3. Мај (20. Април)
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
ТЕОДОР ТРИХИН
Преподобниот Теодор Трихин беше син на богати родители во Цариград. Како момче, заради Бога ги остави своите родители, и богатството, и славата, отиде во еден пустински манастир во Тракија и се замонаши. Се оддаде на најтешки подвизи, и толку го испости своето тело, така што во лицето изгледаше како мртовец. Ноќите ги минуваше стоејќи на молитва и борејќи се со мразот и ледот. Постојано одеше гологлав и се облекуваше само во една облека од кострет, поради што е наречен Трихин или Кострет. Затоа и манастирот во кој се подвизуваше беше наречен Трихин. Поради големото самоизмачување за спасението на својата душа, Бог обилно го надари со дарот на чудотворството и за време на животот и по смртта. Мирно се упокои околу 400-та година. Од неговите свети мошти потече миризливо целебно миро со кое се исцелуваа верните од најразлични болести, и се истеруваа демони, во слава на нашиот Бог Христос.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
АНАСТАСИЈ СИНАЈСКИ
Нашиот богоносен отец Анастасиј се роди во половината на шестиот век. Од мал беше воспитуван во побожноста. За тоа сведочи самиот, пишувајќи за себе вака: „Оние кои Го видоа Христа во тело Го имаа за пророк. А ние, иако не Го видовме со своите телесни очи, уште од детството дознавме дека е Бог и научивме да Го исповедаме како семоќен Господ и Творец на вековите, и Блескање на славата Очева. Неговото свето Евангелие го слушаме со таква вера, како да Го гледаме како ни зборува, и примајќи го беспрекорниот бисер на Неговото пречисто Тело, ние веруваме дека Го примаме самиот Христос. А кога го гледаме Неговиот изобразен лик на иконите, ние како да Го гледаме како нѐ гледа од небото, Го почитуваме, Му се поклонуваме и паѓаме ничкум пред Него“.
Овие зборови јасно ни покажуваат како преподобниот Анастасиј уште во рано детство е научен да го знае вистинскиот Бог Христос, да верува во Него, да се бои од Него, да Го љуби со целото свое срце и на Неговите свети икони да Му оддава богодолично молитвено поклонување.
Во младоста, тој ги изучи сите световни и духовни науки и беше многу надарен говорник и мудар философ. Кога стана полнолетен, Анастасиј го остави светот, го зеде крстот, и со целото свое срце тргна по Христа. Отиде во манастир и стана монах. Сакајќи да биде упатен во големи подвизи и да ги подражава најсовршените луѓе во доблестите, тој отиде во Ерусалим. Таму се поклони на чесните и свети места и отпатува во Синајската Гора, каде што најде многу свети луѓе, искусни во монашките доблести, и остана да живее меѓу нив, покорувајќи им се и служејќи им усрдно под раководство на славниот игумен, светиот Јован Лествичник. Поради своето духовно смиреноумие, тој доби од Бога дар на духовно знаење и голема мудрост, та состави многу поучни книги, ги напиша житијата на некои свети Отци и беше удостоен на презвитерскиот чин. Потоа, по свети Јован Лествичник и неговиот брат Георгиј, тој стана игумен на Синајската Гора. Водеше жестока борба против еретиците акефалити, односно безглавници, кои го порекнуваа Четвртиот Вселенски Собор и учеа дека Христос нема вистинска и потполна човечка природа (монофизитството). Многу пишуваше против нив, водеше спорови со нив, ги изобличуваше, ги победуваше и посрамуваше.
Монофизитската ерес се појави меѓу непријателите и противниците на Четвртиот Вселенски Собор, за време на царувањето на Зинон во Александрија. Тогаш во Александрија беше лажниот патријарх еретик Петар, викан Монгос. На акефалитската ерес ѝ пристапи Север, кој за време на царувањето на Анастасиј, се дограби до антиохискиот патријаршиски престол. Борејќи се против овие еретици не само со списи туку и со живиот збор, блажениот Анастасиј ја пропатува цела Сирија, Арабија и Египет, насекаде искоренувајќи ја оваа ерес и утврдувајќи ја Црквата Христова во правоверието.
Му угоди на Бога повеќе од другите отци и во длабока старост отиде кај Господа, во почетокот на седмиот век. Зад себе ја остави прекрасната духовна и богословска книга наречена „Одигос“ (Водач, Раководител), списи против еретиците монофизити и прекрасни беседи преполни со духовна и спасоносна мудрост.
