1. Мај (18. Април)
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
ЈОВАН,
ученикот на свети Григориј Декаполит
Постоеја двајца Декаполити. Еден близу Галилеја во Палестина, кој го спомнува светиот евангелист Матеј, (Мт. 4, 25), и вториот во Исавриската покраина. Од исаврискиот Декапол беше свети Григориј Декаполит, учителот на преподобниот Јован, за кого овде станува збор. Намразувајќи го светот и засакувајќи го Христа уште од младоста, овој свети Јован отиде кај светиот Григориј Декаполит. Свети Григориј го замонаши и тој остана да се подвизува покрај него, и во сѐ да Му служи на Бога. Беше толку смирен, послушен и ревносен за секое добро дело, така што неговиот духовен отец свети Григориј многу се радуваше за него и Го славеше Бога.
Кога злочестивиот цар Лав Ерменин ја обнови иконоборната ерест и крена гонење против Црквата Христова, преподобниот Јован дојде во Цариград со својот учител свети Григориј и заедно со светиот Јосиф Песнописец одеа по градот и ги утврдуваа православните во благочестивото и непоколебливо исповедување на верата. Потоа свети Јосиф беше испратен во Рим, но не стигна таму, оти еретиците го фатија и окован го задржаа на Крит. Наскоро и свети Григориј се претстави во Господа. А пак, преподобниот Јован, останувајќи во Цариград се подвизуваше во вообичаените трудови, грижејќи се не само за своето спасение, туку и за спасението на другите. Кога по извесно време блажениот Јосиф се ослободи од темницата и се врати во Цариград, преподобниот Јован отиде кај Господа да ја прими наградата за трудовите свои, и свети Јосиф го погреба чесно во близина на гробот на светиот Григориј. А кога потоа свети Јосиф се пресели од градот во едно безмолвно место недалеку од црквата на свети Јован Златоуст, тој изгради црква таму, во име на Свети Никола Чудотворец и ги пренесе во неа светите мошти на свети Григориј и на свети Јован.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КОЗМА,
епископот Халкидонски
Архијерејот и исповедник Христов, свети Козма, беше од Цариград. Го засака Христа уште од младоста, па го остави овој суетен свет и се замонаши. Отхранувајќи се со млекото на подвижништвото и очистувајќи се со чесноста и останатите добри дела, тој стана живеалиште на Светиот Дух и беше поставен за епископ во Халкидон. Во времето на злочестивите иконоборци јуначки се бореше за православната вера. Еретичките цареви го присилуваа да се одрече од почитувањето на светите икони, но преподобниот Козма не се согласи. Затоа беше прогонет и претрпе многу маки. И повторно беше повикан и присилуван да се придружи на иконоборната ерес, но, тој не сакаше ни да слушне за тоа. Затоа беше ставен на безброј маки заедно со преподобниот Авксентиј. Така мачен и злоставуван од зловерните и бедни иконоборци, тој ја предаде својата душа во рацете Божји и премина во небесниот мир, околу 816-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
ВИКТОР, ЗОТИК, ЗИНОН, АКИНДИН И СЕВЕРИЈАН
Сите беа многу мачени во времето на царот Диоклецијан. Пред да ги видат маките и преславните чудеса на светиот великомаченик Георгиј, тие беа незнабошци. Но, кога ги видоа неговите маки, неговата храброст и многуте чудеса што тогаш се случија, тие поверуваа во нашиот Господ Исус Христос и наскоро пострадаа. Главите им беа отсечени со меч, во 303-та година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АВКСЕНТИЈ
Преподобниот Авксентиј беше соподвижник на преподобниот Козма.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК
ЈОВАН НОВИОТ, ЈАНИНСКИ
Новомаченикот Јован е роден во градот Јанин, некогашната престолнина на царот Пир. Неговите родители беа благочестиви христијани. А кога починаа, Јован како дете остана сираче, отиде во Цариград за да се вработи и да живее од трудот на рацете свои. Стапи на занает и заработуваше за сѐ што му е потребно за живот, и Бог му помагаше во работата поради неговиот доблесен живот. Беше целомудрено момче кое има страв Божји, и ги исполнува Неговите заповеди. Го нарекоа Епирец бидејќи беше родум од Епир.
