16. Мај (3. Мај)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТИМОТЕЈ И МАВРА
За време на гонењето на христијаните од страна на незнабожниот римски цар Диоклецијан, во Тиваида за таа работа беше одреден намесникот Ариан". Меѓу христијаните кои беа изведени на иследување пред намесникот Ариан беше и Тимотеј, чтец на црквата во своето место“. Беше од населбата Перапеа, млад, само што стапил во брак со девојката Мавра. По дваесет дена од нивното венчавање, тој беше фатен од незнабошците како христијанин и изведен пред намесникот на суд. Кога го здогледа, намесникот го праша:
- Кој си ти, и со какво звање?
Тимотеј одговори:
- Христијанин сум и чтец на црквата Божја.
Намесникот го праша:
- Зарем единствено ти не си слушнал за царската наредба, според која треба да загине секој што не им принесува жртви на нашите богови?
Тимотеј одговори:
- Исус Христос живее во мене и затоа не им принесувам жртви на вашите богови.
Намесникот го праша:
- Зарем не ги гледаш приготвените орудија за мачење околу тебе?
Тимотеј одговори:
- А ти не ги гледаш ангелите Божји кои ме крепат,
Тогаш намесникот му рече:
- Дај ми ги твоите книги, за да ја сфатам силата што е во нив.
Тимотеј му одговори:
- Безумен и потполно неразумен човеку, кој човек ги предава своите деца на смрт?
- Зарем не знаеш дека моите книги се мои деца и кога читам книги за Бога, околу мене стојат ангели Божји?
Намесникот му рече:
- Ти не сакаш ниту да им принесеш жртви на боговите, ниту да ми ги покажеш своите книги. Внимавај на твојата дрскост.
Свети Тимотеј му одговори:
- Ниту ќе им принесам жртви на боговите, ниту ќе ги изнесам своите книги пред незнабошците.
Тогаш разгневениот намесник нареди да донесат два вжештени железни стапа и да ги стават во ушите на маченикот. Тоа беше сторено. Од неподносливите болки на светителот му истекоа и двете очи. Слугите му рекоа на свети Тимотеј:
- Ете, ги изгуби своите очи затоа што не сакаш да им принесеш жртви на боговите.
Свети Тимотеј одговори:
- Моите телесни очи ослепеа, но духовните, спасени од мојот Господ Исус Христос, ја просветлуваат мојата душа.
Намесникот нареди да му ги врзат рацете наопаку, да му стават парче дрво во устата, да го обесат со главата надолу, и да му врзат тежок камен за вратот. Светиот маченик погледна во небото и рече:
- Има Бог на небото. Он е во состојба да ме избави од овие маки.
Ова мачење беше многу тешко за свети Тимотеј, та и слугите се сожалија и го молеа намесникот да се потруди да го придобие со милост, и го известија намесникот дека Тимотеј е младоженеци дека има млада жена.
Намесникот веднаш нареди да ја доведат жената на Тимотеј, и ја праша:
- Како се викаш?
Таа му одговори:
- Се викам Мавра.
Тогаш намесникот и рече:
- Ја жалам твојата несреќа, зашто толку млада ќе станеш вдовица. Ти наредувам: облечи се во најубав фустан, украси го своето лице, та појди кај својот маж и наговори го да им принесе жртви на боговите. Ако успееш ќе те наградам со многу дарови, злато и сребро.
Мавра постапи според наредбата на намесникот, и многу го молеше својот маж, макар привремено да ја исполни волјата на намесникот, и да се избави од страшните маки. Но, тој не можеше да и одговори ништо, бидејќи имаше дрво во устата. Откако му го извадија дрвото од устата, и чувствувајќи го мирисот од облеката на Мавра, слепиот Тимотеј силно викна:
- Каде е мојот татко, презвитерот Пиколпос?
- А таткото, кој стоеше меѓу народот и го гледаше страдањето на својот син, му пријде и го праша:
- Што сакаш, блажени сине мој?
Тимотеј одговори:
- Те молам, оче, покриј ми го лицето, за да не го чувствувам душецогубниот мирис што се шири од женската облека, и ги мами луѓето во погибел.
Мавра му рече:
- Драги Тимотеј, зошто така ме понижуваш? Јас не те навредив со ништо. Изминаа дваесет дена откако се венчавме и ти се уште не ме познаваш. Јас сум далеку од порокот за кој ме обвинуваш, зашто не сум се забавувала со ниеден човек. Сега плачам гледајќи те во такви маки, и срцето ме боли што така невино страдаш и ќе ме оставиш вдовица. Но, можеби многу си се задолжил, па доброволно си се предал на смрт поради заемодавецот? Ако е така, ќе ја продадеме нашата најубава облека, и ќе го исплатиме долгот. Ако треба ќе продадеме се.
Но, на ваквите зборови свети Тимотеј и рече:
- Сестро моја, кога со своите душевни очи те видов како излегуваш од дома, го видов и ѓаволот од твојата десна страна. Тој во рацете имаше клуч со кој твоето срце го враќаше назад кон светот.
На тоа Мавра му рече:
- Брате мој, Тимотеј, јас те барам тебе. А кога потоа ќе те барам, каде ќе те најдам? Ете, ќе дојде сабота или недела. Кој ќе ги чита твоите книги тогаш?
Свети Тимотеј и одговори:
- Остави ја таштината на овој привремен свет, па ајде со мене на овој прекрасен подвиг. Нашиот Бог за овој наш подвиг, за нашето доброволно предавање на смрт заради Него, ќе ни ги прости сите гревови и ќе не удостои на венци во Царството Свое.
Мавра рече:
- Кога тргнав кон тебе, моето срце навистина беше исполнето со световна пристрасност. Но, кога ти започна да ми зборуваш, Духот Божји влезе во мене. Знај, мој возубен брате, дека и јас го сакам тоа што и ти.
Свети Тимотеј и одговори:
- Ако ја зборуваш вистината појди кај намесникот и изобличи го за неговото безбожие.
На тоа Мавра му рече:
- Се плашам, брате мој, дека нема да можам да ги поднесам маките, зашто сум многу млада и имам седумнаесет години.
Свети Тимотеј и одговори:
- Надевај се во нашиот Господ Исус Христос, па маките за тебе ќе бидат како елеј кој се излева врз твоето тело и ги олеснува сите болки.
Потоа светиот маченик започна да се моли на Бога за неа, говорејќи:
- Боже на секоја благодат! Ти си им испратил помош на Трите Момчиња во огнената печка. Си го избавил Данил од лавовските усти. На пророкот преку пророкот Авакум си му испратил храна. И сега Господи, Ти погледни на слугинката своја Мавра! Ти не соедини во брак. Соедини не и сега во овој подвиг, за да не бидеме одлачени од ликот на Твоите свети маченици. Дај ни, Господи, за тебе јуначки да поднесеме маки и смрт, за да се посрамат противниците наши, не можејќи да не разделат од еднодушната слога што ја имаме во Исуса Христа, Кому со Отецот и Светиот Дух слава за навек, амин.
Откако се помоли за својата сопруга, таа, поттикната од Светиот Дух, отиде кај намесникот, застана пред него и рече:
- О, безбожен намеснику! Ти ми ветуваше злато и сребро, сакајќи да ја погубиш мојата душа. Нема да ме победиш со никакви соблазни, зашто излегов пред тебе облечена во оружјето на мојот Господ Исус Христос.
Тогаш намесникот Аријан им рече на своите советници:
- Зарем не ви реков дека Тимотеј е маѓепсник? Тој ја маѓепсал и својата жена, за да ни се противи.
Потоа и рече на Мавра:
- И ти ли ја одбра смртта? Размисли малку и сфати дека ќе умреш во горки маки. Но, ти, можеби, предвидувајќи ја смртта на својот сопруг, си решила да умреш заедно со него? Немој да се вознемируваш и да тагуваш. Нема да бидеш вдовица. Јас ќе те омажам за еден од најбогатите мои стотници, за да уживаш во овој живот.
На тоа блажената Мавра му одговори:
- Јас се одреков од овој минлив свет, и не ми е потребен твојот стотник. Вистината ти ја зборувам. Јас му се заветив на небесниот женик Исус Христос, цврсто се надевам во Него, и не се плашам од твојот неправеден суд.
Разгневен, намесникот нареди да и ја искорнат косата. Кога беше сторено тоа, намесникот и рече:
- Ете, косата ти е целосно искорната. Те советувам да им принесеш жртви на боговите, за да не бидеш ставена на уште потешки маки Света Мавра му одговори:
- Сега знам дека мојот Христос ме прими кај Себе, простувајќи ми го гревот што го сторив во незнаење, кога те послушав и ја уредив својата коса за соблазна на мојот блажен сопруг. Ти добро направи што ми ја искорна косата, зашто така го тргна гревот од мене.
Разјарениот намесник нареди да ѝ ги отсечат прстите и да ги фрлат далеку. Света Мавра му рече:
- И со ова ми правиш добро, зашто на прстите ставав соблазнувачки накити, па тргна и друг грев од мене. Затоа се радувам и сум спремна на секакви маки.
Намесникот се восхитуваше на нејзиното трпение, а презвитерот Пиколпос, таткото на Тимотеј, стоејќи во близина и рече:
- О, ќерко моја, како го поднесе отсекувањето на твоите прсти?
Света Мавра му одговори:
- Татко, како што ти го гледаш лозарот кој ги реже лозите и ги фрла отпадоците, така и јас го гледав отсекувањето и отфрлањето на моите прсти, и не чувствувам болка.
Потоа намесникот Аријан нареди дванаесет војници да наполнат со вода еден огромен казан и во врелата вода да ја фрлат света Мавра. Таа стоеше во казанот неповредена и му велеше на намесникот:
- Повторно ти благодарам што нареди да ме измијат и исчистат од гревовите мои, за со чисто срце да Му пристапам на мојот Бог и да го примам венецот на животот. Страдањата се мое спасение во мојот Господ Христос. Само си избрзал, зашто водата е се уште студена и јас не чувствувам топлина, како што претходно не чувствував ни маки.
Многу бесен, намесникот помисли дека војниците од сожалување кон младата жена ја истуриле врелата вода и наполниле студена, за да остане жива, и тие да можат да ги задоволуваат своите телесни желби. Затоа тој скокна од својот стол и поита кон казанот да види дали навистина водата е студена. И рече на света Мавра да му стави малку вода во раката, а таа му одговори:
- Водата навистина е многу студена. Затоа, ако немаш со што да го загрееш казанот, испрати некој кај мојот татко и тој ќе ти даде дрва. Тој е дрводелец.
Светителката му изли вода во рацете на намесникот и толку го изгоре што кожата му отпадна од раката, па тој вресна и извика:
- Благословен е Мавриниот Бог, и нема друг Бог освен него!
Откако го рече тоа, нареди да ја пуштат Мавра. Но ѓаволот повторно влезе во неговото срце, и го поттикна да истапи против оние што ја имаат правата вера во Бога и чиста совест. Тој ја повика маченицата кај себе и и рече:
- Мавра, престани да се надеваш во Христос и веднаш принеси им жртва на боговите.
Светителката му одговори:
- Јас нема да им принесам жртва на идолите, зашто го имам Господ Исус Христос, Кој ме штити.
На тоа намесникот и рече:
- Устата ќе ти ја наполнам со жар.
