5. Мај   (22. Април)

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ

ТЕОДОР СИКЕОТ

епископот Анастасиополски

Преподобниот Теодор се роди во селото Сикео во Галатија, поради што беше наречен Сикеот. Неговата мајка Марија го зачна со еден службеник на царот Јустинијан Велики, по име Козма. Кога го зачна, таа во сонот виде ваков сон: Огромна светла звезда се симна од небото и влезе во нејзината утроба. Таа го раскажа својот сон на мајка си Телпидија и сестра ѝ Диспенија. Потоа отиде кај еден прозорлив старец, кој недалеку од селото водеше отшелнички живот во Бога и му го раскажа својот сон. Старецот ѝ даде духовни совети и поуки за богоугодниот живот, па ѝ рече:

- Детето што си го зачнала ќе биде навистина голем човек не само пред луѓето туку и пред Бога, зашто светлата ѕвезда означува светска слава, како што тоа го објаснуваат толкувачите на сонови. Но, во твојот случај не претскажува царска власт на земјата туку слава на доблестите и благодатта Божја, кои Бог ги изли врз зачнатото во тебе. Бог често ги осветува своите слуги во утробата пред нивното раѓање.

За овој случај дозна и епископот Анастасиополски Теодосиј, кој исто така сметаше дека сонот означува дека зачнатото дете ќе биде светлина за светот. Марија живееше богоугодно и целомудрено со својата мајка и сестра си, според советите на старецот. Кога се роди слугата Божји и беше крстен, му го дадоа името Теодор, кое што значи дар Божји. Кога имаше шест години мајка му сакаше пред време да го посвети на воениот повик. Таа му подготви златен појас и скапоцена облека, и сакаше да појде во Цариград, за таму да го запише во царските војници. Но, во сон ѝ се јави светиот великомаченик Георгиј и ѝ рече:

- Зошто, жено, си донела таква одлука за твојот син? Не мачи се залудно, зашто Небесниот Цар го наменил твојот син за Себе.

Кога се разбуди, Марија започна да плаче, велејќи:

- Се приближи смртта на моето чедо. Тоа наскоро ќе умре.

Таа сметаше дека тоа е значењето на зборовите на свети Георгиј. Но, детето растеше и беше многу напредно. На осум години мајка му го даде да се школува. Теодор беше најдобар меѓу децата и сите го сакаа поради неговиот добар карактер. За време на детските игри беше многу паметен, секој негов збор беше одмерен, никогаш не се колнеше, ниту пак искажуваше лоши зборови и ги отстрануваше сите кавги и задевања меѓу децата.

Во домот на Марија живееше и еден старец по име Стефан, побожен и богобојазлив човек, кого сите го почитуваа како татко, поради неговиот добродетелен живот. Во текот на Светата Четириесетница Стефан секој ден постеше до вечерта, кога земаше малку леб и вода. Теодор започна да го подражава неговиот пост и кога напладне се враќаше од училиште, тој ја одбиваше понудената храна од мајка си. Потоа, за да ги одбегне секојдневните понуди за ручек, тој престана да доаѓа напладне и се враќаше од училиште навечер, претходно одејќи со старецот Стефан на богослужение и пречист во црквата. И кога доцна ќе дојдеше дома, земаше малку леб и вода. Мајка му го замоли учителот напладне да го пушта дома за да го натера да руча со нив. Таа упорно му нудеше разноврсна храна, но тој одбиваше и беше многу ослабен. Напладне, по училиштето, тој започна да оди во црквата на светиот великомаченик Георгиј, наместо на ручек дома, и потоа пак се враќаше во училиштето. Кога мајка му ќе го прашаше зошто не дошол на ручек, тој одговараше дека бил задржан во училиштето, оти не ја научил лекцијата. Неговата мајка повторно го молеше учителот да му дозволува на Теодор напладне да доаѓа за ручек, а тој се колнеше дека уште при првата нејзина молба секој ден го пушта со останатите деца. Кога дозна дека Теодор напладне оди во црквата, таа испрати свои слуги силум да го доведат, па му претеше, но, тој не ја слушаше.

Кога имаше десет години неговото село го зафати некаква болест од која многумина умираа, па и Теодор смртно се разболе. Неговите едвај жив го однесоа во блиската црква на светиот Јован Крстител и го положија пред олтарот. А во црковниот кубет беше изобразен ликот на Спасителот. Од него капнаа две капки роса врз болното момче и тоа веднаш оздраве и си отиде дома, благодарејќи Му на Бога.

Ноќе, додека Теодор спиеше често му се јавуваше светиот великомаченик Георгиј и го будеше, говорејќи му:

- Станувај, Теодоре, време е за утринската богослужба. Ајде да појдеме во црквата на свети Георгиј!

И момчето веднаш стануваше со радост. Во почетокот свети Георгиј му се јавуваше како да е старецот Стефан кој живееше во нивниот дом, но потоа започна да му се јавува самиот тој и постојано да го води во црквата. По патот демоните се претвораа во волци и разни други ѕверови за да го заплашат, но свети Георгиј со копјето во раце ги растеруваше тие страшни привиденија и му велеше на Теодор да не се плаши.

Тоа се случуваше секоја ноќ. Неговите домашни започнаа да забележуваат дека Теодор не е во својата постела и многу се чудеа. Кога дознаа дека оди во црквата, тие не можеа да си објаснат како незабележливо се искрадува од дома. Тогаш мајка му му забрани да излегува оти местото е пусто. Но, момчето не слушаше никого и во одреденото време, буден од свети Георгиј, одеше во црквата и никој не знаеше за тоа.

Еднаш мајка му се разбуди в зори и штом не го најде во постелата, заедно со домашните отрча во црквата, го дофати за косата и го довлечка дома, тепајќи го. Цел ден не му доволи да излезе од дома, а ноќта го врза за постелата. Таа ноќ, светиот великомаченик Георгиј ѝ се јави на Теодоровата мајка и домашните, заканувајќи им се со мечот и говорејќи им:

- Ќе ви ги отсечам главите ако продолжите да му браните на момчето да доаѓа кај мене.

Преплашени, жените се разбудија и си раскажаа што видоа. Посебно ги исплаши тоа што имаа исто видение. И веднаш го одврзаа светото момче, го милуваа и го молеа да не им се лути што го тепаа. Потоа го распрашуваа како е возможно да не се плаши од ѕверовите, кога пред зори оди во црквата. Теодор им кажа дека секоја ноќ едно пресветло момче го води и штити сѐ до црквата. Тогаш жените сфатија дека му се јавува и го штити свети Георгиј, кого и тие го видоа во сонот. Оттогаш повеќе не му бранеа ништо, туку го препуштија на Божјата промисла, велејќи:

„Нека биде волјата Господова!“

Недалеку од нивната куќа имаше црква на светиот маченик Емилиј, кој во галатискиот град Анкира, за време на беззакониот цар Јулијан Отстапник многу беше мачен, па потоа распнат на крст. Во таа црква еднаш блажениот Теодор влезе и остана цела ноќ на молитва. На полноќ задрема и имаше вакво видение: Како стои пред еден цар, кој седи на престол во голема слава, опкружен со многу војници, а од десната страна стои една пресветла жена во порфир. Тој слушна како царот му зборува: „Подвизувај се, Теодоре, за да добиеш совршена награда во Царството Небесно. Јас ќе те прославам и на земјата меѓу луѓето“.

Ова видение Теодор го имаше во својата дванаесетта година. Оттогаш го обзеде уште поголемо чезнеење кон Бога и започна уште повеќе да се труди. Се затвори во една соба од својот дом и остана во доброволен затвор од Богојавление до Цветници, подвизувајќи се во постење, молитви и читање, и разговорајќи само со Бога. А за време на Светата Четириесетница, првата и средопусната недела тој не проговори ниту збор, минувајќи го времето во длабоко молчење, со целиот ум задлабочен во Бога.

Не можејќи да го гледа доблесното момче, ѓаволот размислуваше како да го упропасти. И скрои ваков план: Еден ден се преобрази во момчето Геронтиј, кое учеше заедно со Теодор, и го повика божем на прошетка. Го одведе на еден многу висок брег викан Пидрама, го качи на една карпа, и започна да го искушува Теодора како некогаш Господ Христос во пустината, говорејќи:

- Добар Теодоре, ако сакаш да го покажеш своето јунаштво, скокни долу.

А Теодор одговори:

- Се плашам, оти е многу високо.

Ѓаволот му рече:

- Ти си најхрабар од сите во училиштето, зарем сега се плашиш? Еве, јас не се плашам и веднаш ќе скокнам.

