13. Април (31. Март)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИПАТИЈ ЧУДОТВОРЕЦОТ,
епископот Гангрски
Големиот угодник Божји, свети Ипатиј, бил епископ во градот Гангра во Пафлагонија. Учествувал на Првиот Вселенски Собор во Никеја, каде со останатите свети Отци, борејќи се за верата, го предал на анатема Ариј. Имал голема чудотворна сила од Бога: исцелувал секакви болести и истерувал демони. Во едно село, тој горката вода ја претвори во слатка. На друго место изведе топла лековита вода. А кога еднаш во темната ноќ патувал покрај една река, се појавиле запалени свеќи од водата и му го осветлувале патот, за да не се лизне и да падне во реката.
Тој усмрти и страшен змеј. За време на царувањето на Констанциј, синот на Константин Велики, на непознат начин еден змеј се вовлекол во царската палата, лежел покрај вратата на царската ризница каде што се чувало златото, не дозволувал да ѝ се приближи никој. Исплашен, царот Константин го повика светителот Божји Ипатиј во Цариград, зашто тој беше прочуен на сите страни со своите чудеса. Кога дојде, царот го пречека со голема почит, и го замоли со своите молитви да го избрка змејот од дворецот. Многумина се беа обиделе да го истераат, но не успеале, а некои и пострадале. На тоа светителот му рече:
- Царе, ако не успее нашата молитва, ќе успее твојата вера во Бога.
Светителот падна на земјата, и откако долго се молеше, стана и му рече на царот:
- Нареди, среде хиподромот, кај статуата на твојот татко да се запали силен оган и нека ме чекаат додека не дојдам таму. Тоа беше сторено. Светиот чудотворец Ипатиј го зеде својот жезол, отиде кај царската ризница и започна да го тепа змејот со жезолот. Народот и царот со страв го набљудуваа тоа од далеку, а змејот не сакаше да се помрдне, и сите очекуваа дека тој ќе се нафрли на светителот и ќе го убие, како што уби некои од претходните свештеници. Но, светителот ги крена очите кон небото, Го повика Господа на помош, го стави жезолот во устата на змејот, и му рече:
- Во името на мојот Исус Христос, ајде со мене!
Змејот го стегна жезолот со забите и одеше по светителот како заробеник, зашто угодникот Божји навистина го врза со силата Божја. Така водејќи го, тој го помина целиот хиподром и плоштад. Сите со восхит и ужас го гледаа тоа, зашто змејот беше многу страшен и имаше должина од шеесет лакти. Кога се приближи до вжештената печка, светителот му рече на змејот:
- Во името на Исус Христос, Кого јас, најмалиот, Го проповедам, ти наредувам да влезеш во овој оган! Страшниот змеј се затрча, влезе во печката, и изгоре во неа.
Сите присутни го прославија Бога што во нивните дни свети такво светило и таков чудотворец, каков што е свети Ипатиј. Тогаш царот му благодареше на Бога и на неговиот угодник свети Ипатиј, и оттогаш го почитуваше блажениот како свој татко. Тој нареди уште за време на животот да се изработи лик на овој светител, и тој лик царот го чуваше во својот двор, како оружје против сите непријателски сили.
На враќање од Цариград, свети Ипатиј беше нападнат од заседа на еретици Новатијани, кои му зададоа многу рани и го фрлија од високиот брег во едно блато. Едвај жив, светителот се молеше на Бога за своите убијци, како некогаш првомаченикот Стефан, говорејќи:
- Господи! Не земај им го ова за грев!
И додека сѐ уште се молеше, една жена од таа дружина го удри со камен по главата, и светителот го заврши својот овоземен живот. Убијците го зедоа неговото тело, го сокрија во една плевна во близина и заминаа.
Но, казната Божја ги стигна убијците: онаа жена веднаш ја нападна нечист дух и полуде, па го зеде оној ист камен и се удираше со него. По неа полудеа и останатите, и многу страдаа.
