Наречен е Архангел затоа што на светата Дева Ѝ ја донесе радосната вест на Благовештението и ја израдува неа, а преку неа и секое створение не само во овој, туку и во небесниот свет. Тоа свети Дамаскин го опева вака:

- Небесните створенија со љубов се веселеа, а земните со трепет се ужасуваа кога пречистиот глас дојде до тебе, Богородице; зашто едно славење на двете им заблеска, кога на Тебе Бестелесниот радоста ти ја донесе.

Свети Дионисиј Аеропагит сведочи:

- Сите ангелски чинови имаат свои посебни места, одредени од Бога. Едни се поблиску, други подалеку, додека серафимскиот чин му е најблизок на Бога. Зашто пророк Исаија говори: „Го видов Господа како седи на престолот висок и издигнат, а полите на одеждата негова го исполнија целиот храм. Околу Него стоеја серафими; секој од нив имаше по шест крилја“ (Ис. 6, 1.2). А бидејќи свети Гаврил е еден од седумте ангели кои стојат најблиску до Бога, тоа значи дека серафимскиот чин е втор меѓу серафимите.

А и свети Андреј Критски вели дека тој е еден од врховните ангели, говорејќи:

-Бог му наредува на еден од врховните ангели да ја изврши тајната благовест. Ако е од врховните, тогаш е од седумте духови што секогаш стојат пред Бога. Ако е од седумте духови, тогаш е од серафимите. А кој од ангелите е најврховен меѓу серафимите? И кој од серсафимите е поблизок до престолот Божји? Значи свети Гаврил е серафим, и тоа посебен, исклучителен.

Дека тој е серафим, се гледа и од следното: За извршувањето на великото дело Божјо било потребно да се испрати голем Ангел. А бидејќи овоплотувањето на Словото е дело Божјо, поголемо од сите дела Божји, за неговото објавување беше испратен свети Гаврил, поголемиот од другите ангели. Како што кај Ева дојде врховниот прелестувач на темнината, така и кај Пречистата Дева со благовеста дојде врховниот кнез на небесната светлина, зашто доликува серафим да биде испратен кај Марија, која горела со пламена серафимска љубов кон Бога.

Тој врховен кнез меѓу ангелите, тој најблизок серафим до Бога, вселенскиот Архангел, кој го благовестуваше спасението на целиот свет, ние побожно го почитуваме, со љубов и радост неговиот празник го празнуваме, оддавајќи му благодарност за неговото толку големо добротворство за човечкиот род, што го чинел од почетокот, го чини и сега, молејќи се постојано за нас на овоплотениот Бог. По молитвите на светиот Архангел Гаврил нека ни бидат простени гревовите на сите. Амин.

Треба да се одбележи дека од седумте овде споменати врховни ангели во Светото Писмо се среќаваат имињата само на четири од нив. Така во книгата на Даниил пишува дека свети Михаил им помага на Евреите, кои во тоа време уште благочестиво Му се поклонуваат на Бога. Во посланието на свети апостол Јуда се зборува дека кога спорел со ѓаволот за телото на Мојсеј, светиот Архангел му рекол: „Господ да ти забрани“? Јован Богослов во своето „Откровение“ пишува дека свети Михаил војува со змејот (односно ѓаволот). Од книгата на Даниил знаеме дека свети Гаврил му ги откривал на пророкот најсокриените Божји тајни за иднината. Во Евангелието на свети Лука се вели дека Гаврил му благовестувал на Захариј за зачнувањето на Господниот Претеча, а на Пречистата Дева за воплотувањето на Бога Словото. Архангел Рафаил се спомнува во книгата на Товит, каде се вели дека тој го заштитувал младиот Товија од неочекувана несреќа по патот, го прогонил бесот од девицата Сара и му го вратил видот на Товит. Во третата книга на Ездра се зборува за ангелот Урил, кој му предлага на Ездра да ја измери „тежината на огнот“.

За останатите три ангели, макар и да не се спомнати по име во Светото Писмо, според некои богомудри толкувачи се смета дека Салатил е Ангелот кој ѝ се јавил на Агара во пустината кога таа се молела со длабока тага. Тој ѝ рекол : „Бог го чу гласот на момчето“ и твојата смирена молитва. Името Јегудил му е дадено на ангелот кој што Господ ветил да го испрати кај Израилците во пустината, за да ги одведе во ветенета земја, како награда за оние што ги пазат Божјите заповеди за слава на Господа. Варахил бил еден од трите ангели, кои му се јавиле на Аврам под дабот Мамре, ја благословиле Сара да се ослободи од бездетноста и да го добие синот Исак и го покажале праобразот на Светата Троица: Отец и Син и Свет Дух“.

Седумте свети врховни ангели, од кои Михаил е прв, а Гаврил втор, согласно со благочестивото толкување на Црквата, уште во древноста биле изобразувани на икони, и во нивна чест биле градени храмови. За тоа црковната историја го раскажува следното:

Нечестивиот император Диоклецијан, жесток гонител на христијанството, заповедал да донесат многу христијани за изградбата на камените терми во Рим, за да работат таму под надзор на строги и безмилосни чувари, коишто ги измачувале и угнетувале светите луѓе. Можело да се види како по неколку илјади свети маченици работат, облевајќи се во пот и крв. Мнозина од нив загинале таму од меч и од друга маченичка смрт за Христа. На таков начин и со така тежок труд било изградено огромно и прекрасно здание, како царска палата. Изминале многу години, елинското бесчестие изгинало заедно со своите цареви и со заземањето на престолот на христијанските цареви христијанството торжествувало по целата вселена. Тогаш верниците од Рим, гледајќи ги прекрасните терми на Диоклецијан, се сетиле дека се изградени од рацете на христијани, па го очистиле зданието од скверноста на јазичниците и го претвориле во христијански храм, посветен на седумте главни небесни духови, архангели и архистратизи на ангелските сили: Михаил, Гаврил, Рафаил, Урил, Салатил, Јегудил и Варахил.

По примерот на Рим, и во други градови, како што се Неапол, Кампанија и Палермо во Сицилија, биле изградени камени цркви во чест на седумте врховни ангели. Лицата им биле изобразувани на икони и на мозаици по ѕидовите на црквите, секој од нив со своите карактерни црти, што таинствено го одразувале нивното невидливо служење. Архангел Михаил  бил претставен како со ногата го гази луцифер со зелена финикова гранка во левата рака, со копје во десната, коешто завршува со бела хоругва украсена со црвен крст.

Архангел Гаврил бил изобразен со фенер во десната рака, во којшто горела запалена свеќа, а во левата со огледало во зелен јаспис, по кој имало црвени точки.

Архангел Рафаил се претставува со лесно подигната лева рака во која држи сад со лекарски средства, а со десната го води младиот Товиј кој носи риба, уловена во реката Тигар.

Урил бил насликан како пред своите гради држи изваден меч, а во левата спуштена долу, огнен пламен.

Архангел Салатил бил изобразен со наведната глава и спуштен поглед, и со раце притиснати кон градите, како кај човек, што се моли со умиление.

На иконите Јегудил со десната рака држи златен венец, а со левата бич од три црни јажиња.

Архангел Варахил е насликан со бели рози на градите.

 

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИРИНЕЈ,

епископот Сремски

За време на лутото гонење на христијаните од безбожничките римски цареви Максимијан и Диоклецијан, христијаните со најразлични подвизи со радост страдаа за Христа за да се здобијат со вечна награда. Во тоа време во Срем епископ беше Иринеј, млад по години, но совршен во вселенската вера и во законот. За љубовта Христова тој поднесе многу гонења, и се удостои да добие венец на победата за исповедањето на Христа. Фатен од војниците, тој беше изведен пред кнезот Проб. Кнезот му рече:

- Принеси им жртви на боговите за да ги исполниш царските заповеди.

Свети Иринеј му одговори:

- Кој им принесува жртви на лажните богови, а не на единствениот Бог, ќе биде уништен од свои луѓе.

На тоа кнезот рече:

- Семилостивите цареви им наредија на сите: ако не им принесат жртви на идолите, ќе бидат подложени на маки.

Светиот одговори:

- Мене ми е наредено со радост да примам најтешки маки, отколку да се одречам од вистинскиот Бог, и да им принесам жртви на демоните.

Кнезот рече:

- Или принеси им жртви на боговите, или без двоумење ќе наредам да те мачат.

Светиот му возврати:

- Ќе ме израдуваш ако ми го приредиш тоа, зашто ќе станам учесник во страдањата на мојот Господ.

Тогаш кнезот им нареди на војниците веднаш да започнат да го мачат светителот. Додека го мачеа, тој го праша:

- Што велиш, Иринеј, ќе им принесеш ли жртви на идолите?

Светиот одговори:

- Јас со своето добро вероисповедување му принесувам жртва на мојот Бог на Кого Му принесував насекаде.

Тогаш дојдоа родителите и роднините на светителот. Кога видоа како немилосрдно го мачат, тие паднаа пред неговите нозе и го молеа да ја поштеди својата младост и да им се покори на царските наредби. Од едната страна кукаа таткото и мајката, а од другата сите ближни, и едногласно му говореа:

- Иринеј, смилувај се на својата младост!

А светителот, имајќи ја пред очи заповедта Божја, им одговараше на сите:

- Еве ги зборовите на мојот Исус Христос: „Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред мојот Отец небесен (Мт. 10, 33). Затоа, мои сакани, знајте дека ниту вашите ласкања, ниту царските закани, ниту ништо на светот не може да ме одврати од мојот Бог и од законот Негов. Јас со целата своја мисла итам кон горниот повик.

Тогаш Проб повторно му рече на блажениот Иринеј:

- Попушти пред солзите на тие што плачат за тебе и остави го своето безумие, па принеси им жртви на боговите, и поштеди ја својата младост.

Светителот му одговори:

- Ќе се поштедам себе за навек, ако не принесам жртва.

Тогаш кнезот нареди да го одведат во темница, додека не смисли што ќе прави со него.

Од долгото седење во темницата и од тешките окови, свети Иринеј се разболе. Еднаш, на полноќ, кнезот Проб нареди да го доведат пред него блажениот Иринеј, па му рече:

- Доста ти се маките на кои долго си изложен. Ајде принеси им жртви на боговите наши.

Свети Иринеј му одговори:

- Прави со мене што сакаш, зашто јас нема да отстапам од мојата вера во името Христово и таков ќе останам до крај.

Разјарен, кнезот нареди долго да го тепаат со мотки. А тој, среде маките велеше:

- Го имам Бога, Кого научив да Го почитувам уште од мал; Нему Му се поклонувам, Нему Му принесувам жртви, а на ракотворни богови не можам да се клањам.

На тоа Проб му рече:

- Биди задоволен со маките што ги поднесе и немој да сакаш да умреш.

Светителот му рече:

- Нема да умрам, зашто маките твои не ги чувствувам, и се надевам дека со нивна помош ќе добијам вечен живот од мојот Господ Христос.

Проб го праша:

- Имаш ли жена?

Светителот одговори:

- Немам.

Повторно праша Проб:

- Имаш ли синови и ќерки?

Светиот одговори:

- Немам.

Тогаш Проб го праша:

- А кои беа тие што на претходното судење плачеа и кукаа за тебе?

Свети Иринеј одговори:

- Ја исполнив заповедта на мојот Господ Исус Христос, Кој вели: „Кој нема да се откаже од родителите свои, од сѐ што има, не може да биде Мој ученик. Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; (Лк. 14, 26; Мт. 10, 37).

На тоа Проб рече:

- Слушам дека имаш синови. Тогаш барем од љубов спрема нив принеси им жртви на боговите, за да не го изгубат татковското име во тебе.

Свети Иринеј одговори:

- Бог е Отец на синовите мои, како и на мене; и Нему Му се поклонувам. Он може да ги спаси и нив и мене. Нему Му ги поверуваме нашите души, за да не пропаднеме. А ти прави го тоа што ти е наредено од твоите цареви.

Проб рече:

- Еве, веднаш ќе ти изречам смртна пресуда ако не им принесеш жртви ва боговите.

Свети Иринеј одговори:

- Тоа и го сакам. Со таа смртна пресуда ти ќе ме испратиш во вечната радост.

Тогаш Проб изрече смртна пресуда над свети Иринеј, говорејќи:

- Наредувам, Иринеј, кој не им се покорува на царските наредби, да биде фрлен во реката.

На тоа свети Иринеј рече:

- Од тебе очекував разни маки, за да видиш како христијаните навикнале да ја презираат смртта заради верата во Бога. Но, бидејќи не ме стави на ниту една од таквите маки, се радувам што барем оваа смртна пресуда ја изрече против мене.

Ваквата смелост на блажениот маж го разгневи кизот, и тој нареди најпрвин со меч да му ја отсечат главата, па потоа телото негово да го фрлат во реката.

Кога ја слушна наредбата, светителот како да доби втор венец на победата, рече:

- Ти благодарам Господи Исусе, што си ми дал непобедливо трпение во исповедањето на светото име Твое, за да се удостојам да станам учесник во вечната слава Твоја.

