15 Мај (2 Мај)
СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА МОШТИТЕ НА СВЕТИ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ" архиепископот Александриски
Во денешниот ден се празнува преносот на моштите на свети Атанасиј Велики и чудесата од нив. А животот и делувањето на овој голем Светител, „Отецот на Православието“, е опишан под 18 јануари.
Овде ќе дадеме само грст духовни бисери од пребогатата божествена ризница на мудроста на превеликиот свети Атанасиј, од неговите боговдахновени дела:
Ова е првобитното предание, и учење, и вера на Католическата (Соборната Православна) Црква, која што ја дал Господ, ја проповедале Апостолите, Ја сочувале Отците, зашто на таа вера е втемелена Црквата, и оној што ќе отпадне од неа ниту е, ниту пак се вика христијанин. Значи: Троица Света и Совршена, во Отецот и Синот и Светиот Дух, богословствувана, која во Себе ништо туѓо ни однадвор помешано нема..., туку е рамна на Себе и природно неразделива, и една е нејзината енергија (дејство). Зашто Отецот преку Логосот во Духот Свети твори се, така се зачувува единството на Света Троица, и така Еден Бог се проповеда во Црквата: „Кој е над сите, низ сè и во сè. (Ефес. 4, 6). И тоа: „Над сите“ како Отец, како почеток и извор; „Низ сè, низ Логосот; „во сè“ пак, во Духот Свети. А Троица е не само по име и зборови, туку со вистината и битието на Троица (Послание до Серапион 1, 28).
Светото Предание, како што ни го предале Отците, е вистинското учење. А доказ за вистинитоста на вистинските учители е тоа што едно и исто исповедаат меѓу себе, и не порекнуваат ништо ни во однос на самите себе, ни во однос на своите Отци. Оние пак, кои не се однесуваат така, всушност се расипани и не можат да се нарекуваат вистински учители. Така Грците (незнабошци), кои не учат едно и исто, и меѓусебно не се сложуваат, немаат вистинско учење, додека пак Светителите, како вистнски проповедници на Вистината, се сложуваат меѓу себе и не си противречат самите на себе. Иако живееле Во различни времиња, сите тие тежнеат кон едно Исто, зашто се пророци на Едниот, истиот Бог, и бидејќи согласно проповедаат едно исто слово на Евангелието (За Никејскиот Собор, 4).
Тоа што и е предадено на верата не се постигнува со мудроста човечка, туку со слухот на верата. Учењето за Божеството не се дава со логични докази, туку со помош на верата и смерното побожно размислување (Послание до Серапион 1, 17. 20).
Според добротата и силата Своја, Бог е присутен во се, а според својата природа - над сè (За Никејскиот Собор, 11).
Кога душата ќе ја симне од себе сета нечистотија од гревот, која што се разлила по неа, и ја чува чиста својата боголикост, тогаш таа, просветлена од неа, во неа како во огледало го гледа ликот Очев - Логосот, а во Логосот - Отецот. (Против Елините, 34).
Отецот на нашиот Господ Исус Христос, како најдобар Управител, со Својата Премудрост и со Својот сопствен Логос (Синот), нашиот Господ Исус Христос, со се спасоносно управува, и уредува, и чини како Самиот најдобро знае... Отецот со Својот вечен Син ја створил и уредил сета твар, и ја озарува со својата Промисла. Логосот пак Божји, како добар Логос (Син) на добриот Отец, го уредил поредокот во вселената, спојувајќи ги спротивностите и од тоа извлекувајќи целосна хармонија. Како Божја Сила и Божја Премудрост, Он го движи небото, а земјата ја зацврстил не потпирајќи ја на ништо. Он направил сонцето да блеска и да ја осветлува вселената. Направил и месечината и звездите да имаат своја мера на светлина. Он ја држи и водата во облаците, и со дожд ја натопува земјата. Он го омеѓил морето и земјата ја украсил со разни билки... Од Него и човекот е створен мудар и разумен, според образот Божји. Природата на створените битија и твари, бидејќи е створена од ништо (од небитие), земена сама по себе е нешто трошно, немоќно и смртно. Затоа, за целата твар, како трошна и распадлива, повторно да не се врати во небитие, добриот Бог, Кој целата твар ја створил со Својот Логос, не оставил тварта со својата сопствена природа да се занесува и колеба, од што би и претела опасност повторно да потоне во небитие, туку како Добар управува со вселената и ја подржува во битие со Својот Логос, Кој и самиот е Бог, за тварта, осветлена со управувањето, промислата и уредбата на Логосот, да може цврсто да стои во битие и да не се подвргне на пропаст и небитие, кога Бог Логосот не би ја чувал. Како што музичарот наштимувајќи ја харфата и вешто спојувајќи ги ниските тонови со високите и средните, произведува една мелодија, така и Логосот, Божјата Премудост, држејќи ја вселената како харфа, со својот миг и волја прекрасно и хармонично го произведува светот и еден поредок во светот, и на тој начин од Него се ствара некоја чудесна и навистина божествена хармонија (Против Елините, 40-43, 81).
Наш дом е црквата, и во неа нам и мислењето треба да ни биде исто, зашто на тој начин веруваме дека и Господ ќе обитава заедно со нас, како што рекол: „Ќе се вселам во нив, и ќе живеам во нив“ (2Кор. 6, 16), и „Овде ќе се населам зашто сум ја засакал“ (Пс. 131, 14). Атоа „овде“, каде е, ако не таму каде што се проповеда една иста вера и побожност ? (Томос до Антиохијците, 1).
Правата и вистинска вера на Црквата ѝ ја подарил самиот Христос; неа ја проповедале Апостолите, и ни ја предале Светите Отци (Писмо до Афричките епископи, 1).
Доволна и потполна е онаа вера која е исповедана на Никејскиот Собор (т.е. на Првиот Вселенски Собор), за да се уништи секоја нечестива ерес и да се утврди и подржи црковното учење (Исто).
Светиот Никејски Собор (Прв Вселенски) навистина е јавно и писмено изобличување против секоја ерес. Отците на тој Собор ја исповедале верата во Отецот и Синот, а ја додале и верата во Духот Свети, осудувајќи ги оние што хулат на Духот Свети, нарекувајќи го створение. Тие ја исповедале полната и совршена вера во Света Троица и со тоа го обзнаниле карактерот на верата во Христа и учењето на Католическата (Соборна, Православна) Црква. Тоа им стана јасно на сите, и никој од христијаните повеќе не се сомневаше во тоа дека нашата вера не е вера во твар, туку во Едниот Бог Отец Седржител, Творецот на се видливо и невидливо, и во Едниот Господ Исус Христос, Синот Негов Единороден, и во Едниот Дух Свети, Едниот Бог познаваниот во Светата и Совршена Троица, Во Која сме крстени и во Која се соединуваме со Божеството, верувајќи дека ќе го наследиме царството небесно во нашиот Господ Исус Христос, преку Кој слава и моќ со Светиот Дух во век и веков. Амин. (Писмо до Афричките епископи, 11).
Оние што хулат на Духот Свети и зборуваат дека Он е створение, нека се посрамат заради следното: Ако Троица е Троица, и ако верата наша е вера во Троица, нека кажат: дали Троица секогаш е Троица, или Троица некогаш не постоела? Ако пак Троица е вечна, тогаш Духот Свети не е твар, бидејќи вечно сопостои со Логосот и е во Него. Зашто имало времиња кога тварите не постоеле. Ако пак Духот е твар, а тварите настанале од нешто, тогаш станува очигледно дека Троица не постоела било кога, туку била Двоица. А може ли да се каже нешто побезбожно од тоа?... Како што Синот, бивајќи секогаш Син, не е твар, така и Троица, бивајќи секогаш Троица, во себе нема ништо тварно, па тогаш и Духот не е твар. Како што секогаш била, Троица, така е Троица и сега; и како што е таа сега, така била и секогаш, и е Троица, и во Троица: Отецот, Синот и Светиот Дух (Послание до Серапион 3, 7).
Иако е невозможно да се сфати што е Бог, сепак е возможно да се рече што Он не е (Писмо до монасите, 2).
Бог нема потреба од никого; Он си е доволен на Себе и е исполнет со Себе, и во Него се содржи се, или подобро речено, Он на се дава живот (Против Елините, 28).
Благодатта и дарот што се дава во Троица, се дава од Отецот низ Синот и Духот Свети, зашто како што даруваната благодат е од Отецот низ Синот, така и ние можеме да бидеме заедничари на дарот на благодатта во Духот Свети. Бидејќи, постанувајќи заедничари Негови, ние ја имаме љубовта на Отецот, благодатта на Синот и заедницата на самиот Дух (Послание до Серапион 1, 30).
Од Црквата секогаш треба да се отфрла и спречува она што е туѓо за неа, и што предизвикува соблазна, а најмногу од се да се одржуваат мирот и слогата, само под услов верата да биде здрава (т. е. права, православна). Тогаш и Господ ќе не помилува и разделеното ќе го соедини. А кога ќе бидеме едно стадо, повторно сите ќе имаме еден Водач - нашиот Господ Исус Христос (Томос до Антиохијците, 8).
За изучување на Светото Писмо и за вистинско знаење е потребен добар живот, чиста душа и доблест според Христа, за така, умот, одејќи низ таа доблест, да може го да достигне и сфати она за кое што е желен, и да научи за Бога Логосот онолку колку што и е достапно на човечката природа. Зашто без чист ум и без подражавање на животот на Светиите, никој не може да ги сфати зборовите на Светиите (За вочовечувањето на Логосот, 57).
Телото е како харфа, на која разумната и бесмртна душа како музичар свири. Душата го движи телото, а се движи и самата, зашто движењето на душата не е ништо друго освен животот на душата. За телото велиме дека живее кога се движи, а умира кога ќе престане да се движи, односно кога душата ќе го напушти... Животот пак на душата е Логосот Божји, и таа се умртвува штом ќе се одвои од заедницата со Него (Против Елините, 32-33).
Големо злосторство прави епископот кога ќе ја напушти Црквата и не се грижи за Божјото стадо. Отсуството на пастирот им дава повод на волците да го нападнат стадото. Тоа го барале аријанците, а и сите други еретици. Во отсуство на нас, пастирите, да најдат згодна прилика за прелажување на народот со својата нечестива наука. Значи ако бегаме, тогаш каков одговор ќе им дадеме на правите епископи, или подобро, на Оној Кој ни го доверил стадото, нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји и вистинскиот Цар на сите, Кој ќе и суди на својата земја? (Апологија на царот Констанциј, 26).
Чашата на Светите Тајни, тоест Светата Причест на Телото и Крвта Христова, се наоѓаат само кај законитите предстојатели на Црквата. Таа Света Тајна ја имаат само претставниците на Католическата (Соборна, Православна) Црква. Неа црковните старешини ја примиле според црковните канони (правила), и таа им припаѓа единствено на предстојателите (епископите и свештениците) на Католическата (Православна, Соборна) Црква, и единствено тие од неа законито се причестуваат пред народот. Зашто со Крвта Христова единствено тие можат да се причестуваат, и никој друг, т. е. ниеден еретик. Секој, кој врши причестување спротивно на црковните установи и правила, ѝ нанесува навреда на Крвта Христова... Зашто, како може да им биде позната Чашата Христова на оние кои што не Го знаат Христа? И како можат да се прават дека ја почитуваат Чашата Христова оние кои Богот на таа Чаша го срамотат (со својата ерес) ? (Алологија против Аријанците, 11, 17).
Царе, престани да ја прогонуваш Црквата, и сети се дека си смртен човек; уплаши се од судниот ден и сочувај се чист за тој ден. Не мешај се во црковните работи, и немој ти нам (на епископите) да ни заповедаш за тоа, туку најпрвин ти од нас научи се на нив. Тебе Бог ти го врачил царството, а нам епископите ни се доверени работите на Црквата. И како што оној што ја нарушува твојата власт се противи на заповедта Божја, така плаши се и ти, за кога го присвојуваш за себе она што се однесува на Црквата, да не подлегнеш на голема осуда, зашто е напишано: „Дајте му го ќесаревото на ќесарот, а Божјото на Бога“ (Историја на Аријанците, 41-45).
Нашите блажени и свети Отци имале вакво владеење во животот: гонети не се плашеле, туку се истакнувале со уште поголема храброст, затворајќи се во задушливите и темни места и таму поднесувајќи ги сите тегоби. А пак кога им доаѓало времето на смртта, не бегале од неа. Тие сфатиле дека не треба да бегаат од смртниот час, не треба да го надитруваат она што нам Промислата Божја ни го одредила, ниту пак да се спротивставуваат на Неговиот мудар план („Икономија“ ) за смртта, според кој светите некогаш и се сочувувани (од смртта), та постапувајќи дрско, самите на себе да не си навлечат страв, како што е напишано: „Дрскиот на зборови, самиот себе ќе се уплаши“ (Изреки 13, 3)... Одбегнувајќи ја понекогаш смртта, светителите не биле обвинувани за плашливост, туку уште повеќе биле фалени од Господа, Кој вели: „Блажени се гонетите заради правда“ (Мат. 5, 10)... На тој начин тие биле сочувани за да го поучуваат својот народ, зашто според мудриот план („кат“икономиан“) Господов, тоа нивно бегање било и избегнување на гневот на гонителот. Бегајќи, тие по промисла Божја биле сочувани за да им бидат лекари на оние што имаат потреба од благодат. А пак за останатите, воопшто за сите луѓе, важи ова правило: Кога не гонат да бегаме, и кога не бараат да се сокриваме, и да не бидеме дрски и да го искушуваме Господа, туку да чекаме додека не настапи одреденото време за смртта, или додека за нас Судијата не одлучи нешто што Он го смета за добро. Од друга страна пак, да бидеме подготвени кога ќе не повика времето, и кога тоа ќе ни биде одредено, тогаш „да се бориме за вистината до смрт“ (Сирах 4, 28). Така постапувале и светите Маченици за време на гонењата: прогонувани - бегале, непронајдени - очекувале, а пак кога бивале откриени - тогаш храбро страдале за Господа. А кога некои од нив сами истапувале пред гонителите, тогаш тоа не го правеле така едноставно, туку со својата маченичка смрт го потврдувале, и на сите им станувало јасно дека таа нивна ревност и тоа нивно доброволно предавање било од Духот Свети (Апологија за своето бегство, 17-22).
Синот Божји, нашиот Господ и Спасител Исус Христос, постанувајќи човек заради нас, уништувајќи ја смртта и ослободувајќи го нашиот род од робувањето на гнилежноста, покрај останатото ни подарил да ја имаме на земјата и сликата на ангелската светост, тоест девството (partenia). Оние што ја имаат таа доблест Соборната (Православна) Црква ги нарекува невести Христови. Гледајќи ги нив како храмови на Логосот Божји, Елините (незнабошци) се восхитуваат, зашто навистина никој не може да го оствари тоа честито и небесно звање, освен ние христијаните. Тоа пак е особено голем доказ дека ние поседуваме вистинско и право богопочитување (Адологија до царот Констанциј, 33).