Теодор му рече:

- Немој, ќе се разбиеш.

Но, ѓаволот се јуначеше и му велеше дека ништо нема да му се случи.

На тоа Теодор рече:

- Скокни ти прв, па ако останеш неповреден, ќе скокнам и јас.

Ѓаволот веднаш скокна во страшната провалија и го повика Теодора да скокне. Теодор се запрепасти, и размислуваше како Геронтиј, кој никогаш порано не бил храбар, остана неповреден, скокнувајќи од толкава височина. Додека размислуваше и ѓаволот го повикуваше, се појави светиот великомаченик Георгиј, го фати Теодора за раката и му рече:

- Ајде со мене. Не слушај го искушувачот. Тој ја бара твојата душа. Тој не е Геронтиј туку непријателот на човечкиот род.

Светиот великомаченик го одведе Теодора во својата црква, каде Теодор се задржа и кај него дојдоа мајка му и баба му и го молеа да се врати дома, каде што го чекаат многу роднини и соседи. А тој, имајќи ги на ум зборовите од Светото Писмо „дека пријателството од овој свет е непријателство на Бога, зашто кој сака да му биде пријател на светот, станува непријател Божји“ (Јак. 4, 4), не ги послуша, туку ги симна од себе златниот појас и скапоцената облека, и им ги фрли говорејќи:

- Знам дека се плашите да не ги изгубам овие работи. Еве, земете ги, а мене оставете ме.

Тој не појде со нив, туку отиде во едно безмолвно место кај доблесниот отец Гликериј, за да земе благослов и да се поучи. А прозорливиот Гликериј, го виде Духот Божји во момчето, го дочека со радост и со насмевка го праша:

- Чедо, го сакаш ли монашкиот образ?

Теодор одговори:

- Многу го сакам, оче, и од срце сакам да се удостојам на него.

Тогаш во тој крај беше зафатила голема суша и тие отидоа пред црквата на светиот Јован Крстител. Тука преподобниот Гликериј му рече на блаженото момче:

- Чедо, да ги преклониме колената и да се помолиме на Господа да се смилува и да ја напои исушената земја. Така ќе дознаеме дали сме во бројот на праведните.

Старецот сакаше да го стори тоа, не за да го искушува Господа, туку со надеж дека молитвите на светиот Теодор ќе му бидат пријатни на Бога. Тие ги преклонија колената и се помолија. И веднаш се наоблачи, падна силен дожд и ја напои земјата. Старецот со радост Му благодареше на Бога и му рече на Теодора:

- Отсега, чедо, сѐ што ќе побараш од Господа ќе ти даде, зашто Он ќе биде со Тебе, ќе те крепи а желбата своја оствари ја, кога ќе дојде време за тоа.

Потоа, земајќи благослов од старецот, тој се врати дома.

Кога наполни четиринаесет години, Теодор намисли да го остави домот и да живее на брегот при црквата на светиот великомаченик Георгиј. Затоа ја замоли мајка си да не му пречат и да не го вознемируваат со посети. А тие не смееја да му бранат, оти знаеја дека Господ е со него. Тој ископа една пештера под црковниот олтар и живееше таму, постојано одејќи во црквата и молејќи се. Мајка му му испраќаше пченичен леб и печено пилешко, а тој ги оставаше крај патот за да ги земат луѓето или птиците и ѕверовите. Самиот тој се хранеше со просфорите што ги носеа во црквата.

Не многу далеку оттаму се наоѓаше местото Ареа. Се зборуваше дека таму живее паганската богиња Дијана со мноштво демони, и никој не може безопасно да помине оттаму. Посебно напладне во јули и август многу луѓе добивале смртоносни повреди од тамошните демони. Кога го слушна тоа, блаженото момче одеше таму секој ден во Јули и август и остануваше по цел ден. Навечер се враќаше неповреден, зашто демоните бегаа штом ќе го видеа, прогонувани од Божјата сила.

Во јануари на Богојавление, Теодор со свештенството и народот одеше на реката за осветување на водата, и влегуваше во водата бос, стоејќи право за време на водоосветувањето. По Богојавление тој се затвораше во пештерата и без да излегува остануваше во молчење сѐ до Цветници. Неговата баба Елпидија го сакаше повеќе од своите две ќерки и многу се радуваше на таквиот негов живот. Таа му носеше овошје и јачменов леб. Тој го јадеше тоа секоја сабота и недела. Сите се восхитуваа на таквата благодат Божја во младото момче и Го славеа Бога говорејќи: „Господи, си го сокрил тоа од мудрите и разумните, а си го открил на младенците (Мт. 11, 25). Исто така и анастасиополскиот епископ се радуваше на гласовите за Теодора и фалејќи го пред сите, говореше:

- Тоа момче Бог го упатува на таков живот.

Еднаш Теодор се разболе од треска. Кога задрема му се јави светиот великомаченик Георгиј и го праша:

- Која е причината за твојата болест, чедо?

А тој го виде нечистиот дух како стои настрана и покажувајќи кон него му рече на светиот Великомаченик:

- Тој нечист гад ја наведе на мене оваа болест.

Свети Георгиј го дофати демонот, го намачи и го избрка. Потоа го фати Теодора за раката и му рече:

- Стани и биди здрав! Тој гад повеќе нема да излезе пред тебе.

Теодор се разбуди и се почувствува потполно здрав.

Човекољубивиот Бог, Кој на своите свети апостоли им даде власт да ги истеруваат нечистите духови и да ги исцелуваат болестите, истата власт и благодат му ја даде и на ова возљубено момче. И Теодор започна да прави чудеса во слава Божја.

Така, еден човек го доведе кај него во црковниот двор свот луд син, молејќи го да го исцели. А Теодор, сѐ уште дете, не знаеше што да прави и се откажуваше од таквото дело. Но, човет плачејќи му нудеше бич со зборовите:

- Слуго Божји, земи го овој бич, и со претење биј го мојот син и викај: Во името на мојот Господ, духу нечист, излези од ова момче!

Блажениот Теодор постапи така и демонот што беше во детето започна да вика:

- Ќе излезам, ќе излезам, причекај малку!

Свети Теодор излезе од олтарот а демонот повикуваше на помош:

- О, неволји! О, голема сила на Назареецот! Откако дојде на земјата Он ги вооружи луѓето против нас и сега на ова досадно момче му даде власт над нас! Јас не можам да ја поднесам благодатта што му е дадена од небото. Голема беда ќе го снајде нашиот род, оти многумина од нас ќе истера од телата човечки. Кога би се случило тоа од некој постар човек, не би било толку срамно и прекорно за мене. Проклет да е денот во кој се роди ова момче!

Додека демонот така повикуваше, свети Теодор зеде масло од кандилото, му ја помаза главата на бесомачното момче, го осени со крстниот знак и му запрети на бесот говорејќи:

- Излези, зол духу!

Бесот силно повика фрлајќи го момчето пред нозете на Теодор, излезе, а момчето оздраве со благодатта Божја.

Гласот за ова чудо брзо се пронесе по целиот крај, и сите кои слушнаа Го славеа Бога.

Сакајќи да го подражава животот на светиот Јован Крстител и светиот пророк Илија, Теодор размислуваше да отиде подалеку од луѓето. Се искачи на врвот на планината и најде едно пусто место под една висока карпа. Си ископа пештера и замоли еден добродетелен ѓакон одвреме навреме да му носи по малку леб и вода, и никому да не зборува за него. Ѓаконот му даде остар кострет зашто дотогаш носеше пријатна облека од мајка си, и се затвори во онаа пештера. На негова молба ѓаконот го покри со земја влезот на пештерата. Остави само едно мало прозорче низ кое што можеше да му се пружи парче леб и барде со вода. Така затворен, светителот помина две години како жив мртовец во земјата. И никој не знаеше за него освен ѓаконот. Жителите на тоа село се чудеа зошто Теодор не доаѓа во црквата. Тие мислеа дека војската го одвела и го бараа меѓу војниците. Мајка му и домашните многу плачеа по него. По две години, ѓаконот поттикнат од неутешното плачење на неговата мајка, ѝ откри каде се наоѓа тој. Мајката со радост отрча таму и го извлекоа Теодора од пештерата како мртовец. Штом ја виде светлината, тој се онесвести и долго остана без глас. А раните по неговата глава беа полни со црви. Неговите плачеа гледајќи го, па го одведоа во црквата на свети Георгиј. Мајка му сакаше да го однесе дома за да го лекува, но тој одби и како порано живееше при црквата на светиот великомаченик Георгиј, и за неколку дена главата му оздраве.

