09. Мај   (26. Април)

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК

ВАСИЛИЈ

епископ Амасиски

По смртта на незнабожниот и гаден римски цар Максенциј мачителот, кога десницата Божја како свој непријател го порази со крстното оружје, кое му се јави на небото на Константин Велики, Римското Царство на Запад живееше во мир, додека на Исток имаше немири поради гонењата. На Исток владееше другиот непријател Божји, Максимин мачителот, кој зборуваше невистини за вистинскиот Бог и со свирепи маки ги убиваше побожните христијани. Благоверниот цар Константин Велики против Максимин го испрати својот зет Ликиниј, кому му ја довери управата над целиот Исток. Со помош на нашиот Господ Исус Христос, во Кого тогаш веруваше, Ликиниј го победи Максимин, и тој едвај побегна со мала дружина. Но, не успеа да побегне од рацете Божји. Додека се криеше во Тарс киликиски, ненадејно целото тело му се покри со неизлечиви рани. Неговите маки беа неописливи. Невидлив оган му го печеше телото, тоа се топеше како восок, и му останаа само коските во кои се држеше неговата бедна душа. Но и неговите голи коски започнаа да се одвојуваат една од друга, создавајќи му неописливи болки. Тој не умре сѐ додека не исповедаше и не призна дека ги гонел, мачел, и убивал невините слуги Христови, војувајќи против Христос - вистинскиот Бог. Откако го исповедаше тоа и ги проколна своите богови, тој умре. А Ликиниј, заземајќи го целиот Исток, многу свечено влезе во Никомидија со својата сопруга, сестрата на Константин Велики.

На почетокот насекаде по црквите завладеа мир и радост меѓу верните, но под дејство на ѓаволот повторно настапи бура од страдања. Соцарот на Константин, Ликиниј, откако го зацврсти своето царство, отстапи од Христа Бога и му се повери на идолопоклонството со кое што беше израснал. Поради соцарувањето со Константин и поради бракот со неговата сестра, која беше христијанка, Ликиниј ја прими христијанската вера и се заколна дека никогаш нема да отстапи од христијанството и ќе го заштитува на сите можни начини. Но, потоа тој заборави на Христа Бога, Кој му помагаше против Максимин, и му го подари источното царство. Ги заборави добрините на Константин и во Никомидија, јавно се одрече од Христа и им се поклони на идолите. Нареди насекаде да им се принесуваат жртви на демоните и го обнови гонењето против христијаните. Најпрвин тој ги истера од царската палата и од својот двор сите христијани: великодостојници, велможи, слуги и оружјеносци. Така се лиши од заштитата Христова, им се врати на незнабожните басни и лошиот живот, и започна бесрамно да живее, присилувајќи ги сенаторските жени и ќерки на нечисто општење а посебно ги сквернавеше христијанките, за да ги исмее светиите и самиот Христос.

Неговата сопруга Констанција многу тагуваше поради тоа и со писма го известуваше својот брат Константин за сѐ што прави Ликиниј. Во својата палата царицата имаше една девица по име Глафира, која беше многу убава и целомудрена христијанка, родум од Италија, од угледен и благоверен род. Ликиниј му нареди на својот најстар евнух Венигн да ја наговори Глафира на блуд со него. Венигн ѝ ја достави желбата на царот и ѝ нареди да се подготви. Но, светата девица, полна со страв Божји, го избрка Венигн, ѝ раскажа сѐ на царицата и ѝ рече:

- Заради Бога, Кој ги створил и небото и земјата, од Кого ти се боиш, и на Кого верно Му служи твојот брат, царот Константин, немој да дозволиш да биде упропастено моето девство.

Кога го слушна тоа, царицата многу ја засака и размислуваше како да ја сокрие. Кога царот ја побара Глафира, царицата пушти глас дека божем Глафира скренала со умот и е на смртна постела. Тогаш царот престана да мисли на Глафира, а царицата ја отпушти тајно, и ѝ даде многу злато и сѐ што ѝ е потребно. Ѝ даде и робови и робинки, за да ѝ служат, и ја повери на чесни настојници да ја отпратат во Ерменија.

Настојниците ја облекоа блажената Глафира во машка облека заедно со нејзините робинки и отпатуваа од Никомидија. По долго патување стигнаа во градот Амасија, кој беше главен град на Понт. Кога ја виде убавината на градот, Глафира им рече на своите службеници:

- Ако најдеме христијани во овој град, ќе останеме во него. При распрашувањето за христијани ги сретна едно момче од домот на честитиот Квинтиј, и го извести за нив. Квинтиј веднаш ги повика туѓинците во својот дом, им рече дека во градот има многу христијани, и дека имаат прекрасен епископ сличен на апостолите. Патниците се израдуваа и останаа во неговиот дом. Тука ги посети епископот на градот Амасија, Василиј. Тој беше учен човек, полн со духовни дарови. На неговото прашање, блажената Глафира му раскажа сѐ за себе и му ја повери тајната за своето странствување.

Кога го слушна тоа, светиот епископ ѝ забрани да излегува од домот, за да не дознае за нив градскиот игемон, зашто ќе ги доведе во опасност сите христијани.

Во тоа време светиот епископ Василиј ѕидаше црква во градот, оти имаа само еден мал храм надвор од градот. Тогаш блажената девица му даде на епископот многу злато и сребро за градбата на црквата. Сѐ што ѝ беше подарила царицата, таа потроши за црквата во чест на Христа Бога, и не остави ништо за себе. Ѝ испрати писмо на својата царица, и соопшти каде живее и ѝ раскажа сѐ, молејќи ја да испрати уште злато за довршување и украсување на црквата. Царицата со радост ѝ испрати многу злато и поклони до епископот, на кого му испрати и писмо, препорачувајќи му ја својата слугинка Глафира. По долго време, под дејство на ѓаволот, писмата од Глафира ги пронајде евнухот Венигн, ги прочита, дозна дека е жива и каде се наоѓа, и го извести царот.