СПОМЕН НА НАШИОТ БЛАЖЕН ОТЕЦ
АНАСТАСИЈ СИНАИТ,
патријархот Антиохиски
Кога во триесет и петтата година од царувањето на Јустинијан се упокои антиохискиот патријарх Домн III (546-561), во 561 година за патријарх беше избран монахот на Синајската Гора, блажениот Анастасиј. По потекло тој беше од Палестина, роден околу 520-та година. На патријаршискиот престол го издигнаа чистотата на животот, големата духовна мудрост и цврстата вера. Во тоа време во Црквата се појави некакво побожно умување за божественото тело Христово. Според тоа умување, пред голготското страдање телото Христово било нестрадално и неподложно на природните потреби, како што се гладот, жедта и другите потреби и дека Господ Христос пред своето страдање и воскресение земал храна и питие исто како што тоа го правел по воскресението кога им се јавил на своите Апостоли.
Ова злочестиво умување најпрвин се појавило во Цариград. Заведен од еретиците, со ова умување се согласи и царот Јустинијан и додека не ја спозна вистината, тој се трудеше тоа учење да се прогласи за догмат на верата. Така настанаа големи бранувања во Црквата. Цариградскиот патријарх свети Евтихиј беше симнат од престолот затоа што ѝ се спротивстави на оваа ерес (види под 6 април). И многумина беа склони да се прелестат од ова учење, но сите ги вперуваа очите кон пресветиот антиохиски патријарх свети Анастасиј Синаит, тој да ја каже вистината, оти беше многу искусен во Светото Писмо, тврд во догматите на правата вера и свет по живот. Еретиците се обидуваа со разни лукавства да го придобијат за своето учење, зашто се надеваа дека со неговото придобивање лесно ќе ги придобијат сите тамошни покраини. Тие го наговараа и царот против него, но безуспешно. Блажениот Анастасиј благоразумно му напиша на царот, смело изобличувајќи го заради заблудата. Исто така, по цела Сирија тој распрати посланија до свештенството и мирјаните, поучувајќи ги да се чуваат од ереста. Секојдневно проповедајќи во црквата во Антиохија, тој постојано повторуваше: „Ако некој ви го објави Евангелието поинаку, па макар да е и ангел од небото, нека биде анатема“ (Гал. 1, 8).
Поради тоа, царот Јустинијан многу му се налути и сакаше да го избрка од престолот, како што го стори тоа со цариградскиот патријарх свети Евтихиј. Но, дојде неговиот крај, и на умирање тој се покаја и остави писмен завет пресветиот патријарх Евтихиј да биде вратен од прогонството и поставен на својот престол. Така Јустинијан умре во покајание и им се придружи на благочестивите цареви, и во Црквата настана мир.
По Јустинијан цар стана неговиот внук Јустин Младиот. Кај него успеаја клеветите од страна на непријателите на блажениот Анастасиј и тој го протера од антиохискиот престол невиниот архијереј Божји Анастасиј Синаит. Го протера поради измислици дека безмилосно го расипува црковното богатство и го навредува царот, бидејќи прашан од некого зошто не го штеди црковното богатство, тој му одговорил: „За да не го земе грабливецот Јустин“.
Но, некои го кажуваа и следното:
„Во времето кога Анастасиј дојде на антиохискиот престол, Јустин беше висок царски достоинственик при својот роднина, царот Јустинијан. Како многу златољубив, тој сакаше свети Анастасиј да му даде злато како подарок. Но, блажениот не му даде ништо, изјавувајќи дека е злосторство да се дава злато за духовен чин, зашто тој не се продава за злато туку се дава со благодатта на Светиот Дух. Од тогаш Јустин му беше лут на Анастасиј. И кога стана цар, тој бараше некаква вина против невиниот светител. И штом најде лажна вина, го протера од престолот“
По прогонството на свети Анастасиј, на патријаршискиот престол против своја волја беше ставен игуменот на Фаранската лавра, блажениот Григориј, човек исто така украсен со речитост, побожност и свет живот. Во Лимонарот го спомнува свети Софрониј, патријархот Ерусалимски. А кога се упокои блажениот Григориј, блажениот Анастасиј Синаит повторно беше вратен на антиохискиот престол, за време на царот Маврикиј, по дваесет и три годишно прогонство.