Кога за тоа слушна анастасиополскиот епископ Теодосиј, дојде со свештенството во селото Сикео, за да го види слугата Божји Теодор. Кога го виде беше восхитен од неговиот живот, па поткренат од Духот Божји го ракоположи за презвитер. Тогаш Теодор имаше осумнаесет години. Епископот велеше:

Таквиот е достоен да биде ракоположен, пред пропишаното време, оти во него живее благодатта Божја, како што светиот апостол Павле го удостои на епископски чин светиот Тимотеј, иако беше млад. А на Теодора му рече:

- Господ, Кој те удостои на свештенството, ќе те удостои и на епископството, но првин да се замонашиш. Расти во верата и доблестите и моли се за мене.

Епископот го благослови Теодора и се врати во својот град. А блажениот Теодор започна да принесува Бескрвна Жртва, достојно стоејќи пред олтарот Божји. Потоа посака да ги види светите места во Ерусалим, па си најде свој сопатник и отпатува. Откако ги посети светите места и се поклони на живототворниот Крст и светиот гроб Господен, тој ги посети и тамошните свети отци, кои живееја во пустинско затвореништво и отшелништво и удостојувајќи се на нивниот благослов и молитви дојде во Хозевитската Лавра во близина на реката Јордан. На архимандритот на оваа Лавра му беше откриено од Бога за Теодор. Со наредба Божја Теодор беше облечен во монашка риза во оваа Лавра, па повторно се врати назад при црквата на светиот великомаченик Георгиј.

Живеејќи при црквата, блажениот Теодор Му служеше на Бога во светост, ја исцелуваше секоја болест и истеруваше нечисти духови оти имаше власт над нив. А неговата баба Елпидија, тетка му Диспенија и малата сестра Влата не се одвојуваа од него, Тие се трудеа да го подражаваат неговиот живот, постејќи, молејќи се и давајќи милостина од трудот на рацете свои. По некое време неговата тетка се претстави во Господа. Откако ја погребаа, свети Теодор ја одведе својата сестра Влата во девственички манастир, а блажената Елпидија ја остави да живее во една блиски куќа. Девицата Христова Влата живееше свет живот, и по Три години непорочна отиде во дворовите на својот Бесмртен Женик. Кога слушна за нејзиното претставување, блажениот Теодор со радост Му принесе благодарност на Бога. По негов совет Елпидија отиде во блискиот женски манастир, при црквата на светиот Христофор и преподобниот ѝ испраќаше девојки кои му ги доведуваа за исцелување од најразлични болести, таа да ги упатува како да се молат и да постат и да ги поучува во секое добро.

По заминувањето на блажената Елпидија во манастир, на преподобниот немаше кој да му служи, и затоа најми еден слуга. А промислата Божја, сакајќи да го направи ловец на луѓе, започна да му испраќа луѓе да живеат со него. Кај него најпрвин дојде едно момче по име Епифаниј и Теодор се израдува што Бог не го остави сам. Тој го замонаши, го упати во светиот живот така што момчето доби власт да истерува демони.

Потоа една побожна жена, која преподобниот ја беше исцелил со своите молитви, го доведе кај него својот мал син Филумен, кој беше многу паметен и образован. Овие тројца слуги Христови како некогаш Трите Момчиња во Вавилон, имаа единствена љубов и усрдие кон Бога. А меѓу нив беше самиот Господ Исус Христос, Кој рече: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посред нив“ (Мат. 18, 20). По извесно време блажениот Епифаниј се упокои во Господа, а на негово место дојде ревносниот во доблестите Јован.

Во тоа време кај преподобниот дојдоа жители од селото Протомарија, и го молеа да го посети нивното село, зашто во близина на селото имаше едно место полно со нечисти духови, така што никој не можеше мирно да помине оттаму, особено напладне и на зајдисонце. Слугата Божји појде во тоа место, нареди да му ископаат мала пештера, и се затвори во неа цела зима. Сѐ до Воскресение остана внатре во својот вообичаен пост и молитви. А демоните, не можејќи да ја поднесат неговата близина, побегнаа избркани од неговите молитви како од оружје. Жителите на тоа село имаа таква вера во преподобниот, што доаѓаа да земаат земја од пештерата во која што живееше тој, па таа земја ја раствораа во храната и како сигурен лек им ја даваа на болните луѓе и на стоката, и тие се исцелуваа.

Во тоа село имаше еден побожен човек, по занимање ковач. Нему преподобниот му нарача да му направи железна ќелија без кров, и тесна само човек да може да стои во неа. Тој беше смислил необично мачење за своето тело. Селаните со литија ја однесоа таквата ќелија кај преподобниот во селото Сикео, и тој ја намести над својата пештера. Често се затвораше во неа на долго време и стоеше како столб, поднесувајќи ја секоја временска непогода, оти ќелијата немаше кров, та лете го печеше горештината, а зиме го тепаа снегот и дождот, ветровите и бурите, и тој се смрзнуваше од студ. Но, семоќниот Бог му даде такво трпение, кое ги надминуваше природата и умот човечки, за да се восхитуваат луѓето и да Го слават пресветото име Божјо. Згора на тоа, тој врз своето тело ставаше тешко железо; на нозете носеше тешки железни чизми, изработени по мерка за него; на рацете навлекуваше железни ракавици; врз себе навлекуваше тежок железен оклоп, и како појас опашуваше дебели вериги, а згора на тоа носеше и железен стап, на чиј што врв имаше крст.

Распоредот на неговото живеење беше следниот: На Богојавление влегуваше во пештерата целиот во тешкото железо и без да излегува остануваше до Воскресение; по Воскресение се затвораше во онаа железна ќелија и со тешките железа и доброволното темничење го мачеше своето тело, казнувајќи го како заробеник и роб, за да не предизвикува внатрешни искушенија. Во текот на светата Четириесетница воопшто не јадеше леб, туку само малку овошје и тврд двопек и тоа само во сабота и недела. А Бог му ги потчини дивите ѕверови. Една страшна мечка доаѓаше три години кај него и земаше храна од неговите раце; кај него доаѓаше и волк и тој го хранеше. Овие ѕверови никогаш не напаѓаа никого, иако на доаѓање и заминување среќаваа и луѓе и стока. Така Бог го прославуваше Својот угодник, кој Него Го славеше.

Еднаш, кога преподобниот беше затворен во бескровната железна ќелија, кај него дојде еден губав човек и го молеше да го исцели. Тој му нареди на губавиот да се соблече, зеде вода и се помоли на Бога, говорејќи: „Господи Исусе Христе, Боже наш, Ти преку пророкот Елисеј, го очисти од губа Нееман Сирјанинот, па и Самиот милостиво слегувајќи кај нас и станувајќи човек, со збор ги исцелуваше губавите. Погледни и сега на нас и на оваа вода, благослови ја и дај ѝ целебна сила, за да може да го очисти од губата овој човек, за прославување на светото име Твое.

Откако така се помоли и ја прекрсти водата, тој ја истури врз човекот. Во тој миг губавиот оздраве и си замина, фалејќи Го Бога.

Исто така, еден лепрозен презвитер по име Колириј, дојде кај светителот и само што ја префрли врз себе облеката од светителот, веднаш се исцели.

Неговата баба, блажената Елпидија, многу се радуваше гледајќи ги таквите чудеса и таквото житие на Теодор. Таа многу жени упати во богоугодниот живот и ги замонаши, оти беше многу добродетелна и го подражаваше својот внук во духовните подвизи. Кога се приближи кон својот крај, таа однапред беше известена со откровение Божјо. Дојде во последна посета да се прости со него и му го раскажа своето видение, велејќи:

- Чедо мое, светлино на моите очи, во откровение видов прекрасно момче со златеста коса, облечено во светла облека, слично на светиот великомаченик Георгиј, каков што го гледаме на иконата. Момчето ми пријде и ме распрашуваше за тебе, сакајќи од мене да го дознае начинот на твојот живот и псалмопоенијата. Јас сѐ му изложив подробно. Тој ми рече:

- Кога пеете псалми, говорете вака: Благословете го Господа гори и ридови! - потоа продолжи - голема благодат си добила жено, штом се удостои да го видиш својот внук во таквото подвижништво. И мене како негов помошник, многу ми должиш, а посебна благодарност Му должиш на Бога Творецот, Кој твојот внук го направи достоен во бројот на светите слуги Негови. Влези во покојот, зашто досега многу се трудеше.

Откако му го раскажа своето видение, блажената Елпидија му даде последен целив, и отиде во својата ќелија. Боледуваше кратко и се претстави во Господа, а преподобниот Теодор чесно ја погреба.

