12. Мај (29. Април)
ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ
ВАСИЛИЈ ОСТРОШКИ
Свети Василиј се роди во селото Мркоњич, во Попово Поле, на 28 декември во 1610-та година, од побожните родители Петар Јовановиќ и Анастасија. На крштението го доби името Стојан. Уште од детството остроумен, а со душата свртен кон Бога, тој постојано ги посетуваше богослужбите. Неговото семејство беше сиромашно, но тој секогаш својот леб го делеше со другите овчарчиња, чувајќи ги овците. Соседите, отпадници од верата, не ги сакаа неговите родители и својата омраза ја свртеа и против младиот Стојан, поради неговата побожност и мудрост. За да го заштитат од непријателите, а и да го школуваат, родителите го одведоа во најблискиот манастир Завала, посветен на Воведението на Пресвета Богородица, во кој игумен беше неговиот стрико Серафим.
Преподобниот остана во манастирот некое време, па премина во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Требињскиот крај. Во тој манастир уште повеќе го засака монашкиот живот, ги зголеми своите подвизи и реши да го прими ангелскиот монашки чин. Го минуваше времето во пост, бденија, молитви и телесни трудови. На монашењето го доби името Василиј. По некое време преподобниот беше удостоен на ѓаконскиот и свештеничкиот чин. Потоа отиде во манастирот Тврдош, каде ги продолжи своите подвизи. Неговата апостолска работа ги крена против него тамошните потурчени, и тие сакаа да го убијат. Турците го нарекуваа „богомолец за рајата“. За да ја одбегне опасноста, отиде во Русија и кога по некое време се врати, донесе многу богати црковни дарови: свети одежди и пари за црквите. Неговата бестрашна ревност и неуморното апостолско пастирствување ја зголемуваа омразата во богопротивниците, така што светителот повторно беше принуден да го напушти тој крај.
Овој пат одлучи да замине за Света Гора. На Света Гора се задржа една година. Посети многу манастири и скитови и се поучи од многуте подвижници и атонски пустиници. По враќањето од Света Гора сврати во Пеќ и му се јави на патријархот. Тогаш беше хиротонисан за епископ и поставен за митрополит Требињски со седиште во манастирот Тврдош. Иако со неполни триесет години, тој беше удостоен на епископскиот чин поради светоста на својот живот и потребите на Црквата.
Од Пеќ тој се врати во Тврдош, каде со радост беше примен од народот. Главното оружје во неговата работа беа словото Божјо и молитвата. Тој одеше меѓу народот и му помагаше во разните неволји и искушенија. Непрестајно Му принесуваше топли молитви на Бога за спасението на својот народ. Потоа светителот Божји беше поставен за епископ на Захумската епархија со која управуваше од манастирот Тврдош. Во тоа време Турците започнаа уште повеќе да го мачат народот и да ги пљачкаат домовите по селата, а луѓето да ги водат во ропство. Злите војници на Али ага ги опљачкаа црквите и манастирите, ја опустошија земјата и народот побегна во збегови. Тогаш и светителот беше принуден да најде некое место каде ќе се повлече. Најде такво место под планината Загарача и си уреди ќелија. Потоа кај него дојдоа постари луѓе од околината и го посоветуваа да премине во манастирот Острог.
Светителот веќе беше слушнал за Острог и за неговите подвижници а особено за доблесниот острошки игумен Исаија, кој беше спален од Турците. Кога дојде во светиот манастир Острог, свети Василиј оттаму управуваше со својата митрополија полни петнаесет години.
Во Острог започна да собира околу себе монаси и подвижници и со нив ја обнови црквата „Воведение на Пресвета Богородица“. Подоцна ја изгради и украси и црквичката посветена на Чесниот и Живототворен Крст во Острошката карпа која е сочувана до денес. Кога братството во манастирот се намножи, тој им постави нов игумен а самиот се оддаде на најстроги подвизи. Беше во постојано богомислие и испосништво. Се хранеше со овошје и зеленчук. Телото му беше суво, на лице беше жолт како восок, и целиот беше храм на Пресветиот Дух.