Разбеснетиот цар веднаш му нареди на амасискиот игемон, што побрзо, оковани да му ги испратат епископот Василиј и слугинката Глафира. Но, пред да стигне писмото во Амасија, блажената девица Глафира отиде кај Господа. Игемонот го окова светиот епископ Василиј и го испрати кај царот, а за Глафира го извести дека умрела. Светиот го придружуваа двајца ѓакони Партениј и Теотим. И тројцата многу пропатија по патот од безбожните војници и кога стигнаа во Никомидија, слугата Божји Василиј го затворија во темница, а Партениј и Теотим останаа кај еден христијанин по име Елпидифор, во близина на темницата. Елпидифор го поткупи стражарот со злато, па го посетуваа светителот кога сакаа и во темницата извршуваа секојдневни богослужби и ноќни молитви.

Пред да биде измачуван, свети Василиј ги повика ѓаконите и започна да им пее Давидови псалми започнувајќи од: „Сети се, Господи, на Давид и на сета негова ревност“ (Пс. 131, 1). Кога пееја „Ако ги земам крилјата на зората и се преселам на крајот од морето, и таму ќе ме води Твојата рака; ќе ме држи десницата Твоја, Господи!“ (Пс. 138, 9), овие зборови три пати со солзи ги изговори. Кога го видоа светителот како плаче на молитвата, ѓаконите се поколебаа и помислија дека епископот се исплашил од маките што му претстојат. А епископот знаеше што зборува, како што покажа неговиот крај, кога го посекоа и го фрлија во морето.

Кога осамна, епископот им рече на ѓаконите:

- Браќа, искушенијата што ни ги испраќа ѓаволот преку луѓето се близу. Не плашете се, туку бидете храбри и непоколебливи во верата, за да не бидеме посрамени при доаѓањето Господово. Будното око на душата насочете го кон Оној, Кој може да нѐ спаси од смртта. Постојано гледајте во Него. Он е моќен жалоста да ја претвори во радост, плачот во веселба, солзите во смеа, трудот во одмор. Отфрлете ги сите убавини и сласти на овој свет заради Синот Божји Исус Христос, за со сите светии да станете наследници Негови. Но, знајте дека оваа ноќ ми се јави Господ, ме извести за мојот крај и ми кажа колку големи дела ќе стори за мене, слугата Свој. Вие не тагувајте, туку вратете се и утврдувајте ги браќата во Христа. На мое место епископ нека ви биде Евтихиј, синот Калистов, зашто така ми откри Господ, кој со Својата благодат ќе ви го предаде моето ништавно тело. Додека ѓаконите горко плачеа, тој ги поучи и ги посоветува да се вратат во Амасија. А на Елпидифор му рече:

- Ти, брате, си избран од Бога да им служиш на браќата со гостопримството и поради таа љубов ќе добиеш вечна награда на небесата. Ти ги препорачувам овие две чеда мои. Немој да ги оставаш и потруди се онаму каде што Господ ќе те повика на служба.

Светителот го отпушти Елпидифор и двајцата ученици. Потоа царот нареди да го изведат пред него. Најпрвин го обвини поради Глафира, која ја прими и ја криеше кај себе и не го извести за неа. Светителот веднаш му даде достоен одговор и го разгневи. Тогаш царот нареди повторно да го фрлат во темницата. Потоа го испрати кај него трибунот со ваква порака: „Сѐ што се однесува до Глафира ќе ти биде простено и ќе добиеш големи почести, ако ми се покориш и им принесеш жртви на моите богови. Ќе те поставам за старешина на сите овдешни жреци“.

Божјиот угодник му одговори на трибунот:

- Речи му на царот: И целото царство да ми го дадеш, не ќе можеш да ми дадеш онолку колку што сакаш да земеш од мене. Ти сакаш да ме одвоиш од живиот Бог и од бесмртната слава, а да ме опсипаш со краткотрајни и минливи почести. Но, послушај го мојот совет: покори ми се ти, врати се од каде што си паднал и со смирение падни пред Христа од Кого си се одрекол, зашто е благ нашиот Бог и никој не е помилостив од сесветиот Спасител. Покај се и отстапи од суетните дела, та поради твоето безумие да не те снајде зло од праведниот Судија од Кого си се одрекол и си рекол дека не е Бог.

Трибунот му ги достави на царот зборовите на светителот. Тогаш царот му рече на трибунот:

- Оди и повторно посоветувај го да ѝ се покори на нашата вера, и да се вразуми. Ако не сака, отсечете му ја главата и фрлете го во морето, па да видиме дали Галилеецот ќе го спаси.

Трибунот повторно отиде кај светителот и му рече:

- Човеку, сега се наоѓаш помеѓу животот и смртта. Одбери едно од нив: или исполни ја волјата на царот, или знај дека ќе бидеш посечен со меч и фрлен во морето.

Светителот се израдува и му рече:

- Јас се трудам да ја исполнувам волјата на мојот бесмртен Цар и Бог и да ги исполнувам Неговите заповеди. Оние што вие ги нарекувате богови се ѓаволи, и заедно со нив вие ќе бидете фрлени во незгасливиот оган од вистинскиот Бог, во денот на Неговиот праведен суд.

Таму ќе биде плач и крцкање со заби. Правете со мене што сакате. Јас сум спремен на сѐ за мојот Христос.

Трибунот увиде дека е невозможно да го наговори и придобие за нивната вера, па нареди најпрвин да го убијат, потоа да му ја отсечат главата и да го фрлат во морето. На ист начин убиваа многу христијани, а посебно пастирите Божји, и ги фрлаа на рибите. Маченикот Христов Василиј со радост го поднесуваше тепањето, велејќи:

- Ни неволја, ни тага, ни маки, ни оган, ни меч, ни смрт, нема да бидат во состојба да ме одвојат од љубовта Христова, зашто Он е моќен да ме избави од сето тоа.

Воден на смрт, светиот епископ пееше Давидови псалми, а Елпидифор одеше по него заедно со ѓаконите и некои христијани. Кога стигнаа на одреденото место, Елпидифор им даде на војниците неколку сребреника, молејќи ги да му дозволат на епископот да поразговара со своите познаници. Но, тие не му дозволија. Блажениот слуга Христов ги преклони колената, ги крена рацете кон небото и се помоли на Бога, говорејќи:

- Господи, Боже мој, Ти си ги створил небесните бестелесни Сили, си ја засновал земјата на водата, си го создал морето и сѐ што е во него. Ти си насекаде и во сѐ, Ти ја твориш волјата на оние што Ти се бојат и ги држат заповедите Твои. Услиши ги молитвите мои и сочувај го верното стадо Твое, над кое мене непотребниот слуга Твој ме постави за пастир. Избави ги од незнабожечката напаст, и од многубошците кои хулат на Тебе. Ти, Семоќен, истреби ја идолодемонијата, разори ги ѓаволските дејства, а соборот на Црквата Твоја умножи го и зголеми го; луѓето на овој град и на оваа покраина соедини ги, за да бидат едносуштни и едномислени во исповедањето на Тебе, вистинскиот Бог. Направи да бидат ревнители во добрите дела и да Ти угодуваат Тебе, за во сите да се прослави името на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови.