По погребот на блажената Елпидија, кај светителот дојде еден човек од градот Анкира, и му донесе вест дека неговата мајка умрела. Потоа го советуваше да го земе нејзиниот имот, бидејќи починала без наследник.

На тоа светителот му рече:

- Ти не ја зборуваш вистината. Мојата мајка не е мртва, Но, човекот одлучно тврдеше, изјавувајќи:

- Со своите очи ја видов мртва.

Светителот повторно му рече:

- Тоа не е вистина. Мојата мајка не е умрена, ниту ќе умре туку и сега живее, и ќе живее за навек.

И не изрази никаква загриженост за имотот што остана од неговата мајка, туку постеше цела недела за нејзината душа.

Додека преподобниот Теодор живееше во пештерата, кај него дојде црковниот економ од Илиопол Галатиски, и со солзи го молеше, говорејќи:

- Смилувај се на мене, слуго Божји. Ме снајде голема неволја. Го испратив слугата да ги собере црковните приходи, но тој, откако ги собрал побегнал. Трчав на сите страни и го барав, но не го најдов. Те молам, помоли се на Господа да открие каде е мојот слуга, зашто целиот мој имот нема да биде доволен за да и ја надоместам на црквата сумата што ја однесе мојот слуга.

Светителот му рече:

- Ако ми ветиш дека нема да го тепаш својот слуга, и нема да бараш од него ништо повеќе освен црковните пари што ги зел, Господ ќе те утеши и ќе ти го даде во раце.

Економот вети дека дури и од својот имот ќе му даде само да го врати црковното. Потоа додаде:

- Јас само тогаш ќе можам мирно да се вратам во својот дом.

Светителот му рече:

- Оди си со мир и не грижи се. Бог наскоро ќе те утеши. Економот радосен си отиде дома, а бегалецот со црковните пари, врзан со молитвите на преподобниот, застана на патот во близина на селото Никеја, и не можеше ни чекор понатаму, а мислеше дека трча. Всушност тој стоеше во место како укопан. Минувачите го препознаа, па го фатија и го одведоа кај економот. Така тој го врати црковното што го беше зел. Економот го ослободи неказнет, како што вети, и отиде кај преподобниот и му заблагодари.

Еден човек на празникот Духови кај преподобниот ја доведе својата луда жена мачена од ѓаволот. Преподобниот му запрети на нечистиот дух и тој започна да вика:

- О, маки! Зошто се лутиш на мене железождерче? јас ли сум виновен? Влегов во неа оти ме испрати магепсникот Теодос Карапос, кој живее во селото Мазамија.

А угодникот Божји му запрети со името Христово и го истера од жената.

Во истата година во месец јуни, кај преподобниот дојдоа жители од споменатото село Мазамија, и со солзи го молеа да појде во нивното село и да ги избрка од таму скакулците, кои како облак ги беа нападнале нивните ниви и градини. Преподобниот појде со нив, влезе во нивната црква и ноќта ја помина во молитва. Утредента со литија отиде во полето, зеде во раката три скакулци и се молеше на Господа за луѓето. За време на неговата молитва умреа скакулците во неговата рака. Тој Му заблагодари на Бога и се обрати кон народот:

- Деца, да се вратиме во црквата, оти Господ набрзо ќе ни се смилува. Свети Теодор отслужи божествена Литургија, и наредниот ден сите скакулци во полето беа мртви.

Кога го виде тоа гореспоменатиот магепсник Теодор Карапос, исполнет со завист кон светителот за неговата чудотворна сила, ги повика подрачните ѓаволи и им нареди да го претепаат преподобниот Теодор. Но, кога дојдоа, тие не можеа да му се приближат, бидејќи молитвата му беше постојано во устата, па чекаа да заспие. И кога заспа, благодат Божја излегуваше од него како оган и ги бркаше ѓаволите. Тогаш тие посрамени се вратија кај магепсникот, и тој започна да ги кара, велејќи:

- Навистина сте бессилни. Штом не можевте да му се приближите додека спиеше, како ќе му сторите нешто кога е буден?

Тие го уверуваа:

- Кога му се приближивме огнен пламен излегуваше од неговата уста, и не можевме да поднесеме.

Тогаш магепсникот, бесен од гнев, завист и злоба, стави во една риба смртоносен отров и му ја испрати на преподобниот како подарок. Кога дојде време да руча, угодникот Божји јадеше од таа риба, но чуван со благодатта Христова, остана неповреден. Тоа многу го восхити магепсникот Теодор Карапос и тој ја виде Божјата сила и ѓаволската немоќ. Потресен од тоа, тој дојде кај преподобниот, падна пред неговите свети нозе и со солзи ги исповедаше своите гревови. Потоа ги запали своите маѓепснички книги, се одрече од сатанските дела, го прими светото крштение, и стана верен слуга на Исуса Христа.

Кога се врати во својата обител преподобниот тешко се разболе и мислеше дека ќе умре, оти виде свети ангели околу себе. Плачеше и ридаше, говорејќи дека не е подготвен за заминување. А над него висеше иконата на светите бесплатни лекари Кузман и Дамјан. Тие му се јавија и по својот лекарски обичај, му ги опипаа жилите на рацете и меѓу себе си зборуваа дека му нема лек зашто снагата го издава. Потоа го прашаа:

- Брате, зошто плачеш и тагуваш?

Тој им одговори:

- Затоа што не се покајав и го оставам моето мало стадо.

На тоа светите лекари му одговорија:

- Сакаш ли да Го умолиме Бога да го продолжи твојот живот?

Болниот одговори:

- Ако измолите време за покајание за мене, добро ќе ми сторите и ќе добиете награда за моето покајание.

Потоа светите лекари им се обратија на ангелите и ги замолија да причекаат додека тие да појдат кај Царот и Бог, и да Го умолат за Теодор. Светите Бессребреници отидоа кај семоќниот Господ Христос, Кој некогаш му го продолжи животот на Езекија за петнаесет години и Го умолија да го продолжи животот на Теодор, па брзо се вратија. Но не сами, туку со едно момче, слично на оние ангели, само со уште посветла слава. Тоа момче им рече на ангелите:

- Оставете го Теодора, зашто Господарот наредува тој да остане во телото.

И веднаш светите ангели со пресветлото момче, се вратија на небото. А свети Козма и Дамјан му рекоа на Теодор

- Стани, брате, и внимавај на себе и на своето стадо. Милостивиот Бог ги прими нашите молитви и ти даруваше живот, за многу души да најдат спасение.

Откако го рекоа тоа, светите лекари станаа невидливи.

Кога си дојде на себе и се почувствува потполно здрав, блажениот Теодор веднаш Му заблагодари на Бога. Оттогаш со уште поголема усрдност се зафати со псалмопоенијата и постот. Со Благодатта Божја, тој правеше чудеса исцелувајќи разни болести и истерувајќи демони. Гласот за неговите чудеса бруеше на сите страни така што многумина ги оставаа своите домови и доаѓаа кај него на монахување. Многумина од исцелените остануваа кај него и служеа во манастирот. Се насобраа многу браќа, се образуваше прекрасен манастир и преподобниот Теодор стана архимандрит. Бидејќи црквата на светиот великомаченик Георгиј беше мала, преподобниот се погрижи да подигне нова, поголема црква, во име на светиот Архистратиг Михаил. Покрај црквата изгради и конаци за браќата. Својот ученик Филумен го испрати кај епископот да го ракоположи за јеромонах, па го постави за игумен на новиот манастир, а тој се повлече во безмолвие. Бидејќи во манастирот се употребуваше мермерен путир, имаше потреба да се купи сребрен. Затоа преподобниот го испрати својот ѓакон во Цариград да купи сребрен путир. Тој отиде и купи еден блескав, прекрасно изработен, но светителот не сакаше да служи со него зашто виде дека е црн и смрдлив. А пак ѓаконот го фалеше путирот дека е од чисто сребро и добро изработен. На тоа преподобниот му рече:

- И јас гледам, чедо, дека путирот е од добро сребро и добро изработен, но е осквернет со невидлива нечистотија. Ако не ми веруваш, ајде да ги приклониме колената и да се помолиме на Господа да ти ги отвори духовните очи, па ќе видиш.

Кога се помолија, не само ѓаконот туку и сите присутни браќа навистина видоа дека путирот е црн како јаглен, и се восхитија. Но, штом ѓаконот го зеде путирот во раце, тој повторно стана блескав и чист како порано. Ѓаконот го врати во Цариград кај кујумџијата од кој го беше купил, и му рече поради што преподобниот го одбива овој путир. Присетувајќи се, кујумџијата се сети дека среброто го купил од една блудница, и беше восхитен од прозорливоста на преподобниот отец, и молеше да му прости. Тој му даде друг путир за манастирот бесплатно, просејќи свети молитви за себе. Ѓаконот го донесе путирот во манастирот и им раскажа на браќата од какво сребро бил изработен оној првиот. Восхитувајќи му се на прозорливиот старец, тие Го славеа Бога.

