9. Април (27. Март)
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА МАТРОНА СОЛУНСКА
Како сирота девојка света Матрона беше слугинка во куќата на еден Евреин во градот Солун, чија што жена се викаше Паутила. Таа госпоѓа често ѝ се потсмеваше на Матрона поради нејзината вера во Христа, многу ја злоставуваше, и често ја тепаше, приморувајќи ја да ја прими еврејската вера. Но, Матрона сето тоа кротко го поднесуваше заради Христа и тајно одеше во црква. Еднаш Паутила дозна дека Матрона кришум отишла во црква, па гневно ја праша:
- Зошто не си отишла во синагогата туку во христијанската црква?
На тоа блажена Матрона храбро ѝ одговори:
- Затоа што Бог живее во христијанската црква, а од синагогата еврејска, Он отстапи. Тоа е причината што јас не одам во синагогата, туку во христијанската црква.
Бесна поради таквиот одговор, еврејката немилосрдно ја истепа и ја затвори во една мрачна одаја, каде што ја врза. Но, утредента ја најде како клечи на молитва и го фали Бога, одврзана со силата Божја. И повторно госпоѓата ја претепа со сурови жили, потоа уште поцврсто ја врза, ја затвори во одајата и ја запечати вратата за никој да не може да влезе кај неа и да ѝ помогне. И остана светителката во тој затвор четири дена без храна и вода, крепена од Бога. Тогаш Паутила го скрши печатот од вратата и кога ја отвори, повторно ја здогледа Матрона како одврзана стои на молитва. Тоа страшно ја разбесни и таа со дебели мотки толку ја тепаше блажената, што ја остави едвај жива, и пак ја затвори во темната одаја каде што таа го предаде својот дух на Господа.
Тогаш таа злобна жена го зеде телото на светата девојка и го фрли од балконот на својата куќа. Христијаните го подигнаа телото на светата маченичка Матрона и чесно го погребаа. Потоа солунскиот епископ Александар, дознавајќи за многуте чудеса сторени од светата маченичка, подигна црква во нејзино име и во неа ги положи нејзините свети мошти. А злобната мачителка Паутила наскоро ја стигна праведната казна Божја. Од она исто место на куќата од каде што го фрли телото на блажената Матрона, таа падна на калдрмата и ја испушти својата зла душа.
Света Матрона пострада во третиот или четвртиот век.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН ЛИКОПОЛСКИ
Во египетскиот град Ликопол живееше еден човек по име Јован, кој уште од детството го изучи дрводелскиот занает. Кога имаше дваесет и пет години се одрече од светот и откако помина пет години по разни манастири, се повлече во гората Лико на чијшто врв си направи ќелија на три дела, и се заѕида себеси во неа. Во едниот дел се молел, во другиот работел и се хранел, а третиот му бил наменет за останатите животни потреби. Така затворен поминал триесет години, и за тоа време низ прозорецот примал животни намирници од еден свој послушник. Беше удостоен на пророчки дар и им стана познат на сите. Меѓу другото, тој му испраќаше различни претскажувања на блажениот цар Теодосиј. Така, еднаш му го претскажа бунтот против него и брзиот пораз на бунтовниците, му претскажа и дека ќе го победи Максим тиранинот во Галија. Претскажа дека Теодосиј ќе го победи и тиранинот Евгениј, дека таму ќе го заврши животот и дека царството ќе го остави на својот син. За светоста на овој човек се пронесе голема слава насекаде, и затоа царот Теодосиј го почитуваше како пророк.
Еднаш кај него дојде еден војсководец за да дознае дали ќе ги победи етиопјаните, кои во тоа време беа продреле во Сиена, во Горна Тиваида, и ги пустошеа нивните краишта. Светиот отец му рече:
- Ако тргнеш кон непријателите, ќе ги победиш и покориш, и ќе бидеш многу славен цар.
Така и се случи. Настаните го потврдија неговото пророштво. Тој претскажа и дека благочестивиот цар Теодосиј ќе умре од природна смрт. Воопшто, тој во необична мера имал пророчки дар, како што сме слушале за тоа од отците кои живееле со него.
Еднаш кај преподобниот Јован дојде еден трибун. Тој го молеше да му дозволи да ја доведе неговата тешко болна жена, бидејќи се подготвува да отпатува во Сиена. Жената многу сакала да го види светителот, тој да се помоли за неа, и да ја благослови. Но, светителот одби да ја види жената, оти тој како деведесетгодишен старец веќе четириесет години живее во својата пештера, и за тоа време пред неговите очи никогаш не излегла жена. Дури ни човек никогаш не влезе кај него, зашто тој низ прозорецот ги благословуваше посетителите и разговараше со нив за нивните неволји. Иако трибунот упорно го молеше, светителот не се согласи, и му рече:
- Тоа е невозможно!
И го испрати тажен. Меѓутоа жената секојдневно му досадуваше на мажот, и се колнеше дека нема да го напушти градот, сѐ додека не го види пророкот. Кога мажот му рече на блажениот Јован за заклетвата на својата жена, тој, гледајќи ја нејзината вера, му рече;
- Оваа ноќ ќе ѝ се јавам во сонот, само повеќе да не бара да ме види.
