13. Мај (30. Април)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ
ЈАКОВ ЗАВЕДЕЕВ
братот на свети Јован Богослов
Свети Јаков, синот Заведеев и брат на светиот евангелист Јован Богослов е еден од Дванасетте апостоли. На повик на Господа Исуса ги остави рибарските мрежи и својот татко, па заедно со својот брат Јован веднаш тргна по Господа (Мт. 4, 21-22). И двајцата ги слушаа проповедите на Спасителот и ги гледаа Неговите чудеса. Господ толку ги засака што на Јован му дозволи да легне на Неговите гради, а на Јаков му вети чаша, која самиот ја испи (Јн. 13, 23-25; Мт. 20, 23). Но и тие толку го засакаа својот Господ и толкава ревност покажаа за Него, што сакаа да повикаат оган од небото врз неверните Самарјани за да ги истреби. Тие би го сториле тоа ако долготрпеливиот Господ не им забранеше (Лк. 9, 54-56). На нив двајцата заедно со апостол Петар, Господ им откриваше најголеми тајни. Пред нив се преобрази на Тавор и им ја покажа славата на Своето Божество. Пред нив тагуваше пред Своето страдање во Гетсиманската градина.
По приемот на Светиот Дух, свети апостол Јаков го проповедаше Евангелието по разни земји и одеше до Шпанија. По враќањето од Шпанија во Ерусалим, тој за Евреите беше страшен како гром, бидејќи бестрашно проповедаше за Исуса Христа дека е вистински Месија, Спасител на светот.
Се препираше со фарисеите и закониците за Светото Писмо, изобличувајќи ја нивната тврдоглавост и неверие. А тие, не можејќи никако да му одолеат, најмија еден магепсник по име Хермоген, да се препира со него и да ја посрами неговата проповед. Но, тој лош магепсник не сакаше самиот да разговара со Јакова, туку го испрати својот ученик Филит, изјавувајќи:
- Не само мене, туку ни мојот ученик не ќе може да го победи Јаков во препирањето.
Додека се препираше со свети Јаков, Филит не можеше да се спротивстави на премудроста на Светиот Дух во апостолот и како нем замолкна не можејќи да му противречи. Ја спозна вистината и умиление се разли во неговата душа. Тој се врати кај својот учител магепсник и му соопшти дека науката на Јаков е неодолива и дека тој ја потврдува со чудеса. Филит го посоветува својот учител да се откаже од својата наука и да стане ученик на свети Јаков. Но, злобниот Хермоген со помош на магии повика демони и им нареди да го држат Филит како окован, да не може да се помрдна, па му рече на Филита:
- Ќе видам дали тој Јаков ќе те избави.
Тогаш Филит тајно испрати еден човек кај апостолот и го извести дека со помош на хермогеновите магии е врзан од демони. Апостолот му го испрати својот убрус, наредувајќи му да го земе и да изговори:
„Господ ги разрешува врзаните, Господ ги подига паднатите“ (Пе. 145, 7. 8). Штом го изговори тоа, Филит веднаш се ослободи од невидливата врзаност, бидејќи демоните се исплашија од убрусот на светителот и од силата на изговорените зборови, па го оставија Филита и побегнаа. Филит му се потсмеа на Хермоген и отрча кај свети Јаков, кој го поучи во светата вера и го крсти.
Многу бесен, Хермоген ги заколна демоните кои му служат, врзани да ги доведат Јаков и Филит. Ангел Господов, со наредба Божја веднаш ги фати тие демони, ги врза и започна да ги мачи. Невидливите демони, мачени од силата Божја на цел глас викаа:
- Апостолу Христов, Јаков, смилувај се на нас, зашто по наредба на Хермоген, ние ве врзавме тебе и Филит.
На тоа свети Јаков одговори:
- Ангелот Божји, кој ве врза, нека ве одврзе, па одете и доведете ми го Хермоген.
Во тој момент демоните беа одврзани, па одјурија кај Хермоген, го фатија и за миг го поставија врзан пред апостолот. Тие го молеа апостолот своите маки да ги искалат врз Хермоген. Апостолот ги праша демоните зошто не го врзале Филит, како што им беше наредил Хермоген. Тие одговорија:
- Ние не можеме ни мува да кренеме од твојот дом. Апостолот му рече на Филит:
- Нашиот Господ заповеда за злото да враќаме со добро. Затоа одврзи го Хермоген и ослободи го од демоните.
Така и се случи. Потоа апостолот му рече на Хермоген:
- Нашиот Господ не сака да има неволни слуги, кои присилно му служат, туку само доброволни. Затоа оди каде што сакаш.
На тоа Хермоген му рече:
- Штом ќе излезам од твојот дом ќе ме убијат демоните, зашто знам колку е силен нивниот бес. Јас не можам да се спасам од нив, ако ти не ме заштитиш.
Тогаш апостолот му го даде својот патнички стап. Со тој стап Хермоген си отиде во својот дом, а демоните не го нападнаа ниту го уплашија. Така ја спозна силата Христова, ја виде немоќта демонска, ги собра сите свои магепснички книги, ги однесе кај светиот Јаков, падна пред неговите нозе и повика:
- Вистински слуго на вистинскиот Бог, ти ги спасуваш човечките души од погибел. Смилувај се на мене и прими го својот непријател ученик.
