7. Мај   (24. Април)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК

САВА СТРАТИЛАТ

и со него седумдесет војници

Христовиот маченик Сава живееше во Рим, во времето на римскиот цар Аврелијан, и имаше стратилатски, односно војводски чин. По потекло беше од готското племе. Усрден и верен слуга на небесниот Цар, Господ Исус Христос, тој ги посетуваше христијаните по темниците служејќи им со својот имот, зацврстувајќи ги во трпението и побудувајќи ги на бестрашни подвизи. Сава беше толку возвишен со добродетелното живеење и поради чистотата и подвижништвото доби власт од Бога над нечистите духови.

Кога беше обвинет кај царот како христијанин и доведен пред него на суд, тој смело Го исповедаше Господа Христа, го фрли пред царот својот војнички појас, се одрече и од војводскиот чин и се изјасни како подготвен за сите маки за Христа Исуса. Потоа бестрашниот маченик беше обесен и тепан, горен со свеќи и фрлен во казан со врела смола. Но, чуван со невидливата сила Божја, тој излезе неповреден од казанот. Кога го видоа ваквото чудо, седумдесет војници ја примија верата Христова и велегласно Го исповедаа Христа. По наредба на царот, тие веднаш беа обезглавени и примија маченички венци од Господа. Фрлен во темницата, свети Сава се удостои на видение и поткрепа: додека се молеше, на полноќ, му се јави Господ Христос во голема светлина и слава, крепејќи го да не се плаши туку да биде храбар.

Кога по втор пат беше изведен на суд, најпрвин се обидоа со разни ласкања да го придобијат за идолопоклонството, па потоа со закани. Но, тој остана непоколеблив во верата. Затоа беше осуден на смрт. Го фрлија во длабока река, каде што ја предаде својата душа на Бога, во 272 година. Душата му отиде кај Господа, на Кого му остана верен во многуте маки.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

ЕВСЕВИЈ, НЕОН, ЛЕОНТИЈ, ЛОНГИН

и останатите со нив

По смртта на славниот великомаченик Георгиј, царот Диоклецијан (284-305) нареди сите христијани од царството, а особено оние кои се наоѓаат по затворите поради мачеништвото и чудесата на свети Георгиј, да им принесат жртви на боговите. Да бидат пуштени на слобода оние што ќе го сторат тоа, а оние што ќе одбијат немилосрдно да бидат мачени и да бидат погубени.

Во тоа време во темница беа и светите маченици: Евсевиј, Неон, Леонтиј, Лонгин и останатите со нив до четириесет на број. Тие ги видоа чудата на светиот великомаченик Георгиј, поверуваа во Христа и смело пред сите Го исповедаа како Бог и Господ. Поради тоа беа фатени, оковани и во темница затворени. А кога ги изведоа на суд пред мачителите, тие не се одрекоа од Господа Христа, и ги изнавредија незнабожечките богови. Затоа ги растегнаа, на дрво ги обесија и ги стругаа сѐ додека целото месо не им падна на земјата, и утробата им се отвори. Потоа им ги отсекоа светите глави. Така го завршија својот живот, добивајќи го Царството Небесно.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА

ЕЛИСАВЕТА ЧУДОТВОРКА

Блажената Елисавета уште од мајчината утроба беше избрана да Му служи на Христа Бога. По Божјо откровение, нејзината мајка однапред беше известена дека ќе роди девојче, кое ќе биде избран сасуд на Светиот Дух. Во раната младост Елисавета стапи во монаштвото во манастирот на светите Козма и Дамјан во Цариград, подигнат од побожниот цар Јустин (518-527 г.), и целосно се предаде да Му служи на Бога. Сметајќи се себе си за невеста на бесмртниот Женик Христа, таа Му служеше во ангелскиот чин со девојките монахињи во пост и трудови, умртвувајќи го своето тело. Поради тоа од Господа доби дар да исцелува не само телесни болести туку и духовни. Врз себе носеше само облека од остри влакна и телото ѝ се смрзнуваше од мразот, но духот ѝ гореше со пламенот на божествената љубов.

Кога беше поставена за игуманија, преподобна Елисавета многу се грижеше за спасението на сестрите. Нејзиното возржание беше неизмерно. Многу години помина таа без да зема леб и се хранеше само со зелје и овошје. А за време на својот живот никогаш не вкуси масло и вино. Многу пати постеше како великиот Мојсеј, не јадејќи ништо по четириесет дена. Подражавајќи го цариниковото смирение, таа три години не ги крена очите кон небото додека со душевните очи постојано гледаше во живиот Бог во висините, созерцавајќи Го во богомислие на висок и превозвишен престол, опкружен со Серафимите. Нејзиниот ум не се занимаваше со земните работи. Кога по својот обичај принесуваше полноќни молитви постојано беше осветлувана и просветлувана со небесна светлина.

