14 Мај (1. Мај)

ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ ПРОРОК ЕРЕМИЈА

Светиот пророк Еремија е роден во Левитскиот град Анатота, во пределите на племето Венијаминово, недалеку од Ерусалим. Беше син на свештеникот Хелкија. Тој, исто како и Самуил, однапред беше избран и предназначен за пророчката служба уште пред своето раѓање, според зборовите на самиот Господ:

„Пред да те обликувам во утробата, Јас те познавав, и пред да излезеш од утробата, Те посветив: те поставив за пророк на народите“ (Еремија 1, 5).

Свештеник по раѓање, а учител и пророк по призив Божји, според сведоштвото на свети Игнатиј Богоносец, свети Еремија бил девственик целиот свој живот. (сп. Еремија 16, 2). Започнал да пророкува во 630-та година пред Христа, на петнаесетгодишна возраст. Тоа се гледа во првата глава од неговата книга, каде тој, повикан од Господа на пророчка служба, вака ја изразува својата збунетост:

„Ох, Господи, Господи! Еве, не знам да зборувам, зашто сум дете“.

Но, Господ го бодри и, обдарувајќи го со зрел разум, му вели:

„Не зборувај: дете сум, туку оди каде што ќе те испратам и зборувај што и да ти кажам. Не плаши се, зашто сум со тебе да те избавам“.

Откако го рече тоа, Господ Ја пружи Својата рака, се допре до устата на Еремија, и му рече:

„Ете, Јас ги ставив зборовите Мои во устата твоја. Гледај, Јас те поставив денес над народи и царства, за да искоренуваш и разурнуваш, да погубуваш и разрушуваш, да зидаш и да насадуваш.“

Ова слово Господово, со кое Господ го повика Еремија на пророчка служба, беше искажано во времето на царот Јосија. Тогаш светиот пророк беше во петнаесеттата година од својот живот, и во толку младото момче започна да дејствува голема благодат Божја.

Во тоа време, еврејскиот народ, иако Му се поклонуваше на Вистинскиот Бог, Кој го изведе од Египет, сепак не Му служеше Вистински. Мешајќи се со незнабожечките народи, Евреите станаа расипани и поголемиот дел од нив навикна на нивните дела и им служеше на идолопоклоничките гадости. Не само во околината на Ерусалим, по ридовите и долините, туку и во самиот Ерусалим, кај храмот Господов, подигнат од Соломон, стоеја идоли на кои расипаните луѓе им принесуваа жртви како на вистински Бог. Гневен поради тоа, Господ им подготвуваше брзо разорување и погубување, кои Еремија ги претскажа преку две виденија: видение на бадемова гранка, и видение на котел што врие. И дојде зборот Господов до Еремија, говорејќи:

„Што гледаш Еремија?“

Еремија му одговори:

„Гледам гранка од бадемово дрво“.

Господ му рече:

„Добро гледаш, зашто јас бдеам над Моето слово, за да се изврши“.

И по вторпат беше упатено слово Господово кон него:

„Што гледаш?“

Тој одговори:

„Гледам котел што врие, а отворот му е кон север“.

Тогаш Господ му рече:

„Од север ќе пламне злото, врз сите луѓе што живеат на земјата. А ти препаши ги бедрата свои и стани, та кажи им се што ќе ти заповедам; не треси се пред нив, за да не те стресам Јас пред очите нивни. И ете, Јас те поставив денес како утврден град, како железен столб и како бронзен зид, против сите цареви Јудини и кнезови на целата таа земја, против свештениците негови и против народот на таа земја. Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам“ (Ерем. 1, 11-14. 17-19).

Бадемовиот стап ја означувал близината на Божјата казна, зашто бадемовото дрво прво се буди од зимскиот сон; тоа цвета во јануари а во март веќе донесува зрел плод. Така, праведниот Одмаздувач со стап ќе ги посети беззаконијата нивни, и со рани, неправдата нивна. А котелот што врие означувал дека градот Ерусалим ќе се наполни со крв и ќе зоврие со отстапување, сотиран со меч и оган од непријателите што ќе се нафрлат на него.

И му нареди Господ на својот пророк Еремија да им објавува на луѓето за гневот Божји, што доаѓа врз нив, и да ги поттикнува на покајание, Исполнувајќи ја наредбата Божја, свети Еремија пророкуваше во времето на царот Јосија, и во времето на неговиот син Јоахаз, и во времето на Јоахазовиот брат Јоаким, и во времето на синот Јоакимов, и во времето на Седекија, братот Јоахазов и Јоакимов, а син Јосијин.

Многу страдања поднесе пророкот Божји од своите соплеменици, кои не им веруваа на неговите зборови, зашто им објавуваше ужасни закани од Господа Саваота и ги проповедаше зборовите Господови во дворот на храмот, и во градот, и во царскиот дворец, и во темницата, и во околината на Ерусалим. Изведуван пред цареви и кнезови, тој на сите храбро им говореше, дека ако не се покајат и не се одвратат од идолопоклонството, набргу ќе ги стигнат сите зла, кои ќе нападнат од север врз сите жители на Јудеја. Зашто, ете што вели Господ:

„Јас ќе ги свикам сите племиња на северните царства, и тие ќе дојдат, и секој ќе го постави престолот свој при влезот на ерусалимските порти, околу сите зидини негови, и во сите јудејски градови. И ќе го изречам судот Свој врз нив, за сите нивни беззаконија, затоа што Ме оставија и кадеа темјан на други богови и се поклонуваа на идоли, дела од нивните раце. Чујте го словото Господово, доме Јаковов и сите родови на домот Израилев! Вака вели Господ: каква неправда најдоа во Мене татковците ваши, та се оддалечија од Мене, ја прифатија суетата и станаа суетни; и не рекоа: „каде е Господ, Кој нè изведе од Египетската земја, не водеше по пустината, по земја пуста и ненаселена, по земја сува, по земја на смртна сенка, по која никој не одел и во која никој не живеел?“ А кога ве воведов во земја плодородна, за да се храните од плодовите нејзини и од добрата нејзини, вие влеговте и ја осквернивте земјата Моја и сопственоста Моја ја направивте гадотија. Затоа, Јас уште ќе се судам со вас, и со синовите на синовите ваши ќе се судам. Ги променил ли некој народ боговите свои, иако тие не се богови? А Мојот народ ја менуваше славата своја за она што не помага. Чудете се на тоа, небеса, треперете и грозете се! Зашто две зла изврши Мојот народ: Мене, изворот на жива вода, Ме оставија и си ископаа извори издупчени, кои не можат да држат вода. На дрвото му велат: ти си мој татко; и на каменот: ти ме роди; зашто тие свртеа кон Мене грб, а не лице; а за време на своето озлобување ќе речат: стани и спаси нè! Каде се, пак, твоите богови, што ти си ги направил? Нека станат тие, ако можат да те спасат кога си во неволја; зашто колку градови имаш, о, Јудо, толку и богови имаш! О роде, чујте го словото Господово: Бев ли јас пустина за Израилот, бев ли земја неплодна? А зошто Мојот народ вели: ние сами сме си господари, нема повеќе да дојдеме при тебе? Го заборава ли девицата украсот свој, и невестата накитот свој? А Мојот народ Ме заборави - има веќе безброј дни. Како лукаво ги насочуваш ти патиштата свои, за да придобиеш љубов, и поради тоа дури и кон престапи ги нагодуваше патиштата твои. Дури по твоите поли има крв од бедните, невини луѓе... Кренете го знамето кон Сион - бегајте, не се запирајте, зашто Јас ќе донесам од север зло и голема погибел. И во тој ден, ќе замре срцето на царот и срцето на кнезовите, ќе се ужаснат свештениците и ќе се вчудовидат пророците. Како што од извор блика вода, така од Ерусалим блика зло; во него се слуша насилство и отимање, пред Моето лице секогаш има навреди и рани. Вразуми се, Ерусалиме, за да не се отстрани од тебе душата Моја и да не те направам пустина, земја ненаселена (Ерем. 1, 15-16; 2, 4-7; 9, 11-13; 27-28; 31-34; 4, 6-9; 6, 7-8).

Вакви и многу други зборови со пророчки жар зборуваше свети Еремија, и сето тоа опширно е изложено во неговата Книга. И се што зборуваше се исполнуваше. Бедите и неволјите над Ерусалим започнаа во времето на царот Јосија. За тоа време мисирскиот цар Фараон Нехао го нападна асирскиот цар кај реката Еуфрат. Бидејќи неговиот пат водеше прку пределите на јудејската земја, царот Јосија, за да ги спречи наездите на Египќаните на својата земја, собра војска и тргна против Фараонот. А Нехао испрати кај него пратеници со порака:

„Што има меѓу мене и тебе, царе јудејски? Против тебе не сум тргнал, туку онаму каде што имам војна. Бог ми заповеда да брзам; немој да Му се противиш на Бога, Кој е со мене, за да не те погуби“.

Но, Јосија не отстапи пред него, туку се подготви да се бие со него; и не ги послуша зборовите на Нехао, што беа од Бога, туку излезе во бој во долината Магедо. И стрелците го устрелаа царот Јосија, и царот им рече на слугите свои:

„Одведете ме, зашто сум тешко ранет“.

Слугите го одвезоа во Ерусалим, и таму тој умре. И беше погребан во гробниците на татковците свои. Цела Јудеја и Ерусалим го оплакаа Јосија, зашто беше многу добар и многу побожен. Јосија беше оплакан и од Еремија во плачевна песна (2 Паралипоменон 34, 1; 35, 21-25).

Потоа Фараонот Нехао ја нападна Асирија, а во Ерусалим за цар беше помазан помладиот син на Јосија, Јоахаз. Тој царуваше само три месеци, до враќањето на Фараонот Нехао од походот над Асирија. Враќајќи се како победник, Нехао ги потчини под своја власт Ерусалим и цела Јудеја, го исфли од престолот царот Јоахаз, кој беше избран од народот, и за цар го постави постариот брат на Јоахаз, Елиаким, на кого му го даде името Јоаким. Зашто царевите победници имале обичај да му го менуваат името на победениот и покорен цар. И Нехао ѝ наложи данок на Јудеја од сто таланти сребро и сто таланти злато, а симнатиот цар Јоахаз како заробеник во окови го одведе во Египет, каде што Јоахаз и умре.

Така семето Авраамово, народот слободен, и некогаш славно царство, ја изгуби својата самостојност и падна во ропство. Тоа се случи зашто со своите гревови Го разгневи и огорчи вишниот Бог, зашто не ги послуша зборовите на светиот пророк и не се покаја.

Во почетокот на царувањето на Јудејскиот цар Јоаким, синот Јосијев, на Еремија му дојде слово од Господа:

„Застани во дворот на домот Господен, и кажи им ги на сите градови во Јудеја, кои доаѓаат да се поклонат во домот Господен, сите оние зборови што ќе ти заповедам да им ги кажеш; ниеден збор да не пропуштиш. Речи им - вака вели Господ:

Ако не ме послушате, и не одите по Мојот закон, што ви го дадов, и не ги примате зборовите на Моите слуги, пророците, кои ги праќам при вас, а ги праќам од рано утро, и кои вие не ги слушате, тогаш со овој дом ќе го направам истото она, што со Силом, и овој град ќе го предадам на проклетство на сите земни народи“ (сп. Царс. 4, 10-11; Ерем. 26, 1-2, 4-6).

Свештениците, пророците и сиот народ го слушаа Еремија додека ги зборуваше овие зборови во домот Господен, па го фатија и рекоа:

„Заслужуваш смрт, оти пророкуваш во името на Господа“.

И кнезовите се разгневија, го фатија Еремија и викаа:

„Овој човек заслужува смрт, затоа што пророкува против овој град; а тоа го чувте со ушите свои!“

Тогаш Еремија им рече на сите кнезови и на сиот народ:

„Господ ме прати да пророкувам против овој дом и против овој град со сите зборови што ги чувте. Затоа исправете ги патиштата и делата ваши, и послушајте го гласот на Господа, вашиот Бог, и Господ ќе го одмени злото, што го изрече против вас. А што се однесува до мене, еве, јас сум во ваши раце; правете со мене што сметате дека е добро и право; само знајте добро, дека ако ме убиете, ќе земете невина крв врз себе и врз овој град и врз сите жители негови, оти навистина Господ ме прати при вас да ви ги кажам на ушите ваши сите овие зборови“.

Тогаш кнезовите и народот им рекоа на свештениците и пророците.

„Овој човек не заслужува смрт. Тој ни зборува во името на Господа, нашиот Бог“.

И некои од старешините месни станаа и му зборуваа на целото собрание:

„Михеј од Мораст пророкуваше во деновите на јудејскиот цар Езекија и му зборуваше на целиот јудејски народ: вака вели Господ Саваот: Сион ќе биде разоран како нива, а Ерусалим ќе стане куп урнатини, и гората на овој дом како шумовит рид. Па зар заради тоа го уби јудејскиот цар Езекиј и цела Јудеја? Па зар не се уплаши тој од Господа и зар не Го замоли Господа, и Господ го одмени злото, што беше го изрекол против нив; а треба ли ние сега да навлечеме такво големо зло врз душите свои? (Ерем. 26, 7-19). Затоа да се покаеме за нашите зла и да не ја бараме смртта на невиниот човек. Зашто каква беше користа од неодамна пролиената крв на Уриј, синот на Семаја, од Киријат-Јарим, кој пророкуваше против овој град и против оваа земја со истите зборови, како сега Еремија. И кога царот и кнезовите бараа да го убијат Урија, тој исплашен побегна во Египет. Но, царот Јоаким испрати по него луѓе во Египет, кои го доведоа, и Урија беше убиен со меч. Но што произлезе од тоа? Негодување на народот против царот и кнезовите Јудејски. Истото ќе се случи ако го погубите Еремија“ (Ерем. 26, 20-23).

Кога го рекоа тоа старешините, народот се подели. Едни беа за тоа светиот пророк Еремија да се убие, а други да се пушти како невин. И противниците на Еремија секако би преовладале, и би го убиле човекот Божји, ако не го заштитеше влијателниот големец Ахикам, синот Сафанов, кој не го даде во рацете на народот, за да биде убиен (сп. Ерем. 26, 24).