Светителката му одговори:
- Во своето безумие ти не сфаќаш што правиш. Ти ќе ми ја наполниш устата со жар, за вистински да се исчистам од гревовите што сум ги сторила со устата и јазикот. Зашто и мојот Господ, кога ја покажа Својата слава на пророкот Исаија и го удостои да го чуе пеењето на Ангелите, сакајќи да го исчисти од гревовите, кај него испрати Серафим со жар во раката, земен со клешти од олтарот, И ги допре усните на пророкот со жарта, говорејќи: „Еве, ова се допира до твоите усни, и се зеде твоето беззаконие, и гревот твој се исчисти“ (Ис. 6, 6-7). И кога пророкот со еден допир на жарта доби простување на гревовите, тогаш те молам, наполни ја со жар, не само мојата уста, туку и лицето и главата, па и целото мое тело изгори го, за да станам благопријатен мирис Христов. Бог, Кој некогаш ги очисти гревовите на пророкот, ќе ме очисти и мене.
Намесникот се ужасна од ваквите зборови, но истовремено и се разгневи, па нареди да донесат кандило полно со сулфур и смола, и да ја горат маченицата. Тогаш народот повика кон намесникот:
- До кога ќе измислуваш нови маки за младата жена? Престани веќе со својата јарост. Ние многу се восхитуваме на нејзиното трпение.
А света Мавра се обрати кон народот и рече:
- Мене не ми е потребна вашата помош и заштита, зашто мој заштитник е Бог, во Кого се надевам.
Додека ја гореа со кандилото, таа му велеше на намесникот:
- Ти мислиш да ме уплашиш со ова бедно кандило! Зарем не ме испита доволно со претходните маки? Ако сакаш фрли ме и во вжештена печка, па ќе ја видиш силата на мојот Христос, чија што слугинка сум јас. Бог, Кој ме повика на овој подвиг преку мојот блажен сопруг Тимотеј, нема да ме остави.
Победен од зборовите и делата на светата маченица, и незнаејќи какви маки да измисли за неа, намесникот нареди и двајцата да ги распнат на крст, еден спрема друг. Кога ги водеа на распнување ги сретна мајката на Мавра, која, прегрнувајќи ја, и рече:
- Ќерко моја, зошто ме оставаш? Кој ќе го носи твојот накит? На кого ќе припаднат среброто, златото и скапоцените фустани?
Света Мавра и одговори:
- Златото и среброто пропаѓа. Фустаните ги упропастуваат молците и убавината на младото лице со текот на времето свенува, а венецот на Исус Христос е бесмртен и вечен.
И мајката не можеше да и одговори ништо на овие зборови. Светата маченица тргна кон крстот, говорејќи и на својата мајка:
- Зошто ме одделуваш од крстот и не ми даваш да се насладам со мојот Господ, на Кого ќе се уподобам со својата смрт?
Тогаш војниците ги распнаа светите маченици Тимотеј и Мавра, поставувајќи ги со лицето еден спрема друг. Висејќи така на крстовите, тие останаа живи полни девет дена, советувајќи се и храбрејќи се меѓу себе во трпението. При тоа блажената Мавра му рече на Тимотеј:
- Да внимаваме случајно да не заспиеме, та кога ќе дојде нашиот Господ да не не најде заспани, па да се разгневи. Во домот на човекот кој не спие, запалената свеќа ги одвраќа крадците од упад. Да стражариме и постојано да се молиме, за Господ да не затекне во очекување на Неговото доаѓање. Така ни врагот нема да се дрзне да ни напакости.
По некое време света Мавра му рече на свети Тимотеј:
- Бдеј, брате мој, зашто видов како пред мене стои човек со полна чаша млеко и мед во раката. Ми ја даваше чашата да ја испијам, а јас го прашав кој е. Тој ми одговори дека е ангел Божји. Јас му предложив заедно да се помолиме на Бога, а тој ми рече дека се сожалил на мене затоа што сум гладна и жедна, па дошол. Јас повторно го прашав кој го поттикнал да ми укаже внимание кое не ми е потребно, зашто Бог им го дава невозможното на оние што Му се молат, и започнав да се молам. И додека се молев, видов како човекот со чашата се сврте од мене кон запад, и јас веднаш сфатив дека е ѓаволско привидение, кое сака да не искушува на крстот. Привидението исчезна. Потоа ми пријде друг човек, и ми се стори дека ме одведе кај една река, од која што течеше мед и млеко, и ми рече да пијам. Јас одговорив дека нема да земам ништо овоземно додека не ја испијам чашата на смртта за мојот Господ Христос.
Додека го зборував тоа, оној човек пиеше од реката и одеднаш исчезна и тој, И реката со него. Потоа видов трет човек, прекрасен на изглед, кој излезе пред мене со лице блескаво како сонце. Тој ме фати за раката, ме однесе на небото, и ми покажа престол на кој имаше бела облека и прекрасен венец. А јас, восхитувајќи се на таа убавина, го прашав мојот водач:
- Чие е ова, господине?
Тој ми одговори:
- Ова е твојата награда за подвигот твој. Подготвен ти е овој престол, и облека и венец.
Потоа водителот ме однесе малку повисоко, и ми покажа втор престол, исто така подготвен, и бела облека и венец. Јас повторно го прашав мојот водач:
- А ова, чие е?
Тој ми одговори:
- Тоа е за твојот сопруг Тимотеј.
Јас се осмелив да прашам:
- Зошто престолите се оддалечени еден од друг?
Тој ми одговори:
- Затоа што има голема разлика помеѓу тебе и твојот сопруг. Зарем не знаеш дека ти по негов совет зеде на себе маченички подвиг, и дека тој е виновник за твојот венец? А сега, врати се во своето тело. Наутро во шест часот ќе дојде ангел Божји да ги земе вашите души и да ги вознесе на небото. Сепак бдејте, за врагот повторно да не започне да ве искушува.
Ова видение света Мавра му го раскажа на својот брат Тимотеј и тие заедно се тешеа во Господа. Во десеттиот ден, во шест часот наутро, дојдоа ангели Божји да ги земат душите на светите маченици. Тогаш света Мавра, обраќајќи се кон народот кој стоеше и го гледаше нивното страдање, рече:
- Браќа и сестри, сетете се дека сме го завршиле животот меѓу луѓето, но и дека сме го твореле Божјото, како слуги Божји. Еве, наскоро ќе примиме бесмртни венци од нашиот Господ Исус Христос. Така и вие, вршејќи го она што го бара човечката природа, трудете се да го правите она што Му е угодно на Бога, па ќе добиете простување на гревовите и ќе примите венци од истиот Господ и Бог наш.
Кога света Мавра ги изговори овие зборови, веднаш и двајцата ги предадоа своите души во рацете Божји во 286-та година. Така нивното страдање заврши со венецот на правдата во нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух слава низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПЕТАР ЧУДОТВОРЕЦОТ
Родно место на преподобниот Петар е Цариград. Се роди од богољубиви родители. Тие одлучија нивното семејство да се замонаши. Откако се замонашија неговите родители, беа потстрижани и неговите двајца постари браќа. Угледувајќи се на нив, по нив и Петар стапи во монаштвото, заедно со својот најмлад брат Платон. Како монах, блажениот Петар се оддаде на монашкиот живот со таква ревност, што во подвизите ги надмина своите врсници. Затоа стана образец и пример не само за своите браќа, туку и за сите монаси. Заради високиот подвижнички живот, тогашниот патријарх Николај! многу го засака Петра. Восхитувајќи се и ценејќи го, патријархот сакаше да го посвети за епископ. Но, Петар го одбегна тоа, сметајќи се за недостоен. Тогаш патријархот го хиротониса неговиот брат Павле за епископ на градот Коринт. А преподобниот Петар, бегајќи од патријарховото настојување да го прими епископскиот чин, отиде со својот брат, архијерејот Павле, во Коринт, и таму помина долго време во безмолвие, но не го доврши својот подвиг. Во тоа време се упокои епископот на градот Аргос и жителите на тој град дојдоа кај епископот Павле во Коринт, молејќи го за епископ да им го хиротониса својот брат Петар. Но, блажениот Петар побегна и го немаше долго време. Кога се врати, на упорните молби од својот брат и трогнат од неговите солзи, најпосле се согласи.
Како епископ, блажениот Петар целосно му се посвети на својот позив. Многу се грижеше за благолепието на црквите и за свештенството. Во давањето на милостиња одеше дотаму што често и својата кошула ја даваше на сиромашните. Ги хранеше сирачињата, им помагаше на вдовиците, и тајно им делеше милостиња на сите неволни. Кога една година настана глад во Пелопонез, овој светител прехрани многу илјади гладни души. Во тоа време еднаш се случи во ковчегот да му остане малку брашно. Но, за чудо светителот виде дека тој повторно е полн со брашно. Така цела година ги хранеше не само неволните и ништите, туку и своите луѓе. Беше многу милосрден и жалостив. Ги откупуваше робовите и ги ослободуваше слабите од рацете на насилните и нечувствителните. Освен тоа, тој исцели една бесомачна девојка, ја претскажа бедата што требаше да го снајде Пелопонез и го предвиде денот на својата смрт.
Поживеа седумдесет години, направи безброј добри дела и ја предаде својата блажена душа во рацете Божји. И по неговата смрт благодатта на Светиот Дух очигледно присуствуваше во неговите свети мошти, зашто тие точеа миризливо миро, истеруваа демони и исцелуваа од разни болести. Сето тоа јасно укажува за блаженството и славата кои преподобниот ги доби на небото.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДИОДОР И РОДОПИАН
Овис свети маченици пострадаа во 302 година во времето на царот Диоклецијан. За верата Христова тие поднесоа многу маки од своите сограѓани во градот Афродисија, кој се наоѓа во Карија. Најпосле беа затрупани со камења. Така тие ги предадоа своите свети души во рацете Божји, и за својот подвиг добија венци од Бога.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН И БОГОНОСЕН ОТЕЦ ТЕОДОСИЈ ПЕЧЕРСКИ
По преподобниот и богоносен Антониј Печерски големосветило на Руската Црква и славен подвижник на светата и чудотворна Киево-Печерска Лавра беше нашиот преподобен и богоносен отец Теодосиј, прославен од Бога со многубројни подвизи и чудеса. Подробни податоци за житието на овој славен маж ни сочувал преподобниот Нестор, летописецот Печерски. Како верен небесен сведок, преподобниот Нестор ни предлага веродостојни податоци за житието на преподобниот Теодосиј. Врз осноат на тоа житие е составенои и ова, но во нешто поскратен облик.
Нашиот преподобен и богоносен отец Теодосиј се роди во Рускиот град Васиљев, од побожни родители. Родителите својот син од мал го воспитуваа во побожноста. Кога потпорасна, тие го дадоа да учи книга. Теодосиј брзо и темелно го проучи Светото Писмо, така што сите сè восхитуваа на неговата мудрост и памет. Уште од мал, Теодосиј секој ден ревносно одеше во црквата и внимателно слушајќи се што се чита и пее таму, постојано остануваше до крај на богослуженијата. Уште во тие години тој ги одбегнуваше своите врсници и не земаше учество во нивните детски игри.