Во тоа време во Рим папа беше свети Григориј Двоеслов. Помеѓу него и блажениот Анастасиј постоеше голема духовна љубов и тие се допишуваа. Кога Григориј слушна дека патријархот Анастасиј се вратил на својот престол, веднаш му испрати писмо, радосно поздравувајќи го неговото враќање. Во писмото му пишуваше: „Слава во висините на Бога, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја, зашто онаа голема река, која некогаш го остави суво антиохиското паприште, сега повторно се врати и ја напои својата долина“. А во друго писмо му вели: „Твојата премила светост би сакала усно да разговара со мене, а не преку хартија и перо, и тагува што тоа го попречува големата оддалеченост меѓу Истокот и Западот. Но, вистината ја зборувам: Твојата мисла и на хартија ми зборува како без хартија, зашто во зборовите на твојата светост е очигледна твојата љубов спрема мене, и местата не нѐ разделуваат, зашто со помош на благодатта на семоќниот Бог нѐ соединува врската на љубовта. Зошто тогаш бараш позлатени гулабови крилја, кога веќе ги имаш? Тие крилја се љубовта кон Бога и ближниот. Со нив светата Црква се издигнува; со нив таа надлетува сѐ земно; ако крилјата на твојата светост се мали, нема со таква љубов да долетуваат кон мене. Те молам, моли се за мене слабиот, за со твоите молитви Господ набрзо да ме избави од толкуте бури и неволји, и да ме однесе во пристаништето на вечниот покој. Со благодарност ги примив твоите обилни благослови, кои ти, човеку Божји, сиромашниот со дух ми ги испрати, а за кои се вели: „Што ќе даде сиромашниот освен она дека е сиромашен?“ Но, ако не си станал сиромашен со духот, зарем твоите благослови би биле толку обилни? Со својот штит нека те заштити семоќниот Бог од секое зло. И, бидејќи твојот живот им е многу потребен на сите добри, Господ по многу години нека те пресели во небесната радост на небесната татковина“.
Ваквото пишување на светиот Григориј Двоеслов до блажениот Анастасиј сведочи за нивната меѓусебна љубов во Светиот Дух и за необичната светост на свети Анастасиј.
По враќањето на својот антиохиски патријаршиски престол, блажениот Анастасиј управуваше со Црквата Божја уште неколку години и го заврши својот земен пат околу 599-та година. Зад себе остави неколку богомудри книги против еретиците и за православните догмати.
СПОМЕН НА НАШИОТ БЛАЖЕН ОТЕЦ
ГРИГОРИЈ,
патријархот Антиохиски
Овој преподобен отец беше игумен на манастирот Фаран, кој се наоѓаше помеѓу Синајската и Раитската Гора. За патријаршиската служба беше предназначен од Бога порано, како што пишува за тоа во Лимонарот на свети Софрониј: Ава Георгиј, по народност Ерменин, ученик на ава Сергиј, ни го раскажуваше следното:
Игуменот на лаврата Фаран многу настојуваше да го одведам кај ава Сергиј. И јас отидов со него кај старецот, кој во тоа време се подвизуваше во пустината крај Мртвото Море. Кога го виде, старецот го целиваше и го пречека многу љубезно. Донесе вода и му ги изми нозете. Цел ден помина во разговор со него за душекорисни работи и утредента го отпушти. Кога ава Григориј си отиде, јас му реков на старецот Сергиј:
- Знаеш ли, оче, дека јас се соблазнив? Јас сум довел кај тебе многу епископи, и свештеници, и други отци, и ти на ниту еден од нив не му ги изми нозете, освен на ава Григориј.
Старецот ми одговори:
- Не знам кој е Григориј. Само знам дека во мојата пештера јас го примив патријархот, оти видов дека носи омофор и во раката држи Евангелие.
Тоа ава Сергиј го рече за ава Григориј со пророчки дух, зашто по пет години, по промисла Божја, ава Григориј беше поставен за патријарх во Божјиот град Антиохија.
Патријархуваше од 571 до 596-та година.
СПОМЕН НА НАШИТЕ СВЕТИ ОТЦИ
ВЕТРАН И ТЕОТИМ
Свети Ветран беше епископ Скитски во градот Тома, на брегот на Црното Море, за време на царувањето на Валент (364-378 г.) Царот Валент, ревносниот аријанец, допатува во градот Тома. Кога дојде во црквата, тој според својот обичај започна да го убедува епикопот Ветран да општи со аријанците. Свети Ветран храбро се изјасни пред него за православната вера на светите Никејски Отци на Првиот Вселенски Собор, па го остави царот и отиде во друга црква. По него тргна и целиот народ. Кога остана сам со својата свита, Валент многу се разјари, зашто тоа го сметаше за намерна навреда. Веднаш нареди да го уапсат епископот Ветран и потоа го испрати на заточение. Но, кога подоцна дозна дека Скитите негодуваат заради прогонството на својот епископ, од страв да не се бунтуваат, набрзо му дозволи на епископот да се врати на својот престол.
Свети Ветран богомудро управуваше со својата паства, одликувајќи се со свет живот. Од него блескаше секоја доблест, и беше многу ревносен за верата Христова. Свети Ветран, кој во епископскиот чин носеше словенско име, се упокои околу 377 година.