Откако рече „амин“, ги целиваше Елпидифор и ѓаконите како некогаш великиот апостол Павле презвитерите Ефески, говорејќи: „Благословен е Бог, Кој не им дозволи на нашите непријатели да нѐ сомелат со забите свои, туку ги искина нивните замки и нѐ избави, та не можат повеќе да нѐ искушуваат. Поздравете ги браќата и децата кои ги родив во Духот Свети. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас, амин!“

Потоа се обрати кон џелатот со зборовите:

-Пријателу, изврши го тоа што ти е наредено!

Ги преклони колената и го подаде својот врат со радост. Така обезглавен, тој го доврши својот подвиг.

Потоа Елпидифор, давајќи им злато, ги молеше војниците да не го фрлаат телото на маченикот во морето, туку да му го предадат за да го погребе. Но, тие се плашеа да не дознае царот и не се согласија, туку зедоа едно рибарско бротче, го товарија во него телото на маченикот заедно со главата и отпловија далеку од брегот. Во морската шир, на едно место го фрлија телото а на друго главата. Христијаните го набљудуваа тоа од брегот и плачеа. Меѓу нив беше и никомидискиот презвитер Јован, кој го следеше подвигот на светителот и потоа ги опиша сите негови страдања.

Верниот слуга Христов Елпидифор со двата ѓакона се врати во својот дом и ги тешеше во нивната тага. Таа ноќ, во сонот имаше божествено видение. Му се јави ангел Господов и му рече:

- Епископот Василиј ве очекува во Синоп. Стани, и појдете кај него.

Тоа видение на Елпидифор му се повтори три пати во истата ноќ. Тој им го раскажа на ѓаконите и ги праша дали слушнале за место или град по име Синоп. Партениј му одговори:

- Синоп е град во Понт, каде светиот апостол Андреј го благовестуваше Христа. Но, и јас во сонот го видов светиот Василиј. Му пружив рака, и заедно влеговме во црквата Господова, а тој ми рече: „Како што гледаш, ќе ти биде“.

Тогаш Елпидифор зеде доволно злато и сѐ што е потребно за пат и отидоа во приморскиот град Синоп. Кога се наближија до градот, преку ноќта Елпидифор виде во сонот ангел, кој му рече:

- Фрлете ја мрежата во морето од десната страна на градот и ќе го пронајдете бараниот бисер.

И со прстот покажа кон тоа место. И видоа силно осветлен дом и во него свети Василиј со мноштво свети војници. Ангелот му рече на Елпидифор:

- Ете, го гледаш оној што го бараш. Наутро појди и земи го.

Штом се разбуди, Елпидифор им го раскажа своето видение на пријателите, и кога се раздени се упатија кон десната страна од градот и го најдоа местото што му го покажа ангелот во сонот. Тука имаше рибари кои ги подготвуваа своите мрежи за риболов. Елпидифор им рече:

- Ќе ви дадеме сѐ што сакате, само во името на секого од нас фрлете ги мрежите, и тоа што ќе го фатите да биде наше.

Рибарите се согласија и се договорија. Елпидифор и ѓаконите фрлија коцка, во чие име најпрвин да бидат фрлени мрежите. Коцката најпрвин падна на Теотим. Рибарите ги фрлија мрежите во Негово име, но не фатија ништо. Истото се случи и со Партениј. Тогаш Елпидифор рече:

- Наредувам мрежите да не се фрлат во мое име, туку во името на мојот Бог, и се надевам дека ова фрлање нема да биде залудно.

Кога ги фрлија мрежите и започнаа да ги влечат, рибарите почувствуваа тежина и со насмевка си рекоа:

- Богот на оној човек е посреќен од оние двајца.

Кога ја извлекоа мрежата, здогледаа тело на мртов човек и го променија своето мислење, говорејќи дека ловот на Елпидифор е понесреќен од оние двајца, и сакаа телото да го фрлат во морето. Но, Елпидифор ги запре. Потоа им го побара телото за да го погребаат, а тие да ја земат договорената сума. Но, тие не се согласуваа да ги земат парите оти уловија леш, но Елпидифор ги убеди.

Кога го изнесоа телото на брегот, тие со радост и солзи го прегрнуваа и целиваа, и се восхитуваа на чудото: главата која беше отсечена и фрлена далеку од телото во морето, сега беше соединета со телото, и само се гледаше белег од посекувањето, а силен мирис излегуваше од него. Потоа го завиткаа во чиста плаштаница, најмија кола и го одвезоа во Амасија. Таму чесно го погребаа во новата црква подигната од него. Целиот христијански народ многу плачеше за него.

Така заврши страдањето на светиот свештеномаченик Василиј, епископот амасијски. По неговата смрт, царот Константин Велики, тајно известен од својата сестра за Ликиниевиот разврат, отстапништво и насилништво, набрзо собра воена сила, призивајќи ја помошта Христова, се крена против Ликиниј, го фати жив, и го испрати на заточение во Галија, каде бедникот умре. А Истокот, откако се избави од насилството на Ликиниј, слободно Му служеше на Христа Бога и по вселената се ширеше славата на Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, Кому од сите слава, чест и поклонение за навек, амин. Свети Василиј пострада во 322 година.