Мажот ѝ соопшти на жената за зборовите на блажениот отец, и навистина таа во сонот го виде како ѝ пријде и ѝ рече:
- Зошто сакаш да го видиш моето лице, жено? Зарем сум пророк или праведник? Јас сум грешен и слаб човек како и вие. Се помолив за тебе и за твојот маж, да ви биде според верата ваша. Затоа одете со мир.
Откако го рече тоа, си отиде. Жената се разбуди и му раскажа на својот маж што ѝ рече пророкот, го опиша неговиот изглед и го испрати мажот да му се заблагодари. Кога го здогледа, блажениот Јован му рече:
- Ете, јас ја исполнив твојата молба. Ја видов твојата жена, ја убедив повеќе да не бара да ме види, и ѝ реков:
- Одете со мир.
Жената на еден чиновник роди кога тој не беше дома. Дента кога се породи, нејзиниот маж беше кај отец Јован, и таа тешко се разболе од тага. Светителот му ја соопшти радосната вест на чиновникот, велејќи:
Кога би знаел дека денес ти се роди син, ти би го прославил Бога. Но, неговата мајка беше во опасност. Кога ќе се вратиш дома детето ќе наполни седум дена. Дај му го името Јован, внимателно воспитувај го до седмата година и потоа испрати го кај монасите во пустината.
Такви чудеса правеше Јован за оние што доаѓаа од страна. А на своите сограѓани што доаѓаа поради нивните неволји, им ја претскажуваше иднината, откриваше сечии тајни дела, претскажуваше за надоаѓањето на Нил... Тој однапред објавуваше и за некоја казна Божја и ги изобличуваше виновниците. Не вршеше јавни исцеленија туку даваше елеј со кој исцелуваше многу болни.
Жената на еден сенатор ослепе и го молеше својот сопруг да ја одведе кај свети Јован. Тој ја убедуваше дека светиот никогаш не прима жени, па таа го замоли тој да појде за да се помоли за неа. Светителот се помоли и ѝ испрати елеј. Жената три пати дневно ги премачкуваше своите очи, и за три дена прогледа и јавно му заблагодари на Бога.
Во Нитриската гора бевме седум браќа, сите дојденци: јас, блажените Евагриј, Алвин, Амониј и др. Ние се трудевме точно да дознаеме во што се состоела доблеста на блажениот Јован. И Евагриј рече: Јас би сакал да дознам каков човек е тој. Ако дознам ќе се задржам кај него, но ако не дознам како живее тој, нема да појдам кај него. Кога го слушнав тоа, јас никому не реков ни збор, поминав еден ден во мир, но на вториот ја заклучив својата ќелија, и поверувајќи се на Бога, се упатив кон Тиваида. По осумнаесет дена стигнав таму. Тоа беше доба на поплави кога многумина боледуваа. Се разболев и јас. Кога стигнав кај Јован, неговиот двор и ќелија ги најдов затворени (зашто браќата подоцна беа направиле голем двор пред ќелијата на светителот, во кој можело да се сместат околу стотина луѓе). Овој двор тие го затвораа со клуч, а го отвораа само во сабота и недела. Кога дознав зошто е затворен дворот, јас почекав до сабота, и во осум часот претпладне го посетив праведниот човек. Го затекнав како седи кај прозорецот, низ кој, изгледа, разговарал со посетителите. Откако ме поздрави, преку преведувачот ме праша:
- Од каде си, и зошто си дошол? Изгледа дека си од братството на Евагриј.
Додека ние разговаравме, влезе управителот на таа област, по име Алипиј. Кога овој влезе, Великиот го остави разговорот со мене и јас се повлеков малку настрана, за да не им пречам.
Нивниот разговор се продолжи многу и мене ме зафати досада и започнав да роптам против добриот старец што ме презре мене, а му укажа почитување на оној. Во таквото расположение на духот, јас веќе намислив да го напуштам старецот со презирање, Но, слугата Христов го повика кај себе преведувачот, по име Теодор, и му рече:
- Оди и кажи му на оној брат: не паѓај со духот, јас веднаш ќе го отпуштам управителот и ќе разговарам со тебе.
Така, јас точно дознав дека тој е духовен човек и дека однапред знае сѐ. Ободрен со тоа, јас причекав.
Кога управителот излезе, светителот ме повика кај себе, и ми рече:
- Зошто си се налутил на мене? Што си нашол во мене што заслужува лутина, та си го помислил она што не е својствено за мене, ниту пак ти доликува на тебе? Зарем не знаеш што е речено во Светото Писмо: „Не им се потребни лекари на здравите туку на болните“ (Мат. 9, 12). Јас ќе те најдам тебе кога ќе посакам, а и ти мене. Ако јас не ти дадам поука, ќе ти дадат други браќа и други Отци. Но, овој човек, предаден на ѓаволот поради своите световни дела, едвај нашол слободен момент, како роб кој се извлекол од суровиот господар, и дошол кај мене да добие нешто корисно. Затоа би било неумесно да го оставам него, а да ти посветам внимание тебе, човек кој непрестајно се грижи за своето спасение.
