12. Април (30. Март)
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН ЛЕСТВИЧНИК
Преподобниот Јован Лествичник се подвизувал на Синајска Гора, позната од старозаветните раскази. Свештената Синајска Гора служела како прибежиште на христијанските подвижници од средината на 3-ти век, кои секриеле од гонењата; други биле доведувани како заробеници на сарацените. Во 6-ти век, кога престанале гонењата против христијаните, тука се утврдило монаштвото. Отшелниците биле привлекувани на тоа место и од свештените спомени за големите старозаветни настани што се случиле тука, како и од пустинитоста на Синај. Патешествениците велат дека немаат сретнато попусто место од Синајскиот полуостров. Дури и дивите ѕверови не остануваат за долго, а случајно дојдените од Арабиската Пустина, брзаат да се оддалечат во место оживеано од присуството на живи суштества. Во околината на планината Синај се наоѓале особено пусти места коишто биле исклучително удобни за заедничко подвижништво, и во едно од нив (Тола), во текот на многу години се подвизувал Јован Лествичник. До стапувањето на Јустинијан I-ви на престолот, синајските подвижници немале манастир, ами само една масивна кула и мал храм близу до неа, изграден од рамноапостолна Елена. Во 557 година, при императорот Јустинијан, по молба на монасите тука бил изграден манастир.
Свети Јован дошол на Синај на 16-годишна возраст, привлечен од славата на монашкиот живот на синајските подвижници. За родното место на Јован не знаеле дури и неговите современици, коишто раскажувале за неговиот живот.
Животописецот на свети Јован Лествичник, монахот Даниил, вели: „Кој град и која земја го одгледале и воспитале тој доблесен подвижник, пред да започне да се подвизува, точно и со сигурност не можам да кажам“. И понатаму продолжува: „А кој град сега го има за жител, и го храни со нетлена храна тој сечуден маж, тоа не ми е потполо непознато. Зашто сега тој пребива во градот, за којшто слаткопојниот славеј свети Павле благовестува: „Нашиот живот е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос“ (Флп. 3, 20). И таму ненаситно и радосно се насладува со неисцрпните бесмртни сладости што со својата пот ги заслужил за подвизите и трудовите свои, наследувајќи го царството небесно со оние, чии што нозе оделе по правиот пат. А како Јован за тоа нематеријално, духовно блаженство се трудел во материјално, овоплотено тело, - вели Даниил - ќе раскажам многу јасно. Како шеснаесетгодишно момче, а со ум како илјадалетен, блажениот Јован се принесе себе си како беспрекорна и благопријатна жртва на Великиот Архијереј, Бога. Телото го вознесе на Синајската Гора, а душата на Небесната Гора; видно искачен на гората, тој се прближи кон небесните висини со умот, соѕерцавајќи Го невидливиот Бог. Напуштајќи го светот, најпрвин ја засака кроткоста украсена со смиреноста, и го отфрли од себе секое смело и гордо зборување и оговарање. На самиот почеток на својата монашка обука, тој со многу зрело расудување сосем го избрка искушувачот на самодовербата и самољубието, и се потчини себеси на еден многу искусен духовен учител, надевајќи се дека на тој начин ќе ги победи и страстите. И својот живот, потполно мртов за светот, тој така го уреди меѓу браќата како меѓу нив да беше доенче кое сѐ уште не умее да зборува. Тој ништо не правеше по своја волја, како да имаше душа без разум и желби, со вистински изменети природни својства. Уште почудно е тоа што тој, исклучителниот познавач на целокупната световна философија, со смиреноумието ја пригрна едноставноста достојна за небото. Зашто смирението ѝ е туѓо на надменоста на световната философија. Старец и учител на преподобниот Јован, - како што за тоа зборува Синхрон, - му беше ава Мартириј. Кога имаше дваесет години, тој го замонаши. На денот на потстригот, ава Стратигиј прорече за Јован дека ќе биде големо светило на вселената. Потоа тоа се овистини.
А кога во една прилика Мартириј со ученикот Јован отиде кај великиот Анастасиј Синаит, тој го погледна Јована и го праша Мартирија:
- Мартириј, кажи ми од каде ти е овој ученик? Кој го замонаши?
