11. Мај   (28. Април)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ

ЈАСОН И СОСИПАТАР, маченицата и девица КЕРКИРА и

останатите маченици со нив

Апостолите Јасон и Сосипатар беа од седумдесетте апостоли. Јасон беше родум од Тарс, како и самиот апостол Павле, а Сосипатар од Ахаја. Ја примија светата Христова вера и станаа ученици на свети апостол Павле, кој во посланието до Римјаните ги нарекува свои роднини (Рм. 16, 21). Од Апостолот, Јасон беше поставен за епископ Тарсиски, а Сосипатар за епископ Икониски. Тие добро се грижеа за своите цркви и ги умножија. Патувајќи и проповедајќи го Евангелието, овие двајца апостоли стигнаа на островот Крф, каде успеаја да изградат црква во име на светиот Првомаченик Стефан. Служејќи Му на Бога тука, тие кон верата Христова привлекоа многу незнабошци. Обвинети пред царот на тој остров, кој се викаше Керкилин, тие беа фрлени во темница, во која имаше затворено седум разбојници: Саторниј, Јакисхол, Фаустијан, Марсалиј, Ефрасиј и Мамиј. Нив светите апостоли ги приведоа во светата вера Христова со своите боговдахновени разговори, и ги крстија. Кога слушна за тоа, царот нареди седумтемина да бидат фрлени во казан со врела смола, сулфур и восок. Така тие примија од Господа маченички венец. Во Христа поверува и чуварот на темницата Антониј. Нему најпрвин му ја отсекоа левата рака а потоа двете нозе. И додека тој го призиваше името Христово, му ја отсекоа и главата. Така беше вброен во светите маченици. А пак, светите апостоли Јасон и Сосипатар, царот ги изведе од темницата и ги предаде на кнезот Карпијан, да ги имачува. Карпијан цврсто ги окова и повторно ги испрати во темница.

Таквото страдање на светите го виде од палатата царската ќерка Керкира, и откако дозна зошто ги мачат, самата се огласи како христијанка и го раздаде целиот свој накит на сиромашните. Кога слушна за тоа, нејзиниот татко многу се натажи и на сите можни начини се трудеше да ја одврати од верата Христова. Но, бидејќи не успеа во тоа, тој ја затвори во посебна темница. Од голема јарост, кај неа испрати еден блудник црнец. Но, кога црнецот се приближи до вратата од темницата, ненадејно дотрча една мечка, го зграпчи и започна да го гази. Царската ќерка погледна низ прозорецот и со името Христово го избрка ѕверот, го исцели Црнецот од раните, го поучи во верата Христова и како христијанин му го даде името Христодул. Црнецот велегласно викаше:

- Голем е Богот христијански!

Поради тоа безмилосно беше мачен, и откако маченички го заврши животот, застана во хорот на Господовите маченици.

Тогаш царот им нареди на војниците да ја запалат темницата, за заедно со неа да изгори и неговата ќерка. Темницата изгоре, но девицата остана жива и неповредена. Кога го виде тоа чудо, многу народ се крсти. Разјарениот цар нареди, та неговата ќерка ја врзаа за дрво, ја задушуваа со густ чад и ја стрелаа со стрели, сѐ додека таа не ја предаде душата во рацете Божји.

Потоа царот започна да ги гони оние што поверуваа во Христа, а тие побегнаа на блискиот остров и се сокрија. Царот со брод тргна по нив, но бродот потона и нечестивиот цар загина како некогаш Фараонот. А христијаните избавени од рацете на насилникот Му принесоа благодарствени песни на Бога. Пуштени од темницата, светите апостоли Јасон и Сосипатар непречено го поучуваа народот во словото Божјо.

Новиот цар по име Датијан, штом дозна за светите апостоли веднаш ги уапси и нареди да ги фрлат во едно големо вжештено железно буре, полно со смола, сулфур и восок. Но, со благодатта Христова светителите останаа неповредени, а огнот зафати и изгоре многу присутни незнабошци.

Кога го видоа тоа необично чудо, многумина поверуваа во Христа. Поверува и самиот цар и откако си обеси камен околу вратот, лелекаше говорејќи:

- Боже Јасонов и Сосипатаров, смилувај се на мене!