Во тоа време селаните од селото Вузија, кое се наоѓа под Грацианопол, ѕидале камен мост во своето село; кога ваделе камења од еден рид, од дупката излегле многу демони и започнале да ги напаѓаат и мачат и луѓето и добитокот, а некои како разбојници правеле заседи крај патиштата и ги тепале минувачите. Поради тоа селаните дојдоа кај преподобниот и го молеа да дојде во нивното село и да ја тргне од нив демонската напаст. Преподобниот појде со надеж во Бога и кога се приближи до селото, демоните што беа во луѓето го почувствуваа неговото доаѓање и повикаа:

- О, неволји! О, маки! Зошто ја остави Галатија и доаѓаш овде железождерачу. Знаеме зошто доаѓаш, но нема да те послушаме како што те слушаат духовите во Галатија. Ние сме посвирепи и посилни од нив.

Преподобниот им запрети и им нареди да молчат. Утредента го собра народот, и со литија и крстови го помина селото и се качи на ридот, долго молејќи се на Бога. И сите демони што беа излегле од таму, со силата Божја повторно беа собрани таму во вид на муви, глувци и зајаци. Светителот ги врати во онаа дупка и ја запечати со крстниот знак, па нареди да ја соѕидаат со камења и земја. Така го ослободи селото Вузија од демонската напаст. На сличен начин избави и други села, краишта и куќи, напаѓани од демоните и од безброј луѓе ги истера злите духови. Од името негово демоните трепереа.

Многумина од учениците на преподобниот беа истакнати и големи луѓе во добродетелите. Меѓу нив се: блажениот Арсим, кој затворајќи се во тесна ќелија водеше живот во молчание. Земаше храна во третиот ден, и тоа малку леб и диво зелје или леќа и вода под мерка; во текот на Светата Четириесетница јадеше само во сабота и недела и тоа само сува храна. Сличен живот водеа и други двајца по име Евагриј и Андреј, чии што затвори беа во близина на Арсим. Тројцата се договорија да се поклонат на светите места во Ерусалим. Го замолија отецот да им даде благослов, и откако добија, отпатуваа. Таму ги посетија сите лаври и отшелнички манастири во околината. На Евагриј му се допадна лаврата на светиот Сава Осветени, и тој остана во неа. Поживеа свето покажувајќи дека е ученик на преподобниот Теодор. А Арсим и Андреј се вратија во Галатија кај својот духовен отец и го молеа да им даде благослов да се разделат и да појдат во различни места на подвигот молчание. Така Андреј, со благослов на отец Теодор се насели на ридот Вријана, недалеку од манастирот, а Арсим отиде во планинскиот крај Потамија, и одбра едно место далеку од населбите, за кое се зборуваше дека е живеалиште на демоните. Тука се помоли на Бога, говорејќи:

- Боже, по молитвите на мојот отец Теодор, сочувај ме мене грешниот и заштити ме од демонските заседи. Помогни ми на ова место да Ти угодам Тебе.

Потоа си направи дрвена ќелија, и презимуваше во неа. Направи еден висок столб, помина на него четириесет години во големо трпение и отиде кај Господа.

Исто така и Елпидиј, раководен од преподобниот Теодор, многу успеа во доблестите. Помина неколку години покрај својот духовен отец, и со негов благослов отиде на Исток. Се насели во близина на Синајската Гора, долго поживеа во молчание и се упокои во Господа. По него синајските отци тоа место го нарекоа Елпидиево молчание.

Но, и Леонтиј, ученик на нашиот отец Теодор, беше прекрасен маж во отшелништвото. Тој безмолствуваше, осаменички молитвено тихуваше во близина на местото Перматија. Се удостои на пророчкиот дар, и однапред ги објавуваше идните случувања. Така, тој прорече за нападите на персијците, и дека од нив ќе загине. Тоа и се случи. Тој не сакаше да излезе од својата безмолвна ќелија и беше убиен во неа од страна на персијците.

Теодор, кој се подвизуваше на гората Дракон, и Стефан крај реката Псилија, и многу други ученици на нашиот блажен отец заблескаа со добрите дела. Едни од нив живееја покрај него, а други се подвизуваа по разни пустински места.

Преподобниот Теодор повторно посака да ги посети светите места во Ерусалим. Поведе со себе двајца ученици и отпатува. Во тоа време во Палестина и во самиот Ерусалим зафати голема суша. Луѓето и животните беа во голема неволја без вода. Пресушија сите ровови и базени во кои се собираше водата. Луѓето многу Му се молеа на Бога, но дожд не добиваа, зашто таа благодат Господ ја чуваше за својот угодник Теодор, поради што и го доведе во Палестина. Имаше таму некои Галатјани кои го познаваа преподобниот Теодор, и знаеја за неговите чудеса. Тие често им зборуваа на луѓето:

- Ние познаваме еден свет отец во нашата земја, кој со една молитва може целиот свет да го исполни со дожд, како некогаш пророкот Илија.

Кога преподобниот пристигна во Ерусалим и се поклони на живототворниот дрвен Крст и животоносниот гроб Христов, го препознаа оние Галатјани и веднаш се пронесе глас за него по целиот Свет Град и по околните лаври и манастири. Радосни поради неговото доаѓање, се собраа многу монаси и целокупното свештенство околу светителот и го молеа да им биде патријарх и да измоли од Бога дожд за сувата земја. Светителот одбиваше, велејќи дека е недостоен и грешен. Но, тие говореа:

- Се надеваме, оче, дека, ако ти ги приклучиш своите молитви кон молитвите на другите отци, Бог ќе се смилува на нас и ќе ни прати дожд.

На тоа светителот им одговори:

- Нека ви биде според верата ваша!

Тогаш направија литија, и кога луѓето одеа со крстовите, светителот им рече:

- Деца, променете ја својата облека, зашто ќе накиснете. Според вашата вера Господ брзо ќе ја покаже својата милост.

Надвор од градот преподобниот нареди литијата да застане, па ги подигна рацете кон небото, започна усрдно да се моли, и веднаш од запад се појави мал облак, кој за еден час го покри целото небо. Кога светителот заврши со молитвата, нареди литијата веднаш да се врати назад, за да не накиснат. И ненадејно падна силен дожд и не престана додека не ја напои земјата. Преподобниот Теодор не сакаше поради ова чудо да го слават луѓето, па тајно го напушти градот со своите ученици и брзо се врати назад во својот Сикеотски манастир во Галатија. Во својата земја, замолуван од луѓето, тој по многу места правеше слични чуда.

На враќање од војната со Персијците војводата Маврикиј сврати кај преподобниот отец Теодор за благослов и молитви. Тогаш светителот му прорече дека наскоро ќе стане цар. Кога се случи тоа, царот Маврикиј му напиша писмо на својот пророк, просејќи молитви за себе и за целото свое царство. Во писмото беше додал да бара од него што сака. Тогаш преподобниот Теодор му испрати писмо на царот по блажениот Филумен, во кое му пишуваше да испрати жито за манастирот за да им помогнат на сиромашните што им доаѓаат секој ден. По тој повод, царот им нареди на своите настојници секоја година да даваат по шестотини гомори пченица во манастирот на Теодор. Заедно со тоа царот ѝ поклони на црквата и скапоцени садови.

Бидејќи стадото на преподобниот Теодор од ден во ден се зголемуваше и многу народ доаѓаше заради неговите молитви, благослов и исцеленија, тој ја растури црквата на светиот великомаченик Георгиј, бидејќи беше многу мала, и на чудесен начин изгради голема. На еден огромен камен му нареди од своето лежиште да прејде на друго место, и тоа се случи. А кога од блиското село Еварзија носеа негасена вар за градбата на црквата, ненадејно наиде облак и возачот на колата се уплаши од дождот да не се запали варта. Тогаш светителот со своите молитви го раздели облакот на два дела и силен дожд паѓаше од двете страни на патот а врз варта не падна ниту капка. Така дојдоа до местото каде што се градеше црквата и ја истоварија варта.

