17 Мај  (4 Мај)

СТРАДАЊЕ НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ПЕЛАГИЈА ТАРСИСКА

За време на гонењето на христијаните од страна на нечестивиот римски цар Диоклецијан, многумина бегаа во планините, но меѓу нив имаше и луѓе со силна вера, кои повеќе се плашеа од Бога отколку од луѓето, па останаа во светите цркви, молејќи се на Господа да ги поткрепи на подвиг, и да ги стори непобедливи. Во тоа време во киликијскиот град Тарс епископ беше Клинон. Тој многу незнабошци приведе кон вистинскиот Бог и ги крсти. Како добар пастир, присоединувајќи ги кон Христовото стадо, тој секого од нив со духовни поуки го воодушевуваше јуначки да се држи, и душата своја да ја положи за својот Господ Христос, со цврста надеж дека од Него ќе го добие венецот на победата во Небесното Царство.

Царот Диоклецијан, кој во тоа време се наоѓаше во Тарс, штом слушна за славниот епископ Клинон, нареди веднаш да го фатат. Притоа издаде заповед да се затвори градската капија, за да не побегне. Но, епископот уште пред наредбата, известен од Бога со откровение, тајно го напушти градот. Заедно со другите христијани, тој се криеше по горите и пустините, па не можејќи да го пронајде, царот својата јарост ја насочи кон приведените кон Христа, и многу новокрстени фрли во темница.

Во тоа време во градот Тарс живееше една девица на име Пелагија, од знаменит род, позната по богатството и убавината, заедно со тоа целомудрена и исполнета со страв Божји. Кога Пелагија слушна од христијаните за Христа Исуса, Синот Божји, во нејзиното срце се распламти њубов кон Него, поверува во Него, и ѝе завети да не стапува во брак, туку со своето чедно девство да се сврши за небесниот бесмртен Женик. Таа чезнееше за свето крштение и беше тажна оти епископот побегнал од градот. Нејзината мајка беше незнабошка, идолопоклонка, па Пелагија ја криеше од неа и својата вера во Христа, и својата намера.

Во тоа време царевиот син слушна за необичната убавина на Пелагија, и кога ја виде, кај неа испрати угледни луѓе да  соопштат дека сака да се ожени со неа. На тоа многу се израдува нејзината мајка, но блажената девица се прекрсти, и без страв одговори:

- Јас веќе се свршив за Синот Божји, Царот бесмртен.

Со таквиот одговор на Пелагија пратениците се вратија кај царскиот син. Тој се разбесни и намисли да ѝ се освети, но не веднаш, зашто се надеваше дека таа ќе се предомисли. Но, Пелагија изрази желба пред својата мајка дека сака да ја посети својата дадилка, која живееше недалеку од градот на еден имот. Всушност, Пелагија сакаше да го пронајде христијанскиот епископ, за кого од некои христијани беше слушнала во кое место се крие. А пак нејзината мајка одлучно одби, говорејќи:

- Чедо, во никој случај нема да одиш таму. Ќе појдеш во друга прилика.

На тажната Пелагија наредната ноќ ѝ се јави Господ во обличје на епископот Клинон, молчејќи. Девицата се восхитуваше на видението, зашто лицето на Јавениот блескаше со силна светлина и имаше прекрасна облека. Кога се разбуди, таа кришум ги испрати своите евнуси во темницата кај затворените христијани, за да се распрашаат како изгледа нивниот епископ. Додека и го опишуваа, таа сфати дека во сонот го видела епископот Клинон, па радосно започна да се моли на Бога вака:

- Удостој ме, Господи, да го видам Твојот слуга, и не лишувај ме од Твоите Свети Тајни!

Потоа повторно ја замоли својата мајка да ја пушти кај дадилката. Иако не сакаше, мајката им нареди на слугите да ја одведат облечена во царска порфира, и украсена со златни накити и драгоцени камења. И Пелагија радосна тргна на пат, опкружена со мноштво слуги.