Кога имаше тринаесет години, неговите родители се преселија во градот Курск, кој се наоѓа близу центарот на Руската земја. Тука наскоро праведната душа на неговиот татко се пресели во небесните живеалишта. Тринаесетгодишниот Теодосиј живееше со својата мајка, растејќи и со телото и со благодатта Божја. Како очевидец на крајот на животот на својот татко, тој започна уште поревносно да се грижи за својот вечен неминлив живот. Чезнеејќи за богоугодните дела, се одалечуваше од сите светски уживања, престана да носи скапа облека и беше задоволен со искината. Единствена желба му беше да се спаси.
Во тоа време се случи Теодосиј да сретне поклоници кои патувале за Ерусалим. Заинтересиран од нивните кажувања, во него пламна огромна љубов спрема Светите Места. Тој се договори со нив, и тајно од својата мајка тргна да ги посети Светите Места, каде Спасителот свето живееше и Својата скапоцена крв ја проли заради нашето спасение. Мајката три дена со солзи го бараше по градот, се додека не дозна каде отишол. Тогаш таа со помалиот син поита по него, и кога го стигна, онака налутена започна силно да го тепа, фрлајќи го на земјата и газејќи го. Потоа врзан го дотера дома и го затвори во собата. Теодосиј тоа го поднесуваше без роптање и со благодарност. Најпосле мајката се сожали на него, го пушти и со солзи го молеше повеќе да не бега од дома. Потоа Теодосиј повторно им се врати на претходните подвизи, и како порано, секој ден одеше во црквата.
Откако забележа дека во црквата често не се служи Света Литургија затоа што нема просфори, Теодосиј одлучи сам да подготвува леб кој што се принесува како жртва на Господа. Започна да купува пченица, да ја меле, да пече просфори и да ги носи во црквата за жртва на Бога. А кога ќе добиеше пари од оние што ги земаа просфорите и ги даваа за проскомидија, тој тие пари ги раздаваше на ништите. Теодосиј водеше таков живот повеќе Од две години, не обраќајќи внимание на препреките, зашто поттикнати од врагот, неговите врсници го исмеваа, а мајка му му велеше:
- Те молам, чедо, остави ја таа работа, зашто му носиш потсмев на нашето семејство.
А блаженото момче смирено и одговараше:
- Те молам, мајко, сослушај ме. Самиот наш Господ и Бог Исус Христос се понижи Себе заради нас, давајќи ни пример и ние да се понижиме заради Него. Самиот Тој на Тајната Вечера го претвори лебот во Свое Тело. Зошто тогаш да се укорува човек кој подготвува леб, над кој ќе се изврши оваа голема тајна, претворања на лебот во тело Христово? Мајката се восхити од мудроста на момчето и оттогаш го остави на мир. Но, ѓаволот не престануваше да ја поттикнува да му брани да спрема просфори. По една година, мајката, здогледувајќи како Теодосиј се изгорел печејќи просфори, започна повторно да го наговара да го остави тоа. Тоа го повторуваше понекогаш галејќи го, понекогаш претејќи му, а понекогаш и тепајќи го. Не знаејќи што да прави, блаженото момче една ноќ кришум замина во најблискиот град. Таму се насели кај еден презвитер и продолжи со својата вообичаена работа. Но, мајката повторно го пронајде, го натепа и го врати дома во Курск. Градоначалникот ја забележа смиреноста на Теодосиј, и гледајќи го како постојано побожно се моли во црквата, и усрдно прислужува, му поклони прекрасна облека. Но, тој ја носеше кратко време, па ја даде на еден сиромав. Тој постапи така многу пати.
Потоа блажениот Теодосиј отиде кај еден ковач и си порача железен појас во вид на синџир. Тој појас го опаша врз своето голо тело и го носеше постојано. Но, бидејќи беше тесен, појасот се повеќе се врежуваше во неговото тело. На еден празник градоначалникот му нареди на Теодосиј да појде кај него и на ручекот да им прислужува на гостите. По тој повод неговата мајка му предложи да се облече во празнична облека. Додека се облекуваше, таа забележа крв на неговата кошула, иако тој се трудеше да го прикрие тоа. Мајката го забележа железниот појас врежан во телото, се разлути, му ја искина кошулата и, тепајќи го, го симна појасот од него. А блажениот се облече како да не го снашла никаква беда, и отиде кај градоначалникот каде за време на ручекот служеше со голема скромност.
По извесно време Теодосиј ги слушна во црквата Господовите зборови од Евангелието: „Кој сака татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за мене. Моја мајка и браќа мои се оние кои го слушаат словото Божјо и го извршуваат (Матеј 10, 37; Лука 8, 21). Воодоушевен и понесен од овие зборови, Теодосиј тајно отпатува во Киев. Овде слушна за преподобниот Антониј, кој водеше строг монашки живот. Отиде кај преподобниот старец и му се поклони, молејќи го да го прими кај себе. Преподобниот Антониј му одговори:
- Чедо, самиот гледаш колку е бедна и тесна пештерата. Не ќе можеш да издржиш во неа.
На тоа боговдахновеното момче со умиление одговори:
- Чесен оче, знај дека Христос Бог, Кој промислува за сите, ме доведе пред твојата светиња, сакајќи да сè спасам преку тебе. Затоа ќе извршувам се што ќе ми наредиш. Тогаш преподобниот Антониј со љубов го прими, го благослови, го довери на искусниот монах, блажениот јеромонах Никон, кој набрзо го потстрижа. Така Теодосиј беше потстрижан во својата 23 година, набрзо по смртта на благоверниот кнез Јарослав Владимирович.
Откако го прими светиот монашки чин, преподобниот Теодосиј целосно Му се предаде на Бога и на својот богоносен старец Антониј, и се оддаде на големи подвизи. Совладувајќи го сонот, тој по цела ноќ бдееше во славење на Бога, и раскинувајќи се себеси со воздржанието и постот, по цел ден работеше разни тешки работи. На таквото смирение, бдение и трудоњубие на младиот монах се восхитуваа дури и преподобниот Антониј и блажениот Никон, и Го прославуваа Бога за тоа. Меѓутоа, во меѓувреме мајката долго го бараше својот син Теодосиј, не само во својот град, туку и по околните градови и по целата околија. Откако не го најде, таа плачеше по него како да е мртов. Дури по долго време дозна дека нејзиниот син е потстрижан во Киев кај преподобниот Антониј. Таа веднаш отиде таму, го умоли преподобниот старец да излезе од пештерата и со солзи долго го молеше да го види сина си. Старецот влезе во пештерата, го извести блажениот Теодосиј за неа, а тој многу се смути, зашто никако не можеше да се сокрие од својата мајка. Најпосле, посоветуван од старецот, излезе пред мајка си. А таа, здогледувајќи го сина си како монах со слабо и бледо лице од големото воздржание и подвизите, му падна на градите и горко започна да плаче, говорејќи:
- Ајде, чедо мое, да си одиме дома, и таму по своја волја прави се што е корисно за твоето спасение. А кога ќе умрам, ти предај го моето тело на земјата, па потоа врати се во оваа пештера. Јас не можам да живеам без тебе.
Блаженото момче и одговори:
- Мајко, остани и ти во Киев и потстрижи се во женски манастир, и така понекогаш ќе можеш да доаѓаш и да ме видиш. Што е најважно, ќе стекнеш спасение и ќе се удостоиш да го гледаш лицето Божјо во вечниот живот.
Но, мајката не сакаше ни да слушне за тоа. Тогаш блажениот се повлече во пештерата и започна усрдно да се моли на Бога за спасението на својата мајка. Бог ја услиша молитвата на Својот угодник, зашто по неколку дена дојде неговата мајка, и му рече:
- Чедо мое, повеќе нема да се вратам дома. Бидејќи Бог така сака, одам во овдешниот женски манастир да се потстрижам и таму да ги поминам останатите денови од мојот живот. Врз основа на твоите зборови се убедив дека овој краткотраен свет е ништовен.
Блажениот Теодосиј многу се израдува, и за тоа го извести преподобниот старец Антониј. Старецот Му благодареше на Бога за обраќањето на нејзиното срце, излезе и ѝ даде многу душекорисни поуки, па ја упати во женскиот манастир „Свети Никола“, во кој таа прими постриг. Овде поживеа богоугодно доста години и во мир заспа во Господа.
По постригот на мајката, одрекувајќи се целосно од сите грижи на овој свет, блажениот Теодосиј заедно со преподобниот Антониј и блажениот Никон започна уште поревносно да се труди во богоугодните подвизи и наскоро се истакна како победник на злите духови. Во тоа му помагаше самиот Бог, исполнувајќи го својот збор: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас меѓу нив“ (Мт. 18, 20).
Кога блажениот Никон го напушти манастирот за да оди на посебен подвиг, по Божја волја и по желба на преподобниот Антониј, боговдахновениот Теодосиј беше посветен за јеромонах". Како јеромонах, тој секој ден со најголема побожност служеше Божествена Литургија.
Наскоро по Теодосиевото ракополагање, преподобниот Антониј собра во пештерата дванаесет иноци од браќата, им го постави за игумен блажениот Варлаам, а тој отиде на друг рид, каде самиот си беше ископал пештера и во неа започна да се подвизува. Тогаш богобојазливиот Теодосиј заедно со блажениот игумен Варлаам над пештерата подигна мала црква во чест на Пресвета Богородица, одредувајќи ја за заеднички братски молитви.
Во тоа време свети Теодосиј сите тамошни строги подвижници ги надминуваше со постот, бдението, рачната работа, а посебно со смирението и послушанието. Им служеше на сите помагајќи им: некогаш носеше вода, некогаш влечеше дрва од шумата, некогаш ја извршуваше работата на браќата во текот на ноќта, додека тие одмараа. При тоа, тој цела ноќ бдееше стоејќи на молитва. Лете, понекогаш ноќе излегуваше на врвот од пештерата, и соблечен до појасот седеше предејќи волна и читајќи псалми, додека многубројните комарци му го касаа телото. Целото тело му се залеваше со крв, а тој седеше неподвижно, се додека не чукнеше клепалото за утрената. Тогаш прв ќе се најдеше во црквата стоејќи на своето место, непрекинато извршувајќи ги црковните молитви, без да скита со умот, и последен излегуваше од црквата. Поради тоа сите го сакаа како татко, и многу се восхитуваа на неговото смирение и трпение.
По некое време блажениот Варлаам беше испратен од кнезот Изјаслав Јарославич во манастирот на светиот великомаченик Димитриј, и таму поставен за игумен. Тогаш на молба од браќата преподобниот Антониј го повика свети Теодосиј и го благослови за игумен. Во тоа време во манастирот имаше дваесетина браќа. Како игумен преподобниот Теодосиј не го промени својот смирен начин на живот. Со богоугодните молитви на овој праведник, од тогаш Печерската обител цветаше и напредуваше според зборовите на Божественото Писмо: „Праведникот цвета како палма, се множи како кедар ливански“ (Пс. 91, 12). И навистина, како што со благодатта Божја семето на добра земја донесува двократен род, така со свети Теодосиј се умножи братството во пештерата. Постепено тој во својата обител собра околу стотина браќа, та пештерата беше мала за безмолвен живот, а и црквата над пештерата за соборни заеднички молитви. Затоа преподобниот одбра едно прекрасно место недалеку од пештерата, и започна да работи на тоа, тука да подигне обител. Со благослов на преподобниот Антониј, тој го измоли тоа место од христољубивиот кнез Изјаслав, и со Божја помош набрзо изгради голема дрвена црква во чест на Успението на Пресвета Богородица. Потоа направи многу ќелии, го огради манастирот и се пресели во него заедно со браќата. Оваа обител еднаш ја посети блажениот Ефрем. Од него преподобниот Теодосиј доби препис на Студитскиот устав за монашкиот живот, со кого добро се запозна. Потоа во својата обител го воведе овој устав и се раководеше според него. Следејќи го примерот на овој најстар руски манастир, и останатите руски манастири го примија овој устав.