Хермоген беше поучен во верата, прими крштение и по наредба на апостолот ги запали сите магепснички книги. Стана служител Христов и правеше многу чудеса со името Христово.
Евреите многу се разбеснија кога го видоа тоа и го наговорија царот Ирод да покрене гонење против Црквата Христова и да го убие Јакова. И царот се крена да мачи некои од Црквата. Го погуби светиот Јаков, братот на Јован, со меч. Кога виде дека тоа е по волја на Евреите, се потруди да го фати и Петар, кого го фрли во темница (Д.А. 12, 1-4). Епископот на Кесарија палестинска Евсевиј, за свети Јаков пишува: „Кога Ирод го осуди свети Јаков на смрт, некој Јосија, кој беше еден од клеветниците на апостолот пред Ирод, кога ги виде јунаштвото, храброста, светоста и невиноста на светиот Јаков, се покаја, поверува во Христа, и ненадејно стана исповедник Христов. И тој, заедно со свети апостол Јаков, веднаш беше осуден на смрт. Кога заедно одеа кон губилиштето, светиот апостол исцели еден фатен кој лежеше крај патот. Подготвувајќи се за своето обезглавување, Јосија го замоли свети Јаков да му го прости гревот за клеветата што ја стори од незнаење. Јаков го прегрна, го бакна и му рече:
- Мир на тебе, и нека е простено!
И двајцата ги наведнаа главите под мечот и беа посечени за Господа. Тоа се случи во 45-та година во Ерусалим. Така светиот апостол Јаков Заведеев стана втор маченик Христов, после светиот првомаченик Стефан. Учениците на светиот апостол Јаков, поучени од Бога, го зедоа телото на својот учител и чесно го погребаа. Неговите свети мошти почиваат во Шпанија, каде на неговиот гроб до денес се случуваат исцеленија и чудеса во слава на Христа Бога, со Отецот и Светиот Дух славениот за навек, амин.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ
ИГНАТИЈ БРЈАНЧАНИНОВ
Родителите на преосветениот Игнатиј стапија во брак уште во рана младост. Во почетокот на нивниот брак им се родија две деца, но таа радост не траеше долго; и двете деца умреа во првите денови од животот и младиот брачен пар долго време остана без деца. Во длабока тага заради долготрајната бездетност, младите сопружници се обратија кон единствената помош - небесната. Со усрдни молитви и добри дела измолија разрешување на неплодноста. Како дар на молитвата на ожалостените родители им се роди син, со име Димитриј, во чест на еден од првите вологодски чудотворци - преподобен Димитриј Прилуцки.
Димитириј се роди на 6 февруари 1807 година во селото Покровск, во Грјазовецката област, во Вологодската губернија. Идниот монах ја имаше таа среќа своето детство да го помине во допир со природата, која така стана неговиот прв учител. Тука ја стекна љубовта кон осаменоста. Искрата на божествената љубов засветли во неговото чисто срце и се пројави во несвесна приврзаност кон монаштвото и неговите високи идеали, како и во особена наклонетост кон сѐ свештено и вистински убаво, според мерата на неговата детска возраст. Момчето духовно беше одделено од светот, а таквата состојба на малолетниот Димитриј не можеше да наиде на разбирање од родителите. Неговиот татко, Александар Семјонович Брјанчанинов, потомок на старата племска многу позната и почитувана фамилија Брјанчанинови, беше светски човек, во полна смисла на зборот. Мајката Софија Атанасјевна, благочестива жена со видно образование, не заборавајќи дека мажот е глава, во сѐ му се повинуваше на мажот, делејќи ги со него неговите ставови и размислувања.
Сите деца во фамилијата Брјанчанинови, браќата и сестрите на Димитриј Александрович, беа воспитувани заедно, но сите го увидуваа првенството на Димитриј, не само заради тоа што беше најстар, туку и заради особената, возвишена ускладеност на неговиот ум и карактер. Иако беше почитуван од браќата и сестрите и сите ги надминуваше со научните способности и други таланти, Димитриј никогаш не се превознесуваше. Почетоците на монашкото смиреноумие се пројавуваа во неговото однесување и начин на размислување. Често сакаше да ја посетува црквата, а дома имаше обичај да се моли и во текот на денот, не ограничувајќи се само на востановеното време - наутро и навечер. Неговата молитва не беше налик на вообичаено исчитување, забрзано и без внимание, како што е тоа обичај кај децата; тој се учеше на внимателна молитва, стоејќи со стравопочит и бавно изговарајќи ги молитвените зборови, и толку напредна во неа што уште во детството се насладуваше со благодатните плодови. Евангелието секогаш го читаше со умиление, размислувајќи за тоа што чита. Способностите на Димитриј беа многустрани: освен вообичаеното занимавање со науките, тој со голем успех се занимаваше со калиграфија, сликање, нотно пеење и со свирење виолина.
Димитриј во домот на родителите живееше до неговата шеснаесетта година; тој прв период од неговиот живот веќе беше тежок за него, во духовна смисла.