Меѓу првите ангелски девственици и монаси бил преподобниот Антониј Велики. Раздавајќи го целиот родителски имот, Антониј целата своја љубов и целото свое стварање го устремил на усрдниот подвиг. Работел со сопствените раце, зашто ги слушнал зборовите од Светото Писмо: „Оној што не работи, не треба ни да јаде“ (2Сол. 3, 10). Од она што го заработувал еден дел трошел за леб, а останатото го раздавал на неволните. Тој постојано се молел, знаејќи од Светото Писмо дека треба да се молиме непрекинато (Матеј 6, 6). Воопшто, тој толку внимавал на она што се чита од Светото Писмо, така што се трудел ништо од прочитаното да не пушти да падне долу, туку се да држи во себе, така што понатаму помнењето му служело наместо книга (Животот на Антониј, 3).
Во почетокот на својот подвижнички живот Антониј одел кај познатите подвижници и, потчинувајќи им се искрено, од секој ги учел неговите особени доблести и подвизи. Од еден се учел на радоста, од друг на усрдната молитва, од трет на негневливоста, од четврт на човекољубието, од петти на бдението и неспиењето, од шести на мудроста во учењето и зборовите, од седми на стрпливоста и издржливоста, од осми на постот и лежењето на земјата, од деветти на кроткоста, од десетти на долготрпеливоста. А пак од сите заедно тој се учел на побожната вера во Христа и нивната меѓусебна и заедничка љубов. Така исполнет, тој се враќал во местото на своето подвизување и тогаш се трудел секоја од тие доблести што ги видел кај подвижниците да ги стекне и оствари за себе (Животот на Антониј, 4).
Нам печат и тврдина ни е верата во нашиот Господ Исус Христос (Животот на Антониј, 9).
Најнапред да го знаеме ова: демоните (ѓаволите) не се нарекуваат демони затоа што се такви створени, зашто Бог ништо лошо не створил, туку и тие се створени добри. Меѓутоа, тие сами отпаднале од небесното умување, и од тогаш се валкаат во земјената кал. Тие ги прелагале и Елините (незнабошци), ни завидуваат нам христијаните, и прават се, за да не спречат да не се искачиме на небото, и да стигнеме таму од каде што тие паднале. Затоа во борбата со нив, нам ни се потребни многу молитви и подвизи, за добивајќи од Светиот Дух дар да ги разликуваме духовите, да можеме да ги препознаеме нивните замки и да се избавиме од нив... Не треба да се плашиме од демоните и нивните искушенија, и од злите помисли кои ни ги уфрлаат тие, зашто со молитвите, постовите и верата во Господа, тие лесно се соборуваат и победуваат (Животот на Антониј, 22-23).
Господ Христос како Бог ги победувал демоните, а ние, поучувајќи се од Светителите, треба да го правиме истото и да ја подражаваме нивната храброст, вера и начин на живеење (Животот на Антониј, 27).
Најсилно оружје против ѓаволот е правиот живот и вера во Бога (Исто, 30).
Што е подобро и поправилно да се зборува од тоа дека Логосот, Синот Божји, станувајќи човек, не се изменил, туку останал ист и заради спасението и доброчинствата на луѓето зел на Себе човечко тело, за, земајќи удел во човечкото битие, да ги направи луѓето заедничари со божествената и умна природа (Животот на Антониј, 74).
Синот Божји станал човек за луѓето да ги направи синови Божји. Он станал Бог за ние да се обожиме и да станеме богови по благодат (Против Аријанците, 1, 40).
Секогаш да се чуваме чисти од еретиците и расколниците, да го чуваме преданието на Светите Отци, а пред сè - правилната и побожна вера во нашиот Господ Исус Христос (Животот на Антониј, 89).
Најмногу да се трудиме да се сложуваме и соединуваме меѓусебно, а пред сè да се присоединуваме кон нашиот Господ и потоа кон Неговите Светители (Исто, 91).
По молитвите на светиот наш отец Атанасиј, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј и спаси не. Амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕСПЕР, ЗОЈА, КИРИЈАК И ТЕОДУЛ
Светите маченици Еспер, неговата сопруга Зоја и нивните два сина Киријак и Теодул беа гости на земјата како Авраам, отецот на избраните (сп. Евр. 11, 13), а небесни граѓани. Нив како робови ги купи еден угледен римјанин, по име Катал, со жена му Терција. Катал се беше преселил од Рим во градот Аталија. Купувајќи робови, тој ги купи од Фригија и овие свети маченици, кои имаа христијанско потекло, украсени со побожност и полни со надеж во Господа. Незнабожецот Катал со своето семејство им принесуваше жртви на боговите, кои ги нарекуваа свои богови, а верните слуги Христови гледајќи го нивното глупаво незнабожие многу тагуваа. Тие не јадеа од храната што им ја даваа, сметајќи ја за идоложртвена, зашто во домот на нивните господари имаше идоли. Во една прилика кога света Зоја доби храна од своите господари, му рече на вратарот:
- Оди и одмори се малку, а ако затреба јас ќе те разбудам. Веќе си уморен од пречекувањето и испраќањето на луѓето кои доаѓаат овде за да се поклонат на божемната богиња Фортуна“.
- Вратарот ја послуша и заспа во дворот. А света Зоја им даваше по малку леб на кучињата за да не го разбудат, а се останато раздаваше на бедните и патниците, советувајќи ги да преминат во христијанската вера. Должноста на света Зоја во домот на Катала беше да ги храни домашните животни, а нејзиниот сопруг и синовите извршуваа други работи што им ги одредуваа. Тие по цел ден работеа и дури на зајдисонце земаа по малку храна, за која што знаеја дека не е осквернета од незнабожечките жртвени обреди. По Божја промисла, таа храна им беше испраќана од некаде, и тие се сеќаваа на зборовите Господови: „Погледнете ги птиците небесни, кои ниту сеат ниту жнеат, ниту собираат во житници, па Отецот небесен ги храни“ (Матеј 6, 26).
Еднаш кога господарите го испратија блажениот Еспер по некоја работа, синовите Киријак и Теодул и рекоа на својата мајка:
- Ние повеќе не можеме да живееме со незнабошците. Зарем ти самата не не учиш од Светото Писмо да ја држиме апостолската заповед: „Не влечете го во туѓ јарем неверникот?“ (2Кор. 6, 14). Ако ние не ги одржиме заповедите Божји и не се тргнеме од незнабошците, Господ ќе не вброи во нив и ќе пропаднеме како и тие.
А мајката им одговори на синовите:
- Како да заминеме, деца мои мили? Тие се наши господари и имаат власт над нашите тела.
На тоа синовите и рекоа:
- Христос се предаде Себе си во рацете на неверните Евреи за нас, и беше распнат, погребан, и во третиот ден воскресна. Значи, ако и ние ги предадеме нашите тела на незнабожниот Катал на мачење за Христа, и тој не убие, нашите души ќе живеат вечно. Затоа, мајко, изведи не радосни пред нашиот господар, и ние пред него ќе го зборуваме она што ќе ни го стави во уста Господ Христос.
Добрите момчиња како храбри војници се подготвуваа за страдалничкиот подвиг за Христа, очекувајќи погоден момент да истапат пред господарот и да го исповедаат името Господово. А нивната мајка се плашеше да не се исплашат од маките и да се поклонат на идолите. Нивниот господар не знаеше дека се христијани, а пак мајката не сакаше да ги изведе пред господарот, па синовите и рекоа:
- Зошто се плашиш од тој незнабожец? Зарем не се сеќаваш што вели Светото Писмо: „Зборував за сведоштвата Твои пред царевите и не се срамев“ (Пс. 118, 46).
Еден ден, кога нивниот господар се враќаше дома на ручек, браќата Киријак и Теодул застанаа пред него и му рекоа:
- Господар на нашите видливи тела и нашите невидливи души е Исус Христос, вистинскиот Бог, Кој живее на небото.
Катал многу се зачуди и рече:
- Овие деца полуделе. Изговараат некое туѓо и непознато име, нарекувајќи го Исус Христос Бог и Господ.
Потоа им нареди на слугите да ги повикаат нивните родители. Слугите не го најдоа таткото, па ја доведоа само нивната мајка. Катал ја праша:
- Каде е твојот маж?
Таа му одговори:
- Нели го испрати во селото Тритонија по работа?
Катал рече:
- Камо среќа и вие да бевте со него таму, за да не ми ја вознемиревте душата со своите зборови за Богот, за Кого никогаш не сум слушнал ниту јас, ниту некој друг. Меѓу другото, сега немам желба да ве испрашувам. Но, кога ќе се породи Терција, и ќе ѝ принесам благодарствена жртва на големата богиња Фортуна, тогаш ќе ве испрашам.
И веднаш нареди света Зоја со нејзините деца да ја испратат кај нејзиниот маж во селото Тритонија. Одведени таму, тие се радуваа и говореа: „Господ е пастир мој и ништо нема да ми недостасува, ме пасе на зелена паша, таму ме насели (Пс. 22, 1-2). Си не извел од пеколот и си не спасил од рацете на смртта“ (Це. 85, 13; 115, 7).
Зашто светите го сметаа домот на господарот за пекол, Катал за смрт, а идолите за пеколниот оган.
Но по некое време на Катал му се роди син, и сите граѓани се радуваа и празнуваа заедно со него, и ѝ принесуваа жртви на поганата богиња Фортуна. Во тоа време света Зоја се молеше на Бога нејзиниот маж и децата да не паднат во искушение. Но, по гозбата Катал и рече на својата жена Терција:
- По повод нашиот празник нека се веселат сите домашни, и робовите наши!
Таа му одговори:
- Добро, нека се веселат сите.
И веднаш како на останатите робови, така и на Есперовото семејство му испратија сад со вино и чинија со месо од идоложртвената гозба. Кога ги здогледа слугите како носат дарови од господарот, света Зоја воздивна и рече:
- Господи Боже, неискажан Испитувачу на човечките срца, биди со нас, зашто освен Тебе, Господи, не знаеме за друг Бог. Утврди не во исповедањето на светото име Твое.
Откако така се помоли, таа им пријде на донесените дарови, месото го фрли на кучињата, а виното го истури на земјата. Робот којшто ги донесе, веднаш му кажа на господарот што стори Зоја. Катал се разбесни и нареди веднаш да го доведат Еспер со семејството. По патот света Зоја ги храбреше сопругот и децата, говорејќи:
- Да не се плашиме од јароста на незнабожниот Катал, и од маките на кои ќе не изложи, туку јуначки да поднесеме се, та со трпението да влеземе во небесниот град на Христа и Неговите светители.
Кога стигнаа, Катал ги праша:
- Во кого се надевавте кога дрско ги фрливте нашите дарови на кучињата? Всушност, јас толку не се грижам за својата чест, туку за честа на големата богиња Фортуна.
На тоа света Зоја му одговори:
- Наша надеж е Исус Христос, Синот на живиот Бог. Боговите кои ти ги почитуваш се демони.
На тоа Катал и рече:
- Еве, јас ќе ги мачам твоите синови, за да видиме дали може да ги избави од маките Христос, Кого вие го нарекувате Бог. Џелатите ги соблекоа момчињата, ги обесија на дрво, и започнаа да ги стругаат со железни четки. Гледајќи ги маките на своите деца, светата мајка ги соколеше, говорејќи им: - Трпете јуначки, чеда мои, трпете! Не плашете се од маките на незнабожниот Катал!
А децата и одговараа:
- Овие маки не се ништо. Речи му на поганиот мачител да измисли пострашни, за со совршено страдање да заслужиме маченички венци.
Тогаш света Зоја му рече на Катал: - Зошто не нареди моите деца да ги стават на поголеми маки?
Тие со овие маки не чувствуваат болка. Ајде, мачи ги повеќе.
Тогаш незнабожниот Катал ја претепа света Зоја, па нареди, неа,блажениот Еспер ии нивните деца, даги фрлатво многу вжештена печка и постави стража. Светите маченици пееја и Го славеа Господа во печката. А пак Катал, слушајќи го пеењето и гледајќи ги светителите неповредени во печката, многу се восхитуваше. Но, мислејќи дека овие христијани со помош на некакви маѓии го победуваат огнот, започна да размислува како да ги усмрти. А Светиот Дух им рече на светите маченици во огнената печка:
- Држете се јуначки. Катал смислува големи маки за да ве погуби.
Кога го слушнаа тоа, тие се молеа говорејќи:
- Господи Исусе Христе, прими ги во мир нашите души!
И во тој час ги предадоа своите свети души во рацете Божји, на 2 мај, во времето на царот Адријан (117-138 г.).
Утредента, кога незнабожниот Катал со своите истомисленици дојде кај печката, ги најде телата на светите маченици неповредени од огнот, со лица свртени кон исток. А нивните свети души веќе се беа придружиле на ликот на светите маченици, ангели и архангели. И се чу глас од небото:
- Влезете, праведници, во рајот на својот Господ. А ти, незнабожен Катал, ќе отидеш во пеколот вечно да се мачиш во незгасливиот оган.
Така незнабожниот Катал прими бесконечни маки, а светите маченици Христови го примија небото и се населија во вечната радост во нашиот Господ Исус Христос, Кому слава за навек. Амин.
СТРАДАЊЕТО И ЧУДЕСАТА НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ БОРИС И ГЛЕБ
Блазе си му на човекот кој се бои од Господа и на кого му се мили заповедите Негови. Неговото потомство ќе биде силно на земјата; родот на праведните ќе биде благословен (Псалми 111, 1-2). Така вели великиот цар-пророк. Навистина блажен стана синот на Свјатослав, светиот рамноапостолен велик кнез Владимир, на светото крштение наречен Василиј. Боејќи се од Господа, тој се потруди не само самиот да Му угоди на Бога, туку и целата негова Руска земја да ја просвети со светото крштение, и да ја приведе како чесен и угоден дар на Бога. Затоа Господ го направи силно неговото потомство на земјата, и го благослови неговиот праведен род. Веќе во длабока старост, пред својот блажен крај, пред да се пресели од земното во бесконечното небесно царство, и од многустрадалниот во блажениот живот и вечен покој, овој велик кнез ги повика своите дванаесет синови и им го раздели своето кнежевство, Руската земја, и ги постави да управуваат: Свјатополк во Пинск, Јарослав во Новгород, Борис во Ростов, Глеб во Муром, Всеволод во Владимир, Мстислав во Тмуторокан, Станислав во Смоленск, Судислав во Псков, Изјаслав во Полоцк, Брјачислав во Луцк.
Во дваесет и осмата година од светото крштение, блажениот Владимир се разболе. Во тоа време дојде кај него од Ростов неговиот син Борис, кого најмногу го сакаше. Тогаш на кнезот му пристигна вест дека Печенезите тргнале во воен поход против Русија. Владимир многу тагуваше, бидејќи така болен не можеше да им се спротивстави. Загрижен, тој го повика својот сакан син Борис, на светото крштение наречен Роман, му ја довери својата војска, и го испрати против Печенезите. Борис тргна, но не ги најде, и на враќање застана на реката Алта. Тука го затекна веста дека неговиот татко Владимир се преставил во Берјестов, и дека Свјатополк, кој се наоѓал покрај кнезот Владимир, се обидел да ја прикрие татковата смрт. Тој го завиткал телото на покојникот во килим, кришум го однел во градот Отај, и го оставил во црквата на Пресвета Богородица.
Блажениот кнез Борис започна да плаче за својот татко, велејќи:
- Тешко мене, оче мој, светлино на моите очи! Сонце мое, ти зајде а јас не бев покрај тебе да го погребам твоето чесно тело! Зошто не се удостоив да ја целивам твојата чесна седост, оче мој?