Кога приближија до една шумовита гора, еден од слугите, по име Лонгин, здогледа еден чесен маж, кој се симнуваше од гората. Тоа беше епископот Клинон, кој по промисла Божја ги сретна патниците. Лонгин, потаен христијанин, го препозна епископот и му рече на другиот слуга, исто така потаен христијанин:

- Брате Јулијане, го познаваш ли човекот пред нас? Тој е човекот Божји - епископот Клинон, кој е славен низ целиот Исток по своите чудеса. Царот долго го бара, но не може да го пронајде, па затоа ги гони христијаните.

Нивниот разговор го слушнаа двајцата евнуси, кои Пелагија ги испрати во темницата да се распрашаат за изгледот на епископот, и веднаш ја известија Пелагија. Таа ја запре колата и се упати кон човекот Божји, па го поздрави и рече:

- Радувај се, служителу Христов!

Епископот и одговори:

- Мирот на мојот Христос нека биде со тебе, девице.

Пелагија продолжи:

- Благословен е Бог, Кој во видение ми го покажа твоето лице, и те испрати кај мене за да ја спасиш мојата душа. Сега те молам, кажи ми, ти ли си епископот Клинон?

Клинон ѝ одговори:

- Јас сум пастир на словесните овци Христови, кои се надеваат на живот вечен.

Тогаш Пелагија го праша:

- Што им наредуваш да прават за да добијат живот вечен?

Епископот и одоговори:

- Ги учам на познание на Отецот и Синот и Светиот Дух, ги упатувам во богоугодниот живот, во стравот Божји, и во љубовта Христова.

На тоа Пелагија му рече:

- Кажи ми, оче мој, што најпрвин треба да направи оној што сака да се соедини со твојот Бог?

Епископот ѝ одговори:

- Треба да се крсти за отпуштање на гревовите и за живот вечен, зашто ништо не е попотребно од тоа.

Тогаш Пелагија падна пред неговите нозе, и го молеше, говорејќи:

- Смилувај се на мене, владико, и дај ми го тој дар. Откако започна да разговараш со мене, светлината Божја заблеска во моето срце, и јас се одрекувам од сатаната и го молам небесниот Бог, мене недостојната, да ме сврши со Синот Свој, Кој го просвети моето срце, зашто Он е сонце на правдата. Епископот се восхитуваше на нејзината голема љубов кон Бога, па ги крена рацете кон небото и започна да се моли, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, Ти Кој живееш на небесата и си ја призвал оваа девица кон познанието Твое, испрати и го светото крштение на Твојот возљубен Син. Додека светителот се молеше, од земјата бликна извор на жива вода. Епископот Му благодареше на Бога, говорејќи:

- Велик си, Боже наш, зашто на синовите човечки си им го дал во наследство крштението во живот вечен. И сега, Господи Срцевидецу, Ги го знаеш смирението на слугата Твој, и гледаш дека се срамам да ја крстам оваа девица. Затоа, Семоќен, уреди сè по промислата Своја и поучи ме што да правам. Тогаш ЦПелагија му рече: - Господине и оче, услишана е молитвата твоја, зашто гледам две блескави момчиња, кои стојат крај изворот и држат покривка бела како снег. Затоа можеш да ме крстиш без да се смутуваш.

Благодарејќи Му на Бога, епископот пристапи до изворот и здогледа два ангела Божји, кои, како што рече Пелагија, држеа покривка бела како снег, за со неа да го покријат телото на девојката. Потоа, осветувајќи ја водата, епископот изговори ваква молитва:

- Царе на сите твари, Ти чиниш духовите да ти бидат Ангели, и огнениот пламен да ти е слуга. Удостој ме, девицата што си ја испратил кај мене да Ти ја принесам на жртва жива, и сврсти ја во избраните Твои, за во денот на Царството Твое, и таа со петте мудри девојки да влезе во дворовите на твојот Христос, со запалени светилници.

Довршувајќи ја молитвата, епископот ја крсти блажената девица Пелагија во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и ја причести со честица од Телото Христово, што ја носеше со себе. Потоа светата девица му се поклони, и му ги целиваше нозете, говорејќи:

- Господине мој, блажени оче, моли Го Бога за мене, да ме поткрепи со Духот Свој Свет.

