2. Мај (19. Април)
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
ЈОВАН ВЕТВОПЕШТЕРНИК
Обителта на преподобниот Харитон во Палестинската пустина близу Ерусалим се викаше Ветва Лавра, зашто беше подигната пред другата лавра. Во таа Ветва Лавра се подвизуваше преподобниот Јован. Уште од младоста ранет со божествената љубов, тој се приљуби кон Бога, според зборовите на псалмопевецот: „Мене ми е добро да се приљубам кон Бога“ (Пс. 72, 28). Ги презре ништовните сласти на овој свет и гордоста, ја напушти својата татковина, го зеде крстот на монашкиот живот и отиде во туѓа земја ради Господа, Кој од Своето раѓање беше туѓинец на земјата и сѐ до смртта немаше каде глава да потслони. Кога дојде во Ерусалим, тој се поклони на светите места, па отиде во Ветвата Лавра на блажениот Харитон. Поради својот доблесен живот тука се удостои на свештеничкиот чин. Ги подражаваше древните подвижници, ги зауздуваше телесните страсти со големото воздржание и сеноќното стоење на молитва и секавањето на смртта, и толку го испости своето тело, така што стана земен ангел во тело. Откако долго поживеа и целосно Му угоди на Бога, тој се пресели кај Господа, а свети Ангели на своите раце ја однесоа неговата душа во неостарливата небесна обител.
Преподобниот Јован се нарекува Ветвопештерник наместо Ветволавриот, затоа што Ветвата Лавра на светиот Харитон на почетокот била разбојничка пештера, во која разбојниците врзан го доведоа светиот Харитон. Но, тој на чудесен начин беше одврзан, и разбојниците ненедејно умреа од вино затруено од змијски отров. Кога беше одврзан, тој најде многу злато во пештерата, и најпрвин во таа пештера изгради црква и собра браќа. Потоа над пештерата изгради обител. Преподобниот Јован го помина својот живот во таа стара пештера, служејќи во пештерската црква, и затоа беше наречен Ветвопештерник или Старопештерник.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
ГЕОРГИЈ ИСПОВЕДНИК,
епископот Писидијски
Нашиот преподобен отец, исповедникот Христов, Георгиј, живееше во времето на иконоборството. Засакувајќи го Христа уште од младоста, тој се замонаши и поради својот огромен труд и црковните подвизи стана живеалиште на Светиот Дух. Затоа беше поставен за епископ на Антиохија Писидијска, и добро го пасеше своето поверено стадо. Кога иконоборната ерес зеде замав, и на писмениот повик од царот во Цариград се собраа сите епископи, дојде и свети Георгиј и јуначки го бранеше правоверието. Тој му велеше на царот дека треба да се покорува на соборните црковни преданија на светите Отци, наставниците на Православието, и да ја подражава нивната вера, а не да се согласува со туѓи и различни учења (Евр. 13, 9). А кога го присилуваа да се одрече од почитувањето на светите икони, свети Георгиј одлучно одби. Затоа беше симнат од епископскиот престол и испратен на заточение. Остатокот од својот живот го помина во заточение, каде многу беше злоставуван и мачен. И така отиде кај Господа, од Него да го прими венецот на исповедништвото.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
ХРИСТОФОР, ТЕОН И АНТОНИН
И тројцата беа млади офицери кај царот Диоклецијан. Кога светиот великомаченик Христов Георгиј беше мачен, тие ги гледаа неговите маки, како и чудесата што се случија тогаш. Поразени од тоа, тие излегоа пред царот, го фрлија оружјето и храбро го исповедаа името на Господа Исуса. Затоа, по наредба на мачителот беа оковани во синџири и фрлени во темница. Утредента беа изведени пред нечестивиот суд на царот. Приморувани да се одречат од Христа, тие одбиваа и со ум потопен во вистинскиот Бог, Него јавно Го исповедаа. Тогаш ги обесија на мачилиштето, со железни нокти им ги стругаа телата и ребрата им ги гореа со свеќи. Кога видоа дека мачениците се непоколебливи во својата вера, тие ги фрлија во оган. Така светите маченици Христови се усовршија со страдањето за Христа.
Пострадаа чесно во Никомидија во 303-та година.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ТРИФУН,
патријархот Цариградски
Царот Роман, кој владееше со Византија во почетокот на десеттиот век имаше син по име Теофилакт, кој имаше шеснаесет години кога умре патријархот Стефан. Царот сакаше својот син да го постави за патријарх, бидејќи уште од мал го беше заветил со духовно звање, но поради малолетството не можеше да го стори тоа, оти црковните канони го забрануваат. Патријаршискиот престол го зазеде монахот Трифун, човек навистина достоен за таквиот чин, зашто беше совршен во сите доблести и водеше беспрекорен живот. Трифун остана на престолот три години. Кога царевиот син влезе во својата дваесетта година, царот намисли да го тргне Трифун и својот син да го постави за патријарх. Светителот Божји не сакаше доброволно да го отстапи престолот затоа што сметаше дека е соблазна толку млад човек да се издигнува на толку тешка и одговорна положба, како што е патријаршиската, која бара човек зрел по години и памет, добар познавач на Светото Писмо и способен правилно да управува со Црквата.
Царот Роман не знаеше што да прави, бидејќи не наоѓаше причина за да може да го тргне од престолот патријархот Трифун. Преподобниот беше свет по живот и во него немаше никаков порок. Тогаш на царот му притекна на помош кесарискиот епископ Теофан. Како пријател на царот, а лукав, тој му рече:
- Царе, јас ќе ти помогнам за оваа работа. Царот многу се израдува и го замоли тоа да се заврши што побрзо.
Теофан отиде кај пресветиот патријарх Трифун и поразговара со него, претставувајќи му се како верен пријател. Тој лукаво му рече:
- Владико, царот е многу огорчен на тебе, и со своите истомисленици крои планови против тебе, и сите бараат причина за да можат да те симнат од престолот. Иако многу се трудат околу тоа, сѐ им е залудно, зашто бараат вина кај невиниот. Ти наоѓаат само една мана: велат дека си неписмен и не умееш да пишуваш. Поради тоа сметаат дека си недостоен за патријаршискиот престол. Затоа е неопходно да ги посрамиш и да им ги затвориш устите за да замолкнат. Ако сакаш да ме послушаш, направи вака: Пред целиот собор, на бела хартија напиши го своето име и патријаршиското звање, и таа хартија испрати му ја на царот, за да се посрамат оние што те клеветат дека божем не умееш да пишуваш.
