6. Мај   (23. Април)

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ И СЛАВЕН ВЕЛИКОМАЧЕНИК

ГЕОРГИЈ ПОБЕДОНОСЕЦ

Штом седна на престолот на Римското Царство, безбожниот Диоклецијан многу се трудеше околу нечистото идолослужење. Особено многу го почитуваше Аполон, како божемен претскажувач, оти во мртвиот Аполонов кип живеел демон кој им давал одговори на прашувачите, лажно пророкувајќи за иднината, бидејќи неговите пророштва не се исполнуваа. Еднаш Диоклецијан го праша Аполон за некоја работа и доби ваков одговор од демонот: „Не можам вистински да ја претскажувам иднината зашто ми сметаат праведните луѓе на земјата, и поради нив лажат гатарските троножци во идолиштата; тие праведници ја уништуваат нашата сила“.

Потоа Диоклецијан ги распрашуваше жреците кои се тие праведници на земјата, поради кои богот Аполон не може да пророкува? Жреците одговорија: „Христијаните се праведници во поднебесјето“.

Кога го слушна тоа, Диоклецијан се разгневи на христијаните и го обнови веќе престанатото гонење против нив, веднаш испраќајќи наредба по своето царство да се убиваат праведните, невини и непорочни луѓе Божји. Тогаш ги ослободија од темниците прељубодејците, разбојниците и развратниците и ги затворија исповедниците на вистинскиот Бог. Имаше страшни призори ширум целото царство. Христијаните се ставаа на најстрашни маки, и тоа секојдневно. А кога од сите страни, а посебно од источните провинции започнаа да пристигаат извештаи до царот полни со клевети против христијаните дека не ги почитуваат царските наредби, дека ги има бескрајно многу и дека поради тоа треба да се остават на мира или да се искоренат од царството, царот ги повика во Никомидија за советување антипатите и игемоните, намесниците свои, кнезовите и велможите и целиот сенат. На тој собир царот ја изрази својата јарост против христијаните и за оваа работа побара мислење од секого посебно. По долго разговарање, царот исфрли ваков отров:

- Ништо не е почесно и попотребно од почитувањето на древните отечки богови.

Оваа негова изјава ја прифатија сите, па тој продолжи:

- Ако се согласувате со тоа и ја цените мојата љубов, потрудете се на сите можни начини потполно да ја искорените христијанската вера од царството. А за поуспешно да го сторите тоа, ви ги ставам на располагање сите сили.

Зборовите на царот беа усвоени и пофалени. Но, Диоклецијан уште два пати го свикуваше сенатот и се советуваше околу тоа. Одлуката беше донесена и народот известен за неа.

Во тоа време во римската војска се наоѓаше чудесниот војник Христов, свети Георгиј, роден во Кападокија, син на угледни и благочестиви родители. Од мал беше научен на побожност. Како дете остана сираче, бидејќи татко му маченички пострада за Христа, а мајка му заедно со него се пресели во Палестина, оти беше родум од таму и имаше огромен имот и наследство. Кога порасна, Георгиј беше многу убав и храбар. Затоа беше земен во војската, каде во својата дваесетта година стигна до чинот трибун и како старешина доби еден специјален полк. Поради покажаната храброст во битките, царот Диоклецијан го произведе за комита, за војвода, пред да се знае дека е христијанин. Тогаш имаше дваесет години и неговата мајка веќе се беше упокоила во Господа. И кога според царската крвничка наредба започнаа да ги истребуваат христијаните, Георгиј служеше кај царот Диоклецијан. Уште првиот ден виде како незнабошците ги измачуваат христијаните и дозна дека неправедната царска наредба никако не може да се промени. Тогаш заклучи дека е погодно време за спасение. Тој веднаш раздаде на сиромашните сѐ што имаше, а за имотот во Палестина напиша завет да се раздаде на сиромашните и робовите да се пуштат на слобода.

Во третиот ден царот имаше состанок со своите погани кнезови за понатамошното убивање на невините христијани. Тогаш бестрашниот свети Георгиј, утврден во стравот Божји, излезе пред царот среде тој безбожен и беззаконски собир и јуначки започна да зборува:

- До кога, о царе, и вие кнезови и сенатори, кои сте одредени да управувате според добрите и праведни закони, ќе ја исфрлате својата јарост врз христијаните и ќе донесувате неправедни закони и пресуди над невините, кои никого не навредиле? До кога ќе ги гоните и мачите тие невини луѓе и ќе ги присилувате на вашето безумно безбожие? Вашите идоли не се богови! Не се! Не залажувајте се! Христос е единствениот Бог! Он е единствен Господ во слава на Бога Отца, и сѐ стана од Него и сѐ се држи со Светиот Дух Негов.

Затоа, или сами познајте ја вистината и поучете се, или со вашето безумие не вознемирувајте ги оние што ја знаат вистината.

Сите се зачудија и погледнаа кон царот, а тој, како избезумен и од гром зашеметен, седеше молкум. Задржувајќи ја во себе лавината од гнев, тој со раката му даде знак на антипатот Магнециј да му одговори на Георгиј. Магнециј го повика Георгиј до себе и го праша:

- Кој те побуди на таква смелост и велеречитост? Светителот одговори:

- Вистината.

Магнециј го праша:

- Акоја е вистината?

Георгиј одговори:

- Вистината е самиот Христос, Кого вие Го гоните.

Магнециј го праша:

- Значи, и ти си христијанин?

Свети Георгиј одговори:

- Слуга сум на мојот Бог Христос, и надевајќи се во Него излегов пред вас, за да сведочам за вистината.

На овие зборови настана врева во советот. Диоклецијан ги замолкна преку гласникот, се загледа во светителот, го препозна и му рече:

- Јас и порано и се восхитував на твојата благородност, Георгиј. Поради твојата храброст те одликував со високи чинови. И сега, макар да не зборуваш во своја корист, сепак, поради твојот ум и храброста, како татко те советувам и ти го препорачувам она што е корисно за тебе. Не лишувај се од војничката слава и од честа на твојот чин. Со непокорноста не изложувај го цветот на својата младост на маки, туку принеси им жртва на боговите, па ќе добиеш големи одликувања од нас.

На тоа свети Георгиј му одговори:

- О царе, подобро е преку мене ти да Го познаеш вистинскиот Бог, и Нему да Му принесеш мила жртва на пофалба! Он би те удостоил на бесмртното царство, зашто твоето царство, во кое сега уживаш, е краткотрајно и брзо пропаѓа. Ништо од твоето царство не може да ја раслаби мојата побожност и никакви маки нема да ја уплашат мојата душа.

Разгневениот цар не му дозволи да доврши, и им нареди на војниците со копја да го избркаат од собранието и да го фрлат во темница. И кога едно копје се допре до светителот, веднаш железото се свитка како олово, а устата на маченикот Го фалеше Господа.

Војниците го внесоа маченикот во темницата, го положија на земјата, му ги ставија нозете во клада и голем камен на градите, зашто така нареди мачителот. Трпејќи, светителот Му благодареше на Бога сѐ до наредниот ден. Кога се раздени, царот повторно го изведе на суд, па го праша:

- Се покаја ли Георгиј, или сѐ уште си непокорен?

А светителот, бидејќи градите му беа притиснати од каменот и едвај можеше да зборува, рече:

- Зар ти мислиш, царе, дека толку сум изнемоштел, та за толку мало мачење да се одречам од својата вера. Ти ќе се измориш мачејќи ме.

Тогаш Диоклецијан нареди да се донесе тркало за мачење. Под тркалото имаше даски со големи шајки, во облик на мечеви, рогови и ножеви. Потоа нареди маченикот гол да го врзат за тркалото, па да го вртат, за острите шајки да му го искинат целото тело. Така мачен и на парчиња кинат, светителот јуначки трпеше и се молеше на Бога, не пуштајќи ни глас. Мислејќи дека умрел, царот радосно ги пофали своите богови и повика:

- Каде е твојот Бог, Георгиј? Зошто не те избави од маките?