СПОМЕН НА СВЕТАТА ПРАВЕДНА

ГЛАФИРА

Целомудрената и исполнета со страв Божји девица Глафира беше на служба кај царицата Констанција, сопругата на царот Ликиниј. Кога дозна за нечистите намери на развратниот Ликиниј, таа ја напушти Никомидија и отиде во Амасија, каде живееше под заштита и закрила на епископот Василиј. Кога Ликиниј ја повика кај себе за да ја казни, таа се упати кај него заедно со епископот Василиј, но по патот се упокои и отиде во небесните живеалишта. Света Глафира се упокои околу 322 година.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН

И БОГОНОСЕН ОТЕЦ

ЈОАНИКИЈ ДЕВИЧКИ, ЧУДОТВОРЕЦ

Преподобниот и богоносен отец Јоаникиј е родум од стара Дукла од Зета. Уште од детството ја сакаше осаменоста и побожната повлеченост. Затоа го остави домот на своите родители и отиде на реката Ибар во сливот на Црна Река. Таму најде една тесна пештера и во неа водеше строг пустински живот. Според преданието, во таа пештера пред него се подвизувал и свети Петар Коришки. Неговото доаѓање во Црна Река привлече многу монаси кои се поучуваа од него во светиот подвижнички живот. И многу народ започна да доаѓа кај него за поуки и молитви. На тоа место тој подигна црква. Но, кога неговата слава започна да се разгласува меѓу луѓето, тој отиде во Дреница и се сокри во девичката густа шума. Овде свети Јоаникиј ги минуваше годините во осаменост, молчење и молитви. Имаше големи духовни борби со демоните, но со своите молитви, потоците од солзи и благодатта Божја, ги победи сите нивни искушенија. Затоа од Бога доби власт над нив и ги изгонуваше со својата молитва. Кога слушна за неговите подвизи и големата светост, српскиот деспот Гурѓе Бранковиќ ја доведе кај него својата полудена ќерка и светителот ја исцели. Од благодарност деспотот изгради црква на тоа место во име на Воведението на Пресвета Богородица а потоа и манастир, и до денес познат под името Девич.

Преподобниот Јоаникиј доживеа длабока старост. Се упокои во манастирот Девич, на 2 декември во 1430-та година. Затоа неговиот спомен се врши на 2 декември. Неговите свети мошти се погребани во гробницата на неговиот манастир. Веднаш по неговото упокојување неговите свети мошти започнаа да пројавуваат знаци и чудотворни дејства. Народот од тој крај започна да бара исцеленија на неговиот гроб и светителот ги исцелуваше сите, а особено и до ден денес ги исцелува умоболните и бесомачните. Од благодарност за многубројните исцеленија, луѓето даруваа разни прилози и подароци на гробот и обителта на преподобниот.

Во манастирот на преподобниот Јоаникиј скоро до наши денови се подвизувала една прочуена и богоугодна испосница, монахињата Ефимија, позната во косовскиот крај под името Блажена Стојна. Таа се упокоила во 1895 година и е погребана покрај Петровата црква кај Нови Пазар.

Од најновите чудеса на преподобниот Јоаникиј ќе наведеме само неколку.

Во 1947 година, во месец мај, на гробот на свети Јоаникиј од тешка болест се исцели Крсто Дончиќ од селото Бинче од Метохија. Две години подоцна се исцели и неговиот сосед Радован Крстиќ.

Во јули, во 1957 година преподобниот ја исцели од парализа Нада Бебиќ од Приштина.

На 10-ти октомври, во 1964 година се исцелија Божана Нектаревиќ од Крагуевац и Добривој Стевиќ од Чубра кај Неготин.

Овој светител и денес исцелува многу болни од најразлични болести ако со вера му приоѓаат и се молат на неговиот гроб.

По молитвите на светиот отец Јоаникиј Девички Чудотворец, нека Господ нѐ исцели од секоја страст и грев, и нѐ удостои на Царството Небесно. Амин.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ

СТЕФАН

епископ Пермски

Преподобниот Стефан е роден во градот Устјуг, најверојатно во 1340-та година. Неговиот благочестив татко Симеон, по потекло Русин, беше чтец при соборната црква „Пресвета Богородица“. И неговата мајка Марија беше примерна христијанка, исто така русинка. Уште како мало дете родителите го дадоа Стефана да учи книга. Бистар и вреден, Стефан напредуваше во учењето и покажуваше одличен успех. Не помина ни година од неговото школување, а тој веќе стана канонарх и чтец при соборната црква, каде служеше и неговиот татко. Надминувајќи многу свои врсници со својата бистрина и ум, тој напредуваше подобро од сите во разумот и благодатта. Ги одбегнуваше игрите и забавите, и времето го минуваше во изучување на Светото Писмо и во читање на книги. Растејќи во девственост, чистота и целомудрие, тој ја почувствува таштината на овој краткотраен живот и неговото срце сѐ повеќе гореше од љубов спрема Бога, љубов која никогаш не престанува. Понесен од таа љубов, тој го прими монаштвото од игуменот Максим во Ростовскиот манастир на светиот Григориј Богослов. Во тој манастир имаше многу книги и Стефан со љубов ги читаше. Вистински се трудеше во монашкиот живот, подвизувајќи се со постот, молитвата, солзите, чистотата, воздржанието, трпението, незлобивоста, послушанието, љубовта и другите доблести, и многумина се огледуваа на неговиот богоугоден живот. Поучувајќи се во законот Господов и ден и ноќ, и црпејќи од книгите духовна корист, тој напиша многу книги кои и денес сведочат за неговото богомислие и трудољубие. Поради таквиот доблесен живот, блажениот Стефан беше произведен за ѓакон од страна на ростовскиот епископ Арсениј, а по неколку години беше ракоположен за презвитер од коломенскиот епископ Герасим.

Новоракоположениот јеромонах слушна дека Пермската земја, која одамна се наоѓа во границите на Московската држава, не е просветена со светото крштение, туку целосно е потоната во незнабожечкото идолопоклонство. Таму не допрела апостолската проповед, таму никој не го сеел семето Божјо и луѓето беа во темнината на незнаењето за вистинскиот Бог и во сенката на смртта и вечната погибел. Исполнет со ревност, блажениот Стефан го обзеде неизмерна желба да отпатува во Пермската земја, за да Го проповеда Христа и да ги спасува човечките души. Но, за да успее во тоа, на новиот апостол му беше потребно да ги преведе на пермски јазик најважните свети книги. Затоа темелно го изучи пермскиот јазик и состави пермска азбука. А за подобро разбирање на Светото Писмо и поточен превод на пермски јазик, ревносниот монах добро го изучи и грчкиот јазик. На тој начин доби можност лесно да чита книги на руски, грчки и пермски јазик. Како послушен син на Црквата, тој не сакаше да се оддаде на таквиот потфат без одобрение и благослов на црковните власти. Затоа отиде кај тогашниот намесник на Руската митрополија, гореспоменатиот епископ колуменски Герасим, и му ја откри својата намера и пламена желба на своето срце: да го проповеда Евангелието на неверните, па или да ги обрати кон Христа Бога, или да пострада од нив, полагајќи ја својата глава за нашиот Спасител, според зборовите на светиот апостол: „Вам ви се даде дар поради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него“ (Фил. 1, 29). Блажениот Стефан молеше благослов од својот епископ за својот пат. Епископот се восхити од таквата љубов за Христа и таквата желба за спасение на човечките души. Знаеше дека тоа е Божји призив и дејство на Светиот Дух, па го прослави Господа Христа и го благослови блажениот Стефан за престојниот подвиг. Му даде честици од свети мошти, антиминси, свето миро и сѐ што е потребно за осветување на цркви, па го отпушти со мир. Преподобниот отиде кај великиот кнез Московски и од него доби потребно писмено одобрение за граѓанските власти.