Незлобивиот блажен Трифун не го прозре лукавството на Теофан, и го прифати неговиот предлог. Кога беше свикан собор, патријархот им рече на сите:
- Божествени сослужители, оние кои сакаат неправедно да ме симнат од престолот, залудно се трудат да најдат причина за тоа. Јас се надевам во мојот Бог, дека тие, колку и да се трудат, не ќе можат да најдат моја вина поради која би можеле да ме лишат од престолот што Бог ми го поверил. Сега измислиле клевета дека божем сум неписмен, па затоа сега пред сите вас ќе напишам нешто за да се посрамат клеветниците и да престанат да ме клеветат.
Откако го рече тоа, блажениот зеде чиста хартија и пред сите го напиша ова:
„Трифун, со Божјата милост, архиепископ на Цариград - Новиот Ерусалим, патријарх вселенски“.
Го напиша тоа и хартијата му ја испрати на царот. Штом ја доби хартијата, на совет од епископот Теофан, царот нареди над потписот на патријархот да се напише следното:
„Јас, Трифун, го отстапувам патријаршискиот престол, бидејќи сметам дека сум недостоен за таквата положба“.
Царот нареди тоа да се прочита пред кнезовите и велможите и пред сите достоинственици. Тој испрати свои истомисленици кои светиот патријарх Трифун насилно го тргнаа од патријаршијата, и го доведе својот син Теофилакт за патријарх. Тогаш настана голем раздор во Црквата, зашто поголемиот дел од духовништвото беше со патријархот Трифун и не го прифаќаше Теофилакт. А блажениот Трифун, иако невин, стрпливо го поднесуваше тоа прогонство, отиде во својот поранешен манастир, поживеа две години и пет месеци и се претстави во Господа, во 933-та година. Неговото чесно тело беше пренесено во Големата Црква во престолнината, и како тело на вистински патријарх беше положено со телата на патријарсите. Тогаш во Црквата настана мир, зашто по преставувањето на свети Трифун, сите го признаа патријархот Теофилакт и се согласија да општат со него.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
СИМЕОН БОСИОТ
Преподобниот Симеон се роди во свештенички дом. Неговиот татко беше свештеник и се викаше Андреј. Кога порасна, тој бргу напредуваше во учењето и сите се восхитуваа на неговиот бистар ум. На петнаесетгодишна возраст димитраидскиот епископ Пахомиј го зеде кај себе во епископијата и подоцна го замонаши и го ракоположи во чинот јероѓакон. Но, Симеон не остана долго кај епископот Пахомиј, бидејќи мислите го влечеа кон осаменоста. Тој побара совет од епископот за таквите негови мисли и епископот го благослови и го отпушти со мир.
Младиот подвижник најпрвин се насели на Олимписката гора во манастирот Икономион. Тука започна да води многу строг и суров живот, подвизувајќи се во пост, бдеење и молитви. За да го смири своето тело, тој се лиши од слаткиот сон и на својата постела ставаше камења.
По извесно време преподобниот Симеон посака да ги види големите подвижници, и затоа отпатува на Атон и стапи во братството на Лаврата на преподобниот Атанасиј. Неговиот живот набрзо го сврте вниманието на управата на Лаврата и тој беше произведен во чинот јеромонах. Овде, уште како јероѓакон преподобниот Симеон беше многу смирен со кое што смирение беше преполна неговата блажена душа. Така еднаш, еден од браќата, сакајќи да провери дали тој навистина се смирува ради Бога, му рече:
- Оче Симеоне! Колку убава коса имаш и колку убаво ти стои таа!
Преподобниот Симеон не му рече ништо, туку отиде во својата ќелија, ја острижа косата, и при средбата со оној брат, му ја предаде и му рече:
- Брате, земи ја мојата коса, оти многу ти се допадна.
Од Лаврата преподобниот Симеон премина во Филотиевскиот манастир. Тука тој започна да води уште построг подвижнички живот. Гледајќи во својата обител таков светилник, браќата започнаа длабоко да го почитуваат. А подоцна започнаа да го молат да им биде раководител во духовниот живот и настојател. Длабоко смирен, преподобниот Симеон го одбиваше тоа одговорно звање. Но, на нивната упорна молба и љубов се согласи да им биде пастир и наставник. Но, ѓаволот не сакаше во братството да владее еднодушност и затоа ги побуни послабите меѓу браќата против преподобниот, сеејќи во нив омраза спрема него. Тогаш тие започнаа да шират клевети и лоши гласови за преподобниот. Гледајќи од каде произлегува тоа зло, светиот започна да ги советува оние што роптаа против него, да не се подаваат на помисли што им ги уфрла во душата лукавиот враг, туку да се огледаат на благоразумните меѓу браќата. Меѓутоа, тие не само што не се вразумија, туку започнаа уште повеќе да го укоруваат.
Тогаш преподобниот ја напушти Света Гора и отиде на гората Фламурија која граничи со Загорје. Тука започна да води живот сличен на бестелесните ангели, не грижејќи се за ништо. За живеалиште си одбра едно јаболково дрво, под кое живееше и лете и зиме без покривка, одејќи бос. По три години го најдоа тука некои богољупци. Восхитени од неговиот пустински живот и доброволното оскудување во сѐ, и самите посакаа да го подражаваат во духовниот живот, па започнаа да го молат да ги прими кај себе. Преподобниот Симеон долго не се согласуваше со тоа, плашејќи ги со трудовите и лишувањата кои се поврзани со пустинскиот живот. Но, тие не се плашеа од тоа и со солзи го молеа да им даде благослов да се населат крај него. И во истиот ден овие богомолци започнаа да си прават колиби од слама. По некое време дојдоа уште двајца љубители и баратели на осаменичкиот живот, па и тие се населија покрај преподобниот. Така, во тој мал скит се собраа седум браќа. Заради прехранување, тие започнаа да се занимаваат со земјоделие.
Со собирањето на браќа околу преподобниот Симеон, гласот за неговиот благоугоден живот започна да се шири по целата околина и кај него започнаа да доаѓаат благочестиви христијани, и за совет, и за да го видат и да добијат благослов од него. По седум години во својот скит преподобниот изгради црква во име на Светата Животворна Тројца. Во неа, тој секојдневно служеше света Литургија. Набрзо по подигањето на црквата кај преподобниот започнаа да доаѓаат свештеници и ѓакони. Гледајќи го неговиот рамноангелски живот, тие остануваа да живеат покрај него. Така се создаде општожитие.
