10. Мај   (27. Април)

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ

СИМЕОН, СРОДНИК ГОСПОДОВ

епископ Ерусалимски

Свети апостол Симеон е еден од седумдесетте апостоли. Тој е син на Клеопа, а Клеопа е брат на праведниот Јосиф, на кого што му беше доверена на чување Пресвета Богородица. Старите веродостојни црковни историчари сложно сведочат:

Праведниот Јосиф и Клеопа беа родени браќа. Јосиф беше постар а Клеопа помладиот. По Јосифовото враќање од Египет, Клеопа зеде жена по име Марија и со неа го роди свети Симеон. Кога Симеон порасна, штом ги виде чудесата на нашиот Господ Исус Христос веднаш поверува во Него. А по Господовите страдања, воскресението и вознесението, беше вброен во Седумдесетте апостоли и како и останатите апостоли ревносно го проповедаше Евангелието Христово, минувајќи градови и земји, учејќи и чудотворејќи, просветувајќи ги народите со светлината на светата вера и уништувајќи ја идолодемонијата таму.

Во тоа време на епископскиот престол во Ерусалимската црква беше свети Јаков, синот на свети Јосиф свршеникот, првиот епископ Ерусалимски. Како сведок за Христа, неверните Евреи го убија турнувајќи го од кровот на храмот и удирајќи го со мотка по главата. Наскоро по убиството на свети Јаков, Ерусалим беше разорен од Веспазијан, како што претскажа самиот Господ. По разорувањето на Ерусалим започнаа да се собираат Господовите ученици, кои беа живи и роднини по тело на Христа Господа, и го поставија за епископ во Ерусалим свети Симеон, роднината Господов, како што за тоа зборуваат древните историчари Игисип и Евсевиј. Како втор епископ во Светиот Град, свети Симеон, како храм на Светиот Дух, го красеше Ерусалимскиот престол, приведувајќи ги кон Христа Бога заблудените.

По многу години, за време на царувањето на Трајан (98-117), тој беше обвинет од завидливите еретици пред римскиот антипат Атика за две работи: затоа што е од коленото Давидово и затоа што е христијанин, бидејќи во времето на царот Трајан во Палестина беше подигнато двосилно гонење против потомците на Давид и против христијаните. Насекаде се бараа потомците на Давид и се убиваа, за меѓу Евреите да не остане ниту трага од царскиот род, та со Јудеја вечно да владеат римските цареви. Исто така христијаните беа мачени и убивани, за во целата вселена да се почитуваат само незнабожечките богови. Тогаш свети Симеон и како Давидов потомок и како христијанин и роднина Господов по наредба на антипатот Атика беше фатен кога имаше околу сто години. Свети Симеон претрпе огромни маки и на крајот беше распнат на крст, како и Господ Христос (околу 107 г.), и ја предаде својата душа во рацете Божји.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ

ЈОВАН ИСПОВЕДНИК

Блажениот Јован беше од Иринопол во Сирија, син на христијанските родители Теодора и Григориј и живееше во времето на царевите Костантин и Ирина (780-802). Исполнет со љубов кон Бога, тој во својата девета година отиде во манастир и се замонаши. Бидејќи беше ревносен во послушанијата, смирен и кроток, неговиот учител и старец многу го засака. Јован со својот старец отиде на Седмиот Вселенски Собор во Никеја, во 787 година. Од Никеја тие отпатуваа за Цариград. Тука старецот стана игумен и архимандрит на далматинскиот манастир а преподобниот Јован великосхимник и јереј. Царот Никифор, кој дојде по царицата Ирина во 802 година, го испрати Јована за игумен на обителта на чистите (Катари). Таму тој богоугодно и апостолски го пасеше стадото Христово над десет години и сите го сакаа.

Пред иконоборната ерес повторно да започне да ја потресува Црквата Христова, на блажениот Јован му беше откриено од Бога за таа напаст. Тој ги собра браќата од својот манастир, ги посоветува и поучи, па им рече:

- Отци и браќа, бдејте и внимавајте да не ве намами ѓаволот да се одречете од молитвеното почитување на светите икони, оти повеќе нема да ме видите во овој живот.

Додека така зборуваше, дојдоа војници испратени од иконоборниот цар Лав Ерменин (813-820) ги разбркаа монасите, го опљачкаа манастирот, го оковаа светиот Јован и го одведоа во Цариград. Изведен пред царот, тој го нарече безбожник и царот нареди да го тепаат немилосрдно со воловски жили. Светителот се радуваше затоа што го тепаат за Христа. Потоа го затворија во еден манастирски метох, каде помина три месеци. Оттаму беше испратен на заточение во Пентадактилос Ламписки. Таму му ги оковаа нозете во железни синџири и го држеа во темница осумнаесет месеци. Потоа повторно го доведоа во Цариград и го изведоа пред царскиот насилник. Бидејќи светителот му изговори многу работи на насилникот, препирајќи се за светите икони, беше предаден на тогашниот недостоен патријарх, кој страшно постапувал со светителите и долго ги мачел со глад и жед.