Мартириј одговори:
- Јас, слугата твој, оче, јас го потстрижав.
На тоа, Анастасиј со восхитување рече:
- О, аво Мартириј, си го пострижал игуменот на Синајската Гора!
Во друга прилика блажениот Мартириј отиде со Јован кај великиот старец Јован Саваит I, кој живеел во Гудиската Пустина. Кога ги здогледа, старецот стана, зеде вода и ги изми нозете, не на Мартириј, туку на неговиот ученик Јован, па му ги бакна и рацете. Потоа Стефан, ученикот на великиот Јован Саваит, го праша старецот:
- Оче, зошто постапи така?
Старецот му одговори:
- Верувај ми, чедо, јас не знаев кој е тој млад монах; јас го дочекав игуменот на Синајската Гора и нему му ги измив нозете.
Такви беа пророштвата на светите отци за преподобниот Јован, додека сѐ уште беше млад. Тие пророштва се исполнија во свое време.
Преподобен Јован помина деветнаесет години во послушание кај својот духовен отец Мартириј, па остана сираче, зашто блажениот Мартириј се претстави кај Господа. И откако го испрати како свој молитвеник и покровител кај Небесниот Цар, имајќи ги молитвите на својот духовен отец, преподобниот Јован се повлече на безмолвие во една пештера во местото наречено Тола, недалеку од манастирската црква. Таму помина дваесет години, секој ден сѐ повеќе горејќи од Божествена љубов. Но, кој би бил во состојба да ги искаже со зборови неговите подвизи што таму тајно ги извршуваше? Впрочем, како што преку ситните работи можат да се наѕрат оние големите, така и по некои црти на делата негови узнаваме за богатото добродетелно житие на преподобниот.
Тој јадел сѐ што им е дозволено на монасите, но во многу мали количини. Тоа го правел за мудро да ѝ го скрши рогот на гордоста, којашто можеше да го вознемирува доколку не би јадел. Јадел од сѐ за да не се возгордее поради испосништвото. А со пустинското житие и со реткото видување на луѓе, тој го згасна пламенот на телесната печка и совршено ја уништи. Со творењето милостиња и оскудувањето, го одбегна среброљубието коешто свети апостол Павле го нарекува идолослужење. Мрзливоста, таа секојдневна смрт на душата, тој ја уби со сеќавањето на смртта, и се поттикнуваше себеси на бодрост и труд. Ги раскина врските и веригите на секоја пристрасност и секоја похота, врзувајќи се со духовните врски на скрбта и солзите; а раздразливоста беше умртвена во него преку послушанието. Ретко посетуваше некого и уште поретко зборуваше, умртвувајќи го празнословието, таа пијавица на славољубието.
„А што да кажам, - продолжува монах Даниил, - за неговата победа над гордоста? Што да кажам за крајната чистота на срцето што ја започна тој со послушанието, а ја доврши Господ, Царот на небесниот Ерусалим, посетувајќи го со Своето присуство, зашто без присуството на Господа никогаш не можат да бидат победени ѓаволот и неговата војска. Но каде, во овој венец од пофални зборови што го плетеме за преподобниот Јован, да го сместам изворот на неговите солзи, каков што не гледаме во мнозина? И досега е познато тајното место, во кое тој ги пролевал тие солзи: тоа е една прикриена мала пештера во подгорјето на пустината, оддалечена од ќелијата на преподобниот и од другите келии, колку да не биде слушнат од луѓето и да го прегради патот на славољубието. Таа ќелија, во која Јован одеше често, му стана блиска на небото и со своите воздишки, липање и призивање на Бога го досегнуваше небото. Постојано плачеше и спиеше толку малку, само колку да не му наштети на својот ум. А пред спиење, обично се молеше многу и пишуваше книги. Со пишувањето книги тој го прогонувал од себе унинието. Но и целиот негов живот беше непрестајна молитва, беспримерна љубов и ненаситно чезнеење кон Бога; зашто и дење и ноќе, соѕерцавајќи со умот за Бога, во пресјајното огледало на душевната чистота и непорочност, не сакаше, или поточно кажано, не можеше да се насити на тоа сотерцание“.