Потоа сопственикот на таа плевна, кој не знаеше ништо за злосторството, дојде во плевната за да земе храна за добитокот. И слушна глас на ангели кои пееја, и се запрепасти. Земајќи сено го најде мртвото изнарането тело на свети Ипатиј, и уште повеќе се исплаши. Кога препозна дека тоа е телото на неговиот епископ Ипатиј, веднаш ги извести своите сожители, па отидоа во Гангра и соопштија за тоа. И веднаш граѓаните со плач отидоа и го зедоа чесното тело на светиот отец и пастир свој, и чесно го погребаа на истакнато место.
Кога го носеа телото на светителот, жената убиец одеше во поворката и се удираше себе си со оној ист камен, со којшто го уби архиерејот Божји, и пред сите го исповедаше својот грев. Кога светото тело беше погребано, таа жена се исцели од лудилото на гробот на светителот. Исто така од неговиот гроб се исцелија и останатите учесници во убиството на свети Ипатиј, така што и по својата смрт тој ја покажа својата незлобивост, и им направи добро на непријателите свои. На гробот на светителот се случија и многу други чудеса и исцеленија на луѓето кои со вера доаѓаа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕПИСКОП АВДА И ЃАКОН ВЕНИМИЈАН
и останатите
Свети Авда живееше во времето на царот Теодсиј Младиот, и беше епископ во Персија, во градот Суза. Персискиот цар Издигерд воспостави најзастрашувачко гонење против христијаните. Повод за тоа му беше следното:
Епископот Авда, украсен со најразлични доблести, поткренат од божествена ревност, го разруши храмот во кој Персијците се поклонуваа на огнот како на божество. Кога дозна за тоа од идолопоклоничките жреци, царот нареди да го доведат епископот Авда. Кога го доведоа, царот најпрвин бараше од него повторно да го изгради разрушениот храм. Светиот одби, изјавувајќи дека тој не може да го стори тоа. Тогаш царот издаде наредба да се разрушат сите христијански храмови и немилосрдно да се гонат христијаните. По заповед на царот, светиот епископ Авда требаше прв да биде погубен. Кога дозна за тоа епископот многу се израдува, и со радост ја прими блажената маченичка смрт.
Неговиот ѓакон свети Венимијан беше пуштен од мачителите, под услов повеќе да не го проповеда Евангелието. Тој најпрвин се согласи со тој услов, но срцето не можеше да му одолее, па продолжи да ја распространува низ народот вистината Христова. Поради тоа беше фатен и убиен, три години по свети Авда. Нему мачениците најпрвин му забија остри клинци под ноктите на рацете и нозете, па потоа го набија на колец, И така тој ја предаде својата света душа во рацете на Господа.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АКАКИЈ ИСПОВЕДНИКОТ,
епископот Мелитински
Свети Акакиј беше епископ во градот Мелитина во Ерменија, за време на злиот римски цар Декиј (249-251 г.) Поради проповедањето на Христа беше фатен од идолопоклониците и предаден на епархот на градот Маркијан. Пред него, тој смело ја исповедаше својата вера во Спасителот Христос и во целокупниот Негов домострој, што ги опфаќа и херувимите и серафимите. Ја изобличи и ја исмеа неразумната и ништовна многубожечка вера и лажните елински богови. Поради тоа беше подложен на страшни маки и фрлен во темница.
Потоа епархот Маркијан го извести царот Декиј за сѐ и тој нареди да го отпуштат светителот без навредување и казнување. Така светиот исповедник Христов беше пуштен на слобода, носејќи ги на своето тело раните Христови, со кои просветуваше многумина и ги обраќаше во Христијанството. Се упокои во мир во третиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МЕНАНДР
Светиот маченик Менандр пострадал за својата вера во Господа Христа, влечен гол по една карпа.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АПОЛОНИЈ
Преподобниот отец Аполониј беше знаменит мисирски пустиник. Во својата петнаесетта година се одрече од светот и се повлече во една гора, каде проживеа четириесет години, хранејќи се само со полски растенија. Стекнувајќи уште во детството навики за доблесен живот, тој изврши големи подвизи, така што еднаш слушна глас Божји, кој му рече: „Аполониј, сега оди во населените места, оти треба духовно да ги родиш избраните за мене луѓе“.