Во своето општожитие тој воведе устав и поредок и наместо себе на браќата им постави друг старешина и раководител, а тој отпатува во Епир и потоа во Тесалија. Таму го проповедаше словото Божјо, колебливите ги утврдуваше во верата, сомничавите ги убедуваше а цврстите во верата ги соколеше. Сите ги поучуваше да се сакаат меѓу себе, да ги празнуваат неделите и празниците и ради молитва да одат во црквата Божја. Од таму преподобниот се упати кон Атина. Со благодатта што му беше дадена од Бога, овде тој исцелуваше разни болести и истеруваше нечисти духови. Така, тој со благослов на атинскиот епископ Лаврентиј, секоја недела и на празниците ги поучуваше луѓето во побожниот и целомудрен живот. Од Атина отиде во Еврип. И тука, како и во Атина, проповедта на светителот се потврдуваше со чудеса. Поради тоа еврипските христијани започнаа многу да го почитуваат како голем угодник Божји. Тамошните Турци, гледајќи какво стравопочитување имаат христијаните спрема преподобниот Симеон не останаа мирни. Поттикнати од ѓаволот, тие го наклеветија кај градоначалникот на Еврип дека божем тој ги напаѓа сите муслимани, нарекувајќи ја нивната вера лажна, проколнувајќи го пророкот Мухамед, па дури се заканува опасност дека еврипските турци ќе ги обрати во христијанската вера.
Штом ги сослуша, градоначалникот веднаш испрати војници да го фатат преподобниот Симеон, окован да го одведат на плоштадот и да го спалат. Кога војниците го одведоа и го подготвуваа огнот, и преподобниот им помагаше. Кога го виде тоа, војникот што го држеше за синџирот, му рече:
- Оче, та овој оган се подготвува за тебе. Градоначалникот нареди да те спалиме.
Светителот му одговори:
- Па што, ако е тоа волјата Божја, јас од душа сакам да пострадам за исповедањето на светото име Негово.
Овој разговор го слушна еден христијанин - арабјанин. Тој повика неколку побожни жени, па со нив веднаш отиде кај мајката на градоначалникот и сесрдно ја молеше, таа да го умоли нејзиниот син да не го казнува преподобниот со смрт. Таа веднаш отиде кај својот син и започна да го моли да не му прави никакво зло на невино наклеветениот монах и да не го зема на своја душа гревот за неговата смрт. Градоначалникот одговори:
- За каков грев зборуваш? Јас наредив да се спали оној што ја напаѓа нашата вера и ги заведува нашите правоверни во христијанската вера!
Мајката му одговори:
- Сето тоа е лага, сине мој. Ако му сториш некакво зло, знај дека јас ќе си го одземам животот. Подобро повикај го тој јаден човек и подробно распрашај го за сѐ. Јас те уверувам дека и самиот ќе увидеш дека невин човек си осудил на смрт.
По заминувањето на мајка си, градоначалникот заедно со другите достоинственици ја разгледа работата и увиде дека навистина постапил неправедно, па реши да го повика преподобниот Симеон и лично да го прашат за тоа што му беше доставено. Тогаш преподобниот во окови беше доведен кај градоначалникот. Кога го виде неговото благо лице, притоа бос и речиси гол, облечен само во една ветва мантија, тој почувствува наклонетост спрема него, па милно и тивко го праша:
- Дали е вистина дека ти ги одвраќаш Турците од верувањето во Мухамед и им предлагаш да ја примат христијанската вера?
Преподобниот му одговори:
- Јас не дојдов Турците да ги обраќам во христијанството, туку напротив, христијаните да ги утврдувам во Христовата вера и да ги учам што ми наредува Евангелието.
Градоначалникот праша:
- А што наредува Евангелието?
Преподобниот одговори:
- Го наредува следното: Немој да крадеш, живеј во чистота, не сакај ништо туѓо, сакајте се еден со друг, плаќајте го царскиот данок, цврсто чувајте ја својата вера, празнувајте ги неделите и празниците.
Градоначалникот радознало го сослуша, не најде никаква вина во него и нареди да го пуштат на слобода.
Потоа преподобниот Симеон започна со уште поголема слобода да го проповеда словото Божјо. Помина многу градови и села, па се врати во општожитието во Фламурија што самиот го основаше. Меѓутоа за жалост на своите ученици, тој кратко беше со нив: од огромна љубов спрема ближните неговата душа сакаше со словото Божјо да ги храни оние што имаат потреба. А неговите ученици беа толку напреднале во доблесниот живот, така што со Божјиот збор можеа да се утврдуваат не само себе си, туку и другите. Затоа преподобниот се прости со нив и отпатува во Цариград. Таму убаво го дочека цариградскиот патријарх и со љубов му дозволи да му проповеда на народот и да го убедува непоколебливо и цврсто да ја чува верата во нашиот Господ Исус Христос. Потоа ревнителот на заповедите Господови започна неуморно да му проповеда на народот не само во црквата туку и на плоштадите. Народот со стравопочитување ги слушаше неговите поуки и многумина итаа да му ги исповедаат своите гревови и добиваа разрешување од него; други пак го следеа и станаа негови ученици и се замонашија.
Најпосле, по многугодишните неуморни проповеди, тој мирно отиде во небесните живеалишта. Неговото свето тело патријархот чесно го погреба на Халки, во храмот „Пресвета Богородица“.
Две години по блажената смрт на преподобниот Симеон, монаси од Фламуриското општожитие беа во Цариград по некоја манастирска работа и изразија желба моштите на својот отец да ги пренесат во општожитието што тој го основа. Побараа дозвола од патријархот, и тој, гледајќи ја љубовта на учениците спрема својот учител, со радост им даде благослов. Откако подготвија нов ковчег, монасите го отворија гробот и од моштите се разлеа прекрасен мирис. Сите болни што се допираа до нив се исцелуваа. Од нивниот огромен број ќе го наведеме само следниот случај. При отворањето на гробот на светителот беше присутен и еден занаетчија кој одамна боледувал од туберкулоза и веќе бил на крајот од животот. Но, само што ја целиваше главата на преподобниот, тој веднаш престана да кашла и потполно оздраве. Подоцна, од благодарност за своето исцеление, тој изработи кивот за светите мошти на својот исцелител.