Овој свет наставник ги поттикнуваше своите ученици на вистинско покајание. Тој имаше обичај секоја ноќ да ги посетува сите ќелии, за да го дознае начинот на живот на секој брат и неговата ревност во подвизите. И кога ќе слушнеше како некој брат твори молитва во својата ќелија, се радуваше и Го славеше Бога. Но, кога ќе слушнеше дека двајца или тројца монаси се собрани во некоја ќелија и разговараат по повечерието, тој ќе тропнеше на вратата, ќе им дадеше до знаење дека е тука, и заминуваше тажен и нерасположен. Утредента ги повикуваше кај себе тие браќа, и не ги изобличуваше отворено, туку со примери заобиколно ги поучуваше и упатуваше. Братот кој имаше смирено срце веднаш ја согледуваше својата вина, а нечувствителниот, мислејќи дека игуменот зборува за некое друго лице, а не за него, не го гледаше својот грев сè додека преподобниот отворено не го изобличеше и не му наложеше епитимија. Така преподобниот отец ги учеше браќата усрдно да се молат на Бога, да не разговараат по повечерието, да не одат од ќелија во ќелија, туку секој во својата ќелија да се моли на Бога, и секој ден при секоја телесна работа во устите да ги имаат Давидовите псалми. И навистина, во негово време неговите монаси по живот беа рамни на ангелите, а Печерскиот манастир сличен на небото. И свети Теодосиј очигледно заблеска со добрите дела како огромно небесно светило.
Во една прилика, во темната ноќ во својот манастир се враќаше игуменот на манастирот на светиот Архистратиг Михаил. Минувајќи покрај манастирот на преподобниот Теодосиј, тој над него виде необична светлина. Восхитен од тоа, тој Го прослави Бога, говорејќи:
- Колку е голема добрината Твоја, Господи! Ти на ова место си дал светило во ликот на Теодосиј, и тој на ваков начин го просветува својот манастир.
Таа светлина многупати ја гледале и други, и раскажувале, па тоа дојде и до ушите на кнезот и неговите болјари. И сите таа појава ја сметаа за одраз на светлината на праведниот живот на светиот старешина.
Блажениот Теодосиј многу го сакаше кнезот Изјаслав, кој после својот татко Јарослав го наследи Киевскиот престол. Изјаслав често доаѓаше кај преподобниот и се насладуваше на неговите боговдахновени поуки. Треба да споменеме дека преподобниот Теодосиј беше издал строга наредба, во времето помеѓу ручекот и вечерата манастирскиот вратар да не пушта никого во манастирот. Тоа го беше сторил за браќата да можат да се одморат малку пред да ги започнат долгите ноќни молитви и утринските богослуженија.
Еден ден во тоа време пред манастирот стигна христољубивиот кнез Изјаслав со еден човек. Затропа на вратата и го повика вратарот да му отвори. Но, вратарот му одговори дека игуменот му наредил да не отвара на никого се до вечерната. Тогаш кнезот, сакајќи да му објасни на вратарот кој е, му рече:
- Тоа сум јас, отвори ми само мене.
Но вратарот, не знаејќи дека е кнезот, му рече:
- Ти велам, игуменот ми нареди да не отворам на никого, па макар да дојде и самиот кнез. Затоа, ако сакаш причекај малку до вечерната.
На тоа Изјаслав му рече:
- Па јас сум, кнезот. Зарем нема да ми отвориш?
Вратарот зирна и се увери дека е кнезот, но не му отвори, туку отиде и го извести преподобниот. А кнезот трпеливо чекаше пред вратата. Потоа излезе преподобниот, и штом го здогледа кнезот му се поклони. Тогаш кнезот му рече:
- Колку е строга твојата наредба, оче. Монахот ми рече дека си наредил да не пушта никого, па макар да дојде и самиот кнез.
Преподобниот му одговори:
- Добар господару, тоа е затоа што напладне браќата можат малку да се одморат пред ноќниот молитвен труд што им претстои. А твоето тежнеење кон Пресветата Владичица Богородица е добро и спасоносно за твојата душа, и ние многу се радуваме на твоето доаѓање.
Тогаш отидоа во црквата. Откако преподобниот се помоли, христољубивиот кнез се наслади од душекорисниот разговор со него и се врати со голема корист, славејќи Го Бога. Од тој ден кнезот уште повеќе го засака светителот. Тој во него како да гледаше еден од древните свети отци, и во се се раководеше според неговите совети.
Нашиот преподобен отец Теодосиј ни најмалку не се погордеа на почитта од страна на кнезот и големците. Тој навистина беше светило кое силно блеска во смирението како во темнина, за поука на сите свои ученици. Смирувајќи се се повеќе, тој секој ден се поревносно се трудеше, работеше со своите раце и така им заповедаше на своите ученици со дело, а не со збор. Не гледајќи на својот игуменски чин, тој често работеше со пекарите, месејќи тесто и размесувајќи леб. Не сокривајќи го во земјата талантот што му е даден од Бога, телесната крепост, преподобниот постојано имаше весел дух и другите ги соколеше и убедуваше никогаш да не малаксуваат во ревноста за својата работа.
Еднаш, во предвечерието на празникот „Успение на Пресвета Богородица“, чуварот на манастирските работи Теодор дојде кај преподобниот и му рече дека во кујната недостига вода, а нема кој да донесе. Преподобниот веднаш стана и донесе вода од кладенецот. Еден од браќата веднаш ги извести останатите браќа за тоа, и тие отрчаа и донесоа многу вода.
Во друга прилика немаше подготвено дрва за готвење. Домаќинот дојде кај преподобниот и му рече:
- Оче, нареди некои од слободните браќа да подготват дрва.
Преподобниот му одговори:
- Јас не сум зафатен, јас ќе донесам.
Овој разговор се водеше пред ручекот. Блажениот им нареди на браќата да ручаат, а тој ја зеде секирата и започна да сече дрва. Кога браќата видоа што прави нивниот игумен, посрамени, тие веднаш насекоа дрва за неколку дена.
Кога блажениот Никон, кој го потстрижа преподобниот Теодосиј, се врати од својот подвижнички пат, свети Теодосиј, иако игумен, го почитуваше како татко. Многу пати блажениот му предеше конец, бидејќи тој се занимаваше со повезување на книги. Такви беа смирението и простотата на овој боговдахновен маж во трудовите и работите од секој вид. И облеката на овој блажен игумен беше скромна и бедна: врз телото носеше остар кострет, а преку него износено расо што го облекуваше за да не се гледа острата власеница.
Еден ден преподобниот отиде по некоја работа кај христољубивиот кнез Изјаслав. Тој ден кнезот бил надвор од градот, та преподобниот се задржа кај него до вечерта. Кога сакаше да се врати во манастирот, христољубивиот кнез нареди да го вратат со кола. Гледајќи го врз него бедното расо, слугата што го возеше помисли дека е прост монах, па му рече:
- Црноризецу, ти седни на коњот, а јас ќе седнам во колата.
Преподобниот веднаш се симна од колата, отстапувајќи му место на слугата, и одеше пеш покрај колата, а кога ќе се умореше јаваше на коњот. Така патуваа цела ноќ. Кога зазори започнаа да среќаваат големци кои одеа кај кнезот. Штом оддалеку ќе го здогледаа преподобниот, големците се симнуваа од своите коли и му се поклонуваа. Тогаш преподобниот му се обрати на слугата и му рече:
- Еве веќе е ден. Симни се од колата и јавни го коњот.
А слугата, запрепастен од глетката како големците му се поклонуваат на преподобниот, веднаш се качи на коњот. Меѓутоа, сега на преподобниот кој седеше во колата уште повеќе започнаа да му се поклонуваат, па слугата се преплаши. Така стигнаа до манастирот. Овде сите браќа го пречекаа преподобниот и му се поклонија до земја. Слугата уште повеќе се запрепасти и се прашуваше во себе:
- Кој е овој, та сите му се поклонуваат?
Но, преподобниот го фати за рака, го одведе во трпезаријата и нареди да го угостат. Потоа му даде подароци и го испрати.
За сето тоа подоцна раскажуваше самиот слуга, а преподобниот на никого не спомна за тоа, бидејќи постојано ги учеше браќата да не се погордеат за ништо, зашто монахот треба да е смирен и да се смета понизок од сите луѓе. Учејќи ги на такво смирение, преподобниот ги советуваше пред секоја работа задолжително да земаат благослов од старешината, потсетувајќи ги на зборовите од Светото Писмо: „Кој со благослов ги сее своите дела, со благослов и нивниот плод ќе го жнее (2Кор. 9, 6). Силата на ова учење тој ја покажа на дело. Кога побожните луѓе му доаѓаа со своите потреби, преподобниот најпрвин им даваше божествени поуки, па потоа им предлагаше манастирски леб и храна. Во една прилика, самиот кнез Изјаслав, откако ручаше му рече на преподобниот:
- Оче, ти знаеш дека имам се во изобилие, но никогаш не сум ручал толку слатко како сега овде. Иако мојата послуга подготвува најразлични скапоцени јадења, тие не се толку слатки како ова.
На тоа боговдахновениот отец Теодосиј му одговори:
- Добар господару, кај нас браќата пред да започнат да готват или да печат леб, го почитуваат следното правило:
Монахот најпрвин доаѓа кај игуменот, зема благослов, се поклонува три пати до земја пред светиот олтар, пали свеќа од светиот олтар, и со неа го пали огнот во кујната или во пекарата. А кога треба да налеат вода во котелот, инокот му вели на најстариот: Благослови, оче! Овој му одговара: Бог да те благослови, брате! Значи, на тој начин кај нас секоја работа се извршува со благослов, и оттука доаѓа сладоста во јадењата и во се друго. Јас тврдам дека твоите слуги работат во кавга, мрморејќи и клеветејќи се еден со друг, а можеби често и добиваат ќотек од своите старешини. Затоа и во нивната работа, извршена со грев, нема сладост.
На тоа кнезот одговори:
- Навистина е така, оче.
Кога ќе се случеше преподобниот да дознае дека некое јадење во неговиот манастир не е подготвено со благослов и послушание, тогаш тоа јадење го нарекуваше ѓаволско и на своето благословено стадо не му дозволуваше да јаде од него, туку наредуваше да го фрлат во вода или оган. Така во една прилика, пред тргнување кон соседниот манастир „Свети Великомаченик Димитриј“, некои благочестиви луѓе беа испратиле многу вкусни лебови во манастирот. Преподобниот му нареди на домаќинот тие лебови да ги извади на трпезата пред браќата кои што останаа во манастирот. Но домаќинот си помисли во себе: „Утре, кога ќе се соберат сите браќа ќе ги извадам овие лебови, а денес на браќата што останаа овдеќе им дадам манастирски леб“. Така и направи. Утредента пред ручек, преподобниот отец со браќата се врати во манастирот и на ручекот забележа дека е поставен поклонетиот леб. Тогаш го повика домаќинот и му рече:
- Од каде е овој леб?