Потоа, мислејќи дека е мртов, нареди да го одврзат а самиот отиде кај Аполоновиот жртвеник. Но, ненадејно се наоблачи, настанаа страшни грмотевици и многумина слушнаа глас одозгора, кој говореше:

- Не плаши се Георгиј, Јас сум со тебе!

Кратко потоа блесна силна и необична светлина и светол Ангел Божји со блескаво лице се појави во облик на прекрасно момче крај тркалото, ги стави рацете врз маченикот и му рече:

- Радувај се!

И никој не смееше да му пријде на тркалото додека беше присутен Ангелот. А кога тој стана невидлив, маченикот се симна од тркалото, бидејќи Ангелот го одврза и исцели, и Му благодареше на Бога.

Војниците се исплашија, па отрчаа и го известија царот, кој сѐ уште беше зафатен околу принесувањето на жртви на идолите. По нив одеше свети Георгиј, кој истапи пред царот во идолиштето. Кога го здогледа, царот првин не веруваше дека е тој, туку некој сличен на него, но маченикот му одговори:

- Јас сум Георгиј!

Сите се запрепастија и долго молчеа. Двајца од присутните претори Анатолиј и Протолеон, кои порано беа огласени во христијанската вера, кога го видоа ова чудо потполно се утврдија во Христовата вера и повикаа:

- Еден е Бог голем и вистинит - Богот христијански!

Царот веднаш нареди да ги фатат и без никаков суд да ги обезглават надвор од градот. И многу други поверуваа тогаш во Христа, но од страв, верата ја криеја во себе. И царицата Александра, која исто така се наоѓаше во тоа идолиште и го виде чудесно исцелениот маченик, ја спозна вистината. Кога сакаше јавно да Го исповеда Христа, епархот ја задржа, и пред да дознае царот, нареди да ја одведат дома.

А пак злобниот Диоклецијан, кој не можеше да твори никакво добро, нареди свети Георгиј да го фрлат во негасена вар, да го затрупаат и да го остават во неа три дена. Воден таму, светителот на глас Му се молеше на Бога, говорејќи:

- Господи, Боже мој, услиши ја молитвата на слугата Твој, погледај на мене, смилувај се на мене, избави ме од замките на непријателот, и дај ми до крај да Го исповедам светото име Твое. Господи, не оставај ме поради гревовите мои, за да не речат непријателите мои: „Каде е неговиот Бог?“ Покажи ја силата Твоја и прослави Го името Твое во мене, непотребниот слуга Твој. Мене недостојниот испрати ми го Ангелот чувар Твој. Господи, Кој Вавилонската печка во роса си ја претворил и Трите Свети Момчиња си ги сочувал неповредени, благословен си за навек, амин.

Така молејќи се и осенувајќи се со крстниот знак, Георгиј влезе во варта, славејќи Го Бога. Слугите го затрупаа и си заминаа. На третиот ден, царот нареди да се извадат од варта коските на маченикот, мислејќи дека изгорел. Кога ја растргнаа варта, слугите неочекувано го најдоа светителот здрав и неповреден. Тој стоеше одврзан со светло лице и со раце кренати кон небото, и Му благодареше на Бога за сите Негови добрини. Слугите се запрепастија и едногласно започнаа да Го величаат Богот на Георгиј, нарекувајќи го Велик.

Диоклецијан нареди веднаш да му го доведат маченикот. Додека го гледаше, тој му се восхитуваше, па го праша:

- Кажи ни, Георгиј, од каде во тебе таква сила, и со какви магии изведуваш такви работи? Мислам дека верата на Распнатиот си ја претворил во магиска вештина, за да се покажеш и да ги восхитиш сите.

Светителот му одговори:

- Царе, јас очекував дека нема да можеш ни уста да отвориш, за да хулиш на семоќниот Бог, за Кого сѐ е возможно, и на чудесен начин ги избавува од опасности оние што се надеваат во Него. А ти, прелестен од ѓаволот, толку си заблуден, што чудесата на мојот Бог, кои со свои очи ги гледаш, ги нарекуваш магии. Плачам поради вашето слепило и ве нарекувам бедници, и сметам дека сте недостојни за мојот одговор.

Тогаш Диоклецијан нареди да донесат железни чизми, одвнатре начичкани со долги клинци, да ги вжештат, да го обујат маченикот и да го бркаат сѐ до темницата. Додека го гонеа во таквите чизми, мачителот му се потсмеваше на маченикот:

- Како е Георгиј, брз тркачу! Ти трчаш многу брзо.

А маченикот си велеше во себе: „Трчај Георгиј, за да стигнеш!“ Потоа Го призиваше Бога, велејќи:

- Господи, погледни од небото и види го мојот труд. Чуј ги воздишките на твојот окован слуга, зашто се намножија непријателите мои, и ме намразија ради светото име Твое. Но, Господи, Ти сам исцели ме, оти се поместија коските мои, и дај ми трпение до крај, за да не рече непријателот мој: „Се осилив на него“.

И беше фрлен во темницата изнемоштен од раните, но беше силен со духот, зашто цел ден и цела ноќ не престануваше да Му принесува благодарност и молитви на Бога. Таа ноќ, со Божја помош беше исцелен од раните и му оздравеа нозете и целото тело.

Утредента светиот великомаченик беше изведен пред царот и целиот сенат. Царот виде дека маченикот оди како воопшто да не бил ранет, па се зачуди и го праша:

- Дали ти беа угодни чизмите, Георгиј?

Светителот му одговори:

- Да, ми беа угодни.

Тогаш царот рече:

- Не биди дрзок и смири се. Биди покорен, откажи се од магепсништвото и принеси им жртви на милостивите богови, за да не те лишиме од овој живот со страшни маки.

Свети Георгиј му одговори:

- Колку сте безумни! Силата Божја ја нарекувате магепсништво и бесрамно се гордеете со ѓаволската измама!

Диоклецијан бесно погледна, и јаросно рикнувајќи, нареди да го тепаат маченикот по устата, за да научи да не го навредува царот. Потоа заповедаше да го тепаат со воловски жили, сѐ додека парчиња од неговото тело и крв не ја покријат земјата.

Иако толку свирепо мачен, светлото лице на светиот великомаченик ни најмалку не се промени. Восхитувајќи се многу на тоа, царот им рече на присутните велможи:

- Ова не е јунаштво, ниту сила, тука магепсничко дело. На тоа Магнециј му рече на царот:

- Овде има еден вешт магепсник. Ако го повикаш, тој брзо ќе го победи Георгиј, и Георгиј ќе ѝ се покори на твојата наредба. Магепсникот веднаш беше повикан и кога излезе пред царот, овој му рече:

- Очите на сите овде присутни видоа што направи поганиот Георгиј. А како тој го стори тоа, знаете само вие што ги познавате магиите. Затоа ти, или сотри го неговото магепсништво за да ни се покори, или со магиски отров тргни го од овој живот, та тој како магепсник нека умре од магија. Поради тоа јас му дозволив да живее до сега.

Магепсникот, кој се викаше Атанасиј, вети дека ќе го стори тоа наредниот ден. Го одведоа светителот во темницата а тој се молеше цела ноќ, говорејќи: „Покажи ја Господи милоста Твоја кон мене; исправи ги стапките мои во исповедништвото Твое, и доврши го мојот тек во верата Твоја, за во сите да се прослави пресветото име Твое“.

Утредента дојдоа во судиштето и царот и магепсникот Атанасиј, кој, гордеејќи се со својата мудрост, на царот и присутните им покажуваше некакви магиски напитоци во разни садови, па рече:

- Доведете го осуденикот, па ќе го видите најразличното дејство на нашите богови, и силата на моите магии. Па зеде еден сад и рече:

- Царе, ако сакаш тој безумник да те послуша во сѐ, нека го испие овој напиток.

Потоа зеде друг сад и рече:

- Ако сакаш да види горка смрт, нека го испие ова.

Го доведоа свети Георгиј и царот му рече:

- Сега ќе бидат уништени сите твои магии.