Додека така зборуваше, го доведоа на мостот подигнат во чест на нивната погана богиња Артемида, од кој требаше да биде фрлен. Таму, светителот ја соблече својата облека, ги крена очите кон небото, и топло се молеше, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, Ти си благоволил да страдаш за спасението на светот. Нека се отворат небесата да го примат духот на верниот Твој слуга Иринеј, кој заради Твоето свето име беше одведен од православната сремска црква и изведен на смрт. Не се одрекувам од смртта, само те молам, Господи, да ги сочуваш луѓето на Срем од сите опасности и зла, и да ги утврдиш во светата вера Твоја! 

Кога заврши со молитвата му беше отсечена главата со меч, и беше фрлен во реката Сава.

Слугата Божји свети Иринеј епископ Сремски, пострада чесно на 26 март во 304-та година, во времето на кнезувањето на кнезот Проб во Панонија, додека меѓу нас царува нашиот Господ Исус Христос, Кому слава низ сите векови, амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАЛХ МОНАХОТ

Во својата младост преподобен Малх беше земјоделец во селото Марона, оддалечено триесет стадии од Антиохија Сириска. Бидејќи беше единец, како свој наследник родителите сакаа да го оженат. Го тераа да се ожени, а тој им говореше:

- Сакам да бидам монах, а не мирјанин.

Но, таткото со закани, а мајката со ласкање, беа упорни тој да се ожени. Тогаш Малх тајно побегна од дома и отиде во едно пусто место меѓу Има и Вирија каде наиде на манастир со богоугодни монаси. Им се предаде да го учат, и живееше со нив обучувајќи се во монашките подвизи.

По многу години одлучи да се врати во својот роден крај за да ја утеши својата мајка, бидејќи беше слушнал дека неговиот татко се упокоил. Беше намислил да го продаде својот имот. Сакаше дел да раздаде на сиромасите, а дел да задржи за себе, но кога игуменот дозна за неговата намера, започна да вика по него, велејќи му дека тоа е ѓаволско искушение, и додаде:

- Тоа е она што го вели Светото Писмо: „Песот се враќа на својата блувотина“ (2 Петр. 2, 22). На тој начин биле прелестени многу монаси, зашто ѓаволот никогаш со никого не војува откриено.

И му наведуваше на Малх многу примери од книгите, а најпрвин примерот на Адам и Ева кои ѓаволот ги наведе на грев, ветувајќи им дека ќе станат „како богови“, и така ги лиши од рајот. Игуменот не успеа да го разубеди, па падна пред неговите нозе и го молеше да не ги напушта, да не се убива самиот себе, да не се свртува назад кога веќе ја ставил раката на плугот.

Но, Малх не го послуша игуменот, туку излезе од манастирот. Игуменот го испрати со солзи, како мртовец. При разделбата му ги рече овие зборови:

- Чедо, гледам дека си под сатански знак; повеќе не прашувам за твоето заминување; твоите изговори не ги примам; овцата којашто ќе излезе од стадото веднаш ја јадат волците.

И така се разделија. Малх си замина по својот пат. Недалеку од пустината се наоѓаше главниот друм кој водеше од Вирија за Едес. На тој друм сарацените често ги напаѓале патниците. Затоа тие се собирале во поголеми групи, за да не смеат да ги нападнат. И Малх се приклучи на една таква група од седумдесет патници, меѓу кои имаше и неколку жени. Додека одеа по друмот, ненадејно од сите страни ги опколија сарацени, ги фатија, и сите до еден ги одведоа во ропство.

Тогаш Малх сфати дека одлуката за заминување од манастирот била ѓаволска прелест. Се каеше што не го послуша својот игумен. При поделбата на пленот, Малх му припадна на еден Етиопјанин заедно со една жена. Етиопјанинот ги качи двајцата на една камила и нареди камилата брзо да трча. За да не паднат, Малх цврсто се фати за жената и таа за него, и така го минаа патот. За време на патувањето се хранеа со недоварено месо и млеко од камила. По долго патување низ пустината, сарацените преминаа една голема река и стигнаа во својот крај. Етиопјанинот ги одведе кај својата жена, и по обичај им нареди да и се поклонат на неговата жена и на децата. Малх и робинката им се поклонија. Потоа господарката го задолжи тој да ги извршува најтешките работи.

И робуваше Малх поради својата непослушност спрема својот духовен отец. Го промени и својот монашки изглед, зашто одеше речиси гол според обичајот на таа земја и поради големата горештина.

Потоа му беше наредено да чува овци во пустината. Во таа работа едниствената радост му беше тоа што ретко ја гледаше својата господарка и робовите. Сам со овците, тој често помислуваше на свети Јаков и Мојсеј, кои некогаш паселе стада по пустините. Се хранеше со сирење и млеко. Се молеше усрдно, пеејќи псалми што ги беше научил во манастирот. И тоа му беше радост во ропството. Му благодареше на Господа што сега во пустината го најде монашкото житие што го имаше во манастирот, но самиот го упропасти.

Неискажливи се ѓаволските замки на секое место, зашто Малх и таму беше пронајден од напаѓачот. Гледајќи дека како роб Малх верно му служи и стоката му се множи, Етиопјанинот размислуваше како да го награди. Затоа реши да го ожени со робинката што ја доведе со него, но Малх не сакаше, изјавувајќи дека тој е христијанин и дека не му доликува да земе жена која има жив маж, одведен како роб кај друг господар. Тоа го разлути Етиопјанинот и тој побара меч за да го убие. И, ако Малх не отрчаше кај онаа жена, господарот би го убил на тоа место.

А кога падна ноќта, монахот ја одведе жената во својата пештера. Што се случило помеѓу нив таму самиот Малх раскажа подоцна, велејќи:

- Тоа за мене беше мака а не радост, тага а не утеха, зашто и на двајцата ни беше одвратно тоа и не смеевме да си кажеме ништо еден на друг. Дури тогаш јас вистински го запознав своето ропство и паднав на земјата плачејќи над монаштвото свое, што така неочекувано го губам. До тука ли ме доведоа моите гревови, па сега да ја изгубам девственоста и да ѝ станам маж на туѓа жена? Каква корист од тоа што во младоста заради Бога ја напуштиви куќата, и родителите, и женидбата, ако сега го направам тоа што на почетокот го презрев? Зар го трпам ова поради тоа што живеејќи некаде во манастирот посакав да го видам својот роден крај? Што да правиме душо моја? Ќе загинеме или ќе победиме? Ќе ја причекаме Божјата помош, или сами себе ќе се убиеме? Крени го против себе својот меч, о душо! Треба повеќе да се плашиш од својата смрт, отколку од смртта на телото. И целомудрената девственост има свое мачеништво. Ќе бидам маченик кој непогребан лежи во оваа пустина! Самиот на себе ќе си бидам и мачител и маченик!

Откако го реков тоа, станав, го зедов својот меч, го вперив во своите гради, и ѝ реков на жената:

- Жено, подобро имај ме како мртов маченик, отколку како жив маж!

А таа падна пред моите нозе, говорејќи:

- Те заколнувам во нашиот Господ Исус Христос, и те молам не пролевај ја крвта своја за душата моја! Ако сакаш да се убиеш себе, првин сврти го мечот и убиј ме мене. Јас одлучив да ја сочувам чистотата до смртниот час, па макар да ми се врати мојот маж. Претпочитам да умрам, отколку да ја изгубам својата чистота. Имај ме како целомудрена сопруга, и така нашите господари ќе мислат дека сме маж и жена, а Христос нека знае дека ти си мој духовен брат.

Јас бев восхитен од целомудреноста на оваа жена, и си дадовме збор да живееме во целомудрие. Јас никогаш не погледнав во нејзиното тело, ниту пак ја допрев со рака, плашејќи се да не ја погубам својата девственост.

Преподобниот Малх живееше во таквиот духовен брак со таа целомудрена жена, и нивните господари беа многу љубезни со нив, и не помислуваа дека тие ќе побегнат. Се случувало Малх по цел месец да остане со овците во пустината, без да се врати во домот на својот господар.

Многу време помина преподобниот Малх во ропството. Еднаш, додека седеше сам во пустината и се сеќаваше на својот поранешен престој во манастирот со монасите, се сети на својот игумен кој го поучи во Светото Писмо и монашкиот живот. Размислувајќи за неговите совети, пред себе здогледа мравки кои се движеа низ една дупка. Виде како некои од нив носат товар поголем од нив. Други внесуваа во земјата зрнца, трети изнесуваа низ дупката земја и правеа некаков штит од дождот; некои подготвуваа зимници, други ги пресекуваа зрнцата со устите за да не рʼтат од влагата, па да израснат во трева; а многу од нив ги изнесуваа своите мртви. И што е најдостоинствено за восхит, при својата таква зафатеност и забрзаност, никој не пречеше никому, ниту некој газеше некого, туку сите, штом ќе здогледаа дека некој носи голем товар, притрчуваа и му помагаа. Набљудувајќи го тоа, Малх се сети на Соломоновите зборови: „Оди кај мравката, мрзливецу, види ја нејзината работа и биди мудар“ (Изр. 6, 6-8), и му падна во очи сличноста меѓу мравјалникот и манастирот, каде сите заеднички работат, и никој нема ништо свое, туку сѐ е заедничко. Тогаш започна да тагува за својот манастир, сакајќи повторно да живее во својата ќелија.

Кога се врати во колибата неговата божемна жена го праша зошто е тажен, и тој ѝ ги раскажа своите размислувања. Таа го посоветува да побегне, да ја поведе и неа, и да ја предаде во некој женски манастир. Долго се советуваа околу тоа, и започнаа да се подготвуваат за бегство. Малх ги закла двата јарци од стадото, од нивната кожа направи два мева и исуши месо за по пат. Една ноќ, заедно со својата сестра ги зеде торбите и месото, и бргу тргнаа. Кога стигнаа до големата река, ги надуја кожените мевови, добро ги заврзаа, седнаа врз нив и ја преминаа реката. А месото што го беа понеле за по пат им падна во водата, и им остана сосем малку. На третиот ден од своето патување здогледаа двајца сарацени на две камили како трчаат по нив, и сфатија дека ги брка нивниот господар. По Божја промисла здогледаа една пештера и се сокрија во неа. Додека ги бараа околу пештерата, од неа излезе една лавица, го фати етиопјанинот, и мртов го одвлече во своето легло. Тоа го гледаа Малх и жената, и се радуваа што се ослободија од едниот непријател, а другиот стоеше пред влезот. Кога влезе да го побара својот пријател, лавицата го дофати и него и го одвлече во своето легло.

Кога ја виде ваквата чудесна и неочекувана помош Божја, Малх му заблагодари на Бога, а лавицата, носејќи ги во забите своите малечки, излезе од пештерата. Тогаш тие останаа внатре и долго молчеа. Кога видоа дека лавицата не се враќа, излегоа, се качија на камилите, за десет дена ја поминаа пустината и стигнаа до ромејските полкови. На трибунот му раскажаа сѐ за себе, и тој ги испрати кај месопотамскиот војвода Савин. Војводата ги купи камилите од нив, им обезбеди сѐ за патот, и ги отпушти.

Тогаш преподобен Малх ја одведе жената во еден женски манастир, и се врати во својата обител. Неговиот духовен отец веќе се беше преселил кај Господа. Тој им раскажа на браќата сѐ што му се случи. Продолжи да живее во манастирот, и постојано ги советуваше браќата никогаш да не се оглушуваат на советите на својот игумен, ниту пак да излегуваат од манастирот. Останатото време од својот живот го живееше богоугодно, и се пресели кај Господа, оставајќи зад себе пример на целомудреност. Нека знаат потомците дека чистотата не ја победува ни меч, ни пустина, ни ѕверови. Оној што ќе се повери себе си на Христа може да умре со телото, но духот никој не може да му го победи, зашто го крепи самиот Господ Христос, Кому слава низ сите векови, амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВАСИЛИЈ НОВИ

Во десеттата година од царувањето на благочестивите цареви Лав Мудриот и Александар, синови на царот Василиј Македонецот, некои дворјани по царска наредба се враќаа од Азија во Цариград. Кога минуваа покрај една непроодна пуста планина, здогледаа еден човек во искината облека со необичен и страшен изглед, како да израснал во пустината. Тие го фатија, го врзаа, и го поведоа со себе во Цариград. Царот го предаде на испитување кај патрицијот Самон, агарјарин по род, за да дознае кој е. Самон го одведе Божјиот човек во својот дом. Кога седна со своите советници, тој нареди да го изведат блажениот пред него. Кога застана пред него, тој не му го оддаде должното почитување, Тогаш Самон го праша:

- Кажи ни, кој си и од каде си?

На тоа светиот му одговори:

- А ти, кој си и од каде си?

Самон му врати:

- Ние тебе те прашавме, кој си? А јас кој сум, ќе ти кажам: Јас сум Самон, патрициј и старешина на царските коморници. Сега раскажи ни кој си ти, и од каде си.