Свети Теотим беше епископ на Скитите кон крајот на четвртиот и почетокот на петтиот век. По раѓање беше Скит, Словен, многу учен човек и водеше свет живот. Затоа Бог го обдари со благодатната сила на чудотворството. На неговата светост и чудотворство се восхитуваа и придунавските варвари, Хуни. Гледајќи ги неговите чудеса, тие го нарекуваа „римски бог“, Свети Теотим ја простираше силата на својата вера и љубов и врз дивите племиња.
Патуваше по нивната земја од левата страна на Дунав, каде Хуните како скитнички народ ги беа покориле под себе тамошните Словени. Проповедајќи го Евангелието, и со молитвата тој го победуваше нивното дивјаштво. Навикнати да пљачкаат, тој ги смируваше со добротворната љубов. Силата на чудесата што ги правеше меѓу нив со името на Господа Исуса, толку ги поразуваше тие сурови племиња што тие го нарекуваа „римски бог“.
Еднаш кога свети Теотим патуваше по земјата на придунавските варвари Хуни, по пат го сретнаа неколкумина од тие мештани кои одеа во градот Тома. Оние што беа со свети Теотим започнаа да плачат, мислејќи дека варварите ќе ги убијат. Но, светиот епископ се симна од коњот и започна да се моли на Бога, и варварите поминаа покрај нив, без да ги забележат.
Еден варварин, претпоставувајќи дека свети Теотим е богат, реши на вешт начин да го фати и да го одведе во ропство. Со таа цел, тој подготви едно јаже. Потпирајќи се на својот штит, тој во згодна прилика разговараше со светиот епископ. Во текот на разговорот, тој ја подигна десната рака, сакајќи да ја фрли јамката врз епископот и да го одвлече, но наеднаш раката му се здрви во воздухот. Тој не можеше да се ослободи сѐ додека свети Теотим, на молба од другите, не се помоли на Бога за него.
Свети Теотим водеше прост начин на живот. Не земаше храна во одредено време туку кога ќе почувствуваше глад или жед. Полн со духовна мудрост и знаење, свети Теотим пишуваше разни дела. Ги напиша: „За учењето на Спасителот“, „Против идолите“, толкувања на делови од Светото Писмо, и многу „кратки и прекрасни состави“, како што вели блажениот Јероним.
Свети Теотим се упокои во мир, околу 412-та година.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
АТАНАСИЈ МЕТЕОРИТОТ
Многу луѓе, немарни и ленливи за тегобниот пат на добродетелите имаат обичај да речат: „Да живеевме во времето кога нашите отци заблескале во подвизите, и ние ќе се подвизувавме како нив“. На таквите лесно може да им се докаже дека причината за добриот живот и доблесното подвизување не е времето, туку цврстата вера и намера која го сака доброто. Ова е очигледно кај многу подоцнежни подвижници, кои пројавиле живот рамен на поранешните Отци и во ништо не изостанувале од нивните подвизи и доблести. Таков беше и преподобниот отец Атанасиј чие што житие ќе го изложиме овде. Преподобниот и богоносен отец Атанасиј е родум од местото Нови Патрас во Фиотидскиот крај Елада. Роден е во 1305-та година од угледни и богати родители. Штом го роди, неговата мајка веднаш почина а татко му го крсти и му го даде името Андроник. Подоцна се упокои и неговиот татко и за него се грижеше стрико му. Тој го чуваше како свој роден син и настојуваше да го описмени. Во тоа време Нови Патрас беше заземен од Франките и многу од православните жители беа одведени во ропство. Беше заробен и младиот Андроник и доведен пред франачкиот старешина. Кога го виде паметното и убаво момче, тој реши да го испрати во својот дом како жив победнички плен. Младиот Андроник слушна за тоа и во првата прилика успеа да побегне. Отиде кај својот стрико кој беше прогонет во еден далечен крај, и со него отплови во Солун. Тука, во Акапниевиот манастир стрико му наскоро умре од артритис. Тогаш младиот Андроник го прифати во својот дом еден човек, кој беше потписник на царските одредби. Откако поживеа некое време во неговиот дом кај него се јави желба да ги изучи световните науки и философии. Немајќи доволно пари за тоа, тој одеше во училиштата каде што учеа другите ученици и, стоејќи надвор слушаше што зборуваат учителите. Штом ја видоа неговата желба за учење, некои од учителите по философија започнаа да го учат бесплатно. Откако прилично се поучи, тој реши да пропатува разни места.