И нареди со сила да му дадат од напитокот. Светителот со самодоверба го испи отровот, и стоеше неповреден, потсмевајќи им се на демоните. Многу бесен, царот нареди да му дадат и од смртоносниот отров. А светителот сам го зеде садот и го испи отровот. Тој не му наштети и со благодатта Божја беше сочуван од смртта. Царот и сенатот многу се зачудија, а магепсникот Атанасиј стоеше запрепастен, чудејќи се и двоумејќи се. По некое време, царот му рече на маченикот:

- Георгиј, до кога ќе не зачудуваш со твоите дела? До кога ќе ја криеш вистината? Какви се тие магиски ујдурми што ги правиш, та ништо не може да ти наштети? Кажи ни отворено, сакаме да те чуеме.

Тогаш блажениот Георгиј одговори:

- О, царе, со призивањето на Христа и силата Негова, надевајќи се во Него и тајно поучувани од Него, ние ги победуваме сите маки.

Диоклецијан го праша:

- А какво е тоа тајно поучување од твојот Христос?

Свети Георгиј одговори:

- Однапред знаејќи ја вашата злоба, Господ Христос ги научи Своите слуги „да не се плашат од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“ (Мат. 10, 28).

Потоа додаде:

„Ни влакно од главата ваша нема да загине, и ако нешто смртоносно испиете нема да ви наштети“ (Лк. 21, 18, Мк. 16, 18). Чуј царе, Неговото ветување Он го изрази со зборовите: „Кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши“ (Јн.14,12).

Диоклецијан праша:

- А кои се тие дела што ги нарекувате Негови?

Светителот одговори:

- Слепи да прогледуваат, губави да се очистуваат, хроми да проодуваат, глуви да слушаат, нечисти духови да се истеруваат, мртви да воскреснуваат. Овие дела и делата слични на нив се Христови дела.

Тогаш царот се обрати кон магепсникот Атанасиј со прашањето:

- Ти што велиш на ова?

Атанасиј одговори:

- Се чудам, како овој ѝ се потсмева на твојата кроткост зборувајќи лаги и се надева дека ќе се извлече од твоите моќни раце. Зашто ние, иако секојдневно уживаме во многубројните добрини на нашите бесмртни богови, сѐ уште не видовме да воскреснат мртовец. А овој човек, надевајќи се во мртовец, и сметајќи го Распнатиот за Бог, бесрамно тврди дека Распнатиот е творец на големи дела. Но, бидејќи пред сите тврди дека неговиот Бог е творец на такви чудеса, и дека оние што веруваат во Него добиваат ветување од Него и тие да творат дела кои Он самиот ги творел, тогаш нека воскресне мртовец пред тебе, царе, и пред сите нас, па и ние ќе Му се покориме на неговиот Бог, како семоќен. Ете, недалеку одовде има еден гроб, во кој пред неколку дена е погребан мртовец, кого јас го познавам. Ако Георгиј го воскресне, тогаш вистински ќе нѐ победи.

Царот се зачуди на таквиот предлог од Атанасиј. А пак оној гроб беше голем и се наоѓаше на половина стадиј оддалеченост. Царот му нареди на маченикот да го воскресне мртовецот, и на тој начин да ја покаже силата на својот Бог. Антипатот Магнециј го замоли царот да го ослободи Георгиј од оковите, па му рече:

- Георгиј, сега покажи ги чудесните дела на твојот Бог, па ќе нѐ приведеш кон Неговата вера.

Светителот му одговори:

- Мојот Бог, Кој од ништо створил сѐ, има моќ, преку мене слугата Свој, да го воскресне тој мртовец. Но, вие, бидејќи умот ви е помрачен, не можете да ја сфатите вистината. Но, заради присутниот народ мојот Бог ќе го направи тоа што вие како искушувачи го барате. Само немојте да го препишувате тоа на магиите. Ете, магепсникот што го повикавте, тврди дека никаква магија ниту сила на било кој бог, никогаш не успеала да воскресне мртовец. А јас пред очите на сите ќе го повикам мојот Бог.

Го рече тоа, ги преклони колената и долго со солзи Му се молеше на Бога. Потоа стана и повторно громогласно се помоли на Бога, говорејќи:

- Боже на вековите, Боже на милоста, Боже на сите сили, Боже семоќен, Господи Исусе Христе. Ти не ги посрамуваш оние што се надеваат во Тебе. Во овој час услиши ме и мене смирениот слуга Твој, Ти Кој си ги услишувал своите свети апостоли на секое место во сите чудеса и знаци: воскресни го мртвиот од гробот, на посрамување на оние кои Те отфрлаат, а во слава Твоја и на Твојот Отец и Пресветиот Дух. О, Господи, покажи им на присутните дека си Ти единствен Бог на целата земја, за да Те познаат Тебе, семоќниот Господ и сите да увидат дека сѐ Ти се покорува. Зашто Твоја е славата за навек, амин.

Кога изговори „амин“, настана силна бучава, земјата се затресе и сите се преплашија. Надгробниот споменик падна на земјата, гробот се отвори, мртовецот стана жив и излезе од гробот, додека сите присутни го гледаа тоа и премреа од страв. Потоа настана голема врева меѓу народот. Многумина се радуваа и Го фалеа Христа како голем Бог. А царот и оние со него, исполнети со ужас и неверие, најпрвин говореа дека Георгиј како голем магепсник не го воскреснал мртовецот од гробот, туку некој дух и привидение, за да ги прелаже гледачите. А кога потоа увидоа дека тоа не е привидение туку човек кој навистина воскресна од гробот и го призива името Христово, се насобраа околу Георгиј, многу збунети и избезумени. Не знаејќи што да прават, тие молчеа. А пак Атанасиј, притрча, падна пред нозете на светителот и исповедаше дека Христос е семоќен Бог. Тој го молеше маченикот да му ги прости гревовите што ги сторил во незнаење.

По некое време Диоклецијан нареди народот да се смири и започна да зборува:

- Луѓе, ја гледате ли измамата? Ја видовте ли расипаноста и лукавството на овие магепсници? Овој најбезбожен Атанасиј не му даде отров на Георгиј, туку друг пијалок кој му помогна да нѐ прелаже, зашто тие, жив човек со своите чинови претставија како мртовец, па божем Георгиј го воскресна од мртвите.

Откако го рече тоа, царот нареди без никакво иследување да им ги отсечат главите и на Атанасиј и на човекот што воскресна од мртвите, а свети Георгиј да го држат во темницата окован, додека не ги уреди државните работи и смисли што ќе прави со него.

Додека светиот великомаченик беше во темницата, кај него доаѓаа оние што поради неговите чудеса поверуваа во Христа. Тие со злато ги потплатуваа стражарите на темницата, паѓаа пред нозете на светителот и се поучуваа во светата вера. А болните меѓу нив свети Георгиј ги исцелуваше со призивањето на името Христово и крстниот знак. Меѓу нив имаше и еден човек по име Гликериј, прост земјоделец. Нему волот му падна во провалија и цркна. Штом слушна за светителот, Гликериј отрча кај него, плачејќи за својот вол. А светителот се насмевна тивко и рече:

- Брате, оди си со радост, зашто мојот Христос го оживеа твојот Вол.

И тој, искрено верувајќи им на зборовите на маченикот, си отиде и го затекна волот жив, како што му рече светителот, па веднаш се врати назад. Итајќи низ градот, тој силно викаше:

- Навистина е голем Богот христијански!

Но, војниците го фатија и го известија царот за него. Гневниот Диоклецијан не сакаше ни да го види Гликериј, туку нареди веднаш да му ја отсечат главата надвор од градот. А Гликериј како на празнување иташе во смрт за Христа и на висок глас Го призиваше Христа Бога, молејќи Го, неговата пролиена крв да му ја смета за крштение. Така Гликериј го заврши својот живот.

Во меѓувреме некои сенатори го известија царот дека Георгиј од темницата го буни народот, зашто многумина одвраќа од боговите, ги приведува кон Распнатиот и чудотвори со магепсништво, та сите трчаат кај него. Му предложија повторно да го изведе на суд, па ако не се покае веднаш да го осуди на смрт. Царот го повика антипатот Магнециј, па му нареди за наредниот ден да подготви судница кај Аполоновото идолиште, за јавно да му суди на маченикот. Таа ноќ, молејќи се во темницата, свети Георгиј задрема и во сонот Го виде Господа, Кој го прегрна и целиваше, па му стави венец на главата, говорејќи:

- Не плаши се, туку биди храбар, зашто ќе се удостоиш да царуваш со Мене! Не малаксувај, туку што побргу дојди кај Мене, за да го примиш тоа што ти е подготвено.