А царот Јоаким вршеше зло пред Господа, исто како отците негови (4 Цар. 23, 37). И повторно му дојде слово Господово на Еремија, говорејќи:

„Слези во домот на царот Јудин, и речи го таму ова слово: Чуј го словото Господово, царе јудејски, ти, кој седиш на Давидовиот престол, ти и твоите слуги и луѓето твои, кои влегуват низ овие порти. Вака вели Господ: извршувајте суд и правда и спасувајте го угнетуваниот од рацете на угнетувачот и не притиснувајте го придојдениот, како ни сиракот, ни вдовицата, и не проливајте невина крв на ова место. Оти, ако го исполнувате ова слово, низ портите на овој дом ќе влегуваат цареви, што ќе седат место Давида на престолот негов, што ќе се возат во коли и ќе јаваат на коњи, тие и слугите нивни и луѓето нивни. Ако пак не ги послушате овие зборови, се колнам во Себе, вели Господ, дека овој дом ќе запустее. Оти, така вели Господ за домот на Јудејскиот цар: ти си за Мене Галад и ливански врв; Јас ќе направам од тебе пустина, и градовите твои ќе станат ненаселни; а ќе повикам против тебе истребители, секој со своето оружје, и тие ќе ги исечат твоите најубави кедри и ќе ги фрлат во оган. И многу народи ќе минуват низ овој град и ќе си прикажуваат еден на друг: Зошто така постапи Господ со овој голем град? И ќе си одговараат - затоа што тие го оставија заветот на Господа, својот Бог, и се поклонија на други богови и ним им служеа (Ерем. 22, 1-9). Затоа, вака вели Господ за Јоаким, синот на Јудејскиот цар Јосија:

„Нема да го оплакуваат: „О брате! О сестро!“ Или нема да го оплакуваат: „О господаре!“ Или: „О негово величие!“ Како магаре тој ќе биде погребан; ќе го изнесат и ќе го фрлат далеку од ерусалимските порти“ (Ерем. 22, 18-19).

Овие смели зборови на пророкот Божји, изречени јавно пред народот, многу го разгневија царот и неговите големци, и тогаш тие би го убиле, ако промислата Божја не го сочуваше, за и понатаму да ги објавува тајните Господови. Тие грубо и срамно го зграпчија, па во окови и темница го фрлија.

Тогаш настана времето на судот Божји над злосторничкиот град. Вавилонскиот цар Навуходоносор, откако ја разби војската на мисирскиот Фараон Нехао, кој се обидуваше да ја освои Асирија, веднаш со својата воена сила тргна и против неговиот вазалцарот Јудејски. И по кратката опсада Навуходоносор го освои Ерусалим, и Господ му го даде во рацете Јоаким, царот Јудин, во третата година од царувањето на Јоаким. И тој беше одведен во ропство во Вавилон, и со него многу големци и истакнати момчиња, меѓу кои беа Данил, Ананиј, Мисаил и Азариј и многу ерусалимски жители. И од храмот Господен беа однесени најскапоцените предмети (Данил 1, 1-6).

Но, наскоро Навуходоносор го пушти од ропство царот Јоаким и повторно го постави за цар Јудејски во Ерусалим, само да му биде вазал. Така изминаа три години. Јоаким му плаќаше на царот Вавилонски како што порано даваше данок на Фараонот Египетски. Потоа Јоаким го фрли од себе вазалскиот јарем, и престана да му го дава одредениот данок на Навуходоносор.

Но, пред царот Јоаким да го стори тоа, на пророкот Еремија во темницата му дојде ова слово од Господа:

„Земи си книга и напиши ги во неа сите зборови, што ти ги кажав за Израилот, за Јуда, и за сите народи од оној ден, откако почнав да ти кажувам, од дните на Јосија па до денес; можеби домот Јудин ќе чуе за сите беди што мислам да му ги направам, па тие да се повратат секој од својот лош пат, и Јас да им ја простам неправдата нивна и гревовите нивни“ (Ерем. 36, 1-3).

И Еремија го повика Варух, синот Мириев, и ги напиша Варух во книга како свиток книжен од устата на Еремија сите Господови зборови, што му ги беше кажал Он. Тогаш Еремија му заповеда на Варуха и му рече:

„Јас сум затворен и не можам да појдам во домот Господов. Затоа оди и прочитај ги ти од свитокот книжен запишаните зборови Господови од мојата уста, гласно пред народот во домот Господов, во денот на постот, прочитај ги гласно и пред сите јудејци што се дојдени од градовите свои; можеби тие ќе упатат смирена молба пред лицето Господово и ќе се повратат секој од својот лош пат; оти голем е гневот и негодувањето кое Господ го изрече против овој народ“ (Ерем. 36, 4. 5-7).

Варух, синот Мириев, направи се како што му заповедаше пророкот Еремија - и ги прочита од свитокот книжен во домот Господен, запишаните зборови Господови. Тоа беше во петтата година на јудејскиот цар Јоаким (Ерем. 36, 8. 9).

А кога за тоа слушнаа кнезовите го повикаа Варуха и му наредија да им ја прочита книгата. И Варух им ја прочита гласно, Кога го ислушаа, тие се исплашија и го прашаа Варуха:

„Кажи ни како ги напиша сите овие зборови од устата негова?“

А тој им одговори:

„Од устата на Еремија. Он ми ги изговори со устата своја сите овие зборови, јас, пак, ги запишав со мастило во овој свиток книжен“.

Тогаш кнезовите му наредија на Варух да се сокрие. Исто така наредија и Еремија во темницата да се сокрие, та никој да не знае каде се. Тие ја зедоа таа книга и отидоа кај царот. Во тоа време царот беше дома и се грееше крај огнот, оти беше зима. И започна да се чита книгата пред царот. И не се уплашија и не ги раскинаа облеките свои ни царот, ниту слугите негови од читаните зборови. Но, кога беа прочитани три-четири листа, царот се разгневи, па ја исече книгата со нож и Ја фрли во огнот, та таа изгоре. Потоа царот заповеда Варух и Еремија да ги фатат и убијат, но Господ ги сокри на чудесен начин (Ерем. 36, 14-26). .

Потоа повторно му дојде слово Господово на Еремија, и му беше речено:

„Земи си друг свиток и напиши ги во него сите поранешни зборови, што беа во првиот свиток книжен, кој Јудејскиот цар Јоаким го изгоре. А нему кажи му дека трупот негов наскоро ќе биде фрлен мртов на дневниот припек и на ноќниот студ“.

И зеде Еремија друг свиток, и му го даде на писарот Варух и тој ги напиша од устата на Еремија сите зборови од оној свиток книжен, што го изгоре во оган јудејскиот цар Јоаким; а додаде кон нив и уште многу други, слични на нив зборови (Ерем. 36, 27-32).

Додека се случувало тоа, со допуштање Божјо, неочекувано Ерусалим беше нападнат од Навуходоносоровата војска составена од халдејски, сирски, моавски и амунитски чети. И многу лесно беше заземен Ерусалим, оти не беше подготвен да се брани од непријателот. А пак царот Јоаким беше фатен и убиен, и трупот негов извлечен надвор од градот и фрлен на зверовите да го изедат. Така се исполни пророштвото на светиот пророк Еремија, што го изрече за него (Ерем. 22, 19).

А коските Јоакимови што останаа неизедени од зверовите, Јудеите ги погребаа во гробниците на татковците негови.

По смртта на Јоаким на ерусалимскиот престол стапи неговиот син Јахониј, но и тој вршеше зло пред Господа. И пророкуваше свети Еремија за него, дека со целиот негов дом ќе биде предаден од Господа во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносор, и повеќе нема да Ја види својата земја (Ерем. 22, 24-27). И наскоро така и се случи. Бог допушти, та Навуходоносор го зазеде Ерусалим, го зароби царот Јахониј со мајката негова, и со слугите, кнезовите и дворјаните негови. И ги одведе во ропство заедно со царот Јахониј сите кнезови и сите јунаци, десет илјади робови, и сите дрводелци и ковачи, и остана само сиромашниот народ по земјата. И го однесе целото богатство на домот Господен и богатството на царскиот дом, и ги искрши сите златни садови, што ги беше направил Соломон, царот Израилев, за храмот Господен (4 Цар. 24, 10-14).

Навуходоносор на местото на Јахониј го постави неговиот стрико Матаниј, и му го промени името нарекувајќи го Седекиј. Седекиј царуваше единаесет години во Ерусалим и го вршеше секое зло пред Господа, исто како и претходните лоши цареви, зашто го скамени срцето свое, за да не се обрати кон Господа, Богот Израилев. Исто така и главарите јудејски, и свештениците, и народот, ги умножија беззаконијата и со идолопоклоничките гадости го осквернија домот Господен во Ерусалим; не ги послушаа зборовите Господови од пророчките усти, туку ги навредуваа пратениците Божји, ги омаловажуваа зборовите Господови, а ги слушаа лажните пророци свои. Затоа гневот Господен беше на Ерусалим и на својата земја Јудејска, додека Господ сосем не го отфрли тој народ, и не го предаде на целосно разорување и опустошување (сп. Ерем. 23, 1-40; 52, 1-3).

Таа последна напаст, многу пострашна од предходните, се исполни над Ерусалим на ваков начин:

Утврдувајќи се на престолот во Ерусалим, царот Седекиј науми да се одметне од вавилонскиот цар Навуходоносор, да не му робува, ниту да му дава данок. На тоа го наговорија и соседните цареви: Едомскиот, Моавскиот, Тирскиот, Амонискиот и Сидонскиот, кои отпрвин беа под Навуходоносор, па се договорија и го отфрлија од себе јаремот негов. Потоа му испратија пратеници на царот Седекиј во Ерусалим, предлагајќи му да престане да му дава данок на царот Вавилонски, и заедно со нив да се крене против силата Халдејска.

И Седекиј беше согласен на нивниот предлог.

Во тоа време од Господа му дојде ваква заповед на пророкот Еремија:

„Направи си јажиња и јарем, па стави ги околу вратот. И прати исто такви до Идумејскиот цар, до Моавскиот цар, до царот на синовите Амонови, до Тирскиот цар и до царот на Сидон, по пратеници кои ќе дојдат во Ерусалим кај јудејскиот цар Седекија“ (Ерем. 27, 2-3).

Светиот пророк постапи по заповедта Господова, стави на себе јарем околу вратот, отиде во дворецот на Седекиј, каде беа пратениците на споменатите цареви, и им рече:

„Вака вели Господ на војските, Богот Израилев - кажете им го ова на вашите господари: Јас ја создадов земјата, човекот и животните, што се по земјината топка, со големата Своја сила и со Својата крената мишка, па му ја давам на оној, кому сакам. А, еве, сега, сите тие земји ги предавам во раката на вавилонскиот цар Навуходоносор, мојот слуга, дури и зверовите полски му ги предавам, за да му служат. И сите народи ќе му служат нему, и на синот негов, и на внукот негов, се додека дојде времето на земјата негова и на него самиот, и ќе му служат многу народи и големи цареви. А ако некој народ и некое царство не ќе сака да му служи на вавилонскиот цар Навуходоносор, и нема да го свитка вратот под јаремот на вавилонскиот цар, тој народ јас ќе го казнам со меч, со глад и со помор, вели Господ, додека не го истребам преку раката негова. А вие не слушајте ги вашите пророци и вашите бајачи, вашите јасновидци, вашите маѓепсници, вашите вражачи, кои ви велат: „Нема да му служите на вавилонскиот цар“. Тие ви пророкуват лага, за да ве оддалечат од земјата ваша, па Јас да ве изгонам и вие да загинете. Не слушајте ги, туку служете му на вавилонскиот цар, и ќе останете живи, и земјата ваша нема да запустее“ (Ерем. 27, 4-10. 17).

Тоа беше во четвртата година од царувањето на Седекија, царот Јудејски. Таа иста година пророкот Божји Еремија со јаремот околу вратот влезе еднаш во храмот Господен. Тука го сретна лажниот пророк Ананиј, кој го зеде јаремот од вратот на пророкот Еремија и го скрши, па рече пред свештениците и целиот народ:

„Вака вели Господ - ете, така ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар по две години, откако ќе го извадам од вратот на сите народи“.

Тогаш си отиде Еремија по својот пат. И би слово Господово до Еремија:

„Оди и кажи му на Ананија - вака вели Господ: ти го скрши дрвениот јарем, но место него направи железен. Јас железен јарем ќе им ставам на вратот на сите овие народи, за да му служат на вавилонскиот цар. А тебе ќе те исфрлам од лицето на земјата; уште во текот на оваа година ќе умреш, бидејќи зборуваш против Господа“. И умре пророкот Ананија во таа година, во седмиот месец (Ерем. 28, 11-16).

Известен за тоа, царот Седекиј се уплаши и во тоа време не смееше јавно да се одметне од вавилонскиот цар. Подоцна тој склопи сојуз со египетскиот Фараон Псаметихон 2ри, синот на Нехао, се одметна од Навуходоносор и стана негов противник, не слушајќи ги советите на светиот пророк Еремија, кој постојано го советуваше и него и целиот народ. Меѓутоа, во тоа исто време пророкот Еремија тајно испрати послание до Јудејците кои беа во ропство во Вавилон. Во посланието ги известуваше дека тие ќе останат во ропство седумдесет години, а потоа ќе ги посети Господ и ќе ги прати во Ерусалим. И ги советуваше таму да си градат куќи, да ги женат своите синови и мажат своите ќерки, за во ропството да се множат а не да отпаднат. Ги советуваше и да не ги слушаат лажните пророци, кои лажно им ветуваат скорешно ослободување, туку да го молат Бога за царот Навуходоносор, за во неговиот мир да го најдат својот, и спокојно да го проживеат седумдесетгодишното ропство, кое што им е одредено од Бога. Зашто вака вели Господ:

„Кога во Вавилон ќе исполните седумдесет години, тогаш ќе ве посетам и ќе го исполнам Мојот добар збор, за вас да ве вратам на ова место. Оти само Јас ги знам замислите што сум ги смислил за вас, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж“ (Ерем. 29, 4-11).

Ова послание на пророкот Еремија внимателно беше прочитано од поробените Јудеи во Вавилон, но кај тамошните лажни пророци предизвика силен гнев, и желба да му се осветат на пророкот. Затоа им напишаа на првосвештениците во Ерусалим, да му забранат на Еремија да пророкува и пишува. И уште бараа да го оковаат и стават во затвор, за со своите посланија да не ги смутува луѓето, плашејќи ги од долготрајното робување. Меѓутоа, пророкот Божји, и покрај забраните и оковите во кои го ставија, не престануваше да го објавува словото Божјо, и зборуваше дека робовите во Вавилон Господ ќе ги посети со милоста Своја, а оние во Ерусалим ќе ги погуби со Својот праведен гнев.

Вака вели Господ за царот кој седи на Давидовиот престол и за сиот народ што живее во овој град, за браќата ваши, кои што не се одведени со вас во ропство:

„Еве, ќе испратам врз нив меч, глад и помор, и ќе ги направам како лошите смокви, кои не можат да се јадат; и ќе ги гонам со меч, глад и помор, и ќе ги предадам на зло кај сите земни царства за проклетство и ужас, за потсмев и навреда меѓу сите народи, каде што ќе ги избркам, оти не ги послушаа зборовите Мои“ (Ерем. 29, 16-19).

Во близина на Ерусалим се наоѓаше долината на синовите Еномови, викана Тофет. Во неа беа подигнати високи жртвеници. Тука Јудејците ги колеле синовите и ќерките свои, ги пренесувале на жртва на идолот Молох, и ги спалувале нивните тела. Кога се извршувало тоа безбожно колење на невините деца, и се принесувале како морничава жртва, бесомачно трештеле труби и тапани, за да не се чуе лелекот на родителите и вресокот на колените деца.