Светителот не живееше само во својата испосница, туку слегуваше меѓу народот и ги делеше со него најразличните страдања, како вистински пастир. Кај него започнаа да доаѓат луѓе од сите страни за телесна и духовна утеха. Многумина ја чувствуваа чудесната моќ на неговата молитва и Го прославуваа Бога. Страдалната раја се сокриваше од турските злосторници кај светителот во Острог и многу старци, жени и деца остануваа долго време кај својот владика.
Во близина на манастирот Острог живееше еден кнез Раич со своите шест синови и им нанесуваше многу неправди и на светителот и на манастирот. Затоа светителот помислуваше да отиде на Света Гора. Но, не замина, туку му се пожали на патријархот Максим. Патријархот му напиша писмо на кнезот Раич, со напомена да го чува и помага манастирот, заканувајќи му се со проклетство ако се дрзне да им пакости на светителот и монасите.
Светителот му прорече на кнезот Раич дека поради насилството над манастирот ќе му загинат сите синови. Тоа пророштво наскоро се исполни. Ожалостениот кнез тогаш отиде кај свети Василиј и му раскажа за несреќното загинување на своите синови. Светителот го утеши и го советуваше да се кае за своите и за гревовите на своите деца. Во таа прилика му прорече дека ако се покае, Бог ќе го утеши и повторно ќе го благослови со големо машко потомство. Ова пророштво на светителот наскоро се исполни и кнезот доби неколку машки деца. И многу други претскажувања на светителот се обвистинија за време на неговиот живот, а исто така и многу чудеса се случија по неговите молитви.
Неуморен во подвизите, Острошкиот светител стигна и до крајот на својот овоземен живот. Се упокои мирно на 29 април во 1671 година, во својата ќелија над острошката испосница. Од карпата покрај која се упокои подоцна израсна винова лоза, иако во карпата воопшто нема земја. Телото на свети Василиј Острошки монасите го погребаа под црквичката на Светото Воведение на Мајката Божја.
Веднаш по претставувањето на светителот, на неговиот гроб започнаа да се случуваат многубројни чудеса кои и до денес не престануваат. Седум години по упокојувањето, светителот во видение му се јави на настојателот на манастирот „Свети Лука“ и му нареди да го отворат неговиот гроб. Игуменот не му даде значење на тоа, но светителот му се јави и по втор пат. И кога повторно не отиде, му се јави свети Василиј по трет пат, облечен во владички одежди и со кадилница во раката. Игуменот се исплаши и им раскажа на браќата, па се договорија и отидоа во манастирот Острог. Кога беше отворен гробот, телото на светителот го најдоа жолто како восок со мирис на босилок. Монасите го положија во ковчег и го пренесоа во храмот „Воведение на Пресвета Богородица“, каде почива и денес.
Гласот за прославувањето на телото на свети Василиј брзо се пронесе надалеку и многу народ започна да доаѓа кај неговите свети мошти. Од тогаш до денес се случуваат многу преславни чудеса над неговите свети мошти. Кај острошката светиња започнаа да доаѓаат не само православните туку и останатите христијани, па дури и муслиманите. Според нивната вера и милоста на Бога и на свети Василиј, тие наоѓаат утеха.
Поклоници и денес во голем број доаѓаат од сите краишта, без оглед на вероисповедта и националната припадност. Покрај празникот на Свети Василиј, денови на собор во Острог се празниците Света Троица, Петровден, Илинден и денот на Успението на Пресвета Богородица. Во тие денови во Острог се собираат и по десет до дваесет илјади побожни поклоници.
Овде ќе спомнеме само мал дел од многубројните чудеса на свети Василиј.