Откако се разбуди и радосно Му заблагодари на Бога, светителот го повика кај себе стражарот, и му ја упати оваа молба:

- Една милост молам од тебе, брате. Дозволи мојот слуга да дојде кај мене. Имам нешто да му кажам.

Стражарот дозволи. Влезе слугата кој неотстапно стоеше пред темницата и многу внимателно ги запишуваше делата и зборовите на светителот, му се поклони до земја на својот господар кој беше во окови, и распростен крај неговите нозе на земјата, плачеше. Но, светителот го подигна, му нареди да биде весел, му го раскажа своето видение и му рече:

- Чедо, наскоро Господ ќе ме повика кај себе. По моето заминување ти земи го моето тело со мојот завет што го напишав пред мојот подвиг, однеси го во мојот дом во Палестина, и изврши сѐ што сум заветил. Притоа имај страв Божји и непоколеблива вера во Христа.

Слугата вети, и по многу плачење светителот го прегрна и го отпушти.

Пред изгрејсонце царот седна во судницата и, прикривајќи го својот гнев, започна кротко да му зборува на маченикот:

- Зарем не мислиш, Георгиј, дека сум исполнет со човекољубие и милост, кога имам толку сочувство за тебе? Сведоци ми се сите богови, дека ја штедам твојата младост поради убавината, паметта и храброста кои цветаат во тебе. Јас сакам да царуваш заедно со мене и да бидеш втор според почестите, ако им се поклониш на боговите. Кажи ни што мислиш за тоа.

Свети Георгиј му одговори:

- Царе, кон мене требаше да бидеш милостив порано, а не страшно свиреп.

Царот веднаш изјави:

- Ако сакаш да ми се покориш како на татко, јас ќе ти возвратам со големи почести за сите маки што ги поднесе.

Свети Георгиј му одговори:

- Ако се согласуваш, о царе, ајде да појдеме во храмот, да ги видиме боговите кои вие ги почитувате.

Царот веднаш стана, и многу радосен, со целиот сенат и народот отиде во Аполоновиот храм, водејќи го со себе и свети Георгиј. Кога влегоа во храмот жртвата беше подготвена, настана штама, и сите погледи беа вперени во маченикот, убедени дека ќе им принесе жртва на боговите. Светителот му пријде на кипот, ги испружи рацете кон него и го праша како да е жив: - Ти ли сакаш да ти принесам жртва како на Бог? - и се прекрсти кон идолот.

Тогаш демонот што живееше во идолот повика: - Не сум Бог, не сум! И сличните на мене не се богови. Единствен Бог е Оној, Кого ти Го проповедаш. Ние од Ангелите што Му служеа Нему станавме отпадници, и обземени со завист ги лажеме луѓето.

На тоа светителот му рече:

- Тогаш како се осмелувате да останете тука, кога дојдов јас, слугата на вистинскиот Бог?

Кога го рече тоа, од идолот започна да излегува некаков шум, звук и плачлив глас. Потоа ненадејно испопаѓаа сите идоли и се разбија, а жреците и народот како бесни се нафрлија врз светителот и тепајќи го викаа:

- Погуби го овој магепсник, погуби го додека тој не нѐ погубил! Додека метежот траеше и гласот за тоа бруеше по целиот град, царицата Александра, која дотогаш беше потајна христијанка, не можеше повеќе да крие, туку поита кон народната врева, го здогледа окованиот маченик и силно повика:

- Боже Георгиев, помогни ми, зашто единствено Ти си семоќен.

А кога вревата се смири малку, Диоклецијан нареди да го доведат маченикот пред него. Многу бесен, тој силно викна кон него:

- Со таква ли благодарност ми возвраќаш за мојата милост, погана главо?

Свети Георгиј му одговори:

- Јас така ги почитувам твоите богови, безумен царе. Засрами се веќе еднаш своето спасение да го препишуваш на богови кои не можат самите да си помогнат, ниту присуството на слугите Христови да го поднесат.

Додека светителот зборуваше, пристигна царицата Александра, смело исповедајќи го Христа Бога. Таа падна пред нозете на маченикот, и плукаше на безумието на мачителот, грдејќи ги боговите и проколнувајќи ги оние што им се поклонуваат. А царот, избезумен од преголемото запрепастување што ја виде својата сопруга како бестрашно Го слави Христа и припаѓа пред нозете на светителот, ја праша:

- Што ти се случи, Александро, та си се прилепила за овој магепсник и така бесрамно се одрекуваш од боговите?

Но, таа се сврте од него и не му даде никаков одговор. Тој уште повеќе се разјари и не сакаше повеќе да ги испрашува ниту Георгиј ниту царицата, туку веднаш и на двајцата им изрече смртна пресуда, велејќи:

- Наредувам, со меч да биде обезглавен Георгиј, кој изјави дека е галилеец и многу хулеше на боговите и на мене, заедно со царицата Александра, која ја упропасти Георгиј со магии, и која исто како и тој, безумно ги навредуваше боговите.

Тогаш војниците го зграбија окованиот маченик, го поведоа надвор од градот, влечејќи ја со нив и благородната царица. Усрдно следејќи го, царицата се молеше на Бога шепотејќи, и често во небо погледнувајќи. Но, по патот малакса и замоли малку да седне. Кога седна, ја приклони главата до зидот и го предаде својот дух на Господа.

Маченикот Христов Георгиј Го прослави Бога поради тоа. Кога стигнаа на губилиштето, тој со висок глас започна да се моли: „Благословен си, Господи Боже мој, што не дозволи со заби де ме растргнат оние што ме бараа, и што не ги израдува моите непријатели заради мене, и што душата моја ја избави како птица од ловечка замка. Услиши ме и сега, Господи, и биди крај мене во овој последен час. Избави ја мојата душа од лукавствата на воздушниот кнез, големиот борец, и од неговите нечисти духови. Оние што во своето незнаење ми согрешија, не земај им го за грев, туку дај им прошка и љубовта Твоја, за и тие да Те познаат и така да добијат удел во царството Твое со избраниците Твои. Прими ја и мојата душа со оние што Ти угодиле од памтивека, не земајќи го во обзир тоа што ти го согрешив свесно или несвесно. Сети се, Господи, на оние што Го призиваат Твоето величествено име, зашто Си благословен за навек, амин“.

Помолувајќи се така, свети Георгиј радосно ја преклони својата глава под мечот и беше обезглавен на 23 април, во 303-та година. Сочувувајќи ја верата чиста, тој го доби венецот на правдата.

Таква е славата на големите подвизи на храбриот војник; подвизувајќи се така, тој се удостои на непропадливиот и вечен венец. По неговите молитви да се удостоиме и ние во уделот на праведниците и стоењето од десната страна во денот на второто доаѓање на нашиот Господ Исус Христос, на Кого му доликува секоја слава чест и поклонение низ сите векови, амин.

ЧУДЕСАТА НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК

ГЕОРГИЈ

Во Сирискиот град Рамел се градеше камена црква во име на светиот великомачник Георгиј. Бидејќи во тој крај немаше камења од кои би се изработиле црковни столбови, таквиот камен се довезуваше од далечните прекуморски земји. Затоа многу богољубиви граѓани отидоа во прекуморските земји да купат камени столбови. Отиде и една благочестива вдовица, полна со усрдие и вера спрема светиот великомаченик Георгиј, сакајќи од својата сиромаштија да купи еден столб за светителот. Во една прекуморска земја таа купи прекрасен столб и го довезе на морскиот брег, каде богатиот римски градоначалник ги товараше во бродот неколкуте столбови што ги беше купил. Жената го замоли да го прими на бродот и нејзиниот столб, но тој ја одби и отплови. Тогаш жената падна ничкум на земјата, плачејќи и призивајќи го на помош светиот великомаченик, да ѝ помогне нејзиниот столб да биде одвезен во неговата црква во Рамел. Тагувајќи и плачејќи, таа заспа и во сонот ѝ се јави свети Георгиј како војвода на коњ, ја подигна од земјата и ѝ рече:

- Зошто тагуваш, жено?