Домаќинот одговори:
- Тоа е лебот што го донесоа вчера, но јас го оставив за денес, кога ќе се соберат сите браќа.
На тоа преподобниот му рече:
- Подобро да не си се грижел за утрешниот ден, туку да си постапел според мојата наредба. Нашиот Господ, Кој постојано се грижи за нас, и денес ќе ни дадеше се што ни е потребно, па и повеќе од тоа.
Тогаш преподобниот нареди да го соберат тој леб од трпезата и да го фрлат во реката, а на домаќинот му наложи епитимија за непослушание.
Забележувајќи им дека грижата за утрешниот ден и стекнувањето на богатства треба да им се туѓи на монасите, зашто се спротивни на нивните завети, преподобниот ревносно ги учеше своите браќа да се држат до сиромаштвото и да се богатат со вера и надеж во Бога, а не да се надеваат во гнилежен имот. Затоа често ги посетуваше ќелиите, и кога ќе видеше дека нешто не е според уставот, било да е храна, облека или нешто друго, тој го фрлаше во оган како нешто ѓаволско и спротивно на манастирскиот устав. Вака тој ги поучуваше браќата во сиромаштвото: „Не е добро, браќа, ние монасите, кои сме се одрекле од сè световно, во своите ќелии да собираме ништовни работи. Како ќе му принесуваме чиста молитва на Бога, кога во својата ќелија имаме минливо богатство, а знаеме дека Господа за тоа вели: „Каде е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“ (Матеј 6, 21). „Безумниче, оваа ноќ ќе ти ја земам душата“ (Лука 12, 20). Затоа браќа, треба да бидеме задоволни со пропишаната облека и храна, и не треба да имаме ништо во своите ќелии, за да можеме усрдно од душа да му принесуваме чиста молитва на Бога“. Така преподобниот тивко и со солзи ги поучуваше браќата.
Свети Теодосиј беше милосрден, кроток, негневлив и милостив спрема сите. И кога некој од неговото сиромаштвољубиво стадо ќе малаксаше со духот и ќе го напуштеше манастирот, тогаш тој со голема тага и солзи се молеше на Бога да го врати назад како залутана овца. Се молеше така се додека залутаниот брат не се вратеше.
Меѓу браќата имаше еден непостојан монах, кој често бегал од манастирот. И секој пат кога се враќаше, преподобниот со радост го примаше и му зборуваше дека Бог нема да дозволи тој да го заврши животот надвор од манастирот.
- Иако многу пати заминува од нас, - велеше преподобниот, - сепак тој ќе се упокои во нашиот манастир. И со солзи се молеше на Бога да му даде трпение на тој брат.
Еднаш овој брат помина долго време надвор од манастирот, но сепак се врати, молејќи го преподобниот да го прими. Милостивиот со радост го прими, а братот извади пред него пари што ги беше заработил како кројач, додека беше отсутен. На тоа преподобниот му рече:
- Ако сакаш да бидеш совршен монах, фрли ги парите во огнот, зашто тие се дело на твоето непослушание.
И тој, како вистински покајник, ги фрли парите во огнот. Оттогаш овој брат живееше во манастирот безизлезно, минувајќи ги во покајание останатите денови од својот живот, и се упокои во мир, како што претскажа преподобниот.
Овој учител на сиромаштвото беше многу милосрден спрема бедните. Затоа во близина на манастирот изгради двор и во него црква во чест на светиот првомаченик Стефан. Таму ги згрижи ништите, слепите, хромите, губавите, и ги издржуваше од својот манастир. Освен тоа, тој секоја сабота испраќаше полна кола леб за затворениците по затворите и темниците.
Преподобниот беше милосрден спрема оние што му нанесуваа штета на манастирот. Така еднаш кај него доведоа крадци фатени на манастирскиот имот. Кога ги виде врзани, преподобниот се сожали, заплака и нареди да ги одврзат и да ги нахранат. Потоа ги поучи никому да не прават штета, туку да бидат задоволни од плодовите на својот труд. И откако им даде пари, покајните крадци ги отпушти во мир.
Бидејќи бројот на браќата се зголемуваше, преподобниот реши да подигне голема ограда за зидање на нови ќелии. Додека манастирот се уште беше разграден, една мрачна ноќ во манастирот влегоа разбојници, велејќи си меѓу себе:
- Монашкиот имот е сокриен во црквата. Да појдеме таму.
Но кога се приближија до црквата, тие слушнаа пеење во неа. Мислејќи дека браќата служат ноќна служба, тие се повлекоа во блиската густа шума. И кога мислеа дека службата завршила, повторно се прикрадоа до црквата. Но, и овој пат слушнаа пеење и видоа необична светлина во црквата, од која излегуваше прекрасен мирис. Тоа беа Ангели кои Го славославуваа Бога. Разбојниците пак се повлекоа, па уште неколку пати се прикрадуваа до црквата, но постојано го слушаа онаа исто ангелско пеење. Дојде време за утрената, и црковникот по обичај ја биеше камбаната. Тогаш разбојниците се повлекоа во шумата, велејќи си меѓу себе:
- Што да правиме? Изгледа нам ни се причинило дека има некој во црквата. Но, кога монасите ќе се соберат внатре, ние ќе ја запоседнеме вратата, ќе ги убиеме сите, и ќе им го собереме богатството.
Додека се пееја псалмите, разбојниците се упатија кон црквата, но одеднаш видоа страшно чудо: црквата со монасите во неа се подигна од земјата и се запре на таква висина, на која што И нивните стрели не би можеле да досегнат до неа. Разбојниците многу се исплашија од тоа видение, и се вратија во своите домови. Поразени од тоа чудо, тие се зарекоа дека никогаш повеќе нема да вршат разбојништво. Потоа нивниот харамбаша, со тројца од нив, отиде кај преподобниот Теодосиј, се покаја и му го исповедаше својот грев. Преподобниот Го прослави Бога, ги поучи разбојниците за спасението на душите, и тие си заминаа славејќи Го Бога.
За време на игуменството на преподобниот Теодосиј, уште еднаш се случи слично чудо со истата манастирска црква, која навистина ја чуваше самиот Бог од небото, како да стои во воздухот под покровот на Пресвета Богородица. Еден од болјарите на христољубивиот кнез Изјаслав, една ноќ минуваше низ полето недалеку од манастирот на свети Теодосиј. Тој наеднаш ја здогледа црквата како стои во воздухот под облаците. Од тоа видение го обзеде ужас, и тој со слугите ги потера коњите за да дознае каква е таа црква. Кога се приближија до манастирот, болјаринот виде како пред неговите очи црквата се спушта на земјата и застанува на своето место во манастирот. Тогаш тој затропа на вратата која беше отворена, отиде кај преподобниот и му го раскажа своето видение. Од тогаш тој често го посетуваше преподобниот, се насладуваше од неговите боговдахновени поуки, и многу помагаше околу уредувањето на манастирот и украсувањето на црквата.
Но, Господ на чудесен начин ги чуваше не само црквата туку и манастирскиот имот на преподобниот Теодосиј. Еднаш беа фатени некои крадци и врзани поведени на суд во градот. Кога минуваа покрај едно селце кое му припаѓаше на Печерскиот манастир, еден од врзаните, замавнувајќи со главата кон селцето, рече:
- Една ноќ ние се упативме кон ова селце, со цел да ги убиеме луѓето и да ги опњачкаме, но кога наближивме видовме како селото стои во воздухот. Така Промислителот Бог го чуваше целиот манастирски имот, одзивајќи се на молитвите на преподобниот Теодосиј, кој се надеваше во Него, и секоја ноќ со молитвата го оградуваше својот манастир како со цврст бедем, заштитувајќи ја својата обител и нејзините жители.
За време на игуменството на свети Теодосиј во Печерскиот манастир, Бог и Богородица не само што го чуваа неговиот манастир, туку и одозгора го помагаа неговото украсување. Болјаринот Судислав Геуевич, во светото крштение Климент, тргнувајќи еднаш со својот кнез во војна, даде вакво ветување: „Ако се вратам дома здрав, на Пресвета Богородица во Печерскиот манастир ќе ѝ поклонам два златника и ќе исковам златен венец за нејзината икона“.
Во таа битка загина многу народ од двете страни и непријателот беше поразен. Болјаринот Геуевич се врати од бојното поле жив и здрав, но заборави на своето ветување. По неколку дена, кога едно попладне после ручекот спокојно спиеше, страшен глас го повика со името: „Клименте!“ Тој се сепна, и пред себе ја здогледа иконата на Пресвета Богородица од манастирот на преподобниот Теодосиј, и слушна глас од неа:
- Клименте, зошто не ми го даде тоа што ми го вети? Потруди се да го исполниш своето ветување.
По овие зборови иконата стана невидлива. А болјаринот, страшно уплашен од видението, го подготви ветеното злато, изработи венец од злато, и ги однесе во манастирот.
По некое време истиот болјарин намисли на Печерскиот манастир да му поклони Свето Евангелие, па го сокри под облеката и дојде кај преподобниот. Двајцата се помолија на Бога, но болјаринот се уште не го покажуваше Евангелието. Пред да седнат, преподобниот му рече:
- Брате Клименте, најпрвин извади го Светото Евангелие што и го вети на Пресвета Богородица, а се наоѓа под твојата облека, па потоа ќе седнеме.
Болјаринот се запрепасти од прозорливоста на преподобниот, и веднаш го извлече Светото Евангелие и му го предаде. Потоа седнаа. Откако болјаринот се наслади од духовниот разговор со преподобниот, се врати во својот дом духовно збогатен.
Со многу свои чудеса Господ докажуваше дека надежта на преподобниот Теодосиј во Бога не е залудна. Божјата помош му се укажуваше на Печерскиот манастир особено кога тој оскудеваше во нешто. Во ќелијата на преподобниот живееше инокот Иларион. Преподобниот обично тивко ги произнесуваше псалмите и предеше волна, додека Иларион дење и ноќе пишуваше книги. Иларион подоцна раскажуваше:
„Една ноќ, додека секој се занимаваше со својата работа, во ќелијата влезе економот Анастасиј и му рече на преподобниот:
- Утре немаме со што да купиме намирници за браќата. А преподобниот му одговори:
- Сега, како што гледаш е ноќ, а утрешниот ден е се уште далеку. Затоа оди, и со трпение чекај молејќи се на Бога. Он ќе се погрижи за нас и ќе се смилува на нас, ако сака.
Економот отиде, а преподобниот веднаш стана и се повлече во својата внатрешна ќелија, да го врши своето вообичаено молитвено правило. По молитвата седна и продолжи со својата работа. Тогаш повторно влезе економот и започна да зборува за истата работа, на што преподобниот му одговори:
- Нели ти реков да се молиш на Бога? Утре појди во градот И од трговецот земи се што е потребно за браќата, па подоцна со помош Божја ќе го вратиме долгот. Бог нема да не остави со Својата благодат.