Преподобна Елисавета правеше многу чуда. Со својата молитва таа усмрти огромна и страшна змија; исцели една жена која боледуваше од крвотечение; истеруваше нечисти духови од луѓето; твореше и многу други чудеса не само за време на животот туку и по смртта, зашто по нејзината блажена смрт (во VI век), чудотвореше нејзиниот гроб, исцелувајќи од разни болести. И правот земен од нејзините мошти на слепите им даруваше вид, за поради неа да се слави нашиот Бог Христос, прославуваниот во светителите Свои.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ

ТОМА ЈУРОДИВИОТ

Свети Тома беше монах во еден манастир во Келесирија. По манастирска работа одеше во Антиохија, оти таму се наоѓаше манастирскиот имот и од таму ги набавуваше потребните работи за манастирот. Кога и да дојдеше во градот, Тома се правеше луд заради Христа. Еднаш еден човек по име Анастасиј не сакаше да му ја даде бараната милостиња за манастирот и му удри шлаканица. Присутните граѓани започнаа да негодуваат што тој го удри старецот, а блажениот пророчки рече:

- Отсега ништо нема да примам од Анастасиј, ниту пак тој ќе може да ми даде нешто.

И се исполни пророштвото на светиот инок. По еден ден Анастасиј умре. Блажениот Тома на враќање во манастирот сврати да се одмори во болницата крај црквата на света Ефимија во предградието Дафна, и тука се разболе и премина во бесмртниот живот. Го погребаа на местото каде што се погребуваат туѓинците. А пак утредента, во два часот попладне, над старецот Тома погребаа една туѓинка. Но, во шест часот попладне земјата ја исфрли таа жена, и сите многу се зачудија. Повторно ја погребаа жената во истиот гроб, но наредниот ден пак ја најдоа исфрлена од земјата. Тогаш ја погребаа на друго место. По неколку дена над гробот на ава Тома повторно беше погребана друга жена. Но, кога земјата ја исфрли и неа, граѓаните сфатија дека светиот старец, кој почива во Господа, не сака некој да биде погребан над неговите мошти.

Тогаш го известија патријархот Домн за тоа. Тој нареди сите граѓани да појдат во предградието Дафна со свеќи и песни, да ги пренесат оттаму моштите на светителот во градот, и да ги положат во гробницата во која лежеле многу тела на свети маченици. Потоа над моштите на светителот подигнаа црквичка. И се случуваа многу исцеленија од моштите на преподобниот. По неговите молитви престана поморот во Антиохија, поради што граѓаните одредија секоја година свечено да се празнува неговиот празник, фалејќи го Христа Бога, кому слава за навек, амин.

Свети Тома се претстави во предградието на Антиохија Дафна, во времето на патријархот Домн.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

ПАСИКРАТ И ВАЛЕНТИОН

Овие свети маченици по потекло беа словени, од Доростол во Мизија (на Балканот). Беа војници за време на владеењето на игемонот Авзалан. Бидејќи не сакаа да им принесат жртви на мртвите идоли, тие беа мачени за Христа и најпосле погубени.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК

ДУКА

Свети Дука е родум од островот Митилена во Егејското Море. Беше млад, многу убав, целомудрен и непријател на телесните наслади. Како одличен кројач, многу аги и велможи порачуваа да им шие облека. Така тој одеше во многу домови на големците. Се случи во него да се заљуби една госпоѓа од високо потекло и достоинство. За да го придобие Дука, таа најпрвин започна да му дава подароци, а потоа му зборуваше љубовни, заведувачки, демонски зборови. Но, Дука, чист со душата и телото, се запрепасти од таквата непристојност, оти од таква госпоѓа не очекуваше такво нешто. На сето тоа, тој само се прекрсти, побегна и повеќе не одеше во таа куќа. Кога виде дека повеќе не доаѓа, таа госпоѓа испрати да го повикаат, но Дука не дојде. Тогаш таа отиде во неговата работилница, и му рече:

- Стушни ме, момче, дојди во мојот сарај, и не плаши се од никого. Мојот маж е на пат. Откажи се од својата вера, и јас ќе те земам за свој сопруг. Ако пак не сакаш, ќе те направам прв во мојата палата. Остани христијанин, само дојди кај мене.