Аполониј веднаш тргна кон блиската пустина и се насели во подножјето на гората, во една мала пештера. Тука тој се молеше на Бога по цели денови. Се хранеше со храна што Бог му ја испраќаше по ангел Свој. Таа пустина се наоѓаше во близина на населени места, и преподобниот ги посетуваше под водство на Светиот Дух, така што околу себе собра околу петстотини монаси и ги раководеше во подвизите на монашкиот живот. Тој заедно со нив земаше храна само еднаш неделно, а во останатите денови се хранеше само со диви пустински растенија.
Преподобен Аполониј во својата обител воспостави вакво правило: монасите што се подвизуваа со него не земаа храна сѐ додека најпрвин не се причестат со Светите Тајни Христови. Обично се причестуваа секој ден околу девет часот претпладне, па потоа седнуваа на трпезата и за време на ручекот слушаа поука. Останатото време од денот тие го поминуваа во корисни работи, и со тоа ги бркаа од своите помисли лукавите внушувања од страна на ѓаволот.
Раководејќи многу монаси во таков живот, свети Аполониј доживеа длабока старост и се пресели кај Господа во 395 година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИПАТИЈ,
игуменот Рутински
Преподобен Ипатиј е роден во Фригија. Кога имаше осумнаесет години неговиот татко го натепа поради нешто, и тој побегна од дома и отиде во Тракија. Таму стапи во еден манастир, се оддаде на монашкиот живот, и набргу се прочу со своите доблести. Ипатиј никогаш не пиеше вино; и еднаш, стапувајќи во борба со телесна страст, во пост помина педесет дена, и не вкуси ниту храна ниту вода. Кога дозна за тоа настојателот на манастирот, за време на вечерата самиот му даде чаша вино и леб пред останатите браќа, по што Ипатиј се ослободи од страста што го мачеше, и тој му заблагодари на Бога и на својот наставник.
По извесно време, по совет на својот духовен отец, Ипатиј отиде во Цариград да му укаже помош на еден човек, кој се наоѓал во некое тешко искушение. Во таа прилика тој му беше од корист на својот татко, кој беше допатувал во Цариград. Откако го испрати својот татко дома, Ипатиј со двајца монаси отпатува во Халкидон. Таму се насели во Рутинскиот манастир, којшто во тоа време имаше чуден и груб изглед, беше наполно опустен, и во сите влевал страв. Еден човек од Рутина некогаш изградил прекрасен манастир и довел во него египетски монаси кои се подвизувале во него, славејќи Го Бога. Но, кога тој човек умрел, монасите се разотишле и манастирот останал пуст. Со текот на времето, тој зарастел во плевел и непроодна шума, и во него се вовлекле нечисти духови и никој не смеел да помине покрај него. Наоѓајќи го манастирот во таква состојба, преподобен Ипатиј ги избрка бесовите од него, го исчисти и уреди, па со споменатите двајца монаси се насели во него. Самиот започна да прави власеници, додека едниот монах се занимавал со посеви, а другиот со градината.
По неколку години преподобниот Ипатиј отпатува во Тракија и стапи во манастирот во кој се подвизуваше порано. Но, монасите на Рутинскиот манастир наскоро дојдоа кај него, и го молеа да им биде игумен. Преподобниот се согласи, и од тогаш започна да врши големи подвизи. Многумина од монасите, угледувајќи се на него, достигнаа големо совршенство во богоугодното живеење. За своите подвизи преподобен Ипатиј се удостои од Бога на дарот на чудотворството и правеше многу чудесни исцеленија. Исцелуваше бесомачни, слепи, глуви, ... За многу неротки измоли од Бога способност да раѓаат деца, и многу пати со молитва извади вода, го умножи лебот и храната во голема немаштија... Се хранеше само со варива, овошје и малку леб. Па и од оваа оскудна храна земаше само доцна навечер. При тоа, за да ја одржи својата старечка сила, земаше по малку вино.
