8. Мај   (25. Април)

ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ

АПОСТОЛ И ЕВАНГЕЛИСТ

МАРКО

Светиот евангелист Марко по потекло беше Евреин од племето Левиево, ученик на свети апостол Петар и негов возљубен син во Светиот Дух. Свети Петар го спомнува во своето послание, говорејќи: „Ве поздравува црквата во Вавилон, избрана заедно со вас, и Марко, синот мој (1 Петр. 5, 13)“. Син по дух а не по тело, роден со бањата на светото крштение. Свети Марко беше сврстен во ликот на светите Седумдесет апостоли Христови. Најпрвин го пратеше свети Петар и од него беше поставен за епископ. А кога со него беше во Рим, тој на молба на верните напиша Свето Евангелие, и првин му го покажа на самиот апостол Петар. Свети Петар го прочита, го посведочи како вистинито и го препорача сите да го читаат и да веруваат во она што е напишано во него.

Потоа свети Петар го испрати свети Марко да го проповеда словото Божјо во Аквилеја, а потоа во Египет. Така свети Марко стана првиот проповедник на Евангелието и прв епископ во Александрија. Цел Египет беше притиснат од мракот на незнабоштвото и идолопоклонството, гатањето и злобата. Но, со Божја помош, свети Марко успеа да го посее семето на науката Христова во Либија, Амоникија и Пентапол и да ги просветли со светлината на светата вера во Христа. Насекаде чудотворејќи, тој на црквите им постави епископи, свештеници и ѓакони, и многу луѓе поучи во доблесниот живот, така што и неверниците се восхитуваа и го фалеа. Црковните историчари Евсевиј Кесариски и Никифор Ксантопул бележат како знаменитиот еврејски философ Филон, кој добро се запознал со свети Петар во Рим, пишувајќи многу пофалби за александриските и воопшто за египетските христијани, кои ги упатил свети Марко, вели:

„Овие христијани ги оставаат привремените богатства и своите имоти и не сакаат да имаат ништо свое на земјата. И каде и да се наоѓат, имаат свои осветени храмови. Во тие храмови тие побожно и чисто ги извршуваат своите тајни, не занимавајќи се со световни работи. Само читаат Свети Книги и по својот обичај Го слават Бога со пеење. Некои од нив ги напуштаат градовите, ги оставаат грижите на овој свет и живеат во полињата и пустините далеку од луѓето. За нив воздржанието и умртвувањето на телото се темел врз кој ги ѕидаат останатите добри дела. Ниту еден од нив не јаде пред зајдисонце, ниту пак пие; а некои земаат храна дури во четвртиот ден. Најискусните меѓу нив во толкувањето и разбирањето на Светото Писмо, не можејќи да се заситат од таа духовна храна на богоразмислување во Божественото Писмо, по цели шест дена и не помислуваат за телесна храна. Никој од нив воопшто не пие вино, ниту пак јаде месо. За нив е наслада лебот со сол и вода. Има и жени христијанки кои навикнале на таков живот. Многу од нив веќе остареле во девство. Чувајќи ја чистотата на телото, тие се осветуваат не само со срцето туку и со телото, и сметаат дека е непристојно на сладострастието да му служи сасудот подготвен за примање на мудрости, и за телесно раѓање да служи лице, кое го сака негнилежното и бесмртно семе на Божјите зборови, од кои се раѓа плод кој никогаш не умира. Толкувањето на Светото Писмо тие го добиваат од своите најстари. Во Светото Писмо барат духовна смисла и сокриени тајни, оти сметаат дека самото Свето Писмо е видливо тело, а неговата тајна смисла, невидлива душа. Тие рано стануваат на славословие Божјо и молитви, одделно мажите, а одделно жените. Некои од нив поминуваат по седум недели во непрекинат пост. Кај нив седмиот ден многу се почитува. Подготвувајќи се за овој ден и за останатите празници, тие спијат на земјата. Божјата служба ја извршуваат свештеници и ѓакони; а над сите нив старешина е епископот“ (Црковна Историја II, 17).