Тогаш јас го замолив да се помоли за мене, и сосема се уверив дека тој навистина е духовен човек. Со благ израз на лицето, тој кротко ме помилува со својата десна рака по левиот образ, и ми рече:
- Тебе те очекуваат многу неволји; многу пати си бил во искушение да ја напуштиш пустината; си бил плашлив, и си победувал. Но, демонот те подбуцнува под вид на побожни и паметни причини, и ти подметнува желба да се видиш со својот татко и да ги наговориш својот брат и својата сестра да стапат во монаштво. Јас ти јавувам блага вест: и двајцата се спасени зашто се одрекле од светот. А твојот татко ќе живее уште седум години. Ти остани во пустината и немој заради нив да одиш во својот роден крај, зашто е напишано: „Никој, што ја ставил раката своја на плугот па погледнува назад, не е достоен за царството Божјо“ (Лука 9, 62).
Откако добив доволно поуки и прекори од боговдахновениот човек, јас му заблагодарив на Бога што со предвидувањето на светиот човек беа тргнати од мене причините што ме тераа да ја оставам пустината. Потоа тој повторно благо ми рече:
- Сакаш ли да бидеш епископ?
Јас му одговорив:
- Јас веќе сум.
Тој ме праша:
- Каде?
Му одговорив:
- Јас надгледувам кујни, работилници, трпези, садови; и ако виното е кисело го тргам настрана, а ако е добро го пијам. Исто така ги надгледувам лонците и ако во нив има малку сол и други зачини, јас им додавам и потоа јадам. Ете, тоа е моето епископство, а ме ракоположи цревоугодието. Блажениот со насмевка ми рече:
- Остави ја шегата на страна. Ти ќе бидеш ракоположен за епископ, и многу маки и таги ќе поднесеш. Ако сакаш да ги избегнеш, не излегувај од пустината, зашто во неа никој не може да те ракоположи за епископ.
Јас се вратив во пустината, и на светите Отци им раскажав сѐ за чудесниот и духовен Јован. По два месеца тие го посетија овој блажен човек. А јас, несреќникот, ги заборавив неговите зборови. По три години се разболев од слезината и стомакот, и браќата ме испратија во Александрија, зашто мојата болест се закануваше да се претвори во водена. Лекарите ме посоветуваа за промена на воздухот да отпатувам во Палестина, зашто таму воздухот е помек. Од Палестина дојдов во Витинија, и тука, не знам како да објаснам, дали по човечка ревност или по благоволение на Силниот, - единствено Бог знае - јас бев удостоен на ракополагање кое е над мене. Бидејќи зедов учество во делото на блажениот Јован Златоуст, јас бев приморан единаесет месеци да се кријам во мрачна ќелија, и тука се сетив дека оној чудесен и блажен човек ми го претскажа тоа што сега го поднесувам.
Сакајќи да ја зацврсти мојата одлука да не ја напуштам пустината, овој голем подвижник Христов ми го рече и ова:
- Четириесет и осум години јас поминав во оваа келија; за тоа време не видов женско лице, ниту пари; ниту некого видов како јаде, ниту пак некој мене ме виде како јадам и пијам.
Кога отците од нашата пустина го посетија овој светител, го раскажаа следното:
Кога стигнавме кај него, тој нѐ поздрави со весело лице и ние веднаш го замоливме да се помоли за нас. Потоа праша дали има некој клирик меѓу нас. Кога рековме дека нема, тој нѐ прелета со погледот и откри дека меѓу нас има клирик кој се крие. Навистина, со нас беше еден ѓакон, но за тоа не знаеше никој, освен неговиот брат, на кого тој, според своето смирение, му забранил да зборува за тоа, сметајќи се себе недостоен ни за името христијанско, а камоли за чинот, во споредба со таков светител. Покажувајќи со раката кон него, тој рече:
- Ете го ѓаконот.
А кога тој сакаше да го сокрие својот чин и започна да одрекува, светителот го фати за рака, го прегрна, и советувајќи го, благо му рече:
- Чедо, не отфрлај ја благодатта Божја, и немој да лажеш одрекувајќи се од дарот на самиот Христос. Лагата му е туѓа на Христа и христијаните, па макар да е изречена за мала или голема работа. Дури и ако за добра цел се зборува лага, сепак не е за пофалба, зашто лагата, според зоровите на Спасителот, е од ѓаволот (Јован 8, 44).
Изобличениот молчеше и го прими кроткиот укор од старецот. Кога завршивме со молитвата, еден од нашите браќа, кој веќе три дена се мачеше од треска, започна да го моли светителот да го исцели. А блажениот му рече дека оваа болест ќе му биде од корист, и го снашла заради маловерието, но му даде елеј и му нареди да се премачкува со него. Кога се премачка со елеј, тој поврати сѐ, треската му мина, и со свои нозе отиде во манастирската гостоприемница.