Еден монах по име Мојсеј, ревносен за доблесниот живот на преподобниот Јован, го молеше да го прими за свој ученик, зашто сакаше од него да ја изучи вистинската философија. На молба на чесните старци и монаси, светителот го прими за свој ученик и сожител. Еден ден великиот отец му нареди на Мојсеј од одредено место да носи земја во градината и да ја уреди за садење зеленчук. Мојсеј отиде на посоченото место и сесрдно работеше според наредбата. Но, на пладне, кога горештината беше најсилна, уморен, Мојсеј легна под сенката на еден голем камен, да се одмори. Но, Господ, Кој не сака со ништо да ги нажали своите слуги, го спаси Мојсеј од неочекувана смрт, а свети Јован го поштеди од жалост. Во тоа време, творејќи богомислена молитва во својата ќелија, преподобниот задрема и во сонот му се јави еден свештенолик маж, кој го прекори што спие, и му рече:
- Јоване, додека ти безгрижно спиеш тука, Мојсеј се наоѓа во опасност!
Преподобниот стана, и веднаш започна да се моли за својот ученик. А приквечер, кога Мојсеј се врати од работа, светителот го праша:
- Да не се случи можеби нешто непријатно или неочекувано?
Тој одговори:
- Кога по ручек легнав да се одморам под еден огромен камен, тој ненадејно падна, и без сомнение ќе ме убиеше, ако ти, оче, не ме викнеше. Додека спиев, слушнав како ме довикуваш и станав. И, штом излегов, каменот падна.
Смиреноумниот Јован не му рече ништо на својот ученик, туку тајно во своето срце му благодареше на Господа.
Преподобниот Јован беше и образец на добродетелност за сите, и лекар на невидливите болести. Еднаш, еден брат на име Исакиј, беше нападнат од демонот на блудот. Дотолчен, тој дојде кај великот отец и низ горчливи солзи му ја исповедаше својата борба.
На тоа светителот му одговори:
- Брате, да застанеме двајцата на молитва!
И додека двајцата се молеа, и страдалникот сѐ уште лежеше ничкум, Бог ја исполни желбата на Својот угодник, и болниот веднаш се почувствува слободен и исцелен, и Му благодареше на Бога и на слугата кој Го прославува Бога.
Некои луѓе исполнети со завист, зборуваа дека преподобен Јован е многуглаголив и лажлив. Тогаш тој, вразумувајќи ги, на дело им покажа дека може сѐ во Христа, Кој му дава моќ: реши да молчи, и цела година не проговори ниту збор, додека самите укорувачи не го замолија да ја отвори својата богоглаголива уста. Тие сами увидоа дека не е добро да се затвори непресушниот извор на мудроста, и дојдоа да го молат да им прости. А тој, незлобивиот, ги послуша и продолжи да ги учи со својата богодарена мудрост.
Сите се восхитуваа на подвизите на преподобниот Јован, и го гледаа како нов Мојсеј, па го поставија за игумен на својата киновија. Кога прифати да биде игумен на Синајската Гора, макар и против своја волја, Јован со духот ѝ пријде уште поблиску на Божјата Гора, преку умственото проникнување. И со богоразмислување влезе во мракот каде што беше Бог (2 Мојс. 20, 21), и со духовните подвизи се искачи низ небесната лествица. Тој доби закон напишан со прстот Божји, и ја отвори устата своја со зборови Божји; го привлече кон себе Духот и од добрата ризница на своето срце ги излеа добрите слова на спасението.
И така по четириесетгодишните монашки подвизи, преподобниот Јован, веќе на 75 години, стана игумен на Синајската планина. Тој избор му беше угоден на Бога, што се откри преку особено чуден настан. Еднаш во Синајскиот манастирот дојдоа 600 поклоници. При трпезата сите видоа едно снаодливо момче во еврејска облека, кое служеше, им заповедаше на другите слуги и даваше распоред. Кога си заминаа гостите од трпезаријата, а наседнаа оние што служеа, го побараа и она вредно момче, распоредувачот, да седне со нив, но не то најдоа. Тогаш слугата Божји Јован, им рече на монасите:
- Оставете, не барајте го; светиот пророк и законодавач Мојсеј послужи на своето место.