Епископот ѝ одговори:

- Бог, на Кого си му се предала, нека ти испрати помош од своето свето живеалиште, и нека ти подари победа над непријателите.

Исполнета со преголема радост од Духот Свети, Пелагија му рече на епсикопот:

- Оче, те молам, немој да ја презреш мојата молба. Те молам, земи, и продај го земниот гнилежен порфир и таштините накити, зашто преку твоите раце примив негнилежни од Небесниот Цар. Затоа, те молам, продај ги, и парите дај ги на неволните.

Епископот ѝ одговори:

- Иако не ми доликува да ги земам овие работи, сепак, ќе ги земам за да не те навредам, бидејќи ме молиш призивајќи Го Бога.

На тоа Пелагија му рече:

- Сум слушнала дека нашиот Господ во Светото Евангелие вели: „Никој не може да им служи на двајца господари; не можете да им служите и на Бога и на мамонот“ (Матеј 6, 24). Затоа и јас сакам да Му служам на едниот Бог, и го отфрлам мамонот.

Епископот се восхити од разумот на света Пелагија, па откако Му се помоли на Бога за неа, ја благослови и си замина.

Радувајќи се во Духот Свети, света Пелагија Му благодареше на Бога што ја удостои да ги прими небесните дарови. Кога се врати кај своите слуги, ги затекна со помрачени очи под дејство на ѓаволот, та не гледаа ништо и не знаеја каде треба да одат. Таа сфати што им се случило, ги осени со крсниот знак, и тие прогледаа како порано. Слугите ја прашаа:

- Госпоѓо, каде е човекот со кого разговараше? Ние видовме како меѓу вас стои пресветла жена со две круни на главата, а над круната блескаше крст“.

Света Пелагија ги поучи слугите во верата на нашиот Господ Исус Христос, а тие ѝ говореа:

- Како да не веруваме, госпоѓо наша, во Оној Кој по нашата смрт ќе не избави од вечните маки, и може да ни дарува живот вечен на небото!

Светителката се радуваше на нивното обраќање, и ги советуваше веднаш да се крстат. Потоа го продолжи патот кон својата дадилка.

Кога ја виде, дадилката многу се зачуди на нејзината скромна облека, без накит, и веднаш забележа голема промена во нејзиното однесување. Порано беше горда и надмена, а сега смирена и кротка; порано беше многуговорлива, а сега молчалива; порано сакаше да се храни со најразлични јадења, а сега живее во пост и воздржание и јаде многу малку; порано ги минуваше деновите во уживања, ноќите во спиење на мека постела, а сега веќе трети ден минува во молитва, спие на тврда постела, и ноќе станува на молитва.

По овие признаци дадилката препозна дека Пелагија ја примила христијанската вера и започна да ѝ зборува:

- Моја сакана ќерко, како што претходно со својата убавина го восхитуваше царскиот син и сите што ќе те сретнеа, така и сега, погрижи се со убавината на својата душа да Му се допаднеш на Синот Божји, Царот вечен, за Кого си се заветила кога си поверувала во вистинскиот небесен Бог. Он нека те поткрепи во подвигот на страдањето за Него. Нека ти даде победа над непријателите, и нека те овенча со венец на слава, во славата Своја! Сега, ќерко моја, што побрзо оди си со мир, зашто се плашам од гневот на царевиот син, кој те смета за своја свршеница. Немој да мислиш дека се плашам за себе, зашто кога би пострадала со тебе, би добила и награда од Бога со тебе. Но, јас се грижам за своето семејство. Кога ќе дознае царскиот син дека си христијанка, и дека си кај мене, веднаш ќе не погуби сите.