Свети Јован имаше веќе деведесет години и телото толку му се беше исушило од подвижништвото, така што ни брада не му растеше на лицето. Не јадеше ништо друго освен овошје, и тоа по зајдисонце. Во така длабока старост, по толку подвизи, тој не јадел ниту леб, нити нешто друго што се приготвува на оган. Кога ни нареди да седнеме, ние му заблагодаривме на Бога за средбата со него. Тој нѐ прими како свои најмили, и со радосно лице нѐ праша:
- Од каде сте деца, од која земја дојдовте кај ништовниот човек?
А кога му ја кажавме нашата татковина, и дека од Ерусалим сме дошле кај него заради душевна корист, за со свои очи да го видиме она што го слушнавме, блажениот ни одговори:
- Што необично ќе видите, мили деца, та толкав пат сте преминале? Сте посакале да видите смирени и ништовни луѓе, кои не се достојни за гледање, ниту пак имаат нешто необично. Достојни за восхит и пофалба има насекаде, каде што во црквите се читаат Божјите пророци и апостоли кои треба да се подражаваат. Јас многу се восхитувам на вас и на вашата ревност, што презирајќи толку опасности сте допатувале кај нас заради поука, додека ние, поради леност, не сакаме да излеземе од својата пештера. Но, немојте да мислите дека вашето дело е доволно, туку подражавајте ги доблестите на вашите отци. Дури и да сте ги стекнале сите нивни доблести (што ретко се случува), ни тогаш не потпирајте се на себе. Оти некои што успеале да стигнат до самиот врв на доблеста, на крајот паднале поради самодовербата. Обратете внимание дали добро се држите во своите молитви; дали не се помрачува чистотата на вашиот разум; дали не блуди вашиот ум кога стоите на молитва пред Бога; кога некоја друга мисла ќе влезе во вашата душа, не го свртува ли вашето внимание на нешто друго; не ја возбудува ли вашата душа сеќавањето на некакви неумесни желби. Обратете внимание дали вистински сте се одрекле од светот. Не барате ли можеби суетна слава во своите доблести, за само да се покажете пред луѓето како подражавачи на нашите дела. Обратете внимание, дали не ве вознемирува некаква страст, почест, слава, и човечка пофалба, или привидна побожност и самољубие. Не сметајте се себе за праведни; не фалете се со праведност. За време на молитвата не подавајте се на сеќавање на роднините, ниту на сеќавање на сочувство; не подавајте се на никакви мисли, па ни за самиот свет. Инаку, залудно е вашето дело, кога вие за време на разговорот со Бога се подавате на мисли кои што ве влечат долу. Таквото склизнување на умот го снаоѓа секој што целосно не се одрекол од светот, и сеуште се труди да му угодува. Телесните и земните грижи во неговата душа ствараат мноштво замисли; и душата опфатена од страсти не може да Го види Бога. Но, таквиот човек не треба ревносно да се труди да дојде до познание на Бога, та, иако недостоен на таквиот тек, а удостоен на неговите честици, да не помисли дека постигнал сѐ, и на тој начин сосем да пропадне.
Секогаш треба постепено и бојазливо да се приближуваме кон Бога, онолку колку што секој може да оди напред со умот, и колку што тоа воопшто му е достапно на човекот. Оние што го бараат Бога, треба да ја одвратат својата душа од сѐ друго, според зборовите на Светото Писмо: „Застанете и разберете дека Јас Сум Бог, возвишен над народите, возвишен над земјата“ (Пс. 45, 10). Оној што ќе се удостои на делумно познание на Бога (зашто никој не може потполно да го познае Бога), тој заедно со тоа добива познание за сѐ останато: гледа тајни, зашто Бог му ги покажува; ја провидува иднината, соѕерцава откривања како и светителите, чини чудеса, станува пријател Божји и од Бога добива сѐ што бара.
Во еден град, раскажуваше ава Јован, живееше едно момче кое многу зла беше сторило и тешко грешело. Но, според таинственото Божјо дејство, тоа се скруши во срцето свое заради многуте гревови свои, се насели меѓу гробовите, и започна да го оплакува својот поранешен живот. Паѓајќи со лицето на земјата, не се осмелуваше глас да пушти, ниту да го изговори името Божјо, ниту да се моли, оти сметаше дека е недостоен за живот. Пред смртта се затвори во гробница, и одрекувајќи се од животот, постојано лелекаше од дното на срцето. Откако помина недела дена така, ноќе го нападнаа демоните, виновниците за неговиот поранешен нечист живот, викајќи и говорејќи:
- Каде е оној расипник, презаситен од телесните уживања? Тој сега е незгоден за нас, се јавил како целомудрен и добар, и сака да стане уреден христијанин, кога веќе нема сили за тоа. Исполнет со нашето зло, какво добро очекуваш за себе? Зар скоро нема да појдеш со нас на своите вообичаени дела? Те очекуваат блудници и крчмари; зарем нема да појдеш да се насладуваш, оти секоја друга надеж е изгубена за тебе? И му велеа: Наш си и соедини се со нас. Зошто сега се осмелуваш да ни побегнеш? Зошто не одговараш? Зарем нема да појдеш со нас?