Бидејќи моштите на преподобниот Симеон беа пренесени во неговиот манастир, таму со чест ги положија и ги почитуваа не само монасите туку и сите христијани на кои што им проповедаше.
Невозможно е да се премолчи и следново чудо. Еднаш монасите на неговата обител според обичајот на тамошните манастири тргнаа да собираат милостина и со себе во мало кивотче понесоа прст од преподобниот Симеон. Кога стигнаа до Орејската тврдина наидоа на еден болен човек на кого целото тело му беше отечено. Болниот, штом дозна дека монасите имаат кај себе дел од моштите на преподобниот Симеон, ги замоли да свратат во неговиот дом и да отслужат молепствие. Монасите свратија, осветија вода, и му наложија на болниот да ги целива светите мошти и да се напие од осветената вода. Штом го стори тоа болниот, одеднаш од неговото тело истече смрдлива течност и наскоро потполно оздраве. Од благодарност спрема својот исцелител, тој човек се завети целиот свој имот да го даде на манастирот, па и самиот се замонаши и останатото време од својот живот го помина во доблесно живеење.
По молитвите на преподобниот Симеон, Христе Боже, исцели ги и нашите душевни и телесни слабости, и удостој нѐ во уделот на преподобните Твои, амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК
АГАТАНГЕЛ ЕСФИГМЕНСКИ
Свети Агатангел се роди во градот Енос во Тракија, од православните родители Константин и Кристалија. На светото крштевање Агатангел го доби името Атанасиј. Освен него, неговите родители имаа уште три деца. Откако по смртта на својот татко остана сираче, Атанасиј стапи во служба кај еден морнар по име Анастасиј, за да го прехранува своето семејство и себе си. Тој многу се спријатели со Анастасиј и заедно пловеа насекаде. Еднаш, тие служеа под наем на еден турски брод. Кога им истече рокот Анастасиј ја доби својата плата и го напушти бродот. А пак капетанот на бродот, кој беше Турчин по име Мехмет, со разни закани го натера Атанасиј да остане на бродот. Преплашен, Атанасиј остана кај овој Турчин.
Со текот на времето Атанасиј се истакна како добар и чесен работник и неговиот газда започна да размислува како да го приведе во муслиманската вера, па потоа да го посвои и да го направи свој наследник. Остварувањето на таа намера газдата ја одложуваше од година во година, и така изминаа неколку години. Еднаш, додека пловеа од Цариград за Смирна, меѓу патниците беше и еден судија, кој, гледајќи го услужливиот Атанасиј го посоветува својот пријател Мехмет, да го натера да ја прими муслиманската вера. Овој ѓаволски совет уште повеќе ја зголеми мехметовата дамнешна желба да го обрати Атанасиј во муслиманството, па макар и насилно. Кога допловија во Смирна, Атанасиј, најверојатно претчуствувајќи дека Мехмет му подготвува некакво зло, побара од него да му исплати. Злобниот Турчин, не сакајќи да ја испушти жртвата од своите канџи, една ноќ одлучи да ја спроведе својата намера. Запали фенер, го поведе со себе Атанасиј и го одведе надвор од градот. Тука одеднаш го извади ножот од појасот и лесно го рани Атанасија. Потоа му го стави ножот на грлото, заканувајќи му се дека ќе го убие. Запрепастениот Атанасиј започна да го моли да го поштеди, но варваринот заканувачки му рече:
- Нема да те оставам жив, ако не ја прифатиш муслиманската вера.
Преплашен до смрт, Атанасиј реши да ја прими муслиманската вера. Притоа, за да ја смири својата совест си велеше во себе: „За да не ме убие овој злосторник, јас со зборови ќе се одречам, и утре ќе побегнам“. Но, Мехмет веднаш отиде во судницата, замоли да го разбудат судијата, и тој побара од Атанасиј да се одрече од христијанската вера. Атанасиј и тогаш, сакајќи да се прелаже самиот себе, си помисли: „Сега со збор ќе се одречам од Исус Христос, па уште вечерва ќе побегнам и ќе се сокријам некаде“. Така, тој свесно се одрече од правата вера, заменувајќи ја со лажната.
Меѓутоа, тој не успеа да ги оствари своите замисли, бидејќи не го оставија слободен сѐ додека не го обрезаа.
По некое време несреќниот отстапник се разболе. Тогаш започна да се кае и да тагува што ја изгуби христијанската вера и се плашеше смртта да не го затекне како отпадник. Но, семоќниот Господ не ја сака смртта на грешникот, и како чедољубив татко кој долго трпи и го чека обраќањето на грешникот, му помогна и го дигна од болничкиот одар. Така Атанасиј со дозвола на својот газда отпатува во својот роден крај. При средбата со роднините, тој им ги подели парите што ги беше стекнал. Меѓутоа, тоа негово добро дело не помина без кавги. Плашејќи се пленот да не му побегне од канџите, ѓаволот ги налути роднините на Атанасиј и ги скара околу поделените пари. Таа кавга го натера Атанасија да отиде во судот и писмено да се одрече од своите роднини, и во случај на негова смрт тие да немаат право на неговиот имот.
Потоа се врати во Смирна кај својот газда. Поради нешто се скара со него, и многу навреден побегна од таму. Оттогаш малку по малку започна да си доаѓа на себе и да станува свесен за својот голем пад. Лутајќи по разни градови и села, тој трпеше најразлични оскудувања. Заедно со тоа се плашеше од својот газда, кој го беше наклеветил дека му украл значителна сума на пари, и поради тоа добил дозвола од властите да го бараат насекаде. За да не го препознаат, Атанасиј престана да го користи муслиманското име. Се преоблече во просјачка облека и отиде во Света Гора, со надеж дека таму ќе најде мир за својата измачена и искината душа. Обиколувајќи ги обителите во Света Гора и исповедајќи го на многу духовници својот пад, најпосле остана во Есфигменскиот манастир. Тука игуменот Евтимиј го присоедини кон Православната Црква, го стави под раководство на опитниот старец јеромонахот Герман и му наложи да им прислужува на браќата на трпезата. Тоа Атанасиј го исполнуваше со голема усрдност.