Изобличувајќи и осудувајќи го овој тежок грев, пророкот Божји Еремија, по наредба Божја, купи глинена стомна од кај гричарот, ги поведе со себе најстарите од народот и свештеничките старешини, па отиде во Тофет. Таму силно објави:

„Чујте го словото Господово! Вака вели Господ Саваот, Бог Израилев - еве, Јас ќе испратам врз ова место зло, и кој ќе чуе за тоа, ќе му пиштат ушите, зашто Ме оставија луѓето Мои и го осквернија ова место, па во него кадат на туѓи богови, кои не ги познавале ни тие, ни татковците нивни, а ни Јудејските цареви; го исполнија ова место со невина крв. Подигнаа високо светилиште на Ваал, за да ги горат синовите свои со оган, како сепаленица за Ваал. Затоа, еве, идат дни, кога ова место нема веќе да се наречува Тофет, односно долина на синовите Емонови, туку долина за убивање, зашто на ова место многу Јудејци ќе бидат убиени од мечот на непријателите нивни и труповите нивни ќе им ги дадам за храна на птиците небесни, и на ѕверовите земни. И ќе го направам овој град за ужас и поруга и секој што ќе минува низ него ќе се чуди и ќе си потсвирниува, гледајќи ги многуте рани негови. И тие ќе јадат месо од своите синови, и месо од своите ќерки; и секој ќе го јаде телото на својот ближен, кога ќе се наоѓа во опсада и во тесно, кога ќе ги притискаат непријателите нивни, и оние што ја сакаат душата нивна“ (Ерем. 19, 1-9).

Откако ги изговори овие страшни зборови на разгневениот Бог, свети Еремија ја скрши стомната пред очите на луѓето и рече:

„Вака вели Господ над војските: Така ќе го разбијам тој народ и тој град, како што е скршен овој грнчарски сад, кој веќе не може да стане цел (Ерем. 19, 10-11). Еве јас ќе испратам врз овој град и врз сите нивни градови секакво зло, што го изреков против него, бидејќи тие се тврдоглави и не ги слушаат зборовите Мои“ (Ерем. 19, 14-15). Кога Паскор, синот Емеров, свештеник и надзорник во домот Господен, чу дека Еремија ги изговорил тие пророчки зборови, го удри пророкот Еремија и го затвори во затворот што беше до горните порти Венијаминови, при домот Господен. Но утредента Пасхор го ослободи Еремија од затворот, и Еремија му рече:

„Вака вели Господ: „Ете, ќе те направам ужас за тебе самиот, и за сите твои пријатели, кои ќе паднат во бој од непријателите свои, и очите твои ќе го видат тоа. И сиот Јуда ќе го предадам во рацете на Вавилонскиот цар, кој ќе го одведе во Вавилон и ќе го убие со меч. И ќе го предадам сето богатство на тој град, сиот имот негов и сите негови драгоцености; и сите ризници на царевите Јудејски ќе ги дадам на неговите непријатели што ќе ги разграбаат, ќе ги земат и ќе ги однесат во Вавилон. А ти, Паскоре, и сите што живеат во твојата куќа, ќе отидете во ропство; ќе отидеш во Вавилон, таму ќе умреш, и таму ќе бидеш погребан ти, и сите твои пријатели, на кои ти лажно им пророкуваше“ (Ерем. 20, 1-6).

И наскоро се исполни ова пророштво на светиот Еремија. Во деветтата година на своето царување, царот Седекиј јавно се одметна од царот Вавилонски и објави независност. Тогаш дојде Навуходоносор со целата своја војска против Ерусалим, го опседна и подигна околу него насипи. И настана голем глад во градот (Ерем. 52, 3-6).

И пророкот Божји Еремија му зборуваше на царот Седекиј и на целиот народ:

„Вака вели Господ Бог Израилев: Еве, јас ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го изгори со оган; и ти нема да избегаш од рацете негови, туку ќе бидеш фатен и предаден во рацете негови, и очите твои ќе ги видат очите на вавилонскиот цар и ќе бидеш одведен во Вавилон“ (Ерем. 34, 2-3).

И пророкот го советуваше царот доброволно да му се покори на Навуходоносор, за Ерусалим да не биде целосно разорен и царството Јудејско уништено. Но, лажни пророци и старешини свештенички го наговорија царот да не го послуша Еремија и му зборуваа за Еремија: „Полудел“ (Ерем. 28).

А пак Навуходоносор, држејќи го во опсада Ерусалим, слушна дека Фараонот Египетски со војска му доаѓа на помош на својот сојузник Седекиј, да го ослободи Ерусалим од опсадата. Затоа Навуходоносор ја прекина опсадата на Ерусалим и со војската отиде против својот главен противник. Кога го видоа тоа, Ерусалимците започнаа да ликуваат, мислејќи дека Навуходоносор се враќа во Вавилон, бидејќи не можел да го освои Ерусалим. И се потсмеваа:

„Ете Навуходоносор побегна, не можејќи да не победи“,

Но, светиот пророк Еремија велеше:

„Вака вели Господ Бог Израилев: вака речете му на царот Јудејски: еве, војската на фараонот што ви дојде на помош, ќе се врати во својата земја, во Египет; а Халдејците пак ќе дојдат и ќе се борат против овој град, ќе го превземат и ќе го изгорат со оган“ (Ерем. 37, 7-8).

А кога халдејската војска се оддалечи од Ерусалим поради фараоновата војска, пророкот Еремија го оседла своето магаре и тргна во својот град Анатот, каде имаше свој имот. А кога беше пред портата Венијаминова, тамошниот старешина на стражата Ирсиј, внук на лажниот пророк Ананиј, го задржа и рече:

„Ти сакаш да побегнеш кај Халдејците, зар не?“

Еремија одговори:

„Тоа е лага. Јас не бегам кај Халдејците, туку одам во својот град, каде што ми е имотот“.

Но Ирсиј не го послуша, го фати и го одведе кај кнезовите. Кнезовите се разгневија на Еремија, го биеја и го затворија во темница (Ерем. 37, 11-15).

Во тоа време, царот Навуходоносор, откако ја победи и разби војската на Фараонот Египетски, кој одеше на помош на царот Седекиј, набрзо се поврати на Ерусалим, го опседна и го биеше силно, и Ерусалим беше во опседната состојба се до единаесеттата година од царувањето на Седекиј. За целото тоа време свети пророк Еремија не престануваше да ги повикува луѓето на покајание, укажувајќи им на очигледното исполнување на неговите пророштва, на тоа дека веќе настапило од Бога одреденото време за казнување на непокајаните и упорни грешници; притоа даваше корисни совети да им се покорат на Халдејците и говореше:

„Вака вели Господ: кој ќе остане во овој град, ќе умре од меч, од глад, и од помор; а оној што ќе појде при Халдејците ќе биде жив. А пак, овој град, без друго ќе биде предаден во рацете на војската од вавилонскиот цар, и тој ќе го превземе“ (Ерем. 38, 2-3).

Кога го слушнаа тоа, кнезовите му рекоа на царот:

„Овој човек нека биде предаден на смрт, оти влијае да ослабат рацете на војниците кои останаа во овој град, и рацете на целиот народ, зборувајќи им такви зборови, зашто овој човек не му пожелува добро на овој народ, туку зло. А царот Седекиј рече: Ете, тој е во ваши раце, бидејќи царот не може ништо да направи против вас“ (Ерем. 38, 4-5).

Тогаш го фатија Еремија и го фрлија во јамата на Малхија, синот Амелехов, која беше во стражарницата, и го спуштија Еремија со јаже; во јамата немаше вода туку само тиња, и Еремија падна во тињата. И ќе умреше таму, ако не го спасеше еден богобојазлив туѓинец, Авдемелех Етиопјанинот, дворјанин, кој беше во царскиот дом. Кога тој слушна дека пророкот Еремија го фрлиле во јамата, му рече на царот:

„Господару мој, царе! Лошо ти направија оние луѓе што така постапија со пророкот Еремија кого го фрлија во јамата“.

Тогаш царот му заповеда на Авдемелех да го извадат Еремија од јамата. Потоа го повика кај себе пророкот Еремија и насамо го прашуваше:

„Вистина ли е тоа што го пророкуваш?“

Пророкот му одговори:

„Ако ти откријам нема ли да ме предадеш на смрт? А ако те посоветувам, ти нема да ме послушаш“.

Тогаш царот се заколна дека нема да го погуби. На тоа Еремија му рече на царот:

„Вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: ако отидеш при кнезовите на вавилонскиот цар, душата ќе ти остане жива, и овој град нема да биде изгорен со оган, и ти ќе бидеш жив, а и домот твој. Ако пак не појдеш при кнезовите на вавилонскиот цар, овој град ќе биде предаден во рацете на Халдејците и тие со оган ќе го изгорат, а ти нема да побегнеш од рацете нивни“ (Ерем. 38).

Но, царот не го послуша добриот совет од пророкот, туку го испрати пророкот во темница, во која остана се додека халдејците не го зазедоа Ерусалим, што се случи во единаесеттата година од царувањето на Седекиј. Во тоа време во опседнатиот Ерусалим бројот на бранителите се смалуваше, храната привршуваше, та настана толку ужасен глад што започна да се исполнува пророштвото на светиот пророк Еремија: луѓето ги јадеа своите деца и еден со друг (Ерем. 19, 9).

А кога одбраната потполно малакса, градот беше пробиен од халдејските сили, и сите војници побегнаа ноќе од вратата меѓу два зида, низ градината царева, и го фатија патот што води во пустината; по тој пат побегна и царот Седекиј. Халдејската војска го стигна Седекиј во Ерихонското Поле, и го фати. Неговата војска го остави, и се разбега. Халдејците го одведоа Седекиј кај вавилонскиот цар Навуходоносор во Ривла. И вавилонскиот цар ги закла синовите на Седекиј во Ривла пред очите негови, и сите важни луѓе ги уби, а на Седекиј му ги ископа очите, го окова во двојни вериги, и го одведе во Вавилон. А Навузардан, врховниот војвода на халдејската војска, ги раскопа ерусалимските бедеми, и прекрасната и преславна и густо населена престолнина на царевите Јудејски ја зали со крв. А за пророкот Еремија Навузардан имал заповед од царот Навуходоносор да го сочува жив и здрав:

„Земи го, - му заповедаше царот на Навузардан, - грижи се за него, и не прави му ништо лошо, туку постапувај со него онака, како што ќе ти каже тој“ (Ерем. 39, 2-12).

Зашто Навуходоносор беше слушнал за свети Еремиј, и за неговото пророштво, и за неговиот совет на царот Седекиј, и затоа му издаде таква заповед на својот војвода Навузардан во однос на пророкот Еремија. И светиот пророк беше изведен од темницата, разрешен од оковите, чесно испочитуван, и пуштен на слобода. Во таа прилика Навузардан му рече на светиот пророк Еремија:

„Твојот Господ Бог го изрече ова зло врз ова место и направи како што рече, бидејќи вие згрешивте пред Господа и не го послушавте гласот Негов. Ете, заради тоа и ве постигна ова. Но, сега еве, јас денес те ослободувам од веригите што ти се на рацете; ако ти е угодно да дојдеш со мене во Вавилон, дојди, и јас ќе се грижам за тебе; ако пак не ти е угодно да дојдеш со мене, остани овде. Еве, оваа земја е пред тебе; каде што ти е угодно и каде што ти е мило да одиш, појди таму“ (Ерем. 40, 1-4).

Пророкот Божји изрази желба да остане во татковината. Имајќи ја благонаклонетоста на војводата Навузардан, свети Еремија веднаш започна да се грижи за светињите Божји, за превозвишената красота и слава на сите племиња Израилеви -Ковчегот на Заветот, за иноплемениците да не го уништат и да не биде поругана славата Божја. И тој измоли од војводата Навузардан, кој го разоруваше Ерусалим, да му дозволи да ја земе светињата на Богот Израилев, пред храмот да биде оплачкан и разорен. И, наоѓајќи некои свештеници и левити, преостанати од колежот, тој ги поведе со себе, помина со нив низ Халдејската војска, отиде во храмот, зеде од огнот во олтарот, кој уште во деновите на Мојсеји Арон беше слегнал од небото како жртва паленица, и од тогаш се одржуваше на жртвеникот без да се угаси (3 Мојс. 9, 24). Земајќи од тој оган, пророкот Еремија го стави во еден сад и го сокри во безводниот бунар, имајќи цврста вера и пророчки предвидувајќи дека тој оган, кој привремено ќе се угаси претворајќи се на чудесен начин во густа вода, во свое време ќе се врати во својата сопствена стихија, и ќе се разгори. Тоа и се случило по враќањето на Израилците од Вавилонското ропство, по обновувањето на храмот во времето на Неемија, многу години по смртта на светиот пророк Еремија, кој, сокривајќи го тој оган во бунарот, го порамни тоа место, та тоа за долго време остана непознато (Макав. 1, 19-32).

Откако го сокри жртвеничкиот оган, свети пророк ЕремиЈа го зеде Ковчегот на Заветот, го изнесе од храмот, и го чуваше во своето живеалиште, сè додека не престана воениот метеж, предизвикан со наредбата на Навузардан за разорување и спалување на Ерусалим. А кога Ковчегот на Заветот беше однесен од храмот, војводата Навузардан нареди, та Халдејците ги собраа сите златни, сребрени и бакарни скапоцености од храмот, и ги однесоа во Вавилон. Потоа го запалија прекрасниот храм Соломонов и целосно го разорија; исто така ги срушија и царските палати, и сите најубави куќи Ерусалимски, и ги раскопаа и со земјата ги срамнија градските бедеми. Тогаш од мечот на завојувачот загина огромен број на Евреи, особено во гореспоменатата долина Тафет, во која беззакониците порано му ги принесуваа како жртва на Молох синовите и ќерките свои; а живите беа одведени во ропство; само најсиромашните, кои немаа ништо, ги остави Навузардан во земјата Јудина, и им даде да ги обработуваат лозјата и нивите (Ерем. 39, 10; 4 Цар. 25, 12).

Заминувајќи со огромен плен од разорениот и оплачкан Ерусалим, Навузардан по заповед на царот Навуходоносор, за управител на опустошената Јудеја го постави Годолиј, синот на оној Ахикам, кој еднаш го беше избавил пророкот Еремија од рацете на убијците, и кој за свое живеалиште не го беше избрал Ерусалим туку Миспа, во близина на Ерусалим. Пророкот Еремија сега отиде кај Годолиј, и се насели во Миспа (Ерем. 40, 5-6). Користејќи го настанатиот мир, свети Еремија со побожни свештеници и левити го зеде Ковчегот на Заветот што го чуваше, и го однесе преку Јордан на гората во земјата Моавска, близу Ерихон, од која некогаш пророкот Мојсеј ја видел ветената земја, и на која умрел и бил погребан (5 Мојс. 34). На таа гора пророкот Еремија најде пештера, во неа го внесе Ковчегот на Заветот, и нејзиниот влез го зазида со огромна камена плоча. И таа плоча како да ја запечати, откако на неа го напиша името Божјо со прстот свој, како со железно перо, зашто тврдиот камен под прстот на пророкот стана мек како восок, па потоа повторно ја доби својата природна цврстина. И тоа место стана тврдо како да е излиено од железо. Тогаш свети Еремија им рече на присутните:

„Отиде Господ од Сион на небото; и повторно ќе се врати со сила, а знак на неговото доаѓање ќе биде: кога сите народи ќе се поклонат на дрвото, (тоест крстот, на кој е распнат Спасителот на светот Господ Исус Христос) “.