Блажениот му одговори:

- Јас сум туѓинец, еден од живите на земјата.

На тоа Самон му рече:

-Добро велат за тебе дека си шпион кој дошол да го шпионира византиското царство.

На тоа преподобниот не одговори ништо. Кога видоа дека не сака да каже кој е, веднаш донесоа најразлични орудија за мачење за да го исплашат, но блажениот молчеше.

Тогаш Самон нареди да го растегнат и да го тепаат со воловски жили, прашувајќи го: кој си? Жестоко тепан, светителот молчеше и трпеше. Мислејќи дека ќе издивне, го фрлија во темница.

Утредента нескротливиот ѕвер Самон седна на судскиот стол и нареди повторно да му го доведат затвореникот. Пратениците ја најдоа вратата на темницата заклучена, а блажениот стоеше пред неа сосема здрав. Тие се чудеа и го прашуваа како излегол, но, тој молчеше и тргна со нив. Кога му раскажаа на Самон што видоа, некои започнаа да зборуваат дека е магепсник кој прави чуда.  

Со многу закани, патрицијот долго се обидуваше да дознае кој е. Кога не доби одговор, долго го тепаа со мотки, а тој јуначки трпеше и молчеше. Потоа нареди секој ден да му удираат по триста бичови и по триста стапови. А тој ги трпеше маките, таејќи ја својат доблест: од младоста беше монах, се повлече во пустината и многу години скиташе по неа, водејќи суров живот. Се хранеше со зелје, одеше бос и искинат, и не сакаше да зборува за своето доблесно житие, според зборовите Господови: „Кога правиш добро, да не знае твојата лева рака што прави десната“ (Матеј 6, 3). Оној што ги објавува своите добри дела како награда ја добива пофалбата од луѓето, и ќе биде лишен од вечната слава. Кој пак сака вечна награда, ја сокрива од луѓето својата доблест и ако го тепаат молчи. Навистина таквиот човек е маченик.

Секојдневно тепан во текот на целата седмица, светителот поднесе многу маки. Кога Самон дозна дека маченикот останал непоколеблив, повторно го изведе на суд и гневно му рече:

- Нечеснику, до кога ќе таиш лукавство во срцето свое? Кажи ни кој си?

Блажениот му одговори:

- Овој што тајно прави содомски дела како ти, навистина треба да се именува како најнечист.

Вака изобличен, Самон се посрами од присутните, и многу бесен, нареди да го врзат преподобниот и да го обесат со главата надолу. Тоа го сторија во ќелијата. Самон лично ја запечати вратата, и го остави преподобниот да виси, сѐ додека не каже кој е, и од каде е. Тогаш сите присутни негодуваа и го нарекуваа проклетник, бидејќи става невин човек на такви маки.

Така обесен, светителот висеше три дена и три ноќи. На четвртиот ден дојде мачителот, го виде со светло лице, и го праша:

- Кој си?

Откако не доби одговор, нареди да го одврзат. Светителот беше здрав и исцелен со благодатта Божја, без ниту една рана. Присутните се восхитуваа на тоа, а Самон рече:

- Зарем не сме во право кога велиме дека овој човек е магепсник? Еве, неговото тело е наполно здраво, но ние веднаш ќе ја уништиме неговата сила. Повикајте го хранителот на ѕверовите.

Кога дојде, Самон му рече:

- За утре подготви го најлутиот лав. Нека биде гладен, па ќе видиме дали овој магепсник ќе го победи и лавот.

Утредента на гледалиштето се насобра многу народ. Во арената беше пуштен лав, кој силно рикаше од глад. Тогаш го доведоа светителот и го фрлија кај лавот за да го растргне. Но, кога го виде преподобниот, лавот затрепери, легна покрај него како кротко јагне, и сите се восхитија и повикаа:

- Господи помилуј!

А преподобниот го милуваше, па го фати за увото, го изведе надвор, и им довикна на присутните:

- Еве го вашето јагне!

Но, ниту ваквото чудо не можеше да го вразуми Самона и тој нареди таа ноќ светителот да го удават во морето. Слугите го фрлија во морето, и се вратија. Но, по заповед Божја, два делфини го зедоа преподобниот на своите плеќи, и го оставија на брегот на седмото цариградско предградие, наречено Евдом. На светителот одненадеж му се одврзаа и рацете и нозете, и тој се упати кон градот. Златната капија сѐ уште не беше отворена, па тој седна пред неа да се одмори. Во тоа време дојде еден човек кој страдаше од страшна треска, и треперејќи седна близу до светителот. Преподобниот се смилува, ја стави раката врз него, се помоли, и веднаш го исцели. Кога се виде здрав, човекот падна пред преподобниот, и го молеше да појде со него во неговата куќа. Исцелениот се викаше Јован и беше обичен граѓанин. Преподобниот со радост појде со него. Јован заедно со својата сопруга го дочека многу љубезно. Кога ѝ раскажа на жена си како преподобниот го исцели призивајќи го името Христово, таа многу се израдува што се удостои да прими таков гостин во својот дом, зашто и таа беше христољубива и гостољубива, и живееше во страв Божји. Се викаше Елена.

Потоа Јован и Елена започнаа да го молат светителот да им каже кој е. Тој им одговори:

- Сега не е потребно да се зборува од каде сум. Тоа ќе го дознаете подоцна. Сега сакам да појдам во манастирот на неракотворната икона на Пресвета Богородица, заради молитва.

Отиде заедно со Јован, и по молитвата пак се врати кај него. На нивното упорно настојување, преподобниот рече:

- Јас сум оној, кого патрицијот Самон вчеравечер го фрли во морето, но мојот Господ Исус Христос на Кого од младоста Му служам, ме сочува неповреден.

И, им рече дека се вика Василиј, и им раскажа сѐ по ред што му стори царскиот патрициј. Тие беа слушнале порано дека Самон го измачува, дека лавот не му стори ништо, и го молеа да остане со нив засекогаш. Светителот се израдува на тоа, и тие му изградија храм, каде тој му ги принесуваше своите вообичаени молитви на Бога. Кој би бил во состојба да ги опише солзите што тој како потоци ги пролеваше молејќи се на Бога? Кој ќе ги изброи неговите метании? Кој ќе ги искаже неговите сеноќни бденија, зашто без сон ги минуваше ноќите. Кој ќе ја изрази неговата добрина? Како неподвижен столб, тој никогаш не се разгневи. Беше кроток како Мојсеј и Давид, тивок како Јаков, помилостив од Авраам. Авраам правеше милостиња од своето огромно богатство, а тој од сиромаштвото свое поднесувано заради Бога, многу добра им правеше на ништожните. Тоа што му го даваа христољубивите луѓе, веднаш го раздаваше на несреќните. Кај него започнаа да доаѓаат луѓе заради духовна корист и исцеление. Преподобниот ги исцелуваше со благодатта Христова, и неговото житие и име станаа славни во престолнината. Му доаѓаа и знаменити граѓани и велможи.

Свети Василиј имаше и дар на проѕорливост, и ги провидуваше тајните дела на секого. Не само ги изобличуваше грешниците, а многумина побуди на покајание. Ги предвидуваше и идните дела и случувања, и претскажуваше пророчки, како што ќе видиме понатаму.

Кога умре царот Лав, а по една година и неговиот брат Александар, на престолот остана синот на Лав, Константин Порфиророден, со својата мајка Зоја. Константин сѐ уште беше дете и за намесници му беа поставени патријархот Цариградски Николај и Јован Гарида. Ним им беше поверена управата на царството до полнолетството на младиот цар. Во тоа време варварите ја опустошија земјата околу Цариград. Не се најде никој да собере војска и да им се спротивстави. Жителите на Цариград се жалеа на управата на патријархот Николај, и тогаш тој го повика источниот војвода Константин Дука, да дојде во Цариград, за да царува со младиот цар и да се бори против иноплемениците. Константин Дука навистина беше многу храбар човек и непобедлив војсководец, та и самиот не ја сокриваше таа благодат од Бога, и зборуваше:

- Еднаш во младоста, додека спиев, пред мене застана една пресветла жена облечена во царски порфир, со огнен коњ покрај неа, и огнено оружје на коњот, и ме убедуваше да се вооружам и да седнам на огнениот коњ, а јас се плашев. Кога го сторив тоа, таа ми рече: „Нека се плашат од тебе непријателите Божји, и хулителите на Синот мој нека се топат како восок од лицето твое!“ Го рече тоа и си отиде.

Тој го одби барањето на патријархот и изјави дека е неспособен и неподобен за толку висока власт. Откако повторно го повикаа, тој им напиша вака:

„Мене не ми доликува да бидам рамен на помазаникот Господен - царот, иако тој е малолетен, и да Му согрешам на мојот Бог. Се плашам тоа да не е некоја измама и лукавство од ваша страна“.

Кога добија ваков одговор од него, патријархот и велможите му се обратија и по трет пат, со своја писмена заклетва во дрвото ва чесниот и животворен Крст Господов, дека од душа го повикуваат да му биде соцар на младиот цар. Тогаш тој им поверува и тргна кон Цариград. Стигна рано наутро во престолнината, и многу свечено беше дочекан од велможите и граѓаните. Тогаш се појави неповолен знак со претскажување дека ќе биде убиен: додека сонцето силно грееше, на земјата падна малку крвав дожд.

Кога видоа како народот свечено го дочека Константин Дука, патријархот Николај и неговите советници ја променија својата одлука, ги затворија дворските капии пред него, и не му дозволија да влезе. Тогаш Дука ги распосла своите шатори на хиподромот. Секојдневно кај него доаѓаа велможи и граѓани да му изразат почит, и го нарекуваа цар. Некои од велможите што го познаваа свети Василиј, го прашуваа:

- Каков ќе биде крајот на ова дело? Светителот со солзи им велеше дека нема да поминат ни три месеци, а Константин Дука и неговите приврзаници ќе загинат.

Двајца родени браќа, синови на еден велможа, дојдоа кај свети Василиј и го прашаа дали да појдат кај новонаречениот цар, и да му се придружат. Светителот со солзи им одговори:

- Деца, не одете таму! Ако појдете, едниот од вас ќе биде убиен со меч, а на другиот ќе му бидат отсечени ушите и носот и цел живот ќе им биде за потсмев на другите.

Но, тие не го послушаа и му се приклучија на новонаречениот цар.

По два месеци, Константин Дука виде дека е измамен, и имајќи зад себе многу војска и народ, можеше да им се освети. Но, тој како побожен и богобојазлив човек, не сакаше по крвав пат да дојде до царскиот престол. Надевајќи се во Бога, и сѐ уште верувајќи во заклетвата на патријархот, тој одлучи мирно да влезе во палатата, само мораше да ја разбие бакарната капија. Тој им велеше на своите:

- Ќе биде добро ако нѐ примат мирно: а ако нѐ убијат, ќе одговараат пред Бога за нас, зашто нѐ прелагаа.

Тој ги заколна сите да не посегнуваат по мечот, за да не се пролее ниту една капка христијанска крв.

Силум ја отворија бакарната капија и мирно се движеа кон царската палата. Тогаш, по наредба на патријархот и неговите советници, стрелците ги нападнаа и многумина ранија. И Дука беше тешко ранет во градите и падна на земјата. Потоа, многубројните дворски војници јурнаа кон оние што чекореа мирно и без отпор, и започнаа да ги сечат како гранки. Го убија Константин Дука со неговиот син, и многу други. Оние што започнаа да бегаат ги фатија и ги казнија на разни начини: едни искасапија, други обесија, на трети им ги отсекоа носевите и ушите... Тој ден заедно со Константин Дука загинаа три илјади невини души. Тогаш и оние двајца браќа, првите царски мечоносци што доаѓаа кај свети Василиј, пострадаа според пророштвото на преподобниот. На едниот од нив му беше отсечена главата, а на другиот носот и ушите. Потоа војниците им ги отсекоа главите на убиениот Константин и неговиот син, и им ги однесоа на патријархот Николај и неговите советници. Патријархот ги награди убијците на Константин, и нареди да ја стават неговата глава на врвот на едно копје и да ја шетаат низ градот за потсмев, а телата на убиените да ги фрлат во морето.

Такво неправедно крвопролевање беше извршено во Цариград, кој се оскверни со крвта на невините луѓе, која како крвта на Авел викаше од земјата кон Бога против своите убијци. Така, не од мечот на иноплемениците, туку од мечот на едноверните браќа падна силниот војвода Дука, наречен цар, угоден на Бога и мил на народот. Загина од подлоста на клетвопрестапниците и несовесните зли луѓе. Но, неговата праведна душа се насели во прегратките на праведниот Авраам, заедно со останатите души кои пострадаа со него. Сите се удостоија на милоста Божја. Тоа стана јасно од следното чудо: над телата на обесените секоја ноќ се симнуваа ѕвезди и силно блескаа сѐ до изгрејсонце. Тоа беше сигурен знак дека пострадале невино, и дека нивните души се населиле во светлоста на Светиите.