Кога се довршуваше црквата се упокои анастасиополскиот епископ Тимотеј, кој го наследи епископот Теодосиј и граѓаните отидоа кај анкирскиот архиепископ Павле и го молеа за епископ да им го назначи блажениот Теодор, архимандритот на Сикеотската лавра. Архиепископот се израдува на ваквата молба и испрати по блажениот со чест да го доведат кај него. Во тоа време преподобниот безмолствуваше во својот доброволен пештерски затвор и кога анастасиополското свештенство и граѓаните дојдоа кај него и го молеа да се согласи да им биде епископ, тој не сакаше ни да слушне. Тие насилно го отворија затворот, го ставија во архиерејската кола и со радост го доведоа во Анкира. Браќата останаа да плачат по него а тој им испрати ваква порака: „Не тагувајте браќа, туку верувајте ми дека нема да ве оставам. Ништо нема да ме раздели од вас“. Кога преподобниот Теодор стапи на епископскиот престол, еден човек видел како една огромна и необична сјајна ѕвезда слегува врз црквата и го осветлува градот и целата околина.

Преподобниот Теодор беше поставен на архијерејскиот престол како свеќа на свеќникот и го просветлуваше и восхитуваше поднебесјето со своите безбројни чудеса и восхитувачкиот живот. Често ја посетуваше својата Сикеотска Лавра, ги тешеше браќата и ја освети црквата на светиот великомаченик Георгиј, која што самиот ја подигна. Невоможно е да се опишат безбројните негови чудеса, но тој сакаше да се врати во својот манастир и многу тагуваше за своето безмолвие.

По неколку години повторно посака да ги посети светите места во Ерусалим. Зеде со себе двајца браќа од својот манастир, архиѓаконите Јован и Мартин, и отпатува. Додека ги посетуваше светите места, тој не одеше како епископ туку како обичен старец. Донесе одлука да не се враќа во својата епископија туку да остане во некој палестински манастир, оти сметаше дека поради епископскиот чин ги напуштил монашките подвизи. Отиде во лаврата на свети Сава Осветен, измоли ќелија за себе и остана во неа безмолствувајќи од Божиќ до Воскресение. Архиѓаконите го молеа да се вратат назад, но тој не ги послуша. Една ноќ му се јави во сон свети Георгиј, му даде жезол и му рече:

- Брзо врати се назад.

На тоа Теодор му одговори:

- Не можам да се вратам. Не го сакам епископството.

Маченикот му рече:

- Јас наскоро ќе те ослободам од епископството, само врати се, оти многу тагуваат по тебе.

Преподобниот Теодор со своите ученици се врати назад. Кога наближија до Галатија свратија во Друјнискиот манастир. Пред да влезат, преподобниот им рече на своите сопатници да не кажуваат кој е тој. А пак, монасите од тој манастир одамна беа слушнале за преподобниот Теодор и сакале да го видат. Тие не го познаваа и тој отседна во манастирската гостоприемница, дочекан од гостопримецот Аникита. Кога монасите ги распрашуваа учениците за старецот, тие им рекоа дека е од далечна земја. За време на вечерата, гледајќи ги учениците како јадат бидејќи беа гладни, преподобниот им рече:

- Навистина, деца, јадеме како да сме галатјани.

По кратко време го повтори истото. Тогаш Аникита си помисли во себе дека можеби овој старец е од Галатија. По вечерата тој многу ги молеше учениците да му кажат кој е всушност старецот и тие му рекоа дека е Теодор Сикеот чудотворецот, епископот Анастасиополски. Аникита веднаш отрча и ги извести игуменот Стефан и браќата. Сите се израдуваа бидејќи одамна сакаа да го видат. На утринската богослужба старецот појде во црквата и сите паднаа пред неговите нозе, му се поклонија како епископ и чудотворец и бараа благослов. На нивно барање светителот остана кај нив повеќе денови. Гласот за него се пронесе низ целата покраина и многу народ доаѓаше и тој ги исцелуваше сите.

Оттаму преподобниот отпатува во својата епископија. Извршувајќи ги своите вообичаени пастирски работи, тој размислуваше како да го напушти епископството. Тоа му го советуваше и блажениот пустиножител Антиох, кој сврати кај него при враќањето од Цариград. Блажениот Антиох беше испратен од источните покраини кај царот Маврикиј, да го моли да го заштити градот Синофрин од варварите. Антиох имаше околу сто години. Шеесет години не вкуси ни вино ни масло, а триесет години не јадеше леб туку сурово зелје со сол и оцет. Овој блажен старец преподобниот Теодор го дочека со радост, го одмори и меѓусебно се утешија со многу духовни разговори. Потоа блажениот Антиох на своите ученици им рече за Теодора:

- Во целата источна пустина не видов и не слушнав за таков Божји слуга.

Преподобниот Теодор го праша блажениот старец за совет околу неговата намера да го напушти епископството, Преподобниот Антиох го пофали и го посоветува да го стори тоа што побрзо.

По заминувањето на старецот Антиох голема жалост го снајде угодникот Божји поради неправедно одземање на црковните имоти. Згора на тоа во епископијата меѓу своите имаше потајни непријатели кои му дадоа отров и тој три дена лежеше неподвижен без глас. Во градот веќе се пронесе глас за смртта на светителот. Но, по три дена му се јави Пресвета Богородица и му соопшти дека причина за неговата болест е отровот што кришум му е даден и му кажа кој го сторил тоа. Потоа извади три зрнца од своето шамивче, му ги даде и рече:

- Изеди го ова и никакво зло нема да те снајде.

Кога ги изеде зрнцата, преподобниот си дојде на себе и се почувствува здрав. Веднаш стана и му принесе благодарност на Христа Бога и Неговата Пречиста Богомајка. Тој не ги укори своите злобни непријатели, ниту пак некому спомна за тоа, туку се помоли на Бога да не им го зема тоа за грев. А пак на светиот великомаченик Георгиј постојано му се молеше што побрзо да го ослободи од епископството како што му вети во Палестина.

Не треба да се премолчи и ова:

Во Анастасиопол постоел одреден данок, според кој секоја година од црковниот имот на архијерејот му се давало по триста шеесет и пет златника за издржување. Од таа сума преподобниот трошеше само четириесет златници а останатите ги враќаше на светата Црква. Подароците што ги добиваше ги раздаваше како милостиња.

Сакајќи конечно да го напушти епископскиот чин, тој најпрвин долго се молеше на Бога таа постапка да не му се земе за грев. И доби откровение од Бога дека Бог му допушта да го стори тоа. Тој го собра својот клир и граѓаните и им рече:

- Браќа, знаете дека вие ме оттргнавте од манастирот и ме приморавте да го примам епископскиот јарем. Јас и тогаш ви зборував дека не сум способен да управувам со епархијата, но не ме послушавте. Затоа ве молам, побарајте си пастир кој ќе ви угоди, а јас како беден црноризец ќе се повлечам во својот манастир, во кој ветив дека ќе Му служам на Бога целиот мој живот.

Го зеде со себе архиѓаконот Јован, отиде кај митрополитот анкирски, архиепископот Павле, и го молеше да постави друг епископ на негово место во Анастасиопол. Тогаш настана голема расправија помеѓу нив. Митрополитот несомнено сакаше да го ослободи блажениот Теодор од епископството, но велеше дека не може да најде човек достоен за таквата служба. Преподобниот пак одлучно остануваше на својата намера. Тогаш митрополитот ова прашање го достави на разгледување кај пресветиот патријарх Киријак и благочестивиот цар Маврикиј во Цариград. А тие, упатени од Бога, му напишаа на епископот анкирски да не го спречува угодникот Божји кој чезнее за безмолвие, туку да го ослободи.

Така ослободен од епископскиот терет и многубројните грижи и вознемирувања, преподобниот Теодор се врати во својот манастир и го продолжи својот безмолвен живот во испоснички подвизи во својата ќелија. Често служеше божествена Литургија принесувајќи Му бескрвна жртва на Бога. Овој угодник Божји се удостојуваше за време на литургисувањето да ја види благодатта на Светиот Дух, како во облик на пресветла црвена плаштаница слегува одозгора врз Светите Дарови и ги покрива. Тој му го кажа тоа на доблесниот јеромонах Јулијан, еден од своите сослужители, бидејќи тој го молеше. При секое вакво видение преподобниот се исполнуваше со неискажлива духовна веселба и неговото лице се изменуваше и просветлуваше, а јереите и ѓаконите беа запрепастени кога го гледаа божествениот блесок на неговото лице. Еднаш се случи и следното: Во храмот на светиот маченик Антиох, на самиот негов празник 16 јули, светителот Божји Теодор служеше света Литургија. Кога дојде моментот на изнесување на Светите Дарови, тој по прописот го подигна светиот Агнец во вис и возгласи: „Светињите за светиите!“ И божествениот Агнец на дискосот се подигна во воздухот самиот од себе, кренат со невидлива рака, па повторно се спушти на своето место. Ова чудо ги исполни со голем страв и восхит сите сослужители околу светата Трпеза. А преподобниот Теодор, леејќи потоци од солзи, со неискажлива радост Го прославуваше Христа Бога, Кој е вистинит во своите Пречисти Тајни.