Само што замина економот, во ќелијата влезе блескаво момче во воена облека, се поклони, остави златник на масата, и без збор излезе. Преподобниот стана, го зеде златникот и со солзи благодарници се помоли на Бога. Утредента го повика вратарот и го праша дали преку ноќта некој доаѓал во манастирот. Вратарот му одговори дека никој не доаѓал. Тогаш преподобниот го повика економот, му го даде златото, и му рече:
- Што велиш, брате Анастасиј, немаме со што да купиме на мирници, а? Еве земи го ова злато, па оди купи што треба.
Економот падна и му се поклони на светителот, барајќи прошка. Преподобниот вака го поучи:
- Брате, никогаш не очајувај, туку утврдувај се во верата, и сите свои грижи остави ги на Бога, зашто Он се грижи за нас. Денес приреди празнична трпеза за браќата, зашто, ете, Бог не посети. А кога повторно ќе не снајде оскудица, Бог пак ќе се погрижи за нас, како денес.
Еден ден кај преподобниот дојде келарот и му рече:
- Денес немам што да им дадам на браќата за ручек.
Преподобниот му одговори:
- Оди, потрпи малку, моли се на Бога, и Он ќе се погрижи за нас. Ако пак не бидеме достојни за Неговата милост, свари пченица, помешај ја со мед, па дај им ја на браќата за ручек.
Келарот отиде, а преподобниот започна усрдно да се моли на Бога. И по таинственото Божјо дејство, првиот болјарин на кнезот Изјаслав, Јован, му испрати на преподобниот три коли полни со леб, риба, овошје и мед. Преподобниот Го прослави Бога и му рече на келарот:
- Гледаш ли, брате Теодоре, дека Бог нема да не остави ако со цело срце се надеваме во Него. Оди и подготви трпеза за браќата, зашто ова е посета Божја.
Слични чудеса Бог често правеше во Печерската обител, по молитвите на преподобниот. Така еден ден кај него од градот дојде еден свештеник со молба да му даде вино за служење на Света Литургија. Преподобниот веднаш го повика старешината на црквата и му нареди да наполни вино. Старешината му рече дека имаат едвај за три - четири Литургии. Преподобниот на тоа му рече:
- Сето вино дај му го на овој човек, а за нас Бог ќе се погрижи.
Старешината отиде и ја прекрши наредбата на светителот, и остави вино за утрешната Литургија. Свештеникот отиде и му покажа на преподобниот дека старешината му дал малку вино. Преподобниот го повика старешината и му рече:
- Нели ти реков да го дадеш сето вино, и да не се грижиш за утрешниот ден? Господ нема да дозволи црквата на Неговата Мајка утре да остане без служба, туку уште денес ќе ни испрати вино во изобилие.
Старешината отиде, му го даде сето вино на свештеникот И го отпушти. Тој ден попладне, како што претскажа преподобниот, пристигна кола со буриња вино, како подарок на манастирот од една домоуправителка на христоњубивиот кнез Всеволода. Старешината на црквата Го прослави Бога, восхитувајќи се на исполнувањето на претскажаното од преподобниот Теодосиј.
Истиот старешина стана сведок и на слично чудо, кое се случи по молитвите на преподобниот, на следниот начин:
Една година пред празникот „Успение на Пресвета Богородица“, немаше зејтин за црковните кандила. Старешината на црквата намисли да исцеди зејтин од семињата, и побара одобрување од преподобниот, но тој не приговори ништо и старешината постапи како што беше намислил. Но, кога сакаше подготвениот зејтин да го стави во кандилата, во садот здогледа мртов глушец. Старешината веднаш отиде кај преподобниот и му рече:
- Јас грижливо го покрив садот, и не ми е јасно како глушецот се вовлекол во него.
Преподобниот сфати дека тоа се случило по Божја промисла, и му одговори на старешината:
- Брате, требаше да се надеваме во Бога, оти Он е моќен да ни даде се што ни е потребно, а не во неверие да правиме што не треба. Оди и исфрли го тој зејтин. Да почекаме и да се помолиме на Бога, и Он денес ќе ни даде зејтин во изобилие.
Старешината постапи според наредбата, а преподобниот се помоли на Бога. Приквечер, еден богат човек донесе големо буре со зејтин, како подарок на манастирот. Преподобниот Го прослави Бога, па ги наполнија кандилата. Така браќата свечено го отпразнуваа празникот.
Еве уште едно чудо, со кое по молитвите на преподобниот Теодосиј беше задоволена насушна потреба на Печерската обител. Христољубивиот кнез Изјаслав, кој гаеше вистинска Христова љубов спрема преподобниот, често го посетуваше. За време на една таква посета, кнезот се задржа до вечерната. Тогаш по Божја промисла започна да врне силен дожд. Преподобниот го повика клучарот и му нареди да подготви вечера за кнезот. На тоа клучарот му рече:
- Оче, ние немаме мед, за да го угостиме кнезот.
Преподобниот го праша:
- Зарем нема ни малку?
Клучарот одговори:
- Ни малку, оче. Јас дури и го превртев празниот сад.
А преподобниот Теодосиј, полн со Божји дарови, му рече на клучарот:
- Добро, сега оди и во името на преслаткиот Господ Исус Христос ќе најдеш мед во тој сад.
Клучарот појде со вера, и го најде буренцето полно со мед. Уплашен, тој отрча кај преподобниот и му кажа, а тој му рече:
- Молчи, чедо, и никому не зборувај за тоа, туку послужи го кнезот со мед. Дај им и на браќата, зашто тоа е благослов Божји.
Кога престана дождот кнезот си отиде, а во манастирот остана мед за подолго време.
Еден ден кај преподобниот дојде старешината на пекарата и му рече дека немаат брашно за леб. Преподобниот му рече:
- Оди и провери во житницата, можеби ќе најдеш малку додека Господ не се погрижи за нас.
На тоа пекарот му рече:
- Вистина ти велам, оче, јас пред малку ја исчистив житницата, и во неа не остана ништо освен три-четири грста мекици.
Преподобниот му одговори:
- Верувај ми, чедо, Бог може да ги претвори тие мекици во брашно, и да ја наполни нашата житница, како што го умножи последниот грст брашно кај пророкот Илија, та вдовицата со децата се прехрани за време на гладот (3 Цар. 17, 8-16); и сега Бог е исто толку моќен од малку да направи многу. Затоа појди и види.
Пекарот отиде. Кога влезе го виде амбарот преполн со брашно, па се преплаши и веднаш отрча кај преподобниот, а тој му рече:
- Брате, никому не зборувај за тоа, туку оди и измеси леб.
Благодарејќи Му и славејќи Го Бога за ваквите многубројни чудеса, преподобниот ги минуваше ноќите во солзи и молитви, често пати паѓајќи на колена. Браќата секој ден пред утрената, кога доаѓаа да земаат благослов за богослужението, постојано слушаа како тој непрестајно се моли, силно плаче и често удира со главата во земјата. А тој, штом ќе ги слушнеше нивните чекори се преправаше како да спие, така што тие понекогаш по три пати тропаа на вратата и велеа „Благослови оче!“а преподобниот, како божем тргнувајќи се од сонот, им одговараше:
- Бог нека ве благослови! - и давајќи им благослов, тој пред сите одеше во црквата. Така правеше секоја ноќ.
Покрај овие подвизи, преподобниот отец за време на своето игуменство се подвизуваше и во многу други трудови. Никогаш не е виден да се одмара на постела, туку кога сакаше малку да отпочине, тој седејќи малку спиеше; потоа брзо се будеше и заминуваше на ноќно богослужение, каде често се молеше преклонувајќи ги колената. Исто така, никогаш не е виден да го мие своето тело од задоволство, туку само рацете и лицето. И кога понекогаш имаше богата трпеза за браката, тој како и секогаш јадеше сув леб и варено зелје без зејтин, и пиеше вода. Па сепак, никогаш не е виден тажен на трпезата. Лицето секогаш му беше весело, зашто своето срце го утврдуваше со благодатта Божја, а не со храната.
Секоја година за време на Великот пост, преподобниот Теодосиј одеше во пештерата и се затвораше таму се до Цветници, односно се враќаше во манастирот на Цветни петок пред вечерата. Многу пати од таа пештера тој ноќе кришум одеше на еден манастирски имот во една сокриена пештера. Така никој освен Бог не го знаеше местото на неговиот престој. Од оваа сокриена пештера тој се враќаше во првата ноќ пред Цветен петок, и попладне одеше во манастирот кај браќата, така што тие мислеа дека тој деновите на Светата Четириесетница ги минува во првата пештера.
За време на Светата Четириесетница злите духови му нанесуваа многу неволји во пештерата. Но, Бог му даваше невидлива сила, и тие не можеа да го присилат да ја напушти. Престојувајќи сам во мрачната пештера, тој не се плашеше од мноштвото полкови на кнезовите на темнината. Цврсто стоејќи како добар војник Христов, тој со молитвата и постот ги бркаше од себе, така што тие потоа не смееја да му се приближат, туку само оддалеку му ствараа привиденија.
Еднаш по повечерието преподобниот седна малку да се одмори во пештерата. Но одеднаш настана силна врева од мноштво демони: некои како да јуреа на колесници, други како да удираа во тапани, трети пак свиреа, така што целата пештера се тресеше. Но преподобниот не се исплаши, туку се прекрсти и започна да пее псалми. И веднаш вревата престана. Штом по молитвата повторно седна да здивне, демоните се огласија. Преподобниот стана и пак започна да пее псалми, и вревата исчезна. Така многу денови и ноќи му досадуваа злите духови, не давајќи му макар малку да заспие, додека со благодатта Божја сосем не ги победи и не доби власт над нив, да не смеат да се приближат до местото каде што тој се моли. Злите духови започнаа да бегаат од него, и тоа се потврди со многу чудеса.
Во просториите каде што се печеше леб за браќата, демоните пакостеа многу: понекогаш го истураа брашното, понекогаш квасецот... Најпосле старешината на пекарата му се пожали на преподобниот Теодосиј. Тој отиде ноќта таму, се затвори до утрената молејќи се на Бога, и оттогаш демоните засекогаш го напуштија тоа место.
Во една прилика кај преподобниот дојде еден брат од манастирскиот имот, и го извести дека кај добитокот се појавиле демони, и не дозволуваат добитокот да јаде. Свештеникот многу пати читал молитви и попрскувал света вода, но ништо не помагало. Тогаш преподобниот, вооружен со молитвата и постот, отиде на тој имот. Ноќта се затвори кај добитокот, молејќи се до утрото. Оттогаш демоните повеќе не се појавија таму.
Преподобниот не само што самиот ја победуваше демонската сила, туку и други учеше да се избавуваат од неа. Штом ќе дознаеше дека некој од браќата страда од демони, го советуваше да се огради со молитвата и постот, призивајќи Го Бога за победа над демоните. За ѓаволските сплетки преподобниот им велеше на браќата:
- И со мене беше така на почетокот. Една ноќ, додека во ќелијата ги пеев пропишаните псалми, одеднаш пред мене застана црн пес, така што јас не можев да направам поклон. Долго стоеше така, па сакав да го удрам, но тој стана невидлив. Тогаш ме спопадна таков страв и трепет, што посакав да побегнам од тоа место, ако Господ не ми притекнеше на помош. Доаѓајќи си малку на себе од ужасот, јас започнав усрдно да се молам на Бога и често да правам поклони, и така тој страв побегна од мене. Оттогаш престанав да се плашам од ѓаволските привиденија, иако ѓаволите се појавуваа пред моите очи.