Така пишува Филон Евреинот за учениците на свети Марко и за светите обичаи на Црквата Божја, првенствено за Духот Свети и за апостолските преданија. Така свети Марко со своите многустрадални трудови го обработи лозјето Христово во Египет, имајќи свој епископски престол во Александрија, каде маченички заврши.

Блажениот Симеон Метафраст за страдањето на светиот евангелист Марко пишува:

„Во времето кога се разидоа светите апостоли по светот, за да го проповедаат Евангелието, свети Марко по Божја волја дојде во Египет. А божествените канони на светата апостолска Црква го нарекоа Евангелист зашто тој беше прв проповедник на Евангелието на нашиот Господ Исус Христос во цел Египет, Либија, Мармарикија, Амоникија, и Пентапол. Сите жители на тие земји беа со необрезани срца и закоравени идолопоклоници и служители на нечистите духови. По сите градови и села тие градеа идолишта и поставуваа идоли; и во нив ги имаше и гатањето, и баењето...и сите демонски сили, кои нашиот Господ Исус Христос ги уништи со своето доаѓање. Кога божествениот евангелист Марко го проповедаше небесното царство Христово во пентаполскиот град Киринеја, направи големи чудеса: Со зборот на Божјата благодат исцелуваше болни, очистуваше губави, истеруваше зли духови. Просветени со апостолската проповед и чудотворството, многумина поверуваа во нашиот Господ Исус Христос, ги искршија своите идоли, ги срушија идолиштата и се крстија во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Таму од Светиот Дух му беше наредено да појде во Александрија и да го сее семето на Божјото слово. Како силен и прекрасен подвижник, свети Марко сесрдно се подготви да тргне во подвиг. Се опрости со браќата и им рече:

- Мојот Господ нареди да одам во Александрија.

Браќата го испратија до коработ, каснаа со него и го отпуштија, говорејќи:

- Господ Исус Христос нека ти уреди добар пат!

Свети Марко стигна во Александрија, во местото Мендион и кога влезе на градската капија му се скина сандалата. Тогаш си рече: „Навистина овој пат ми е среќен“. И ја даде сандалата на еден чевлар да ја сошие. Шиејќи, чевларот се прободе со шилото во левата рака и лелекајќи Го призва Бога. Кога го слушна името Божјо, апостолот се израдува и си рече во себе: „Мојот пат Господ го направи среќен!“

А раната на чевларот силно крвареше. Свети Марко плукна на земјата, направи кал и му ја премачка раната, говорејќи:

- Во вечното име на Исуса Христа, биди здрав!

И веднаш раната се излечи.

Кога ја виде таквата сила на овој човек, и дејството на неговите зборови, чевларот му рече:

- Човеку Божји, те молам дојди во мојот дом да ручаме заедно, бидејќи многу ми помогна.

Апостолот му одговори:

- Господ нека ти даде небесен леб на животот!

Чевларот радосен го одведе апостолот во својот дом. Кога влезе во домот, свети Марко рече:

- Благословот Божји нека биде овде! Да се помолиме на Бога, брате!

И се помолија заедно. По молитвата седнаа да ручаат и си разговараа меѓу себе. Чевларот го праша светителот:

- Оче, кој си ти, и од каде твојот збор има толкава сила?

Свети Марко му одговори:

- Јас сум слуга на Господ Исус Христос, Синот Божји.

На тоа човекот рече:

Би сакал да го видам тој Син Божји.

Свети Марко му одговори:

- Јас ќе ти Го покажам.

И започна да му го раскажува Евангелието на Исуса Христа, и да му покажува што било претскажано од пророците. На тоа чевларот рече:

- Јас никогаш не сум слушнал за Светото Писмо, за кое ти зборуваш, туку за Илијада и Одисеја.