Го раскажавме тоа како доказ на пророчкиот дух на преподобен Василиј, оти како што претскажа тој, така и се случи. Има и други слични негови пророштва, што ќе ги спомнеме.

За соцар на младиот цар Константин Порфиророден беше одреден патрицијот Роман. Кога стана полнолетен, патрицијот му ја даде за жена својата ќерка Елена. Роман имаше и друг зет по име Саронит, патрициј. Горд на својата слава и богатство, Саронит сакаше да го убие царот Константин, и да дојде до престолот. Во близина на Саронитовиот двор се наоѓаше домот на оној христољубец Јован, кај кого живееше преподобниот Василиј. Преподобниот ја прозре злата намера на Саронит, и си велеше во себе: „Види го оној бедник, какво зло подготвува во своето срце! Ќе одам да го изобличам за да се откаже од тоа безумие“.

Еден ден, кога Саронит излезе од својот дом качен на коњ и многу гордо јаваше кон царската палата, светителот му го попречи патот и започна да вика:

- Зошто твоето срце смислува зло против Христовото наследство? За тебе нема удел во царскиот престол! Престани, не труди се залудно, за да не се разгневи Господ, па да го изгубиш и звањето патрициј!

Разбеснет, Саронит јурна кон светителот, го изудира по главата, го изнарани, го искара, и си го продолжи патот. Блажениот Василиј трпеливо го поднесе тоа, утредента повторно го пресретна Саронита, и го изобличуваше како вчера. Тогаш Саронит им нареди на своите слуги да го фатат и да го затворат во неговиот дом, сѐ додека тој не се врати од царската палата. Кога се врати, му рече:

- Кажи ми зол старецу, кој ѓавол те натера вака дрско да ме пресретнуваш, и пред сите онакви работи да ми рекнеш? Зарем не знаеш дека сум царски зет, и дека имам огромно богатство? Имам безброј робови, и имоти, и села, и стада. Моето сребро и злато не можат да се избројат. Со тоа ми се даде и голема слава и чест од Бога, и од царевите. А ти, најбедниот старец, и најсиромав просјак, како се дрзнуваш да ме изобличуваш и навредуваш пред целиот народ? Кажи ми, пред да те погубам.

Светителот му одговори:

- Зарем ти мислиш дека се тајна твоите зли мисли и лукавството што го криеш во своето срце? Господ ми откри дека сакаш да го заземеш престолот. Остави ја таа лоша желба и не мисли му зло на помазаникот Господов. Јас ти тврдам, дека, ако не се откажеш од својата зла намера, Господ ќе се разгневи на тебе и бргу ќе го избрише твојот спомен од земјата.

Тогаш безумниот Саронит се измени во лицето и нареди да го тепаат светителот со бодликава жица, сѐ додека не го истераат од него, како што се изрази тој, лажниот дух на пророкување. Го тепаа светителот како нечувствително дрво, и не се слушаше ништо освен одекнувањето на ударите. Потоа го затворија страдалникот, и утредента пак безмилосно беше биен со воловски жили, па повторно затворен.

На третиот ден, откако се наруча и опи, Саронит нареди да го тепаат светителот со мотки. Додека го тепаа, покрај капијата минуваше благочестивата Елена. Штом го виде тој призор, таа се стрча и падна врз светителот, говорејќи:

- Тепајте ме мене грешничката, а ова мое светило, мојот духовен отец и пастир, оставете го! Мене убијте ме, а него пуштете го!

Тогаш ѕвероподобниот Саронит повика бесно кон слугите:

- Тепајте ја и неа. Јас мислам дека е негова љубовница!

Ја тепаа, сѐ додека мислеа оти е жива, па бедникот нареди да ја извлечат за нозете, како мртов пес. На преподобниот му ги врзаа интимните делови со каиши, па го обесија, и го удираа петстотини пати со воловски жили. Светителот јуначки го трпеше тоа, зашто Бог го крепеше. Потоа го одврзаа и повторно го затворија.

Таа ноќ, на Саронит во сон му беше претскажана неговата смрт. Неговиот сон беше ваков: виде многу висок и разгранет даб, на чијшто врв имаше гнездо на гавран, кој со своите крилја ги покриваше своите малечки. Потоа виде двајца мажи, кои со секири дојдоа до дабот и сакаа да го отсечат. Едниот рече: „Овој гавран многу грака, и не му дава на царот да спие мирно“. Другиот одговори: „Тој и на Божјиот миленик Василиј, многу зла му стори“. И започнаа да го сечат дрвото. Кога дабот падна на земјата, притрчаа луѓе облечени во ветва облека, и започнаа да ги фрлаат во оган гранките од дрвото. Саронит го виде преподобниот Василиј покрај дрвото, како вели: „Секое дрво што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган“ (Матеј 7, 19). Потоа му се обрати на Саронит и му рече: „Нели ти реков да се откажеш од својата зла намера, за да не ја изгубиш и таа висока положба што сега ја имаш!“

Штом се разбуди, бедниот Саронит почувствува дека е тешко болен. Започна да размислува за сонот, се преплаши, и веднаш испрати да го ослободат светителот. Преподобниот се врати во својот стан, а Јован многу се израдува, но кога ги виде неговите лути рани, горко заплака. Сите што го сакаа преподобниот отец се радуваа на неговото ослободување, и доаѓаа да го посетат. А блажената Елена набргу се упокои од раните што ѝ ги зададоа. Бедниот Саронит повеќе не стана од постелата, и по неколку дена умре. Се исполни неговиот сон и пророштвото на свети Василиј.

Не помина многу време, а благочестивиот Јован отиде кај Господа. Свети Василиј остана сам во неговиот дом. Секојдневно му носеа многу болни, и тој ги исцелуваше со својата молитва.

Еден побожен и богољубив граѓанин по име Константин, наречен Варвар, со многу молби и солзи го измоли преподобниот Василиј да прејде кај него и да живее во неговата куќа. Му приготви посебна ќелија, и како што некогаш Сунамка на светиот пророк Елисеј, така и овој човек му ја уреди собата на угодникот Божји Василиј. Од своите домашни му ја повери чесната и добродетелна старица Теодора, за да му служи. Како вдовица, Теодора долги години живеела целомудрено и богоугодно. Нејзината одаја беше близу одајата на преподобниот, и таа му служеше сесрдно како ангел Божји. Кога ќе дојдеше некој да го види светителот и да разговара со него, таа го известуваше блажениот, и тој доаѓаше во нејзината одаја, и тука ги примаше и отпушташе посетителите. Така, тој секојдневно ги примаше и поучуваше посетителите, ги исцелуваше болните, ги тешеше неволните и несреќните, и им раздаваше сѐ што му носеа другите. Навечер одеше во својата ќелија да ги твори своите вообичаени молитви кон Бога.

Името на преподобниот Василиј беше славно и почитувано во Цариград не само од мирјаните, туку и од духовните лица. Го посетуваа многу монаси, свештеници и епископи, и од него добиваа духовна корист и помош. Големците и кнезовите со молби го повикуваа светителот да ги посети нивните болни, и да се помоли за нив. Каде и да појдеше, тој ги исцелуваше болните ставајќи ја својата рака врз нив, и молејќи се. Со збор ги истеруваше ѓаволите, и ги поправаше лошите навики кај луѓето. Со благи зборови сите ги упатуваше кон добродетелите, но понекогаш ги изобличуваше грешниците. Сето тоа му го откриваше и јавуваше севидливиот Бог.

Еднаш беше повикан во царската палата. Тој насамо го изобличи царот Роман поради неговото среброљубие и блуд, а царот кротко го прими укорот и вети дека ќе се поправи. Ја изобличи и главната патрицијка Анастасија за нејзините тајни гревови, ја приведе кон покајание и, предвидувајќи ја нејзината смрт, ѝ соопшти за тоа. На царицата Елена, сопругата на царот Константин Порфиророден,  ѝ прорече дека нејпрвин ќе роди ќерка, а потоа син кој ќе стане цар. Така и се случи. Царицата му понуди многу злато, но тој не сакаше ни да го допре. Тогаш таа го заколна во името на Пресвета Троица да земе колку што сака. Светителот фати со прстите три златника, и ѝ ги даде на старицата Теодора, која стоеше таму. Некои од дворјаните му рекоа на светителот:

- Оче, дај ѝ повеќе на таа старица.

Светителот им одговори:

- Деца, нам не ни се потребни многу трње, зашто навистина ни ги бодат рацете.

Царицата рече:

- Чесен оче, навистина со целото свое срце си го засакал Христос, и си станал туѓ за овој суетен свет. Спомни нѐ во богопријатните молитви свои.

И го отпушти со мир.

Во тоа време со преподобен Василиј се запозна мирјанинот Григориј. Тој стана негов ученик и очевидец на многу негови чудеса, а потоа и писател на неговото житие. Кога Григориј првпат дојде кај светителот, тој го повика по име, иако никогаш го немаше видено. Блажениот старец имаше голем дар на проѕорливост, И ги гледаше не само делата, туку и помислите на човечките срца. На Григориј му кажуваше сѐ што тој ќе помислеше во своето срце.

На една лажлива монахиња, која го минувала животот во нечистотија и магии, ѝ ја претскажа пропаста, и ја изобличи.

Еден презвитер го посети светителот и на подарок му донесе јаболка. Додека јадеа, презвитерот си размислуваше колку пари потрошил за јаболката.

Светителот му рече:

- Што мислиш, брате, колку пари си потрошил за ова овошје? Не мачи се, јас ќе ти кажам. Си дал десет бакарни пари за јаболката.

Кога го слушна тоа, презвитерот се стаписа, беше восхитен од проѕорливоста на старецот, и го благословуваше Бога.

Еден познаник на светителот кој продаваше вино западна во сиромаштија. Тој дојде кај преподобниот и го молеше да го посети неговиот дом, и со молитви да го благослови и домот и подрумот.

Светителот појде, и винопродавачот го дочека долично, и многу неволни повика на ручек. Потоа го одведе во подрумот за да му ги благослови бурињата со вино. Додека благословуваше, старецот застана пред едно големо буре и рече:

- Брате, јас ги благословив сите буриња, но ова морам да го разбијам.

Винопродавачот започна да го моли:

- Немој оче, немој да го разбиваш, туку благослови го. Работата не ми оди добро, и јас многу им должам на поверителите, па се плашам целосно да не пропаднам.

Светителот му одговори:

- Сето тоа ми е познато, но ова буре ќе го разбијам, за да те спасам од поголема опасност. Јас затоа и дојдов овде.

Потоа зеде еден чук, и започна да удира по бурето. Кога истече виното, присутните негодуваа против старецот, а тој зеде еден стап, и од дното на бурето извади огромна подуена и смрдлива змија. Потоа им рече на присутните:

- Деца, зошто во своите срца ме карате како да сум сторил нешто лошо? Знаете ли колку луѓе ќе се отруеја од ова вино, и во каква опасност ќе паднеше овој човек?

Светителот ја фрли змијата на земјата, а винопродавачот и присутните го молеа да им прости. Оттогаш, по молитвите на преподобниот Василиј, домот на винопродавачот богато се благослови со секое изобилие.

Една жена по име Теодотија, дојде кај преподобниот со своето четиригодишно дете на раце, и го молеше да се помоли на Бога, зашто децата ѝ умирале во третата или четвртата година. Додека таа зборуваше, детето почна да плаче и да бара леб. Преподобниот старец откина парче леб, му го даде, и со насмевка праша:

- Како се вика? Тврдам дека името му е Лав.

Потоа ѝ рече на мајката:

- Поради твојата голема љубов кон Пресвета Богородица, Бог ти го дарува ова дете здраво. Тоа ќе порасне, ќе изучи, и ќе стане монах и клирик. Ќе ти донесе многу радости, зашто ќе биде добар, мудар, честит и славен, и Господ ќе го чува. А останатите деца што ќе ги родиш ќе умрат исто како и првите. Таа му се поклони на светителот и си отиде. Подоцна сѐ се случи онака како што прорече светителот.

Еден познаник на светителот дојде кај него и побара благослов, оти требало да патува на Исток по некоја работа. Преподобниот внимателно го погледна во лицето, провиде што ќе му се случи по патот и рече:

- Реката Хелидон е опасна, но ќе се скроти заради грешниот Василиј.

Овие зборови на светителот никој не ги разбра. Човекот појде, и кога стигна до реката што не ја познаваше, го натера коњот да тргне, но го зафати водата и го носеше по средината на реката кон морето. Преплашен од смртната опасност во која што се најде, човекот повика:

- Господи, по молитвите на преподобниот Василиј, помогни ми мене грешниот!