Преподобен Ипатиј поживеа осумдесет години, та и косата и брадата му побелеа како снег. Четириесет години помина во чинот свештеноначалник на монасите и, испраќајќи ги пред себе кај Господа своите осумдесет ученици, и самиот, славејќи Го Господа, се упокои мирно околу 446 година.
ПРЕТСТАВУВАЊЕТО НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЈОНА,
митрополитот Киевски и на цела Русија
Свети Јона е родум од градот Галич во близина на Казанската област. Неговиот благочестив татко се викаше Теодор. Во својата дванаесетта година Јона се замонаши во еден од манастирите на Галичката покраина, и оттаму отиде во Москва, во Симоновиот Манастир. Тука многу години се трудеше во монашките послушанија. Во тоа време митрополит во Москва беше Фотиј. Еднаш митрополитот Фотиј дојде во Симоновиот манастир и отслужи молебен во црквата на Пресвета Богородица. Откако ги благослови архимандритот и браќата, тој изрази желба да ги види и манастирските послушници и да ги благослови. Сврати во пекарата и го здогледа блажениот Јона како заспал од умор. Без да го пробуди, тој го благослови и пророчки им рече на присутните:
- Овој монах ќе биде голем светител на руската земја, и многумина ќе упати на патот на спасението.
Ова пророштво на архиерејот Божји подоцна се исполни. Неколку години потоа, по благоволение Божјо, блажениот Јона беше поставен за епископ во градот Рјазањ и Мурома, каде крсти многу неверници, идолопоклоници.
Кога се претстави блажениот митрополит Фотиј, великиот кнез Василиј Василевич ги повика архиепископите и епископите на руската земја, да изберат достоен човек за големиот престол на Руската митрополија. Тогаш еднодушно беше избран блажениот Јона како добродетелен и свет човек.
Со послание од великиот кнез, блажениот Јона отпатува во Цариград кај царот Јован Палеолог и кај пресветиот патријарх Јосиф, да го прими поставувањето за митрополит. Но, пред да стигне во Цариград, злоумниот Исидор (подоцна унијат) родум од Солун, веќе беше посветен за Руската митрополија и испратен од Цариград за Русија. По неговото заминување, свети Јона допатува во Цариград и на царот и патријархот им го предаде посланието од великиот кнез. Кога го прочитаа, тие многу жалеа што избрзале со поставувањето на Исидор, и говореа:
- Што да правиме сега, ти задоцни со твоето доаѓање, и ние не можеме ништо да промениме. Затоа врати се на својот епископски престол, и чекај што ќе реши Бог. Ако тој случајно умре, или на некој начин биде сменет со благословот на патријаршискиот цариградски престол, ти ќе бидеш поставен за митрополит на Киев и на цела Русија.
И така го испратија светиот Јона дома.
Исидор најпрвин дојде во Киев. Потоа напролет отпатува во Москва, каде остана сѐ до есента. Во есента тргна на Запад на Флорентинскиот собор (1437-9 г.), божем заради утврдување и зацврстување на православната вера. Откако помина три години таму, тој се врати во Киев како отстапник од светата православна вера, но не беше примен таму. Тогаш се упати во Москва, за таму да го шири своето отстапничко учење. Великиот кнез Василиј Василевич дозна за неговото отстапништво, ги повика сите архиереи и целиот духовен чин на Руската митрополија, за да ја разгледаат таа работа. Кога се состанаа и ги разгледаа светите правила, тие видоа дека Исидор од Флорентинскиот собор донел туѓо и спротивно учење на Православието и не сакаа да го имаат за свој митрополит. А великиот кнез му нареди на Исидор да живее во еден манастир, додека тој не го извести за него пресветиот патријарх во Цариград.