Но, тој, лелекајќи непрестајно, ниту ги слушаше ниту им одговараше, па тие започнаа да го тепаат, и откако страшно го измачија, го оставија полумртов. Штом се освести, момчето веднаш почна да лелека, и кога го најдоа роднините што го бараа, сакаа да го одведат дома, но тоа не се согласи. Наредната ноќ демоните повторно го нападнаа, сега уште посилно, но роднините пак не успеаја да го наговорат да го напушти тоа место. Подобро е да умрам, велеше тоа, отколку да живеам во гревовна нечистотија. Третата ноќ демоните толку немилосрдно го истепаа и само што не го убија. Кога видоа дека не отстапува си заминаа, оставајќи го без здив. Заминувајќи тие викаа:
- Победи! Победи!
Потоа ништо страшно не му се случувало на момчето, и тоа, подвизувајќи се, останало да живее во гробовите до крајот на својот живот. Бог го прослави со знаци и чудеса. И тоа многумина поттикна на восхит и ревност кон доброто. Затоа, деца, посебно да се подвизуваме во смиреноумието; тоа е темел на сите доблести. За таквото подвижништво за нас многу корисна е пустината што пооддалечена од населбите.
Ава Јован раскажуваше и за друг монах кој живеел длабоко во пустината, и многу години се подвизувал. Му се случило демоните страшно да го нападнат во староста со искушение. Подвижникот многу го сакал безмолвието, и минувајќи ги деновите во молитви, песни и многу соѕерцанија, имал неколку Божествени виденија, некои на јаве, а некои во сон. Речиси беше достигнал бестелесен живот: не обработувал земја, не се грижел за исхраната, меѓу растенијата не барал потребна храна за телото, туку исполнет со надеж во Бога откако го оставил светот, тој никогаш не ни помислил како ќе го прехрани своето тело. Доброволно се предал себе си на заборавот, и устремен кон Бога со совршена љубов, го очекувал часот кога ќе биде повикан од овој свет, а се хранел најмногу со радоста на виденијата и надежта. Меѓутоа, ниту неговото тело ослабе, ниту неговата душа беше тажна, туку тој имаше цврста навика во некое возвишено расположение.
Ценејќи го, Бог во одредено време му испраќал леб на трпеза на два или три дена, и тој се хранел со него. Кога ќе почувствувал потреба за храна, влегувал во својата пештера, и таму ја наоѓал. Откако ќе му принел молитва на Бога ќе се поткрепел со храната, па потоа се насладувал со славословие. Молитвата и соѕерцанието - целосната посветеност на светите тајни Божји - беа негово постојано занимање. Така тој напредувал од ден на ден, и предавајќи ѝ се на сегашноста, постојано се приближувал кон благата иднина, и бил речиси уверен во својот добар удел, како веќе да го имал во рацете. Таа мисла станала причина за искушението што го снашло.
Кога дојде до таква увереност, незабележливо во него се вовлече мисла дека е поголем од другите, и дека знае и има нешто повеќе од другите луѓе. При таквите мисли започна да се потпира на себе. Набргу потоа во него се појави небрежност, на почетокот мала, а потоа сѐ поголем немир, кој започна сѐ повеќе да се чувствува. Подвижникот започна небрежно да станува од сонот за славословие, стана млитав спрема молитвата, неговото славословие беше кратко; душата сакаше да се одмара, опадна со умот, мислите почнаа да блудат; а таму, во длабочината на душата, небрежноста веќе стана мила, и само претходните навики како некој браник, донекаде го задржуваа подвижникот во овој негов стремеж, и го чуваа за некое време. Понекогаш, влегувајќи навечер во пештерата по вообичаените молитви, тој на трпезата наоѓаше леб испратен од Бога, и се хранеше со него, но не ги бркаше од умот оние одвратни мисли, ниту помислуваше дека небрежноста ја убива ревноста, ниту пак се трудеше да го тргне злото од себе. Да се оддалечиш малку од должностите, нему му изгледаше безначајна работа. И така, откако завладеа со неговите мисли, сладострасната љубов го влечеше во светот. Но, сепак, тогаш се воздржа. Следниот ден го помина во обичните подвизи; по молитвите и славословието, влезе во пештерата и најде поставен леб, но овој пат не онака грижливо приготвен и чист, туку нечист. Тој се зачуди и нажали, но сепак го зеде и се поткрепи. Во третата ноќ и злото стана трократно. Неговиот ум уште побрзо се предаваше на сладострасни помисли. Но, тој продолжи со своите подвизи, се молеше и пееше псалми, но овој пат не со чисто расположение, туку често се свртуваше и талкаше со погледот. Неговото добро дело го прекинуваа разни мисли. Навечер, кога почувствува потреба за храна, влезе во пештерата, и најде леб на трпезата, но како да беше изгризан од глувци или пси, а надвор од пештерата - суви трошки. Тогаш тој започна да лелека и да лее солзи, но не доволно за да се задуши