Со текот на времето неговото ладно срце започна да се загрева и кај него се појави покајанието. Своето одрекување од Христа тој започна да го покрива со покајание, минувајќи го времето во бдение молитви и пост.
Така, тој со спасоносното покајание ги залечуваше душевните рани што му ги нанесе ѓаволот. Кај него се појави желбата пред муслиманите да ја исповеда својата христијанска вера и со мачеништво да се исчисти од падот. Гледајќи го душевниот стремеж на Христовиот подвижник и сакајќи да го расколеба, ѓаволот започна да го смутува со разни помисли и соништа. Така еднаш, Атанасиј во сонот виде како да се наоѓа во некоја позната кафана. Кафанџијата како негов добар познаник со презир му сврте грб а меѓу гостите имаше и познаници на Атанасиј кои му рекоа на кафанџијата:
- Што значи тоа? Зошто не сакаш да се поздравиш со својот пријател?
Тогаш кафанџијата се обрати кон Атанасиј и му рече:
- Пријателу мој, што се случува со тебе? Твоето однесување е несфатливо. Што те натера да бегаш од твојот добар газда и да се населиш со злите монаси каде те очекуваат разни одрекувања и страдања? Нѐ остави со презир и им се придружи на нашите смртни непријатели.
Зборувајќи го тоа, поранешниот пријател на Атанасиј и сите негови другари со него започнаа да плачат. И Атанасиј заплака со нив, и во тоа време звукот на полноќното звоно го објави вршењето на ќелијното правило, и тогаш демонскиот сон исчезна.
Кога се разбуди, Атанасиј виде дека очите навистина му се расплакани и се зачуди. Кога излезе од ќелијата виде еден човек кој седи на морскиот брег и фрла камења во водата. Атанасиј се зачуди, па како да прашува си рече за себе: „Што му е потребно на овој човек, та ноќе седи надвор од манастирот“. Но тогаш тој човек му се приближи и заканувачки му рече:
- А! Токму ти си ми потребен. Ти мислиш дека сосем си се ослободил од мене и дека сум те оставил? Не, јас нема да те оставам сѐ додека не те уништам.
Зборувајќи го тоа, тој фрли камен по Атанасиј кој пролета покрај неговата глава и удри во зидот. Дури сега Атанасиј сфати што значи сонот што го виде и каков е човекот што фрли камен по него. Затоа веднаш се врати во својата ќелија, падна на колена пред иконата на Спасителот и Богомајката и со солзи започна да се моли да го сочуваат од ѓаволските замки. По долги и усрдни молитви Атанасиј почувствува тишина и спокојство.
Еднаш, страдајќи од очите, Атанасиј од силни болки не можеше да достои во црквата до крајот на вечерната богослужба, па порано си отиде во својата ќелија. Тука започна да се прекорува за своето нетрпение, велејќи:
- Тешко мене несреќниот. Кога јас не можам стрпливо да ја поднесам оваа ништовна болка, тогаш како ќе ги поднесам маките кога ќе го сечат моето тело или ќе го горат ?
Размислувајќи така, тој падна на колена и два часа ја молеше Преблагословената да го поткрепи и да го удостои да прими маченичка смрт за своето одрекување од Синот нејзин, нашиот Господ Исус Христос. Набрзо по молитвата задрема и во сонот виде како му пристапува една блескава Жена, Која му рече:
- Чедо, зошто тагуваш?
Атанасиј ѝ одговори:
- Како да не тагувам, Госпоѓо моја, кога срцето ме боли поради моето одрекување од Господа? Иако сакам своето одрекување да го исчистам со пролевање на крвта своја за светото име Негово, сепак се плашам да не паднам во малодушност.
Небесната Покровителка му рече:
- Не плаши се, чедо, ти ќе го добиеш мачеништвото што го сакаш. Појди во Смирна за да го потврдиш тоа што се случило во Едрене, зашто многумина од оние што слушнале не им веруват на страдањата што неодамна таму ги претрпеа свети маченици. Оди без да одложуваш зашто сега е најпогодното време.
Кога се разбуди, Атанасиј осети радост во своето срце и со стравопочитување го целиваше местото каде што стоеја пречистите нозе на Богомајката. Утредента тој му раскажа на својот старец Герман сѐ што виде во сонот. Старецот му рече да биде внимателен и веднаш да не им верува на виденијата, бидејќи ѓаволот располага со многу замки. Тоа видение Герман му го соопшти и на игуменот. А игуменот мислеше дека е потребно да му раскаже на патријархот Григориј V, кој во тоа време како протеран живееше во Иверскиот манастир. Само што Герман дојде кај патријархот, тој започна да му раскажува како во Едрене пострадале некои христијани со такво јунаштво и цврстина што се чуделе и самите мачители - Турци. Кога го сослуша, Герман му рече:
- Владико мој, тоа што ми го раскажа е соопштено многу порано на Света Гора.
Патријархот се зачуди и му рече на Герман:
- Тоа е невозможно, зашто јас сега добив писмо за тој настан.
Тогаш Герман започна да му раскажува на патријархот за видението кое се удостои да го виде неговиот послушник Атанасиј. Патријархот го прослави Господа и преблагословената Владичица Богородица и му рече на Германа:
- Тоа видение е вистинско. Видената жена е Пресвета Богородица. Оди си со мир и благоразумно поучувај го момчето, но кажи му Светата Четириесетница што претстои да ја помине во манастирот и за тоа време да се подготвува за маченичкиот подвиг, па потоа нека оди пред непријателите на Црквата, за да го исповеда името на Исуса Христа.
Штом настапи Светата Четириесетница Герман го зеде со себе Атанасиј, отиде во скитот на Преттечата кај духовникот Никифор, и го замоли да го прими Атанасиј во својата ќелија и да го подготви за маченичкиот подвиг. Никифор со радост го прими Атанасиј и го даде под раководство на опитниот старец Григориј, кој веќе имал среќа да подготвува за страдање четворица маченици:
Евтимиј, Игнатиј, Акакиј и Онуфриј; им бил сопатник и утешител, па потоа ги донел нивните свети мошти во својата ќелија, освен моштите на Онуфриј, кои Турците ги потопија во морето. Кога дојде во ќелијата на духовникот Никифор, Атанасиј со стравопочит ги целиваше светите мошти на преподобномачениците. Притоа уште повеќе посака да пострада за исповедувањето на името Христово. Но, врагот, за да го попречи во добивањето на душевна корист и поткрепа во подвизите, предизвика завист во неговиот сосед по ќелија, та тој со разни лукавства се трудеше да го отстрани Атанасиј од Преттечиниот скит.