Таа му ја кажа причината за својата тага и виде како светителот се симна од коњот и ја праша:

- Каде сакаш да го поставиш столбот?

Таа му одговори:

- На десната страна од црквата.

И светителот веднаш со својот прст напиша на столбот: „Овој вдовичин столб да биде поставен на десната страна од црквата, зад првиот столб, за да биде втор“. Па ѝ рече на жената:

- Ти самата помогни ми.

И кога и двајцата се фатија за столбот, каменот стана лесен и тие го фрлија во морето.

Таков сон виде жената. И кога се разбуди не го најде столбот. Надевајќи се во Бога и во светиот великомаченик, таа тргна на пат кон својот дом. Но, пред нејзиното доаѓање во Рамел, и пред да доплови бродот, утредента нејзиниот столб веднаш се најде на пристаништето во Рамел. Кога стигна градоначалникот со своите столбови, го здогледа столбот на вдовицата и на него зборовите испишани од светиот великомаченик, кои се беа врежале во тврдиот камен и многу се зачуди. Го сфати чудото што го стори светителот, го увиде својот грев, се каеше што ја одби нејзината молба и со многу молитви бараше прошка од великомаченикот. И доби простување од свети Георгиј, кој му се јави во видение. Столбот на вдовицата беше поставен на местото што го одреди светителот, според желбата на жената.

По многу години со Сирија завладеаја Сарацените и во градот Рамел, во споменатата црква на светиот великомаченик Георгиј се случи следното чудо:

Еден угледен Сарацен влезе со другите Сарацени во црквата за време на богослужбата и кога ја виде иконата на свети Георгиј и како свештеникот се моли и чита молитви пред неа, им рече на своите пријатели на сараценски јазик:

- Гледате ли што прави овој безумник? Се моли на даска. Ајде донесете ми лак и стрела, да ја застрелам таа даска.

Тој го затегна лакот, но стрелата не полета кон иконата туку во висина, па се спушти и се зари во неговата рака. Сараценот веднаш ја напушти црквата и си отиде во својот дом. Раката сѐ посилно го болеше и многу му отече, така што личеше на мев, а тој горко лелекаше од неподносливите болки. Ги повика своите робови христијани, им раскажа што стори, па праша:

- Зарем онаа икона има сила да направи така да се разболам?

Робовите му одговорија:

- Ние не сме учени и не знаеме што да ти одговориме, туку повикај го свештеникот, па тој ќе ти каже сѐ.

Кога дојде свештеникот, тој го праша:

- Сакам да знам каква сила има онаа даска или икона, пред која се молеше ти?

Свештеникот одговори:

- Јас не се поклонував на даската туку на мојот Бог, Создателот на сите, а го молев светиот Георгиј, изобразен на даската, да биде мој посредник пред Бога.

Варваринот го праша:

- А што ти е тој Георгиј, ако не е ваш Бог?

Свештеникот одговори:

- Свети Георгиј не е Бог, туку слуга на Бога, нашиот Господ Исус Христос. Тој бил човек исто како нас, само претрпел многу маки од незнабошците, кои го приморувале да се одрече од Христа. Откако тие маки јуначки ги претрпел и славно го исповедал името Христово, тој добил благодат од Бога да прави чудеса. А пак, ние, ја почитуваме неговата икона и како да гледаме во него самиот, му се поклонуваме и го целиваме. Така правиш и ти по смртта на своите родители и мили браќа. Ја држиш нивната облека пред себе, плачеш и ја целиваш како да ги имаш пред своите очи самите нив. И ние, значи, ги почитуваме светите икони, не како богови, туку како изобразени слуги Божји, кои чудотворат преку своите икони. Ете, и тебе ти се случило да ја спознаеш силата на светиот маченик, кога си се дрзнал да ја упатиш стрелата кон неговата икона. Тоа се случило за поука на другите.

Тогаш Сараценот рече:

- Што да правам? Ја гледаш мојата отечена рака, речиси умирам.

Свештеникот му рече:

- Ако сакаш да оздравиш, порачај да ти донесат икона на светиот великомаченик Георгиј, постави ја над твојот одар, намести кандило пред неа, припали го, нека гори цела ноќ, и наутро земи елеј од кандилото, премачкај ја болната рака и верувај дека ќе оздрави.

Сараценот веднаш постапи така, и кога утредента ја премачка својата болна рака со елејот од кандилото, болките веднаш престанаа и раката му оздраве.

Восхитен и израдуван од ваквото чудо, овој Сарацен го праша свештеникот дали во неговите книги пишува за свети Георгиј. Свештеникот го донесе Житието и страдањето на светиот великомаченик Георгиј и започна да чита. Сараценот слушаше внимателно, држејќи ја иконата, и на светителот како на жив му зборуваше:

- О, свети Георгиј! Ти си млад, а си бил паметен; јас сум стар, но сум безумен. Ти како млад си Му мил на Бога, а јас како стар сум лишен од Бога. Те молам, моли го твојот Бог за мене, и јас да станам Негов слуга.

Потоа, прегрнувајќи ги нозете на свештеникот, го молеше да го крсти. Свештеникот не сакаше, оти се плашеше од Сарацените. Но, на неговото упорно настојување се согласи и тајно го крсти. А кога осамна, новокрстениот Сарацен појде, и сред град, пред сите, велегласно Го проповедаше Христа, вистинскиот Бог, а сараценската вера ја проколнуваше. Веднаш се насобра многу народ, па Сарацените се нафрлија врз него и го исекоа на парчиња. Така, овој Сарацен за кратко време го изврши подвигот на исповедништвото и доби маченички венец, помаган со молитвите на светиот великомаченик Георгиј.

На островот Митилина имаше славна и огромна црква на светиот великомаченик Георгиј. Жителите на овој остров имаа обичај секоја година да се собираат во црквата и свечено да го прославуваат празникот на светителот. За тоа дознаа Агарјаните на островот Крит, и една година ја нападнаа црквата. Луѓето се разбегаа, а оние што ги затекнаа во црквата, агарјаните ги врзаа и ги одведоа во ропство. Меѓу заробените имаше и едно момче, кое што го поклонија на агарјанскиот кнез на Крит.

Кога измина една година и дојде празникот на свети Георгиј, родителите на ова момче, иако лишени од синот, не го оставија обичајот: секоја година за празникот на светителот одеа во неговата црква, и во својот дом приредуваа изобилен ручек во чест и спомен на свети Георгиј. И кога поканетите започнаа да доаѓаат на ручек, мајката на заробеното момче повторно отрча до црквата која беше во близина, и падна ничкум на земјата, плачејќи и молејќи го светителот како знае да ѝ го спаси синот од ропството. И беше услишана од брзиот помошник. По завршувањето на молитвата, таа се врати во својот дом. Гостите седеа на трпезата. Нејзиниот сопруг најпрвин го призва името на светиот великомаченик Георгиј, величајќи ја неговата помош и застапништво пред Бога, и потоа започна да ги служи гостите, а послугата со виното стоеше подготвена. Во тој момент, и нивниот син, спасен од ропството од страна на свети Георгиј, се појави пред нив држејќи во раката чаша со вино и давајќи ја на мајка си. Во тој момент момчето му прислужувало на трпезата на агарјанскиот кнез на Крит. И само што беше налеало вино во чашата и беше спремно да ја пружи кон својот господар, тоа, пренесено во тој час, се најде во својот дом во Митилина, со чаша полна со вино. Кога го здогледаа, гостите се запрепастија и прашуваа каде било, од каде дошло и како се нашло пред нив. Момчето им одговори:

- Оваа чаша ја наполнив со вино за да му ја дадам на кнезот, но во тој момент ме дофати еден пресветол човек качен на коњ, ме стави пред себе на коњот, и јас со едната рака ја држев чашата, а со другата се држев за неговиот појас и како што гледате се најдов овде.