Едно лето, во палестинските краишта зафати голема суша. Се собраа луѓето од околните градови, отидоа кај преподобниот Јован и го молеа со своите молитви да измоли дожд од Бога. И штом преподобниот се помоли на Бога веднаш падна силен дожд, ја напои исушената земја и ја направи плодоносна.
Мудро раководејќи го својот Израил, преподобен Јован се приближи кон крајот на својот привремен живот. Само во една работа блажениот Јован не се уподоби на пророкот Мојсеј, зашто тој со душата влезе во горниот Ерусалим, додека Мојсеј не достигна да влезе во ветената земја.
А за светоста на преподобниот Јован, - вели монах Даниил, - сведочат многумина, особено оние кои се спасија раководени од неговите боговдахновени зборови, а и сега се спасуваат. Сведочи младиот Давид, прекрасен маж, кој ја наследи мудроста на премудриот Јован, сведочи и преподобен Јован, игуменот Раитски, нашиот добар пастир, кој го измоли свети Јован Лествичник, та како нов боговидец слезе кај нас од Синајската Гора и ни ја покажа својата Богонапишана таблица, односно книгата „Лествица“. Оваа книга побудува на подвиг, а нејзината сила упатува во Боговидение.
Кога преподобен Јован одеше кон Бога, покрај него стоеше неговиот брат по тело, ава Георгиј, и тој го одреди за игумен на Синајската обител. Но ава Георгиј, плачејќи го молеше;
- Господине мој, зарем ти заминуваш, а мене ме оставаш?
А јас се молев ти да ме испратиш; зашто без тебе, господару мој, јас немам сили да ја раководам оваа света дружина твоја. Но ете, спротивно на тоа, јас те испраќам.
А свети ава Јован му одговори:
- Не плачи! Не тагувај, зашто ако стекнам слобода пред Господа во оној свет, ќе Го умолам Бога оваа година да те земе на небото.
Така и се случи. Десет месеци по блажениот крај на преподобен Јован, и ава Георгиј, неговиот брат, отиде при Господа, за да претстои пред Бога заедно со својот брат, преподобниот Јован, во славата на светиите, вечно славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Преподобниот Јован се упокои во осумдесеттата година од својот живот, кон крајот на шестиот или почетокот на седмиот век. Зад себе ја остави боговдахновената книга „Небесна Лествица“, која што со доблеста нѐ води на небото и ни носи вечно спасение.
Управувал со светата обител на Синај не повеќе од четири години. Неговото краткотрајно управување беше одбележано со еден многу важен настан. Имено, тогаш тој ја напишал толку познатата и забележителна творба наречена „Лествица“, поради која што самиот бил наречен Лествичник.
Поводот за пишувањето на „Лествицата“ бил следниот:
На два дена пат оддалеченост од Синај се наоѓал Раитскиот манастир, расположен на еден живописен залив на Црвеното Море. Кога преподобниот Јован Левствичник управувал со Синајската обител, игумен на Раитската обител бил свети Јован Раитски. Откако многу слушал за духовните дарби на синајскиот игумен, за неговата длабока мудрост во делата на управувањето со поверените му за спасение, души, раитскиот игумен му напишал писмо на Лествичник, во коешто од свое име и од името на сите монаси од неговиот манастир го молел за нив да напише раководство за духовниот подвижнички живот. Еве како гласи тоа писмо:
„На исклучителниот и рамноангелски отец на отците и превосходен учител, грешниот игумен раитски му испраќа поздрав во Господа.
Бидејќи нам бедните, ни е позната твојата, во Господа, непротивречива во сѐ, и со секоја доблест украсена послушност, особено таму каде што е потребно да се умножи талантот што Бог ти го даде, решивме да ти пишеме, макар колку бедни и сиромашни биле нашите зборови, имајќи го на ум она што е речено: „Прашај го татка си - и тој ќе ти каже, старците свои - и тие ќе ти речат“ (5 Мој. 32, 7).