Кога го виде соседовото лукавство, Герман започна да го осудува завидливецот, но Атанасиј го молеше старецот да го остави братот и смирено му рече:
- Ако ни се непријатни укорите од овој човек, тогаш како треба да изгледаат пред Бога моите големи гревови.
Старецот омекна од смирениот начин на размислување на својот ученик и се врати во својата обител. Го смести Атанасиј во посебна и безмолвна ќелија и му одреди ќелијно правило и умерен пост. Но, за подвижникот да не падне во униние, старецот Герман често го посетуваше и го соколеше за подвигот. Сакајќи да ја стави на проба неговата намера, тој му ги предочуваше сите стравотии и маки што ќе треба да ги поднесе од мачителите. Но, Атанасиј беше непоколеблив и го молеше да го благослови за мачење за името Христово. Меѓутоа старецот сѐ уште неуверен во цврстината на својот ученик, одби да му даде благослов. Многу нажален поради тоа, Атанасиј ја преплака целата ноќ. Потоа, не сакајќи повеќе да го вознемирува старецот, му напиша писменце со ваква содржина: „Свети оче, моето тело го ставам на твое целосно располагање, но само до идната недела прави со него што сакаш и ставај го на какви проби сакаш. Ако наредната недела не ме пуштиш на мачеништво ќе ја напуштам Света Гора и ќе отидам во градот Енос. Таму ќе измолам молитви и благослов од мојата мајка, и потоа ќе тргнам на мачеништво“.
Кога го прочита писменцето, старецот се посоветува со игуменот за тоа, па заедно решија да го испробаат Атанасиј, наложувајќи му построг живот. Го заклучија во кулата, му одредија најстрого правило, и му даваа само леб и вода. На овие испитување на Атанасиј му се придружија и замките на злобниот ѓавол. Во првата ноќ од неговото заточение, тој слушаше разни гласови, врева и повици за помош, кои не престанаа цела ноќ. Втората ноќ здогледа мноштво ѓаволи кои брзаа на сите страни, трудејќи се да го исплашат, но тој со молитвата и крсниот знак ги растера сите демонски привиденија. На третиот ден тие привиденија се намалија а на четвртиот сосем исчезнаа. Но, потоа го зафати некаква тага што силно му ја притискаше душата. Кога осамна, тој му го соопшти тоа на старецот. Старецот, гледајќи дека ѓаволот со тоа лукавство сака да го фрли во очајание, го посоветува Атанасиј да излезе од затворот и да живее заедно со браќата каде нема место за тага и досада. Но, Атанасиј не сакаше, па му рече на старецот:
- Нема да излезам од кулата сѐ додека со Божја помош не го победам врагот. Но, не сакам ти да живееш покрај мене, бидејќи решив сам да се борам со него. Се надевам дека семоќниот Бог ќе Ми помогне да го победам.
Наредните две ноќи Атанасиј повеќе не чувствуваше тага. И така му поминаа трите недели од Великиот Пост. Во четвртокот на средопусната недела игуменот го повика во манастирот и го потстрижа во ангелскиот образ со името Агатангел. По божествената Литургија, тој пак се врати во кулата поткрепен со Божествените Тајни Христови. Од тогаш неговото лице сјаеше со божествена светлина а во срцето му царуваше мир, радост и љубов кон Господа Христа. Во кулата најде едни стари ланци и ги стави на своето тело. И некаква вреќа што ја најде таму ја носеше наместо кошула. При тоа, тој го зголеми бројот на поклоните и во текот на едно деноноќие правеше по три илјади метанија, го читаше Светото Евангелие, Акатистот на Пресвета Богородица и ја практикуваше умната Исусова молитва. Во времето слободно од молитва, тој сакаше да чита книги за подвизите на светите маченици, со што уште повеќе се зацврсти во намерата да ја пролие својата крв за исповедањето на христијанската вера, и го молеше старецот што поскоро да го испрати на мачеништво.
Но, старецот и игуменот чекаа Бог да им открие дали е тоа Негова света волја. Затоа игуменот ги замоли браќата секоја ноќ секој во својата ќелија да се моли Бог да укаже дали е Негова света волја Агатангел да оди на мачеништво. И таа ноќ Бог му ја откри на игуменот Својата блага волја на овој начин: После долги молитви игуменот прилегна да се одмори. Кога заспа му се причини како со Герман и Агатангел да тргнал на далечен пат. По патот се сретнаа со еден благолик старец, кој личеше на свети Никола како што обично тој се изобразува на иконите. Овој благолик старец го праша игуменот:
- Кој од нив сака да пострада маченички?
Игуменот му одговори:
- Еве, ова момче, - покажувајќи со раката кон Агатангел.
Во тоа време Агатангел му пријде на светиот старец, му се поклони до земја, му ја целиваше раката а светиот старец му рече:
- Добро дело си посакал чедо! Поитај да ја исполниш својата желба. Бог ќе те поткрепи да завршиш со слава.
Утредента игуменот им го раскажа на браќата своето видение, според кое тој ја дозна Божјата волја. Од тој ден започна да подготвува сѐ што е потребно за пат. Откако мислата за мачеништво западна во младото срце на Агатангел, таа сѐ повеќе се разгоруваше, и тој деноноќно беше зафатен со неа и сакаше што побрзо да се исполни.
На вториот ден од Воскресение Агатангел беше пострижан во схима, па со молитви и благослов тргна со старецот Герман за Смирна. Кога бродот наближи до Смирна Агатангел се разбуди тажен и започна тивко да плаче. Кога ја забележа ваквата нагла промена кај својот ученик, Герман се вознемири и зачуди. На сите негови прашања Агатангел како да не обраќаше внимание. Му одговараше кратко и го замолуваше да го остави на мира. Уплашен од таквата промена, старецот со татковска упорност настојуваше ученикот да му објасни што се случува со него. Најпосле Агатангел му рече:
- Оче, се вознемирив оти ми се јави светиот преподобномаченик Евтимиј, ме прегрна, и бакнувајќи ме ми рече: „Дојде време“. Ова јавување значи дека најпосле Господ ќе ме удостои да примам маченичка смрт; но при тоа, мене ме смутува помислата дали мојата душа, која има безброј гревови, лесно ќе ги помине воздушните митарства?