Света Пелагија смирено ја наведна главата и се врати кај својата мајка. Кога мајката ја виде во проста облека, се запрепасти и се смути. Еден од слугите кришум и раскажа се што се случи по патот, па таа премре од тага и долго лежеше во постелата како мртва. Кога си дојде на себе, без да ѝ каже на ќерка си, отрча кај царот и го замоли да ѝ испрати војници да го пронајдат и фатат христијанскиот епископ, кој ја прелагал нејзината ќерка, и да го доведат на суд. Царот ѝ даде многу војници. За тоа време, блажената Пелагија, гледајќи ја својата мајка многу разјарена, заедно со своите евнуси и слуги кои поверуваа во Христа ја премина реката Кидна, и се сокри. Кога дојде мајката со војниците, не ја затекна Пелагија дома, па уште поразбеснета ги испрати војниците да ги бараат на сите страни, Пелагија и епископот Клинон. Седејќи крај реката, света Пелагија виде дека војниците ја бараат, но тие не можеа да ја забележат. Тогаш таа им рече на своите слуги:

- Гледате ли како нашиот Господ ги љуби и покрива слугите, кои што се надеваат во Него?

По напорното и залудно трагање, војниците се вратија без Пелагија и без епископот, и нејзината мајка падна во најцрна тага и мака, та едвај остана жива од неизмерната жалост.

На совет од Светиот Дух, и од преголема њубов спрема Господа, света Пелагија отиде кај мајка си, и започна да ѝ зборува:

- Мајко, зошто залудно се гневиш? Зошто не сакаш да ја спознаеш вистината? Зарем не ти беше срам да повикаш војници, за да го пронајдат светиот епископ, кој Го исповеда Семоќниот Бог? Зарем не се срамиш да водиш војна со небесниот Бог? Не знаеш ли дека Неговиот слуга, епископот, може да Го умоли да му испрати ангел Свој, кој за миг би ја уништил целата војска на царот?

Така света Пелагија ја советуваше својата мајка, но таа беше заслепена со безумие и сурова злоба. Таа му испрати на царскиот син ваква вест:

„Твојата свршеница Му се посвети на христијанскиот Бог“,

Од голема жалост и тага, царскиот син падна во очајание. Тој се присети дека неговиот татко усмрти многу христијани со страшни маки, но ниту еден не успеа да привлече на своја страна. Седејќи во својот дворец така смутен и дотолчен, тој си велеше на себе:

„Ако Пелагија поверувала во христијанскиот Бог и Му се заветила, сигурно за ништо на светот нема да отстапи од Него и да ми стане жена. О, што да правам? Дали да ја подложам на маки? Но, со тоа нема да постигнам ништо, оти знам дека христијаните доброволно страдаат за својот Бог. Така ќе постапи и Пелагија. Попрво ќе сака да умре, отколку да стане моја жена. Ќе бидам за потсмев на христијаните и ќе тагувам по нејзината смрт, оти неизмерно ја сакам. Но, знам што ќе направам! За да не ги гледам нејзините маки, ќе се самоубијам.

Младиот царски син го стави остриот меч на своите гради, и низ солзи рече:

- Проклет да е часот кога моите очи ја здогледаа убавината на која не можам да се наситам. Но, еве, сега ќе се ослободам од сите маки.

И го зари мечот во своите гради, падна врз него и умре.

Кога дозна за ваквата смрт на царскиот син, мајката на Пелагија се преплаши од сознанието дека Диоклецијан сега за да се одмазди ќе го погуби целото нејзино семејство. Затоа, таа ја врза својата ќерка и ја одведе кај царот, обвинувајќи ја за смртта на неговиот син, и предавајќи ја на смрт. Погледнувајќи ги, Диоклецијан со огромна тага рече:

- Што сте сториле? Сте ми го убиле синот!

Мајката рече:

- Еве, царе, Јас ти ја доведов виновничката за смртта на твојот син. Казни ја и одмазди се.

Кога ја виде неискажливата убавина на Пелагија, убавина каква што дотогаш немаше видено, на Диоклецијан му дојде друга мисла. Тој веќе не размислуваше за одмазда, туку како да ја задоволи својата нечиста страст спрема Пелагија. Размислуваше како да ја земе за жена, па веднаш нареди да ѝ стават пред нозете многу злато и скапоцени камења, сакајќи да ја прелести Христовата невеста, а на нејзината мајка ѝ даде сто таланти и ја отпушти. Таа радосна се врати дома, а света Пелагија остана во царската палата, опкружена и служена од дворјанките.