Гореспоменатиот брат Иларион раскажуваше:
- Демоните ми правеа многу зла во ќелијата. Штом ќе легнев да спијам, веднаш се појавуваа многу демони. Едни ме фаќаа за косата и ме влечеа по земјата, други ме газеа со нозете, трети ме подигаа кон зидот и викаа: „Влечете да го притиснеме до зидот и да го задавиме“. Така правеа тие со мене секоја ноќ. Најпосле, не можејќи повеќе да го поднесам тоа, јас отидов и му раскажав на преподобниот Теодосиј, и изразив желба да се преселам од таа ќелија. Преподобниот ми рече:
- Не, брате, не оди во друга ќелија, за да не се пофалат демоните дека те победиле. Ако се преселиш, тие ќе ти нанесуваат уште повеќе зла, како оние што добиле власт над тебе. Најдобро е да се молиш на Бога во својата ќелија, па Бог, гледајќи го твоето трпение, ќе ти даде победа над нив, и тие нема да смеат да ти се приближат.
Јас повторно му реков:
- Ти се молам, оче, дозволи ми да прејдам во друга ќелија, зашто навистина не можам повеќе да останам во старата, поради демоните.
Тогаш преподобниот ме осени со крсниот знак, и рече:
- Оди, брате, во својата ќелија; отсега демоните нема да ти нанесат никакво зло, ниту пак ќе ги гледаш.
Јас им поверував на неговите зборови, му се поклонив и излегов,
И од тогаш злите духови не се осмелија да се приближат до мојата ќелија, бидејќи молитвите на преподобниот Теодосиј ги истераа засекогаш.
Преподобниот Теодосиј беше храбар и во борбата со видливите непријатели Божји. Тој имаше ваков обичај: Многупати ноќе тајно одеше кај Евреите, храбро се препираше со нив за Христос, ги прекоруваше и изобличуваше, нарекувајќи ги престапници на законот и богоубијци. Како вистински подражавач на Христос, тој многу сакаше да прими смрт за исповедањето на верата во Христос, и тоа од истите луѓе, од кои и самиот Господ Исус Христос прими смрт.
Дека навистина овој храбар исповедник Христов сакаше да пострада за правдата, се гледа од следното:
За време на неговото игуменство, кнезот на темнината посеа раздор меѓу тројца родени браќа, кнезови руски. Двајцата браќа, Черниговскиот кнез Свјатослав и Перејаславскиот кнез Всеволод, неправедно завојуваа против својот постар брат, христољубивиот кнез Изјаслав, и го тргнаа од престолниот град Киев. Откако го зазедоа неговото место, тие го повикаа преподобниот Теодосиј да им дојде на ручек. Но, преподобниот храбро и одлучно им одговори:
- Мене не ми доликува да седнам на трпезата на неправдата, како на трпезата на Језавел.
Кога потоа Всеволод отпатува во својата Перејаславска област, а Свјатослав го зазеде престолот на Изјаслав во Киев, преподобниот започна непрекинато да го изобличува кнезот Свјатослав што неправедно седнал на престолот на својот брат. Многу пати преподобниот го прекоруваше кнезот Свјатослав пред неговите пратеници, и ги молеше да му го достават тоа. Потоа му испрати долго изобличувачко писмо, во кое го пишуваше и следното:
„Гласот на крвта на твојот роден брат повикува кон Бога против тебе, како крвта на Авел против Каин.
И за поука на кнезот, преподобниот во писмото спомнуваше имиња на многу древни неправедни братогонители. Кога го прочита писмото, кнезот Свјатослав се разбесни и го фрли на земјата. Од тогаш започна да бара згодна прилика да го осуди преподобниот на заточение, па браќата го молеа да престане да го изобличува кнезот. Исто така и многу болјари го советуваа преподобниот да не му се противи на кнезот, зашто ќе го испрати на заточение. На тоа преподобниот велеше:
- На тоа многу се радувам, браќа! За мене нема поголемо блаженство во овој живот, од тоа да бидам прогонет заради правдата. Спремен сум за правдата да одам на заточение и во смрт.
Од тогаш преподобниот започна уште повеќе да го прекорува кнезот за братоомразата, имајќи огромна желба да биде заточен. Но, кнезот, иако беше многу лут, не се осмели да му наштети на преподобниот, знаејќи дека е праведен и свет. Тој и порано му завидуваше на својот брат Изјаслав поради тоа што во своето кнежевство има таков светилник каков што е великиот Теодосиј. Гледајќи дека неговите укори не му користат на кнезот, преподобниот престана да го изобличува и одлучи со молби да го кандиса да ја врати областа на брата си.
Кога Свјатослав дозна дека преподобниот повеќе не го изобличува, многу радосен испрати молба да му дозволи да дојде во манастирот. Тој дозволи и кнезот со големците радосно се упати кон манастирот. Преподобниот со браќата излезе од црквата, го пречека, и сите брака му се поклонија. А кнезот, поздравувајќи се со преподобниот, му рече:
- Ете, оче, јас не се осмелував да дојдам кај тебе, мислејќи дека ти, бидејќи си лут на мене, нема да ме пуштиш во својот манастир.
На тоа преподобниот му одговори:
- Каква корист, благ господару, од нашиот гнев спрема твојата власт? Но наше е да изобличуваме и да го зборуваме она што е корисно за спасение на душите, а ваше е да го слушате тоа.
Потоа влегоа во црквата и се помолија. По молитвата преподобниот Теодосиј долго го поучуваше кнезот од Божественото Писмо, препорачувајќи му многу братска љубов, бидејќи кнезот го обвинуваше својот брат за многу работи. И така, по долгиот душекорисен разговор, кнезот си отиде славејќи Го Бога што го удостои да разговара со таквиот маж. Од тогаш тој често го посетуваше. А и самиот преподобен Теодосиј потоа многу пати одеше кај кнезот и го потсетуваше на стравот Божји и на љубовта спрема браќата. Но, еднаш, кога дојде затекна многу музичари кои свиреа на разни инструменти и сите се веселеа. Наседнат покрај кнезот, преподобниот долго седеше молчејќи и гледајќи во земјата. Потоа го праша кнезот:
- Ќе биде ли вака и на оној свет?
Кнезот беше трогнат, заплака и нареди веднаш да престанат со музиката. Од тогаш, кога и да дојдеше преподобниот кај кнезот, тој веднаш наредуваше да се престане со музика.
Кога ќе го известеа за доаѓањето на преподобниот, кнезот често радосно излегуваше и го пречекуваше пред капијата на дворецот. Потоа целиот радосен му говореше:
- Оче, вистина ти велам: кога би ми јавиле дека мојот роден татко станал од мртвите, јас не би се израдувал толку, колку што се радувам на твоето доаѓање, и не би се плашел толку од него, колку што се плашам од твојата света душа.
На тоа преподобниот му одговори:
- Ако е така, тогаш исполни ја мојата молба: врати му го на својот брат престолот, што му го предаде твојот благоверен татко.
Кнезот замолкна, не знаејќи што да му одговори на светителот. Врагот толку го беше исполнил со гнев спрема братот, што тој не сакаше ни да чуе за него. Меѓутоа преподобниот и дење и ноќе се молеше на Бога за христољубивиот кнез Изјаслав, и наредуваше на црковните богослужби да го спомнуваат како законски Киевски кнез и постар брат, а забрануваше во неговиот манастир да го спомнуваат Свјатослав. Едвај подоцна браќата го измолија, та нареди сепак првин да го спомнуваат Изјаслав, па по него Свјатослав. Гледајќи го таквиот раздор меѓу руските кнезови, гореспоменатиот блажен Никон, кој го потстрижа преподобниот Теодосиј, по втор пат се повлече од Печерскиот манастир на полуостровот Тмутаракан, каде основа и свој манастир. По неговото заминување преподобниот сам продолжи со своите трудови.
Бидејќи бројот на браќата во манастирот многу се зголеми, преподобниот Теодосиј бараше попространо место за да изгради голема црква во име на Пресвета Богородица. Местото што го избра Му беше пријатно на Бога, и своето благоволение Господ го објави преку прекрасни чудеса.
Еден благочестив и богобојазлив човек минувал една мрачна ноќ низ гората покрај стариот Печерски манастир, и среде огромната светлина која блескала над манастирот, тој го видел преподобниот Теодосиј како стои пред црквата со рацете кренати кон небото и се моли на Бога. Додека тој се чудел на глетката, се појавило и друго чудо: од црковниот кров излегол огромен пламен, се претворил во виножито и преминал на другиот рид, на кој подоцна преподобниот започна да зида нова камена црква. Тој пламен налик на виножито, стоел со едниот крај на старата црква, а со другиот на местото каде што ќе се градеше новата црква.
Тој човек подоцна му го раскажа тоа на преподобниот Теодосиј.
Во друга прилика, повторно ноќе, околните жители слушнале пеење со многу гласови. Кога излегле надвор виделе како над стариот Печерски манастир блеска светлина, и во неа мноштво монаси како излегуваат од старата црква и одат кон местото на новата. Едни носеле икона на Пресвета Богородица, други пееле со запалени свеќи, а пред сите нив одел нивниот отец и наставник Теодосиј. Кога дошле до новото место, тие пееле и се молеле, па се вратиле назад, и пеејќи повторно влегле во старата црква.
Многу луѓе подоцна сведочеа за вистинитоста на ова чудо, i сите сфатија дека тие луѓе виделе Ангели.
На местото означено од Бога со така големи чудеса, отпочна да се бида камена црква во име на Пресвета Богородица, во кое зидање многу се трудеше и самиот преподобен Теодосиј. Тој секој ден доаѓаше и ревносно ја надгледуваше градбата на црквата и работеше со работниците. Врз себе имаше толку бедна облека, така што луѓето би можеле да помислат дека е некој изнајмен послушник, но никако игумен.
Еднаш кога преподобниот одеше кон црквата која што се градеше, го сретна една вдовица на која што судијата и беше извршил неправда. Таа го праша:
- Црноризецу, кажи ми дали вашиот игумен е во манастирот?
Преподобниот и одговори:
- Што сакаш од него? И тој е грешен човек.
А жената на тоа рече:
- Дали е грешен, не знам. Само знам дека многумина избавува од жалости и напасти. Затоа јас дојдов да го молам да ме заштити од неправдата на судијата.
Кога се распраша во што се состои таа неправда, преподобниот се сожали на неа и и рече:
- Жено, сега оди си, а кога ќе дојде игуменот, јас ќе го известам за тебе, и тој ќе те избави од твоите неволји.
Жената си отиде, а преподобниот отиде кај судијата, поразговара со него за неа, и ја избави од неволјата, зашто судијата i врати се што и беше одзел.
Но, иако преподобниот отец за време на својот живот на земјата не ја доврши неболиката Печерска црква на Пресвета Богородица, сепак, по својата смрт, со своите молитви угодни на Бога, му помагаше на преподобниот Стефан, кој стана игумен по него, и продолжи со градбата на храмот.