Најпрвин отиде на Света Гора. Таму сретна некои од преподобните отци и разговараше со нив, просејќи нивен свет благослов. Тие го благословуваа, но не му дозволуваа да остане на Света Гора, оти е многу млад. Затоа тој ја напушти Света Гора и отиде во Цариград. Таму се поклони на црквите и останатите светињи и живееше во заедница со двајца монаси. Иако беше млад, гледајќи го племенит, монасите сакаа тој да ги раководи. Но, момчето не сакаше ни да слушне за тоа и им говореше:
- Како јас, мирјанин и сѐ уште млад, да ви заповедам вам, монасите и старци?
За време на својот престој на Света Гора и Цариград преподобниот се гледаше и разговараше со многу доблесни отци и учени луѓе, како што се: преподобниот Григориј Синаит, Данил Исихастот, Исидор, кој подоцна беше патријарх Цариградски, Акиндин, кој подоцна неправославно учеше, и многу други. Од нив, тој како мудра пчела собираше добри и корисни работи потребни за доблесниот живот.
Потоа Андроник отиде на островот Крит. Таму остана кај еден добар христијанин. Гледајќи ги добродетелите, гостопримството и сиротољубието на својот домаќин, преподобниот го замоли да го прими како помошник во работата со која што се занимава тој и човекот се согласи. Тој човек се согласи затоа што сметаше дека момчето ќе стане добродетелно, па и тој ќе добие награда од Бога за тоа, или пак, ако се сврте кон световниот живот ќе се ожени со неговата ќерка. Гледајќи го многу разумен и сериозен, тој попрво сакаше да го има за свој зет, но блажениот Андроник се повлече во едно осамено место и таму молитвено самуваше примајќи храна од овој човек, кој многу го сакаше и го молеше што почесто да му доаѓа дома за да разговараат. Преподобниот сфати дека тоа е замка на ѓаволот, за на тој начин да му ја врати љубовта кон светот, и затоа го напушти тоа место и повторно отиде на Света Гора.
Отиде во скитот викан Магула во близина на манастирот Иверон и од еден Јеромонах Калист слушна дека во местото Милеа живеат двајца совршени монаси кои го достигнале врвот на доблестите. Преподобниот отиде кај нив и ги замоли да го примат. Тие долго го одбиваа, но кога ја видоа неговата упорност го примија. Едниот се викаше Григориј а другиот Мојсеј. Григориј го пострижа преподобниот во монашки чин и му го даде името Антониј. Тогаш имаше околу триесет години. Потоа од нив ја прими и светата монашка схима и го доби името Атанасиј. Тој гаеше огромна љубов и доверба кон овие преподобни отци, им се потчинуваше во сѐ и ги извршуваше сите послушанија. На местото каде што се подвизуваа тие имаше многу тешкотии. Тоа место беше под самиот врв на Атос и беше доста студено. Немаше никакви овошки туку само борова и кедрова шума. Затоа преподобниот Атанасиј, како некое разумно и послушно магаре, на грбот носеше голема корпа и ги обиколуваше манастирите, собирајќи ги најнеопходните работи за живот и им ги носеше на овие отци. А поради висината и студот на тоа место често паѓаше голем снег и често се случуваше преподобниот зафатен од снегот да преноќева крај некоја карпа или под жилите на некоја ела, додека времето не се подобри.
Еден ден, кога снегот беше многу голем преподобниот се враќаше во ќелијата. По патот го зафати голем снег и тој застана под едно дрво. За кратко време снегот се заледи и по површината беше целиот како кристал. Кога виде дека ќе остане тука, тој се реши на еден подвиг. Се довери на молитвите на своите отци, се осени со крсниот знак, ги завитка нозете со облеката и се спушти низ замрзнатиот снег како чамец по вода. Воден со божествената промисла, тој упадна во една ќелија во која живееја тројца монаси. Изненадени од неговото чудно доаѓање, тие го примија, го стоплија и го нахранија. Кога се подобри времето блажениот Атанасиј тргна кон своите отци кои со радост го дочекаа, оти се беа уплашиле да не пропаднал по патот од големиот снег. Со такви и слични подвизи се подвизуваше преподобниот Атанасиј, стремејќи се постојано кон она што е напред, а заборавајќи го она што е зад него (сп. Фил. 3, 13-15).
Во тоа време Агарјаните не престануваа често да ѝ досадуваат на Света Гора со напади и плачкања. Еден ден, тие стигнаа и до нивната ќелија и во неа го најдоа старецот Мојсеј и го поведоа врзан. Минувајќи попат крај една мала црквичка на свети Никола, Мојсеј ги подигна очите кон светиот храм и рече:
- Свети Никола, доста ни е од ова ропство.