Пророкот Божји рече уште и дека овој Ковчег никој нема да го изнесе од ова место, единствено Мојсеј, пророкот Боговидец, и дека таблицата на заветот никој нема да може да ја расклоци и прочита, единствено угодникот Божји Арон. Во денот на сеопштото воскресение ќе биде изнесен Ковчегот на Заветот од запечатената пештера и ќе се постави на гората Сион, и сите светии ќе се соберат кај него во очекување на доаѓањето на Господ, Кој ќе ги избави од непријателот што сака да ги убие.

Додека свети Еремија им го зборуваше тоа на свештениците и левитите, ненадејно облак ја покри запечатената пештера, и никој не можеше да го прочита името Божјо, напишано на каменот со прстот на Еремија, ниту пак да се распознае или пронајде тоа место. Некои од присутните се обидувале да го распознаат тоа место и патот кон него, но не успеале. А пророкот им рече во духовно озарување:

„Ова место ќе биде непознато се додека Господ не ги собере луѓето Свои, и не се смилува на нив. Тогаш ќе им го покаже ова место, и на сите ќе им ја јави славата Своја на него, И облак ќе го осенува, како што се случило кај Мојсеј и кај Соломон“ (3 Мојс. 9, 23-24; 3 Цар. 8, 10-11).

И така, до денешен ден никој не знае за таа пештера, ниту пак некој до свршетокот на светот ќе дознае. Но, слава Божја тајно го осенува Ковчегот на Заветот со светол пламен облак, како што го осенувала во Скинијата Мојсеева и храмот Соломонов, зашто тоа не може да престане.

Откако по седумдесет години се вратија од Вавилонското ропство, Евреите го обновија Соломоновиот храм во Ерусалим, но во него го немаше Ковчегот на Заветот, таа слава на стариот храм. Тогаш тие направија нов ковчег од злато, според оној на Мојсеј, и се што се наоѓало внатре во ковчегот и околу него направија како првобитниот, но во него ја немаше чудотворната сила, и не го осветлуваше славата Божја. Во новиот храм, од првиот го има само огнот небесен, кој светиот пророк Еремија го беше сокрил во безводниот бунар, па подоцна го пронајдоа свештениците, и тоа многу години по смртта на пророкот Еремија.

Откако го сокри Ковчегот Господов, свети Еремија дојде во Мисифа, новата престолнина Јудејска, кај новиот управител на опустошената татковина, Годолиј, синот Ахикамов, и живееше со него меѓу народот, што беше останал во земјата (Ерем. 40, 6). И пророкот Божји неутешно плачеше за разорениот и опустошен Ерусалим. Околу Годолија започнаа да се прибираат Евреите, кои порано се беа разбегале од Халдејците по соседните земји. Годолија ги соколеше, ветувајќи им заштита и мирен живот во служењето на Халдејците. Самиот Господ во првата година по наездата на Вавилонците, со родна година го утеши тажниот остаток од синовите Израилеви (Ерем. 40, 9-12).

Но, синот на Натаниј, Исмаил, роднина на одведениот во Вавилон цар Седекиј, му завидуваше на Годолија, па собра угледни луѓе и дојде во Масифа кај него, божем да му ја изрази својата покорност. Не насетувајќи ја неговата зла намера, Годолиј го дочека со радост, па приреди и гозба во негова чест. Но, доцна во ноќта стана Исмаил со десет души кои беа со него, и го убија Годолија и сите Јудејци што беа со него и Халдејските војници кои се затекнаа таму (Ерем. 41, 1-3).

Кога слушна за тоа синот на Кареја, војводата Јоанан, и сите војводи што беа со него, ги земаа своите луѓе и тргнаа против Исмаил и го најдоа во Гаваон. Тука го нападнаа и го победија, и тој едвај побегна со осум луѓе кај синовите Амонови. Потоа Јоанан и останатите војводи започнаа да се договараат да побегнат од Халдејците во Египет, зашто се плашеа од гневот на вавилонскиот цар заради Годолија, мислејќи дека царот заради неговата смрт веднаш ќе испрати војска да го убие остатокот од Израилците. И веќе започнаа со народот да се подготвуваат за пат во Египет, од каде во дамнина Господ ги беше извел со својата крепка рака. Но, пред да тргнат, тие изразија желба да слушнат што мисли за тоа светиот пророк Еремија. Затоа дојдоа сите војводи со Јоанан и целиот народ, мало и големо, и му рекоа:

„Еве ја молбата наша пред тебе, помоли Му се на твојот Господ Бог за сиот овој остаток, зашто од многумина останавме малкумина, како што не гледаат твоите очи, па твојот Господ Бог да ни го покаже патот по кој треба да врвиме, и што треба да правиме“.

А пророкот Еремија им рече:

„Ве чув, ќе Му сè молам на вашиот Господ Бог, според молбата ваша, и се што ќе ви одговори Господ, ќе ви го кажам, ни збор нема да сокријам од вас“.

А тие му рекоа на Еремија:

„Господ нека ни биде вистински и верен сведок за тоа, дека ние ќе направиме сè што твојот Господ ќе заповеда за нас. Добро ли, лошо ли ќе биде тоа, ние ќе го послушаме гласот на нашиот Господ Бог, при Кого те праќаме, за да ни биде добро ако бидеме послушни на гласот од Господа, нашиот Бог (Ерем. 42, 1-6).

Се помоли светиот пророк Еремиј на Бога, постејќи десет дена и Бог му ја откри светата волја Своја. Тој го повика кај себе Јоанан, синот Кареев, со него сите војводи и сиот народ - од мало до големо, па им рече:

„Вака вели Господ, Бог Израилев, до Кого ме испративте да Му ја пренесам вашата молба: ако останете во оваа земја, Јас ќе ве зацврстам и нема да ве разорам, ќе ве посадам и нема да ве искоренам, зашто жалам за бедата, што ви ја направив. Не бојте се од вавилонскиот цар, од кого се плашите, не бојте се од него, вели Господ, бидејќи и Јас сум со вас, за да ве спасувам и да ве избавувам од неговата рака. И ќе ви направам милост да се смилува на вас, и да ве врати во земјата ваша. Ако пак речете: не сакаме да живееме во оваа земја, и не го послушате гласот на Господа, вашиот Бог, велејќи - не, туку ќе отидеме во земјата Египетска, каде што нема да видиме војна и нема да чуеме трубен глас, и нема да гладуваме, таму ќе живееме, тогаш чујте го сега словото Господово, вие, остатокот од Јуда: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: ако го свртите лицето свое, за да отидете во Египет, и отидете таму, за да се населите, тогаш мечот, од кој се плашевте, ќе ве постигне таму, во земјата Египетска, и гладот, од кого се боевте, секогаш ќе ве следи во Египет, и таму ќе умрете. И сите што ќе го свртат лицето свое да отидат во Египет и таму да живеат, ќе умрат од меч, од глад и од помор, и ни еден од нив нема да остане и нема да побегне од бедата што ќе ја пратам врз нив. Оти така вели Господ Саваот, Бог Израилев: како што се излеа гневот Мој и јароста Моја врз жителите Ерусалимски, така ќе се излее јароста Моја врз вас, кога ќе влезете во Египет, и ќе станете за проклетство и за ужас, за поруга и за укор, и нема повеќе да го видите ова место. Господ ви зборува вам, остатоци Јудини: не одете во Египет; знајте, дека ви сведочам јас. Оти вие згрешиве против самите себе си - вие ме пративте пред Господа, нашиот Бог, и ми рековте: помоли се за нас на Господа, нашиот Бог, а сè што ќе каже Господ, нашиот Бог, кажи ни, и ние ќе извршиме. И еве, денес јас ви ја објавувам волјата Божја. Знајте дека ќе умрете од меч, од глад и од помор во она место, каде што сакате да појдете, за да живеете таму“ (Ерем. 42, 7-22).

Кога Еремија му ги изговори на сиот народ овие зборови на нивниот Господ Бог, тогаш Азариј, синот Осаиев, и Јоанан, синот Кареев, и сите други дрски луѓе, му рекоа на Еремија:

„Тоа што го зборуваш не е вистина; Господ, нашиот Бог не те прати да кажеш - не одете во Египет за да живеете таму, туку Варух, синот Мириев, те наговори против нас, за да не предадеш во рацете на Халдејците, да нè убијат или да нè одведат како робови во Вавилон“ (Ерем. 43, 1-3).

И така Јоанан, синот Кареев, сите војводи и сиот народ, не го послушаа гласот на Господа, за да останат во земјата Јудејска, туку го поведоа сиот остаток од Јудејците, мажи, жени и деца, и отидоа во земјата Египетска и се населија во градот Тафнис, каде некогаш пророкот Мојсеј чинел чудеса пред Фараонот (Ерем. 43, 4-7), Свети Еремија поживеа таму четири години пророкувајќи, и беше многу почитуван поради својата светост и добротоворствата што ги чинеше, зашто со своите молитви уништуваше гуи и крокодили. Таму тој и се упокои (околу 586 г.), и беше погребан.

Светиот пророк Божји имаше маченички крај. Во Тафнис му дојде слово Господово на Еремија, говорејќи:

„Земи во рацете големи камења и покриј ги со глина пред влезот на фараоновиот дом во Тафнис, пред очите на Јудејците, и кажи им: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: Еве, ќе пратам и ќе го доведам Навуходоносор, царот Вавилонски, слугата Свој, и ќе го поставам престолот негов врз овие камења што ги сокрив, и тој ќе го распне над нив својот великолепен шатор, и ќе дојде, па ќе ја разори египетската земја: и кој е за смрт, ќе биде предаден на смрт, и кој е за ропство, ќе отиде во ропство, а кој е за меч, под меч. Само малкумина од тргнати ќе се вратат од земјата Египетска во Јудејската, а сите други Јудејци што отидоа во земјата Египетска за да живеат таму, ќе узнаат дека зборот ќе се изврши: Мојот или нивниот. И, еве ви знак, вели Господ, дека ќе ве посетам на тоа место, за да знаете, дека ќе се исполнат зборовите Мои за вас, за ваша погибел. Еве, Јас ќе го предадам египетскиот цар, Фараонот Вафрија, во рацете на непријателите негови, како што го предадов јудејскиот цар Седекија во рацете на непријателот негов (Ерем. 43, 8-11; 44, 28-30).

Разгневени на свети Еремија поради ваквите негови зборови, Јудејците го убија со камења пророкот Божји. Во истата година вавилонскиот цар го нападна Египет, ја разби војската на Фараонот, и го уби Фараонот Вафрија. Тогаш изгинаа и Јудејците кои се беа доселиле во Египет.

По многу години чесните мошти на светиот пророк Еремија царот Александар Македонски свечено ги пренесе во од него основаниот град Александрија, и ги положи во местото викано Тетрафил, која александријците многу ја почитувале поради пророковите свети мошти. Светиот пророк Еремија пророкувал и за страдањата на Господа Христа, говорејќи:

„Јас бев како јагне кое се води на колење, и не знаев дека тие смислуват заговор против мене, велејќи: „да му ставиме отровно дрво во неговото јадење и да го истребиме од земјата на живите, така што ни името негово веќе да не се споменува“ (Ерем. 11, 19),

Според кажувањето што го запишал свети Епифаниј, пророкот Еремија го претскажал падот и уништувањето на сите идоли Египетски во времето кога во Египет ќе дојде Дева - Мајката со Младенецот, во пештера родениот, и во јасли положениот.

Многу години по смртта на светиот пророк Еремија Јуда Макавеј имал сновидение, во кое го видел првосвештеникот Онија и светиот пророк Еремија. За тоа во книгите Макавејски го пишува ова: „Јуда во сонот го виде поранешниот првосвештеник Онија, човек добар и благ, со побожен изглед, кроток, слаткоречив, од детство облечен со сите доблести; тој со кренати раце се молеше за сите Јудејци. Потоа се појави друг човек, прекрасен со седоста и славата, а околу него една чудесна и неискажана красота. Онија тогаш рече: ова е братољубецот кој многу се моли за луѓето и за Светиот Град - Еремија пророкот Божји. Тогаш Еремија ги пружи рацете и му даваше на Јуда златен меч, и давајќи му го рече: земи го овој свет меч. Тој е дар од Бога со кој ќе ги сотреш противниците“. - И соборниците на Јуда Макавеј утешени и охрабрени од зборовите на Јуда, одлучно го нападнале непријателот и го победиле (2 Макав. 15, 12-16).

Ова видение покажува дека светите угодници Божји по својата смрт Му се молат на Бога за нас, и ни помагаат, како што свети Еремија му помогна на Јуда Макавеј против непријателот. Нека молитвите на светиот пророк Божји Еремија ни помагаат и нам против невидливите непријатели и видливите противници, со благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух слава за навек, амин.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ВАТ

Светиот маченик Ват беше од Персија. Неговите предци беа христијани и го поучија во Христовата вера. Во својата триесета година тој ги слушна зборовите на Спасителот од Евангелието:

„Ако некој дојде кај мене, а не ги намрази својот татко, мајка, жена, деца браќа, сестри и својата душа, не може да биде Мој ученик“ (Лука 14, 26).

Кога ги слушна овие зборови, Ват се исполни со Светиот Дух и стана живеалиште на Божествената љубов. Тогаш го остави светот и се во него, па отиде во манастир и стана монах. Водејќи суров и трудољубив монашки живот, тој со постот и воздржанието ги надмина сите монаси, и не отвори ниту една врата од своите сетила и чувства, за преку нив да не влезе смртта на душата. Многу внимателно и будно ги чуваше своите сетила, чувства и срце, а имаше желба животот да го заврши со мачеништво.