Пред тоа Турците го беа освоиле Цариград и многумина од христијаните од страв се беа одрекле од Христа и ја беа примиле мухамедовата вера. Свети Јован имаше своја работилница токму меѓу ваквите потурчени. Тој често јавно се препираше со нив, укорувајќи ги што го предале Христа, оти беше паметен, смел и без страв ја зборуваше вистината. Овие потурчени го намразија поради тоа што ги изобличува и посрамува и што работата му оди добро, и започнаа да размислуваат како да го погубат.
Кога ја забележа нивната зла намера, Јован не се исплаши туку со целата душа посака да пострада за Христа. На Велики Петок, во 1526 година, тој отиде кај својот духовен отец, протопрезвитерот на Цариградската црква, и се исповедаше. Му раскажа за непријателството на своите соседи и му ја откри својата желба дека сака да пострада за Христа и побара совет од него. Кога го виде толку млад, протопрезвитерот му рече:
- Внимавај, чедо, таа мисла да не ти ја уфрла ѓаволот, зашто тоа го прави со многумина, а потоа, кога нема да истраат во маките и паѓаат, тој им се потсмева.
На тоа момчето рече:
- Се надевам во мојот Христос дека нема да ме изложи на потсмев пред моите непријатели, туку ќе ме поткрепи да ги победам злите сили.
Протопрезвитерот му рече:
- Чедо, напишано е: „Духот е бодар, но телото е слабо“ (Мт. 26, 41). Тоа што ти го сакаш бара огромна подготовка, бара непрекинато постење и молитви, па кога со нивна помош ќе се очистиш од секој грев, самиот Бог ќе ти покаже што треба да правиш, оти Бог се населува во чистите души. Внимавај на себе, мило чедо, и оди си со мир, а јас го молам Бога да те сочува од сите твои видливи и невидливи непријатели, односно луѓето и демоните, и да те направи славен победник над нив.
Го рече тоа и го отпушти момчето со мир.
Утредента блажениот Јован со озарено лице и радосна душа повторно дојде кај својот духовен отец, и му рече:
- Чесен оче, оваа ноќ имав видение во сонот. Се видов себе си среде оган неповреден и весел, како што некогаш беа Трите Момчиња во вавилонската печка. Затоа се надевам дека со помош на Севишниот, успешно ќе ја завршам својата замисла. А тебе, чесен оче, те молам да ме вооружиш со твоите Молитви.
На тоа неговиот духовен отец му одговори:
- Нека те крепи Бог, чедо, да победиш и да се овенчаш со мачеништво за Христа.
И зацврстувајќи го момчето со мили и корисни зборови, и ветувајќи му дека ќе се моли на Бога за него, тој го отпушти.
Блажениот Јован се врати во својата работилница, а неговите непријатели си говореа еден на друг:
- Зарем овој не е истиот, кој што во градот Трикали во Кесарија јавно се одрекол од Христа, а сега овде се прави христијанин?
Момчето налутено ги праша:
- Зборувате за мене или за некој друг?
Тие му одговорија:
- За тебе. И, зарем не ја зборуваме вистината?
Блажениот одговори:
- Јас никогаш не сум се одрекол од Христос, ниту во Трикали, ниту на некое друго место, ниту пак некогаш ќе се одречам од Него. Јас живеам за Христос и спремен сум да умрам за Него.
Навредени, тие се разбеснија, се нафрлија врз него и го одвлекоа на суд. А светото момче со радост иташе кон судот како на гозба. И го предадоа на неправедниот суд, зашто самите беа и тужители и сведоци и судии. И изнесоа против него едно, единствено, и тоа лажно обвинување, дека божем во тесалискиот град Трикали јавно се одрекол од Христа и ја примил мухамедовата вера, но кога дошол во Цариград повторно се вратил во христијанството. На почетокот на судењето, тие започнаа со ласкања да го убедуваат да се одрече од Христос. Но, кога видоа дека е цврст и непопустлив, започнаа да му се закануваат. Кога и тоа беше залудно, душмански го тепаа и многу измачен го фрлија во темница, додека не смислат што да прават со него.