„Моето детство беше преисполнето со тага. Тука ја гледам Твојата рака Господи, Боже мој! Јас немав кому да го откријам своето срце; почнав сам да го излевам пред Тебе, почнав да го читам Евангелието и житијата на Твоите светии. Завесата, само на некои места пропустлива, го покриваше за мене Евангелието; но Твоите Пимен, Сисој и Макариј, оставаа необичен впечаток врз мене. Мислата која често се вознесуваше кон Тебе со молитва и читање, почна малку по малку да донесува мир и спокојство во мојата душа. Кога бев на петнаесет години, неискажлива тишина струеше низ мојот ум и срце. Но, не ја разбирав - јас го сметав тоа за вообичаена состојба на сите луѓе.“
На крајот од 1822 година, родителите го однесоа Димитриј во Санкт Петербург за да го запишат во главната инжинерска школа. Тогаш ненадејно таткото му се обрати на синот со следните зборови: „Каде би сакал да стапиш на служба?“ Погоден со така необичната отвореност на таткото, синот повеќе не сакаше да ја сокрива својата тајна; прво измоли ветување од него дека нема да се налути ако не му се допадне одговорот, а потоа со цврста волја и сила на потполно искрено чувство, рече дека сака да оди во манастир. Но, татковите планови во потполност се разидуваа од желбата на синот...
Димитриј напредуваше во науките, а одличното однесување и наклонетоста на великиот кнез, имаа влијание и на неговото напредување во службата. Извонредните умни способности и морални особини на Димитриј ги привлекуваа училишните професори и сите се однесуваа кон него со голема благонаклоност, отворено давајќи му првенство пред сите останати ученици. Покрај службено-научната дејност, Димитриј имаше успех и во светското друштво, поради своите лични добродетели. Роднинските врски го одведоа во домот на тогашниот претседател на Академијата на уметноста, Олењин. Таму на книжевните вечери стана омилен рецитатор, а со поетскиот и книжевен талент го привлече вниманието на познатите личности од книжевниот свет: Гнедич, Крилов, Батјушков и Пушкин. Таквото друштво имаше добро влијание врз литерарниот развој на идниот писател. Димитриј Александрович, и покрај вревата на престолничкиот живот, остана верен на своите духовни стремежи, кои ги живееше во осаменоста на далечното родно место: тој во верата секогаш бараше живо, опитно знаење и сочуван од благодатта не се предаде на гнилежното влијание на туѓите учења, ниту на стапиците на светските задоволства.
„Поминаа скоро две години во световни интересирања: во мојата душа се роди, и веќе израсна, некаков страшен пустош, се јави глад, се јави неподнослив копнеж по Бог. Почнав да ја оплакувам својата небрежност, да го оплакувам својот заборав на којшто му ја предадов својата вера, да ја оплакувам слатката тишина што ја загубив, да ја оплакувам празнината што ја стекнав, што ме притискаше, ужаснуваше, исполнувајќи ме со чувство на сиромаштво, губиток на живот! И точно, тоа беше страдање на душата, која се оддалечила од својот вистински живот, Бог. Се сеќавам: одам по улиците на Петроград во униформата на јункер, и од очите пролевам потоци солзи...“
„Светот за мене не претставуваше ништо примамливо: јас кон него бев толку ладен, како светот потполно да беше без искушенија! Како да не постоеја тие за мене: мојот ум целиот беше нурнат во науките, и воедно гореше од желба да спознае каде се крие вистинската вера, каде се крие вистинското учење за неа, далеку од догматските и морални заблуди“.
Димитриј Александрович и се сврте на молитвата, творејќи ја во себеси, внимателно и непрестајно. Тој се занимаваше со умната молитва, и толку желно се вежбаше во неа, така што таа почна сама да дејствува во него. „Се случуваше навечер, - зборуваше тој за себеси подоцна, - да лежам во постела и да ја ставам перницата под глава, почнувајќи да ја кажувам молитвата, и така, не менувајќи ја положбата, не прекинувајќи ја молитвата, да станувам наутро, да одам на работа, на часови“.
На тој начин, бидејќи беше монах во душата, и веќе со шеснаесет години го имаше искусено благодатното дејство на Молитвата, ова побожно момче не можеше да се задоволи со обичајот само еднаш годишно да пристапува кон Светите Тајни исповед и Причест. Нему му беше потребно почесто да се закрепнува со таа духовна храна, па се обрати на вероучителот и духовникот на училиштето. Тоа предизвика зачуденост кај духовникот, посебно кога на исповедта тој рече дека „се бори со мноштво гревовни помисли“. Не правејќи разлика меѓу „гревовни помисли“ и „Политички замисли“, отецот протојереј сметаше дека е обврзан за тие околности да ја извести школската управа. Тогаш го подвргнаа момчето на формално испитување за значењето на помислите, кои тој самиот ги признаваше за грешни. Германската управа, не сфаќајќи го значењето на тие изрази, почна да го наблудува Брјанчанинов. Димитриј беше принуден да си пронајде друг духовник, и затоа се обрати кај монасите од Валаамскиот метох и почна да оди таму секоја сабота и недела поради исповед и Света Причест, скришно од школската управа. Во тоа дело му се придружи и неговиот другар Чихачов. Монасите од Валаамскиот метох со љубов ги примаа младите луѓе, но тие како луѓе со обично образование, кои првенствено се ограничуваа на надворешен подвиг, не можеа во потполност да одговорат на нивните духовни потреби, па ги посоветуваа за духовни поуки да се обратат кај монасите од Невската лавра. Во тоа време таму живееја некои ученици на старците Теодор и Леонид, кои пак монашкиот потстриг го примиле од познатиот старец Пајсиј Величковски.