Сакајќи да го видат преподобниот Теодор, за кого многу имаа слушано, благочестивиот цар Маврикиј и пресветиот патријарх Киријак му напишаа писмо да дојде кај нив во Цариград, за да се удостојат на неговите молитви и благослов. Светиот не можеше да се оглуши на нивниот повик, па отпатува во Цариград и од сите беше примен со огромна почит. Се задржа малку, но со силата Божја сотвори многу чудеса. На едно слепо момче му го врати видот. Подигна од одарот една раслабена жена. Многу бесомачни ослободи од насилството на ѓаволот. Крвоточива жена излекува со молитва. Губавиот син на царот, отпишан од лекарите, го очисти и исцели од губата. На бездетни сопруги со својот благослов им даруваше пород. Направи уште многу други славни дела, радувајќи ги сите со благодатта Господна и се врати во својот манастир.

Потоа по трет пат, и тоа веќе во времето на царот Фока насилникот, светителот беше повикан во Цариград од страна на пресветиот патријарх Тома, кој дојде на патријаршискиот престол по Киријак. Го повика затоа што во Галатија се случи необична работа. Во некои тамошни градови за време на носењето на литија со големи дрвени крстови, колебани од некоја чудесна и неодолива сила, крстовите се удирале еден од друг и се кршеле. Гласот за тоа чудо се пронесе насекаде. За него се слушна и во Цариград и пресветиот патријарх го повика преподобниот кај него. Кога дојде во Цариград и овојпат преподобниот чесно беше дочекан од сите како и порано. Во разговорот со него пресветиот патријарх го прашуваше за тоа чудо и што би требало да значи тоа. Свети Теодор му рече дека чудото навистина се случило, но одбиваше да одговори што означува, велејќи дека не ги знае тие непознати тајни Божји. Тогаш пресветиот патријарх падна пред неговите нозе, молејќи го. Со ваквото свое смирение го убеди старецот да го претскаже идното случување. Тогаш старецот рече: Колебањето на крстовите сами од себе, удирањето и нивното кршење, означува големи беди и разорувања кои ќе наидат на Црквата Божја, и на Византиското Царство од внатрешни и надворешни непријатели. Однадвор ќе бидат тешки нападите на варварите, а одвнатре христијаните ќе се поделат според верата и ќе се гонат едни со други, поради што многу храмови Божји ќе опустат и ќе бидат разорени. Сето тоа наскоро ќе се случи.

Патријархот многу се потресе и го молеше преподобниот да се помоли за него, Бог да му ја земе душата пред да се случи тоа, за да не ги гледа бедите што ќе наидат на Црквата. Преподобниот кратко се задржа во Цариград, во црквата на светиот Стефан. Тогаш се разболе патријархот и за својата болест му испрати вест на преподобниот, кој се беше затворил во пост и молитва, молејќи го да му ја исполни молбата. Тогаш преподобниот се помоли на Бога за неговото заминување од овој свет и му испрати вакво прашање:

- Заповедаш ли да дојдам кај тебе или ќе се видиме онаму пред нашиот Господ?

Патријархот преку пратеникот му возврати:

- Оче, не прекинувај го своето молчание. Доволно ми е што си рекол: ќе се видиме пред нашиот Господ.

Тој ден, приквечер, пресветиот патријарх Тома со радост се раздели од телото и отиде кај Господа.

По неговото претставување преподобниот Теодор се врати во својот манастир и наскоро и самиот се приближи кон својот блажен крај, откако направи многу преславни чудеса и изрече многу пророштва за иднината. Пред својот крај двапати го виде светиот великомаченик Георгиј, кој му се јави во сон. Првиот пат му се јави давајќи му патнички стап и повикувајќи го на далечен пат со него, а потоа му се јави јавајќи на коњ и водејќи и друг коњ и му рече:

- Теодоре, седни на овој коњ и ајде со мене.

Според тоа блажениот Теодор заклучи дека му претстои скорешно заминување од земјата. За тоа со радост ги извести своите ученици и изјави дека по Воскресение ќе се упокои. На умирање виде свети Ангели кои дошле да го водат и насмевнувајќи се радосно им ја предаде својата света душа. Се упокои во почетокот на царувањето на царот Ираклија, околу 613-та година. Неговото житие и чудеса ги опиша неговиот ученик Елевсиј, на кого во монаштво преподобниот му го даде името Георгиј. Георгиј кажуваше за себе дека родителите му биле долго во брак без деца. Затоа дошле кај преподобниот Теодор и го молеле со своите молитви и благослов да направи тие да добијат пород. Тој ги зел нивните појаси, ги благословил и им прорекол дека ќе имаат пород. И им се роди Елевсиј. Откако го одгледаа, тие го доведоа кај преподобниот и го предадоа да Му служи на Бога. Гој помина дваесет години покрај преподобниот и стана очевидец на неискажаните чудеса негови. Сето тоа, тој го опиша многу поопширно, но ние овде изложивме само кратко. Доволно е и толку за да го славиме чудесниот Бог, прославуваниот во неговите чудотворци, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови, амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ

ВИТАЛИЈ МОНАХОТ

Во времето на пресветиот александриски патријарх Јован Милостивиот во Александрија дојде еден монах по име Виталиј, од манастирот на преподобниот Серид. Во својата шеесетта година, тој за себе одбра такво житие, што на луѓето кои судат по надворешноста, неговото житие им изгледаше лошо и развратно, а на Бог, Кој ги гледа и испитува срцата - богоугодно и благопријатно. Неговото житие беше вакво:

Желен потајно да ги обраќа грешниците и беззакониците кон покајание, тој пред луѓето се претставуваше како грешник и беззаконик. Всушност, тој направи список на сите блудници во Александрија, и за секоја поодделно се молеше на Бога, за да ги одврати од нивниот грешен живот. Тој секој ден одеше во градот како аргатин за дневница и работеше од утро до мрак. За својот дневен труд добиваше дванаесет парички. За една паричка си купуваше грав и го јадеше на зајдисонце, а цел ден работеше постејќи. Навечер одеше во блудилиштето, и ги даваше останатите парички на некоја блудница велејќи ѝ:

- Те молам, земи ги овие пари, и оваа ноќ сочувај се чиста и не примај никого за грев.

Потоа се затвораше со неа во собата. Таа легнуваше да спие на својата постела, а тој во еден агол цела ноќ тивко се молеше на Бога, сѐ до изгрејсонце. Потоа си заминуваше заколнувајќи ја никому да не зборува за тоа. Така правеше секој ден. Секоја втора ноќ одеше кај друга блудница, сѐ додека не ги поминеше сите, па повторно започнуваше од првата.

Бог, гледајќи го таквото страдање на својот слуга, му помогна во неговата намера. Некои од блудниците посрамени од ваквата доблест на Виталиј, стануваа и заедно со него се молеа. Со своите совети тој ги поттикнуваше на покајание, претејќи им со Страшниот Суд, но и бодрејќи ги во надежта на милосрдието Божјо и насладувањето со вечните добра на небото. Обземени од страв, тие ветуваа дека ќе го поправат својот живот. Многу од нив ја отфрлаа гревовната бесрамност и стапуваа во брак; други, сакајќи да живеат во потполна чистота заминуваа во женски манастири, и ги минуваа деновите во пост и солзи; трети пак, живееја во светот безмажно и чисто, издржувајќи се од трудот на рацете свои.

Ниту една од блудниците не смееше да го обелодени целомудреното живеење на Виталиј. Но, една од нив започна да им зборува на луѓето дека Виталиј не доаѓа кај нив поради грев туку поради нивното спасение. Кога слушна за тоа, Виталиј многу се натажи, па се помоли на Бога да ја казни таа жена, за да се наплашат останатите. И веднаш, со допуштање Божјо, во жената влезе бес и таа полуде. Останатите блудници многу се уплашија од тоа и не се осмелуваа да зборуваат за светоста на Виталиј. А на полудената жена луѓето ѝ зборуваа:

- Гледаш како Бог те казни затоа што излага, велејќи дека тој црноризец не доаѓа кај вас заради блуд. Ете, сега се обелодени дека тој е блудник.

Се соблазнуваа за него сите и секојдневно го укоруваа велејќи му:

- Оди, бедниче, чекај ја онаа блудница!

И го плукаа.