Откако се подготви, новиот апостол отпатува во Пермската земја. Таму не беше допрела проповедта на светите апостоли; таму немаше ниту трага од богопознанието и побожноста, ниту пак се споменуваше името Божјо; таму сѐ беше безбожно, и со темнината на крајното безумие и заслепеност помрачено. Кога стигна во Пермија, преподобниот Стефан му принесе сесрдни молитви на Господа, и како овца среде волци, започна да оди среде непослушниот и расипан род, да Го проповеда Христа вистинскиот Бог, и да ги поучува во христијанската вера. На почетокот, слушајќи ја неговата проповед, некои се чудеа на тоа учење. А потоа тие полека започнаа да ја познаваат вистината, ја примаа светата вера и се крштеваа. Поголемиот број не само што не сакаше да го слуша, туку му приредуваше и непријатности. Едни му се потсмеваа, други го навредуваа, трети го напаѓаа со мотки за да го убијат, а некои сакаа да го спалат. Но, раката Божја го заштитуваше Својот слуга, заради прославување на Своето свето име.

Поучувајќи ги во христијанските вистини и крштевајќи неколку души, преподобниот Стефан за малото стадо словесни овци Христови подигна прекрасна црква близу сливот на реката Вима во големата река Вичегда. Подоцна тука беше подигнат негов манастир. Новоизградената црква тој ја посвети на чесното и славно Благовештение на Пресвета Богородица. Со тоа посветување тој изрази мисла: како што Благовештението беше почеток на нашето спасение, така и Пермската црква беше почеток на просветувањето на Пермската земја. Во таа црква тој и дење и ноќе со солзи се молеше на Бога за обраќањето на неверните, говорејќи: „Собери ги, Господи, расеаните луѓе Твои и заблудените овци, внеси ги во светата Црква Твоја, и присоедини ги кон избраното стадо Твое“. И не престануваше апостолски да ги учи, секогаш советувајќи и молејќи, одвраќајќи ги од заблудата и упатувајќи ги на патот на вистината. Но, помрачените луѓе не им веруваа на неговите зборови, туку се гневеа на него и не го сакаа оној, кој што со својата душа се грижеше да им прави добро на нивните души.

Еден ден слугата Божји Стефан, откако се помоли на Господа, отиде во прочуеното идолиште и го запали. Тогаш кај идолиштето не се затекна никој од идолопоклониците, и тоа идолиште изгоре до темел заедно со идолите. А светителот седеше крај изгореното здание, очекувајќи што ќе го снајде од неверниците идолопоклоници. Кога здогледаа дека идолиштето им гори, тие јурнаа кон него со секири и мотки. Дотрчаа до него и видоа дека веќе догорува, а крај него седи свети Стефан. Разбеснети, тие се нафрлија врз него и сакаа да го убијат. Светителот не им се спротивстави, туку ги крена рацете на молитва, и подготвувајќи се да умре, со солзи повика кон Бога:

- Во рацете Твои, Господи, го предавам својот дух. Заштити ме со крилјата на Твојата добрина.

И неочекувано верската разјареност на раздразнетиот народ се претвори во овчја кроткост, и угодникот Божји остана недопрен од никого. Народот донекаде беше победен од неговата кроткост, а донекаде се плашеше од московските власти да убие човек кој им дошол со писмена званична дозвола од Москва. Но, овие незнабошци најмногу беа спречени со силата на Бога, Кој не му дава замав на жезолот на грешниците против Неговите праведници. Тогаш блажениот Стефан застана на видно место и му се обрати на неверниот народ со зборовите:

- О, луѓе! Кога ќе отстапите од демонската измама за да ја одбегнете осудата и вечниот оган? Зошто им се клањате на идолите и ги нарекувате свои богови? Та тие се дело на вашите раце! Иако имаат усти, сепак не зборуваат; имаат уши, а не слушаат; очи имаат, а не гледаат. Тие не ги земаат жртвите што им ги принесувате, ниту јадат, ниту пијат; тие никому не помагаат, зашто ете, ни себеси не можеа да си помогнат кога изгореа и во пепел се претворија. Ако навистина беа богови, зошто не го згаснаа огнот и не му се спротивставија барем со еден збор на оној кој ги спали, и не го казнија со ништо? Та може ли мртво дрво да стори нешто? А вие им се поклонувате на немите, слепи, глуви, бездушни дела на вашите раце. Освестете се, увидете ја својата заблуда и измама и оставете ја таа погубна бесмислица. Познајте Го вистинскиот Бог, во Кого веруваат христијаните. Пристапете кон Него и просветете се. Зашто Он го утврдил небото, ја основал земјата, ја држи сета твар и управува со целиот свет. Он сѐ гледа, сѐ слуша, ги знае потребите на сите и промислува за сите. Он е помошник и хранител, и нема друг бог освен него. Затоа, о пермски луѓе, браќа, татковци и деца! Послушајте ме и верувајте во нашиот Господ Исус Христос, Кого ви го проповедам.

Ви ја зборувам вистината. Ако поверувате и се крстите ќе бидете спасени и ќе го добието Царството Небесно; ако пак не поверувате и не се крстите, ќе бидете осудени на вечни маки.

Зборувајќи го тоа, светителот убедуваше многумина и тие започнаа да веруваат и му пристапија на крштението. Така од ден во ден се зголемуваше бројот на верните и растеше Црквата Христова во Пермија.