И во истиот миг Турчинот кој што го водеше го остави и старецот се врати во ќелијата. Го најде соподвижникот Григориј и му рече:
- Сега Бог ми се смилува и ме спаси по молитвите на Великиот Никола. Но, јас повеќе нема да го искушувам Бога туку ќе отидам во манастир и останатото време од мојот живот ќе го поминам таму. А ти, ако сакаш остани овде, ако не, пресели се каде што сакаш. Така братството од оваа ќелија се раздвои. Мојсеј поведе со себе еден од послушниците по име Стефан и отиде во манастирот Иверон, во кој потоа се упокои. А преподобниот Григориј ги поведе Атанасиј и Гаврил и одлучи да оди во Солун. Од Солун продолжија кон Верија. Многу богати граѓани сакаа да ги примат во своите домови и да ги угостат, но старецот одбиваше зашто знаеше дека на Атанасиј како вистински љубител на осаменоста не му се драги дружењата и гоштевањата.
Старецот дозна од сервискиот епископ Јаков дека кај местото наречено Стага, на границата помеѓу Влахија (Тесалија) и Јанина има големи и високи карпи, кои постојат уште од стварањето на светот и му рече на Атанасиј:
- Ако сакаш да живееш во сурово и невознемирувано место, појди таму. Ако сакаш земи го и својот брат со себе.
Така тие отидоа во тоа место, каде што не живееше никој освен птици. Се зборуваше дека само на една од тие карпи која беше поблизу до градот, порано живеел некој овчар, кој на таа карпа издлабил храм во име на светите Архангели и таа карпа ја нарекол Столб. Во тој храм најдоа еден монах по име Триферос, кој беше многу стар и живееше тука хранејќи се со просјачење. Тие поминаа некое време во тој храм.
Кога ја виде преголемата дивина и суровоста на овие карпи, старецот Григориј сакаше да се врати назад. Но Атанасиј, знаејќи ја волјата Божја за ова место, и сакајќи да го охрабри старецот, му рече:
- Ако сакаш да останеме тука, не треба да те вознемирува тоа што овде ќе ни недостига и најнеопходното за живот. Надевајќи се во Бога и во твоите молитви, ветувам дека ти никогаш нема да бидеш лишен од лебот, виното и елејот.
Така старецот одлучи да остане. Атанасиј се трудеше да ја покаже целата своја ревност во служењето на својот старец. А пак Бог, Кој толку илјади од неблагодарниот еврејски народ хранеше во пустината четириесет години, не ги остави гладни и овие Свои благодарни слуги. Ги поттикна граѓаните на околните места, кои штом слушнаа за доаѓањето на преподобните отци на Метеорите, веднаш започнаа да им носат храна и се собираа кај нив, за да се насладуваат од нивните духовни поуки и благослови.
Наскоро потоа дојдоа и други браќа, кои старецот со радост ги прими. Тогаш го ослободи блажениот Атанасиј од понатамошно негово служење, и му даде благослов пет дена во седмицата да поминува во осаменост. Атанасиј се повлече во една пештера во оние карпи и ги минуваше тие пет дена во молитвено тихување, За да го одбегне унинието, мрзоволието и неработењето, тој се занимаваше со ракоделие и пееше: „Душо, бдеј и сили се, за да се спасиш; тело, работи за да се храниш!“
Додека Атанасиј така осаменички се подвизуваше во дупката на една карпа, една ноќ старецот виде како многу демони ја опколиле пештерата и се обидуваат да ја срушат. Кога си дојде на себе, тој отиде кај Атанасиј, го искара и не му дозволи повеќе да самува во таа дупка, туку му рече да живее од другата страна на нивниот Столб. Но, таа страна беше свртена кон населбите од каде што доаѓаше врева и Атанасиј не беше задоволен од тоа место. Затоа го замоли старецот да му дозволи да се симне и да се насели во некој пуст крај. Старецот го благослови и најдоа такво место, каде што Атанасиј самуваше шест дена а во предвечерието на недела доаѓаше за бдение на Столбот. Така овој блажен пееше и бдееше заедно со браќата, па откако ќе се причестеше со Божествените Тајни се враќаше во својата осаменичка долна ќелија.
Помина така некое време и една ноќ многу го вознемирија крадци кои мислеле дека тој има пари. Но, не најдоа ништо, освен сув леб и кошници. Преподобниот сфати дека таквите и слични искушенија од врагот нема да престанат, па реши да се искачи на една висока и пуста карпа, за таму безгрижно да го минува своето молитвено самување. Таа карпа беше највисока меѓу Метеорските карпи а на врвот беше широка. Тука не живееше никој, освен што некогаш некој светогорски монах поживеал малку, но потоа се симнал долу и се упокоил. Свети Атанасиј виде дека е многу погодна за подвизи, па му соопшти на старецот. На почетокот старецот одбиваше, оти имаше намера Атанасиј да го постави за свој наследник на Столбот, но попушти на неговата упорност под услов да земе со себе и некои од браќата. Така и се случи. Преподобниот отиде на карпата со неколку браќа и се насели во една пештера од таа карпа. Оттаму тој испрати еден брат по име Јаков, архијерејот да го ракоположи за презвитер за да можат да служат света Литургија, оти во меѓувреме беа подигнале црква во пештерата која што ја посветија на Богомајката.