„Пред погледот на умот, веќе се најдоа границите на човечките знаења во највисоките крајни науки. Доаѓајќи до тие граници, јас ги прашував науките: „Што му давате вие на човекот како имот? Човекот е вечен, и неговиот имот мора да биде вечен. Покажете ми го тој вечен имот, тоа вистинско богатство, кое би можел да го однесам со себе во гроб!“ Науките молчеа.“
„И почнав често, со солзи да Го молам Бог, да не ме остави како жртва на заблудата, да ми го покаже вистинскиот пат, по кој би можел да одам пред Него, невидливо со умот и срцето. Одеднаш, ми се појави мисла... а срцето ѝ притрча како на пријател во прегратка. Таа мисла ми советуваше да ја изучам верата од изворот - од делата на светите Отци. „Нивната светост, ми говореше таа, гарантира за нивната веродостојност: нив одбери ги за раководители“. Ако си видел некој кој е опрелестен од лажно учење, кој пострадал поради неправилно избран подвиг - знај дека тој се следел себеси, својот разум, своите мислења, а не учењето на Отците, кое го сочинува догматското и морално предание на Црквата.“
Духовните стремежи на младиот подвижник, неговата ревност, усрдност во молитвата, наидоа на тешка проверка. Првите непријатели на патот на неговото спасение беа неговите домашни. По налог на таткото, школската управа презеде мерки преместувајќи го Брјанчанинов од приватниот стан во државен, под строг надзор, а една негова роднина, многу влијателна личност, го извести тогашниот митрополит петроградски Серафим дека нема да одбегне непријатности доколку Брјанчанинов биде примен во Лаврата за монах. Митрополитот строго му забрани на духовникот Атанасиј да ги прима Брјанчанинов и Чихачов на исповед. Но, Димитриј сам му се обрати на митрополитот и лично му ја објасни својата неизоставна желба да стапи во монаштво, и митрополитот му дозволи како и порано да оди кај духовникот во Лаврата.
Покрај случувањата и околностите кои зависеа од волјата на луѓето, и самата природа поставуваше препреки на благочестивите намери на младиот Димитриј. Во 1826 година се разболе од болест на белите дробови, која ги имаше сите симптоми на туберкулоза. Лекарите му ја соопштија опасноста на неговата состојба, и тој самиот сметаше дека е на прагот на смртта, и со чести молитви се подготвуваше за премин во вечноста. Но, не се случи онака како што предвидуваа лекарите од престолнината; болеста доживеа поволен пресврт, и му послужи на болниот како доказ дека без волјата Божја ни најпостојаните закони на природата немаат сила да дејствуваат на нас.
Но, за да се оствари тој пресврт т.е. потполно да ги прекине сите врски со светот, беше потребен човек кој ќе му помогнеше во тоа, кој со силата на својот дух ќе го води по себе. За Димитриј тоа стана гореспоменатиот јеромонах Леонид.
„Срцето ми го зеде отец Леонид - сега е одлучено; ќе дадам оставка во службата и ќе одам по старецот; на него ќе му се предадам со сета душа и ќе го барам единствено спасението на душата во осаменост“.
Но, пред да замине во манастир мораше да издржи голема духовна борба со родителите од една страна, и со моќниците од овој свет од друга страна. Го положи завршниот испит во инжинерската школа, и тогаш, ослободувајќи се од училиштето даде оставка во службата. Но, тука во снајде друга неволја: мораше да си има работа со високите власти, мораше да ја брани својата заветна желба дури пред монархот, на кого му го должеше целото воспитување, образование и благодарност за благонаклонетоста. На дворот на великиот кнез, пред целата управа на инжинерската школа деветнаесетгодишното момче, со трепет во срцето, но со цврста волја, дојде на тоа собрание. Великиот кнез му соопшти дека царот император, знаејќи ги неговите способности во службата, наместо оставка, има намера да го приведе во гардата и да му даде таква положба, која ќе ги задоволи и самољубието на Брјанчанинов и неговото славољубие. Но, Брјанчанинов му одговори:
„Да останеш во светот и да сакаш да се спасиш, тоа е, ваше Височество, исто како да стоиш во оган и да сакаш да не изгориш“.
Не осврнувајќи се на убедувањата на великиот кнез, кој прибегнуваше кон ласкања и закани, Брјанчанинов остана цврст во својата намера, но сепак, великиот кнез му соопшти дека царот император одбива да го ослободи од службата.
