4. Мај (21. Април)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК
ЈАНУАРИЈ ЕПИСКОПОТ,
и останатите со него
За време на гонењето на христијаните од страна на незнабожните цареви Диоклецијан и Максимијан, во Италија на суд беше изведен кампанискиот епископ Јануариј пред кнезот Тимотеј. Кнезот најпрвин со ласкање, а потоа и со закани се обиде да го придобие епископот за идолопоклонството. Но, кога виде дека е непоколеблив во христијанската вера, нареди да го фрлат во вжештена печка. А светиот маченик, како некогаш Трите Момчиња во вжештената печка, стоеше неповреден сред огнот, пеејќи и славејќи го Бога, зашто ангел Божји дојде кај него и го разладуваше со невидлива роса. Кога излезе од печката, сите беа запрепастени оти огнот не му ја беше допрел ни облеката. А кнезот, мислејќи дека се сочувал од огнот со помош на некакви магии, уште повеќе се разгневи и нареди телото на маченикот да го растегнат, и без милост да го тепаат. Така растегнат, на светителот со челични четки му го стругаа телото, сѐ додека коските не му се забележаа, а земјата не се натопи со крв. Меѓу народот стоеја ѓаконот Фауст и чтецот Дизидериј и ги гледаа маките на својот епископ. Од една страна се радуваа на неговото јунаштво, а од друга плачеа поради неговите страшни маки. Кога на светителот му ги пресекоа жилите, тие гласно заридаа. Тогаш ги препознаа дека се христијани. Незнабошците ги фатија и заедно со светиот маченик Јануариј ги врзаа и ги одведоа кај кнезот во градот Потиол, и таму ги фрлија во темница. Во истата Темница заради Христа се наоѓаа и потиолските ѓакони Прокл и Сосиј, и двајца прости христијани Евтихиј и Акутион.
Утредента сите беа изведени и фрлени пред ѕверови. Но, Бог, Кој се прославува во светителите Свои, им ги затвори устите на зверовите, како некогаш заради Данил во јамата, и тие не се допреа до нив, туку како кротки овци легнаа пред нозете на светиот епископ. Ова натприродно чудо ги запрепасти и уплаши сите гледачи. Но, кнезот и оваа божествена сила им ја препиша на христијанските магии, и размислуваше како да ги погуби. Додека се мачеше околу тоа, ненадејно ослепе и побара водач. А незлобивиот светител и маченик Христов Јануариј се помоли на Бога за својот непријател, кнезот Тимотеј, и тој веднаш прогледа. Прогледа несреќникот со телесните, но не и со душевните очи.
Околу пет илјади сведоци на ова чудо поверуваа во Христа, а неблагодарниот кнез, иако исцелен со молитвите на маченикот, не само што не ја спозна вистината, туку уште повеќе се избезуми. Бесен што толку многу народ се обрати кон Христа, тој започна да хули на нашиот вистински Бог Господ Исус Христос, и нареди светите маченици веднаш да бидат обезглавени.
Така, светителот Божји Јануариј и неговите сострадалници: ѓаконите Фауст, Прокл, Сосиј, чтецот Дизидериј, и Ефтихиј и Акутион, беа обезглавени надвор од градот Потиол и се здобија со маченички венци. Телата на светите маченици ги зедоа христијаните од блиските градови, секој град по едно тело, за да имаат свои посредници пред Бога. Телото на свештеномаченикот Јануариј го зедоа христијаните од градот Неапол. Тие тајно го пренесоа во својот град и чесно го положија во црквата. При земањето на неговото тело, христијаните ја собраа од земјата неговата крв во стаклен сад и ја чуваа. Кога ќе го ставеа садот покрај главата на маченикот, крвта веднаш се раскрваруваше и стануваше течна како сега пролиена. До денешен ден безброј чуда се случуваат на гробот на овој светител. Едно од нив е и следново:
Еднаш, кога вулканот Везув започна да исфрла оган и силна лава, преплашениот народ прибегна кон гробот на светиот свештеномаченик Јануариј и со солзи го повикуваше на помош. И веднаш по неговите молитви вулканот престана да работи и не нанесе никакви штети.
Треба да го спомнеме и ова необично чудо:
На една вдовица по име Максимила ѝ умре синот единец и таа неутешно плачеше над него. Во својата болка таа се сети како во Стариот Завет светиот пророк Елисеј на чудесен начин го воскресна синот на Соманиќанката, и ја симна иконата на светиот епископ Јануариј, која беше изработена од дрво и висеше над црковната врата, ја положи врз својот мртов син, и тоа очи во очи, и од душа започна да му се моли на светителот, со солзи и лелек говорејќи:
- Слуго Божји, смилувај се на мене и утеши ме мене несреќната. Воскресни го мојот син единец!