А Свјатополк самовласно го зазеде татковиот престол во Киев, зашто тој не требало да владее по него. Но, срцето му се исполни со властољубие и каиновска пакостна завист, и тој започна да си вели во себе: „Ќе ги убијам сите мои браќа, и ќе станам единствен господар на Русија“. И на својот брат Борис веднаш му испрати лукава порака:
„Мој мили брате, сакам да живееме во љубов, и затоа ќе ти дадам уште земја покрај онаа што ја доби од нашиот татко“.
Всушност зад оваа порака се криеше неговата желба да го убие Борис. На граѓаните на Киев тој им раздели многу подароци, потоа тајно отиде во Вишгород, го повика бојаринот Пушт и останатите бојари Тењц, Јелович и Љашка, и ги праша:
- Дали сте со мене?
Тие му одговорија:
- Заедно со сите вишгородци ќе ги положиме своите глави за тебе.
Тогаш бедниот Свјатополк им рече:
- Бидејќи ветувате дека и главите ќе ги дадете за мене, појдете и кришум убијте го мојот брат Борис. Тие му ветија дека ќе го сторат тоа. Во тоа време кнезот Борис се наоѓаше на реката Алта. Киевските бојари му велеа:
- Појди во Киев и заземи го престолот на својот татко, зашто целата не, гова војска е со тебе.
А блажениот Борис им одговори:
- Нема да кренам рака на својот постар брат, кого го сметам за татко.
Кога го слушнаа тоа, бојарите и војниците се разотидоа, а Борис остана сам со својата послуга. Тој сакаше да отиде кај својот брат Свјатополк, за да му се поклони никако на постар брат и главен кнез. Во меѓувреме кај него тајно дојде еден гласник и го извести дека Свјатополк сака да го убие и веќе испратил убијци.
Но, свети Борис не поверува во тоа, знаејќи дека не му згрешил на својот брат, за да очекува такво зло од него. Тој ден душата му беше вознемирена и тага му го притискаше срцето, но Борис целата своја надеж ја полагаше во Бога. Беше сабота. Борис влезе во својот шатор и со солзи се молеше на Христа Бога и на Пресвета Богородица. Во недела стана многу рано и му нареди на свештеникот да служи утрена, и самиот усрдно се молеше на Бога.
Таа ноќ дојдоа вишгородските болјари испратени од Свјатополк, и застанаа кога слушнаа дека блажениот Борис е на утрената. А свети Борис, штом дозна дека убијците од Свјатополк веќе стигнале, започна уште поусрдно да се моли, говорејќи: „Господи, колку се намножија моите непријатели! Мнозина се креваат против мене; мнозина велата за душата моја: нема помош за него во Бога. Но, Ти, Господи, си штит мој, слава моја; Ти ја подигаш главата моја. Со гласот свој викам кон Господ, и Он ме слуша од Својата света гора. Легнувам, спијам и станувам, зашто Господ ме чува. Не се плашам од многу илјади луѓе, што од сите страни навалиле на мене. Стани, Господи! Спаси ме, Боже мој! Зашто Ти ги удираш по лице сите мои непријатели и им ги здробуваш забите на грешниците“ (Пс. 3. 1-8). И читајќи го понатаму Псалтирот со големо умиление, тој ги изговараше овие псалмови зборови: „Кон Тебе сум приврзан уште од зачнувањето мое; од утробата на мајката моја Ти си мој Бог. Не оддалечувај се од мене, зашто неволјата е близу, а нема кој да ми помогне. Многу јунци ме опколија, силни јунци ме опкружија. Ја отворија устата кон мене како лав, кој го раскинува својот плен и рика. Глутница кучиња ме опколи, цела чета од злочинци се врти околу мене. Но, Ти, Господи, не оддалечувај се од мене! Сило моја, побрзај ми на помош! Избави ја од меч душата моја и од пците, еднородната моја... “ (Пс. 21 10-13, 16, 19-20). А по завршувањето на утрената, тој, гледајќи во иконата Христова, со солзи говореше: „Господи Исусе Христе, Кој во обличје на човек јавно Си се јавил на земјата заради нашето спасение, и доброволно Си се предал да бидеш прикован на крст заради гревовите наши, Ти и мене удостој ме да пострадам за името Твое. И тоа не од противникот, туку од братот мој. Но, Господи, не земај му го тоа за грев!
Откако така се помоли долго, блажениот Борис се препушти себе на волјата Господова. Бедните убијци ненадејно се нафрлија со мечеви и копја, упаднаа во шаторот и го избодеа светиот Борис. Тој падна на земјата облеан во сопствената крв, а еден од неговите слуги по име Георгиј, по потекло Унгарец, кого блажениот кнез многу го сакаше и му беше поклонил златна гривна, падна врз телото на својот господар, говорејќи:
- Нема да те оставам, господару мој мил. Каде овена красотата на телото твое? И јас нека го завршам животот овде!
И убијците го прободеа со копје, но бидејќи не можеа брзо да му го симнат од вратот златниот синџир, тие му ја отсекоа главата и ја фрлија. Тие убија и многу други слуги на свети Борис. Неговото тело го завиткаа во шаторско крило и го зедоа со себе. Но, светиот маченик се уште дишеше. По патот ги сретнаа двајца Варјаги, кои ги беше испратил Свјатополк. Кога видоа дека свети Борис се уште дише, еден од нив веднаш го извади мечот и го зари во срцето на светителот. Така свети Борис се упокои во недела, на 24 јули, на денот на светата маченица Христина, и доби маченички венец од Господа. А неговото чесно тело убијците го однесоа во Вишгород, и тајно го погребаа во црквата на светиот Василиј.
По убиството на свети Борис, несреќниот Свјатополк смислуваше како да го убие и Глеб. Борис и Глеб беа синови на великиот кнез Владимир од иста мајка. Свјатополк му испрати лажна порака на Глеб:
„Нашиот татко е тешко болен и те бара за да те види. Дојди што побрзо“.
Послушниот син Глеб веднаш поита да го затекне жив својот татко, зашто не знаеше дека се преставил. На устието на реката Тма во Волга, неговиот коњ ја повреди ногата, па затоа тој со мало корабче тргна кон Смоленск. Во Смјадин се искрца на брегот. Во тоа време кнезот на Велики Новгород, Јарослав, доби вест од својата сестра Предислава од Киев дека нивниот татко Владимир починал и дека Свјатослав го убил Борис. Тогаш Јарослав му испрати на Глеб ваква порака:
„Брате, немој да одиш кај Свјатополк. Нашиот татко е веќе мртов, а Свјатополк го уби Борис, па сака и тебе да те убие“.
Глеб силно зарида и горко плачеше за својот татко и за убиениот брат. И додека тој плачеше, дојурија убијците испратени од Свјатополк, и се нафрлија врз бротчето. А свети Глеб ги крена рацете кон небото и со солзи се молеше: „Господи, биди ми помошник и чувај ме од оние што се нафрлија на мене. Земи оружје и штит и дојди ми на помош. Извади го мечот и пресретни ги гонителите мои; кажи и на душата моја: Јас сум спасението твое!“ (Пс. 34, 1-3).
Старешина на убијците, бедниот Горасјер, нареди Глеб да биде убиен веднаш. Тогаш Глебовиот готвач Торчин, кој стоеше позади, и беше непријателски расположен спрема својот господар, го извлече ножот, го дофати свети Глеб за главата и му го пресече грлото. Го закла блажениот како безазлено јагне, лишувајќи го од овој краткотраен и многу мачен живот, во понеделник, на 5 септември, на празникот на свети пророк Захариј. И застана свети Глеб пред Христа Бога во небесното царство, заедно со својот брат Борис. Така се исполнија на нив псалмовите зборови: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат еднодушно!“ (Пс. 132, 1).
Свирепите убијци го фрличја телото на свети Глеб, недалеку од брегот, на пусто место меѓу две клади, и нафрлаа суви гранки врз него. И никој не знаеше каде се наоѓа телото на убиениот кнез Глеб. Но, Бог, кој не ги остава угодниците Свои, го покажуваше неговото тело на луѓето преку разни чудеса. Понекогаш на тоа место се појавуваше огнен столб, понекогаш запалени свеќи, а понекогаш минувачите слушале пеење на ангели. По извесно време ловци го најдоа чесното и свето тело како лежи целосно и негнилежно, и ги известија граѓаните. Тогаш сите граѓани, и духовници и мирјани, излегоа во литија и го зедоа телото на маченикот. Го препознаа благоверниот муромски кнез Глеб Владимирович, па го пренесоа во градот и го положија во црквата. Но, бедниот Свјатополк не се задоволи со крвта на своите двајца браќа, туку ја крена својата рака и кон третиот брат Свјатослав, кнезот Древлански. Штом дозна за злосторството на Свјатополк, Свјатослав се сокри во шумата, но убијците го пронајдоа и го убија.
Потоа кнезот на Велики Новгород собра војска за да ја освети крвта на своите браќа. И настана војна помеѓу Јарослав и Свјатополк, која траеше четири години. Најпосле Свјатополк беше победен на местото каде што го уби свети Борис. Всушност, кога Свајатополк повеќепати бркан од Јарослав побегна кај Печењегите, и оттаму тргна во напад против Јарослав со голема воена сила, Јарослав го пресретна на реката Алта, каде беше убиен Борис, и Му се помоли на Бога, говорејќи: „Крвта на моите браќа повикува кон Тебе, Владару, Господи Боже мој! Те молам семоќен Творецу и сеправеден Судијо, освети ја крвта на овие праведници, како што ја освети крвта на Авел и направи да се тресе Каин; направи и овој несреќен Свјатополк да се тресе, за да не може повеќе да ја пролева крвта братска и христијанска“. Потоа рече: „Браќа мои, Борис и Глеб, помогнете ми против овој горд убиец!“
Откако ја заврши молитвата, Јарослав тргна против Свјатополк и се судри со неговата војска на изгрејсонце. Тој ден беше петок. Јуначки се бореа и двете војски. И стана колеж каков што не се случил дотогаш во Русија, И течеа потоци од крв. Дури приквечер надвладеа Јарослав и потполно ја уништи силата на Свјатополк, така што тој побегна со неколкумина кај Полјаците. Но, по патот го нападна демон на стравот и му ги раслаби коските, така што не можеше да седне на коњот, туку го носеа на носила. Тој од страв не можеше да се задржи на едно место и постојано викаше кон своите:
- Бегајте! Еве ги, трчаат по нас!
И така бегаа од едно место до друго, додека не ја претрчаа цела Полска. Најпосле добегаа во пустината помеѓу Полска и Чешка. Тука го снајде лошиот крај на неговиот зол живот. Мачен од демонот, Свјатополк умре и со телото и со душата, и загина вечно, наследувајќи го огнениот пекол. Неговата бедна дружина го закопа неговото тело на местото каде што издивна и од неговиот гроб излегуваше страшна смрдеа, како знак на одмаздата Божја и казнувањето на злите луѓе. По завршувањето на војните со Свјатополк, благоверниот велик кнез Јарослав стана целосен господар на Киевското кнежевство и започна да се распрашува за чесните мошти на убиените браќа, светите Божји страдалници Борис и Глеб. Веднаш му беше кажано дека свети Борис е положен во црквата на свети Василиј во Вишгород, додека за свети Глеб сите знаеја дека е убиен недалеку од Смоленск, но не знаеја на кое место. Во тоа време дознаа дека неговото тело е пренесено во градот Смоленск и Јарослав веднаш испрати јереји и ѓакони, кои со старвопочитување го зедоа телото на свети Глеб и со брод по Дњепар тргнаа кон Киев. Тогаш благоверниот кнез Јарослав со митрополитот, игумените и целокупното свештенство и многуброен народ излезе да ги пречека моштите на маченикот. И сите видоа дека чесното тело е целосно и негнилежно по толку време, и испушта мирис од себе. Сите се восхитуваа на тоа чудо, и го однесоа светото тело во Вишгород, во црквата на свети Василиј, и го положија покрај неговиот брат свети Борис. А Бог започна да ги прославува угодниците Свои, јавно покажувајќи дека со ликот на светите маченици ги удостоил на Своето небесно царство, зашто на нивните свети мошти им даде дар да исцелуваат. И многу болни кои со вера прибегнуваа кон нивниот гроб добиваа исцеленија, па се враќаа здрави, славејќи Го Бога, прославениот во светиите.
По некое време, со допуштање Божјо, се запали црквата „Свети Василиј“, и луѓето не можеа никако да го згаснат огнот, па ги изнесоа сите икони и сасуди, та изгоре само црквата. Така светите маченици останаа да лежат без црквата. И се јавуваа знаци како порано во Смјадин од телото на свети Глеб: понекогаш огнен столб, понекогаш запалени свеќи на нивниот гроб, а понекогаш пеење на ангели. И многумина доаѓаа таму како на некој призор. Еднаш дојдоа Варјази и со пренебрегнување одеа по земјата под која лежеа чудотворните мошти на светите маченици. И кога еден Варјаг згазна на гробот на мачениците од него излезе оган и му ги запали нозете. Не можејќи да го поднесе тоа, тој викна и скокна од местото, и на своите другари им ги покажа изгорените нозе. Оттогаш не се осмелуваа да се приближат до тоа место, туку со страв му се поклонуваа.
За ова и за многу други чуда кои се случуваа на гробот на светите маченици беше известен великиот кнез Јарослав. Тој многу се израдува што Господ ги прославува неговите невино пострадани браќа. Тоа што го слушна, тој му го кажа на митрополитот Иларион. Заблагодарувајќи Му на Бога што на Руската земја и јавува нови чудотворци, митрополитот му рече на кнезот:
- Те советувам да изградиш црква над гробот на светите чудотворци, па ќе ги извадиме нивните чесни мошти и ќе ги ставиме во кивот, за верните да им се поклонуваат и молат на угодниците Божји.
Овој совет му се допадна на кнезот, и тој набрзо изгради голема и прекрасна црква, со пет куполи, на гробот на светите маченици во Вишгород. Кога црквата беше целосно завршена, и снабдена со се што е потребно, дојде преосветениот митрополит Иларион со клирот, дојде и великиот кнез со сите болјари и мноштво народ. И откако во новата црква отслужија сеноќно бдение, ја осветија на 24 јули, денот кога беше убиен свети Борис. Кога од земјата ги извадија сандаците со моштите на светите, видоа дека нивните тела се целосни и негнилежни, а лицата им беа светли како да се живи. И додека сите се восхитуваа, црквата се исполни со благопријатен мирис. Светите мошти ги положија од десната страна во црквата. Во текот на Светата Литургија дојде еден човек, хром на двете нозе. Тој дојде во црквата ползејќи. Кога низ многубројниот народ успеа да пријде до светите мошти и ги допре со вера, молејќи се, веднаш му оздравеа нозете со благодатта Божја и молитвите на светите страдалници. Тој стана, и одеше пред сите. По Литургијата кнезот приреди ручек за сите и го отпразнуваа празникот, а кнезот раздаде и многу дарови на ништите, сирачињата и вдовиците.