Кога виде дека се обелоденило неговото отпадништво, посрамен, Исидор кришум побегна во Рим, каде ласкаво беше примен од папата. Тогаш на Руската митрополија повторно беше избран свети Јона. Со благослов на пресветиот цариградски патријарх Григориј Мелисина, тој беше посветен од своите архиереи во соборната црква во Москва, на 15 декември 1448 година. Така, тој беше првиот митрополит посветен од страна на руските архиереи, со благослов на апостолскиот цариградски престол.
Кога стапи на престолот на Серуската митрополија, свети Јона започна двократно да се подвизува, и како вистински пастир ја утврдуваше православната вера, што јасно се гледа од неговите посланија. Воопшто, тој вложуваше огромни напори за да ја сочува паствата што му беше поверена од Бога.
Бог го обдари светиот Јона со благодатта на чудотворството. Така со својата молитва тој ја крена од одарот и ја оздраве ќерката на великиот кнез - Ана, која беше на умирање. А еден човек, обземен со ѓаволска завист спрема светителот, зборуваше дека кнегињата не е исцелена со молитвите на митрополитот, туку болеста сама по себе поминала. Блажениот го повика тој човек кај себе, го поучи да не хули на благодатта на Светиот Дух, но тој не го послуша и продолжи да искажува хулни зборови. Тогаш свети Јона му рече:
- Нека се заврзе твојот зол јазик! Нека се затвори твојата богохулна уста! Наместо девојката која беше на умирање, сега ќе умреш ти.
И, во тој момент, богохулникот падна на земјата занемен, неспособен да проговори било што; само со очите гледаше втренчено, и за кратко време ја испушти душата, зашто се дрзна да хули на дарот на Светиот Дух, кој се наоѓаше во овој голем архиереј.
Кај овој голем отец имаше еден инок по име Пимен. Тој беше задолжен за подрумот и му беше наложено да им дава пијалак на болните и сиротите што доаѓаат. Еднаш кај него дојде една бедна вдовица и го молеше да ѝ даде малку медовина, оти е болна. Но, тој налутено ѝ одговори:
- Оди си, жено, сеуште не е време да се дели пијалак.
Вдовицата си замина тажна. Кога светителот Божји дозна за тоа, го повика Пимена, и му рече:
- Брате, ти не знаеш каква вдовица си нажалил. Таа Му угодува на Бога. Затоа Бог те казнува со смрт. Оди и покај се бргу за своите гревови, зашто дојде време за твојата смрт.
Веднаш му нареди на својот духовник да го потстриже Пимена во схима, и во истиот ден тој се претстави, како што рече светителот Божји.
Еднаш свети Јона му даде многу пари на еден свој послушник, и му нареди да дава милостиња на бедните, но, тој раздаде еден дел, а другиот го зачува за себе. Една бедна вдовица дојде кај светиот митрополит, и му се пожали од послушникот, говорејќи:
- Светителу Божји, твојот послушник не ми даде од парите што си ги наменил за сиротите.
Светителот го повика послушникот, и го праша:
- Зошто си се огрешил кон оваа вдовица и не си ѝ дал ништо?
Послушникот одговори:
- Многупати ѝ давав, но таа бесрамно бара повторно.
Вдовицата го порекнуваше тоа, и упорно тврдеше дека ништо не добила од него. Тогаш послушникот ѝ се развика гневно, велејќи:
- Заминувај! Ќе умреш затоа што лажеш!
Тогаш светителот му рече на послушникот:
- Нема да биде така, зашто вдовицата ја зборува вистината, а ти крадеш и лажеш. Затоа вдовицата ќе остане жива, а ти ќе умреш.
И веднаш послушникот се разболе и умре.
Болјаринот Василиј Кутуз не верувал во чудотворната сила на светиот Јона, и не барал благослов од него. Тој се разболе од силна забоболка и не можеше да се излекува. Еднаш, кога архиерејот Божји служеше божествена литургија во соборната црква, тука се затекна и овој болјарин. По литургијата, светителот го повика кај себе, го благослови, му даде нафора, го поучи од Светото Писмо, и одненадеш го удри со раката по образот, а Василиј силно извика:
- О, колку ме боли! Ти ми ги извади забите!
