11. Април (29. Март)
СТРАДАЊЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАРКО, епископот АРЕТУСИСКИ,
ѓаконот КИРИЛ и многу други
За страдањето на епископот Аретусиски, преподобен Марко, свети Григориј Ниски во своето Прво Слово против богохулкиот цар Јулијан Отстапник го пишува следното:
Кој не знае што се случи со прекрасниот Марко аретусиски? Кој нема да се сети за неговата повест? Тој за време на царот Константин Велики разорил некој незнабожечки храм, и многумина од незнабошците привел на патот на спасението, не само со своите благовесни беседи туку и со својот беспрекорен живот. Поради тоа го мразеле сите демонољубиви аретусијанци. А кога незнабошците добија сила со зацарувањето на Јулијан Отстапник, во тоа тешко време рацете на мачителот допреа до преподобен Марко. Пламна пламенот на гневот незнабожечки и започна нагло да се шири. Кога го виде тоа, преподобниот намисли да се повлече, не од страв, туку според заповедта Божја: „Кога ќе ве бркаат од еден град, бегајте во друг“ (Мт. 10, 23). Зашто нам ни се наредува да се страниме од гонителите.
И кога свети Марко виде дека поради неговото бегство и криење злоставуваат други, тој се врати и добороволно се пријави кај разјарените незнабошци. И каква ли свирепост не доживеа тогаш? Каква ли мака не измислија над него? Секој се трудеше да му зададе посебна мака. Со мноштвото маки го распламтуваа неговото јунаштво. Посебно ги раззбеснуваше тоа што сметаа дека тој се вратил меѓу нив, не поради својата храброст, туку за да ги презира и понижува. Старецот светител, и доброволен страдалник, беше влечен низ градот, мачен, камшикуван, навредуван од сите, и сите се натпреваруваа кој ќе му нанесе поголема пакост и грубост. Сметаа дека е голема работа да се изложи на многу маки и да се сотре старец, кој јуначки се држи. Го влечеа по улиците, го фрлаа во блата, на маките додаваа навреди, му ја кубеа косата, му кинеа делови од телото, го бодеа со ножеви... Тој тажен призор го претвараа во смеа и потсмев: го врзаа за дрво, му ги отсекоа ушите со тенок конец, го соблекоа, го премачкаа со мед, и го оставија на летната горештина за да го изедат осите, комарците, стршлените... Маченикот Христов, иако сосем стар, како млад ги поднесуваше маките, а лицето му беше светло, оти за него се вели дека не чувствувал болки, и своето страдање го сметал за своја слава, а не за неволја.
И кој милосрден и човекољубив не би бил трогнат од таквиот призор? Но, тоа не смееле да го покажат поради царскиот гнев и од страв од градоначалникот. Така светителот трпеше страшни маки, не сакајќи да им даде ниту пара на незнабошците за разрушениот храм. Тие барале од него да им го изгради храмот што го разорил и да им плати огромна сума на пари. Додека гледаа како ги поднесува маките, незнабошците ја намалуваа цената на својот храм, и најпосле побараа незначителна сума што тој лесно можеше да ја плати, но не им даде ниту една пара. Тоа јасно покажуваше дека страда за верата.
А свети Марко беше еден од оние кои го сокрија богохулниот цар Јулијан кога уште како дете го гонеле и сакале да го убијат.
И поради тоа, како што се смета, заслужено страдал сега, зашто не знаејќи, сочувал од смрт толку големо зло за вселената. Аретусискиот епарх бил многу трогнат од најразличните маки на преподобниот Марко, иако бил незнабожец, и храбро излегол пред царот и му рекол:
- Царе, зарем не е срамота овој старец да го подложуваме на толку маки? Па, сепак, не го победивме. Но не е ни славно ни чесно да го победиме него.