Кога во Персија настапи гонењето против христијаните од страна на царот Сапор, сите браќа од неговиот манастир се разбегаа, давајќи му место на гневот, според заповедта на Господа Иисуса Христа:

„Кога ве гонат од еден град, бегајте во друг“ (Матеј 10, 23). Единствено свети Ват остана во манастирот, чезнеејќи за мачеништво. По триесет години подвижништво, свети Ват беше фатен од идолопоклониците и изведен пред кнезот Јаздих во местото Вициос. Кнезот му нареди да се одрече од Христа и да им се поклони на сонцето и огнот", но светителот не сакаше, храбро изјавувајќи дека е христијанин. Затоа десет војници му ја влечеа десната рака на едната страна, а други десет левата рака на друга страна, се додека и двете раце не му ги извлекоа од рамењата. Потоа го тепаа со дебели мотки, и го влечеа по земјата. Но, тој му остана верен на Христа. Потоа му ставија тежок камен на стомакот, па му ги отсекоа нозете и интимните делови, и најпосле му ја отсекоа главата. Така, храбриот подвижник го доби венецот на мачеништвото, околу 364-та година.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАФНУТИЈ БОРОВСКИ

Преподобниот отец Пафнутиј беше внук на татаринот Баскак. Кога поради гревовите на рускиот народ, со допуштање Божјо, татарскиот цар Батиј со огромна војска ја нападна Руската земја, тој ја опустоши, градовите ги опљачка, црквите ги сруши, и руските кнезови и старешини како класје и дрвја ги посече. Тогаш по цела Русија постави татарски големци, кои се нарекуваа баскаци. Таков баскак беше и дедото на преподобниот Пафнутиј. За време на едно востание на Русите против Татарите, дедото на Пафнутиј беше приморан да се крсти, и го доби името Мартин. Живеејќи христијански, новиот Христов следбеник го доби синот Јован. Кога порасна, Јован се ожени со девојката Фотинија и им се роди блажениот, за кого овде станува збор, кој на светото крштение го доби името Партениј. Јован и Фотинија живееја во своето наследено село Кудиново, оддалечено пет километри од градот Боровск. Синот Партениј им се роди околу 1395-та година. Додека растеше, тој духовно се усовршуваше. Учејќи се на книга, тој особено напредуваше во разбирањето на Светото Писмо и се учеше на кроткост, незлобивост и целомудрие. Со радост подражавајќи ги добродетелните, тој одлучно го одбегнуваше дружењето со лошите луѓе.

Кога наполни дваесет години, Партениј ги остави своите родители и се на светот, и стапи во Високопокровскиот манастир во близина на градот Боровск. Тука беше потстрижан од старешината на манастирот Маркел, и го доби името Пафнутиј. Го дадоа под раководство на старецот свештеномонах Никита, поранешен ученик на преподобниот Сергеј Чудотворецот. Пафнутиј ревносно ги извршуваше сите манастирски послушанија, и сите го почитуваа поради неговите доблести. Во нив помина дваесет години. Кога игуменот Маркел отиде кај Господа, блажениот Пафнутиј стана игумен на Покровската обител, после долгите и упорни молби на браќата од манастирот, и на Боровскиот кнез Симеон Владимирович. Го ракоположи серускиот митрополит свети Фотиј. Новиот игумен се оддаде на поголеми подвизи, грижејќи се за разумните Христови овци. Како добар и опитен пастир, тој со својот живот му даваше пример на своето стадо. Преку денот ги извршуваше манастирските работи, а ноќите ги минуваше во молитва.

Господ својот верен слуга го украси со расудување, провзорливост и други дарови на Светиот Дух, зашто му даде способност, според ликот и изгледот на човекот да види какви страсти и слабости се кријат во неговата душа, а некои работи ги откриваше во сон. Еве една повест која го потврдува тоа:

Во една прилика еден брат од манастирот беше испратен во некое село по манастирска работа. Но таму, искушан од сатаната, тој падна во телесен грев. Во ноќта на неговиот пад, преподобниот Пафнутиј по своето вообичаено молитвено правило прилегна да се одмори и виде ваков сон:

Прекрасна бавча, полна со прекрасни овошја, а тој ужива наблудувајќи ја нивната убавина; особено се восхитуваше на едно исклучително убаво дрво меѓу нив; но, одеднаш тоа дрво се откорна и падна на земјата. Блажениот отец многу се натажи поради тоа, му пријде на дрвото и го насади на истото место. Но, тоа повторно се откорна и падна. Тој пак го насади и долго трупаше земја околу него, додека едвај не го утврди.

Кога се разбуди, на преподобниот му беше јасно дека бавчата ја означува неговата обител, убавите плодни овошки неговите браќа, посадени во домот Божји, кои раѓале родови на добродетелите; искорнатото и паднато дрво го означувало паднатиот брат, за кого бил потребен огромен труд од отецот игумен, за да го постави и утврди на неговото место. Кога паднатиот брат се врати во обителта со тажно лице, преподобниот го праша да не му се случило некое зло по патот. А братот, покриен со мрачниот облак на срамот, не сакаше да го исповеда својот грев, ниту пак можеше во очи да го погледне својот игумен. Кога ја виде збунетоста на својот ученик, светителот му го раскажа својот сон, и како добар духовен лекар настојуваше болниот да му ја открие раната на својата душа, и едвај успеа да го натера да го исповеда својот грев. И долго време ја лечеше неговата рана со духовни лекови, и едвај успеа да го одврати од очајание паднатиот брат. Така преподобниот се грижеше за своите браќа: како искусен лекар ги лечеше душевните слабости, и како добар пастир ги земаше овците од волчјата челуст и ги ставаше на своето рамо, зашто како силен маж, тој ги носеше тешкотиите на другите и слабостите на слабите.

Преподобниот тринаесет години беше игумен во Високиот Манастир. Потоа се разболе и долго боледуваше. За време на својата болест прими света схима. Оттогаш не извршуваше Литургија се до своето заминување кај Бога. Само еднаш, од голема потреба служеше Литургија, за што подоцна ќе стане збор.

По оздравувањето, преподобниот Пафнутиј го остави игуменското старешинство, и желен за осаменички и безмолвен живот, отиде во блиската пустина, три километри оддалечена од манастирот. Овде, во долината помеѓу две реки, најде едно прекрасно место оградено со густа шума, и се насели со еден свој брат. Тука започна да живее во Бога, во многубројни подвижнички трудови. Кај него започнаа да доаѓаат браќа, и со негов благослов си градеа ќелии и живееја под негово раководство, та браќата откако се намножија изградија и црква во чест на Рождеството на Пресвета Богородица, која беше осветена со благослов на Московскиот митрополит свети Јона.

Поттикнуваше многу луѓе ѓаволот да му пакостат на преподобниот и на неговата новосоздадена обител, но тој го победуваше злото со своето трпение. Во тоа време во градот Боровск кнез беше Василиј Јарославич (1483). Тој му се лутеше на свети Пафнутиј што ја напушти својата прва обител и основаше друга, која се наоѓаше надвор од неговото кнежевство. Гледајќи како во неговото кнежевство обителта Висок Манастир опаѓа и оскудева, а новата расте и цвета, тој се лутеше на светителот и размислуваше како да го избрка, заедно со неговите ученици. Бидејќи тоа не можеше отворено да го стори во туѓо кнежевство, тој се обиде да го изведе тајно. Многупати испраќаше свои разуздани слуги да ја запалат обителта, но слугите, гледајќи како преподобниот Пафнутиј и неговите ученици се трудат, се враќаа, зашто нивната јарост и свирепост се претвораа во бојазливост и кроткост. Меѓу слугите на кнезот имаше и еден татарин по име Ермолај, кој се уште не го беше оставил својот варварски карактер. Еднаш кнезот го испрати свирепиот Ермолај да ја запали обителта. Но, кога се приближи, тој веднаш ослепе и започна да лута околу манастирот. Го најдоа и го внесоа кај преподобниот Пафнутиј, а тој со радост го нарече по име и го праша поради што дошол кај него. Ваквиот мил дочек на светителот за миг го преобрази звероподобниот карактер на Ермолај. Тој се покаја, отворено му раскажа на отецот поради што е испратен, па падна пред него и молеше за прошка и за враќање на видот. Светителот се помоли за него, му прости и Бог му подари вид. Ермолај отпатува кај својот господар, без да му стори некакво зло на преподобниот.

Во тоа време, по допуштање Божјо, во Русија ненадејно упадна незнабожниот цар Мамотјак!, со мноштво татари. Великиот кнез Василиј Василевич со мала војска водеше битка против него кај Суздал, во која Татарите ги победија Русите и го заробија и Великиот кнез. Меѓу заробените беше и Боровскиот кнез Василиј Јарославич, непријателот на блажениот Пафнутиј. Заробен, кнезот се сети на беспотребната злоба спрема преподобниот отец, па се каеше за својот грев и Му се молеше на Бога, по молитвите на преподобниот Пафнутиј, да го ослободи од ропството. При тоа даде завет дека ако биде ослободен, веднаш ќе отиде кај преподобниот и ќе се помири со него. Бог набрзо му помогна да се избави од варварите. По молитвите на угодникот Божји, тој побегна од заробеништвото, па веднаш отиде кај својот молитвеник и доби прошка и благослов. Оттогаш кнезот имаше голема вера и почит спрема блажениот отец Пафнутиј.

Преподобниот не само што беше незлобив при навредите, туку беше и необично трпелив во неволјите манастирски, постојано непоколебливо верувајќи во помошта Божја. Така една година, се наближуваше Воскресение, а во манастирот воопшто немаше риба, за да ги почести браќата за светлиот празник по великопосните подвизи. На нажалените браќа тој им зборуваше:

- Браќа, не тагувајте, зашто семилостивиот Господ, кој не створил и со Своето Воскресение го просветил целиот свет, ќе не утеши и нас.

На Велика Сабота, приквечер, црковникот отиде на малиот поток да донесе вода за Света Литургија, и здогледа многу риби. Во тоа време водата беше надошла и беше донела толку многу риби, како никогаш порано. Црковникот поита, го извести преподобниот, а тој Го прослави Бога и им нареди на риболовците да ги фрлат мрежите, та фатија толку многу риби, што имаа доволно за целата Светла Седмица.

Колку повеќе преподобниот се оддаваше на поголеми подвизи и трудови, толку повеќе неговата слава се ширеше на сите страни, и обителта растеше од ден во ден. Помеѓу браќата имаше и многу доблесни луѓе, меѓу кои и блажениот Јосиф, кој подоцна стана основач на Волоколамската обител", потоа прекрасниот старец Инвокентиј, Илија, сродник на блажениот, Васијан, писателот на неговото житие, кој потоа стана архиепископ Ростовски и други.

Свети Пафнутиј заедно со браќата подигна камена црква, зашто првата беше дрвена. При зидањето, преподобниот се трудеше како обичен работник, носејќи камења и вода, и се што е потребно за зидање. Кога црквата беше готова, тој ја украси со иконопис, а чистиот лик Божји во него Бог го украси со чудесната благодат на исцеленија, прозорливост, откровенија и други дарови на Светиот Дух.

Еве неколку чуда на подвижникот:

Меѓу иконописците повикани од светителот беше и иконописецот Дионисиј. Тој тешко боледувал во нозете и не беше во состојба да го иконописува храмот. Светиот старец му рече:

- Дионисиј, нека те благослови Бог! Започни го доброто дело, а Господ и Пречистата Мајка Божја ќе им дадат здравје на твоите нозе.

Дионисиј им поверува на зборовите на блажениот старец, се зафати со работа, и веднаш нозете му оздравеа. Светиот старец му даде заповед заедно со останатите иконописци, световни луѓе, во манастирот да не носат, ниту пак да јадат месо, туку за тоа да одат во блиското село. Извесно време тие ја исполнуваа оваа заповед, но потоа заборавија, и еден ден за вечера во манастирот си донесоа печен јагнешки бут зачинет со јајца. Кога седнаа да вечераат, Дионисиј прв вкуси, и виде дека под јајцата има само црви. Во тој момент се разболе од чешање, за миг телото му се покри со страшни рани, и не можеше да се помрдне. Тој веднаш се обрати кај преподобниот, барајќи прошка за својот грев. Светителот го посоветува повеќе да не прави такви работи, па го одведе во црквата каде беа собрани сите браќа и отслужија молебен за него. Преподобниот изврши осветување на вода, и му нареди на болниот да го попрска целото свое тело. Болниот постапи така, потоа заспа, и кога се разбуди беше потполно здрав и Го прослави Бога.

Обителта на преподобниот Пафнутиј беше опколена со густа шума, во која живееја многу птици, а особено црни гаврани, кои виеја гнезда близу манастирот. Додека ги набљудуваше, светителот им се восхитуваше, и нареди никој да не ги лови и убива. Меѓутоа, синот на градскиот војвода, минувајќи покрај обителта, здогледа јато гаврани и уби еден од нив. Момчето многу се израдува што го погоди гавранот, па се сврте кон своите другари, фалејќи се. Но, во тој миг почувствува дека неговата глава остана неподвижна така свртена. Тоа заборави на својата радост, се преплаши и му стана јасно зошто го снајде оваа несреќа. Итно отиде кај преподобниот Пафнутиј, падна пред неговите нозе и го молеше да го исцели. Подвижникот нареди да се удира клепалото и отидоа во црквата. Зачудени за клепањето во невреме, монасите бргу дојдоа во црквата. Преподобниот им ја кажа причината, и со насмевка им рече:

- Бог ја освети гаврановата крв.

Откако отслужи молебен и го осени со крсниот знак настраданото момче, преподобниот му рече:

- Со силата на Чесниот и Животворен Крст, сврти ја главата напред!

И во тој момент момчето ја врати главата во нејзината нормална положба.

Друго момче пушти јастреб на гавраните. Но јастребот, убивајќи ги гавраните, и самиот падна мртов.

Една ноќ дојдоа крадци кај обителта, зедоа три манастирски вола, и сакаа да ги одведат во своите домови, но цела ноќ лутаа околу манастирот како слепи. Кога осамна, тие ги оставија воловите и сакаа да побегнат. Но, ги врза невидлива сила Божја, и ги држеше покрај украдените волови, се додека не ги најдоа манастирските работници, кои ги фатија и ги одведоа кај преподобниот. Тој ги посоветува да не прават такви работи, па нареди да ги нахранат и ги отпушти со мир.

Двајца монаси тајно се договорија да го напуштат манастирот на преподобниот Пафнутиј, и беа спремни да тргнат. Но, Бог му го откри тоа на преподобниот, на следниот начин:

По утринската богослужба светителот прилегна да се одмори, и во сонот виде како еден многу црн црнец зема вжештен јаглен од печката во неговата ќелија и го фрла врз ќелиите на учениците кои што сакаа да бегаат. Светителот му се закани да не го прави тоа, зашто ќе го запали манастирот. А црнецот му одговори дека тој тоа го прави токму затоа. Кога се разбуди, преподобниот го сфати значењето на сонот и веднаш испрати по тие монаси. Кога им кажа што виде во сонот, уплашени и трогнати во исто време, тие му ги покажаа своите подготвени работи, го исповедаа својот грев и молеа за прошка.

Еден брат постојано негодуваше и оговараше за са што се работи во обителта, па дури и самиот отец Пафнутиј. Еднаш тој во сонот се видел себеси како стои во црквата меѓу пејачите; ненадејно му се доближил светиот отец, го погледнал налутено и му рекол:

- Овој е хулник, извадете го од црквата!

И веднаш го зграпчиле двајца црнци, го извлекле од црквата, и го претепале. Кога се разбудил од сонот, монахот се преплашил, со солзи поитал кон преподобниот и измолил прошка.

Во обителта на преподобниот имаше еден боговдахновен старец Константин. Тој се разболе и беше на умирање. Кога се уште никој не знаеше за тоа, инокот Јосиф дојде пред ќелијата на преподобниот Пафнутиј, кој се одмораше по утрената, и по својот манастирски обичај сакаше да сотвори молитва. Тогаш преподобниот ненадејно го отвори прозорчето од својата ќелија, го здогледа Јосифа, и рече:

- Некој сотвори молитва и ми рече: „Старецот Константин отиде кај Господа“. Јас се разбудив, го отворив прозорчето, но не гледам никој освен тебе.