Во февруари во 1942 година, за време на бомбардирањето на манастирот Острог, една граната удрила врз камениот ѕид над Горниот манастир, ја разбила вратата на црквичката посветена на Чесниот крст, но за чудо во таа прилика не експлодирала. Од падот гранатата се разбила на две. Со стручно испитување подоцна е утврдено дека како таква, гранатата била сосем исправна и требало да експлодира. Очигледно е дека светителот не го дозволил тоа, за да не се нанесе огромна штета на светата црква и неговата испосница. Оваа граната и денес се чува во Горниот манастир.
Еден занаетчија од околината на Никшиќ тешко се разболел. Лекарите дијагностицирале дека има парализа во последен стадиум. Од тоа нема лек. Роднините го посоветувале човекот да појде во Острог кај свети Василиј, но, тој одбил, бидејќи бил атеист, неверник. По извесно време му се јавил свети Василиј и го повикал кај него во Острог, за да го исцели. Откако долго рамислил, човекот најпосле одлучил да појде во манастирот. Таму се исповедал и преноќевал под кивотот на светителот, каде му читале молитви. По кратко време сосем оздравел, и од благодарност спрема свети Василиј на својот најстар син му го дал името Василиј.
Вера Ј., млада девојка од околината на Бар, по занимање службеничка, во 1950 година ненадејно се разболела од тешко нервно растројство и како таква не била способна за никаква работа. Загрижените родители ја воделе по лекари на сите страни и барале помош од најдобрите специјалисти невролози, но без успех. Нејзината состојба сѐ повеќе се влошувала. Кога ја изгубиле секоја надеж, мајката одлучила кришум од комшиите да ја доведе во Острог и таму да побара лек. На пат тргнале во почетокот на зимата во истата година. Со голема мака излегле од долниот до Горниот манастир. Девојката се почувствувала толку изнемоштена и се однесувала како бесомачна со намера да се врати назад. Со големи напори ја довеле до Горниот манастир, каде чуварот на кивотот и прочитал молитва, наменета за вакви болни. Таа ноќ преноќевале во Горниот манастир. Утредента девојката осамнала сосем здрава, на големо изненадување и радост на мајка си и присутните. Се вратила весела во својот дом и по неколку дена ѝ се вратила на својата поранешна служба.
Хидротехничкиот инжинер Александар Ратиславов бил вработен во 1928 година во Никшиќ на водовод. Истата година жена му родила женско дете, кое на главата имало некакви красти. Родителите го носеле детето кај разни лекари, но крастите се ширеле по целото тело и ништо не помагало. Една ноќ на мајката ѝ се јавил во сон некој непознат човек и ѝ рекол:
- Оди и однеси го твоето дете во Острог, под кивотот на свети Василиј, намачкај му ги крастите со масло од кандилото што гори до кивотот и детето ќе оздрави.
Таа им го раскажала сонот на жените од соседството и тие ја посоветувале да го послуша непознатиот човек од сонот. Мајката го зела своето дете и отишла. Преноќевале во манастирот и со маслото од кандилото ги намачкала раните на детето. Утредента на тргнување, мајката понела со себе малку масло. По доаѓањето дома, таа уште два пати го премачкала детето со маслото. Немало потреба од трет пат, бидејќи раните се исцелиле и паднале, а детето по неколку дена сосем оздравело.
Некој богат човек се оженил со преубава жена, која што ја сакал како себе си. Но, жената тешко се разболела, нејзината убавина исчезнала и таа се исушила и згрчила. Лежела неподвижна и сите напори на лекарите околу болната останале залудни. Една ноќ во сон ѝ се јавила нејзината почината мајка и ѝ рекла да оди во Острог кај свети Василиј. Жената му го кажала тоа на нејзиниот маж, но тој започнал да го исмева нејзиното „суеверие“, бидејќи тој во ништо не верувал. Мажот ја намразил жена си онолку колку што порано ја сакал. Но, најпосле попуштил при нејзиното настојување и тргнале кон Острог. Кога влегле во црквичката каде што се наоѓа кивотот со моштите на свети Василиј, кивотот почнал да се тресе. Жената постојано и скрушено се прекрстувала, а мажот стоел рамнодушно. Монахот многу се зачудил од тресењето на кивотот, ја погледнал жената, го погледнал мажот, па му рекол да излезе. Штом излегол мажот, кивотот престанал да се тресе.