Затоа, круно на доблестите, ние, немоќните, обраќајќи се кон тебе како кон заеднички отец на сите нас, и најдобар учител, по сѐ постар во подвижништвото и во духовната мудрост, и како кон превосходен ненадминлив учител, со ова наше писмо те молиме, нам неуките да ни го испратиш она што си го видел во боговидение како древниот Мојсеј, на истата таа гора, и како богопишана таблица да составиш една драгоцена книга и да ни ја испратиш нам, заради поука на новиот Израил, кој само што излегол од духовниот Египет и го преминал морето на светскиот живот. И како што на морето, со помош Божја, со боговдахновениот јазик свој наместо со палка си направил чудо, така и сега не ја презирај нашата молба, туку без двоумење разговетно напиши сѐ што е потребно и долично за монашкиот живот и што во Господа му одговара на нашето спасение, зашто си вистински голем наставник на сите што го избрале таквиот ангелски живот.
И не мисли дека ова што го велам е некое ласкање или човекоугодие. Зашто на твојата навистина свештена глава ѝ е познато дека ласкањето е туѓо за нас и дека тоа што го велиме за тебе овде, го велат и сите останати. Затоа се надеваме во Господа дека наскоро ќе ги примиме и целиваме твоите скапоцени зборови, напишани во книгата што ја очекуваме и што ќе им послужи на сите вистински следбеници Христови како доверлив водич и како лествица која се искачува сѐ до небесните двери и ги вознесува сите што сакаат да дојдат до небото, и целосни и неповредени, слободно да поминат покрај духовите на злото, управителите на темнината и господарите во воздухот.
Зашто ако Јаков, еден обичен пастир на бесловесните овци, имал толку страшно видение на лествица, тогаш колку повеќе пастирот на духовните овци, со дела и вистина ќе им покаже на сите не само видение, туку и самата вистина и дело на беспогрешното искачување кон Бога!
Крепи се во Господа, чесен оче!“
Преподобен Јован имал толку скромно мислење за себе, што бил смутен од писмото на раитскиот игумен. И тој му одговорил со писмо:
„Го примив твоето ценето писмо, достојно на твојот возвишен и бестрастен живот и твоето чисто и смерно срце, што си го испратил до нас бедните и лишени од добродетели, писмо кое, всушност, претставува наредба и заповед, што ги надминува нашите можности. Навистина тебе, само тебе и на твојата света душа, ѝ приличи збор на поуки и опомени да бараш од нас, што сме толку неупатени и неуки, како во зборови така и во дела. Твојата светост нам секогаш ни служи за пример на смиреноумието. Меѓу другото, и јас ќе кажам сега: кога не би се плашеле од големата опасност на која би се изложиле отфрлајќи го од себе јаремот на светата послушност, мајката на сите добродетели, тогаш така неразумно не би се впуштиле на такво дело што е над нашите способности. Би требало, прекрасен оче, кога веќе се распрашуваш за тие работи, за нив да се поучиш од оние што добро ги познаваат. А ние сеуште се наоѓаме во одделението на тие кои штотуку тргнале во училиште.
Но, бидејќи нашите богоносни отци, посветени во тајните на вистинското знаење, учат дека послушанието се состои во тоа што без двоумење се покорува на постарите, и тогаш кога нам ќе ни наредат нешто што ги надминува нашите сили, и затоа и ние ја презревме својата неспособност, па побожно и смерно ја прифативме таа работа, во страв да не заслужиме вечна смрт заради непослушност, а не заради тоа што сме мислеле дека тоа тебе нешто ќе ти користи, или дека со тоа ќе објасниме нешто што и ти, свети оче, го знаеш не помалку од нас. Уверен сум, не само јас, туку мислам и сите кои имаат здрав разум, дека окото на твојот разум е чисто од сѐ овоземно и дека не го замрачува никаква страст, та без никаква пречка да го впери погледот во божествената светлина и да се осветлува со неа.
Така поткренат на послушание, пристапив кон извршување на твојот свет налог со страв, но и од љубов, како паметен послушник и некорисен слуга на благородниот животописец. При своето оскудно знаење и пелтечење еднолико напишав живи зборови, само со мастило, а тебе, началнику и предводнику на учителите, ти препуштам да ја украсиш и разјасниш оваа книга, та како исполнувач на божествената таблица и на духовниот закон, да го дополниш тоа што недостасува.