По преставувањето на великиот кнез Јарослав, на престолот на великото Киевско кнежевство го наследи неговиот син, верниот кнез Изјаслав. По долго време дрвената црква подигната од Јарослав беше во распаѓање, па кнезот Изјаслав изгради нова голема црква со една купола. Кога беше готова црквата сите се собраа во Вишгород за пренос на моштите на светите маченици Роман и Давид: великиот кнез Изјаслав, неговите синови, Черниговскиот кнез Свјатослав и кнезот Перејаславски Севолод, митрополитот Георгиј со епископите Неофит Черниговски, Петар Перејаславски, Никита Бјелогородски, Михаил Јурјевски. Дојдоа и игумените: преподобниот Теодосиј Печерски, Софрониј од манастирот на свети Михаил, Герман од манастирот на свети Спас, и многу други игумени. Сотворија светол празник, и најпрвин ги зедоа светите мошти на свети Борис, кои беа во дрвениот кивот. Напред одеа преподобни црнорисци со свеќи, по нив ѓакони, по нив презвитери, па архијереји, а по нив кнезови кои на рамењата ги носеа светите мошти, и ги пренесоа и положија во новата црква. Кога го отворија кивотот црквата се исполни со прекрасен благопријатен мирис, кој како тенок чад излегуваше од моштите и сите го видоа и почувствуваа, па Го прославија Бога. А митрополитот Георгиј го спопадна ужас зашто немал силна вера спрема светите. Тој падна ничкум пред светите мошти, барајќи прошка. Откако ги целиваа моштите на светиот Борис, ги ставија во камена гробница, па се вратија по моштите на свети Глеб, кои се наоѓаа во камен кивот. Ги зедоа, ги положија на кола и ги повезоа. Но, кога стигнаа пред црквата, кивотот не сакаше да се подмрдне од местото. Тогаш на народот му беше наредено да вика: Господи помилуј! И додека се молеа се подигна кивотот, па го зедоа и го ставија во црквата покрај свети Борис. Ги целиваа главата на свети Борис и раката на свети Глеб, а митрополитот jа зеде раката на свети Глеб и со неа ги благословуваше кнезовите и народот. Великиот кнез, кој пател од главоболка поради повреда на вратот, ја допре до својот врат раката од светителот и веднаш оздраве. И сите Го славеа Бога и ги величаа Неговите угодници, а по Литургијата кнезовите и архијерејите ручаа заедно и поделија многу милостиња на бедните. Оттогаш се воспостави празникот 2 мај: Пренос на чесните мошти на светите маченици и чудотворци Борис и Глеб.
По извесно време Черниговскиот кнез Свјатослав Јарославич, кој по прогонството на Изјаслав стана кнез Ќиевски, посака во Вишгород да подигне убава камена црква на светите маченици Борис и Глеб. Тој постави темели, подигна зидови над земјата, па се упокои. По Свјатослав престолот на Киевското кнежевство повторно го прими Изјаслав, но не успеа да продолжи со градбата на црквата, оти по некое време се упокои од раните здобиени од војната, па на Киевскиот престол седна третиот брат Севолод Јарославич, кнезот Перејаславски. Тој дури пред својата смрт започна со градбата на започнатата црква, но се престави и не ја доврши. По Севолод во Киев кнезуваше Михаил Изјаславич. Зафатен со многу војни, тој не презеде ништо за да ја доврши црквата. Во тоа време се засилија незнабошците и вршеа многу насилства над христијаните. Тогаш како заборав да ја покри започнатата црква, како и чудесата на светите маченици, иако беа многубројни. Потоа Черниговскиот кнез Олег Свјатославич, покренат од Бога ја доврши и украси црквата започната од неговиот татко Свјатослав. Но, Киевскиот кнез Михаил Свјатополк, завидувајќи му на Олег, не се согласи моштите на светите маченици да се пренесат во новата камена црква.
По смртта на кнезот Михаил Свјатополк во Киев кнез стана Владимир Севолодович, наречен Мономах. Тој реши да ги пренесе моштите на светите страдалници Борис и Глеб, и за тоа ги извести сите главари на Руската земја. Се собраа кај него сите руски кнезови и многу народ од цела Русија. Дојде и киевскиот митрополит Никофор со богоњубивите епископи Теоктист Черниговски, Лазар Перејаславски и Мина Полотски, Данил Јурјевски, блажениот Прохор игумен Печерски, игуменот Спаски Сава, Силвестер Михајловски, Петар Кловски, Григориј Андреевски и останатите игумени и целиот свештенички собор. Вишгород не можеше да смести толку народ. На први мај беше осветена црквата и приредена голема гозба. Сите кнезови и епископи ручаа кај великиот кнез Олег, а на бедните три дена им се поставуваше трпеза. Во недела, на втори мај, на празникот на преносот на чесните мошти на светите кнезови Борис и Глеб, по утрената, митрополитот со епископите и свештенството ги прекади кивотите на светителите. Потоа секој кивот го ставија во посебен ковчег, специјално за тоа направен и украсен. Нив ги влечеа кнезовите и големците. Пред нив одеа митрополитот, епископите, свештениците и ѓаконите со свеќи и кадилници. Но, од големиот метеж не можеа да се движат и да ги влечат. Тогаш кнезот Владимир Мономах нареди меѓу народот да се фрлаат пари, и на тој начин едвај ги довлекоа камените кивоти до камената црква и ги положија од десната страна во црквата. Владимир Мономах ги окова кивотите со сребрени даски, на даските изобрази икони на светите маченици Борис и Глеб, и ги позлати. Покрај кивотот нареди позлатени свеќници од сребро, и се околу кивотите украси со злато, зашто необично многу го сакаше црковното благолепие и имаше големо усрдие со вера спрема светите маченици. Од овие свети угодници Божји се случуваа најразлични чудеса, од кои треба да спомнеме некои овде.
Во Вишгород живееше човек по име Мирон, кој беше градинар. Тој имаше син со сува и згрчена нога, со која ниту можеше да оди, ниту пак ја чувствуваше. Затоа си направи дрвена нога и одеше со неа. Постојано доаѓајќи и дење и ноќе на богослуженијата на светите маченици, и со солзи припаѓајќи кон нивниот гроб, тој молеше за исцеление. Една ноќ во сон му се јавија светите маченици и го прашаа:
- Зошто повикуваш кон нас, човече?
Тој им ја покажа својата сува нога и молеше за исцеление. Тие три пати му ја прекрстија ногата. И кога се разбуди, тој почувствува дека ногата му е здрава, па скокна славејќи Го Бога, и им раскажа на луѓето како светите маченици Борис и Глеб го излекуваа со своето јавување. Додаде дека со нив го видел и оној слуга Георгиј, кој што падна преку телото на убиениот свети Борис и беше прободен со копје. Него го видел како оди пред светите, носејќи свеќа.
Дојде еден слепец, падна пред гробовите на светите, со љубов ги целиваше кивотите допирајќи ги своите очи до нив и просејќи исцеление, и веднаш прогледа. И сите Го прославија Бога и неговите свети угодници Борис и Глеб.
Еден хром човек, на кого ногата му беше отсечена до коленото, па си беше направил дрвена, дојде во Вишгород при црквата на светите маченици и живееше од милостиња. Во тоа време во Вишгород живееше еден градинар, по име Николај, кој секоја година свечено го празнуваше празникот „Свети Никола Чудотворец“, хранејќи ги ништите и гостите. Така еднаш на празникот „Свети Никола“ и овој хром седна со останатите пред неговата куќа, но случајно, нему не му дадоа ниту да јаде ниту да пие. Потоа тој ненадејно се занесе и имал вакво видение: Му се чинело како да седи пред црквата на светите маченици Борис и Глеб, и ги видел двајцата маченици како излегуваат од олтарот и се упатуваат кон него. Тој се преплашил и паднал ничкум. Светителите започнале да му зборуваат за неговото исцелување. Потоа најпрвин го прекрстиле, хромата нога му ја премачкале со елеј и му го истегнале коленото. Сето тоа тој го гледал како во сон, зашто всушност лежеше ничкум во дворот на Николај и изгледаше како да спие, Луѓето го вртеа на сите страни, но тој лежеше како мртов. Само душата беше во него, а срцето едвај му чукаше и сите мислеа дека го поразил нечист дух. Тогаш го зедоа и го однесоа во црквата на светите маченици Борис и Глеб, и го положија кај црковната врата. Многу луѓе кои стоеја овде видоа како од коленото на хромиот се појави мала нога и постепено растеше додека не стана како другата. Сето тоа се случи за еден час. Кога си дојде на себе, претходно хромиот човек започна да оди на двете нозе, радувајќи се, скокајќи, фалејќи Го Бога и славејќи ги своите исцелители Борис и Глеб. Пред сите раскажуваше како му се јавиле светите маченици, а луѓето Го фалеа Бога, говорејќи со пророкот: „Кој ќе ја искаже силата Господова“ (Пс. 105, 2 и Пс. 67, 36).
Во градот Дорогобужа една жена работела на празникот „Свети Никола Чудотворец“. Нејзе ѝ се јавија светите страдалници Борис и Глеб и грозно и се закануваа велејќи:
- Зошто работиш на празникот на светиот отец Никола? Зарем не знаеш дека Господ не трпи бесчестење на угодниците Негови?
Откако го рекоа тоа тие ги расфрлија нејзините работи низ куќата. Жената се онесвести од страв, потоа едвај си дојде на себе, и цел месец лежеше болна. За тоа време ѝ се исуши раката. Кога стана од постелата, исушената рака и остана така три години. Кога слушна дека еден човек со згрчени раце и нозе бил исцелен од светите маченици Борис и Глеб, веднаш отиде во Новгород на празникот „Успение на Пресвета Богородица“, и му раскажа се за себе на презвитерот Лазар, кој беше старешина на црквата на Светите Маченици. Тој и нареди ноќта да ја помине кај црквата, а утредента кога свештенството со народот во Литија тргна кон црквата „Пресвета Богородица“, жената му пристапи на свештеникот Лазар и му го раскажа својот сон, говорејќи:
- Изминатата ноќ, додека седев до црквата и задремав, кај мене дојдоа две прекрасни момчиња, и ми рекоа:
- Кој ти рече да седиш тука?
Јас им одговорив:
Свештеникот Лазар ми нареди, велејќи:
- Седи овде, можеби Господ ќе те исцели по молитвите на светите маченици.
Кога им го реков тоа, постариот од нив го извади прстенот од својата рака, и ми го даде, говорејќи:
- Стави го на раката и прекрсти се, и раката ќе ти оздрави.
Свештеникот Лазар и нареди да присуствува на Литургијата во црквата на Светите Маченици, за потоа да И прочита молитва и исушената рака да и ја премачка со свет елеј. И кога после песната „Свети Боже... “, пред читањето на Апостолот започна да се пее прокимен: „Величи душа моја Господа“..., сувата рака на жената стана здрава. И таа започна велегласно да Го слави Бога и светите чудотворци Роман и Давид.
Во Вишгород живееше еден слепец, кој постојано доаѓаше во црквата на Светиот Великомаченик Георгиј, да му подари вид. Така правеше долго време. Една ноќ му се јави во сон свети Георгиј, и му рече:
- Зошто повикуваш кон мене, човече? Ако сакаш да прогледаш, појди кај светите маченици Борис и Глеб, зашто од Бога имаат благодат да исцелуваат секаква болест во Руската земја. Штом се разбуди, слепецот тргна на пат со водач. Во Вишгород помина неколку дена во црквата на Светите Маченици. Припаѓајќи кон нивните кивоти и молејќи им се, му се отворија очите, и тој прогледа славејќи Го Бога и угодниците Негови. Тој им раскажуваше на луѓето дека видел како кај него дошле двајцата свети маченици, три пати му ги прекрстиле очите, и тој веднаш прогледал.
Во една прилика двајца невини луѓе беа наклеветени пред великиот Киевски кнез Михаил Изјаславич. Тој не ја разгледа работата, туку им поверува на клеветите и нареди да ги оковаат двајцата невини и да ги фрлат во темница во Вишгород. Потоа, зафатен со многу државни работи, кнезот заборави на нив, и тие долго останаа во окови, заборавени од сите, без надеж за ослободување. Но, знаејќи дека светите маченици Борис и Глеб се брзи помошници на страдалниците, тие ги повикуваа во своите молитви и секоја недела му даваа пари на својот стражар да купува просфори и свеќи, и да ги носи во црквите на Светите Маченици. Така помина долго време. И додека беа во голема неволја и тага, една ноќ им се јавија светите маченици Борис и Глеб, и им ги симнаа оковите. Кога се разбудија, едниот од нив се најде на своето место во темницата, но без окови. Другиот се најде надвор од темницата со искинати окови и својот другар крај него. Темницата пак беше цврсто запечатена како порано. Оној што се најде надвор од темницата, преплашен го разбуди стражарот. Овој премре од страв и се чудеше како затвореникот излегол кога вратата е цврсто заклучена и печатот стои на неа. Стражарот го праша:
- Како излезе?
Тој му одговори:
- Прво пушти ме во црквата на утрена да се поклонам на светите чудотворци Борис и Глеб и да ги целивам нивните свети кивоти, па ќе ти раскажам што се случило. И тој отиде заедно со стражарот во црквата, падна пред кивотите на Светите, громогласно славејќи Го Бога и оддавајќи им благодарност на своите чудесни ослободители светите страдалници Роман и Давид. Потоа стана и започна да им раскажува на сите за своето ослободување:
- Додека спиевме, во сонот видовме како ненадејно се крена кровот од темницата, и ние ги здогледавме светите маченици Борис и Глеб, кои не прашаа:
- Зошто сте овде?
Ние им одговоривме:
- Така сакаше кнезот, а ние сме невино наклеветени.
На тоа светителите рекоа:
- Еве, ние дојдовме да ве ослободиме, зашто повикувате кон нас.
Потоа се обратија кон мене со овие зборови:
- Ти веднаш појди во црквата и раскажи што гледаш, а твојот другар, бидејќи е маловерен, ќе го оставиме уште во темницата, но без окови. Ќе му дадеме привремено слепило, како казна на неговото маловерие и за сведоштво на другите. Ние ќе се вратиме по три дена и ќе му го вратиме видот. Потоа и двајцата ќе појдете кај кнезот и ќе му кажете:
- Зошто без да ја испиташ работата мачиш невини луѓе? Ако не се поправиш ќе те снајде големо зло.
Откако ни го рекоа тоа, светителите станаа невидливи, а јас, по таквото видение се разбудив и се најдов, не знам како, надвор Од темницата, со искинати окови. Ако сакате да се уверите во тоа што ви го зборувам, појдете до темницата.
Кога ја видоа запечатената врата и искинатите окови пред неа, тие со восхит Го прославуваа Бога, и веднаш ги известија за тоа градските старешини. Тие дојдоа, и го најдоа вториот затвореник како седи слеп без окови, па и двајцата ги пуштија од темницата. Тој ден беше четврток. Двајцата отидоа кај црквата на светите маченици и останаа до недела, благодарејќи за ослободувањето и молејќи за исцеление на ослепениот. А пак во недела слепиот падна пред кивотите на светите маченици, и со силното плачење и молитви ги вознемируваше свештениците, па тие рекоа;
- Водете го одовде овој слепец, зашто ни пречи при пеењето.
Но, тој остана припаѓајќи кон светите, тепајќи се и викајќи:
- Смилувајте се на мене, свети чудотворци! Отворете ги моите очи, како што ветивте.
Потоа ненадејно се обрати кон народот и повика:
- Викајте: Господи Помилуј! И погледнете ја милоста Божја и чудото на светите маченици, зашто, еве, Јас прогледав!
И тој гледаше како никогаш да не бил слеп, па и двајцата ослободени затвореници отидоа кај кнезот Михаил Изјаславич и подробно му раскажаа сè што се случи со нив. Кнезот се восхити, се поправи, и оттогаш беше внимателен спрема клеветите, и не изрекуваше казни без иследување и сигурно проверување на доказите. Често одеше кај светите маченици во Вишгород и со љубов се поклонуваше на нивните чесни мошти.