На новото работно место, поради слабото здравје, Димитриј беше принуден по неколку недели да не излегува од станот и да не ги исполнува своите работни обврски. Во 1827 година, при една посета на ова утврдување, великиот кнез се увери во неспособноста на офицерот Брјанчанинов за извршување на службата и ја исполни неговата непопустлива желба да биде отпуштен. Веднаш по добивањето на отпустот, Димитриј се упати во Александро-свирскиот манастир, кај отец Леонид, за под негово раководство да го започне монашкиот подвиг.
„Јас стапив во манастир, како што избезумениот, покривајќи ги очите и оставајќи го секое размислување, се фрла во оган, или во провалија, како што војник со срце носен, трча во крвав бој, во очигледна смрт. Мојата ѕвезда-водителка, добрата мисла, дојде да ми свети во осаменоста, во тишината, или поточно во темнината, во манастирските бури“.
Стапувајќи во манастирот, Димитриј со сета душа му се предаде на старецот Леонид, на духовно раководство. Исповедта на чистото срце, постојаната предаденост на старецот и сецелото отсекување на волјата пред него, го наградија со духовна утеха, леснотија и мирна состојба на духот, кои се својствени за бестрастието. Подоцна, поради многубројноста на обителта, се појави потреба отец Леонид со своите ученици да се пресели од Свирскиот манастир на друго место. Тие се упатија во Плосканската пустина, во Орловската губернија. Во тоа време во Плосканската пустина пристигна и Чихачов. Старецот Леонид го благослови животот на двајцата другари, одвоен од другите ученици. Младите послушници во потполност му се предадоа на подвижничкиот живот. Сите нивни душевни сили беа предадени на богомислие и молитва. Но, меѓу основачот на пустината јеромонахот Маркел и старецот Леонид настана несогласување, коешто го примора старецот Леонид да ја напушти Плосканската пустина и да се пресели во скитот на Оптинската пустина. Но, Димитриј и неговиот другар во Оптинската пустина не беа пријатно пречекани. Игуменот ги гледаше неблагонаклонето, а браќата се однесуваа со недоверба кон нив. Имаа многу неволји поради осаменичкиот начин на живот. Во тоа време, мајката на Димитриј се разболе, и таа посака да го види својот син, а и срцето на таткото смекна, та му напиша писмо дека нема да му ги попречува намерите, и да дојде да ја види мајка си. Димитриј појде кај родителите заедно со својот другар. Но, здравствената состојба на мајка му во меѓувреме се подобри, а таткото повторно се обидуваше да го наговори да стапи во државна служба. Така, тој повторно се најде во светот, барајќи прибежиште да се заштити од световното друштво, кое е неспоиво со монаштвото, и да се смести некаде во манастир. Раката Божја, која невидливо го покриваше скитникот без прибежиште, се допре до срцето на преосветениот Стефан, кој многу го засака Димитриј и се заложи за него. Со негов благослов се насели во Семигородската пустина, а потоа на молба на Димитриј, беше преместен во Глусицката пустина, каде што е и именуван за послушник. Бидејќи таткото на Димитриј не престануваше да бара неговиот син да го напушти манастирскиот живот, Димитриј почна да го моли архијерејот да му направи милост и, земајќи ги предвид семејните околности, да го забрза неговиот потстриг во монаштво. Така, Владиката издејствува одобрение од Светиот Синод и го повика Димитриј од Глусицкиот манастир во Вологод и му рече да се припреми за потстриг. Во 1831 година, на 28 јуни, преосветениот Стефан го потстрижа Брјанчанинов во схима, во соборната црква на Воскресение, и го нарече Игнатиј, во чест на свети Игнатиј Богоносец. На 4 јули истата година, преосветениот Стефан го ракоположи монахот Игнатиј во јероѓакон, а на 25 јули во јеромонах, и привремено го постави при архијерејскиот двор во Вологда. Но, опкружувањето на пустинољубивиот монах дирекно се спротивставуваше на неговите желби, и тој побара од архијерејот да го пушти да оди во Глусицкиот манастир. Но, набргу почина управителот на Пелсемскиот Лопотов манастир, па така во 1832 година Игнатиј беше поставен на местото на упокоениот. Манастирот речиси беше разрушен, но Игнатиј успеа потполно да го возобнови. За кратко време братството се зголеми на триесет луѓе. Богослужението се уреди според одреден типик. Обителта се обнови и одвнатре и однадвор. Кога го виде тоа, срцето на неговиот татко омекна, така што Игнатиј веќе можеше да ги посетува родителите. Неговата мајка се хранеше со духовните беседи на синот и нејзините сфаќања се сменија, и од телесни станаа духовни. Таа Му благодареше на Бога што ја удостои нејзиниот првенец да се најде меѓу Неговите служители, а тоа претходно го сметаше за своја голема несреќа. Како старешина на монашкото општожитие, отец Игнатиј стана „ава“ на монашката заедница, во полна смисла на зборот.
За игумен на Лопотовската обител беше назначен во 1833-та година.