И, јас не ти го испраќам тебе овој наш труд (сочувај ме Боже, тоа би било знак на крајна лудост!), оти ти си способен во Господа, не само други, туку и нас самите да нѐ научиш на божествениот ред и наука, туку го испраќам на богоповиканата обител, која што заедно со нас се учи од тебе, о најдобар меѓу најдобрите учители! По нивните молитви, како и по твоите, во нас се раѓа некоја надеж што го покрива нашето незнаење, та распнуваме едро на бродот на нашето перо и крмата на нашите зборови ја предаваме во рацете на нашиот добар сотрудбеник, со молба:
Пристапувам кон тоа дело заради тебе, молејќи ги сите читатели: Ако некому во ова дело нешто му биде од полза, плодот за тоа, како паметен, нека го припише на нашиот благороден учител. А за нас нека измоли од Бога награда единствено за исполнувањето ва трудот, не гледајќи на тоа што е напишано (зашто навистина е лошо и полно со секое незнаење), туку земајќи го во обзир расположението со кое го чиниме тоа, како што ја награди и вдовицата за лептата принесена од срце.
Господ возвраќа со награда не за количината на дарови и приноси, туку за величината на жртвата сразмерно на нашите можности“.
По тој повод била создадена творбата на преподобен Јован, наречена „Лествица“.
Делото е наречено „Лествица“ како поради тоа што свети Јован Раитски сакал да добие такво раководство што ќе претставува „утврдена скала“, што ќе ги води желните кон небесните врати цели и неповредени, така и поради мислите на самиот составувач. „Според мерата на оскудниот разум што ми е даден - пишува свети Јован - изградив скала за искачување. Потоа, секој сам нека види на кое скалило стои“. Во предговорот кон „Лествицата“ смислата на тој назив се објаснува вака: „На оние коишто се стремат имињата да им бидат запишани во книгата на животот, оваа книга го покажува најдобриот пат по кој треба да одат. Зашто, одејќи по него, ќе откриеме дека таа книга беспогрешно ги води оние што ја следат и несомнено претставува утврдена скала од земното кон небесното. Навистина многу превосходно расудил градителот на искачувањето, истобројно со возраста на Господа по тело; зашто по примерот на триесетте години на полнолетието на Господа, симболично ја изградил скалата од триесет скалила, по која што, кога ќе ја достигнеме возраста на Господа, ќе се најдеме праведни и заштитени од паѓање. Така книгата на преподобен Јован била наречена „Лествица“, и таа има за цел да го претстави патот на постепеното искачување кон совршенството и претставува вистинско и надежно раководство во духовниот живот на ревнителите за благочестието и за спасението на нивните души.
„Лествицата“ е напишана исклучиво за монаси и секогаш била начелна книга за монасите што живеат во општожитие, и отците на монашкиот живот меѓу кои Теодор Студит, Јосиф Волоколамски и други, во своите пишувања се повикувале на неа, како на најдобра книга. Во неа може да најде спасително раководство и христијанинот што живее во светот. Како прв степен на скалата се поставува одрекувањето од земните задоволства, а на нејзиниот врв се посочува сојузот на трите добродетели - верата, надежта и љубовта.
За да се запознаеме со поуките на Јован Лествичник да ги ислушаме поуките за славољубието.
Славољубието се пројавува при секоја добродетел. На пример, суетен сум кога постам. И кога го нарушувам постот за луѓето да не дознаат за моето воздржание, пак сум суетен, зашто се сметам себе си за мудар. Победен сум од суетноста и кога ќе се облечам во убава облека, но да се облечам и во стара, пак сум суетен. Штом започнам да зборувам, победен сум од суетата, посакам ли да молчам - повторно ме победува. На каде и да го свртам тој тророг, еден врв секогаш останува вперен нагоре.
Суетниот човек е христијанин идолопоклоник. Тој мисли дека Го обожава Бога, но всушност, сака да им угоди на луѓето, а не на Бога.
Суетен е секој човек што сака да се фали. Постот на суетниот човек останува без награда и молитвата негова без плод, зашто и едното и другото ги чини заради човечка пофалба.
Славољубивиот подвижник си нанесува двократна штета самиот на себе: прво, што го измачува телото, и второ, што не прима награда.