На тоа Јосиф му одговори:

- Јас сега доаѓам откај Константив. Тој се уште е жив.

Но, преподобниот му нареди повторно да појде во ќелијата на старецот. Кога појде, виде дека старецот веќе преминал кај Господа.

Во обителта на преподобниот имаше еден боговдахновен старец Ефтимиј. Тој го подражавал житието на својот наставник. Од Бога имаше изобилен дар на солзи, и постојано плачеше, не само во ќелијата, туку и во црквата на секоја богослужба. Освен тоа имаше и дар на прозорливост. Овој негов дар стана познат на следниот начин:

Двајца браќа имаа љубов помеѓу себе не по Бога, туку по вражја прелест. Поради тоа преподобниот Пафнутиј многу негодуваше, и тие намислуваа тајно да го напуштат манастирот. Еднаш за време на Светата Литургија старецот Ефтимиј стоеше во црквата со вообичаеното умиление и солзите. Кога погледна во отец Пафнутиј и оние што пееја со него, меѓу кои беа и оние двајца браќа, тој виде како зад овие двајца зирка некаков црнец, кој на главата имаше шлем, многу остар, и беше космат, и тоа разнобојно космат. Во рацете имаше железна кука со која што започна да ги влече кон себе споменатите монаси. Кога ги извлече надвор од певницата, сакаше да ги зграпчи, но не успеваше. Старецот Ефтимиј внимателно го наблудуваше тоа со своите прозорливи душевни очи. И кога започна да се чита Светото Евангелие, црнецот исчезна, па потоа пак се појави правејќи го истото. Исчезна и за време на Херувимската песна, па повторно се појави по великиот вход. А кога се осветуваа светите дарови и се пееше пофалната песна на Пресвета Богородица „Достојно ест... “, црнецот исчезна како чад и повеќе не се појави. Додека го посматраше тоа, старецот Ефтимиј трепереше, и целата Света Литургија ја помина како надвор од себе. По Литургијата отиде кај преподобниот Пафнутиј и му го раскажа своето видение. Тогаш тој ги повика оние двајца монаси, ги поучи да не ги примаат помислите што им ги сее врагот во душите, да не ги сокриваат, туку исповедајќи ги да ги искоренат од срцата. Така поучени и посоветувани од отецот, тие се поправија и станаа целомудрени.

Преподобниот Пафнутиј им зборуваше на своите ученици дека по лицето на монахот може да се препознае дали во неговата душа владее добра или лоша помисла. Ваквите негови зборови предизвикуваа чудење кај неговите ученици, како нешто несфатливо, но подоцна самите увидоа дека тој има таква прозорливост.

Еден нов монах, кој живееше покрај преподобниот, но се уште не ја беше совладал световната смелост во својот очен вид, еднаш излезе од манастирот по работа. По патот сретна мажи и жени, и падна во прелест со очите. Сладострастна помисла за лицето на жената му се зари во душата. Тој се задржа на таа грешна помисла, и кога се врати во ќелијата на светителот, го затекна како чита. Штом погледна во својот ученик, светителот веднаш препозна дека го смутуваат грешни помисли. Тој го сврте лицето и рече:

- О, овој не е веќе истиот човек!

Братот се исплаши од ваквата прозорливост на светителот, му раскажа се на својот соќелијник Јосиф, и тој му препорача да го исповеда својот грев на преподобниот отец, и да измоли прошка. И кога монахот го исповедаше својот грев, отецот татковски го советуваше и му прости.

Еднаш,додека преподобниотго читаше Божественото Писмо, дојде еден човек, се помоли пред ќелијата, зирна низ прозорчето на светителот, и го праша за неговиот ученик Јосиф, својот земјак.

Кога го виде непознатиот човек, старецот му рече на Јосиф: - Излези, за тебе прашува еден човек со зол поглед. Јосиф излезе, го здогледа својот познаник и го праша зошто дошол. Тој му одговори:

- Сакам да бидам монах. Јосиф го извести за тоа блажениот отец, а тој му рече:

- Нахрани го тој човек, па нека си оди зашто не е добар. Јосиф се зачуди на таквиот одговор, но не се осмели ништо да праша, туку отиде, го нахрани и го испрати. Кога се врати во ќелијата, светителот му рече:

- Тој човек е убиец. Уште како момче, на еден монах му зари нож во стомакот.

Јосиф се восхитуваше на прозорливоста на блажениот, зашто според лицето на човекот препозна дека е убиец.

Еден монах дојде во обителта на преподобниот. Кога светиот старец го виде како приоѓа, тивко им рече на своите ученици:

 - Гледате ли дека и со монашкиот чин не се очистил од крвта? Учениците се зачудија, но не се осмелија да прашат ништо. отоа старецот му го објасни тоа на еден свој ученик, велејќи му:

- Тој човек уште како мирјанин во Велики Новгород го отру благочестивиот кнез, кај кого што беше на служба. Мачен од совеста го прими монаштвото, но ни со тоа не се очисти, зашто не се покаја вистински.

Болјарката, сопруга на Алексеј Габурин, гаела особено почитување и вера спрема свети Пафнутиј, и често по своите деца му испраќала подароци, просејќи од него молитви и благослов. Под дејство на ѓаволот таа се разболе и често гледала многу демони кои ја плашеле и вознемирувале. Кога се случувало тоа со неа и се јавувал старец со низок раст, поднаведнат, со голема седа брада и бедна облека. Старецот ги бркал од неа демоните, и таа станувала здрава. Еднаш болната слушна глас кој и рече:

- Пафнутиј од Боровск ги брка демоните од тебе.

Тоа се случуваше со болјарката многу пати. По извесно време таа потполно оздраве и посака да го види светителот, и да дознае дали навистина тој ѝ се јавувал за време на нејзината болест. Таа појде во манастирот и остана пред капијата, бидејќи на жените не им беше дозволено да влезат внатре, и го испрати слугата кај учениците на блажениот, молејќи го да се види со светиот отец. И пред да и го покажат преподобниот, таа, штом го здогледа, веднаш го препозна и со солзи повика:

- Навистина овој е оној што со своето јавување ги бркаше демоните од мене, и ми подари исцеление.

И испрати огромна милостиња на монасите, и Му благодареше на Бога и на неговиот угодник, отецот Пафнутиј.

Еден од учениците на преподобниот Пафнутиј доби силни болки во окото. Светиот старец му ја даде својата бројаница, и му нареди да изговори илјада Исусови молитви: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот!“

Тој од силните болки едвај го исполнуваше послушанието, и кога изговори петстотини молитви, почувствува дека окото му оздраве. Скокна од радост и отрча кај својот отец, но од прозорливиот старец не можеше да се сокрие дека болниот не изговорил илјада, туку само петстотини Исусови молитви. Тој му нареди веднаш да се врати, и да го доврши бројот на молитвите.

Еднаш едни благочестиви мирјани му раскажаа на преподобниот дека архимандритот на Симоновиот манастир во близина на Москва, го оставил архимандритството. По тој повод започнаа да разговараат кој ќе биде архимандрит таму. И блажениот Пафнутиј погледна во својот многу млад новопострижан ученик Васијан, родениот брат на преподобниот Јосиф, и со насмевка рече:

- Овој е Симоновиот архимандрит.

Преподобниот го рече тоа, зашто провиде што ќе се случи. По многу години Васијан навистина стана архимандрит на Симоновиот манастир.

Еднаш преподобниот отец доби дозвола од еден кнез, три дена да ловат риба за манастирот во местото Ока. Тој испрати на риболов еден служител, и му нареди да му дадат десетина рубњи, за да купи садови во кои ќе ја насолат фатената риба. Но, служителот не сакаше да земе толку пари, зашто не се надеваше дека за три дена ќе наполни барем еден сад. Преподобниот го погледна налутено и му нареди да постапи како што му вели. Служителот отиде и за три дена фати седумстотини и триесет големи риби. А рибарите на кнезот не фатија толку риба во текот на цела година. Предвидувајќи го таквиот риболов, светителот нареди да се купат многу садови.

Едно момче, откако стана монах, падна во искушение. Под дејство на ѓаволот го обзеде страв. Понекогаш ѓаволот му се јавуваше во облик на непознат звер или црни пес, понекогаш како мечка која оди околу ќелијата и удира по зидовите... Старецот му нареди на младиот монах да го прочита Псалтирот, и штом го стори тоа, демонските привиденија исчезнаа и монахот се ослободи од стравот.

Светиот живот на преподобниот Пафнутиј, неговата благоразумност и опитност во секое човечко и Божјо дело, направија тој да стане духовен отец, не само на монасите туку и на многу мирјани. Тие доаѓаа кај него и ги исповедаа своите гревови. Добро ги знаеше свештените правила, и како искусен и вешт лекар го даваше потребниот лек за секоја болест на душата. Примајќи ги посетителите, светителот не гледаше кој е кој: не се плашеше од силните, не ги одбегнуваше ништите, не ги штедеше гордите, спрема смирените беше многу љубезен а спрема бедните - милосрден.

Преподобниот Јосиф Волоколамски пишува за својот учител дека според потребите бил милостив и снисходлив, а понекогаш суров и лут. Неговите духовни деца го почитуваа и му се плашеа. Димитровскиот кнез Георгиј Василевич раскажувал дека му се треселе колената кога одел на исповед кај преподобниот. Затоа духовните деца, избирајќи го преподобниот за свој духовен отец, не престануваа да општат со него ни после смртта. Еднаш, задремувајќи пред утрената на црковниот праг, преподобниот виде во сонот како се отвори манастирската капија, влезе многу народ со свеќи, и се упати кон црквата. Меѓу народот беше и Георгиј Василевич. Приоѓајќи кон црквата кнезот се поклони, а потоа му се поклони и на својот духовен отец. Преподобниот го праша:

- Сине и кнезу, ти веќе си се преставил.

Кнезот му одговори:

- Да, чесен оче.

Преподобниот го праша:

- А како ти е сега таму?

- По твоите свети молитви, Бог ми даде добро. Особено што пред тебе се покајав за сите мои гревови, пред да се соочам со безбожните Агарјани.

Во меѓувреме започна да ѕвони за утрената и преподобниот се разбуди.

Блажениот беше многу милостив и сиротољубив. Проповедајќи го милосрдието со збор, тој го оствари на дело. Една година во боровскиот крај настана голем глад и преподобниот ги хранеше сите гладни од околните села. Секој ден доаѓаа до илјада, па и повеќе гладни луѓе, и милосрдниот подвижник ги потроши сите манастирски залихи, хранејќи ги до наредната година, кога Господ заради молитвите на светителот и заради солзите на сиротите им даде се во изобилие.

Откако стана монах, преподобниот Пафнутиј имаше ваков начин на живот и подвижништво: во понеделник и петок не јадеше ништо, во среда сува храна, а во останатите денови јадеше со браќата. Негов ученик велеше дека за него храна претставувало служењето на браќата. И во храната и во облеката тој за себе го одбираше најлошото. Постојано се трудеше во најтешките работи; сечеше дрва, ги носеше на грбот, ја обработуваше земјата, носеше вода и ја полеваше бавчата, и извршуваше други најтешки послушанија. Тој прв се јавуваше и за заедничкото молитвено правило и за било која работа. Зиме го минуваше времето во молитви, читање и ракоделие, плетејќи рибарски мрежи. Воопшто, беше неуморен непријател на безделничењето. Од утробата на својата мајка ја сочува беспрекорна девствената чистота на своето тело, Во име на целомудрието, тој не дозволуваше никој да се допре до него. А жените не само што не ги пушташе во манастирот, туку не сакаше да ги погледне ни оддалеку.

Како таков, тој стана сасуд на Светиот Дух, и достојно беше ракоположен за свештеник. Но, откако ја прими светата схима, тој од смиреност никогаш повеќе не служеше Света Литургија, освен еднаш и тоа пред смртта поради голема потреба, зашто се случи една година за Воскресениото Христово во манастирот да нема ниту еден свештеник. Монасите бараа, но не најдоа ниту еден слободен свештеник, бидејќи секој требало да служи во својата парохиска црква. Тогаш боговдахновениот отец отслужи Божествена Литургија. По завршувањето на Литургијата им рече на своите ученици:

- Сега едвај мојата душа остана во мене.

Овој достоен свештенослужител со таква побожност и стравопочит служеше Божествена Литургија, така што за големите празници во неговата душа се вселуваше некоја натприродна радост, не телесна туку духовна, и тој стануваше друг човек. Тогаш си дозволуваше извесно гостење, но во одредена мера, во се одбегнувајќи ја неумереноста. Зборуваше само кога имаше потреба. Го одбегнуваше неработењето, ги сакаше оскудевањето и сиромаштвото, и не се грижеше за своите материјални потреби. Со својот доблесен карактер беше над сите луѓе во своето време. Уште од детството тој во ништо не Му согреши на Бога, туку секогаш го правеше тоа што Му е угодно на Бога. Се пострижа во својата дваесетта година, а во монашкиот чин помина шеесет и три години. Не го изневери своето правило и ја одбегнуваше суровоста на своите подвизи. За догматите на верата толку ревнуваше и внимаваше, што од манастирот го бркаше секој што зборуваше нешто и најмалку несогласно со Светото Писмо. Живеејќи во такви подвизи, нашиот божествен отец Пафнутиј достигна во мера на растот на висините Христови (Ефес. 4, 13). Му остануваше уште да се ослободи од се што е времено и да прејде кон вечното, односно кон она што око не виде, и уво не чу, и во срцето на човека не дојде, а што Бог го приготви за оние кои Го љубат (1 Кор. 2, 9).

Наскоро по празникот Воскресение Христово, кој во 1477 година беше на 6 април, во четвртокот, во третата недела по Воскресение, на 24 април по утрената, по обичај светителот излезе со браката по една манастирска работа. И откако им даде упатства како да ја завршат работата, тој се врати во својот манастир зашто беше време за Света Литургија. Браќата му рекоа по ручекот повторно да наврати кај нив. Но, тој им одговори:

- Нема да можам да дојдам, оти имам неодложна и важна работа.

По Светата Литургија, додека ручаше со браќата во трпезаријата, кај него дојде неговиот ученик Инокентиј и го потсети на работата. А светителот му одговори:

- Јас имам друга неволја. Ти не знаеш за неа: врската меѓу душата и телото сака да се раскине.

Но, Инокентиј не ја разбра смислата на овие зборови. Во тоа време стигна глас дека благоверниот кнез Михаил Андреевич сака да го посети манастирот и да се помоли на Бога. Светителот не даде благослов да дојде, зашто имал неодложна работа. Тој ден светителот не појде во црквата ни на вечерната зашто изнемоште, и му нареди на Инокентиј да ја изврши во неговата ќелија. Отпуштајќи го Инокентиј, светителот му рече:

- Во четврток ќе се ослободам од својата немоќ.

Ученикот не го разбра, а преподобниот целата ноќ ја помина во молитва.

