10. Април (28. Март)
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ, ИЛАРИОН НОВИ, ИСПОВЕДНИКОТ,
игуменот на манастирот Пелекита
Преподобен Иларион беше монах уште од својата рана младост. Носејќи крст и следејќи го Распнатиот, тој со воздржание ги покори телесните страсти, и сите монаси ги надмина во доблестите. Се затвори во мрачна одаја, помина многу години далеку од сѐ, и се просвети со бестрастие. Потоа се удостои на свештенички чин. Беше игумен на манастирот Пелекита близу Хелеспонт, во Азија. Направи восхитувачи чудеса: со збор отстрануваше штетни животни од посевите во полето, со молитва го запираше паѓањето на град, за време на суша измоли дожд, ја раздели реката како пророк Елисеј, ја исцели исушената рака на еден човек, на слепец му даруваше вид, многу хроми исцели, ѓаволи истера, им ги наполни мрежите на рибарите...
Во осмата песна на Канонот на свети Јосиф Песнописецот, за него пишува дека поднел гонење од мачителите поради почитувањето на чесните икони, и го нарекува маченик, бидејќи живееше во времето на иконоборниот цар Лав III-ти Исавријанецот, и бил многу злоставуван. Царскиот војвода ненадејно нападна со војската на манастирот Пелекит, и тоа на Велики Четврток, за време на светата Литургија: дрско влета во олтарот, забрани да се пее, и светите животворни Тајни Христови ги фрли на земјата. Потоа фати четириесет и двајца најугледни монаси, ги окова во синџири, а останатите ги стави на страшни маки. Некои ги претепа, на некои им ги намачка брадите и лицата со смола и ги запали, а на некои им ги отсече носевите. Потоа го запали манастирот заедно со црквата. А преподобниот отец Иларион со останатите четириесет и двајца оковани отци ги испрати на заточение близу Ефес, каде тој го заврши својот живот во темницата, во 754 година, и се пресели во царството Христово.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СТЕФАН ИСПОВЕДНИКОТ
Преподобен Стефан живеел во времето на царот Лав Ерменин. Уште од мал го засакал подвижничкиот живот, и се украсил себе си со сите добродетели. На упорните молби од монасите станал игумен на Триглискиот манастир. Многумина упатил на чист и богоугоден живот. По многу години подвизување како игумен, злочестивиот цар Лав иконоборецот започна со лутото гонење против Православието, поради почитувањето на чесните и свети икони. Тогаш тиранинот го повика и преподобниот Стефан и го присилуваше да се одрече од почитувањето на светите икони, и да се потпише против Православната вера. Но, преподобниот не само што го одби тоа, туку и го искара царот и го нарече безбожник како и останатите иконоборци. Поради тоа беше луто мачен и влечен по темници, па потоа испратен на заточение. Многу злоставуван таму, тој отиде кај Господа Христа, за Кого поднесе многу трудови и претрпе многу маки.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК БОЈАН,
кнезот Бугарски
Беше син на Крутогон, а внук на Грубош. Ја исповедаше верата Христова додека неговиот брат Миломир беше незнабожец. По наредба на својот брат беше заклан за правата вера, во 827 година.
ЧУДЕСНОТО СЛУЧУВАЊЕ СО ВОЈНИКОТ ТАКСИОТ
Во градот Картагена, во Африка, имаше еден војник по име Таксиот. Тој го минуваше својот живот во тешки гревови. Еднаш во Картагена настана помор. Тогаш Таксиот се исплаши, се покаја за своите гревови, ја напушти војничката служба, се повлече на својот имот и започна да живее богоугоден живот. По извесно време, под дејство на ѓаволот изврши прељуба со жената на својот чифчија, кој живееше на неговиот имот. Но, по кратко време го касна змија и тој умре.
На боиштето, далеку од имотот на Таксиот се наоѓаше еден манастир. Неговата жена поита таму и ги замоли монасите да го погребаат нејзиниот сопруг крај манастирската црква. Го погребаа во девет часот претпладне, а во три часот попладне од гробот се слушна повик за помош:
- Смилувајте се на мене! Смилувајте се на мене!