Преподобниот Стефан кога ќе видеше поголема група од незнабошци, веднаш им пристапуваше и им го проповедаше Христа Господа. Понекогаш самите тие со своите старци, жреци и најугледни пермски луѓе доаѓаа кај преподобниот, расправаа со него за верата и во сѐ беа победувани со побожните зборови кои излегуваа од богоговорната уста негова. Незнабожните пермјани најчесто доаѓаа кај новоизградената црква, не за молитва, туку за да ја гледаат убавината на црковната градба и нејзиното внатрешно благолепие. Восхитени од украсеноста на светиот храм, на заминување тие си зборуваа меѓу себе:

- Како што видовме, голем е Богот христијански, многу поголем од нашите богови.

Понекогаш пак, незнабошците се собираа и се советуваа меѓу себе, говорејќи:

- Ако не го натепаме Стефана, и не го избркаме, тој целата наша земја ќе ја наполни со своето учење и ќе ги разори древните храмови и жртвеници на нашите богови.

Други одвраќаа:

- Како да го тепаме и избркаме, кога има писмена дозвола од Москва?

Некои додаваа:

- Кога прв би започнал, би ни било лесно да го натепаме, но, тој чека ние да почнеме за да има причина да се жали во Москва. Но, тој не вели ништо и кога го навредуваме, ниту нѐ прекорува, ниту нѐ навредува, туку сѐ поднесува кротко, та не знаеме што да правиме со него.

Така, тие многу пати се договараа, но не можеа да дојдат до никаква согласност, па се разидуваа, та се исполнуваа зборовите на светиот пророк: „Договарајте се, договорот ваш ќе го разбие Господ“ (Ис. 8, 10).

Така пермските луѓе се поделија: едни беа новопросветени христијани а други идолопоклоници. Идолопоклониците ги мразеа христијаните, ги навредуваа, ги исмеваа и не им даваа да живеат мирно. Свети Стефан многу страдаше поради тоа и со солзи Му се молеше на човекољубивиот Бог, да го заштити своето стадо и незнабошците да ги приведе кон спознание на вистината. Слушајќи ги непрестајните солзни молитви на Својот угодник, и гледајќи го неговиот труд и трпение, човекољубивиот Бог, Кој сака сите да се спасат, на тој народ му го испрати духот на умилението, како некогаш на оние што ја слушнаа проповедта на апостол Петар, за што пишува во Делата Апостолски: „А кога слушнаа срцата им се исполнија со умиление и му рекоа на Петар и другите апостоли: луѓе и браќа што да правиме?“(Д.А. 2, 37). И се собра многу пермски народ, кој си велеше меѓу себе:

- Го гледате ли браќа, човекот што дошол од Русија? Сте ги слушнале ли неговите зборови? Сте го забележале ли неговото трпение? Сте ја сфатиле ли неговата голема љубов кон нас? Ете, во какви тешкотии живее, па сепак не заминува одовде! Колку навреди, понижувања и неправди доживеа од нас, па сепак не ни се лути, туку кротко трпи и се радува на навредите, а во исто време не престанува да ни зборува за Царството Небесно, за вечните маки, за давањето на секого според делата, секогаш поучувајќи нѐ како да се избавиме од вечните маки и да го добиеме Царството Небесно. Кога не би било вистина тоа што го зборува, тогаш не би трпел и не би се трудел толку. Навистина тој е слуга на од него проповеданиот голем и жив Бог, Кој ги створил небото и земјата и подготвил за добрите царство, а за лошите маки. Сите негови зборови се вистина. Ајде да го замолиме целосно да нѐ поучи во својата вера и да нѐ направи христијани.

И многу луѓе, жени и деца се упатија кон светиот проповедник. Кога виде колку народ доаѓа кон Христа Бога, преподобниот Стефан многу се израдува и, леејќи солзи Му благодареше на човекољубивиот Владика, Кој не ја сака смртта на грешникот. Ги пречека со љубов како татко, ја отвори својата боговдахновена уста и долго ги поучуваше за сите тајни на светата вера. Ним, пак, Бог им даде ум да го разберат учењето на светиот учител и тие со љубов ги примаа неговите зборови и бараа крштение. Тој ги крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Така беше просветена Пермската земја со благодатта Божја и трудот и молитвите на преподобниот Стефан. Новопросветените луѓе ги уништуваа своите претходни идоли насекаде. За тоа посебно се трудеше самиот блажен Стефан. Тој одеше насекаде со секира, сечејќи ги идолите и спалувајќи ги заедно со даровите што ги принесуваа незнабошците.

Треба да се забележи дека пермските незнабошци имале обичај на своите идоли да им принесуваат уловени ѕверови, и идолите да ги покриваат со платна. И од даровите принесени на идолите никој не се осмелувал да земе нешто, ниту пак да ги допре, бидејќи таквиот, под дејство на ѓаволот веднаш паѓал во тешка болест и пател мачен од демонските сили. Ревнителот Божји Стефан, не плашејќи се од демонските сили, ги собираше даровите принесени на идолите и ги спалуваше. Народот се восхитуваше кога гледаше дека преподобниот не зема од скапоцените работи туку ги фрла во оган, а и демонската сила не му може ништо. Тоа уште повеќе ги убедуваше во Христовата сила, и се зацврстуваа во светата побожност.

Откако уништи многу идоли по разни места, свети Стефан подигна уште две цркви, зашто бројот на верните се зголемуваше а незнабошците се намалуваа. При пермските цркви светителот отвори училишта. Собирајќи млади луѓе и деца, тој ги учеше да го читаат Часословот, Псалтирот и други книги, за на народот од нивниот род и јазик да му подготви јереји, ѓакони, клирици и учители. Така во Перма започна да цвета светата христијанска вера.

Во тоа време дојде еден волхв или магепсник, старешина на гатачите, кого Пермјаните до своето крштение го почитуваа повеќе од сите волхвови, имајќи го како татко, учител и наставник, и веруваа дека тој со својата магепсничка сила управува со целата пермска земја. Тој волхв започна да ги смутува новопокрстените луѓе велејќи:

- Луѓе и браќа Пермјани, зошто ги оставате боговите и верата на вашите татковци? Зошто престанувате да им принесувате жртви на боговите? Кого слушате? Зарем човекот кој дошол од Москва? Може ли за нас да има нешто добро од Москва? Зарем од таму не ни се наметнуваат тешки даноци, насилства, судии и началници? Не слушајте го тој Русин, туку послушајте ме мене. Јас ви посакувам добро. Јас сум ваш род, од едно племе со вас, од една земја, со ист јазик и вам ви доликува да ме слушате мене, старецот и ваш отец, а не оној млад кој според годините може да ми биде син или внук.