Во истиот момент се почувствува здрав, и си отиде дома радосен, славејќи Го Бога и фалејќи го Неговиот угодник свети Јона.
Во 1451 година, по допуштање Божјо за гревовите на предците, агарјаните ја нападнаа руската земја. Еден сараценски кнез со мноштво Татари ненедејно се приближи кон Москва, го запали нејзиното предградие, и од сите страни започна да притиска кон градот. Блажениот митрополит Јона со целокупниот клир, земајќи крстови и свети икони, во литија ги обиколуваше градските бедеми, правејќи молебен за градот и луѓето со солзни молитви. Свети Јона го здогледа старецот на манастирот Чудов, по име Антониј, кој се одликувал со подвижнички доблести, и му се обрати со овие зборови:
- Сине и брате Антониј, помоли се на милостивиот Бог и на Пречиста Богородица да го избават градот со сите православни христијани од безбожните агарјани.
На тоа, Антониј му одговори:
- Превелик архиереју, Му благодариме на Бога и на Неговата Пречиста Мајка, брзата помошница наша, зашто Он ја услиша молитвата твоја и го умоли Синот Свој и Господ наш Исус Христос, заради тебе да биде спасен овој град и сите православни христијани. Наскоро овие агарјани ќе бидат прогонети од невидлива сила. Единствено мене ми е судено од Господа да бидам убиен од непријателите.
Само што Антониј го изговори тоа, долета една стрела од татарите, го погоди и тој бргу издивна. Митрополитот Јона со целиот собор чесно го погреба убиениот подвижник. На празникот Полагање на ризата на Пресвета Богородица, татарите ги зафати ненадеен страв и тие побегнаа од градот, гонети од невидливата сила Божја. Тогаш светиот митрополит нареди што побрзо да се изгради црква во чест на Полагањето на ризата на Пресвета Богородица, а во спомен на избавувањето од агарјаните, по молитвите на Мајката Божја.
По многу година, достигнувајќи длабока старост, нашиот преблажен отец Јона доби откровение од Бога за своето претставување: Додека стражарот на соборната црква, Максим, ја обиколуваше црквата, здогледа дека таа е отворена, и во неа горат свеќи и пеат свештеници. Зачуден, тој отрча да го извести црковниот ризничар, ерејот Јаков. Тој веднаш дојде, но ја најде црквата затворена, а само внатре се гледаше светлина. Ја отклучи вратата, влезе во црквата, и никој не најде внатре, освен свеќите што гореа. Тогаш слушна глас од олтарот, кој говореше:
- Јакове, оди и речи му на слугата мој, митрополитот Јона, бидејќи тој заради спасението на својата душа бара од мене болест за телото свое, јас ја услишав неговата молба: ќе му испратам рана на ногата, и тој од таа рана ќе умре. Само што побрзо нека ги заврши сите работи околу својата паства, бидејќи скоро ќе се претстави. Јаков се преплаши, и многу збунет не кажа никому за своето видение, па дури ни на светителот, на кого беше должен да му каже. Утредента светиот пастир Јона го повика Јаков кај себе, и го праша:
- Јакове, каде беше синоќа, и што виде и слушна? Зошто не ми соопшти за она што ти беше откриено за мене? Треперејќи од страв, Јаков падна пред нозете на светителот, и му рече:
- Прости ми, владико, јас не смеев да ти го кажам тоа, но гледам дека ти го открил Духот Свети.
Светителот му рече:
- Бог нека ти прости, чедо! Но, те известувам дека Бог ќе ја земе од тебе сопругата твоја. Затоа побрзај и погрижи се за нејзината душа, за да се упокои во чисто покајание.
Сопругата на ерејот Јаков дотогаш била наполно здрава. Но кога се врати дома, тој ја затекна веќе тешко болна, и по три дена умре, откако се исповеда и причести со Светите Тајни Христови.