ненаситноста. Сепак, откако изеде помалку отколку што сакаше, беше спремен да се одмара. Тогаш започнаа да го напаѓаат помисли од сите страни, му го совладаа разумот, и веднаш го повлекоа во светот. Тој стана и тргна низ пустината. Денот осамна, а тој уште беше далеку од населбите. Мачен од горештината, бараше некој манастир за да се одмори. И навистина, во близина здогледа еден манастир. Богобојазливите и благочестиви браќа го примија како роден татко, го измија, и го одведоа на трпезата. Откако се поткрепи, браќата го замолија да им каже со какви средства можат да се спасуваат од ѓаволските замки, и како да ги победуваат нечистите мисли. Тој ги советуваше како таткото своите деца, препорачувајќи им да бидат истрајни во трудовите, и им искажа многу други корисни работи за подвижништвото. Откако заврши со поуката, тој неволно помисли на себе, и започна да размислува како тоа, тој други вразумува, а самиот останал невразумен. Стана свесен за својот пораз, и веднаш се врати во пустината, оплакувајќи се себе и говорејќи: „Ако не ми помогнеше Господ, мојата душа брзо ќе се преселеше во адот“ (Пс. 93, 17). Се исполнија врз него зборовите од Светото Писмо: „Кога брат, братот свој го помага, тоа е силен град, а тој е како неосвоива тврдина“, (Сол. Изр. 18, 20). Оттогаш цел живот беше јадосан. Повеќе не добиваше храна од Бога, и со својот труд заработуваше за леб. Тој се заклучи во пештерата, простре вреќа на подот, и лежеше на земјата и плачеше, сѐ додека не слушна глас на Ангел, кој во сонот му рече: „Бог го прими твоето покајание и се смилува на тебе; само внимавај, не залажувај се. Ќе ти дојдат во посета браќата што ги поучи, и ќе ти донесат лебови на благослов; прими ги, раздели ги со нив, и секогаш благодари Му на Бога.
Ви го раскажав ова, деца, за повеќе да се трудите во смиреноумието, макар колку и да ви изгледаат големи вашите подвизи. Таа е првата заповед на Спасителот; Он вели: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно“ (Мат. 5, 3). Внимавајте да не ве прелажат демоните. А, кога ќе ви дојде некој близок, било брат, пријател, жена, татко, мајка..., вие најпрвин пружете ги своите раце на молитва, и ако е привидение ќе побегне од вас. Ако пак ве прелестуваат демони или луѓе, ласкајќи ви и фалејќи ве, не обраќајте им внимание, и не кревајте се со умот. И мене често ноќе ме прелестуваа демоните со разни призраци, и по цела ноќ не ми даваа ниту да се молам ниту да се одморам, а наутро со потсмев ми се клањаа и говореа: „Прости ни ава, што цела ноќ ти задававме работа“. А јас им одговарав: „Отстапете од мене сите што чините беззаконие“ (Пс. 6, 9); нема да го искушате слугата Господов.
Така и вие, посветете се на безмолвието, секогаш вежбајте се во светото богоразмислување - соѕерцанието, за да имате чист ум во молитвите. Добар е и подвижникот кој, живеејќи во светот постојано се занимава со добри дела, укажува братољубие, гостољубие и љубов, прави милостина, добротвори, помага на болните, и се чува себе си од соблазни. Тој е вистински добар подвижник, кој со дело и труд ги исполнува заповедите, иако се занимава со земни работи. Подобар и поголем од него е оној соѕерцател, кој остава други да се грижат за житејските работи, а самиот, одрекувајќи се од себе, се занимава со небесните работи. Ослободувајќи се од сѐ, тој стои пред Бога и никаква друга грижа не го одвлекува од тоа. Таквиот се соединува со Бога, и живее со Бога, насекаде славејќи го Бога, со непрекинато славословие.
Познавам човек во пустината, кој десет години не земал никаква земна храна, туку секој трет ден ангел му носел небесна храна. И, знам дека кај тој човек дојдоа демони во призраци, прикажувајќи се како ангелска војска, со огнени кочии, како да пратат некој цар, и му рекоа:
- Човеку, кој си исполнил сѐ, поклони ми се, и јас ќе те вознесам на небото како Илија.
А монахот помисли во себе: „Јас секојдневно се клањам на својот Цар и Спасител, и кога би бил Он, не би го барал тоа од мене“. И штом тој само рече, јас за свој Цар го имам Бог на Кого се клањам, а ти не си мој цар, - веднаш исчезна сѐ. Тоа го зборуваше преподобниот како за некој друг, сакајќи да ги сокрие своите подвизи. А пак отците што живееја со него говореа дека тој самиот го видел тоа.
Раскажувајќи ни такви и многу други работи во текот на три дена, до три часот попладне секој ден, блажениот Јован ги лечеше нашите души. Потоа нѐ благослови и ни наложи да си одиме во мир; уште ни изрече и пророштво: дека денес во Александрија стигнала вест за победата на благочестивиот цар Теодосиј, и поразот на тиранинот Евгениј, и дека царот ќе умре со природна смрт. Навистина сѐ така се случило.