По десет поминати години на оној прв Столб, Старецот на Атанасиј беше многу вознемируван од еден од тамошните властодршци и беше принуден да го напушти тоа место. Затоа тој тргна да се врати од каде што беше дошол. Кога слушна за тоа, Атанасиј побрза да го стигне својот старец. Го стигна во Солун, падна пред неговите нозе, и го молеше и тој да појде со него. Но, старецот не му даде благослов, туку му нареди да се врати во својот камен град, односно на својата карпа, која што толку многу ја сакаше. Уште му нареди на Столбот за старешина да го постави јеромонахот Анастасиј, а со себе да ги земе двајцата родени браќа, кои дотогаш беа со старецот и да се грижи за нивното спасение. Потоа го благослови, па се разделија со многу солзи.
Преподобниот Атанасиј се врати на својата карпа наречена Платилитос (Широка Карпа), која тој ја нарече Метеор (Велики Метеор), и кај него започнаа да доаѓаат многу послушници, молејќи го да ги прими. Но, тој, сакајќи ја осаменоста и тишината, прими само неколкумина од нив, И им пропиша монашки правила и упатства како да живеат и да се подвизуваат. Воопшто пропиша правило за општожитијно правилно монашко живеење.
Во тоа време во братството на манастирот го прими и блажениот цар Јован Урош (кој исто така се слави денес), со кого тој заедно ги подигна на Метеорите храмовите на Спасителот Христос (т.е. Неговото Преображение) и на Богомајката. Тие ги украсија овие свети храмови и ги снабдија со сѐ што е потребно. Светиот цар Јован, во монаштво наречен Јоасаф, остана да се подвизува со својот духовен отец, преподобниот Атанасиј, како што пишува и во неговото житие. А преподобниот Атанасиј со подвизите стекна големи благодатни дарови од Бога: дарот на прозорливоста и дарот на чудотворството, како што опширно пишува за тоа во неговото житие.
Живеејќи така богоугоден живот и покажувајќи огромна грижа за монашкото живење на своите браќа преподобниот во својата седумдесетта година тешко се разболе и наскоро отиде кај Господа, на Кого цел живот од срце Му служеше. Се упокои на својата карпа Метеори во својот манастир, каде и денес почиваат неговите свети мошти, заедно со моштите на неговиот ученик и заеднички ктитор преподобниот Јоасаф. По своето успение, преподобниот Атанасиј направи многу чудеса преку своите свети мошти, додека со душата се насладува во царството на Христа Бога, Кому слава и пофалба со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
ЈОАСАФ МЕТЕОРИТОТ
Преподобниот и богоносен отец Јован, во монаштво наречен Јоасаф, се роди од татко Симеон - Синиша и мајка Томаида, околу 1350-та година. Татко му беше побожен владател на Епир и Тесалија што се гледа и по тоа што, угледувајќи се на своите предци Неманиќ, и тој подигнувал цркви и многу ги помагал манастирите. Така во својата престолнина, градот Трикали во Тесалија, тој ја изгради црквата „Свети Симеон“ за време на митрополитот Лариски Нил. А манастирите на блиските Метеори кои во негово време започнаа да се множат, тој богато ги помагаше и им ги исполнуваше сите потреби. Растејќи во толку побожна куќа, блажениот Јован, чие име значи благодат Божја, уште од детството му беше наклонет на духовниот живот и со својот ум чезнееше за Бога и вечните и неминливи добра на небесата. Затоа најчесто ги посетуваше богослужбите и светите манастири во кои минуваше голем дел од своето време. Особено ја посетуваше Света Гора и тамошните подвижници а подоцна започна да ги посетува и манастирите и подвижниците на Метеорските карпи кај Каламбака. Посетувајќи ги светите манастири и големи подвижници во нив, преподобниот како мудра пчела од нив собираше духовна корист за својата душа.