Тогаш свети Марко му го изложи учењето за Христа и му докажуваше дека мудроста на овој свет е лудост пред Бога. Гледајќи ги неговите чудеса, чевларот поверува во зборовите на свети Марко, и се крсти целиот негов дом и многу жители од тоа место. Чевларот се викаше Аниан.

Бројот на верните растеше од ден во ден, а старешините на градот беа слушнале дека кај нив дошол некој галилеец, хули на нивните богови и им забранува да принесуваат жртви. Затоа тие го бараа да го убијат.

Кога дозна за оваа завера, свети Марко на верните им го постави Аниан за епископ. Постави и тројца презвитери: Малеон, Савин и Кердон, седум ѓакони и единаесет клирици, за да ѝ служат на Црквата, па побегна од таму и отиде во Пантепол. Таму помина две години, продолжувајќи со своето дело. Во околните покраини и градови постави епископи презвитери и клирици и повторно се врати во Александрија. Таму виде дека браќата се намножиле, а беа изградиле и црква во местото Вукула во приморјето. Праведникот многу се израдува и го прослави Бога. Во таа црква помина долго време.

Кога незнабожните градоначалници дознаа дека свети Марко дошол во нивниот град, полни од љубомора и завист поради неговите чудеса, го бараа и викаа:

- Големи маки ни задава оној магепсник!

Во денот на Христовото Воскресение, на 24 април, се падна и нечестивиот празник на незнабожечкиот нечист бог Серапис. На Воскресение, додека свети Марко служеше во црквата, многу народ наеднаш се втурна внатре, го фатија светителот, го врзаа околу вратот и започнаа да го влечат по калдрмата, викајќи:

- Влечете го овој вол во оборот!

А свети Марко Му благодареше на Бога, говорејќи:

- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ме удостои да страдам за светото име Твое!

Светителот го влечеа по патот полн со остри камења, а од неговото изнарането тело се лееше крв.

Кога падна ноќта незнабошците го фрлија свети Марко во темница, за да се договорат како да го погубат. На полноќ, додека вратата беше заклучена и стражарите спиеја, настана силен земјотрес, зашто ангел Господов слезе од небото, и се допре до апостолот, говорејќи:

- Слуго Божји Марко, врховен меѓу светите во Египет, твоето име е запишано во книгата на животот на небесата, и ти си вброен во светите апостоли. Твојот спомен на земјата нема да се заборави никогаш, а ти ќе ликуваш со вишните Сили. Архангели ќе го примат на небото твојот дух, а твоите мошти ќе бидат сочувани на земјата.

Кога го виде ова видение, свети Марко ги крена рацете кон небото, говорејќи:

- Ти благодарам, Господи мој Исусе Христе, што не си ме оставил, туку си ме сврстил меѓу светителите Свои! Те молам, Господи, прими ја во мир мојата душа и не лишувај ме од благодатта Твоја!

Кога го изговори тоа, Господ Исус Христос дојде кај него во обличјето во кое беше со Своите ученици пред крстот и погребението, и му рече:

- Мир на тебе, Марко, евангелисту мој!

Свети Марко му одговори:

- Мир и на Тебе, Господи мој Исусе Христе!

И Господ си отиде од него.

Утредента кај темницата дојдоа многу граѓани, го извлекоа светителот, повторно го врзаа за вратот и повторно го влечеа по улиците со истиот вик:

- Да го одвлечеме волот во оборот!

Влечен, свети Марко Му благодареше на Бога и молејќи се рече:

- Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!

Го рече тоа и го предаде својот дух на Бога. А нечистите незнабошци сакаа да го спалат телото на светителот и запалија оган на местото кое потоа беше наречено Ангелско. Тогаш со силата на нашиот Господ Христос се спушти темнина, настана страшна грмотевица и силен земјотрес и дожд паѓаше целиот ден. Од страв, народот побегна и го остави телото на светителот, а од силниот земјотрес се срушија многу згради и многумина беа убиени. Некои од незнабошците се дрзнаа да кажат дека нивниот преблажен бог Серапис со својата посета ги сторил тие стравотии.