Во градот Владимир Зелески кнезуваше внукот на Владимир Мономах, Всеволод Јурјевич. Против него во 1175-та година се кренаа неговите синови Мстислав и Јарополк Ростиславич. Тајно повикани од Ростовчани да кнезуваат, тие беа дошле од Велики Новгород и тргнаа во војна против својот стрико Всеволод кон градот Владимир, со намера да го протераат и да ја приграбат неговата област. Во големата битка Всеволод ги победи, ги фати живи, и како плен ги одведе во Владимир. Таму им одреди стражари, но им дозволи слободно да се движат. Гледајќи ги заробените кнезови на слобода, Владимирци се побунија и дојдоа вооружени пред дворот на својот кнез Всеволод, па започнаа да викаат:
- Кнезу, зошто нашите непријатели ги оставаш на слобода? Или казни ги со смрт, или ослепи ги, или предај ни ги нам.
Милосрдниот кнез Всеволод не сакаше да им наштети на заробените кнезови, туку заради народот нареди да ги затворат во темница.
По кратко време владимирци повторно бараа да им ги предадат Мстислав и Јарополк, за да ги ослепат. Великиот кнез многу се нажали и не успеа да ги смири бунтовниците. Тие ја срушија темницата, па ги фатија браќата, ги ослепија и ги пуштија. И така, несреќните Мстислав и Јарополк, желни за голема слава и власт, беа скротени и ослепени. На петти септември, денот на погубувањето на свети Глеб, тие дојдоа во Смјадин, во црквата на светите маченици Борис и Глеб. Тогаш кнезовите се молеа на Бога со големо усрдие и ги призиваа на помош светите маченици, како свои сродници да им ги олеснат болките, зашто им гнојат очните рани. И додека се молеа, најпрвин им престанаа болките, па потоа неочекувано беа исцелени и прогледаа. Тие пред сите Ги славеа и им благодареа на Бога и на Пресвета Богородица и на светите чудотворци Роман и Давид. Потоа радосни се вратија во своите домови, раскажувајќи насекаде со каква милост ги удостои Господ по молитвите на светите маченици.
Во половината на дванаесеттиот век, во градот Туров живееше еден старец по име Мартин, кој порано беше готвач кај Туровските епископи: Симеон, Игнатиј, Јоаким и Георгиј. Епископот Георгиј го ослободи Мартин од таа служба поради неговата старост. Примајќи го монаштвото, Георгиј живееше сам во ќелијата во епископскиот манастир, кај црквата на светите маченици Борис и Глеб. Тој често страдаше од стомакот. Кога ќе го фатеа болки, тој лежеше и викаше немајќи сила да стане и да се погрижи за своето тело. Еднаш тој лежеше така болен, изнемоштен од жедта, зашто околу манастирот се беше поплавено, па не можеше да го посети никој. На третиот ден кај него влегоа светите маченици Борис и Глеб, со изглед како на иконите, и го прашаа:
- Од што боледуваш, старче?
Тој им ја кажа својата болест.
Тогаш тие го прашаа:
- Сакаш ли вода?
Старецот им одговори:
- О, господа мои, одамна ја посакувам.
Тогаш едниот од нив зеде стомна и донесе вода, а другиот го напои. Старецот ги праша:
- Чии сте вие, деца?
Тие му одговорија:
- Ние сме браќа на Јарослав.
А старецот, мислејќи дека се браќа на кнезот Георгиј Јарослав, им рече:
- Бог нека ви ги умножи годините, господа мои! Сами земете си леб и јадете, зашто јас немам сила да ве послужам.
Тие му одговорија:
- Лебот нека остане за тебе, а ние си одиме. Отсега не боледувај повеќе, туку одмори се.
Во тој момент станаа невидливи. А старецот оздраве и сфати дека го посетиле светите маченици Борис и Глеб. Затоа стана, Му оддаде слава на Бога и на светите угодници Негови, и оттогаш никогаш повеќе не патеше од таа болест, и им раскажуваше на браќата за исцелението што му го подарија светите маченици, со своето јавување.
Благоверниот кнез Александар Јарославич наречен Невски, за време на своето кнезување во Велики Новгород водеше војна со Швеганите. И кога со својата војска беше на реката Нева, неговиот богобојазлив војвода Филип, кој беше на ноќна стража, при изгрејсонце виде кораб во водата. Во средината на коработ стоеја светите маченици Борис и Глеб во пурпурна облека, а веслачите седеа облечени како магла. Свети Борис му рече на свети Глеб:
- Брате, да побрзаме да му помогнеме на нашиот роднина, кнезот Александар, против свирепите непријатели.
Ова видение војводата Филип му го раскажа на својот кнез. Тој ден кнезот Александар со помош на светите маченици Борис и Глеб однесе победа и ја сотре шведската сила. Нивниот војсководец Биргер тој самиот го рани со мечот во лицето, и со слава се врати во Велики Новгород. Тоа се случи во 1240-та година.
Нешто слично се случи многу подоцна. Кога великиот Московски кнез Димитриј Јованович водеше војна со татарскиот цар Мамај, ноќниот стражар Тома Хацибјејев имаше вакво видение од Бога: во висините се појавил огромен облак, од исток наидувале големи полкови, а од југ се појавиле две светли момчиња, кои во рацете држеле свеќи и остри мечеви. Овие момчиња биле светите маченици Борис и Глеб. Тие им рекле на татарските војводи:
- Кој ви нареди да ја уништувате нашата татковина, која ни е дарувана од Господа?
И започнале да ги сечат непријателите, така што ниту еден од нив не останал неповреден.
Утредента овој стражар му го раскажа своето видение на великиот кнез. Кнезот ги крена очите и рацете кон небото и со солзи започна да се моли, говорејќи:
- Човекољубив Господи, по молитвите на светите маченици Борис и Глеб, помогни ми!
И тој ден великиот Московски кнез Димитриј со помош на молитвите на светите страдалници Борис и Глеб однесе победа над татарскиот цар Мамај.
Вакви и многубројни други чудеса направија руските свети маченици и чудотворци Борис и Глеб, а и сега прават за оние кои со вера ги призиваат, во слава на нашиот Бог Христос, славениот со Отецот и Светиот Дух, сега и низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ЦАР БОРИС - МИХАИЛ
Бог „од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивното постоење“ (Д. А. 17, 26) и постојано се грижи за сите народи. Но човечкиот род е склон кон злото, „иако Бог не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселба“ (Д, А. 14,17).И сето тоа Он го правеше од љубов кон луѓето, „за да Го побараат Господа, та не би ли некако Го нашле, иако Он не е далеку од секого меѓу нас: оти ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме“ (Д. А. 17, 27-28).
Во Својата благост Он промисли и за јужнословенскиот и бугарскиот народ. Откако тие народи се населија на Балканскиот Полуостров, Бог благоволи од двата народа да направи еден. Како? Бугарите сакајќи да ја зацврстат својата власт во провинциите населени со словени и самите се словенизираат и меѓу словените и бугарите се формира нова заедница во која постепено созреваат условите за создавање на организирана држава. Но, Бог ги води своите избрани народи за стапување кон уште поголема заедница - заедница со Самиот Себе. До средината на 9ти век траело територијалното стабилизирање и обединување на словенските и бугарските племиња во рамките на Бугарското Царство.
Токму царот Борис, кој се роди и беше воспитан како незнабожец, Бог го избра и поттикна да ги просветли со светлината на Евангелието да своите народи, кои дотогаш тонеа во мракот на идолопоклонството. Бог благоволи Своето царство да го воведе во сверата на Византија и преку Него, да ја продолжи традицијата на Православната Теократска Империја на Византија - која полека но сигурно се приближуваше кон својот крај, а на сцена настапуваа Словенските Православни Империи.
„О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога! Колку се неиспитливи Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта...! Зашто се е од Него, преку Него, и во Него. Нему слава во веки, амин“ (Рим. 11. 33, 36),
Бугарското Царство било составено од „прабугари“, кои - во 680 година дошле со својот хан Исперих во денешна Добруџа и Дунавска Бугарија, и од Словени кои што прабугарите ги затекнале веќе населени речиси по целиот Балкански Полуостров.
Прабугарите робувале на разни жалосни суеверија: биле идолопоклоници, се занимавале со гатање и клетви, верувале во амајлии, во добри и лоши денови, се предавале на срамни јазичнички игри, биле прељубодејци и се веселеле со бесовски забави и песни.
И словените биле јазичници: почитувале различни божества, Бог на огнот им бил „Сварог“, на сонцето - „Дажбог“, на молњите - „Перун“... За жртвопринесувањето тие немале храмови, туку идолопоклонските обреди ги извршувале под отворено небо, крај извори и под големи дрвја. Тие не го познаваа вистинскиот, живиот Бог, „Кој ги создаде небото и земјата, морето и се што е во нив“ (Д. А. 14, 15), а она што го принесуваа како жртва, го принесуваа на бесовите, а не на Бога (1Кор. 10, 20).
Народот гинел во тој мрак и немало кој да го просвети. Простиот и жесток карактер го правел тежок и неподнослив животот на послабите. Неправда, кражби, убиства, царувале насекаде! Угнетувањето, постојаниот немир, ропството, ја придружувале судбината на обичниот народ. Темнината на непросветеноста ги имаше раширено црните крилја над целата наша земја. Но, ете, на тоа жално незнабожечко население, по Божја милост изгреа светлината на Евангелието. Се слушна благата вест за спасението. Се разнесе мирната проповед за љубов и братство меѓу сите луѓе. Оној, Кој во почетокот на создавањето рекол: „Да биде светлина“ (Бит. 1, 3) и се појавила светлина, и Кој поради тоа е наречен „Отец на светлината“ (Јак. 1, 17), благоволил да ја запали светлината на верата во срцето на цар Борис и преку него да го разгори огнот на светата христијанска вера кај целиот свој народ во својата држава.
Уште пред „покрстувањето“ христијанството почнало да се шири по нашата земја. Словенските племиња кои што ги населувале тие места, поради својот покроток карактер и поради отсуството на развиен идолопоклонски култ, биле понаклонети кон примањето на Евангелието. Затоа христијанството многу полесно пуштало корен меѓу нив. Така, кога хан Исперих ги освоил земјите на југ од Дунав, многумина од Словените веќе биле христијани.
Но, некои од повластените ханови, туѓи на секаква верска трпеливост, не само што јавно го пројавувале расположението против христијаните, туку немилосрдно им ги рушеле храмовите и ги убивале свештениците. Обично тие тоа го правеле во време на војна.
Крум Страшниот (802-814), неговиот син Омуртаг (814-831), и внук му Маломир (831-836), биле ревносни идолопоклонци. За време на нападите против византиските земји, тие заробувале словенски и грчки христијани, и како робови ги доведувале во својата држава. Некои од нив затварале а други пак ги убивале. Но и покрај се, христијанството започнало да проникнува и меѓу бугарите. Некои почнале тајно да веруваат во Христа, се покрстувале, и заедно со своите семејства ја напуштале Бугарија и бегале во христијанска Византија. Се знае дека бугарскиот хан Телериг бил во блиски односи со византискиот двор, и кога во 777 година избувнал бунт против него, тој побегнал во Цариград и тука се покрстил.
За време на византискиот император Лав Ерменин - Иконоборец, ханот Крум го освоил градот Средец (Софија), го разрушил до темел древниот храм „Света Софија“ и на смрт со меч осудил околу 6000 воени лица, како и многу други невини христијани. Тоа се случило во 809-та година. А во 812-та година, опиен од своите воени успеси, тој стигнал во градот Дебелт (недалеку од денешниот град Бургас), ги заробил сите негови благочестиви жители, и заедно со епископите Георгиј и Петар ги одвел во ропство. Следната година се обидел да го заземе Цариград, но не успеал. Тогаш го опседнал градот Адрианопол (Одрин), три месеци го држел во тешка опсада и во Бугарија одвел многу заробеници. Меѓу нив бил и одринскиот митрополит Мануил, грчките епископи Георгиј Дебелтски, Лав Никејски, некои свештеници и учениот монах Кинамон, „по надворешна убавина великолепен маж, а по душевната пославен и побожествен од своите современици“, како што за него вели блажениот Теофилакт, архиепископ Охридски. Тие запленети христијани жестоко страдале.
Но, чудната Божја промисла го обраќа злото во добро. Запленетите станале мисионери на Христовата вера среде незнабожното бугарско племе.
Кинамон се нашол во ханскиот двор и поради својата голема образованост и благочестивост бил искористен како воспитувач во него. Христијанството меѓу словените и бугарите го проповедале и други благородни заробеници, кои ги расколебале јазичниците, па дури успеале и да покрстат мнозина од нив. За кратко време христијанството пробило пат насекаде. Тоа започнало да навлегува и во ханското семејство.
Но, наследникот на Крум, Омуртаг, во христијанството гледал опасност за својата држава. Тој започнал да ги прогонува исповедниците на Христовото име и да ги тера да им се поклонат на идолите. Меѓу нив бил и почитуваниот Кинамон, кој останал тврд во верата и храбро ги проколнал идолите, поради што ханот го предал на измачување, па окован го затворил во темница каде што останал се до смртта на Омуртаг.
Друг маченик за Христа во тоа време бил и одринскиот митрополит Мануил. Жестокиот војвода на Омуртаг, Диценг, заповедал нему да му се отсечат рацете до плеќите, и потоа целиот да го пресечат на половина. По сите измачувања, светиот маченик бил фрлен на зверовите. Од таа жестокост се згнасиле дури и војниците на војводата. Божјиот суд го казнил мачителот со слепило, а потоа бил обесен од својот народ. На неговот место Омуртаг го поставил уште посвирепиот војвода Цока. Тој ги предавал на тешки измачувања христијаните што не се покорувале на царската заповед и не се откажувале од Христа. Од неговиот суд загинале епископите Георгиј Дебелтски и Петар, кои до последниот здив бестрашно ги утврдувале христијаните во верата. Нив мачителот заповедал да ги тепаат со стапови и да им ги пресечат главите. При тоа тешко гонење загинале над триста и осумдесет угледни христијани, меѓу кои особено се истакнале никејскиот епископ Леонтиј, клириците Гаврил и Сиониј, чии што глави биле пресечени со меч, свештеникот Прод убиен со камења, и војводата Јован. Гонењето било спроведувано насекаде. Свети Теодор Студит во една кратка поука соопштува дека Омуртаг издал заповед за време на Светата Четириесетница сите да јадат месо, ако сакаат да останат живи. Тогаш - раскажува Теодор Студит - на едно место се собрале голем број заробени христијани со жените и децата, и настанал голем плач и ридање. Од една страна, мислеле тие, дека ако вкусат месо ќе го нарушат христијанскиот закон, а од друга страна се плашеле од смртта, поради што ридале и плачеле. На крај многумина од нив биле победени и ја исполниле заповедта на тиранинот. Но, од толпата се издвоиле четиринаесет семејства, кои рекле:
- Ние нема да ја извршиме наредбата на нечестивиот. Нема да јадеме месо во Светата Четириесетница!
Останатите христијани ги советувале да не се заветуваат на смрт за таков грев, кој што потоа може да го исчистат со исповед и покајание. Но, тие решително го одбиле тоа, надевајќи се во Бога на идното насладување со вечните блага.