Утредента повторно го изведоа на суд и го прашаа дали решил да се одрече од Христос. Кога видоа дека е непоколеблив, тие бездушно го тепаа со железни шипки. Цврст како дијамант, Јован молкум го поднесуваше тоа, како да тепаа некој друг. Потоа тивко Му се молеше на Бога, говорејќи:
- Поткрепи ме, единствен семоќен Боже! Дај ми сила и од Твоето свето живеалиште пружи ми рака помошничка!
Потоа им се обрати на своите неријатели:
- Никогаш никакво богатство на овој свет, ниту кое било зло нема да ме одврати од мојата намера! Секогаш ќе бидам и ќе останам христијанин! Правете што сакате со мене, за од овој краткотраен живот да ме испратите во вечниот. Јас сум роб Христов, Христос го следам, за Христос умирам, та заедно со Него вечно да живеам!
Потоа неправедните судии наредија повторно да го одведат во темницата. И маченикот не беше воден туку влечен за косата, удиран по образите, газен со нозете и така довлечен и заклучен во темницата. Утредента повторно беше изведен на суд, и бидејќи повторно остана храбар и непоколеблив во христијанската вера, повторно наредија немилосрдно да го тепаат. Така тепан, маченикот радосно пееше:
- Христос воскресна од мртвите! - бидејќи беше Воскресение Христово. И целото тело му беше покриено со рани, и земјата се натопи со крв, а светиот маченик трпеше, и час пееше, час им говореше на мачителите:
- Тепајте ме што повеќе, но никогаш нема да можете да ме отуѓите од мојот Христос, и да ме придобиете за вашата вера!
Посрамени, мачителите повторно го фрлија во темница и неколку дена го мачеа со глад и жед. Потоа повторно го изведоа и мачеа. Кога видоа дека никакви маки не можат да го одвратат од Христа, го осудија да биде спален. Додека го водеа, едни го тепаа, други го пцуеја, трети сомилосно му предлагаа да ја поштеди својата младост, Но, маченикот Христов, ликувајќи одеше во смрт како кон големо одликување. Кога стигнаа на местото каде што требаше да биде спален, Јован потрча и скокна во огромниот оган. А неговите мачители, држејќи го крајот од синџирите со кои беше врзан, го извлекоа од огнот. Тоа го нажали маченикот, и тој ги праша мачителите:
- Зошто не ми давате да изгорам во огнот? Зошто не дозволувате да Му станам благопријатна жртва на мојот Христос?
А судиите, иако знаеја дека смртта во огнот е горка, штом видоа дека тој ја сака таквата смрт, го осудија да биде обезглавен. Џелатот му ја отсече главата на непобедливото момче, па потоа и телото и главата му ги фрлија во огнот. Така, светиот новомаченик Христов Јован Јанински, со маченичка смрт го заврши својот живот и прими маченички венец на 18 април во 1526-та година. Подоцна христијаните ги собраа остатоците од неговите чесни и чудотворни мошти од пепелта, и ги погребаа во Големата Црква во Цариград, славејќи Го нашиот Бог Христос, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
ЕВТИМИЈ
Преподобниот Евтимиј го просветил дивото племе Корели, на брегот на Белото Море. Кај новообратените тој ја всади љубовта спрема подвижништвото и на корелскиот брег го основа Николаевиот манастир. Но, тој манастир наскоро беше срушен од страна на Норвежаните. Преподобниот Евтимиј тогаш подигна нов манастир. Се претстави во 1435-та година. Неговите свети мошти, прославени со чудеса, беа откриени во 1647 година и почиваат во неговата обител.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК
ЈОВАН КУЛИК
Блажениот Јован беше многу мудар и ревносен христијании. Еден ден тој се препираше со агарјаните за верата. Мудар и речит, тој предизвика завист кај нив и тие го фатија и го одведоа кај судијата. Пред него лажно го обвинија и сведочеа дека божем ја навредувал нивната вера. Судијата започна да бара од блажениот Јован да се одрече од Христа за да го пушти на слобода. На тоа маченикот многу слободно му рече:
- Да не даде Бог некогаш да се одречам од мојот Исус Христос, па макар да ме подложите и на најстрашна смрт!
Тогаш судијата нареди да го обесат маченикот за ченгеле. Така блажениот Јован се пресели кај Христа и доби венец на мачеништвото. Пострада во 1564 година.