Но, поради влажната клима, неговото здравје значително се влоши, така што на крајот тој заврши во болничка постела. Тогаш отец Игнатиј побара преместување во Николо-Угрејскиот манастир. Но, царот Николај Павлович, дознавајќи за сите случувања во врска со животот на игуменот Игнатиј, го повика во Петроград за лично да го види, во присуство на митрополитот Филарет. Во таа прилика, царот на отец Игнатиј му ја назначи Сергиевата пустина, и му даде задача во неа да направи манастир, кој во очите на престолнината ќе биде пример за сите манастири. Светиот Синод потоа го произведе игуменот Игнатиј во архимандрит, во 1834 година во Казанската црква. Намерата на игуменот Игнатиј да се пресели од Лопотовиот манастир во основа имаше чисто физичка причина. На неговиот слаб организам му требаше клима, ако не јужна, тогаш во најголема мера сува, а не влажна. Положбата на Сергиевата пустина, во поглед на климата, не ги нудеше дури ни оние погодности кои ги имаше Лопотовиот манастир. А во духовно-морален поглед, новото место беше многу понепријатно во споредба со претходното; тоа бараше двократно поголем духовен подвиг, бидејќи беше опкружено со трње на световни гласини и суета. Само живата вера во промислата Божја и добрата совест во исполнувањето на монашкиот завет на послушанието, кои архимандритот Игнатиј ги покажуваше во однос на царската волја, го крепеа при стапувањето на новото прибежиште. Тој единствено се грижеше за доброто на обителта која му беше доверена. Манастирските конаци, почнувајќи од црквата до последните манастирски згради, одамна беа запустени. Запустеноста во материјална смисла, распуштеноста во морален поглед, царуваа со сета сила. Сепак, напорите и грижата за возобновувањето на оваа пустина оставија свој печат врз неговото веќе нарушено здравје.
„Со неспознатливи дела на Промислата, јас сум преместен во таа обител, до северната престолнина, која, додека живеев во неа, не сакав дури ни да ја гледам, сметајќи дека во сѐ не одговара ва моите духовни цели. Првата година, по доаѓањето во неа ме погоди тешка болест, втората година друга, третата година трета; тие ги уништија остатоците од моето здравје и сили, станав изнемоштен, непрестајно страдајќи. Тука се подигнаа и се запенија завист, злоречие, клевета, овде бев подвргнат на тешки, долготрајни, понижувачки казни, без суд, без најмалку истрага, како бессловесна стока; овде ги видов непријателите кои дишат со непомирлива злоба и жед за моја погибел“.
Отец Игнатиј обновата на храмот ја заврши во 1838 година, но неговата основна грижа беше внатрешната духовна благосостојба на обителта. На браќата отец Игнатиј им го пренесуваше својот начин на мислење и погледи на монаштво, беше отец и учител на сите. Вратата од неговата ќелија постојано беше отворена, така што слободно кај него доаѓаа и старите монаси свештенослужители и младите послушници. Така братството стана едно големо семејство со кое управуваше еден отец, и поврзано со врските на слогата и духовното единство, одухотворено и раководено од возвишеното учење на отецот - учител, иако не ги одминуваа тагите и искушенијата.
„Да го отфрлиме секое роптање, да ја отфрлиме секоја тага заради она што ни се случува, да ја отфрлиме жалоста на срцето и меланхонијата, од кои слабите души страдаат повеќе отколку од самите неволји. Да ја отфрлиме секоја мисла за одмазда и враќање со зло на зло. Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам (Рим 12, 19), вели Господ“.
Во 1838 година архимандритот Игнатиј беше поставен за устроител на сите манастири во Петроградската епархија. Таа служба ја имаше сѐ до самиот избор на епископската катедра.
Тој сметаше дека животот на човекот кој потполно се предал на водство на Промислата се одвива по некој Божји план. Тој имаше посебен дар, сѐ да гледа на духовен начин; и најмалата случка, и безначајните околности, кај него имаа длабока смисла. Писменото изразување беше негова духовна потреба. Трудејќи се да ја открие суштината на монашкото живеење, архимандритот Игнатиј се трудеше во самиот себе да ја оствари и со живописен збор на другите да им ја пренесе духовната убавина на смислата на монаштвото.
Исповедта на помислите на монахот почетник, за старецот секогаш беше во основата на монашкиот живот. Архимандритот Игнатиј во себеси ги имаше споено и духовната мудрост и надворешната власт, и затоа животот под негово раководство и во неговата обител беа драгоцено место за сите оние кои сакаа разумно да се подвизуваат. Не придавајќи ѝ значење на својата болежливост, тој секојдневно го примаше напорот да ги ислуша исповедите на помислите. Неговите ученици дури имаа обичај да водат дневен запис, и тие своите помисли ги откриваа со чисто срце, со искреност, затоа што старецот можеше да ја прими таквата исповед потполно бестрасно. Ползата од исповедта на помислите за сите беше очигледна. Притоа, старецот своите ученици не ги подвргнуваше на тешки искушенија, туку ги предвидуваше нивните физички способности и умната развиеност на секого од нив.
Во 1846 година архимандритот Игнатиј поради тешка болест побара да биде ослободен од должноста настојател и да биде отпуштен во пензија, во Никола-бабаевскиот манастир на Костромската епархија. Но, наместо пензијата, нему му беше одобрен само единаесетмесечен одмор, за опоравување од болеста.
Во 1857 година Светиот Синод го избра архимандритот Игнатиј за епископ Кавкаски и Црноморски.