Преполн со благодат на Светиот Дух и добри дела, великиот светител Јона пред својот блажен крај се разболе од рана на ногата. Додека се подготвуваше својата света душа да ја предаде во рацете на Бога, тој го благослови великиот кнез, неговото потомство и целиот народ. И со молитва на устата се разреши од телото и отиде кај Господа на 31 март во 1464 година. Ја пасеше црквата Божја дванаесет години и шест месеци. Неговото чесно тело беше положено во соборната црква на Пресветата Богомајка. Неколку години по претставувањето на светиот Јона, се претстави и великиот кнез Василиј Василевич. По него на престолот стапи неговиот син, великиот кнез Јован Василевич, автократ на руската земја. По благоволение Божјо, а со благослов на преосветениот митрополит Геронтиј, тој посака на местото на старата да изгради нова соборна црква. Затоа, чесните мошти на светиот митрополит Петар привремено ги пренесе во друга црква. Кога ја срушија старата црква, и започнаа да ги копаат темелите на новата црква, беа пронајдени моштите на останатите митрополити: Теогност, Кипријан, Фотиј, и светиот Јона Чудотворец.
Кога по пронаоѓањето на чесните мошти започнаа да вршат соборни парастаси, тука донесоа едно седумгодишно момче, по име Симеон, кое беше раслабено уште од раѓање. Тоа беше син на свештеникот Петар, кој служел при храмот на светиот Јован Лествичник. Презвитерот на соборната црква Алексиј, го положи момчето до моштите на светиот Јона, и, држејќи го, му рече да се моли. Момчето се молеше заедно со ереите и наеднаш три пати силно извика:
- Доаѓа дожд!
Но, денот бил ведар, без ниту еден облак на небото. Во истиот час момчето оздраве и без ничија помош се врати во својот дом, додека сите се восхитуваа на ова чудо и Го прославуваа Бога и Неговиот угодник, светиот Јона.
Во 1479 година беше завршено ѕидањето на соборната црква Успение на Пресвета Богородица. Откако црквата беше свечено осветена, во неа започнаа да ги пренесуваат моштите на светите митрополити: Теогност, Кипријан, Фотиј, и угодникот Христов Јона. Бидејќи моштите на свети Јона беа нетлени, ги положија во кивот, и го поставија кивотот отворен во соборната црква, каде почиваат и сега, и ги удостојуваат со просената благодат оние што со молитва им пристапуваат.
Еден човек, по име Јован, беше нем. Тој дојде кај кивотот на светиот Јона, се поклони на чесните мошти негови, и ја целиваше неговата света рака. Не се знае, како на тој човек, според неискажаната промисла Божја, се случи светителот да ја пружи својата рака, го фати за јазикот и цврсто го држеше додека тој викаше за помош. Свештениците и народот кои се наоѓаа во црквата притрчаа да му помогнат, но не знаеаја како. Тогаш го видоа светителот како го испушти од рацете неговиот јазик, и Јован престана да вика, и започна јасно да зборува и да кажува пред сите за тоа како на чудесен начин му се разреши јазикот. Сите присутни се преплашија од ова преславно чудо и заедно со исцелениот Јован ги славеа големите дела Божји и го величаа големиот чудотворец Свети Јона.
Како тогаш, така и денес, од моштите на светиот митрополит Московски Јона се случуваат многу чудеса, на сите кои со вера пристапуваат, во слава на нашиот Господ Христос, славен со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ТРИЕСЕТ И ОСУМ МАЧЕНИЦИ
Овие триесет и осум свети маченици беа сродници. Поради исповедањето на својата вера во Христа, пострадаа заклани со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВЛАСИЈ
Преподобниот отец Власиј е роден во градот Амореја. Се претставил во мир.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СТЕФАН ЧУДОТВОРЕЦОТ
Нашиот преподобен отец Стефан Чудотворецот се упокоил во мир.