Такви работи му зборуваше таа нова Египќанка на младиот Дука. Најпосле му рече:

- Ако не ме послушаш, знај дека ќе го изгубиш животот.

Откако го рече тоа, таа си отиде. Младиот Дука, исполнет со божествена љубов кон нашиот Господ Исус Христос, не им обрати внимание ниту на ласкањата ниту на заканите од оваа разблудница и повеќе не отиде во нејзината палата. Меѓутоа, таа повторно дојде кај него, повикувајќи го. Кога сфати дека Дука одлучно ги одбива нејзините желби, таа се разбесни и реши да го погуби, за повеќе да не го гледа и да не чезнее по него. Затоа проклетницата отиде кај везирот, и му го претстави случајот сосем спротивно на вистината, говорејќи:

- Има еден кројач, кој шие облека за мојата палата и јас го повикав да ми сошие еден фустан. Тој дојде, и ми изрече непристојни и безобразни зборови, кои од срам не смеам ни да ги изговорам. Затоа го натепав и тој побегна. Сега е во неговата работилница. Сакам да го погубиш.

Везирот ѝ вети дека ќе го погуби, макар и да е од висок род. И веднаш испрати субаши кои го доведоа Дука. Везирот ја праша госпоѓата:

- Што предлагаш да му сторам? Таа одговори:

- Ако се потурчи остави го жив, ако не сака, обеси го.

Везирот најпрвин кротко го наговараше Дука да се потурчи, ветувајќи му многу богатства и големи почести. Но кога виде дека не сака ни да слушне за тоа, нареди жестоко и долго да го мачат. Дука остана цврст и непоколеблив. Кога увиде дека за ништо на светот нема да се потурчи, везирот нареди, та жив го одраа и кожата му ја фрлија во морето, а него го обесија. Така блажениот Дука го заврши привремениот живот и доби маченички венец, искачувајќи се на небото меѓу светите Маченици заедно со нив вечно да Го слави нашиот Господ Исус Христос, Кому чест и слава и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин. Свети Дука пострада во Цариград, во 1564-та година.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК

НИКОЛАЈ

Новомаченикот Христов Николај беше на служба кај еден ага, кај кого што неговиот татко беше надзорник на имотот. Еднаш Николај отиде во Магнезија, носејќи турски обувки на нозете. Поради тоа во Магнезија го изведоа на суд. Судијата бараше од него да се потурчи, бидејќи носи такви обувки, но Николај не сакаше ни да слушне. Затоа судијата го натепа, но тој со радост го поднесе тоа. Кога по втор пат започна да му предлага да се потурчи, за да не го ставаат на маки, маченикот многу храбро му одговори на судијата:

- Знај дека нема да се одречам од својата вера, па не само со мотки да ме тепаш, туку и на најужасна смрт да ме предадеш.

Разбеснетиот судија веднаш нареди да го мачат уште пострашно, а потоа му ветуваше високи чинови и многу подароци. Иако многу млад, маченикот Христов не жалејќи што ќе ги остави родителите, браќата и верниците, постапи како да е над телото и крвта и бестрашно му рече на судијата:

- Пред моите очи е смртта, судијо, но јас нема да се одречам од својата вера.

Судијата по трет пат нареди бездушно да го тепаат маченикот. Потоа пак се обиде со разни ласкања да го предомисли, но Николај уште погласно извика:

- Јас никогаш нема да се одречам од мојот Господ Христос.

Кога ја виде цврстата и непоколеблива вера на маченикот, ѕвероподобниот судија нареди по четврти пат жестоко да го тепаат, најпрвин по плеќите, а потоа по стомакот и го оставија во една тесна темница речиси полумртов. Кога си дојде на себе, светиот маченик Му благодареше на Бога што Го удостои да страда за светото име Негово. По три дена блажениот христољубец ја предаде својата света душа во рацете на Бога, од Кого доби несвенлив венец на мачеништвото. И сега со светите Маченици вечно Го слави единствениот Бог и Господ наш Исус Христос, Кој по молитвите на светиот новомаченик Николај нека нѐ удостои и на Царството Небесно. Амин.

Свети Николај пострада во Магнезија, во 1776-та година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ

САВА ПЕЧЕРСКИ

Преподобниот отец Сава се подвизуваше во Печерскиот манастир, веројатно во почетокот на тринаесеттиот век. Неговите свети мошти почиваат во Антониевата пештера во Киево. Некаде тој се спомнува и на 27 август и на 21 септември.