Откако посетивме и многу други Отци, дојдоа браќата и ни јавија дека блажениот Јован се упокоил на чудесен начин: наредил никого да не пуштаат кај него во текот на три дена, и преклонувајќи ги колената на молитва, се претставил во својата деведесетта година и отиде кај Господа, Кому нека е слава за навек, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАФНУТИЈ
Овој преподобен бил ученик на свети Антониј Велики. Со светоста на својот живот многу грешници обратил кон покајание (како света Таиса, 8 октомври). Повеќе личел на бестелесен ангел отколку на телесен човек. Основал манастир во долна Тиваида, во Ираклискиот крај, и бил игумен. Бил почитуван од сите. Се упокоил кон крајот на четвртиот век. За него во Лавсаикот, глава 57-ма, Паладиј го пишува следното:
- Ние видовме и друго место, каде што живеел отшелникот Пафнутиј, велик и добродетелен човек, кој неодамна се претставил во околината на Ираклија Тиваидска. За него многу се зборува.
По долгото подвизување, Пафнутиј го замоли Бога да му открие на кого од светите подвижници е сличен тој. Му се јави Ангел и му рече:
- Ти си сличен на тој и тој свирач на фрула, кој живее во градот. Пафнутиј поита кон свирачот и го распрашуваше за начинот на живот и за делата негови. Свирачот му рече: (што беше и вистина) дека е грешен човек, и пијаница, и блудник, и дека неодамна престанал да биде разбојник и станал свирач. А кога Пафнутиј подробно го праша какво добро воопшто сторил, тој му одговори дека не знае за никакво свое добро, освен што еднаш спасил една христијанска девојка, која сакал да ја обесчести еден разбојник, и ја вратил во своето село. Во друга прилика, продолжил фрулашот, сретнав една жена која талкаше во пустината, бегајќи од слугите на градоначалникот и судијата, поради државни долгови на својот маж, и ја оплакуваше својата судбина. Јас ја прашав зошто плаче, а таа ми одговори:
- Не прашувај ме господине, туку земи ме како слугинка своја, и води ме каде што сакаш. Мојот маж во текот на две години многу го тепаа поради државниот долг од триста златника, го затворија во темница, и трите мои премили деца ги продадоа, а јас се спасувам со бегство, преминувајќи од место во место. Бидејќи често ме фаќаа, и секој пат немилосрдно тепаа, сега лутам по пустината и веќе трет ден ништо не сум вкусила. Јас ја сожалив, ја доведов во пештерата, ѝ дадов триста златника и ја испратив до градот. Така ја ослободив неа со децата и мажот.
Пафнутиј ми рече:
- Јас не знам дали воопшто нешто слично сум сторил во својот живот; но, ти, секако си слушал за мене дека сум познат подвижник, и Бог ми откри за тебе дека ти не си ништо помал од мене според добрите дела. Кога Бог така се грижи за тебе, брате, ти немој да ја занемариш својата душа.
Во тој час свирачот ја фрли фрулата и појде со овој човек во пустината. Тука се подвизуваше три години во славословие и молитва, и така премина на небото и се упокои, вброен меѓу ликовите на светителите и редовите на праведниците.
Ава Пафнутиј започна да води уште посовршен живот, и повторно го замоли Бога да му открие на кого од светителите е сличен. И пак му дојде глас од Бога:
- Ти си сличен на старешината од соседното село.
Пафнутиј итно се упати кај него. Кога затропа на неговата врата, овој излезе, и по обичај го прими гостинот. Му ги изми нозете, подготви трпеза и го понуди да јаде. Но, Пафнутиј започна да го распрашува за делата негови, говорејќи:
- Човеку, раскажи ми како го минуваш животот, зашто Бог ми објави дека ти си надминал многу монаси.
Овој му одговори дека е грешен и недостоен и за самото монашко име. На упорното настојување на Пафнутиј, човекот му одговори:
- Јас немам потреба да ти зборувам за своите дела, но, бидејќи си дошол по Божја волја, ќе ти раскажам за себе. Еве, веќе триесет години сум оддвоен од својата жена, а со неа поживеав само три години, и добив три сина, кои им служат на моите потреби. До денес не сум го напуштил гостопримството. Никој од селаните не може да се пофали дека пред мене угостил странци. Сиромав или странец не излегува од мојот дом со празни раце, туку добива што му е потребно за пат. Не сум пропуштил да им пружам потребна утеха на нажалените; не сум бил пристрасен спрема својот син на судот; туѓи плодови не влегле во мојот дом; немало непријателство каде не сум се јавил како миротворец; никој не ги укорувал моите синови за недолични постапки; моите стада немаат допрено туѓи плодови; прв не сум ги сеел своите ниви, туку го користев она што ќе останеше, не сум дозволувал богаташ да жалости сиромав; преку целиот живот никого не сум навредил, нити против некого сум произнел лош суд. Ете, колку што се сеќавам, тоа сум го сторил по волјата Божја.
Кога слушна за доблестите на овој човек, Пафнутиј го прегрна и рече:
- Нека те благослови Господ од Сион, и ќе ги видиш добрата ерусалимски. Тебе ти недостасува главната доблест: премудрото знаење за Бога, што не можеш да го стекнеш без напор ако не се одречеш од светот, и не го земеш крстот и не одиш по Спасителот.