Тогаш светите апостоли ги собраа оние што поверуваа и ги поучија во зборовите на вистината. Потоа, поучувајќи го царот, го крстија во името на Отецот и Синот и Светиот Дух и му го дадоа името Севастијан. Но, по неколку дена се раболе царевиот син и умре. Тогаш светите апостоли се помолија на Бога и го воскреснаа од мртвите. И многу други чудеса направија тие и заедно со царот соѕидаа прекрасни цркви, сѐ добро уредија и Христовото стадо го умножија.

Доживеаја длабока старост и отидоа кај саканиот Господ Христос. Нивните свети мошти и денес почиваат во нивниот храм, кој беше подигнат на островот Керкира (Крф).

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

МАКСИМ, ДАДА И КВИНТИЛИЈАН

За време на незнабожните цареви Диоклецијан и Максимијан и антипатите Тарквиниј и Гавиниј, ѓаволскиот гнев ги нападна христијаните. Овие цареви и антипати по целиот свет издадоа ваква наредба: „Иако знаеме дека сите вие побожно ги почитувате боговите, сепак ние, грижејќи се за доброто управување над целото царство, ги молиме и советуваме сите жители на Римската држава, на сите можни начини ревносно да ги почитуваат и сакаат боговите. Ако пак на било кое место се најде некој, кој го спомнува името Христово, против него ќе се крене нашиот гнев“.

Штом ја слушнаа ваквата наредба, многу луѓе се одзваа да ја исполнат, принесувајќи им жртви на боговите. Поздравувајќи ги своите кнезови, тие говореа:

- Радувајте се и долго бидете ни живи, владетели наши. Вие многу се грижите за почитувањето на боговите.

А антипатот Тарквиниј им рече:

- Вие сте многу усрдни. Ајде утре да се собереме и заедно да им принесеме жртви на боговите. Сега одморете се, бидејќи дојдовте оддалеку, па потоа ќе се провеселите со нас. По принесувањето на жртвите, секој ќе се врати во својот град.

Утредента се собраа сите, им принесоа нечисти жртви на своите идоли, па Тарквиниј ги отпушти. Наредниот ден кај Тарквиниј дојде еден безбожен идолопоклоник и му рече:

- Овде има тројца кои вчера не ја исполнија вашата наредба и за себе велат дека Му се поклонуваат на единствениот Бог, Кој е на небото. Тарквиниј веднаш испрати свои слуги да ги фатат тие луѓе. Слугите ги пронајдоа во нивното село Озовија, каде беа на молитва. Ги фатија, ги оковаа и ги одведоа во градот Доростол, каде тогаш се наоѓаше антипатот. Во градот стигнаа навечер. Тарквиниј нареди да ги чуваат до утредента. А светителите цела ноќ се молеа, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, дај ни ја Твојата помош и сила од небото, за да ги победиме нашите противници и удостој нѐ на Твојата благодат, за да добиеме победни венци.

Утредента Тарквиниј и Гавиниј седнаа во судницата и наредија да ги изведат пред нив уапсените христијани. Тарквиниј праша:

- Овие ли се тие што ја презираат нашата наредба и самоволно ја држат својата вера?

Потоа, обраќајќи се кон светите рече:

- Најпрвин кажете ни ги вашите имиња. Свети Максим одговори:

- Според верата Христова јас сум христијанин, како и браќата мои, а според човечкиот обичај се викам Максим.

На тоа игемонот рече:

- Со својот одговор веднаш покажуваш дека не им служиш на нашите богови, туку на некој друг. А овој до тебе, како се вика?

Тој му одговори:

- Се викам Дада. Христијанин сум како и нашиот прв брат.

Тогаш Тарквиниј праша:

- А третиот, како се вика?

Светиот му одговори:

- Се викам Квинтилијан и сум христијанин.

А пак писарот Магнилијан ги запишуваше нивните одговори. Антипатот Гавиниј го праша писарот:

- Ги запиша ли нивните имиња?

Писарот одговори:

- Ако вашата власт наредува, ќе прочитам.

Гавиниј рече:

- Прочитај.

И писарот прочита:

- Имињата христијански, кои тие сега ги кажаа пред сите се: Максим, Дада и Квинтилијан.