Жената оздравела телесно а мажот духовно, односно, ја стекнал верата што ја имал изгубено. И двајцата здрави и радосни се вратиле дома (Епископ Николај, Расказ за исцелението на згрчената жена и за тресењето на кивотот, Емануил, стр. 57).
Ќерката на сараевскиот везир тешко се разболела. Ѝ немало лек и најпосле по совет на жените отишла во Острог, кад останала неколку дена. Болеста започнала да се намалува и младата девојка се вратила дома, оставајќи го пред кивотот својот скапоцен накит. Кога стигнала дома била здрава. Откако слушнале за нејзиното враќање и исцелување, жените од соседството дошле да ја видат и да чујат како се случило тоа. Таа одговорила: „Ме излекува оној светител заради мојот накит“, и болеста ѝ се повратила, исто како порано. Повеќе немало лек за неа. (В. М., Манастир Острог, Мисионер, број 12, 1938, стр. 335).
Секоја година, барем еднаш годишно, во Острог може да се види еден млад човек, високо образован, вработен како правник, како со брзање ита кон Горниот манастир, да му заблагодари на свети Василиј за своето исцеление. Еве што вели за тоа тој, Божидар Челебиќ, од Белград.
„Во почетокот на 1961 година тешко се разболев од една тешка болест. Лечен сум во болница полни четири месеци, но без успех. Додека бев во болницата и се борев со тешката болест, мојот другар Александар Џ., по желба на мојата мајка, која беше голем верник, отишол во Острог и за мое оздравување извршил осветување на масло. Во исто време кога се вршело осветувањето на маслото, јас почувствував чудна леснотија и подобрување на здравјето. Наскоро, на општо изненадување на лекарите, побарав да ме отпуштат од болницата. Бев многу упорен во своето барање и тие ја исполнија мојата желба, иако веруваа дека нема долго да живеам. Денес со мојот колега Александар дојдов во Острог да се помолам на Бога и да му се заблагодарам на свети Василиј што сум потполно здрав“, заврши Божидар.
Многу поклоници, кои не се во состојба да ги доведат своите болни кај кивотот на Светителот, донесуваат нивна облека и ја оставаат под кивотот за да преноќева барем една ноќ. Покрај облеката носат и храна, најчесто шеќер, и постапуваат на ист начин. Чуварот на кивотот во таа прилика чита молитва над донесените предмети. При враќањето, осветените работи ги земаат со себе и им ги носат на болните, верувајќи дека на тој начин свети Василиј ќе им помогне. И навистина помага. Тоа ќе го видиме од следниот случај:
На 15 август во 1962 година Божидар Шијакович со својата жена Славка го раскажа следното:
Нашиот син Видомир беше тешко болен од некоја болест на главата, од која страшно патеше цели две години. За тоа време баравме лек кај многу лекари и посетивме многу болници. Лекарите му даваа разни лекови и инјекции, но се беше без корист. Главоболката не престануваше. Минатата година мајката на мојата жена Илинка појде во Острог, за да се поклони и помоли на свети Василиј. Во таа прилика ѝ дадовме килограм шеќер во коцки да го стави под кивотот на свети Василиј и над него да се прочита молитва за здравје на Видомир. Тоа беше сторено и кога таа се врати дома, ни го донесе шеќерот. Од тој шеќер ние неколку дена му даваме на Видомир, верувајќи дека како осветен во Острог, ќе му помогне. Не знаеме како и на кој начин, но знаеме дека: кога го изеде тој шеќер, тој потполно оздраве и од тогаш до денес главата повеќе не го заболе. Дојдовме да Му заблагодариме на Бога и на светиот Василиј што ни го исцели синот“.
По молитвите на светиот отец наш Василиј, новообјавениот чудотворец Острошки, нека Господ ги помилува и спаси сите православни христијани и сите Свои луѓе. Амин!