Околу 1369-та година умре царот Симеон - Синиша, а својот престол и власт ги предаде на блажениот Јован Урош. Кога ја доби веста дека станал цар, преподобниот се наоѓаше во Света Гора. Тој отиде во Трикала, престолнината на своето царство, но повеќе гледаше како да се ослободи од царската порфира и грижите на овој свет, отколку што го интересираше светската власт и слава. Во тоа време тој веќе се беше запознал со преподобниот Атанасиј Метеорски, кого што го беше избрал за свој духовен отец и водач по патот на спасението. Затоа власта му ја предаде на својот роднина Ангел Филантропин, се повлече во манастирот на Платилитос (Широка карпа), односна на Великиот Метеор кај преподобниот Атанасиј, и се облече во бедна монашка риза, добивајќи го името Јоасаф.
Иако сѐ уште беше цар, преподобниот смирено се покоруваше на преподобниот Атанасиј и на браќата во сѐ, минувајќи строг киновиски (општожитиен) живот, каков што беше востановил игуменот Атанасиј. Тој толку се усоврши во монашкиот живот и богоугодните подвизи и доблести, така што преподобниот Атанасиј на умирање го остави за свој наследник и игумен на манастирот. Преподобниот Јоасаф заедно со свети Атанасиј ги подигна и украси храмовите на Спасителот Христос и Пресветата Богомајка. Свети Атанасиј беше подигнал една мала црква посветена на Преображението Господово (1382 г.), која сега преподобниот Јоасаф многу ја зголеми и прошири и ја украси со многу свети икони и потребните сасуди. Преподобниот многу го помагаше светиот манастир на Меторите со своите дарови, прилози и најразличното служење. Затоа заедно со свети Атанасиј беше вброен во ктиторите на тој свет манастир, што се гледа и во манастирските повелби и на светите икони и фрески. Освен својот манастир, преподобниот ги помагаше и сите останати Метеорски манастири, на некои штитејќи им ги правата со своите царски повелби, а некои помагајќи ги со подароци и разновидни мудри грижи за нив. Воопшто, Меторските манастири во времето на светиот Јоасаф процветаа како никогаш, зашто по смртта на преподобниот Атанасиј (1382 г.), тој беше нивен мудар игумен и добротвор. Во дарувањето и снабдувањето на манастирите многу му помагаше и неговата сестра Марија Ангелина, Епирската деспотка, која добар дел од својот имот го беше дала на управување и располагање на својот брат. Од тогаш тој подигна многу ќелии во манастирот, потоа манастирска болница, цистерни за вода и останатите потребни градби. На тој начин, тој со земните добра го купуваше Царството Небесно.
Кога Турците ја зазедоа Тесалија, преподобниот беше принуден на некое време да отиде на Света Гора (1394 г.), каде помина неколку години живеејќи во манастирот Ватопед. Во 1401 г. тој повторно се врати на високите Метеори, од каде потоа се пресели кај својот Господ, Кого толку многу Го сакаше. Се упокои живеејќи во молитви и подвизи во една мала ќелија на Метеорите во 1422-3 година. Неговите свети мошти и до денес почиваат во неговиот свет манастир „Преображение Господово“, заедно со моштите на преподобниот Атанасиј Метеорски. Врз нив, светиот духовен отец и светиот духовен син, се исполни Евангелието Спасово, дека во Христа Исуса нема Евреин ни Елин, нема Србин или Македонец, туку сите се верни слуги Божји, едно во Христа Исуса (сп. Гал. 3, 28).
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
АЛЕКСАНДАР ОШЕВЕНСКИ
Беше селско дете. Уште од детството ја сакаше книгата и се одликуваше со побожност. Одби да се жени, и во својата осумнасетта година се замонаши во Кирило-Белоезерскиот манастир. Откако се усоврши во духовниот живот, преподобниот Александар отиде на реката Чурјага и таму го основа Ошевинскиот манастир во Ољенецката епархија. Многу се трудеше и многумина се воодушевуваа од неговото трудољубие. По дваесет и седум годишни подвижнички трудови преподобниот Александар се претстави мирно во 1479-та година. По неколку години неговите свети мошти беа откриени нетлени. Тие почиват во неговиот манастир, во Успенската црква, и прават многу чудеса.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК
ГАВРИЛ,
шестгодишното дете
Роден е во 1684 година во селото Звјерка во Гродњенската губернија, од побожни православни родители. Пострада како шестогодишно дете од фанатиците Евреи. Арендаторот на селото Звјерка, евреинот Шчутко, го украде малиот Гаврил во отсуство на неговите родители и го одведе во местенцето Бел Сток. Тука фанатиците Евреи го распнаа светиот Гаврил и го бодеа со разни направи, сѐ додека не му истече крвта и тој умре. Неговото мртво тело го фрлија во полето, но набрзо беше пронајдено. По триесет години, моштите на светиот Гаврил се покажаа нетлени. Се наоѓаат во Слуцкиот манастир.