Тогаш дојдоа христијаните, го подготвија телото на светителот за погребение, го однесоа на местото каде што се молеа и чесно го погребаа на источната страна во камена горбница. Неговиот спомен го извршуваа ревносно, почитувајќи го првиот александриски светител; за нив немаше ништо почесно и поскапоцено од неговите свети мошти.

Светиот апостол, евангелист и маченик Христов, Марко, се упокои во Египет, во градот Александрија, на 25 април околу 68 година, за време на царувањето на Нерон во Рим, а за царувањето меѓу нас на нашиот Господ Исус Христос, Кому чест слава и моќ со Отецот и Синот и Светиот Дух за навек. Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ

АНИАН

Кога свети Марко стапи од бродот на сува земја, му се расцепи сандалот од едната нога. Тогаш тој виде еден чевлар и му го даде на поправка. Додека шиеше, чевларот си ја прободе левата рака со шилото, му потече крв, па започна да лелека од болка. Тогаш апостолот Божји замеси прашина со својата плунка, ја помаза раната на неговата рака, и таа веднаш му оздраве. Восхитен од ова чудо, чевларот го повика свети Марко во својот дом. Кога ја слушна неговата проповед, чевларот, кој се викаше Аниан, се крсти задно со целиот свој дом. Тој се истакна со такво благочестие и таква ревност за делата Божји, што свети Марко го ракоположи за епископ. Така, тој свет човек стана втор епископ во Александриската црква.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА

НИКА (ПОБЕДА)

Пострада за Господа посечена со меч.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ

МАКЕДОНИЈ

патријарх Цариградски

Ревносниот поборник за православието во борбата против Евтихиевата монофизитска ерес, светиот патријарх Македониј живееше во времето на еретичкиот цар Анастасиј (491-518 г.), кој беше патријарх цариградски од 495-та до 511-та година. Поради спротивставувањето на царската ерес, еретичкиот цар Анастасиј го лиши од патријаршискиот престол и го испрати во Пафлагонија, каде овој богоугодник се претстави во 516-та година. Народот многу се бунтуваше кај царот поради неговото прогонство. Затоа неговото свето тело беше погребано во Цариград. Според преданието, свети Македониј се прекрстил за време на опелото, кое што го извршувале над него покојниот.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ

СИЛВЕСТЕР ОБНОРСКИ

Потеклото и местото на раѓање на преподобниот Силвестер не се знае. Само се знае дека монашкиот постриг го добил од преподобниот Сергиј Радонешки, и дека во почетокот се подвизувал во неговиот манастир. Со благослов на знаменитиот радонешки подвижник, Силвестер отпатува на далечниот североисток на брегот на реката Обнор. Во тоа време таму шумите беа непроодни и немаше населби во близина. Преподобниот Силвестер си направи трошна тесна ќелија и се подвизуваше во неа, поднесувајќи разни неволји, целосно предаден на непрестајната молитва и бдеењето.

Долго време никој не знаеше дека во непроодната шума се подвизува пустиникот. Но, еднаш еден човек залута во непроодната шума и налета на ќелијата на пустиникот. Пустиникот излезе пред запрепастениот патник, збунет од појавата на човек во така пустото место. Патникот му раскажа на преподобниот сѐ за себе и додаде дека над местото каде што живее пустиникот, тој често оддалеку гледал по некој светол зрак а понекогаш облачен столб. Тогаш преподобниот заплака од тага што се дозна за местото на неговото осамеништво, а патникот го замоли да му открие како се вика и како живее овде. Силвестер му откри дека овде живее долго време и дека се храни со корења и со кори од дрвјата. На почетокот бил изнемоштен од гладот, паѓал на земјата, но еднаш му се јавил необичен човек, го допрел со раката и од тогаш не чувствувал слабост.