Бргу го раскопаа гробот и го најдоа покојникот жив. Сите се запрепастија и го прашуваа што се случило со него, а тој толку силно плачеше и лелекаше, што не можеше ни да зборува, туку само молеше да го одведат кај епископот Тарасиј. Кога го одведоа, епископот три дена го тераше да му раскаже што видел таму. А Таксиот, дури на четвртиот ден едвај започна да зборува, и низ солзи раскажа:
„Кога умирав, пред себе здогледав црнци со страшен изглед. Потоа видов две прекрасни момчиња. Мојата душа веднаш им скокна во рацете. И тогаш, како да летнавме од земјата, одевме по воздухот, и наидовме на митарства што го спречуваа влегувањето и ги запираа душите на сите луѓе. На секое од митарствата се испитуваа посебни гревови:
На едно лаги, на друго завист, на трето гордост, и секој грев има свој посебен иследник во воздухот. Кај ангелите видов торба, и во неа сите мои добри дела. Ангелите земаа од нив, и со нив им се спротивставуваа на моите зли дела. И така ги минувавме митарствата. Но, кога приближувавме кон вратите на небото, наидовме на митарството за блуд. Тука ме запреа стражари. Тие ги изнесоа сите мои блудни дела од детството па до смртта, а ангелите што ме водеа ми рекоа: „Сите телесни гревови што си ги извршил во градот Бог ти ги простил, зашто си се покајал за нив“. На тоа моите противници рекоа: „Но, на својот имот тој изврши прељуба со жената на својот чифчија“.
Кога го слушнаа тоа ангелите, и не најдоа мое добро дело со кое би го намириле тој мој грев, тие ме оставија и си заминаа.
Тогаш ме зграбија злите духови и со тепање ме симнаа долу. И, се отвори земјата, и тие ме влечеа низ тесни и смрдливи ходници сѐ до темницата на пеколот, каде душите на грешниците се затворени во вечна темнина и нема живот за луѓето, туку вечни маки, неутешен плач, и неизразливо чкртање со забите. Таму постојано страшно кукаат, викајќи:
- Тешко нам! Тешко нам! Леле! Леле!
И не е возможно да се искажат тамошните неволји што ги видов, ниту да се изразат маките и страдањата, а и нема кој да се сожали на нив. Плачат, и нема кој да ги утеши. Молат, и нема кој да ги чуе и избави. И јас бев затворен со нив во тие темни места, плачев и лелекав од девет до три часот попладне. Тогаш здогледав мала светлина. Тоа беа двајцата Ангели кои беа дошле таму. Јас започнав сесрдно да ги молам да ме избават од оваа беда, за да се покајам пред Бога. Но, ангелите ми рекоа:
- Неблаговремено молиш, зашто никој не излегува одовде, сѐ до општото воскресение. Но, јас не престанував да молам, ветувајќи покајание. Тогаш, едниот ангел му рече на другиот:
- Веруваш ли дека ќе се покае како што ветува? Оној му одговори:
- Верувам. Тогаш ме фатија и ме доведоа до мојот гроб, кај телото мое, и ми рекоа:
- Влези таму од каде што си излегол!
И јас ја видов мојата душа светла како бисер, а моето тело мртво како смрдлива кал, и црно, и ми беше одвратно да влезам во него. Ангелите ми рекоа:
- За тебе е невозможно да се покаеш, ако не се наоѓаш во телото со коешто си згрешил.
А јас ги преколнував да не ме тераат да влезам во телото. На тоа ангелите ми рекоа:
- Ако не влезеш, повторно ќе те вратиме таму од каде што те зедовме. Тогаш влегов и оживеав, и почнав да викам:
- Смилувајте се на мене! Епископот Тарасиј му рече:
- Земи, касни малку!
Но, тој не сакаше да јаде и се каеше четириесет дена, одејќи од црква до црква, и удирајќи со главата во вратите и праговите. Постојано плачеше раскажувајќи им на сите за страшните маки во коишто живеат грешниците во оној свет, и ги молеше луѓето да не грешат и да се покајат за веќе сторените гревови. Така, Таксиот помина четириесет дена по своето воскресение. Откако се исчисти со покајание, три дена пред да го напушти овој свет го дозна часот на својата смрт, и отиде кај милосрдниот и човекољубив Бог, Кој внесува и изнесува од адот и им дава спасение на сите. Нему слава за навек. Амин.
ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕВСТРАТИЈ ПЕЧЕРСКИ,
постник и маченик
Свети Евстратиј се истакна како добар војник Христов, војувајќи со крстниот знак пред себе. Овој храбар војник Христов беше родум од Киев. Тој чезнееше да стане монах, па го раздаде целиот свој имот на бедните, а еден дел остави да го разделат неговите роднини по неговата смрт. Како богаташ, тој осиромаши на таков начин, и стана монах во Печерскиот манастир. И започна да војува богоугодно под знамето на осиромашениот заради нас војвода Христос, со духовниот меч, односно со молитвата, гладот, и големата воздржливост, победувајќи ги не само телото свое, туку и бестелесните непријатели. При тоа свети Евстратиј размислуваше како неговиот Подвигоположник, самиот Исус Христос усрдно се молел, постел четириесет дена, се понизил себе, бил послушен. Затоа и тој се наоружа со тие доблести. Посебно се подвизуваше во пост и големо воздржание и поради тоа беше наречен постник. Кога по допуштање Божјо, злочестивиот Боњак со мноштво Половци ја нападна и опљачка Руската земја, при упадот на паганците во Печерскиот манастир и колежот што тие го приредија таму, блажениот Евстратиј беше одведен во ропство заедно со останатите, и продаден во Ромеја, во градот Корсун, на еден Евреин заедно со педесет други христијани, од кои триесетмина од нив беа манастирски момци, а дваесетмина Киевци. Евреинот започна да ги присилува своите робови да се одречат од Христа, заканувајќи им се дека секој што ќе му се спротивстави ќе го убие со глад во окови. Но, храбриот инок Евстратиј, молејќи се ги крепеше сите, и ги поучуваше говорејќи:
- Браќа секој од вас што се крстил и поверувал во Христа, да не го нарушува својот завет даден при крштението. Христос нѐ препородил со вода и Дух; Христос со својата крв нѐ искупил од клетвата законска и нѐ направил наследници на Своето царство. Затоа, ако живееме, да живееме во Господа, ако пак умреме, да умреме за Господа, та со привремената смрт да стекнеме живот вечен.
Окрепени од зборовите на блажениот Евстратиј, сите заробеници претпочитаа да умрат од глад, отколку да се одречат од Христос. Така измачени со глад, тие педесетмина умреа, а само Евстратиј остана жив; мачен со глад цели четиринаесет дена, тој остана здрав, зашто од својата младост беше навикнал да пости. Несреќниот Евреин, гледајќи дека црноризецот е причина што му пропаднаа парите дадени за робовите, реши да му се освети. Се наближуваше празникот Воскресение Христово и Евреинот започна да ја празнува својата Пасха; и му се потсмеваше на свети Евстратиј, како што некогаш неговите богоубиствени отци се потсмеваа на самиот Господ Исус Христос. И, како што во она време Евреите го распнаа Христос, така и овој несреќен Евреин со своите пријатели го прикова на крст овој блажен праведник.
Распнат, Евстратиј му благодареше на Бога што го удостои да живее без храна и вода веќе петнаесет дена, а Евреите му се потсмеваа, говорејќи:
- Безумнику, најади се сега од законската пасха за да останеш жив и да го избегнеш проклетството, зашто нам Мојсеј ни даде закон што го доби од Бога, и во книгите свои го рече ова: „Проклет е од Бога секој што виси на дрво“ (5 Мојс. 21, 23).
На тоа блажениот одговори:
- Денес Господ ме удостои на голема благодат, зашто благоволи да пострадам на крст за името Негово, слично на Него. Се надевам дека ќе ми рече како некогаш на разбојникот: „Денес ќе бидеш со мене во рајот“ (Лк. 23, 43). А вашата Пасха не ми е потребна, ниту пак се плашам од вашите клетви, „зашто Пасхата наша, Христос, се закла за нас“ (1 Кор. 5, 7), и го разруши проклетството на смртта, фрлено на нас поради нарушувањето на законот во рајот. И воведе благослов на живот со Крстот на кој висеше Он, животот на сите, како што прорече и Мојсеј, говорејќи: „И ќе го видите вашиот живот како виси пред очите ваши“ (5 Мојс. 28, 66). А за празникот Пасха, Давид говори: „Ова е денот што го створи Господ за да се радуваме и да се развеселиме во него“ (Пс. 117, 24). Но, ти, кој ме распна заедно со твоите истомисленици, ќе заплачете поради овој ден, зашто ќе ви дојде одмаздата за мојата крв, и за крвта на останатите христијани што ги купивте.