Што намислил оној властелин, откако ја видел нивната непоколеблива смелост? Решил да убие еден од нив, а неговата жена и неговите деца да ги даде во ропство на татарите, претпоставувајќи дека останатите ќе се уплашат од тоа и ќе му се покорат. Неговата заповед веднаш била извршена, но останатите ни најмалку не се уплашиле од тоа, туку уште повеќе се утврдиле и изјавиле:
- Ние сме Христијани и ја подржуваме исповедта на нашиот пострадан брат.
За таквото доблесно исповедување на верата тие биле обезглавени и се упокоиле во Господа.
Во првите три века, кога христијанството било жестоко прогонувано од гордите римски императори, тоа, наместо да биде искоренето уште повеќе се засилувало. При гонењето, раселените христијани го ширеле Евангелието низ местата каде што биле прогонувани или каде што наоѓале прибежиште, и на тој начин помагале во ширењето на новата вера. Тогаш воодушевувањето било толку големо, зашто на местото од еден маченик се јавувале десет други, и по прекрасните примери на Христовите исповедници, стотици и илјадници jазичници се обраќале кон Христа, пленети од мажественоста, добрината, љубовта и великодушноста на Христовите следбеници. Крвта на христијаните претставувала семе за нивно размножување. Така се случило и во Бугарското Кнежевство. Прогонетите за Христа кон себе го привлекувале сочувството на сите и станале причина насекаде во таа незнабожечка земја со љубов да се зборува за новата вера.
Омуртаг за свој наследник го поставил својот најмлад син Маломир, бидејќи почуствувал дека неговите постари синови Бојан и Звеница се приклонуваат кон христијанството.
Кога Маломир се искачил на престолот, неговиот брат Бојан го замолил да го ослободи од затвор мудриот наставник и учител Кинамон и да му го даде на располагање. Молбата на Енравота - Бојан била исполнета. Ослободен од затворот, благодарниот Кинамон посакал да му се оддолжи на својот ослободител, на тој начин што ќе го избави од темнината на идолопоклонството. Семето на неговата проповед паднало на добра почва. Кинезот Енравота - Бојан, со голема наслада и љубов ги слушал божествените поуки и кога го споредил возвишеното евангелско учење со грубите обичаи на јазичниците, кога го видел добродетелното поведение на христијаните, особено славните подвизи на мачениците во негово време, силното и красноречиво потврдување на благодатната сила на Евангелието, тој ги прегрнал вистините на христијанската вера и се покрстил. Од тогаш, тој се оддал на пост, молитва и воздржан живот. Тоа не можело да се скрие од будното око на неговиот брат, јазичникот Маломир. Тој го повикал кај себе и му заповедал:
- Или откажи се од тој туѓ Бог, или уште денес ќе бидеш предаден на војниците!
Кнезот Енравота кротко одговорил:
- Кој ќе ме раздели од љубовта Божја: тага ли, неволја ли или гонење, глад ли, голотија ли, опасност ли или меч? (Рим. 8. 35, 39). Подобро за мене е да умрам за Христовото име, отколку да живеам незаконски со нечестивите. Јас се гнасам од идолите на јазичниците и го почитувам Христос, вистинскиот Бог, на Кого и Му се поклонувам.
Кога го слушнал тоа, Маломир веднаш го осудил својот брат да биде посечен со меч. По патот кон местото каде што требало да биде извршена пресудата, светиот маченик - кнезот Бојан Енравота, се исполнил со благодатта на Светиот Дух и го изрекол следното пророштво:
- Иако со мојата смрт сакате да ја запрете верата за која што јас денес умирам, таа вера ќе се распространи низ целото кнежество. Крсниот знак ќе биде издигнат насекаде, ќе Му се градат и храмови на Бога, и чисти свештеници чисто ќе Му служат на чистиот Бог, и на Животворната Троица ќе се принесуваат пофални жртви. А идолите и нивните нечисти храмови ќе бидат разрушени и уништени.
По тие зборови маченикот кротко ја приклонил својата глава под мечот, и преку својата праведна смрт преминал во вечниот живот, стоејќи пред Божјиот престол да Го моли Севишниот за својата татковина, за своите сонародници се уште потонати во мракот на идолопоклонството и за целото стадо на Црквата. Тоа се случило во 833-та година.
Пророчкото слово на овој блажен маченик се исполнило многу брзо. По само 32 години словените и бугарите го примаат христијанството во рамките на тогашното Бугарско Царство. Но, пред да се случи тоа, требало да се помини низ породилните маки и болки, зашто врховните блага се постигнуваат со многу жртви и страдање.
Три години по смртта на светиот маченик Бојан Енравота, неговиот брат Маломир умрел бездетен. На престолот се искачил Пресијан, синот на Звеница, вториот син на Омуртаг. Пресијан бил потолерантен и поблагонаклонет кон христијанството. Во негово време немало гонење против христијаните. Во областите на Бугарската држава веќе влегле словените по долните текови на реката Струма и голем дел од Словенска Македонија. Христијанското население веќе бргу се зголемувало поради завземањето на области населени од многубројни словенски племиња, од кои повеќето веќе го примиле христијанството. Поради тоа Маломир бил принуден да биде повнимателен кон христијаните, за да не се одвраќаат од него. Но, ако на Пресијан му се припишува само тоа добро што не ги гонел христијаните, неговиот син и наследник Борис имал голема заслуга, зашто најпрво самиот станал христијанин, а потоа го покрстил целиот свој народ. Тоа, како што рековме, се случило во 865-та година.
Уште со самото искачување на престолот, царот Борис гледал дека неговата држава не може да се обедини и зацврсти, се додека постои расцепканост и непријателство меѓу словените и бугарите. Зарем Господ Исус Христос не вели дека: „Секое царство, ако се раздели, запустува; и секој град или дом, ако се раздели на спротивни групи, ќе пропадне“ (Мат. 12, 25). Борис гледа дека перспективата за иднината на неговата земја е во соединувањето на словените и бугарите во една држава. Власта се наоѓала во рацете на бугарските болјари, но тие биле малцинство. Словените требало да бидат придобиени и присоединети кон бугарите. Тоа можело да го направи само христијанската вера. Затоа тој чекал погоден момент најпрвин самиот да се покрсти, а потоа со Евангелската вистина на христијанството да го просветли и целиот народ.
Севишниот Бог, Кој по својата блага волја сè премудро устројува за нашето спасение, преку создавањето на разни благопријатни услови, помогна таа прекрасна намера на добриот владетел да се исполни во целост.
Слично како светиот кнез Бојан Енравота, така и првиот словенски цар христијанин, за свој наставник во верата имал еден учен монах - заробеник по име Теодор. Тој бил сестрано образован, кој добро ги разбирал државните работи и му служел на царот како советник. Освен во чисто светските дела, Теодор го воведувал царот и во тајните на духовната наука, го просветувал во вистините на христијанството, распалувајќи ја благочестивоста во неговата душа. Царот со сладост ги голтал благодатните слова. Евангелското семе паднало на добра почва.
Во тоа време имало обичај во царските дворци како заложници да се задржуваат ценети заробеници и со взаемна спогодба да се прави размена со нив. Византиската царица Теодора побарала од Борис да и го врати монахот Теодор во Цариград, кој што таму и бил многу потребен. Борис пак, од своја страна посакал да биде ослободена неговата сестра, која како заробеничка поминала долго време во Цариград.
Сестрата на Борис, која веќе го примила Светото Крштение и била добро воцрковена во Православна Византија, се вратила во царскиот дворец и го продолжила благодатното дело на монахот Теодор, вршејќи влијание врз својот брат во зацврстувањето на христијанскиот дух во него. Таа красноречиво му докажувала дека христијанската вера стои многу повисоко над многубоштвото, дека таа вера е од Бога објавена и дека со неа човекот може да Му угоди на Бога и да ја спаси својата душа.
Според кажувањето на блажениот Теофилакт, по Божја промисла царот Борис имал можност да се сретне и со големиот словенски просветител свети Методиј, братот на свети Кирил, и беседејќи со него, да се утврди во конечното решение да го прими христијанството. Свети Методиј, според зборовите на свети Теофилакт, го направил царот Борис свое духовно чедо, И во него создал њубов кон прекрасниот словенски јазик и непрестајно го хранел со благодатта на своите поуки. Можно е првата средба помеѓу двајцата големи мажи да се случила во 863-та година, кога двајцата браќа свети Кирил и свети Методиј, со веќе преведените свештени и богослужбени книги на словенски јазик, се упатиле од Цариград кон Моравија, и требало да поминат низ Бугарија. Втората средба можеби била после 40 месеци, кога, како што се знае, по завршувањето на мисијата во Моравија, двајцата браќа требало да се вратат за извесно време во Цариград, пред да тргнат за Рим. Но, свети Методиј можел не само преку лични средби и разговори, туку и со писма да го утврдува бугарскиот самодржец во христијанската вера.
А грчкиот летописец Симеон Логотет, како и некои други историчари, го раскажуваат следниот настан, кој ѝ познатиот грчки проповедник Илија Мината го спомнува во една своја проповед:
„Еден монах по име Методиј, иконописец, замолен од царот Борис, во неговиот дворец нацртал икона на која бил изобразен Божјиот Син седнат на висок престол, како Судија на вселената, каков што Он ќе се јави при Своето Второ Пришествие, а исто така и адот со неговите страшни маки, со незгасливиот оган и со демоните, како ги измачуваат грешниците. Гледајќи ја таа нема, но истовремено гласноговорна сцена на совеста, царот се поучувал од неа не помалку отколку од мудрите слова на своите наставници.
Веќе во 864-та година Борис му напишал на Лудвиг Немски дека сака да се покрсти. Божјата Промисла помогнала за брзо остварување на таа добра намера. Додека царот бил обземен со мисли како да го подготви својот народ за така важниот чекор, со допуштање на Премудриот Бог, Кој уредува се за наше добро, и по Чија што волја се случуваат бедите и страдањата, за да не опоменат и обратат кон добродетелта, во државата настапил страшен глад. За да го избави својот народ од тоа тешко искушение и да му обезбеди храна, Борис и објавил војна на Византија. Наскоро потоа беше склучен поволен мир, согласно со кој на Бугарија и се отстапувала Загорска земја, која била богата со жито и населена со словени, а за возврат на тоа, царот Борис се задолжил заедно со народот да прими Свето Крштение. Така од бедата се изродило добро. На местото каде што бил склучен мировниот договор (надвор од Цариград), царот Борис бил крстен од специјално испратен архијереј, и при крштевањето го добил името Михаил според името на византискиот цар Михаил 3ти. Неговите болјари биле покрстени во Цариград.
Кој архијереј го крстил царот Борис? Најверојатно тоа бил цариградскиот патријарх Фотиј. Монахот Никон Црногорец од 11ти век, во своето дело „Тактикон“ пишува: „Тој Фотиј го крстил бугарскиот народ и нивниот цар“. А самиот Фотиј после покрстување то напишал послание до својот „пресветол и возљубен син Михаил“, во кое опширно на новокрстените им ја толкува основата на христијанската вера, што претставува прв катихизис на новосоздадената Црква. Во тоа свое послание свети Фотиј го именува благоверниот Борис „украс на моите трудови“, „христољубив и духовен наш син“, „благороден и вистински плод на моите духовни родилни болки“. Јасно е дека свети Фотиј бил духовен татко на благоверниот Борис - Михаил, и дека самиот, со своите раце, ја извршил над него Тајната на Светото Крштение.
Со голема радост, многу благодат и со богати придобивки за својата држава, новопокрстениот владетел се вратил во својата престолнина Плиска, исполнувајќи ја на дело вистинитоста на 3боровите: „Но, најнапред барајте го царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде“ (Мат. 6, 33).
Тој со себе довел духовници кои имале задача да ги родат со вода и Дух новите христијански народи - словенскиот и бугарскиот. Големото дело започнало да се исполнува без одлагање. Се крштевале велможи и прости луѓе, граѓани и селани, богати и бедни. Тогаш можело да се види како практично се исполнуваат библиските зборови: „Народот кој што седеше во мрак виде голема светлина и на оние, што седеа во место на сенка смртна, им изгреа светлина“ (Мат. 4, 16).
Со своето големо дело - покрстувањето на бугарите и словените, светиот цар Борис створи неопислива радост и меѓу христијаните на земјата и меѓу небесните обители. Зашто, ако по зборовите на Христа станува голема радост меѓу ангелите Божји за еден грешник кој се кае (Лука 15, 10), колку поголема е радоста на небесата од обраќањето на цели народи кон вистинскиот Бог!
Грчките свештеници служеле на грчки јазик и преку преведувачи ги огласувале новообратените кон вистината на верата. Бидејќи христијанството не било нешто сосема ново, сосема неслушнато, туку било одамна јавно и тајно проповедано низ балканската земја, особено меѓу словенското население, народот со радост го примал и решително се крштевал.
Но, имало и луѓе, кои што не биле задоволни од своето покрстување. Такви биле и некои познати болјари, 52 на број, кои што се гордееле со своите древни јазичнички родови. Тие го поврзувале своето „големо достоинство“ и своите успеси со идолопоклонската религија, и не го сакале христијанството, кое што со својата проповед за смирение, и со своето учење за љубов во Христа, ги изедначувало со простиот народ. Затоа, незадоволни, бидејќи им се налага недобар закон, кренале бунт против царот покрстител и сакале да го убијат, за да можат да го обноват старото идолопоклонство. Но, Бог не го допуштил тоа. Оној, Кој што некогаш испрати многубројни невидливи помошници -коњи и огнени кочии на светиот пророк Елисеј, за да го избави од рацете на непријателите, - Он му помогнал и на својот верен слуга, покрстителот на словенскиот и бугарскиот народ. Храбриот владетел не се исплашил од настанатиот бунт против него. Откако го повикал името Христово, само со четириесет и осум души, кои што му останале верни на христијанството, тој се кренал против целата толпа. И веднаш штом излегол од градските порти, се јавиле седум духовни лица, кои што во рацете држеле запалени свеќи и оделе пред кнезот и пред оние што биле со него. На бунтовниците им се присторило дека врз нив паѓа голема огнена зграда, а коњите на оние што биле со кнезот - исправени на задните нозе, ги газеле. И ги обзел толку голем страв, што не биле способни ниту за одбрана ниту за бегство. Откако легнале на земјата, тие повеќе не можеле да се помрднат. Кнезот ги предал на смрт оние педесет и двајца болјари, кои што особено го бунтувале народот против него, а на останатиот народ му дозволил да се разотиде неповреден. Така раскажува римскиот архиепископ Хинкмар, во Бертинските анали под 866-та година.
Така, Бог на бестрашниот цар Борис му дал полна победа над неговите непријатели. Таа победа уште повеќе го подигнала неговиот авторитет и тој со Божја помош, без тешкотија, постепено го покрстил целиот свој народ ширум својата држава. Повеќе немало земна сила која можела да го спречи остварувањето на започнатото големо дело. Тогаш биле покрстени и областите: Влахија, Молдавија, Трансилванија, Банат, Буковина, Србија, Босна, Херцеговина и Хрватска, кои што во тоа време се наоѓале под власта на рамноапостолниот цар Борис.
Повикан од Бога да го христијанизира својот народ, големиот покрстител го извршил тоа славно дело, не само како искусен државник загрижен за добрата иднина на земјата што му беше доверена од Бога, туку и по длабока внатрешна убеденост. Тој од се срце верувал во Христа како Спасител и секојдневно срдечно Му се молел. Неговото благочестие им било познато на неговите современици.