Утредента царот нареди светата девица со почести да ја изведат пред него, а тој седеше на престолот во блесокот свој, со целиот сенат. Го опкружуваа и мноштво војници. Пред големиот собир тој и се обрати на светата девица со овие зборови:

- Имам само една молба до тебе, Пелагија. Одречи се од Христос, па ќе те земам за жена и ќе бидеш прва на мојот дворец. Ќе ти ставам царска круна, и заедно со мене ќе владееш со целото мое царство. А синот што ќе го имам со тебе, ќе седне на престолот по мене, и ќе царува со светот.

Исполнета со божествена ревност, света Пелагија бестрашно му одговори на царот:

- Зарем си полудел, царе, та така зборуваш? Знај дека јас нема да ја исполнам твојата желба, зашто за Женик го имам небесниот Цар Христос. Не ја сакам ни твојата царска ништовна и краткотрајна круна, зашто во мојот Господ во Царството Небесно ми се приготвени три круни: една за верата, зашто со цело срце поверував во вистинскиот Бог; втора за чистотата, зашто го заветив своето девство; и трета за мачеништвото, зашто сакам да страдам за Него и душата да ја положам од љубов кон Него.

Диоклецијан многу се разгневи и нареди да вжештат железен вол, сакајќи да ја заплаши. Откако беше сторено тоа, и по многу наговарања, ласкања и закани, царот нареди да ја соблечат. Тогаш светата девица силно повика:

- Царе, подобро би било да се сетиш на своите жени и наложници, зашто јас имам исто тело како нив.

Потоа брзо се прекрсти, го соблече фустанот од себе, му го фрли на царот в лице, и застана гола пред очите на ангелите и луѓето, блескајќи со девствен срам како со царска порфира, и му се обрати на царот:

- Ти си змијата што ја прелага Ева, и го наговори Каин да го убие Авел. Ти си ѓаволот кој измоли во Бога допуштање да го искушува праведниот Јов. Но, непријателу Христов, ти наскоро ќе загинеш заедно со твоите истомисленици.

Пелагија повторно се прекрсти, тргна кон вжештениот вол, се фати за него, и веднаш нејзините чесни раце се стопија како восок. Но, таа, како да не чувствуваше болка, ја провлече својата глава низ отворот, и влезе во вжештениот вол, славејќи Го Бога и велејќи:

- Ти благодарам, Господи, што ме крепиш во овој подвиг, И ми помогна да го победам ѓаволот и неговите лукавства. На Тебе, и на беспочетниот Твој Отец со Светиот Дух, нека Ти е слава и поклонение за навек.

Света Пелагија го рече тоа, ја предаде својата света душа во рацете на Пречистиот и Бесмртен Женик свој, и влезе во небесните дворови со ликување и пеење на ангелските сили. А нејзиното чесно тело се растопи во металниот вол како масло, се разли како миризливо миро, и целиот град се исполни со неискажлив мирис. Нечестивиот цар нареди нејзините чесни коски да се исфрлат надвор од градот. Ги однесоа во гората Линатон. Тогаш дојдоа од пустината четири лава, и седеа околу коските, чувајќи ги од другите ѕверови и од грабливите птици.

Со откровение од Бога, блажениот епископ Клинон дозна за смртта на света Пелагија, и за местото каде што се наоѓаат нејзините коски. Тој тргна и ги најде нејзините чесни коски, и лавовите како седат околу нив. Кога го здогледаа човекот Божји, лавовите му пристапија, и откако му се поклонија, се вратија во пустината. А епископот ги зеде коските на светата маченица, ги однесе на нај високиот врв на таа гора и ги погреба под еден камен. Подоцна, за време на царувањето на Константин Велики, кога благочестието заблеска насекаде, тој изгради црква над чесните мошти на невестата Христова. Епископот Клинон на надгробниот камен напиша: „Светата девица Пелагија, која Му се посвети на Бога, и до крај се бореше за вистината, почива овде со моштите свои, а душата и царува на небото со ангелите, во славата Христова.