И, само што го изговори тоа, тој го здогледа свети Василиј како оди по реката, го фати коњот за узадата, го извади на другиот брег, и стана невидлив. Човекот му благодареше на Бога и на Неговиот угодник Василиј, и кога стигна во блиското село каде што преноќеваше, дозна дека реката се вика Хелидон, односно ластовичка. Била брза како ластовица, и многумина, кои не знаеле како да ја преминат ги однела во морето, и ги удавила. Тогаш овој човек се сети на зборовите на преподобниот, кога му даваше благослов за пат: „Хелидон ќе се скроти заради Василиј“, и велеше:

- Ти благодарам Господи! Ти благодарам! Те молам уште за една работа, Господи. Удостој ме повторно да го видам Твојот угодник и да ја целивам неговата чесна седост!

Кога се врати од пат, тој отиде кај преподобниот, му падна пред нозете, му благодареше, и му раскажа како Бог, по неговите свети молитви, изврши чудо над него по милоста Своја.

Гореспоменатиот Григориј му беше многу мил на свети Василиј, затоа што беше добродетелно момче: живееше во девственост, целомудрие и подвижништво како монасите, и тоа меѓу мирјаните во својот дом, на имотот што го наследи од родителите. Тој често го посетуваше преподобниот, ги слушаше неговите медни поуки, и се удостои да се нарече негов ученик. Григориј негуваше особена љубов кон светиот првомаченик Стефан, и често одеше во неговиот храм и го украсуваше. Тој имаше имот и во Тракија, во близина на градот Рандист. Имаше намера за време на жетвата да појде таму, и затоа најпрво дојде кај својот преподобен учител за благослов. Потоа отиде во црквата на светиот Првомаченик и долго се молеше на колена пред неговата света икона. На крајот рече:

- Ете, ми претстои далечен пат по суво и по море. Свети првомаченику Стефане, по патот сочувај ме од секое зло. Како што јас според своите можности ти служев во твојот свет храм, така и ти, по благодатта што ти е дадена од Бога, биди ми покровител во секоја неволја.

Откако така се помоли, Григориј отпатува. По патот преноќеваше во една гостилница. Во гостилницата најде еден појас вреден околу два златника. Го беше изгубила ќерката на гостилничарот. Додека домашните го бараа и ги распрашуваа гостите, Григориј, наведен од ѓаволот го премолчи појасот, велејќи си во себе: „Оние: што го изгубиле појасот се богати, а јас ќе го продадам и парите ќе ги раздадам на неволните за нивно спасение“. Но, кога го продолжи својот пат, тој го изгуби сопствениот појас, кој исто така вредел два златника, заедно со ќесето во кое имаше четири златника, и уште многу други пари и работи, потребни за по пат. Затоа беше многу потиштен. Но, му се јави свети Василиј во сон, му покажа едно скршено грне, и му рече:

- Го гледаш ли овој разбиен и непотребен сад?

Григориј одговори:

- Го гледам, господине мој.

Светителот одговори:

- Ако некој го украде овој сад, од него четворно ќе се одземе, било во овој или во оној свет. Ако го украде богат, четворно ќе се одземе од неговото богатство; ако го украде сиромав, четворни маки ќе поднесе.

На тоа, Григориј рече:

- Оче, јас никогаш ништо не украдов.

Светителот му одговори:

- Велиш дека ништо не си украл, а го премолчи појасот што го најде во гостилницата.

Григориј рече:

- Оче, јас не го украдов туку го најдов.

На тоа светителот одговори:

- Чедо, знај дека како крадец ќе биде осуден оној што ќе најде нешто туѓо, а нема да го пријави и врати, кога го бара оној што го изгубил. И ти требало да го вратиш тоа што си го нашол, Но, бидејќи го задржа туѓото, ти го изгуби своето. Ќе ти се одземе повеќе од четворно од она што го сокри. Внимавај да не ти се случи нешто полошо.

Григориј се сепна од сонот, и многу се исплаши што светителот му претскажа нешто полошо. Тргна тажен, и кога стигна на својот имот и ја собираше летнината, го снајде поголемо искушение. Неговиот наемник Александар се ожени со една млада девојка на име Мелетина, која беше лоша, расипана, и толку сладострастна, што за кратко време имала нечисти врски со многу луѓе од околината. Згора на тоа беше и бајачка, и никој не смееше уста да отвори против неа. Штом ќе слушнеше дека некој зборува лошо за неа, веднаш со магии му нафрлаше болест. Така, таа и својот маж кој по заслуга ја тепал поради нејзиниот развратен живот, со магии го фрли во таква болест, што од изнемоштеност не можеше ни мува да избрка од себе. Многу пати го тепаше со стап и каиш, и го исфрлаше надвор. Тој не можеше да ѝ се спротивстави, зашто болеста целосно го беше исцрпила. Се зборуваше и дека нејзината мајка со помош на магии ги задржувала птиците во летот, го запирала текот на реките, и многу други зла правела. На таквата зла гранка уште полоша фиданка беше нејзината опака ќерка, која правеше полоши работи, оддавајќи се на безмерно прељубодејство. Штом некој ќе кажел нешто лошо за неа, веднаш легнувал болен во постела два до три месеци. А кога некој ќе се осмелел да ја удри, за два три дена умирал. Кога виде дека Григориј е млад и убав, таа магесничка се занесе од неговата убавина и сакаше да го наведе на блуд. Затоа бесрамно го следеше, и секој ден со ѓаволски дејства во душата му фрлаше нечисти мисли за неа.

Во душата на Григориј настана голема вознемиреност; го обзеде возбуда и бура од страсти; младата блудница заводливо го мамеше на грев. И, ако по молитвите на светиот првомаченик Стефан и преподобниот Василиј не му помогнеше Господ, тој набрзо ќе паднеше во грев, и душата ќе му појдеше во адот. Тој и дење и ноќе се бореше со блудните помисли, и многу пати сакаше да ја избрка таа бесрамница, но се плашеше од магиите од кои многумина настрадаа. Тогаш се сети на пророчките зборови на Василиј: „Причувај се, да не ти се случи нешто полошо“. А, што може да му се случи на целомудрен девствен човек? Затоа, убеден дека е подобро илјада пати да умре отколку да ја изгуби својата девственост што ја чуваше заради љубовта Христова, тој се осмели, и со стап ја избрка бесрамницата, викајќи:

- Ќерко Велзевулова, ако се осмелиш да ми дојдеш уште еднаш, ќе го искинам на парчиња тоа твое нечисто тело!

И оттогаш го оставија и блудницата, и блудните помисли.

За да му се освети на Григориј, оваа магесница му нафрли лоша болест, од која тој ќе умреше ако не му се јавеа свети Стефан и преподобниот Василиј да го исцелат. За тоа Григориј пишува:

„По неколку дена јас отидов во храмот на светиот великомаченик Георгиј, кој се наоѓа среде лозјето. Беше недела. По богослужбата легнав покрај храмот да се одморам. Во сонот видов како врз мене паѓа црн и смрдлив облак, и еден глас ми рече: „Прими го тоа што ти го подготвува Мелетина“. Тој облак беше многу тежок и студен, и влезе во мене. Кога се разбудив, почувствував дека сум тешко болен. Ми стана јасно дека тоа е од прељубницата, затоа што не се согласив со нејзините желби. Со голема мака дојдов до својата постела и легнав. Од ден во ден мојата болест се влошуваше, и бев на умирање. Во мене гореше страшен оган, и сите делови од телото ми гореа како суви гранки. Мојата болест беше таква што човечкиот ум не може да ја сфати. Јас не можев да ја поднесам, и затоа станував и трчав, се фрлав во ладовина во дрвјата, и оттаму трчав кон реката за да се разладам. Многу пати помислував да се удавам поради неподносливите болки. Од маки постојано викав:

- О маки! - О неволји! Ако пеколниот оган е таков, тогаш на човекот му е подобро да не се роди!

Јас не ги распознавав луѓето, ниту пак можев да разговарам со нив. Една ноќ ми изгледаше подолга од четириесет години. Преморен од болеста, мене ми се чинеше дека се наоѓам во длабока провалија, чија источна и западна страна беа многу високи. Кога стоев на западната страна, јас се лизнав и почнав да паѓам во бездна. Преплашен, се сетив на светиот првомаченик Стефан, заплакав и реков:

- Свети Првомаченику, зарем така ги услиша моите молитви што ти ги изнесов во твојот храм пред да тргнам? Еве, паѓам во бездна, и повеќе нема да ме видиш зашто сум пред вратите на смртта.

Тогаш погледнав кон источната страна на провалијата, и таму видов друг свет, неизразлив за јазикот, Го здогледав свети Стефан во пурпурниот стихар како доаѓа и со љубов ми вели:

- Што ти е? Зошто се мачиш? Не жали се од мене зашто не бев овде. Ги посетував моите храмови по светот како и останатите светители. А сега, еве, стигнав. О, безбожни магесници! Како проклетниците можат да наштетат по допуштање Божјо.

Јас го прашав:

- Какви се овие високи бочни страни на провалијата, и каква е оваа бездна што се гледа?

Светителот одговори:

- Тоа се страните на смртта, а бездната е самата смрт, која со голем напор ја минуваат оние што умираат, додека не преминат на источната страна. Таму е патеката што води во другиот свет.

На тоа, јас му реков:

- Господине мој, јас веќе умирам?

Тој ми одговори:

- А што друго очекуваш кога веќе си овде?

Јас воздивнав од дното на срцето и лелекајќи реков:

- Не сега! Не сега! Господине мој, јас не сум подготвен за смртта!

Тогаш светителот ме фати за рака, ме извади од бездната, ме одведе на источната страна од провалијата, и ми рече:

- Ете, сега си изведен од адот на смртта.

И веднаш се најдовме во еден чудесен двор. Но, бидејќи мене ми се чинеше дека така тешко болен нема да можам да одам, светиот Првомаченик, дишејќи со некаква божествена сладост, ме зеде мене ништовниот на своите рамења, велејќи ми:

- Држи се со двете раце, и јас ќе те носам.

Додека така го минувавме оној двор, јас видов големи камени садови бели како снег, полни и запечатени. И го прашав светителот:

- Чиј е овој двор и овие садови, и што има во нив?

Светиот ми одговори:

- Тоа му припаѓа на преподобниот Василиј, кој те зеде за свој син. Во садовите има духовен елеј што му е даден од Бога. Тој со него ги помазува грешниците кои доаѓаат кај него, ги чисти од нечистотијата и ги прави деца Божји.

Јас повторно прашав:

- Каде одиме сега, господине мој?

А тој ми одговори:

- Одиме кај преподобниот Василиј.

Додека го зборувавме тоа, отец Василиј ни доаѓаше во пресрет од една прекрасна палата. Светиот Првомаченик му рече:

- Така ли го остави своето возљубено чедо Григориј, кога му беше најтешко, оче Василиј? Ако, јас не му притекнев на помош, тој ќе умреше.

Преподобниот одговори:

- О, блажен, те видов тебе со него, и затоа не дојдов. Но, сега, ако сака Бог, ќе му укажеме совршена милост.

И тргнаа двајцата светители заедно, и јас со нив. Така дојдовме до едно многу мрачно место, во кое здогледавме огромна и страшна змија. Преподобен Василиј рече:

- Оваа змија за малку не го отру моето чедо Григориј.

И зеде еден голем камен, ја удри змијата и ја уби. Тогаш се најдовме во Цариград и одевме во црквата на светиот Првомаченик. Слушнавме како внатре момчиња прекрасно му пеат на Господа. Светиот Првомаченик ми рече:

- Ете, со благодатта Христова сега си здрав; затоа влези во црквата, и отпеј Му благодарна песна на Господа Бога, Кој се смилува на тебе.

Јас им се поклонив на своите заштитници, свети Стефан и преподобен Василиј, и влегов во црквата пеејќи: „Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се плашам? Господ е крепост на мојот живот, од кога да стравувам?“ (Пс. 26, 1). А кога ме здогледаа оние прекрасни момчиња, многу се израдуваа и ми рекоа:

- Дојди, мил наш, да се веселиме заедно!

При тие зборови видението престана. А јас, доаѓајќи си на себе, се восхитував, и се почуствував здрав. Потоа слатко заспав, и кога се разбудив започнав да одам, и за кратко време сосема оздравев. Кога се вратив во Цариград, на сите им раскажав што ме снајде, и како по молитвите на свети Стефан и свети Василиј бев избавен од смртта.