Кога го слушна тоа, човекот веднаш се упати кон планината со ава Пафнутиј. А кога дојдоа до реката и не најдоа чамец, преподобниот му нареди да ја прегази реката која никој никогаш не ја газел на тоа место, оти е длабока. Откако ја преминаа реката, која им беше само до половината, Пафнутиј го остави човекот на едно место, а самиот се оддалечи од него, молејќи го Бога да стане подобар од ваквите луѓе. По некое време Пафнутиј виде како ангели ја земаат душата на тој човек, славејќи го Бога и говорејќи: „Блажен е оној кого Ти си го избрал и примил да живее во Твоите дворови“ (Пс. 64, 5). Тогаш Пафнутиј дозна дека овој човек се упокоил. Продолжувајќи неуморно да се моли на Бога и уште повеќе да пости, Пафнутиј го замоли Бога повторно да му открие на кого е сличен. И повторно глас Божји му рече:
- Ти си сличен на трговецот кој бара бисери; туку стани и не двоуми се; со тебе ќе се сретне човекот на кого ти си сличен.
Симнувајќи се од гората, тој виде еден трговец александриец, благочестив и христољубив човек, кој тргувал со дваесет илјади златници, имал сто кораби, и сега се враќа од Горна Тиваида. Тој целиот свој имот и сите приходи од трговијата ги раздавал на сиромасите и монасите; и овој пат со своите синови му носеше десет вреќи зеленчук на Пафнутиј.
Пафнутиј го праша:
- Што е тоа пријателу?
А тој му одговори:
- Тоа се плодови од трговијата што се принесуваат на Бога заради закрепнување на праведните.
Пафнутиј му рече:
- Што, зарем нема да го примиш нашето звање?
А кога трговецот призна дека многу го сака тоа, Пафнутиј му рече:
- До кога ќе се занимаваш со земјоделска трговија не преземајќи ја небесната? Остави го тоа на другите, а ти појди по Спасителот кај Кого ќе стигнеш за кратко време.
Не двоумејќи се ни малку, трговецот им нареди на своите синови, сѐ што останало кај него да го раздадат на сиромасите, а тој отиде во гората, се затвори во едно место каде што пред него се подвизувале двајца, и постојано се молеше на Бога. По кратко време го остави телото и стана небожител.
Откако и овој човек го испрати на небото, најпосле, немајќи повеќе сили да се подвизува, Пафнутиј започна да заминува со душата. Му се јави Ангел и му рече:
- Ајде, блажен, најпосле и ти во вечните населби, зашто пророците дојдоа да те примат во својата средина. Тоа не ти беше откриено порано за да не се возгордееш и да се лишиш од своите заслуги.
Поживеа уште еден ден, им раскажа сѐ на презвитерите кои по откровение беа дошле кај него и ја предаде душата. Презвитерите јасно видоа како Пафнутиј го примија ликови на праведници и ангели коишто го славеа Бога.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КИРИК
Се подвизувал во Апра (Теодосиупол), во Тракија; се претставил во мир.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КОДРАТ, МАНУИЛ, ТЕОДОСИЈ
и четириесетте останати
Овие свети маченици беа родум од Исток. Гледајќи како идолопоклониците секојдневно ги убиваат христијаните, тие се договорија бестрашно да ја исповедаат својата вера во Христа, за да станат наследници на царството небесно. Со таква одлука тие неповикани се упатија кај кнезот на својата земја, кој во тоа време убиваше многу христијани. Кнезот нареди да ги фрлат во темница. По неколку дена ги изведе и започна да ги наговара да им принесат жртви на идолите. Но, тие не само што не го послушаа, туку го советуваа тој да се одрече од почитувањето на идолите. Тогаш кнезот нареди голи да ги обесат на дрво, и да им ги стругаат ребрата. Потоа ги положија на изострени гребени и најпосле им ги отсекоа главите. Така, блажените маченици Кодрат, Мануил и Теодосиј, и останатите четириесетмина со нив, примија венци на мачеништво.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈОВАН И ВАРУХИЈ
Пострадале за Господа Христа заклани со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЕПИСКОП ЕВТИХИЈ
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАВЛЕ,
епископот Коринтски
Преподобен Павле беше брат на епископот Аргонски Петар; за епископ Коринтски го ракоположил патријархот Николај Мистик. Мирно се упокоил околу 880 - 890 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК АНАН (или Ананиј)
Пророкувал за време на царувањето на јудејскиот цар Аса; го изобличил царот поради тоа што се надевал во земните цареви, а не во Господа Бога, и му изрекол казна Божја за тоа (2 Дневн. 16, 1-13).
СПОМЕН НА СВЕТА ЛИДИЈА
Оваа света жена беше продавачка на порфира (скерлета) од градот Тијатира, близу Филипи во Македонија. Таа прва поверува во проповедта на апостол Павле во тој крај, и се крсти со целиот свој дом (Д. А. 16, 12-15). Затоа се слави како прва христијанка од Европа.