Тогаш Тарквиниј им рече на светите:

- Ете, вашиот живот е во нашите раце. Ако сакате да останете живи, одете и принесете и жртви на мајката на нашите богови. Бидете нејзини жреци зашто нејзиниот жрец умре и отиде кај небесниот цар, великиот Јупитер, за таму да му служи.

Свети Максим одговори:

- Најбезбожен и најбесрамен човеку! Зар не се плашиш од Господа, нарекувајќи го бог поганиот прељубодеец и именувајќи го како цар? Знајте, о безумни луѓе, дека Христос е небесен Цар, Кој промислува за сите, и сѐ држи во своите раце. Знајте дека ние сме створенија на вистинскиот Бог, и дека нема да ја извршиме вашата погубна наредба.

Антипатот Гавиниј ги повика кај себе Дада и Квинтилијан и им изнакажа многу таштини зборови, сакајќи да ги придобие за своето одвратно безбожие. На тоа светителите му одговорија:

- Ние држиме до тоа што го изрече нашиот брат Максим, бидејќи тој е чтец на вселенската Црква и добро го разбира Светото Писмо. Тој знае што е корисно за нас, а ти, прелестен од демонското безумие не знаеш што е корисно за тебе. Кога би нѐ послушал, ти би ја здогледал небесната светлина.

На тоа Тарквиниј и Гавиниј рекоа:

- Ете, ние на толку начини ве советувавме, предлагајќи ви го она што е најдобро за вас, но вие останувате при своето лудило.

Свети Максим одговори:

- Вие лудувате, сакајќи во демонската вера да привлечете луѓе, кои честито живеат и Му служат на единствениот Бог. Но, ајде, правете со нас што сакате, оти никогаш нема да нѐ одвратите од нашата вера.

Тогаш антипатите започнаа да се договараат што ќе прават со нив, и наредија да ги одведат во темница. Тие одеа радосни и си разговараа за своето спасение. Седејќи во темницата водеа духовен разговор, оти свети Максим многу ги поучуваше Дада и Квинтилијан во Светото Писмо. А кога на полноќ заспаа, во сонот го видоа ѓаволот како ги напаѓа вооружен. Но, кога се рабудија здогледаа Ангел Господов кој им говореше:

- Не плашете се. Бог ќе ве прими. Вашиот Помошник не е далеку од вас.

Поткрепени од појавата на Ангелот и од неговите зборови, мачениците Го благословуваа Бога до разденување.

Антипатите повторно седнаа да им судат. Гавиниј им рече:

- Ете, вие стоите пред нас, и ние повторно ве советуваме да им принесете жртви на боговите, па ќе ве опсипаме со големи почести. Ако не нѐ послушате, самите ќе бидете виновни за својата смрт. Тоа минатата ноќ во сон ни го наредија боговите наши.

Светите маченици одговорија:

- И нам нашиот Бог во сонот ни објави да ги издржиме сите маки за името Негово.

Тогаш Тарквиниј му рече на Гавиниј:

- Овие никогаш нема да нѐ послушаат ако не започнеме да ги мачиме.

Гавиниј одговори:

- Самите си го избраа тоа.

И им наредија на слугите да ги соблечат мачениците, да ги положат на земјата и да ги тепаат. Тарквиниј им рече на слугите:

- Прашајте ги, дали ќе им принесат жртви на боговите. Ако не сакаат ќе им приредиме други маки за да ги погубиме.

Кога слугите ги прашаа, светите маченици како со една уста одговорија:

- Крепени од нашиот Бог, ние не им обраќаме внимание на маките, и нема да ве послушаме.

Тогаш Тарквиниј им рече на слугите:

- Водете ги повторно во темницата. Време е за ручек.

По ручекот повторно ги изведоа и Гавиниј праша:

- Максиме, ќе го послушаш ли нашиот совет? Ќе им принесеш ли жртви на боговите?

Свети Максим одговори:

- Ние таков совет не примаме. Тоа што порано го рековме, го изјавуваме и сега: Нема да се поклониме никому, освен на нашиот Господ Исус Христос со Отецот и Светиот Дух.

Тоа го разгневи Тарквиниј и им рече на мачениците:

- Ако не сакате да се опаметите и да им се поклоните на боговите, ние ќе ве убиеме. Ќе ве испратиме во варварски места и таму ќе ви ги отсечеме главите.