А блажениот Теодорит пишува:
- Кога ја видоа огромната трпеливост на прекрасниот старец свети Марко, аретусиските незнабошци му се восхитуваа, и најпосле го одврзаа и го пуштија на слобода. И еден по еден, повторно сите примија поуки од него, и се вратија во верата Христова.
За светиот ѓакон Кирил блажениот Теодорит пишува:
- Кој може без солзи да го спомене злото што го извршија незнабошците во Финикија? Во градот Илиопол, под гората Ливан, тие се сетија на ѓаконот Кирил кој во времето на царот Константин Велики разруши многу идоли. И тие не само што го убија ѓаконот Кирил туку со своите заби му ја распараа и отворија утробата. Но, Божјата казна бргу ги стигна:
На сите им испаѓаа забите, во устите им се намиожија црви, од нив излегуваше неподнослива смрдеа и најпосле ослепеа сите. Тогаш во палестинските градови Аскалон и Газа злобните незнабошци исекоа на парчиња многу свештеници, монахињи и жени посветени на Бога, ги помешаа со јачмен и ги дадоа на свињитете да ги изедат.
Така светите маченици добија победнички венци во царството Христово, а мачителите ги очекуваат вечни маки во адот, според праведната одмазда на вистинскиот Бог, нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН БУНАРЕЦ
Во Ерменија живееше една многу богата и богобојазлива жена по име Јулијана. Таа млада остана вдовица со своите две деца Јован и Темистија. Бидејќи во тоа време незнабожните цареви издадоа указ за гонење на христијаните, Јулијана се исплаши, ги зеде своите деца, и се сокри во една зафрлена куќичка. Така сокриена, таа ги воспитуваше своите деца во науката и стравот Господов. Нејзиното синче Јован, штом ќе дојдело време за молитва, ја оставало својата мајка и одело во црквата. Таму кришум се молело и повторно се враќало кај својата мајка. Во тоа време сите христијани се криеле од идолопоклониците. А кога еднаш по својот обичај Јован отиде во црквата на молитва, таму го затекна еден богољубив христијанин и го посоветува дека е подобро да оди на молитва во шумата отколку во црквата, зашто е опасно да падне во рацете на идолопоклониците. Јован го послуша и ѝ рече на својата мајка:
- Мајко, еден богољубив христијанин ме повика да појдам кај него, а јас мислам дека треба да побарам благослов и молитва од тебе, па потоа да одам. Мајката го пушти, мислејќи дека брзо ќе се врати.
Откако се поздрави со мајка си и сестра си, тој отиде во пустината кај еден египетски монах, по име Фармутиј. Овде најпрвин се подвизуваше под ракаводство на својот духовник Фармутиј, кој толку се беше удостоил пред Бога, што ангел Божји секој ден му носеше леб. Потоа зеде благослов од својот духовник и се повлече длабоко во пустината. Таму пронајде еден сув бунар, во кој имаше многу скорпии и змии, се помоли на Бога и скокна во бунарот. При тоа го прифати ангел Господов за да не се повреди, зашто бунарот беше многу длабок.
Кога се најде на дното од бунарот, тој ги рашири рацете крстолико и така помина во молитва четириесет дена, без храна, вода и спиење, не спуштајќи ги рацете. Сите животни веднаш побегнаа оттаму, а ангелот Господов, кој секојдневно му носеше леб на Фармутиј, започна да му носи и на Јован, но преку Фармутиј, за да не се возгордее, оти сѐ уште е млад. Ангелот му рече на Фармутиј:
- Еве, Господ ти го испраќа овој леб да го дадеш на ава Јован, кој се наоѓа во сувиот бунар. Кога го прими лебот од Фармутиј, Јован му заблагодари на Бога, јадеше, и продолжи да Го слави Бога. И секој ден добиваше леб од старецот. Не можејќи да ги гледа Јовановите подвизи, ѓаволот се претвори во слуга, дојде кај старецот Фармутиј, и го прелести со своите зборови. Отидоа заедно кај бунарот, и старецот започна да го советува Јована тоа што не е потребно. Јован сфати дека тоа е ѓаволска замка, го поправи старецот, го посрами ѓаволот, и ги испрати и двајцата, без никаква штета по себе.