Многу гневен од тоа што го слушна, Евреинот дофати едно копје и го прободе распнатиот. Така храбриот војник Христов Евстратиј го заврши својот живот, во 1097 година. Тогаш беше видена огнена кочија и огнени коњи, коишто душата на овој победоносец ја носеа на небото, и се слушна глас кој говореше: „Еве го славниот христијанин на небесниот град!“
Свирепиот Евреин го симна од крстот светото тело на блажениот маченик, и го фрли во морето каде потоа многу чудеса се случија. Верните упорно ги бараа тие чудотворни мошти, но не можеа да ги најдат. Но, по промисла Божја, тие се најдоа во пештерата, каде и досега почиваат нетлени.
Претскажувањето на светиот страдалник, дека неговата крв ќе биде осветена, се исполни веднаш по неговото мачеништво. Во истиот ден стигна наредба од ромејскиот цар; сите Евреи да се протераат од неговата држава; да им се одземат имотите и нивните старешини да се убијат поради мачењата на христијаните. Тоа се случи на следниот начин:
Еден богат и прочуен евреин беше крстен. Сакајќи да го одликува поради тоа, по неколку дена царот го постави за епарх. Но, кога го доби чинот, евреинот отстапи од Христа и Неговата вера, и на евреите им даде разрешување ширум ромејското царство да купуваат христијани и да ги претвораат во свои робови. Кога се обелодени ова дело на епархот, царот нареди да го погубат и да ги сотрат сите евреи во неговото царство. И додека ги убиваа евреите во ромејскиот град Корсуна, го обесија на дрво и оној несреќен евреин што го погуби преподобниот Евстратиј.
А пак останатите евреи, гледајќи ги страшните чудеса по смртта на преподобниот, вистински поверуваа во Христа, и се крстија. А добриот војник Христов, и победоносец, и по својата смрт се удостои со бесмртната небесна војска да лее победна песна и да царува со самиот победител на смртта Христос, славејќи Го и благодарејќи Му, со беспочетниот Негов Отец и животворниот Дух, во бесконечните векови, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИСИХИЈ, ПРЕЗВИТЕРОТ ЕРУСАЛИМСКИ
Ерусалимскиот презвитер, проповедник и голем богослов, преподобен Исихиј беше надалеку познат во почетокот на петтиот век, како што сведочи за него свети Теофан Исповедник во својата Хронографија (1, 83). А Кирил Скитополски, писател на житијата на многумина Светии од тоа време, го нарекува учител на Црквата и надалеку познат богослов. Преподобен Исихиј го пратеше ерусалимскиот патријарх Јувеналиј (422-458), кога тој ја посветуваше црквата во манастирот на свети Ефтимиј (428г.), за што пишува споменатиот Кирил во Житието на свети Ефтимиј. За големата духовна и богословска мудрост на преподобниот Исихиј зборува и светиот патријарх Фотиј (Библиотека, 198), кој многу ги фали неговите книги. Свети Исихиј напиша прекрасни толкувања на многу книги од Светото Писмо, а исто така и поучни книги за подвижничкиот и духовниот живот. Посебно е значајно неговото славно дело „За трезвението и доблестите“ кое се наоѓа во „Добротољубието“. Преподобен Исихиј се упокои во мир, околу 440 година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ИРОДИОН,
еден од седумдесетмината
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИЛАРИОН ГДОВСКИ
Преподобен Иларион беше ученик на светиот Ефросион Псковски и основач на Покровско-Озерскиот манастир, на реката Желчи, во Гдовскиот округ. Тој се подвизуваше богоугодно во својата обител, сѐ до своето претставување во 1476 година. Неговите свети мошти почиваат во црквата, во неговиот манастир.