На денот на своето поставување тој рече:
„Од младоста тежнеев кон длабоката пустина и никогаш не сум мислел за служење на Црквата во каков било свештенички чин. Да бидам епископ на своето срце и на Христос да Му ги принесувам на жртва помислите и чувствата осветени од Духот - тоа е висината кон која беше насочен мојот поглед.“
Поминувајќи во Сергиевата пустина дваесет и четири години, епископот ја напушти во состојба на расцвет. За време на неговата управа обителта беше украсена со три нови прекрасни храма. Од оние коишто ги воспитуваше во монаштвото Сергиевата пустина даде шеснаесет настојатели: десет архимандрити, пет игумени и еден управител.
Во 1858 година епископот Игнатиј пристигна во Ставрополската епархија, која беше потполно неуредена. И тука прва грижа на епископот Игнатиј при управувањето со паствата беше да се востанови богослужење според соодветен црковен ред, и да се утврдат потребните односи меѓу свештенството и народот како во градовите, така и во селата. И тој самиот во односот со свештенството беше срдечен, прост и директен, непрестајно се грижеше за нивниот живот, образование и меѓусебните односи, кои одговараат на свештеничкиот чин. Обраќаше внимание на воспитувањето на младите во школските установи кои беа во негова надлежност.
Во 1861 година епископот Игнатиј заради тешка болест се врати во Никола-бабаевскиот манастир, каде што на 30 април во 1867 година за време на тивка молитва го затекна смртта, за која што се подготвуваше во текот на целиот живот на земјата.
Владиката Игнатиј Брјанчанинов ни остави обемно духовно дело собрано во шест тома под наслов „Аскетски погледи“, потоа „Аскетска проповед“ во три тома, „За современото монаштво“ и „Старечник“.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
ДОНАТ ЕПИСКОПОТ
За време на владеењето на благочестивиот цар Теодосиј Велики, свети Донат беше епископ во Еврија (Епир). Во близина на Еврија имаше едно место, кое се викаше Сорија. Во тоа место имаше еден извор, од кој, секој што ќе се напиеше вода, умираше. Кога дозна за тоа, светиот епископ Донат појде со свештенството кај тој извор. Кога се приближи до изворот се слушна силен звук и од него излезе огромна и страшна змија, која се нафрли кон угодникот Божји, трудејќи се со опашката да ја заплете мазгата на која што јаваше. Епископот ја удри со бичот и змијата веднаш издивна. Насобраниот народ со свештенството запали оган и ја спалија змијата за да не го затруе воздухот со својата отровна смрдеа. Никој не се осмелуваше да пие од водата. Тогаш свети Донат се помоли, го благослови изворот, прв се напи од водата, па нареди сите да се напијат без да се плашат. Сите пиеја и водата не им наштети. Славејќи го Бога, сите се вратија дома.
Во една прилика преподобниот престојуваше во едно суво и безводно место, каде што жителите многу се мачат и страдаат од жед на големата горештина. Тогаш тој се помоли на Бога и извади извор од кој потече обилна вода. Помолувајќи се на Бога, тој измоли и обилен дожд и годината беше многу родна.
Во неговото време, ќерката на царот Теодосиј беше многу болна, мачена од нечист дух. Царот и царицата беа многу тажни поради болеста на својата ќерка единица и кога слушнаа за чудотворецот Донат, веднаш ги повикаа сите епископи од Епир да добијат нивни благослов. Кога епископите дојдоа во Цариград, царот ги прими со љубов и праша:
- Кој од вас е епископот Донат, кој со бич ја уби змијата, изведе вода од од сувата земја и испроси дожд од небото?
Му го покажаа светиот Донат и тој го целиваше и го одведе кај царицата. Тогаш и двајцата паднаа пред неговите нозе и го молеа, говорејќи:
- Слуго Божји, смилувај се на нас! Ние имаме една ќерка. Таа страшно страда мачена од нечисти духови. Срцата ни се параат од силна тага. Доведувавме многу лекари и јереји, но не можеа да ни помогнат. Слушнавме за благодатта Божја во тебе и ја намачивме твојата светост да дојдеш овде, за со своите силни молитви кон Бога да ги истераш демоните од нашата ќерка. Ако ја исцелиш, ќе ти ја дадеме половината од нејзиниот имот.
Светителот ги праша:
- Каде е девојката да ја видам?
И ја доведоа кај него. А демонот, не можејќи да ја поднесе близината на угодникот Божји, веднаш повика, ја собори девојката, побегна од неа и таа оздраве. Царот и царицата се израдуваа и му нудеа многу подароци на светителот, но тој не прими ништо. Само ги замоли да му го дадат имотот што се наоѓа во близина во неговата епархија, викан Омфалија, за таму да изгради црква. Царот веднаш му го подари тој имот и тоа го потврди со царска грамота.
Додека свети Донат беше во Цариград, умре еден човек. Кога тргна поворката за погребение на покојникот, неговиот заемодавец ги запре и не дозволуваше да го погребаат, сѐ додека не му го исплати долгот од двеста златници. Свети Донат, кој престојуваше во близина на куќата на покојникот, го слушна плачот и вревата, и кога го виде насобраниот народ, им рече на епископите:
- Ајде да го замолиме заемодавецот да дозволи да биде погребан неговиот должник.