Така светата маченица Пелагија го заврши својот подвиг за нашиот Господ Исус Христос, Кому слава со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СИЛУАН епископ во Газа и со него четириесет маченици

Светиот свештеномаченик Силуан се роди во околината на Газа, и најпрвин беше војник. Подоцна заради верата Христова стана војник на Небесниот Цар Христос и се удостои на благодатта на свештенството. Најпрвин беше посветен за презвитер, а потоа за епископ. Стоејќи на чело на Христовата Црква, тој со своите поуки обрати многу незнабошци кон вистинскиот Бог. Потоа ревносните идолопоклоници го фатија и го одведоа на суд во Кесарија. Овде најпрвин жестокот го тепаа, потоа го обесија и му го стругаа телото. Најпосле го осудија да работи во рудниците за бакар. Работејќи таму, светиот потполно изнемоште, но непрекинато Го исповедаше Христа за Бог. Затоа незнабошците му ја отсекоа главата со меч, во 311-та година. Заедно со него обезглавија и четириесет други маченици, кои свети Силуан ги беше привел во Христовата вера.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АЛВИАН ЕПИСКОПОТ и неговиот ученик

Светиот свештеномаченик Алвиан пострада во времето на царот Максимијан, кога Асија се наоѓаше под управата на Елиан. Свети Алвиан беш фатен додека еден незнабожечки жрец по име Агрипин вршеше жртвопринесување на идолите. Светиот епископ започнаа да го принудуваат да им принесе жртви на идолите и на жртвеникот да стави темјан, но тој на тоа достоинствено одговори:

- Јас и оддавам пофалба на Христовата вера, и го осудувам служењето на идолите.

Затоа најпрвин со вжештени железни стапови му ги печеа стомакот и колената, па потоа започнаа немилосрдно да го тепаат со мотки. Но и при таквите маки светителот не се одрече од Христос и не им принесе жртва на идолите. Така постапи и неговиот ученик, кого го мачеа заедно со него. Потоа свети Алвиан го осудија да биде изгорен. Затоа вжештија една печка и во неа го фрлија светителот заедно со неговиот ученик. Така светите маченици Алвиан и неговиот ученик се упокоија во 304-та година.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИЛАРИЈ ЧУДОТВОРЕЦОТ

Од младоста го зеде благиот јарем Христов на подвижништвото, потчинувајќи ги телесните страсти на духот. Затоа Бог го збогати со богати благодатни дарови и чудотворство, и тој исцели многу душевно и телесно болни. Потоа се затвори во една мала и тесна колиба и живееше во молитвено тихување. Се удостои на свештеничкиот чин, и продолжи со подвизите, чудотворејќи.

Мирно се упокои во Господа (не се знае точно кога).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕРАЗМО

Блажениот Еразмо уште од млади години го засака Христа, ревносно исполнувајќи ги Неговите заповеди, и беше поставен за епископ на градот Формија. Кога незнабожниот цар Диоклецијан подложувајќи ги на мачења христијаните створи немири меѓу градските жители на своето царство, свети Еразмо го напушти својот град и побегна во Ливанската гора, каде помина седум години криејќи се од гонителите. Еднаш тој слушна глас на Ангел од небото, кој му говореше: „Еразмо, оној што спие не може да ги победи непријателите“.

По овие зборови, Еразмо тргна по посочениот пат. Попат го сретнаа војници и го прашаа:

- Каков бог почитуваш?

Свети Еразмо изјави дека е христијанин. Тогаш војниците го фатија и го одведоа во Антиохија, кај царот Диоклецијан. По патот светителот отворено ја исповедаше својата вера во Христа. Царот нареди да го убијат со мотки. Свети Еразмо го изобличи царот, и тој нареди да го тепаат со оловни стапови, но бидејќи светителот и по тоа остана непоколеблив во својата вера, мачителот нареди да го подвргнат на нови мачења: со железни четки му ја истругаа кожата од целото тело, потоа растопија смола и сулфур, и со таа врела смеса му ги залеваа раните. Но, тој од тоа не почувствува никаква болка. Потоа мачителот нареди да му стават тешки железни окови околу вратот, па го затворија во темница. Но, ангел Господов ја отвори вратата од темницата, го ослободи од оковите, и му рече:

- Ајде со мене! Јас ќе те одведам во Италија, и ти таму ќе приведеш многу луѓе кон спасението.