Сите се восхитуваа на ова преславно чудо, станаа и Му благодареа на Бога и на Неговиот угодник, светиот великомаченик Георгиј.

Чудо, слично на ова, раскажа монахот Козма. Во времето на византискиот цар Василиј - вели монахот Козма - кога бев млад, на војводата кај кого што служев, царот му нареди да оди на островот Кипар. На Кипар слушнавме за чудото на светиот великомаченик Георгиј, кое за време на неговиот празник се случило во неговата црква. Тамошните жители ни раскажаа како синот на свештеникот, кој служел при црквата на светиот Георгиј, бил одведен во ропство од Сарацените, па сега на самиот празник се нашол покрај својот татко во црквата, за време на Литургијата. Тогаш војводата го повика кај себе свештеникот и неговиот син, и го распрашуваше синот како се вратил назад. Момчето започна да раскажува:

- Како што Бог сакал, така свети Георгиј ме ослободил. Јас пак, не знам како дојдов. Само знам дека бев во ропство веќе трета година. Ме заробија кога мојот татко ме испрати на пазар на коработ на кој имаше и други луѓе, но нѐ нападнаа Сарацените и сите нѐ заробија. Мене ме одведоа во Палестина, и таму му служев на мојот господар Сарацен, три години. Еве денес е осумнаесеттиот ден откако мојот господар ми нареди да му го однесам приборот за капење во јавната бања. Господарот ме праша:

- Ми донесе ли опсим за да пијам?

Јас му одговорив:

- Не донесов, господару.

Тогаш тој полета за да ме тепа, а јас побегнав дома кај господарката, зедов опсим и веднаш се вратив кај господарот. Патот водеше покрај христијанската црква, во која во тоа време се служеше света Литургија. Јас слушнав како после входот се пее кондакот на свети Георгиј: „Воздјелан од Бога показалсја јеси...“, а беше празникот на свети Георгиј. Кога го слушнав тоа пеење, јас горко заплакав, велејќи: „Свети великомачениче Георгиј, зарем не му беше пријатна на Бога и на тебе ниту една воздишка на мојот татко? Зарем си ги презрел неговите солзи и молитви, што тој Ти ги принесува во твојата црква за мене, за да ме спасиш од робувањето?“ Зборувајќи така јас дотрчав во бањата. Кога ме виде расплакан, мојот господар започна да ме тепа и ми рече:

- Налеј ми!

Јас му налеав опсим во чашата.

А господарот нареди:

- Долиј топла вода!

И кога го зедов садот со топлата вода, јас престанав да го гледам мојот господар и повикав:

- Господару не гледам!

Некоја сила ме подигна од земјата и јас повеќе не слушав што зборува мојот господар, туку слушав како се пее песната: „Един свјат, един Господ, Исус Христос, во славу Бога Отца, амин“. И се видов себе си во олтарот, и како мојот татко го држи светиот путир и му вели на црковникот:

- Дајте ја топлотата (односно топла вода).

И јас, стоејќи пред него со садот топла вода, посакав да налеам во светиот путир. А мојот татко, кога ме здогледа го праша црковникот:

- Кое е ова момче?

Црковникот му одговори: - Не знаеме кое е и од каде е.

А јас бев потстрижан, и облечен во сараценска облека, па му реков на татко ми:

- Не ме познаваш ли, оче? Јас сум твојот син Филотеј.

Мојот татко ми рече:

- А зошто се во твоите раце таа чаша и тој сад и што има во нив?

Јас му одговорив:

- Во чашата има опсим, а во садот топла вода. Јас му служев на мојот господар близу Ерусалим, и во моментот кога сакав да му го дадам пијалокот, се најдов крај тебе во црквата.

Запрепастен, мојот татко затрепери и за малку не го испушти светиот путир од рацете. Толку се беше заборавил. А јас ги испуштив чашата и садот, па го фатив мојот татко за раката и му реков:

Не вознемирувај се, оче, веќе заврши службата.

Тогаш тој го стави путирот на светата трпеза, ги подигна рацете кон небото, Му изнесе благодарност на Бога и му оддаде пофалба на светиот Георгиј. А чашата што ја испуштив на мермерот не се скрши, ниту пак се проли; исто така и садот со топла вода. Откако ја заврши службата, мојот татко ме прегрна, ме целиваше со солзи, па си појдовме дома. Кога се расчу дека сум дошол, се собраа сите роднини и соседи во нашиот дом, ми се радуваа и Го прославуваа Бога и Неговиот слуга свети Георгиј, кој за миг ме избави од Сарацените.

Кога ја слушнаа ваквата повест за синот на свештеникот, војводата и сите со него Го прославија Бога и светиот Георгиј, им дадоа многу дарови и ги отпуштија момчето и неговиот татко.

Слично на претходните чудеса е и следното чудо на светиот великомаченик Георгиј:

Во Пафлагонија во градот Амастрид, живееше еден човек по име Леонтиј, со својата сопруга Теофана. И двајцата имаа голема вера и усрдие спрема светиот великомаченик Георгиј. Постојано одеа во неговата црква недалеку крај реката Партениос, поради што и црквата на светиот великомаченик беше наречена Партенија. Таа црква тие ја украсија од ѝубов спрема светиот Георгиј, кого го сметаа за свој покровител, хранител и заштитник. Секоја година тие чесно го прославуваа празникот на маченикот. Даваа многу милостиња, приредуваа богати трпези за ништите, бедните и туѓинците, а и за соседите и роднините. Па и својот син единец го нарекоа Георгиј.

Во тоа време царуваше Константин Седми, синот на Лав Мудриот и кога избувна војната Леонтиј како офицер беше веќе стар, па затоа во војната го испратија својот син, но претходно тој и Теофана го одведоа во гореспоменатата црква и молејќи се пред иконата на светиот великомаченик Георгиј велеа:

- Тебе, свет Великомаченику, ти го доверуваме нашиот син единец. Биди му чувар во војната и врати ни го жив и здрав, та имајќи го твоето доброчинство како плод на нашата вера, со многу добри дела да ја прославуваме твојата грижа за нас и твојата заштита.

Откако така се помолија, го испратија својот син во војната. Но, нивната војска беше победена, а Георгиј одведен како заробеник.

Кога слушнаа дека нивната војска е победена и синот не им се враќа, тие неутешно плачеа, мислејќи дека загинал во војната. Паѓаа пред иконата на великомаченикот и низ солзи го прашуваа зошто ги презрел нивните молби. Неговата мајка непрестајно плачеше и лелекаше секој ден.

Откако поминала зимата и се приближи празникот на светиот великомаченик Георгиј, Леонтиј и Теофана, иако очајни поради својот син, не го оставија празникот на светиот Георгиј, туку според својот обичај подготвија богата трпеза. По Божјата служба, за време на ручекот се разговараше само за Георгиј. А пак нивниот син, во ропството беше готвач кај својот господар, и во тој ден се сеќаваше на своите родители и нивното празнување, па се мислеше:

- Каква трпеза подготвиле моите родители? Какво е сеќавањето за мене? Дали ме сметаат за жив?

Момчето со солзи размислуваше така, а кога дојде време за ручек, требаше да однесе пред господарот некое јадење во грне. Ги избриша солзите, го зеде од огнот вжештеното грне и го понесе. Во тој момент се најде во домот на своите родители, стоејќи пред трпезата. Сите се запрепастија, а родителите мислеа дека гледаат привидение. Кога видоа дека е вистина, започнаа да го прегрнуваат и да плачат од ваквата неочекувана и неизмерна радост. Плачеа и сите присутни и го распрашуваа Георгиј како останал жив, каде бил и како се нашол дома. Тој им раскажа сѐ што му се случило, и им рече дека штом го зел грнето и влегол во собата на господарот, здогледал еден војник на коњ, кој го зел и го оставил овде.