А новопокрстените луѓе му рекоа:

- Оди, па препирај се со него а не со нас.

Помеѓу волхвот и преподобниот настана голема борба. Волхвот се обидуваше со своите магии да го погуби преподобниот, но магиите не можеа ни да му се доближат на Божјиот угодник. Но и покрај тоа, злобниот волхв секојдневно му правеше разни пакости на преподобниот. Тој јавно хулеше на светата вера, смутувајќи ги при тоа неутврдените во верата и повторно ги привлекуваше кон претходното незнабожие. Ги заведуваше со лукави зборови и со подароци. Понекогаш викаше по преподобниот, го навредуваше, обидувајќи се на секој можен начин да го победи непобедливиот војник Христов.

Во една прилика тој му рече на свети Стефан:

- Иако ги навредуваш, нашите богови не те погубија затоа што се милостиви. Иако те штедат за да ја спознаеш нивната добрина, ти не престануваш да ги омаловажуваш. А дека нашата вера е подобра од христијанската, јас јасно ќе ти докажам: кај вас постои еден Бог а кај нас има многу богови, многу помошници, многу заштитници, И ете, тие ни даваат сѐ; сѐ што е во водата, во воздухот, по шумите и ридовите, сите диви животни кои од нашиот лов стигнуваат до вас, та со нив се богатат вашите кнезови, болјари и велможи, се облекуваат во нив, ги поклонуваат едни на други, тргуваат, ги испраќаат во другите земји. Сето тоа е од ловот што ни го даваат многуте наши богови. Нашата вера е подобра од вашата, бидејќи кај нас еден или двајца одат во борба против мечката и ја убиваат со помош на нашите богови, на кои затоа им ја ветуваат кожата. А кај вас против една мечка одат многумина, и едвај можат да победат еден ѕвер, а понекогаш и не можат и загинуваат неколкумина. Нашата вера е подобра и со тоа што ние од нашите богови веднаш добиваме вести за сѐ што се случува во текот на денот дури и во далечните земји. А кај вас не е така, туку по многу денови едвај некоја вест ќе стигне до вас. Ете, затоа нашата вера е подобра.

Свети Стефан на сето тоа одговараше:

„ Единствениот Бог христијански е посилен од многуте незнабожечки богови зашто тие се ѓаволи фрлени од небото во бездна и ги лажат безумните луѓе со бездушните идоли. Тие не само што не им помагаат на луѓето, туку напротив, им нанесуваат штета и секогаш им причинуваат зло. Самите зли, немилосрдни, завидливи, тие за час би го збришале човечкиот род од земјата ако силата Божја не ги врзува и спречува. Секој лов, пак, им се дава на луѓето од самиот Давател на сите добра, Кој ги раздава Своите дарови на секого според неговиот труд, а не од неподвижните идоли. А борбата со ѕверовите е присутна во сите земји. Победата на човекот над зверовите не е од вашите богови, туку од телесната сила и искуството на борците и најмногу од небесниот Бог, Кој ги покори под нозете на човекот сите ѕверови, стоката, птиците, рибите. Меѓу христијаните има многумина кои со името Христово скротија диви ѕверови, затворија лавовски усти, мечки и лавови врзаа со збор, на аспиди и змии назгазија.

А што се однесува до вестите кои волхвовите брзо ги добиваат од демоните, светителот велеше:

- Во христијанската Црква има многу прозорливи луѓе, кои со своите духовни очи гледаат не само што се случува во нивни денови надалеку како да се случува пред нив, туку пророчки претскажуваат што ќе се случува и по многу години по нивното претставување. Така и светите пророци во Стариот Завет, многу години порано претскажуваа за она што потоа се случи во новозаветната Црква христијанска.

По долгите и многукратни препирања за верата, свети Стефан и волхвот одлучија на дело да испитаат чијата вера е подобра. На предлог на волхвот тие се договорија да преминат низ оган и вода, па оној што нема да изгори во огнот и нема да пропадне во водата, неговата вера е подобра и него ќе го следи народот.

Свети Стефан му рече на волхвот:

- Ти си посакал нешто што ја надминува мојата смирена моќ. Но, јас се надевам во семоќниот Бог, Кој сака сите да се спасат. Заради слава на Своето свето име, Он може на чудесен начин да ме сочува неповреден и во огнот и во водата, и со тоа чудо присутниот народ да се утврди во верата, а ти да бидеш посрамен заедно со твоите демони во кои се надеваш.

Потоа се обрати кон народот со зборовите:

- Благословен е Господ! Запалете ја оваа колиба, па јас ќе се фатам за рака со волхвот и ќе влезам во неа.

Колибата беше запалена и светителот се помоли на Бога, говорејќи:

- Семоќен Господи, покажи ја силата Своја, за присутните да ја разберат вистинската вера и да познаат дека си Ти единствениот Бог, а јас слуга Твој. Еве, непријателите Твои зовреа и тие што Те мразат ги кренаа главите. Затоа, направи чудо со мене и нека видат оние што ме мразат и нека се посрамат, зашто Ти си Богот кој во секоја неволја нѐ тешиш со Утешителот Твој, Духот Свети, со Кого си благословен за навек, амин.

Потоа му рече на народот:

- Мир на вас, браќа! Спасувајте се, простете и молете се за мене, зашто за светата вера сум готов и да умрам. Ете, итам кон претстојниот подвиг, надевајќи се во мојот Господ.

Па обраќајќи се кон волхвот му рече:

- Ајде да се фатиме за раце и да влеземе во огнот, како што ветивме.

Волхвот се уплаши и не сакаше да влезе. Тогаш светителот цврсто го фати за облеката и го повлече со себе во огнот. Но, тој се бранеше и се тркалаше по земјата, викајќи дека ако влезе, веднаш ќе изгори како сено. Пред нозете на светителот тој изјавуваше дека е виновен, признавајќи ја својата слабост и осудувајќи ја својата заблуда и прелест. Тогаш народот започна да вика по него и да го навредува, а тој објави дека го дал предлогот сметајќи дека Стефан ќе се исплаши и нема да премине низ огнот.