Потоа блажениот Јован повторно беше изведен пред царот, и тој го испрати во тврдината наречена Криотаврион Букелариски. Го држеа таму во една тесна и мрачна ќелија цели две години. Тука светиот исповедник тешко страдаше, но сѐ поднесуваше со благодарност кон Бога. Кога по смртта на царот Лав Ерменин зацарува Михаил Травлос (820-829), исто така иконоборец, татко на царот Теофил, тој на почетокот ги пушти од заточение сите заточеници. Во таа прилика беше пуштен и свети Јован, но не му дозволија да се врати во Цариград, туку го задржаа во Халкидон. Но, кога зацарува синот на царот Михаил, Теофил (829-842), тој заедно со својот соеретик, патријархот Јован Седми (836-843), го стави блажениот Јован на тешки маки за да го присилат да се одрече од почитувањето на светите икони. На крајот беше прогонет на островот Афусија, каде помина две години и шест месеци. Тука му беше откриено од Бога дека по три дена ќе се упокои. Тој им го раскажа тоа на тие што беа со него. И по три дена се упокои и отиде кај Господа. Тоа се случи околу 832 година.

СПАЛУВАЊЕТО НА МОШТИТЕ

НА СВЕТИ САВА СРПСКИ

Телото на свети Сава беше погребано во Милешево. Во времето на турската тиранија народот се собираше над моштите на светителот да бара утеха и лек. Во тоа мрачно и свирепо време, свети Сава со своето чудотворно тело беше најубедливиот благовесник и сведок на вистината и правдата Христова во Милешево. Со безбројните чудеса кои се лееја од неговите свети мошти, тој ги исцелуваше и телесните и духовните болести. Народот во него имаше непоколеблива надеж дека светиот бесмртник еден ден ќе ги ослободи од агарјанското ропство. Затоа од сите страни сите итаа кон неговиот гроб кога беа во неволја.

Пред очите на Турците се случуваа необични чудеса од светите мошти, па дури и муслиманите во своите болести и страдања прибегнуваа кон чудотворниот Светител и добиваа чудесни исцеленија. Сето тоа ги поттикнуваше Турците да ги тргнат моштите од таму. Плашејќи се од тоа место да не се крене бунт против Турците, Синан паша нареди моштите на свети Сава да бидат пренесени во Белград и да бидат спалени. Но, со спалувањето на моштите на светителот, бесниот агарјански паша не го спали светителот, кој остана жив пред престолот Божји на небесата и во срцето на својот народ на земјата.

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ

СТЕФАН

епископот Владимиро-Волински

Кој стекнал трпение, ја допира секоја доблест, се радува во неволјите, издржлив е во опасностите, весел е во напастите, - вели боговдахновениот Ефрем Сирин. Таков беше и преподобниот отец Стефан, кој многу пострада од своите браќа во манастирот. Но, за неговите маки Бог му даруваше голема радост. Сеќавајќи се на зборовите на пророкот и цар Давид „Во многу напасти Ти си ме утешил и израдувал“ (Пс. 93, 19), преподобниот со радост ги примаше сите неволји како од Бога испратени. Се трудеше во секоја добродетел, зашто уште од детството се наоѓаше под раководството на славниот игумен, нашиот преподобен отец Теодосиј Печерски, и беше негов ученик, постојано насладувајќи се и хранејќи се со боговдахновените зборови од медоточивата уста негова, како доенче од мајчините гради. Поради тоа искрено го засакаа сите браќа и го поставија за режисер на црковните правила. Тогаш тој заедно со игуменот Теодосиј достојно ги поучуваше браќата во црквата со своите духовни поуки.

Кога преподобниот Теодосиј се приближи до својот крај, сите браќа едногласно го молеа, велејќи: „Стефан е достоен после тебе да ни биде игумен“. Преподобниот Теодосиј ја исполни молбата на браќата, го повика својот возљубен ученик, му го повери стадото и го замоли да ја доврши црквата започната при чудесни знаменија. Потоа го поучи да го исполнува манастирскиот устав, да ги сака браќата со чисто срце, духовните очи постојано да му бидат вперени кон Бога, и да не го заборава гостољубието. И така преподобниот отиде во вечните небесни живеалишта, ветувајќи дека секогаш ќе ја помага својата Печерска обител, поверена на блажениот Стефан.