Потоа ѓаволот собра мноштво демони, ги претвори во обличја на Јовановите најблиски, и сите дојдоа кај бунарот, и кукаа и плачеа над неговиот отвор, проколнувајќи го Јована да излезе барем само да го видат. Но, светителот се молеше на дното од бунарот, и воопшто не им се одѕва. Тогаш демоните станаа невидливи.
Откако Јован помина десет години во сувиот бунар и целосно го изврши подвижништвото и доблестите, кај него, воден од Ангел Божји, дојде некој монах по име Хрисиј, кој триесет години се подвизувал во пустината, за да го погребе. И три дена стоеше Хрисиј крај отворот на бунарот, заколнувајќи го Јована во семоќниот Бог да не сокрие ниту една доблест, туку сите да му ги каже, бидејќи така Му угоди на Бога. Тогаш се случи нечуено чудо:
Се подигна дното од бунарот и го изнесе преподобниот Јован; и се сретнаа двајцата преподобни, и се поздравија. Блажениот Јован му го раскажа целиот свој живот и своите подвизи, се целиваа, се простија, и Јован отиде кај Господа.
Тогаш Хрисиј ископа гроб, со своето расо ги покри моштите на преподобниот Јован, и капакот од бунарот го стави врз гробот. Потоа изврши опело. На тоа место засади една палма, и веднаш се случи чудо: палмата веднаш пушти корења, порасна во огромно дрво, процвета и даде зрел род.
Гледајќи го ова чудо, Хрисиј му заблагодари на Бога, говорејќи: „Ти благодарам, Господи, што оние кои Те љубат и слават, Ти ги прославуваш и ги чиниш наследници на царството Свое!“ И додека Хрисиј така расудуваше молејќи се, го зеде Дух Господен и го однесе на местото каде што се подвизувал. Потоа повика еден побожен и вешт човек, и го замоли да го запише она што тој го виде и слушна.
Преподобен Јован живееше во четвртиот век.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕВСТАТИЈ ИСПОВЕДНИКОТ,
епископот Витиниски
Светиот отец и исповедник Евстатиј остави сѐ што е световно, и стана монах. Носејќи го јаремот Христов, одлучи да ги исполнува заповедите Негови и се трудеше за спасението на својата душа. Подоцна, на многуте молби од страна на народот, тој го прими свештеничкиот чин. Постојано му благодареше на Бога, и имаше нелицемерна љубов спрема сите. Беше поучлив, смирен, сомилосен, милостив, ревнител на добрите дела. Поради тие свои добродетели, тој стана архиереј во градот Киу во Витинија. Како епископ многу години управуваше со Црквата според каноните и преданијата на светите апостоли.
А кога иконоборната ерес започна да ја потресува Црквата Христова, блажениот Евстатиј, наоружан со знаење од Светото Писмо, ги поразуваше иконоборците. Поради тоа, некои иконоборци го обвинија светителот кај иконоборниот цар. Тогаш првин му се закануваа, потоа го шамареа, го тепаа, го влечеа по темници, го злоставуваа, го изведуваа пред судии и го камшикуваа. Најпосле иконоборците го претепаа со дебели мотки, и го истераа од епархијата поради побожното почитување на светите икони. Евстатиј во заточението помина неколку години во маки, злоставувања, оскудувања, глад, жед... Изнемоштен од многуте страдања, блажениот, благодарејќи Му на Бога се пресели во вечните населби, во осмиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЈОНА, ВАРАХИСИЈ
и оние со нив
Овие светители беа од Персија. Живееја во времето на царот Сапор, и римскиот цар Константин Велики. Беа монаси и еден ден тие го оставија својот манастир и отидоа во едно место наречено Мармиавох. Таму во темница најдоа девет свети маченици чии имиња беа: Занит, Лазар, Марут, Нарсис, Илија, Мар, Авив, Симеит и Сава. Ги осоколија да бидат истрајни во исповедањето на Христа сѐ до крај, и тие навистина издржаа, и примија маченички венци.