И Ангелот го одведе свети Еразмо во градот Ликија? и го остави таму. Свети Еразмо започна да им ја проповеда верата Христова на сите, и да крштева. При тоа, тој правеше големи чудеса. Меѓу останатото, тој го воскресна синот на еден угледен човек, по име Анастасиј, и потоа крсти десет илјади души. Максимијан дозна за тоа и испрати војници да го доведат во Италија. Кога го доведоа светителот, Максимијан нареди да го тепаат по образите, и му се закануваше дека ќе го распне на крст ако не им принесе . жртва на идолопоклоничките богови. Потоа Еразмо го праша:

- А каде се наоѓаат твоите богови, за да им принесам жртва?

Веднаш светиот епископ го одведоа во Јупитеровиот храм. Таму тој се помоли на Бога, и по неговите молитви испопаѓаа сите идоли и од храмот пламна оган и ги изгоре идолопоклониците. Потоа свети Еразмо крсти многу народ овде, па отиде во градот Сирмија!. Во тој град, по наредба на Максимијан, тој повторно беше фатен и подложен на нови мачења. Му навлекоа метален оклоп и го положија на вжештен железен одар, а нозете му ги приковаа со клинци за земјата. Потоа го оградија одарот со дрва, ги запалија дрвата, и ги полеваа со смола и масло. Дрвата изгореа, но светителот остана неповреден. Максимијан се исплаши од народот и отиде во дворецот, а ангел Господов го зеде светителот и го одведе во градот Формија, каде тој крсти уште многу народ. По сето тоа, свети Еразмо со благодарствена молитва за се, ја предаде својата душа во рацете Божји, и христијаните чесно го погребаа.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИКИФОР

Преподобниот Никифор живееше во времето на иконоборството како благочестив православен монах, најпрвин во самотија, а потоа како игумен на Мидикискиот манастир, близу гората Олимп, во Мала Азија. За време на неговото игуменство, послушник му беше преподобниот Никита Исповедник. За време на второто гонење против православните од страна на иконоборците (во времето на царот Лав В Ерменин 813-820 г.) и преподобниот Никифор беше прогонет заради благочестивото почитување на светите икони. Се упокои во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ АТАНАСИЈ епископ Коринтски

Поживеа доблесно и се упокои во Господа во 937 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НИКИФОР СВЕТОГОРЕЦ

Најпрвин беше римокатолик, па потоа премина во Православието. Се подвизуваше како монах во Света Гора, со мудриот Теолипт. Беше учител на славниот Григориј Палама и напиша дело за умната молитва. Мирно се престави во Господа во четиринаесеттиот век. Тој учеше: „Собери го својот ум, принуди го да влезе во срцето, и таму да остане. Кога твојот ум ќе се утврди во срцето, не треба да стои празен, туку непрестајно да се моли: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме! И никогаш да не замолкне, Преку тоа, во тебе ќе се всели низа од доблести: љубов, радост, мир, и останатите, заради кои потоа секоја твоја прозба во Бога ќе биде исполнета“.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ АФРОДИСИЈ, АНТОНИН, МЕЛУС, ВАЛЕРИЈАН, МАКРОВИЈ, и останатите со нив

 Сите биле мачени за Христа во Скитопол, и така го завршиле овоземниот живот.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НИКИТА, КИРИЛ, НИКИФОР, КЛИМЕНТ И ИСАК

Тие се сродници на познатиот Новгородски војвода Јаков Алфана. Го основале Соколницкиот манастир во 1389-та година. Нивните свети мошти се пренесени од Соколницкиот во Новгородскиот Антониев манастир во 1775-та година, каде и сега почиваат.

СПОМЕН НА ПРЕНОСОТ НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН ЛАЗАР ЧЕТВОРОДНЕВНИОТ и неговата сестра, светата жена мироносица МАРИЈА, во времето на царот Лав Мудриот, во 890-та година