Патникот, кој случајно го откри пустиникот, брзо се врати кај него и му донесе леб и брашно. Оваа средба беше доволна за живеалиштето и подвизите на пустиникот да станат познати во околината. Селаните започнаа да доаѓаат кај подвижникот за душекорисни разговори и при тоа му носеа храна. Некои остануваа со него и преподобниот не ги спречуваше да градат нови ќелии. Така, околу него се собраа многу подвижници, па имаше потреба да се изгради храм Божји. Тогаш свети Силвестер отиде во Москва и од митрополитот Алексиј побара благослов за изградбата на храмот. Митрополитот му даде антимис и го постави за игумен на првата монашка обител во Обнорскиот крај.

Кога беше изграден храмот посветен на Воскресението Христово, кај преподобниот започнаа да доаѓаат многу луѓе, меѓу кои и кнезови и болјари. Едни сакаа да го видат преподобниот и да добијат благослов и поуки; други да се покајат за своите гревови и да добијат прошка и утеха; трети својот живот да го посветат на монашкиот подвиг под раководството на опитниот подвижник.

Предавајќи им се на неуморните трудови околу уредувањето на манастирот, преподобниот Силвестер во слободното време одеше во шумата за осаменички молитви и бденија, толку мили и вообичаени за неговата душа. Но, кога се враќаше од таквата осаменост, околу манастирот веќе го чекаше многу народ. Носеа деца и болни, просејќи негов благослов и исцелителни молитви. Така во непроодната шума никна буен живот, целиот исткаен од труд и бденија, пост и молитви, телесни неволји и духовна радост.

Веќе остарен, преподобниот падна во предсмртна болест. Браќата се собраа околу неговата постела и низ солзи ја изразуваа својата болка за својот духовен старец. Преподобниот ги тешеше:

- Не тагувајте поради тоа, браќа мои мили. Во сѐ е Божјата волја. Исполнувајте ги заповедите Господови, и не плашете се од неволјите во овој живот, за да добиете награда на небесата. Ако добијам слобода пред Бога и моето дело Му биде угодно, тогаш ова свето место нема да оскудева за ништо ни по моето заминување. Молете се на Господа Бога и на Неговата Пречиста Мајка, за да се избавите од ѓаволските искушенија. Крајот на преподобниот уследи на денот на светиот апостол и евангелист Марко, 25 април во 1379 година. Телото на преподобниот беше погребано покрај храмот „Воскресение“ од десната страна.

Во манастирот основан од преподобниот Силвестер течеше монашкиот живот повеќе од четиристотини години. По смртта на преподобниот Силвестер на неговиот гроб започнаа да се случуваат чуда, та со текот на времето преподобниот започна да се слави како чудотворец. Исцеленија добиваа бесомачни, умоболни, слепи, глуви, раслабени, неми...Постојат древни записи на тие чуда. Еве едно од нив:

Во 1645 година јеромонахот Јов, собрат од манастирот на преподобниот Силвестер повика селани да ја сечат шумичката покрај манастирот. Селаните започнаа со работа. Но, ваквата наредба на Јов беше грешна, бидејќи тој сам посегна по шумата на преподобниот Силвестер. Јов беше поразен со слепило. По четири недели тој го увиде својот грев и започна да се кае пред Господа и Пречистата Мајка Негова и преподобниот Силвестер, вети дека нема да постапува според својата волја, туку за сѐ ќе се советува со браќата. При тоа Јов отслужи молепствие во црквата, молејќи се со солзи за прошка и за враќање на видот. Ги целиваше светите икони, пријде до раката на преподобниот Силвестер, ја целиваше со вера, и веднаш прогледа. По чудесното исцеление, тој Му благодареше на Бога и на Неговиот свет угодник Силвестер.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ

ОСУМ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ

ОТШЕЛНИЦИ

Овие свети испосници беа посечени со меч за Господа Христа.