Слухот за необично верниот на Христа новопокрстен владетел, стигнал далеку од териториите на бугарската држава. За него еден западен летописец - пријумскиот абат Регино - раскажува дека „откако ја примил благодатта на крштението, тој се одликувал со такво совршенство, што дење излегувал пред својот народ во царска одежда, а ноќе тајно одел во црквата и откако си постилал власеница, ги преклонувал колената на подот од црквата, и се оддавал на молитва“. За да го поттикне благочестието, царот со свои средства издигнал седум големи соборни црковни храмови во поголемите градови на Бугарија. Голема пречка за просветувањето на народот било извршувањето на богослужбите на непознатиот грчки јазик. Царот топло Му се помолил на Бога да му испрати проповедници, кои што можат да ги обучуваат неговите поданици на нивниот мајчин јазик. Но, требало со трпение да се чека, додека Бог ја исполни молитвата на својот усрден слуга.
Сакајќи да ја уреди својата држава според образот на другите христијански држави, покрстителот посакал да му бидат испратени од Цариград богослужбени книги и христијански закони - црковни и граѓански. Такви книги биле донесени. Покрај „Синтагмата“, што ги содржи црковните закони и „Еклогатот“, што ги содржи светските закони, пратени биле и таканаречените „Канонарии“, кои што ги содржат нормите на црковните казни за разните гревови, познати уште под името епитимијници. Од тие закони бил создаден „Закон судниј удем“ на светиот рамноапостолен архијереј Климент Охридски".
Но тоа не било доволно. Царот Борис сакал во својата држава да изгради независна црква, која ќе ги задоволи духовните потреби на новопокрстениот народ. Ете, зашто тој барал од цариградскиот патријарх и од византискиот император свој патријарх или архиепископ, кој ќе управува со новосоздадената црква.
Како новопокрстен, царот Борис се уште не ја разбирал суштината на богословието. Тој го забележувал соперништвото помеѓу Западот и Истокот, и како разумен државник намислил тоа да го искористи за доброто на својот народ и за успехот на започнатото Божјо дело. Плашејќи се од Византија и од нејзиното преголемо влијание над неговата империја, тој решил да се поврзе со Рим.
Испратил до папата цел список од прашања, околу сто на број, кои што се однесувале на тајните на верата и на правилата на духовниот растеж. Меѓу другото тој барал од папата да му одговори на најважното за него прашање - дали неговата држава може да има свој патријарх? Три години траеле тие преговори, без да го дадат саканото разрешување на проблемот. Но, Божјата промисла не допуштила црквата во Бугарија да остане под власта на папата.
Бугарите и словените требало да бидат православни и високо да го носат знамето на вистинското вероисповедување низ вековите.
Благоверниот цар Борис, откако видел дека она за што мечтаел - афтокефалија од Рим, нема да го добие, се обратил повторно до Византија, која што овој пат, под притисокот на својата желба да ја оддели Бугарија од римското влијание, се покажала понаклонета кон него.
Во 869-та година од страна на новиот византиски император Василиј Македонец, во Цариград бил свикан помесен собор. На тој собор, неправилно сметан од Рим за 8ми вселенски, се разгледувале некои несогласувања помеѓу Цариград и Рим, главно по прашањето за симнатиот цариградски патријарх Фотиј. Кога дознал за соборот во Цариград, светиот цар Борис таму испратил делегација на чело со болјаринот Петар. Делегацијата пред едно извонредно заседание на соборот го изложила барањето на царот Борис - да се разреши прашањето за црквата на бугарите и словените.
Болјаринот Петар рекол:
- Бугарскиот кнез, господин Михаил, кога слушна дека по апостолска волја сте собрани од разни страни за ползата на светата Божја Црква, со радост го прими тоа, и на сите вас, пратениците на апостолскиот престол, многу ви благодари бидејќи за време на вашето минување низ неговата земја сте нашле за достојно да го поздравите со вашите писма.
Потоа продолжил:
- До денес ние бевме јазичници и неодамна пристапивме кон благодатта на христијанството; затоа, за да не се покаже дека во нешто грешам, сакам да дознаам од вас, како високи патријарси, на која црква сме должни да се потчинуваме ние.
За папските легати тоа прашање било одамна и конечно решено во смисла дека тие не треба да припаѓаат кон ниедна друга црква освен кон римската. Но, претставниците на источните патријаршии ги прашале:
- Кога вие ја зазедовте вашата земја, тогаш на чија област таа беше потчинета, и какви свештеници имаше таму, грчки или латински?
Бугарските пратеници одговориле:
- Ние со оружје ја зазедовме нашата татковина од власта на грците и таму не најдовме латински, туку грчки свештеници.
Тогаш било досудено спротивно на приговорот од папските легати:
- Ако таму сте нашле грчки свештеници, тогаш е јасно дека таа земја била под управа на Цариград.
Тоа решение му било соопштено на светиот цар Борис, и тој Му благодарел на Бога зашто Му помогнал така лесно да се оттргне од Рим, од каде што долги години добивал само ветувања и ништо повеќе. Наскоро тој се здобил со архиепископ од Цариград. Името му било Јосиф.
Во Бугарија започнало мирно црковно творештво. Ревносниот архиепископ Јосиф започнал да ја гради новосоздадената црква, на тој начин што ја разделил на шест или седум епархии. Во секоја од нив - во главниот град - свети цар Борис изградил - како што спомнавме - по една соборна црква. Народот се повеќе се отуѓувал од јазичништвото и се присоединувал кон својата нова вера. Во тоа на многу начини содејствувала и прекрасната Божја промисла. Осебено познато е следново:
Во деновите на благоверниот цар Борис - според сведоштвото на блажениот Теофилакт Охридски - биле откриени моштите на 15-те Тивериополски маченици, пострадани од нечестивиот цар Јулијан Отстапник. Тој бил гонител на христијанството, но не бил по потекло идолопоклоник, туку потекнувал од царскиот род на покрстениот рамноапостолен цар свети Константин Велики. Константин е првиот император - христијанин, кој по три века на крвавите прогонства на христијанската вера, во 313-та година со специјален едикт објави нејзина слобода. Тогаш од затворските темници биле пуштени сите свети исповедници на верата. Верните Христови следбеници се ослободиле од лутите прогонства и со голема благодарност кон Бога се оддале на мирен живот. Но, радоста на христијаните не траела долго. Штом на престолот седнал Константиновиот роднина Јулијан, за Христовите следбеници започнале нови тешки времиња. Јулијан, од почетокот претставувајќи се како христијанин, наскоро го покажал своето вистинско лице на Христов непријател, кое што дотогаш го прикривал под маската на лицемерна побожност. Јулијан сакал да го избрише Христовото име од срцата на верниците и да ја искорени христијанската вера од лицето на земјата. Неговата цел била да го возобнови јазичништвото и повторно како официјална религија да го воведе срамното многубоштво. Започнало ново гонење против христијаните. Во тоа гонење за Христа пострадале многу луѓе. Тогаш од Никеја во Тивериопол (сегашна Струмица) се преселиле двајцата епископи Теодор и Тимотеј заедно со економите Комасиј и Евсевиј. Тие започнале да го просветуваат народот во светлината на христијанството. Околу себе собрале единаесет ученици: свештениците Петар, Јован, Сергиј, Теодор и Никифор; ѓаконите Василиј и Тома; монасите Јеротеј, Харитон и Даниил и мирјанинот Сократ, и сите заедно ревносно Го проповедале Христа и се прославиле со својот примерен живот во Негово име. Во Тивериопол расцветало христијанското благочестие и Христовата црква многу растела. Кога го виделе тоа, нечестивите гонители ги фатиле и ги убиле гореспомнатите ревнители на верата на различни начини. Телата им биле фрлени на зверовите. Тоа се случило во 4ти век.
Но откако гонењето стивнало, благочестиви луѓе со достоинствени почести ги погребале нивните свети тела во месната црква. Ги положиле секој во одделен мермерен гроб и над секој гроб поставиле мермерна плоча, на која го напишале името, професијата и накратко животот на секого. Од светите мошти започнале да се излеваат благодатни чуда и прекрасни исцеленија од разни болести. Така светите маченици продолжиле и по смртта да проповедаат и велегласно да говорат за славата и силата на Небесниот Цар Христос, на Кого Му останале верни се до крајот на својот земен живот.
Изминало многу време. "Таа земја била нападната од многубошците - авари, а потоа и од словените и бугарите, кои што запленувале, разрушувале и гореле се. Тогаш бил опустошен и градот Тивериопол. Од црквата каде што биле погребани светите Петнаесет Маченици не останало ниту трага.
Само споменот за нив останал жив и се предавал од поколенија на поколенија. Населените многубошци ги наметнале своите нечестиви суеверија. Но, кога по Божјата благост, олагочестивиот цар Борис ја прими христијанската вера и ја покрсти целата своја земја, била покрстена и Тивериополската област. Небесниот Промислител, откако посакал да го зацврсти христијанството меѓу новопокрстените словени, да ја разгори во нив ревноста за благочестивиот живот и да ги исцели од остатоците на лажното многубоштво, уредил така што во времето на благочестивиот цар Борис, откако народот го примил Светото Крштение, заборавените свети Петнаесет Тивериополски Маченици и дење и ноќе започнале да им се јавуваат на мнозина богобојазливи луѓе, и да вршат чудесни исцеленија на болните, на местото каде што лежеле нивните свети мошти скриени во земјата. Кога го слушнал тоа, царот му заповедал на својот војвода Гаридин да изгради црковен храм во градот Брегалница, во спомен на светите Петнаесет Маченици. Заповедта била извршена. Кога храмот бил готов, архијерејиереји и многуброен народ, со торжествена Литија отишле на местото каде што се случувале многубројните чудесни исцеленија. Со запалени свеќи и кадилници, со пеење на духовни песни и молитви, напред одело свештенството, а по нив народот. Настанало големо воодушувување. Кога започнале да копаат, ги откриле моштите на светителите кои што почивале под мермерните плочи, и со неискажлива радост, со молитви, и со божествени песни ги пренеле во новоизградениот храм.
Така Самиот Бог содејствувал со светиот цар Борис во ширењето на благочестието меѓу народот.
Но, благоверниот владетел сè уште имал големи грижи. Народот навистина веќе бил покрстен, имал своја црква, но и покрај досега направеното, тој народ не бил доволно просветен со евангелските вистини. Меѓу него се уште се ширеле остатоците од идолопоклонските суеверија. Грчкото духовништво, кое што дошло од Цариград со архиепископот Јосиф, ги извршувало богослужбите и црковните Тајни на неразбирливиот за народот грчки јазик. Прекрасните богослужби нуделе духовна храна, но таа била недостапна за необразованиот народ. Се сеело добро семе, но тоа не можело да влезе во нивните срца. Кој можел да го просвети тој народ?
Грижејќи се да подготви проповедници на верата од својот народ, светиот цар Борис избирал млади ученици од неговото царство и ги испраќал во Цариград, за таму да се учат на црковниот и монашкиот устав. Тоа се гледа и од едно писмо на патријархот Фотиј до еден грчки подвижник, безмолвникот Арсениј. Нему Фотиј му испраќал ученици од Бугарија да ги учи на вистинскиот монашки пат, со цел така обучените монаси да создадат монашки живот во бугарската држава. Многу од нив требало да го учат народот на христијанската вера, која што самите подробно ја усвоиле во Византија. И, бидејќи знаеле грчки и словенски, тие им проповедале на своите сонародници на разбирлив словенски јазик. Но, тие проповедници биле малку на број. Сите служби во храмовите се извршувале на грчки јазик. А светиот цар Борис сакал да има свештенослужители, кои што ќе ги извршуваат богослуженијата на разбран народен јазик. За таа негова срдечна желба знаеле сите помошници во управата.
Царот непрестајно Му се молел на Бога да ја исполни неговата желба. И Бог го слушнал. Тоа се случило при следните околност:
Две години пред покрстувањето на бугарскиот народ, во 863та година моравскиот кнез Ростислав ги замолил византискиот император Михаил 3ти и патријархот Фотиј да му испратат словенски проповедници и словенски книги. За таа цел биле избрани веќе подготвените двајца солунски браќа свети Константин, во монаштвото наречен Кирил, и свети Методиј.
Свети Кирил, подготвувајќи се за словенски мисионер, пред тоа ја составил словенската азбука и заедно со брата си Методиј превел некои свештени книги. Така двајцата свети браќа, веќе подготвени со преводи на најважните библиски и богослужбени книги, отишле во словенска Моравија, придружувани од своите верни ученици и помошници. Со многу голем успех тие го проповедале словото Божјо и извршувале богослужби на словенски јазик. Но, таквата мисија била попречувана од германското духовништво, кое што наспроти папското одобрение на нивното апостолско дело и преведените книги на словенски јазик, продолжувало да им пречи и да ги гони. Свети Кирил починал многу млад во Рим во 869-та година. Неговиот брат Методиј ја продолжил започнатата апостолската работа меѓу моравските словени. Тој станал епископ во Панонија и не го оставил книжевното дело и покрај многуте гонења, маки и страдања, и со помош на двајца свои ученици извршил превод на речиси целиот Стар Завет и уште некои богослужбени книги.
По смртта на свети Методиј во 885-та година, поради зависта и интригите на германското духовништво, против неговите ученици било покренато вистинско гонење. Некои од нив биле продадени како робови на евреите во Венеција, од каде што еден богат грк ги откупил и ги испратил во Цариград слободни, а други по многу страдања и маки побегнале. Кога пристигнале во Белград на Дунав, тие се претставиле на тамошниот воен началник, барајќи заштита. Тоа биле свети Климент, Наум и Ангелариј. Началникот ги пречекал со голема почит. Тој знаел дека на бугарскиот владетел му се крајно неопходни такви мажи, кои што можат да ја насадат словенската просвета меѓу неговиот народ. Откако разбрал дека од Моравија пристигнале токму такви свети луѓе, ги оставил да одморат од тешкиот пат и уште потешките доживувања, а потоа ги испратил во престолнината на Бугарија - Плиска, како скапоцен дар за новопокрстениот народ.
Благоверниот цар ги пречекал со голема радост и почит. Тие му раскажале детално за сите свои страдања и маки. Откако ги ислушал, светиот цар срдечно Му благодарил на Бога што Му пратил такви благодатни служители, и му подарил учители и благоустроители на верата, и тоа не случајни луѓе, туку свети исповедници и маченици. Потоа Борис заповедал да ги сместат во најдобрите живеалишта, наменети за неговите најблиски пријатели, и да им обезбедат изобилие од неопходните потреби, бидејќи добро знаел дека насочувањето на мислите кон грижите макар и за некоја најмала потреба на телото оддалечува мошне многу од дејностите посветени на Бога. А него самиот го обзела голема желба секојдневно да беседи со нив, да ги изучува историите и житијата на светителите, и од нивните усти да го слуша словото на Светото Писмо.
И болјарите, кои што искрено поверувале во Христа, се натпреварувале кој попрво ќе ги прими светите словенски учители во својот дом, за да можат да се просветат во вистината на новата за нив вера. Но, тројцата свети мажи не се чуствувале добро меѓу пофалбите и градската врева. Тие одбегнувале се што можело да му попречи на нивното смирение и да ги вовлече во светската суета.