Многу радосни, сите Му благодареа на Бога и на светиот великомаченик Георгиј, и јадеа и од јадењето во грнето. И се случи второ чудо. Колку повеќе јадеа од она грне, толку повеќе се множеше јадењето во него. А грнето беше мало, доволно за еден оброк, а пак гостите многу. И сите јадеа и Го прославуваа Бога, Потоа грнето го дадоа во црквата на светиот великомаченик Георгиј, каде го чуваа меѓу светите црковни садови како спомен на преславното чудо на светиот великомаченик Георгиј.

Таа стародревна црква на почетокот беше многу мала и со текот на времето пред распаѓање, и немаше кој да ја поправи и обнови или пак нова да изгради, зашто тамошните жители беа многу сиромашни. Така, таа црква опусте, но во неа се случи чудо. Таму се собираа децата и си играа, а меѓу нив имаше едно дете кое останатите деца постојано го победуваа во игрите и го исмеваа. Тоа му здодеа на момчето, па еднаш додека играа погледна кон црквата на светиот Георгиј и рече:

- Свети Георгиј, помогни ми и јас еднаш да победам во играта, па ќе ти донесам добар колач во црквата.

И веднаш тоа момче ги победи децата и тоа повеќе пати. Потоа отиде кај својата мајка и кажа дека му ветил на свети Георгиј колач на дар, и ја замоли да го направи, за да го исполни своето ветување. Чедољубивата мајка подготви прекрасен колач и му го даде на својот син. Момчето онака врел го однесе во црквата, го положи пред олтарот, се поклони и си замина.

Во тоа време четворица трговци минуваа покрај црквата, па свратија да му се поклонат на светиот Георгиј, и го видоа колачот кој многу убаво мирисаше. Тогаш трговците си рекоа меѓу себе:

- Овој колач не му е потребен на светителот. Ке го изедеме, а на негово место ќе приложиме темјан.

Кога го изедоа колачот и сакаа да излезат од црквата, тие не можеа да ја најдат вратата зашто таа им изгледаше како ѕид. Приложија по еден сребреник, но пак не можеа да излезат. Потоа приложија златник и се помолија на светителот да им дозволи да излезат, но не можеа зашто беа заслепени. Тогаш четворицата приложија по еден златник и усрдно се помолија, па им беше дозволено да излезат. Тие златници и среброто послужија како почетен прилог за обнова на таа црква, зашто гласот за тоа чудо се пронесе ширум целата земја и многу благочестиви луѓе даруваа злато и сребро, та се изгради нова голема камена црква, и се украси и снабди со сите потребни работи. И во таа црква се случуваа преславни чудеса, во слава на Христа Бога, а за пофалба на светиот великомаченик Георгиј.

Запишано е и чудото на светиот великомаченик Георгиј што го изврши над момчето кое смртоносно беше каснато од змија. Тоа чудо го раскажа богоугодниот монах ава Георгиј. Тој раскажуваше:

- Еднаш, додека одев по патот кон планината и во раката носев крст, ме сретна еден стар монах. Откако ми го зеде крстот, монахот тргна пред мене и по кратко време сврте од патот по едно патче, а јас одев по него. Пред нас видов стадо овци, а момчето коешто ги пасеше лежеше каснато од змија. Во близина имаше извор и старецот ми рече:

- Донеси вода да го измијам крстот.

Откако го сторивме тоа, му ја отворивме устата на момчето и му сипавме од водата со која го измивме крстот, и старецот рече:

- Во името на Пресвета Троица, те исцелува слугата Божји, светиот великомаченик Георгиј.

Тогаш момчето се подигна, го поврати смртоносниот отров и стана. Старецот го праша:

- Раскажи ми, како вчера се колнеше пред бедната вдовица, чија што овца, која што таа ти ја дала да ја пасеш, си ја продал за три сребреника! А на вдовицата си ѝ рекол дека ја изел волкот.

Момчето одговори:

- Да, оче, така е. Но, како дозна ти?

Старецот рече:

- Додека си седев во својата ќелија, дојде кај мене човек на бел коњ и ми рече: „Софрониј, стани и брзо појди кај изворот што се наоѓа од десната страна на југ. Таму ќе најдеш едно момче каснато од змија. По патот ќе сретнеш монах, кој носи дрвен крст. Земи го тој крст, измиј го со вода, и од водата дај му на момчето. И при тоа зборувај вака: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, те исцелува слугата Божји, маченик Георгиј“. И кажи: „Отсега не колни се во името Божјо, ни во неговите светии, нити врши некому неправда, и врати ја овцата на бедната вдовица за да не те снајде нешто полошо“.

Момчето падна пред нозете на старецот, говорејќи:

- Опрости ми, оче. Јас ја продадов овцата на онаа жена за три сребреника и вчера ја излагав дека волкот ја изел. А жената ме праша: „Вистина ли е тоа или лага?“ А јас ѝ се заколнав, велејќи: „Се колнам во вистинскиот Бог!“ Жената ми рече: „Знаеш дека сум сиромашна. Како можеш така да правиш? Но, ќе бараат од тебе Бог и свети Георгиј, зашто таа овца му ја ветив на свети Георгиј за неговиот празник“.

Момчето продолжи:

- Јас се прелагав и се огрешив, но, те молам, оче, помоли се за мене на Бога и на светиот Георгиј да ми го простат гревот. Сега јас ќе ѝ дадам на онаа жена три овна за празникот на свети Георгиј. И до крајот на својот живот за празникот на светителот ќе им давам на бедните десетина од моето стадо.

И така, исцеленото момче, откако измоли од тој блажен старец простување и молитви, се врати кај своето стадо, благодарејќи Му на Бога и на Неговиот угодник, светиот великомаченик Георгиј.

Не треба да го премолчиме и знаменитото чудо што го стори светиот великомаченик Георгиј, убивајќи аждаја во Сирофеникија, кај градот Вирит покрај морето, недалеку од градот Лида, каде беше погребано телото на овој свет великомаченик. Тоа чудо е изобразено на разни стари икони. А на оние што патуваат во Палестина им се покажува местото каде што се случило тоа чудо. Тоа се случило на следниот начин:

Кај градот Вирит имаше едно многу големо езеро, во кое живееше една многу голема аждаја, страшен погубувач. Излегувајќи од езерото, таа грабнувала многу луѓе, и ги одвлекувала во езерото и таму ги проголтувала. Народот, кој многу пати во хајка одел против неа, таа го растерувала и победувала, зашто со својот здив го исполнувала воздухот со смртоносен отров, од кој многумина се разболувале и умирале. И во тој незнабожечки град постојано владееше тага, лелек и плач. Сите жители, па и самиот цар беа идолопоклоници.

Еден ден се собраа жителите на градот Вирит, отидоа кај својот цар и го прашаа:

- Што да правиме? Ние гинеме од онаа аждаја.

А тој им одговори:

- Ќе ви го препорачам тоа што ќе ми го откријат боговите.

И тој, со откривање од демоните во идолите, доби совет кој им го соопшти на жителите од градот.

Советот гласеше вака:

- За да не загинат сите, треба секој ден по ред да ѝ ги даваме своите деца, син или ќерка, на онаа аждаја за храна.

При тоа изјави:

- Кога ќе дојде ред на мене, и јас ќе ја дадам својата ќерка, иако ми е единица.

Граѓаните го прифатија овој царев совет, или подобро речено совет на демоните, и одлучија секој ден да ѝ ги даваат своите деца за храна на аждајата. Секој ден на брегот на езерото оставаа нечиј син или ќерка, убаво накитени. И правеа така, иако многу жалеа и плачеа за своите деца. А аждајата излегуваше и ги јадеше децата. Откако се изредија сите граѓани во давањето на децата, дојде ред и на царот. Граѓаните му рекоа:

- Ете, царе, според твојот совет ние ги дадовме своите деца на аждајата. Сега што да правиме?

Царот им одговори:

- И јас ќе ја дадам својата ќерка единица, а потоа ќе ви јавам што ќе ни откријат боговите.

Тогаш царот ја повика својата ќерка и нареди да ја накитат многу убаво. Жалеше и плачеше по неа заедно со домашните, но не можеше да ја погази одлуката, божем божествена, а всушност демонска, за принесување на децата како жртва. И тој ја даде својата керка како жртва на богот на адската бездна, а самиот набљудуваше сѐ од палатата. И ја одведоа девојката на одреденото место на брегот на езерото. Таа стоеше лелекајќи и очекувајќи го смртниот час, во кој аждајата требаше да излезе од езерото и да ја изеде.