ДОДАТОК за свети Василиј Острошки
По ракополагањето во ѓаконскиот и свештеничкиот чин во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Требиње, наречен Тврдош, провел некое време.
Потоа отишол во Црна Гора кај тогашниот Цетињски митрополит Мардариј и останал кај него на Цетиње. Но наскоро меѓу нив дошло до недоразбирање околу една многу важна работа:
Во тоа време во западните православни краишта се пројавила засилена латинска пропаганда. Римските клирици наречени езуити, биле испратени од Рим, од римскиот папа за да ја искористат тешката сосотојба на робување и страдање на православните. За да ги обратат во својата латинска ерес и да ги потчинат на папската власт се устремиле во Приморските, Црногорските и Херцеговските краишта. На нивната подмолна работа против православните му скренал внимание на митрополитот Мардариј ревнителот за Православието блажениот Василиј, но митрополитот не се заинтересирал за тоа и бил попустлив кон унијатската пропаганда. Благодарение на својата верба и на приврзаноста кон Православието, а исто и на ревносното дејствување на преподобниот Василиј против унијата, православниот народ и свештенството не подлегнале на латинската пропаганда. А преподобниот го советувал митрополитот борбено да истапи против непријателот на Црквата и од ништо да не се плаши кога е во прашање одбраната на верата и на Христовата вистина. Но тоа митрополитот не го послушал. Дури почнал и да сплеткари против св Василиј и лажно да го окривува пред народот. Народот не им поверувал на тие клевети од митрополитот, оти добро го знаел светиот и Богоугоден живот на Василиј и многу го почитувал и сакал. Но тој, сакајќи да се оддалечи од злобата и сплеткарењето, се вратил во својот манастир во Тврдош. Ни таму не престанал да се бори за зачувување на Православната вера и за заштита на својот народ од злобната туѓинштина. Затоа од народот бил наречен ревнител за Православието.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК
СТАНКО ЧОБАНИНОТ
Момчето Станко чуваше овци во никшиќчкиот крај на Црна Гора. Тоа беше убиено за христијанската вера кај своите овци, од страна на Турците на 15 септември 1712-та година. Неговите свети и негнилежни мошти - две посветени детски рачиња, почиваат во Горниот манастир Острог во црквичката на Чесниот Крст, каде се подвизувал свети Василиј Острошки. За маченичкиот крај на Станко постои запис во Горни Острог (во кивотчето каде му почиваат светите и нетлени раце).
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДЕВЕТ МАЧЕНИЦИ
ТЕОГНИЈ, РУФ, АНТИПАТАР, ТЕОСТИХ, АРТЕМ, МАГН,
ТЕОДОТ, ТАВМАСИЈ, и ФИЛИМОН
Древниот и славен град Кизик во Мала Азија, близу Троада, во кој одеа красните нозе на божествениот апостол Павле, го прими семето на зборовите Божји од истиот одбран сасуд свети Павле. Иако беше озарен со светлината на светата вера, градот Кизик во почетокот немаше многу христијани, поради страшните насилства од страна на гонителите на Црквата Христова. Особено за време на римските цареви пред Константин Велики зашто тие издаваа наредби ширум царството и на сите страни испраќаа свирепи војводи и игемони, да ги присилуваат на идолопоклонство сите што Го исповедаат името Христово, и непокорните да ги казнуваат со најразлични маки и страшна смрт. Тогаш многу од верните се криеја бегајќи по горите и пустините, а други живееја меѓу идолопоклониците, таејќи ја во себе својата побожна вера во единствениот Господ. Оние пак што имаа голема љубов и ревност кон Христа Бога, јавно Го исповедаа пресветото име Негово, доброволно им се предаваа на мачителите и своите души ги полагаа за Христа. Такви во тоа време беа деветте храбри души, непоколебливи во светата вера како гората Сион, пламтејќи како Илија во ревност кон Бога. Нивните имиња се: Теогниј, Руф, Антипатар, Теостих, Артем, Магн, Теодот, Тавмасиј и Филимон. Тие беа од разни места и покраини, но во Кизик станаа еднодушни во верата. Ги презреа грозните царски наредби и стравот од маките, Го прославија Бога Творецот и Седржител и им се потсмеваа на идолопоклониците, изобличувајќи ја елинската заблуда што наместо Бога почитуваат демони, и наместо на Творецот на сѐ, се поклонуваат на мртвите идоли. Луѓето заслепени од неверието тие ги советуваа да ја отфрлат темнината на својот помрачен ум, да ја согледаат вистината и да поверуваат во вистинскиот Бог, Кој е на небесата и ја држи вселената.