По претставувањето на преподобниот Теодосиј, блажениот Стефан многу се подвизуваше откако го прими игуменството над светата чудотворна Печерска Лавра. Особено се оддаде на ѕидањето на црквите отпочнати од преподобниот Теодосиј и веќе прославени со Божјото благоволение. Ѕидаше и други манастирски згради, и со благодатта Божја и молитвите на преподобните отци Антониј и Теодосиј, игуменот Стефан ја заврши црквата, изгради нов манастир и во него ги пресели браќата од стариот манастир. Во стариот остави неколку монаси, бидејќи беше обичај таму да ги погребуваат починатите браќа. Преподобниот Стефан воведе правило: во манастирот секојдневно да се врши света Литургија за преминатите браќа и блажените основачи. Сѐ што е потребно Бог изобилно даваше и благодатта Божја сѐ повеќе се покажуваше во тоа место. Но, непријателот на слугите Божји, ѓаволот, го намрази блажениот игумен поради неговото огромно залагање за светата обител и со своите зли сплетки уреди дел од браќата да се бунтуваат и да го симнат од игуменството преподобниот Стефан и да го истераат од манастирот.

Незлобивиот преподобен Стефан јуначки го поднесе тоа и со својата љубов не се одделуваше од нив, туку се молеше за нив по примерот на првомаченикот Стефан и велеше: „Господи не земај им го ова за грев!“ Како железото кон магнетот, преподобниот Стефан беше устремен кон обителта на светиот Теодосиј. Кога дознаа за неволјата на преподобниот Стефан, болјарите и велможите од љубов му донесоа сѐ што му е потребно и со Божја помош тој подигна манастир недалеку од Печерската Лавра на Клови. Во него изгради и црква во име на Пресвета Богородица а во спомен на полагањето на нејзината чесна риза. И секоја година преподобниот свечено го прославуваше втори јули, празникот на Полагањето на ризата на Пресвета Богородица. Се собраа многу браќа во манастирот и преподобниот водеше богоугоден живот, и го воведе црковниот устав и манастирски ред што го прими од преподобниот Теодосиј во Печерскиот манастир.

Трудејќи се многу за своето духовно усовршување, блажениот Стефан стана познат и славен поради својот доблесен живот. Затоа, кога се претстави епископот на славниот град Владимир, основан од великиот кнез Владимир, преподобниот Стефан беше избран на архијерејскиот престол и хиротонисан за епископ од киевскиот митрополит Јован. Свети Стефан беше добар пастир на повереното стадо од Бога, давајќи му пример со животот, љубовта, духот, верата и чистотата.

Кога по благоволение Божјо и по замисла на печерскиот игумен Јован требаше да се пренесат чесните мошти на преподобниот Теодосиј од пештерата во црквата, епископот Стефан дојде од Владимир во својот Кловски манастир. Преку ноќта, тој во полето виде огромна светлина над пештерата, па помисли дека ги пренесуваат чесните мошти и му беше многу жал што тоа се прави без него. Затоа веднаш јавна еден коњ и одјури кон пештерата заедно со Климент, кого го постави за игумен на манастирот по себе. Брзајќи така, тој повторно ја виде онаа светлина над пештерата, но кога се приближи, таму виде многу свеќи, а кога стигна од сето тоа немаше ништо. Тогаш сфати дека навистина се удостоил да види светлина на божествената слава, која излегуваше од чесните мошти на преподобниот Теодосиј. На вториот ден од ова видение, заедно со останатите епископи тој зеде учество во пренесувањето на чесните мошти на својот отец и учител.

Потоа се врати на својот владимирски престол, и со своите огромни доблести сотвори многу духовни користи за својата паства и со тоа го заслужи несвенливиот венец на славата. За да го прими тој венец, означен со неговото име, и заслужен со неговите добри дела, преподобниот Стефан отиде кај Христа, Началникот на сите пастири, на 27 април во 1094-та година.

По молитвите на преподобниот венценосец Стефан, удостој нѐ Христе Боже и нас со венецот на славата, во Твоја слава, со беспочетниот Твој Отец и Едносуштниот Дух, сега и секогаш и низ сите векови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ

ЕВЛОГИЈ ГОСТОПРИМЕЦОТ

Овој преподобен отец Евлогиј живееше и се подвизуваше со богоподобната доблест на милостивото гостопримство во Тиваида Египетска, во времето на цветањето на христијанскиот живот и подвижништво таму (во времето на царевите Јустин и Јустинијана во шестиот век). Тој не беше монах, туку живееше во населените места и на сите им правеше авраамово гостопримство. Но, бидејќи за тоа немаше ни имот ни пари, тој по цел ден работеше тешки работи во еден суров каменолом, и со заработените пари навечер ги угостуваше бедните и неволните во својот дом и секој минувач и намерник. За него ава Данил од Скитот Тиваидски раскажуваше дека еднаш имал тешко искушение со парите, но, Бог, поради неговата милостиња и гостопримство го избавил и го повратил на истите подвизи на оваа богоподобна доблест. Од тогаш преподобниот говореше дека е подобро да е сиромав во рајот, отколку богаташ во пеколот.

Споменот на овој свет Евлогиј се врши во Цариград, во црквата на светиот Мокиј.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК

ПОПЛИОН

Пострадал за Господа заклан со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК

ЛОЛИОН НОВИОТ

За верата во Христа беше удрен од земјата и влечен по неа. Така се упокои во Господа.