Однапред дознавајќи за своето заминување кај Бога и за денот на своето упокојување, тој ги повика сите браќа, и ги поучуваше, секој со душа и страв Божји да ја извршува поверената должност, и со сите низ солзи зборуваше за спасението на душите, за богоугодниот подвижнички живот, за усрдното посетување на црквата и богобојазливото стоење на богослужбите, за њубовта и покорноста не само спрема постарите туку и спрема своите врсници. Потоа ги благослови сите и ги отпушти со мир. Потоа го посети благочестивиот кнез Свјатослав. Со својата благодатна уста, преподобниот го поучи во побожноста, чувањето на Православието, и грижата за светите цркви. Потоа додаде:
- Јас се молам на мојот Господ Бог и на Неговата Себеспрекорна Мајка, за твојата побожност да ти подари тивко и мирно владеење. И еве, на твојата побожност го поверувам чувањето на овој Печерски манастир, домот на Пресвета Богородица, кој Таа благоволи да се изгради.
Потоа го зафати силна треска, и час беше во страшна топлина и пот, час трепереше од студ, така што мораше да легне во постелата, во која што никогаш не беше легнал. Додека лежеше, тој говореше:
„Нека биде волјата Господова! Како што сака Господ, така нека прави со мене! Но, ти се молам, Господи мој, Исусе Христе, биди милостив спрема мојата душа, да не ја пресретнат злите духови, туку да ја примат Твоите ангели, и водејќи ја низ мрачните митарства да ја приведат кон светлината на Твоето милосрдие!“
Откако го рече тоа, преподобниот замолкна. Три дена ниту проговори, ниту очи отвори, а се забележуваше само слабо дишење во него. Браќата беа многу тажни, но по три дена преподобниот се подигна и рече:
- Браќа мои и отци! Времето на мојот живот веќе завршува, како што ми објави Господ во пештерата за време на Великиот пост. Ајде сега договорете се, кој сакате да ви биде игумен по мене.
Браќата силно плачеа, па излегоа надвор и се договорија, управителот на хорот Стефан да им биде игумен. Преподобниот го повика Стефана, го благослови и му рече:
- Чедо, тебе ти го предавам манастирот. Грижливо чувај го, држи го богослужбениот поредок што го заведов, и во сè придржувај се до манастирските преданија. Немој да го менуваш уставот, туку работи сè според законот и манастирскиот поредок.
Потоа ги поучи браќата да му се покоруваат на новиот игумен, па ги отпушти претскажувајќи им ја саботата како ден на своето преставување. Тој рече:
- Кога ќе се роди сонцето, мојата душа ќе излезе од телото.
Потоа повторно го повика Стефан, и насамо го поучи како да го пасе своето свето стадо. Бидејќи беше многу изнемоштен од болеста, Стефан го служеше со смирение. Во сабота ги повика браќата, се опрости со сите целивајќи ги со љубов, додека сите плачеа поради разделбата со својот пастир. Потоа им рече:
- Мои сакани деца и браќа! Ете, ве целивав со њубов, зашто заминувам кај мојот Господ Исус Христос. Еве ви го игуменот, што сами го избравте. Него имајте го за духовен отец, него слушајте го, и по негова наредба сè творете богоугодно, и Бог ќе ве сочува од замките на лукавиот. До последниот здив нека ве сочува во едномислие и њубов, и ве молам и заколнувам, во облеката во која што сум сега, погребете ме во пештерата каде што го минував Великиот Пост; немојте да го миете моето бедно тело, и немој никој од световните луѓе да го види моето погребение, туку само вие монасите,
Браќата силно заплакаа, а преподобниот ги тешеше говорејќи:
- Еве, ви ветувам дека иако со телото заминувам од вас, со духот секогаш ќе бидам со вас.
Потоа ги отпушти и остана сам. Братот кој постојано му служеше зирна низ една дупка, и го виде преподобниот како стана, падна ничкум, и со солзи Го молеше милостивиот Бог за спасението на својата душа, призивајќи ги на помош сите светии, особено Пресветата Владарка наша Богородица, на Која и го доверуваше чувањето на своето стадо и обител. По молитвата повторно легна, се одмори малку, па ги подигна очите кон небото, и со радосно лице, силно изговори:
- Благословен е Бог! Ако е така, тогаш повеќе не се плашам, туку со радост заминувам од овој свет.
Го рече тоа бидејќи имаше некое видение. Потоа ги испружи нозете, ги прекрсти рацете на градите, и ја предаде својата света душа во рацете Божји. Им се придружи на сите отци во сабота, на 3 мај во 1074-та година. Браќата многу го оплакуваа. Го однесоа во црквата неговото свето тело и започнаа да ги вршат вообичаените молитви и песнопоенија за преставениот.
Под дејство на Божествената промисла веднаш се расчу за упокоението на свети Теодосиј, и многу народ се собра пред манастирската капија, очекувајќи да биде изнесено телото од манастирот за погребение во пештерата. А браќата ја затворија вратата и никого не пуштаа во манастирот, чекајќи сите да се разотидат. Потоа без мирјани го погребаа телото на светителот, како што самиот нареди.
Тогаш по промисла Божја заврна силен дожд и народот се разотиде. Штом престана дождот, браќата го изнесоа телото од црквата и чесно го погребаа во пештерата.
Во моментот на преставувањето на светителот, кнезот Свајтослав се наоѓал недалеку од Печерскиот манастир. Тогаш тој над манастирот видел огнен столб, и сфатил дека се преставил преподобниот Теодосиј, па им рекол на присутните:
- Ве уверувам дека преподобниот денес се преставил. Вчера бев кај него и видов дека е тешко болен.
Кога дозна дека навистина се преставил, многу плачеше за него.
По молитвите на блажениот Теодосиј таа година сите манастирски добра многу се умножија. По нивите имаше изобилен род, а меѓу добитокот приплод како никогаш порано. Тогаш браќата се сеќаваа на ветувањето на својот свет отец, и Го прославија Бога што нивниот учител и наставник се удостои на таква благодат Божја.
Во тоа време кнезот Свјатослав многу се налути на еден болјарин. Многумина зборуваа дека кнезот ќе го испрати на заточение, Тој болјарин усрдо се молеше на Бога, и го призиваше светиот Теодосиј, говорејќи:
- Знам, оче, дека си свет. Еве, јас сум во неволја, затоа побрзај и моли Го Небесниот Господар да ме избави од неа.
Кога болјаринот заспа, му се јави преподобниот Теодосиј и му рече:
- Зошто си толку тажен? Зарем мислиш дека заминав од вас? Иако се одвоив од телото, со духот сум постојано со вас. Утре кнезот ќе те повика смирено, и повторно ќе ти го врати претходниот чин.
Кога се разбуди, болјаринот на јаве го виде преподобниот како излегува од собата. И се случи како што му прорече светителот. Од тогаш болјаринот уште повеќе го засака светителовиот Печерски манастир.
Еден човек, подготвувајќи се за пат, во манастирот на преподобниот Теодосиј донесе ковчеже полно со сребро, и го предаде на чување на својот познаник, црноризецот Конон. Сведок на тоа беше еден брат по име Николај. Поттикнат од ѓаволот, Николај го украде ковчежето и го сокри. Кога Конон не го најде ковчежето во својата ќелија, започна со солзи да се моли на Бога, призивајќи го на помош преподобниот Теодосиј. Потоа задрема малку, и во сонот му се јави преподобниот, и му рече:
- Среброто поради кое што си тажен го зеде црноризецот Николај поттикнат од ѓаволот, и го сокри во пештерата. Оди без да кажеш никому, и земи го.
Кога се разбуди, монахот запали свеќа, па многу радосен отиде и го пронајде ковчежето.
Се случи и следното:
Еден клирик на големата соборна киевска црква „Света Софија“ тешко се разболе. Имаше многу висока температура. Кога малку се освести, тој Го молеше Бога и преподобниот Теодосиј да му ги олеснат маките. И така едвај заспа. Во сонот го виде преподобниот Теодосиј, кој, давајќи му го својот стап, му рече:
- Земи го, и оди со него.
Штом се разбуди, болниот почувствува дека болеста исчезнува од неговото тело. Кога оздраве, тој отиде во Печерскиот манастир, и им раскажа на браќата како се исцели по молитвите на преподобниот Теодосиј.
За време на своето игуменство во Печерскиот манастир, преподобниот Теодосиј востанови во текот на Светата Четириесетница на Великиот Пост, во петокот од првата седмица, на браќата кои како добри подвижници се потрудиле во воздржанието, на трпезата да им се принесе чист леб со мед. Тоа правило го исполнуваше и блажениот Стефан. Кога по него игуменството го прими блажениот Никон, исто така нареди да се постапи така, но келарот не го послуша, под изговор дека нема брашно за таков леб. Но, Бог не дозволи да се прекине обичајот од свети Теодосиј, па по Светата Литургија неочекувано однекаде им донесоа полна кола чист леб. Тогаш браќата Го прославија Бога и Неговиот угодник, кој не ги остави и по заминувањето од овој живот. Воопшто браќата го прославуваа својот отец и наставник, кој заради доброто на монасите ги исполнуваше своите ветувања, постојано му помагаше на манастирот, помош, која со своите богоугодни дела стекна право да ја измолува од Господа. Помагани од светите многумоќни молитви на праведниот преподобен Теодосиј, да се удостоиме и ние да го добиеме дарот Божји: живот вечен во нашиот Господ Исус Христос, славениот со Бога Отецот и Светиот Дух во сите векови, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АХМЕД
Ахмед живееше во Цариград. Тој имаше робинка Русинка. Со негова дозвола таа како христијанка одеше во црква на празниците. Кога се враќаше од црквата, Ахмед чувствуваше прекрасен мирис, кој се излеваше од неа. Тој ја праша што јаде во црквата, та така мириса. Таа му рече дека јаде нафора и пие света вода, агиазма. Тогаш Ахмед повика еден свештеник од Великата Црква и го замоли да му обезбеди место во црквата, каде би можел да стои за време на службата кога Патријархот ќе служи за празникот, и да го извести за тоа. Свештеникот постапи според ахмедовата молба. Во одредениот ден Ахмед појде во црквата. И кога во текот на Светата Литургија Патријархот го благословуваше народот, Ахмед виде како од тросвеќникот и патријарховите прсти избиваат зраци и паѓаат врз главите на сите присутни христијани, само не врз неговата глава.
Кога го виде ова чудо, по Светата Литургија Ахмед го повика свештеникот и веднаш се крсти и стана христијанин.
Но, еднаш на еден собир угледни луѓе расправаа околу прашањето за тоа кој е најголем, и што е најголемо на овој свет. И кога го прашаа Ахмед што мисли за тоа, тој громогласно изјави:
- Најголемото нешто во светот е христијанската вера.
Потоа бестрашно објави дека е христијанин, и ги изложи главните вистини на христијанскиот домострој за спасението на човекот и светот, извршено од Богочовекот Христос. Поради тоа му ја отсекоа главата. Така Ахмед маченички пострада за Господ Христос, и за себе стекна маченички венец.
Свети Ахмед пострада во Цариград, на 3 мај во 1682 година.
ПРЕНОС НА МОШТИТЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ЛУКА ЕЛАДСКИ
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЕСЕТ И СЕДУМ МАЧЕНИЦИ
Се упокоија за Господа Христа, изгорени во оган.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ИКУМЕНИЈ епископ Трикалски
Овој мудар и учен преведувач на Светото Писмо живееше во десеттиот век и беше епископ во градот Трикала во Тесалија. Неговиот спомен особено се почитува во трикалската епархија во Грција, а неговите богомудри преводи ги читаат сите Православни.