Кога ја видоа ваквата нивна храбост, служителите ги зграпчија и како злосторници, оковани ги одведоа на суд кај градскиот кнез во Кизик. Храбрите војници Христови храбро истапија пред незнабожниот кнез, со пламена ревност за Бога, и беа подложени на страшни маки. Ги фрлаа во темницата и повторно ги изведуваа да ги мачат за да се одречат од Христа и да им принесат жртви на идолите. Но, Христовите војници не отстапија од својот Господ, туку го изобличија идолопоклонството и го посрамија кнезот. Поради тоа ги мачеа на разни начини и најпосле им ги отсекоа главите. Таму им ги погребаа телата. Ова се случи за време на злиот римски цар Диоклецијан (284-305 г.).
Кога по неколку години зацарува Константин Велики (306-337 г.), и се просвети со светото крштение, престана гонењето против христијаните и светлината на верата го осветли целиот свет. Тогаш побожните христијани ги извадија од земјата телата на светите маченици и ги најдоа негнилежни. Ги ставија во нов сандак, подигнаа храм во нивно име и во него свечено го внесоа ова скапоцено богатство. И безброј чудеса и исцеленија се случија од нивните мошти.
Така, еден угледен човек се избави од водена болест, штом се допре до чесната рака од овие свети маченици. И секој болен, каква болест и да имаше во него, веднаш добиваше исцеление штом ќе се допреше до кивотот на светите страдалници. Поради тоа многу незнабошци се обратија кон Христа и за кратко време речиси целиот град ја прими светата вера Христова. Ги срушија идолите и идолските храмови и на нивно место подигнаа храмови Божји. Процвета свето благочестие во градот Кизик, со молитвите и чудесата на светите Девет Маченици, кои почиваат таму.
Кога по Константиновиот син Констанциј зацарува безбожниот Јулијан Отстапник, некои од преостанатите незнабошци во Кизик отидоа кај царот и ги обвинија христијаните за разрушувањето на нивните храмови во градот. Царот нареди да се обноват храмовите и боговите, но не издаде наредба да ги мачат христијаните, кои беа малубројни во Кизик, плашејќи се да не настане буна. Само го повика кај себе епископот Елевсиј, го фрли во темница и отиде во Персија. И кога бедникот загина таму, епископот беше ослободен и градот Кизик блескаше со светлината на светата вера, утврдуван и оградуван како неразрушлив ѕид со усрдното залагање за него пред Бога на овие свети маченици, по чии што молитви и ние да добиеме исцеление на нашите душевни и телесни болести, и да се удостоиме на благодатта и милоста од нашиот Господ Исус Христос.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
МЕМНОН ЧУДОТВОРЕЦОТ
Нашиот преподобен отец Мемнон од младоста се предаде на Бога и стана чисто живеалиште на Светиот Дух, зашто го потчини телото на духот и ги умртви страстите, водејќи суров живот во многу подвизи. Стана старешина на монасите. Поради својот рамноангелски живот од Бога доби изобилен дар на чудотворството, та исцелуваше неизлечиви болести и правеше многу чудеса. Тој на безводно место извади извор на вода. Многу пати се јавуваше за време на морските бури и ги спасуваше морепловците. Ги избрка скакулците кои ги уништуваа посевите и многу други славни чудеса правеше, поради што беше наречен чудотворец.