Штом така се помоли, момчето веднаш оживе и стана здраво. Сите кои беа дошле на погребение се восхитија на ова преславно чудо и Го прославија и Му благодареа на Бога, Кој твори прекрасни дела преку светителите Свои, во исто време благодарејќи му и на светиот маченик Јануариј, како брз помошник. По неговите свети молитви Господ нека ја покаже својата милост и врз нас за навек. Амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК
ТЕОДОР
и останатите со него
За време на царот Антонин во Перга Памфилиска каде царски намесник беше Теодот, за царската војска собираа млади, силни и убави момчиња, за да ги испратат на служба во царскиот двор. Со останатите момчиња беше земен и блажениот Теодор, та и врз него како и врз останатите момчиња намесникот го стави војничкиот знак, но Теодор го фрли знакот и рече:
- Од утробата на својата мајка јас сум означен со мојот небесен Цар, Господ Исус Христос, и не сакам да му служам на друг цар. Намесникот го праша:
- А на кој цар си му станал војник?
Светителот одговори:
- На Царот, Кој ги створи небото и земјата.
Тогаш царот сфати дека Теодор е христијанин, па го праша:
- Нема ли да им принесеш жртва на нашите богови?
Светителот одговори:
- Јас никогаш не им принесов, ниту пак сега ќе го сторам тоа.
Тогаш намесникот нареди да го тепаат. Претепан го доведоа кај намесникот и тој го праша:
- Се вразуми ли сега? Ќе им се поклониш ли на боговите?
Светителот одговори:
- Кога би Го познал Бога Творецот, ти самиот би посакал да Му се поклониш.
Тогаш намесникот нареди да се подготви силен оган, да се вжешти огромна тава и во неа да го положат маченикот, па да растопат многу смола, сулфур и восок, и со таа врела смеса да го полеваат. Додека го правеа тоа, ненадејно Бог направи прекрасно чудо: настана силен земјотрес и земјата се расцепи токму кај огништето, од каде што бликна вода и го изгаси огнот. Тогаш светиот маченик излезе од тавата потполно здрав и му рече на намесникот:
- Ете гледаш, ова не е дело на мојата сила, туку на мојот Бог Христос на Кого јас Му служам. Ако сакаш да ја видиш силата на твоите богови, повторно подготви го огнот и во име на твоите богови во тавата стави еден од твоите војници.
Тогаш присутните војници му рекоа на намесникот:
- Немој господине, не прави го тоа со нас туку со жрецот на боговите, зашто тавата ќе го послуша жрецот како што го послуша Теодор и нема да го изгори.
Намесникот веднаш нареди да го доведат жрецот и го праша:
- Како се викаш?
Жрецот одговори:
- Се викам Диоскор.
Намесникот го праша:
- Со какви билки се премачкуваат христијаните, и со какви магии се служат, та огнот не ги гори како што пред малку и Теодор остана неповреден?
Диоскор одговори:
- Христијаните не се магепсници, туку името Христово е толку моќно, та каде и да се повика, се рушат сите магиски басни и билки, и демоните треперат. Намесникот го праша: - Зарем Христос е посилен од нашиот Зевс? Диоскор одговори: - Зевс и останатите богови со него се глуви и мртви идоли. Но, те молам, не ставај ме во тавата, туку ако сакаш да ја видиш силата Зевсова него стави го во огнот.
На тоа намесникот одговори:
- Кој смее да се дрзне богот да го стави во огнот?
Диоскор му рече:
- Нареди ми, и јас ќе го ставам. Ако се спротивстави ќе поверувам дека е бог и дека може да се заштити од огнот.
На тоа намесникот возврати:
- Ти навистина повеќе не си жрец, штом така зборуваш за боговите.
Диоскор одговори:
- Бев жрец, но денес, гледајќи како маките не можат да го совладаат блажениот Теодор, ја спознав силата Христова и ја увидов немоќта на лажните богови. Тоа ме утврди во верата Христова, и јас денес сакам да бидам заедно со Теодор.
На тоа намесникот му рече:
- Штом така зборуваш, Диоскоре, тогаш застани во тавата како и Теодор.
Тогаш Диоскор падна пред нозете на маченикот Христов, говорејќи:
- Слуго на вистинскиот Бог, помоли се за мене!
И светителот се помоли за Диоскор.
Тогаш го соблекоа Диоскора и гол го положија врз вжештената тава, а тој силно извика:
- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, Боже Теодоров, што ме вброи меѓу слугите твои. Те молам прими ја во мир душата моја!
Откако го рече тоа, тој го испушти духот и го доби маченичкиот венец како разбојникот на крстот - рајот.
По смртта на блажениот Диоскор, свети Геодор беше фрлен во темница. Наредниот ден му ги врзаа нозете, го врзаа за двоколица во која беа впрегнати бесни коњи, и тие го влечеа по градските улици. Во еден момент, коњите бесно гонети од војниците, јурнаа низ градските бедеми и изгинаа, а светиот маченик беше сочуван од невидливата сила Божја и се појави неповреден. Тоа ги зачуди сите. А војниците Сократ и Дионисиј кои го врзаа светиот за колата, имаа чудесно видение: додека коњите итаа, тие видоа како од небото кај светиот маченик слезе огнена кола, и го одвезе во судницата неповреден.
Тие им го раскажаа тоа на сите, викајќи:
- Голем е богот христијански!