Кој нема да му се насмее на суетниот подвижник, кога за време на богослужението страста го покренува понекогаш да се смее, а понекогаш пред сите да плаче?
Господ ги сокрива од нашите очи и оние доблести што сме ги стекнале. А човекот што нѐ фали (подобро речено расипува), ни ги отвора очите со својата пофалба. Но, штом се отворат очите исчезнува од нас и нашето богатство. Ласкавецот е служител на демоните, водач на гордоста, истребувач на умилението, разрушувач на доблестите, заведувач. „Оние што ве фалат, ве прелажуваат“ вели пророкот (Исаија 3, 12).
Кога ќе слушнеш, дека твојот ближен или пријател те укорува во твое отсуство или присуство, тогаш пројави љубов и пофали го.
Не покажува смиреноумие оној што самиот за себе зборува лошо, туку оној што од друг човек поднесува навреди, така што не ја намалува својата љубов кон него.
Кој се превознесува со своите природни дарби (остроумност, бистрина, речитост, и сите слични, што сме ги добиле без труд), тој никогаш нема да ги достигне небесните блага. „Зашто кој е неверен во малку тој е неверен и суетен и во многу“ (Лк. 16, 10).
Господ често ги преобразува славољубивите во неславољубиви со помош на некој срам што ќе ги снајде. Почеток на неславољубието е молчењето и примањето на навреди со радост.
Ако и молитвата не ги уништи славољубивите помисли, тогаш веднаш да се сетиме на излегувањето на душата од овој свет. Ако и тоа не помогне, да ги заплашиме со сеќавањето на Страшниот суд. „Кој се превознесува ќе биде понижен“ (Лк. 14, 11), секако и овде, уште пред идниот век.
Кога оние што нѐ фалат (подобро речено расипуваат), започнат да нѐ фалат, веднаш треба да се сетиме на своите беззаконија, па ќе видиме дека сме недостојни за она што се зборува или чини за нас".
Луѓето со висок дух ја поднесуваат навредата благодушно и со радост; а да слушаат пофалби и да не им се насладуваат можат само светите и непорочните...
Воопшто „Лествицата“ на свети Јован се одликува со длабока духовна опитност и со длабоко познавање на Светото Писмо. Лествичник ретко искажува некоја мисла без да ја освети со соодветно повикување на Светото Писмо. Делото на свети Јован е напишано на едноставен и жив јазик, со малку зборови е кажано многу и затоа е полно со сила. Ете затоа „Лествицата“ на свети Јован секогаш била начелна книга на монасите што живеат во општожитие.
ТРОПАР НА СВЕТИ ЈОВАН ЛЕСТВИЧНИК:
Со солзи си ја напојувал бесплодната пустина и со воздишки од дното на душата твоите трудови принеле стократен плод; си бил светилник на вселената, сјаен со чудеса, оче наш Јоване; моли Го Христа Бога да се спасат нашите души.
КОНДАК:
Со вечно расцветаните плодови од книгата на твоите поуки, премудар, ги насладуваш срцата на оние што будно внимаваат, блажени; таа е скала, што ја издига душата од земјата кон небесната и идна слава за оние, што со вера те почитуваат.
СПОМЕН НА ЕДЕН МОНАХ
Овој монах радосно умре во денешниот ден, зашто никого не осуди за време на својот живот. За него, преподобен Анастасиј Синајски го вели следното:
Еден монах целото свое време го минуваше во најразлично безгрижие. И откако така го помина животот, тој се приближи до својот крај. Кога беше на смртна постела и издивнување, тој ни најмалку не се уплаши од смртта, туку се разделуваше од телото со благодарност и насмевка. А присутните браќа и отци со игуменот, му рекоа:
- Брате, ние видовме дека животот го помина во безгрижие и не ни е јасно од каде кај тебе таква безгрижност и слатко насмевнување во овој страшен час? Окрепи се со силата Христова и кажи ни да дознаеме, за да ја прославиме величината Божја.