Помина многу години во подвижништвото и со добродетелното житие Му угоди на Бога. Со радост отиде кај својот сакан Господ. Не само за време на животот туку и по претставувањето правеше чудеса. Од неговиот гроб им се даваа исцеленија на сите болни и само со призивањето на неговото име се прогонуваа скакулците и сите демонски неволји. Така го прославува Својот угодник Бог, Кој се слави во светиите Свои за навек, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ
ЈОВАН КАЛОКТЕНИС
митрополит на градот Тива (Теба)
Нашиот свет отец Јован се роди во Цариград во половината на дванаесеттиот век, во времето на царот Мануил I Комнен (1143-1180 г.). Неговите благородни и богати родители Константин Калоктенис и Марија немаа деца и го измолија од Пресвета Богородица, ветувајќи ѝ дека детето ќе го посветат на Црквата Божја. Откако им се роди блажениот Јован, тие го крстија, а кога потпорасна го дадоа на школување. Изучи на најдобар начин и уште од младоста имаше голема побожност спрема Пресветата Богомајка и често ѝ се молеше. Еднаш додека го пееше Акатистот на Пресвета Богородица, беше удостоен на едно видение со кое му беше проречено дека ќе стане епископ на градот Тива (Теба) во Грција.
Јован го сакаше монашкиот живот, па неговиот татко се посоветува и со големиот цариградски доместик, и му дозволи да се замонаши. Тој живееше во еден манастир во Цариград. Во тоа време дивите Нормани од Запад ја беа преплавиле Грција, градот Тива го опустошиле и опњачкале а многу народ од тој град одвеле со себе во ропство. Од големиот неред и жалост умре епископот на тој град. Тогаш на негово место се бараше вреден и способен човек, кој како епископ ќе ја поправи тамошната состојба, настаната по нападите. Како таков беше избран блажениот Јован, и од Цариградскиот патријарх беше ракоположен за митрополит на градот Тива и егзарх на цела Виотија (Беотија).
Кога дојде како епископ во Тива, светителот веднаш се зафати со богоугодни дела и подвизи. Со сите сили се трудеше да ја поправи лошата духовна и морална состојба настаната во тие краеви по норманските напади. Најпрвин се зафати со обновата на темелот на стариот и опустошен храм на Пресвета Богордица. Кога храмот беше обновен тој ја украси црквата со свети икони и правеше многу добри дела. Поради тоа народот го нарече Јован Нови Милостив, по светиот Јован Милостив, патријархот Александриски (кој се слави на 12 ноември).
Свети Јован правеше многу милозливи дела кои беа од голема сенародна корист. Тој се потруди во градот Тива преку канали да доведе вода од една река, доволна за потребите на градот. Уреди да се засадат многу овошки и други дрвја по градот и околината. Основа дом за стари и изнемоштени лица, сиропиталиште за напуштени деца и болница за болни и страдалници. Покрај сето тоа, тој во Тива основа и училиште за девојки поради што го споменува и пофалува знаменитиот византиски канонист Теодор Валсамон, подоцна патријарх Антиохиски (1185-1199 г.). Од ова училиште некои девојки одеа во манастир ако срцето ги привлекуваше кон монашкиот живот, а други, поучени од Светото Писмо и добродетелната работа, стапуваа во христијански бракови. Уште многу други добри дела направи овој свет пастир, од кои ние овде спомнавме само некои.
Свети Јован поживеа така мудро и богоугодно, добро раководејќи ја својата паства кон спасението, па се претстави во мир и се пресели кај Господа. Неговата побожна паства со одобрение на црковните власти наскоро подигна храм во негов спомен во Тива, каде потоа беа положени неговите свети мошти.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
ДИОДОР И РОДОПИАН
Овие свети маченици пострадаа во Карискиот град Афродисија. Во времето на Диоклецијан (284-305 г.) нивните сограѓани поради верата во Христа многу ги мачеа и на крајот со камења ги затрупаа за Богочовекот Христос.