Гореспоменатата блажена Теодора, која многу му послужи на преподобниот Василиј откако прими монашки чин, се претстави кај Господа (види под 30 декември). Сите беа тажни поради нејзиното заминување, зашто таа им беше посредничка кај светителот. Кротка и милостива, христољубива и целомудрена, и полна со духовно знаење, таа со љубов ги дочекуваше сите посетители и со кротки зборови ги тешеше. Григориј посака да дознае каде се наоѓа преподобна Теодора по претставувањето, каков дел ѝ е доделен во оној свет, и дали се удостоила на некаква милост и радост од Бога за своето усрдно служење на старецот. Размисливајќи за тоа, тој често го молеше преподобен Василиј да му каже што се случило со душата на преподобна Теодора, бидејќи цврсто веруваше дека тоа нему му е познато. По многу молби, старецот се помоли на Господа за него, да му открие сѐ за блажена Теодора. Таа ноќ, додека спиеше, во сонот Григориј ја виде блажена Теодора во светла обител подготвена од Бога за преподобниот Василиј. Обителта блескала со небесна слава и била преполна со неискажани богатства. Преподобна Теодора била населена во неа по молитвите на угодникот Божји, зашто многу години усрдно и трудољубиво му служеше во овој свет. Кога ја виде блажена Теодора, Григориј се израдува и се утеши од нејзината долга беседа како на јаве. Тој ја праша како се разделила од телото, како ги преживеала смртните маки, што видела на смртниот час, и како ги поминала духовите во воздухот. Таа започна да му раскажува вака:

- Чедо Григориј, ме прашуваш за страшни работи; ужасно е човек и да се сети на нив, оти видов лица кои никогаш не сум ги видела, и слушнав зборови што никогаш не сум ги слушнала. И што да кажам? Поради моите дела се соочив со опасности и стравотии на какви што не се надевав. Но, со молитвите и помошта на нашиот заеднички отец Василиј, сѐ стана лесно. Чедо, како да ти ги изразам телесните страдања, стравотии и маки, што го снаоѓаат оној што умира? Како што, кога некој гол би скокнал во силен оган, па гори, се топи, и во пепел се претвора, така смртните маки и горкиот час на разделувањето го рушат човекот. Навистина, смртта е страшна за грешниците како што сум јас, оти и јас грешев, и за праведни дела не знам.

Кога се приближи крајот на мојот живот, и дојде моментот на разделба од телото, јас видов како околу мојот одар стојат мноштво ѓаволи. Лицата им беа црни како јаглен и катран. Очите им беа како жар, а погледот страшен како огнениот пекол. Започнаа да креваат врева и да создаваат ужасна атмосфера: едни рикаа како ѕверови, други лаеја како кучиња, трети завиваа како волци, четврти гровтаа како свињи... Сите бесно гледаа во мене. Ми се закануваа чкртајќи со забите, желни веднаш да ме проголтаат. Подготвуваа хартии како да очекуваа доаѓање на некој судија, и отвараа книги во кои беа опишани сите мои зли дела. Тогаш мојата бедна душа беше во голем страв и трепет. И како да ми беа малку смртните маки, та грозниот призор со страшните и опаки ѓаволи ми беше како втора престрашна смрт. Го свртував погледот настрана за да не ги гледам нивните страшни лица, ниту да го слушам нивниот страшен глас, но не можев да ги одбегнам, зашто безброј од нив се дереа и викаа насекаде, а немаше никој да ми помогне. Во таквата неволја, потполно изнемоштена, видов како ми доаѓаат два светлоносни ангели Божји, во облик на прекрасни момчиња, неискажливо убави. Имаа многу светли лица, очите им беа полни со љубов, косата им беше бела како снег со златесто преливање. Облеката им беше како молња, златните појаси им беа крстолико опашани преку градите. Се приближија до мојот одар, застанаа од мојата десна страна, и тивко си разговараа меѓу себе. Кога ги видов, срцето ми се зарадува и весело гледав во нив. А црните ѓаволи, штом ги здогледаа, затреперија и отстапија подалеку. Едното светлоносно момче со јарост им рече:

- О, бесрамни, проклети, мрачни, и злобни непријатели на човечкиот род! Зошто секогаш вие први дотрчувате кај оние што умираат. Се надевате дека ќе ја придобиете секоја душа што се разделува од телото, викате, ја плашите и ја смутувате! Но, не радувајте се многу. Овде нема да најдете ништо. Со ова душа е Божјото милосрдие и вие немате удел тука.

Штом ангелот го рече тоа, демоните започнаа силно да викаат и да ги изнесуваат моите зли дела сторени уште од младоста, па говореа:

- Немаме ништо во неа, така ли? А овие гревови чии се? Зарем таа не ги изврши тие и тие гревови?

Така викајќи, тие ја очекуваа смртта. И, дојде смртта рикајќи како лав, многу страшна на изглед, некако личеше на човек, но немаше месо по телото, туку целата беше составена од голи човечки коски. Носеше најразлични орудија за мачење: мечеви, стрели, копја, српови, коси, пили, секири, чекани... и други непознати орудија. Кога го видов тоа, мојата бедна душа затрепери од страв, а светите ангели ѝ рекоа на смртта:

- Што се двоумиш? Разреши ја оваа душа од телото, зашто нема големи гревовни тежини.

И таа веднаш ми пријде. Зеде еден мал чекан и најпрвин започна да ми ги сече нозете, потоа рацете, па со други орудија ми ги одзеде сите останати делови од телото. Тогаш целото тело ми се умртви, и повеќе не можев да се помрднам. Потоа зеде тесла и ми ја отсече главата, и таа ми стана туѓа. По сето тоа, таа направи некаква течност во една чаша, ми ја принесе до усните и ме натера да ја испијам. Тој напиток беше толку горчлив што душата ми се потресе, и скокна од телото како силум истргната. Светлоносните ангели веднаш ја зедоа во своите раце, и кога се свртев назад, јас го видов моето тело како лежи мртво, нечувствително и неподвижно. Како што кога некој ќе ја соблече својата облека и ќе ја фрли, па гледа во неа, така и јас гледав на своето тело како да сум го соблекла, и многу се чудев.

Додека светите ангели ме држеа, нѐ опколија многу ѓаволи, кои викаа:

- Таа душа има мноштво гревови и мора да одговара пред нас! - и започнаа да ги покажуваат моите гревови. А светите ангели ги бараа моите добри дела и најдоа онолку колку што сум сторила со благодатта Господова. Ги собраа сите добра што сум ги сторила: милостиња колку сум поделила, гладни колку сум нахранила, жедни колку сум напоила, колку необлечени облекла, туѓинци во дом колку сум примила и угостила, на светиите колку сум им послужила, болни колку сум посетила, во црква со умиление и солзи колку сум се молела, колку внимателно сум ги слушала црковните молитви и песни, колку сум донела во црквата темјан и свеќи или некој друг подарок, колку сум ставала елеј во кандилото пред светите икони, колку иконите побожно сум ги целивала; колку сум постела во среда и петок, и во сите свети постови, И колку метании сум направила и колку ноќни бденија сум одржала; кога од срце сум повикувала кон Бога, и сум плачела поради своите гревови; кога сум ги исповедала на Бога пред духовниот отец своите гревови и искрено сум се покајала за нив и сум испатила; и сите мои останати дури и најмали добри дела што сум ги направила за ближниот; дека не сум се налутила на непријателот и сум претрпела некоја навреда и злоставување, не сум злопамтела и за злото со добро сум возвраќала; колку сум се понижувала и над туѓата беда сум воздивнувала и сум се сожалувала и сочувствувала со оние што страдаат; дека сум го утешила оној што плаче, а на некој во добро дело сум му припомогнала, сум го одвратила од зло, и колку своите очи сум ги вртела од суетата, бидејќи својата уста сум ја држела затворена за заклетви, лаги, клевети и празнословија. И сите други дури и најмали дела, светите ангели ги собираа и се подготвуваа да ги стават на терезијата, наспроти моите зли дела. А ѓаволите, гледајќи го тоа, чкртаа со забите, зашто сакаа веднаш да ме зграпчат и да ме одвлечат на дното од пеколот.

Во тоа време таму неочекувано се појави нашиот преподобен отец Василиј, и им рече на светите ангели:

- Господа мои, оваа душа многу ми послужи во мојата старост. Затоа јас се молев за неа на Бога, и Он ми ја подари. Кажувајќи го тоа, тој извлече од пазувите полна црвена кеса и им ја даде на светите ангели, велејќи:

- Кога ќе ги поминувате воздушните митарства, и злите духови ќе почнат да ја испитуваат оваа душа, вие откупете ја со ова од нејзините долгови. Зашто со благодатта Божја јас сум богат. Со сопствена пот и труд собрав големо богатство, и оваа кеса ја подарувам на душата што ми послужи.

Откако го рече тоа, тој замина. Злите духови беа во недоумица, започнаа да лелекаат и станаа невидливи. Тогаш повторно дојде угодникот Божји Василиј, и со себе донесе многу садови полни со чист елеј и скапоцено миро. Започна да ги отвара еден по еден и да ги излева врз мене, и јас се исполнив со духовно благоухание и почувствував дека се променив и станав многу светла. Тогаш преподобниот повторно им рече на светите ангели:

- Господа мои, кога ќе завршите сѐ што е потребно за оваа душа, однесете ја во домот кој што ми е приготвен од Бога, таму да живее.

Кажувајќи го тоа, стана невидлив. А светите ангели ме зедоа и заедно одевме по воздухот кон Исток.

Додека патувавме од земјата кон небото, најпрвин не сретнаа воздушните духови на првото митарство. На првото митарство се испитуваат гревовите сторени со зборување: празни зборови, бесмислени, лоши, непромислени. Ние веднаш застанавме таму. Ги изнесоа ѓаволите книгите во кои беа запишани сите мои зборови изговорени уште од младоста: сѐ што сум изговорила непотребно и глупаво, а особено лошото и шегите од младоста. Таму ги видов запишани и сите мои луди зборови, непристојни разговори, световни и безобразни песни, неумесни восклици, смеења и кикотења. Ме обвинуваа ѓаволите поради тоа, посочувајќи го времето, местото и лицата, кога, каде и со кого сум ги водела суетните разговори. Со своите зборови сум го гневела Бога, а тоа не сум го сметала за свој грев, ниту сум го исповедала на духовниот отец, ниту пак сум се покајала. Додека го гледав тоа, јас молчев како нема. Немав што да им одговорам на злите духови, бидејќи со право ме обвинуваа. Само се чудев во себе си како не го заборавиле тоа што се случило пред многу години. Бидејќи јас сето тоа одамна сум го заборавила, а подоцна ни на ум не ми паднало. А тие сето тоа детално го изложуваа како да сум го зборувала истиот ден. Јас се присетував дека сѐ беше токму така, и додека посрамена молчев и треперев од страв, светите ангели изнесоа дел од моите подоцнежни добри дела, недостатокот го дополнија од дарот на преподобниот Василиј, отецот мој, па така ме откупија и тргнавме нагоре.

Се приближивме до второто митарство, митарството на лагата.

Таму се испитуваше секој лажен збор, а особено кривоклетството, напразното призивање на името Господово, лажните сведочења, неисполнувањето на заветите дадени од Бога, неточното исповедање на своите гревови и други слични лаги. Духовите на ова митарство се лути и жестоки, упорни и ситничари. Штом нѐ застанаа, веднаш започнаа подробно да ме испитуваат. Ме обвинија за две работи: прво, понекогаш сум лажела во ситници, а тоа не сум го сметала за грев. И второ, многупати пред својот духовен отец од срам не сум исповедала сѐ како што треба. Поради тоа злите духови ликуваа и сакаа да ме грабнат од рацете на моите водачи. Но, светите ангели ставија наспроти тие мои гревови дел од моите добри дела, а останатото го надополнија од дарот на мојот отец, и така ме откупија. И ние без задржување продолживме нагоре.

Потоа стигнавме до третото митарство кое се нарекува митарство на осудувањето и клеветата. Кога нѐ запреа таму, јас видов колку е тежок гревот да се осудува ближниот, и колку големо зло е другиот да се клевети, осудува, срамоти, навредува, исмева; да се потсмеваш на туѓите гревови, а своите да не ги гледаш. Лошите испитувачи лошо испитуваат, како антихристи кои на себе ја зеле улогата Христова и се прогласиле за судии на своите ближни, иако самите заслужуваат безброј осуди. Но, со благодатта Христова, во мене многу малку од тоа најдоа, зашто целиот свој живот будно се трудев никого да не осудам, ниту да исмеам, ниту да наклеветам, ниту пак да навредам. Навистина, понекогаш додека ги слушав другите како исмеваат, осудуваат и клеветат, јас обрнував внимание и од непретпазливост додавав по некој безначаен збор, но веднаш се повлекував. Сепак, тоа овде ми беше оценето како осудување и клевета. Но, светите ангели и тука ме откупија со дарот на преподобниот Василиј и тргнавме нагоре.

Кога дојдовме до митарството наречено митарство за стомакоугодие, пред нас веднаш јурнаа тие нечисти духови, радувајќи се дека ќе добијат некој од нас. Лицата на овие духови беа страшно одвратни, бидејќи тие ги изразуваа сластољубивите стомакоугодници и грозните пијаници. Едни од нив носеа послужавници со јадење. Други чаши и бокали со пијачки. Всушност, тие јадења и пиења беа смрдлив гној и одвратна блуеница. Се правеа дека се презаситени и пијани. Нѐ опколија како кучиња и веднаш ги изнесоа пред мене сите мои прејадувања. Кога јадев тајно, кога се прејадував, кога јадев како свиња без да се помолам и прекрстам, и кога за време на светите постови не постев или не јадев како што пишува во црковното правило. Кога поради невоздржание сум вкусила пред ручек или вечера или кога сум јадела на трпезата прекумерно. Исто така тие ми ги покажуваа сите мои опивања, изнесувајќи ми ги на број чашите и бокалите од кои сум пиела, и бројот на испиени чаши, па ми зборуваа:

- Толку чаши испи во тоа и тоа време, на таа и таа гозба, со тие и тие луѓе. А во друго време и на друго места се опиваше до толку што не знаеше за себе и повраќаше, играше, пееше, скокаше, и едвај те носеа дома.