На тоа светите маченици му одговорија:

- Ве заколнуваме зборовите да ги спроведете во дело.

Тогаш антипатите наредија да ги одведат светителите во нивното село и таму да им ги отсечат главите. А светителите ја сослушаа смртната пресуда и Го прославија Бога, молејќи се:

- Господи Исусе Христе, Ти нѐ избави од овој зол век. Прими нѐ во својот покој и удостој нѐ на небесното царство Твое. Додека така се молеа по патот, ги доведоа во нивното родно село Озовија и таму им ги отсекоа главите.

Така светите маченици Максим, Дада и Квинтилијан ги предадоа своите души во рацете Божји, на 28 април во 296-та година, за време на царувањето на Диоклецијан и Максимијан, додека во нас и над сите владее нашиот Господ Исус Христос, Кому слава, моќ, царство низ сите векови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СЕДУМ МАЧЕНИЦИ

САТОРНИЈ, ЈАКИСХОЛ, ФАУСТИЈАН, ЈАНУАРИЈ,

МАРСАЛИЈ, ЕФРАСИЈ и МАМИЈ

Беа разбојници, кои светите апостоли Јасон и Сосипатар ги затекнаа во темницата и ги обратија во верата Христова. Поради тоа сите беа фрлени во казан со врела смола, каде и починаа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

ЗИНОН, ЕВСЕВИЈ, НЕОН И ВИТАЛИЈ

Овие свети маченици беа од островот Керкира (Крф). Приведени кон Христовата вера од светите апостоли Јасон и Сосипатар, кои проповедаа таму, овие маченици храбро Го исповедаа Господа Христа. Поради тоа беа многу тепани и мачени од тамошниот цар на Керкилина, но од Христа не се одрекоа. Најпосле го завршија минливиот живот, изгорени во оган.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ

КИРИЛ

епископ Туровски

Блажениот Кирил беше син на богати родители. Се роди и беше воспитан во градот Туров. Не ги сакаше богатството и славата на овој гнилежен свет, туку со особена љубов ги изучуваше божествените книги и совршено го изучи Светото Писмо. Кога дојде време, тој појде во манастир. Откако го прими монашкиот постриг, започна да Му служи на Бога повеќе од другите монаси со пост, бдение и измачување на своето тело, така што стана живеалиште на Светиот Дух. Во тоа време, тој на многумина им беше од корист со својот пример, учејќи ги монасите да му бидат покорни на игуменот, да го почитуват како Бог, и да му бидат послушни во сѐ. Тој им велеше дека монахот не може да се спаси ако нема послушание спрема својот игумен, согласно со дадениот завет.

Потоа, блажениот Кирил, чезнеејќи за посовршени подвизи, се затвори во една кула, каде помина некое време подвизувајќи се во пост и молитва. Тука тој состави многу побожни списи, поради што стана познат во целата околија. На усрдните молби на кнезот и граѓаните, митрополитот го посвети за епископ на градот Туров.

Како епископ, блажениот Кирил јуначки се подвизуваше во управувањето со Црквата Божја. Врз основа на Светото Писмо ја изобличи ереста на Теодор и ја проколна. Тој му напиша многу посланија на кнезот Андреј Богољубски, засновани врз зборовите од Евагелието и пророчките книги. Исто така му испраќаше и свои поуки составени за Господовите празници и многу други свои душекорисни состави. Сите тие и многу други свои состави блажениот Кирил ги рашири меѓу својата паства. Неговите дела и денес ги користат православните Руси, просветувајќи се и тешејќи се. Го помина животот во такви побожни подвизи и достојно раководејќи ја својата паства, блажениот Кирил отиде во вечниот покој на бесконечниот живот.

Се упокои околу 1183-та година, откако една година порано го напушти епископскиот престол, од љубов кон осаменичкиот живот.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ

КИРИЈАК

Основач е на Сиринскиот Каргополско Успенски манастир во Оленецката губернија. Се упокои во 1402 година. Неговите свети мошти почиваат во црквата на овој негов манастир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК

ТИБАЛ

Светиот маченик Тибал е словен од Панонија. Во времето на Диоклецијан (284-305 г.) беше страшно мачен за верата Христова, и пострада во местото Цибала.