Братот се подигна малку од одарот, и им одговори:
- Чесни отци, јас навистина својот живот го поминав во најразлично безгрижие. И ете, сега пред мене беа изнесени и прочитани сите мои зли дела; ангелите Божји ме прашаа: „Се сеќаваш ли на овие дела свои?“ Јас им одговорив: „Да, се сеќавам. Но, откако се одреков од светот и се замонашив, јас никого не осудив ниту спрема некого имав злоба. Затоа молам со мене да се постапи според зборовите Христови, зашто Он рече: "Не судете, за да не бидете судени“ (Мт. 7, 1; 6, 14-15).“ Кога го реков тоа, светите ангели веднаш ја искинаа хартијата со гревовите мои. И затоа сега јас со радост и безгрижност заминувам кај Бога. Откако го рече тоа, братот мирно ја предаде својата душа на Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК ЈОАД (или ЈОИЛ)
Светиот пророк Јоад беше од Самарија. Бидејќи го изобличи царот Јеровоам затоа што во Израилското царство направил златни телци и им принесувал жртви, пророкот Јоад беше заклан од лав. Тоа се случи вака:
Господ му нареди на Јоад да појде кај Јеровоам и да го изобличи, но, таму да не јаде леб ниту да пие вода, туку веднаш да се врати. Пророкот го затекна Јеровоам како им принесува жртви на идолите, и му се обрати: „Вака вели Господ: Еве, во домот Јудин ќе се роди син по име Осија; тој ќе ги принесе како жртва идолските свештеници, што кадат врз тебе, и ќе изгори врз тебе човечки коски“.
Јеровоам сакаше да го фати пророкот, но раката му се исуши и не можеше да ја поврати кај себе. Тогаш царот му рече на човекот Божји: „Припадни пред својот Господ Бог, и помоли се за мене, да ми се поврати раката“. Човекот Божји се помоли на Господа, и раката на царот се поврати каква што беше порано.
Потоа, враќајќи се назад, Јоад беше излаган од страна на лажниот пророк по име Емва, та јадеше леб со него, и така ја наруши заповедта Божја. За таквата непослушност Господ му допушти на лавот да го усмрти Јоада, но телото да не го изеде. Јоад беше погребан во Ветила, во близина на куќата на лажниот пророк, којшто го прелага.
СПОМЕН НА СВЕТА ЕВУЛА
Света Евула беше мајка на светиот великомаченик Пантелејмон. Живеела во третиот век, и се упокоила мирно пред мачеништвото на својот син, во 305 година.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЗАХАРИЈ,
епископот Коринтски
Овој блажен архиереј Коринтски беше изложен на лути напади од непријателите на вистината, поради мудрото и богоугодно пасење на стадото Христово. Не можејќи да го гледа светилото на Црквата Христова, ѓаволот ги поттикна агарјаните, и тие го наклеветија богомудриот архиереј Христов, дека божем кришум им испраќа писма на европејците, и ги повикува да дојдат и да го заземат Коринт. Со таквиот изговор, агарјаните дојурија во епископијата како диви ѕверови, го зграбија архиерејот Божји, го тепаа, го газеа, па го оковаа во синџири и таков го одведоа пред судијата. Судијата му предложи на маченикот да се одрече од Христа и да се потурчи. Блажениот му одговори:
- Да не даде Бог да се одречам од мојот Господ Исус Христос, вистинскиот Бог и семоќен Творец. За Неговото свето име јас сум спремен да ја пролијам својата крв.
Кога го слушна тоа судијата, нареди бездушно и долго да го тепаат и да го фрлат во темница. Во темницата го мачеа ѕверски на разни начини, но не можеа да ја поколебаат неговата цврста вера. Кога видоа дека никако не можат да го присилат да се одрече од својата вера, крволочниот судија изрече ваква пресуда:
„Архиерејот Захариј да биде испечен на ражен, како овца“,
Кога христијаните слушнаа за ваквата пресуда се запрепастија, па отрчаа кај градскиот епарх, и дадоа многу пари, та тој ја ублажи пресудата и нареди да му ја отсечат главата. Тоа беше сторено на Крстопоклоната недела од светата Четириесетница. Така овој јунак Христов се удостои на царството небесно и доби венец на мачеништвото. По неговите молитви нека милостивиот Бог нѐ удостои и нас заедно со него да добиеме вечни богатства. Амин.
Свети Захариј пострада во Коринт, во 1684 година.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЈОВАН,
патријархот Крусалимски
Се претставил во мир.