Исто така ми ги покажаа испиените чаши, што во посните денови, поради гости или поради болест, сум ги испила, а не сум ги сметала за грев, ниту сум се каела за тоа. Ми го покажуваа и тоа што понекогаш во неделните и празничните денови случајно сум се напила или сум каснала пред светата Литургија. Сето тоа и многу други угодувања на стомакот ми изнесоа и се радуваа, а јас треперев од страв немајќи со што да се бранам. Но, светите ангели зедоа колку што е потребно од дарот на преподобниот Василиј и ме откупија. Се бунтуваа ѓаволите поради тоа и повикаа:

- Ни пропадна трудот! Ни пропадна надежта!

И ги фрлаа во воздухот хартиите на кои беа испишани моите гревови. Гледајќи го тоа, јас се зарадував. И ние оттаму тргнавме безбедно.

Додека патувавме, светите ангели си зборуваа меѓу себе:

- Навистина оваа душа има голема помош од угодникот Божји Василиј. Ако не ѝ помагаа неговите молитви и подвизи, таа многу би пропатила поминувајќи ги воздушните митарства. А јас се осудив да им прозборам:

- Господа мои, изгледа никој од оние што живее на земјата не знае што се случува овде и што ја чека грешната душа по смртта.

Светите ангели ми одговорија:

- Зар за тоа не сведочи Светото Писмо кое постојано се чита по црквите? Зарем тоа не го проповедаат свештенослужителите Божји? Но, луѓето занесени по земните безвредни работи не водат грижа за тоа. Мислат дека уживањето се состои во јадење и пиење. Затоа јадат ненаситно секој ден и пијат без страв Божји. За нив стомакот е Бог. Тие не помислуваат на идниот живот, ниту се опоменуваат од Светото Писмо кое вели: „Тешко вам, преситени сега, оти ќе огладните. Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете“ (Лука 6, 25). Тие сметаат дека Светото Писмо е бајка и живеат безгрижно и распуштено, пируваат и се веселат секој ден, како евангелскиот богаташ. Но, оние меѓу нив, што се милостиви и милосрдни, што им чинат добрини на ништожните, сиромашните, и несреќните, лесно ќе добијат од Бога простување на гревовите, и ќе ги поминат митарствата без мака, зашто Светото Писмо вели: „Милостињата избавува од смртта и може да очисти од секој грев. Оние што делат милостина и прават добри дела, ќе живеат долго на земјата“ (Товит 12, 9). Оние пак што не се трудат со милостиња да ги очистат своите гревови не можат да ги избегнат овие испитувања. Нив ги фаќаат темните кнезови на митарството, коишто ги виде, и страшно мачејќи ги, ги носат во пеколот, каде ќе ги држат оковани сѐ до страшниот Христов суд. И ти не ќе можеше да ги поминеш митарствата ако не те откупува дарот на преподобниот Василиј.

Така разговарајќи стигнавме до следното митарство, митарството на мрзливоста. На ова митарство се испитуваат сите денови и часови поминати во неработа. Таму ги задржуваат легачите што живеат од туѓиот труд, а не сакаат да работат. Исто така и работниците што примаат плата, а не работат колку што треба. Таму се испитуваат и оние што не се грижат околу славењето на Бога и се мрзливи во празничните и неделните денови да одат на утрена и на света Литургија и на други богослуженија. Таму се испитува негрижата за својата душа и мнозина од таму се носат во бездната. И мене многу ме испрашуваа таму и немаше да се ослободам од долговите поради таквите гревови ако мојот недостаток не беше дополнет со дарот на преподобниот Василиј. Така откупена ме однесоа оттаму.

Потоа наидовме на шестото митарство, митарството на крадење. Таму нѐ задржаа кратко. Не ми најдоа никаква кражба, освен некои многу ситни, што од незнаење сум ги сторила во детството.

Оттаму дојдовме до седмото митарство, митарството на среброљубието и скржавоста. И него бргу го поминавме. Бидејќи Господ цел живот ме штитеше: не копнеев и се борев против многу стекнувања; не бев среброљубива, туку бев задоволна од она што ми го испраќаше Господ; не бев скржава туку со радост им давав на несреќните од она што го имав.

Одејќи повисоко наидовме на осмото митарство, митарството на лихварите. Тука ги испитуваат оние што даваат пари под лихва, оние што заработуваат на нечесен начин, и оние што го присвојуваат туѓото. Тамошните испитувачи многу внимателно ме испитаа и откако не најдоа ништо зачкртаа со забите. А ние заминавме оттаму благодарејќи Му на Бога.

Тогаш стигнавме на деветтото митарство, митарството за неправда. Тука се испитуваат сите неправедни судии: подмитливите судии и судиите што ги ослободуваат виновниците, а ги осудуваат невините. Таму се испитува кратењето од платите на работниците и лажното мерење при трговија. Воопшто, таму се испитуваат сите сторени неправди. Но, ние со помош на благодатта Христова го минавме ова митарсво без маки, и дадовме многу малку.

Митарството за завист го минавме без да дадеме нешто, оти никогаш никому не позавидов. Таму се испитуваше и нељубовта, омразата и недружењубивоста. Сепак, по милосрдието Христово, се најдов невина на сите тие испитувања. Навистина, ѓаволите бесно чкртаа со забите кон мене, но јас не се плашев.

Го продолживме патот понатаму и на сличен начин го минавме митарството за гордост, на кое надмените горди духови испитуваа за фалбите, високото мислење за себе, величањето и надуеноста. Таму грижливо се испитува и тоа дали човекот го имал должното почитување кон родителите, и властите поставени од Бога; ако пак се огрешил во нив, колку пати се огрешил и во што. Воопшто се испитуваат и сите останати горди дела и празни зборови. Откако многу малку одговаравме, го минавме и тоа митарство.

Потоа стигнавме на дванаесеттото митарство, митарството на гневот и јароста. Таму воздушните иследници беа свирепи. Но, не добија многу од нас и ние заминавме оттаму радувајќи се во Господа, Кој ја штитеше мојата грешна душа, по молитвите на мојот преподобен отец свети Василиј.

Потоа нѐ сретна тринаесеттото митарство, митарството на злопамтењето. Тука немилосрдно се испитуваа оние што во свото срце имаат злоба кон ближните и оние што враќаат зло за зло. Нив злобните духови со голема јарост ги водат во тартарот. Но, милосрдието Господово и таму ме заштити, бидејќи никогаш не бев злобна спрема никого, ниту бев злопамтива спрема оние што ми правеа пакост, туку дури и кон своите непријатели бев незлобива и ги сакав колку што можев, победувајќи го злото со добро. И така на тоа митарство се покажа дека не должам ништо, и си заминав слободна, а тамошните демони се јадосуваа.

А ние продолживме понатаму, веселејќи се во Господа.

Додека одевме по патот, јас ги прашав моите водители, светите ангели:

- Бе молам, господа мои, кажете ми од каде овие страшни воздушни власти ги знаат сите зли дела на сите луѓе во светот, како и моите, и не само јавните туку и оние сторени тајно? Како точно ги знаат и ги изобличуваат?

На тоа светите ангели ми одговорија:

- На светото крштение Бог на секој христијанин му дава Ангел чувар, кој невидливо го чува. Го упатува на секое добро дело и дење и ноќе, во сите денови од неговиот живот, сѐ до смртниот час. Ги запишува неговите добри дела што ги направил во овој живот, за во часот што ќе дојде, човекот да добие од Господа милост и вечна награда во царството небесно. Исто така и кнезот на темнината, сакајќи целиот човечки род да го одвлече во својата погибел, на секој човек му одредува по еден зол дух, кој го следи постојано и внимава на сите негови зли дела на коишто и го бодри со неговите лукавства. И така го собира сето негово зло. Потоа сите тие гревови ги носи во митарствата што им одговараат. Таму се запишува секој грев. Ете како сите воздушни кнезови ги знаат сите гревови на сите луѓе по целиот свет.

И кога душата ќе се оддели од телото и ќе поита да се искачи на небото кај својот Творец, тогаш нечестивите ја спречуваат, покажувајќи ѝ ги нејзините запишани гревови. Ако душата има повеќе добри дела отколку гревови, тие не можат да ја задржат. Ако пак, кај неа пронајдат повеќе гревови отколку добри дела, тогаш ја задржуваат привремено, и ја затвораат во темница да не Го види Бога. Ја мачат доколку силата Божја им дозволува да ја мачат, сѐ додека таа душа по молитвите на Црквата и милостињата на своите ближни не биде искупена.

Ако пак некоја душа се најде толку грешна и одвратна, за која што нема надеж за спасение, веднаш ја приведуваат во бездната, каде што ја очекува место на вечни маки. Таму ја држат до второто Господово доаѓање, по кое, таа душа заедно со телото ќе се мачи во огнениот пекол. Знај го уште и ова: по овој пат влегуваат и се испитуваат само оние што се просветени со вера и свето Крштение; а неверните, незнабожните, идолопоклониците, сарацените и сите туѓи на Бога, не доаѓаат тука. Уште за време на животот во телото, тие со своите души се погребани во адот, и кога умираат, ѓаволите веднаш без никакво испитување им ги земаат душите, како свој сопствен дел, и ги носат во бездната на пеколот. Додека ангелите ми го зборуваа тоа, стигнавме до четиринаесеттото митарство, митарството за убиство. Таму се испитуваат не само разбојништвата, абортусите, туку и секоја рана, секој удар со што било и каде било, по грбот, вратот, или на лицето. Сето тоа детално се испитува и се става на вага. Но ние и таму ставивме нешто, и поминавме добро.

Стигнавме до петнаесеттото митарство, митарството за гатање, баење, труење и повикување на демони. Духовите на тоа митарство беа во облик на лазачи, шкорпии, змии, аспиди и жаби. Беше страшно и одвратно да се гледаат. Но и таму со благодатта на мојот Господ, ништо не ми најдоа и ние поминавме веднаш, не давајќи им ништо. А духовите се срдеа на мене и викаа:

-Ќе дојдеш на местото каде што се испитува блудот, ќе видиме дали и таму ќе се извлечеш!

Одејќи нагоре, јас ги прашав светите ангели:

- Господа мои, дали сите христијани ги минуваат овие митарства? И возможно ли е човек да помине од тука без испитување и без стравот што се доживува низ нив?

Светите ангели ми одговорија:

- Нема друг пат за душите на верните што влегуваат на небото. Сите поминуваат оттука. Но сите не се испитуваат како ти. Тоа е така само за грешниците слични на тебе, кои нецелосно ги исповедале своите гревови, срамејќи се и сокривајќи ги пред духовниот отец своите срамни дела. На оние што вистински ги исповедаат своите зли дела и жалат каејќи се поради сторените зла, по милосрдието Божјо им се бришат гревовите на невидлив начин. Кога таквата душа доаѓа ваму, воздушните иследници ги отвараат своите книги, но не наоѓаат ништо запишано против неа, и не можат ништо да направат, никаква пакост, ниту пак да ја уплашат.

И душата со радост влегува во престолот на благодатта. Ако и ти вистински и целосно ги беше исповедала сите свои гревови и со тоа добиеше разрешување, не ќе беше вака страшно испитувана на митарствата. Но, тебе ти помага тоа што одамна си престанала смртно да грешиш и што останатите години од својот живот си ги поминала во добри дела, побожност и добродетели; но, особено ти помагаат молитвите на преподобниот отец Василиј, на кого со сето срце многу си му послужила.

Така разговарајќи стигнавме до шеснаесеттото митарство, митарството за блуд. Тука се испитува секое блудничење и фантазирање со умот за него. Размислување за блудот, прифаќањето на блудот во мислите, насладување со блудни помисли, и страсните допири.

Кнезот на тоа митарство седеше на својот престол. Беше облечен во гадна и смрдлива облека, наквасена со крвава пена, со која тој се гордееше како да е царски порфир. Мноштво ѓаволи стоеја пред него. Кога ме видоа дека сум стигнала до нив, многу се зачудија. И тогаш ги изнесоа запишани моите блудни дела. Ме изобличуваа покажувајќи ги лицата со кои сум грешела во својата младост, времето кога сум грешела во денот и ноќта, и местата каде што сум ги сторила гревовите. А јас не можев ништо да им одговорам, само треперев од страв, и срамот ме изеде. Тогаш светите ангели во моја одбрана рекоа:

- Оставете ги тие дамнешни блудни дела; таа останатото време од својот живот го помина подвижнички, во чистота и воздржание.

Демоните одговорија:

- И ние знаеме дека таа одамна престана со гревот, но не се исповедала пред духовниот отец како што треба, ниту од него добила пропишани заповеди за разрешување на гревовите. Затоа е наша. А, вие, или оставете ни ја, или откупете ја со добри дела.