По промисла Божја, таму наиде светиот великомаченик Георги јавнат на коњ, со копје во рацете. Кога ја виде девојката ја запраша зошто плаче, а таа му одговори:

- Добро момче, бргу бегај одовде со коњот, за да не загинеш заедно со мене. Светителот ѝ рече: - Не плаши се девојко, туку кажи ми што чекаш, додека народот од далеку те набљудува? Девојката му одговори:

- Прекрасно момче, гледам дека си храбар јунак, но зошто сакаш да умреш со мене? Бргу бегај од ова место.

Тогаш светителот и рече:

- Нема да заминам одовде, додека не ми кажеш зошто стоиш и плачеш, и кого очекуваш.

Тогаш девојката му раскажа сѐ по ред, а светителот ѝ рече:

- Не плаши се, девојко, зашто јас, во името на мојот Господ, вистинскиот Бог, ќе те избавам од аждајата.

Таа му одговори:

- Добар војнику, бегај зашто и двајцата ќе загинеме.

Додека девојката зборуваше, се појави онаа страшна аждаја од езерото, и се наближуваше кон својата вообичаена жртва. Кога ја виде, девојката силно крикна:

- Бегај човече, доаѓа аждајата!

Свети Георгиј се прекрсти, и призивајќи Го Господа и велејќи: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“, полета со коњот кон аждајата, силно го зари копјето во нејзиното грло, ја притисна на земјата, а коњот ја газеше со нозете. Потоа ѝ нареди на девојката со својот појас да ја врзе аждајата и да ја води низ градот, како кроток пес. А народот со запрепастување гледаше како девојката ја води аждајата и сите започнаа да бегаат од страв. Тогаш свети Георгиј рече:

- Не плашете се, туку надевајте се во Господа Исуса Христа, и верувајте во Него. Он ме испрати кај вас, за да ве избавам од аждајата.

Свети Георгиј ја уби аждајата со мечот среде градот, а луѓето го извлекоа нејзиниот труп надвор од градот и го изгореа. Тогаш царот на тој град и целиот народ поверуваа во Христа, и го примија светото крштение. Беа крстени дваесет и пет илјади луѓе, без жени и деца. Потоа на тоа место беше подигната огромна прекрасна црква, во име на Пречиста Дева Богородица, ќерката на Небесниот Цар Бога Отца, и мајка на Синот Негов, а невеста на Духот Свети, во име на светиот победоносец Георгиј, бидејќи ја избави онаа девојка од видливата аждаја. Тој исто така ја чува непорочна Црквата Христова, и секоја православна душа од невидливиот непријател и од гревот, како од смртоносна змија.

Овде се додава и друго чудо:

Кога потоа се осветуваше црквата подигната во име на Пречиста Дева Богородица и во чест на светиот победоносец Георгиј, во знак на излиената Божествена благодат, од олтарот потече извор на жива вода, исцелувајќи ја секоја болест кај сите кои со вера доаѓаа, во слава на Изворот на животот, Царот на славата, Бога во Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, фалениот за навек во светиите Негови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

АНАТОЛИЈ, ПРОТОЛЕОН, цариците

АЛЕКСАНДРА, ГЛИКЕРИЈА, АТАНАСИЈА,

ВАЛЕРИЈА, ДОНАТА и ТЕРИНА

Овие свети маченици, освен царицата Александра, поверуваа во Господа и пострадаа откако ги видоа чудесата и мачењата на светиот великомаченик Георгиј. А пак, царицата Александра, сопруга на Диоклецијан, и порано била христијанка, но кога ги виде трпението, цврстината и чудесата на светиот великомаченик, јавно изјави дека е христијанка. Затоа и пострада.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК

ГЕОРГИЈ

Христовиот новомаченик Георгиј е од Кипар. Беше млад, убав, мудар и целомудрен по карактер. Го остави својот роден крај и отиде во Птолемаида во Палестина. Таму работеше како слуга кај еден европски конзул. За домот на својот господар Георгиј купуваше јајца од една сиромашна Турчинка, која имаше една ќерка. На тоа ѝ позавидоа нејзините соседки Турчинки, и еден ден, кога Георгиј по обичај отиде кај таа Турчинка за да купи јајца, ја затекна нејзината ќерка сама. Соседките ја искористија таа прилика, дотрчаа и започнаа да викаат, обвинувајќи го Георгија дека божем ветил дека ќе се потурчи и ќе ја земе за жена таа девојка. Се собраа многу Агарјани, го фатија младиот Георгиј и го одведоа во судницата, обвинувајќи го. Прашан од судијата дали е вистина тоа што го зборуваат, Георгиј одговори:

- Јас никогаш не сум рекол такво нешто, ниту пак сум помислил. Тие ме клеветат од пакост. Јас се родив христијанин и христијанин сакам да умрам.

Тогаш започнаа да му ветуваат многу подароци, почести и слава, но сѐ беше залудно. Потоа употребија разни мачења, но ни со тоа не можеа да го придобијат младиот христијанин. Тој беше цврст во верата Христова. Судијата му изрече смртна пресуда. Тој ден беше петок. Многу Турци беа излегле од џамијата крај морето и си разговараа меѓу себе. Притоа наидоа оние што го водеа окованиот маченик и ја прочитаа смртната пресуда пред овие Турци. Тие започнаа со ласкања и ветувања да го наговараат младиот маченик да се потурчи, но тој храбро ги изобличи. Кога увидоа дека Георгиј е непоколеблив во својата христијанска вера, го заобиколија и со откочени пиштоли сложно извикаа:

- Или послушај нѐ, или на лице место ќе бидеш убиен!

Храбриот маченик Христов ги крена своите оковани раце кон небото и силно извика:

- Господи Исусе Христе, прими го мојот дух и удостој ме на царството Твое!

Турците го застрелаа и тој се струполи на земјата. Потоа ги извадија ножевите и му го искасапија телото. Тогаш ненадејно настана страшна бура и огромни бранови удираа по бедемите на кои што лежеше телото на светиот маченик и ја испраа неговата света крв. Преплашените Турци отрчаа и ги повикаа христијаните, та тие со побожност го зедоа телото, го однесоа во црквата и чесно го погребаа. Бурата престана, откако како слугинка му послужи на светиот маченик. По погребот, Господ го прослави маченикот и поради неговата божествена вера и го направи следното чудо:

Во текот на три ноќи се појавуваше огнен столб од небото до гробот на светителот и целиот град блескаше од преслатка светлина што се лееше од тој огнен столб. Многу чудеса се случуваа, и се случуваат на гробот на светиот новомаченик Георгиј, во слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, едното Божество и Царство, на кое му доликува секоја слава, чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

Свети Георгиј пострада во Птолемаида во 1752 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК

ЛАЗАР НОВИОТ

Новомаченикот Лазар е родум од Габрово во Бугарија. Како момче го остави своето родно место и отиде во Анадолија, односно на Исток. Во едно село викано Сома, во близина на Пергама, Лазар чуваше овци. Како христијанин, тој го предизвика турскиот гнев против себе и беше фрлен во темница од некој ага на 7 април во 1802 година. По долгите мачења и горења на кожата, екстремитетите и јазикот, и разни други нечовечки истезавања, кои ги поднесе од љубов спрема Христа, овој млад маченик беше обесен на 23 април во 1802 година, во својата дваесет и осма година. Господ го прими во Своите вечни дворови, и го прослави и на небото и на земјата. Над моштите на свети Лазар кои христијаните со побожност ги погребаа, се случија многу чудеса, кои ги опиша преподобниот јеромонах Никифор Хиоски, кој му напиша и служба.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БЛАЖЕН

ГЕОРГИЈ ШЕНКУРСКИ

јуродив ради Христа

Се подвизуваше со подвигот на Јуродивството ради Христа во градот Шенкура, во петнаесеттиот век. Се претстави во 1462 година.