На тоа старецот му рече:
- Брате, твоето видение е вистинско, но помислата ти дошла од ѓаволот за да создаде вознемиреност во тебе, да те уплаши, па да те фрли во очајание. Потоа тешко ќе се извлечеш од неговите канџи. Но, знај дека кнезовите на воздушните митарства не само што не можат да ја задржат душата која се разделува од телото со маченичка смрт, туку дури не смеат ни да ѝ се доближат.
Овие зборови го утешија Агатангела и на неговото лице се појави радост. Кога стигнаа во Смирна отседнаа кај еден познат христијанин по име Константин.
Кога настапи денот во кој доброволниот маченик требаше да се предаде на мачење, ја соблекоа од него монашката облека и го облекоа во турска. По патната молитва Агатангел со озарно лице влезе во судницата и бестрашно истапи пред судиите. Кога го прашаа што сака, тој одговори:
- Во парница сум со капетанот Мехмет (својот претходен газда), па затоа сакам да го повикате за да ја решиме таа работа.
Кога Мехмет беше приведен, Агатангел им се обрати на судиите:
- Судии, кога стапив на служба кај овој господин, јас бев христијанин. Тој со многу закани по мојот живот насилно ме примора да се одречам од христијанската вера и да ја примам муслиманската. Сега, според големата милост на мојот Спасител Господ Исус Христос, јас повторно со цело срце верувам во Него и исповедам дека Он е вистинскиот Бог.
Додека го зборуваше тоа, Агатангел извади од пазувите крст, го подигна и рече:
- А ова е непобедливото оружје на сите христијани, зашто на него беше распнат нашиот Господ Исус Христос, и кој верува во Него го наследува Царството Небесно, а кој не верува ќе биде осуден на вечни маки.
Земајќи му го крстот од раката, судиите започнаа да го прекоруваат и го советуваа да ја увиде својата заблуда и повторно да прејде во муслиманската вера. Но, светиот маченик, извлекувајќи од пазувите мала иконка на Христовото Воскресение, силно кликна:
- На таков крст, кој вие ми го зедовте, беше распнат нашиот Господ Исус Христос. А еве на ваков начин Он воскресна од мртвите. Исто така, во денот на општиот суд Он ќе ги воскресне оние кои веруваат, за да го добијат Царството Небесно кое е подготвено од постанокот на светот за оние што веруваат во Него.
Како животворниот крст, така и оваа иконка на Воскресението Христово, присутните слуги му ја одзедоа на Агатангел. Сметајќи дека скренал со умот, судијата го испрати во друга соба, каде ревносните мухамедови служители се обидуваа со разни ласкања и ветувања да го одвратат од верата Христова. А Христовиот страдалник, беше непоколеблив во своето вероисповедување и со презир ги одби сите нивни почести и богатства. Тогаш судиите повторно го вратија кај нив и започнаа да му се закануваат со разни маки и срамна смрт. А тој им рече:
- Нема да ме уплашите со тоа. Напротив, со радост сакам да пострадам за мојот Господ Христос и очистувајќи се со својата крв чист да излезам пред лицето на мојот Бог, од Кого се одреков од страв. Знајте дека многу ќе ме израдувате ако наредите веднаш да започнат да ме мачат.
Губејќи ја секоја надеж дека со ласкави зборови ќе го придобијат, судиите наредија да го соблечат и да го врзат. Тогаш еден од слугите силно го удри по образот. Но, верниот Законодавчев слуга му го сврте и другиот образ. Потоа маченикот беше одведен кај управникот на градот Муселим. Тој не беше на работа тој ден, па го предадоа на неговиот помошник. Овој најпрвин започна да го мами со ласкави зборови и ветувања, но кога виде дека е непоколеблив нареди да му ги стават нозете во клада, да го оковаат во тешки синџири и да го фрлат во темница. Во темницата имаше уште двајца невини христијани.
Кога дозна за маченикот, Муселин беше незадоволен што го соблекле во судницата и го испратиле кај него во кошула. Затоа нареди да го вратат во судницата, да го облечат, па потоа да го изведат пред него. Откако го сторија тоа, Муселин се обиде но не успеа да го расколеба светителот и сите негови ветувања тој ги одби со презир.
Наредниот ден до исповедникот во темницата допре глас дека еден хиоски христијанин по име Атанасиј се залага кај Муселин за негово ослободување. Тоа го навреди светителот и тој веднаш му напиша писмо на тој човек, да не се залага туку да се моли за него. Побудени од тоа писмо, сите христијани од Смирна наредната ноќ се молеа за својот маченик по храмовите Божји.
Во исто време, кога благочестивите христијани се молеа на Бога за маченикот Агатангел, во темницата каде што лежеше тој се случуваше нешто друго. Доцна во ноќта во темницата влегоа неколку маѓепсници, му ја соблекоа кошулата на маченикот и цела ноќ правеа над неа некакви чинови, па утредента му наредија да ја облече. Тој се прекрсти и ја облече. Поминаа неколку часа, за кое време маѓепсниците очекувале дејство на своите чинови. Но, не забележаа никаква промена кај маченикот и посрамени си заминаа. Тогаш светиот маченик прилегна на земјата и заспа. Но, набрзо стана и им рече на своите созатвореници:
- Браќа мои, радувајте се со мене, зашто денес на пладне ќе ми ја отсечат главата.
Пророштвото на светителот навистина се исполни. Околу десет часот дојдоа војници во темницата, го врзаа маченикот и го одведоа во судницата. По повторното ласкање на судиите, тој остана непоколеблив, и тие наредија да му ја отсечат главата. Џелатите го одведоа преку патот кај џамијата Асар, каде маченикот Христов ги преклони колената, и од душа се помоли на Отецот небесен, очекувајќи го своето посечување. Потоа му се обрати на џелатот и му рече:
Што чекате?
Џелатот замавна со мечот и чесната глава на Христовиот страдалник се одвои од телото. Така светиот преподобномаченик Агатангел во својата деветнасетта година маченички го заврши својот живот во сабота на пладне, на 19 април во 1819-та година и како благопријатна жртва исчистена со својата крв, застана пред престолот Божји чист, свет и беспрекорен.