Кога ги слушна, намесникот нареди да ги затворат со свети Теодор. Потоа три дена загреваа огромна печка, и намесникот ги фрли во неа и тројцата. Но, божествена роса слезе одозгора, ги ороси, го разлади пламенот и тие седеа во печката како во ладовина и си разговараа. Свети Теодор се сети на својата блажена мајка, која пред три години со многу други беше одведена во ропство во Алодапија и се помоли на Бога за неа, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, со Својата божествена сила покажи ми ја мојата мајка како Ти знаеш, оти сакам да ја видам. За Тебе сѐ е возможно. Покажи ми ја за и другите да ја познаат Твојата големина.
Додека светителот се молеше огнот постепено гаснеше. Во меѓувреме заврна дожд, целосно го изгасна огнот, а беше веќе ноќ, па светителите заспаа во печката. Во сонот ангел застана пред светиот Геодор и му рече:
- Не тагувај, Теодоре, за твојата мајка, оти ќе ја видиш. Теодор се разбуди и на своите сомаченици им раскажа што виде. Додека тој зборуваше одеднаш сред печката застана неговата мајка Филипија. Таа го прегрна својот мил син и им раскажа како невидлива рака ја довела овде. А светиот маченик Теодор ги крена рацете кон небото и Му благодареше на Бога.
Утредента намесникот им рече на своите:
- Мислам дека во печката не останала ниту коскичка од Теодор и оние војници.
Додека зборуваше, дојде еден од чуварите и му соопшти дека мачениците се живи во печката, и му раскажа сѐ што се случи.
Тоа го запрепасти намесникот и тој лично ја повика блажената Филипија и ја праша:
- Ти ли си мајката на Теодор?
Блажената одговори:
- Јас сум.
Намесникот ѝ рече:
- Посоветувај го својот син да им се поклони на боговите, за да не загине и да те остави во тага.
А таа му одговори:
- Мојот син, како што пред неговото зачнување ми беше откриено од Бога, ќе биде распнат од твоја страна, и така ќе Му принесе пофална жртва на Бога.
На тоа намесникот ѝ рече:
- Бидејќи самата спомна крстна смрт за твојот син, така нека биде!
И веднаш нареди свети Геодор да биде распнат, на света Филипија да ѝ ја отсечат главата со меч, а двајцата војници Сократ и Дионисиј да ги прободат со копја. Така светите маченици ги примија своите венци. А свети Теодор три дена висеше на крстот жив, па отиде кај Господа.
Потоа некои христијани ги зедоа светите тела, ги помазаа со свети мириси, ги завиткаа во свети плаштаници и ги положија во посебно место, славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, славениот за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
ЦАРИЦА АЛЕКСАНДРА
и нејзините слуги
АПОЛОС, ИСАКИЈ и КОДРАТ
Царицата Александра, сопругата на царот Диоклецијан, гледајќи го бестрашното страдање и славните чудеса на светиот великомаченик Георгиј, поверува во Христа и пострада за Него заедно со светиот Великомаченик, за што опширно се зборува во Житието на свети Георгиј, под 23 април.
Слугите на царицата: Аполос, Исакиј и Кодрат, кога ги видоа чудесата на светиот великомаченик Георгиј и како царицата се одрече од царот и царството, поверуваа во Христа и царот го нарекоа злосторник и ѕвер, оти не ја поштеди ниту својата жена со која што имаше деца. Многу гневен од тоа, царот нареди да ги фрлат во темница и цела ноќ размислуваше на кој начин да ги усмрти. Утредента ги извади од темницата и нареди да му ја отсечат главата на Кодрат, а Аполос и Исакиј повторно ги врати во темницата. По многу денови тие умреа во неа од глад и жед. Ги предадоа своите души во рацете Божји и од Бога добија маченички венци. Пострадаа во 303-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
ѓаконите ФАУСТ, ПРОКЛ И СОСИЈ,
чтецот ДИЗИДЕРИЈ, и ЕВТИХИЈ и АКУТИОН
Овие свети маченици пострадаа заедно со светиот свештеномаченик Јануариј.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА
ФИЛИПИЈА
Оваа света маченица е мајка на светиот маченик Теодор (во Перга Памфилиска). Беше заклана со меч. За неа видете под денешниот ден, во страдањето на светиот маченик Теодор и останатите со него.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
СОКРАТ и ДИОНИСИЈ
Пострадаа за Господа Христа прободени со копје.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ
МАКСИМИЈАН
патријархот Цариградски
Родум од Рим, син на богати и благородни родители. По некоја работа дојде од Рим во Цариград. Тука заблеска со својот доблесен и подвижнички живот; заедно со тоа беше и надарен и многу учен. Поради тоа цариградскиот патријарх Сисиниј (426-427 г.) го ракоположи за презвитер. А кога од патријаршискиот престол беше прогонет еретикот Несториј (428-431 г.), кој беше патријарх по Сисиниј, за патријарх беше избран свети Максимијан. По него патријарх стана свети Прокл (434-446 г.), ученик на свети Јован Златоуст. Свети Максимијан мудро управуваше со Црквата две години и пет месеци, и мирно заспа во Господа на 21 април, во 434-та година.