Исто така, тој не сакаше да влезе ни во водата и се обелодени неговата немоќ и лагата на сите негови учења. Потоа свети Стефан го праша:

- Сакаш ли да веруваш и да се крстиш, бидејќи си победен?

Но тој одби да ја прими христијанската вера и да се крсти. Тогаш светителот се обрати кон народот:

- Вие сте сведоци дека овој бедник самиот предложи правата вера да се провери со оган и вода, но, не го исполни својот збор и сега не сака ниту да верува ниту да се крсти. Што мислите за него?

А народот повика:

- Заслужува смртна казна!

И го фатија, и го предадоа на светителот за да го казни како што сака. Притоа велеа:

- Ако го пуштиш жив, уште поголеми пакости ќе прави.

А светителот им одговори:

- Не! Нашата рака нема да се крене врз нашите непријатели. Христос не ме испрати да тепам, туку да благовестувам; не ми нареди да мачам, туку кротко да учам и тивко да советувам; мојот Господ не ми заповеда да казнувам со смрт, туку милостиво да поучувам според реченото: „Праведникот нека ме казнува, светиот нека ме изобличува“ (Пс. 140, 5). А штом тој не сака да верува, му претстои вечна осуда, зашто нашиот Господ вели: „Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој нема да поверува ќе биде осуден“ (Мк. 16, 16). Доволно е строго да му се запрети да не ги расипува Божјите луѓе со своето лажно учење. Освен тоа, грабливиот волк нека замине одовде. Ако се дрзне повторно да се појави овде и да учи, нема да ја избегне смртната казна.

Со таквата забрана го избркаа волхвот од Пермија и Црквата Божја живееше во мир и насекаде се градеа храмови Божји а се уништуваа идолиштата. Црквата во Пермската земја толку се зголеми, и се јави потреба за епископ. Откако се посоветува со својата паства, преподобниот Стефан отпатува за Москва кај великиот кнез Димитриј Јовановиќ и кај митрополитот Пимен. Ги извести за сѐ што со благодатта Божја стори во Пермската земја и молеше на таа земја да ѝ се даде епископ, зашто „жетвата е голема а жетварите се малку“. Великиот кнез и митрополитот ја разгледаа работата и донесоа одлука за епископ да го постават таму свети Стефан, како достоен за таа чест. Тие велеа:

- Кој е најдостоен и најподобен за епископската служба во Пермската земја, ако не оној што таа земја ја просвети со благодатта Христова, и при тоа поднесе толку големи подвизи и трудови, преведе свештени книги на пермски јазик, уништи идоли и подигна храмови, и се истакна како апостол на Пермија?

И свети Стефан беше поставен за епископ Пермски во 1383та година. Тоа поставување беше по волјата на великиот кнез, кој одамна го познаваше блажениот Стефан и многу го сакаше. Митрополитот и великиот кнез го обдарија новопоставениот епископ со многу подароци и го испратија за Пермија.

Кога се врати во новоосновата епархија како епископ, свети Стефан ѝ причини голема радост на својата паства. Во епископскиот чин тој се трудеше како порано: ги утврдуваше верните, ги обраќаше неверните и ги крштеваше, подигаше цркви, поставуваше свештеници, и целиот црковен поредок го уредуваше мудро. Исто така, тој подигаше и манастири, даваше милостиња, ги хранеше бедните, ги облекуваше болните, ги тешеше нажалените, ги згрижуваше патниците. На сите им беше милостив отец и голем добротвор, ревносен пастир кој усрдно се грижи не само за спасението на душите туку и за нивните телесни потреби. За време на глад во Пермија, тој многу пати со бродови донесуваше многу жито од Вологда и бесплатно го раздаваше на сиромашните луѓе.

Кога угодникот Божји ја приведе кон Бога Пермската земја и уреди сѐ како што треба, се приближи кон својот крај. Достигна длабока старост и беше изнемоштен од долгогодишните трудови околу спасението на душите.

При крајот на својот живот, свети Стефан мораше да патува за Москва кај митрополитот Кипријан, поради некои црковни работи. При своето заминување тој го повика своето стадо, го поучи од Светото Писмо да пребива во верата и нелицемерната љубов меѓу себе, и на крајот од својата архипастирска поука додаде:

- Се ближи мојот крај, како што ми откри Господ на Кого ве предавам.

Потоа се помолија заедно и тој тргна на пат. По доаѓањето во Москва светителот изнемоште, боледуваше неколку дена и на 26 април, во 1396-та година се претстави во Господа, Кого уште од мал го засака.

На погребот на светителот присуствуваа митрополитот Кипријан со целокупното свештенство, кнезови, болјари, и многу народ. Сите чесно го испратија телото негово во Свето-Спаскиот манастир, и го положија во камената црква од левата страна.

Така нашиот преподобен отец Стефан, епископот и просветител на Пермската земја, го заврши својот богоугоден и за многумина многу корисен живот. Пермската паства ја оплака горко смртта на својот епископ, кој и на ангелите Божји им причини голема радост, обраќајќи кон Бога толку многу грешници. Поради тоа, неговата света душа Ангелите со радост ја зедоа на своите раце и ликувајќи ја однесоа кај Бога. Стоејќи заедно со ликот на светите јерарси пред престолот на благодатта, свети Стефан не само за Пермската земја туку и за целиот свет го моли Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому слава за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ

КАЛАНДИОН КИПАРСКИ

Свети Каландион (или Каландија) дојде на островот Кипар од Палестина заедно со останатите триста клирици, монаси и лаици, наречени Аламани. Овие свети побегнаа од Палестина пред агарјанските напади (во 7-8 век) и дојдоа на Кипар, каде живееја свето, подвизувајќи се по разни места. Според некои, свети Каландион бил епископ Кипарски.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ

ГЕОРГИЈ

Преподобен Георгиј беше ктитор и прв игумен во манастирот на свети Јован Златоуст на Кипар. Овој манастир беше подигнат од преподобниот Георгиј во 1091 година на гората Куцувинта и беше негов прв игумен.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА

ЈУСТА

Во мир се упокои во Господа.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ

НЕСТОР

Ги остави родителите и во монаштво се упокои во мир.