Но, епископите не се согласија. Тогаш свети Донат појде сам и кога го виде вдовицата на покојникот, падна пред неговите нозе, говорејќи:
- Смилувај се на мене, човече Божји, оти ме снајде двократна неволја. Го изгубив сопругот, а заемодавецот не дозволува да го погребам. Те молам, праведнику, посоветувај го да ни дозволи да го погребаме, за да не се распадне на одарот.
Светителот ја праша:
- Знаеш ли, дали навистина твојот маж му должи на тој човек?
Жената одговори:
- Господине мој, пред неколку дена маж ми ми рече дека го вратил долгот, но потврдата останала кај заемодавецот.
Тогаш светителот го замоли заемодавецот, велејќи му:
- Чедо, дозволи да биде погребано телото на покојникот, а долгот потоа ќе ти се врати.
А неправедниот заемодавец не го послуша светителот, туку го искара. Тогаш светиот епископ му пријде на покојникот, го допре со раката и викна:
- Чуј, човеку!
Покојникот веднаш оживе, ги отвори очите и рече:
- „Еве ме, владико! :
Светителот му рече:
- Стани и види што ќе сториш со твојот заемодавец, оти не дозволува да те погребаме и вели дека не си му го вратил долгот.
Мртовецот седна, додека сите се преплашија, го погледна налутено својот заемодавец, го прекори што лаже, и го изобличи за неговата неправда, објаснувајќи кога и на кое место му го вратил долгот од двеста златника. Фатен во лагата, заемодавецот трепереше и молчеше како нем а оживениот човек ја бараше од него својата потврда. Кога му ја даде, тој ја искина. Потоа седна на одарот, го погледна светителот и му рече:
- Праведнику, добро направи што ме разбуди за изобличување на овој грешник. Те молам, нареди ми повторно да заспијам. Светителот му рече:
- Оди во покојот, чедо, ти се ослободи со својата потврда. Човекот веднаш заспа во сонот на смртта. Сите што го видоа тоа страшно чудо, и кои слушнаа за него, Го славеа Бога со големо восхитување, чудејќи се на силата на угодникот Божји.
За време на својот престој во Цариград зафати суша. Замолен од царот, светителот излезе со литија надвор од градот, молејќи го Бога да испрати дожд за пресушената земја. И веднаш се изли толку силен дожд, што луѓето говореа:
- Еве втор потоп!
На царот му падна жал светиот епископ да не накисне, бидејќи врз себе имаше само една риза, но кога литијата се врати во царскиот двор, сите видоа дека светителот воопшто не е допрен од дождот и врз него не беше капнала ниту капка дожд. Сите останаа восхитени а царот многу се радуваше за таквиот угодник Божји, благодарејќи Му на Бога што за време на неговото царување му испрати на светот таков светилник и извонреден чудотворец. По многуте разговори со свети Донат, и откако доби благослов од него, царот го отпушти да се врати во својата епархија. При тоа му подари многу средства за градба и украсување на новата црква, која што светителот сакаше да ја изгради на гореспоменатото место.
Кога се врати во својата епархија, блажениот Донат со царските дарови изгради прекрасна црква и во неа си подготви гробница за себе. Доживеа длабока старост и отиде кај Господа во 387 година, да стои пред него во хорот на светите Јерарси и да го слави Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, славениот од сите светии за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА НОВОМАЧЕНИЦА
АРГИРА
Светата новомаченица Аргира беше родум од Бруса. Родена е од благочестиви родители во 1688 година. Беше многу убава и богобојазлива. Само што се беше омажила за еден христијанин, во неа се загледа еден Турчин од комшиите и ја повикуваше да се гледа со него. Христољубивата Аргира ги одбиваше таквите нечисти предлози на Турчинот. Но, тој се разбесни и ја обвини пред судот дека божем сакала да го прими исламот, но потоа се откажала. Од судија до судија, од темница до темница, света Аргира помина полни петнаесет години, страдајќи за Христа и исповедајќи Го како свој единствен Бог и Господ. Таа го сакаше Христа повеќе од сѐ на светот. Најпосле се упокои во темницата во Цариград, на 5 април во 1721 година. Нејзините свети мошти беа пренесени во 1725-та година, на денешниот ден.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК
МАКСИМ
Прободен во стомакот, свети Максим се упокои за Господа Христа.
СПОМЕН НА ПРОНАОЃАЊЕТО НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ
СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ВАСИЛИЈ
епископот Амасиски
Со откровение Божјо, неговите свети мошти наскоро по потопувањето во Црното Море беа извадени од морето близу Синоп, и пренесени во Амасија.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ
КЛИМЕНТ
Овој преподобен отец беше црковен писател и иконописец. Беше студитски монах и ученик на светиот Теодор Студит (759-826 г.). По смртта на својот учител, тој стана игумен на Студитскиот манастир. Беше подвижник со високи добродетели. Многу пострада поради молитвеното почитување на светите икони. Умре во прогонство како исповедник на верата, но не е познато каде. Пишуваше канони на Божјата Мајка и на многу Светители.