Поради тоа ги уапсија монасите и ги изведоа пред тројца судии, кои се викаа: Масдрат, Сиро и Мармис. Судиите ги советуваа и истовремено заплашуваа светите монаси да се одречат од верата Христова, и да ги почитуваат сонцето и водата. Но, тие не сакаа ни да слушнат за тоа.
Затоа најпрвин го врзаа Јона, да го мачат според персискиот закон. Кога сакаат некого да мачат, Персијците најпрвин го полагаат на земјата, му ги врзуваат рацете и нозете за дрво, за човекот да биде неподвижен како камен, и потоа го тепаат со мотки, така што тепаниот да не може да се помрдне. Откако на таков начин долго го тепаа светиот Јона со бодликави стапови, му ги врзаа нозете, и го одвлекоа на отворено, да смрзнува на мразот цела ноќ.
Потоа започнаа да го мачат свети Варахисиј. Под пазувите му ставија вжештени парчиња железо, и му истурија растопено олово во очите и устата. Истото му го сторија и на свети Јона. Потоа го врзаа Варахисиј за нозете и го обесија наопаку, а на Јона му ги отсекоа прстите на рацете и нозете, му ја одраа кожата од главата, му го искорнаа јазикот, и го фрлија во казан полн со врела смола. Но, по благодатта Христова, тој остана неповреден. Потоа го затворија во еден железен кафез, и го фрлија длабоко во езерото. Така блажениот доби маченички венец.
А свети Варахисиј повторно беше изведен на суд. Тогаш гол го влечеа по трње, па му забија остри клинци по телото, му ги искршија коските, го затворија во кафез, и му истураа врела смола во грлото. И така овој славен Христов јунак ја предаде својата душа во рацете на Бога, и од Него доби венец на мачеништво.
Нивните свети мошти заедно со моштите на деветте маченици ги погреба еден човек по име Авдисот, кој ги откупи за петстотини милиариси (персиски пари).
Деветте маченици го завршија својот живот на 27-ми март, а свети Јона и Варахисиј на 29-ти март. Пострадаа помеѓу 327 и 331 година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДИАДОХ,
епископот на Фотика во Епир
Епископот на Фотика, преподобниот Диадох беше голем и искусен духовен и богословски писател на Црквата во петтиот век. Како епископ на Црквата Божја во Епир, во Грција, заедно со другите епископи го потпишал писмото до царот Лав I-ви (457-474 г.), по повод смртта на патријархот Алаксандриски свети Протериј, кој беше убиен од еретиците монофизити во 458 година. Свети Диадох го спомнува и патријархот Фотиј во својата „Библиотека“ (гл. 231), кога зборува за Соборното Послание на свети Софрониј Ерусалимски, во кое свети Диадох се вбројува во големите противници на монофизитската ерес и бранители на Светиот Халкидонски Собор. Како епископ го организирал монашкиот живот, а како подвижник напишал прекрасни и поучни подвижнички списи (во 100 глави). Имал и небесни виденија, од кои некои се запишани во неговите списи. Особено се борел против монофизитската и месалијанската ерес. Се упокоил мирно во Господа, околу 468 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ ЈОНА И МАРКО,
Псково - Печерски
Преподобен Јона беше свештеник на градот Дерпта. Тој беше злоставуван од тамошните германци и затоа замина оттаму и отиде во Псков. Таму, крај потокот Каменец го основа Псково -Печерскиот манастир, во 1477 година. Во својата обител тој ревносно му служеше на Бога, сѐ до својот крај во 1480 година. Преподобен Марко се подвизувал на истото место, само пред преподобниот Јона. Светите мошти на двајцата свети подвижници почиваат во пештерата на Псково-Печерскиот манастир.