Кога осамна петок, тој појде на Литургија во црквата, придружуван од своите ученици. Еден од учениците го фати за раката за да го придржи, но светителот налутено ја тргна раката, и нареди да го држи само за облеката. Ете колку внимателен чувар на бестрастието беше тој. Во староста и болеста, и на прагот на смртта, не дозволуваше никој да се допре до неговото тело. Тој ден светителот присуствуваше и на вечерната. А кога започна парастосот за починатите, и учениците сакаа да го одведат во неговата ќелија, тој одби и остана на парастосот, велејќи:

- Овој парастос ми е потребен, зашто повеќе нема да го слушнам.

Во сабота, на 26 април, болниот светител присуствуваше на Светата Литургија. По Литургијата учениците го молеа да касне нешто, бидејќи уште од четвртокот не беше вкусил ништо, но тој одби, велејќи:

- Јас го знам тоа, и според Божествените правила треба во сабота да се јаде за разрешување на постот, но болниот треба три дена да се воздржува од храна, пред причествувањето со Божествените Тајни.

Кога учениците го водеа кон ќелијата, тој праша:

- Во кој ден се разболев?

Учениците му одговорија:

- Во четврток, оче, започна да боледуваш.

На тоа, тој им рече:

- Во четврток и ќе се упокојам.

Во недела касна малку, и нареди да не пуштат никој од манастирските посетители кај него. Кога кнезовите и болјарите слушнаа дека болеста на блажениот Пафнутиј напредува, започнаа да му испраќаат подароци по угледни луѓе. Но, светителот нареди да не се прима ништо од тоа, и не сакаше да слушне за ништо световно, велејќи:

- Во овие моменти мене ми се потребни многу молитви, зашто ќе тргнам на далечен пат. А оние што имаат вера во Бога и Пречистата Богомајка, можат и по моето заминување да прават милостина.

Во устата на преподобниот отец непрестајно беа Иисусовата молитва, одбрани Давидови псалми, стихови на молебниот канон на Пресвета Богородица и многу други молитви, погодни за вакви моменти, зашто неговиот ум беше вперен во Бога. Не грижејќи се за ништо земно, туку надевајќи се на вечните добра, тој весело стихословуваше псалми и молитви, зашто беше уверен во своето спасение, и не тагуваше за ништо овоземно. Неговата болест не беше тешка, и браќата секој ден го водеа на Литургија. А во последниот ден од својот живот, во четвртокот, пред да оди на Литургија, преподобниот им рече на учениците:

- Еве ден Господов, веселете се луѓе! Еве дојде очекуваниот ден. А тие го прашаа:

- За кој ден зборуваш, оче?

Тој им одговори:

- За овој четврток, за него и порано ви кажав.

Кога тргна од ќелијата му донесоа вест дека дошле да го посетат пратеници на великиот руски кнез Јован Василевич и неговиот син Јован Јованович и преосветениот митрополит Геронтиј.

Светителот многу се нажали, па се врати во ќелијата, погледна во иконата на Пречиста Богородица, и рече:

- О, Владичице Богородице! Зошто ми досадуваат овие луѓе, та во овој последен ден се лишив од службата Божја?

Потоа ги испрати браќата во црквата, остана сам во ќелијата, и добро ја затвори вратата, за некој од пратениците да не влезе кај него. По Литургијата пратениците си заминаа, зашто дознаа дека е невозможно да го видат преподобниот. Учениците повторно дојдоа кај светиот старец, кој, лежејќи на одарот, како да зборуваше за некој друг:

- Му дојде денот, и тој треба да умре. Учениците го прашаа:

- За кого зборуваш, оче?

Тој им одговори:

- За оној, за кого што вие зборувате дека е болен. Тој се покајал и ќе умре. Потоа нареди никој да не доаѓа кај него, и рече:

- Многу сум уморен. Сакам да се одморам до вечерната, а навечер сите браќа ќе дојдат кај мене. Учениците насетија дека се приближува часот на неговото преставување, па најстариот ученик Инокентиј го праша:

- Оче, кога ќе се преставиш, за твојот погреб да повикаме ли отопрезвитери и други свештеници од градот? Светителот им заповедаше да не викаат никого, за да не се крева врева и никој да не дознае за неговото упокоение, се додека манастирските свештеници не го погребаат. Потоа нареди гробот да му го ископаат од јужната страна на црквата, близу црковната порта. Кога дојде време за вечерната и покрај него немаше никој од браќата, освен еден ученик, преподобниот започна да го пее Псалмот 118. 1, додавајќи погребни стихови. Откако го заврши псалмот, ги отпеа следните стихови:

„Ликот на светиите го најде изворот на животот“. Потоа започна со солзи да се моли на Бога и на Пресвета Богородица за спасението на својата душа и за обителта. А ученикот што стоеше до него започна да дреме, па излезе од ќелијата и, седнувајќи задрема. Во полусон слушна како во ќелијата на преподобниот пеат многу гласови, и зачудено си рече:

„Излегов од ќелијата и никој немаше кај отецот. Кои се тие што сега пеат кај него?“

Па влезе внатре, но не виде никој освен отецот, кој ја шепотеше својата молитва. Потоа дојдоа и други ученици. Светителот започна да се свртува на десната страна, и кога учениците ќе го свртеа на левата, тој повторно се свртуваше на десната, шепотејќи нешто. Тогаш сфатија дека гледа нешто необично. Потоа пред очите на сите внимателно се подготви за смртта, ги прекрсти рацете на градите, воздивна трипати, и ја предаде својата света душа во рацете на Господа, во четвртокот предвечер, на 1 мај во 1477 година. Неговото лице заблеска како светлина, и на сите им изгледаше како да спие. Браќата многу плачеа по својот отец. Беа деведесет и пет на број.

Наутро, во пет часот, браќата сами го погребаа светителот, според неговиот завет. Штом беше погребан, во градот Боровск и околината одекна гласот за преставувањето на светителот. Веднаш се слеа многу народ во манастирот. Дојдоа и духовници и мирјани, сакајќи да ги видат и да се поклонат на моштите на блажениот отец. Кога дознаа дека е погребан, сите отидоа на неговиот гроб, за да му се поклонат. А ние, имајќи го нашиот преподобен отец Пафнутиј за прекрасен посредник и усрден молитвеник пред Бога, Ја славиме Пресветата Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ И ПРЕПОДОБЕН НОВОМАЧЕНИК АКАКИЈ и со него ЕВТИМИЈ и ИГНАТИЈ

Христовиот новомаченик Акакиј беше македонец родум од селото Ново Село (Неохори) во близина на Солун. Родителите му беа побожни христијани и на светото крштение му го дадоа името Атанасиј. Поради сиромаштијата, неговото семејство се пресели во градот Серес, кога Атанасиј имаше девет години. Таму го дадоа да учи занает кај еден чевлар, кој беше многу груб и нечовечен, и многу немилосрдно го тепаше Атанасија.

Еден ден, на сам Велики Петок, овој чевлар толку жестоко го натепа Атанасиј, и тој плачејќи побегна од неговата куќа. Одејќи низ градот со плачење, наиде на две жени муслиманки (турчинки), кои го внесоа во својот дом, го утешија и му дадоа леб. Но, овде тој како дете падна во замка на ѓаволот. Тие муслиманки токму на Велики Петок го наговорија, та тој се одрече од својата христијанска вера, ја прими исламската нечестива, и беше обрезан. Сето тоа се случи во домот на турскиот старешина, кој од тогаш го задржа кај себе како посинок. Атанасиј овде помина девет години од својот живот. А пак за него и за неговото отпадништво не знаеја ниту неговите родители, ниту чевларот. Но, човекољубивиот Бог, Кој не ја сака смртта на грешникот, туку да се спаси и да биде жив, промислувајќи за неговото спасение му уреди чудесно враќање во христијанската вера. Кога Атанасиј порасна, турчинката була, жена на старешината, сакаше да го наведе на грев со неа, но тој ја одбиваше. Тогаш таа го наклевети кај својот маж, и тој го избрка.

Откако така се најде на слобода, Атанасиј Му заблагодари на својот Искупител Христос, се врати кај своите родители, кои откако беа слушнале за отстапништвото на својот син, се беа вратиле во Солун. Атанасиј им раскажа како од детско незнаење и заради грубоста на својот газда се одрекол од христијанската вера, и дека сега се кае и се одрекува од муслиманската. На тоа родителите многу се израдуваа, а со нив и сите Ангели небесни.

Неколку дена потоа, неговата благочестива мајка му рече;

- Мило мое дете, не е добро ни за нас, ни за тебе, да останеш овде со нас. Затоа, чедо мое, појди во Света Гора, и со мојот благослов и молитви исповедај се таму кај духовните отци. Потоа помазај се со свето миро, и очисти се со покајание. Знај дека, како што си се одрекол од својата вера пред нечестивите, а не требало да го правиш, потребно е на ист начин повторно да го исповедаш нашиот Господ Исус Христос, и да примиш смрт за љубовта Негова.

Така го советуваше својот син благочестивата и богољубива мајка, која повеќе ја сакаше љубовта Христова од љубовта спрема синот. Подобро речено, на овој начин таа ја покажува правата љубов спрема Христа, подготвувајќи го својот син за мачеништво и за живот вечен.

Добриот син Атанасиј со радост се упати кон Света Гора, и како покајник живееше некое време во манастирот Хилендар. Потоа по совет на хилендарските Отци отиде во скитот на манастирот „Ксенофонт“, кај духовниот отец Николај, кој го исповедаше, му ги прочита задолжителните молитви и, помазувајќи го со свето миро, го врати назад во Хилендар. Една година потоа Атанасиј отиде во манастирот „Ивирон“, каде остана шест месеци служејќи му на еден од манастирските старци. Овде дозна за маченичкиот подвиг на двајцата нови преподобномаченици Ефтимиј и Игнатиј, кои пред своето страдање за Христа се подвизуваа во скитот на Светиот Преттеча над Ивирон, како духовни деца на тамошниот скитски духовник, старецот Никифор. Тогаш во неговото срце се разгоре желба да ги подражава, и веднаш отиде кај старецот Никифор, кој ги беше подготвувал за мачеништвото. Атанасиј му го исповедаше својот грев и својата желба за мачеништво исто како и преподобните Ефтимиј и Игнатиј, и од него беше предупреден за сите тешкотии и трудови што го очекуваат за да стигне до целта. Атанасиј го сослуша и со радост прими се. Тогаш старецот Никифор го даде под раководство на старецот од своето братство Акакиј, како што порано му ги беше предал двајцата преподобномаченици. Старецот Акакиј мудро го раководеше во подвизите.

По некое време лукавиот ѓавол се крена против него и го опседна со таков страв, што младиот Атанасиј една ноќ стана и кришум побегна од скитот. Лутајќи низ мракот, пред зори се најде близу манастирот „Кутлумуш“, сврати во него и остана до изутрина. Наредниот ден, пред Божиќ, тој заедно со луѓето кои одеа на празникот, отиде во манастирот „Симонопетар“. Го помина празникот таму, и на игуменот му изјави дека сака да остане. Игуменот едвај го прими, но по кратко време го отпушти, зашто бил без брада. Пред самото отпуштање од овој манастир, Атанасиј виде во сонот еден честит старец, кој му рече да се врати назад кај својот духовник, и да продолжи со започнатите духовни подвизи кај него. На прашањето кој е, старецот одговори дека е преподобниот Симеон Мироточив, самиот ктитор на манастирот. Меѓутоа, Атанасиј ни тогаш не послуша срамејќи се да се врати, па отиде во Хилендар, но старците не сакаа да го примат, зашто порано и оттаму беше заминал тајно. Сепак се сожалија и го примија да живее надвор од манастирот, во лозјето, и како епитимија му наложија сам да го обработува лозјето. По неколку дена еден од манастирските старци го замоли Атанасиј да појде во Кареја, за да му донесе лекови. Атанасиј не го послуша, па старецот му рече:

- Ти, однесувајќи се така, ниту си турчин ниту си христијанин!

Овие зборови го погодија Атанасија во срцето, и тој си рече на себе:

„Добро, ќе се вратам онаму од каде што будалесто побегнав“.

И така се врати кај својот старец Никифор. На прашањето од старецот каде бил, тој одговори:

- Согрешив оче, и пред небото и пред тебе, прелаган од ѓаволот, но отсега повеќе нема да бегам.

На тоа духовникот строго му одговори:

- Јас повеќе не те примам. Оди во некој манастир, таму да ги оплакуваш своите гревови. Можеби Бог ќе те спаси со покајанието и солзите.

Атанасиј падна пред неговите нозе, и ги целиваше со солзи, говорејќи:

- Прими ме, оче, заради милоста Божја, заради помошта на Богородица и молитвите на скоро постраданите новомаченици Ефтимиј и Игнатиј. Јас се надевам дека ќе се израдувате заради мене грешниот.

Блажениот Никифор се смилува, го прими, и му рече дека треба да го слуша во се што ќе му нареди. Тогаш го повика старецот Акакиј, и му рече:

- Земи го овој под своја грижа, и грижи се за него како порано за светите Ефтимиј и Игнатиј.

Акакиј го одвои во посебна ќелија, му одреди уште поголеми подвизи од порано: долг пост, над три илјади метанија дневно, и безбројни бројаници. Со тоа Атанасиј за неколку дена достигна такво умиление, што очите му станаа извор на преизобилни солзи. Потоа тој се удостои на ангелска схима, во која беше пострижан во четврттата недела од постот, добивајќи го монашкото име Акакиј.

Наскоро потоа преподобномаченикот Акакиј пред старецот прорече дека по триесет дена маченички ќе пострада. На прашањето од старецот каде ќе му биде светото тело, тој покажа на место пред иконата на Пресвета Богородица. Гледајќи ги неговите добри подвизи, неговиот духовен отец Никифор и браќата заклучија дека е време Акакиј да пострада, па одлучија со него во Цариград да го испратат истиот старец Григориј, кој порано ги придружувал преподобномачениците Ефтимиј и Игнатиј. Така блажениот Акакиј тргна на маченички пат со еден кораб, на 10 април во 1815-та година. Старецот се договори со капетанот и морнарите, по страдањето на Акакиј да го откупат неговото тело и да го вратат во Света Гора. Се договорија во денот на Светиот Великомаченик Георгиј, 23 април, кога коработ стигна во Цариград.