Знаејќи дека христијаните со побожност и вера ги почитуваат моштите на светите маченици, па и крвта нивна ја собираат во марами, мухамедовите следбеници веднаш наредија на посебни луѓе да ја измијат крвта што се беше излила. Меѓу тие луѓе имаше и еден христијанин. Овој христијанин успеа да ја натопи својата марами со крвта од маченикот а присутните христијани ја зедоа, ја искинаа и ја поделија меѓу себе. И така радосни се вратија во своите домови, славејќи го Христа Бога, Кој ги поткрепува светиите Свои.
По смртта на преподобномаченикот Агатангел, неговите свети мошти стоеја три дена на отворено место под војничка стража. Стражарите не им дозволуваа на христијаните да се доближат до нив, бидејќи во првата ноќ од неговото посекување тие видоа како моштите на маченикот се наоѓаат во седечка положба, па стануваа на нога и во текот на три часа сами стануваа и паѓаа три пати. А пак од телото излегуваше рајски мирис и тоа лежеше како живо, што ги зачуди и вознемири непријателите на Христовата црква, та тие, плашејќи се од друго чудо решија телото да го фрлат во морето.
Веста за тоа брзо се разнесе низ градот. Сопствениците на бродови кои беа во пристаништето Смирна се распоредија долж брегот за да го попречат потопувањето на драгоценото сокровиште. А муслиманите, гледајќи ја необичната љубов и вера на христијаните спрема светиот маченик и плашејќи се од побуна, решија да им ги продадат светите мошти. Христијаните го купија ова непроценливо богатство и чесно и свечено го пренесоа во црквата на светиот великомаченик Георгиј, и го положија во гробот на светиот маченик Дима, кој пострада 408 години пред тоа.
Крвавата облека на светиот маченик заедно со прстот отсечен од страна на служителот на управникот на градот, ги откупи гореспоменатиот Атанасиј. Облеката Атанасиј ја даде на Герман а прстот го задржа како светиња. И со тоа скапоцено богатство Атанасиј отпатува во својот дом на островот Хиос. Дома го затекна својот син тешко болен. Лекарите изгубиле секаква надеж за негово оздравување. Но, штом Атанасиј го стави врз својот болен син прстот од светиот маченик Агатангел и парче од неговата крвава облека, момчето веднаш оздраве.
Старецот Герман со облеката на светиот преподобномаченик отпатува за Света Гора. Кога бродот се приближуваше до Света Гора, по морето се крена силна бура. Тогаш на Герман, кој во тоа време од силното нишање на бродот без свест лежеше во кабината, му се јави светиот маченик Агатангел. Лицето му блескаше со небесна светлина. Герман го праша:
- Брате Агатангел, каде одиш?
Агатангел со ангелска насмевка му одговори:
- Во нашиот манастир.
Герман го праша:
- Зарем ти не умре?
Агатангел одговори:
- Не, не умрев, туку како што гледаш жив сум.
Кога се освести, Герман им раскажа на присутните за своето видение и сите Му благодареа на Бога и на Неговиот угодник, со чии молитви морето брзо се смири, и за три часа стигнаа на Света Гора Атонска.
Откако се искрцаа од бродот, Герман веднаш ја извести Есфигменската обител дека допатувал со облеката на светиот маченик. Игуменот со браќата чесно ја дочека крвавата облека, како да го дочекува самиот маченик и ја положи во црквата покрај честиците од светите мошти на многу светители, славејќи Го и благодарејќи Му на Бога, што младото момче го поткрепи во маченичкиот подвиг и го удостои на несвенливиот венец. По молитвите на светиот преподобномаченик Агатангел, Христе Боже наш, помагај ни и ние да го победиме лукавиот враг кој војува против нас, и удостој нѐ на Царството небесно. Амин.
Моштите на светиот преподобномаченик Агатангел не останаа долго во гробот на светиот маченик Дима. Пет месеци по неговиот маченички крај беше отворен гробот на светиот и беа положени во посебен ковчег, а потоа ставени во ризницата при црквата на светиот великомаченик Георгиј.
Во 1844-та година Есфигменската обител на Агатангел заедно со браќата, од љубов кон светиот и сакајќи неговите свети мошти да ги имаат во својата обител, која се удостои да го воспитува маченикот Христов, по јеромонахот Макариј испрати молба до епископот на Смирна Атанасиј и тамошните граѓани, да им доделат дел од моштите на светителот. Епископот и граѓаните со радост се согласија да ги поделат моштите и на јеромонахот Макариј му ги предадоа главата на преподобномаченикот Агатангел со десната рака и нога. Овие делови од светите мошти беа чесно пренесени на Света Гора во Есфигменскиот манастир, а останатите останаа во црквата на светиот великомаченик Георгиј за осветување на градот.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
НИКИФОР
Нашиот голем отец, блажениот Никифор, се роди во Цариград. Неговите родители Андреј и Теодора беа многу богати и угледни луѓе. Тие го поучија својот син во стравот Божји. По нивната смрт, свесен за минливоста на сѐ што е световно, Никифор реши да Му служи на Бога. Затоа своето наследство го раздаде на сиромашните, го напушти Цариград и отиде во Халкидон. Таму сврати во манастирот на свети Андреј, и кога го виде животот на подвижниците реши да остане со нив. Наскоро потоа игуменот на манастирот го испрати на Финикискиот Остров каде се наоѓаше манастирот Пресвета Богородица, за таму да биде игумен и да се грижи за Христовото стадо. Кога дојде на овој остров преподобниот со многу чудеса ги обрати во верата Христова тамошните незнабошци, ги сруши нивните идолишта и на нивните места изгради цркви. Со својот испоснички живот тој ги надмина сите. Поживеа триесет и три години во манастирот и почувствува дека се ближи неговото заминување кај Господа. Ги извести браќата за тоа и за игумен им го назначи побожниот монах Јосиф, а самиот поита кон Халкидон. Се качи на еден брод и многу изнемоштен им рече на морнарите:
-Бидете храбри и спокојни, зашто јас заминувам кај Господа. Одвезете го моето тело во Халкидон.
Со тие зборови светителот се упокои. Кога стигнаа во Халкидон, морнарите чесно го погребаа телото на преподобниот Никифор.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК
ПАФНУТИЈ ЕРУСАЛИМЈАНИНОТ
Свештеномаченикот Христов, Пафнутиј Ерусалимјанинот, претрпе многу страдања за Христа. Неговите свети мошти точеа и миро и многу чудеса.