А тој поднесуваше сѐ и со радост ги слушаше прекорувањата и навредите од луѓето, тешејќи се со тоа што луѓето го сметаат за таков грешник.

Еднаш додека го навредуваа, тој одговори:

- Зарем јас не сум од тело како и вие? Зарем Бог ги создаде црнорисците бестелесни? Навистина, и црнорисците се луѓе.

Други пак му говореа:

- Оче, земи си една од блудниците за жена и остави го монаштвото, за да не го срамотиш.

Тој пак, божем лутејќи се, им одговараше:

- Нема да ве послушам. Зошто да земам жена, кога ќе треба да се грижам за неа, и за децата, и за куќата, и да минувам лоши денови во грижи и труд?А зошто вие ме судите? Вие ли ќе одговарате за мене пред Бога? Гледајте си за себе, а мене оставете ме, зашто на сите ни суди судијата Бог, кој на сите ќе им даде според делата нивни.

Така преподобниот ја сокриваше својата доблест пред луѓето.

Некои од клириците го наклеветија преподобниот Виталиј кај пресветиот александриски патријарх Јован Милостив, дека тој, иако старец, го соблазнува целиот град, одејќи секоја ноќ во јавните куќи кај блудниците.

Но, пресветиот не им поверува на клеветниците, имајќи го на ум поранешниот сличен случај, кога еден целомудрен и свет инок, кој беше крстил една Еврејка, невино го казни бидејќи им поверува на клеветниците. За тоа пишува во неговото житие под 12 ноември. Сеќавајќи се на тој случај, пресветиот повика кон клеветниците:

- Престанете со осудувањето. Не осудувајте ги монасите. Не знаете ли што се случи на Првиот Вселенски Собор во Никеја, кога некои епископи и клирици предадоа меѓусебни обвинувања на царот Константин Велики? Блажениот цар без да ги прочита ги запали тие обвинувања.

Потоа додаде:

- Кога со сопствените очи би видел епископ или монах како греши, јас со својата облека би го покрил за да не го види некој друг.

Така пресветиот патријарх ги посрами клеветниците. А слугата Божји Виталиј не престануваше да се грижи за спаснието на грешните души.

Еден ден, кога преподобниот Виталиј на изгрејсонце излегуваше од јавната куќа, го сретна едно блудно момче кое одеше кај блудниците. Тоа момче силно го удри старецот по образот, викајќи:

- Беднику! Расипнику! Кога ќе се покаеш и ќе престанеш со својот нечист живот, за повеќе да не го срамотиш името Христово.

Старецот му одговори:

- Верувај, ми човече, дека и ти заради мене ништовниот ќе добиеш таков шамар по образот, што цела Александрија ќе се собере да ти помогне.

По неколку дена преподобниот Виталиј се затвори во својата многу мала ќелија што си ја беше направил крај Сончевите Порти, се пресели кај Господа, и никој не знаеше за тоа. Во тоа време на блудникот кој што му удри шлаканица на преподобниот старец, му се јави демон во облик на страшен црнец, и силно го удри по образот, велејќи му:

- Прими го ударот што ти го испрати монахот Виталиј.

И веднаш човекот побесне, падна на земјата, се тркалаше, исфрлаше пена од устата, и кинејќи ја облеката на себе, страшно викаше, така што цела Александрија се собра од неговото ужасно викање. Откако неколку часа беше мачен од бесот, тој малку си дојде на себе, па отрча кај ќелијата на Виталиј, викајќи:

- Смилувај се на мене, слуго Божји, зашто згрешив пред тебе. Силно те навредив удирајќи те по образот, но и јас, според твоето пророштво ја добив заслужената одмазда.

Викајќи така, тој трчаше следен од народот. Кога се доближи до старчевата ќелија, бесот го тресна од земјата и побегна. Кога си дојде на себе, човекот започна да им раскажува на луѓето како го удри старецот по образот и како старецот му ја прорече одмаздата. Тропаа на вратата од ќелијата на старецот, но одговор немаше, Тогаш ја скршија вратата, влегоа и го видоа старецот како клечи на колена како да се моли, а неговата света душа беше отишла кај Господа. Во неговите раце имаше хартија на која стоеше напишано: „Луѓе Александријци, не осудувајте пред време, додека не дојде Господ - праведниот Судија“.

Во меѓувреме стигна бесомачната жена која некогаш започна да ја објавува чистотата на Виталиј. Известена од Ангелите за смртта на преподобниот, таа дотрча, се допре до неговите чесни мошти, и веднаш се ослободи од бесот. И веднаш започнаа да се исцелуваат и хроми и слепи, допирајќи се до светителот. Кога слушнаа за претставувањето на преподобниот, сите жени, кои по неговите совети со покајание се обратија кон Бога, се собраа кај него со свеќи и кадилници, плачејќи за својот отец и учител. Тогаш пред целиот народ јавно ја објавија добродетелта на старецот, дека тој ни со рака не се допре до нив, туку доаѓаше за нивното спасение. Народот се лутеше на нив, велејќи:

- Зошто ја криевте од нас светоста на овој отец, та ние многу се огрешивме за него, осудувајќи го?

Жените одговорија:

- Се плашевме, зашто тој ни забрани никому да не ја кажуваме тајната. А кога една од нас започна да им ја раскажува на луѓето оваа негова тајна, веднаш побесне. Ние молчевме зашто се плашевме од таквата казна.

Народот се восхитуваше на таквиот Слуга Божји, кој сите го сметаа за развратен грешник, а всушност беше пријател Божји и чист сасуд на Светиот Дух. Срамејќи се од својата неразумност, луѓето се осудуваа себеси поради осудата на таквиот слуга Божји.

Пресветиот патријарх Јован Милостив со клирот дојде кај старецот, го виде записот за неосудувањето и чудесата што се случуваа, и им се обрати на клириците кои го клеветеа преподобниот пред него:

- Ако ви поверував и го навредев светиот старец и јас ќе добиев удар од црниот демон, како оној човек. Му благодарам на Бога што не им поверував на вашите клевети и се избавив од гревот и одмаздата.

А клеветниците и сите што го осудуваа преподобниот, многу се посрамија.

Тогаш светиот патријарх ги зеде моштите на преподобниот Виталиј пратен од граѓаните и сите покајани жени кои плачеа над него, и го погребаа чесно, славејќи Го Бога, Кој има многу тајни слуги Свои. А човекот што пострада од шлаканицата на демонот се одрече од светот и стана монах. И многумина се поправија по примерот на таквиот доблесен живот на Виталиј и се заветија да не осудуваат никого. И ние треба да се огледаме на нив, по молитвите на нашиот преподобен отец Виталиј, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК

ЛЕОНИД

Светиот маченик Леонид е татко на учениот александриски богослов и писател Ориген (185-254 г.). Пострадал за Христа во 202 година во Александрија. Најпрвин со царски указ му беше одземен целиот имот, а потоа беше осуден на смрт. Ориген му пишуваше на својот татко во темницата: „Оче, не грижи се за нас, и не одбегнувај го мачеништвото заради нас“, односно заради децата.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК

НЕАРХ

Пострадал за Господа Христа изгорен во оган.

СПОМЕН НА СРЕДБАТА НА СВЕТИОТ

АПОСТОЛ НАТАНАИЛ со ГОСПОД ХРИСТОС

Светиот апостол и евангелист Јован во своето Евангелие ни говори за средбата на свети Натанаил со Синот Божји, јавениот во тело. Натанаил беше од Кана Галилејска Јн. 21, 2). Кога Господ дојде во Галилеја, Он го најде Филипа и го повика со Себе. А Филип потоа го најде Натанаила и му рече:

- Оној за Кого пишуваше Мојсеј во Законот и Пророците, Го најдовме - Исус Синот Јосифов од Назарет.

А кога Натанаил прашуваше дали може да има нешто добро од Назарет, од Филипа доби одговор:

- Дојди и види!

Приоѓајќи да Го види Господа, Натанаил беше дочекан од Него со овие зборови: „Еве вистински Израилец во кого нема лукавство“. Во таа прилика Господ му откри на Натанаил дека како Бог ја знае целата негова тајна, а и тоа што тој го правел под смоквата. А Натанаил пред тоа под смоквата се молел на Бога. На тоа, тој, чист по срце и душа, одговори: „Учителе, Ти си Син Божји, Ти си Цар Израилев“ (Јн. 1, 44-50).

По страдањето и воскресението на Господа Христа, свети апостол Натанаил беше меѓу апостолите (Јн. 21, 2) кои Го проповедаа Воскреснатиот Господ и Неговото Евангелие, за кое на крајот и пострада.