Во Цариград тајно останаа неколку дена кај еден христијанин. Во сабота, на 29 април, отидоа во црквата на Пресвета Богородица во Галата, каде на Светата Литургија се причестија со Пречистите Тајни Христови. Тогаш повторно се сретнаа со капетанот на бродот, кој според договорот беше набавил турска облека за Акакиј. Акакиј се преоблече, и со еден морнар отиде дирекно во дворот на везирот, со радосна душа заради страдањето што го очекуваше заради Христа. По патот морнарот го замоли кога ќе стапи пред страшниот престол на Господа Христа, да се помоли и за него грешниот, а Акакиј, паѓајќи пред неговите нозе, плачеше и говореше дека тој како отпадник од Христа Бога, не е достоен да се моли за никого. Штом го доведе до капијата на високиот отомански суд, морнарот го остави блажениот Акакиј и веднаш побегна, за да не го забележат. Акакиј смело влезе во дворот на везирот. Чуварот го запраша кој е, а Акакиј без страв му одговори:

- Јас сум православен христијанин, родум од Солун. Како дете ме прелагавте, и јас безумно се одреков од мојот Бог Христос, и се потчинив на антихристот - ѓаволот, служејќи му нему и на неговиот Мухамед. По девет години станав свесен за својата измама, ја увидов лажноста на вашата вера, и од срце се повратив во својата отечка вера во мојот Господ Исус Христос, Вистинскиот Бог. Сега ја исповедам и верувам во Светата и Едносуштна Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, а се одрекувам од агарјанското безбожие. Јавно и јасно исповедам дека сум православен христијанин, крстен во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Откако го рече тоа, тој го зграби фесот од својата глава, го фрли на земјата, плукна на него и го изгази. Вратарот се фрли врз него и започна немилосрдно да го тепа, па го фрли во темница. Наредната ноќ овој чувар со други турци од судот го убедуваа маченикот да се потурчи. А маченикот само го призиваше името Христово и се крстеше. Тогаш Турците започнаа да му се закануваат и да го измачуваат, но тој храбро поднесуваше се. Така осамна денот недела, и слугите рано го одврзаа и го изведоа пред својот висок старешина. Везирот го запраша маченикот:

- Што ти се случи па се одрекуваш од нашата вистинска вера, та доброволно страдаш? Ти си толку млад, убав и способен. Запознај ја нашата света вера. Според лицето гледам дека си разборито и паметно момче, а сега зборуваш така зашто си прелаган од некого.

На тоа Акакиј му одговори:

- Ме прелагаа кога имав девет години, та се одреков од Православната вистинска вера на мојот Христос. Но, по девет години сфатив дека единствена вистинска вера е нашата христијанска, па дојдов во Цариград, за пред тебе и пред твоите служители да Го исповедам Исус Христос Распнатиот, Синот Божји, Кој стана човек од Пресвета Богородица Марија, и остана неразделив од Отецот, Кого во секое време и час го слават сите ангели и луѓе на небото и на земјата. Тоа дојдов да го исповедам, па нека добијам и илјада казни, и самата смрт за љубовта Негова, за со пролевањето на својата крв да ја исперам нечистотијата на одрекувањето и обрезанието, и така да се избавам од осудата. Зашто, како што рече и ти, имам природна бистрина на умот, за да можам да го познаам единствениот Вистински Бог Исус Христос. Јас Него цврсто и смело Го исповедам како семоќен Бог, за во идниот живот неосудно да отидам во царството Негово.

Тогаш везирот наизглед ладно и многу гордо им нареди на слугите да го одведат кај градскиот судија, за да му ја изречат смртната пресуда. За тоа дозна старецот Григориј, и знаејќи ги маките на Акакиј, се погрижи да набави честици од Светите Дарови и ги испрати по оној морнар во затворот, преку едно христијанско момче. Така маченикот се причести. Најпосле дојде време и за страдањата на маченикот Акакиј. Везировите стражари и многу Турци со нив го зедоа, и многу го злоставуваа тепајќи го и плукајќи го до губилиштето кај местото викано Дактилопорта, на третиот брег на Цариград. Кога го доведоа, џелатот повика:

- Клекни, невернику!

Светиот маченик Христов клекна без страв, говорејќи:

- Удри храбро со мечот, и отсечи ми ја главата без ни најмалку да жалиш.

Џелатот му ја отсече главата, а душата негова ја прифатија војски од Ангели, и ја однесоа во небесните живеалишта. Христијаните кои го видоа маченичкиот крај на преподобниот Акакиј Го прославија Господа, Кој го крепеше и го прослави својот преподобномаченик Акакиј. Тоа се случи во понеделник наутро, на први мај во 1815-та година.

По три дена од страдањата на маченикот (зашто по обичај требало телото на осудените да биде оставено три дена за пример на другите), старецот Григориј најпосле успеа да го откупи светото тело на Акакиј и да го пренесе на коработ на оној капетан, кој беше усидрен кај островот Принкип. Оттаму отпловија со светото тело, и на девети мај стигнаа на Света Гора. Таму, во скитот на Светиот Преттеча, кај манастирот „Ивирон“ во ќелијата на Свети Никола, каде маченикот порано се подвизуваше, ги положија светите мошти во црквата пред иконата на Пресвета Богородица, покрај моштите на порано постраданите свети преподобномаченици Ефтимиј и Игнатиј.

По нивните молитви нека Господ и нас не помилува и спаси. Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИКИФОР ХИОСКИ!

Преподобниот Никифор се роди во 1750 година во селото Кардамила на егејскиот остров Хиос, од побожни родители. Неговото крстено име беше Георгиј. Тој во детството се разболе од некоја заразна болест и беше на умирање. Тогаш неговите родители прибегнаа со топли молитви кон Пресвета Богородица, молејќи Ја да го исцели, и ветувајќи дека кога ќе оздрави ќе го посветат на нејзиниот манастир наречен „Неамонитис“, Така и се случи. Откако оздраве, младиот Георгиј отиде во манастир и најпрвин служеше во манастирот, а потоа учеше во Хора, главното место на Хиос. Така стекна добри добродетели и добро знаење. По завршувањето на школувањето стана свештеник и беше назначен за учител на децата во училиштата во Хиос, и за проповедник на словото Божјо по црквите. Наскоро, околу 1802 година, беше избран и за игумен на манастирот „Пресвета Богородица“, каде многу се трудеше во сите телесни и духовни манастирски работи. Уморен од работата и многуте грижи, тој се повлече од игуменската положба во едно осамено место наречено Реста, кај својот пријател, монахот Јосиф, а во близина на светиот Макариј Нотарас (епископот Коринтски). Блажениот имаше огромна корист од свети Макариј, како што таа корист ја добија и некои новомаченици кои што духовно се подготвуваа кај свети Макариј, пред да појдат на страдање за Христос. Во нивна близина се подвизуваше и мудриот народен учител Атанасиј Париос. Тука во осаменост преподобниот Никифор помина 20 години, подвизувајќи се во усрдни подвизи и помагајќи му на околниот народ а особено на болните со големи духовни услуги, па дури и со чудесни исцеленија. Така тој со своите молитви исцели полудена девојка од Калимасија. А пак на молба на селаните често измолуваше од Бога обилен дожд за време на сушите. На многу сиромаси им помагаше со милостиња, која секогаш тајно ја правеше, а на многумина им помагаше со своите мудри христијански совети. Покрај тоа напиша и прекрасни црковни песни и служби на светители, особено на светите новомаченици. Преподобниот Никифор мирно се упокои во Господа, летото во 1821 година во Хори, а беше погребан во Реста каде се подвизуваше дотогаш. Неговите свети мошти беа откриени нетлени во 1845-та година, по видението што за тоа го имал монахот Агатангел родум од Идра. Тогаш митрополитот Хиоски Софрониј (подоцнежен патријарх Александриски) изврши пренос на светите мошти во соборната црква, од градот Хора на Хиос.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ПАНАРЕТ епископ на градот Паф на Кипар

Седоблесниот наш отец Панарет (добродетелен) беше исполнет со сите добродетели. Живееше на славниот остров Кипар во осумнаесеттиот век, каде беше епископ во градот Паф од 1767 до 1791 година. Беше смирен, тивок, скромен, воздржлив, молчалив, трпелив, простодушен. Во својата скромност, тој така ревносно ги криеше своите духовни подвизи, што не само како мирјанин, туку и како монах, а потоа и како архиепископ на градот Пафос, никој не знаеше дека е свет човек, и никој не ги насетувал неговите високи добродетели. Малку јадеше и тоа само еднаш во денот по вечерната, и постојано велеше дека тоа го прави затоа што божем има болен стомак. Кога по општата вечерна молитва ќе ја затвореше вратата зад себе, тој се преправаше дека легнува да спие, а всушност цела ноќ стоеше на молитва. Кога кај него ќе дојдеше некој пријател, тој секогаш беше дружелубив, радосен и насмеан. Врз своето тело тајно носеше железни вериги. Заради неговиот свет живот Бог го надари со чудотворна сила и по смртта. Еден селски свештеник од неговата епархија беше станал многу алчен и голем среброљубец. Селаните многу се жалеа од него на архиепископот. Свети Панарет го повика тој свештеник да го посоветува. Но, свештеникот се правдаше дека тоа било клевета, и пак продолжи да ги огорчува христијаните со својата алчност. Селаните повторно му се пожалија на архиепископот, и свештеникот пак на истиот начин се заштити пред архијерејот. Кога и по трет пат христијаните се пожалија од тој свештеник, кој имаше закоравено срце и не се плашеше од Бога, ниту пак се срамеше од луѓето (Лк. 18, 2), тој започна пак да се оправдува. Епископот се смути и ужасна од неговото поведение, и исполнет со Божествен страв, му рече:

- Нека занеме твојата уста, за да не се колне лажно!

И свештеникот веднаш онеме. Светителот во своето големо смирение рече дека тој не го стори тоа, туку Господ Исус Христос го казнил оти лажно се колнеше. Долго време свештеникот остана нем. И кога се разболе и почувствува дека ќе умре, тој, исплашен од праведниот Божји суд, кој го стигна уште во животот, му напиша писмо на свети Панарет и го молеше да дојде кај него за да го исповеда и да му прости. Светителот го виде неговиот плач и искрено покајание, го успокои и му даде надеж дека Бог ќе се смилува над него. Свети Панарет се помоли за него, го благослови, И веднаш јазикот му се разврза, и болниот со солзи ги исповедаше своите гревови и доби простување.

Живеејќи богоугодно, свети Панарет ја предвиде својата блиска смрт. Затоа неколку дена порано тој си приготви гроб, кој самиот го ископа. Исто така си подготви и облека за погребение, која што самиот ја соши од бело платно. Откако се разболе, тој ги предупреди своите ученици дека наближува часот на неговото заминување. Учениците се посомневаа, и помислија дека го зборува тоа од старечко слабоумие, дотолку повеќе што тој се исповедал секоја сабота, но таа седмица не го направил тоа. Кога преку ноќта неговата состојба многу се влоши, светителот го повика својот протосинѓел и му порача наредниот ден да поведе со себе едно добиточе и да појде кај морето, зашто ќе пристигне кораб во кој што патува митрополитот Партениј од островот Карпатос. Него тој треба да го замоли да дојде за да го исповеда. Протосинѓелот го сослуша, но помисли дека старецот поради тешката болест не е при себе, зашто од никаде немало известување за пристигањето на митрополитот Партениј, па и немало никакви причини за тој да дојде на Кипар. Протосинѓелот реши да не оди. Наредниот ден старецот настојуваше протосинѓелот да не се задржува, туку побрзо да појде кај морето. Протосинѓелот отиде. И навистина, кораб носен од спротивен ветар, ненадејно пристигна во пристаништето. Во него беше архијерејот, кој многу се зачуди кога протосинѓелот му раскажа како бил испратен да го пречека, и сфати дека старецот е прозорлив.

Свети Панарет со радост го пречека митрополитот Партениј, и му рече:

- Брате, Бог те испрати овде при моето смирение, бидејќи многу страдам и смртта ми се наближува. Затоа те молам да останеш тука, за да се исповедам пред тебе јас грешниот, и преку тебе да се удостојам со Светите Тајни.

Со готовност и радост митрополитот Партениј ја исполни желбата на свети Панарет. Истиот ден отслужи Божествена Литургија и го причести, а на крајот ја благослови неговата паства. Потоа свети Панарет ги благослови сите, побара прошка од сите, и го замоли митрополитот Партениј да остане и наредниот ден за да го погребе, па му рече:

- Само немој да ја менуваш мојата облека. Јас веќе се облеков во се што е потребно за погребение. Како што сум облечен сега, така поставете ме во вреќиште и спуштете ме во приготвениот гроб.

Наредниот ден, додека се молеше, тој ја предаде душата на Бога. Тоа се случи на 1 мај во 1791 година.

Митрополитот сакаше да ја исполни претсмртната волја на светиот старец и нареди да биде погребан во истата облека, во која што беше облечен. Но, протосинѓелот рече:

- Не доаѓа во предвид да не го погребам долично мојот старец и благодетел. Тој е архиепископ на овој град! Од големо смирение рекол да не му ја менуваме облеката. Но, јас треба да го исполнам својот долг и да го сторам неопходното.

И кога започна да го соблекува, ги најде железните вериги обвиени крстообразно, од двете страни на неговото тело. Тие се беа впиле во телото, бидејќи беа носени долго време. Сите останаа поразени како старецот грижливо го криел својот подвиг и своите големи добродетели. Откако со благоговение ги симнаа веригите, го облекоа и торжествено го погребаа.

Уште додека го носеа телото на светителот за да го погребаат, се случи чудо. Еден фатен бедник, кој лежеше во притворот на црквата и добиваше милостиња од христијаните, неутешно плачеше, и влечејќи се, се приближи до телото на покојниот. Штом се допре до него, во истиот миг беше излекуван од својата болест. Многу болни, кои со благоговение ги целиваа веригите на светителот, биваа излекувани од секаква болест.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК МАКАРИЈ митрополит Киевски

Светиот свештеномаченик Макариј стана митрополит Киевски во 1490-та година. Во 1497 година на пат од Вилна кон Киев, светиот митрополит сврати во населбата Скриголово. Овде започна да служи Света Литургија. За време на службата стигна вест дека одред Гатари упаднал во Скриголово и врши насилство. Светиот митрополит му рече на народот во црквата:

- Деца, спасувајте се! Јас не можам. Јас се предавам на волјата Божја!

Луѓето се разбегаа, а Татарите дојурија во црквата, го фатија светиот митрополит кој стоеше пред престолот и вршеше Света Служба, па му ја отсекоа главата. Неговите свети мошти почиваат во Киево-Софиската соборна црква.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК САВА

За верата во Христа беше обесен за смоква, и така се упокои.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА ИСИДОРА

Во мир се упокои во Господа.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ГЕРАСИМ БОЛДИНСКИ

Преподобниот Герасим е родум од Перејаслав Залески. Помина 26 години во послушание кај преподобниот Данил Перејаславски, каде беше чевлар, и по налог на настојателот усрдно им служеше на браќата во својот занает. Ревносно ги извршуваше подвизите на постот и молитвата, и многу побожни лица се обраќаа кај него, како голем подвижник. Но, преподобниот, желен за пустинско осамеништво и молитвено тихование, премина во дивата шума во Дорогобужкиот округ на Смоленската епархија, каде имаше само змии и зверови. По едно видение тој премина во Болдинската Гора. Строгиот подвижнички живот наскоро кај преподобниот привлече ревнители на побожноста и тој подигна манастир на Болдинската Гора, а потоа друг манастир во градот Вјазми во Смоленската епархија. Преподобниот Герасим се престави во 1554-та година. Неговите свети мошти почиваат во црквата во Болдинскиот манастир.