Светите ангели дадоа многу од моите дела, но многу повеќе од дарот на преподобниот Василиј, па така, јас бедната едвај се избавив од страшната беда.

Потоа стигнавме на седумнаесеттото митарство, митарството за прељуба. Тука се испитуваат гревовите на сопружниците кои не биле верни во бракот и својата брачна постела не ја сочувале неосквернета. Исто така, тука се испитува и насилничкиот блуд (силувањето). Тука грозно ги испитуваат и оние лица посветени на Бога, кои својата чистота ја заветиле на Христа, па паднале во блуд. На тоа митарство и јас се покажав како голем должник, та бев изобличена како прељубница. Нечестивите духови и немилосрдните испитувачи беа готови да ме истргнат од рацете на ангелите и да ме однесат во пеколот. Но, светите ангели многу се препираа со нив и ги изнесоа сите мои тајни трудови и подвизи. Едвај ме откупија, не поради моите добри дела, туку поради дарот на мојот отец Василиј.

Се приближивме до осумнаесеттото митарство, митарството за содомија. На него се испитуваа противприродните гревови на мажите и жените, блудот со ѓаволите и со бесловесните животни, блудот со роднините и други гадости што се вршат тајно, а за кои е срамно и да се спомнува. Кнезот на ова митарство е поодвратен од сите одвратни и гадни демони. Сиот е облиен со смрдлив гној, а такви се и неговите слуги. Нивната смрдеа беше неподнослива, нивната грозотија неопислива, и јароста и лутината неискажливи. Тие бргу нѐ опколија. Но, по милоста Господова не најдоа ништо такво во мене и посрамени побегнаа, а ние со радост си го продолживме патот.

Тогаш светите ангели ми рекоа:

- Теодора, ти ги виде страшните и одвратни митарства на блудот. Знај само, дека ретко која душа ги минува без маки, зашто целиот свет лежи во зло на соблазна и нечистотија. Сите луѓе се сластољубиви и блудољубиви. Мислата на човекот уште од неговата младоста е наклонета кон злото. Малкумина се оние што ги умртвуваат своите телесни желби, и затоа и малкумина слободно ги минуваат овие митарства. Поголемиот број што доаѓаат до тука, тука и завршуваат и пропаѓаат во пеколот. Оти лошите испитувачи за блудните дела ги грабнуваат блудните души и ги одвлекуваат во адот, мачејќи ги горко. И се фалат кнезовите на митарството за блуд, говорејќи: Ние повеќе од сите други митарства го исполнуваме пеколот со својата огнена роднина! Но, ти, Теодора, благодари Му на Бога, што по молитвите на твојот духовен отец, преподобниот Василиј, ги помина тие митарства, и отсега повеќе нема да видиш ниту зло ниту страв.

Потоа стигнавме до деветнаесеттото митарство, митарството на ереста. Тука се испитуваат неправилните учења за верата, отстапувањето од православната вероисповед, маловерието, сомнежот во верата, хулата на светињата и останатото слично на тоа. Тоа митарство го поминавме без никакво испрашување и веќе бевме на дофат на небесните врати.

Но, тогаш нѐ сретнаа пакосните духови на последното митарство, митарството за немилосрдие и суровото срце. Овие иследници беа сурови. Нивниот налутен кнез изгледаше слаб и мрзоволен, но од бес дишеше со немилосрден оган. Ако некој извршувал и големи подвизи, постови, молитви, ја сочувал својата девственост, го изнемоштувал своето тело со воздржание, но бил немилосрден и немилостив, тогаш од ова митарство веднаш го повлекуваа долу и го затвораа во бездната на пеколот, каде што никогаш нема да доживее милост. Но, ние, со благодатта Христова, без маки го поминавме и тоа митарство, повторно со помош на молитвите на преподобниот Василиј, кој од своите добри дела ми подари многу за моето откупување.

Откако се избавивме од горчливите митарства, ние со радост се приближивме до небесните врати. А тие беа како најблескав кристал. Блескаа неискажливо. На нив стоеја сонцелики момчиња. Кога видоа дека ме водат ангелите, тие многу се израдуваа што сум се избавила од воздушните митарства и со љубов нѐ дочекаа и нѐ воведоа внатре.

А што видов, и што слушнав таму, о чедо Григориј! Тоа не може да се опише. Го видов тоа што око човечко не видело и го слушнав тоа што уво никогаш не слушнало, и што на ниту еден човек на земјата во срцето не му дошло. Такви богатства, таква убавина! И бев приведена пред престолот на Божјата непристапна слава, околу кој стоеја херувими, серафими и безброј небесни војници, кои непрестајно Го слават Бога со неискажливи песни. Јас паднав и се поклонив на невидливото и непознато Божество. Небесните Сили запеаја преслатка песна, прославувајќи го Божјото милосрдие, без кое човечките гревови не можат да се победат. И дојде глас од Велелепната Слава, кој им наредуваше на светите ангели што ме водеа, да ме однесат да ги видам сите обители на Светиите, а исто така и сите маки на грешните, па потоа да ме упокојат во обителта на блажениот Василиј.

Светите ангели ме спроведоа насекаде. Видов многу прекрасни населби и обители, преполни со слава и благодат, што Бог ги подготвил за оние што Го љубат. Моите водачи ми ги покажуваа посебно живеалиштата на апостолите, посебно на пророците, посебно на мачениците, посебно на светителите, и посебно на секој чин на Светиите. И секоја обител беше неискажливо убава, огромна по должина и ширина, со многу неракотворни пресветли палати. Насекаде по нив се разлеваше глас на радост и духовна веселба, и се гледаа лица што ликуваа. Сите се радуваа на моето спасение, и ме прегрнуваа славејќи Го Господа, Кој ме избави од демонските замки.

Откако ги посетивме тие живеалишта, моите свети водачи ме однесоа во подземјето, и видов страшни и неподносливи лути маки во пеколот, подготвени за грешниците. Додека ми ги покажуваа, светите ангели ми говореа:

- Погледни, Теодора, од какви маки те избави Господ по молитвите на Својот угодник Василиј.

Таму слушнав пискотници, плач и горко лелекање на оние во маките. Едни викаа:

- Тешко нас! Леле, лути маки!

Други го проколнуваа денот на своето раѓање. Но немаше никој да се смилува на нив.Потоа ме изнесоа оттаму и ме доведоа во живеалиштето на преподобниот отец наш Василиј, што го гледаш, и ме упокоија овде, велејќи ми:

- Сега преподобниот Василиј врши помен за тебе.

Тогаш ми стана јасно дека на ова место дојдов на четириесеттиот ден по разделувањето од моето тело.

Сето тоа преподобна Теодора му го раскажа на Григориј во сон и видение, и му ја покажа целата убавина на таа обител, и духовните богатства, наслади, слава, и најразличните градини со златолисни и многуродни овошки, и целата духовна веселба што ја стекна блажениот отец Василиј со многутрудните подвизи свои.

Кога заврши видението, Григориј се тргна од сонот и се чудеше и восхитуваше на она што го виде и слушна од блажена Теодора. Утредента отиде кај преподобниот Василиј, по обичај да земе благослов од него. А тој го праша:

- Чедо, каде беше оваа ноќ?

А тој како да не знае ништо, одговори:

- Се одмарав, оче, во постелата своја.

На тоа старецот му рече:

- Знам дека со телото се одмораше во постелата, но со духот си бил на друго место. Зарем заборави сѐ што Бог ти откри во видение оваа ноќ? Ете, го доби тоа што го сакаше. Ја виде Теодора, и од неа самиот слушна за неа, и беше во мојата обител, и разгледа сѐ што благодатта Христова приготвила за мојот мал труд.

Кога го слушна тоа од преподобниот, Григориј сфати дека неговиот сон не бил привидение, туку откровение, измолено од Бога по молитвите на преподобниот. Благодарејќи Му на Бога, тој му се поклони на својот блажен отец, и тој го поучи колку што е потребно.

По допуштање Божјо, истиот Григориј еднаш падна во сомнеж за верата: внимателно читајќи го Стариот Завет, тој во својот ум мислеше дека еврејската вера е добра. Долго остана со такви мисли, и дознавајќи го тоа со духот, проѕорливиот старец го изобличи и добро го посоветува, па повторно му измоли откровение од Бога. И повторно Григориј имаше видение во сонот, сега за Страшниот суд Божји над целиот човечки род:

Го виде Судијата како седи на престолот. Од неговата десна страна стојат многу праведници, а од левата страна грешниците, и Он им суди според делата нивни. Ги виде и сите Евреи кои не верувале во Христа, осудени со останатите незнабошци и испратени во огнената геена. И како што ги виде осудените грешници, ги виде и православните светии. За тоа самиот Григориј пишува многу опширно, а овде е накратко спомнато.

Нашиот преподобен отец Василиј, изнемоштен од староста, се приближи кон својот блажен крај, откако помина многу години во трудови и подвизи на својот многу суров живот, сотвори многу чудеса, исцели многу болни и изрече многу пророштва. Зашто во Цариград беше доведен од пустината во своите средни години; во Цариград проживеа околу педесет години; кога беше близу стотата година тој се пресели во бесконечниот живот. Го предвиде својот крај и однапред го извести за тоа својот сакан ученик Григориј.

Григориј имаше обичај целата света Четириесетница да ја минува затворен во својата одаја, и да не излегува сѐ до Воскресение. Целото време го минуваше во пост и молитви, правеше многу метании и не спиеше. Еднаш пред светата Четириесетница тој по обичај дојде кај преподобниот да земе благослов од него за претстојниот испоснички подвиг во затворот. Преподобниот му даде многу корисни поуки за душата, го благослови, и на крајот му рече:

- Чедо, оди со мир во својот дом, а мене повеќе нема да ме видиш со своите телесни очи во овој живот.

Го рече тоа и заплака, го прегрна Григориј и го целиваше. Григориј падна пред неговите чесни нозе, и ги накваси со солзи, плачејќи и лелекајќи поради разделбата. По долго плачење, отиде и се затвори по својот обичај. А преподобен Василиј ја предаде својата света душа во рацете Господови, во средопусната недела на 25 март, на Благовештение, во 944-та година. Неговото чесно тело беше погребано во манастирот на светите маченици Флор и Лавра.

Еден чесен човек од Цариград имаше видение. Виде дом голем и чудесен, со капија украсена со злато и драгоцени камења, а над капијата со златни букви беше испишано следното: „Обител и вечен покој на блажениот Василиј Новиот“. Кога го прочита тоа, човекот се восхитуваше на убавината на тоа здание. И ете, едно прекрасно момче излезе и го праша:

- Што се чудиш човеку, сакаш ли да видиш нешто уште почудесно?

И му ја отвори онаа капија, и внатре тој здогледа најчудесни и превисоки палати, чија убавина го надминува секое човечко сфаќање. Го виде и преподобниот Василиј како седи на царскиот престол во огромна слава, опкружен со многу прекрасни и пресветли луѓе и момчиња. Таму се гледаа и прекрасни градини. И сѐ што имаше таму беше преполно со радост и веселба. Одвнатре се слушна глас кој говореше:

- Таква награда добиваат по смртта сите што Го сакале Бога и сесрдно Му служеле.

Човекот го раскажа ова свое видение на многумина, и сите што го слушнаа Го славеа Бога и го почитуваа споменот на угодникот Божји, преподобниот Василиј. Да се удостоиме и ние во делот на љубителите Божји, по светите молитви на преподобниот Василиј, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЕСЕТ И ШЕСТ ГОТСКИ МАЧЕНИЦИ

Меѓу овие дваесет и шест свети маченици двајца по име Ватусиј и Верк беа презвитери. Со нив беа и нивните два сина и трите ќерки, потоа монахот Арпил, и мирјаните: Авип, Агнас, Риакс, Агатракс, Искос, Силас, Сигицас, Сонирил, Сајмблас, Термас, Филгас, и седумте жени: Ана, Ала, Вариса, Моика, Мамика, Вирка и Анимаиса.

Овие свети маченици пострадаа во 376 година од готскиот цар Унгерих, во времето на римските цареви Валент и Грацијан (964 - 378 г.). Поради исповедањето на верата во Христа, царот Унгерих ја запали христијанската црква и во неа ги изгоре овие дваесет и шест маченици.

Нивните чесни мошти подоцна ги собра една готска царица вдовица, која беше христијанка по име Гата, заедно со својата ќерка Дуклида, и ги пренесе во мизискиот град Кизик. Кога царицата Гата се врати во својата татковина, незнабошците ја каменуваа, а нејзината ќерка го заврши животот во мир, во градот Кизик.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕВСЕВИЈ

Бил епископ во градот Кивала; пострадал за Христа во времето на Диоклецијан во 304-та година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПУЛИЈ

Бил старешина на чтеците при црквата во Кивала за време на епископството на Евсевиј. Бил запален на клада поради исповедањето на верата Христова.