Тројцата свети мажи ги донеле од Моравија Светото Писмо и богослужбени книги, преведени на словенски јазик, како што тогаш се зборувало во Бугарија. Во Бугарската престолнина тие го проповедале Словото Божјо на разбирлив јазик и ги просветувале и малите и големите. Народот се собирал да ги слуша. Свети Климент и свети Наум биле сместени повремено во домот на благочестивиот велможа Есхач, а свети Ангелариј - кај Чеслав. Свети Ангелариј, истоштен од доживеаните маки, набргу се упокоил. Останатите двајца просветители потоа биле сместени во за нив новоизградениот манастир, „Свети Пантелејмон“, каде што усрдно се оддале на неуморна книжевна дејност.
Светиот цар Борис Му бил благодарен на Бога, што му ги дарувал свети Климент и свети Наум. Тој често беседел со нив и се повеќе и повеќе во неговото срце се распалувал огнот на Божјата ревност. Но, бидејќи човекот не може, откако ќе пронајде нешто скапоцено, да не ги свика пријателите и соседите и да им каже: „Радувајте се со мене“ (Лука 15, 6), така и светиот бугарски покрстител не можел да ја зачува радоста од добиените сокровишта само за себе, туку требало да ја сподели со целиот свој народ. Тој чуствувал долг кон тие новообратени јазичници, и го слушал во себе гласот на Христа, Кој некогаш му кажал на Савле: „Јас за тоа ти се јавив... да ги отвориш нивните очи, за да се обратат од темнината кон светлината и од власта на сатаната кон Бога, та преку верата во Мене да добијат прошка на гревовите и наследство меѓу осветените“ (Д. А. 26. 16, 18).
Светиот рамноапостолен цар сакал да ги просвети сите, и на сите да им ги отвори очите. Тој во својата ревност го следел големиот апостол на многубожците (свети Павле), и сакал делото на словенската просвета да ја опфати целата држава. За таа цел, откако го оставил свети Наум да работи во манастирот „Свети Пантелејмон“, од каде ќе се просветуваат сите источни области на Бугарија, тој во 886-та година го испратил свети Климент во југозападните предели на неговата држава, во областа Кутмичевица, каде што главни градови биле Охрид, Девол и Главеница. На управникот на Кутмичевица, Домет, му било наредено луѓето од сите овие краишта да го примат свети Климент со љубов и внимание, да набават во изобилие се, да го почестат со дарови и преку видливи знаци да го изразуваат пред сите зачуваното во душата сокровиште на љубовта. А самиот тој, за да даде пример, на свети Климент за црковните потреби му подарил три дворци во Девол и некои места за одмор околу Охрид и Главеница.
Свети Климент тука развил широка просветна дејност: основал училишта, каде што се предавало словенска писменост, го учел народот на христијанско благочестие и подготвил 3.500 ученици за духовни лица. Тие образовани свети Климентови ученици започнале постепено да ги заменуваат местата на грчките свештеници и во богослужбата грчкиот јазик да го заменуваат со словенскиот. Така рамноапостолнот цар Борис со добрата грижа и прекрасното содејство на Премудрата Божја Промисла можел да создаде и да ја види остварена својата заветна желба - неговото царство да има свое духовништво.
Во 893-та година свети Климент бил ракоположен за архијереј и станал првиот словенски епископ, кој што служел и проповедал на словенски јазик, кој бил и официјален јазик во цела Бугарија. Тој напишал и проповеди на народен јазик, и го превел „Цветниот Триод“ и разни духовни песни. Така, на голема радости задоволство на царот, започнала да се развива словенската духовна книжевност. Тој прв словенски и бугарски цар бил многу среќен да ги види исполнети своите земни задачи: народот обединет, владеење на мирот во својата голема татковина, сите покрстени, црквата добро организирана, и словенската писменост поставена на здрава основа. Отсега па натаму се барало од секој иден трудбеник и градител, било на државно или на црковно поле, да внимава како зида (Кор. 3, 10), и да ја вложува сета своја срдечност за доизградување на така успешно започнатото Божјо дело.
Откако направил толку многу за својот народ, светиот цар Борис на крајот почувствувал потреба целиот свој живот да го предаде на Христа Бога. Тој имал таква голема љубов кон Господа и толку многу копнеел да пребива постојано во молитвен разговор со Него, што и најполезните државни дејности ги сметал како пречка за тоа. Неговата ревност да Му се посвети на Бога преку смирен монашки подвиг била потпомогната од благата Божја волја. Промислителот му пратил тешка болест, која конечно ја зацврстила неговата намера да стане монах. И, ете, во 889-та година тој на својот престол го поставил својот најстар син Владимир, а самиот ја соблекол царската одежда, за да се облече во скромно монашко расо. Златната круна тој ја заменил со црна пана -камилавка, заповедништвото со послушание, богатите трпези со воздржание и пост, државниот жезол со прост монашки стап и светскиот шум со безмолвната монашка ќелија. И ангелите се восхитувале на тоа царско себеодрекување, извршено од њубов кон Христа. Светиот цар Борис се откажал од земното царство, но Бог му го подарил небесното.
Царот - монах се населил во новоизградениот манастир „Свети Пантелејмон“, изграден од него, покрај реката Патлејна, за да се подвизува во молитва и изучување на словенските книги. Таму бил свети Наум, соподвижникот на свети Климент, и некои од собраните ученици на свети Методија во Венеција, кои што византискиот император Василиј му ги испратил на помош на светиот цар Борис. Меѓу нив бил и презвитерот Константин, кој што покасно се пројавил како голем писател и книжевник, и станал епископ. Гаму бил и братот на цар Борис, Докс, и неговиот син Теодор Доксов, и Јоан Егзарх, и Црноризец Храбар и уште многу други, чии што имиња не се запишани од земните летописци, туку се запишани на небесата.
Кој ли можел да зирне во безмолвната ќелија на царот - монах, и да ги опише неговите тајни подвизи, неговите скриени воздишки и непрестајните молитви кон Седржителот? Ако тој уште како цар, дење облечен во царски одежди, а ноќе тајно одел во црквата, и откако си постилал власеница, и долго останувал на подот шепотејќи ја молитвата пред Едниот Владетел на вселената, пред Царот над царевите и пред Господарот над господарите (1 Тим. 6, 15), тогаш колку повеќе сега во монашката осаменост се посветувал на молитвените подвизи. Тој се молел за себе си, за новопокрстениот народ и за успех на апостолското дело на просветителите. А и самиот непрестајно содејствувал за создавањето на новото свештенство, словенското богослужение и на словенските книги.
Но, невозможно едуховниот живот да протече без искушенија. Бог ги допушта, за да ја испита верноста на своите слуги, и да ја утврдува нивната вера и нивната ревност. И во животот на царот подвижник се случило тешко испитување. Непријателот на човечкото спасение му завидувал на светиот цар за многуте негови богоугодни дела, извршени со таков успех, и решил да направи метеж во целата држава. Кога видел како целиот народ се обратил кон Бога, кнезот на адската темнина се обидел да ја воспостави власта на мракот. Како оружје за таа цел му послужил Владимир. Тој недостоен наследник на праведниот цар, не одел по стапките на својот богобојазлив татко, туку се предал на лекомислен живот. Забавите, пијанството, гоштевките и развратот го сочинувале неговото секојдневно занимање. Сето тоа било изобличувано од христијанските свештени книги, каде што се запишани зборовите на Христа: „Внимавајте на себе, вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување, пијанство и грижа за овој свет“ (Лука 21, 34); и зборовите на свети апостол Павле „Да одиме чесно како дење - не во срамни гоштевки и пијанство, не во блуд и нечистотија“ (Рим. 13, 13). И бидејќи Владимир бил силно изобличуван од божествените слова на христијанските свети книги, тој го намразил христијанството и Неговата светлина според Неговите зборови: „Секој што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави“ (Јован 3, 20).
Подобно на нечестивиот израилски цар Ахав (3 Цар. 18, 18), Владимир со својот лош пример почнал да го развратува народот. Здружен со некои болјари, кои што исто така отстапиле од строгото христијанство, тој нов Јулијан Отстапник започнал насилно да ги враќа своите поданици кон идолопоклонската вера. Превзел дури и отворено гонење против духовништвото, затоа што бил укоруван поради неговиот лош живот. Жртва на неговата одмазда меѓу другите станал и главата на бугарската црква, архиепископот Јосиф. Тој бил фрлен во затвор и жестоко мачен, но својата вера ја исповедал до крај. Гледајќи како невино страда за Христа, народот почнал да го почитува како светител.
За кратко време Владимир растурил сè што со толку труд било изградено пред него. Според зборовите на Светото Писмо, тој го поразил пастирот, за да го растури стадото (Матеј 26, 31). Ги прогонувал христијаните, го обновил идолопоклонството, се противел на словенската писменост и со својот богопротивен живот продолжил да сее соблазни.
Сето тоа не можело да се сокрие од светиот цар. Извесно време тој го трпел, кротко го советувал, но синот останал горд и непокорен. Тогаш во светиот покрстител пламнала ревноста на свети Илија кон Бога и Божјото дело, и тој го соблекол од себе монашкото расо, повторно ги облекол царските одежди и го препашал некогашниот меч. Околу себе ги собрал оние што се бојат од Бога, излегол против својот син, го фатил без тешкотии, и заповедал да го ослепат и да го фрлат во затвор.
Оној, кој што сакал да ја одземе светлината на целиот народ и да ги ослепи оние кои само што духовно прогледале, требало да добие соодветна казна, да биде лишен од дневната светлина, за да се научи да не му робува на кнезот на темнината, а да се отрезни и да се покае, та, кога ќе прогледа со своите духовни очи, да не биде лишен од вечната небесна светлина. Во тешката мака, наложена од православниот татко, се содржела скриена милост. Владимир бил казнет тука, та покајан да биде помилуван од Бога во другиот свет, според зборовите на апостолот: „Бидејќи така судени, од Господа сме казнети, за да не бидеме осудени заедно со светот“ (Кор. 11, 32).
Веднаш потоа, откако го отстранил Владимир, светиот цар Борис го ослободил Јосиф од затворот, свикал поместен собор во Преслав во 893-та година, на кој што објавил дека Владимир го тргнал од престолот а на неговото место го поставил Симеон, својот најмлад син. Ревносниот цар - праведник пред целиот собор на новиот цар му рекол дека и него ќе го снајде судбината на неговиот брат, ако во нешто отстапи од вистинското христијанство. На тој собор крепоста Преслав била определена за престолен град, официјално грчките богослужбени книги биле заменети со словенски, словенскиот јазик бил објавен за официјален во државата, црквата и училиштето. На тој собор свети Климент бил ракоположен за епископ и поставен за глава на големата Охридска Епархија. На негово место, како продолжувач на неговото учителско дело во Кутмичевица, бил испратен свети Наум.
Така светиот цар Борис успеал да ги уреди сите недовршени државни, црковни и просветни проблеми, воспоставил мир во својата земја, го поставил понатамошниот развој на општествените работи врз цврста основа, и откако го завршил сето тоа, повторно се вратил во својот манастир „Свети Пантелејмон“, за да се оддаде на подвиг во молитва, пост, бдение, воздржание и непрестајни покајни трудови. Тој продолжил да ги подпомага и подржува словенските учители во книжевните активности и да го следи развојот на новосоздадената Црква и на словенската книжевност. Макар и целосно одделен од државните дела, тој продолжил да бдее и над управувањето со земјата и во тешките моменти му давал спасителни совети на младиот цар Симеон. Така, кога во 895 година унгарците неочекувано ја нападнале Бугарија и во почетокот имале успех, бугарските воени началници, откако не знаеле што да прават, се обратиле кон него да ги посоветува што да сторат за отстранување на страшната опасност. Тој на целиот народ му назначил тридневен пост, откако при тоа им напомнал дека првин е потребно покајание за гревовите, а потоа молитви кон Бога за помош. Сите го послушале советот на својот свет цар и победиле.
Уште 14 години царот монах живеел во манастирот „Свети Пантелејмон“, невознемируван од никакви пречки за мирот во државата. Исполнет со благодат, украсен со добродетели, одухотворен од непрестајното молитвено богоопштење и копнеж за што поблиско општење со Бога во вечноста, тој светоносен благодетел на бугарскиот и на словенскиот народ, подобно на догорена свеќа во жртвен подвиг, најпосле, на 2 мај во 907 година, мирно ги затворил своите очи. Сонцето на Бугарија и на јужните Словени зајде зад планините на неговите земни денови што Бог му ги определи, за да изгрее како себугарско и сесловенско светило на небото, откаде што невидливо ќе свети над нашиот покрстен и веќе богопросветен народ и да Го моли непрестајно Царот над царевите да го заштити од напасти и беди и да раководи со неговите судбини низ морето на годините кон тивкиот залив на блажената вечност.
Смртта на светиот цар Борис настапила во сабота навечер, според сведоштвото на внукот од неговиот брат Теодор Доксов, кој исто така се подвизувал во манастирот „Свети Пантелејмон“. Саботното вечерно богослужбено пеење, кое што не известува за големата победа на Христово Воскресение над смртта, како благоухајно кадило се разнело од манастирската црква кон небесниот престол на Бога; а заедно со него кон висините полетала и праведната душа на царот монах, кој со својот благодатен подвиг и со Христовата помош ја победи духовната смрт на својот народ, откако го извади од мракот на идолопоклонскиот гроб кон светлината на Христовото воскресение, и од темната ноќ на вечната погибел, во радосниот незалезен ден на светлата вечност.
Блажениот Теофилакт вели дека Бог го прославил светиот цар Борис со чудотворна сила, која што се излевала од неговите свети мошти, загубени низ вековите „поради нашите гревови и поради многите преврати на многустрадалниот бугарски и словенски народ“. Светата Православна Црква го вброила овој величествен цар - покрстител кон ликот на светителите. Покрај Преславската и Охридската, за светител го признала и Цариградската Црква, како што се гледа од посланието на Цариградскиот патријарх Николај Мистик до царот Симеон, каде што тој пишува:
„Сега Борис се наоѓа заедно со светителите и стои пред Бога, удостоен со голема пофалба за неговото свето дело, кое што пред Бога го направил за својот народ, имено за тоа, дека ја поставил основата на неговата вера, за што со право се почитува“.
По молитвите на светиот цар Борис, Семилостивиот небесен Цар да го чува нашиот македонски народ од секакво зло и да ни дарува мир и голема милост и напредок во се, за преку тоа да се прослави прекрасниот во Своите светии Бог и да се велича Неговото име во срцето на верните православни христијани во вечни векови. Амин!
Тропар:
Исполнет со страв Божји, си бил живеалиште на Светиот Дух; си ја утврдил Христовата вера, си го оставил престолот и царскиот жезол, богоблажени цару Борисе. Си се населил во пустината, си расцветал во подвизи и си нашол благодат пред Господа. Сега, стоејќи пред престолот на Севишниот, моли Го Христа Бога да му даде на православниот народ мудрост и сила, а на нас, кои ти се молиме, спасение на душите наши.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОРДАН ЧУДОТВОРЕЦОТ
Се преставил во мир.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ САВА епископот на Дафнусија
За својот доблесен живот во Бога што го водеше уште од детството во секое благочестие, чистота и страв Божји, преподобниот Сава со соборна одлука беше избран за епископ во Дафнусија. Мудро управуваше со црквата и богомудро ги учеше верните цврсто да се држат до вистинската и побожна вера; многумина обрати од идолопоклонството и ги крсти. Го помина животот во богољубие и отиде кај Господа, Кого од детството го сакаше.